Песна за могилата на Мундбург - Полиграматон

Песна за могилата на Мундбург


Ги чувме рогојте сред ридој кај ѕунат,
кај мечеви сјаат во Јужното Кралство.
Тупотеа атој кон Стенокраина,
‘ко ветерот в зори. Војна се спотна.
Таму погина Теоден, Тенгелецот снажен,
за во златните дворој и зелените чаири
в полињата на север жив да не се врати,
свитиниот сердар. Хардин и Гутлаф,
Дунхир и Деорвин, срчовниот Гримболд,
Херфара и Херубранд, Хорн и Фастред,
загинаа сред бојот во јабана туѓа.
Во могилата на Мундбург под мовот кај лежат
со јараните им храбри, големци на Гондор.
Ни личниот Хирлуин до морските ридој
ни стариот Форлонг до цветните долој
го немаше во Арнах, во грутката му мила
тржествено да втаса; ниту стројните стрелци
Деруфин и Дуилин до темните им води,
виројте на Мортонд под планинска сенка.
Смртта ги зеде в зори и во примракот дневен
и големци и слуги. Одамна кај спијат
под тревата во Гондор крај Големата Река.
‘Ко солзи сива сега, болскоти ‘ко сребро,
јалова се стори тогај бучната вода.
Со крв вапсана пена на залезот пламна;
гореа ‘ко фенери балканите во акшам;
црвена роса врз Раммас Ехор падна.