Илјадата синови - Полиграматон

Илјадата синови

Само слабите и кусоумните ѝ потклекнуваат на судбината наместо да загосподарат со неа. Вака тврдат маѓепсниците на Илјадата синови. Овие ластари на киклопејскиот примарх, Магнус Црвени, се егоистични воени магови. Потчинуваат незауздани чинки и нечестиви маѓепсништва под своја волја, ја искривуваат судбината, и трансмутираат сѐ пред себе во разматени бранови на промена.

Восприемања се извитоперуваат во ненависни привиди онаму кај што Илјадата синови газат. По нивна заповед, плотта на душманот мутира во неосветени облици. Онаму кај што нивните осудени непријатели ќе се зберат во банален отпор, Илјадата синови отпуштаат изобличувачки пламен и маѓепсничко огнено оружје трлајќи ги одбрамбените препреки. Содеруваат умови со емпирејско лудило и ги извлекуваат шепотливите тептавења на демони со забранети обреди.

Бројот на маѓепсници е мал. Под нивна заповед се строеви од шупливи воини, маѓепсничко сковани оклопи опседнати и придвижени од древни души кои испукуваат баражи од мистични секавици. Воени стада од ѕверски мутанти пискаат и гракаат нагрвалувајќи кон противниците на маѓепсниците, со дивјачки сечила спремни да удрат. Тронтави страшилишта и застрашувачки накоти тромаво се влечат крај борбени тенкови врежани со магични жигови што отпуштаат омаѓосани гранати и Демонски чарклии опседнати од раскикотени ентитети.

Со моќ да ја манипулираат стварноста кон своите зловесни замисли, лудило царува таму кај што овие ѓаволски поборници на Sинч ќе си го насочат кобниот поглед.

Легијата на Sинч

За Sинч се вели дека е Хаосниот бог на маѓепсништвото, судбината и претскажението, измамништвото и манипулацијата, и постојаната промена. Тој е патрон бог на оние кои трагаат по знаење по секоја цена. Тие се обожувани од оние кои копнеат по моќ за преиначување на суштествената состојба на сѐ околу нив, оние кои сакаат да повелаат или да се здобијат со опасните дарови на психерите, и оние кои се закренале да заговараат и сплеткарат да би си ја промениле сопствената судбина - или онаа на нивните непријатели. Sинч е познат и како Променителот на теченија и Великиот маѓепсник и е обожуван под небројни други имиња од оние кои никогаш не можат да ја дознаат вистинската природа на битието на кое му принесуваат жртви.


Од сите смртни склавје на Sинч, Илјадата синови се најмилите слуги. Тие се извитоперено братство на трансчовечки маѓепсници и душоврзани аветни воини, целосно потопени во испоганети чинки. Една од првичните предавнички легии кои се свртија против човештвото пред десет милениуми, Илјадата синови си го хранат ламтежот по езотерична моќ и одмазда со плетење уништувачки сплетки на емпирејски потхрането вештерство.

Илјадата синови на времето беа легија од верни Вселенски маринци уважени меѓу највеликите бранители на човештвото. Создадени преку мистичната генетска наука на Императорот, беа вдахнати со неверојатна моќ и издигнати над обичната раја од мажи и жени за коишто се бореа. Искалени во полубогови со трансчовечка сила, беа опремени со најсилните оружја и оклопи на човештвото, и поставени да ја обезбедат судбината на човечкиот род помеѓу ѕвездите. Меѓутоа, многуте благодати кои Императорот им ги подари им развалија потреба да ги разоткријат тајните на уште повеќе. Си ги одвратија лицата од Императорот и тргнаа по својот примарх, Магнус Црвени, по пат на предавство.

Оттогаш, Илјадата синови се постанати небаре пакоснички урок врз галаксијата и се меѓу најголемите закани за Човечкиот империум. Иако наследството на древно предавство, мутација и врло маѓепсништво направило да смртните воини на Илјадата синови се малку на број во споредба со останатите предавнички легии, оние кои преживеале поседуваат неверојатна психичка моќ вкалемена со генетско појачаниот унер на нивната прадедовина како Вселенски маринци. Како и сите врховни манипулатори, психерите на легијата си имаат свои покорни пиуни. На нивна заповед маршираат оние кои останале од другите воини на легијата. Проколнати од стравотна магија пред илјадници години, Типикарските маринци и Истребувачи на Окултниот скарабеј постојат како рунонагиздени оклопи придвижени од заробените души на бојните побратими на маѓепсниците. Освен древни борбени тенкови вжарени со мистични жигови, маѓепсниците исто така призиваат и најразлични мутирани ѕангорски бестии чии пискоти го величаат Sинч, како и луди гротески заситени со волшебна моќ и разржани воени чарклии опседнати од демони од Изобличувањето.

Помеѓу нивната телесна и маѓепсничка моќ и врлите познавања кои ги поседуваат, Илјадата синови се гледаат како битија вон сите смртни замисли за мерка или граница. Сите чувствуваат постојана, очајна потреба да севезден си ја потхрануваат моќта, или не водејќи сметка за цената, или почесто, со веќе стокмен злоксметен склав за да би ги сносел сите последици. Веруваат дека само тие ја имаат моќта и волјата да ги разоткријат тајните на Изобличувањето, да загосподарат со демонските ентитети кои таму престојуваат и да извлечат корист од безвременските бесконечности и фрактални нишки на судбина кои тоа царство ги нуди, за употреба во нивните науми. Трагаат по разгранување на границите на нивните умови и пречекорување на синорите на постоењето. Психичките способности и непостојаната и превртлива наклонетост на Sинч, Хаосниот бог на скриено знаење и волшебна моќ, не им оставаат простор за сомнеж дека таквите синори не важат за нив. Уверени се дека какви тајни и да постојат во универзумот, се нивни со право.

Со пламенит глад за емпирејски енигми и пакоснички ритуали, трагаат по забранети преданија и проколнати артефакти со окултна значајност. Претураат низ волшебни библиотеки по мистични текстови и цедат психички практичари од нивната вонсветовна моќ. Чуварите на загадочни темници и ксеносни теќиња се распарчени до последно или трансмутирани во одвратни брда разнобојно месо пред магистерите на Илјадата синови со лесно да ги обијат сите маѓепснички закрили за да се дограбат до наградите кои ги содржат. Месности заситени со моќта на Изобличувањето, еретички томови испишани од лудите или опседнатите, и артефакти запоседнати од пакоснички ентитети, подеднакво го мамат лакомиот поглед на маѓепсничките упатеници на легијата.

И покрај сиот нивен начитан презир и езотерично честољубие, срцата на Илјадата синови се исто онолку огорчени и полни афт како и кај секој друг еретик. Моќта што ја повелаат е често свртена кон сплетки за освета врз Човечкиот империум за древните недобрини кои им биле направени. Некои од обирите и масакрите кои Илјадата синови ги приредуваат против империските светови, маѓепсниците тврдат дека се покритие за нивната справедливост. Ритуални жртвувања на екипажите на цели патролни флоти биле извршени како злоќудна отплата за вистински или замислени деликти. Други заседи, нарушувања, атентати и колежи знаат да се намерени за извитоперување на судбината и присилување на речението кон патишта кои ќе им одговараат на ластарите на Магнус. Подеднакво, многу од нападите на Илјадата синови немаат непосреден мотив. Многу се несомнено дел од лавиринтските планови на маѓепсниците кои им се недоловливи на нивните непријатели, но други се навидум толку необјасниви што се чинат небаре лудило.

Како и со многу други следбеници на Хаосниот бог Sинч, Илјадата синови се посредници на душевна и телесна промена. Мутација ги има прогонувано Илјадата синови уште од самоти нивни зачеток. Откако со радо срце се загрнаа во моќта на Sинч, многумина стигнаа да му го носат знакот во облик на некаква телесна настраност. Некои ги сметаат таквите пројави за ненависни, споменувајќи си го ужасот со којшто легијата беше гледала кон нескротливата плотна мена. Многу од овие се трудат да применат сѐ поголеми маѓепсништва за да се сурдисаат од она што го сметаат за петно или да ја пренасочат подмолната навала кон неволничави слуги, дури и како што употребата на моќта на Изобличувањето им ја заситува снагата со уште повеќе злоќудност. Други ги прифаќаат бизарните и променливи бои, изобличувања и екстремитети на мутациите како знак на мрачната наклонетост од нивното хировито божество и отворено ги ставаат на мегдан.

Планетата на маѓепсници

Првичната татковинска планета на Илјадата синови, Просперо, беше разорана и опустошена до последно во рамките на граѓанската војна спрострена низ мноштво галаксии и позната како Хорусовиот ерес. Сега, Магнус Црвени седи на престолот во растроен демоносвет на омаѓосани геометрии, волшебни вртлози и непрекинливо трансмутирачки пејсаж. Сортијариус - позната за некои од непријателите на легијата како Планетата на маѓепсници - орбитира околу ѕвездата на Просперо како близнак одменик на разораната татковинска планета. Транслоцирана во системот од пределите на Изобличувањето преку ритуал на зазорна жртва, Сортијариус превира со сирова емпирејска енергија.

Емпиреогеометриски градежи ја бранат царштината на Магнус со испреплетени магии, штитејќи ја со илузорни чарови како што ги сондираат сите што ќе пријдат, барајќи им ги слабостите. Демоносветот му служи на примархот и неговите геносинови како светилиште, маѓепсничка лабораторија, а уште и како соборно место за многу од најразорните војни на Илјадата синови. Светкавите кули на маѓепсниците - невозможно огромни подвижни феуди од растроена архитектура и искричава енергија - врват преку мутираниот пејзаж на Сортијариус, следејќи окултна парабола. Sангорски стада и безумни Хаосни накоти се пленат едни со други преку топографски одлики чиј облик или дури и постоење од миг во миг е во струјна состојба. Единствената постојана точка во ваквиот пеколен пејсаж на промена и маѓепсништво е Тиска. Некогашна престолнина на Просперо, сега овој огромен град од жилести мегалити, гаргојлообружани обелисци, пирамиди од коска и стада на демонски грозотии се издига во сведоштво на предавството на Илјадата синови.

Ритуални клики

Сам по себе, маѓепсник од Илјадата синови е смртоносен психерски велемож, чиј спој од врховен емриписки талент и сирово честољубие ги води да повелаат со ужасните моќи на Изобличувањето со господство поголемо од неговите соперници меѓу останатите предавнички легии. Нивното маѓепсништво и езотерично познавање ги прави мошне барани меѓу другите еретички бојни трупи и некои прават паразлук со своите услуги - и услугите на нивните склавоавтомати - за најразлични чудни дарови.

Меѓу склавските трупи, магистерите на Илјадата синови се уште попасни. И покрај лагите, политиканството, необузданата алчност и маѓепсничка манипулација кои понекогаш знаат да свртат маѓепсник против маѓепсник, кога ќе си ја здружат моќта, малкумина можат да им се спротивстават. Заедно, маѓепсничките клики можат да сплетат велики ритуали и сложени магии кои би биле опасно да човек се проба да ги изведе сам. Происходите на таквите ритуали може да се апокалиптички. Некои епиклези можат да отворат патека за демоните од Изобличувањето да си дограбаат пат во правопросторот. Некои вражби можат да расцепат континенти. Има призиви кои им овозможуваат на Илјадата синови да се шетаат помеѓу световите, магии кои ги искривуваат времето и судбината и уроци кои ги испогануваат реченијата на цели планети.

Ран 41 м.
Одврзана моќ

Во војната со Некронците од Нефречката династија, склавската трупа позната како Сребрените синови отпушти квартет Пеклодракони врз еден тесерактен темник. Крилатите страшилишта го распараа затворот, ослободувајќи ја К’танската деланка во него, дозволувајќи ѝ да отпочне долгогодишно дивеење низ нефречката вселена.

Одрешен хибрис

Пред десет илјади години, поради нивната надменост и гордост - не помала од оние на нивниот примарх, Магнус Црвени - Илјадата синови постанаа предавници. Она што беше било легија учени воини која се бори да ја обедини галаксијата под човештвото стана еретичка ложа маѓепсници желни за примена на забранета моќ.

Илјадата синови беа наследници на умствената и телесна јачина на нивниот примарх, но беа и наклонети кон нестабилни психички мутации. Повторното обединуваање на Магнус со неговата легија беше голем благодат за Илјадата синови. Необузданата пројава на психери меѓу нивните редови стана причина да многумина од Империумот им се плашат и ги презираат, додека некои бараа нивно целосно збришување. Дури и меѓу нивните врсници, Вселенските маринци, некои ги гледаа Илјадата синови како опасност за човештвото - цела легија од потенцијални мутанти вооружени и оклопени со империумска технологија. Со преместување на Илјадата синови на Просперо, Магнус си ги спаси синовите од чистките кои намераваа да го сурдисаат Империумот од психери. Потоа си го сврте колосалниот интелект кон подучување на генопотомците како да достигнат психичко господство, наобразувајќи ги да повелаат со огромната моќ која ја содржат во себе.

Некои од неговите маѓепснички геносинови веруваат дека во оваа рана етапа беше биднало да Магнус за првпат ја побара од Хаосните богови моќта да ги стабилизира мутациите кои му ја разјадувале легијата. Без разлика дали прагот на маѓепсништво бил преминат баш во тоа време или не, Магнус од редовите на Илјадата синови ги израни некои од најјаките библиотекари на таа епоха. Силата им беше толку голема, та човек дури и страв да го фати.

Моќите применувани од Илјадата синови не поминаа незабележани од останатите Legiones Astertes. Бојни побратими сведочеа како нивните просперски сојузници распаруваат психички челусти во небото над боиштата, од коишто секавици устрелна енергија ги разоруваа непријателските редови. Ги гледаа како разгрнуваат призматични уроци и делуваат врз основа на знаење што не требаше да е можно да го поседуваат. Вонземни воени машини беа распарчувани преку моќта на мислата, а плотта на кривоверните измачувачки беше изобличена само преку волја. Иако имаше библиотекари од многу легии кои поседуваа слична психичка сила, нивните способности беа дисциплинирани, внимателно контролирани и изострени да бидат орудија на Империумот. Безусулниот начин на којшто Илјадата синови повелаа со психичките енергии не покажуваше таква заузданост и учиноците кои го постигнуваа беа далеку позастрашувачки.

