(„…како што вели Ибид во неговото познато дело Поетски животи.“
- од школска писмена работа.)
Неточната претстава дека Ибид е авторот на Поетски животи толку често може да се сретне, дури и меѓу оние што се преправаат дека поседуваат извесен степен на култура, што вреди да се исправи. Треба да е општопознато дека Сп. е одговорен за ова дело. А ремек-делото на Ибид, од друга страна, е славното Цит. дело, каде што сите значајни воздејства на грчко-римскиот израз биле кристализирани еднаш засекогаш - и тоа со пофална проникливост, дури и покрај изненадувачки касниот период во којшто пишувал Ибид. Има една лажна изјава - мошне често повторувана во современи книги пред појавата на бележитата Geschichte der Ostrogothen in Italien на фон Швајнкопф - дека Ибид бил романизиран Визигот од ордата на Атаулф кој се населил во Плаценција околу 410 година н.е. Не можам да искажам колку е важно да се нагласи токму спротивното; зашто фон Швајнкопф, а по него и Литлвит¹ и Бетеноар², со неоспорна силина покажале дека овој зачудувачко изолиран лик бил вистински Римјанин - или барем онолку вистински Римјанин колку што можела да произведе таа изродна и мелезна доба - за кого би можело да се каже она што Гибон го кажал за Боетиј, „дека бил последниот кого Катон или Тулиј би го признале за нивни земјак“. Бил, како и Боетиј и речиси сите истакнати луѓе од негово време, од великото аницииско семејство и можел да си ги проследи родописите со немала егзактност и самозадоволство до сите јунаци на републиката. Целосното име - долго и високопарно според обичаите на доба која ја беше изгубила трономската едноставност на класичното римско именување - фон Швајнкопф³ тврди дека му било: Гај Аникиј Магнус Фуриј Камил Ајмилијан Корнелиј Валериј Помпеј Јулиј Ибидус; макар што Литлвит⁴ го отфрла Ајмилијан и додава Клаудиј Дециј Јунијан; додека Бетеноар⁵ радикално се разидува, претставувајќи го целото име како Магнус Фуриј Камил Аурелиј Антонин Флавиј Аникиј Петрониј Валентинијан Егид Ибидус.
Истакнатиот критичар и животописец бил роден во 486 година, веднаш по истребувањето на римската власт од Галија од страна на Хлодовик. Рим и Равена се соперници за честа на неговото раѓање, иако е сигурно дека реторичката и филозофската наобразба ја стекнал во училиштата во Атина - чии обем на потиснување од страна на Теодосиј еден век претходно ужасно се преценува од страна на површноумните. Во 512, под доброќудното владеење на Острготот Теодорих, го видуваме како учител по реторика во Рим, а во 516 го држел конзулството заедно со Помпилиј Нумантиј Бомбаст Марцелин Деодамнатус. По смртта на Теодорих во 526, Ибидус се повлекол од јавен живот за да го состави неговото славно дело (чијшто чист цицеронски стил е исто толку извонреден случај на класичен атавизам колку и стиховите на Клаудиј Клаудијан, кој процветал еден век пред Ибидус); но подоцна повторно бил вратен среде салтанатски сцени за да дејствува како дворски реторичар за Теодат, внукот на Теодорих.
По приграбувањето на власта од страна на Витигес, Ибидус изгубил наклонетост во очите на власта, а на некое време бил и затворен; но доаѓањето на византиско-римската војска предводена од Белисариј наскоро му ги повратило и слободата и честа. За време на опсадата на Рим храбро служел во војската на бранителите, а потоа ги следел орлите на Белисариј до Алба, Порто и Чивитавекија. По франкиската опсада на Милано, Ибидус бил избран да го придружува учениот епископ Датиј во Грција, и престојувал со него во Коринт во 539 година. Околу 541 се префрлил во Константинопол, каде што бил удостоен со сите нишани на царска наклонетост и од Јустинијан и од Јустин Втори. Императорите Тибериј и Маврикиј му направиле голема чест на старост, и многу придонеле за неговата бесмртност - особено Маврикиј, на кој му било ќеф што можел да си го проследи потеклото до стариот Рим дури и покрај тоа што бил роден во Арабиск, во Кападокија. Маврикиј бил оној кој, во 101-та година од животта на поетот, го осигурал прифаќањето на неговото дело како учебник во училиштата на империјата, чест што се покажала како кобен замет за чувствата на престарениот реторичар, бидејќи истиот мирно починал во својот дом крај црквата Света Софија, на шестиот ден пред септемвриските календи, 587 година н.е., во 102-та година од неговото живеење.
