Го видов една непроспана ноќ кога очајнички се шетав да си ги спасам и душата и виделото. Бев направил грешка што дојдов во Њу Јорк; зашто иако очекував трогателни чудесии и вдахновение во струпаните лавиринти на древни улици кои бескрајно се извртуваат од едни заборавени дворови и плоштади и крајбрежја до други дворови и плоштади и крајбрежја што се подеднакво заборавени, и во киклопејските модерни кули и заби кои црно и вавилонски се издигаат под завенеени месечини, најдов само осет на ужас и угнет кои се закануваа да ме потчинат, дамлосаат и разнебитат.
Обезнадежувањето беше било постепено. Кога за првпат стасав во градот, го бев видел на зајдисонце од еден мост, величествен над водите, со неверојатните врвови и пирамиди кои налик на цвеќиња деликатно му се издигаа над вирови од виолетова маглина за да си играат со распламтените златни облаци и првите ѕвезди на квечерината. Потоа се осветли, прозор по прозор, над мижуркавите плими кај што фенери се клацкаа и лизгаа, и длабоки сирени грохотеа бизарни хармонии, и и самиот стана ѕвезден небосвод на соништа, препсајќи на самовилска музика и едно со чудесиите на Каркасон и Самарканд и Ел Дорадо и сите славни и полубаснословни градови. Набргу потоа бев поведен низ тие антички сокаци кои толку ми се драги во мечтите - тесни, свиени улички и премини каде што редици црвени џорџиски цигли намигнуваат со тавански прозорци со мали окна над застолбени врати коишто им се пулеле на позлатени носилки и фурнирани кочии - и во првиот млаз на отелесување на овие долгопосакувани нешта си помислив дека навистина сум достигнал такви богатства какви што своевремено би ме направиле поет.
Но не ми беше пишано да имам успех и среќа. Јарката дневна светлина откриваше само беда и туѓост и дегутантната елефантијаза на провиснати, распрострени камења кај што месечината некогаш загатнувала личотија и дамна магија; а калабалаците луѓе кои превираа низ улиците налик на проточни канали беа куси, мургави туѓинци со отрпнати лица и подзамижани очи, лукави туѓинци без соништа и без сродство со сцените кои ги опкружуваа, за кои синоок човек од стариот народ кој во срцето си ја носи љубовта кон личните зелени алеи и бели новоанглиски селски камбанарии, не пет пари не би дал.
Така, наместо поемите на кои се надевав, спечалив само потресна празнотија и неизречива самотија; и најпосле увидов една стравотна вистина која никој дотогаш не се беше осмелил да ја изусти - непрошепотливата тајна над сите тајни - фактот дека овој град од камен и кресок не е сознателен продолжеток на стариот Њу Јорк како што Лондон е на стариот Лондон или Париз на стариот Париз, туку дека всушност е сосема мртов, со распосланото тело самоделски балсамирано и инфицирано со настрани подвижни нешта кои немаат никаква врска со него, онаков каков што бил во животта. Кога го направив ова откритие прекинав удобно да спијам; макар што ми се поврати некаква рамнодушна спокојност како што постепено се здобив со навика да не излегувам по улиците денски и да талкам само навечер, кога темнината го повикува она малку што сѐ уште останало ветроштински да лебди од минатото и кога старите бели врати се сеќаваат на домаќинските форми кои некогаш минувале низ нив. Во овој режим на олеснување напишав дури и неколку поеми и и понатаму се воздржував да не се вратам дома кај моите, за да не го јадам резилот на поразен пишманџија.
Тогаш, додека се шетав една непроспана ноќ, го сретнав човекот. Се случи во еден гротескен скриен двор во гриничкиот кварт, зашто таму се бев сместил од немукает, одошто имав чуено дека местото било природен дом за поети и уметници. Архаичните сокаци и куќи и неочекувани парчиња плоштади и дворови навистина ми беа по ќеф и и кога увидов дека поетите и уметниците се гласни симуланти чија љубов кон народското е само опсен и чии животи се порекнување на сета онаа чиста убавина која е џан на поезијата и уметноста, сепак останав од љубов кон тие преподобни нешта. Си ги замислував како што беа биле во цутот на младоста, кога Гринич бил сталожено селце сѐ уште непроголтано од градот; и во часовите пред зората, кога сите пирувачи ќе се вденеа по дома, талкав сам по нивните криптични кривулици и дремев со мислите во своевидните мистики коишто долги поколенија сигурно таму ги имаа накалапено. Ова ми ја одржа душата во живот и ми даде неколку од оние соништа и привиденија за коишто поетот длабоко во мене чемрееше.
