Многу стариот народ - Полиграматон

Многу стариот народ

Четврток

[3 ноември 1927]


Драг Мелмот:-

...Значи си се зафатил со иследување на сомничавото минато на неподносливиот млад Азијат Вариј Авит Басијан? Уф! Малку личности има што ги презирам повеќе од тоа клето сириско џукелче!

А, инаку, и јас се навратив во римско време преку неодамнешното листање на Енеидата од Џејмс Роудс, превод кој никогаш досега го немам читано и кој е поверен на П. Марон од било која друга стихотворна верзија што сум ја видел - вклучувајќи ја и онаа на покојниот ми чичко д-р Кларк, што не се закити со издавање. Ваквата вергилијанска занимација, заедно со призрачните пропратнички мисли на Вечерта на сите светци и нејзините вештерски шабати по ридовите, во понеделникот вечерта ми причинија римски сон со таква возвишена јасност и живописност и такви титански проречувања на скриен ужас, какви што навистина верувам дека еден ден би ги искористил во проза. Римските соништа не ми беа невообичаена одлика во младоста - на времето катавечер го следев Божествениот Јулиј низ сета Галија како трибунус милитум - но толку одамна бев престанал да ги доживувам, што сегашниов ме погоди со исклучителна јачина.

Беше пламено зајдисонце или касно попладне во малата провинциска паланка Помпело, во подножјето на Пиринеите во Блиска Хиспанија. Годината ќе да беше од периодот на касната република, бидејќи провинцијата сè уште беше под власта на сенаторски проконзул, наместо преторскиот легат на Август. Денот беше првиот пред Календите на ноември. Ридовите алово и златно се издигаа на север од малата паланка, а западoпловното сонце румено и мистично сјаеше врз новите, груби зданија од камен и малтер на правливиот форум и врз дрвените ѕидови на циркусот подалеку на исток. Групи граѓани - широкочелни римски колонисти и рунтави романизирани домородци, заедно со очигледни хибриди од двата рода, исто така зарубени во евтини волнени тоги - и по некој шлемиран легионер и грубоплаштен припадник на црнобрадите домородни племиња на обиколни Васкони - се слеваа во голем калабалак низ малкуте поплочени улици и форумот, понесени од некој нејасен и неопределен смут.

Јас самиот само што се имав симнато од носилка, којашто се чинеше дека илирските носачи итајќи ја имаа донесено од Калагур, преку Ибер на југ. Се чинеше дека сум некој провинциски квестор по име Л. Келиј Руф, и дека ме повикал проконзулот П. Скрибониј Либо, кој беше пристигнал од Тарако неколку дена претходно. Војниците беа од петтата кохорта на XII легија, под команда на воениот трибун Сек. Аселиј; а и легатот на целиот предел, Гн. Балбуциј, исто така имаше дојдено од Калагур, каде што беше трајно воспоставената станица.

Причината за состанокот беше ужасот што дремеше во ридовите. Сите мештани беа преплашени и молеа за присуството на кохорта од Калагур. Времето било „Стравотниот период“ на есента и дивите луѓе во планините се припремале за застрашувачките чинодејства за коишто во паланките се слушале само гласини. Се работело за многу стариот народ којшто домувал погоре во ридовите и зборувал на испрекинат јазик којшто Васконците не можеле да го разберат. Човек ретко можел да ги види; но неколку пати годишно испраќале мали, жолти, замижанооки гласници (кои изгледале како Скити) да тргуваат со трговците преку гестови и секоја пролет и есен си ги изведувале злогласните обреди на ридските капци, чии виежи и олтарски огништа фрлале уплав врз селата. Секогаш било исто - ноќта пред Календите на мај и ноќта пред Календите на ноември. Непосредно пред овие ноќи исчезнувале мештани од коишто потоа немало ни трага ни глас. А имало и шепоти дека домородните овчари и земјоделци и не биле баш лошо наклонети кон многу стариот народ - дека имало баеги сламени колипки што останувале празни пред полноќ на двата ужасни шабати.

