Дагон - Полиграматон

Дагон


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


Ова го пишувам под знатен ментален напор, зашто довечер ќе ме нема. Без скршена пара и при крај со залихата на дрогата којашто единствено ми го прави животот поднослив, веќе не можам да го издржам измачувањево и ќе се фрлам од прозоров на мансардава врз оскудната улица долу. Не мислете дека поради моето ропство под морфиумот, сум некој слабак или расипник. Откако ќе ги прочитате овие брзо начкртани страници може ќе погодите макар што нема никогаш вистински да сфатите, зошто мора да најдам заборав или смрт.

Во еден од најотворените и најретко посетувани делови на широкиот Тихи Океан се случи да траектот на којшто бев товарен надзорник стане жртва на германските морски разбојници. Големата војна тогаш уште беше на самоти почеток и океанските сили на швабот сѐ уште немаа потонато во подоцнежната уназаденост, па нашето пловило беше земено како вистински трофеј, а нас, како екипаж, ни беше пружена сета праведност и внимание што ни следуваше како воени заробеници. Всушност, толку беше великодушна дисциплината на нашите заточувачи што пет дена откако нѐ заробија успеав да избегам сам со еден мал чамец и со вода и залихи за доста време.

Кога најпосле се најдов на отворено море и слободен, имав многу слаба претстава за мојата околина. Од никогаш не бев способен навигатор, па можев само грубо да претпоставам, по сонцето и ѕвездите, дека сум некаде јужно од екваторот. Географската ширина воопшто не ја знаев, а на видикот немаше ни остров ни брег. Времето остана убаво и неброени денови бесцелно пловев под врелото сонце, чекајќи или да помине некој брод или да бидам исфрлен врз брегот на некоја населена земја. Но не се појави ни брод ни земја, па почнав да очајувам во осаменоста сред расталасената шир на непрекинатото синило.

Промената се случи додека спиев. Подробностите нема никогаш да ги дознаам, бидејќи спиењето, макар што немирно и заболено од мрачни сништа, ми беше непрекинато. Кога конечно се разбудив, се најдов полувовлечен во лигаво пространство на пеколна, црна тиња што во еднолични далги се протегаше околу мене до кај што ми гледаа очите и во којашто чамецот ми стоеше заринкан, на извесно растојание од мене.

Иако човек би помислил дека прво чувство би ми било на чудење од ваквото грамадно и неочекувано видоизменување на опкружувањето, всушност повеќе бев ужаснат отколку што бев запрепастен, бидејќи во воздухот и скапаната почва имаше некоја зловестна особина што ми испрати студени морници до с’ржта. Околината беше гнила од трупови на скапани риби и други помалку описливи нешта што ги видов како стрчат од гадната кал на бескрајната рамнина. Можеби залудно се обидувам само со зборови да ја опишам неискажливата грозност што може да тлее во апсолутната тишина и јалов недоглед. Ништо не се слушаше и ништо не се гледаше освен огромниот предел на црна слуз, но токму таа севкупност на мирнотијата и еднообразноста на пејсажот ме притискаше со омалаксувачки страв.

Сонцето жареше од небо кое ми се виде како да е скоро црно во неговата безоблачна суровост; небаре го одразува мастилното блато што ми беше под нозете. Кога се воврев во насуканиот чамец сфатив дека само една теорија би можела да ја објасни мојата состојба. Преку некое дотогаш невидено вулканско подигнување, дел од океанскиот под мора да бил исфрлен на површина, откривајќи предели кои безбројни милиони години беа лежеле скриени под непресметливи водни длабочини.

Толку голем беше обемот на новата земја којашто се имаше кренато под мене, што не можев да го доловам ни најслабиот звук од струјниот океан, колку и да ги напрегав ушите.

Ниту пак имаше морски птици да се гостат со мртвите нешта.

Неколку часови седев мислејќи се и мрштејќи се во чамецот кој лежеше настранет и ми омозможуваше мала сенка како што сонцето се движеше по небесата. Како што врвеше денот, земјата подизгуби од лепливоста и се чинеше дека за кратко време доволно ќе се исуши за да ми овозможи да патувам. Таа ноќ спиев саде малку и наредниот ден си подготвив торба со храна и вода, спремајќи се за сувоземно патување во потрага по исчезнатото море и можен спас.

