Јас сум Базил Елтон, светилничар на „Норт поинт“ кој и татко ми и дедо ми пред мене го беа чувале. Далеку од брегот се издига сивиот светилник, над потопени лигави карпи кои се видливи при осека, но невидливи при плима. Крај тоа светло цел еден век се лизгале величествените барки од седумте мориња. Во дните на дедо ми ги имало многу; во дните на татко ми не толку многу; а сега се толку малку што понекогаш се чувствувам чудно осамен, небаре сум последниот човек на нашава планета.
Од далечни брегови доаѓале тие белоедрени аргоси во дамнина; од далечни источни брегови кај што топли сонца сјаат и мисковини тлеат низ чудни градини и шенливи храмови. Старите морски капетани често доаѓале кај дедо ми и му раскажувале вакви работи, коишто тој, пак, му ги раскажувал на татко ми, а татко ми ми ги раскажуваше мене во долгите есенски вечери кога ветерот ветроштински вееше од исток. А јас сум читал и други нешта за овие работи, а и за многу други работи набашка, во книгите кои луѓето ми ги даваа кога бев млад и полн со чудење.
Но почудесни од преданијата на старците и преданијата на книгите се тајните преданија на океанот. Син, зелен, сив, бел или црн; мазен, набран или планинест; тој океан не е тивок. Катаден сум го гледал и слушал и добро го познавам. Отпрво ми раскажуваше само прости сказнички за мирни плажи и блиски пристаништа, но низ годините стана подоверлив и ми прозборе за други нешта; за нешта почудни и подалечни во простор и време. Понекогаш при самрак сивите чуреи на хоризонтот се разделуваат за да ми дадат да ги наѕрам патиштата од отаде; а понекогаш навечер длабоките води на морето стануваат бистри и светлозрачни за да ми дадат да ги наѕрам патиштата одоздола. И колку што ваквите наѕирања биле кон патишта од сега, толку биле и кон патишта од порано и патишта кои можеби ќе се од допрва; зашто океанот е подревен од планината и изнатоварен со спомените и со соништата на Времето.
Од југ доаѓаше Белиот брод на времето, кога месечината беше полна и високо на небесата. Од југ се лизгаше многу глатко и тивко преку морето. И дали морето било немирно или мирно и дали ветерот бил пријателски или сопернички, сеисто се лизгаше глатко и тивко, со далечните едра и долгите чудни редови весла што ритмички се движеа. Една вечер на палубата догледав човек, брадат и наметнат и се чинеше како да ми мафта да отпловам кон лични непознати брегови. Многупати потоа го гледав под месечината и севезден ми мафташе.
Многу силно сјаеше месечината ноќта кога се одзвав на повикот и зачекорев преку водите до Белиот брод по мост од месечеви зраци. Човекот кој ми мафташе сега ми посака здравоживо во лек јазик кој се чинеше дека добро го познавам и часовите беа исполнети со леките песни на веслачите како што се лизнавме кон загадочниот југ, позлатени од светливоста на таа полна, благолика месечина.
И кога зазори денот, розев и блештив, го здогледав зелениот брег на некои далечни земји, светол и прекрасен и за мене непознат. Од морето пругоре се издигаа госпотски тераси од зелениште, начичкани со дрвја и покажувајќи ги де ваму де таму светкавите бели покриви и колонади на чудни храмови. Како што се приближувавме до зелениот брег брадатиот човек ми раскажа за таа земја, земјата Зар, кај што домуваат сите соништа и мисли на убавина кои само еднаш им дошле на луѓето и потоа биле заборавени. И кога повторно им се испулив на терасите видов дека тоа што го кажа беше вистина, зашто среде глетките пред мене имаше многу нешта коишто и порано ги имав видено низ маглините зад хоризонтот и во светлозрачните длабини на океанот. Имаше и облици и фантазии повелелепни од сите кои дотогаш ги бев знаел; привиденија на млади поети кои умреле во немаштија пред светот да може да научи што беа виделе и сонувале. Но не стапнавме врз закосените ливади на Зар, зашто се вели дека оној кој таму ќе се рашета веќе не ќе може да се врати до родниот брег.