Таа година ужасот бил многу голем, зашто луѓето знаеле дека гневот на многу стариот народ се има спуштено врз Помпело. Пред три месеци петмина од малите замижанооки трговци беа слегле од ридовите, и во некоја пазарска тепачка, тројца биле убиени. Останатите двајца си се беа вратиле во планината не изустувајќи ни збор - и таа есен не исчезнал ниту еден жител. Некоја закана ќе да тлеела во ваквото изземање. Многу стариот народ немал табиет да поштедува шабатски жртви. Премногу било на арно за да е нормално, и на селаните им било страв.

Долги вечери по ридовите беше одекнувало пригушено тапанско биење, и најпосле едилот Тиб. Анеј Стилпон (полудомородец по потекло) беше испратил гласник до Балбуциј во Калагур за да му пратат кохорта да го сузбие шабатот на стравотната ноќ. Балбуциј небрежно беше одбил, со образложение дека стравовите на селаните биле напразни и дека намразените обреди на ридјаните не се гајле за Римската нација, освен ако и нашите сограѓани не се загрозени. Меѓутоа, јас, кој се чинев дека сум близок пријател со Балбуциј, не се согласив со него; настојувајќи дека длабоко ги имам проучувано црните забранети преданија и дека верувам дека многу стариот народ е способен да свика речиси било каква безимена ал врз паланката, којашто, сепак, е римско селиште и содржи голем број наши сограѓани. Мајката на самиот поплачен едил, Хелвија, била чиста Римјанка, ќерка на М. Хелвиј Кина, којшто беше дошол со војската на Скипион. Така, имав испратено роб - едно пргаво Гркче по име Антипатар - до проконзулот со писма, и Скрибониј ми го беше услишал апелот наредувајќи му на Балбуциј да ја испрати петтата кохорта, под водство на Аселиј, во Помпело; да влезе на примрак во ридовите на квечерината пред Календите на ноември и да ги сузбие безимените оргии коишто ќе ги зачека, какви и да се - доведувајќи ги заробениците, ако има такви, во Тарако за наредниот преторски суд. Меѓутоа, Балбуциј се беше опирал, одошто имаа произлезено додатни преписки. Јас му изнапишав толку многу на проконзулот што тој сериозно се заинтересира и реши лично да го провери ужасот.

Најнакрај, беше тргнал за Помпело со ликторите и прислужниците; и пристигајќи, чул доволно гласини за да остане длабоко погоден и вознемирен, цврсто останувајќи си на ниетот за затирање на шабатот. Желен да се советува со некој што ја има проучувано темата, ми нареди да ја придружувам кохортата на Аселиј - а дојден беше и Балбуциј, за да настојува на спротивставениот совет, зашто искрено веруваше дека драстична воена интервенција би пробудила опасни бунтовни ставови меѓу Васконците, и племенци и населеници.

И така сите се најдовме под мистичното зајдисонце на есенските ридови - стариот Скрибониј Либо во својата тога претекста, со златната светлина како му се одбива од сјајната ќелава глава и збрчкано орлово лице, Балбуциј со светкавиот шлем и награден оклоп, со пресно бричени усни стиснати во свесно тврдокорно противење, младиот Аселиј со полираните гривни и надмен потсмев, и љубопитниот калабалак мештани, легионери, племенски луѓе, селани, ликтори, робови и прислужници. Јас, пак, се чинеше дека носам обична тога и дека немам некои посебно одбележни одлики. И од секаде дремеше саде ужас. Паланчаните и селаните едвај се осмелуваа да гугнат, а и луѓето од придружбата на Либо, кои речиси недела дена беа биле таму, се чинеше дека се подзаразени од безимениот фрас. Стариот Скрибониј изгледаше многу трезвено, а нашите продорни гласови, како на потемдојденци, се чинеа како да содржат некаква своевидна несоодветност, небаре сме на гробно место или во храм на некој мистичен бог.

Влеговме во преториумот и поведовме трезвен муабет. Балбуциј настојуваше со приговорите и беше поткрепен од Аселиј, кој се чинеше дека негува краен презир кон сите домородци, истовремено сметајќи и дека е неумесно да се разгоруваат. Обата војници тврдеа дека поарно ќе е ако непријателствуваме кон малцинството колонисти и цивилизирани домородци преку неделување, отколку да непријателствуваме кон изгледното мнозинство племенски луѓе и колибари со сузбивање на фрасните обреди.