Човекот ме начека кај околу два часот едно облачно августово утро, додека се провирав низ редица засебни дворови; сега пристапни само низ неосветлените ходници на обиколните градби, но порано дел од непрекината мрежа сликовити улички. Ги дознав од една нејасна гласина и увидов дека не би можеле да се наоѓаат на ниедна денешна карта; но фактот дека се заборавени ми ги направи уште помили, па трагав по нив со двојно поголема желност. Сега кога ги најдов, желноста повторно ми се удвои; зашто нешто во нивниот распоред притулено загатнуваше дека можеби се само неколку од повеќе исти такви, со мрачни, неми пандани помрачено притиснати измеѓу високи празни ѕидини и напуштени задни жилишта или бесфенерно притаени зад засводени премини, непредадени од орди јабанојазичници или вардени од некомуникативни уметници чии чинови не канат јавно внимание или дневна светлина.
Ми прозборе без покана, забележувајќи ми го расположението и погледите додека разгледував едни извесни врати со чукала над едни железооградени скалила, а бескрвната светлост на надвратникот со масверк мекушаво ми го осветлуваше лицето. Тој беше со лицето во сенка и носеше шапка со широк обод која совршено се вклопуваше во старомодната наметка која ја имаше ставено; но јас потајно се обеспокоив и уште пред да ми се обрати. Снагата му беше многу ситна, слаба скоро до лешоликост; а гласот му испадна феноменално лек и пригушен, макар што не особено длабок. Рече дека веќе неколку пати ме забележал како талкам; донесувајќи извод дека сум го потсеќал на него во милувањето на останките од дамнешни години. Не би сакал ли да го имам упатувањето на некој длабоко извештен во вакви истражувања и вооружен со околни сведенија бескрајно подлабоки од оние со коишто еден очигледен новајлија би имал можност да се здобие?
Како што зборуваше, му го наѕрев лицето на жолтиот зрак од еден осамен тавански прозорец. Беше благородна, дури и убава лика на човек во години; и поседуваше белези на потомство и рафинираност необични за добата и местото. А сепак некоја особина ме вознемири скоро колку што и цртите ме бендисаа - можеби беше пребело или пребезизразно или пренескладно со месноста, за да ми втлее чувство на смиреност или удобност. Сепак, тргнав по него; зашто во тие потиштени денови потрагата по античка убавина и мистерија беше сѐ што имав за да ми ја одржи душата во живот и слутев дека е некоја ретка услуга на судбината да се најдам во друштво со некој чии сродни стремежи се чинеа дека имаат продрено толку подлабоко од моите.
Нешто во ноќта го напираше наметнатниот човек да молчи и цел еден час ме водеше по патот без непотребни зборови; давајќи само најкратки можни коментари во врска со древни имиња и датуми и промени и упатувајќи ми го напредокот најмногу со гестови додека се мушнувавме низ меѓупростори, одевме на прсти низ коридори, се пентеревме преку циглени ѕидови и во еден наврат лазевме на раце и на колена низ еден низок засводен премин од камен чија огромна должина и забркани извртувања најпосле го истружија секој намек за географска местоположба што бев успеал да го зачувам. Нештата што ги видовме беа многу стари и чудесни или барем така се чинеа на малкуте раштркани зраци светлина под коишто ги гледав и никогаш нема да ги заборавам расклатените јонски столбови и пиластери со канелура и урнокрунисани железни оградни диреци и пенџериња со распламтени натпрозорници и украсни светларници коишто се чинеа дека стануваат сѐ постарински и почудни колку подлабоко навлегувавме во овој неисцрпен лавиринт на непозната антика.
