Демнечкиот страв - Полиграматон

Демнечкиот страв


 I - Сенката на оџакот

 

Грмежи ечеа низ воздухот ноќта кога појдов во напуштената вила на Темпест Планина да го барам демнечкиот страв. Не бев сам, зашто во тоа време лекоумноста ми се немаше смешано со љубовта кон гротескното и стравотното којашто беше направила да занает ми се редица потраги по чудни ужасии во книжевноста и во животот. Со мене беа двајца верни и мускулести мажи по коишто имав пратено абер кога дојде време; мажи кои долго време беа здружени со мене во моите грозоморни истражувања поради нивната сперлива телесна спремност.

Тивко заминавме од селото поради новинарите кои сѐ уште се врткаа наваму-натаму по устрелната паника од претходниот месец - кошмарната ползечка смрт. Покасно, ми дојде мисла, можеби и ќе ми се најдат; ама не ги сакав баш тогаш. Како не даде Господ да им дадев да се вмешаат во потрагата, та да не морав толку долго сам да ја носам тајната; сам да ја носам од страв дека светот ќе ме нарече луд или самиот ќе полуди од демонските изводи на целата работа. Сега кога најпосле ја раскажувам, за да мрачните думања не би ме поманијачиле, посакувам никогаш да не ја сокриев. Зашто јас и само јас знам што страв демне на таа призрачна и пуста планина.

Во мал автомобил ги поминавме милјите на прастара шума и ридови сѐ додека не нѐ сопре угорнината на шумјакот. Пределот поседуваше појава на поголема зловестност од вообичаено како што го гледавме вака навечер и без вообичаените толпи на истражувачи, па често бевме наведени да ги употребуваме карбидските ламби и покрај вниманието коешто можеби би го привлекле. Не беше угоден пејсаж навечер и сигурен сум дека ќе ја забележев неговата морбидност дури и да не знаев за стравотијата која таму војваше. Од диви ѕверки немаше ниту една - си знаат тие како треба кога смртта одблизу се вргали. Древните од молња расцепени дрвја се чинеа неприродно големи и искривени, а останатото зеленило неприродно густо и трескаво, додека своевидните брда и височинки на оплевелената, од фулгурити избраздена земја ме потсетуваа на змии и мртовечки черепи подуени до џиновски размери.

Повеќе од еден век страв беше демнел на Темпест Планина. Ова уште веднаш го научив од новинарските статии за катастрофата која за првпат го беше свртела вниманието на светот кон пределот. Местото е отсечено, осамено извишување во оној дел на Катскилските Планини кај што холандската цивилизација саде мекушаво и минливо имаше продрено на времето, оставајќи зад себе, како што се повлекувала, само неколку испустени вили и изродно население на распосланици вдомено во жалосни касаби на отсечените падини. Обични суштества ретко ја посетувале месноста додека не се формирала државната полиција и дури и сега има саде нередовни полициските патроли. Меѓутоа стравот постои како старо предание низ соседните села; бидејќи е главна тема на простите муабети на сиротите мелези кои понекогаш ги напуштаат своите долини за да тргуваат со рачно сплетени кошници за оние примитивни дневни потреби кои не можат да ги уловат, изранат или направат.

Демнечкиот страв домуваше во одречената и напуштена вила на Мартенсови, која ја крунисуваше високата, но блага возвишеност чија склоност кон чести бури и грмежи ѝ го беше накачило името Темпест Планина. Повеќе од сто години античката, од шумјаци опкружена камена куќа беше била тема на приказни ем неверојатно разуздани ем чудовишно одвратни; приказни за некоја тивка титанска ползечка смрт која војвала наваму-натаму на лето. Со цимоллива настојчивост распосланиците раскажуваа сказни за некој демон кој грабал осамени патници кога ќе се стемнело, или земајќи ги со себе или оставајќи ги во ужасна состојба на изгризана расчереченост; додека понекогаш шепотеа за траги од крв кои воделе до далечната вила. Некои велеа дека грмежите го свикувале демнечкиот страв од неговото жилиште, а други дека грмежите биле неговиот глас.

Никој надвор од зафрлените предели не веруваше во овие разнобразни и противречни приказни, со нивните неразбирливи, одвишни описи на уполунаѕрениот враг; но ни земјоделци ни селани не се сомневаа дека вилата на Мартенсови е гробождерски опседната. Месната историја забрануваше такви сомнежи, иако никогаш не беше пронајден никаков доказ за духови од страна на оние истражувачи кои ја имаа посетено градбата по една особено живописна сказна на распосланиците. Баби раскажуваа чудни митови за Мартенсовиот призрак; митови поврзани со семејството Мартенс, нивната настрана наследна разноликост на очите, нивните долги, неприродни летописи и убиството кое ги беше проколнало.

Стравотијата која мене ме доведе до местото беше едно ненадејно и предзначно потврдување на најразузданите планинарски легенди. Една летна вечер по бура со невиден бес, околијата била скорната од стампедо на распосланици што не можело саде заблуда да го има создадено. Жалосниот калабалак на домородци се дерел и цимолкал за некој неименлив ужас кој се беше спуштил врз нив и немало никој што не им верувал. Не го виделе, но чуле такви крици од една од нивните касаби што им било јасно дека некоја ползечка смрт има дојдено.

Изутрината граѓаните и државната полиција тргнале по растреперените планинари до местото од каде што велеле дека дошла смртта. И смртта навистина била таму. Земјата под едно од селата на распосланиците се врушила од удар на молња, уништувајќи неколку од смрдливите колипки; но врз оваа имотна штета бил наметнат органски пустош кој неа ја доведувал до безначајност. Од 75те домородци кои го населувале местото, не бил видлив ниту еден жив примерок. Разораната земја била прекриена со крв и човечки останки кои пресликовито зајавувале за дивјаштината на демонски заби и канџи; но немало видлива трага да се оддалечува од колежот. Во тоа дека причинителот мора да е некое одвратно животно, сите бргу се согласиле; ниту нечиј јазик се нашол да го оживее обвинувањето дека такви загадочни умирања биле само дел од скотските убиства вообичаени за орјачките заедници. Тоа обвинување било оживеано само откако околу 25мина од вкупното население не биле пронајдени меѓу мртвите; и дури и тогаш било тешко да се објасни убиството на педесет души од страна на половина од таа бројка. Но остануваше фактот дека во една летна вечер секавица се беше спуштила од небесата и оставила мртво село чии лешеви биле ужасно осакатени, изџвакани и изгребани.

