Посветено на Ч. В. Смит,
од чијшто предлог е преземена главната околност.
Нема ништо поапсурдно, ако се прашувам, од вообичаените поистоветувања со пријатнoст и угодност кои се чинат дека проникнуваат низ психологијата на мноштвото. Штом се спомне пасторална јенкиска сцена, неспретен и дебелоглав селски погребник, и непромислена незгода во гробница, никој просечен читател не би бил наведен да очекува нешто повеќе од весела, макар гротескна хумористична етапа. Меѓутоа, Бог знае дека прозаичната сказна којашто смртта на Џорџ Бирч ми дозволува да ја раскажам содржи одлики покрај коишто и некои од нашите најмрачни трагедии се ведри.
Бирч се здоби со фалинка и си го смени занаетот во 1881, но никогаш не зборуваше за случајот ако можеше да си преќути. А така беше и со неговиот стар лекар, д-р Дејвис, кој почина пред многу години. Општото тврдење беше дека мааната и потресот биле происход на несреќен кикс, при што Бирч девет часа се беше заклучил во привремената гробница во гробиштата во долината Пек, спасувајќи се единствено со помош на груби и разорни механички средства; но, иако ова несомнено беше вистина, имаше и други, поцрни нешта коишто човекот понекогаш ми ги шепотеше среде пијани бунила при крајот. Ми се довери бидејќи му бев доктор и бидејќи најверојатно чувствуваше потреба да му се довери на некој друг по смртта на Дејвис. Беше ерген, без ниедна роднина.
Бирч, пред 1881 година, беше бил селскиот погребник во долината Пек и бил многу корав и примитивен примерок дури и во споредба со други такви примероци. Практиките коишто слушав дека му се препишувале денес би биле неверојатни, барем за во град; а дури и долината Пек ќе подзатрепереше доколку знаеше за лабавата етика на нејзиниот мртовечничар во однос на некои дискутабилни теми како на пример сопствеништвото на скапите „погребни китила“ невидливи под капакот на сандакот, и степенот на достоинство кој би требало да се одржува при местењето и приспособувањето на невидените членови на безживотните станари на кивури не секогаш преслагани со најакрибична прецизност. Највоочливо од сѐ, Бирч беше немарен, нечувствителен и професионално непожелен; но сепак мислам дека не беше злобен човек. Беше само прост во духот и во дејноста - непромисленик, леснак и сарош, како што и докажува и неговата лесно спречлива несреќа, и без онаа трунка мечта којашто го држи просечниот граѓанин во извесни граници предодредени од вкус.
Каде точно да ја отпочнам приказната за Бирч, едвај можам да се решам, бидејќи не сум некој извештен раскажувач на сказни. Чинам можам да почнам во студениот декември во 1880, кога земјата смрзнала, а гробишните длабачи увиделе дека веќе не ќе можат да копаат гробови дури не дојде пролет. За среќа, селото било мало и стапката на смртност ниска, па возможно било да им се даде привремен пристап на сите неживи штитеници на Бирч во единствената старинска привремена гробница. Погребникот постанал двојно побезволен од никаквото време и се чинел дека и самиот себеси се надминува во невнимателност. Никогаш не беше склепал поклимави и потрунтести сандаци, ниту пак поеклатантно ги беше имал занемарено потребите на ‘рѓосаната брава на вратата од гробницата која со толкава ноншарлантност ја трескал при секое отворање и затворање.
Најпосле фатило пролетното затоплување и гробовите за деветте тивки жетви на српот на смртта коишто чекале во гробницата биле макотрпно подготвени. Бирч, иако како уплав да имал од помислата на маката при нивното вадење и закопување, едно непријатно априлско утро започнал со задачата на префрлање, но прекинал пред да фати пладне поради силниот дожд кој како да му го дразнел коњот, откако успеал да положи само една смртна суграда во вечниот ѝ сон. Била онаа на Дариус Пек, деведесетгодишникот, чијшто гроб бил недалеку од гробницата. Бирч одлучил дека следниот ден ќе започне со старчето Метју Фенер, чијшто гроб исто бил во близина; но всушност ја одложил работата за три дена, засукувајќи ракави дури на Велики Петок, на 15ти. Одошто не бил многу по суеверија, ни пет пари не давал за датумот; макар што оттогаш натаму секогаш одбивал да врши било каква важна работа на тој кобен шести ден од неделата. Бездруго, настаните од таа квечерина значително го промениле Џорџ Бирч.
