Ведарот - Полиграматон

Ведарот


I

Потоа се велеше дека човекот дошол од север, од Ортомска Порта. Дојде пеш, водејќи го натоварениот коњ за узди. Беше касно попладне и тезгите на ортомџиите и самарџиите беа веќе затворени, а улицата пуста. Беше жешко, но човекот врз рамената имаше наметнато црн плашт. Привлекуваше внимание.
Сопре пред крчмата „Стариот Наракорт“, застана, го наслуша калабалакот гласови. Крчмата како и секогаш во тоа време, беше полна луѓе.
Непознатиот не влезе во „Стариот Наракорт“. Го поведе коњот подолу по улицата. Таму имаше една друга крчма, помала, наречена „Кај лисицата“. Таму беше празно. Крчмата не ја биеше многу добар глас.
Крчмарот ја подигна главата над едно буре сторени краставици и со поглед го измери човекот. Туѓинецот, сѐ уште наметнат со плаштот, здрвено стоеше пред тезгето, неподвижен и тивок.
„Што ќе повелаш?“
„Пиво,“ рече непознатиот. Гласот му беше непријатен.
Крчмарот си ги избриша рацете од платнената престилка и наполни еден земјен бокал. Бокалот беше поткршен.
Непознатиот не беше стар, но косата му беше скоро целосно бела. Под плаштот носеше износен кожен елек врзан под вратот и на рамената.
Кога го сметна плаштот луѓето околу него забележаа дека на грбот носи меч, што само по себе и не беше толку чудно, сите во Визим носеа некакво оружје, но никој не носеше меч врзан на грбот како лак или футрола за стрели. Непознатиот не седна на масата со другите гости, туку остана да стои пред тезгето, пронижувајќи го крчмарот со поглед. Се напи од бокалот.
„Барам соба да преспијам.“
„Немам,“ – гровна крчмарот, гледајќи во чизмите на гостинот, испрашени и валкани. „Види во Стариот Наракот.“
„Порадо би тука.“
„Немам.“ Крчмарот најпосле го препозна нагласокот на непознатиот. Ривиец беше.
„Ќе платам.“ Туѓинецот прозборе тивко, како да беше несигурен. И така почна бељата. Еден сипаничав човек висок како трска кој, од мигот кога туѓинецот стапна во крчмата не го беше тргнал мрачниот поглед од него, стана и пријде до тезгето. Двајца од неговите другари станаа по него, застанувајќи на не повеќе од два чекори.
„Ти се вели дека нема место, скитнику Ривиски,“ зарипнато рече сипаничавниот, застанувајќи веднаш до туѓинецот. „Не ни требаат такви како тебе во Визим. Ова е домаќински град!“
Туѓинецот си го зеде бокалот и се тргна. Му се испули на крчмарот кој му го избегна погледот. Ни на крај памет не му текна да го одбрани Ривиецот. Сепак, кој сака Ривијци?
„Сите Ривијци се арамии,“ продолжи сипаничавиот, со здив кој мирасаше на пиво, лук и лутина. „Ме слушаш ли, копиле?“
„Не те слуша. Има лепешки в уши,“ рече еден од луѓето што беа со него, а вториот се закикоти.
„Плати и оди си!“ викна сипаничавиот.
Дури тогаш непознатиот го погледна.
„Да го допијам пивото.“
„Сега ќе ти поможиме,“ зас’ска сипаничавиот. Му го турна бокалот од рацете на Ривиецот и зграбувајќи го истовремено за рамото, ги закопа прстите во кожената врвца што минеше попреку врз градите на туѓинецот. Еден од луѓето зад него ја крена тупаницата за да удри. Туѓинецот се склупчи на место, рушејќи му ја рамнотежата на сипаничавиот. Мечот зас’ска од ножницата и блесна за момент на притулената светлина. Местото зовре. Се чу врисок. Еден од последните останати муштерии се затетерави кон вратата. Една столица тресна на земи и земјените чинии шупливо се здробија врз подот. Крчмарот – со растреперени усти – го погледа ужасно расеченото лице на сипаничавиот кој, стискајќи ги прстите за работ на тезгето, го снема прудолу, небаре потонал. Другите двајца лежеа наземи. Едниот неподвижен, а другиот претајќи и грчејќи се во мрачна локва која сѐ повеќе се ширеше. Избезумениот врисок на некоја жена затрепери низ воздухот, бодејќи уши. Крчмарот затрепери, зеде здив и фати да повраќа.
Туѓинецот се повлече кон ѕидот. Склупчен, напнат и бодар. Го држеше мечот во две раце, лулајќи го сечилото низ воздухот. Никој не се помрдна. Ужас, како ладна кал, им се гледаше на лицата, здрвувајќи им ги нозете и запушувајќи им ги грлата.
Тројца стражари се втурнаа во крчмата трескајќи и ѕвонејќи со оружјето. Сигурно беа биле недалеку. Во рацете држеа палки обвиткани со кожени врвци, но штом ги видоа телата, ги извлекоа мечовите. Ривиецот се припи до ѕидот и со левата рака извлече кама од чизмата.
„Фрли го!“ вика еден од стражарите со трепетлив глас.
„Фрли го, разбојнику! Доаѓај со нас!“
Вториот стражар ја клоцна масата, не дозволувајќи да Ривиецот му дојде отстрана.
„Треска, оди бргу по другите,“ му викна на третиот стражар, кој имаше застанато близу до вратата.
„Нема потреба,“ рече непознатиот, спуштајќи го мечот. „Сам ќе дојдам.“
„Ќе дојдеш, песји сину еден, право на вешало!“ извика растреперениот стражар. „Фрли го мечот или главата ќе ти ја здробам!“
Ривиецот се исправи. Брзо го притисна сечилото под левата мишка и со десната рака подигната кон стражарите, во воздухот исцрта брз, сложен знак. Нитните од туниката му светнаа од зглобовите до лактите.
Стражарите веднаш се повлекоа, покривајќи си ги лицата со подлактиците. Еден од муштериите срипа додека друг ја спрашти кон вратата. Жената повторно вресна, диво и увопарателно.
„Сам ќе дојдам,“ повтори непознатиот со неговиот одеклив, метален глас. „А вие тројца ќе одите пред мене. Водете ме кај кастеланот. Не го знам патот.“
„Веднаш чорбаџи,“ промрморе стражарот, спуштајќи ја главата. Се упати кон вратата, колебливо разгледувајќи наоколу. Другите двајца бргу заминаа по него, назадечки. Непознатиот тргна по нив, прибирајќи го мечот и камата. Како што минеа крај масите останатите муштерии си ги сокрија лицата од опасниот туѓинец.