Возбудената околија веднаш го поврзала ужасот со опседнатата вила на Мартенсови, иако месностите беа оддалечени повеќе од три милји. Полицајците биле поскептични; само пропратно вклучувајќи ја вилата во нивната истрага и сосема занемарувајќи ја кога виделе дека е потполно напуштена. Меѓутоа, луѓето од околијата и од по селата го прочешлале местото со бесконечна грижа; испревртувајќи ја сета куќа, сондирајќи бари и потоци, срамнувајќи грмушки и претурајќи низ блиските шуми. Сѐ било залудно; смртта која беше дошла не беше оставила никава трага освен самото уништување.

До вториот ден од истрагата работата беше целосно разработена од весниците, чии новинари ја запоседнаа Темпест Планина. Ја опишуваа во многу подробности и низ многу интервјуа за да би ја развиделиле историјата на ужасот онака како што беше раскажана од страна на тамошните стари баби. Отпрво само индолентно ги следев статиите, одошто сум познавач на ужаси; но по една недела насетив атмосфера која несекојдневно ме распали, па на 5 август 1921 се пријавив меѓу новинарите кои беа начичкани во хотелот во Лефертс Корнерс, најблиското село до Темпест Планина и признат штаб на истражувачите. По уште три недели, раштркувањето на новинарите ме остави на слобода да почнам со стравотното испитување кое го темелев на акрибични распрашувања и иследувања со коишто во меѓувреме се имав зафатено.

И така таа летна вечер, додека далечните грмежи баботеа, го напуштив тивкиот автомобил и со двајца вооружени придружници заскитав низ крајните брдопрекриени пространства на Темпест Планина, фрлајќи ги зраците на електричната светилка врз призрачните сиви ѕидови кои започнаа да се појавуваат низ џиновските дабови пред нас. Во оваа морбидна ноќна самотија и мекушаво мижуркаво осветлување, масивниот коцкест куп пројавуваше магливи намеци на стравотии кои денот не можеше да ги открие; но сепак не се поколебав, зашто со жолчна решителност бев дојден да испробам една идеја. Верував дека грмежите го повикуваа смрто-демонот од некое стравотно тајно место; и бил ли демонот телесен ентитет или поморна чуреа, јас бев со намера да го видам.

И претходно ги имав темелно пребарувано рушевините, па добро си го знаев планот; бирајќи си ја за седиште на бдеењето старата соба на Јан Мартенс, чие убиство оставило толкав белег врз селските легенди. Имав проникливо чувство дека живеалиштето на оваа древна жртва ќе е најпогодно за моите потреби. Одајата, голема околу дваесет стапки квадратни, содржеше, исто како и другите соби, некакво ѓубре кое некогаш било мебел. Се наоѓаше на вториот спрат, во југоисточниот ќош на куќата и имаше масивен источен прозорец и тесен јужен прозорец, и двата лишени од окна или ролетни. Наспроти големиот прозорец имаше огромен камин од холандски стил со библиски плочки кои го претставуваа блудниот син, а наспроти тесниот прозорец имаше широк кревет вграден во самиот ѕид.

Како што се засилуваа од дрвја придушените грмежи, ги стокмив подробностите на мојот план. Прво, на работ на големиот прозорец врзав една до друга три јажени скали кои ги имав понесено со себе. Знаев дека допираат до погодно место на тревата од надвор, бидејќи ги имав испробано. Потоа, тројцата од една друга соба довлечкавме широк лежај со балдахин, нагнетувајќи го странично наспроти прозорецот. Откако го прекривме со елови ветки, сите се спруживме врз него со спремни пиштоли, двајца да одмараат, а третиот да варди. Од било која насока и да би дошол демонот, имавме обезбедено можно бегство. Ако дојде од во куќата, ги имавме прозорните скали; ако дојде однадвор, вратата и скалилата. Судејќи по дотогашните преседани, не мислевме дека би нѐ гонел до далеку, дури и во најлош можен случај.

Јас вардев од полноќ до еден часот, кога и покрај зловестната куќа, незаштитениот прозорец и надоаѓањето на грмежи и молњи, ме фати некоја своеобразна дремка. Бев помеѓу двајцата придружници, Џорџ Бенет кој лежеше накај прозорецот и Вилијам Тоби кој лежеше накај каминот. Бенет спиеше, очигледно чувствувајќи ја истата аномална дремливост која и мене ме имаше погодено, па го назначив Тоби да варди по мене, иако видов дека и нему му паѓа главата. Своевидно е колку решително се имав запулено кон тој камин.

Засилените грмежи сигурно ми имаа повлијаено врз соништата, зашто во краткото време додека спиев ми се видоа апокалиптични слики. Еднаш и делумно се разбудив, најверојатно бидејќи спијачот крај прозорецот во немир ја имаше испружено раката врз моите гради. Не бев доволно буден за да видам дали Тоби си ја врши службата на чувар, но јасно почувствував некое шубе во однос на тоа. Никогаш дотогаш присуството на зло ме немаше толку трогателно налегнато. Покасно сигурно пак сум потонал во сон, зашто умот ми срипа од хаосни привиденија кога ноќта постана одвратна од дерења кои беа надвор од сите мои дотогашни искуства или мечти.

Низ тоа дерење најтајната душа на човечки страв и теглило безнадежно и поулавено гребеше врз абоносните порти на заборав. Се разбудив среде црвено лудило и потсмешливо ѓаволјанство, додека тоа фобично и избистрено теглило се повлекуваше и одекнуваше сѐ подолу и подолу преку несфатливи видици. Немаше светлина, но од празниот простор од мојата десна страна ми беше јасно дека Тоби го нема и дека само Бог знае каде е. Врз градите сѐ уште ми лежеше тешката рака на спијачот лево од мене.

Тогаш фати пустошниот удар на гром кој ја потресе целата планина, ги осветли најмрачните костурници на ветвиот шумјак и го расцепи патриархот на искривените дрвја. На демонскиот молскот од една чудовишна пламена топка спијачот нагло срипа додека блесокот од пред прозорецот живописно ја фрли неговата сенка врз оџакот над каминот од којшто моите очи никогаш не се откинаа. Тоа дека сум сѐ уште жив и здраворазумен, е чудо коешто не можам да го сознаам. Не можам да го сознаам, зашто сенката на тој оџак не беше онаа на Џорџ Бенет ниту на некое друго човечко суштество, туку богохулна абнормалност од најдлабоките кратери на пеколот; безимена, безоблична грозотија каква што ничиј ум не може целосно да си ја претстави и ничие пенкало не може ни делумно да ја опише. Уште наредниот миг веќе бев сам во таа проколната вила, тресејќи се и тептавејќи. Џорџ Бенет и Вилијам Тоби не оставија зад себе ни трага, дури ни од борба. Никој никогаш веќе не ги виде.



