Др. Воук и г. Вич - Полиграматон

Др. Воук и г. Вич

Постои скалиште. Искривоколчено се искачува по страната на потполна темнина. А сепак контурите му се видливи, како чкртаница од молња врежана врз црно небо. И иако стои без потпора, не паѓа. Ниту свршува со назабеното издигање сѐ додека не го достигне помраченото поткровје каде што Воук, самотникот, се има повлечено.

Некој по име Вич сега се поткачува на скалиштето, кое како да го секира. Иако ќошлестото скеле, сѐ на сѐ, изгледа доста сигурно, се чини како Вич да се колеба да си ја навали целата тежина врз поединечните скалила. Жртва на нејасно шубе, се качува со бизарно зазорливи движења. Одвреме-навреме фрла поглед преку рамена кон скалите врз кои штотуку си ја беше навалил тежината, зашто ги осеќа повеќе како мека глина одошто тврда граѓа и можеби очекува да си ги види отисоците од ѓоновите врз нивната површина. Но скалите се непроменети.

Вич носи долго, светло обоено палто и спиците од ракофатот на скалиштето повремено му ги поткачуват долгите ракави. Му ги поткачуваат и ковчестите раце, но Вич е повозмутен од уништувањето на скапиот штоф одошто од повредите на немилото му месо. Како што се искачува, шмука мал убод на показалецот за да не му го исфлека палтото со крв. На седумнаесеттата скала над седумнаесеттото, и последно, одмориште - Вич се сопнува. Долгата опашка на палтото му се заплеткува меѓу нозе и како што паѓа се слуша звук на кинење. При крај со трпението, Вич го собува палтото и го метнува преку ракофатот кон црната небиднина. Неуредни алишта чипаво му висат врз мршавото тело.

На врвот на скалите има само една врата. Со широко расчепатени прсти, Вич ја турка да ја отвори. Зад вратата е поткровјето на Воук, кое се чини како спој помеѓу играчница и просторија за мачење.

Темнината и тишината на големата соба се понарушени од бучни млазови сино-зелена светлина кои кречовито треперат по ѕидовите. Но најголемиот дел од собата седи закопан во сенки. Дури и точната висина ѝ е несигурна, бидејќи над грчовитото осветлување не може да се види скоро ништо дури и со најостриот чифт очи, а камоли со ситните подзамижани зарези на Вич. Видливи се некои од пониските греди на вкрстените чатми, но таванот е потполно помрачен, ако светилиштетео на Воук воопшто е и снабдено со такво нешто.

Некаде над шмирглавиот под, едночудо кукли големи колку човек висат обесени на жици кои сјаат како навлажнети нишки пајажина. Но ниедна кукла не се гледа во целост. Долгоклуниот профил на една се втурнува во светлината; блескавите сатенски нозе на друга си наоѓаат пат од горната притуленост; прекрасно бледа рака свети во далечината; додека доста поблиску поголемиот дел од еден арлекин се провиснува во поглед, отсечен од црнина кај вратот. Впрочем, доста од инвентарот на колосалнава соба се чини само како делови и одломки од предмети кои успеале да си пробијат пат од задушливиот мрак. Врз подот, долга ниска кутија е влетана на полпат во сцената, покажувајќи си ги засилените рабови од блескави метални ленти зачепени со дебели завртки. Шилести и чудно оформени инструменти процутуваат од акшамот на сенките. Закоравени се од старост. Огромно тркало во првочетвртинска мена се гледа во притуленоста на собата. Други отсеци, разграноци и запченици на своевидни машини исто така ја усложнуваат огромнава галерија.

