Едни рекле дека нештата и местата имаат души, а други рекле дека немаат; јас не се осудувам ништо да речам, но ќе раскажам за Улицата.
Силни и чесни луѓе ја вообличија Улицата; арни, јуначки мажи од наша крв коишто имаа дојдено од Блажените Острови од преку морето. Отпрво беше саде патека нагнетена од носачи на вода од горскиот кладенец до китката куќи крај плажата. Потоа, како што сѐ повеќе луѓе доаѓаа до сѐ поголемата китка куќи и трагаа по места за живеачка, изградија колиби по северната страна; колиби од цврсти дабови балвани со каменорез на страната накај шумата, одошто едночудо Индијанци демнеа таму со огнени стрели. А по уште неколку години, луѓето почнаа да градат колиби на јужната страна на Улицата.
Угоре-удолу по улицата се шетаа строги луѓе со конусни шапки, коишто најчесто носеа мускети или ловџиски пушки. Таму им беа и зашеширените жени и трезвените деца. Во квечерините тие луѓе со жените и децата седеа околу џиновски огништа и читаа и си зборуваа. Многу едноставни беа нештата коишто ги читаа и за коишто си зборуваа, но сепак беа нешта коишто им даваа храброст и добрина и им помагаа денски да ја потчинат шумата и да ги ораат полињата. А децата ќе слушаа и ќе учеа за законите и делата од дамнина и за онаа мила Англија која никогаш ја немаа видено и на која не се сеќаваа.
Би војна, и потоа Улицата веќе не ја сакалдисуваа Индијанци. Луѓето, зафатени со трудна работа, постанаа имашливи и среќни колку што знаеја да бидат. А децата пораснаа со лесно, и уште семејства дојдоа од Татковината за да домуваат на Улицата. И децата на децата и децата на новодојденците, пораснаа. Паланката сега беше град и една по една, колибите беа одменети од куќи; едноставни, убави куќи од цигла и дрво, со камени скалила и железни ракофати и светларници над вратите. Не беа климави творби тие куќи, зашто направени беа за долги поколенија да ги служат. Во нив имаше изрезбарени камински полици и елегантни скалишта и корисен, свидлив мебел, порцелан и сребро донесено од Татковината.
Така Улицата се поеше со соништата на младиот народ и ликуваше како што жителите ѝ стануваа сѐ поелегантни и посреќни. Онаму каде што некогаш беа постоеле само сила и чест, сега домуваа и вкус и ука. Книги и слики и музика се исповнесоа во куќите, а момчињата одеа на универзитетот што се издигаше над рамнината на север. Наместо конусни шапки и мускети се појавија триаголни шапки и шпаги и чипки и снежнобели перики. А имаше и калдрми по коишто клопотеа едночудо чистокрвни коњи и баботеа едночудо позлатени кочии; и циглени тротоари со бинекташи и греди за врзување коњи.
На таа Улица имаше многу дрвја; брестови и дабови и јавори бујни и достоинствени; така што налето сцената беше саде меко зелениште и птичјо чрчорење. А зад куќите имаше обѕидани градини со ружи, со сончеви часовници и патеки со жива ограда, каде што во квечерините месечината и ѕвездите билјосно блескаа, а миризливи цветови сјаеја од роса.
И така Улицата продолжи да сонува, низ војни, алови и промени. Еднаш, поголемиот дел од момчињата заминаа некаде и некои никогаш не се вратија. Тоа беше кога го здиплија старото знаме и кренаа нов бајрак со ленти и ѕвезди. Но иако луѓето зборуваа за големи промени, Улицата не ги осети; зашто народот уште ѝ беше истиот, и зборуваше за старите познати нешта во старите познати нагласоци. А дрвјата сè уште засолнуваа птици песнопојки, а во квечерините месечината и ѕвездите гледаа одозгора кон росните цветови во обѕидани градини со ружи.
Со тек на време по Улицата веќе немаше мечеви, триаголни шапки или перики. Колку чудно само изгледаа новите мештани со бастуни, цилиндри од дабровина и кусо потстрижени глави! Нови звуци доаѓаа од далечината - најпрво чудни пафкања и врисоци од реката преку една милја, а потоа, многу години подоцна, чудни пафкања и врисоци и баботење од други правци. Воздухот веќе не беше толку чист како порано, но духот на местото се немаше сменето. Крвта и душата на народот беа како крвта и душата на неговите предци коишто ја имаа вообличено Улицата. Ниту пак се смени духот кога ја откорнаа земјата за да положат чудни цевки или кога поставија високи столбови поврзани со бизарни жици. Имаше толку многу древни преданија во таа Улица, што минатото не можеше лесно да се заборави.