Како што Белиот брод тивко отпловуваше од храмовите тераси на Зар, на далечниот хоризонт пред нас ги опуливме кулите на грамаден град; и брадатиот човек ми рече: „Ова е Таларион, Градот на Илјада Чуда, кај што живеат сите мистерии кои луѓето залудно се стремеле да ги сознаат.“ И повторно погледнав, од поблиску, и видов дека градот е поголем од било кој друг град кој дотогаш сум го сонувал или знаел. До небо достигаа кулите на неговите храмови, та да не може човек врвовите да им ги догледа; и надалеку зад хоризонтот се протегаа смуртените, сиви ѕидови над коишто можеше да се соѕрее саде по некој покрив, чуден и кобен, а сепак закитен со богати фризови и примамливи скулптури. Јако чезнеев да влезам во овој воодушевувачки, а сепак одбивен град и го помолив брадатиот човек да ме спушти на камениот док крај огромната изрезбарена порта Акариел; но тој нежно ми ја одби желбата, велејќи: „Во Таларион, Градот на Илјада Чуда, многумина пошле, но никој не се вратил. Таму се шетаат саде демони и луди нешта кои веќе не се луѓе и сокаците се бели од незакопаните коски на оние кои му се испулиле на подобието Лати, кое владее со градот.“ Така Белиот брод ги одмина ѕидовите на Таларион и многу денови следеше една птица југолетница, чии сјајни перја беа во тон со небото од каде што се имаше појавено.
Потоа стасавме до пријатен залив шенлив од цветови со секаков шар, каде што на копното до кај што ни гледаа очи лични шумјаци и зрачни перголи се сончаа под пладнинско сонце. Од сеници надвор од видик доаѓаа налети песна и по некој стих лирична хармонија, прошарани со бледа смеа толку шеќерна што ги бодрев веслачите да поитаат, од желност да стигнеме до сцената. А брадатиот човек не прозборе, туку ме гледаше како што се приближувавме до лилјанопорабениот брег. Одненадеж ветер кој задува од зад цветните ливади и разлистени кории донесе мирис од којшто затреперив. Ветерот се засили и воздухот се наполни со смртната, костурничарска миризба на чумосотрени паланки и отпретани гробишта. Како што лудо отпловивме од тој проклет залив брадатиот човек најпосле прозборе, велејќи: „Ова е Ксура, Земјата на Задоволства Неостварени.“
Така Белиот брод повторно ја заследи небесната птица, преку топли блажени мориња павкани од галежни, ароматични ветриња. Ден за ден и ноќ за ноќ кај пловевме и кога месечината беше полна ги слушавме леките песни на веслачите, слатки како во онаа далечна ноќ кога отпловивме од мојата далечна родна земја. И на месечина бидна да најпосле се закотвиме во сидриштето на Сона-Нил, кое е вардено од дупли ‘ртови од кристал кои се издигаат од морето и се среќаваат во велелепен лак. Ова е Земјата на Мечти и зачекоревме до раззеленетиот брег преку златен мост на месечеви зраци.
Во земјата Сона-Нил нема ни време ни простор, ни страдање ни смрт; и многу раздобја таму домував. Зелени се шумјаците и пасиштата, бујни и миризливи цвеќињата, сини и мелодични потоците, бистри и студени шадрваните и отмени и преубави храмовите, замоците и градовите на Сона-Нил. Ѝ нема синор на таа земја, зашто зад секој видик на убавина се јавува друг, уште поубав. Низ селските предели и среде велелепноста на градовите лунѕа кај што му душа сака среќниот народ од којшто секој човек е даруван со ненагрдена елеганција и сафи среќа. За време на раздобјата кога таму домував блажено талкав низ градини кај што живописни пагоди ѕиркаат од допадливи густежи на грмушки и кај што белите врвици се оградени со деликатни цветови. Искачував благи ридови од чиишто капци можев да видам замајувачки панорами на личотија, со кулести паланки вгнездени сред раззеленети долини и со златни куполи на џиновски градови мижуркави на бесконечно далечниот хоризонт. А на месечина, му се изнагледував на блескавото море, кристалните ‘ртови и сталоженото сидриште во коешто закотвен стоеше Белиот брод.
Наспроти полната месечина една вечер во исконската година на Тарп бидна да ја видам оцртана формата на ѕвездената птица и ги почувствувам првите признаци на немир. Тогаш прозборев со брадатиот човек и му кажав за новото чезнеење да заминам за далечната Катурија, која никој жив не ја беше видел, но која сите мислат дека лежи зад базалтните столбови на западот. Тоа е Земјата на Надеж и во неа сјаат совршените идеали на сето она што сме го сретнале на други места; или барем така зајавуваат стари. Но брадатиот човек ми рече: „Варди се од опасните мориња кај што луѓето велат дека лежи Катурија. Во Сона-Нил нема ни болка ни смрт, но кој да знае што лежи зад базалтните столбови на западот?“ Ама јас на наредната полна месечина сепак се качив на Белиот брод и со неволниот брадат човек го напуштив среќното сидриште за непропатувани мориња.