Како што Вич напредува низ полусветлината, одненадеж е застанат од метална рака со мека црна рачка. Отстапува и продолжува да чекори низ одајата, мелејќи пилевина, песок или можеби столчени ѕвезди под нозете. Расчеречените краци на кукли и марионети се распосеани насекаде. Постери, знаци, билборди и летоци од најразлична сорта се раштркани наоколу како карти за играње, со светлите им зборови растурени во бесмислици. Безброј други предмети, направи и вишок стока се зберени во собата, повеќе одошто човек би можел да забележи. Но сите, на некој начин, се како оние коишто веќе беа опишани. Така, човек се прашува како може да создаваат една таква атмосфера на… не е починка зборот за ова? Да, но извесен вид на починка: починката на пропаднатото.

„Здраво,“ извикува Вич. „Докторе, тука сте?“

Во темнината однапред одненадеж се појавува висок правоаголник, како билетарски штанд на карневал. Долниот дел е сочинет од дрво, а горниот дел од стакло. Внатрешноста му е осветлена од мрсен црвен блесок. Подгрбавена нанапред на седиштето, небаре спие, седи дотерана кукла: прикладно скроено црно сако и елек со светли сребрени копчиња, бела кошула со висока крагна и сребрени манжетни, и лелеава кравата на која има прикажано дезен на месечини и ѕвезди. Бидејќи главата ѝ е навалена нанапред, единствената бележита особина на куклата е црниот сјај на насликаната коса.

Вич му приоѓа на штандот, по малку претпазливо. Се чини дека е мошне заинтересиран за фигурата внатре. Низ полукружен отвор во стаклото, Вич ја пролизгува шаката во штандот, очевидно со намера да ја подзатресе раката на куклата. Но пред неговата рака да може да доползи до целта, последователно се збиднуваат неколку работи: куклата ноншарлантно си ја подига главата и ги отвора очите… посига и си ја положува дрвената шака врз шаката од месо на Вич… и вилицата ѝ се отклопува оддавајќи механичка смеа - ја-ха-ха-ха-ха, ја-ха-ха-ха-ха.

Измолкнувајќи си ја раката од куклата, Вич се протетерува неколку чекори наназад. Куклата продолжува да ја испушта потсмешливата смеа, која се распафтува до секоја ниша на поткровјето и повторно долетува како сперливи одеци. Лицето на куклата е штуро и привлечно, очите ѝ се тркалаат како луди џамлии. Тогаш, од сенките зад штандот на куклата, дочекорува некој кој е исто онолку мршав колку и Вич, макар што многу повисок. Облеката не му е многу поразлична од онаа на куклата, но алиштата му се провиснати, а она што му останало од ретката коса му паѓа како испокинати партали врз коскобелото теме.

„Сте се запрашале ли некогаш, г. Вич,“ почнува Воук, споро парадирајќи кон гостинот држејќи си ја едната страна од палтото како опашка на одежда. „Ве прашувам, сте се запрашале ли некогаш што е она што ја прави придвиженоста на една дрвена кукла толку стравотна за гледање, а уште повеќе за слушање? Слушнете ја, мислам, вистински послушајте. Ја-ха-ха-ха-ха: редица звуци која станува измачувачки речовита кога е изустена од Билетарот. Тие се подраздел на поезија што го пее она што не треба да се пее, што го говори она што не треба да се говори. Но за што ли се смее? Се чини дека за ништо. Никакви јасни поттикнувања или нагони не ја тераат куклата да се смее, а сепак се смее!

„Но чуму ѝ е смеата?“ можеби ќе се задумате. Се чини како да е само за Ваши уши, нели? Се чини дека е насочена кон секој дел од Вашето битие. Се чини… запозната. И е запозната, но на начин поинаков од оној којшто си го претставувате, според едно сосема поинакво становиште. Куклата не е запозната со Вас - туку само со самата себеси. Прашањето не е: „Чуму е смеата,“ воопшто не е тоа. Прашањето е: „Од каде доаѓа?“. Ова е всушност она што Ви ја поттикнува растревоженоста. Иако куклата навистина Ви предизвикува уплав, нејзиниот уплав е всушност поголем од Вашиот.

