Сребрениот клуч - Полиграматон

Сребрениот клуч

Кога Рендолф Картер имаше триесет години го изгуби клучот од портата на соништата. Дотогаш беше надоместувал за прозаичноста на животот со ноќни излети до чудни и древни градови зад семирот и лични, неверојатни градински земји преку неземни мориња; но како што средовечноста го закоравуваше осети како овие слободии малку по малку му се издуднуваат низ прсти, додека најпосле потполно не му се откинаа. Галиите не можеа веќе да му пловат по реката Укранос крај позлатените кули на Тран или караваните со слонови да му цапотат низ опојните прашуми во Клед, кај што заборавени палати со жилести филдишни диреци лично и непрекинато спијат под месечината.

Многу беше читал за нештата онакви какви што се и беше зборувал со премногу луѓе. Добронамерни филозофи го беа научиле да проникува до логичните врски помеѓу нештата и да ги испитува процесите коишто му ги обликувале мислите и мечтите. Го беше арнисал чудењето и беше заборавил дека сиот живот е само редица слики во мозокот, помеѓу кои нема разлика измеѓу оние вродени од вистински нешта и оние вродени од внатрешни сонувања и нема причина да едните се ценат повеќе од другите. Навиките му беа врзале во крпче суеверно уважување на она што допирливо и телесно постои и беа причиниле да потајно му е срам да се задржува на привиденија. Учени луѓе му велеа дека простите мечтаења му се бесмислени и детинести, а тој поверува бидејќи лесно можеше да види дека можеби и навистина е така. Она на коешто заборави да се сети е тоа дека делата на стварноста се исто толку бесмислени и детинести и дури и поапсурдни бидејќи нивните играчи настојуваат да си ги замислуваат небаре се полни значење и цел како што слепиот космос бесцелно чкрипи од ништо кон нешто и од нешто пак кон ништо, ниту есапејќи ги ниту знаејќи ги желбите или постоењето на умовите кои замижуркуваат за миг одвреме-навреме во темнината.

Го беа врзале со пранги за нештата кои суштествуваат и потоа ги беа објасниле двигателите на тие нешта сѐ додека сите мистерии не ги беше снемало од светот. Кога ќе се пожалеше и ќе закопнееше да избега во самрачни царства каде што магија ги вајаше сите малечки живописни одломки и драги поистоветувања на неговиот ум во видици на безздивно исчекување и незаситлива сласт, само ќе го посочеа кон новопронајдените унери на науката, повелајќи му да пронајде чудесии во атомскиот вртлог и мистерија во плоштината на небото. И кога не ќе му успееше да го најде ваквиот благодет во нештата чии закони се познати и мерливи, му велеа дека му фали мечта и дека е незрел бидејќи ги претпочита соновните илузии наместо илузиите на нашето телесно создание.

И така Картер се обидуваше да прави како и другите, и се преправаше дека обичните настани и чувства на земните умови беа поважни од фантазиите на ретките и деликатни души. Не се размири кога му велеа дека животинската болка на прободената свиња или диспептичниот орач во вистинскиот живот е поголемо нешто од ненадминливата убавина на Нарат со неговите сто изрезбарени порти и куполи од калцедон на коишто бледо се сеќаваше од соништата; и преку нивните ученија распати макотрпно чувство за жал и трагедија.

Меѓутоа, одвреме-навреме, не можеше, а да не увиди колку се површни, превртливи и безначајни сите човечки стремежи и колку празно нашите вистински нагони се разидуваат со оние надуени идеали кои изјавуваме дека ги негуваме. Тогаш ќе прибегнеше кон учтивата смеа која го имаа научено да ја користи против одвишноста и извештаченоста на соништата; зашто увиде дека секојдневниот живот на нашиот свет е исто толку одвишен и извештачен, а многу понедостоен за почит поради неговата сиромаштија со убавина и неговата смешна неволност да си го признае сопствениот недостиг на причина и цел. Вака, постана некаков си хуморист, одошто немаше увидено дека дури и хуморот е празен во безумен универзум лишен од секакви вистински стандарди на доследност или недоследност.

Во првите денови на робијата се беше свртил кон нежната црковна вера која му се имаше замилено преку простодушната доверба на неговите дедовци, зашто во неа се протегаа мистични друмови кои се чинеше дека ветуваат бегство од животот. Дури откако подлабоко проникна ги увиде прегладнетата мечта и убавина, бајатата и прозаична ветвост и даскалската трезвеност и гротескни тврдења за чиста вистина кои догрдеано и преовладувачки владееја меѓу повеќето нејзини поборници; и до последно ја почувствува трапавоста со којашто целеше да ги одржи во живот како буквален факт надраснатите стравови и нагаѓања на една првобитна раса соочена со непознатото. На Картер му имаше балдисано од гледање на свеченоста со којашто луѓето се обидуваа да направат земна стварност од стари митови кои секој чекор на нивната толку испофалена наука ги оборуваше, и оваа депласирана сериозност ја убиваше преданоста која можеби и ќе ја задржеше кон древните тебешири, доколку им беше доволно да си ги приложат ѕвонливите обреди и чувствени вентили во нивната права мантија на етерична фантазија.

