Слатката Ерменгарда - Полиграматон

Слатката Ерменгарда

или, Срцето на едно селско чупе од Перси Симпл



Глава I.

Скромна паланечка мома


Ерменгарда Стабс беше стројната русокоса ќерка на Хајрам Стабс, сиромашен, но чесен земјоделец и криумчар на ракија од Хогтон, Вермонт. Името првично ѝ беше Етил Ерменгарда, но татко ѝ ја наговори да го отфрли првото име по донесувањето на 18-тиот амандман, настојувајќи дека му отворало жед одошто го потсетувало на етил алкохол, C₂H₅OH. Неговите производи, инаку, содржеа претежно метил или дрвен шпирт, CH₃OH. Ерменгарда признаваше само шеснаесет лета од животта, и ги означуваше за неправи сите изјави што наведуваа дека има триесет години. Имаше големи црни очи, истакнат римски нос, светла коса којашто никогаш не беше темна во корените освен кога во локалната спицарија беа тенки со залихи, и прекрасна, но багателна лика. Беше висока околу 5 стапки и 5,33... инчи, тежеше 115,47 фунти измерено на вагата за пченка на татко ѝ - или било каде - и беше установена за најубава од страна на сите селанчиња кои му се восхитуваа на салашот на татко ѝ и ја сакаа неговата течна сејанина.

Раката на Ерменгарда ја бараа двајца горешти вљубеници. Чорбаџи Хардман, кој им го држеше реимот врз старата куќа, беше многу богат и престарен. Беше црномурест и сурово личен и секогаш јаваше коњ и носеше јавачки корбач. Уште од одамна ја беше посакувал зрачната Ерменгарда, а сега горештоста му се имаше ојачано до грозница поради една тајна којашто само нему му беше позната - зашто на скромниот посед на Стабс земјоделецот, беше открил обилна жица ЗЛАТО!! „Аха!“, рече, „Ќе ја освојам момата пред родителот да ѝ дознае за неочекуваното азно и ќе го спојам моето богатство со богатство што е уште поголемо!“ И така почна да им оди на гости двапати неделно наместо еднаш како дотогаш.

Но, за беља на зловесните пакоснички умисли - чорбаџи Хардман не беше единствениот додворувач на убавицата. Близу селото живееше и еден друг - личниот Џек Менли, чии жолта кадрава коса ја беше освоила севдата на слатката Ерменгарда додека беа биле дечиња-првачиња во селското школо. Џек долго време беше бил пресрамежлив за да си ја изјави страста, но еден ден шетајќи со Ерменгарда покрај една засенета алеја крај старата воденица, беше собрал храброст да го изусти она што му лежи на срце.

„Ах, сонце мое најсветло,“ рече, „душава ми е толку обременета што морам да се искажам! Ерменгарда, идеалу мој“ - [го изговори како и-деалу!] - „животот празнотија ми е постанат без тебе. Душо моја највозљубена, гледај како молителот ти коленчи во правта пред тебе. Ерменгарда - ах, Ерменгарда, воздигни ме до небесни радости и кажи дека еден ден ќе си моја! Вистина, сиромав сум, но немам ли младост и сила за да си изборам пат до слава? Тоа саде за тебе би можел да го сторам, драга Етил - пардон, Ерменгарда - моја една и единствена, најдрага моја -“ но тука подзастана да си ги избрише очите и забрише челото, а убавицата му возврати:

„Џек - ангелу мој - најпосле - ова де, ова е толку неочекувано и сосема недоживеано! Никогаш не сум ни сонувала дека негуваш такви ставови на севда спрема некој толку обичен како девојчето на Стабс земјоделецот - зашто јас уште сум си девојче! Благородноста на табиетот ти е таква што се плашев - ова де, си мислев - дека ќе немаш очи за оној мал чар што го поседувам, и дека ќе си ја бараш среќата во големиот град; среќавајќи и женејќи се таму со некоја од оние поуслупни дами чија велелепност ја гледаме по модните часописи.

Но, Џек, штом јас сум онаа којашто ја обожаваш, ај да не ја вртиме многу-многу одоколу. Џек - душо моја - срцето уште од одамна ми пилка по кибарноста твоја машка. Севда негувам кон тебе - сметај ме за своја, и гледај да го купиш прстенот од железарницата на Перкинс кај што имаат толку убави вештачки дијаманти на излогот.“

„Ерменгарда, љубов моја!“

„Џек - најдраг мој!“

„Душо моја!“

„Либе мое!“

„Боже мој!“


[Завеса]


Глава II.

