Делумен превод на првата глава од „Хобитот“ на Џ. Р. Р. Толкин
Во дупка во земјата си живееше еден хобит. Не во гадна, валкана, влажна дупка, полна црвји опашки и мирис на тиња, ниту пак сива, штура, песоклива дупка кај што човек нема на што да потседне или да си поткасне: ова беше хобитска дупка, а тоа значи лезет.
Имаше наполно округла врата, како бродски прозорец, бојосана зелено, со сјајна месингова рачка токму насреде. Вратата се отвораше кон цилиндрично претсобје налик тунел: мошне удобен тунел без чад, со ламперисани ѕидови и подови со плочки и теписи, снабден со ласнати столици и еден куп чивилаци за шапки и палта - на хобитот му беше ќеф да има гости. Тунелот се свиваше скоро до недоглед, завлегувајќи длабоко, макар што не баш право, во ридската косина - Ридот, како што го викаше народот од сите околни места - и од него излегуваа многу вратничиња, прво на едната страна, а потоа на другата. Нема качување по скали кај хобитите: спални, бањи, визби, долапи (еден куп), гардероби (имаше цели соби посветени на алишта), кујни, трпезарии, сите беа на истиот кат и впрочем и во истиот чикмак. Најубавите соби беа сите на левата страна (кога ќе влезеш), зашто саде овие беа со прозорци, длабоки округли прозорци кои гледаа кон бавчата и ледините од другата страна кои се навалуваа до реката.
Хобитот беше хобит чорбаџија и презимето му беше Бисаѓа. Бисаѓовци имаа живеено во маалото на Ридот уште од памтивек и народот ги сметаше за многу угледни, не само заради тоа што повеќето беа богати, туку и заради тоа што никогаш немаа никакви доживувања, ниту правеа нешто неочекувано: човек можеше да претпостави што би кажале Бисаѓовци во однос на секое прашање без да се мачи да ги прашува. Ова е приказна за како еден од тие Бисаѓовци имаше доживување и се начека да прави и вели сосема неочекувани работи. Можеби ја изгуби почитта на соседите, но затоа доби - па, ќе видиш дали доби нешто откако се свршија работите.
Мајката на нашиов дотичен хобит - што е хобит? Епа да, хобитите денес до некаде и треба да се опишат, зашто се станати ретки и се срамат од Големиот народ, како што нѐ викаат. Тие се (или беа) малечок народ, скоро пола од нас, и помали од брадатите џуџиња. Хобитите немаат бради. Од магија имаат саде малку, или скоро ич, освен онаа обичната и секојдневна која им помага тивко и брзо да исчезнат кога некои големи и глупави луѓе како јас или ти тромаво ќе налетаат, правејќи врева небаре вилови коишто можат од преку една милја да се чујат. Обично се, така, дебели во стомакот; се облекуваат во светли бои (зелена и жолта во главно); не носат чевли, бидејќи на нозете им раснат природно дебели табани и густи, топли, кафеави влакна како оние што им се на главата (а кои се кадрави); имаат долги, вешти, кафеави прсти, добродушни лица, и се смејат дрочно и слатко (особено по ручек, кој го јадат двапати на ден кога ќе им се може). Сега знаеш доволно за да продолжиме. Како што велев, мајката на овој хобит - значи, на Билбо Бисаѓа - беше славната Беладона Тук, една од трите бележити ќерки на Стариот Тук, главатарот на хобитите кои живееја преку Водата, рекичката што поминуваше на подножјето на Ридот. Често се велеше (во другите семејства) дека многу одамна некој од предците на Туковци се беше ќердосал со самовила. Тоа, се разбира, беше апсурдно, но сепак имаше нешто не баш хобитско во нив, и одвреме-навреме членови на кланот Тук ќе заминеа на доживувања. Потајно ќе исчезнеа и семејството ќе ја заташкаше целата работа; но сепак остануваше фактот дека Туковци не беа толку угледни колку Бисаѓовци, макар што несомнено беа побогати.