Значи, попладнето на 15-ти април, во петок, Бирч тргнал кон гробницата со коњот и кочијата да го префрли телото на Метју Фенер. Тоа дека не бил сосема трезен, потоа и сам си признал; иако тогаш немал почнато со безусулното пиење со коешто подоцна се обидувал да заборави извесни нешта. Бил доволно зашеметен и невнимателен само колку да го растревожи чувствителниот коњ, кој кога свирепо го запрел пред гробницата, почнал да ѕвиска и да дрпа со копитата и да тресе со главата, слично како и при онаа претходна прилика кога дождот го беше сакалдисал. Денот бил ведар, но надошол силен ветар; па Бирч едвај чекал да се засолни додека ја отклучувал железна врата и влегувал во темникот врз ридската косина. Немливата, смрдлива одаја со осумте невнимателно наредени ковчези не ќе да му била по ќеф на секого; но Бирч во тие денови бил нечувствителен и берел гајле само за да го земе вистинскиот ковчег за вистинскиот гроб. Не го беше заборавил приговорот што се дигнал кога роднините на Хана Бигзби, сакајќи да ѝ го пренесат телото до гробиштата во градот од каде што се имале преселено, го пронашле сандакот на судијата Капвел под нејзината надгробна плоча.
Светлината била притулена, но Бирч имал остар вид и не го зел ковчегот на Асаф Соер по грешка, макар што биле многу слични. Всушност, тој ковчег Бирч го имал направено за Метју Фенер; но најпосле го беше шкартирал како премногу несмасен и климав, во хир на своевидна сентименталност поттикната од спомени за тоа колку арно и широкоградо беше било старчето кон него кога банкротирал пред пет години. За атер на стариот Мет си ја беше спотнал сета своја вештина, но сепак бил доволно икономџија за да го сочува отфрлениот примерок и да го искористи кога Асаф Соер умрел од буица. Соер не бил допадлив човек и многу приказни се раскажувале за неговата скоро нечовечка одмаздољубивост и закалено паметење на сторени неправдини, вистински или замислени. Бирч воопшто не го гризела совест за нему да му го додели невнимателно направениот ковчег којшто сега го турнал настрана во потрага по сандакот на Фенер.
Токму кога го препознал ковчегот на стариот Мет биднало да вратата тресне од ветерот, оставајќи го во примрак уште подлабок од дотогаш. Тесниот надвратник пропуштал саде најмекушави зраци, а таванскиот оџак за проветрување ни такви ни никакви; па бил приморан сквернавички да се распаркува додека пополека си правел пат низ долгите кутии до резето. Во таквиот погребен самрак ги ѕвечкал ‘рѓосаните рачки, туркал врз железните паноа и се прашувал зошто масивната капија наеднаш беше станала толку непрокопсана. Во таквиот самрак почнал и да ја сфаќа вистината и гласно да вика небаре коњот однадвор можел да направи нешто повеќе од само да ѕвиска во несочувствителен одговор. Зашто долго запоставеното резе очигледно било скршено, оставајќи го невнимателниот погребник заробен во темникот, како жртва на сопствениот превид.
Работата сигурно се беше случила во околу три и пол часот попладне. Бирч, флегматичен и практичен по табиет, не викал долго; туку почнал да се распипува да дофати некој алат кој си спомнал дека го видел во некој кош на гробницата. Несигурно е дали воопшто бил погоден од ужасот и фабулозната бизарност на неговата положба, но голиот факт на затвореништво толку далеку од катадневните човечки патишта бил доволен за темелно да го возмути. Дневните должности му биле, ко за беља, прекинати и освен ако не му се погоди ‘ксмет, та некој талкач да помине оттаму, можеби ќе мора да остане цела ноќ, а и подолго. По достигнувањето на купот на алати и избирањето на чеканот и длетото, Бирч се вратил преку ковчезите до вратата. Воздухот почнал да е прекумерно неугоден; но тој не ја есапел ваквата подробност додека ‘рмбал, полу по осет, пред тешкиот и кородиран метал на резето. Душа ќе дадел за фенер или некоја свеќа; но одошто немал таква работа, неспретно и полуневидно лупал како што знаел и умеел.