Такви моќи беа видени и на други места низ галаксијата - во мрачни места, сѐ уште непродрени од светлината на Императорот. На светови управувани од енклави на еретици кои отворено обожуваа непознати богови, воини од Големата крстоносна војна ја беа почувствувале истата одрешена психичка јарост која сега ја гледаа во делата на легијата на Магнус. Сомнежи и недоверба повторно се надвиснаа над Илјадата синови, зашто дури и меѓу другите империумски психери тие беа гледани како практичари на ненависното. Најгласни контрахенти беа костурничарскиот владар на Смртната гарда, Мортарион, и ратоборниот примарх на Вселенските волци, Лиман Рас. Во патот кој Магнус го беше избрал за својата легија, тие гледаа само испоганетост и нивното противење кон брата им се закануваше да ги растргне самите темели на новиот поредок на Императорот.

Горењето на Просперо

Императорот го испрати Лиман Рас да предводи окупаторска војска до Просперо и да го доведе Магнус пред лицето на правдата. Многу еретички трактати сложувале нападни оправданија за ваквата одлука, дела кои биле извитоперени во невозможни противречности. Какви престапи и да ја беа поттикнале срдбата на Императорот, стигна да е должност на Вселенските волци да ги окончаат. Но Рас беше измамен од Хорус, на кој му веруваше и му се восхитуваше. Додека предавството на Хорус сѐ уште беше необелоденето, Војсководецот го убеди Рас дека Императорот сака да го погуби Магнус и да му ја збрише легијата.

Кога флотата на Вселенските волци пристигна на Просперо, никој не се најде да им се спротивстави. Некои мислат дека Sинч им го затскрил приоѓањето, додека други тврдат дека светлината на Императорот било она што ги заслепило Илјадата синови наспроти нивните напаѓачи. А трети пак, велат дека Магнус го завесил далекувидниот поглед на неговите маѓепсници и ги спречил да го воочат доаѓањето на Вселенските волци, зашто, од очај, беше сфатил дека тргнал по погрешниот пат во обидите да го спаси Империумот и сега радо го канел наказот кој требало да го снајде неговиот свет. Која и да била причината, Вселенските волци успеаа безмилосно да го бомбардираат Просперо. Огнови беснееја преку површината на планетата, проголтувајќи го сето она што Магнус го беше создал, сѐ додека не остана уште само престолнината Тиска.

Најпосле, не можејќи да го поднесе неповратното уништување на своите геносинови и на сѐ што беше изградил, Киклопот од Просперо изнедри голема магија за транслокација. Со прошепотен збор на моќ, Магнус беше одвеан пред смртта да може да го зграпчи во каџите, и беше понесен низ Изобличувањето. Таму, го виде спасот кој му беше бил отмен - испулувајќи се кон самото отелотворение на маѓепсништвото. Со неодминлива крајност, Магнус Црвени си го арниса Императорот и целосно му се оддаде на Мрачниот бог Sинч. Во тој миг, она што имаше останато од Тиска и Илјадата синови исчезна од лицето на Просперо.

Кога Илјадата синови повторно беа видени, делуваа од демоносветот Сортијариус, Планетата на маѓепсници.

Тројната ложа

Девет векови се поминати откако морничавото тројство маѓепсници познати како Т’јенг, Т’јор и Т’јил го заврши последниот чекор во забранетиот обред наречен Вордрековата конјункција. Во таа ноќ на крв и ужасии, обредно ги жртвуваа сите бранители на светилиштето на Св. Басолиј, од прв до последен. Со тоа, нераскинливо си ги врзаа душите и умовите со Изобличувањето преку што си ја увеличаа гешталтната психичка јачина за триж од колку што им беше. Тивка сплотеност им овозможува на овие маѓепсници да заедно готват сплетки дури и ако се борат на далечина од светлосни години, ширејќи шашарми при што секој го присвојува името на секој друг. И за сето тоа време секој ја готви смртта на секој друг за да ја приграби моќта на тројството за себеси.

Устрелни тактики

Воздухот потпукнува од емпирејска енергија како што наближуваат Илјадата синови. Аура на полудувачки струеж зрачи од Предавничката легија, извитоперувајќи ја надежта во очај како што хаосоврзаните воини испаѓаат на боиштето од цепови во стварноста. Како што психичкото присуство сѐ повеќе им се вжарува, времето се изместува, растегнувајќи секунди во очевидни вечности и згмечувајќи минути во миговни моменти.

Единствените сидра за реалноста што остануваат пред лицето на нападот на Илјадата синови се расчуканите срца на страшливите и непрестајното лупање на Типикарските маринци додека маршираат во совршенo созвучје. Од редовите кои газат со тешки чекори, доаѓа град од адски секавици. Овие омаѓосани проектили при удар ги отпуштаат застрашувачките енергии на Иматериумот, со леснотија парајќи низ оклоп и распорувајќи месо. Дури и кога непријателот возраќа на огнот, Илјадата синови неколебливо продолжуваат да притискаат. Салви од куршуми безопасно се одбиваат од древните и накитени оклопни плочки на Типикарските маринци и избуви на енергија ветреат во изобличните полиња кои го опкружуваат секој еретички воин. Како што безживотните легионери се ближат до непријателските редови, некои отпуштаат порои од изобличувачки пламен од проекторите изнаредени со магични жигови, разградувајќи ги сите пред себе до клокотливи купишта растопени крвојни и боклук. Истребувачи на Окултниот скарабеј топорат свиени сечила укоричени во мижуркави енергетски полиња, со лесно цепејќи ги сите душмани што ќе се дрзат да им го попречат напредокот.

Масивни борбени тенкови и воени чарклии баботат крај Илјадата синови, со испоганети машински души поробени под волјата на мрачните им господари. Жили од маѓепсничка енергија им се растекуваат преку ласнатите трупови, мутирајќи метални плочи во одвратно извитоперени лица и разврескани челусти. Толчејќи ја непријателската одбрана со самата тежина на огнената моќ или под адамантните тркала, возилата потоа истоваруваат уште повеќе Типикарски маринци од превозните платформи кои немо запрусуваат кон колежот.

Непрестајното разнебитување вршено од Илјадата синови сега се изместува во дрчен колеж со јуришот на дивјачки стада на Sангорци. Фаќајќи залет во налетот, бучава на нечовечко рикање и раздерени молитви му се придодава на татнежот на круто огнено оружје и брчењето на верижни мечеви. Занемарувајќи ги оние од сопствените им редови кои гинат од надоаѓачки оган, мутантската пешадија на Sинч со сета снага се метнува во бојот, пирувајќи во преобразбите кои ги причинуваат врз плотта на непријателот со секој цепеж и бодеж.

Сосредоточеното маѓепсништво и психичко теглило на оние пред умирање го продупува превезот меѓу правопросторот и Изобличувањето и ги намамува демонските слуги на Sинч кои желно срипуваат во бој. Ужасии во разновиден шар се истураат низ пукнатата мембрана на стварноста, разгромувајќи ги умовите на оние на кои ќе им се испулат или просто спалувајќи ги со искричави пламени. Небото се исполнува со реави Пламенари што отпуштаат демонски оган врз оние одоздола и јата Врескачи кои пикираат со застрашувачка молскавичност да ја парчосаат плотта на живите со забатите челусти.

Пеколниот пејсаж на боиштето станува уште покошмарен како што извитоперени страшилишта, ни природни ни демонски, испуштаат душораспарчувачки виежи. Хаосни накоти - шантрави тутки од мускулатура, канџи и назабени изданоци - јурат да ги растрбушат непријателите со непромислена јарост. Оние несреќни душмани фатени во стујното поле што се излива од Муталитските вртлоѕверки се харани од одвратни мутации, со внатрешни органи избиени нанадвор и тела исколчени во парадоксални строежи. Потхранети од непресушниот страд на запечатените бојни побратими, Пеклоскотови ги здробуваат збиените редови кои стојат пред нив додека Демонските чарклии цапотат или пикираат преку боиштето, срозувајќи го непријателскиот оклоп и столчувајќи ја пешадијата под масивната снага.

Спектар на уништување

Кога Илјадата синови тргаат во војна, самите ѕвезди треперат пред нивните приредби на маѓепсничка сила, големи откоси на галаксијата се проголтани од изобличувачки пламен, и безвластие и лудило царуваат со сѐ. А сепак секоја битка им е саде еден составен дел од непродорните заткулисни игри, еден единствен обред со цел неодбирлива за сите освен најизвитоперените умови. Секоја безмилосно отпочната навала е саде еден чекор во тактика спрострена долж мноштво милениуми, и секој свет претворен во распламтена клада е само составен дел на уште еден недоловлив ритуал.

Иако Илјадата синови си ги извршуваат ужасните војни низ галаксијата, војувањето само по себе не го гледаат како крајна цел. Туку, преку изучено насилство, се стремат да причинат промени низ галаксијата и да приграбат моќ и знаење. Преку разгатнување на струите на судбината - и мината и идна - утврдуваат клучки во времето, мигови кога ќе може да се изнедрат аловни превирања за слава на Sинч.

Како припомош за нивните велики кроежи, Илјадата синови отпочнуваат мноштво обири по световите на Империумот и ксеносните планети. Среде огништата на овие упади, истргнуваат мистични технологии од долго заборавени кивори, плачкосуваат свети томови од храмови и ја свиваат вербата на рајата кон вечнопроменливите ниети на Sинч. Милениумски преданија се проголтани и сварени од дрчните умови на маѓепсниците на легијата, кои присобираат скришни вистини со чија помош се водат по својот гибелен пат.

Низ походите, Илјадата синови освојуваат масивни подрачја на правопросторот од коишто црпат ресурси за мистичните војни трудови. Како што напредуваат низ ѕвездите, ламтежот за знаење ги доведува до месности на устрелна моќ, места заситени со волшепството на профани ритуали изведени пред небројни милениуми. Некои се светови чии древни жители ги обожувале Хаосните богови; други се планети со омразени ентитети закопани длабоко под површината. Пакосната енергија која густо се има наталожено околу таквите месности создава слаби точки во превезот кој го одделува правопросторот од Изобличувањето. Тука, Илјадата синови општат со емпирејски свесности созивајќи ги да влезат во материјалната рамина и помолувајќи ги да им споделат проѕорливи привиденија за клопците на судбината.

Овие места на моќ служат и како сидришта за коишто Воздигнатите маѓепсници и Демонски принцеви си ги врзуваат гигантските магии спрострени низ мноштва сончеви системи. Џиновски уроци се врежани во самиот плат на просторот и времето, поганејќи ја стварноста опфатена во нивните синори и причинувајќи ѝ да насилно се распара. Од овие зјајнати рани, Изобличувањето прокиснува во светот на постоењето; харајќи ги умовите на смртниците со кошмарни обезумија и изродувајќи демонски ѕверови кои гладно се спуштаат врз световите на правопросторот.

Сколободните ритуали со коишто светулкавите легии на Sинч се здобиваат со пристап до правопросторот може да се изнедрат на подмолни и уништувачки начини. Шемите за обезбедување на нивното присуство уште однапред се изработени од Илјадата синови. Откако ќе ја утврдат месноста на идниот спор преку утробата на заробени психери, расчленување на шепотите на Изобличувањето или преку некои од многуте други средства, најпророчките геносинови на Магнус си ги воспоставуваат плановите. Некои ќе ги налинат култовите кои обожуваат некој особен израз на Sинч, користејќи празни ветувања да ги притиснат човечките или вонземни застапници да им ги сместат собирите и ритуалите на местоположби со окултно значење. Чиновите на обожување ги абат препреките кои вардат од ужасот на Изобличувањето. Некои од Илјадата синови емпирејски наглотуваат аџии или пратки со ресурси упатени кон некој свет, по чиешто пристигање на планетата се создава јазол од жртвена моќ. Ова е можно да се постигне преку зборови или слики, лачејќи навидум безопасни термини во секојдневниот говор на едно население сѐ додека раширеното повторување не оформи неизбежна лексичка вражба.

Други склавски трупи следат подиректни и понепосредни пристапи во отворање пат за демоните. Сосредоточувањето на душите и насилните чинови на промена на животот во смрт во криптометрички множества на боиштето можат и сами да оформат свои шеми. Навали на Илјадата синови изведени небаре потамина во еден правец, потегнувања во друг, подбуцнувања излети кај душманот, и дури и принесувања жртви од четите на склавската трупа за да би биле уништени од непријателот можат, впрочем, да послужат како гамбит во некој космички обред. Маѓепсниците отпуштаат застрашувачки психички илузии за да завалат страв во своите душмани. Зариваат сомнеж или тептаво безумство во оние непријатели кои инаку би поттикнувале храброст. Извитоперуваат комуникации за да одолговлечат засилувања или ја спуштаат артилеријата на душманот врз пријателски единици. Најпосле, душевниот есап кој нивните сили го калапат - со мистични воени материјали, мутагенски оган и спржни зраци психичка моќ - и мноштвата облици на нивните убиства, можат да го отворат патот до населениците на Изобличувањето.

Сектите на Илјадата синови си ги тераат војните на најразлични начини и кон неодгатливи цели. Некои пламтат како комети додека си длабат гибелен воен пат низ вселената. Психичкиот вресок кој му претходи на нивниот налет е кобно знамение, навестувајќи им ги на сите пред нив ужасите кои наскоро ќе бидат отелесени. Други си ги водат походите на постаен начин, тивко готвејќи си ја офанзивата додека не чукне часот да се удри. Склавските трупи на овие секти се потпикнуваат по воените зони, од каде што работат за да ги пресечат нишките на судбина кои би ѝ се спротивставиле на нивната потполна победа. Психички шепоти одекливо се испраќаат низ Иматериумот за да го упатат непријателот во погрешна насока, времето и просторот се виткаат за борбени флоти да сосема би скршнале од курсот, и струите на Изобличувањето се пренасочуваат за непријателските психери да би биле проголтани од ужасните нуспојави на нивните мистични коварства. Такви пакоснички преправања, извитоперени восприемања и напукнати уверувања можат да им овозможат на маѓепсниците на склавските трупи да влезат дури и во умот на некој непријателски генерал. Оттаму можат да жнеат борбени планови или да избришат внимателно разгледани противмерки од сеќавањата на нивните душмани. Со почетокот на борбата, војската на генералот е соочена со невозможно надмоќно разузнавање и Илјадата синови со брутална прецизност ги колат саштисаните противници.

Илјадници години, синовите на Магнус биле небаре мор низ галаксијата, и за тоа време, многумина од нивните редови загинале во битка. Но Типикот на Ариман - макар соголувајќи ги воините на легијата од телесност - учинил да оние кои ги допре станат бесмртни. Правта која ги содржи останките од сушноста на овие воини се има истурено по безбројни боишта, била оддувана од расцепи срозани во нивниот мистично запечатен оклоп и била исцапана во калта. Кога е зберена од маѓепсник, сушноста на еден воин може повторно да се спои со нејзиниот оклоп и призрачниот војник може повторно да воскресне. Маѓепсници кои се закренале да соберат војска од Типикари трагаат по останките на загинатите, опожарувајќи до темел градови изградени врз заборавени местоположби на битки. Сите преживеани жители се бргу масакрирани од ново издигнати воини.

