Има, во земјата Мнар, едно колосално мирно езеро кое ниеден поток не го пои и од кое ниеден поток не се излева. Пред десет илјади години на неговите брегови се издигаше великиот град Сарнет, но Сарнет веќе не се издига таму.
Се раскажува дека во исконски години кога светот бил млад, уште пред луѓето од Сарнет да дојдат во земјата Мнар, друг град се издигал крај езерото; сивиот камен град Иб, кој бил стар колку и самото езеро и населен од созданија непара пријатни за да им се опули човек. Многу несекојдневни и грди биле овие созданија, како што всушност се и сите созданија во светови кои се сѐ уште зародишни и грубо скроени. Запишано е врз циглените цилиндри на Кадатерон дека созданијата од Иб по шар биле зелени колку и езерото и маглините кои се кревале над него; дека имале вбрекнати очи, напрчени, млитави усни и своевидни уши и биле без глас. Запишано е и дека се спуштиле една вечер од месечината по некаква маглина; и тие и колосалното мирно езеро и градот Иб од сив камен. Како и да било, сигурно е дека обожувале некој морско-зелен камен идол изделкан во ликот на Бокруг, великиот воден гуштер; пред којшто ужасно играле кога месечината била испапчена. И запишано е во папирусот на Иларнек, дека еден ден го откриле огнот и оттогаш завалувале пламен при многу обредни пригоди. Но за овие созданија не е запишано многу, бидејќи живееле во многу древни времиња, а човекот е млад и многу малку знае за многу древните живи нешта.
По многу раздобја, луѓе пристигнале во земјата Мнар; мургав овчарски народ со своите рунести стада, кои ги изградиле Траа, Иларнек и Кадатерон крај развртената река Аи. А извесни племиња, пободри од останатите, притискале подлабоко врз границите на езерото и го изградиле Сарнет на место каде што во земјата имало скапоцени метали.
Недалеку од сивиот град Иб скитничките племиња ги беа поставиле првите камења на Сарнет и многу им се изначудиле на созданијата од Иб. Но со нивното чудење помешана била и омраза, одошто мислеле дека не ќе е ујгун да созданија со таква лика се шетаат по светот на луѓето при примрак. Ниту ги бендисале чудните скулптури врз сивите монолити на Иб, одошто тие скулптури биле ужасни од преголема антика. Зошто созданијата и скулптурите до толку касно се беа замајале во светот, дури до доаѓањето на луѓето, никој не знаел да каже; освен ако не било поради тоа што земјата Мнар е многу мирна и отсечена од повеќето други земји и од јаве и од сон.
Како што луѓето од Сарнет сѐ повеќе им се пулеа на созданијата од Иб така омразата се повеќе им растеше, а и не беше намалена од тоа што созданијата ги сметаа за слаби и меки како пивтија наспроти допирот од камења и копја и стрели. Па така еден ден младите воини, фрлачите на праќа, копја и стрели, појдоа во поход против Иб и ги испотепаа сите негови жители, туркајќи ги настраните тела во езерото со долги копја, бидејќи не сакаа да ги допрат. И бидејќи не ги бендисуваа сивите извајани монолити на Иб и тие исто така ги фрлија во езерото; чудејќи се, од напорноста на таквата задача, како ли камењата биле донесени од далеку, како што сигурни и беа биле, одошто им немаше лика и прилика во сета земја Мнар или во граничните земји.
Така од многу древниот град Иб ништо не беше поштедено освен морско-зелениот камен идол изделкан во ликот на Бокруг, водниот гуштер. Него младите воини го одведоа со нив во Сарнет како симбол на тржество над старите богови и созданијата од Иб и како нишан на главатарство во Мнар. Но ноќта кога беше поставен во храмот некоја ужасна работа сигурно се беше случила одошто бизарни светла беа видени над езерото и изутрината луѓето видоа дека идолот го нема и дека врховниот свештеник Таран-Иш лежи мртов, небаре од некој страв што е неизречлив. И пред да умре, Таран-Иш беше го начкрапал врз олтарот од кризолит со груби растреперени црти знакот на СУДОТ.