Кога воочил дека резето неќе ни да чуе, барем не под такви оскудни алати и сури услови како тогашните, Бирч се распулил да најде некоја друга можна точка на бегство. Темникот бил ископан во ридската косина, па тесниот оџак за проветрување на врвот врвел низ неколку стапки земја, правејќи ја таа насока крајно бескорисна како можност. Меѓутоа, над вратата, високиот надвратник како зарез во циглената фасада ветувал можно проширување под рацете на вреден работник; па така очите долго време му биле втренчени кон него додека си ја чукал главата како да направи за да го досигне. Немало ништо налик на скала во гробницата и нишите за ковчези од по страните и во задниот дел - коишто Бирч ретко се мачел да ги ползува - не нуделе пристап до просторот над вратата. Останувале само самите ковчези како можни скалила за поткачување и како што се думал за ова, умувал кој план на редење ќе е најарен. Преслагал дека три ковчези во висина, ќе му дозволат да го досигне надвратникот; но поарно ќе е ако стави четири. Кутиите биле мошне рамни и можеле да се изнаредат како блокови; па почнал да пресметува како ќе може најстабилно да ги употреби осумте за да крене платформа, четири ковчези во длабочина, што ќе може да ја искачи. Додека планирал не можел, а да не посака да единките на замисленото скалиште беа биле посолидно направени. Дека имал доволно мечта да посака и да се празни, не е баш најверојатно.
Најпосле се одлучил да постави основа од три паралелно со ѕидот, врз нив да постави два слоеви од по два, а врз нив една кутија да му служи како платформа. Ваквиот распоред бил најненезгоден за искачување и можел да ја обезбеди посакуваната висина. Но, уште подобро, вака ќе можел да исползува само две кутии на основата како потпора на надградбата, ослободувајќи една за да се достави на врвот во случај да самиот чин на бегство побара уште поголема височина. И така затвореникот ‘рмбал во самракот, молкнејќи ги индиферентните останки на човечка смртност без многу дикатлук додека минијатурната Вавилонска кула ред по ред се издигала. Неколку ковчези почнале да се цепат под немарното ракување и бил со план да го зачува цврсто изработениот сандак на малиот Метју Фенер за на врвот, за да нозете му имаат колку што е можно посигурна потпора. Во полумрачнината најмногу се потпирал на осетот за допир за да го дофати правиот ковчег и впрочем налетал на него речиси случајно, бидејќи му се дотумбал в раце небаре по некое несекојдневно доброволство кога нанесакана го беше поставил крај друг сандак на третиот слој.
Најнакрај, со кулата завршена и капнатите раце одморени во починка за време на којашто бил седнат на најдолната скала од суриот склоп, Бирч претпазливо се искачил со алатот и застанал пред тесниот надвратник. Границите на просторот биле целите од цигла и се чинело мошне веројатно дека за брзо ќе може да ги изделка доволно за да успее да си го протне телото. Како што почнале да се гласат ударите на чеканот, коњот однадвор заѕвискал во тон којшто се чинел или охрабрувачки или потсмешлив. Ќе бил соодветен и за обата случаи; зашто неочекуваната тврдокорност на навидум кревката цигла навистина била зајадлив коментар за залудноста на смртничките надежи и извор на задача чие спроведување заслужувало секаков можен поттик.
Фатило примрак, а Бирч уште ‘рмбал. Сега работел најмногу по осет, бидејќи штотукунасобраните облаци ја сокриле месечината; и иако напредокот и понатаму му одел споро, бил окуражен од обемот на поткопувањето на врвот и дното на зјајот. Ќе можел, бил уверен, да излезе до полноќ - макар што е својствено за него тоа што ваквата мисла му била необоена од морничави гатнувања. Невознемирен од потисни промислувања за саатот, местото и друштвото под нозете, филозофски продолжил да ја клепа камената цигла; пцуејќи кога една одломка го удрила в лице, а смеејќи се кога друга го погодила сѐ повозбудениот коњ кој дрпал со копитата близу чемпресот. Со тек на време дупката станала толку голема што одвреме-навреме се одважувал да се проба да си го протне телото, мрдајќи така што ковчезите под него се клателе и крцкале. Увидел дека нема да мора да достави уште еден врз платформата за да ја достигне правата висина; зашто дупката била на точно ниво за да може да се исползува штом ѝ дозволи големината.
