Полиграматон


Изворен наслов „Ал Азиф“ - „азив“ е збор кој Арапите го користат за означување на ноќниот звук (кој го прават инсекти) за кој се вели дека бил завивање на демони.

Составен од Абдул Алхазред, лудиот поет од Сана, во Јемен, за кој се вели дека најплоден период на творештво му бил перидот на Омејадските калифи, околу 700та. Ги посетил урнатините на Вавилон и подземните тајни на Мемфис и поминал десет години сам во големата јужна пустина во Арабија - во Руб ел Хали или „Празниот простор“ на древните народи - и „Дехна“ или „Румената“ пустина на модерните Арапи, за која се верува дека е населена од заштитни зли духови и чудовишта на смрт. За оваа пустина, многу необични и неверојатни чудесии се раскажуваат од страна на оние кои настојуваат дека ја имаат продрено. Во неговите последни години Алхазред домувал во Дамаск, каде што „Некрономиконот“ („Ал Азиф“) бил напишан и за неговата конечна смрт или исчезнување (738ма) многу ужасни и противречни нешта се раскажуваат. За него Ебн Халикан (животописец од 12тиот век) вели дека бил зграпчен од невидливо чудовиште среде бел ден и ужасно изеден пред голем број на страво-скаменети сведоци. За неговото лудило се раскажуваат многу нешта. Тврдел дека го има видено баснословниот Ирам, или Градот на Столбови, и дека ги нашол под урнатините на некој извесен безимен пустински град потресните летописи и тајни на раса постара од човештвото. Бил рамнодушен кон Исламот, обожавајќи незнајни ентитети кои ги викал Јог-Сотот и Ктхулху.

Во 950тa, „Азиф“, којшто достигнал значителен, макар што потаен оптек меѓу философите од таа ера, тајно бил преведен на грчки од Теодор Филит од Константинопол под насловот „Некрономинон“. Цел век поттикнувал извесни експериментатори на ужасни опити, кога потоа бил потиснат и изгорен од патријархот Михаил. После ова е споменуван само стаено; но Олаус Вормиус (1228ма) изработил латински превод подоцна во средниот век и латинскиот текст бил испечатен два пати - еднаш во петнаесеттиот век во готско писмо (очевидно во Германија) и еднаш во седумнаесеттиот век (највер. Шпански) - и двете изданија без никакви препознатливи белези, и одредливи во однос на време и место единствено по внатрешни типографски докази. Делото и на латински и на грчки било забрането од папата Григориј IX во 1232, набрзо по неговиот латински превод, којшто привлекол внимание кон него. Арапскиот оригинал бил изгубен уште од времето на Вормиус, како што е укажано во неговата предговорна забелешка; а за грчката копија - којашто била испечатена во Италија помеѓу 1500та и 1550та - не е пријавена никаква трага по горењето на библиотеката на еден извесен човек од Салем во 1692ра. Англискиот превод изработен од страна на д-р Ди никогаш не бил испечатен и постои само во одломки зачувани од изворниот ракопис. Од латинските текстови кои сега постојат за еден (15ти век) се знае дека е под клуч во Британскиот музеј, додека друг (17ти век) е во „Библиотек Национал“ во Париз. Изданија од седумнаесеттиот век има во библиотеката „Вајденер“ во Харвард и во библиотеката на Мискатонскиот универзитет во Аркам. Како и во библиотеката на универзитетот „Буенос Аирес“. Многубројни други копии најверојатно постојат потајно и за една која датира од петнаесеттиот век упорно се зборува дека сочинува дел од збирката на еден прославен американски милионер. Една уште понејасна гласина го препишува зачувувањето на грчки текст од шеснаесеттиот век на фамилијата Пикман од Салем; но ако навистина бил зачуван, го снема со уметникот Р. А. Пикман, кој исчезна во раниот дел на 1926та. Книгата е кораво потисната од властите на повеќето земји и од гранките на секој организиран клерикализам. Читањето води до ужасни последици. Од гласини за оваа книга (за којашто релативно малкумина од широката јавност знаат) се вели дека на Р. В. Чејмберс му произлегла идејата за неговиот ран роман „Кралот во жолто“.


Хронологија


„Ал Азиф“ напишан околу 730та во Дамаск од Абдул Алхазред

Прев. на грчки 950та како „Некрономикон“ од Теодор Филит

Изгорен од Патријархот Михаил 1050та (т.е. грчкиот текст). Арапскиот текст загубен.

Олаус го преведува грч. на латински 1228ма

1232ра латинско изд. (и грч.) потис. од папата Григориј IX

14… испечатено издание во готско писмо (Германија)

15… грч. текст испечатен во Италија

16… шпанско препечатување на латинскиот текст


Седевме на една дотраена гробница од седумнаесеттиот век во касното попладне на еден есенски ден во старите гробишта во Аркам, и умувавме за неименливото. Гледајќи кон огромната врба во средината на гробиштата, чие стебло речиси беше проголтало една древна, нечитлива плоча, направив една фантастична примедба за призрачната и неспоменлива прехрана којашто гигантските корени сигурно ја цицаат од таа ветова, костурничарска земја; кога мојот пријател ме искуди за таквите бесмислици и ми кажа дека бидејќи тука веќе повеќе од век не се одржувале закопи, не може да постои апсолутно ништо за да би го хранело дрвото на некој друг начин освен на обичниот. Освен тоа, додаде, моите постојани муабети за „неименливи“ и „неспоменливи“ нешта биле многу недоквакан инструмент, мошне во чекор со мојот понизен статус како автор. Премногу сум бил склон да ги завршувам моите приказни со глетки или звуци кои ги вкочануваа способностите на моите херои и ги оставаа без храброст, зборови или поистоветувања за да раскажат што беа доживеале. Ги запознаваме работите, рече, само преку петте сетила или нашите религиски инстинкти, одошто следи дека е мошне невозможно да посочиме кон предмети или збиднувања кои не можат јасно да бидат претставени од конкретната дефиниција на факти или од соодветните доктрини на теологијата - по можност онаа на конгрегационистите со какви било измени кои народните верувања и Сер Артур Конан Дојл би можеле да ги предложат.

Со овој пријател, Џоел Мантон, често безволно расправав. Беше директор на средното школо Ист Хај, роден и растен во Бостон, делејќи ја новоанглиската самобендисана глувост за префинетите призвуци на животот. Негов поглед беше дека само нашите обични, објективни искуства поседуваат некаква естетска значајност и дека занаетот на уметникот не е до толку да пробуди силни чувства преку дејствија, занес и вчудовиденост, туку повеќе да одржува сталожен интерес и ценење преку прецизни, подробни преписки на секојдневни работи. Особено приговараше кон мојата преокупација со мистичното и необјаснетото; зашто иако веруваше во натприродното многу повеќе од мене, не сакаше да признае дека е доволно секојдневно за книжевна обработка. Тоа дека умот може да ги пронајде најголемите задоволства во бегства од дневната рутина и во оригинални и драматични пресклопувања на слики обично фрлени од навика или премаленост во излитените дезени на суштинското постоење, беше нешто потполно неверојатно за неговиот бистар, практичен и логичен интелект. За него сите нешта и чувства имаа постојани големини, својства, причини и учиноци; и иако бледо знаеше дека умот понекогаш содржи слики и осети од далеку помалку геометриска, одредлива и ковлива природа, веруваше дека е оправдан во цртање на произволна линија и не сакаше ни да чуе за ништо што не може да биде искусено или објаснето од просечниот граѓанин. Освен тоа, беше скоро сигурен дека ништо не може да е вистински „неименливо“. Не му звучеше разумно такво нешто.

И покрај тоа што ја сфаќав бесцелноста на фантастични и метафизички аргументи наспроти самобендисаноста на еден конзвервативен дено-шетач, нешто во сцената на овој пладневен муабет ме придвижи кон повеќе од вообичаеното противења. Разронетите шкрилни плочи, патриархалните дрва и вековните мансардни покриви на од вештерки опседнатот стар град кој се протегаше наоколу се соедининија заедно за да ми ја спотнат душата кон одбрана на моето дело; и наскоро почнав да заривам напади на тлото на непријателот. И навистина не беше тешко да се почне со противнапад, зашто знаев дека Џоел Мантон всушност дополу се држеше за многу суеверни бабини деветини коишто софистицирани луѓе одамна ги беа одраснале; верувања во појавувања на мртви личности на далечни места и во впечатоци направени од стари лица на прозорците низ коишто беа гледале цел живот. Да им се даде веродостојност на овие шепоти на селски баби, сега инсистирав, посочува кон вера во постоењето на сенишни суштини на земјата одделни од и последователни на нивните материјални пандани. Посочуваше кон способност на верување во феномени надвор од сите обични замисли; зашто ако мртовецот може да ја емитува својата видлива или допирлива појава на другиот крај на светот, или низ распоните на вековите, како може да е апсурдно да се претположи дека напуштените куќи се полни со настрани сознателни нешта, или дека старите гробишта вријат со ставотната, растелесена стреш на поколенијата? И бидејќи душата, со цел да ги предизвика сите пројави кои ѝ се препишуваат, не може да се ограничи со никои од законите на материјата; зошто е екстравагантно да се замислат психички живи мртви нешта во облици - или во отсуство на облици - кои за човечки набљудувачи мора да се крајно и одбивно „неименливи“? „Здравиот разум“ во промислување на ваквите теми, го уверив пријателот со извесна топлина, е ништо повеќе од глупаво отсуство на мечта и умствена растегливост. 