Не дека Беладона Тук ја снајдоа некакви доживувања откако стана „Бонговица“. Бонго, кој му беше татко на Билбо, ѝ ја изгради најраскошната хобитска дупка (додуша делумно со нејзини пари) што можеше да се најде било под Ридот или над Ридот или преку Водата, и таму и останаа до крајот на животта. Сепак, изгледно е дека Билбо, синот ѝ единец, иако изгледаше и се однесуваше исто како да е второ издание на прокопсаниот и лагоден му татко, придоби некоја левтерна работа во ќудот од страната на Туковци, нешто што само чекаше прилика да излезе. Приликата не се укажа сѐ додека Билбо Бисаѓа не беше веќе пораснат, на околу педесетина години, живеејќи во прекрасната хобитска дупка изградена од татко му, која штотуку ти ја опишав, сѐ додека навидум непоместливо не се имаше одомаќинето.
По некаква своевидна случајност едно дамнешно утро, среде мирнотијата на светот, кога имаше помалку врева, а повеќе зеленило, и хобитите сѐ уште беа многубројни и бериќетни, и Билбо Бисаѓа си стоеше на вратата после појадокот пушејќи огромно долго дрвено луле кое му достигаше скоро до рунтавите прсти (убави зачешлани) - помина Гандалф. Гандалф! Да сте чуле макар четврт од она што јас сум чул за него, а сум чул саде малку од сѐ она што има да се чуе, ќе сте спремни за било каква извонредна сказна. Сказни и доживувања никнуваа насекаде кај што ќе појдеше, на најисклучителен начин. Долги доби немаше поминато оттаму под Ридот, всушност, уште од времето кога му умре пријателот, Стариот Тук, па хобитите скоро и заборавија како изгледа. Беше бил заминат над Ридот и преку Водата по свои работи уште од кога сите беа биле мали хобитски момчиња и хобитски девојчиња.
На несвесниот Билбо тоа утро му се виде како да гледа само некој старец со стап. Имаше висока шилеста сина шапка, долга сива наметка, сребрен шал над којшто долгата бела брада му висеше до под половината и џиновски црни чизми.
„Ај добро утро!“ рече Билбо, и тоа од сѐ срце. Сонцето сјаеше и тревата беше многу зелена. Но Гандалф му се испули од под долги веѓи небаре џбунови кои стрчеа понапред дури и од ободот на засенувачката капа.
„Што сакаш да кажеш?“ рече. „Ми посакуваш добро утро или велиш дека утрото е добро, сакал јас или не или дека тебе ти е добро утрово или дека е утро на коешто на човек треба да му е добро?’
„Сѐ наеднаш,“ рече Билбо. „А башка и ептен погодено утро за човек да си расчади луле на отворено. Ако ти се наоѓа луле, седни и наполни си од тутунов! Не се вјасај, лели цел ден е пред нас!“ Тогаш Билбо седна на едно столче до вратата, ги прекрсти нозете и дувна прекрасен сив обрач од дим кој полета во воздухот без да се скине и одлебди преку Ридот.
„Види што убаво!“ рече Гандалф. „Ама немам време да дувам димни обрачи утрово. Барам некој да ми се придружи во едно доживување што го спремам, а многу ми тешко да пронајдам некој таков.“
„Не ме чуди - во овие предели! Ние сме си обичен, кроток народ и немаме фајде од доживувања. Незгодни, вознемирувачки, неугодни нешта! Човек на вечера да си закасни од нив! Не знам што толку мерак да се имало за такви работи,“ рече нашиот чорбаџи Бисаѓа, и си го пикна едниот палец зад трегерите и дувна втор, уште поголем димен обрач. Потоа си ја зеде утринската пошта и почна да чита, правејќи се како веќе да не го есапи старецот. Беше решил дека не му е многу по мерак и сакаше да си замине. Но старецот не се помрдна. Стоеше потпрен на стапот и зјапнат во хобитот не велејќи ништо, додека на Билбо не му стана мошне неугодно, па дури и се подналути.
„Имај добро утро!“ најпосле рече. „Сполај ти, ама не ни се требни доживувања! Појди прашај над Ридот или преку Водата.“ Со ова сакаше да каже дека на разговорот му беше дошол крајот.