II - Минувач среде бурата


Со денови по тоа одвратно доживување во таа шумозавиена вила лежев растревожено исцрпен во хотелската соба во Лефертс Корнерс. Не се сеќавам баш како успеав да стигнам до автомобилот, да го запалам и незабележно да се мушнам до селото; зашто во умот не ми се задржа никаков јасен впечаток освен на дивораки титански дрвја, демонијачки мрмори на грмежи и каронски сенки напреку ниските брда кои како пеги и стрии го шараа регионот.

Додека се тресев и со мислите дремев врз фрлањето на таа мозокосрозна сенка, знаев дека најпосле бев издуднал еден од врховните ужасии на Земјата - еден од оние безимени помори од надворешните небиднини чии бледи демонски гребења понекогаш ги наслушуваме од најдалечниот раб на семирот, но против коишто нашите ограничени погледи ни овозможиле милостив имунитет. Сенката којашто ја бев видел едвај се дрзнав да ја испитам или утврдам. Нешто беше легнало помеѓу мене и прозорецот таа вечер, но ми врвеа морници секојпат кога не можев да се оттргнам од нагонот да одредам што. Барем да за’ржеше или загрохотеше или кркотливо да се засмееше - дури и тоа ќе ја олеснеше безгазерната одвратност. Но беше толку тивко. Си ја имаше спружено тешката рака или предна шепа врз моите гради. Очигледно беше органско, или некогаш беше било органско… Јан Мартенс, чија соба ја бев запоседнал, беше закопан во гробиштата близу вилата… Морав да ги најдам Бенет и Тоби, ако беа живи… зошто ги избра нив, а ме остави мене за најнакрај?... Дремката ми е толку задушлива, а соништата ми се толку ужасни…

За кратко време сфатив дека морам на некој да му ја раскажам мојата приказна или потполно да се растројам. Веќе одлучив да не се откажувам од потрагата по демнечкиот страв, зашто во мојата брзоплета неукост чинев дека несигурноста би била полоша од просветленостa, колку ужасна и да би испаднала таа. И така во себе почнав да се одлучувам како најдобро да ја фатам работата, кого да земам во доверба и како да го уловам нештото кое беше разгромило двајца и ја беше фрлило кошмарната сенка.

Челни познаници во Лефертс Корнерс ми беа задушевните новинари, од коишто неколкумина допрва требаше да ги дособерат последните одеци од трагедијата. Се одлучив да од нив си изберам колега и колку повеќе се думав толку повеќе меракот ме туркаше кон Артур Монро, црномурест, виток човек на околу триесет и пет години, чие образование, вкус, интелигенција и табиет се чинеше дека го одбележуваат како некој кој не е врзан само за установени идеи и искуства.

Едно попладне во почетокот на септември Артур Монро ја ислуша мојата приказна. Уште од самоти почеток видов дека му разбудив и интерес и сочувство и кога завршив, ја испита и продискутира целата работа со врвна лукавост и расудување. А и советот му беше предимно практичен; зашто предложи одложување на операцијата во вилата на Мартенсови додека не се довооружаме со повеќе подробни историски и географски податоци. На негова иницијатива ја прочешлавме околијата за информации во врска со ужасното семејство Мартенсови и откривме човек кој поседуваше еден извонредно просветлувачки семеен дневник. Исто така на долго и на широко зборувавме со планинските мелези кои сѐ уште немаа избегано од ужасот и шашармата кон подалечни падини и се договоривме да ѝ претходиме на нашата апогејна задача - исцрпното и заклучно испитување на вилата во однос на нејзината забележана историја - со исто толку исцрпно и заклучно испитување на местата поврзани со различните трагедии од легендите на распосланиците.

Происходот на испитувањата отпрво не беше многу просветлувачки, макар што нивното табелирање се чинеше дека ни открива еден мошне значаен тек; имено, тоа дека бројот на пријавени ужаси беше далеку поголем во областите кои беа релативно близу до избегнуваната куќа или поврзани со неа преку пространства на морбидно пренахранета шума. Навистина, имаше и исклучоци; всушност, ужасот кој се имаше расчуено по светот се беше случил среде еден гол простор без дрва оддалечен и од вилата и од секаква допирна корија.

Што се однесуваше на природата и изгледот на демнечкиот страв, ништо не можеше да се дознае од исплашените и кусоумни колипкари. Во ист здив го викаа и змија и џин и громовнички ѓавол и лилјак и мршојадец и дрво што чекори. Меѓутоа сепак слутевме дека ни е оправдана претпоставката дека е жив организам високо подлежен на електрично празнење; и иако некои од приказните укажуваа на крилја, верувавме дека неговата одбивност кон отворени простори правеше да копнено придвижување е поверодостојна теорија. Единственото нешто што не беше во склад со ваквото гледиште беше брзината со којашто суштеството мораше да има патувано со цел да ги изведе сите дела кои му се препишуваа.

Кога подобро ги запознавме распосланиците, на многу начини ни паднаа своевидно симпатични. Прости животинки беа, благо спуштајќи се по еволуционата скала поради нивниот несреќен бабалак и затапувачка отсеченост. Се плашеа од туѓинци од надвор, но полека се навикнаа на нас; масивно помагајќи ни на крајот кога дојде време да ги собориме честаците и разотвориме сите прегради во вилата во потрага по демнечкиот страв. Кога ги замоливме да ни помогнат да ги најдеме Бенет и Тоби беа искрено вознемирени; зашто сакаа да ни помогнат, но сепак им беше јасно дека тие жртви потполно ги беше снемало од светот исто како и нивните исчезнати членови. Во тоа дека голем број од нив навистина беа убиени и отстранети, како и што дивите животни долго време веќе беа истребени, се разбира бевме потполно убедени; и растревожено чекавме да се случат некакви додатни трагедии.