II

Велерад, кастеланот на Визим, замислено си ја почеша брадата. Не беше ни суеверен ни слабодушен, но не уживаше во помислата да е насамо со белокосиот човек. Најпосле се одлучи.
„Излезете,“ им нареди на стражарите. „А ти, седни. Не, не таму. Малку подалеку ако сакаш.“
Непознатиот седна. Веќе не ги носеше мечот и црниот плашт.
„Слушам,“ рече Велерад, играјќи си со еден тежок боздоган што лежеше на масата. „Јас сум Велерад, кастеланот на Визим. Што имаш да ми кажеш, ајдук-ефенди, пред да те фрлам в зандана? Тројца отепани и обид за фрлање урок; арно, арно. За такви работи во Визим наденуваме луѓе на колец. Но јас сум праведен човек, па ќе те ислушам пред да те погубам. Зборувај.“
Ривиецот го откопча елекот и извади врзоп бела козја кожа.
„Ова го качите по крстопати и по крчми,“ рече тивко. „Вистина ли е ова што го пишува?“
„Аха,“ гровна Велерад, гледајќи во руните врежани во кожата. „Значи тоа е. Како веднаш не ми текна. Е вистина е, како не било вистина. Потпишано е од Фолтест, Кралот на Темерија, Понтар и Махакам. Значи вистина е. Ама проглас си е проглас, а законот е закон. Јас се грижам за редот и законот во Визим. Нема да дадам да се тепаат луѓе! Разбираш ли?“
Ривиецот климна за да покаже дека разбира. Велерад разлутено фркна.
„Го носиш ведарскиот нишан?“
Непознатиот уште еднаш посегна во елекот и извади тркалезен медајлон со сребрен синџир. На медалјонот беше прикажана озабена волчја глава.
„Како ти е името? Кажи кое било име, не те прашувам од радозналост, толку колку да можеме муабет да си правиме.“
„Се викам Гералт.“
„Може и Гералт. Чинам од Ривија си, по нагласокот?“
„Од Ривија сум.“
„Арно. Знаеш што Гералт? На ова,“ – Велерад го плесна прогласот – „ти да не му береш многу гајле. Не е играчка. Многумина се обидоа и не успеаа. Ова, братко, не е исто како да си им го дотерал умот на два-тројца неранимајковци.“
„Знам. Тоа ми е занает Велерад. Пишува, награда од три илјади орени.“
„Три илјади,“ се намршти Велерад. „И кралската ќерка за жена, или барем така се зборува меѓу народот, макар што широкоградиот Фолтест не го има и тоа прогласено.“
„Не ми е гајле за кралската ќерка,“ смирено рече Гералт. Седеше неподвижен, со рацете на колена. „Пишува, три илјади.“
„Какви времиња,“ воздивна кастеланот. „Какви погани времиња! Пред дваесет години човек и мртов пијан да беше, пак немаше на крај памет да му дојде дека ќе има таков занает? Ведари! Патувачки убијци на басилисци! Јуручки тепачи на ламји и водници! Гералт, ви даваат од еснафот да пиете пиво?“
„Се разбира.“
Велерад плесна со рацете.
„Пиво!“ извика. „И дојди седни поблиску Гералт. Големо чудо.“
Пивото беше ладно и пенливо.
„Погани времиња дошле,“ мрмореше Велерад, влечејќи големи голтки од бокалот. „Какви ли сѐ гнасотии се немаат накотено. Во Махакам, во планините, врие од каракоџули. Порано само волци виеја во коријата, а сега саде вампири и боровици и кај да плукнеш ќе погодиш врколак или некоја друга напаст. Тажалки и русалки крадат неброени деца од по селата. Имаме болести за коишто човек не ни чул; та кожата да ти се наежи. А сега, капак на сѐ, и ова!“ Го турна врзопот од кожа назад преку масата. „Не е чудо, Гералт, што толку ве бараат.“
„Прогласот на кралот, кастелану.“ Гералт ја крена главата. „Ги знаеш подробностите?“
Велерад се навали на столицата и ги прекрсти рацете врз стомакот.
„Велиш подробностите? Ги знам. Можеби не од прва рака, ама од добар извор.“
„На тоа мислам.“
„Навалуваш, а? Добро тогаш. Слушај.“ Велерад се напи од пивото и го стиши гласот. „Нашиот милостив Фолтест уште кога беше принц, за време на владарството на стариот Медел, татко му, ни покажа што може, а можеше многу. Ние се надевавме дека ќе му помине ќефот. Но набрзо по крунисувањето, веднаш по смртта на стариот крал, Фолтест се надмина себеси и сите нé остави со подотворени усти. Кратко кажано: ѝ направи дете на сопствената му сестра Ада. Ада беше помала од него и секогаш беа заедно, но никој во ништо не се посомнева, освен можеби, кралицата... Накратко: ете ја Ада со толкав стомак и Фолтест кај зборува дека ќе се венчавал. Со сестра си, Гералт. Работата стана уште позакашкана бидејќи Визимир од Новиград сакаше ќерка му, Далка, да се омажи со Фолтест и веќе имаше пратено елечии, па едвај го додржавме Фолтест да не им се пушти да ги куди. И среќа што успеавме, инаку Визимир ѕрцките ќе ни ги извадеше. Тогаш, не без помош на Ада, којашто имаше влијание врз брата си, успеавме да го разубедиме момчето да прави избрзана свадба.
И потоа кога дојде време, Ада се породи. А сега слушај, оти тука почнува цела работа. Саде малкумина видоа што доведе на свет, но една од бабиците се фрли од прозорот на кулата и се отепа, а другата спобудале и до ден денес е нетокму. По ова си велам дека кралското копиле не ќе да било многу лично. Девојче беше. Умре уште веднаш и на никој не му се брзаше да ја пресече папочницата. Ада, за среќа, не го преживеа раѓањето.
Но тогаш, братко, Фолтест пак се избудали. Ред беше кралското копиле да се изгори или да се закопа некаде во дивината, а не да се скрие во саркофаг во визбата под палатата.“
„Сега е касно да го правиме редот.“ Гералт ја крена главата. „Требало да пратите по некој од Сезнајните.“
„Мислиш на измамницине со ѕвезди на капите? Викнавме, како не ќе сме викнеле. Едно десетмина дотрчаа штом се расчу што лежи во саркофагот. И што се подава од него навечер. Макар што не почна уште веднаш да се покажува. Седум години после погребот имаше мир. И тогаш една вечер на полна месечина низ пaлатата се расчуја врисоци, викање и дармадана! Не морам тебе да ти кажувам, си го знаеш занаетот и си го прочитал прогласот. Новороденчето пораснало во ковчегот и тоа пораснало да има огромни забишта! Со еден збор, беше се престорило во стрига.
Штета што не ги виде лешовите како jaс. Да ги видеше, оддалеку ќе го заобиколеше Визим.“
Гералт молчеше.
„И така,“, продолжи Велерад, „како што ти велев, Фолтест собра цела толпа маѓепсници. Сите се разбаботеа еден преку друг и за малку ќе се испотепаа со тие стаповите што ги носат, сигурно им се за да ги бијат песовите кога ќе им ги загнат. А чинам и често им ги пуштаат. Извини, Гералт, ако имаш друго мислење за волшебниците. Сигурно и имаш, штом ти е таков занаетот, но за мене се џаболебари и простаци. Вие ведарите му влевате повеќе верба на човек. Барем не ја вртите одоколу.“
Гералт се насмевна, но не рече ништо.
„Но, да преминам на главното.“ Кастеланот се испули во бокалот и дотури пиво за него и за Ривиецот. „Некои од советите на маѓепсниците не се чинеа толку глупави. Еден предложи да ја запалиме стригата заедно со палатата и саркофагот, друг нѝ рече да ѝ ја скинеме главата со мотика, а останатите беа со ум да ѝ пронижеме низ телото колци од јасика, денски се разбира, кога бештијата спие во ковчегот, папсана од ноќното гостење. Ама како за беља, еден од нив, еден шутрак со шилеста капа и ќелавица, некојси подгрбавен пустиник, рече демек сето ова било маѓија која можела да се крене и стригата пак да се престори во ќеркичката на Фолтест – лична ‘ко слика. Требало само некој да преноќи една вечер во костурницата и толку. А потоа, значи види го будалиов, појде тој да преноќи во дворецот. Можеш да погодиш што остана од него, саде капата и стапот. Но Фолтест се запна за неговиот предлог небаре чичка на песова опашка. Ги забрани сите обиди да се убие стригата и од сите страни на земјата во Визим доведе измамници да ја кренат маѓијата и пак да ја престорат во кралска ќерка. Да ги видеше што чешита дружина беа! Де искривоколчени баби, де сакати, де гнасни, де вошлосани, за греота.