По Таран-Иш се изредија многу врховни свештеници во Сарнет, но зелено-морскиот камен идол веќе никогаш не го најдоа. И многу векови дојдоа и појдоа, при што Сарнет процвета до немајкаде, па само свештениците и старите жени се сеќаваа на она што Таран-Иш го беше начкрапал врз олтарот од кризолит. Измеѓу Сарнет и градот Иларнек се протегаше каравански пат и скапоцените метали од земјата беа разменувани за други метали и ретки ткаенини и џеваири и книги и кувенџиски алати и сѐ друго што е од луксуз, а што им е познато на луѓето кои домуваат долж развртената река Аи и по неа. Така Сарнет нарасна да е силен и учен и прекрасен и фати да праќа освојувачки војски да ги потчинат соседните градови; и со време врз престолот на Сарнет стасаа да седат кралевите на сета земја Мнар и на многу гранични земји.
Светско чудо и гордоста на сето човештво беше Сарнeт величествениот. Од изгланцан пустиноископан мермер му беа ѕидините, 300 аршини вишни и 75 ширни, та кочии да можат да се разминуваат кога луѓето ќе ги потераа врз нив. Во должина од 500 стадиони кај се протегаа и отворени беа само од страната кон езерото; каде што морски бедем од зелен камен ги сопираше брановите кои несекојдневно се издигаа еднаш годишно на сведенот на уништувањето на Иб. Во Сарнет имаше педесет улици од езерото до портите на караваните, а нив ги сечеа педесет други. Со оникс кај беа калдрмисани, освен оние кај што цапотеа коњи и камили и слонови и коишто беа калдрмисани со гранит. И портите на Сарнет беа многубројни колку и близубрежните краеви на улиците, секоја од бронза и обостранета од фигури на лавови и слонови изрезбарени од некој камен којшто веќе не е познат меѓу луѓето. Куќите на Сарнет беа од глеѓосани цигли и калцедон, секоја со своја обѕидана градина и билјурно езерце. Со чудни мајстории беа суградени, зашто немаше друг град со такви куќи; и патници од Траа и Иларнек и Кадатерон им се чудеа на сјајните куполи со коишто беа овенчани.
Но уште почудесни беа палатите и храмовите и градините направени од Зокар, кралот старински. Имаше многу палати, од коишто и најнеубавите беа повелики од било кои во Траа или Иларнек или Кадатерон. Толку беа високи што ако човек влезеше, понекогаш можеше да му се пристори небаре над него е саде небото; но кога беа осветлени од факели наквасени со маслото од Дотур ѕидовите им покажуваа колосални слики на кралеви и војски, со велелепност која ем го вдахнуваше ем го вџашуваше оној кој ќе им се опулеше. Едночудо беа столбовите на палатите, сите од вапсан мермер и изрезбарени во дезени со убавина на која рамен ѝ немаше. И во повеќето палати подовите беа мозаици од берил и лапис лазули и сардоникс и алмандин и друга кибарна граѓа, така натокмена што на оној кој ќе се опулеше му доаѓаше небаре чекори по леа со најретки цвеќиња. А имаше и шадрвани, кои распрскуваа води полни мисковина во насладни млазови изнаредени со најочиклен мајсторлук. Поблескава од сите други беше палатата на кралевите на Мнар и на граничните земји. Врз два златни укутарени лавови беше поставен престолот, многу чекори над светкавиот под. И беше изнедрен од едно парче филдиш, макар што нема жив човек којшто знае од каде едно толку колосално парче би можело да се има најдено. Во таа палата имаше и многу галерии и многу амфитеатри кај што лавови и луѓе и слонови водеа битки за на кралевите да им го прават ќефот. Понекогаш амфитеатрите беа поплавени со вода доведена од езерото преку јаки акведукти, па приредени беа врапити морски борби или пресметки измеѓу пливачи и смртоносни морски дијании.