До средината на октомври бевме обезглавени од слабиот напредок. Благодарение на ведрите ноќи не се случија никакви демонијачки навали и потполноста на нашите залудни разбарувања низ куќата и околијата скоро нѐ натера да го сметаме демнечкиот ужас за некое нематеријално воздејство. Ни беше страв дека студеното време ќе нѐ наваса и ќе ни го сопре истражувањето, зашто сите се согласуваа дека демонот обично е тивок преку зима. Поради ова, како некое вјасање и очај да се имаше појавено во нашето последно денско чешлање на од ужас посетената касаба; касаба која сега беше напуштена поради стравовите на распосланиците.

Злок’сметната касаба на распосланиците беше без име, но долго време се беше наоѓала во еден засолнет, макар што гол, процеп помеѓу две височинки кои ги викаа Коун Планина и Мејпл Хил. Беше поблиску до Мејпл Хил одошто до Коун Планина и некои од грубите живеалишта всушност беа ископини во падините на оваа возвишеност. Географски, се протегаше на околу две милји на северозапад од подножјето на Темпест Планина и три милји од дабоопашаната вила. Растојанието помеѓу касабата и вилата, цели две милји и четврт од страната на касабата, беше потполно отворена околија; низина која имаше мошне рамен карактер освен неколку ниски змијовидни брда, а од зеленило имаше само трева и раштркани плевели. Со оглед на ваквата топографија, најпосле заклучивме дека демонот мора да има дојдено од преку Коун Планина, чијшто јужен шумовит издаток се протегаше до недалеку од најзападниот ‘рбет на Темпест Планина. Подигнувањето на земјата заклучно го проследивме до еден одрон од Мејпл Хил, едно осамено, високо, расцепено дрво на чијашто страна беше била точката на удар на ровјата која го беше повикала врагот.

Како што по повеќе од дваесетти пат Артур Монро и јас исцрпно го претуравме секој инч од испоганетото село, бевме исполнети со извесна обесхрабреност споена со нејасни и дотогаш несмислени стравови. Беше претерано необјасниво, дури и кога стравотни и необјасниви нешта беа секојдневие, да се сретне сцена толку празна од секаква трага по една толку повасувачка случка; и се движевме наваму-натаму под оловното, замрачено небо со онаа трагична бесцелна ревност која извира од споено чувство на залудност и потреба да се делува. Игла да баравме, ќе ја најдевме; секоја колиба беше препроверена, секоја ридска ископина препребарана за тела, секоја трнеста стапка на соседните падини преиспитана за дувла или пештери, сѐ без никаков исход. А сепак, како што кажав, нејасни нови стравови заканувачки ни се имаа надвиснато; небаре некој џиновски лилјакокрилен орлолав невидливо беше квакнал врз планинските врвови и ни се вргалеше со абадонови очи кои гледаа кон транскосмички бездни.

Како што врвеше пладнето, имаше сѐ помалку и помалку виделина; и го чувме баботот на бура која се спремаше над Темпест Планина. Ваквиот звук во таквата месност се разбира нѐ распали, макар што помалку одошто ќе нѐ распалеше навечер. Вака, очајно се надевавме дека бурата ќе остане да трае и откако ќе се стемни; и со таквата надеж ги оставивме бесцелните пребарувања на ридската падина упатувајќи се кон најблиската населена касаба да насобереме толпа распосланици за да ни помогнат во истрагата. Иако беа страшливи, неколкумина од помладите беа доволно вдахнати од нашето заштитно водство за да ни ветат ваква помош.

Меѓутоа, едвај се имавме завртено, кога се спушти еден толку заслепувачки слап од пороен дожд што стана неизоставно да се најде засолниште. Крајната, скоро полноќна темница на небото сите кутро нѐ испоспрепна, но водени од честите блесоци на молња и од нашето исцрпно познавање на касабата наскоро стигнавме до најмалку пропустливата колиба во местото; разнородна спојка на греди и штици чија сѐ уште постоечка врата и единствено малечко прозорче гледаа кон Мејпл Хил. Замандалувајќи ја вратата по нас од јароста на ветерот и дождот, ја спуштивме грубата прозорна ролетна чија местоположба ја имавме научено од честите претурања низ куќата. Стушено беше да се седи таму на тие климави кутии во црната темница, но запаливме лулиња и повремено засветувавме со џебните батерии. Одвреме-навреме ги гледавме молњите низ пукнатини во ѕидовите; пладнето беше толку неверојатно темно што секој молскот беше крајно живописен.

Бдеењето среде бурата трепетливо ме потсети на грозоморната ноќ на Темпест Планина. Умот ми се впери кон тоа несекојдневно прашање кое постојано ми се повторуваше уште откако се случи таа кошмарна работа; и пак се запрашав зошто демонот, доближувајќи се до трите вардачи од прозорецот или од внатрешноста, беше започнал со луѓето од обете страни и го беше оставил оној во средината за најнакрај, кога титанската пламена топка го беше изгонила. Зошто не ги беше изредил жртвите по природен редослед, та јас да сум втор, од било која страна и да имаше дојдено? Со какви ли долгодофатни пипала го ловеше пленот? Или дали можеби знаеше дека јас сум водачот и ми спремаше судбина полоша од онаа на моите придружници?

Среде ваквите промислувања, небаре драматично пресметан за да ги засили, во близина удри стравотен гром проследен со звуци на ронење на земја. Истовремено, волчјиот ветер се издигна до демонијачки крешенда на лелек. Сигурни бевме дека осаменото дрво на Мејпл Хил повторно е удрено и Монро стана од кутијата и отиде до малечкото прозорче да ја процени штетата. Кога ја тргна ролетната ветерот и дождот заглушувачки профучија навнатре, при што не можев да чујам што ми вели; па почекав додека ја подаваше главата нанадвор и се обидуваше да ја сознае склободијата на природата.

Постепено, смирувањето на ветерот и раштркувањето на необичната темница го зајавија минењето на бурата. Се надевав дека ќе потрае до касно вечерта за да ни помогне во потрагата, но стаен сончев зрак од една журова дупка во штицата зад мене ја оттргна веројатноста за такво нешто. Предложувајќи му на Монро дека е најарно да нѐ фати малку сонце дури и ако пак зароси, ја одмандалив и отворив грубата врата. Земјата надвор беше еднородна маса на кал и локви, со свежи купишта земја од малиот одрон; но не видов ништо што би го оправдало интересот кој го држеше мојот придружник тивко наведнат низ прозорецот. Одејќи до каде што се имаше наведнато, го фатив за рамо; но не се помрдна. Тогаш, кога шеговито го затресов и завртев, ги осетив задушувачките ортоми на канцерозен ужас чии корења достигаа до безмерното минато и несознајниот газер на ноќта која се мршти надвор од синорот на времето.