 И фатија да фрлаат маѓии, најчесто со чинија и бокал пред нив. Се разбира за некои Фолтест и советот бргу дознаа дека се измамници и неколкумина дури и беа обесени на бедемите, ама малку беа, малку. Јас сите ќе ги обесев. А тоа дека стригата во меѓувреме продолжи да јаде луѓе, не берејќи гајле ни за илеџиите ни за нивните магии, белки нема потреба да ти го споменувам. Ниту тоа дека Фолтест веќе не живее во палатата. Таму веќе никој не живее.“
Велерад запре и се напи од пивото. Ведарот молчеше.
„И седум години кај е вака, Гералт, зашто се роди пред околу четиринаесет години. Сме имале и други гајлиња, како војна со Визимир од Новиград, ама сме војувале од домаќински, разбирливи причини, за синори да поместиме, а не за некои си ќерки или венчавни сојузи. Фолтест повремено навестува дека ќе се жени и гледа портрети пратени од соседните земји, пред да ги фрли в нужник. И одвреме навреме ќе го фатат пак будалите и ќе испрати коњаници да бараат нови маѓепсници. А и наградата што ја има ветено, трите илјади, има привлечено еден куп апаши, витези скитници, дури и еден овчар што цел народ го знаеше како недоветен, лесна му земја. А стригата ништо не ја парка. Повремено ќе се подаде и ќе лапне по некој. И се навикнува човек. Ако ништо друго, јунациве што се обидуват да ја кренат магијата барем се од некоја корист – бештијата ќе си се најаде кај неа во двор и не лута надвор од палатата. Фолтест има нова палата, се разбира, и баш е убава.“
„Седум години,“ - ја крена главата Гералт, - „седум години, никој не ja завршил работава?“
„Епа, не.“ Велерад лукаво го погледна ведарот. „Зашто не е работа што може да се заврши. Мора да се помириме со тоа. Особено Фолтест, нашиот семилостив и сакан владетел кој и понатаму ги качи овие прогласи на секој крстопат. Само што сега веќе нема толку доброволци. Вистина, имаше еден неодамна, ама настојуваше да му ги дадеме трите илјади однапред, па го врзавме во вреќа и го фрливме в езеро.“
„Значи има илеџии?“
„Има колку сакаш,“ се согласи кастеланот без да го тргне погледот од ведарот. „Затоа не смееш да бараш злато однапред кога ќе одиш во палатата. Ако одиш.“
„Ќе одам.“
„Ако, твоја работа. Ама памети што ти реков. А штом фативме муабет за наградата, неодамна се расчу глас и за вториов дел што ти го споменав. Кралската ќерка за жена. Не знам кој го измисли, но ако стригата изгледа како што велат, тогаш е мошне грозоромна шега. Сепак, севезден ќе се најде по некоја будала да се затрча кон палатата за прилика да влезе во кралското семејство. Поточно, двајца чевларски чираци. Зошто чевларите се толку будали Гералт?“
„Не знам. А ведари кастелану? Се обиделе?“
„Имаше неколку, како не. Но кога чуја дека треба да се крене магијата и да не се убива стригата, повеќето кренаа раменици и си отидоа. Затоа и почнав многу повеќе да ги уважувам ведарите Гералт. А потоа дојде еден, помлад од тебе – му го заборавив името, ако воопшто и си го кажа. Се обиде.“
„И?“
„Забатата кралска ќерка му ги расфрла ѕрцките оттука, па дотаму.“
Гералт климна. „Само тие беа?“
„Имаше и еден друг.“
Велерад замолче на кратко. Ведарот не го натера да продолжи.
„Да,“ најпосле рече кастеланот. „Имаше уште еден. Отпрво, кога Фолтест му се закани со вешало ако ја убие или повреди стригата, само се засмеа и почна да си ги собира работите. Но потоа...“
Велерад си го стиши гласот скоро до шепот, навалувајќи се над масата - „потоа се кандиса. Знаеш Гералт, има некои разумни луѓе во Визим, на високи места, на коишто им е преку глава од оваа работа. Се зборува дека овие луѓе го убедиле ведарот, скришно, да не си го губи времето со маѓии туку да ѝ ја здроби главата на стригата и да му каже на кралот дека магијата не фатила, дека неговата мила ќерка паднала по скали, демек во работна несреќа де. Кралот, се разбира, ќе се разгневи и не ќе сака ниту орен да плати од наградата. Но со тоа и ќе заврши. Префриганиот ведар одговори дека ако било за бадијала, сме можеле и самите да одиме да бркаме стриги. И што ни преостана? Собравме пари, се пазаревме... ама ништо не бидна.“
Гералт ги подигна веѓите.
„Ништо,“ одговори Велерад. „Ведарот не сакаше да појде уште на првата вечер. Се повојва лево-десно, легна да чека, проталка низ местово. Најпосле, велат, ја видел стригата кај се спрема за работа, зашто таа не излегува од костурницата само за да си ги протегне нозете. Ја видел и ја спраштил. Ни збогум ни со здравје.“
Изразот на Гералт малку се промени во нешто што требаше да биде насмевка.
„Тие разумни луѓе,“ рече, „бездруго сѐ уште ги имаат парите? Ведарите не земаат пари однапред.“
„Епа,“ рече Велерад „бездруго ги имаат.“
„Се зборува колку нудат?“
Велерад се озаби во насмевка. „Некои велат осумстотини...“
Гералт заниша со главата.
„Други,“ промрморе кастеланот, „велат илјада.“
„Не е многу ако се има на ум дека гласините знаат да претераат. А кралот нуди три илјади.“
„Не заборавај ја и невестата,“ се потсмеа Велерад. „Што зборуваш? Јасно е дека нема да ги добиеш трите илјади.“
„Како е јасно?“
Велерад удри врз масата. „Гералт, не ми го расипувај впечатокот што го имам за ведарите! Ова се случува веќе седум и кусур години! Стригата сотира до педесет луѓе годишно, помалку сега одошто народот ја одбегнува палатата. Не, братко, верувам јас во магии, сум видел многу работи и верувам, со мера, во умешностите на волшебниците и ведарите. Но сите овие глупости за кревање на магијата беа измислени од еден подгрбавен, мрсулав старец кој го беше изгубил разумот од пустиничко постење. Бесмислици во коишто никој не верува. Освен Фолтест. Не, Гералт! Ада роди стрига зашто спиеше со брата си, тоа е вистината и магија тука не помага. Сега стригата јаде луѓе, како што ѝ личи, мора да се убие, и тоа е тоа. Слушај: пред две години селаните од некоја забаталена дупка близу Махакам беа запоседнати од ламја што им ги јадеше овците. Се собраа, ја претепаа ламјата до смрт со ластегарки и ниту се пофалија на некого ни ништо. А ние во Визим чекаме чудо и ги замандалуваме вратите на секоја полна месечина, или ги врзуваме престапниците за греда пред палатата, молејќи се бештијата да се најаде од нив и да се врати во ковчегот.“
„Арно ви текнало,“ се насмевна ведарот. „Се изретчија престапниците?“
„Ич.“
„На каде е палатата, новата?“
„Сам ќе те однесам. А за предлогот на разумните?“
„Кастелану,“ рече Гералт, „зошто да брзаме? Сепак, може навистина да се случи работна несреќа и безобѕирно од моите намери. За секој случај, разумните треба да мислат како да ме спасат од гневот на кралот и да ги подготват оние илјада и петстотини орени, за коишто зборуваат гласините.“
„Илјада беа.“
„Не, чорбаџи Велерад,“ одлучно рече ведарот. „Ведарот на кого му понудиле илјада избегал штом ја видел стригата, без да се пазари. Значи ризикот е поголем од илјада. Дали е поголем од илјада и петстотини, останува да видиме. Се разбира, прво ќе дојдам за да се простиме.“
„Гералт?“ Велерад си ја почеша главата. „Илјада и двесте?“
„Не. Ова не е мала работа. Кралот нуди три и понекогаш е полесно да се крене магија отколку да се убива. Но некој од моите претходници ќе го сторел тоа, или ќе ја убиел стригата, да било толку лесно. Си мислиш дека од страв од кралот оставиле да ги изеде стригата?“
„Добро, братко“ - елегично климна Велерад – „значи се спогодивме. Но еден совет од мене. Не му споменувај на кралот за таа опасност од работна несреќа.“