Јас, од друга страна, го обновив барањето да се делува и се понудив да ја придружувам кохортата во каква и да било преземена експедиција. Посочив дека варварските Васконци во најмала рака се бурни и непредвидливи, па престрелка со нив, кога-тогаш, е неизбежна без разлика како ќе одлучиме да постапиме; дека во минатото не се покажале како опасни противници за нашите легии, и дека не би им доликувало на претставници на Римската нација да им дадат на варвари да се мешаат во постапки наложени од правдата и реномето на Републиката. А од друга страна, успешното управување со една провинција пред сè зависи од безбедноста и благонаклонетоста на цивилизираниот елемент, во чии раце се положени локалните механизми на трговија и просперитет и во чии вени тече значителна мешавина од нашата италијанска крв. Тие, иако можеби по број се малцинство, се стабилниот елемент на чија постојаност може да се смета и чија соработка најцврсто ќе ја врзе провинцијата за превласта на Сенатот и Римската нација. Беше ем должност ем предност да им се пружи заштитата којашто им следува како римски граѓани; дури (и тука саркастично им се испулив на Балбуциј и Аселиј) и по цена на малку труд и мака, и краток прекин во играњето дама и борбите со петли во логорот во Калагур. Во тоа дека опасноста за паланката и жителите на Помпело е вистинска, не можев да се посомневам судејќи според проучувањата. Бев прочитал едночудо свитоци од Сирија и Ајгипет и загадочните паланки на Етрурија, и на долго и широко имав зборувано со крвожедниот свештеник на Дијана Арикина во неговиот храм во коријата што се граничи со Лакус Неморанс. Постоеја потресни алови кои можеа да се свикаат од ридовите за време на шабатите; алови што не би требало да постојат во териториите на Римската нација; и да се дозволат оргии од типот на оние кое се знае дека надвладуваат за време на шабатите, непара би било складно со обичаите на оние чии предци, под конзулството на А. Постумиј, беа погубиле толку римски граѓани за славење на Баханалиите - работа којашто е за навек запишана во сеќавањата преку „Сенатус консултум де Баканалибус“-от, врежан во бронза и поставен на отворено за сечие око. Навремено сопрен, пред развојот на обредите да може да призива нешто со што железото на римскиот пилум не би можело да се справи, шабатот не би бил премногу за силата на една кохорта. Би се привеле само учесниците, а поштедувањето на големиот број обични гледачи значително би ја намалило огорченоста што некои од селските симпатизери би ја почувствувале. Накратко, ем начелото ем политиката бараа строга постапка; и воопшто не можев да се сомневам дека Публиј Скрибониј, имајќи ги на ум достоинственоста и обврските на Римската нација, ќе се придржува до планот да ја испрати кохортата, со мене како придружник, и покрај приговорите коишто Балбуциј и Аселиј - зборувајќи, впрочем, повеќе како провинцијалци отколку како Римјани - би можеле да ги приложат и размножат.

