Присеќавање на д-р Семјуел Џонсон - Полиграматон

Присеќавање на д-р Семјуел Џонсон

Привилегијата на присеќавање, колку и да е дрндава или боктислива, е нешто што обично им се допушта на престарените; впрочем, често токму преку таквите приспомнувања се случува да магливите случки од историјата и понезначајни анегдоти на великаните, им се пренесат на новите поколенија.

Макар што многу од моите читатели напати го забележале и дале примедба за извесниот антички тек во мојата пишана реч, ќеф ми е што меѓу членовите на оваа генерација сум оставил впечаток на млад човек, споделувајќи ја измислицата дека сум роден во 1890, во Америка. Меѓутоа, сега сум решен да се разбременам од една тајна што досега ја бев чувал стравувајќи дека ќе се смета за неверодостојна; и да ѝ овозможам на јавноста вистинско запознавање со мојот долг живот, за да би им го зајазил иштавот за прави сведенија за една доба со чиишто славни ликови си го имав муабетот. Па така, нека знаат сите дека сум роден на семеен имот во Девоншир, на десеттиот ден на август 1690 година (или по новиот грегоријански тертип на слагање, 20 август), што значи дека сега сум во 228-мата година од животта. Рано доаѓајќи во Лондон, како дете ги видов голем дел од луѓето славни за време на владеењето на крал Вилијам, вклучувајќи го и непрежалениот г-дин Драјден, којшто севезден седеше по масите на кафеџилницата Кај Вил. Со г-дин Адисон и д-р Свифт подоцна многу добро се запознав, а бев уште поблизок пријател со г-дин Поуп, кого го познавав и почитував до денот на неговата смрт. Но, одошто сега сум со ниет да пишувам за мојот понеодамнешен познаник, покојниот д-р Џонсон, овој пат ќе ја рипнам мојата младост.

Првпат разбрав за докторот во мај 1738 година, макар што во тоа време уште го немав сретнато. Г-дин Поуп штотуку го имаше завршено епилогот на неговите сатири (кој почнува со: „Ни двапати дванаесетмесечно не се појавуваш в печат.“) и го имаше организирано неговото објавување. Истиот ден кога се појави тоа дело, објавена беше и една сатира подражавајќи го стилот на Јувенал, насловена „Лондон, од дотогаш непознатиот Џонсон; и толку го погоди градот, што едночудо префинети господа зајавуваа дека е дело на поет уште поголем од г-дин Поуп. Дури и покрај она што некои зломисленици го имаат кажано за ситнодушнатa љубомора на г-дин Поуп, тој немалку ги испофали стиховите на својот нов соперник; и одошто имаше научено преку г-дин Ричардсон кој е поетот, ми рече дека „г-дин Џонсон наскоро ќе е deterré“.

Немаше лично познанство меѓу мене и докторот сѐ до 1763 година, кога во крчмата Мајтер со него ме запозна г-дин Џејмс Бозвел, млад Шкотланѓанец од одлично семејство и мошне учен, но непара досетлив, чии метрични наезди ги имав одвреме-навреме поправано.

Д-р Џонсон, кога му се испулив, беше обол, згоен човек, многу лошо облечен и на око неспастрен. Си спомнувам дека носеше разбушавена перика, одврзана и без пудра, и премала за неговата глава. Облеката му беше ‘рѓаво-кафеава, сета истуткана, и со едночудо скинати петлици. Лицето, преоболо за да би било лично, исто беше нагрдено од учиноците на некое скрофулозно растројство; а главата непрекинато му се нишаше на некаков згрчен начин. За оваа болештина, впрочем, веќе имав чуено; дознавајќи од г-дин Поуп, кој си зеде за право поподробно да се распраша.