III

Фолтест беше виток и имаше убаво – дури и премногу убаво – лице. Немаше ни четириесет години, процени ведарот. Кралот седеше на џуџеста фотелја изрезбарена од црно дрво, со нозете протегнати кон огништето, каде што се топлеа две кучиња. До него на ковчег седеше еден постар, снажно граден човек со брада. Зад кралот стоеше друг човек, богато облечен и со горд израз на лицетo. Големец.
„Ведар од Ривија,“ рече кралот по мигот на тишина што настапи по претставувањето на Велерад.
„Да, господару.“ Гералт ја поклони главата.
„Од што ти е толку бела косата? Од магија? Те гледам не си стар. Добро, добро. Се шегувам, не одговарај. Чинам, имаш баеги искуство?“
„Да, господару.“
„Би сакал да чујам.“
Гералт се поклони уште подлабоко. „Знаете, господару, дека кодексот на занаетот ни забранува да зборуваме за работата.“
„Згоден кодекс ведару, многу згоден. Но кажи ми барем, си имал работа со боровици?“
„Да.“
„Со вампири, со леши?“
„Исто.“
Фолтест се задума. „Со стриги?“
Гералт ја крена главата, гледајќи го кралот в очи. „ Исто.“
Фолтест го тргна погледот. „Велерад!“
„Да, Ваша милост?“
„Му ги даде подробностите?“
„Да, Ваша милост. Вели дека маѓијата фрлена врз Вашата ќерка може да се скрши.“
„Тоа ми е уште одамна познато. Како ќе се крене ведар-ефенди? Ах, да, заборавив. Кодексот. Добро. Ќе речам само една работа. Неколку ведари веќе беа тука. Велерад, му кажа? Добро. Знам дека мајсторијата ви е во убивање, а не во кревање уроци. Ова не доаѓа предвид. Ако само едно влакно ѝ фали од главата на ќерка ми, твојата ќе ти летне. Толку. Острит, чорбаџи Сеглен, останете и дајте му ги сведенијата што му требаат. Ведарите секогаш прашуваат многу прашања. Дајте му да јаде и да остане во палатата. Да не скита по крчми.“
Кралот стана, им свирна на кучињата и се упати кон вратата, раштркувајќи ја сламата што го прекриваше подот на одајата. На вратата се заврти.
„Ако успееш, ведару, наградата е твоја. Можеби и ќе ти придодадам нешто ако добро се покажеш. Се разбира, во глупостите што се шират низ народот за женидба со ќерка ми нема ни зрно вистина. Белки не веруваш дека би ја дал раката на мојата ќерка на скитник?“
„Не, господару. Не верувам.“
„Добро. Тоа покажува дека имаш ум.“
Фолтест си замина, затворајќи ја вратата зад него. Велерад и големецот, кои дотогаш беа стоеле, веднаш седнаа на маса. Кастеланот го допи полупразниот пехар на кралот, се испули во бардакот и опцу. Острит, кој седна на столот на Фолтест, се џареше кон ведарот галејќи ги изразбаните опирала. Сегелин, човекот со брадата, му климна на Гералт.
„Седни ведар-ефенди, седни. Уште малку и ќе донесат вечера. Што сакаш да знаеш? Кастеланот Велерад сиурно веќе сѐ ти кажал. Ако го знам него, побргу ти кажал премногу одошто премалку.“
„Само неколку прашања.“
„Прашај.“
„Кастеланот рече дека, откако се појавила стригата, кралот свикал многу Сезнајни.“
„Така е. Но не вели „стрига“, вели „кралска ќерка“. Полесно ќе ти е да ја одбегнеш грешката во присутво на кралот... и непријатностите што може да следат.“
„Имаше некој познат помеѓу Сезнајните? Некој прославен?“
„Имаше некои, оттогаш, па наваму. Не се сеќавам на имињата. Ти чорбаџи Острит?“
„Не паметам,“ рече големецот. „Но знам дека некои беа познати и славни. Така се зборуваше.“
„Се согласија дека магијата може да се крене?“
„За ниедна работа не се согласија“ – се насмевна Сегелин – „за ништо. Но се спомена и тоа. Лесно работа било, не барало ни магични дарби и колку што разбрав, доволно било некој да преноќи, од зајдисонци до кога петлите трипати ќе пропеат, крај саркофагот.“
„Полесно – здравје,“ фркна Велерад.
„Би сакал да чујам опис на... кралската ќерка.“
Велерад скокна од столот. „Кралската ќерка изгледа како стрига!“ извика. „Како најстригастата стрига за којшто сум слушнал! Нејзината Кралска Висост, проклетото кралско копиле, е висока четири аршини, личи на бочва за пиво, има муцка од уво до уво полна со заби како ножеви, црвени очи и црвена грива! Шепите, со канџи како на дива мачка, ѝ се провиснати до земи! Ме чуди што уште ѝ го немаме испратено портретот до соседните дворови! Кралската ќерка, чума би ја удала, веќе има четиринаесет години и време ѝ е за мажачка!“
„Полека, кастелану.“ Острит се намршти, погледнувајќи кон вратата. Сегелин се насмевна под мустаќ.
„Описот, макар што живописен, е горе-долу точен и тоа е она што го сакаше, зар не ведару? Велерад не спомена дека кралската ќерка се движи со неверојатна брзина и е далеку посилна одошто човек би очекувал за нејзината висина и градба. И тоа дека има четиринаесет години. Ако тоа има некое значење.“
„Има,“ рече ведарот. „Нападите врз луѓето само на полна месечина се случуваат?“
„Да,“ одговори Сегелин. Кога напаѓа подалеку од старата палата. Во ѕидовите на палатата луѓето секогаш умираат, безобѕирно на месечевата мена. Но надвор излегува само на полна месечина и не на секоја.“
„Имало ли барем еден напад преку ден?“
„Не. Преку ден не.“
„Секогаш ги јаде жртвите?“
Велерад силно плукна врз сламата.
„Аман бе Гералт, ќе вечераме уште малку. Ту, мајката! Ги јаде, ги гризе, ги остава, како-кога, си прави што ѝ е по ќеф. На еден му ја одгриза само главата, на едни му ги истури ѕрцките, а други, што се вели, до коски ги соголе. На мајка ѝ...
„Варди се Велерад,“ за'ржа Острит. „Вели што ќе велиш за стригата, но не ја навредувај Ада пред мене, како што не би се осмелил ни во присуство на кралот!“
„Има некој што го нападнала, а преживеал?“ праша ведарот, очевидно не обрнувајќи внимание на избувот на големецот.
Сегелин и Острит се погледнаа.
„Да,“ рече човекот со брадата. „На почетокот, пред седум години, им се фрли на двајца војници што чуваа стража пред костурницата. Еден успеа да избега.“
„А потоа,“ се вмеша Велерад, „и воденичарот што го нападна близу градот. Се сеќавате?“


