Од отаде - Полиграматон

Од отаде


Еј! Овој расказ го има во книгата „Сенката над Инсмот и други грозотии“.
Купи си ја тука.


Поужасна од секоја можна замисла беше промената што имаше настапено кај мојот најдобар пријател, Крафорт Тилингаст. Го немав видено од оној ден, пред два и пол месеци, кога ми кажа кон каква цел го водат неговите физички и метафизички истражувања; кога возврати на моите вомјазени и скоро исплашени замерки со тоа што ме изгони од лабораторијата и куќата во налет на фанатична јарост. Знаев дека сега најчесто седи затворен во таванската лабораторија со таа клета електрична машина, едвај ставајќи залак в уста и отсечен дури и од слугите, но не мислев дека еден краток период од десет недели може толку да измени и обезличи едно човечко суштество. Не е пријатно за гледање кога јадар маж наеднаш ќе ослабее и е уште полошо кога провиснатата кожа е пожолтена и посивена, очите испиени, овенчани од црни кругови и своевидно сјајни, челото избраздено и прошарано со жили и рацете трепетливи и грчевити. И ако на ова му се додаде и неугодна несреденост; раздрпано безредие на облеката, џбуновитост на темната коса со бели корени и незауздан израсток на снежно бела брада на лице кое некогаш било уредно избричено, кумулативниот учинок станува мошне потресен. Но таква беше појавата на Крафорт Тилингаст ноќта кога неговата полуразбирлива порака ме донесе до неговата врата по неколкуте недели прогонство; таков беше призракот што трепереше додека ме канеше да влезам со свеќа во раката и стаено погледнуваше зад себе небаре го страв од невидени нешта во древната, осамена куќа дигната на извесно растојание од „Беневолент стрит“.

Грешка беше да Крафорт Тилингаст се фати да учи наука и филозофија. Такви работи треба да се остават на студените и рамнодушни истражувачи, зашто на човек кој чувствува и дејствува му нудат две подеднакво трагични алтернативи; очај ако потфрли во својата задача и неизустиви и незамисливи ужасии ако успее. Тилингаст на времето беше бил плен на неуспехот, самотен и потиштен; но сега знаев, низ мојот сопствен гаден страв; дека е плен на успехот. А го предупредив пред десет недели, кога се втурна со сказната за што насетувал дека ќе открие. Беше вцрвенет и возбуден, зборувајќи во висок и неприроден, макар што секогаш педантен, глас.

„Што знаеме,“ рече, „за светот и универзумот околу нас? Орудијата низ коишто примаме впечатоци ни се апсурдно малку на број и замислите за опкружните предмети бесконечно тесни. Ги гледаме нештата само онака како што сме изградени да ги гледаме и не сме во можност да ја сознаеме нивната апсолутна природа. Со пет мекушави сетила се преправаме небаре сме го узнале безбрежно сложениот космос, ама други битија со поширок, посилен и поинаков распон на сетила, не само што многу поинаку би можеле да ги гледаат нештата кои ние ги гледаме, туку би можеле да гледаат и проучуваат цели светови на материја, енергија и живот кои ни се при рака, а кои сепак никогаш не можеме да ги уочиме со сетилата кои ги имаме. Отсекогаш сум верувал дека такви чудни, непристапни светови ни се веднаш зад петици и мислам дека сега пронајдов начин да ја скршам препреката. Не се шегувам. За помалку од дваесет и четири часа онаа машина крај масата ќе произведе бранови кои делуваат врз неодредени сетилни органи кои постојат во нас како атрофирани или ембрионални останки. Тие бранови ќе ни отворат многу видици непознати за човекот и неколку непознати за ништо што го сметаме за органски живот. Ќе го видиме она на коешто кучињата лаат во мракот и она кон коешто мачките ги начулуваат ушите по полноќ. Ќе видиме вакви работи, а и други кои никое суштество што дише ги нема видено. Ќе ги прерипаме времето, просторот и димензиите и без телесно движење ќе се испулиме кон дното на созданието.“

Кога Тилингаст ги изнакажа сите овие работи му изјавив замерка, зашто го познавав доволно добро за да би ме фатило страв наместо смеа; но беше занесеник и ме изгони од куќи. Сега не беше помалку занесеник; но копнежот да зборува му ја беше надвладеал огорченоста и заповедно ми имаше пишано во ракопис кој едвај можев да го препознаам. Како што влегував во домовината на пријателот кој толку ненадејно се беше видоизменил во трепетливо страшило, ме зарази некој ужас кој како да демнеше низ сите сенки. Зборовите и верувањата изразени пред десет недели се чинеа отелотворени во мракот надвор од малиот круг на светлина од свеќата и ми се згади од пригушениот, преиначен глас на мојот домаќин. Посакував да беа тука слугите и не ми се допадна кога ми кажа дека сите си заминале пред три дена. Ми падна чудно да дури и стариот Грегори го има напуштено стопанот без да му каже на еден толку докажан пријател како мене. Тој беше оној кој ми ги имаше дадено сите податоци кои ги имав за Тилингаст откако со јарост бев изгонет.