Честољубивите маѓепсници вложуваат многу труд за да се снабдат со Демонски чарклии со коишто можат да отпуштат уште поголемо уништување врз непријателите. Врли пактови се прават со Изобличоковци или посветеници на Мрачниот Mechanicum кои коваат грозотии од метал вдахнати со емпирејски битија - Илјадата синови нудат маѓепсничко знаење во замена за создавање на ваквите демонски машини. Овие пактови се преполни со предавства, зашто и Илјадата синови и оние со кои прават пазарлук се со ниет само да си ја појачаат положбата крај Гибелните моќи и со радо срце би се предале еден со друг доколку им се пружи прилика.

Секта од Илјадата синови може да здружи сили со бојните трупи на некоја друга предавничка легија, само за потоа да им сврти грб на сојузниците кога превртливите ветришта на судбината ќе се променат, или можат да ги изгонат ксеносните окупатори од некој империумски свет само за потоа да го жртвуваат населението на целата планета во пиров ритуал. Засебни секти во Илјадата синови можат дури и да тргнат во војна едни против други како што загадочните коварства на Големиот заговорник свртуваат еден ластар на Магнус против друг. Во ваквото очевидно лудило лежи методот на Sинч. Низ постојано безвластие и превирање, нивната волја се отелесува низ сета галаксија и на своите најмили смртни бранители им доделуваат мноштво дарови.

На крајот на краиштата, секој маѓепсник од Илјадата синови е поттикнат од себична желба. Жедта по мистична моќ им е незаситна, неумоливо водејќи ги по патот кој води кон демонство. Само оние најверните на својот патрон бог го добиваат овој благослов, оставајќи зад себе векови на страд и уништување секаде кај што со нога ќе стапнат.

Ран 41 м.
Sверот одвнатре

На високогравитацискиот свет Крачордија, апчовечки Огрински племиња соборуваат ѕверски мутант среде сталагмитната џунгла. Ловците му наоѓаат некаква таласна вреќа во трбушката и чувствуваат нагон да го одведат израстокот меѓу своето племе. На крај, израстокот се расцепува и испаѓа некакво зрачно суштество. Во нивните очи е со совршено форма и паѓаат на коленици обожувајќи го. Не поминува многу време пред да почнат да се променуваат според неговата лика. Многу месеци покасно, флотите на Astra Militarum-от пристигаат да го соберат десетокот воини на Крачордија. Од Огринските племиња не наоѓаат ни трага - туку само свет преплавен од громорни Хаосни накоти.

Теназар Агас

Откако со крвнини и комплотирања си направи пат низ редовите на Култот на манипулација, Теназар Агас држи позиција која постои во пајажина спрострена низ мноштво секти и склавски трупи. Мајстор куклар е, чии конци за управување го спојуваат со дузини други маѓепсници и - преку нив - до неброени други слуги на Sинч. Теназар со многумина управува директно, доминирајќи им со умовите додека тие вријат од омраза кон него. Други ги поттикнува преку застапници, вклучувајќи и некои кои веруваат дека тие самите му се нему господари. Вистината е дека ги има далеку повеќе одошто дури и неговиот замрсен ум може да доследи. Меѓутоа, иако делата понекогаш му причиниле да неговите соперници се здружат за да го уништат и него и неговата склавска трупа, Чуварите на Ас’трак, тој секогаш подметнува по некој несвесен склав да настрада на негово место.

Т’сатис Вор

Т’сатис Вор има применето демонски пактови и долги векови мистично истражување за да се здобие со делумна команда над причинско-последичните протоци. Има научено да ги воочува невидливите порои на времето и завладеано со способноста да го разлабави неговиот стисок врз настаните. Неговата склавска трупа - Сечилата зловесни - навидум може да исчезне од временскиот тек кога ќе посака, а потоа со исукано оружје да се појави во времиња во кои никако не би требало да може да се појави. Превентивно ги имаат фаќано во заседа оние кои првично ги заробиле и имаат координирано напади земајќи си ги минатите или идните верзии од самите себеси за сојузници. Вор дури има и измамено душмани да во истиот миг тргнат по противречни патишта и ги има разбиено со невозможност преточена во оружје.

Проникливи привиденија

Магнус сонуваше. Душотварни деланки од Демонскиот примарх се клопчеа низ мноштво судбини. Некои ја имаа задржано неговата телесна пројава во објективната сегашност, како седи во ритуален круг на врвот на Кулата на Киклопот. Други се намотуваа околу судбини во потрага по артефактот кој го посакуваше - Моркаптичкиот силабариум - и средствата со кои ќе може да го придобие. Во една од потенцијалните судбини, деланките на неговото сопство здогледаа еден иден одек на Магнус како војува среде боиште едвај неколку години во иднината. Двете појави на Магнус Црвени се измеркаа меѓу себе.

Барам одговор, испроектира сонувачот.

Треба да се плати, возврати воинот.

Лутината на сонувачот процути. Само неуките се плашат да платат.

Покажи ми како сум се дограбал до Моркаптичкиот силабариум!

Судбопејсажот затрепери од жестината на психичката заповед на сонувачот. Во одговор, воинот постана поопиплив, стварноста почна да лулее под неговите ноктести стапала како што демонската плот му мижуркаше, а големите крилја му се оддиплија. Чакалести индиго карпи на пресушена делта се спростреа под мрачно небо како што судбопејсажот мутираше. Дузини, а потоа и стотици душосопства бликнаа од трунки светлина, стврднувајќи се во две војски како што привидението испаѓаше од безобличната магличавост. Неговите синови, пламнати од своите дарови, водеа одреди од оние другите, чаурите кои Ариман ги беше создал.

Среде синовите, сонувачот го препозна Атеф Вешрет, архимагистерот кој заповедаше со една знаменита секта во легијата. Борбени тенкови ораа нанапред, сјаејќи од светлината на маѓепснички жигови и испукувајќи салви кои во споредба беа сиви. Стампеда разрикани Sангорци јуреа кон непријателот. Спроти нив беа заровени смртници, стрелушени пред лицето на еланот на неговите синови, додека други се тресеа од страв во заветрината на оклопните возила. Сонувачот виде дека никои не ѝ се дораснати на промената што се спремаше да ги проголта.

Сонувачот тргна по воинот, внимателно набљудувајќи додека неговото друго сопство глатко зачекори по раздрмолениот фронт на движење, звук и светлина. Воинот убиваше со гестови кои обестворуваа материја. Изговараше уроци, со зборови кои се отелесуваа во стварност во форма на развителени зраци на емпирејска моќ. Рееше на призматични пердуви за потоа да слета среде ескадрила преносни возила и да ги расече со еден замав на сечилото чија мутирачка форма беше неагенска загатка.

Нови делови од делтата се развиделија пред сонувачот. Призраци на рушевини се отелотворија и сонувачот виде грд кастел како демне од високо на другата страна на делтата. Беше прекриен со засебен пелц од ситни тајни и безвредни чинкичиња, како и со думан од крв, болка и страв.

Несомнено е тврдина на Иквизицијата, задумано прошепоти. Заграб на чепкалана кои си мислат дека се достојни судии на судбината на човештвото.

Токму така, одговори воинот. Атеф му ја изчепи местоположбата од умот на еден од соперничките фракции на кастелот.

Во астралната проекција, сонувачот можеше да воочи некаква зрачност како се процедува од под кастелот. Светлоста од Моркаптичкиот силабариум се протнуваше низ карпи и метал, слаби маѓепснички закрили и уште послаби енергетски полиња, исто како што се беше протнала и под будното око на господарите на кастелот.

Сонувачот почувствува ненадејно извитоперување на судбините. Одозгора, со пристап кој дотогаш беше затскриен од темнина и маѓепсничкото безвластие на битката, ескадрила вооружени летала спиште на едното крило на бојот. Го истрлаа местото за атерирање со тешки оружја, распукувајќи го оклопот на Типикарските маринци, убивајќи ги надарените синови на Магнус. Во строј со ваквиот воздушен напад, колона гасенични преносни возила се излеа од скривницата при другото крило. Се истоварија ескадрили на елитни војници, косејќи ги густо збиените Sангорци со моќни ласерозраци. Инквизициските господари на кастелот не беа покусо во измамништво.

Ќе се спремиш за ова, се чу гласот на воинот.

Сонувачот знаеше што и како. Со разгледување на секој противнапад, истиот се појавуваше тука, во оваа можна иднина. Пеклодракони кои дотогаш само беа чекале на готово ги пресретнаа вооружените летала со нокти што параа и со бликови изобличувачки пламен. Маѓепснички портал се расчепати од нигде-никаде среде влетот на јуришните трупи на кастелот, ригајќи ескадрили Истребувачи на Окултниот скарабеј чие постоење тука во оваа иднина штотуку беше било оформено со мислите на сонувачот. Овие, а и други измами, илузии и предавства ќе треба да се спремат за ваквата иднина, но сонувачот ќе се погрижи да е така.

Втренчен во таквите контранапади при одбрамбените обиди на кастелот, вниманието одненадеж му беше одвлечено кон некој емпирејски вресок и кинење на стварноста како што една магија излегуваше од контрола.

Атеф беше. Сонувачот го виде како е проголтуван од виножитен оган и како душата му се парчосува од психички градеж преголем за да може да го додржи.

Сонувачот ја занемари загубата како банална. Цената вредеше за проникнувањата кои ги беше присобрал тука. Посведочи како неговото воинско сопство ги разнебити последните бранители и зачекори кон сега невардениот влез на кастелот.

Привидението избледе.

Во Кулата на Киклопот, деланката на Магнус Црвени која го зафаќаше она што неговите синови го викаа сегашност, правеше есап за конците кои сега знаеше дека ќе треба да се сплетат. Созданието го насети приоѓањето на еден од неговите синови. Вешрет беше, се разбира, дојден да се тагари со вистините кои ги беше изнудил од затвореникот.

Замрсени клики

По Типикот на Ариман, сплотот на некогашните благородни побратимство од коишто беше составена легијата беше заменет со хиерархија вродена од волјата на Магнус. Илјадата синови беа поделени во девет Големи култови, секој посветен на посебен израз на Богот на промената, и сите во служба на неговите недоловливи планови.

Иако Планетата на маѓепсници е свет во постојана струјна состојба, нејзините жители се предводени од строг ред воспоставен од Магнус. Призрачните останки од воините на легијата, познати како Типикари, владеат со калабалаци од смртни склавје, Sангорци и мутирани ѕверови вдахнати со моќта на Изобличувањето, додека над Типикарите стојат поранешните гавази на Крмузниот крал, познати како Секмети. Издигнати над сите овие се Рехатите - ложа од девет Воздигнати маѓепсници и демонски принцеви кои ја уживаат благонаклонетоста на Sинч повеќе од било кои други меѓу Илјадата синови, освен самиот Магнус.

Од сеопфатната хиерархија, силите на легијата се поделени во девет Големи култови. На чело на секој стои член на Рехатите, носејќи го чинот на Магистер темпли. Под секој Магистер темпли има девет други Демонски принцеви и маѓепсници кои, иако се пониски во чин, сепак ја имаат благонаклонетоста на Sинч. Овие деветмина го управуваат култот долж вечнопроменливите патишта на судбината. Други маѓепсници држат пониски позиции и, заедно со војската, тенковите, мутантите и Демонските чарклии, се способни да освојуваат огромни отсеци од правопросторот во име на нивните господари. Секој има светови од коишто црпи ресурси и волшебна енерија и густо населени планети за да им пружат постојан проток на жртвени војници, робови и заморчиња за мистичните опити.

Секој Голем култ е амалгам од извитоперените умишта на оние во неговите редови кои иако се со себељубен нарав, на крајот на краиштата сите до еден се насочени кон истата цел. За смртничкиот ум кој е неиспоганет од Sинч, плановите кои се кројат од овие Големи култови се крајно недоловливи, но за Илјадата синови претставуваат и облик на богохулно обожување и патека кон моќ. Често, целите на еден Голем култ знаат да ги поткопаат оние на другите култови. Така, Големите култови се вардат еден од друг, и сојузништвата постојано им се изместуваат. Моќта и влијанието на секој е во вечно струјна состојба, при што секој поминува низ циклуси на активност и дремливост според потребите на нивните загадочни коварства.

Непара често се случува да еден Голем култ во целост е ангажиран на една воена зона, макар што кога ќе се случи вакво нешто, платот на стварноста прпа во нивно присуство. Почесто, злонамерните цели им бараат да силите им се раширени низ просторот и времето, дозволувајќи ѝ на секоја деланка да си ја одигра својата улога во некоја поголема и позловесна тактика. Затоа, секој Голем култ е составен од многу секти, од коишто секоја си ги тера своите навидум неповрзани походи. Ако здружените сили на еден Голем култ можат да спалат еден цел сончев систем, една секта може да опустоши цела планета. Неколку секти знаат да отпочнат со истовремени удари преку големи подрачја на правопросторот, кремнисувајќи цели потсектори во безредие и паника. Како што блиските светови испраќаат засилување кон завојуваните планети, нови Илјада синови се појавуваат за да нападнат на местата кај што одбраните се истенчени до кинење. Колку и да се разрушувачки, ваквите напади едвај даваат макар и намек за врвните цели на Големиот култ.

Една секта е составена од повеќе склавски трупи, кои можат да делуваат и независно една од друга. Со неколку единици од Илјадата синови појачани од резервна војска и возила, една склавска трупа може да разгроми цела непријателска тврдина или да претвори еден цел град во распламтена клада. Некои склавски трупи делуваат во потполна отсеченост - други се протерани од Планетата на маѓепсници, а трети се одлучиле да си заминат бркајќи си свои сопствени умисли. Но дури и овие сили, знаеле или не, на крајот се во служба на целта на еден од Големите култови.

Деветте големи култови

Маѓепсниците на Култот на пророштво се водени од непрестајни шепоти кои протекуваат од Изобличувањето. Од нив, ги разгатнуваат происходите на повеќекратни иднини и изнаоѓаат настани кои можат да се извитоперат кон нивните умисли. А Култот на време, пак, е пленет од текот на времето како необработен ресурс кој би можел да се обликува во оружје. Членовите на Култот на мутација го отелесуваат трансфигурацискиот аспект на Sинч и се загрнати во изобличувања на плотта и извитоперувања на самата стварност. Култот на сплеткарење е можеби најподмолниот од сите Големи култови. Секое освојување и повлекување на неговите маѓепсници е совршено испланиран маневар, уште еден чекор кој води кон некој невиден мајсторски зафат.