Жив човек не сретнавме и како што врвеше време осветлените прозорци беа сѐ помалку и помалку на број. Уличните светилки кои прво ги поминавме беа маслени и со древен ромбовиден дезен. Покасно забележав некои со свеќи; и најпосле, откако изодевме еден ужасен неосветлен двор каде што водачот мораше да ги испружи рацете со ракавици пред себе, чекорејќи низ црната темница до една тесна дрвена порта во еден висок ѕид, стигнавме до улична одломка осветлена само со фенери пред секоја седма куќа - неверојатно колонијални лимени фенери со конусни врвови и дупки издупени од по страните. Оваа уличка стрмно се искачуваше пругоре - пострмно одошто мислев дека е возможно во овој дел од Њу Јорк - и лицето на горниот дел ѝ беше блокирано од забршленетиот ѕид на некој приватен имот, зад којшто можев да видам бледа купола и врвови од дрвја како се нишаат наспроти некоја нејасна светлина во небото. Во овој ѕид имаше мала, нискосводна порта од црн даб начичкана со шајки, којашто човекот тргна да ја отклучува со гломазен клуч. Поведувајќи ме низ неа, си изнајде пат низ црниот мрак преку нешто што се чинеше како патека од чакал и најпосле по камено скалиште до вратата на куќата, којашто ја отклучи и ми ја отвори.
Влеговме, и при првиот чекор ми се снеарни од базд на бесконечна мувливост кој гргна да нѐ пречека и којшто сигурно беше плод на неугодни векови гнилеж. Домаќинот како да се чинеше дека не го забележува ова, па, од пристојност, не реков ништо додека ме водеше по едно извртено скалиште, преку ходник и во соба чија врата го чув како ја заклучува по нас. Тогаш видов како ги трга завесите на трите прозори со мали окна кои едвај се гледаа наспроти светилното ноќно небо; по што појде до наткаминската полица, удри со секалото, запали две свеќи во шандан со место за дванаесет, и направи гест наложувајќи лекогласен говор.
Во оваа мекушава зрачност видов дека сме во пространа, убаво уредена и ламперисана библиотека која датираше од првата половина на осумнаесеттиот век, со велелепни фронтони над вратите, преубав дорски корниз и величествено изрезбарена надкаминска полица со крошна со дезен на „спирали со урна“. Над натрупаните полици со книги, на интервали по ѕидовите имаше убаво изработени семејни портрети; сите излитени до енигматична мрачнина и со непогрешлива сличност со човекот кој сега покажуваше кон една столица крај елегантната чипендел маса. Пред да седне на масата наспроти мене, домаќинот застана за миг небаре усрамен; а потоа, ненавремено собувајќи си ги ракавиците, шапката со широк обод и наметката, застана театрално прикажан во целосна средноџорџиска носија, од коса врзана во перче и карнери на вратот до брич пантолони, свилени чорапи до колена и чевли со токи кои дотогаш не ги бев забележал. Потоа полека опуштајќи се во стол со потпирач во форма на лира, започна втренчено да ми се пули.
Без шапката придоби појава на крајна старост којашто претходно непара ја беше имал и се запрашав дали овој невосприемен белег на своеобразна долговечност можеби беше еден од изворите на мојот првичен неспокој. Кога најнакрај прозборе, лекиот, пригушен и внимателно стишен глас неретко му затреперуваше; и одвреме-навреме ми беше многу тешко да следам што ми кажува додека го слушав во еуфорија на вчудовиденост и полупорекната тревога којашто растеше со секој изминат миг.
„Пред вас, господине“, почна домаќинот, „гледате човек со многу ексцентрични навики, чијашто носија не мора да му се оправдува на некој со ум и наклоност како Вашите. Присеќавајќи се на поарни времиња, непоколебливо ги имам установено нивните адети и присвоено нивната облека и манири; наслада која на никој не би му посметала доколку се врши ненаметливо. Сум имал к’смет да го задржам селското седиште на моите предци, макар проголтано од два града, прво Гринич, кој го кренаа дотука по 1800, а потоа Њу Јорк, кој му се приклучи во околу 1830. Има многу причини за внимателното чување на местово од страна на моето семејство, а и јас самиот не сум бил немарен во запазување на таквата служба. Чорбаџијата што го наследи во 1768 имаше изучено фиљан марифети и направено фиљан раскривања, сите поврзани со влијанија кои ја запоседнуваат оваа парцела земја и кои предимно заслужуваат најмукаетно вардење. Некои своевидни учиноци на овие марифети и раскривања сега сум со ниет и Вам да Ви ги покажам, под најстрога тајност; и сетики можам доволно да се потпрам на моето читање на луѓе за да би немал недоверба ни во Вашите интереси ни во Вашата верност.“
Тука запре, но јас можев само да климнам со главата. Реков дека бев растревожен, но за душата ништо не ми беше посмртоносно од материјалната дневна светлина на Њу Јорк, па без разлика дали овој човек е безопасен ексцентрик или повелач на опасни марифети немав избор освен да го следам и да си го наранам осетот за чудесии со што и да имаше да ми понуди. И така, слушав.