Ама наскоро си ги потчинив сите стравови под растечката љубопитност и воодушевување. Што точно сакаше сега Крафорт Тилингаст од мене можев само да нагаѓам, но не можев да се сомневам во тоа дека има да сподели некоја импозантна тајна или откритие. Претходно негодував на неговите неприродни чепкања низ незамисливото; а сега кога навидум беше успеал, до некој степен скоро и го делев неговиот елан, колку ужасна и да се чинеше цената на победата. Пругоре низ мрачната празнотија на куќата ја следев разлуланата свеќа во раката на оваа растреперена пародија на човек. Се чинеше дека струјата е изгасена и кога го запрашав мојот водач, ми одговори дека е поради конкретна причина.

„Премногу би било… не се осудувам,“ продолжи да мрмори. Особено ми падна в очи новата навика да си мрмори, зашто не беше некој кој си зборува сам со себе. Влеговме во лабораторијата на таванот и ја здогледав таа презрива електрична машина како свети со болежлива, зловестна, виолетова светлозрачност. Беше поврзана со силна хемиска батерија, но се чинеше дека не прима струја; зашто си споменував дека кога беше во експериментална фаза прпореше и предеше кога беше во погон. Во одговор на моето прашање Тилингаст промрмори дека оваа трајна светлосност не е електрична во никоја смисла која би можел да ја разберам.

Потоа ме седна крај машината, при што истата ми дојде од десно и притисна некој прекинувач некаде под круната од нагроздени стаклени светилки. Започна вообичаеното прпорење кое се претвори во пиштење и заврши со бучење толку тивко, та да би наведувало на повраток кон тишина. Во меѓувреме светлозрачноста се засили, па се намали, а потоа зазеде бледа, фрапантна боја или мешавина на бои кои не можев ни да ги одредам ни да ги опишам. Тилингаст гледаше во мене и ми го забележа збунетиот израз.

„Знаеш што е тоа?“ прошепоти. „Тоа е ултравиолетова светлина.“ Несекојдневно се закикоти кога се изненадив. „Мислеше дека ултравиолетовата светлина е невидлива, и е - но сега можеш да ја видиш и неа, а и многу други невидливи нешта.“

„Слушај ваму! Брановите од нештово будат илјада заспани сетила во нас; сетила кои ги имаме наследено низ раздобја на еволуција од состојба на неврзани електрони, до состојба на органско човештво. Јас ја имам видено вистината и сум со намера да ти ја покажам. Се прашуваш како ќе ти се види? Ќе ти кажам.“ Тогаш Тилингаст седна веднаш спроти мене, дувајќи ја свеќата и одвратно зјапнувајќи ми в очи. „Постоечките сетилни органи - чинам прво беа ушите - ќе ти воочат голем дел од впечатоците, зашто се тесно поврзани со латентните органи. А потоа ќе има и други. Си чул за епифизата? Им се смеам на површните ендоркинолози, ортаци по далавера и аџамилак на фројдовците. Таа жлезда е врховниот сетилен орган над сите други органи - тоа го открив. На крајот станува како вид и емитува визуелни слики до мозокот. Ако ништо не ти фали, на тој начин би требало да го доловиш поголемиот дел… сакам да кажам, поголемиот дел од доказите од отаде.“