Култот на волшепство е посветен на одрешената употреба на маѓепсништво, често водејќи походи за обезбедување на мистични предмети кои, штом се зграпчат, стануваат жижи во плетењето на разрушувачки магии. Исто така привлечен од маѓепснички дрангулии сокриени низ галаксијата е и Култот на знаење, особено од томови на устрелни ученија и парадоксални логики. Култот на промена, пак, е анатема за сиот ред. Тие се големите расплетувачи, наметнувајќи си ја вечнопроменливата волја врз месности на збркано безвластие. Постои и Култот на дволичност, чии маѓепсници воедно се чинат ем разделени ем споени во умислите, како и Култот на манипулација, чии планови ја користат нивната пајакова мрежа од витици на влијание за да повлијаат врз делата на своите непријатели.

Кир Катаклистис

Катаклистис е познат низ дузина светови каде што сее страв и трепет. Има многу имиња: Пламениот бесмртник, Бурата на промена и Жаровитиот. Свирепите чинови коишто тој и неговото јато Пеклодракони - Вирвокното улиште - ги имаат изнаправено низ Асперотскиот сектор се претвориле во најмрачни легенди. Стапот му е вечно овенчан во калеидоскопски огнови на промена. Го носи клетиот Том на кладата, и неприроден јанган вечно му игра во и околу оклопената форма. Воздигнатиот маѓепсник ги призива тие пламени кога ќе му се присака да се помамат и да ги проголтаат неговите непријатели, но ги користи и за една друга работа. Катаклистис си ги испушта несветите огнови во печките во срцата на неговата глутница Демонски чарклии, чија изработка и отпуштање врз душманот му е најголема наслада. Здивени од емпирејскиот плам во нивните механички срца, овие застрашувачки бојни чарклии вилнеат врз душманот со граблива немилосрдност со која никој не може да се токми.

Магнус Црвени

Демонски примарх на Илјадата синови


Судбината на Илјадата синови е нераскинливо споена со нивниот геноотец, Демонскиот примарк Магнус Црвени. Во милениуми одамна сронети во прав, му беше син на самиот Император, светилник на мудрост и моќ кој му служеше на господарот со најдобри намери. Сега Магнус е ненависен, огорчен, ем повелик ем понизок од претходно, како и легијата којашто ја преводи.

Магнус беше создаден како џин, и телесно и душевно, далеку повисок од браќата му примарси. Способностите како психер му беа ненадминати од никој освен од самиот Император, и со чест и лукавост, ги предводеше Илјадата синови до небројни победи во Големата крстоносна војна. За тоа време, си го потхрануваше незаситниот глад за знаење, жнеејќи ги маѓепсничките ученија на човечките култови и ксеносни раси, кои потоа ги збришуваше; овој мрачен пат доведе до судењето на Магнус на Никејскиот собор, палењето на неговата татковинска планета од рацете на Вселенските волци, и крајниот завет со Богот на маѓепсништвото, Sинч.

Иако на времето Магнус служеше како мерило за сето човештво, сега е чудовишно суштество на хаос, Демонски примарх врзан за зловесната и префригана волја на Големиот заговорник. Кожата му потпукнува и свети со емпирејската материја која ја има впиено, а на грбот му се никнати чифт крилја нагидени со руни на ѕинчова моќ. Со единственото око, гледа и низ Иматериумот и низ правопросторот, мотајќи ги нишките на мноштво иднини обликувајќи јамка со која ќе може да ги заптиса непријателите. Иако некогаш беше трагал по знаење само од мерак по знаење, сега трага само по она што би довело до пеплосување на Имеприумот.

Во галаксија резрежена од војна, има малку глетки на боиштето позастрашувачки од Демонски примарх. Кај што Магнус гази, платот на стварноста стенка, а времето и просторот насилно се растргнуваат да би му направиле пат да помине. Штом човек ќе му се испули, умот веднаш му се спржува од парадоксални слики, наѕирања на Изобличувањето неодбирливи за смртничката мисла. Оние врз коишто ќе падне неговата сенка кремнисуваат во темнина, со его врушено како што демонското присуство на Магнус им се доберува до психата. Дури и одважни воини кои пребродиле безбројни ужасни судири коленичат со храброст раскината на парчиња кога владарот на Илјадата синови ќе се завали во јарост.

Од светлите огништа во окото на Магнус излегуваат избуви од сирова психичка енергија. Со секоја земјотпотресна секавица, титани и вооружени колони се откинати од стварноста, самата нивна твар разгромена до облаци од разврескани атоми. Како што Демонскиот примарх ближи до душманите, тие се фатени во развиорена енергија, аура која го извитоперува постоењето според волјата на Магнус. Најнепродорните одбрани се соголени од ова изобличувачко влијание, оставајќи го непријателот отворен за колеж.

Магнус во ноктестата рака носи пламеноовенчано сечило кое го зазема секој убиствен облик кој неговиот стопан ќе го издума. Со него, си расекува пат низ редовите на непријателот, секцирајќи тенковски трупови од тела, раскинувајќи души од телесните им сугради. А оние кои нема да се мигновно разгромени до локва крвојни или пламена прашина, ги чека уште полоша судбина. Омаѓосаниот стап на Магнус ја извитоперува плотта на своите жртви, вдахнувајќи ги со разврголени мутации.

Оклопот кој го прекрива демонското тело на Магнус е накитен со руни чија богохулна симболика создава гоблен на лудило. Голема рогата круна ја краси главата на Крмузниот крал низ којашто тој испушта аура на заштитна енергија околу себе, штитејќи си ја телесната и душевна сушност. Залудноста на пркосење на гневот на Магнус станува јасна кога непријателскиот оган безопасно изветрува пред да го удри; психички секавици гаснат до нештетни искри и гигантски верижни сечила се кочат врз ваквата етерична бариера.

Магнус во битките повела со цели Големи култови. Со овие војски, споделува мала одломка од својата непобедлива сила, појачувајќи го веќе лакомото честољубие на уште живите маѓепсници. Тие му се најголемото оружје, водени од присилба и судбина да прават како што ќе им повела, и преку нив ја накажува галаксијата со својот гнев.

Ново кралство

Транслокацијата на Сортијариус од длабините на Изобличувањето до Форзаречкиот систем за време на гибелот на Просперо беше восхитно дело на пакосничко маѓепство. За потхранување на магијата, небројни империумски слуги беа жртвувани во смртоносни војни, планети беа испоганети со тварта на Изобличувањето, и Фенрискиот систем ја претрпе теглилната смрт на еден од своите светови заедно со сето негово население.

Несомнено, некои од Империумот сфатија што беше сторено, но наскоро беа навасани од далеку поголеми закани. Големиот рацеп беше распаран долж сета ширина на галаксијата, проголтувајќи цели сектори на Империумот и блуејќи бури на демонски кошмари и емпирејско лудило. Оваа моќ заситуваше сѐ, изнудувајќи будење на психички феномени. Среде безвластието, демонските пројави и завалувањето на нови емпирејски бури, зачестеноста на психичка осетливост врз световите на Империумот рипна до небо. Упадот на Сортијариус во правопросторот беше далеку од крајната цел на Магнус. Овенчан во пророчки прогласи на одамна умрени гледачи и шепотењето на ѕинчови демони, Магнус го согледа ова емпирејско будење на смртниците во галаксијата како долгоочекуваниот клуч за отклучување на своите соништа за просветлување на галаксијата.

Крмузниот крал испрати сигнал по психичка сирена, бодрејќи ги надарените меѓу човештвото да под негова егида побараат прибежиште од нетолерантниот Империум. Заедно, тврдеше неговата порака, тој и тие би сковале напредна утопија на безгранично знаење и мир. Измамништвото е врежано во сите слуги на Sинч. Просветлувањето на Магнус ќе е поплочено со жртвување на заблудените и сите кои тој ќе ги смета за недостојни. Ќе се претворени во домаќини за демонски ентитети или душите ќе им се исцедени за оснажување на сѐ повелики ритуали.

Ариман

Протераник, архимаѓепсник, архитект на Типикот


„Знаењето е моќ, но моќта не е ништо без цел. В рака можеш да ја држиш моќта за преправање на сите нешта, но ако не знаеш што би сменил, тогаш исто како да не држиш ништо.“

- Азек Ариман


Ариман си ја спотнува сета грамадна моќ кон само една кауза: спасение за неговата проколната легија. Мошне складна ѕинчова иронија е тоа што, и покрај сето негово маѓепсништво, сиот надвишен интелект и илјадници години потрага, Ариман досега успеал само да ја влоши работата.

Пред Илјадата синови да потпаднат под Хаосот, Ариман беше Главен библиотекар и Магистер темпли на Corvidae-ите, на кого му беше доверено да ги просејува нишките на судбината и да ја разгатнува иднината на легијата. Беше јак војсководец, чувар на Книгата на Магнус и - најнакрај - преку неговиот апокалиптичен ритуал се случи да Илјадата синови подлегнат на неповратливо проклетство.

Магијата којшто Ариман и неговите созаговорници ја изведоа се викаше Типикот, и беше последниот удар што фрли вечна клетва врз Илјадата синови. Се чинеше дека навистина ја застојува плотната мена, но цената ѝ беше чудовишна. За казна, Магнус го набрка неговиот дотогаш најмилуван геносин, протерувајќи го сѐ додека не успее да ја заврши невозможната задача на узнавање на вистинската природа на Sинч. А сепак, Ариман остана непокаен: со сиот напор сега насочен кон само една цел. Да ѝ ја поврати старата слава на својата легија, отправајќи ги стравотните промени кои ги беше изнедрил врз нив со своето маѓепсништво и кревајќи ги до положба на моќ непозната уште од пред Императорот да ги испрати своите волци да ги соборат.

Од тоа време, Ариман има откосено патека на гибел преку ѕвездите. Ги собира сите оние кои може да ги искористи, било склавски трупи на Типикари, било мутанти обожувачи на Sинч, па дури и безгосподарни отпадници за Ариман да ги арчи во името на крајното му растоварување. Верувајќи со потполна убеденост дека е во рамките на неговиот дар да ја склопи загатката за повраќање на браќата му, архимаѓепсникот не се тегави пред ниеден чин - без разлика колку е мрачен, суров или табу - само за да би му потпомогнал во постигнувањето на крајната цел. За душманите, чиновите на насилство и сквернавење на Ариман им се чинат правени потамина и во безумие - арно ама, сплетките му се скоро исто онолку распослани колку и оние на неговиот Демонски примарх.

Во бој, Ариман со врвна умешност го повела Црниот стап, грозотија од енергетски жезол која во Изобличувањето има пројава на разгорено црно отсуство. Ариман самиот го има створено стапот. На врвот го има Каменот на скриени вистини, извлечен од урнатините на Тиска. Оружјето е крунисано со пресечените рогови на Демонскиот принц Вад’акар Разнебитувачот, а сапот му е склопен околу јагленисаните одломки на хека-жезолот на Ариман кој изгоре на Просперо за време на упадот на Вселенските волци. Сечилото, пак, е исковано од осквернавените останки на елдарски далекугледачки жезол. Секој нов додаток е богат со моќ на маѓепство, обременет со судбина и способен да уште повеќе ги засили маѓепсничките способности на Ариман.

Во последно време, бескрајната потрага на Ариман е сосредоточена кон мистичните преданија и натприродни способности на елдарите. Од една страна, Ариман го посакува забранетото знаење и безбрежна моќ скриена во нивната Црна библиотека. Од друга, восхитен е од нововоскренетиот Инарски култ на смртта, чија јасновидна моќ над самата смртност би можела да ги отклучи вратите на повраќање на проколнатите браќа на Ариман.

Црната библиотека се наоѓа длабоко во лавиринтските вртулици на Преплетопатот, меѓупразнински галактички лавиринт помеѓу правопросторот и Изобличувањето. Оние коишто можат да го изнајдат се соочени со фрас и безимени чувари, па уште и смртоносните елдарски воини акробати познати како Арлекини. Ништо од ова не го разубедило Ариман. Се вели дека во Црната библиотека лежат сите накалапени преданија кои елдарите ги имаат насобрано за природата на Хаосот, па уште и злоќудни артефакти чија моќ е вон секоја замисла. Некои велат дека, низ препредена астрална проекција, Ариман веќе има опљачкано карта на Преплетопатот од оваа скриена ризница, но дали ова е вистина - и што планира да направи со неа ако е - никој освен архимаѓепсникот не знае да каже.

Можеби кражбата е поврзана со потрагата на Ариман по Инарите и нивната пророчица Ивреин. Овој чуден поткулт на елдарите навистина ја има прикажано способноста да навидум ги зароби душите на оние пред умирање и дури и да им ја поврати сушноста на оние кои преминале вон смртничкиот превез. Како ова би можело да му потпомогне на Ариман во отправање на фрасната клетва која им ја беше нанел на неговите бојни побратими е нејасно, но не може да е случајност тоа што досега на неколку наврати беше трагал по и грабнувал инарци.

Ариман ретко се посветува на само еден сплеткарски подвиг. Повеќедимензионалните кроежи му се небаре гоблен од нишки и умот на архимаѓепсникот сите си ги прибира при себе. Многу склавски трупи и маѓепсници се под негова директна управа, иако некои го знаат само по псевдоними: други отпадници од дворот на Магнус, оние кои сѐ уште ја уживаат благонаклонетоста на Демонскиот примарх, и обожувачи на Sинч од други еретички лози. Тоа дека потрагата на Ариман по устрелни преданија и артифакти истовремено му ги зголемува и моќта и влијанието многу добро му е познато; си кажува дека е потребно за да се обессили клетвата на неговата легија.

Владарот отпадник

За гибелот кој им го причини на Илјадата синови, Ариман беше избркан од Планетата на маѓепсници и протеран сѐ додека не ја заврши невозможната задача за разбирање на вистинската природа на Sинч. Оттогаш, талкал во прогонство, собирајќи си при себе чети од Типикари и Секмет воини, трагајќи по најмоќните артефакти во галаксијата и нејзините најмистични тајни, и длабејќи си сложен пат од огнено разорување низ Империумот. Многу маѓепсници од Илјадата синови делуваат далеку од Сортијариус, не водејќи сметка за теклифите на Магнус или можеби несвесно изведувајќи сложени мисии кои ги сметаат за свои не знаејќи дека му служат на својот примарх. Можеби само Sинч знае каде се врткаат сите. Ариман понекогаш се има здружено со многумина од овие протераници или ги има ангелосано и нив и нивните склавски трупи за да му служат низ моќ или манипулација.