Сигурно веќе било и полноќ кога Бирч одлучил дека може да пројде низ надвратникот. Изморен и препотен и покрај многуте починки, се спуштил до подот и поседел малку на најдолната кутија да собере сила за последното врголење и скок врз земјата однадвор. Гладниот коњ непрестајно и скоро необјасниво ѕвискал и Бирч потсвесно посакувал да прекине. Бил своевидно лишен од вознес и покрај претстојното бегство, и скоро како уплав да имал од напорот, зашто ставата му била со онаа мрзоволна гарабитност на раната средовечност. Како што повторно им се качувал на расцепените ковчези многу остро си ја почувствувал сопствената тежина; особено кога, кога стигнал до највисокиот, го чул тој тежок пукот кој го издава потполното цепење на дрво. Се покажало дека, сепак, залуден му бил планот кога го избрал најјакиот ковчег за платформа; зашто таман застанал со сета тежина врз него, гнилиот капак попуштил, спуштајќи го две стапки надолу врз површина каква што дури ни тој не сакал да си замисли. Полуден од звукот или од смрдеата што се расталасила дури до воздухот однадвор, застанатиот коњ испуштил вресок кој бил пренеобуздан за да е ѕвисок и безумно се втурнал низ ноќта, со кочијата лудо ѕвечкајќи зад него.
Бирч, во таквата грозоморна положба, сега бил прениско за лесно да се испентери низ проширениот надвратник; но собрал кувет за еден решителен обид. Чипчејќи се за рабовите на зјајот, пробал да се крене, кога забележал некакво настрано одмагање во форма на очевидно влечење врз обата глуждови. Уште истиот миг за првпат таа вечер осетил страв; зашто колку и да претал, не можел да се ослободи од непознатиот заграб којшто му ги држел нозете во непокорно заробеништво. Ужасни болки, небаре од дивјачки рани, му проструиле низ листовите; и во умот му се јавил вртлог од уплав помешан со неугаслив материјализам којшто наведувал кон деланки, откачени клинци или некоја друга одлика на скршена дрвена кутија. Можеби и вреснал. Како и да е, трескавично и самодвигателно клоцал и претал додека совеста му била скоро засенета во полубессознаница.
Природен нагон го беше водел во врголењето низ надвратникот и ползењето што следело по наглиот удар врз влажната земја. Се чинело дека не можел да оди, и штотуку излезената месечина сигурно посведочила на ужасна глетка додека си ги влечел раскрвавените глуждови кон гробишната портирница; риејќи со прстите низ црната мувла во безумно итање, со тело што реагирало со онаа излудувачка бавност од којашто човек страда кога е бркан од кошмарни авети. Меѓутоа, очевидно, немало гонител, зашто бил сам и жив кога Армингтон, портирот, се одзвел на бессилното драскање на вратата.
Армингтон му помогнал на Бирч да стигне до резервниот кревет и го испратил синчето Едвин по д-р Дејвис. Страдалникот бил потполно свесен, но не можел да каже ништо значајно; саде мрморејќи работи како „оф, глуждовите!“, „пушти ме!“ или „затворен во гробницата“. Тогаш пристигнал докторот со медицинската торба и поставил концизни прашања и му ги собул надворешната облека, чевлите и чорапите на пациентот. Раните - зашто обата глуждови биле стравотно испосечени околу Ахиловите тетиви - како мошне да го зачудиле стариот лекар, а најпосле скоро и како да го исплашиле. Распрашувањето му придобило напнатост што не била само медицинска, а рацете му се треселе додека ги преврзувал осакатените членови; обложувајќи ги небаре сака да раните што поскоро му се тргнат од пред очи.