Сега веќе ближеше самрак, но ниеден од нас не чувстуваше желба да престане да зборува. Мантон се чинеше нетргонат од моите аргументи и беше желен да ги побие, имајќи ја онаа доверба во сопствените мислења којашто несомнено му го беше овозможила неговиот успех како професор; додека јас бев пресигурен во моето тло за да се плашам од пораз. Самракот падна, и светла бледо замижуркаа во некои од далечните прозорци, но ние не се помрднавме. Нашето седиште врз гробницата беше многу удобно и знаев дека на мојот прозаичен пријател нема да му пречи зјајнатиот процеп во древниот, од корени вознемирен циглен ѕид позади нас, или крајната црнина на местото предизвикана од посредништвото на климавите, напуштени куќи од седумнаесеттиот век помеѓу нас и најблискиот осветлен пат. Таму во мракот, врз таа расцепена гробница крај напуштената куќа, продолживме да зборуваме за „неименливото“, и откако мојот пријател заврши со неговото мајтапење му кажав за страшниот доказ позади приказната со којашто најмногу се мајтапеше.

Сказната ми се викаше „Таванскиот прозорец“, и се појави во јануарското издание на „Шепоти“ во 1922ра. Во немал број места, особено на јужниот и пацифичкиот брег, ги тргнаа списанијата од штандовите после поплаки од смешни мекушавци; но Нова Англија не ја сфати вознемиреноста и само крена раменици кон мојата прекумерност. Нештото, се настојуваше, беше,  како прво, билошки невозможно; само уште една од оние луди селски мрморења коишто Котон Матер беше бил доволно наивен да ги нагнете во својата безредна „Магналија Кристи Американа“, и толку лошо проверена што дури и тој не се беше закренал да ја именува месноста каде што се случи ужасот. А што се однесува на начинот на којшто јас ги бев појачал оскудните чкрапаници на стариот мистик - тоа беше мошне невозможно и карактеристично за еден лекомислен и залисан драскач! Матер навистина беше раскажал дека нештото се родило, но никој освен евтин пишувач на преувелучувања не би помислил дека пораснало, гледало низ прозорите на луѓе навечер, и било скриено во таванот на некоја куќа, во тело и во дух, додека некој не го видел на прозорецот векови покасно и не можел да опише што било она што му ја побелело косата. Сѐ ова беше еклатантен шунд и мојот пријател Мантон не се двоумеше да настојува на тој факт. Тогаш му кажав што имав најдено во еден стар дневник воден помеѓу 1706та и 1723та, ископан меѓу семејни документи нецела милја од каде што седевме; тоа, и извесната вистинитост на лузните на градите и грбот на мојот предок, коишто дневникот ги опишуваше. Му кажав и за стравовите на другите од тој предел, и за како беа шепотени низ поколенијата, и како не беше митско лудилото кои го снашло момчето кое во 1793та влегло во напуштената куќа да испита извесни траги за кои се сомневаше дека се таму.

Беше било устрелно нешто - не е ни чудо што чувствителни ученици треперат од пуританската доба во Масачусетс. Толку малку се знае за што се збиднувало под површината - толку малку, а сепак е толку одвратна гнојност што клокоти гнило преку повремени гробождерни глетки. Вештерскиот уплав е ужасен зрак светлина на она што се крчкало во здробените мозоци на луѓето, но дури и тоа е само ронка. Немало убавина; немало слобода - го гледаме ова од архитектонските и куќните останки, и отровните проповедања на згрчените богослови. И во таа лудачка кошула од ‘рѓосано железо демнела вџашена одвратност, извитопереност и ѓаволштилук. Тука, вистинки, беше апотеозата на неименливото.

Котон Матер, во таа демонијачка шеста книга која никој не треба да ја чита после темница, не штедеше зборови додека ја фрлаше својата анатема. Строг како Еверјски пророк и лаконски невчудовиден како што никој после негово време не може да биде, раскажуваше за ѕверот којшто го беше донел на свет она што беше повеќе од ѕвер, но помалку од човек - нештото со бемка на окото - и за развресканиот пијан клетник кој го обесиле одошто имал такво око. Волку кажуваше со смелост, но без трага за она што се случило потоа. Можеби не знаеше, или можеби знаеше, но не се осмелуваше да каже. Други знаеја, но не се осмелуваа да кажат - нема јавна трага за зошто шепотеа за катанецот на вратата на таванските скали во куќата на безпородниот, скршен, огорчен старец кој беше кренал празна шкрилна плоча крај еден избегнуван гроб, макар што човек може да изнајде доволно затаени легенди што би ја смрзнале и најврелата крв.

Сѐ има во тој семеен дневник кој го најдов; сите шепотливи наговестувања и стаени сказни за нешта со бемка на окото видени на прозорци во ноќта или во напуштени ледини близу кориите. Нешто го беше начекало мојот предок на некој мрачен пат низ долината, оставајќи го со траги од рогови на градите и од мајмуновидни канџи на грбот; и кога побараа стапалки во изгазената прав ги најдоа измешаните траги на расцепени копита и бледо антропоидни шепи. Еднаш еден саиџија рече дека видел некој старец како брка и вика по некое стравотно разрипано, безимено нешто на Медоу Хил во слабомесечевите саати пред зората и многумина му веруваа. Вистина беше дека имало чудни муабети една ноќ во 1710та кога безпородниот, скршен старец беше закопан во гробницата позади неговата куќа во доглед на празната шкрилна плоча. Никогаш не ја отклучија таванската соба, туку ја оставија целата куќа како што беше, ненавистна и напуштена. Кога од неа ќе допреа звуци, шепотеа и се тресеа; и се надеваа дека катанецот на таванската врата е јак. Потоа престанаа да се надеваат кога ужасот се случи кај поповата куќа не оставајќи никој жив или во едно парче. Со годините легендите добиваат призрачен лик - чинам дека суштеството, ако беше живо суштество, мора да беше умрело. Споменот одвратно беше тлеел - направен уште поодвратен одошто беше толку таен.

За време на ова излагање мојот пријател Мантон беше станал многу тивок и видов дека моите зборови му оставија впечаток. Не се насмеа кога застанав, туку мошне сериозно ме запраша за момчето кое полудело во 1793та, и кое би можело да е првенецот на мојот расказ. Му кажав зошто момчето беше отишло до таа одбегнувана, напуштена куќа и додадов дека и него треба да би го интересирало, штом верува дека прозорците задржуваат потајни слики на оние кои беа седеле пред нив. Момчето имаше појдено за да ги види прозорците на тој ужасен таван, поради сказните за нешта видени позади нив, и се беше вратило врескајќи манијачки.

Мантон остана замислен кога го кажав ова, но посетепено се поврати во своето аналитичко расположение. Дозволи, за колку да се рече, дека некакво неприродно чудовиште вистина постоело, но ме потсети дека дури и најморбидните извитоперувања на природата не значи дека треба да се неименливи или научно неописливи. Му се восхитував на бистроста и упорноста и додадов некои додатни откровенија кои ги имав собрано од меѓу старите. Овие покасни призначни легенди, јасно изложив, беа во врска со чудовишни привиденија поставотни од каква и да било органска работа; привиденија на џиновски ѕверски облици понекогаш видливи, а понекогаш само опипливи, кои лебдеа наоколу на бесмесечеви ноќи и ја опседнуваа старата куќа, гробницата позади неа, и гробот каде што фиданка беше пркнала крај една нечитлива плоча. Дали таквите привиденија некогаш имале продупувано или задушувано луѓе до смрт како што се раскажуваше во непотврдените народни верувања, или не, сепак имаа создадено силен и постојан впечаток; и сеуште беа предмет на мрачен уплав за многу стари староседелци, макар што во голем дел беа заборавени од двете последни поколенија - можеби умирајќи од што недоволно се мислеше на нив. Исто така, од поглед на естетска теорија, ако психичките изливи на човечки суштества се гротескни искривувања, какво разбирливо олицетворение би можело да изрази или претстави една толку испапчена и злогласна небулозност како призракот на некоја злоќудна, безредна извитопереност, која самата претставува морбидно богохулие против природата? Извајан од мртвиот мозок на хибриден кошмар, зар еден толку чуреав ужас не би го сочинувал во сета зазорлива вистина, извонредно, врискаво неименливото?

Часот сега веќе беше многу касен. Своеобразно бесчуен лилјак профучи крај мене и мислам дека го допре и Мантон, зашто иако не можев да го видам, го почувствував како ја крева раката. Потоа прозборе.

„Но дали таа куќа со таванскиот прозорец сеуште стои и е напуштена?“

„Да,“ одговорив. „Сум ја видел.“

„И си нашол нешто таму - на таванот или некаде на друго место?“

„Имаше некакви коски под стреата. Можебе беа она што момчето го беше видело - ако бил чувствителен не ќе му требало ништо на стаклото на прозорецот за да го растрои. Ако сите потекнуваа од истото нешто, мора да беше било хистерична, заносна грозотија. Ќе беше богохулно да се остават такви коски на светот, па се вратив назад со една вреќа и ги одведов до гробницата позади куќата. Имаше отвор низ којшто можев да ги фрлам внатре. Не ме мисли за будала - камо да го видеше черепот. Имаше рогови од четири инчи, но лице и вилица небаре моите и твоите.“

Најпосле можев да почувствувам вистински морници како врват низ Мантон, кој беше дојден многу близу. Но љубопитноста му беше неодвратлива.