А пакосникот и понатаму ја бркаше


Но овие нежни пасуси, свети и покрај нивната жар, не останаа незабележани од безбожни очи; зашто укутарен во грмушките и со стиснати заби беше опачниот чорбаџи Хардман! Кога вљубените најпосле се оддалечија, срипа среде алејата, свирепо сучејќи си го мустаќот и јавачкиот корбач и клоцајќи една бездруго невино маче коешто исто така си се шеташе.

„Пу јаз’к!“ извика - Хардман, не мачето - „Ми се осуети шмеќаријата да се здобијам со салашот и девојката! Но Џек Менли не ќе види аир! Моќен човек сум јас - ќе види тој убаво!“

Притоа појде до скромната куќарка на Стабсовци, каде што го начека милиот татко во казарницата како мие шишиња под надзор на нежната жена и мајка, Хана Стабс. Веднаш преминувајќи на главното, пакосникот проговори:

„Земјоделецу Стабс, нежна и долгогодишна севда негувам кон твоето лично чедо, Етил Ерменгарда. Изгорев од љубов и барам да ја оженам. Од никогаш не сум бил муабетчија, па нема да тонам во еуфемизми. Давај ја девојката или ќе го запленам реимот и ќе ви ја земам старата куќа!“

„Но, чорбаџи,“ молеше замајаниот Стабс, додека погодената сопруга само се ѕвереше, „Сигурен сум дека севдата на детето е веќе насочена кон друг.“

„Мора да е моја!“ остро пресече зловесниот чорбаџија. „Ќе ја натерам да ме засака - никој нема да ми се спротивстави на волјата! Или ќе ми стане жена или ви го однесе матната старото огниште!“

И со потсмев и замав со јавачкиот корбач, чорбаџи Хардман излезе во ноќта.

Едвај си имаше заминато, кога низ задната врата влегоа зрачните вљубеници, желни да им раскажат на старите Стабсовци за нивната новопронајдена среќа. Замисли си ја само општата вџашеност што завладеа кога сè се разоткри! Протекоа солзи небаре бело пиво, сè додека Џек наеднаш не се сети дека тој е јунакот и не ја подигна главата и со соодветен машки нагласок не декламира:

„Дури сум жив, личната Ерменгарда не ќе е принесена за жртва на овој ѕвер! Јас ќе ја заштитам - моја е, моја, моја - моја си е бре, што сега!? Не бојте се, драги идни свекори - сите ќе ве заштитам! Ќе ве извадам од казанов [преносно, во смисла, ќе ги спаси, не дека буквално беа пикнати во казанот за ракија - макар што Џек не беше незапознат и со таквите земјоделски производи на Стабсовци], а јас ќе застанам пред олтарот со стројната Ерменгарда, најмилната од сиот нејзин род! Да би го ала голтнала злобниот чорбаџија и неговото арам-злато - правдината секогаш победува, а јунакот секогаш е прав! Ќе појдам во големиот град и таму ќе се обогатам за сите да ве спасам пред реимот да доспее! Збогум, љубов моја - сега те оставам во солзи, но ќе се вратам да го отплатам реимот и да те земам за невеста!“

„Џек, заштитнику мој!“

„Ерми, локумче мое!“

„Срце мое!“

„Душо моја! - И не заборавај го прстенот од Перкинс.“

„Ох!“

„Ах!“


[Завеса]


Глава III.

Опачен чин


Но снаодливиот чорбаџи Хардман не можеше така лесно да се осуети. Близу селото се наоѓаше едно неугледно селиште од неодржани бараки, населено со непотеглив олош којшто живееше од арамилак и од најсекакви ситни занаети. Оттука, ѓаволскиот пакосник се снабди со двајца соучесници - злоугледни ликови за коишто веднаш се гледаше дека не се саглам луѓе. И во ноќта злобната тројка провали во куќарката на Стaбсовци и ја грабна личната Ерменгарда, одведувајќи ја во еден клет ќумез во селиштето и предавајќи ја на чување кај Мајка Марија, една одвратна караконџулка. Стaбс земјоделецот беше мошне замајан и ќе објавеше и оглас во весник да беше цената пониска од еден цент од збор по инсерт. Ерменгарда беше непоколеблива и ни за миг не попушти во одбивањето да се венча за пакосникот.

„Ахa, убавице моја најлична,“ лафеше, „сега си ми в раце и кога-тогаш ќе ти ја скршам таа твоја волја! А дотогаш имај на ум дека кутрите ти татко и мајка се истерани од родното им огниште и беспомошно скитаат низ ливаѓено!“

„О, поштеди ги, поштеди ги!“ рече момата.