Одошто бев на седумдесет и три години, цели деветнаесет повеќе од д-р Џонсон (велам доктор, макар што титулата ја стекна дури две години подоцна), природно очекував да има некаква почит кон мојата возраст; па затоа го немав истиот уплав од него којшто другите го признаваа. Кога го запрашав што мисли за мојот пофален осврт на неговиот речник во „Лондонер“, мојот периодичен весник, ми рече: „Господине, не си споменувам да сум Ви го ѕирнал весникот, а и не берам многу гајле за мнението на понепромислениот дел од човештвото.“ Одошто бев немалку оскорбен од безочноста на оној чија слава ми беше створила повта да ме сајдисува, се осмелив да му вратам мило за драго, и му реков дека сум изненаден што еден умен човек суди за промисленоста на некој чии созданија признава дека никогаш ги нема прочитано. „Ех, господине,“ возврати Џонсон, „Не ми е требно да се запознаам со делата на човек за да му ја проценам површноста на дострелите, кога јасно го покажува истото преку желноста да си ги спомене сопствените созданија во првото прашање што ми го поставува.“ Откако вака се спријателивме, разотворивме муабети на најразлични теми. Кога, за да се сложам со него, реков дека сум сомничав кон автентичноста на поемите на Осијан, г-дин Џонсон рече: „Тоа, господине, не Ви ги воспева познавањата; одошто она што на сиот град му е знајно, ни за најнеграмотниот критичар не е некое откритие. Исто ќе се фатеше ако кажевте дека силно слутите дека Милтон ја напишал Загубениот рај!“

Потоа со Џонсон се гледав мошне често, најмногу на собирите на КНИЖЕВНИОТ КЛУБ, кој беше основан наредната година од страна на докторот заедно со г-дин Бурк, парламентарниот оратор, г-дин Боклер, помодар, г-дин Ленгтон, побожен човек и капетан на милицијата, сер Џ. Рејнолдс, нашироко прочуен сликар, д-р Голдсмит, прозаист и стихотворец, д-р Њуџент, свекорот на г-дин Бурк, сер Џон Хокинс, г-дин Ентони Чамиер и јас. Обично се беревме во седум часот навечер, еднаш неделно во крчмата „Туркс хед“ на Џерард стрит во Сохо, сè додека не ја продадоа и претворија во приватно живеалиште; по којашто случка ги префрливме средбите во Кај Принц на Секвил стрит, па во Ле Телије на Довер стрит, па во Кај Парсло и Течт хаус на Сент Џејмс стрит. На тие собири одржувавме извонреден степен на достлак и раатлак, што мошне поволно се разликува од разноразните размирници и раздори што ги гледам низ книжевниве и аматерски печатни друштва на денешницава. Ваквиот раатлак беше уште поизвонреден поради тоа што меѓу нас имаше и господа со многу спротивставени мислења. Д-р Џонсон и јас, како и многу други, бевме високоториевци, додека г-дин Бурк беше виговец, и против американската војна, и голем дел од неговите говори на оваа тема беа и многу често објавувани. Најнепријатен член беше еден од основачите – сер Џон Хокинс, кој оттогаш има напишано многу конструкции за нашето друштво. Сер Џон, ексцентрично човече, еднаш одби да даде пари за заедничкиот есап за вечера, зашто, демек, дома му било адет да не вечера. Потоа го навреди г-дин Бурк на толку неподнослив начин што сите отворено фативме да го кудиме; настан по којшто веќе не доаѓаше на нашите собири. Сепак, со докторот никогаш отворено не се скара, и му беше извршител на тестаментот, макар што г-дин Бозвел и други имаа причини да се сомневаат во искреноста на неговата приврзаност. Некои од другите и подоцнежни членови на КЛУБОТ беа г-дин Дејвид Гарик, глумецот и стар пријател на д-р Џонсон, господата Томас и Џозеф Вартон, д-р Адам Смит, д-р Перси, авторот на „Реликвиите“, г-дин Едвард Гибон, историчарот, д-р Бурни, музичарот, г-дин Мелоун, критичарот, и г-дин Бозвел. Г-дин Гарик исто така беше примен, макар што едвај, зашто докторот, дури и покрај нивното големо пријателство, вечно беше каил да плука на театарот и сите нешта поврзани со него. Џонсон, впрочем, имаше мошне своеобразна навика да говори во полза на Дејви кога другите беа против него, а да му се противи кога другите беа на негова страна. Не се сомневам дека искрено го сакаше г-дин Гарик, зашто никогаш не алудираше на него на начинот на којшто алудираше на Фут, кој беше многу груб човек и покрај хумористичната генијалност. Г-дин Гибон не беше многу-многу сакан, одошто имаше одбоен, потсмешлив табиет што им сметаше дури и на оние меѓу нас кои најмногу им се восхитуваа на неговите историски созданија. Г-дин Голдсмит, мал човек, мошне суетен во облеката и многу недостаточен во разговорна брилијантност, ми беше особено омилен; бидејќи и јас подеднакво не умеев да заблескам во муабети. Страшно му љубомореше на д-р Џонсон, макар што сепак сакајќи го и почитувајќи го. Се сеќавам дека со нас еднаш беше некој странец, чинам, Германец; и дека додека Голдсмит зборуваше, виде како Докторот се спрема да изусти нешто. Потсвесно сметајќи го Голдсмит саде за давеж во споредба со повеликиот човек, странецот грубо го прекина навлекувајќи си го кон себе неговиот вечен душманлак извикувајќи: „Кути, токтор Шонсон шака да каше нешто!“