Типикот на Ариман

Кликата на Ариман ја изведе магијата без одобрение од Магнус. Записите на Крмузниот крал раскажуват како нивните напори биле скриени од него зад затајувачки чарови со неверојатна силина и како кликата делувала со натприродна притуленост и тајност. Сепак, можеби немаше да останат незабележани од Магнус, ако вниманието во тоа време не му беше обземено од сплетките за одмазда и желбата за пресно и одрешено учение. Не постои сигурен запис за улогата која Илјадата синови ја имале во настаните од апокалиптичкиот Хорусов ерес, но можеби и тие настани помогнале да се скаламурисаат намерите на Ариман додека не бидна прекасно да Магнус го запре.

Разврголени нишки судбина беа смолкнати во стисокот на магијата како инсекти во килибар и столчени до присилен застој. Молњи непрестајно бичува од небото на Сортијариус, секој удар срозувајќи по еден од Илјадата синови Најпосле, раскажува томот, Магнус го окончал налетот дури откако го измолил самиот Sинч да се вмеша.

Дотогаш, штетата веќе била направена. Секој воин од Илјадата синови удрен од маѓепсничките секавици беше бил престорен во прав засекогаш запечатена во борбениот ѝ оклоп. Душите и умовите им беа станале саде таласами осудени да си ја опседнуваат воената спрема и да ѝ придадат саде безумен привид на живот. Веќе никогаш не ќе се робови на промената: место тоа, станаа слуги-автомати на нивните некогашни Библиотекари, кои единствено останаа неповредени од Типикот и наместо тоа, добија масивно унапредување на маѓепсничките способности. И така беше преобличена легијата на Илјадата синови, проколната во обликот којшто и до ден денес го носи.

Мајстори за маѓепсништво

Жижи на необуздано честољубие и несопирливи психички магични мајстории, челните магови на Илјадите синови го сочинуваат она што на времето беше тактичка офицерска класа на легијата. Овие окултни војсководци се отимачки пљачкосувачи, терајќи војни колку за стратешки цели, толку и за сопствено напреднување.

Се шепоти дека дури и пред Хорусовиот ерес, Магнус ги дарувал геносиновите кои покажувале најголем психички потенцијал со позиции на команда. Ако ова е вистина, таквите улоги значително ги надминуваат оние кои биле заземени од Библиотекарите од другите легии. По психичкото трлање на легијата од големиот Типик на Ариман, таквите воени магови останале како единствените живи останки на нивното арогантно братство. Најјаките психички велеможи на Илјадата синови кои повелаат со размарширани одреди на воскренати Типикари, заземаат клучни позиции во велики ритуали и доминираат клики на пониски повелачи со Изобличувањето. Единственото ограничување на нивната моќ се нивните маѓепснички способности и зовриениот спор на љубомора, афт и предавство кој се одвива меѓу нивниот сој.

Маѓепсници

Маѓепсниците на Илјадата синови се манипулатори кои си имаат изборено и извражано пат до позиции на команда низ менливите хиерархии на нивните склавски трупи. Многу од нив служат како лукави подвојводи и советници на некој помоќен Воздигнат маѓепсник или Демонски принц, практично поробени - знајно или незнајно - во служба на нивната секта или Голем култ.

Други самостојно предводат мали склавски трупи, непоколебливо уверени во своето надмоќно речение.

Маѓепсниците се осигураат дека сплетките по боиштата се разгрнуваат според планираното, користејќи тактичка остроумност и несвети моќи за да ги надманеврираат своите душмани. Со пророчка проникливост, надобудни стратегии и векови - или милениуми - борбено искуство, маѓепсниците можат да ги експлоатираат и да повлијаат врз плимата и осеката на речението на спорот. Ги водат нападите и напредокот на своите следбеници, следејќи шепоти кои ги скубнале од Изобличувањето да удрат кај што и кога непријателот е најслаб. Измолкнуват судбини од вистината, кратејќи им ги животите на оние кои инаку би преживеале како закана за нивното подуено честољубие. Многу претпочитаат да ги приредуваат заткулисните игри оддалеку, но ако се случи да душманот се осуди да напредне кон нивната положба, со желна распуштеност отпуштаат огнени созивања и ектоморфни зраци на мутација.

Најбесценетите окултни награди се неизбежно добро вардени. Ако лежат закопани во срцето на некој опседнат ксеносен лавиринт, зад бранетите бротски прегради на некој непријателски воен крстосувач или се заштитени од утврдените борбени редови на неуки лојалисти, еден маѓепсник е спремен да направи било што за да ги смолкне сите пречки преку емпирејска манипулација или сирова маѓепсничка моќ. Некои се ситат со отпуштање блискодометно мистично уништување, протекувајќи ги езотеричните клетви низ устрелни енергиски стапови кои им ја увеличуваат енергијата. Древни истребувачки оклопи му овозможуваат на воениот маг да чекори среде свирепи огнени бури и неповреден да ги кајдиса непријателски редути. Овие можеби биле запленети од некој соперник уште од пред илјадници години, или изработени низ долги децении ракотворење од омајани еретекци на Мрачниот Mechanikum. Овие бојни оклопи безисклучно се проткаени со мистична твар и врежани со нумеролошки вражби за да го вардат маѓепсникот од бељи.

Воздигнати маѓепсници

Рангирајќи меѓу најмоќните геносинови на Магнус се Воздигнатите маѓепсници. Овие живи членови на Илјадата синови го избегнале парчосувањето на нивните души додека длабеле во најзабранетите дисциплини. Преживеале атентати од маѓепснички соперници и опседнувања од изгладнети демони. Надвишниот интелект, железна волја и боречка јачина се одбележја на нивната исклучителност меѓу врсниците. А сепак, неверојатното маѓепсништво ги наведува да повеќето се сметаат за полубогови на мистиката.

Воздигнатите маѓепсници имаат загосподарено со безбројни гранки на езотерични преданија. Имаат длабено во пеколни дисциплини за трансмутација на биолошкото, психолошкото, механичкото и демонското. Меѓутоа, над сѐ, Воздигнатите маѓепсници се властољубиви команданти гладни за моќ. Го користат ѓаволското вештерство како кормило на вечно променливот курс низ непостојаната хиерархија на Илјадата синови и како разбој за ткаење на уште поѓаволски сплетки за надвласт. Нивната потрага е потрага по безгранично знаење и, со тоа знаење, моќ. Многу од нив ја гледаат апотеозата на својот Демонски примарх како ветување на она што Sинч може да го понуди доколку се плати потребната цена. Други гладно ја меркаат таквата величествена положба како очевидно наредна во бесконечно фракталното скалиште на вознесението на примархот, патека која нема граници во рамките на постоењето и која се надеваат дека ќе им понуди поголема моќ на неговите слуги.

Сите Воздигнати маѓепсници се смртоносни ратници и велетактичари - неопходна особина за преживување меѓу нивните врсници. На многумина веќе генетски унапредените облици и грамадни борбени вештини им се појачани од телесни мутации. На некои им израснале краци или очи што испуштаат пламен кога омразено ќе им се испулат на душманите. Воздигнатите маѓепсници можат да плетат сложени магии среде вителот на борбата кои им овозможуваат да го воочат движењето на непријателот, гледајќи стапици и заседи со окото на умот, а потоа возвраќајќи го ударот со смртоносна прецизност. Со громогласни клетви, испукуваат пакоснички секавици за да ги срозаат душманите фаша по фаша или да ги заплеткаат во сурови уроци.

Фазмос Јирех

Фазмос Јирех има жртвувано, напуштено или предадено предавници на коишто бројот не им се знае. Има фрлено небројни слугувачи во огнените ветришта на војната секојпат кога вечно променливите сплетки барале плаќање на цена во крв. Во името на оваа кауза, Јирех минал низ редовите на повеќе од половината од Големите култови и привремената верност моментално му ја има оддадено на Култот на знаење. Со секое изместување на лојалноста, маѓепсникот има накалапено нови богатства и пресни трактати со несвети преданија кои ги чува во постојано растечката - и претерано опака - библиотека со гримоари. Склавската трупа исто така му има пораснато; маѓепсници, култисти и пеколни ентитети се привлечени од неговата харизма и додадени до вечноменливите редови кои му ја спроведуваат свирепата волја.

Аснет Дивјанинот

Дури и меѓу неговите непостојани врсници во Култот на промена, Аснет Дивјанинот е безвластен поборник на насилна непостојаност. Пеколниот господар беше архитект на сплетката која го трансмутира светилиштето на Св. Телосеј на Скала во жариште за ѕинчово обожување со извитоперување на восприемањата на неговото свештенство. Кога ересот беше препознат, северниот континент на Скала потона во војна. Како што демонските сојузници на Аснет кремнисаа во разјарениот плам на север за да го искористат безвластието, при што војските од југот јурнаа да ги одвратат, Аснет го изведе Ритуалот на инверзија на К’екска’с во јужната престолнина на Скала. Кога империумското засилување најпосле пристигна, го затекнаа најнискиот сталеж на населението на престолнината на Скала унаказен во ѕверски облици како владее над своите некогашни господари.

Пеколни господари

Вонсветовните дарови и знаење поседувани од демонските ентитети на Изобличувањето е окултна специјалност на Пеколните господари. Овие опасни магови склопуваат пеколни пакти со најхировитите емпирејски накоти и ги водат во раскикотени стада за да ги кинат, палат и мутираат душманите.

Додека многу од бестрашните борбени психери на Илјадата синови си го користат маѓепсништвото за со своја рака да би нанеле уништување или побркување, Пеколните господари се фахмани во прибирање демони за да им ја вршат заповедта. Некои се претставуваат како почитувани емпирејски пастири, тврдејќи дека демоните се терани од нагон да сакаат да им служат. Други Пеколни господари го слават нивното маченичко поробување на ентитети за коишто пронашле начини да ги врзат за својата волја. Има и Пеколни господари кои се сметаат дека се во взаемно корисни партнерства со демони чиј интелект е, според мислењето на маѓепсниците, скоро исто онолку голем колку и нивниот.

Вистината, како и сѐ друго во Изобличувањето, е ем далеку поначасничава ем далеку поопасна. Илјадата синови знаат само дека никоја пазарлама со жителите на Изобличувањето не е без ризик. Пеколните господари, и покрај сета ароганција што ја делат со браќата им маѓепсници, сепак се доволно претпазливи да се вардат со закрилни магични жигови, противуроци и пентакајрички амајлии. Снаодливи се и прагматични, со ум прилагодлив и изострен до молскавично брзи ментални рефлекси. Мора да е така, зашто демоните - особено оние кои му служат на Sинч - се надобудни и со превртлив нарав, вечно спремни да го експлоатираат својот повикувач, без разлика колку и да им се поклопуваат приоритетите.

Демоните со коишто Пеколните господари склучуваат пактови се олицетворуваат на безброј начини. Некои се видливи само низ врголења во стварноста во форма на несвета врела магличавост околу психерот, шепотејќи скришни енигми. Други се извлечени од Изобличувањето во ужасни јата што предаторски кружат или разрипани глутници од распламтени устрели на кои им е овозможено краткотрајно телесно постоење за да хараат или убиваат. Знаат да си ги притиснат челустите врз напнатиот превез на стварноста за да раскажат тептави тајни од окултни преданија или можеби да изблујат како столб од испрекршени соништа нудејќи пророчки предупредувања. Со најпогано принесени жртви, подарувајќи им извесна слобода или принудувајќи ги со мистични искази, еден Пеколен господар може да исползува еден отсек од добро вардената моќ на демонот.

Демонски принцеви на Sинч

Со бесмртната форма на битија од Изобличувањето, дарувани со постоење изнедрено од самата твар на хаосното маѓепсништво, Демонските принцеви имаат постигнато моќ по којашто едночудо Илјада синови чезнеат, но малкумина доживуваат да ја видат. Тие се извитоперени и дволични страшилишта и се неизустиво проколнати.

Патеката кон слава е маршрутата којашто обожувачот на Хаосните богови ја следи во својот нагон да биде даруван со врвната апотеоза од страна на моќите на Изобличувањето. Поплочена е со чинови во служба на нивниот несвет патрон - чинови на тржествена победа и зазорен пораз - со секоја нивна кобна одлука, заситеност со опсесија, и пад во разврат и проклетство. За повеќето, претставува патување што завршува со ужасна смрт. За многу други, прекумерни мутации кога-тогаш потполно им ги проголтуваат умот и телото, и деволуираат во шантрав накот. Во служба на Sинч, Големиот заговорник и владар на лавиринтските измамништва, Патеката кон слава може да е фрактална мрежа на заобиколни лавиринти и нелогични избори. А сепак неговите слуги кремнисуваат по неа - скршнувајќи од возгордеано самољубие до кукавичка неодлучност - понекогаш подеднакво несвесни дека се воопшто заробени на Патеката, колку и во недоумица за по која маршрута да фатат.

За поборниците од Илјадата синови кои ќе успеат се смета дека на некој неизречив начин се докажале пред Променителот на теченија. Можеби покажале противприродна способност за сплеткарење и фалшливост. Може стаено го приредиле егзистенционалното отправање на оние кои работат наспроти Sинч. Можно е да било поради нивното непрестајно грабање на моќ и контрола, жртвувајќи благонаклонети души чиј број е во милијарди, изведувањето на маѓепснички ритуали кои ги потпукнуваат темелите на стварноста, или најненависните и издајнички предавства. Кои чинови и да биле она што им го осигурало воскревањето според нивните следбеници, само едно е сигурно: им послужило на великите сплетки на Sинч на начини коишто дури ни демоните не можат да ги узнаат.

Оние кои ќе станат Демонски принцеви се теглилно променети. Плотта и душите им се јагленисани до последно. а потоа одвратно им се преткаени од шарена изобличувачка енергија. Постануваат прави пиуни на Sинч, неотповикливо поробени под оков далеку поголем од сите окови кои дотогаш ги беа знаеле. Меѓутоа, по моќ ги надмашуваат сите освен највеликите бесмртни слуги на Sинч, како пакосни маѓепснички благородници среде фрасниот пантеон на проколнатите. Кога ќе се пројават во правопросторот, Демонските принцеви можат да изгледаат бизарно и променливо како и сите демони на Sинч. Ако се погоди да еден е обружен со кристален симулакрум на нуклеарниот оклоп кој го носел како смртник, наредниот може да е наметнат со руба на учен зналец сошиена од мутирано месо, а трет да си ја има позлатено ѕверската или пердувеста форма со барокни борбени плочи во стилот на некој одамна мртов ксеносен вид. Некои присвоиле форма на светкави огнени бури што гргаат од лебдечки габести маси, други се разлазуваат со девет членконоги краци, а многумина реат на корави или пердувести крила, плукајќи уроци од мноштво челусти.