„А паноата на прозорците?“

„Ги немаше. Кај еден прозорец фалеше цело крило, а на другите немаше ни трага од стакло во малите дијаматски окна. Беа од оние - старите прозорци со украсни решетки кои излегоа од мода пред 1700та. Ми се чинеше дека сто години, а и повеќе, не беа имале стакло - можеби момчето ги искршило ако стигало до нив; легендата не кажува.“

Мантон повторно се задума.

„Би сакал да ја видам таа куќа Картер. Каде е? Стакло или не, морам да ја подистражам. И гробницата кајшто си ги оставил коските, и другиот гроб без натпис - целата работа мора да е по малку ужасна.“

„Веќе ја виде - пред да се стемни.“

Пријателот ми беше порастревожен одошто си мислев, зашто на оваа мрвка безопасна театралност невротично се оттурна од мене и всушност извика со некакво збивтано голтање коешто ослободи напор од претходен потис. Беше необичен извик, и уште поужасен бидејќи доби одговор. Зашто додека сеуште одекнуваше, чув звук на крцкање низ црната темница и знаев дека прозорец со украсни решетки се отвора во таа клета стара куќа крај нас. И бидејќи сите други крила уште од одамна беа паднати, знаев дека е грозното безстаклено крило на тој демонијачки тавански прозорец.

Тогаш надојде дегутантен налив на опор, студен воздух од истата стравотна насока, проследен со увопарателен вресок веднаш до мене на таа потресно расцепена гробница на човек и чудовиште. За миг бев кутнат од мојата грозна клупа од ѓаволското млатење на некој невиден ентитет со титанска големина, но неодредена природа; кутнат и спружен врз кореновчипчената мувла на тие ненавистни гробишта, додека од гробот излезе една таква пригушена бука на збивтање и зуење што мечтата ми ја пополни беззрачната мрачнина со Милтонски легии на изобличени ѓаволи. Имаше вртлог од пеплосувачки, леден ветер и потоа ѕвечкање на лабави цигли и гипс; но јас милосливо се онесвестив пред да можам да им го дознаам значењето.

Мантон, иако е помал од мене, е пожилав, зашто скоро истовремено ги отворивме очите и покрај неговите поголеми повреди. Диваните ни беа еден до друг, и за неколку мига сфативме дека сме во болницата Св. Марија. Посетители беа збрани околу нас во напната љубопитност, желни да ни помогнат во сеќавањето со раскажување на како сме стигнале тука, и наскоро чувме од фармерот кој нѐ беше нашол напладне во осаменото поле позади Медоу Хил, една милја од старите гробишта, на место каде што се кажува дека некоја древна кланица се беше наоѓала. Мантон имаше две злоќудни рани на градите, и некои помалку сериозни зарези или дупки на грбот. Јас не бев толку сериозно повреден, но бев целиот прекриен со фрги и модрици од највчудовидувачки лик, вклучувајќи и отпечаток на расцепено копито. Јасно беше дека Мантон знае повеќе од мене, но не им кажа ништо на зачудените и заинтересирани лекари додека не дозна какви ни се повредите. Тогаш кажа дека сме биле жртви на некој свиреп бик - макар што животното беше тешка работа за да се утврди и оправда.

Откако докторите и сестрите си отидоа, му дошепнав едно запрепастено прашање:

„Боже Господе, Мантон, но што беше? Лузните - такво ли беше?

И бев презамајан да ликувам кога во одговор ми дошепна нешто во кое до некаде и се сомневав -

„Не - воопшто не беше такво. Беше насекаде - пивтија - балган - а сепак имаше облици, илјада облици на ужас настрана од секој спомен. Имаше очи - и бемка. Беше адот - вителот - крајната грозотија. Картер, беше неименливото!



„Има сакраменти на зло како и на добро околу нас и верувам дека живееме и се движиме во непознат свет, место каде што има пештери и сенки и домувачи во самракот. Возможно е човек понекогаш да се врати по курсот на еволуцијата и мое верување е дека извесни ужасни преданија уште не се мртви.“


- Артур Макен



I


Пред само неколку недели, на еден уличен агол во селото Паскоаг во Род Ајленд, еден висок, крупен, и навидум арен пешак пробуди многу умувања со својот своеобразен пропуст во однесување. Се чини дека се беше спуштал по ридот од патот за Чепачет и среќавајќи се со погустиот кварт, скршнал кон неговата лева страна по главнот булевар каде што неколку скромни бизнис блокови придаваат чувство на урбаност. Во тој момент, без видлива провокација го извршил зачудувачкиот пропуст, левтерно зјапајќи за момент кон највисоката од зградите пред него, и потоа, со редица од ужаснати, хистерични врисоци, поулавено се вдал да трча што на крај довело до сопинање и паѓање на наредната раскрсница. Подигнат и истресен од спремни раце, било увидено дека е свесен, органски неповреден, и очевидно излечен од неговиот ненадеен нервен напад. Промрморел некое засрамено објаснување кое вклучувало некакво напрегање коешто го беше доживеал и со наведната глава се свртил назад кон патот за Чепачет, исчезнувајќи од вид со тежок чекор без ниту еднаш да се заврти. Беше чудна случка да го спопадне еден толку голем, јадар, обичнолик и навидум способен човек и чудноста не беше намалена од примедбите на еден набљудувач кој го беше препознал како потстанарот на еден добро познат млекар на работ на Чепачет.

Се воспостави дека беше бил полициски детектив од Њу Јорк по име Томас Ф. Малоун, моментално на долго боледување под лекарски надзор после некаква несоодветно пропорционална тегобна работа на некој грозоморен локален предмет којшто несреќа го беше направила драматичен. Имало рушење на неколку стари циглени згради за време на рација во којашто тој бил вклучен и нешто во врска со сѐопштата загуба на животи, како на затвореници така и на неговите придружници, сперливо го беше вџашило. Како резултат, се здобил со преизразен и аномален ужас од секоја зграда што дури и од далеку наликувала на оние кои се беа срушиле, поради што најпосле ментални специјалисти му забраниле да гледа такви работи на неопределено време. Еден полициски доктор со роднини во Чепачет ја беше именувал таа поспана паланка од дрвени колонијални куќи како идеално место за психолошко закрепнување, па таму беше и заминал паталецот, ветувајќи никогаш да не се шета меѓу поциглените улици на поголемите села сѐ додека истото не му го дозволи специјалистот од Вунсокет со којшто беше ставен во контакт. Прошетката до Паскоаг по часописи беше била грешка, и пациентот платил со уплав, модрици и понижување за неговата непослушност.

Волку им беше познато на озборувачите во Чепачет и Паскоаг, и во исто волку веруваа и најучените специјалисти. Но Малоун на специјалистите првично им беше кажал многу повеќе, сопирајќи дури кога увиде дека возвратот им е крајна неверодостојност. Потоа си ја затвори устата, воопшто не приговарајќи кога општо беше заклучено дека рушењето на извесни бедни циглени куќи во населбата Ред Хук во Бруклин и последователната смрт на многу храбри полицајци му ја беше пореметиле живчаната урамнотеженост. Премногу беше работел, велеа сите, во обидите да ги исчисти тие гнезда на безредие и насилство; и рака на срце, извесни особености беа биле доволно потресни, и неочекуваната трагедија била последната капка. Ова беше просто објаснување кое можеа сите да го разберат и бидејќи Малоун не беше прост човек, увиде дека e подобро да остане на тоа. Да им се поткажува на луѓе без мечта за ужас надвор од секоја човечка замисла - ужас на куќи и квартови и градови лепрозни и канцерозни со зло довлечкано од дамни светови - значи да си бара лудачка кошула наместо спокоен распуст, а Малоун беше разумен човек и покрај неговиот мистицизам. Го имаше далекувидниот поглед на Келтот за бизарни и скриени нешта, но брзото око на логичарот за навидум неубедливото, мешавина која го беше довела до далеку долж четириесет и двете години на неговиот живот и го имаше ставано во чудни места за човек од Даблинскиот Универзитет роден во Џорџиска вила близу Феникс Парк.

И сега, како што се осврнуваше на нештата кои ги беше видел и почувстувал и поимал, Малоун беше задоволен да ја чува несподелена тајната за што би можело да претвори еден смел борец, во растроен невротичар; што би можело да направи од стари циглени гета и мориња од мрачни, превртливи лица предмети на кошмар и устрелно знамение. Немаше да е прв пат да неговите чувства бидат приморани да тлеат непротолкувани - зашто не беше ли самиот негов чин на нурнување во полиглотската бездна на подземјето на Њу Јорк изрод надвор од разумно објаснување? Што може да им каже на прозаичните за античките вештерства и гротескните чудесии распознатливи за чувствителни очи насред отровниот казан кајшто сиот разнолик олош на неполезни ери го меша својот чемер и ги овековечува своите срамотни стравотии? Го беше видел пеколниот зелен пламен на тајни чудесии во овој бесрамен, затаен џумбуш на површна алчност и внатрешна богохулност и мирно се беше насмевнувал кога сите њујуркчани кои ги знаеше се потсмеваа на неговите експерименти со полициска работа. Беа биле мошне чешити и цинични, ругајќи му ги фантастичните потраги по незнатливи мистерии и уверувајќи го дека во тие денови Њу Јорк не содржи ништо освен евтиност и вулгарност. Еден од нив му се обложи во голема сума дека не може - и покрај неговите многубројни потресителни успеси објавени во „Даблин Ревју“ - ни да напише вистински интересна приказна за њујоршкиот џган; и сега кога ќе се присетеше, воочуваше дека космичка иронија ги беше оправдала зборовите на пророкот, истовремено побивајќи го потајно нивното лекомислено значење. Ужасот, каков што најнакрај го соѕре, не можеше да се претвори во приказна - зашто како и книгите цитирани од германскиот авторитет за По, „es lässt sich nicht lesen - не дава да биде прочитан“.