На третото утро затекнав да почвата е доволно сува за со леснотија да чекорам по неа. Миризбата на риби ме излудуваше; но позагрижен бев за поголеми работи за да ми пречи едно вакво мало зло и храбро се упатив кон непознатата цел. Цел ден упорно се пробивав кон запад, воден од една далечна височинка која се издигаше повисоко од сите други издигнувања во распосланата пустина. Таа вечер кампував и следниот ден продолжив да патувам кон височинката, макар што зданието едвај изгледаше поблиску од кога за првпат го бев догледал. На четвртата вечер го достигнав подножјето на брдото, кое испадна дека е многу повисоко отколку што оддалеку се чинеше, сред една обиколна рамнина која остро го издвојуваше од останатата површина. Прекапнат за качување, заспав во сенката на ридот.

Не знам зошто соништата ми беа толку бесни таа вечер; но уште пред завенеената и фантастично испапчена месечина да се искачи високо над источната рамнина, се разбудив облеан во ладна пот, решен веќе да не спијам. Визиите кои ги бев доживеал беа претешки за да можам повторно да ги издржам. И на месечевото светло видов колку се бев измамил со тоа што патував денски. Без сјајот на силното сонце, патот ќе ме чинеше помалку сила; и сега дури и се чувствував мошне способен да го изведам искачувањето од коешто се одвратив на зајдисонце. Подигајќи си ја торбата, се упатив кон сртот на возвишеноста.

Реков дека непрекршената монотонија на распосланата рамнина ми беше извор на нејасен ужас; но мислам дека ужасот ми беше поголем кога го достигав врвот на брдото и погледнав надолу кон другата страна, кон неизмерлива јама или кањон, чиишто црни падини месечината не се беше вивнала доволно високо за да ги осветли. Се почувствував како да сум на работ на светот, зјапајќи над ивицата кон неизмерен хаос на вечна ноќ. Низ ужасот ми се појавија чудни спомени од „Загубениот рај“ и одвратното искачување на Сатаната низ необликуваните царства на темнина.

Како што месечината се искачуваше повиско на небото, почнав да забележувам дека падините на долината не беа баш толку вертикално нормални како што си замислував. Рабови и карпести издатоци овозможуваа мошне лесни потпори за спуст, а по пад од стотина стапки, накосеноста стануваше многу поумерена. Бодрен од импулс кој не можам со точност да го проследам, со многу спрепнувања се спуштив по карпите и застанав на поблагата падина долу, зјапнат во адските длабочини каде што светлина сѐ уште немаше пробиено.

Наеднаш вниманието ми беше земено од еден огромен и своеобразен предмет на спротивната падина, која стрмно се издигаше на околу стотина јарди пред мене; предмет кој бело блескаше на новообдарените зраци на издигнатата месечина. Дека беше само џиновско парче камен, се уверив брзо; но бев свесен за некаков посебен впечаток дека неговите контури и положбата не се баш дело на природата. По подробно испитување бев исполнет со осет кој не можам да го изразам; бидејќи и покрај огромната величина и положбата во понор кој зјаел на дното на морето уште во младоста на светот, без сомнение увидов дека чудниот предмет беше правилно оформен монолит чија колосална маса беше била подложна на мајсторството, а можеби и обожувањето на живи и свесни суштества.

Зашеметен и исплашен, но не без онаа возбуда на сласта на научникот или археологот, подобро ја разгледав околината. Месечината, која сега беше близу до зенитот, бизарно и живописно светеше над вишните стрмнини што ја порабуваа клисурата и го откриваше фактот дека на дното течеше широко распространета водена маса, недовидно извивајќи се во двете насоки и по малку топенејќи ми ги нозете како што стоев на падината. Преку клисурата, бранчиња ја плискаа основата на киклопејскиот монолит на чијашто површина сега можев да видам траги од записи и од груби резби. Напишаното беше во некој, за мене непознат, систем на хиероглифи кој не наликуваше на ништо што дотогаш го бев имал видено во книги, состоејќи се воглавно од установени поморски симболи како риби, јагули, октоподи, ракови, мекотелци, китови и слично. Неколку знаци очигледно претставуваа морски суштества непознати за современиот свет, но чиишто распаднати форми ги бев забележал на издигнатата океанска рамнина.

Меѓутоа, сликовитата резба беше она што најмногу ме маѓепса.