„На - мојот предок -“ тихо продолжи, „му се чинеше дека во човечката волја тлеат мошне извонредни одличија; одличија коишто имаат непосомневана надмоќ не саде над чиновите на човека и другите, туку и над сите сорти на сила и твар во природата и над многу елементи и димензии кои се сметаат за поуниверзални од самата природа. Смеам ли да кажам дека си правеше шаки со светоста на некои големи нешта како времето и просторот и дека на чуден начин ги имаше исползувано обредите на фиљан мешанокрвни црвени Индијанци кои некогаш имале бивак на ридов? Овие Индијанци саглам се напизмиле кога било изградено местово и дерман се немало од нив од толку што молеле да го посетуваат имотов ко ќе фатело полна месечина. Со години секој месец се јазеле преку ѕид и крадешкум правеле фиљан чинови. Тогај, во ‘68, новиот чорбаџија ги фатил на дело и подзинал од тоа што го видел. Сетне се пазарел со нив и се ујдисале да ги пушти да му шетаат по имотот, во возврат за точната духовност на она што го чинеле; при што узнал дека дедовците им беа присвоиле дел од обичаите од црвените им предци, а дел од некој стар Холанѓанин во времето на „Генералните држави“. И, да би го ала голтнала, тој чорбаџија галиба им дал да пијат некој нечешит рум - било на сакана било на несакана - зашто една недела откако ја научил тајната, саде тој останал да ја знае. Ти, ефенди, си првиот од надвор на кој му е кажано дека постои тајна и, лебами, не ќе си играв до волку играчки со - силите - да не беше толку изгорен по дамни стварој.“
Затреперив кога човекот почна да ми зборува вака чаршиски - и со познатиот говор на едно друго време.
„Ама да знаеш, ефенди, дека она што - чорбаџијата - го беше попримил од дивјаците мелези било саде трунка од учението што сетне го стекнал. Не за џабе учел чколија во Оксфорд и не залудно беше зборувал со еден древен тревар и ѕвездочатец од Париз. Така, на крај усознал дека сиот свет е санким думан на нашиот акал; којшто простиот не може да го повела, ама мудриот може да го издише и вдише небаре облак од најубав вирџиниски тутун. Она што ни е арно, може да си го стокмиме околу нас; а она што не ни е арно, може да го збришеме. Не ми е зборот дека сето ова е потполно точно во телесна смисла, но е доволно точно за одвреме-навреме да ни покаже по некоја мераклиска приредба. Тебе сетики ќе ти се направи ќефот да би видел некоја поарна глетка од фиљан времиња одошто можеш да си створиш во мечтите; па ќе те молам да немаш страв од она што сум со ниет да ти го покажам. Ела до прозорецов и молчи.“
Домаќинот ме фати за рака за да ме доближи до еден од двата прозори на пошироката страна од смрдливата соба и уште при првиот допир на неговите голи прсти се смрзнав. Месото, макар суво и цврсто, беше со особина на мраз; и малку фалеше да му ја удрам раката како што ме тргаше. Но повторно помислив на празнотијата и ужасот на стварноста и бодро се спремив да одам по него кај и да ме води. Штом стигна до прозорот, човекот ги повлече жолтите свилени завеси и ми го насочи погледот кон надворешната црнина. На почетокот не видов ништо освен едночудо дробни разиграни светла, далеку, далеку пред мене. Тогаш како во одговор на подмолното движење на раката на домаќинот, молскот од блескавица се разигра над сцената и се испулив кон море од раскошно лисје - незагадено лисје, а не морето од покриви кое секој нормален ум би го очекувал. Од десната страна Хадсон пакосно светкаше, а во далечината го здогледав нездравото мижуркање на огромно солено мочуриште нагиздено со соѕвездија од беспокојни светулки. Молскотот замре и злобна насмевка го осветли восочното лице на престарениот некромант.
„Ова беше пред мое време - пред времето на новиот чорбаџија. Де пак да се обидеме.“
Ми се снеарни, уште повеќе одошто ми се имаше снеарнето од ненависната современост на тој клет град.