Помислете: дрво да се разбуди. Не можам да Ви го изразам појасно од тоа. А да не забораваме ни на насликаните коса и усни, стаклестите очи. И тие се скорнати од сон кој никогаш не требало да се скрши; и тие се сега дел од намовната мрежа на куклени живци, живи и свесни на начин каков што ни оддалеку не можеме да си претставиме. Ова е нешто преболно за солзи, па куклата Ви се смее в лице, обидувајќи се да се испразни од ужас кој не бил составен дел од нејзиниот стар дом од дрво и боја и стакло. Но овој ужас е самата суштина на нејзиниот нов дом - нашиот свет, г. Вич. Тоа е она што е толку страшно за засмеаниот Билетар. Ајде, спиј, кукло. Ете, си се врати во безживотната спија. Нека Ви е мило што не направив кукла што вреска, г. Вич. А уште помило нека Ви е тоа што куклата, сепак, е само направа. Сфаќате ли што Ви кажувам, г. Вич?“

„Да,“ рече Вич, кој се чинеше дека нема слушнато ни збор од монологот на Воук.

„Епа, што така да ме удостоите со Вашето присуство денес? Ден е нели, или барем тука некаде?“

„Е,“ возвраќа Вич.

„Добро е, сакам да сум во тек со нештата. Што ќе се пофалите?“ запрашува Воук споро рашетувајќи се низ нередот на своето поткровје.

Вич се навалува со грбот врз магливо брдо од неодредливи предмети и зјапнува кон подот. Звучи сонливо. „Немаше да дојдам, но не знаев што друго да направам. Како да Ви кажам? Изминативе денови и ноќи, особено ноќите, небаре смрзнати пеколи. Чинам треба да Ви раскажам дека има една личност-“

„На којашто сте ѝ фрлиле око,“ завршува Воук.

„Да, но има една друга личност-“

„Којашто претставува некаква пречка, некој што Ви ги направил ноќите толку ледени. Дотолку е мошне јасно. Кажете ми, како ѝ е името, на првата личност?“

„Прена,“ одговара Вич по извесно колебање.

„И неговото, втората личност.“

„Лам. Но зошто Ви требаат имињата за да ми помогнете?“

„Нивните имиња, како и Вашето име, а богами и моето, не се од суштинско значење. Само одржувам учтив интерес за Вашиот зорт, ништо повеќе. А тоа дека би Ви помогнал, е по претпоставка дека имам некаква превласт над околноста.“

„Но мислев,“ пелтечи Вич, „поткровјето, Вашите направи, се чини како да имате извесно… познавање.“

„Како познавањето на куклата? Не требало да зависите од тоа. Сега ќе мора да се справите со уште едно разочарување. Уште една болка. Ама слушајте, не можете ли да истуркате некако? Со тек на време ќе заборавите на оваа Прена. Зошто да се мешате во такво лудило. Вреди да се размисли.“

„Не можам да се воздржам докторе,“ вели Вич во жалбен глас.

„Разбирам, но сослушајте ме прво. Не сакам да Ве гледам ваков г. Вич. Верувајте, добро знам што зборувам. Не бев отсекогаш ваков каков што ме гледате. Но, ја знаете онаа старата: И снага и душа се отправа бедно штом две по две ќе постанат едно. Или можеби јас си ја измислив. Сеќавањето ми е блажено лошо. Во секој случај, дозволете ми да Ви дадам уште една мрвка совет: одречете се од светот и чипчете се за сенките.“

„Сам себе сум си сенка,“ возвраќа Вич.

„Да, гледам. Тогаш сѐ што можам да кажам во овој момент е дека бевте предупредени. Така, да позборуваме малку хипотетички. Позната ли Ви е Улицата на треперливи врвови? Знам дека има посекојдневно име, но сакам да ја викам така поради сите тие високи, изнавалени куќи.“

Вич климнува да покаже дека и тој ја знае улицата.