II


За Малоун, чувството на притаена мистерија во постоењето беше секогаш присутна. Во младоста ја беше чувствувал скриената убавина и занес на нештата, и беше бил поет; но сиромаштија и жалост и прогонство му го беа свртиле погледот кон помрачни насоки, и се беше дивел на оптужувањата на злото во светот наоколу. Секојдневниот живот за него беше станал фантазмагорија на морбидни сенишни проучувања, кои час светкаа и се вргалеа со заскриена гнилост како кај најдобрите ракотворби на Бредсли, час поткажуваа за стравотии позади најобичните облици и предмети како во попрефинетите и понеочигледни дела на Густав Доре. Често сметаше дека е милостливо тоа што повеќето лица со висока интелегенција се подбиваат со најдлабоките мистерии; зашто, тврдеше, ако надмоќни умови би биле некогаш ставени во целосен допир со тајните зачувани од древни и подли култови, происходните абнормалии не само што набрзо би го срушиле светот, туку би му се заканиле и на самиот интегритет на универзумот. Сите вакви промислувања беа несомнено морбидни, но остра логика и длабока смисла за хумор соодветно ги урамнотежуваа. На Малоун му беше доволно да ги остави неговите замисли упола-наѕрени и неговите забранети визии лекомислено изигрувани; и хистеријата дојде само кога должноста го фрли во пекол на откровенија пренадеен и преподмолен за бегство.

Веќе некое време беше распределен во станицата на улица Батлер Стрит во Бруклин кога разбра за случајот во Ред Хук. Ред Хук е лавирит на хибридна беда близу древното крајречје наспроти Гавернерс Ајленд, со валкани булевари кои го искачуваат ридот од доковите до она повисоко ниво каде гнилите должини на улиците Клинтон Стрит и Корт Стрит водат кон Бороу Хол. Нејзините куќи се во главно од цигли, датирајќи од првата четвртина до средината на деветнаесеттиот век и некои од помагливите сокаци и споредни улици го имаат тој примамлив вкус кој вообичаената литература нѐ тера да го викаме „дикензиски“. Населението е безнадежна тутка и енигма; сириски, шпански, италијански и црнечки елементи се прелапуваат еден со друг, со одломки од скандинавски и американски појаси кои се протегаат недалеку. Галама е од звук и гнасотија што испушта чудни викотници како одговор на шлапањето на мрсни бранови на нејзините калливи пристаништа и чудовишните оргулски литании на пристанишните свирки. На ова место поведра слика домувала во минатото, со бистрооки морепловци низ пониските улици и домови на вкус и содржајност каде што поголемите куќи го порабуваат ридот. Човек може да ги проследи останките од оваа поранешна среќа во уредните форми на градбите, повремените елегантни цркви, и доказите на оригинална уметност и позадина во делчиња на подробности ваму-таму - излижани скалила, исчукана порта, црвјосан чифт украсни столбови или пиластери, или одлом од некој некогашно зелен простор со извиткана и ‘рѓосана железна ограда. Куќите обично се во форма на блокови и одвреме-навреме по некоја многупрозорна купола се издига да зборува за дни кога домовите на капетани и бродопоседници го гледале морето.

Од оваа тутка на материјална и духовна гнојност богохулијата на стотици дијалекти го кајдисуваат небото. Орди на скитници се лулаат викајќи и пеејќи по алеите и булеварите, повремени прикриени раце ненадејно гасат светла и спуштаат завеси, и мургави, од грев избраздени лица исчезнуваат од прозори кога посетители ќе си расчепкаат пат до нив. Полицијата е очајна за ред и реформи, и повеќе се труди да крене бариери за да го заштити надворешниот свет од заразата. Ѕвонежот на патролните коли е пречекуван од некаква призрачна тишина, и оние затвореници што се приведени никогаш не се разговорливи. Видливите престапи се разноврсни како и локалните дијалекти, и дијапазонот им се движи од криумчарење рум и забранети иселеници, преку разнобразни стадиуми на беззаконие и затаен порок, до убиство и унакажување во нивните најненавистни појави. Тоа што овие видливи збиднувања не се почести не е во прилог на угледот на маалото, освен ако вештината на прикривање не е уметност вредна за углед. Повеќе луѓе влегуваат во Ред Хук одошто ја напуштаат - или барем одошто ја напуштаат по копнена страна - а оние кои не се прикажливи се тие кои најчесто си одат.

Малоун пронајде во ваквата состојба на нештата бледа смрдеа на тајни поужасни од сите гревови порекнати од граѓаните и оплaкани од свештениците или филантропите. Беше свесен, како некој што ја обединува фантазијата со научно знаење, дека современи луѓе под услови на беззаконие имаат необјаслив нагон да ги повторуваат најмрачните инстинктивни шеми на примитивно полу-мајмунско дивјаштво во нивните секојдневни животи и обредни прославувања; и често ги беше гледал со антрополошки трепет разбаените, распцуени поворки матнооки и сипаничави млади момчиња кои врвеа во мрачните ситни саати на утрото. Човек непрестајно гледаше групи од ваква младина, некогаш во развргалени бдеења по уличните ќошеви, некогаш среде врати како морничаво свират на евтини музички инструменти, некогаш во замелушени дремежи или непристојни дијалози околу кафански маси близу Бороу Хол, а некогаш во шепотни разговори околу запуштени такси коли качени до високите скалила на разронети стари куќи со внимателно покриени прозори. Му правеа морници и го фасцинираа повеќе одошто се осудуваше да им признае на неговите соработници во полицијата, зашто се чинеше дека во нив гледа некоја чудовишна нишка на тајна непрекинатост; некој вражји, загадочен и древен дезен потполно надвор и под бесрамната маса на факти и навики и збиралишта излистани со толку совесно техничка грижа од полицијата. Тие мора да се, чувствуваше во себе, наследниците на некоја потресна и првобитна традиција; учесници во унакажени и скршени одрони на култови и церемонии постари од човештвото. Нивната доследност и одреденост го предлагаше ова, а беше покажано и во своеобразниот сомнеж на ред кој демнеше под нивното бедно безредие. Незалудно беше читал трактати како „Вештерски култови во западна Европа“ на г-ца Мури; и знаеше дека до неодамна со сигурност имаше преживеано меѓу селанитe и притаени народи стравотен и потаен систем на собори и оргии со потекло од мрачни религии кои го предатираат Аријскиот свет и кои се појавуваат во популарните легенди како црни миси и вештерски шабати. Тоа дека овие пеколни остатоци од стара Туранско-Азијатска магија и култови за плодност се дури и во овој миг целосно изумрени не можеше ни за момент да претпостави; и често се прашуваше колку постари и колку поцрни од најлошите промрморени сказни мора да се некои од нив.



III


Случајот на Роберт Сојдам беше она што го доведе Малоун до срцето на нештата во Ред Хук. Сојдам беше учен самотник од древна холандска фамилија која првично едвај имаше по некој имот, и седеше во пространа, но неодржана вила изградена од неговиот дедо во Флетбуш кога селото не беше ништо повеќе од пријатен збир на колонијални колиби кои ја обиколуваа шилестата и забршленета реформаторска црква со нејзиниот железоограден двор на холандски надгробни плочи. Во неговата осамена куќа, повлечена од Мартенс Стрит среде двор прастари дрвја, Сојдам беше читал и се беше мрштел во мислите шест децении освен еден период пред една генерација, кога беше отпловил за стариот свет и останал таму осум години скриен од сечии очи. Не можеше да си дозволи слуги, и примаше саде малку посетители во својата апсолутна самотија; избегавајќи блиски пријателства и пречекувајќи ги неговите ретки познаници во едната од трите соби на приземјето кои ги држеше средени - една огромна, високоплафонска библиотека чии ѕидови беа здраво нагнетени со парталави книги со гломазна, архаична и бледо одбивна појава. Растот на градот и неговото конечно втопување во бруклинската област не му значеше ништо на Сојдам, а тој стигна да му значи сѐ помалку и помалку на градот. Постарите луѓе сеуште го покажуваа со прст на улица, но за поголемиот дел од помладото население беше само едно левтерно, џбитаво старче чија несредена бела коса, небричена брада, сјајна црна облека и бастун со позлатена рачка изнудуваше по некој љубопитен поглед и ништо повеќе. Малоун не го познаваше на изглед сѐ додека должноста не го повика до предметот, но имаше индиректно чуено за него како вистински задлабочен стручњак за средовековни суеверија и еднаш имаше попратна намера да побара еден негов памфлет кој веќе не беше во печат, а кој зборуваше за Кабалата и легендата за Фауст, кој еден пријател му го беше цитирал од памет.