И небесната птица леташе напред и нѐ поведе кон базалтните столбови на западот, но овој пат веслачите не пееја леки песни под полната месечина. Во мислите често си ја замислував непознатата земја Катурија со нејзините велелепни шумјаци и палати и се прашував какви ли нови наслади ме чекаат таму. „Катурија“, си велев, „е домовина на богови и земја на небројни градови од злато. Шумите ѝ се саде алоја и сандаловина, исти како миризливите шумјаци на Каморин и среде дрвјата првкаат шенливи птици сладопојни. На зелените и цветни планини на Катурија се издигаат храмови од розев мермер, богати со изрезбарени и насликани величества и со студени шадрвани од сребро низ дворовите, каде со опојна музика ромонат миризливите води кои потекуваат од шуплинородната река Нарг. А градовите на Катурија се опашани со златни ѕидови, а и калдрмата исто им е од злато. Во градините на овие градови има чудни орхидеи и езера што мирисаат на мисковина чии корита се од корал и килибар. Навечер улиците и градините се осветлени од шенливи фенери изработени од тробоен оклоп од желка и тука ечат леките ноти на песнопојци и свирачи на лаута. А куќите во градовите на Катурија сите до една се палати, секоја изградена над миризлив канал кој ги носи водите на светата Нарг. Од мермер и порфир се куќите и покриени со светкаво злато кое ги одбива зраците на сонцето и ја зголемува велелепноста на градовите додека блажени богови ги набљудуваат од далечни врвови. Најлична од сите е палатата на големиот монарх Дориб, за кој некои велат дека е полубог, а други бог. Висока е палатата на Дориб и многубројни ѝ се торетите од мермер врз ѕидовите. Во нејзините широки дворци се збира едночудо раја и тука висат трофеи од сите изминати доби. А таванот е од суво злато, поставен врз високи столбови од рубин и азурит и има такви изрезбарени фигури на богови и херои што на оној кој ќе погледне нагоре кон тие височини му се чини небаре ѝ се пули на живата Олимп. А подот на палатата е од стакло, под коешто течат очиклено осветлените води на Нарг, шенливи со дречливи риби непознати надвор од синорот на личната Катурија.“
Вака си велев за Катурија, но брадатиот човек севезден ме предупредуваше да се вратам кон среќните брегови на Сона-Нил; зашто Сона-Нил им е позната на луѓето, а никој никогаш не ја опулил Катурија.
И на триесет и првиот ден откако ја заследивме птицата, ги опуливме базалтните столбови на западот. Загрнати беа во маглина, та човек да не може да се испули зад нив или да им ги види капците - коишто некои велат дека достигале и до небесата. И брадатиот човек повторно ме преколнуваше да се вратам, но не го поризав; зашто од маглините зад базалтните столбови ми се пристори како да доаѓаат ноти на песнопојци и свирачи на лаута; послатки од најслатките песни на Сона-Нил и како ме фалат низ песна; ме фалат мене, кој бев допловил до далеку под полната месечина и домував во Земјата на Мечти.
Така кон звукот на мелодијата заплови Белиот брод во маглините измеѓу базалтните столбови на западот. А кога музиката запре и маглините се дигнаа, не ја пулевме земјата Калтурија, туку струјно и пенливо нескротливо море, преку коешто беше понесена нашата беспомошна барка кон некоја непозната цел. Наскоро до ушите ни стигнаа далечни татнежи на вода што паѓа и пред очи на далечниот хоризонт пред нас ни се појавија титанските водни прашини на чудовиштен катаракт, кај што океаните на светот пропаѓаат во безгазерна празнотија. Тогаш брадатиот човек ми рече со солзи на образот: „Ја отфрливме прекрасната земја Сона-Нил, на којашто веќе никогаш не ќе можеме да ѝ се испулиме. Боговите се повелики од човекот и победата е нивна.“ И ги склопив очите пред тресокот кој знаев дека ќе настапи, заклопувајќи ја глетката на ѕвездената птица која пафташе со потсмешливите сини крилја над работ на поројот.
Од тој тресок фати темница и го чув дерењето на луѓе и на нешта што не беа луѓе. Од исток надојдоа луљоносни ветрови и ме смрзнаа додека клечев на плочата од мокар камен која ми се беше издигнала од под нозе. Тогаш кога слушнав друг тресок ги отворив очите и се видов како стојам врз платформата на оној светилник од кај што бев отпловил пред толку многу раздобја. Во темнината под мене демнеа заматените контури на пловило разбиено врз свирепите карпи и кога фрлив поглед преку пустошот видов дека светлото беше замрело за првпат откако дедо ми го беше презел да го варди.
И во покасните ноќни саати, кога влегов во кулата, на ѕидот здогледав календар кој уште беше останат како кога го оставив во часот кога отпловив. Со мугрите се симнав од кулата и го побарав кршот врз карпите, но го најдов само ова: чудна мртва птица чиј шар беше како азурното небо и само еден разбиен бродски крст, со белина поголема од онаа на брановите врвови или планинскиот снег.
И потоа океанот веќе не ми ги кажуваше своите тајни; и иако многупати оттогаш месечината светела полна и високо на небесата, Белиот брод од југ никогаш веќе не дојде.