Се распулив низ огромната таванска соба со навален јужен ѕид, притулено осветлена од зраци кои секојдневното око не може да ги види. Далечните ќошеви беа саде сенки и целото место придоби некаква матна нереалност која му ја замаглуваше природата и ја туркаше мечтата кон симболизам и привиденија. За време на интервалот кога Тилингаст молчеше ми се пристори како да сум во некој џиновски, неверојатен храм на долго мртви богови; некое нејасно здание од небројни диреци од црн камен кои се издигаа нагоре од под од мокри плочи до облачна височина надвор од распонот на мојот вид. Сликата извесно време беше многу живописна, но постепено ѝ отстапи место на една поужасна замисла; замисла на чиста, апсолутна самотија во бесконечен, безвиден и бесчуен простор. Како да имаше само некоја небиднина и ништо друго и осетив детски страв кој ме поттикна да од џебот го извлечам револверот кој секогаш го носев навечер од ноќта кога ме затекнаа разбојници во Ист Провиденс. Потоа, од најдалечните предели на зафрленост, звукот се олицетвори леко лебдејќи. Беше бесконечно лек, тихо резонантен и непогрешливо музички, но содржеше особина на разузданост без рамен која го правеше неговото влијание небаре деликатно мачење врз целото мое тело. Почувствував осети како оние кои човек ги чувствува кога случајно ќе помине со нокти по матирано стакло. Истовремено се пројави нешто како ладен провев, кој навидум профучи крај мене од правец на далечниот звук. Како што чекав без да земам здив воочив дека и звукот и ветерот се засилуваат; причинувајќи да ми дојде несекојдневна замисла за себеси како да сум врзан за шините на патот на некоја гигантска локомотива што наближува. Почнав да му зборувам на Тилингаст и штом отворив уста сите необични впечатоци нагло исчезнаа. Го гледав само човекот, машината која светеше и притулениот стан. Тилингаст одбивно се цереше кон револверот кој скоро потсвесно го бев извлекол, но од неговиот израз бев сигурен дека има видено и чуено исто онолку колку и јас, ако не и многу повеќе. Прошепотив што бев искусил, а тој ми заповеда да сум што е можно потивок и повосприемчив.

„Не мрдај,“ предупреди, „зашто во овие зраци може и да сме видени, а не само да гледаме. Ти реков дека слугите си заминаа, но не ти кажав како. Таа тапоглава собарка ја направи сета работа - го пушти светлото долу и покрај тоа што ја предупредив да не го пушта, па жиците дофатија сродни вибрации. Сигурно било стравотно - дотука се слушаше врескање и покрај сѐ она што го гледав и слушав од друг правец, а потоа беше мошне страшно кога ги најдов тие празни купови алишта низ куќата. Алиштата на г-ѓа Апдајк беа близу до прекинувачот во влезниот салон - оттаму знам дека таа е крива. Сите ги зеде. Но сѐ додека не мрдаме сме прилично безбедни. Запамети дека си имаме работа со одвратен свет во којшто сме практично беспомошни… Биди мирен!“

Вкупниот потрес на откровението и наглата заповед како да ме вкочани и во уплавот умот повторно ми се отвори кон впечатоците кои доаѓаа од местото кое Тилингаст го викаше „отаде“. Сега бев во вртлог на звук и движење, со побркани слики пред очите. Ги видов поматените контури на собата, но од некоја точка во просторот се чинеше дека се излива превирлив столб од непрепознатливи облици или облаци, пробивајќи низ самоти покрив при една точка над и кон десно од мене. Тогаш повторно го наѕрев храмовидниот учинок, но овој пат диреците се издигаа до етеричен океан од светлина, кој испраќаше еден заслепувачки зрак во насока на облачниот столб кој претходно го бев видел. Потоа сцената стана скоро потполно калеидоскопска и во мешаницата на глетки, звуци и неодредени сетилни впечатоци почувствував како да ќе се разложам или на некој начин ќе изгубам цврст облик. Еден конкретен блесок засекогаш ќе го паметам. На еден миг се чинеше како да гледам кон парче чудно ноќно небо полно со сјајни сфери кои се вртат и како што се оддалечуваше видов како сјајните сонца обликуваат соѕведие или галаксија со стабилна форма; а таа форма беше искривеното лице на Крафорт Тилингаст. Другпат почувствував огромни подвижни нешта како ме докачуваат одминувајќи ме и повремено како чекорат или се лизгаат низ моето наводно цврсто тело и ми се причини дека го гледам Тилингаст како се пули кон нив небаре неговите поизвежбани сетила можеа визуелно да ги доловат. Си спомнав што ми беше кажал за епифизата и се запрашав што гледа со тоа противприродно око.

Одеднаш и јас бев спопаднат од некаков појачан вид. Врз и над светлечкиот и сеништен хаос се издигна слика која, макар нејасна, содржеше елементи на постојаност и трајност. Всушност до некаде ми беше и позната, зашто невообичаениот дел ѝ беше наметнат врз вообичаената земска сцена како кога филмски зрак се проектира врз обоената завеса во кино сала. Ја видов таванската лабораторија, електричната машина и грдомазната форма на Тилингаст наспроти мене; но во сиот простор незафатен од познати материјални предмети ниту една честичка не беше празна. Неописливи форми и живи и неживи беа измешани во одвратно безредие и близу секое познато нешто имаше цели светови на туѓи, непознати ентитети. Исто така се чинеше дека сите познати нешта се влезени во составот на други непознати нешта и обратно. На чело на сите живи стварови беа големи мастилни, пивтиести страшилишта кои млитаво трпнееја во склад со вибрациите на машината. Беа присутни во погана обилност и ужаснато видов дека се прелапуваа; дека беа полутечни и способни да минат едно низ друго и низ она што ние го знаеме како тврда материја. Ваквите нешта никогаш не мируваа туку како непрестајно да лебдеа наваму-натаму со некоја злоќудна цел. Понекогаш се чинеа дека меѓусебно се проголтуваат, напаѓачот фрлајќи ѝ се на жртвата и моментно разгромувајќи ја од видик. Треперејќи, како да се сетив што ги беше разгромило несреќните слуги и не можев да ги извадам нештата од умот додека се стремев да ги набљудувам другите својства на нововидливиот свет кој невидено се простира околу нас. Но Тилингаст ми се беше пулел и зборуваше:

„Ги гледаш? Ги гледаш? Ги гледаш нештата кои лебдат и се пласкаат околу тебе и низ тебе секој миг од твојот живот? Ги гледаш суштествата кои го обликуваат она што луѓето го викаат чист воздух и сино небо? Нели успеав да ја скршам препреката; нели ти покажав светови кои никој жив ги нема видено?“ Го чув како вресна низ ужасниот хаос и погледнав кон бесното лице кое толку нападно влета пред моето. Очите му беа пламени јами и се ѕвереа кон мене со она што тогаш сфатив дека е неизмерлива омраза. Машината презриво бучеше.

„Мислиш дека распафтанине нешта ги збришаа слугите? Будало една, безопасни се! Ама слугите сепак ги нема нели? Се обиде да ме запреш; ме обесхрабруваше кога ми беше потребна секоја последна ронка охрабрување; ти беше страв од космичката вистина, кукавицо проклета, ама сега си ми в рака! Што ги збриша слугите? Што ги натера толку гласно да вреснат?... Не знаеш, а? Епа за скоро ќе дознаеш! Во мене гледај - слушај ме што ти велам - слутиш дека вистина постојат нешта како време и размер? Ти се чини дека постојат нешта како облик и материја? Море, имам загазено во длабини какви што мозочето твое не може да си претстави! Се имам испулено вон синорот на бесконечноста и имам симнато демони од ѕвездите… Во служба ги имам впрегнато сенките што прусаат од свет до свет за да сеат смрт и лудило… Семирот е мој, слушаш ли? Сега има нешта што ме ловат - нешта кои голтаат и разложуваат - ама знам како да им побегнам. Место мене, тебе ќе те фатат, како што ги фатија и слугите. Преташ, драг господине? Ти кажав дека е опасно да мрдаш. Досега те спасував со тоа што ти велев да стоиш мирно - те спасував за да видиш повеќе глетки и да ме сослушаш. Ако се помрднеше, уште одамна ќе ти срипаа. Не бери гајле, нема да те повредат. Не ги повредија слугите - глетката беше она што ги натера сиротниците така да вреснат. Миленичињата не ми се симпатични, зашто доаѓаат од места каде што естетските стандарди се - многу поинакви. Разградувањето е сосема безболно, да знаеш - но сакам да ги видиш. Јас за малку ќе ги видев, но знаев како да се сопрам. Не си љубопитен? Отсекогаш знаев дека не те бива за научник! Трепериш, а? Трепериш од неспокој да ги видиш врвните нешта кои ги имам откриено? Што не се помрднеш? Се измори? Епа, не бери гајле, пријателе, зашто еве ги кај идат… Погледни! Погледни, проклет да си, погледни!... Веднаш над левото рамо ти е…“

Она што останува да се дораскаже е многу кратко и можеби ќе ви е познато од статиите во весниците. Полицијата чу истрел во старата куќа на Тилингастови и таму и нѐ пронајде - Тилингаст мртов, а јас онесвестен. Ме уапсија бидејќи в рака ми беше револверот, но по три часа ме пуштија откако утврдија дека мозочна капка беше она што го имаше докусурено Тилингаст и дека мојот истрел беше насочен кон дегутантната машина која сега безнадежно парчосана се простираше по подот на лабораторијата. Не раскажав многу за она што го видов, зашто се плашев дека вештаците ќе се скептични; но од заобиколеното сиже кое им го дадов, докторот ми рече дека несомнено сум бил хипнотизиран од одмаздливиот и убиствен лудак.

Камо да можев да му верувам на тој доктор. Ќе им помогнеше на моиве растроени нерви да можев да го занемарам она коешто сега морам да го мислам за воздухот и небото околу и над мене. Никогаш не се чувствувам само или удобно и одвратен осет на гонење понекогаш ладно ме спопаѓа кога ќе сум капнат. Она што ме спречува да му поверувам на докторот е само еден едноставен факт - тоа дека полицијата никогаш не ги пронајде телата на слугите за кои се вели дека Крафорт Тилингаст ги има убиено.