Сојдам стана „предмет“ кога неговите далечни и единствени роднини побараа  судско решение за неговата здраворазумност. Нивната постапка се чинеше ненадејна за надворешниот свет, но всушност беше преземена дури по долго набљудување и жалосни расправи. Беше основана на извесни несекојдневни промени во неговиот говор и навики; разуздани упати кон претстојни чудесии и необјасливи сновања низ злогласни бруклински маала. Беше станувал сѐ понеуреден и понеуреден низ годините и сега лутал како прав божјак; забележуван повремено од страна на понижени пријатели во метро станици, или како се мандари по клупи околу Бороу Хил во разговори со групи на мургави, злолики странци. Кога ќе проговореше, саде бладаше за неограничена моќ што му била скоро на дофат, и повторуваше со упатени вргалења мистични зборови или имиња како „Сефирот“, „Ашмодаи“ и „Самаел“. Судската постапка откри дека го користи приходот и си ја запустува печалбата со купување на своевидни томови увезени од Лондон и Париз, како и во одржување на бедниот сутерен во областа на Ред Хук каде што ја поминуваше скоро секоја вечер, пречекувајќи несекојдневни пратеништва на грубијански мелези и странци и очевидно спроведувајќи некоја церемонијална служба позади зелените ролетни на таинствени прозорци. Детективите кои беа назначени да го следат пријавуваа чудни викотници и баења и потскокнувања на нозе како продираат од овие вечерни обреди и трепереа од нивниот сперлив занес и безгрижност и покрај честоста на бизарни оргии во таа замајана населба. Меѓутоа, кога дојде време за сослушување, Сојдам успеа да си ја зачува слободата. Пред судијата држењето му стана достоинствено и разумно, и отворено ја призна левтерноста на поведението и настраноста на ковот на говорот во коишто беше потпаднал преку прекумерна посветеност на неговите изучувања и истражувања. Рече дека бил зафатен со истрага на извесни подробности на европската традиција кои барале близок допир со странски групи и нивните песни и фолклорни танци. Замислата дека некакво подло тајно здружение го беше имало во канџите, како што беше поткажано од страна на неговите роднини, се разбира беше апсурдно; и покажуваше колку жалосно ограничено е нивното разбирање за него и неговата работа. Триумфирајќи со неговите смирени објаснувања, му беше дадено непречено да си замине; и платените детективи на Сојдамци, Корлеарци и Ван Брунтци беа повлечени со помирена одбивност.

Тука се случи да сојуз на федерални инспектори и полицијата, меѓу кои и Малоун, влезе во предметот. Чуварите на законот со интерес ја следеа постапката против Сојдам и во многу наврати им беа повикани напомош на приватните детективи. Низ ваквата работа се воспостави дека новите соработници на Сојдам беа меѓу најцрните и најсвирепи злосторници во заобиколните алеи на Ред Хук, и дека барем третина од нив беа познати и повеќекратни престапници во случаи на кражба, неред и увоз на противзаконски доселеници. Навистина, немаше да се претера ако се кажеше дека конкретниот круг на стариот стручњак скоро совршено се совпаѓаше со најлошите организирани соеви кои криумчареа до бреговите извесни безимени и неодредени азиски олоши кои Елис Ајленд мудро ги беше одвратил. Во пренатрупаните гета на Паркер Плејс - оттогаш преименуван - каде Сојдам го држеше неговиот сутерен беше пораснала една мошне необична колонија на неодредени косооки народи кои ја користеа арапската азбука, но беа речито одречени од големата маса сиријци во и околу Атлантик Авењу. Сите можеа да бидат депортирани поради немање документи, но законитоста е спора и човек не го вознемирува Ред Хук освен ако јавниот одглас не го примора.

Овие суштества посетуваа една дотраена камена црква, која секоја среда се користеше како сала за игранки, и која ги вишеше своите готски контрафори во близина на најпоганите делови на крајречјето. Номинално беше католичка; но свештениците низ цел Бруклин му одбиваа на местото секаков углед и веродостојност и полицајците се согласуваа со нив кога ќе ги чуеја звуците кои ги емитираше навечер. На Малоун му се имаше присторувано дека слуша ужасни распукани бас тонови од скриени оргули длабоко под земјата кога црквата беше празна и неосветлена, додека сите набљудувачи стравуваа од врискањата и чукањата на тапани кои ги придружуваа видливите богослужби. Сојдам, кога го испрашаа, рече дека обредот бил некоја останка на несторско христијанство прошарано со тибетски шаманизам. Повеќето луѓе, претполагаше, беа од монголоиден сој, по потекло од некаде во или близу Курдистан - и Малоун не можеше да не си спомне дека Курдистан е земјата на Језидите, последните преживеани од персиските ѓаволопоклонувачи. Како и да беше, тарашкањата во истрагата за Сојдам покажа со сигурност дека овие неодобрени новодојденци го преплавуваа Ред Хук во сѐ поголем број; влегувајќи преку некој поморски заговор недостигнат од финансиските инспектори или крајбрежната полиција, се изливаа од Паркер Плејс и бргу се ширеа нагоре по ридот, добредојдени со своевидено побратимство од страна на другите разноразни населеници на околијата. Нивните склупчени фигури и својствено замижани физиономии, гротескно споени со помодарска американска облека, се појавуваа во сѐ поголем и поголем број меѓу безделниците и чергарските бандити од населбата кај Бороу Хол; кога најпосле стана неопходно да се пресмета нивниот број, да се одредат нивните изворишта и занимања, и ако е возможно да се изнајде начин да се соберат и достават до соодветните иселенички власти. На оваа задача беше назначен Малоун по согласност на федералните и градските чувари на законот, и како што го започна своето иследување на Ред Хук се почувствува исправен пред работ на безимени ужасии, со неуредната, запуштена фигура на Роберт Сојдам како архиѓавол и соперник.


IV


Полициските методи за разноврсни и генијални. Малоун, преку ненаметливи расприкажувања, внимателно обични разговори, добро темпирани понуди на матарката со алкохол и промислени дијалози со исплашени затвореници, научи многу единични факти за движењето чија појава беше станала толку заканувачка. Новојоденците навистина беа Курди, но со дијалект засенет и загадочен за конкретна филологија. Оние од нив кои работеа најчесто живееја како аргати по доковите или како диви прематари, макар што често служеа и во грчки ресторани и држеа улични тезги за весници. Меѓутоа, повеќето од нив немаа видлив начин на заработка и очигледно беа поврзани со подземни подвизи, од кои криумчарење и продажба на црно беа најмалку неопислливи. Беа дошле на парабродови, очевидно со бродови за случаен превоз и скришно се беа истовариле на безмесечеви ноќи со чамци кои се прикрадуваа под некој извесен док и следеа некој скриен канал до таен подземен басен под некоја куќа. Овој док, канал и куќа Малоун не можеше да ги пронајде, зашто сеќавањата на неговите доушници беа крајно збркани, додека нивниот говор во голема мера беше вон способностите на дури и најспособните толкувачи; ниту пак можеше да се здобие со вистински податоци за причините за нивното систематско увезување. Беа воздржливи за точното место од каде што беа дошле и никогаш не беа со доволно спуштена одбрана за да откријат какво воздејство ги беше изнашло и им ја беше упатувала нивната насока. Всушност, пројавуваа нешто како преизразен уплав кога беа запрашани за причините за нивното присуство. Бандитите од други сорти беа подеднако молчаливи и сѐ што можеше да се дознае беше дека некој бог или големо свештенство им беше ветилo нечуена моќ и натприродна слава и господства во чудна земја.

Посетеноста, како од новодојденците така и од старите бандити, на внимателно вардените вечерни средби на Сојдам беше многу редовна и полицијата набрзо дозна дека доскорешниот самотник беше изнајмил додатни станови за да може да ги смести оние гости кои ги знаеја неговите лозинки; зафаќајќи најпосле три цели куќи и долгорочно приберувајќи многу од неговите настрани придружници. Малку време поминуваше сега во неговиот дом во Флетбуш, очевидно одејќи и идејќи само за да земе и врати книги; и неговото лице и држење се имаa здобиено со одбивно ниво на дивост. Малоун два пати го распраша, но секојпат беше реско одвратен. Не знае ништо, велеше, за мистериозни заговори или движења, и немаше претстава како Kурдите имаат влезено или што сакаат. Негова работа беше на мира да го проучува фолклорот на сите доселеници од областа; работа во којашто полицајци немаат оправдлива причина да се мешаат. Малоун го спомна својот восхит кон старата брошура на Сојдам за Кабалата и други митови, но омекнувањето на старецот беше само миговно. Насети натрап и го поби неговиот гостин на мошне недвосмислен начин, за најпосле Малон да се повлече згаден и да се сврти кон други канали на информација.