„Никоо’шш... ха ха ха ха!“ се извргали скотот.

И така суровите денови се нижеа, додека, потполно несвесен за случувањата, младиот Џек Менли трагаше по слава и богатство во големиот град.


Глава IV.

Префригана пакост


Еден ден, додека чорбаџи Хардман седеше во предната приемна соба во скапиот и раскошен дом оддаден во омилената занимација да чкрта со заби и размавтува со јавачкиот корбач, му текна на една многу важна мисла; и наглас ѝ опцу на статуата на Сатаната врз ониксниот камин.

„Бре, што шутрак сум!“ извика тој. Зошто толку се мачев со девојката кога можам да го земам салашот ако само го запленам реимот? Ич не ми текна! Ќе ја пуштам девојката, ќе го земам салашот, и ќе можам на раат да се оженам со убава градска мома, некоја како главната глумица од бурлескната трупа што минатата недела настапуваше во Општинската сала!“

И така, појде во селиштето, ѝ се извини на Ерменгарда, ја пушти да си оди дома, и и самиот си се врати дома за да кова нови злосторства и да измислува нови режими на пакост.

Дните врвеа и Стабсовци станаа многу тажни поради претстојната загуба на нивниот дом, но и понатаму како никој да не беше кадар да стори нешто. Еден ден бидна да тајфа ловци од градот случајно залутаат преку стариот салаш и еден од нив го пронајде златото!! Криејќи го откритието од придружниците, се преправи како демек го каснала ѕвечарка и отиде до куќарката на Стабсовци по вообичаената помош. Ерменгарда ја отвори вратата и го виде. И тој ја виде неа и во тој момент се реши да ја освои и неа и златото. „Морам, за атер на старата ми мајка“ - гласно извика во себе. „Сѐ што треба ќе жртвувам!“


Глава V.

Граѓанецот


Алгернон Реџиналд Џонс беше отмен космополит од големиот град и во неговите префинети раце нашето сирото Ерменгардче беше небаре детенце. Човек можеше дури и во шеснаесетгодишништвото да ѝ поверува. Алџи работеше брзо, но никогаш грубо. На Хардман можеше даскал по финеси на донжуанството да му биде. Така, само една недела по неговото пришествие во семејниот круг на Стабсовци, каде што клинчеше како некоја змија осојница одошто тоа и беше, веќе ја убеди јунакињата да побегне со него! Ноќ беше кога замина, оставајќи им писменце на родителите, помирисувајќи ја за последен пат познатата крма и бакнувајќи ја мачката за збогум - абе трогателно, доттука бидува! Во возот на Алгернон му се приспа и се навали на седиште, допуштајќи една хартија случајно да му испадне од џебот. Ерменгарда, ползувајќи ја наводната улога на избраничка, го подигна свитканиот лист и му ја исчита намирисаната плоштина - кога, што да види! За малку ќе се онесвестеше! Беше љубовно писмо од друга жена!!

„Перфидно преварантиште!“ му прошепоти на заспаниот Алгернон, „Нели ми се фалеше дека ќе си ми најверен на светот? Раскрстувам со тебе за навек!“

Велејќи го ова, го турна низ прозорецот и си се поднамести за добро и заслужено да си се одмори.


Глава VI.

Сама во големиот град


Кога бучниот воз пристигна на мрачната станица во градот, сиротата беспомошна Ерменгарда беше сосема сама, без пари да се врати во Хогтон. „Ах, како,“ воздивна невино каејќи се, „не му го зедов паричникот пред да го турнам? Ама, па, зошто да се грижам? Тој ми раскажа сè за градот, па лесно ќе можам да спечалам доволно за да се вратам дома, ако не и да го отплатам реимот!“

Но, за беља на нашата мила јунакиња - работа не се наоѓа лесно кога си новајлија, па недела дена беше приморана да спие на клупи во паркови и да се снабдува со храна од народната кујна. Еднаш, еден лош и лукав човек, воочувајќи колку е беспомошна, ѝ понуди работа како мијачка на садови во едно помодарско и развратно кабаре; но нашата јунакиња си достои на паланечките идеали и одби да работи во таква позлатена и светкава палата на растурикуќлук - особено бидејќи ѝ понудија само 3 долари неделно со оброци, ама без сместување. Се обиде да го побара Џек Менли, некогашниот љубеник, но никаде не можеше да го најде. А, галиба, и не ќе да ја препознаеше; зашто од сиромаштија беше приморана пак да стане калешка, а Џек ја немаше видено во таква состојба уште од школските денови. Еден ден најде едноставна, но скапа чантичка во паркот; и откако виде дека не содржи којзнае што, ѝ ја однесе на богатата дама чија картичка зајавуваше дека е нејзина. Воодушевена и оставена без зборови од чесноста на клетото уличарче, аристократката г-ѓа Ван Ити ја посвои Ерменгарда како замена за нејзиното детенце коешто пред многу години ѝ било грабнато. „Колку личи на мојата драга Мод“, воздивнуваше, додека гледаше како личната калешка повторно ѝ се враќа на русокососта. И така изминаа неколку недели, додека старите мајка и татко дома си ги кубеа косите, а клетиот чорбаџи Хардман ѓаволски се клештеше.