Вишни и вчудовидувачки беа седумнаесетте куловидни храмови на Сарнет, изработени од светол разнобоен камен кој никаде на друго место го немаше. Цели илјада аршини се издигаа најголемите од нив, каде што врховните свештеници домуваа во величественост едвај помала од онаа на кралевите. На земјата имаше дворци колосални и велелепни како оние во палатите; кај што калабалаци се береа да ги обожуваат Зо-Калар и Тамаш и Лобон, врховните богови на Сарнет, чиишто темјанозарубени светилишта беа небаре престолите на монарсите. Не беа како иконите на другите богови, оние на Зо-Калар и Тамаш и Лобон, одошто толку беа небаре живи што човек можеше да се заколне дека самите кибарни брадати богови седат на филдишните престоли. И по недоодни скали од блескав циркон беше одајата на кулата, од каде што врховните свештеници денски гледаа преку градот и рамнините и езерото, а навечер кон загадочната месечина и предзначните ѕвезди и планети и нивните одрази во езерото. Тука се правеше најтајниот и најдревен обред за презир на Бокруг, водниот гуштер и тука се наоѓаше и олтарот од кризолит којшто ги содржеше чкрапаниците на Таран-Иш за СУДОТ.
А подеднакво чудесни беа и градините направени од Зокар, кралот старински. Во средиштето на Сарнет кај се протегаа, зафаќајќи голем простор и опкружени со висок ѕид. И беа надвиснати од грамадна купола од стакло, низ којашто светеа Сонцето и Месечината и ѕвездите и планетите кога беше ведро и на којашто беа обесени блестиви слики од Сонцето и Месечината и ѕвездите и планетите кога не беше ведро. Налето градините беа разладувани со свежи миризливи ветренца вешто раздувувани од лепези, а зиме беа греени со сокриени огнови, па така во тие градини секогаш беше пролет. Поточиња протекуваа преку светли камчиња, делејќи зелени полјани и разношарни градини и прерипнувани од мноштво мостови. Едночудо беа водопадите долж нивните текови и едночудо беа и лилјановите езерца во коишто се прошируваа. По потоците и езерцата се движеа бели лебеди, додека музиката на ретки птици ѕунеше со мелодијата на водите. Во подредени тераси се издигаа зелените кејови, накитени ваму-таму со сеници од бршлени и пријатни цветови и седишта и клупи од мермер и порфир. И имаше многу мали светилишта и храмови кај што човек можеше да се одмори или да им се помоли на малите богови.
Секоја година во Сарнет се славеше славата на уништувањето на Иб, при коешто време претекуваше од вино, песни, игранки и најсекакви веселби. Голема чест им се оддаваше тогаш на опсените на оние кои ги беа разнебитиле несекојдневните древни созданија и споменот на тие созданија и на нивните дамни богови беше руган од многу играчи и свирачи на лаута крунисани со ружи од градините на Зокар. И кралевите ќе се испулеа преку езерото и ќе ги колнеа коските на мртвите кои лежеа под него. Отпрво врховните свештеници не ги сакаа овие сведени, одошто меѓу нив се имаа размотано лефтерни сказни за тоа како ја беше снемало морско-зелената икона и како Таран-Иш беше умрел од страв и оставил опомена. И рекоа дека од високата кула понекогаш им се гледале светла од под водите на езерото. Но како што многу години минуваа без никаков ал, дури и свештениците фатија да се смеат и да колнат и да се приклучуваат во оргиите на гоштевачите. Впрочем, зар го немаа и самите, во нивната висока кула, често изведувано најтајниот и најдревен обред за презир на Бокруг, водниот гуштер? И илјада години на азно и наслада минаа низ Сарнет, светското чудо и гордоста на сето човештво.
Од лична полична беше славата на илјадитата година од уништувањето на Иб. Цела декада се беше зборувало за неа во земјата Мнар и кога фати да ближи до Сарнет стасаа на коњи и камили и слонови луѓе од Траа, Иларнек и Кадатерон и од сите мнарски градови и од земјите од другата страна. Пред мермерните ѕидови на назначената вечер беа дигнати сениците на принцевите и шаторите на патниците и сиот брег одекнуваше со песните на среќните веселници. Во неговиот двор за банкети беше испружен Наргис-Хеи, кралот, опиен од древно вино од визбите на освоениот Пнат и опкружен со благородници гоштевачи и развјасани робови. Многу чудни специјалитети се јадеа на таа гозба; пауни од островот Нариел во Средишниот Океан, млади кози од далечните ридови на Имплан, камилски пети од Бназичката Пустина, јатки и мирудии од сидатриските шумјаци и бисери од браноизмиениот Мтал растворени во киселина од Траа. Сосови имаше до толку што бројот не им се знаеше, приготвени од најпрефриганите готвачи во сиот Мнар и погодени за вкусот на секој гоштевач. Но најценети од сиот зијавет беа големите риби од езерото, секоја со колосална големина и послужени на златни послужавници украсени со рубини и дијаманти.