„Епа - а не ветувам ништо, запамтете, не давам ни завет ни заклетва - но ако некако успеете да ги поведете обајцата Ваши пријатели низ улицата вечерва, мислам дека можеби би имало решение за Вашиот проблем, ако навистина сакате решение. Гајле ви е каков облик би зазело?“

„Сакам само да ми помогнете, докторе. Во Ваши раце сум.“

„Навистина сте сериозен, нели?“

Вич не вели ништо за возврат. Воук крева раменици и постепено избледува кон точката на потекло во најдлабоките сенки на собата. Црвеното светло во штандот на Билетарот исто така избледува како залезно сонце, сѐ додека единствената преостаната боја во собата е ултрамаринот на пламените кои горат по ѕидовите. Вич си ги прекрстува рацете и се испулува кон горните пространства на поткровјето, небаре веќе може да ги види витките покриви кои лебдат над Улицата на треперливи врвови.


***


Навечер, фасадите на секое здание од обете страни на оваа тесна улица се чинат втопени, небаре споени од сенки една за друга. Настрана од темелите и неколку катови со заклопени прозорци, целите се саде покрив. Велелепно кај се издигаат во ноќта, често достигајќи фантастични висини. Во разновидни агли се лулкаат наспроти небото, таласејќи се при запците како високи дрвја на нежен ветер.

Вечерва небото е мочуриште од струшени облаци што светат на лажниот оган на месечината. Од насоката на засводениот влезен коридор на улицата, три фигури што наближуваат се претходени од три издолжени сенки. Една чекори напред, водејќи ги по патот, но немајќи ги соодветните гестови на запознатост и авторитет. Одзади се облиците на маж и жена, еден до друг со само една резанка од квечеринската блага зрачност меѓу нив.

Кон крајот на улицата, водечката фигура запира и другите две ја довтасуваат. Сега сите три стојат пред највишната од шилестите згради на улицата. Оваа се чини дека служи како дуќанџиско место, одошто над вратата ѝ виси знак. Размачкан од сенки, се подзанишува на ветерот, нежно чкрипејќи. На обете страни има насликано приказ на стоката или услугите кои таму се продаваат: маша, или нешто слично, вкрстено поставена врз нешто што можеби е ожег, или некое друго долго орудие. Но дуќанот не работи одошто е веќе касно и ролетните се прицврстени. Тркалезен тавански прозорец високо одозгора се чини само како празна вдлабнатина, макар што од приземјето - каде што трите фигури го имаат заземено неодлучното држење на месечари - тешко е да се каже какви се всушност нешата таму горе. А сега магла почнува да им го отсекува погледот од горните предели на Улицата на треперливи врвови.

Вич изгледа нејасно насекиран, очевидно несигурен уште колку време треба да се маат на местото. Незапознат со она што треба да се случи, ако воопшто има такво нешто, какво дејство треба да преземе? Засега сѐ што може е да одолговлекува. Но наскоро сѐ е доведено до брз завршеток.

Еден миг Вич сонливо муабети со двајцата придружници, кои дотогаш веќе изгледаат строго сомничави; наредниот миг е небаре се две марионети кои се потегнати нагоре на невидливи конци, во маглата и надвор од видик. Се случува толку ненадејно што не испуштаат ни звук, макар што малку покасно бледи, пригушени вресоци доаѓаат од високо одозгора. Вич има паднато на колена и си го покрива лицето со обете раце.

Двајца се кренаа, но само еден се спушта - единечна форма провисната еден лакот над калдрместата улица, потпретнувајќи, небаре на крајот на ортома од бесило. Вич си ги открива очите и погледнува кон нештото. Да, едно е, но ова едно има премногу… има премногу сѐ на ова тело. Две лица кои делат една глава, две усти кои вечно се замолчени со разделени усни. Нештото продолжува да виси во воздух дури и откако Вич е потполно спружен врз Улицата на треперливи врвови.