Зашто Артур Монро беше мртов. И на она што имаше останато од неговата изгризена и издупена глава веќе немаше лице.



III - Што значеше црвениот блесок


На луњо-сотрената ноќ на 8 ноември 1921, со фенер кој фрлаше костурничарски сенки, стоев осамен и побудален откопувајќи го гробот на Јан Мартенс. Имав почнато да копам на пладне, бидејќи се готвеше бура и сега кога се имаше стемнето и бурата се имаше истурено над манијачки густите крошни, ми беше мило.

Мислам дека умот ми беше делумно растроен од настаните од 5 август, демонската сенка во вилата, општата напнатост и разочарување и она што се имаше случено во касабата среде октомвриската бура. Откако бидна таа работа, ископав гроб за оној чија смрт не можев да ја разберам. Знаев дека и другите нема да можат да разберат, па нека ги да мислат дека Артур Монро заталкал некаде. Бараа, ама ништо не најдоа. Распосланиците можеби ќе разбереа, но не се осмелив уште толку да ги исплашам. Јас самиот, пак, се чинев необично корав. Потресот во вилата ми имаше сторено нешто во мозокот и можев да мислам само на потрагата по ужасот кој во моите мечти сега имаше пораснато до катаклизмички размери; потрага која смртта на Артур Монро ме натера да се заветам дека ќе ја чувам во тајност и само за себе.

Сцената на моите ископувања сама по себе ќе беше доволно да го обеспокои секој нормален човек. Пакосни првобитни дрвја со несвета големина, старост и гротескност се вргалеа над мене како столбови на некој пеколен друидски храм; придушувајќи ги грмежите, заќутувајќи го разгребаниот ветер и пропуштајќи саде малку дожд. Зад ранетите стебла во позадина, осветлени од бледи блесоци на процедена светлина, се издигаа мокрите забршленети камења на напуштената вила, додека малку поблизу беше арнисаната холандска градина чии патеки и алеи беа загадени со бела, габеста, реава, пренахранета вегетација која никогаш не беше видела вистинска дневна светлина. И најблиску од сѐ беа гробиштата, каде што изобличени дрвја чепатеа луди гранки додека нивните корени разместуваа неосветени плочи и цицаа зеер од она што лежеше под нив. Одвреме-навреме, под кафеавата плаштаница на лисја кои гнојно гниеја во претпотопната шумска темнина, можев да ги видам како се исцртуваат зловестните контури на некои од тие ниски брда со кои се одликуваше молњопронижениот предел.

Минатото ме имаше доведено до овој архаичен гроб. Всушност, минатото и беше сѐ што ми имаше останато откако сѐ друго се сврши во потсмешлив сатанизам. Сега верував дека демнечкиот страв не беше телесно нешто, туку волчјозаб дух кој јава на полноќни молњи. И верував дека поради купиштата преданија кои ги откопав во потрагата со Артур Монро, дека духот беше на Јан Мартенс, кој умрел во 1762. Поради ова побудалено му го откопував гробот.

Вилата на Мартенсови беше изградена во 1670 од Герит Мартенс, богат трговец од Нов Амстердам на кој не му се допаѓала промената на британската власт и кој ја имаше дигнато оваа величествена бина на еден зафрлен коријски капец чија неизгазена самотија и необичен пејсаж му го правеа ќефот. Единственото содржајно разочарување во врска со локацијата беше она поврзано со честоста на бесните бури во лето. Кога го бирал ридот и ја градел вилата, „мајнхер“ Мартенс ги препишал овие природни налети на некаква сперливост на годината; но со време воочил дека месноста е особено подложна на такви феномени. Најнакрај, бидејќи ваквите бури му се виделе неполезни за здравјето, опремил една визба каде што ќе може да се повлече од нивните најразуздани склободии.

За потомците на Герит Мартенс се знае помалку одошто за него; зашто сите биле воспитани да ја мразат англиската цивилизација и научени да бегаат од оние колонисти која ја имаат прифатено. Животот им бил прекумерно самотен и луѓето зајавуваа дека отсеченоста ги направила тешки на збор и за разбирање. Наизглед сите биле впечатливи по сперливата наследна разноликост на очите; едното од кои обично им било сино, а другото кафеаво. Друштвените врски сѐ повеќе и повеќе им се ретчеле, па најпосле почнале да се венчаваат со многубројните аргатски класи од околу имотот. Голем дел од многубројните семејства се уназадиле, се преселиле преку долината и се сплотиле со мелезното население кое покасно ги изродило сиротите распосланици. Останатите мрко се затвориле во нивната прародовска вила, станувајќи сѐ поклановски и поќутливи и развивајќи нервна чувствителност на честите бури.

Поголемиот дел од овие информации стигаа до надворешниот свет преку младиот Јан Мартенс, кој од некаков немир заминал во колонијалната војска кога до Темпест Планина стигале вестите за Олбанскиот конгрес. Тој бил прв од потомците на Герит да прошета по светот; и кога се вратил во 1760 по шест години војска, бил мразен од татко му, чичковците и браќата небаре е отпадник и покрај неговите разнолики Мартенсови очи. Не можел веќе да учествува во сперливостите и пристрасностите на Мартенсови, додека самите планински бури веќе не можеле да го воодушеват како порано. Наместо тоа, бил потиштен од неговата околина; и често му пишувал на некој свој пријател во Олбани за плановите да го напушти татковиот покрив.

Пролетта во 1763 Џонатан Гифорт, пријателот на Јан Мартенс од Олбани, се загрижил од тишината на неговиот дописник; особено со оглед на условите и кавгите во вилата на Мартенсови. Одлучен лично да го посети Јан, заминал со коњот во планините. Во дневникот му пишува дека стигнал до Темпест Планина на 20 септември, начекувајќи ја вилата во голема запуштеност. Мрките, различнооки Мартенсови, чија нечиста животинска појава го потресла, во испрекинати грлени призвуци му раскажале дека Јан бил мртов. Тврделе дека претходната есен го удрило гром и сега лежел закопан зад запоставената спуштена градина. Му го покажале гробот на посетителот, пуст и без никакви ознаки. Нешто во однесувањето на Мартенсови му пројавило чувство на одбивност и сомнеж на Гифорт и една недела покасно се вратил со мотика и чапа да го истражи костурничарското место. Го пронашол она што го очекувал - череп свирепо здробен небаре од дивјачки удари - па враќајќи се во Олбани отворено ги обвинил Мартенсови за убиството на нивниот роднина.