Потоа навасаа зли денови, кога многумина кои ја беа знаеле Улицата уште од дамнина, веќе не ја познаваа; а многумина ја запознаа, кои дотогаш не ја беа знаеле. А оние што доаѓаа, никогаш не беа како оние што си одеа; зашто нагласоците им беа груби и резливи, а образот и суратот несвидливи. А и мислите им беа во сукоб со мудриот, праведен дух на Улицата, па така Улицата тивко чемрееше додека куќите ѝ се пустеа и дрвјата ѝ умираа едно по едно и градините со ружи ѝ засмрдуваа од плевел и смет. Но еден ден срцето пак ѝ запилка од гордост, кога повторно момчиња заминаа марширајќи, од коишто некои никогаш не се вратија. Овие момчиња беа зарубени во сино.
Како што врвеа годините уште полош к’смет ја снајде Улицата. Дрвјата сега потполно ѝ ги снема, а градините со ружи ѝ беа истиснати од заднините на евтини, грди нови градби на напоредни улици. Сепак куќите останаа и покрај харањата на годините и бурите и црвите, зашто направени беа за долги поколенија да ги служат. Нови сорти на лица се појавија на Улицата; мургави, зловесни лица со стаени очи и несекојдневни црти, чии стопани говореа непознати зборови и ставаа натписи со познати и непознати знаци врз повеќето мувливи куќи. Рачни колички ги запушија одводните канали. Скотска, неодредлива смрдеа се одомаќини над местото, а древниот дух спиеше.
Голема возбуда фати еднаш на Улицата. Војна и револуција беснееја преку морињата; некоја династија се беше срушила и нејзините изродни поданици со слизгави ниети имаа нагрвалено кон Западната Земја. Многу од нив се населија во дотраените куќи коишто на времето биле полни со птијчи песни и мирис на ружи. Потоа се разбуди и самата Западна Земја, и ѝ се придружи на Татковината во титанската борба за цивилизација. Над градовите повторно се развеа старото знаме придружено од новото знаме и од една попроста, но сепак величествена тробојка. Но над Улицата не се вееја многу знамиња, зашто таму дремеше саде страв и омраза и неукост. Повторно заминаа момчиња, но не баш како момчињата во оние поранешни денови. Нешто фалеше. И синовите на оние момчиња од поранешните денови кои имаа заминато во правиот дух на нивните предци облечени во сивомаслинесто, тргнуваа од далечни места и не ја познаваа Улицата и древниот ѝ дух.
Преку морињата издвојувана беше голема победа и повеќето момчиња тржествено се вратија. Оние кај коишто нешто фалеше, веќе ништо не фалеше, ама страв и омраза и неукост и понатаму дремеа на Улицата; зашто многумина имаа останато, а и многу туѓинци имаа дојдено од далечни места во древните куќи. И момчињата коишто се вратија, веќе не домуваа таму. Мургави и зловесни беа повеќето од туѓинците, но меѓу нив сепак можеше да се најде по некое лице слично на оние кои ја имаа вообличено Улицата и ѝ го имаа вајано духот. Ем слични ем различни, зашто во очите на сите имаше бизарна, нездрава светкавост како на алчност, честољубие, одмаздољубивост или заблудена ревност. Немир и предавство војваа меѓу злобните малцинства кои ковааа завера да ѝ го зададат смртниот удар на Западната Земја, та тие да можат да се воскренат и да владеат со рушевините; како атентаторите кои се беа кревале во онаа несреќна, замрзната земја од кај што поголемиот дел од нив имаа дојдено. А срцето на таа завера беше на Улицата, чии сронети куќи вриеја од туѓински творци на раздор и ечеа од плановите и говорите на оние коишто копнееја по назначениот ден на крв, оган и злосторство.
За разноврсните несекојдневни собири на Улицата, законот многу зборуваше, но малку можеше да докаже. Многу вредно луѓе со скриени значки се маеја и прислушкуваа околу места како пекарницата на Петрович, оскудната Рифкинова школа за модерна економија, социјалниот клуб „Круг“ и кафулето „Слобода“. Таму се береа зловесни луѓе во голем број, но говорот секогаш им беше претпазлив или на туѓ јазик. А старите куќи и понатаму стоеја, со заборавените им преданија за поблагородни, одминати векови; за цврсти колонијални станари и росни градини со ружи на месечина. Понекогаш по некој осамен поет или патник ќе дојдеше да ги погледне и ќе се обидеше да си ги претстави во исчезнатата им слава; но таквите патници и поети не беа многу на број.