„Боже мој!“ прошепотев, „за секое време можеш ли вака да направиш?“ И како што климна и ги озаби црните чкунки кои некогаш беа биле жолти песјаци, се счипчив за завесата за да се додржам да не паднам. Но тој ме исправи со стравотната, ледена канџа и повторно го изведе подмолниот гест.
Громот повторно молсна - но овој пат над сцена што не беше потполно чудна. Гринич беше, Гринич каков што беше бил на времето, само со по некој покрив или редица куќи какви што и сега можеме да видиме, но со лични зелени алеи и полиња и парчиња јавни тревници. Мочуриштето и понатаму мижуркаше од другата страна, но подалеку на хоризонтот ги видов кулите на она што тогаш беше било сиот Њу Јорк; „Тринити“ и „Св. Павле“ и „Брик Чрч“ кај ги надвиснуваат сестрите им, и како над се лебди лесната магличавост на чад од дрва. Длабоко вдишав, но не до толку од глетката отколку од можностите кои мојата фантазија стравотно ги призва.
„Можеш ли - се осмелуваш ли - да одиш до далеку?“ стаписано прозборев и мислам дека накратко и тој го сподели истиот осет, но злобната исцерена насмевка се врати.
„До далеку? Улава статуа од камен би те сторило она што сум го видел! Наназад, наназад - нанапред, нанапред - глеј ваму абдал еден и нетуку ренѕај!“
И како што шепотно го из’ржа изразот повторно загестекулира; доведувајќи на небото блесок позаслепувачки од оние коишто претходно се беа појавиле. Цели три секунди се пулев кон таа сколободиска глетка и во тие секунди видов видик којшто за навек ќе ме измачува во соништата. Ја видов небесата црвјосана од чудни летачки нешта, а под нив пеколен црн град од џиновски камени тераси со профани пирамиди дивјачко испружени до месечината и ѓаволски светла кај горат од небројни прозорци. И намразено нароени низ воздушни галерии ги видов жолтите луѓе со подзамижани очи од тој град, ужасно зарубени во портокалово и црвено и безумно разиграни на лупањето на грозничави тимпани, клопотот на зазорни кроталони и манијачкото мумлање на придушени хорни чии непрестајни тажалки таласно се издигаа и спуштаа како брановите на неосветен океан од битумен.
Така, го видов тој видик и го чув небаре со ушите на разумот богохулниот домданиел на бучава кој го придружуваше. Беше врискавото исполнување на сите ужасии коишто тој лешоград ми ги имаше разбудено во душата и заборавајќи ги сите налози за тишина врескав и врескав и врескав додека живците ми попуштаа, а ѕидовите околу мене трпнееја.
Тогаш, кога блесокот поднамали, видов дека и домаќинот трепери; поглед на потресен страв полу му го поклопуваше змиското изобличување на бес на лицето коешто моите вресоци му го поттикнаа. Се заклати, се счипчи за завесата како мене пред тоа и диво заврголи со главата небаре ловено животно. Бог знае дека имаше и зошто, зашто како што одеците од моето врескање замираа се појави друг звук толку пеколно укажувачки што само отрпнатите чувства ме одржаа здраворазумен и свесен. Беше мирното, потајно крцкање на скалите зад заклучената врата, небаре од качувањето на босонога или кожообуена орда; и најпосле внимателното, одлучно ѕвечкање на месинговото резе коешто светеше на мекушавата светлина од свеќите. Старецот посигна да ме зграпчи со канџите и ми засаска низ мувливиот воздух, и гровна нешто под нос додека се лулаше со жолтата завеса за која се чипчеше.
„Полната месечина - арам - арам да ти е … песу еден цимолкав - ги викна и дојдоа да ме земат! Стапала во мокасинки - мртовци - Бог ве сотрел црвени ѓаволишта, не ви ставив отрувачка во румот - лели ви ја извардив магијата да ви се плукнам во неа? - сами се излагавте, ѓавол ве зел, па сега чорбаџијата ви е крив - ајт таму! Остајте го резето! Што татка си барате овде -“
Тука три спори и многу намерни тропања ги затресоа паноата на вратата и бела пена се насобра на устата на поулавениот маѓепсник. Уплавот, претворајќи му се во одлучен очај, остави простор за повторен наплив на бес кон мене; и се затетерави кон масата за чиј раб се придржував. Завесите, сѐ уште счипчени во десната рака како што се грабаше кон мене со левата, се оптегнаа и најпосле се срушија од вишниот корнез; пропуштајќи во собата поплава од таа полна месечева светлина којашто осветлувањето на небото ја беше предвестило. На тие зеленкави зраци свеќите избледоа и нов впечаток на гнилеж се рашири низ собата што баздеше на миск, со црвјосана ламперија, свиснат под, исчукана надкаминска полица, климав мебел и парталави драперии. Се прошири и преку старецот, дали од истиот извор или од неговиот сопствен страв и разјареност и го видов како збабарува и поцрнува додека се пореваше кон мене и пробуваше да ме распара со мршојадните канџи. Само очите му останаа здрави, и се ѕвереа со придвижувачка, проширена жаровитост којашто растеше како што лицето околу нив гламносуваше и линееше.