Sинч несомнено е благонаклонет кон Демонските принцеви. Многумина водат свои склавски трупи или цели секти на Илјадата синови, а некои му служат на Магнус Црвени меѓу неговите воздигнати Рехати. Заситени со моќта на нивното божество, секој еден исказ на Демонските принцеви е душоразбивачка магија. Во очите им се мати вештерска светлина и жили од искричава призматична енергија им лазат по грамадните форми. Само еднаш ако претнат со аветните крилја, можат да им попркосат на физичките закони и да отпуштат сотирачки секавици од преобличувачки психички оган од само една остар нокт.

Типикарски маринци

Бестрашни, безмилосни и крајно неумоливи, Типикарските маринци маршираат во битка во непокорни чети среде облаци од устрелна енергија. Морничавата рамномерност на нивните стапки не е производ на војнички вежби, туку на еднородната цел за којашто се врзани.

Поранешните бојни побратими на Илјадата синови, метите на Типикот на Ариман, се безживотни автомати чии смртни тела уште одамна се престорени во прав. Дали душите на овие воини се искоренети или некоја мала одломка и понатаму останала да тлее, дури ни најмоќните мистици на Илјадата синови не знаат да кажат. Меѓутоа, кога ќе се отпуштени врз непријателите на легијата, искрата на глад за битка повторно им се враќа. Тогаш, Типикарските маринци се борат со гибелна смасност, ползувајќи ги древните борбени вештини врежани врз нивните души. Типикарските маринци се вечно под јаремот на оние кои ги имаат заробено. Волшебник претендент кој се здобил со команда над одред Типикарски маринци може да ги повела во битка како куклар што управува со марионета. Често, Волшебникот претендент ги употребува своите поробени војници како дувар против непријателот додека си ја спрема мрачната магија. Ако бидне да Волшебникот претендент загине, Типикарските маринци продолжуваат да го следат патот по којшто биле испратени, убивајќи и наказувајќи сѐ додека сите пред нив не се разгромени. Оние кои се без стопан брзо се пронаоѓани и присвоени од друг маѓепсник, започнувајќи нареден циклус на служба.

Древниот просперски оклоп којшто ја содржи нивната сушност веќе го нема некогашниот изглед, одошто бил караштисан долж многу векови од емпирејските сили на Изобличувањето. Ако рубата на времето им беше била олицетворение на империумската јакост, сега истата е нишан на волјата на Sинч. Подвижните серво мотори и гајтански снопови кои го овозможуваат движењето на вклопените керамитни плочи се втлеени со маѓепсничка енергија, снабдувајќи го Типикарскиот маринец со привид на анимус. Истата оваа моќ е насобрана и околу оклопот, создавајќи заштитна чаура наспроти надоаѓачкиот оган. Дури и оние напади кои ќе успеат да ја продупчат корупката на Типикарскиот маринец имаат саде мал учинок, зашто тој нема плот која може да е распарана од секавица или сечило, и само со расцепување на оклопот е можно да е соборен.

Кога ќе се случи да еден Типикарски маринец загине во битка, подгорените останки на неговата телесна форма се излеваат од цеповите во неговиот оклоп и се раштркуваат на ветерот. Така, многу светови содржат древни боишта посеани со правта на Типикарските маринци. Меѓутоа, дури и вака распрснат, на воинот не му е овозможено ослободување во неповрат. Ако одломките на оклопот се соберат и повторно се запечатат, сушноста на Типикарскиот маринец може да биде повратена во нејзината суграда за повторно да им служи на Илјадата синови. Маѓепсништвата потребни за постигнување на ваквото повторно врзување се опасни исто колку што се и моќни. Само еден погрешно изговорен слог може да го убие изустувачот наместо или да го полуди. Но ако богохулниот ритуал испаде како што треба, суштествената прав на Типикарскиот маринец ќе е повторно повлечена во нејзиниот затвор. Многу Маѓепсници претенденти во легијата ги изведуваат овие обреди и највештите можат да ѝ заповедат на сушноста на Типикарскиот маринец да се насобере дури и ако правта на телото му е расеана низ целата планета или закопана длабоко под површината.

Ера индомитус, 41 м.
Кршење на Железниот волк

Скалвски трупи од девет секти склопуваат одмазднички пакт против Вселенските волци. Низ Стигискиот сектор, походот на ритуално сквернавење ги намамува Синовите на Рас во битка. Во заседа, Волчјиот владар Ворек Вргорак е убиен. Меѓутоа, Вселенските волци им влегуваат во трагата на архитектите на заткулисната игра следејќи ги следбените дволичности на взаемните предавништва на соперничките маѓепсници.

Истребувачи на Окултниот скарабеј

Корпус елитни воини кои на времето служеле како гавази на Магнус Црвени, скоро сите Истребувачи на Окултниот скарабеј беа претворени во маѓепсничковдахната прав од Типикот на Ариман. Сега овие душопридвижени фигури поседуваат само призрачна сенка на својот некогашен интелект и честољубие.

Како воини, Истребувачите на Окултниот скарабеј се понепобедливи од било кога. Секој нивен чин е насочен кон погибелната желба на оние кои ги управуваат, и она што им останало од нагоните е посветено единствено на уништувањето на нивните непријатели. Како и Типикарски маринци, Истребувачите на Окултниот скарабеј се борат според повелбата на маѓепснички господар. Некои од овие господари биле дел од Окултниот скарабеј во времето на јаката магија на Ариман и биле доволно снажни да му се спротивстават на нејзиниот разгромувачки учинок. Други се јаки мистичари кои се искачиле низ редовите на Илјадата синови долж многу векови и поради извитоперената досетливост спечалиле место помеѓу возвеличените Секмети. Во секој случај, еден Маѓепсник на Окултниот скарабеј управува со скоро незапирлива сила на воини-автомати способни да неповредено цапотат среде масите на инфериорната непријателска пешадија.

Оклопот кој им е гробница на воините на Окултниот скарабеј е направен врз основа на истребувачкиот оклоп од пред времето на ересот. Секој костим беше бил реликвија на легијата, но дури и пред нивното паѓање во канџите на Sинч да е целосно, Илјадата синови имаа почнато да си го врежуваат истребувачки оклоп со богохулни натписи. Ова сквернавење продолжи дури и по Никејскиот собор, зашто Окултниот скарабеј го сфаќаше како своја должност вардењето на забранетото знаење кое нивниот примарх го имаше насобрано. Типикот на Ариман трајно го запечати секој воин во неговиот испоганет оклоп, заклучувајќи ги останките на нивните души за цела вечност помеѓу идолопоклоничките магични зборови кои ги имаа врежано. Од повеќе од едномилениумската изложеност на Изобличувањето, вистинската моќ на овие магорезови се смешала со сушноста на секој воин, создавајќи во Окултниот скарабеј клика од пеколно изобличени воини.

Од нивното создавање, па досега, нивниот оклоп си го има задржано најголемиот дел од силината. Генераторите на прекршно поле постанале заситени од емпирејска енергија, правејќи да воздухот околу нив врголи како што надоаѓачкиот оган безопасно е одбиен. Секој костим е исто така способен да ги издржи притисоците на телепортацијата, дозволувајќи им на воините на Окултниот скарабеј да одненадеж испаднат на боиштето низ дупки распарани во стварноста.

Најраспространетото оружје на Истребувачите на Окултниот скарабеј е свирепно свиено сечило направено врз основа на копешот од древниот Просперо. Најраните копеши биле исковани од парчиња скапоцен метал пронајдени на јаловиот свет и биле симболи на авторитет користени за казнување на оние кои ги прекршиле просперските закони. Кога Илјадата синови дошле на Просперо, копешите биле присвоени од страна на Окултниот скарабеј како нишани на нивниот чин и биле опремени со генератори на енергетско поле за да им се овозможи да цепат материја на молекуларно ниво. Иако воините се духови на нивната поранешна слава, смртоносната брзина и вештина со којашто повелаат со сечилата во борбите гради в гради и понатаму останала подеднакво јака.

Пеклоскотови

Пеклоскотовите се подвижни војни чарклии управувани од загинати воини чија костурница е сопствениот им оклоп. За разлика од лојалистичките Бесфрасници - уважени реликвии на своите братии - во чии редови некои од нив се вбројуваа на времето, Пеклоскотовите, или барем нивните пилоти, се гледани со омраза и презир од страна на живите воини на Илјадата синови. Меѓу војските на Големите култови, секој од овие моќни борбени шетачи е орудие на вечно измачување, машина створена да го преобази страдањето на неволниот ѝ жител во неугаслив бес.

Првите Пеклоскотови на Илјадата синови беа создадени кога оние предавнички легионери заклучени во Бесфрасници беа разорани од мутација на Планетата на маѓепсниците. Меѓутоа, месо не се наоѓа лесно меѓу она што останало од легијата по дејството на големиот Типик на Ариман. На обестелесните Типикари им фали физичката и духовна твар за да би го придвижиле гладното моторно јадро на еден Пеклоскот. Така, маѓепсниците ткајат сложени сплетки за да намамат Хаосни вселенски маринци од други отпаднички лози во своите клики. На овие воини им е ветена моќ вон сите можни замисли и мајсторство со огромниот спектар на знаење кое Илјадата синови го имаат ожнеано. Подучени се во психерските марифети, или барем така тие си мислат. Направо, секоја завршена задача ги носи само чекор поблиску до ритуалистичкото спојување на нивните души со машинеријата на Пеклоскотот. Содерени и дотолчени од изобличувачки пламен до магозаситена маса од живчано ткиво, преостанатата плот на воинот е положена во зјајнатата челуст на саркофагот на Пеклоскотот. Таму, останките на воинот се караштисаат со нивниот нов метален кафез, и се претворени во еднороден, поулавен алат на уништување. Помеѓу секоја битка, Пеклоскотовите обично се заклучени во оружарници-ублиети во длабините на кулите на Илјадата синови, каде што останките од пилотот се подложени на текови на емпирејски струи пуштени низ она што му останало од плотта.

Во битка, еден Пеклоскотот цапоти низ бојот, испуштајќи метални виежи од руноврежаните предаватели. Со далекустрелни топови и здробувачка арматура поставена врз саркофагот од мистичните вештаци на култот, Пеклоскотот од далеку ги срозува душманите на својот господар до фурда од месо или ги размафтува обружаните раце во смртносни лакови за да го здроби непријателот во борба гради в гради. Во миговите пред секое убиство, свеста во срцето на Пеклоскотот верува дека ќе добие некакво олеснување од страдот ако го посведочи страданието на некој друг, но неговата желба за отрпнување останува вечно незадоволена. Така, на погребаниот воин кој на времето трагал во знаење, сега му се брани дури и најмалата мисла, освен спомените на секое одвратно предавство. Сепак, свеста на клетото постоење го тера до уште поголеми степени на лудило и сѐ посвирепи чинови на воено насилство.

Т’сава, Принцот на лажговците

Ни најблиските сојузници на Т’саву од Култот на дволичност не му го знаат вистинското име. Принцот на лажговците стои во срцето на еден прав виор од сплетки и заткулисни игри. Применувајќи демонски пактови за да си го унапредне трансчовечкиот ум, некои од неговиот култ шепотат дека Т’шава веќе не е битие од плот и крв, туку олицетворение на невистина чие име постојано се изместува. Многуте маски на шлемот на Т’сива си пререкуваат една со друга, претворајќи му го говорот во разврголено гнездо на гласови. Стапот на К’сава е обичен, но срцевината му е пронижена од емпирејско усогласен ноктилит. Помпезното сечило кое Т’сура го носи на појасот го мами погледот, но не е ни приближно онолку опако колку деветте клетвоискалени ками кои ги чува сокриени. Единствената константа околу Т’савха е неговата склавска трупа, на кои им верува да го бранат.

Астортас Непостојаниот

За Астортас се вели дека окото на Sинч е цврсто вперено во него. Ниту еден телесен дел на Воздигнатиот маѓепсник не останува ист од еден миг до друг. Плотта станува пипалеста маса, лулеави крлушки или пердуви што прелеваат, и стаклесто син кристал што тече како вода пред повторно да дотрепери во постчовечка плот. Очите му се де мноштво гроздови де сложени кугли де една единствена, длабоко вдлабната јама. Меѓу Култот на мутација, Астортас е меѓу оние кои најсекавично се трансмутираат; дури и стапот му е ужасија од пулсирачко месо. Астортас знае дека стои на работ на конечна, сеопфатна промена и си го одржува вешто изработениот оклоп за да си ја задржи кохезијата сѐ до крајната - и посакувана - апотеоза.

Секетар роботи

Бездушните борбени автомати познати како Секетар роботи ја олицетворуваат самодовербата на Илјадата синови. Додека на преплетувањето на моќта на Изобличувањето со кибернетски уреди се гледа со трпок ужас низ Импеприумот, како и во сите нешта, синовите на Магнус се мислат за попаметни од другите.

Секетар роботите се вишни механички градежи. Често се користени од маѓепсниците на Илјадата синови како прекриена претходница и демнечки чувари, спремни да се активираат со смртоносна сила при точната конјункција на мистични двигатели. Секој Секетар робот има заплашувачко присуство, заситено со маѓепсничка моќ и изрезбарено во ликот на древни просперски духови или покровителски демонски слуги. Додека ја чекаат заповедта на господарот, понекогаш неподвижни со векови или милениуми, биле помислени за раскошни статуи, прикази на митски химери од некоја еретичка религија.

И покрај нивната гарабитност, Секетар роботите можат неприметно да напреднуваат во борбени позиции, благодарение на агломератен магичен плашт. Нивните господари ја обложуваат секоја механичка форма на роботот со руни на побркување и илузија. Оваа аура им го прикрива тешкиот чекор со шепотливо шумотење, може да ги изврти погледите кон нив за да се упатат во друга насока, и дури и да потисне или проголта деланки од сеќавањето на оние кои успеале да ја наѕрат правата закана која ја претставуваат.

Секетар роботите претставуваат продолжение на примената на психичките вештини на Илјадата синови во прашања на контрола и доминација. Како последица на застрашувачкиот Типик, Илјадата Синови се свртеле кон многу можности во своите обиди да ја подујат моќта и бројноста на своите склавски трупи. Некои опити завршиле со катастрофален неуспех. Од психичката манипулација на генетскиот материјал на Илјадата синови произлегле најсекакви грозотии како што стравотната клетва на плотната мена повторно се подала во небројни облици. Многубројни биле опитите кои на крајот ги апсорбирале своите творци во нагло подуени израстоци од месо, коски, заби и помалку одредлива биолошка материја.