Глава VII.

И така среќно си живееја


Еден ден, богатата наследничка Ерменгарда С. ван Ити глави нов втор помошник-шофер. Нешто во неговото лице ѝ падна познато, па го погледна пак, и здивот ѝ се зеде. Што да види! Беше токму оној перфиден Алгернон Реџиналд Џонс, кој на оној кобен ден го беше турнала низ прозорецот на вагонот! Беше преживеал - тоа барем уште веднаш беше очевидно. А и се венчал со другата жена, која избегала со млекарот и со сите пари во куќата. Сега, потполно понизен, побара прошка од нашата јунакиња, и ѝ ја довери целата сказна за златото на салашот на татко ѝ. Трогната и оставена без зборови, му ја зголеми платата за еден долар месечно и реши конечно да го зајази оној вечно незаситлив саклет за олеснување на грижите на старите ѝ мајка и татко. Така, еден светол ден Ерменгарда се врати со автомобил во Хогтон и пристигна на салашот токму кога чорбаџи Хардман го запленуваше реимот и им заповедаше на старците да си одат.

„Полека, пакоснику ниеден!“ извика таа, мавтајќи со масивно туце банкноти. „Најпосле си осуетен! Еве ти ги парите - а сега оди си, и никогаш веќе да не си ја засенил нашава скромна врата!“

Потоа следеше радосно обединување, додека чорбаџијата си го сучеше мустаќот и јавачкиот корбач, обезглавен и увилен. Но, почуј! Што ќе е оваа работа? Чекори се гласат по стариот чакалест пат, и ете го нашиот јунак Џек Менли кај се појавува - излитен и непран, но блескав во лицето. Вртејќи се веднаш кон омалодушениот пакосник, рече:

„Чорбаџи - ќе дајш десет долари? Само што се вратив од градот со стројна невеста, личната Бриџит Голдштајн, па ми треба троа пара за да почнам со работа на стариот салаш.“ Потоа вртејќи се кон Стабсовци, се извини за неспособноста да им го отплати реимот како што се имаа договорено.

„Немај гајле,“ рече Ерменгарда. „Ни наврти бериќет и ќе го сметам за доволна отплата тоа што засекогаш ќе ги заборавиш будалестите мечти на нашето детство.“

За сето тоа време, г-ѓа Ван Ити беше седела во автомобилот чекајќи ја Ерменгарда; но како што мрзеливо ѝ се пулеше на остроликата Хана Стабс од задните катчиња на мозокот ѝ отскокна една магливо сеќавање. И тогаш сè ѝ се врати, па обвинувачки ѝ се издра на касабската матрона.

„Ти - ти - Хана Смит - дури сега те препознав! Пред дваесет и осум години ти ѝ беше дадилка на мојата Мод и ми ја украде од колепка!! Кај ми е, кај ми е чедото?“ Потоа ѝ дојде мисла небаре молња од стушено небо. „Ерменгарда - велиш тебе ти е ќерка... Моја ќерка е! Судбината ми го поврати старото чее-до - Модчето мое најубо! - Ерменгарда - Мод - ела си во прегратките на љубената ти мајка!!!“

Но Ерменгарда сега саглам имаше фатено да му ја дума. Како ќе може да продолжи со шеснаесетгодишноста ако била грабната пред дваесет и осум години? И ако не е ќерка на Стабсовци, златото никогаш нема да е нејзино. Г-ѓа Ван Ити беше богата, но чорбаџи Хардман беше побогат. Така, приоѓајќи му на скрбниот пакосник, му ја зададе последната ужасна казна.

„Чорбаџијо мил,“ промрморе, „За сѐ се предомислив. Те сакам тебе и твојата наивна сила. Ожени ме веднаш или ќе те дадам на суд за она грабнување од лани. Заплени го реимот и уживај со мене во златото коешто твојата итрина го откри. Ајде, душо!“ И сиротиот акмак кандиса.


КРАЈ.