„Види мајката, за колку работи сте го користеле добро утро овде!“ рече Гандалф. „Сега сакаш да кажеш дека си со ниет да се ослободиш од мене и дека нема да е добро сѐ додека не си отидам.“
„Не, не, пријателче, таман работа! Ова… ти го знам името?“
„Да, да, пријателче - и јас ти го знам тебе името, чорбаџи Билбо Бисаѓа. А и ти ми го знаеш мене името, макар што не се сеќаваш дека е мое. Јас сум Гандалф и Гандалф е јас! Што доживеав, та синот на Беладона Тук да ми посакува добро утро небаре продавам петлици по куќи!“
„Гандалф, Гандалф! Ух, да ме оган изгори! Зар скитничкиот волшебник кој на Стариот Тук му даде чифт магични дијамантски манжетни кои самите се закачуваа и не се откачуваа додека човек не им нареди? Зар оној кој на времето раскажуваше толку преубави сказни по веселби, за ламји и гоблини и џинови и за спасување цареви ќерки и за неочекуваните к’смети на вдовички синови? Зар оној кој правеше особено одличен огномет! Како не ќе се сеќавам на тоа! Стариот Тук го приредуваше на Иванден. За мерак! Се издигаа искри како големи кринови и зевалки и зановети од оган и цела квечерина висеа на самракот!“ Веќе забележувате дека чорбаџи Бисаѓа не беше толку безличен колку што си мислеше, а и дека многу сакаше цвеќиња. „Тешко мене!“ продолжи. „Зар оној Гандалф што беше одговорен за толку многу тивки момчиња и моми да тргнат по белиот свет по луди доживувања? Од пентерење на дрва до посетување вили - или пловење со бродови, пловење до други брегови! Лебами, животот беше толку заним… - ова… попара знаеше да направиш низ местово кога ќе дојдеше на времето. Прости, ама не знаев дека уште го тераш занаетот!“
„А што друго да терам?“ рече волшебникот. „Сепак, мило ми е што гледам дека барем по нешто ме паметиш. Во секој случај, барем се чини дека ти се драги спомените на мојот огномет, па ќе да ја биде работава. Ајде, за атер на дедо ти Тук и за атер на кутрата Беладона, ќе го сторам она што го бараш.“
„Прости, ама не побарав да сториш ништо!“
„Побара, побара! Веќе два пати. Да ти простам. И еве ти простувам. Всушност, ќе земам и ќе те пратам тебе на ова доживување. Мошне забавно за мене, мошне арно за тебе - а најверојатно и ќе ќариш нешто, ако куртулиш.“
„Извини! Сполај ти, не сакам доживувања. Не денес. Имај убаво утро! Ама ајде наврати на чај некогаш - кога било! Еве, утре! Дојде утре! Со здравје!“ Со тоа, хобитот се заврте и си втрча во округлата зелена врата, и ја затвори колку што се осудуваше побрзо, без притоа да испадне неучтив. Сепак, волшебник си е волшебник.
„Што ѓавол ме натера да го викам на чај!“ си рече, одејќи до долапот. Штотуку беше појадувал, ама си помисли дека ќе му годи по некој колач-два, или некоја пијачка, по уплавот.
Гандалф во меѓувреме сѐ уште стоеше пред вратата, смеејќи се долго, но тивко. По некое време се поткачи и со шилецот на стапот изгреба настран знак на прекрасната зелена влезна врата на хобитот. Потоа тргна да си оди, токму кога Билбо привршуваше со вториот колач и почнуваше да си мисли дека мошне спретно се беше куртулисал од секакви доживувања.
Белешка на преведувачот: При преведувањето на насловот „An Unexpected Party“, одлучив да го употребам зборот „џумбуш“ наместо „забава“ или „веселба“ поради двосмисленоста што ја содржи оригиналниот англиски збор „party“, кој значи „забава“, но и „група на луѓе“. Првото значење се однесува на неочекуваната веселба што збиднува во дупката на нашиот драг хобит, а второто се однесува на неочекуваната тајфа џуџиња коишто се појавуваат пред неговата врата. На македонски нема баш збор со иста двојна смисла, но „џумбуш“ има сличен двосмислен учинок. Од една страна значи „веселба“, а од друга страна „хаос, врева“. Ова ми се чинеше соодветно, бидејќи она што за џуџињата е веселба, за Билбо е вистински хаос. Така, со зборот „џумбуш“ се задржува духот на двосмисленост на оригиналот, макар што во малку видоизменета смисла.