***


Наредниот состанок на Воук со Вич е исто онолку неочекуван колку и последниот. Во поткровјето има вознемирување и самотникот си ги довлечкува коските од сенките да испита што е работата. Она што го гледа е Вич и Билетарот како заедно врескаат од смеа. Кикотењата го размрдуваат застојаниот воздух во поткровјето. Двајцата се како близнаци-манијаци што крескаат и кркотат со еден глас.

„Што е оваа работа, г. Вич?“ свикува Воук.

Вич го занемарува и го продолжува урнебесниот дует со куклата. Дури и откако Воук го допира штандот и вели „Спиј, кукло,“ Вич и понатаму се смешка сам, небаре и тој е автомат без команда над сопствените дејства. Воук го кутнува Вич на подот, што се чини дека го притиска правилниот механизам за да му го исклучи гласот. Тивок е барем на некој миг. Потоа го крева погледот и му се мршти на Воук.

„Зошто моравте да им го направите тоа?“ запрашува со длабоко погодена прекорливост. Гласот му е зарипнат од сето смеење. Звучи како ‘рскотлива машинерија.

„Нема да се правам дека не знам за што зборувате. Имам чуено што се случи, не дека треба да ми е гајле. Но не можете да ме кривите мене г. Вич. И самиот знаете дека јас никогаш не го напуштам моево поткровје. Меѓутоа, сосема сте слободни да си одите, ако си појдете веднаш. Зар не ми отворивте доволно работа?“

„Зошто мораше така да се случи?“ се противи Вич.

„Од кај да знам? Рековте дека не ви е гајле каков облик ќе заземе решението на Вашиот проблем. Освен тоа, мислам дека сѐ испадна на арно. Тие двајца правеа будала од Вас г. Вич. Си се сакаа и сега си се имаат. Две по две постанаа едно, а Вие сте ослободени да преминете на наредната катастрофа. Чекај, чекај, знам што Ве мачи,“ вели Воук со ненадејна просветленост. „Насекиран сте бидејќи сѐ се сврши со нивно скончило, а не со Ваше. Смртта секогаш е најдобрата работа, г. Вич, но кој би помислил дека Вие би го ценеле таквото гледиште? Сум Ве потценил, се гледа. Простете.“

„Не,“ вреснува Вич, тресејќи се како болно животно. Воук сега станува возбуден.

„Не? Нееее? Што Ви е? Зошто ми подметнувате вакви разочарувања? Сум доживеал доволно и без Вие да ми донатрупувате. Научете нешто од Билетарот до Вас. Сте го чуле да цимолка? Не, тивок си е, мирен. Тишината на куклата е најспокојната од сите тишини и нејзината мирнотија е совршената мирнотија на неродените. Може да крева врева, но не крева. И токму тоа негово недејствување, неговата неисполнета природа е она што го прави идеален придружник, мојот единствен пријател, како што се чини. Те обожавам Суварко. Види како рацете му се положени во скутот во напразна молитва. Види му го благородното држење на клапнатите и немоќни краци. Види му ги отрпнатите усни што не мрморат ништо, и види ги тие очи - како се пулат ли пулат засекогаш!“

Воук ги погледнува од поблизу очите на куклата, и неговите почнуваат да се спуштаат со мрачна намерност. Ја навалува главата врз штандот за најтемелно можно испитување, со раце залепени за стаклото небаре од силата на некое моќно вшмукување. Најпосле, Воук гледа дека очите на куклата се имаат сменето. Сега капат ситни капки крв кои споро се тркалаат по сјајни образи.

Воук се одвлекува од штандот и му се врти на Вич.

„Сте го чепкале!“ ревнува онолку колку што може.