Тогаш нашироко се расчу гласина дека тие куќи ги криеле водачите на некоја масивна тајфа терористи, кои на некој назначен ден требало да отпочнат колежна оргија за истребување на Америка и на сите оние убави, стари обичаи коишто ги беше милувала Улицата. Летоци и листови разлетуваа околу валканите одводни канали; летоци и листови изнапишани на многу јазици и со многу знаци, но сите содржејќи пораки за злосторство и бунт. Во тие написи, народот се повикуваше да ги урне законите и доблестите кои нашите татковци ги беа уважувале; да се поништи душата на старата Америка - душата завештавана долж илјада и пол години англосаксонска слобода, правда и умереност. Се зборуваше дека барџавите луѓе кои домувале на Улицата и се береле во нејзините гнили зданија биле мозоците зад некоја одвратна револуција; дека на нивна заповед многу милиони слабоумни, опиени ѕверови ќе ги испружат опорите канџи од гетата на илјада градови, палејќи, тепајќи и уништувајќи, та ни поштук да не остане од земјата на нашите татковци. Сето ова се велеше и се повторуваше и многумина со фрас го исчекуваа четвртиот ден во јули, за којшто чудните написи многу загатнуваа; но ништо не можеше да се најде за да се натовари вина. Никој не знаеше да каже чие апсење би можело од корен да ја пресече клетата завера. Многупати доаѓаа тајфи полицајци во сини палта да ги претресат климавите куќи, ама на крај престанаа да доаѓаат; зашто и тие се имаа изморено од законот и редот, па сиот град ѝ го препуштија на судбината. Потоа дојдоа луѓе во сивомаслинесто, носејќи мускети; додека не почна да се чини небаре среде тажната ѝ спија, на Улицата и се јавиле некои тешки соништа за оние поранешни дни, кога луѓе со мускети и конусни шапки се шетаа по неа од горскиот кладенец до китката куќи крај плажата. Но никаков чин не можеше да се стори за да се здржи претстојната катаклизма; зашто мрачните, зловесни луѓе беа стари лукавци.
Така Улицата продолжи немирно да спие, сè додека една ноќ во пекарницата на Петрович и во Рифкиновата школа за модерна економија и во социјалниот клуб „Круг“ и во кафулето „Слобода“, а и на други места, не се собраа колосални орди луѓе чии очи беа полни со ужасно тржество и исчекување. По скриени жици патуваа чудни пораки и многу се зборуваше за уште почудни пораки што допрва требаше да пропатуваат; но повеќето од ова беше дури отпосле намирисано, кога Западната Земја веќе беше спасена од бељата. Луѓето во сивомаслинесто не знаеја што се случува ниту што требаше да направат; зашто мургавите, зловесни луѓе ги биваше за префриганост и прикривање.
Но сепак, луѓето во сивомаслинесто засекогаш ќе ја паметат таа ноќ и ќе зборуваат за Улицата додека им раскажуваат на внуците; зашто многумина од нив во мугрите беа пратени дотаму по задача што беше инаква од онаа што ја очекуваа. Се знаеше дека ова гнездо на анархија е старо и дека куќите се расклатени од харањата на годините и бурите и црвите; но случката таа летна ноќ сепак беше изненадување, поради нејзината многу настрана еднообразност. Навистина беше прекумерно своевидна случка; макар што, сепак, едноставна. Зашто без никаква опомена, во некој од ситните саати по полноќ, сите харања на годините и на бурите и на црвите достигнаа извонреден разгор; и по рушењето камен на камен не остана на Улицата освен два древни оџаци и дел од еден цврст ѕид од цигли. Ниту пак нешто што беше било живо, живо излезе од рушевините.
Еден поет и еден патник, кои дојдоа со грамадната толпа што пристигна на местото на настанот, раскажуваат несекојдневни приказни. Поетот вели дека цела вечер сѐ до првите часови на зората скотските рушевини само едвај му се гледале под блесокот на електролачните ламби; дека над разгромот виснела друга слика кај што можел да соѕрее месечина и лични куќи и брестови и дабови и јавори бујни и достоинствени. А патникот зајавува дека наместо катадешната смрдеа на местото, тлеела некоја деликатна мисковина како на ружи во полн цут. Но зар не се соништата на поетите и сказните на патниците злогласно лажни?
Едни рекле дека нештата и местата имаат души, а други рекле дека немаат; јас не се осудувам ништо да речам, но ти раскажав за Улицата.