Што ќе откопаше Малоун ако продолжеше да работи на предметот, никогаш нема да дознаеме. Како што стоеја работите, глупав спор помеѓу градските и федералните власти ја суспендира истрагата на неколку месеци, за време на коишто детективот беше зафатен со други задачи. Но во ниедно време не изгуби интерес, или пропушти да биде вчудовиден од она што почна да му се случува на Роберт Сојдам. Токму во времето кога бран на киднапирања и исчезнувања ја рашири својата возбуда врз Њу Јорк, неодржаниот стручњак се впушти во метаморфоза потресителна колку што беше и бесмислена. Еден ден го видоа близу Бороу Хол со пресно бричено лице, уредно поткастрена коса, и помодарски беспрекорна облека, и секој ден потоа некое помрачено подобрување беше забележано на него. Ја одржуваше новата педантност без прекин, додаде врз неа невообичаен блесок на око и бистрина на говор и малку по малку почна да се ослободува од џбитавоста која толку долго го беше деформирала. Сега често беше згрешаван за некој многу помлад, здобивајќи се со еластичност на чекорот и ведрина на поведението кои им прилегаа на новите обичаи, и пројави своевидно потемнување на косата кое како да не потсетуваше на боја. Како што врвеа месеците почна да се облекува сѐ понеконзервативно и понеконзервативно и најпосле ги воодушеви неговите пријатели со реновирање и редекорирање на неговата вила во Флетбуш, која ја разотвори низ низа приеми, повикувајќи ги сите познаници на кои можеше да се сети и пружејќи им посебно добредојде на роднините кои пред толку неодамна го беа барале неговото лишење од слобода и на кои сега им проштеваше сѐ. Некои присуствуваа од љубопитност, други од должност; но сите беа ненадејно шармирани од изгрејната отменост и достоинство на поранешниот самотник. Го беше завршил, тврдеше, најголемиот дел од работата која му била предодредена; и одошто тукушто беше наследил некаков имот од некој полузаборавен европски пријател беше на ум да си ги помине последните години во посветла втора младост којашто безгрижност, мукает и исхрана му ја беше овозможиле. Во Ред Хук го гледаа сѐ помалку и помалку и сѐ повеќе и повеќе се движеше низ општеството во коешто беше роден. Полицајците забележеа тежнеење на бандитите да се берат кај старата камена црква и сала за игранки наместо кај сутеренот во Паркер Плејс, макар што последново место и неговите неодамнешни доградби уште преливаа од дегутантен живот.

Потоа се случија два инциденти - доволно раздалечени еден од друг, но и обата од напнат интерес за предметот според визијата која Малоун ја имаше за него. Едниот беше тивка објава во весникот „Игл“ за свршувачката на Роберт Сојдам со г-ца Корнелија Геритсен од Бејсајд, млада девојка со одлична положба која беше далечна роднина на стариот зет-избраник; додека другиот беше рација на црквата со салата за игранки од страна на градската полиција, по пријава дека лицето на некое киднапирано дете било видено за миг во еден од подрумските прозорци. Малоун учествуваше во оваа рација и со голема грижа го проучи местото кога влезе. Ништо не беше најдено - всушност, градбата беше потполно напуштена кога ја посетија - но чувствителниот Келт беше нејасно вознемирен од многу нешта во нејзиниот ентериер. Имаше грубо насликани паноа кои не му се допаднаа - паноа кои прикажуваа свети лица со сперливо овоземски и зајадливи изрази, и кои повремено си земаа слободи кои дури и лаичка смисла за пристојност едвај би можела да ги допушти. А, исто така, не му беше по ќеф ни грчкиот натпис на ѕидот над проповедницата; една древна вражба на којашто еднаш беше налетал во универзитетските денови во Даблин, и којашто велеше, преведена буквално:


„О побратиме и придружнику во ноќта, ти кој се веселееш на кучешки грохоти и пролеана крв, кој скиташ насред сенките меѓу гробниците, кој чезнееш по крв и им носиш ужас на смртниците, Горго, Мормо, илјаднолика месечино, насмевни им се на жртвите наши!“


Кога го прочита ова затрепери и нејасно помисли на распуканите бас тонови на оргулите кои му се беше присторило дека ги слуша под црквата на извесни вечери. Повторно затрепери од ‘рѓата околу работ на еден метален басен кој стоеше на олтарот и нервозно запре кога ноздрите како да му насетија некоја своевидна и грозоморна смрдеа од некаде во близина. Тој спомен за оргулите го опседнуваше и го истражи подрумот со особена прилежност пред да си замине. Местото му беше многу ненавистно, но и покрај сѐ, зар богохулните паноа и натписи беа нешто повеќе од обични простотилуци сторени од неуките?

До времето на свадбата на Сојдам епидемијата на киднапирања имаше станато популарен скандал по весниците. Повеќето од жртвите беа мали деца од најниските класи, но растечкиот број на исчезнувања имаа наталожено усет на најсилна јарост. Журналите вревеа за постапка од страна на полицијата и уште еднаш станицата од Батлер Стрит ги испрати своите луѓе во Ред Хук по траги, откритија и злосторници. На Малоун му беше мило да е повторно влезен во трагата и се гордееше со една рација на една од куќите на Сојдам во Паркер Плејс. Таму, вистина, не беше пронајдено грабнато дете и покрај сказните за врисоци и црвената шарпа пронајдена на оградените скали до подрумот, но сликите и грубите натписи на излупените ѕидови во повеќето соби, како и примитивната хемиска лабараторија на таванот, помогнаа да го убедат детективот дека е влезен во трагата на нешто извонредно. Сликите беа одбивни - одвратни чудовишта од секој облик и големина и пародии на човечки контури кои не можат да се опишат. Пишаното беше во црвено и варираше од арапски до грчки, римски и хебрејски букви. Малоун не можеше да прочита голем дел од него, но она што успеа да дешифрира беше доволно предзначително и кабалистичко. Едно често употребувано мото беше во некој вид на хебреизиран хеленистички грчки јазик и наведуваше на најужасните устрелни свикувања од александриската декаденција:


„ХЕЛ . ХЕЛОИМ . СОТЕР . ЕМАНУЕЛ . САБАОТ . АГЛА . ТЕТРАГРАМАТОН . АГИРОС . ОТЕОС . ИСХИРОС . АТАНАТОС . ИЕХОВА . УА . АДОНАИ . САДАЈ . ХОМОУСИОН . МЕСИАС . ЕШЕРЕХЕЈЕ.“


Кругови и пентаграми демнеа од секоја страна и непогрешливо кажуваа за чудните верувања и стремежи на оние кои толку бедно тука домуваа. Меѓутоа во визбата беше пронајдено најчудното нешто - куп од вистински златни прачки покриени немарно со парче јута и имајќи ги на нивната сјајна површина истите бизарни хиероглифи кои ги украсуваа и ѕидовите. За време на рацијата полицијата наиде на само пасивен отпор од замижаните ориенталци кои се нароија од секоја врата. Не наоѓајќи ништо значајно, мораа да остават сѐ како што беше; но командирот на станицата му пиша порака на Сојдам советувајќи го внимателно да го испита наравот на неговите потстанари и пулени со оглед на сѐ поголемата врева од јавноста.



V


Потоа дојде и јунската свадба и големата сензација. Флетбуш беше жизнерадосен во часот околу пладне и автомобили накитени со знамеца врвулеа низ улиците близу старата холандска црква каде настрешница се протегаше од вратата до булеварот. Никој друг локален настан не го надмина венчилото на Сојдам и Геритсен во тон или големина и толпата што ги придружуваше невестата и зетот до Кунард Пиер, иако не беше баш најдотерана, сочинуваше една добра страница во изданието на „Соушал Регистер“. Во пет часот сите се опростија и гломазниот прекуокенаски брод почна да се одделува од долгото пристаниште, полека го сврте носот кон отворено море, се ослободи од реморкерот и се упати кон сѐ поширните водни простори кои водеа до старосветовни чуда. Довечер надворешното пристаниште беше одминато и вечерните патници ги гледаа ѕвездите како мижуркаат над незагаден океан.

Дали парабродот за случаен превоз или врисокот беше првото нешто што изнуди внимание, никој не може да каже. Најверојатно беа истовремени, но нема полза да се пресметува. Врисокот дојде од луксузната кабина на Сојдам и морнарот што ја скрши вратата можеби можеше да раскаже стравотни нешта ако уште веднаш не полудеше - но тој се издра погласно од првите жртви и потоа цимолкајќи се растрчуваше низ пловилото додека не го фатија и ставија во пранги. Бродскиот доктор кој влезе во луксузната кабина и ги пушти светлата еден миг потоа не полуде, но на никој не му кажа што виде додека прво не се допиша со Малоун во Чепачет. Убиство беше - давење - но човек не мора да каже дека трагите од канџи на гркланот на г-ѓа Сојдам не можеа да потекнуваат од нејзиниот сопруг или од некоја друга човечка рака, или дека врз белиот ѕид затреперила за миг во ненавистна црвена боја легенда која, покасно препишана од памет, се чини дека била ништо помалку од стравотните халдејски букви на зборот „ЛИЛИТ“. Човек не мора да ги споменува овие нешта бидејќи толку бргу исчезнаа - а за Сојдам, човек можеше барем да им брани на други да влезат во собата додека не одлучи што самиот треба да мисли. Докторот јасно го увери Малоун дека не ГО беше видел ТОА. Отворениот бродски прозорец, токму пред да пушти светло, за момент бил замаглен од извесна светлозрачност и за момент се чинеше како да одекнува надвор во ноќта укажување на бледо и пеколно крокотење; но немаше вистински контур да излезе пред око. Како доказ, докторот посочува кон неговиот продолжен здрав разум.

Тогаш парабродот за случаен превоз го зазеде сето внимание. Доплови чамец и орда од барџави, безобразни грубијани во офицерски алишта се нароија врз крмата на привремено застанатиот Кунардец. Го сакаа Сојдам или неговото тело - знаеја за неговиот пат и од извесни причини беа сигурни дека ќе умре. Капетанската палуба беше скоро во сколободија; зашто за миг, помеѓу извештајот на докторот од луксузната кабина и барањата на луѓето од парабродот, ниту најмудриот и најтрезвен морепловец не можеше да одлучи што да направи. Наеднаш водачот на дојдените морепловци, еден Арап со ненавистно нигроидна уста, извлече еден валкан, истуткан лист и му го подаде на капетанот. Беше потпишан од Роберт Сојдам и ја содржеше следнава несекојдневна порака:


„Во случај на моја ненадејна или необјаснета несреќа или смрт, Ве молам предадете ме мене или моето тело беспоговорно во рацете на носачот и неговите соработници. Сѐ, за мене, а можеби и за вас, зависи од апсолутна согласност. Подоцна може да се објаснуваме - не ме изневерувајте сега.