Вич трепкајќи истерува неколку преостанати солзи побудалена смеа од очите, и усните му се свиваат во насмевка. „Ништо немам сторено,“ потсмешливо прошепотува. „Не ме кривете мене за Вашите маки!“

Воук се чини миговно дамлосан од јарост, макар што лицето му е извитоперено од илјада мисли за дејствување. Вич очигледно е свесен за опасноста и очите му шараат низ собата, можеби по начин за бегство или оружје за против неговиот соперник. Се задржува на нешто и укутарено почнува да се движи кон него.

„Кај сте тргнале?“ вели Воук, ослободен сега од онеспособувачките учиноци на гневот.

Вич се обидува да стигне до нешто на подот што има приближна форма и големина на ковчег. Само дел од долгата црна кутија стрчи од сенките во синкаво-зелената зрачност на поткровјето. Дебела лента од изгланцано сребро го порабува предметот и е прицврстена за него со дебели завртки.

„Бегајте оттаму,“ свикува Воук како што Вич се наведнува над кутијата, алкајќи го капакот.

Но пред да може да го отвори, пред да може да направи некаков друг потег, Воук го прави својот.

„Дадов сѐ од себе за Вас, г. Вич, а Вие ми причинивте саде јад. Се обидов да Ве избавам од судбината на Вашите пријатели… но сега Ве добавувам со истата.“

На овие зборови, телото на Вич почнува да се крева со згрбавеност на марионета, а потоа прорејува кон сурите чатми и над нив, пренесено од невидени жици. Рацете и нозете неконтролирано му преткаат за време на издигањето, а вресоците… му избледуваат.

Но Воук не му обрнува внимание на напредокот на неговата жртва. Со распафтани широки алишта, јурнува кон предметот до пред скоро загрозен од сквернавење и го довлекува до едно отворено место на подот. Светлината од ѕидовите сјае врз свилената црна површина на ковчегот. Воук е на колена пред долгата кутија, нежно проверувајќи ѝ ја сигурноста со врвовите на прстите. Небаре секој наталожен момент одмереност е богохулие, одненадеж го подига капакот.

Внатре е положена млада жена чија убавина е неприродно продолжена од занесеник во нејзината форма. Воук зјапа некое време кон лешот. Потоа ѝ шепоти на онаа која не може да го чуе: „Секогаш е најдобро вака, мила. Секогаш е најдобро вака.“

Сѐ уште е клекнат пред ковчегот кога цртите почнуваат да му подлегнуваат на забот на разновидни, очигледно спротивставени, етапи на чувство. Очи, уста, целата лицева структура е спотната во изведување грозоморни акробации на израз. Најнакрај, напорот на внатрешната дармадана на Воук се разрешава во напад на грчевита смеа: ослободувачката смеа на античко растројување. Преку моќта на идиотската урнебесност, Воук се крева на нозе и почнува да разрипува наваму-натаму, диво играјќи на отсутна музика со невидлив партнер. Потскокнувајќи и клинкајќи и клацкајќи се, изгледа како да е налегнат од изблик на напади, додека смеата му се претвора во груба бучава. Со потполно умствено отсуство, или можеби бидејќи моментално си беше дошол на себеси, Воук се упатува надвор од поткровјето и сега се смее кон мрачната небиднина од другата страна на климавиот ракофат на врвот на искривоколченото скалиште. Последното смеење се чини како да му влегува в грклан додека паѓа преку ракофатот не испуштајќи ни звук.

Така, вресоците кои сега ги слушаш не се оние на кремнисаниот Воук или на страдниот Вич, обајцата заминати во мрачни предели незнајни за никој. Ниту се последните одеци на криците на ужас на Прена и Лам. Овие вресоци, оние од зад вратата на врвот на скалите, ѝ припаѓаат само на една беспомошна кукла која сега чувствува топли капки крв како ѝ се лизгаат по лакираните образи. Зашто Билетарот е оставен - сам и жив - во сенките на едно напуштено поткровје. И очите му се тркалаат како луди џамлии.