Фалеле правни докази, но приказната бргу се проширила низ околијата; и оттогаш Мартенсови биле изопштени од светот. Никој не сакал да си има работа со нив и нивната далечна вила била избегнувана како проколнато место. Некако успеале и понатаму независно да живеат, од плодовите на нивниот имот, зашто повремените светла наѕрени од далечните ридови сведочеле за нивното непрекинато присуство. Ваквите светла се гледале дури до 1810, но при крајот станале мошне нередовни.

Во меѓувреме за вилата и планината се изродиле едночудо ѓаволски легенди. Местото било одбегнувано со двојно повеќе прилежност и вдахнато со секој прошепотен мит кој постоел во околните преданија. Останало непосетувано сѐ до 1816, кога долгото отсуство на светла било забележано од распосланиците. Во тоа време една трупа извршила истрага, заклучувајќи дека куќата е напуштена и делумно разрушена.

Наоколу немало костури, па констатирано било иселување наместо смрт. Се чинело дека кланот си има заминато неколку години претходно и мноштвото грубо скалапени одаи покажувале колку беше станал многуброен пред миграцијата. Културното ниво било паднато до многу низок степен, според тоа што покажувале гнилиот мебел и расфрланиот прибор за јадење кој сигурно бил уште од одамна арнисан во времето кога стопаните си заминале. Но и покрај тоа што злогласните Мартенсови веќе ги немало, стравот од опседнатата куќа останал; и станал преизразен кога се појавиле нови и чудни приказни меѓу планинските орјаци. Таму била; напуштена, омразена и поврзана со одмаздољубивиот дух на Јан Мартенс. Таму беше и ноќта кога го откопував гробот на Јан Мартенс.

Го опишав моето долготрајно копање како побудалено и такво всушност и беше и по цел и по метод. Ковчегот на Јан Мартенс беше за брзо откопан - сега содржеше само прав и шалитра - но во јароста да му го откопам духот неразумно и несмасно продолжив да длабам на местото каде што беше положен. Господ знае што очекував да најдам - јас чувствував само дека го откопувам гробот на човекот чиј дух сега војва низ ноќта.

Невозможно е да се каже какви чудовишни длабини бев достигнал кога мотиката, а наскоро и нозете, ми пробија низ земјата под мене. Настанот, со оглед на околностите, беше извонреден, зашто со постоењето на подземниот простор тука, моите луди теории се здобија со ужасна потврда. Нискиот пад ми го изгаси фенерот, но извадов џебна електрична светилка и го разгледав малиот хоризонтален тунел кој неодредливо водеше во обете насоки. Беше доволно широк за да може човек да се провре низ него; и иако никој при здрав разум не би се пробал да го стори тоа, јас заборавив и на опасност и на разум и на чистотија во мојата тврдокорна треска да го откопам демнечкиот страв. Одбирајќи ја насоката кон куќата, непромислено залазив низ тесното дувло; слепо и брзо претајќи кон напред и само повремено светнувајќи со светилката која ја држев пред себе.

Кој јазик би можел да ја опише глетката на човек изгубен во бесконечно безгазерна земја; гребејќи, кривоколчејќи се, збивтајќи; лудо претајќи низ потонати витки на исконска темница без осет за време, безбедност, насока или конкретна задача? Има нешто одвратно во таквата работа, но сепак ја вршев. Толку долго ја вршев што животот ми избледе до далечен спомен и станав едно со кртовите и ларвите на заноќените длабини. Всушност по чиста случајност бидна да по неодредено врголење повторно ја штракнав електричната светилка, која морничаво светна низ дувлото од згрутчена иловица кое се протегаше и свиваше пред мене.

Се попрпелкав вака некое време и батеријата почна да ми слабее, кога преминот наеднаш нагло се издигна нагоре, променувајќи ми го режимот на напредок. И како што го кренав погледот, без никаква припрема видов како во далечината сјаат два демонијачки одблесоци од мојата слаба светилка; два одблесоци кои сјаеа со чемерен и непогрешлив болскот и дразнеа излудувачко магливи спомени. Автоматски запрев, макар што ми фалеше мозок да се повлечам. Очите наближуваа, но од нештото на коешто му припаѓаа можев да распознаам само канџа. Ама што канџа беше! Тогаш од далеку одозгора чув лек трескот кој го препознав. Беше дивиот грмеж од планината, издигнат до хистерична јарост - сигурно извесно време бев лазел нагоре, па површината сега беше мошне близу. И додека придушениот грмеж клопотеше, очите и понатаму зјапаа со стаена свирепост.

Фала му на Бога што тогаш не знаев што е, зашто инаку ќе останев наместо. Но бев спасен од истиот грмеж кој го беше свикал, зашто по одвратен миг пауза од невиденото надворешно небо пукна една од оние чести планински секавици чии последици ги бев забележал ваму-таму како расекотини во вознемирената земја и фулгурити со различна големина. Со киклопејски бес ја разора почвата над таа проклета јама, заслепувајќи и заглушувајќи ме, макар што не ме стави целосно во кома.

Во хаосот од претурена и разместена земја беспомошно се грабав и кашкав додека дождот на главата не ме смири и не видов дека имам излезено на површина на едно познато место; стрмно, непошумено место на југозападните падини на планината. Постојани слапови молња ја угреваа растумбаната земја и остатоците од своевидната мала височинка која се протегаше од шумовитата висока падина, но немаше ништо во хаосот да би ми ја покажало точката на испад од смртоносната катакомба. Мозокот ми беше во исто толкав хаос колку и земјата и како што еден далечен црвен блесок пукна преку пејсажот на југ, сѐ уште непара го имав сфатено ужасот којшто го преживеав.

Но кога два дена покасно распосланиците ми кажаа што значел црвениот блесок, почувствував повеќе ужас отколку што мувлосаното дувло и канџата и очите ми имаа влеано; поголем ужас поради неизмерливите гатнувања. Во касаба оддалечена дваесет милји, оргија на страв ја беше проследила секавицата којашто ме изнесе надземи и некое безимено нешто беше скокнало од провиснато дрво во колиба со слаб покрив. Беше сторило извесно дело, но распосланиците побеснето ја беа опожариле колибата пред да може да избега. Го беше вршело делото баш во мигот кога земјата пропаднала под нештото со канџата и очите.