РОБЕРТ СОЈДАМ“


И капетанот и докторот се погледаа и вториот му прошепоти нешто на првиот. Најпосле мошне беспомошно климнаа и се упатија кон луксузната кабина на Сојдам. Докторот го насочи настрана погледот на капетанот како што ја отклучуваше вратата и ги прими чудните морепловци, ниту пак зеде мирен здив сѐ додека не излегоа во колона носејќи го нивниот товар по необјаснително долго време на подготовка. Беше завиткан со постелнина од леглото и на докторот му беше мило што контурите не откриваа премногу. Луѓето успеаа некако да го префрлат нештото преку страната до нивниот параброд без да го откријат. Кунардецот повторно тргна и докторот и бродскиот погребник тргнаа кон луксузната кабина на Сојдам да си го извршат последното од службата колку што можеа. Уште еднаш лекарот беше приморан на воздржливост и дури и на фалшливост, зашто пеколна работа се имаше случено. Кога погребникот го праша зошто ѝ ја беше испуштил сета крв на г-ѓа Сојдам, занемари да потврди дека не го беше сторил тоа; ниту посочи кон празните места за шишиња на полицата, или кон миризбата во мијалникот која покажуваше брзоплето празнење на првичната содржина на шишињата. Џебовите на тие луѓе - ако беа луѓе - беа ѓаволски набрекнати кога си отидоа од бродот. Два часа покасно, и светот преку радио дозна сѐ што требаше да знае за ужасната работа.



VI


Истата таа јунска вечер, без да слушне ни збор од морето, Малоун беше очајно зафатен помеѓу сокаците на Ред Хук. Ненадеен беспокој како да продираше низ местото и небаре известени преку нескротливи гласини за некоја своеобразна работа, населениците се нагроздија во очекување околу црквата со сала за игранки и куќите во Паркер Плејс. Три деца штотуку беа исчезнале - плавооки норвежанчиња од улиците за накај Гованус - и имаше гласини дека толпа се создава помеѓу тврдокорните викинзи од таа населба. Малоун со недели ги беше бодрел колегите да пробаат да направат општа чистка; и најпосле повлечени од услови поочигледни за нивниот општ разум одошто од претполагањата на еден даблински сонувач, се беа согласиле на еден последен удар. Немирот и заканата на таа вечер беа биле одлучувачкиот фактор и непосредно пред полноќ рациска група регрутирана од три станици се спушти врз Паркер Плејс и неговиот реон. Врати беа обиени, отпадници уапсени, и од свеќа осветлени соби принудени да изблујат неверојатни калабалаци од мешани странци во долги роби и со митри и со други необјасливи нишани. Многу беше изгубено во турканицата, зашто предмети набрзина беа фрлани прудолу неочекувани јами и разоткривачки миризби беа умртвени со ненадејно палење на јак темјан. Но распрскана крв имаше насекаде и Малоун трепереше кога ќе забележеше мангал или олтар од којшто чад сеуште се извиваше.

Сакаше да е на неколку места одеднаш и се реши за сутеренот на Сојдам дури откако гласник ја беше пријавил целосната празнина на дотраената црква со сала за игранки. Сутеренот, помисли, мора да содржи некоја трага за култот на којшто окултниот стручњак толку очигледно беше постанал средишник и водач и со вистинско очекување фати да ги претура немливите соби, да ја забележува нивната бледо костурничарска миризба и да ги испитува необичните книги, инструменти, златни прачки и шишиња со стаклени поклопци немарно раштркани ваму-таму. Еднаш една жилава, црно-бела мачка му се провре меѓу нозе и го сопна, превртувајќи истовремено и една епрувета полуполна со црвена течност. Потресот беше тежок, и до ден-денес Малоун не е сигурен што виде, но во соништата сеуште си ја замислува таа мачка како се мушнува со извесни чудовишни преиначувања и сперливости. Потоа следеше заклучената врата од визбата и потрагата по нешто за да ја собори. Еден тежок стол се наоѓаше во близина и неговото силно седиште беше повеќе од доволно за античките паноа. Се создаде пукнатина и се зголеми, и целата врата се сруши - но од другата страна; од каде што се изли завивачка бука на леден ветер со сите смрдеи на безгазерната јама, и од каде што посегна вшмукувачка сила не од земјата или небесата, која, вителејќи се сознателно околу вкочанетиот детектив, го одвлечка низ окното прудолу низ неизмерени простори полни со шепоти и лелеци и налети на потсмешлива смеа.

Се разбира дека беше сон. Сите специјалисти му рекоа така, и нема ништо за да го докаже спротивното. А и поубаво му е да е така; зашто тогаш глетката на стари циглени гета и темни странски лица не би му ја јадела толку длабоко душата. Но во тоа време сѐ беше ужасно вистинито и ништо никогаш нема да може да го задуши споменот на тие ноќни костурници, тие титански аркади и тие полуоформени облици на пекол кои гигантски се шетаа во тишина држејќи полуизедени нешта чии сеуште живи парчиња врескаа за милост или се смееа полудено. Миризби на темјан и расипаност се мешаа во дегутантно созвучје и црниот возух беше жив со магливата полу-видлива грамада на безоблични елементални нешта со очи. Некаде мрачна леплива вода шлапаше врз ониксни пристаништа и еднаш трепетното ѕвечкање на крескави ѕвончиња заѕвекоти во поздрав на лудото крокотење на едно голо светлозрачно нешто кое доплива во видик, се изпентери на брегот, и се искачи за да клекне извргалено на изрезбан златен постамент во позадината. 

Сокаци на бескрајна ноќ се чинеа дека зрачат во секоја насока, одошто човек би си помислил дека тука лежи коренот на зараза судена да разболи и проголта градови и поплави народи со реата на хибриден помор. Тука космички грев беше влегол и гноејќи преку неосветени обреди го беше почнал расцерениот поход на смрт за да нѐ скапе сите до габести абнормалности преодвратни за и гробот да би ги содржал. Сатаната тука го држеше својот вавилонски двор и со крвта на неизвалкано детство лепрозните краци на светлозрачната Лилит беа исплакнети. Инкуби и сукуби виеја величења кон Хеката и безглави месечеви телиња блееа за Магна Матер. Кози скокаа на звукот на тенки, проклети флејти и египанови бескрајно гонеа изобличени фауни преку карпи извиткани како подуени жаби. Молох и Аштарот не беа отсутни, зашто во оваа сушност на сето проклетство синорите на свеста беа симнати и човечката мечта беше отворена кон видици на секое царство на ужас и секоја забранета димензија која злото има моќ да ја изваја. Светот и природата беа беспомошни против вакви напади од незапечатени бунари на ноќ, ниту можеше некој знак или молитва да ја сопре валпургиската узбуна на ужас која беше дошла кога еден мудрец со ненавистен клуч беше наишол на разница со заклучен и натрупан сандак на пренесени ѓаволски преданија.

Одненадеж зрак на физичка светлина блесна низ овие привиденија и Малоун го чу звукот на весла среде богохулијата на нешта кои треба да се мртви. Чамец со фенер на клунот се втурна во видик, се врза за еден железен прстен на лигавото камено пристаниште и изблуја неколку темни луѓе кои носеа долг товар повиен во постелнина. Го одведоа до голото светлозрачно нешто на изрезбаниот златен постамент и нештото закрокоти и ја подрпа постелнината. Потоа го одвија и го кренаа исправен пред постаментот гангренестиот леш на џбитав старец со небричена брада и несредена бела коса. Светлозрачното нешто повторно закрокоти и луѓето извадија шишиња од нините џебови и му ги премачкаа стапалата со црвено, додека потоа му ги дадоа шишињата на нештото за да пие од нив.

Наеднаш, од аркадните сокаци кои бескрајно водеа во далечините, дојде демонијачкото ѕвечкање и бевтање на богохулни оргули, искашлувајќи и грмејќи ги потсмевањата на пеколот во распукан, зајадлив бас. За миг секое подвижно битие беше наежавено; и обликувајќи се веднаш во церемонијална поворка, кошмарната орда се завлече во потрага по звукот - коза, сатир и египан, инкуб, сукуб и лемур, извиткана жаба и безобличен елементалец, песолик завивач и тивок прусач во темницата - сите водени од грозното голо светлозрачно нешто кое беше клечело на изрезбаниот златен престол и сега дрско чекореше носејќи го во рацете стаклоокиот леш на џбитавиот старец. Чудните темни луѓе играа од позади  и целата колона потскокнуваше и рипаше со Дионизиска јарост. Малоун се затетерави по нив на неколку чекори, замајан и во бунило, и сомничав за неговото место во овој или во кој и да е друг свет. Потоа се заврти, се запорева, и потона прудолу врз ладниот мокар камен, збивтајќи и тресејќи се како што ѓаволските оргули крекаа, и завивањата и чукањата и дрнкањето на лудата поворка почна да станува полеко и полеко.

Бледо беше свесен за избајани ужаси и потресни крекања оддалеку. Одвреме навреме лелек или плач на церемонијална посветеност ќе долебдеше до него низ црната аркада, додека најнакрај се издигна стравотната грчка вражба чиј текст го беше прочитал над проповедницата на таа црква со сала за игранки.