IV

Наредниот ден, касно во квечерината, го доведоа воденичарот до малата одаја над стражарницата каде што беше сместен ведарот. Го доведе војник кој носеше плашт со качулка.
Разговорот не вроди значителен исход. Воденичарот беше преплашен; мумлаше и пелтечеше. На ведарот повеќе му кажуваа неговите лузни. Стригата можеше баеги широко да ги отвори забалата и имаше претерано остри заби, како и многу долги горни песјаци – четири, по две од страна. Канџите сигуно ѝ беа поостри од на дива мачка, но помалку заоблени. Само заради тоа воденичарот беше успеал да се откине.
Откако заврши со испитувањето Гералт им климна на воденичарот и војникот, распуштајќи ги. Војникот го турна селанецот низ врата и  ја симна качулката. Беше самиот Фолтест.
„Седи, не станувај,“ рече кралот. „Посетава е неслужбена. Задоволен си со распитот? Чув утрово си бил и до палатата.“
„Да, господару.“
„Кога ќе се фатиш за работа?“
„За четири дена е полна месечина. После тоа.“
„Сакаш прво сам да ја видиш?“
„Нема потреба. Но најадена... кралската ќерка... ќе е понеподвижна.
„Стригата, чорбаџи, стригата. Да не си мачкаме очи. Сетне ќе е кралска ќерка. И затоа сум дојден да зборуваме. Одговори ми неслужбено, кратко и јасно: ќе ја биде или не? Немој да се криеш зад кодексот.“
Гералт го протри челото.
„Ви потврдувам, кралу, дека магијата може да се скрши. И, ако не грешам, тоа може да се направи со преноќување во палатата. Кога петлите трипати ќе пропеат, ако стригата е надвор од саркогагот, урокот ќе се крене. Обично така се прави со стриги.
„Толку просто?“
„Не е просто. Прво, мора да ја преживееш ноќта. А потоа има и исклучоци од правилото. На пример, да не е една вечер туку три. Една по друга. Исто има и случаи што се... па... безнадежни.“
„Да,“ се накостреши Фолтест. „Постојано го слушам тоа од луѓе. Убиј го чудовиштето зашто ѝ нема спас. Чорбаџи, сигурен сум дека веќе ти зборувале. Нели? Исечи го човекојадецот на парчиња уште на почеток без да бериш гајле, па кажи му на кралот дека мораше така. Кралот нема да плати, ама ние ќе платиме. Мошне згодно. И евтино. Зашто кралот ќе нареди ведарот да се обеси или да му се отсече главата и златото ќе ти остане в ќесе.“
„Кралот безусловно би наредил да му ја отсечат главата на ведарот?“ се намршти Гералт.
Фолтест долго време гледаше во очите на Ривиецот.
„Кралот не знае,“ рече најпосле. „Но ведарот треба да ја има на мукает таквата можност.“
Сега Гералт се замисли. „Намеравам да направам сѐ што е во моја моќ,“ рече. „Но ако тргне на лошо ќе си го бранам животот. Господару, и вие мора да ја имате на мукает таквата можност.“
Фолтест стана. „Не ме разбра. Не е во тоа работата. Се подразбира дека ќе ја убиеш ако е неопходно, сакал јас или не. Зашто инаку таа ќе те убие тебе, сигурно и неизбежно. Ова не го разгласувам, ама нема да го казнам оној кој би ја убил бранејќи се. Но нема да дозволам да се убие без обид да се спаси. Веќе имаше обиди да се потпали старата палата, фрлаа по неа со стрели, копаа јами и правеа стапици и клопки, додека не обесив неколкумина. Но не е во тоа работата. Слушај чорбаџи!“
„Слушам.“
„Откако петлите ќе пропеат трипати, веќе нема да има стрига, ако добро разбирам. Но, што ќе има?“
„Ако е сѐ на арно, четиринаесетгодишно девојче.“
„Со црвени очи? Крокодилски заби?“
„Обично четиринаесетгодишно девојче. Освен...“
„Да?“
„Телесно.“
„Значи така. А во умот? Секој ден по едно ведро крв за појадок? Бут од девојче?“
„Не. Во умот... не се знае. Мислам на рамниште на три или четири годишно дете. Долго време ќе треба да се негува.“
„Тоа се подразбира. Чорбаџи?“
„Слушам.“
„Може ли пак да ѝ се врати? Понатаму?“
Ведарот молчеше.
„Аха,“ рече кралот. „Значи може. И што тогаш?“
„Ако се случи да умре после долга несознаница што траела неколку денови, телото ќе мора да ѝ се изгори. Уште веднаш.“
Фолтест се намршти.
„Мислам дека нема да дојде до тоа,“ додаде Гералт. „За секој случај, ќе ве поучам, господару, како треба за да се намали опасноста.“
„Сега веднаш? Зар не е прерано, чорбаџи? И ако...“
„Сега веднаш,“ го прекина Ривиецот. „Сѐ бидува, кралу. Може и изутрината да ја најдете кралската ќерка со магијата скршена, а мене мртов.“
„Така ли? И покрај мојата дозвола да се браниш? За којашто се чини дека и не ти беше многу гајле.“
„Ова е голема работа, кралу. Голем е ризикот. Затоа слушајте: кралската ќерка секогаш мора да носи сафир околу вратот, или уште подобро инклуз, на сребрено синџирче. Дење и ноќе.“
„Што е тоа инклуз?“
„Сафир со воздужен џеб заробен во каменот. Освен тоа, во одаите кај што ќе спие повремено треба да палите смрека, јасика и леска во огништето.“
Фолтест се задума. „Ти благодарам за советот, чорбаџи. Ќе те послушам ако... А сега ти слушај ме внимателно. Ако видиш дека нема чаре, да ја убиеш. Ако го кренеш урокот, ама девојката не е... како што треба... ако макар се посомневаш дали си успеал, да ја убиеш. Не бери гајле, ништо нема да ти се случи. Ќе ти викам пред другите, ќе те протерам од палатата и од градот и ништо повеќе. Се разбира, нема да ти ја дадам наградата. Можеби ќе направиш некоја пазарлама со знаеш-кој.“
Помолчија малку.
„Гералт.“ За првпат Фолтест му се обрати на ведарот по име.
„Слушам.“
„Колку има вистина во гласината дека детето е вакво зашто Ада ми беше сестра?“
„Не многу. Магијата мора да е фрлена, не може сама да се фрли. Но мислам дека тоа што си се смешал со сестра ти било причина за фрлањето на магијата и ова е изходот.“
„Така и си мислев. Така рекоа и некои од Семудрите, макар што не сите. Гералт? Од каде идат овие работи? Вражби, магии?“
„Не знам, кралу. Семудрите ги учат причините за таквите појави. За нас ведарите знаењето дека сосредоточена волја може да предизвика вакви појави е доволно. И знаењето како да се бориме против нив.“
„Да ги убиете?“
„Најчесто. Впрочем, за тоа и најчесто нѐ плаќаат. Саде малкумина бараат да се крене урокот, кралу. Начелно, народот само сака да се одбрани од опасност. Ако чудовиштето зело на душа и луѓе, тогаш и осветата игра улога.“
Кралот стана, се расчекори низ одајата и застана пред мечот на ведарот кој висеше на ѕидот.
„Со ова?“ праша, не гледајќи во Гералт.
„Не. Тоа е за луѓе.“
„Сум чул. Знаеш што Гералт? Ќе дојдам со тебе во костурницата.“
„Никако.“
Фолтест се заврте, а очите му засветоа. „Знаеш ли ти, маѓепснику, дека јас ја немам видено? Ниту откако се роди ниту... потоа. Ми беше страв. Можеби никогаш нема да ја видам, нели е така? Белки имам право да си ја видам ќерката додека ја убиваш.“
„Повторувам, никако. Тоа е сигурна смрт. И за мене. Ако вниманието, волјата ми попуштат... Не кралу.“
Фолтест се заврте, тргна кон вратата. За момент Гералт си помисли дека ќе замине без збор, без да се прости, но кралот застана и го погледна.“
„Ми влеваш верба“ рече, „иако те знам што угурсуз си. Ми кажаа што се случило во крчмата. Сигурен сум дека ги уби тие апаши само за колку да се рашири зборот, да ги потресеш луѓето, а и мене. Јасно е дека си можел да се справиш со нив и без да ги убиеш. Чинам никогаш нема да знам дали одиш да ја спасиш ќерка ми, или да ја убиеш. Но се согласив. Морам да се согласам. Знаеш зошто?“
Гералт не одговори.
„Затоа што, мислам,“ рече кралот, „мислам дека страда. Така ли е?“
Ведарот го продре кралот со острите очи. Не потврди, не климна, не мрдна ниту со прст, но Фолтест знаеше. Го знаеше одговорот.