Други обиди, пак, биле сосредоточени кон создавање слуги што би биле имуни на таквите мутации одошто воопшто не би ни поседувале плот. Секетар роботите се меѓу најраспространетите резултати од таквото чепкање. Многумина се исковани од магови-еретекци на Мрачниот Mechanicum, користејќи мистични шеми развиени од нивните јарани технолози кои пред десет милениуми побегнале од Империумот заедно со Илјадата синови. За други се вели дека генезата им е во загаточните тајни украдени од Медренгард од страна на Илјадата синови, додека некои се исковани од самите маѓепсници, користејќи пирокинетички моќи за да го обликуваат и спојат клетиот адамант и ферозит во посакувани облици.

Мутираните

Ако Илјадата синови му ги имаат заветено душите на Sинч или биле изманипулирани да стапат во негова служба, рамо до рамо со нив се борат и оние родени од грозоморната волја на Големиот обликувач. Многу од овие суштества се спој од ѕверска свирепост, птичја спретност и човечка лукавост. Други се вишни и умосрозувачки страшилишта, ем од маѓепство ем од месо. Меѓутоа, некои се трагедии од плот истуркана до ненависна умоболност, безумни мутации на кои им е дадена смртна форма.

Илјадата синови ги гледаат месноизопачените и мутираните како доказ за божествената рака на Sинч, обликувачкиот нокт на Променителот на теченија. Многу смртници се привлечени кон обожување на Sинч поради ветувањето за толеранција. Восхитени се од синовите на Магнус, доколку воопшто имаат ум за да мислат. Сепак, иако Илјадата синови можеби ги сметаат своите мутации за соодветно течение на плотта, на крајот се само пиуни и орудија во служба на маѓепсниците.

Sангорци

Богохулните распеви на насобраните Sангорци се издигаат до крешендо како што се приближуваат до пленот. Шарени јазици се пафтаат од орловски клунови, лакомо лижејќи го вкусот на страв и шашарма. Очи што прелеваат светат со нечовечко дивјаштво и сурово извртени рогови кои никнуваат од черепот на секој Sангорец ѕвечкаат како што створовите се наттрчуваат да бидат први во бојот. Со назабени сечила ги распоруваат своите жртви, расечувајќи месо по нагон во изобличени рунски дезени што им се убави за око, пред да ги согазат оние на умирање под канџестите стапала.

Sангорците се мутираните носители на благословите на Sинч, неприродни грозотии кои служат како ударни единици на склавските трупи на Илјадата синови. Телата, иако грозоморно унаказени од изобличувачката моќ на Архитектот на судбината се совршено прилагодени за војување. Долгите краци им се стегнати од мускулни снопови и трнливи, перолики издатоци им растат по градите и плеќите. Повеќето Sангорци наликуваат на некаков амалгам на човек, ѕвер и птица; макар што некои се уште поненормални во облик - со глави расцепени на средина или тела со цепови кои постојано варираат.

Sангорците се терани од емпирејски порив да трагаат по знаење во сите негови облици и да ги колат оние што ќе им застанат на патот на стремежите. Заедно со овие грабливи нагони постои и ниво на лукавост и интелигенција несвојствено за нивната чудовишната форма. Sангорците и тоа како се способни да формулираат сложени борбени планови, комуницирајќи меѓу себе со продорни црекањa и стакато чкрапања. Работејќи заедно во јата, кадри се да испустат неподготвени населенија или заровени непријателски редови. Секој Sангорец е поттикнат од лична желба да трупа мистично знаење и верува дека ќе можe да добие уште повеќе благослови од Sинч преку потрага по такво знаење.

Sангорски просветленици

На Sангорците чиишто лов по знаење му паднал в очи на нивниот бог, понекогаш им се дарува по некој од благословите на Sинч. Често, происходот на ова е деволуирање на суштеството во уште погротескна грозотија - Хаосен накот. Меѓутоа, малкумината к’сметлии подуени со таква моќ се издигнуваат над своите извитоперени побратими, телесно, умствено и духовно. Постојат во состојба на постојана сплотеност со Sинч и преку него ги гледаат променливите нишки на судбината како се вркстуваат и разделуваат.

Sангорците ги гледаат Просветлениците на своето разрикано стадо како мерила за сите војнички работи и како судбината кон којашто сите тие мора да напредуваат. Просветлениците реат над боиштето на Дискови на Sинч, јавајќи на тековите на судбината како што грабливец јава на термички струи. Дури и маѓепсниците на Илјадата синови имаат миговна почит кон овие суштества, одошто нивната дивјаштина се смета за едно од многуте езотерични орудија на Sинч. Постојано свесни за причинско-последичните протоци, Просветлениците можат да видат каде и кога нивните удари ќе нанесат најголема штета. Гатачките копја кои некои ги носат се ускладени со предодредени жртви, оддавајќи брмчави одеци кои стануваат сѐ погласни како што се доближуваат до своите мети. Други Просветленици ракуваат со судбометни лакови оптегнати со ектаплазмични струни што испраќаат омаѓосани стрели по смртоносни патеки. И за крај, некои носат верижни мечеви и автоматски пиштоли кои ги користеле во претходните животи како човечки еретици, зашто тие биле алатките со кои првично беа постигнале слава пред Sинч.

Sангорски шамани

Sангорските шамани се највоздигнатите меѓу својот мутиран сој. Тие се оракули и пророци и им проповедаат на своите земјаци качени на летечки Дискови на Sинч. Психичкотo мајсторство не им произлегува од бескрајно проучување, туку од своеобразна посветеност на својот бог, отпуштена врз душманот среде ритуални распеви на недоловливиот јазик на Sангорците. Токму со ваквите Шамани маѓепсниците на Илјадата синови си ги склучуваат врлите пактови, иако таквите маѓепсници добро се вардат кога прават вакви пазарлаци; Шаманите пред сè ѝ служат на превртливата волја на Sинч.

На Сортијариус, Шаманите водат стада од својот род на долги аџилаци низ постојано менливите пустелии. Овие масовни преселби ги следат линиите на моќ кои се вијат низ кората на планетата, вкрстувајќи се на местата каде што раздрмолената емпирејска енергија е најгуста. На овие месности издигнуваат огромни струјни могила - нестабилни брда од волшебен смет испишани со руни и обликувани во симболи свети за Sинч - кои служат како складишта за мистичното знаење украдено и пљачкосано од ѕангорските племиња. Шаманите ги користат овие градби за да ја насочат моќта на Sинч низ правопросторот со кревање на нивни монолитни двојници во џунглите и јаловините на други светови. Колку подолго секој симулакрум си останува на местото, толку повеќе изобличувачкото влијание му се прелева во планетата на која е поставен, преобразувајќи го светот и подготвувајќи го за целосна инвазија.

Хаосни накоти

Сите Хаосни богови се штедри со своите дарови на мутација, но никој не е поштедар од Sинч, Менувачот на теченија. Како што смртните поборници на Sинч непрестајно му служат на својот мрачен господар, наградени се со бизарни и ужасувачки преобразби. Рацете на некој маѓепсник може да му се претворат во многупипалести екстремитети, посовршено прилагодени за изведување на сложени ритуали на маѓепство. Очите можат да им станат течни кугли способни да ги видат заплетканите конци на судбината кои го насочуваат текот на една битка. Секој од овие дарови е нишан на наклонетост и чекор поблиску до крајната цел на вознесение до вистинско демонство. Но, за секоја смртна душа искалена во моќно суштество на Изобличувањето, небројни други се прогласени за недостојни. Плотта им се искривува во намачениот облик на Хаосен накот - грозоморно чудовиште терано од лудило кон бескрајни чинови на развратно насилство.

Илјадата синови ги гледаат Хаосните накоти како природен нуспроизвод на нивната потрага по знаење и мистична надмоќ. Овие грозотии бесцелно лутаат по Сортијариус, обликувани од оние чии стремежи ги навеле да тргнат по емпирејска моќ за којашто не биле достојни. Во ароганцијата, малку маѓепсници веруваат дека и нив ќе ги снајде истото вакво одвратно преобличување и се и тоа како спремни да ги искористат извитоперените суштества за остварување на своите цели.

Муталитски вртлоѕверки

Ниту едно суштество не ја отелесува изопачената волја на Sинч подобро од Муталитскиот вртлоѕвер. Овие кошмарни страшилишта се подеднакво огромни колку што се и извитоперени, надвиснувајќи се над пешадијата, и дури и над тенковите. Громогласниот рик им одекнува и ја продира психата на сите што ќе го дочујат, исполнувајќи им го окото на умот со привиди на парадоксален ужас, метафизички уплав еднаков на нивната плот што постојано ем се распарува ем се сошива. Витици обликувани од гнили внатрешни органи лакомо се распафтуваат нанадвор, парчосувајќи го душманот фаша по фаша или стегајќи ги страдните жртви пред да им ги повлечат згмечените тела во толчното ждрело на чудовиштето.

Создавањето на Муталитски вртлоѕвер е потполно неприроден процес, но сепак овие створови можат да се овоплотат од струите на Изобличувањето кои течат по површината на Планетата на маѓепсниците. Ова често се случува кога повеќе дузини Хаосни накоти ќе се фатат во некоја емпирејска вртушка и ќе се втопат еден во друг од сукањето на сирово волшепство. Овие одвратни конгломерати обично бргу ги снемува, рушејќи се под тежината на својата нескладна форма во трепетно брдо од слуз. Меѓутоа, повремено волјата на Sинч ги сврзува хипермутираните плот и коски во еден чудовишен смес, далеку посмртоносен од збирот на неговите одвратни поединечни делови. Некои маѓепсници се обиделе да створат свој сопствен Муталитски вртлоѕвер со магливи магии за да ја поттикнат гадната преобразба, при што многумина биле проголтани од моќта која се обиделе да ја заоглават, па нивната сопствена плот ѝ била придодадена на разврголената маса. Други Муталитски вртлоѕверки се создадени од крајно моќни маѓепсници кои, во мигот кога ќе помислат дека достигнале демонство, стануваат жртви на суровите хирови на нивниот превртлив патрон.

Громорното тело на Вртлоѕверот служи како емпирејски резервоар, вовлекувајќи и впивајќи наглотена емпирејска енергија; ова ја заситува плотта на створот, ем додржувајќи му ја споена невозможната анатомија ем раскинувајќи му ја. Постојаната борба меѓу ентропија и соединување создава развителена психичка луња околу Муталитскиот вртлоѕвер - бура од струјна моќ која ги проголтува сите што ќе се доближат, постепено извитоперувајќи им го постоењето. Маѓепсниците на Илјадата синови пируваат во ова поле на промена, со големо задоволство набљудувајќи додека чудни мутации го хараат правопросторот, нетрпеливо исчекувајќи ја секоја нова умоболна трансмутација. Кога плотта на Вртлоѕверот ќе се раскине од топовски оган и лути сечила, порои од неослободена моќ се излеваат врз боиштето, предизвикувајќи уште повеќе безвласни варирања во стварноста.

Пред да го поводат Муталитскиот вртлоѕвер во бој, Илјадата синови го впрегнуваат суштеството со џиновска ѕвезда со шилести краци направена од оган земен од врвот на Кулата на Киклопот. Зариена во ваквата пламена хаосна икона се наоѓа еден кугла - пукнато парче од големото око кое ја крунисува кулата на Магнус - и преку овој разгорен портал се насочени бесните хаосни ветрови од Планетата на маѓепсниците, дозволувајќи да суровата моќ на светот на Илјадата синови слободно се прелее врз боиштето.

Ера индомитус 41 м.
Неониричната грешка

Припадници на сервосклавјето во подвигните на Херинакс пронаоѓаат нешто што нивните господари мислат дека е инфоклависија. Архивите на вигносветот наведуваат девет такви артефакти и нивната света улога во отклучувањето на скриена мудрост. Уверени во својата должност по божествен указ, несвесни за психичката доминација над нивното склавје која Култот на манипулација ја поседува, господарите на Херинакс ја ставаат инфоклависијата во своите централни податочни стогови. За само еден циклус, полусознателната фрактална грешка се проширува низ сиот вигносвет, вјармувајќи му ја индустрија во служба на култот.

Демонски чарклии

Демонските чарклии се громорни метални чудовишта вдахнати со анимус преку ентитети од Изобличувањето заточени во нивната извитоперена снага. Воените магови на Илјадата синови ретко сами создаваат Демонски чарклии. Наместо тоа, ги набавуваат ѕверските машини преку пактови со Темниот Mechanicum или пак користат врли маѓепства за да ги врзат творбите на други легии за сопствените злонамерни умисли.

Илјадата синови пет пари не даваат за судбината на оние суштества од Изобличувањето теглилно врзани во омаѓосаните железни тела. Колку и да се опасни за душманот, таквите форми се сметаат за корисни адски кафези за живо оружје. Демоните заробени во нив ретко се демони со кои некој маѓепсник од Илјадата синови би посакал да прави пазарлама во иднина - барем тоа им е надежта - и иако се деланки од великиот Sинч, синовите на Магнус ги гледаат како дел од величествениот план на Хаосниот бог. Помали делови, се разбира, ставени на располагање на најголемите смртни поборници на Sинч. Таквата ароганција изродила безброј облици афт во срцето на демоните, но сѐ додека руните на врзување на маѓепсниците ги држат, тие остануваат нивни склавје.

Пеклодракони

Од сите Демонски чарклии, Пеклодраконите се најуважени меѓу синовите на Магнус, зашто се сметаат за отелотворенија на огнената краса која уште од дамнина била симбол на слугите на Sинч. Како што редовите на Типикарските маринци построено маршираат кон непријателот, Пеклодраконите пикираат одозгора со застрашувачка брзина. Непријателските борбени летала се искорнати од небото со секое сурово пикирање на искривените метални канџи на Пеклодраконот. Крилја и векторски мотори се кинат од шасиите на летачите, кремнисувајќи ги осакатените возила надолу кон земјата да експлодираат како запалени метеори среде своите сојузници. Од зад петиците на паѓачките кршови, Пеклодраконите блујат град од куршуми или бликови опожарувачки пламен од дивјачките челусти, решетејќи ги непријателските формации. Оние што нема да се покосени или спалени често се вртат и бегаат да спасат жива глава ветросани од крилатото чудовиште - но малкумина се плен доволно брз за да го наттрчаат. Штом жртвата е крваво посеана пред него, Пеклодраконот повторно се издига во воздухот со силно рипање, брзо соѕревајќи каде наредно може да причини гибел.