Останките, дури и покрај бурната состојба во Италија, му биле одведени во Равена на закоп; но одошто биле закопани во предградието Класе, биле откопани и подложени на потсмев од страна на ломбардискиот војвода од Сполето, кој го однел черепот на Ибид кај кралот Аутари за да се користи како коледарски пехар. Черепот со гордост се предавал од крал на крал долж ломбардиската лоза. По заземањето на Павија од страна на Карло Велики во 774, черепот му бил одземен на расклиманиот Дезидериј и одведен во карванот на франкискиот освојувач. Впрочем, токму од овој сад папата Лав го беше извршил кралското помазание коешто од номадскиот јунак направило Цар на Светото Римско Царство. Карло Велики го однел черепот на Ибид во престолнината во Екс, подарувајќи му го набргу потоа на неговиот саксонски учител Алкуин, по чија смрт во 804 бил испратен кај сродниците на Алкуин во Англија.
Вилијам Освојувачот, пронаоѓајќи го во една ниша во опатијата каде побожното семејство на Алкуин го имало положено (мислејќи си дека е черепот на некој светител⁶ којшто чудесно ги беше разнебитил Ломбардите со своите молитви), му ја сајдисал костената древност; а дури и грубите војници на Кромвел, кога ја уништувале опатијата во Балилох во Ирска во 1650 (одошто некој посветен папист тајно го беше пренел дотаму во 1539, по распуштањето на англиските манастири од страна на Хенри VIII) одбиле да испоганат една толку уважена реликвија.
Бил запленет од редовот „Чати-и-Ридај“ Хопкинс, којшто недолго потоа му го трампал на „Почивај-во-Јехова“ Стабс за еден чеп пресен вирџински тутун. Стабс, кога го испраќал сина си Зерубабел да си ја бара среќата во Нова Англија во 1661 (зашто атмосферата по Реставрацијата не му се чинела ујгун за еден побожен млад ситносопственик), му го дал черепот на Св. Ибид - или поправо, на брат Ибид, одошто сѐ што било папско него му било ненависно - како амајлија. Кога се истоварил во Салем, Зерубабел си го ставил во шкафот крај оџакот, откако си кренал скромна куќа близу селската чешма. Меѓутоа, не бил потполно непогоден од влијанието на Реставрацијата; па одошто се фатил за комар, го изгубил черепот во партија со некој Епенет Декстер, ослободен човек дојден на посета од Провиденс.
Бил во куќата на Декстер, во северниот дел на паланката близу сегашната крстосница на улиците „Норт мејн“ и „Олни“, кога биднал упадот на Канончет на 30 март 1676, за време на војната на крал Филип; и мудриот стареа веднаш препознавајќи го дека е ствар со особена уваженост и достоинство, го испратил како симбол на сојузништво до некое групаштво Пеквоти во Конектикат со кои преговарал. На 4 април бил заробен од колонистите и наскоро потоа погубен, но трезвената глава на Ибид го продолжила своето патешествие.
Пеквотите, обессилени од претходна војна, не можеле да им пружат помош на сега покосените Нарагансети; и во 1680 некој холандски трговец со крзна од Олбани, Петр ван Шаак, го набавил угледниот череп за скромна сума од два флорини, одошто му ја беше воочил вредноста по полуистружениот натпис изгравиран со ломбардиски минускули (палеографијата, би можеле да објасниме, била едно од водечките умеења на новохоландските трговци со крзна во седумнаесеттиот век).