V

Гералт за последен пат погледна од прозорецот на дворецот. Самракот паѓаше бргу. Од другата страна на езерото мижуркаа далечните светла на Визим. Околу старата палата имаше пустелија – појас ничија земја со којашто, низ седумте години, градот се беше отсекол од тоа опасно место, не оставајќи зад себе ништо освен неколку урнатини, скапани греди и останките од еден штрбав пармаклак кој очевидно не беше вредел да се растури и премести. Што е можно подалеку – на спротивниот крај на селиштето, кралот си го беше изградил новото жилиште. Гарабитната кула на неговата нова палата демнеше во далечините, наспроти мрачното синило на небото.
Ведарот се врати до правливата маса во еднa од празните, оберени одаи, каде што се спремаше, бавно, смирено и со акрибијаЗнаеше дека има време. Стригата нема да ја напушти костурницата пред полноќ.
На масата пред него имаше мало опковано ковчеже. Го отвори. Во него, цврсто збиени во прегради обложени со сува трева, исправено стоеја мали шишенца од темно стакло. Ведарот извади три.
Од подот, крена една издолжена бовча цврсто повиена во овчја кожа и врзана со кожена врвца. Ја одвитка и извади меч со украсен балчак, во црна, сјајна ножница прекриена со редови рунски знаци и симболи. Ја исука острицата, којашто засвете со бистар сјај на огледална светлина. Сечилото беше од чисто сребро.
Гералт прошепоти вражба и испи две шишенца, едно по друго, ставајќи ја левата рака врз сечилото на мечот после секоја голтка. Тогаш, цврсто завиткувајќи се во црниот плашт, седна. На подот. Немаше столици во одајата. Ниту пак, во целата палата.
Седеше неподвижен, со затворени очи. Дишењето, најпрво рамномерно, одненадеж му се забрза, му стана грубо и напнато. И потоа целосно запре. Напитката којашто му помагаше на ведарот во целост да завладее со телото се состоеше во главно од чемерика, буника, глог и млечка. Другите состојки немаа име во никој од човечките јазици. За секој што не беше, како Гералт, закален од детство, ќе беше смртоносен отров.
Ведарот нагло ја заврти главата. Во тишината, слухот, изострен надвор од секоја мера, лесно го препозна шушкањето на чекори низ дворот обраснат со бодликави трње. Не можеа да се на стригата. Беа премногу лесни. Гералт го префли мечот на грб, ја скри бовчата во огништете на разрушениот оџак и тивко како лилјак потрча прудолу по скалите.
Сѐ уште беше доволно светло во дворот за човекот кој приоѓаше да му го види лицето на ведарот. Човекот, кој беше Острит, нагло отстапи и несакана гримаса на ужас и одбивност му ги извитопери усните. Ведарот се насмевна потсмешливо – знаеше како изгледа. Отакако ќе се напиеше од напивката од помамница, волчји чемер и видец, лицето му добиваше боја како креда, а зениците ја исполнуваа целата белка. Но напивката му даваше на човек да гледа во најдлабока темница и Гералт тоа и го сакаше.
 Острит бргу се поврати.
„Изгледаш како да си веќе леш, маѓепснику,“ рече. „Бездруго од страв. Не плаши се. Дојдов да те куртулам.“
Ведарот не одговори.
„Ме слушаш ли измамнику Ривиски? Спасен си. И богат.“ Острит подигна едно доста големо кесе во раката и го фрли пред нозете на Гералт. „Илјада орени. Земи ги, качи се на коњот и заминувај оттука!“
Ривиецот сѐ уште молеше.
„Нетуку ми се џагари! Острит го повиши гласот. „И не ми го губи времето. Не мислам да стојам тука до полноќ. Не разбираш ли? Не сакам да го кренеш урокот. Не, не погоди. Не сум ујдисан со Велерад и Сегилин. Не сакам да ја убиеш. Само ќе си заминеш. Се ќе си остане по старо.“
Ведарот не се помрдна. Не сакаше големецот да увиди колку му беа брзи сега движењата и реакциите. Бргу почна да се стемнува. Олеснување беше, зашто дури и самрачниот полу-мрак беше пресветол за неговите проширени зеници.
„А зошто, господару, сѐ да си остане по старо? запраша, обидувајќи се споро да го изговори секој збор.
„Е, за тоа“ – Острит гордо ја крена главата – „тебе ич да не ти е гајле.“
„А ако веќе знам?“
„Види мајката.“
„Полесно ли ќе е да се тргне Фолтест од престолот ако стригата сѐ повеќе и повеќе го плаши народот? Ако кралското лудило целосно им се згади и на големците и на рајата, нели е така? Поминав низ Реданија и Новиград кога доаѓав наваму. Се шират муабети дека во Визим има некои кои го гледаат крал Визимир како нивен спасител и вистински монарх. Но мене, чорбаџи Острит, не ми е гајле ниту за политики ниту за престолонаследништва ниту за палатски востанија. Тука сум да си ја завршам задачата. Не сте чуле ли за чувство на одговорност и чиста чесност? За работна етика?“
„Пази кому се обраќаш, суртук еден!“ извика Острит бесно, ставајќи ја раката на балчакот на мечот. „Доста ми беше! Не сум навикнат да водам расправии со било кој. Види го ти него, етика, кодекси, моралност? Ти најде да зборуваш. Ајдук што уште невтасан, фатил да убива луѓе? Што до земи му се клања на Фолтест, а зад негов грб се пазари со Велерад како платен разбојник? И ти се осудуваш да ме гледаш одозгора, измеќар еден? Се правиш дека си Сезналец? Маг? Подмолен ведару! Да те нема додека не сум те опашал по муцка со образот од мечов!“
Ведарот не се помрдна. Стоеше смирено.
„Подобро одете си, чорбаџи Острит,“ рече. „Се стемнува.“
Острит направи еден чекор наназад. Секавично го извлече мечот.
„Сам си го бараше, маѓепснику. Ќе те убијам. Нема да ти помогнат твоите далавери. Носам желкин камен при себе.“
Гералт се насмеа. Угледот на желкиниот камен беше погрешен колку што и беше расчуен. Но ведарот немаше да си ја губи силата на магии, а уште помалку да го изложи сребреното сечило на допир со сабјата на Острит. Се нурна под развртената острица и со сребрените манжетни на долната дланка, го удри големецот по слепочницата.