IV - Ужасот во очите


Ништо нормално не може да има во умот на оној кој, знаејќи го она што јас го знаев за ужасите на Темпест Планина, би тргнал сам да го бара стравот кој таму демне. Тоа дека барем две од олицетворенијата на стравот беа уништени, пружеше саде мала гаранција за умствена и телесна безбедност во овој Ахерон на повеќеобличен дијаболизам; но сепак ја продолжив потрагата со уште поголема ревност како што настаните и откровенијата стануваа сѐ почудовишни.

Кога, два дена по моето стравотно лазење низ костурницата со очите и канџата, научив дека нешто злоќудно беше лебдело на растојание од дваесет милји во истиот миг кога очите се ѕвереа во мене, скоро ме фатија грчеви од уплав. Но тој уплав беше толку помешан со чудење и примамлива гротескност што речиси како да беше и пријатен осет. Понекогаш, во кошмарни кречеви кога невидени моќи го виорат човек над покриви на чудни мртви градови кон исцерениот амбис на Нис, олеснување е, па дури и сласт, да човек диво се издере и доброволно се фрли во одвратниот вртлог на сонишна пропаст кон каква и безгазерна јама да се има зјајнато. И така беше и со дневниот кошмар на Темпест Планина; откритието дека две чудовишта го беа опседнувале местото на крајот ми отвори луда стрвост да се нурнам во самата земја на проклетиот предел и со голи раце да ги откопам мртвите кои се вргалеа од секој сантим на отровната почва.

Колку што можев поскоро го посетив гробот на Јан Мартенс и залудно копав онаму каде што и претходно бев копал. Некакво обемно врушување ги беше разгромило сите траги на подземниот премин, а дождот беше испирил толку многу земја во ископината што не можев да распознаам колку длабоко имав копано претходниот ден. Исто така заминав и на мачен пат до далечната касаба каде што смртостворот беше бил запален, но не видов многу аир од маката. Во пепелта на судбоносната колиба најдов неколку коски, но навидум ниедна од чудовиштето. Распосланиците рекоа дека нештото оставило само една жртва, но расудив дека се грешка, бидејќи освен целосниот череп на човечко суштество имаше уште една ковчеста одломка која со сигурност се чинеше дека некогаш му припаѓала на човечки череп. Иако брзиот скок на чудовиштето бил виден, никој не можеше да каже како изгледало суштеството; оние кои го наѕреле само викаа дека е ѓавол. Испитувајќи го големото дрво каде што демнело, не можев да распознаам никакви јасни траги. Се обидов да најдам патека до црната шума, но при оваа прилика не можев да поднесам да ги гледам тие морбидно големи крндаци или тие масивни змијулести корења кои толку злонамерно се кривеа пред да потонат во земјата.

Нареден чекор ми беше со микроскопска грижа да ја преиспитам напуштената касаба каде што смртта беше дошла во најголемо изобилство и каде што Артур Монро беше видел нешто што не остана жив да го опише. И покрај тоа што моите залудни дотогашни истражувања беа прекумерно акрибични, сега имав нови податоци за проверка; зашто моето ужасно гробно лазење ме убеди дека барем една од мените на страшилиштето беше мена на подземно суштество. Овој пат, на четиринаесетти ноември, мојата потрага најмногу се вртеше околу падините на Коун Планина и Мејпл Хил коишто гледаа кон несреќната касаба и особено внимание ѝ обрнав на разлабавената земја во пределот на одронот на ридот.

Мојата попладневна потрага не развидели ништо и самрак ме фати стоејќи на Мејпл Хил гледајќи кон касабата и преку долината на Темпест Планина. Зајдисонцето беше преубаво и сега имаше излезено месечина, скоро полна и истурајќи сребрена поплава преку рамнината, далечната планинска косина и своевидните ниски брда кои се издигаа ваму-таму. Беше мирна аркадиска сцена, но знаејќи што крие зад себе, ја мразев. Ја мразев потсмешливата месечина, дволичната рамнина, гнојната планина и тие зловестни брда. Сѐ ми се чинеше наглотено со погана зараза и поттикнато од дегутантен сојуз на извитоперени скриени сили.

Одеднаш, додека занесено се пулев кон месечевата панорама, окото ми го привлече некоја своеобразност во природата и распоредот на извесни топографски елементи. Без да имам некакви конкретни геолошки познавања, уште од прва бев заинтересиран за несекојдневните брда и височинки во пределот. Имав забележано дека се прилично широко распространети околу Темпест Планина, но помалкубројни на рамнината отколку близу врвот на самиот рид, каде што праисториската глацијација несомнено беше наишла на помекушав отпор против нејзините впечатливи и фантастични хирови. Сега, под светлината на таа ниска месечина која фрлаше долги и чудни сенки, насилно ме погоди фактот дека различните точки и линии на системот на брда се во сперлив сооднос со врвот на Темпест Планина. Тој врв несомнено беше средиштето од коешто линиите или редовите на точки неопределено и нерамномерно се ширеа, небаре неугодната вила на Мартенсови имаше расфрлено видливи пипала на ужас. Помислата на таквите пипала ми даде необјаснива еуфорија и фатив да ја испитувам причината поради којашто верував дека брдата беа глечерски феномени.

Колку повеќе ја испитував толку помалку ѝ верував и во мојот новоотворен ум почнаа да ми лупаат гротескни и ужасни паралелизми засновани на извесни површни појави и моето доживување под земјата. Пред да знам што се случува, почнав да пелтечам трескавични и расцепкани зборови; „Боже!... Кртечини… цело проклето место мора да е небаре саќе… колку ли ги има… ноќта во вилата… ги зедоа прво Бенет и Тоби… од обете страни како што лежевме…“ Потоа трескавично се раскопав во брдото коешто се протегаше најблизу до мене; копајќи очајно, трепетливо, но скоро веселнички; копајќи и најпосле дерејќи се гласно со некое неодредено чувство кога наидов на тунел или дувло исто како она низ коешто бев ползел таа демонијачка вечер.