Од кај ван Шаак, за несреќа, реликвијата била украдена во 1683 година од некој француски трговец, Жан Грение, чијашто папска ревност ги препознала цртите на оној кој уште од мајчин скут го беа учеле да го уважува како Св. Ибиде. Грение, распален од доблестен гнев од тоа што протестант поседува еден толку свет симбол, една вечер му ја здробил главата на ван Шаак со секира и побегнал со пленот на север; меѓутоа, набргу бил ограбен и отепан од мешанокрвниот патешественик Мишел Савар кој го зел черепот - и покрај неписменоста којашто го спречувала да го препознае - за да си го додаде во збирката на слични, макар поскорешени материјали.
По неговата смрт во 1701 неговиот мешанокрвен син Пјер им го трампал топтан со други работи на пратеници на Саковците и Фоксите и едно поколение покасно бил пронајден пред типито на главатарот, од страна на Шарл де Ланглад, основачот на трговската станица во Грин Беј, Висконсин. Де Ланглад го третирал овој свет предмет со соодветна уваженост и го откупил по цена на многу стаклени монистра; но сепак по него се нашол во многу други раце, одошто им бил трампан на селиштата крај челото на езерото Винебаго, на племињата околу езерото Мендота, и најпосле, рано во деветнаесеттиот век, на некој Саломон Жуно, Французин, во новата трговска станица во Милвоки на реката Меномини, при брегот на езерото Мичиген.
Откако подоцна му бил трампан на Жак Кабош, друг доселеник, бил сутнат во партија шах или покер во 1850 година од страна на некој новодојденец по име Ханс Цимерман; кој го користел како пивска кригла сè додека еден ден, билјосан од неговата содржина, не допуштил да му се стркала од предниот трем до прериската патека пред куќата - каде што, паѓајќи во дувлото на прериско куче, минал вон синорот на спремноста на стопанот да го пронајде или поврати, откако се разбудил.
Така, долги поколенија светиот череп на Гај Аникиј Магнус Фуриј Камил Ајмилијан Корнелиј Валериј Помпеј Јулиј Ибидус, римски конзул, императорски миленик и светител на римокатоличката црква, беше лежел скриен под почвата на растечка паланка. Најпрво обожуван низ темни обреди од прериските кучиња, кои во него гледале божество пратено од горниот свет, подоцна западнал во тешка запоставеност кога расата едноставни, простодушни ровачи подлегнала пред налетот на освојувачкиот Ариец. Дошле канализации, но го одминале. Никнале куќи - 2303 на број, па и повеќе - и најпосле една кобна вечер се случила титанска работа. Стаената Природа, згрчена од духовен занес, небаре пената на екс-пијалокот на тој предел, го сведнала вишното и го возвишила ниското - и што да види човек! Во ружестата зора граѓаните на Милвоки се разбудиле да видат како доскорешната прерија се беше претворила во балкан! Масивно и далекусежно било големото воздигање. Подземни мистики, скриени со години, најпосле излегле на виделина. Зашто таму, на мегдан среде расцепениот друм лежел, избелен и спокоен во безизразен, светителен и конзулски салтанат, куполестиот череп на Ибид!
[ЗАБЕЛЕШКИ]
¹ Рим и Византија: Студија за опстанок (Вокеша, 1869), том XX, стр. 598.
² Influences Romains dans le Moyen Age (Fond du Lac, 1877), том XV, стр. 720.
³ Според Прокопиј, Гот. ч.к.љ.
⁴ Според Јорданес, Кодекс Мурат. xxj. 4144.
⁵ По Паги, 50–50.
⁶ Дури по појавата на делото на фон Швајнкопф во 1797 биле повторно правилно утврдени идентитетите на Св. Ибид и реторичарот.