VI

Острит бргу се освести и се распули низ потполната темница. Забележа дека е врзан. Не го виде Гералт како стои крај него. Но сфати каде е и загрохоти продолжено и ужасно.
„Молчи,“ рече ведарот. „инаку ќе ја привлечеш предвреме.“
„Проклет убиецу! Каде си? Веднаш одврзи ме, вошло еден! Ќе те дадам на бесилка за ова, пејси сину!“
„Молчи.“
Острит тешко збивташе.
„Ме оставаш тука за да ме изеде? Врзан?“ праша, сега потивко, шепнувајќи гнасна пцовка.
„Не,“ рече ведарот. „Ќе те пуштам. Но не сега.“
„Никаквецу,“ прос’ска Острит. „За да ја намамам стригата?“
„Да.“
Острит замолче, престана да мрда и мирно легна.
„Ведару?“
„Да.“
„Вистина е дека сакав да го турнам Фолтест од престолот. Не сум единствениот. Но сум единствениот кој сака да го види мртов. Сакам да умре во теглила, да полуди, жив да се црвјоса. Знаеш зошто?“
Гералт молчеше.
„Ја сакав Ада. Кралската сестра. Кралската љубовница. Кралската ороспија. Ја сакав... Ведару, тука ли си?“
„Сум.“
„Знам што мислиш. Но не беше така. Верувај ми, не фрлив никакви уроци. Не знам за никакви магии. Само еднаш во лутина реков... Само еднаш. Ведару? Ме слушаш?
„Слушам.“
„Мајка му, старата кралица. Сигурно е таа. Не можеше да го гледа со Ада... Не бев јас. Само еднаш, знаеш, пробав да ги разубедам, но Ада... Ведару! Замајан бев и реков... Ведару? Јас ли бев? Јас?“
„Веќе не е важно.“
„Ведару? Близу е полноќ?“
„Близу е.“
„Пушти ме порано. Дај ми повеќе време.“
„Не.“
Острит не го чу гребењето кога костурничкиот капак беше тргнат настрана, но ведарот го чу. Се наведна и со камата му ги пресече врските на големецот. Острит не чекајќи да му се каже, сиот вкочанет скокна, несмасно покуца и се затрча. Очите доволно му се беа навикнале на темницата за да го види патот од главната сала до излезот.
Камената плоча со којашто беше запечатен влезот на костурницата се отвори и со тап тресок падна на подот. Гералт, претпазливо стоејќи зад ракофатот на скалиштето, ја виде извитоперената фигура на стригата како брзо и непогрешно јури во правец на сѐ подалечните стапки на Острит. Од стригата не излегуваше ни најмал звук.
Ужасен, трепетлив, избезумен врисок ја распара ноќта, ги протресе старите ѕидови, продолжи да се крева и спушта, ѕвонејќи. Ведарот не можеше точно да оцени колку беше далеку – неговиот изострен слух го мамеше – но знаеше дека стригата брзо го имаше престигнато Острит. Пребрзо.
Зачекори во средината на салата и застана на самиот влез на костурницата. Го фрли плаштот наземи. Ги набра рамената, си го поднамести мечот. Ги навлече железните ракавици. Имаше време. Знаеше дека стригата, иако добро најадена по последна полна месечина, нема туку-така да го напушти трупот на Острит. Срцето и џигерот ѝ беа вреди резерви на прехрана за време на долгиот период на летаргија.
Ведарот чекаше. До зората, по негово, имаше уште околу три часа. Песната на петелот можеше само да го збуни. Впрочем, сигурно и немаше петели во околината.
Ја чу. Споро прусаше, нушкајќи низ подот. И тогаш ја виде.
Описот беше точен. Несразмерно големата глава поставена на краток врат беше опколена со замрсен, кадрав ореал од црвена коса. Очите ѝ светеа во темницата како рубини. Стригата стоеше неподвижна, со погледот втренчен кон Гералт. Наеднаш ја отвори челуста – небаре фалејќи се со редовите бели, шилести заби – и потоа ја затвори вилицата со тресок како кога се затвора ковчеже. И наеднаш срипа од место, без засил, фрчејќи кон ведарот со крвавите канџи.
Гелрат скокна настрана, се изврти со брза пируета, а стригата се протри за него и исто се изврти, парајќи го воздухот со ноктите. Не ја загуби рамнотежата и одново нападна, среде вртење, чкрапајќи со забите веднаш пред градите на Гералт. Ривиецот отскокна, менувајќи ја насоката на вртежот со распафтана пируета за да ја збуни стригата. Како што отскокна ѝ зададе силен удар на страната на главата со сребрените шилести нитни врз коските на тупаницата на железната ракавица.
Стригата ужасно се разрика, исполнувајќи ја палатата со громогласен одек, падна наземи, се здрви и почна да вие, кобно и бесно.
Ведарот злокобно се насмеа. Првиот обид, како што се беше надевал, помина добро. Среброто беше смртоносно за стригата, како и за повеќето други чудовишта доведени на свет преку магија. Значи имаше надеж: бештијата беше како другите, што добро се пишуваше за кревање на магијата, додека сребрениот меч, ако не ја биднеше работата, му го осигураше животот.
Стригата не брзаше со наредниот напад. Му пријде споро, забејќи се, лигавејќи се одбивно. Гералт отстапи и внимателно поставувајќи ги нозете, зачекори во полукруг и со успорување и забрзување на движењето ѝ го одвлече вниманието на стригата, правејќи да ѝ е тешко да му срипа. Како што одеше, ведарот одмота долг, тенок, силен синџир, со тежина на крајот. Синџирот беше од сребро.
Во мигот кога стригата се вбрекна и срипа, синџирот просвире низ воздухот и клупчејќи се како змија за миг се измота околу плеќите, вратот и главата на чудовиштето. Стригата се затетерави во скокот и падна испуштајќи увопарателен писок. Се запрпела на подот, ужасно виејќи или од бес или од огнената болка нанесена од ненавистниот метал. Гералт беше задоволен – да ја убие стригата, ако сака, немаше да му биде голем проблем во тој миг. Но ведарот не го извлече мечот. Ништо во однесувањето на стригата не му даде причина да мисли дека е неизлечива. Гералт се помести на посигурно растојание и без да ја испушти од поглед распретаната форма на подот, вдиша длабоко, сосредоточувајќи се.
Синџирот пукна. Сребрените вериги се распрснаа како дожд во секој правец, ѕвонејќи врз каменот. Заслепена од бес стригата се втурна во напад, грохотејќи. Гералт смирено почека и со крената десна рака пред него го исцрта Знакот на Ард.
Стригата летна наназад небаре удрена од чекан, но остана на нозе, ги издолжи ноктите и се озаби. Косата ѝ се накостреши и разбрани небаре се движи наспроти жесток ветар. Со тешкотија, бревтајќи, почна споро да чекори нанапред. Но сепак да чекори.
Гералт се смути. Не очекуваше еден толку прост Знак во целост да ја вкочани стригата, но ниту очекуваше бештијата толку лесно да го совлада. Не можеше долго да го држи Знакот, премногу беше исцрпувачки, а стригата имаше уште десет чекори за одење. Наеднаш го спушти Знакот и скокна настрана. Очекувано, стригата, фатена неспремна, летна нанапред, изгуби рамнотежа, падна, се лизна по подот и се стркала прудолу по скалите во влезот на костурницата кој зјаеше на подот.
Пеколниот грохот ѝ одекна одоздола.
За да добие на време Гералт скокна на скалите што водеа до галеријата. Уште ни дополу се немаше искачено кога стригата испали од костурницата, брзајќи како огомен црн пајак. Ведарот почека додека не тргне по скалите по него и потоа скокна преку ракофатот. Стригата се сврте на скалите, рипна и летна кон него во неверојатен десетметарски скок. Овој пат не даде да ја измами со пируети; двапати нејзините нокти оставија знак врз кожената туника на Ривиецот. Но втор жесток удар од железната ракавица со сребрени шилци ја фрли стригата настрана и ја замелуши. Гералт, сеќавајќи како гнев се крева во него, се залула наназад и со силен шут ја трупоса бештијата наземи.
Рикот што го испушти беше погласен од сите дотогашни. Дури и малтерот од таванот се разрони.
Стригата срипа на нозе, тресејќи се со незадржлива лутина и убиствен ламтеж. Гералт чекаше. Го извлече мечот, исцрта со него кругови во воздухот и ја опркужи стригата, водејќи сметка движењата на мечот да не му се во такт со чекорите. Стригата не скокна, туку пријде споро, следејќи ја со очите светлата нишка на сечилото.
Гералт нагло запре и се здрви со подигат меч. Стригата, сакалдисана, исто така запре. Ведарот исцрта спор полукруг со сечилото, направи чекор кон стригата, а потоа уште еден. И тогаш рипна, виорејќи ѝ со мечот над главата.
Стригата се склупчи и кривулесто се повлече. Гералт повторно беше близу, сечилото му болскотеше во раката. Очите му се разгореа со кобна светлост, а низ стиснатите заби му бликна зарипнат рик. Стригата отстапи турната од силата на сосредоточена омраза, лутина и насилство кои зрачеа од човекот кој ја напаѓаше удирајќи ја во бранови, продорувајќи ѝ го мозокот и органите. Преплашена и повредена од дотогаш непознати чувства, испушти тенко, треперливо цимолкање, се заврте на место и оттрча во очајно, лудо бегство кон мрачниот чвор на палатските коридори.
Гералд, трпнејќи, стоеше во средината на салата. Сам. Долго време требаше, помисли, пред овој танц на работ на понорот, овој луд, сеништен борбен балет, да го постигне саканиот ефект, да му дозволи да стане едно со умот на неговиот противник, да ги достигне внатрешните слоеви на сосредоточена волја кои ја исполнуваа стригата. Злобната, извртена волја од којашто се беше родила стригата. Ведарот затрепери од споменот на мигот кога го впи тоа зло за да го пренасочи, небаре со огледало, кон чудовиштето. Никогаш претходно не се беше сретнал со толку сосредоточена омраза и убиствен ршум, ниту кај басилисци, кои за тоа ги биеше уште посвиреп глас.
Ама за арно беше, си помисли како што одеше кон влезот на костурницата која се црнееше на подот како огрома локва. За арно, за уште да е посилен ударот кој го прими стригата. Ќе му даде малку повеќе време додека бештијата се поврати од потресот. Ведарот се сомневаше дека ќе му успее да направи уште еден таков напор. Еликсирите почнаа да слабеат, а зората беше далеку. Но стригата не смееше да се врати во костурницата пред првата светлина, зашто инаку сите маки ќе му беа за џабе.
Слезе по скали. Костурницата беше мала. Имаше место за три камени саркофази. Првиот до влезот имаше полуотворен капак. Гералт го извади третото шишенце од пазуви, бргу ја испи течноста во него, влезе во гробот и се спружи. Како што очекуваше, гробот беше дупли – за мајка и ќерка.
Штотуку го затвори капакот, кога повторно го чу рикот на стригата. Легна на грб до мумифицираното тело на Ада и го исцрта Знакот на Ирден врз внатрешноста на камената плоча. Си го положи мечото врз градите и до него исправи еден малечок песочен часовник исполнет со светлозрачен песок. Ги прекрсти рацете. Веќе не ги слушаше врисоците на стригата која ја пребаруваше палатата. Полека престана сѐ да слуша како што четворолистот и русата трева почнаа да делуваат.