Потоа се сеќавам како трчав, со мотиката в рака; одвратно трчање преку месечево-осветлени и брдо-жигосани ливади и преку заболени, стрмоглави понори на опседнати ридски шуми; рипајќи, врескајќи, бревтајќи, скокајќи кон ужасната вила на Мартенсови. Се сеќавам како непристрастно копав низ сите делови на од вресови запушената визба; како копав да ја најдам срцевината и средиштето на тој злоќуден универзум на брда. И потоа се сеќавам како се смеев кога налетав на преминот; дупката при темелот на стариот оџак, каде што густите плевели растеа и фрлаа настрани сенки од светлината на единствената свеќа која ја имав понесено со себе. Што беше останало во тоа адско улиште, да демне и да чека да грмежи го скорнат, не знаев да кажам. Две имаа загинато; можеби со тоа и се докусури работата. Но и понатаму ми остануваше таа жарна одлучност да ги достигнам најдлабоките тајни на стравот за кој повторно слутев дека е одредлив, материјален и органски.

Неодлучните умувања за дали сам и уште веднаш да го истражам преминот со џебната батерија или да соберам тајфа распосланици за потрагата, по некое време ми беа прекинати од ненадеен налет на ветер од надвор кој ја дувна свеќата и ме остави во црна темница. Месечината веќе не светеше низ пукнатинките и окната над мене и со осет на кобна тревога го чув зловестниот и предзначен бабот на грмежите кои наближуваа. Русвај на поистоветливи идеи ми го опседна мозокот, терајќи ме назадечки да си распипам пат кон најдалечниот ќош на визбата. Меѓутоа очите никогаш не ми се тргнаа од ужасниот отвор при темелите на оџакот; и почнав да наѕирам низ разронетите цигли и нездравите плевели додека бледи блесоци на молња продираа низ коријата надвор и ги осветлуваа пукнатинките на горниот дел на ѕидот. Секој миг ме обземаше мешавина на страв и љубопитност. Што ли ќе повика бурата - останало ли нешто за да биде повикано? Воден од секавица, се сместив зад еден дебел грмушен густеж, низ којшто можев да ги видам отворите без да бидам виден.

Ако небесата е милостива, еден ден ќе ми ја истружи од свеста глетката што ја видов и ќе ме остави да си ги проживеам последните години во мир. Сега не можам да спијам навечер и морам да пијам опијати кога грми. Нештото дојде нагло и ненајавено; демонско, глувчешко растрчување од далечни и незамисливи јами, пеколно збивтање и придушено гровтање, а потоа од тој отвор под оџакот прасок на плипот од лепрозен живот - погана ноќнокотна поплава од органска расипаност поопустошувачки одвратна од најцрните вражби на смртничко лудило и морбидност. Превирајќи, вриејќи, струејќи, клокотејќи небаре змиска слинка се извлече од таа зјајната дупка, ширејќи се како септичка зараза и извирајќи од визбата при секоја точка на испад - извирајќи за да се раштрка низ проколнатите полноќни шуми и да сее страв, лудило и смрт.

Господ знае колку ги имаше - сигурно беа илјадници. Потресно беше да се гледа нивното извирање под тие бледи, испрекинати молњи. Кога доволно се изретчија за да може да се распознаат како одделни организми, видов дека се џуџести, изобличени влакнести ѓаволи или шебеци - чудовишни и ѓаволски карикатури на мајмунското племе. Беа толку одвратно тивки; едвај цивкање се слушна кога еден од последните заостанати се сврте со добро извежбана вештина и небаре по навика му се нафрли на еден од послабите придужници да го јаде. Другите го докусурија она што го остави и јадеа со разлигушена наслада. Тогаш и покрај тоа што бев замајан од уплав и гадење, морбидната љубопитност во мене надвладеа; и како што тој ад на непознат кошмар го излачуваше последното страшилиште, го извлеков пиштолот и го застрелав под закрила на грмежите.

Раздерени, влечугави, поројни сенки од црвено вискозно лудило гонејќи се една со друга низ бескрајни, крволочкосани коридори на виолетово молскавичаво небо… безоблични привиденија и калеидоскопски мутации на гробождерна сцена од спомените; шуми од чудовишни, пренахранети дабови со змијски корени кои се извитоперуваат и цицаат неименливи сокови од земја вошлосана од милиони човекојадни ѓаволи; брдовидни пипала кои се грабаат од подземни јадра на полипна перверзија… луди молњи над злоќудни забршленети ѕидови и демонски алеи запушени од габеста вегетација… Фала Му на Бога за нагонот кој несвесно ме поведе до места кај што живеат луѓе; сѐ до мирното село кое спиеше под спокојните ѕвезди на разведреното небо.

По една недела имав доволно закрепнато да пуштам абер до Олбани за да испратат банда луѓе да ја разнесат вилата на Мартенсови и целиот капец на Темпест Планина со динамит, да ги затнат сите откривливи брдни дувла и уништат некои извесни пренахранети дрвја чие самоти постоење се чинеше како навреда за здраворазумноста. Откако го сторија ова можев малку полесно да спијам, ама никогаш нема да најдам вистински одмор сѐ додека се сеќавам на таа безимена тајна на демнечкиот страв. Ќе ме прогонува, зашто кој би можел да потврди дека истребувањето е потполно и дека рамнообразни феномени не постојат низ целиот свет? Кој, со моето знаење, би можел да помисли на непознатите пештери на земјата без кошмарен фрас од идни можности? Не можам да се испулам кон бунар или кон влез на метро без да ми поминат морници… зошто докторот не може да ми даде нешто да ме заспие или вистински да ми го смири мозокот кога грми?

Она што го видов на светлото на батеријата откако го застрелав неизречливиот заостанат ствар беше толку едноставно што скоро една минута истече пред да сфатам и да паднам во бунило. Стварот беше гаден; валкано, белузлаво, горилско нешто со остри жолти песјаци и заплеткано крзно. Беше врвниот производ на цицачка уназаденост; стравотниот исход на отсечено котење, множење и човекојадна прехрана над и под земјата; олицетворение на сиот раз’ржан хаос и исцерен страв кој демне зад животот. Ме погледна додека умираше и очите му ја имаа истата несекојдневна особина која ги одбележуваше тие други очи кои зјапаа во мене под земјата и ми возбудија магливи спомени. Едното око беше сино, другото кафеаво. Беа разноликите Мартенсови очи од старите легенди и во еден преплавувачки катаклизам на безгласен ужас знаев што беше биднало со исчезнатото семејство; со стравотната и грмежоизлудена лоза на Мартенсови.