Закосеното сонце сега беше многу ниско и целата стишена паланка се чинеше небаре завиена во нереална и злоќудна чар. Тогаш проконзулот П. Скрибониј го изрази одобрувањето на моите зборови и ме ангажира во кохортата, во привремена улога на кентурио примипилус; на што се кандисаа и Балбуциј и Аселиј, првиот подостоинствено од вториот. Како што паѓаше самрак врз дивите есенски падини, одмерено, одвратно биење на чудни тапани долебди од далеку со стравотен ритам. Неколкумина од легионерите пројавија страшливост, но строгите наредби ги построија и целата кохорта набрзо беше раширена по отворената рамнина источно од циркусот. Либо, како и Балбуциј, инсистираше да ја придружува кохортата; но се зададоа големи потешкотии при изнаоѓањето мештански водич за да ни ги посочи патеките нагоре по планината. Најпосле еден млад човек по име Верселеј, син на чистокрвни римски родители, се согласи да нѐ одведе барем до предгорјето. Почнавме со маршот во пресниот примрак, како што тенкиот сребрен срп на младата месечина трепереше над коријата лево од нас. Она што најмногу нè вознемируваше беше фактот што шабатот воопшто ќе се одржува. Вестите за доаѓањето на кохортата сигурно се имаа расчуено низ ридовите и дури и недостигот на конечна одлука не ќе ги направеше таквите гласини понетревожни - а зловесните тапани сепак се слушаа, исто како во дамнина, небаре пирувачите имаа некаква сперлива причина да се рамнодушни кон тоа дали силите на Римската нација се тргнати против нив или не. Звукот сè засилуваше како што навлегувавме во еден угорен процеп меѓу ридовите, со стрмни шумовити брегови што тесно нè опкружуваа од обете страни и прикажуваа своевидно фантастични стебла под светлината на нашите расклатени факели. Сите беа пеш освен Либо, Балбуциј, Аселиј, два-тројца од кентурионите, и јас, и најнакрај патот постана толку стрмен и тесен што тие што беа на коњи беа приморани да ги остават; при што поставен беше одред од десет војници за да ги чува, иако не беше веројатно дека среде таква ноќ на стравотии би шетале разбојнички банди. Повремено се чинеше како да наѕираме некаква фигура како се мота низ блиската корија, и по получасовно искачување стрмнината и теснотијата на патот го направија напредокот на една толку голема маса луѓе - над 300, сè на сè - прекумерно неугоден и тежок. Тогаш, со крајна и ужаснувачка ненадејност одоздола чувме стравотен звук. Доаѓаше од сопнатите коњи - врескаа, не ѕвискаа, туку врескаа... и немаше светлина долу кај што беа, ниту звук од некоја човечка дијанија за да покаже зошто прават така. Во истиот миг на сите ридски капци пред нас пламнаа клади, при што ужасот се чинеше дека подеднакво демне и однапред и одзади. Барајќи го младиот Верселеј, нашиот водич, најдовме само згужвана грутка што се кашка во локва крв. Во раката имаше краток меч грабнат од појасот на Д. Вибулан, субкентурионот, а на лицето имаше таков израз на уплав што и најтврдокорните ветерани пребледеа од глетката. Се беше самоубил кога коњите беа почнале да врескаат... тој, кој беше роден и цел живот растен во тој предел и знаеше што се шепоти меѓу луѓето за ридовите. Тогаш сите факели почнаа да замираат и криците на преплашени легионери се смешаа со непрестајните вресоци на сопнатите коњи. Воздухот стана воочливо постуден, поненадејно одошто е вообичаено за прагот на ноември, и се чинеше размрдан од ужасни таласи коишто не можев, а да не ги поврзам со пафтање на огромни крилја. Целата кохорта сега стоеше неподвижна и додека факелите гаснеа гледав нешта кои ми се видоа како фантастични сенки исцртани на небото од призрачната светлосност на Виа Лактеа, која протекуваше низ Персеј, Касиопеја, Цефеј и Сигнус. Тогаш, одненадеж, сите ѕвезди на небото беа поклопени - дури и светлиот Денеб и Вега пред нас и осамениот Алтаир и Фомалхаут зад нас. И додека факелите целосно замираа, над сотрената и развриштена кохорта останаа само дегутантните и ужасни олтарски пламени на вишните ридски капци; пеколни и црвени, и сега отцртувајќи ги лудите, разрипани и колосални форми на такви безимени ѕверови за какви што ни фригијските свештеници ни кампанијските стари баби не прошепотиле ни во најразузданите скришни сказни. И над заноќените врескања на луѓе и коњи тие демонски тапани се издигаа до погласен тон, додека ледено-студен ветер со потресна сознателност и намерност струеше од тие забранети висини и се замотуваше околу секој човек посебно, сѐ додека цела кохорта не фати да прета и да вреска во мракот, небаре ја одглумува судбината на Лаокоон и неговите синови. Само стариот Скрибониј Либо се чинеше помирен со судбината. Изусти зборови среде врескањето коишто сè уште ми одекнуваат во ушите: „Малитиа ветус - малитиа ветус ест… венит… тандем венит…“

И тогаш се пробудив. Беше живописен сон каков што со години сум немал, нацрпен од извори на потсвеста одамна недопрени и заборавени. За судбината на таа кохорта не постои запис, но барем паланката се спасила - зашто енциклопедиите сведочат за опстанокот на Помпело до ден-денешен, под модерното шпанско име Памплона…


Во име на готската надмоќ -

К · ЈУЛИЈ · ВЕР · МАКСИМИН.