VII

Кога Гералт ги отвори очите, песокот во песочниот часовник имаше истечено, што значеше дека летаргијата му беше била уште подолга од намереното. Ги начули ушите и не чу ништо. Сетилата сега му работеа како вообичаено.
Го фати мечот и помина со раката преку капакот на саркофагот мрморејќи вражба. Потоа ја поттргна камената плоча, за неколку палци.
Тишина.
Го турна капакот малку повеќе, стана, држејќи се спремно за оружјето и ја извади главата од гробот. Во костурницата беше мрачно, но ведарот знаеше дека надвор беше зора. Запали оган во едно мало ламбиче и го подигна, фрлајќи сперливи сенки врз ѕидовите на костурницата.
Празна беше.
Се  изјази од саркофагот, модар, фатен, смрзнат. И тогаш ја виде. Лежеше на грб до гробот, гола и онесвестена.
Беше мошне грда. Слаба со мали врвлести гради и валкана. Косата – црвена како лен – ѝ достигаше скоро до половината. Оставајќи го ламбичето врз камената плоча, клекна и се навали над неа. Усните ѝ беа бледи и имаше голем подлив кај што ја удри по образот. Гералт ги извади ракавиците, го стави мечот настрана и без многу да должи ѝ ја подигна горната усна со прстот. Забите ѝ беа обични. Посигна по нејзината рака, која ѝ беше закопана во замрсената коса. Пред да ѝ ја земе раката ѝ ги забележа отворените очи. Касно беше.
Му помина преку вратот со канџите, длабоко расекувајќи го. Крв ѝ прсна врз лицето. Загрохоти, удирајќи го по очите со другата рака. Тој ја потисна, грабајќи ја за зглобови, заковувајќи ја за подот. Таа му чкрапна со забите – кои сега беа прекуси – пред лицето. Ја удри в лице со челото и уште посилно ја приклешти. Ја беше изгубила дотогашната сила; можеше само да прета под него, грохотејќи, плукајќи крв – негова крв – којашто ѝ гргаше врз устата. Крвта бргу му се изливаше. Немаше време. Ведарот ја опцу и силно ја прекаса за вратот, веднаш под увото. Ги зари забите и силно закаса сѐ додека нејзиното нечовечко виење не стана тенок, очајнички врисок, а потоа засркато липање... плач на повредено четиринаесетгодишно девојче.
Ја пушти кога престана да мрда, се крена на колена, скина парче платно од џебот на ракавот и си го притисна врз вратот. Се распипа по мечот, го постави сечилото врз вратот на онесвестената девојка и ѝ се наведна врз раката. Ноктите беа валкани, скршени, крвави но... обични. Сосема обични.
Ведарот стана со тешкотија. Лепливата сивина на раното утро веќе надоаѓаше низ влезот на костурницата. Се помрдна кон скалите, но се затетерави и тешко клапна на подот. Крвта му гргаше низ накиснатото платно врз рацете, течејќи му по ракавот. Ја одврза туниката, ја распара кошулата и ја раскина во фаши кои си ги врза околу вратот, знаејќи дека нема многу време, дека за скоро ќе се онесвести...
Успеа. И се онесвести.
Во Визим, од другата страна на езерото, петел, кострешејќи си ги пердувите во мокрото студенило, зарипнато пропеа по трет пат.


VIII

Ги виде варосаните ѕидови и тавани со греди на малата одаја над стражарницата. Ја помести главата, мрштејќи се од болка и застенка. Вратот му беше преврзан, дебело, темелно, мајсторски.
„Лежи ведару,“ рече Велерад. „Лежи, не мрдај.“
„Мојот.. меч...“
„Да, да. Се разбира, најважен е твојот сребрен ведарски меч. Тука е, не бери гајле. И мечот и ковчежето. И трите илјади орени. Да, да, ни збор да не чујам. Јас сум стар будала, а ти мудриот ведар. Фолтест веќе два дена севезден кај повторува.“
„Два...“
„Мхм, два. Здраво ти го распара вратот. Сѐ ти се гледаше внатре. Изгуби едно чудо крв. За среќа поитавме до палатата веднаш штом петелот пропеа за трет пат. Никој не спиеше во Визим таа ноќ. Невозможно беше, правеше ужасна врева. Да не ти е мачно што зборувам?“
„Кралската... ќерка?“
„Кралската ќерка - ‘ко кралска ќерка. Слаба. И по малку недоветна. Непрестајно плаче. И се моча на спиење. Но Фолтест вели дека тоа ќе се промени. Не мислам дека ќе се промени на полошо, нели, Гералт?“
Ведарот ги затвори очите.
„Добро, ќе си одам.“ Велерад стана. „Одмори се. Гералт? Пред да заминам, кажи ми: зошто ја прегриза? А? Гералт?“
Ведарот спиеше.