Тропањето сега се повтори со поголема настојчивост и овој пат содржеше и намек на метал. Црното нешто спроти мене беше постанало саде глава со очи, немоќно обидувајќи се да доврголи преку провиснатиот под во мој правец и повремено испуштајќи мекушави саскања на бесмртен лошотилук. Сега веќе молскавични и расцепувачки удари ги кајдисуваа болежливите паноа и видов болскот на томахавка како го цепи распуканото дрво. Не се помрднав, зашто не можев; туку само замајано гледав како вратата се распаѓа на парчиња и пропушта масивна, безоблична навала на маслена субстанција заѕвездена со сјајни, злонамерни очи. Се истури густо, како поплава од нафта што избувнува од скапана бродска преграда, преврти еден стол ширејќи се и најпосле протече под масата и преку собата до кај што поцрнетата глава со очите сѐ уште ми се ѕвереше. Ја загрна главата, целосно проголтувајќи ја и уште истиот миг почна да се повлекува; одведувајќи го невидливиот товар без да ме допре и повторно протечувајќи низ црната врата и прудолу по невидените скали кои прокрцкаа како и пред тоа, макар во обратен редослед.
Тогаш подот напосле попушти и безздивно се лизнав до заноќената одаја под мене, гушејќи се од пајажини и полубајалдисан од уплав. Зелената месечина, сјаејќи низ испокршените прозорци, ми покажа како вратата од ходникот е полуотворена; и како што се исправав од со малтер распосеаниот под и се истргнав од свиснатиот таван, видов како крај неа пролизгува грозен порој црнина, со едночудо пакосни очи што светат во неа. Ја бараше вратата до визбата и кога ја најде, исчезна низ неа. Тогаш осетив како подот на оваа соба попушта исто како и оној од горната одаја што беше попуштил, и еднаш некој тресок одозгора беше проследен од паѓањето крај западниот прозорец на нешто што сигурно беше било куполата. Ослободен сега засега од кршот, јурнав низ ходникот до влезната врата и кога видов дека не можам да ја отворам, зграпчив столица и скршив прозорец, здивено искачувајќи се врз запоставениот тревник кај што месечината играше над плевели и трева висока еден јард. Sидот беше висок и сите порти беа заклучени; но поместувајќи еден куп кутии до ќошот успеав да го достигнам врвот и цврсто да се счипчам за големата камена урна поставена таму.
Како што бев истоштен, околу мене можев да видам само чудни ѕидови и прозорци и стари мансардни покриви. Стрмната улица по којашто бев стигнал дотука не се гледаше никаде и она малку коешто го видов забрзано потона во маглина којашто се дотркала од реката и покрај блескавата месечина. Наеднаш урната за којашто се држев почна да се тресе небаре ја делевме смртоносната вртоглавица; и уште истиот миг телото ми кремниса прудолу кон не знам си каква судбина.
Човекот што ме најде рече дека сигурно многу сум лазел и покрај испокршените коски, зашто до кај што се осмелил да се испули се протегала крвава трага. Надојдениот дожд наскоро ја истружи оваа спојка со сцената на моето премреже и извештаите не можеа да изјават повеќе од тоа дека сум се појавил од некое непознато место, при влезот на едно црно дворче крај „Пери стрит“.
Никогаш не се пробав да се вратам до тие сури лавиринти, ниту би му го кажал, ако можев, на здрав човек патот дотаму. За тоа кој или што беше тоа древно суштество, немам претстава; но повторувам дека градот е мртов и полн со непосомневани ужасии. Кај отиде тој, не знам, ама јас си отидов дома, до чистите алеи на Нова Англија по коишто миризливи морски ветриња пиркаат во квечерината.