Како за рамнодушен доктор, кобното и стаписано испрашување на Дејвис постанало мошне чудно додека се трудел да ја исцеди од снемоштениот погребник и најмалата можна подробност за неговото ужасно доживување. Бил несекојдневно настојчив да потврди дали Бирч e сигурен - потполно сигурен - во идентитетот на тој најгорен ковчег во купот; како го беше избрал, како бил сигурен во примракот дека тоа е ковчегот на Фенер и како го беше распознал од инфериорниот ковчег-двојник на свирепиот Асаф Соер. Зар издржливиот ковчег на Фенер толку лесно би се врушил? Дејвис, како стар селски лекар, всушност ги имал видено и обата при погребите, бидејќи, впрочем, ги беше негувал и Фенер и Соер за време на нивното крајно боледување. Дури и се беше запрашал, на погребот на Соер, како одмаздољубивиот земјоделец успеал да легне исправен во кутија толку сродна со онаа на дробниот Фенер.
По цели два часа д-р Дејвис си заминал, наговарајќи го Бирч секогаш да настојува дека раните во целост му се предизвикани од откачени клинци и дрвени деланки. А и што друго, додал, би можело да се докаже како вистина? Но, најарно било да се зборува што е можно помалку и да не му се дозволува на ниеден друг доктор да ги лекува раните. Бирч го поризал ваквиот совет сѐ до крајот на животот, кога мене ми ја раскажа приказната; и кога ги видов лузните - целите древни и побелени - се согласив дека паметно сторил што така постапил. Засекогаш останал сакат, зашто големите тетиви биле скинати; но мислам дека најголемата сакатост му беше во душата. Мисловните процеси, толку флегматични и логични на времето, му беа постанале неисцеливо втрештени; и беше жално да човек му ја гледа реакцијата при извесни случајни алудирања на „петок“, „гробница“, „ковчег“ и на зборови со помалку очигледни асоцијации. Исплашенот коњ му се беше вратил в куќи, ама исплашената памет не успеала да го стори истото. Го сменил занаетот, но нешто секогаш го копкало. Можеби било само страв или можеби било страв помешан со некакво настрано, закаснето каење за некогашни грубости. Пиењето, се разбира, само му го влошувало она што требало да го олесни.
Кога таа ноќ д-р Дејвис го напуштил Бирч, беше зел фенер и заминал во старата привремена гробница. Месечината светела врз раштрканите одломки од цигли и нагрдена фасада, а резето на големата врата лесно попуштило при допир однадвор. Исчеличен од стари премрежиња во сали за секцирање, докторот влегол и се распулил наоколу, задушувајќи ја мачнината на умот и телото што сѐ што можело да се види и помириса ја побудувало. Еднаш крикнал на цел глас, а малку потоа збивнал на начин пострашен од било каков крик. Потоа побегнал враќајќи се во портирницата и ги прекршил сите правила на позивот скоривајќи го и тресејќи го пациентот, и блуејќи врз него редица треперливи шепоти кои се врежале во счудовидените уши небаре шуштење на витриол.
„Ковчегот на Асaф било, Бирч, баш како што си мислев! Му ги познав забите, кај што му фалеа предните на горната вилица - никогаш, жити Бога, не ги покажувај раните! Телото беше апла заминато, но ако некогаш сум видел одмаздољубивост на некое лице - или некогашно лице... Знаеш што враг беше за одмазда - како го запусти стариот Рејмонд триесет години по спорот што го имаа за меѓата и како го згази кученцето што му се загна пред една година, минатиот август... Беше небаре Сатана, Бирч, и верувам дека таа негова „око-за-око“ јарост би можела и самата Смрт да ја надвие. Господе, каков гнев! Не дај Боже против мене да беше насочен!
Зошто така стори, Бирч? Никаквец беше и не те кривам што си му дал шкартен ковчег, ама отсекогаш си бил без исаф! Разбирам да подзаштедиш на нешто, ама знаеше колку мало човече беше стариот Фенер.
Никогаш нема да ми излезе сликата од глава додека сум жив. Силно си го клоцнал, зашто ковчегот на Асaф беше наземи. Главата му беше здробена и сè беше испорастурено. Сум гледал секакви глетки, ама оваа работа беше да ти ја прелие чашата. Око за око! Боже Господе, Бирч, ама и ти си го доби заслушеното. Черепот ми го преврте желудникот, ама другото беше бетер - тие глуждови начисто пресечени за да ги собере во шкартниот ковчег на Мет Фенер!“