Додека кралот и неговите благородници се гостеа во палатата и му се пулеа на јадењето што беше круна на гозбата додека ги чекаше на златни послужавници, други се гостеа на други места. Во кулата на големиот храм свештениците одржуваа веселби и во сениците надвор од ѕидовите принцевите од соседните земји празнуваа. И врховниот свештеник Наи-Ка беше оној кој прв ги виде сенките кои се спуштија од испапчената месечина во езерото и проклетите зелени маглини кои се дигнаа од езерото за да се сретнат со месечината и во зловесна магличавост да ги загрнат кулите и куполите на злок’сметниот Сарнет. Потоа тие во кулите и надвор од ѕидовите здогледаа чудни светла на водата и видоа дека сивата карпа Акурион, чиј узус беше високо да се виши над водата близу брегот, беше скоро потопена. И фати страв, нејасно, но молскавично, па принцевите од Иларнек и од далечниот Рокол си ги прибраа и здиплија шаторите и сениците и си заминаа кон реката Аи, макар што непара ја знаеа причината за заминувањето.
Тогаш, пред да чукне полноќ, сите бронзени порти на Сарнет трескаво се расчепатија и изблујаа здивен калабалак кој ја поцрни рамнината, та сите дојдени принцеви и патници преплашено се разбегаа. Зашто врз лицата на овој калабалак беше испишано лудило вродено од ужас неиздржлив и од јазиците им секаа зборови толку стравотни што никој слушач не застана да праша што-како. Луѓето чии очи беа оџагарени од страв се дереа на цел глас од глетката во кралскиот двор за банкети, каде што низ прозорците веќе не се гледаа формите на Наргис-Хеи и неговите благородници и робови, туку орда од неописливи зелени безгласни нешта со вбрекнати очи, напрчени, млитави усни и своевидни уши; нешта кои ужасно играа, носејќи во шепите златни послужавници украсени со рубини и дијаманти кои содржеа неујгун пламени. И принцевите и патниците, како што бегаа од на пропаст осудениот град Сарнет на коњи и камили и слонови, повторно погледнаа кон маглинокотното езеро и видоа дека сивата карпа Акурион е целата потопена.
Низ сета земја Мнар и граничните земји се проширија сказните на оние кои имаа избегано од Сарнет и караваните веќе не го бараа тој клет град и неговите скапоцени метали. Долго време мина пред патници пак да почнат да одат дотаму, а дури и отпосле само храбите и белосветски младичи од далечната Фалона се осудуваа да тргнат на такво патување; белосветски младичи со жолта коса и сини очи, кои не им се рода на луѓето од Мнар. Овие луѓе навистина одеа до езерото за да го погледнат Сарнет; но иако го наоѓаа самото колосално мирно езеро и сивата карпа Акурион која се вишеше над него близу брегот, не можеа да го опулат светското чудо и гордоста на сето човештво. Каде што еднаш се беа издигале ѕидови од 300 аршини и кули уште повисоки, сега се протегаше само блатест брег и каде што еднаш беа домувале педесет милиони луѓе сега само презривиот зелен воден гуштер лазеше. Ни рудниците на скапоцени метали немаа останато, одошто СУДОТ го беше стасал Сарнет.
Но полузакопан во сипките беше соѕрен еден своевиден зелен идол од камен; еден прекумерно древен идол прекриен со морска трева и изделкан во ликот на Бокруг, големиот воден гуштер. Тој идол, положен во врховниот храм во Иларнек, следбено беше обожуван под испапчената месечина низ сета земја Мнар.