Јасно видливи сред обиколната вода, поради нивната огромна големина, имаше низа барелјефи чијашто содржина би ја побудила и зависта на Доре. Мислам дека сликите требаше да претставуваат луѓе, или барем некаков вид луѓе; иако суштествата беа претставени кај војваат како риби во водите на некоја морска шуплина, или како се клањаат пред некое монолитско светилиште, коешто исто така изгледаше како да е под брановите. За нивните лица и форми, не се осудувам подробно да зборувам, зашто од самото присеќавање ми се сечат нозете. Гротескни колку што ни По ни Булвер ни би можеле да си замислат, силуетите им беа проклето човечки, освен што имаа ципести дланки и стапала, потресно широки и млитави усни, стаклести, набрекнати очи и други особини понепријатни за споменување. Интересно беше тоа што се чинише дека се изрезбарени многу непропорционално со живописната позадина, бидејќи едно од суштествата беше прикажано во чин на убивање кит претставен како само малку поголем од него. Ме зачуди, како што споменав, нивната гротескност и необична големина, но веднаш заклучив дека тоа се сигурно измислените богови на некое примитивно рибарско или поморско племе, племе чијшто последен потомок веќе со ери бил изумрен кога првиот предок на Пилтдаунскиот или Неандерталскиот човек се беше родил.

Запрепастен од овој неочекуван поглед кон минато коешто ни најсмелиот антрополог не би си го претставил, стоев потонат во мислите додека месечината фрлаше настрани одблесоци врз тивкиот канал пред мене. И наеднаш, го видов. Со само мало клокотење за да му го нагласи излегувањето на површина, нештото се извлече над темните води. Огромно, полифемско и гнасно, како некое застрашувачко чудовиште од кошмарите се втурна кон монолитот кон којшто ги фрли џиновските крлушкави раце, поклонувајќи ја одвратната глава и испушајќи некакви одмерени звуци. Мислам дека тогаш полудев.

На налудничавото искачување по падината и гребенот и на избезумениот пат до насуканиот чамец, не се сеќавам многу. Мислам дека доста пеев и чудно се смеев кога не можев да пеам. Бледо се сеќавам на некоја голема бура по извесно време откако стигнав до чамецот; во секој случај, знам дека слушнав татнење на громови и други тонови какви што природата изустува само при најдивите настроенија.

Кога излегов од сенките се најдов во болница во Сан Франциско; донесен таму од капетанот на американскиот брод кој ми го беше извлекол чамецот од сред океан. Додека сум бил во бунило сум зборувал многу, но дознав дека ретко кој ми обрнувал внимание на зборовите. За копнени подигања во Тихиот Океан моите спасители немаа чуено ниту мислев дека е потребно да настојувам на нешто во коешто знаев дека нема да веруваат. Еднаш побарав еден прославен етнолог и го поднасмеав со сперливи прашања за древната филистинска легенда за Дагон, Богот-Риба, но сфаќајќи брзо дека е безнадежно конзервативен, не настојував да го распрашувам.

Навечер, особено кога месечината е испапчена и венее, го гледам. Пробав морфиум; но дрогата ми дава само миговна пала и ме вовлече во своите канџи како безнадежен роб. Затоа сега ќе завршам со сѐ, откако направив целосен запис, за информирање или презрива разонода за другите. Често се прашувам дали е можно да сѐ беше чисто привидение, некој изрод на треската како што лежев дамлосан од сончаница и излуден во отворениот чамец по бегството од германскиот борбен брод. Се прашувам ова, но секојпат одвратно живописната слика ми излегува пред мене како одговор. Не можам да мислам на длабокото море без да затреперам од безимените нешта коишто дури и во овој момент би можеле да лазат и да се кашкаат по неговото лигаво корито, обожувајќи ги нивните древни камени идоли и резбајќи си ги презривите ликови врз подводни обелисци од наквасен гранит. Сонувам за ден кога ќе можат да излезат над далгите, за да ги одвлечат во своите смрдливи нокти останките од млитавото и од војни исцрпено човештвото; за ден кога копното ќе потоне и темниот океански под ќе се воздигне сред сеопфатна сколободија.

Крајот се ближи. Слушам звук пред врата, како некое огромно, лизгаво тело да се тетерави врз неа. Нема да ме најде. Господе, раката! Прозорецот! Прозорецот!