„О побратиме и придружнику во ноќта, ти кој се веселееш на кучешки грохоти (тука изби одвратно завивање) и пролеана крв (тука безимени звуци се затакмичиеа со морбидни врискања), кој скиташ насред сенките меѓу гробниците (тука се случи некаков звук на свирење), кој чезнееш по крв и им носиш ужас на смртниците (краток, остар извик од едночудо грла), Горго (повторено како во одговор), Мормо (повторено во занес), илјаднолика месечино (воздишки и ноти на флејта), насмевни им се на жртвите наши!“

Како што бајачката сврши, се дигна општ викот, и звуци на с’скање за малку што не го удавија крекањето на распуканите бас оргули. Тогаш, збивтање како од многу грла, и џагор од излаени и изблеени зборови - „Лилит, Велика Лилит, погледни го Зетот!“ Повеќе извици, врева на узбуна, и острите, плескави стапки на некоја затрчана фигура. Стапките наближија и Малоун се подигна на лакти за да види.

Светливоста на костурницата, до пред скоро поднамалена, сега малку се засили; и во таа ѓаволска светлина се појави побегнатата силуета на она што не треба да може да бега или чувствува или дише - стаклоокиот, гангренест леш на џбитавиот старец, на кој сега не му требаше потпора, туку беше размрдан преку некакво пеколно маѓепсништво од обредот кој штотуку беше свршил. По него трчаше голото, раскрокотено, светлозрачно нешто што припаѓаше на изрезбаниот престол, а уште поназад бревтаа темните луѓе и сета мртва послуга од сознателна зазорливост. Лешот ги наттрчуваше неговите гонители и се чинеше решен да постигне некоја конкретна цел, напрегајќи се со секој гнил мускул накај изрезбаниот златен постамент, чија некроманска важност очевидно беше толку голема. Уште во наредниот миг ја беше достигнал својата цел, додека заостанатиот калабалак бувташе по него со уште потрескавична брзина. Но закаснија, зашто во еден конечен блик на сила што раскина тетива од тетива и ја натера опората грамада да шлакне врз подот во состојба на пивтиеста растопеност, зјапнатиот леш кој беше бил Роберт Сојдам ја постигна својата цел и своето тржество. Туркањето беше било стравотно тешко, но силата беше издржала; и како што туркачот се сруши во каллива лочка на расипаност постаментот кој го беше турнал се заклати, се навали, и најпосле се истумба од неговата ониксна основа во густите води под него, испраќајќи за разделба еден болскот на изрезбано злато како што тешко потона до несонливи бездни на долниот Тартар. Во тој миг и целата сцена на ужас избледе до ништожност пред очите на Малоун, кој се онесвести среде громогласно рушење кое се чинеше како да го размачкува сиот зол универзум.



VII


Сонот на Малоун, искусен во целост пред да дознае за смртта и поморското префрлање на Сојдам, беше своевидно надополнет со некои несекојдневни вистиности на предметот; макар што, тоа не е причина зошто некој би требало да верува во него. Трите стари куќи во Паркер Плејс, несомнено уште од одамна скапани од гнилеж во неговиот најподмолен облик, се срушија без видлива причина додека полу од полицајците и повеќето од затворениците беа внатре; и од двете групи поголемиот дел загинаа на место. Само во подрумите и визбите имаше спасување на животи, и Малоун беше среќен што беше длабоко под куќата на Роберт Сојдам. Зашто навистина беше таму, како што и никој не пробал да одрече. Го најдоа онесвестен на работ на еден ноќно-црн базен, со гротескно ужасна мешаница на гнилеж и коски, утврдени преку забни записи како телото на Сојдам, на неколку стапки од него. Предметот беше јасен, зашто тука беше местото кајшто беше водел подземниот криумчарски канал; и луѓето кои го зедоа Сојдам од бродот го беа довеле дома. Самите тие никогаш не беа најдени, или барем не беа утврдени; а бродскиот доктор сеуште не е задоволен со едноставните убедености на полицијата.

Сојдам очевидно беше водач на обемни операции на човечко криумчарење, зашто каналот до неговата куќа беше само еден од неколку подземни канали и тунели во маалото. Имаше тунел од оваа куќа до една костурница под црквата со сала за игранки; костурница достапна од црквата само преку еден тесен таен премин во северниот ѕид и во чии одаи некои своеобразни и ужасни нешта беа откриени. Крескавите оргули беа таму, како и една огромна засводена капела со дрвени клупи и чудно обликуван олтар. Ѕидовите беа обложени со мали ќелии, од кои во седумнаесет - одвратни за присеќавање - осамени затвореници во состојба на целосен идиотизам беа пронајдени оковани, вклучувајќи и четири мајки со новороденчиња со вознемирувачи чуден изглед. Овие новороденчиња умреа набрзо откако беа изложени на светлина; околност којашто докторите ја сметаа за мошне милостлива. Никој освен Малоун, меѓу оние кои ги прегледаа, не се сети на трезвеното прашање на стариот Делрио: „An sint unquam daemones incubi et succubae, et an ex tali congressu proles nasci queat?“

Пред каналите да бидат затрупани, беа потполно исушени и вродија сензационална збирка на пресечени и распукани коски од најразлична големина. Пронајден беше, стана јасно, врутокот на епидемијата на киднапирање; макар што само двајца од преживеаните затвореници можеа по некаква правна нишка да се поврзат со него. Овие луѓе се сега в затвор, зашто неуспешно беше да се осудат како соучесници во самите убиства. Изрезбаниот златен постамент или престол толку често споменуван од Малоун како да e од примарно окултно значење никогаш не беше развиделен, макар што во едно место под куќата на Сојдам каналот беше забележан дека потонува во бунар предлабок за сушење. Беше задушен при устието и зациментиран кога визбите на новите куќи беа направени, но Малоун често нагаѓа што лежи под површината. Полицијата, задоволна дека беа разбиле опасна банда на манијаци и човеко-криумчари им ги предаде на федералните власти неосудените Курди, кои пред нивната депортација заклучно беа прогласени дека припаѓаат на језидискиот клан на ѓаволопоклонувачи. Бродот за случаен превоз и неговиот екипаж остануваат неодгатната мистерија, макар што циничните детективи се повторно спремни да се борат против неговите потфати на криумчарење и продавање рум. Малоун мисли дека овие детективи покажуваат жално ограничена перспектива во нивниот недостиг на чудење кон едночудото необјасливи детали и укажувачката магливост на целиот предмет; макар што исто толку е критичен и кон весниците, кои гледаа само морбидна сензација и се ситеа над малиот садистички култ кој можеа да го прогласат за ужас од самото срце на универзумот. Но задоволен е да седи мирно во Чепачет, смирувајќи си ги нервите и молејќи се за времето постепено да го премести неговото ужасно искуство од царството на вистинска реалност до она на сликовита и полу-митска далечност.

Роберт Сојдам спие покрај својата невеста во гробиштата Гринвуд. Не беше одржан погреб за чудно предадените коски и роднините се благодарни за брзиот заборав кој го претекна целокупниот предмет. Поврзаноста на стручњакот со ужасите во Ред Хук, всушност никогаш не беше нагиздена со правен доказ; бидејќи неговата смрт ја запре истрагата со којашто инаку ќе беше соочен. Неговиот крај не е често споменуван и Сојдамови се надеваат дека идните поколенија ќе го паметат само како кроток самотник кој се бавел со безопасна магија и фолклор.

А Ред Хук - секогаш е иста. Сојдам дојде и замина; стравотија се насобра и избледе; но аветот на темница и беда и понатаму се мршти помеѓу мелезите во старите циглени куќи и скитачки тајфи уште парадираат по непознати задачи крај прозоци кајшто светла и извитоперени лица необјаснително се појавуваат и исчезнуваат. Исконскиот ужас е хидра со илјада глави и култовите на темница се вкоренети во богохулија подлабоки од бунарот на Демокрит. Душата на бештијата е сеприсутна и тржествена и легиите на матнооки и сипаничави млади момчиња на Ред Хук сеуште бајат и колнат и завиваат како што се редат од понор во понор, никој не знае од кај или на кај, туркани од слепи биолошки закони кои можеби никогаш нема да ги разберат. Како и во дамнина, повеќе луѓе влегуваат во Ред Хук одошто ја напуштаат по копнена страна, и веќе има гласини за нови канали што врват подземи до извесни центри за пренесување алкохол и помалку споменливи нешта.

Црквата со сала за игранки сега е најчесто сала за игранки, и настрани лица се имаат појавувано навечер на прозорците. Пред скоро, еден полицаец изрази верување дека затрупаната костурница е повторно откопана и тоа без некаква едноставно објаслива цел. Кои сме ние да водиме бој против отрови постари од историјата и човештвото? Мајмуни играа во Азија на тие ужаси, и ракот демне сигурен и се шири кајшто стаеност се крие во редици на скапана цигла.

Малоун не трепери напразно - зашто баш пред некој ден полицаец наслушна едно мургаво замижано бабиште како учи едно мало дете на некаков шепотлив жаргонизам во сенката на еден пролаз. Слушаше и му се виде многу чудно кога ја чу како постојано повторува:


„О побратиме и придружнику во ноќта, ти кој се веселееш на кучешки грохоти и пролеана крв, кој скиташ насред сенките меѓу гробниците, кој чезнееш по крв и им носиш ужас на смртниците, Горго, Мормо, илјаднолика месечино, насмевни им се на жртвите наши!“