Дероврагови

Деровраговите се безвласни опсадни чарклии создадени да беснеат пред склавските трупи, кај што ќе можат да причинат најголем пустош. Со серво мотори вдахнати со енергија од Изобличувањето кои им ги придвижуваат огромните предни екстремитети, Деровраговите може да развијат застрашувачка брзина и засил, цапајќи преку купишта обгорени урнатини и брда лешеви пред да удрат во одбранбените утврдувања. Канџестите тупаници бргу се справуваат со феротонските барикади дозволувајќи му на страшилиштето да продолжи по бојниот пат, безразлично толчејќи ги и пешадијата и возилата. Склавските трупи често врежуваат криптични руни врз Дероврагот за да го потчинат демонот одвнатре под нивната конкретна цел. Во битките со Некронците од Нефречката династија, Сребрените синови исковаа магични жигови кои ги исполнуваа нивните Дероврагови со дрчен глад за метал. Ѕверовите грмеа низ непријателските редови, распарчувајќи ги металните воини фаша по фаша. Дури и кога Некронците повторно ќе се составеа, енергијата што се изливаше од разлигавените Демонски чарклии им правеше да се преуредат во извитоперени, жигопрошарани конгломерати од нескладни телесни делови.

Вигноврагови

Како колосален ѕвер, Вигноврагот тупоти низ боиштето, со нозе небаре клипови што ја дробат земјата под својата масивна тежина. Демонот насаден во машината си ги оддава заглушувачките завивања низ метални решетки пред да отвори оган, срозувајќи тела на парчиња, а возила до згура. Нагоните на Вигноврагот не се нагони на животно, туку на злонамерен емпирејски ентитет. Поттикнат е да лови од афт и омраза, плукајќи далекустрелна смрт кон пленот.

Леарниците, или Душовигни, што се користат за создавање Вигноврагови се наоѓаат на светови кај што развиорена хаосна материја лесно може да се извлече и ползува. Печките на изобличувачки оган пламтат со жештина на ѕвезди, зашто само во такви услови демоните можат да се врзат во своите вечни метални кафези. Изобличоковците си ја истураат маѓепсничката енергија во овие пламови, жртвувајќи делови од сопствениот здрав разум за да си ги остварат богохулните ниети. Кога телото на еден Вигновраг ќе се доообликува и демонскиот ентитет ќе е запечатен внатре, ѕинчовиот оган употребен за спојување на обете продолжува да беснее во јадрото на амалгамското суштество. Неугаслив и вечно променлив, овој пламен служи како резервоар за моќта од Изобличувањето, на којашто Вигноврагот ѝ дава разорна форма.

Испоганици

Како што секоја од овие химерични конструкции демне низ боиштето, самата земја околу неа се далгува и вреска под тежината на демонската енергија што зрачи од нејзината пајаковидна форма. Со секое триежно движење, многузглобните екстремитети испраќаат бранчиња на изобличувачка сила, исполнувајќи ги умовите на сите што ќе му се испулат со непокорен фрас. Неговите предни канџи ја ораат земјата, помагајќи му на Испоганикот да си ја довлече грамадната снага до пленот пред да се втурне нанапред распорувајќи ги одбранбените барикади и осакатувајќи го непријателскиот строј. Метална грозотија е, родена од умоболните мозоци на следбениците на Хаосот и одвратно ползувана од Илјадата синови како подвижна машина за уништување.

Трупот на Испоганикот е оклопна тврдина од која стрчат разнообразни вооружувања. Избивајќи му од градите, борбениот топ со громогласна сила испалува високоексплозивни гранати и може да ги распука оклопните возила на непријателот со само еден истрел. Како и самиот Испоганик, секоја од гранатите на топот е постаната домаќин на некој Sинчев ентитет. Како што боевата глава експлодира, ослободениот помал демон го изобличува обликот на стварноста во радиус на избуот, распрскувајќи на сите страни парчиња шрапнел, карпа и коски. Вечно врзан за својот затвор, ентитетот потоа повторно се насобира во чаурата на Испоганикот, каде што се преобликува во нова граната, спремна да биде истрелана кон наредната цел. Поради нивните разорни способности, Испоганиците се мошне барани од Воздигнатите маѓепсници на многуте секти на легијата. На овие војсководци често им се појавуваат привиди на световите што би можеле да ги спалат со само неколку Демонски чарклии придодадени во нивните склавски трупи. Водени од ваквите пророштва, коваат сложени планови за да ги измамат и повлијаат Изобличоковците на другите предавнички легии за да врзат демони и машини во најразорни можни строежи. Честољубието на Изобличоковци е и нивната најголема слабост, а Воздигнатите маѓепсници им ги раководат делата, терајќи ги да си мислат дека исполнуваат некаква од Бога дадена задача за профано ракотворење. Кога гротескното дело на Изобличоковците ќе е спремно, Илјадата синови пристигаат за да го присвојат плодот на неговиот труд. Творецот е заклан, изгорен или - во ритуал претпочитан од доста афтосани маѓепсници - употребен како првата жртва за неговиот Демонски чарклија, а потоа се почнува со обредот за врзување на Испоганикот за новиот стопан.

Оракулот Ф’арес

Иако прикажува присебен лик на сезнаец, маѓепсникот Ф’арес во себе врие од сомнеж и параноја. При примена на своите гатања, си ја раздвојува свеста следејќи небројни разгранети судбини наеднаш. Во последниве векови, Ф’арес не бил во состојба да целосно си го синкретизира распуканиот ум по секоја оракуларна проекција. Иако нивната сѐ појака засебност му овозможува на Ф’арес да зграпчи повеќе недофатливи иднини истовремено, деланките се расправаат и се натпреваруваат. Има делови од умот кои сè почесто ги слушаат лагите што се шепотат во Изобличувањето, а има и такви за кои, откако ќе се вратат од лавиринтските патувања, веќе не е целосно сигурен дека се негови.

Ера индомитус, 41м.
Распукан пат

Кај Пресветлиот ѕид, на галактички југозапад од Нахмундовиот кордон, двете склавски трупи познати како Одразните и Illogisticarae-ците сеат нарушување и сомнеж како дел од пактот со Харкен Светобзимачот. Работат и на сеење на дезинформации на патот на сојузниците на инквизиторот Картаволнус, кои, доколку се искористени во неговиот очаен план за уривање на Нахмундовиот кордон, наместо тоа би можеле да го распрскаат каналот во небројни извртени правци, проодни единствено за Илјадата синови.

Демони на Sинч

Демоните се суштества од Изобличувањето вообличени од Хаосните богови. Оние што се родени од волјата на Sинч се ентитети на разуздана мутација, посредници на промена во служба на Архитектот на судбината. Преку мрачни призивања, се повикани на боиштето од страна на маѓепсниците на Илјадата синови, каде што нивното неприродно постоење влева уплав во умовите на здраворазумните.

Владари на промена

Овие Велики демони на Sинч ги олицетворуваат маѓепството, измамата и адското знаење за манипулирање на судбините на смртниците според великиот кроеж на Архитектот на судбината. Изгледот им е ем счудовидувачки ем застрашувачки: вечно менлива, шарена форма која му пркоси на смртничкото расудување и логика. Најветросувачка одлика им се очите. Во нивните длабини лежи парадоксалната мудрост на Sинч. Никој не може да го издржи долгорочниот продир на погледот на Владарите на промена без да го изгуби здравиот разум. Се вели дека кога некој од нив ќе му се испули на некој смртник, душата на тој поединец се отвора како книга, откривајќи ги неговите амбиции и вистината за неговиот краен неуспех или успех.

Владарите на промена се насладуваат со подредување на безредието за сè да може да се преобликува и насочи по нов пат пред и тој пат потоа да се смени. ‘Ргачите им се движат низ правопросторот, извршувајќи ги задачите кои им ги задал Великиот демон: убивање на некој ситен смртник, шепнување во увото на некој командир, крадење на некој безвреден артефакт. Другпат, некој Господар на промена ќе поведе цела светулкава легија во отворена војна против кревките смртници на правопросторот, управувајќи ги плимата и осеката на борбата според своите адски сплетки. Со само еден лесен замав на ноктестиот прст, Господарот на промена може да загрне десетици воини во треперливи пламени, нанесувајќи судбина колку непредвидлива толку и смртоносна.

Каирос Судботкајачот

Оракулот на Sинч


Од сите загатки во галаксијата, демонските гледачи им тврделе на смртниците дека има само една која ѝ се отима на способноста на Sинч да ја разреши - Бунарот на вечноста. Сместен во срцето на Невозможната тврдина, за мистичниот Бунар се вели дека е местото од кај што просторот и времето потекнуваат и кај што завршуваат. Не можејќи да му одолее на искушението да ја разоткрие загатката, но неволен да самиот го преземе ризикот, Sенч го зграпчил својот везир, силен Владар на промена познат како Каирос Судботкајачот, и го фрлил во раздрмолените струи на Бунарот.

Каирос го поминува поголемиот дел од своето постоење во фракталното царство на Sинч, кај што двете глави-близначки му бладаат знаења за минатото и мрморат тајни за иднината. Деветпати по девет Владари на промена го бележат секој збор што го изустува Судботкајачот, за да ѕинчовото крајно разбирање на вечноста втаса што е можно побрзо. Во оние прилики кога службата на Каирос под Архитектот на судбина води на боиште, секогаш е среде некоја клучна разделница во неизречива велесплетка на Sинч. Таму, Каирос ги ползува своите гледиште и проѕорливост за да повлијае врз текот на битката, насочувајќи ги демонските легии на својот господар по најпосакуваната патека.

На Каирос му е ќеф да ги врти своите непријатели еден против друг, стаено извртувајќи ги нишките на судбина за еден смртник да умре иако му било пишано да живее и обратно. Сепак, Каирос е и психер со врвна моќ; кога има нужда од потполно уништување на непријателите на Sинч, Каирос отпушта порои од изобличувачка енергија што можат да го извитоперат и променат боиштето во видик на смрт и разурнување. Макар што Оракулот претпочита да ги избегнува опасностите на борбата гради в гради, ако се случи да непријателските сили успеат да се пробијат низ неговите ‘ргачи, Каирос е и тоа како способен да ги сотре. Со еден праскот на моќ, Стапот на утрежот може со само еден единствен удар да ги трансмутира и највеликите смртници во тептави накоти.

Ужасии

Најизобилни меѓу демонските слуги на Sинч се неговите орди од Розови, Сини и Ќуќурни ужасии. Од куглестите тела на овие псевдобитија се изникнати мноштво исколчени краци заедно со распафтани пипалести екстремитети. Прорезовидните усти знаат да им се или назабени со неправилни редови песјаци или да стрчат во форма на сурови клунови, а долгите јазици им се таласат со вражби на неодбирлива богохулност.

Најголеми се Розовите ужасии. Разрипуваат и клинкаат во борба во постојана состојба на неприродна жизнерадосност, нетрпеливо прескокнувајќи еден преку друг за да стигнат до непријателот или да се доближат до некое жариште на моќ на боиштето. Од помеѓу нивните распалавени маси доаѓаат ленти од искричав пламен за да го спалат душманот и избуви на мутациска енергија што ги хараат оние неверни на нивниот творец. Секоја Розова ужасија е продолжение на повеќеизразната волја на Sинч и сите дејствуваат како едно насочувајќи ги енергиите на Изобличувањето. Склони се кон ненадејни и драстични варирања. Ако бидне да некоја Розова ужасија е тешко ранета, сушноста можеби нема веднаш да ѝ се процеди назад во Иматериумот, туку може да се раздели, претворајќи се во двојка од Сини ужасии.

За разлика од веселото битие од кое произлегле, Сините ужасии се скиселени и туробни. Се втурнуваат не со веселништво, туку со мрачна намера, кинејќи ги оние на кои ќе им се приближат со раздрапани канџи и заби. Ако бидне да некоја Сина ужасија, пак, е покосена, суштеството исчезнува во облак од опор чад. Од овие неприродни чуреи можат да испаднат чифт ситни Ќуќурни ужасии. Овие џуџести врагчиња се чинат како да се направени од треперлив оган и испуштаат остар мирис на сулфур. Секое е само ронка од пукнато, зајадливо чувство, умоболна мисла која добила облик. Пред една Ќуќурна ужасија да испари враќајќи се во Изобличувањето, жеднее за месо и умови, кои нејзината омразена сушност сака да ги спалува.

Пламенари

Со невозможни физиологии кои можат да ги излудат оние што ќе им се испулат, Пламенарите се меѓу најобезумувачките слуги на Sинч. Долебдуваат до бојното место опкружени со аура која лудо ја мутира стварноста, дозволувајќи им со лесно да им срипаат на непријателите. Телото на еден Пламенар е расцепено од одвратни челусти кои широко зјајнуваат, се запечатуваат, и повторно се појавуваат на друго место. Од секое од овие џвала капат етерични пламени од чисто изобличувачко волшепство. Со силно згрчување, демонот може да го испрска нанадвор резервоарот од маѓепснички пламен.

Наместо да спалуваат со жештина, Пламенарите ги обезличуваат и трансмутираат оние обвиени од нивниот оган. Нивните мети претрпуваат илјадници промени. Мускули, коски, органи и воена спрема се караштисаат едни со други, постојано престројувајќи се. Бели дробови се подуваат надвор од телото, гласни жици се извртуваат во фрактални облици, а воксови решетки стануваат живи органи поврзани со центрите за болка на мутирачкиот мозок на жртвата.

Врескачи

Ширококрилите демони познати како Врескачи пливаат низ морето на Иматериумот во големи јата, итајќи низ етерични вртушки и изоблични струи. Зад себе оставаат траги од светлина што прелева, а насекаде околу нив одекнуваат умопродупните врисоци по коишто го добиле името.

Врескачите ловат во глутници и можат да го лоцираат психичкиот и чувствен мирис на изобличната сенка на еден смртник на растојание од повеќекратни рамнини на постоење. Непокорно трагаат по таквите мириси, влегувајќи им во дирата на метите пред да им се спуштат за да ги растргнат, сосе тело и сосе ум. Дури ни заштитното Гелерово поле на бродовите не може целосно да ја сокрие психичката патина што ги привлекува Врескачите. Знаат да роваат низ полињата на летала кои ќе ги најдат, лупејќи го трупот и дозволувајќи да Изобличувањето го поплави бродот.

Јата Врескачи се привлечени кон битки во правопросторот кај што паника и шашарма се густат во воздухот. Маѓепсниците на Илјадата синови го забрзуваат пристигањето на демоните со ритуали кои отвораат директни портали кон вообичаените хранилишта на Врескачите. Како што Врескачите летаат преку боиштето, молскавично бичуваат со опашките за да ги наденат оние под нив на брутални боцки. Оние кои нема веднаш да загинат се духовно ослабнати и обележани како идни оброци.