Во оваа просветителна дружина бев поднесуван повеќе поради годините, одошто поради некоја моја досетливост или ученост; одошто воопшто не бев кадар да се токмам со останатите. Моето пријателство со славниот месје Волтер беше постојан извор на негодување кај докторот; којшто беше длабоко правоверен и умееше да рече за францускиот филозоф: „Vir est acerrimi Ingenii et paucarum Literarum.”

Г-дин Бозвел, мало човече, ама голем мајтапчија кој веќе подолго време го познавав, се подбиваше со моето тромаво држење и застарена перика и облека. Еднаш, пристигајќи поднапиен од вино (од коешто беше зависен), фати да си прави шака со мене преку неколку импровизирани стихови испишани врз површината на масата; но, одошто му фалеше поткрепата којашто обично ја имаше при творење, направи голем граматички лапсус. Му реков дека не е убаво да си го пасквили изворот на стихотворството. Друг пат, Бози (како што го викавме) се пожали на мојата строгост кон новите писатели во статиите коишто ги приготвував за месечникот Мантли ревју. Рече дека секој претендент сум го туркал од падините на Парнас. „Господине“, му возвратив, „се лажете. Оние што ќе изгубат фат, го прават тоа одошто им фали сила; но, сакајќи да си ја сокријат слабоста, му го препишуваат недостигот на успех на првиот критичар што ќе ги спомене.“ Ќеф ми е што можам да кажам дека д-р Џонсон ме поткрепи во оваа работа. Д-р Џонсон вложуваше труд при поправање на туѓи лоши стихови како никој друг; впрочем, се вели дека во книгата на сиротата слепа старица г-ѓа Вилијамс, едвај има два стиха што не се на докторот. Еднаш Џонсон ми изрецитира стихови од некој слуга на војводата од Лидс, кои толку го заскокоткале, што ги научил наизуст. Беа за свадбата на војводата и во одликите толку личеа на делата на некои други поскорешни поетски дудуци, што не можев да се воздржам, а да не си ги запишам:


„Кога војводата од Лидс ќе направи свадба

за млада мома од фамилија арна

колку ли среќна невестата ќе е

што Неговата висост од Лидс над неа ќе бдее.“


Го прашав докторот дали некогаш се обидел да го оправи делово; и кога ми кажа дека не се обидел, се позанимавав со следнава исправка:


„Кога срчовен ЛИДС ќе се ќердоса во сјај

со честита убавица од прославен крај,

колку таа мома од радост ли би зашла

што толку велик маж ко него беше нашла!“


Кога му го покажав ова на д-р Џонсон, ми рече: „Господине, сте ги исправиле стапките, ама не сте им вдахнале ни досетливост ни поезија на стиховите.“

Со голема сладост би раскажувал повеќе за моите доживувања со д-р Џонсон и неговиот круг остроумници; но стар човек сум и бргу се заморувам. Како да дрндам без многу логика или слеаност кога се пробувам да си приспомнам за минатото; и стравувам дека саде ретко зајавувам случки коишто други ги немаат веќе продискутирано. Ако испадне дека моиве сегашни спомени се благонаклонето примени, можеби понатаму ќе запишам уште некои анегдоти од старите времиња од коишто сум последниот преживеан. Си споменувам за многу работи за Сем Џонсон и неговиот клуб, чијшто член останав и долго време по смртта на докторот којашто искрено ја оплакував. Помнам како кир Џон Бергојн, генералот, чиишто драмски и поетски дела беа испечатени по неговата смрт, беше одбиен за три гласа; веројатно поради несреќниот пораз во американската војна, кај Саратога. Сирот Џон! Ми се чини дека син му помина поарно, и го направија баронет. Но, многу се изморив. Стар сум, многу стар, и време ми е за попладневна дремка.