Силмарилионот, објавен четири години по смртта на неговиот автор, е запис на Дамните Дни или Првата Ера на Светот. Во Господарот на Прстените се раскажуваше за големите настани при крајот на Третата Ера; но сказните во Силмарилионот се легенди произлезени од многу подалечно минато кога Моргот, првиот Темен Владар, домувал во Меѓуземјето и Врховните Вили воделе војни против него за повратот на Силмарилите.
Меѓутоа, Силмарилионот не само што ги прераскажува настаните од едно многу подалечно време во споредба со Господарот на Прстените, туку според сите елементи на неговиот зачеток преставува и многу порано дело. И покрај тоа што во тоа време не се викаше Силмарилион, постоеше уште од пред половина век; и во ветви тетратки кои датираат дури од 1917та сѐ уште може да се прочитаат, често низ чкрапаници, најраните верзии на водечките приказни во неговата митологија. Но никогаш не беше издаден (иако во Господарот на Прстените можат да се наѕрат некои показатели за неговата содржина) и низ неговиот долг живот татко ми никогаш не го напушти ниту престана да работи на него, дури и во крајните години пред смртта. За сето тоа време Силмарилионот, кој важеше само за една голема структура на приказни, претрпе релативно малку радикални промени; и уште одамна прерасна во скаменета традиција и заднина за подоцнежните дела. Но беше многу далеку од тоа да стане скаменет текст и не остана непроменет дури ни во некои од основните идеи во врска со природата на светот кој го претставува; па истите тие легенди беа прераскажани во подолга или пократка форма и во различни стилови. Како што врвеа годините, промените и варијантите, како во подробности, така и во поголеми гледни точки, станаа толку сложени, толку сеприсутни и толку многуслојни што создавањето на негова крајна и дефинитивна верзија се чинеше недостижно. Освен тоа, старите легенди („стари“ не само во смисла на далечната Прва Ера, туку сега и во однос на животот на татко ми) прераснаа во носители и содржатели на неговите најдлабоки размислувања. Во подоцнежните дела митологијата и поезијата потонаа зад теолошки и филозофски преокупации, што беше и причина за појавата на недоследности во тонот.
Со смртта на татко ми, на мене остана да се обидам да го доведам делото до форма соодветна за издавање. Ми стана јасно дека обидот да се престави, меѓу кориците на една книга, разнобразноста на материјалите - да Силмарилионот се покаже како дело кое постојано растело и се развивало низ период од повеќе од половина век - би довело само до забуни и затрупување на она што е од главно значење, па затоа си зедов за задача да изработам единствен текст, одбирајќи и распоредувајќи го онака како што сметав дека би се добило најјасна и внатрешно најсамодоследна приказна. Во таквата работа, крајните поглавја (почнувајќи од смртта на Турин Турамбар) пројавија интересни потешкотии поради тоа што со години имаа останато непроменети, па во определени точки беа во сериозна несклад со некои од поразвиените концепти од другите делови на книгата.
Целосна доследност (било во содржината на самиот Силмарилион, било помеѓу Силмарилионот и другите издадени дела на татко ми) не треба да се очекува и би се постигнала, ако воопшто може да се постигне, само низ преголеми и непотребни напори. Освен тоа, татко ми Силмарилионот го имаше замислено како зборник, курс на приказни, составен многу подоцна, од најразлични извори (поеми и летописи и орални сказни) кои преживеале низ прастарата традиција; концепт кој всушност има и своја паралела во самата историја на книгата, зашто во голем дел е заснован врз рана проза и поезија, па до некоја мера претставува курс и во фактичка, а не само во теоретска смисла. Кон ова може да се препишат разликите во брзината на раскажувањето и исцрпноста на подробностите во различните делови на приказните, спротивставеноста (на пример) помеѓу прецизните сеќавања на места и мотиви во легендата за Турин Турамбар и формалните и далечни записи за крајот на Првата Ера, кога Тангородрим била разрушена и Моргот соборен; како и некои од разликите во тонот и описите, некои ситни подробности, а на две-три места и извесниот недостиг на слеаност. Во случајот со Валаквентата на пример, мора да претпоставиме дека, иако таа содржи многу од она што се случувало во најраните денови на Елдарите во Валинор, подоцна била видоизменета; што би ги објаснило постојаните промени на граматичко време и гледиште, според кои боженствените сили некогаш се чинат дека се присутни и активни во светот, а некогаш далечни, како некој исчезнат ред останат само во сеќавањата.
Книгата, иако е насловена онака како што мора да биде, Силмарилион, не го содржи само Квента Силмарилионот, или главниот Силмарилион, туку и четири други кратки дела. Аинулиндалето и Валаквентата кои се дадени на почетокот се доста тесно поврзани со Силмарилионот; но Акаллабетот и За Прстените на Моќта кои се наоѓаат на крајот се (мора да се нагласи) потполно одделни и независни. Вклучени се поради експлицитната намера на татко ми; и со нивното вклучување е претставена целосната историја почнувајќи од Музиката на Аинурите кога започнал светот, па сѐ до заминувањето на Прстеноносците од пристаните на Митлонд на крајот на Третата Ера.
Бројот на имиња кои се појавуваат во оваа книга е многу голем и затоа имам вклучено целосен индекс; но бројот на лица (Вили и Луѓе) кои имаат важна улога во приказните од Првата Ера е доста помал и сите овие ќе можат да се најдат во родописните табели. Исто така вклучив табела која дава преглед на мошне сложените имиња на различните вилински народи; забелешки за изговорот на вилинските имиња, листа на некои од главните елементи кои можат да се најдат во тие имиња; и карта. Вреди да се забележи дека големиот источен планински синџир, Еред Луин или Еред Линдон, Сините Планини, се наоѓа во најзападниот дел на картата во Господарот на Прстените. Во текстот на делото се наоѓа и помала карта: нејзина цел е да овозможи лесен и јасен преглед за тоа каде се протегале кралствата на Вилите по враќањето на Нолдорите во Меѓуземјето. Не ја обременив книгата со какви и да било други коментари или белешки. Постои едно цело богатство од неиздаден материјал од татко ми во врска со Третата Ера, раскази, лингвистички, историски и филозофски дела и се надевам дека ќе биде возможно да се издаде нешто од ова во некое покасно време.
Во тешката и неизвесна задача на подготвување на текстот за книгата, од голема помош ми беше Гај Кеј, кој работеше заедно со мене во 1974-1975.
Кристофер Толкин