Но кога фати да ги проучува оние кои ги имаа отфрлено старите митови, увиде дека се уште погрди од оние кои ги немаа отфрлено. Не знаеја дека убавината се крие во хармонијата и дека личотијата на животот нема стандард среде бесцелниот космос, освен неговата хармонија со соништата и чувствата коишто постоеле претходно и слепо ги извајале нашите малечки сфери од преостанатиот хаос. Не гледаа дека доброто и злото и убавината и грдотијата се само украсни овошки на гледиштата, чијашто единствена вредност лежи во нивната врзаност со онаа случајност којашто ги беше натерала нашите дедовци да мислат и чувствуваат, и чиишто поситни подробности се различни за секоја раса и култура. Наместо тоа, или потполно ги порекнуваа овие нешта или им ги препишуваа на грубите, нејасни нагони коишто ги делеа со ѕверките и селаните; при што животите им беа смрдливо развлечени во болка, грдотија и несразмерност, а сепак исполнети со апсурдна гордост од тоа што избегале од нешто исто онолку недоквакано колку и она што сѐ уште ги повелаше. Си ги беа замениле лажните богови на страв и слепа побожност со оние на самоволие и безвластие.

Картер не ги вкуси со полна уста овие современи слободи; зашто нивната евтиност и беда го згадуваа духот кој милува саде убавина, додека разумот му се побунтува против климавата логика со којашто нивните бранители се обидуваа да позлатат сурови нагони со светост соголена од идолите од кои се беа одрекле. Виде дека повеќето од нив, исти како отфрленото им попство, не можеа да избегаат од заблудата дека животот има значење настрана од она коешто луѓето го сонуваат; и не можеа да се отарасат од грубата замисла за етика и обврски настрана од оние кон убавината, дури и кога сета природа вриштеше со својата несвесност и рамнодушна аморалност наспроти нивните научни откритија. Изобличени и полни со прерасуди, со произволни илузии за правда, слобода и доследност, ги отфрлаа старите преданија и старите адети со старите верувања; без да подзастанат за да им текне дека тие преданија и тие адети се единствените створители на нивните сегашни мисли и расудувања и единствените водичи и стандарди во безначаен универзум без утврдени стремежи или стабилни урнеци. Одошто ги беа изгубиле овие вештачки поставки, животите им беа лишени од насока и возбудлив интерес; сѐ додека најнакрај не се имаа зафатено да си ја удават додеаноста со метеж и побожемска корисност, врева и возбуда, варварски приредби и животински осети. Кога ваквите нешта ќе збоктисаа, ќе разочараа или ќе станеа блуткави од згрозеност, распатуваа иронија и огорченост и наоѓаа маани во општественото уредување. Никогаш не можеа да сфатат дека дивјачките темели им се исто толку променливи и противречни како и боговите на нивните предци и дека задоволството на еден миг е чемер за наредниот миг. Мирна, трајна убавина доаѓа само во соништата, а оваа утеха светот ја беше отфрлил кога во неговото обожавање на вистинското ги беше отфрлил тајните на детството и невиноста.

Среде ваквиот хаос на празнотија и немир Картер се обидуваше да живее како што му доликува на човек со бистра мисла и добро педигре. Одошто соништата му беа избледиле од исмевањата на денешницата не можеше во ништо да верува, но љубовта за хармонија го држеше близу до адетите на неговото племе и класа. Чекореше во рамнодушие низ човечките градови и воздивнуваше бидејќи никоја глетка не се чинеше потполно вистинска; бидејќи секој блесок на жолта сончева светлина врз високи покриви и секој поглед на забалустрадени мегдани на првите вечерни фенери служеа само за да го потсетат на соништата коишто ги беше гледал на времето и да го натераат да срцето му запилка за неземни предели кои веќе не знаеше како да ги најде. Патувањата беа небаре подбив; и дури и Големата војна саде малку го распали, макар што од самоти почеток служеше во француската Легија на странци. На некое време трагаше по пријатели, но наскоро балдиса од грубоста на нивните чувства и истотијата и земноста на нивните привиденија. Донекаде му беше мило што сите роднини му беа далечни и отуѓени, зашто не можеа да му го разберат душевниот живот. Односно, никој освен дедо му и чичко му Кристофер, а тие уште одамна беа мртви.

Тогаш одново почна со пишувањето книги кое го имаше оставено кога соништата за првпат почнаа да го арнисуваат. Но и тука немаше задоволство или исполнување; зашто земното сертме му беше врз умот и веќе не можеше да oсмислува лични нешта како што можеше во дамнина. Ироничен хумор ги наглотуваше сите самрачни минариња кои ги издигаше и земниот страв од неверодостојност ги пеплосуваше сите деликатни и восхитни цвеќиња во неговите самовилски градини. Шаблонот на извештачена жалост му ги вапцуваше ликовите со романтична лигавост, а митот на важна стварност и значајни човечки настани и чувства му ја унакажуваа сета висока фантазија во едвај прикриена алегорија и евтина општествена сатира. Новите романи му беа успешни колку што старите никогаш не му станаа и бидејќи знаеше колку мора да се празни за да им се по ќеф на празните стада, ги изгоре и прекина со пишување. Беа многу кибарни романи, во коишто културно им се смееше на соништата коишто површно ги исцртуваше; но увиде дека нивната префинетост целосно им го беше исцицала животот.

По ова бидна да распати намерни привиди и замеша прсти во замислите на бизарното и ексцентричното како противотров на баналното секојдневие. Меѓутоа, повеќето од нив набргу си ја покажаа сиромашноста и јаловоста; и сфати дека општоприфатените доктрини на окултизмот се исто толку сувопарни и крути како и оние на науката, а сепак без ниту најдребниот палијатив на вистина за да би ги искупил. Вулгарната глупавост, лажноста и замелушените размислувања не се соништа; и не му овозможуваат бегство од животот на ум школуван над нивните дострели. Па така Картер фати да купува почудни книги и да трага по поокати и поужасни луѓе начитани во фантастики; потонувајќи во мистики на свеста низ коишто малкумина се расшетале и учејќи нешта за тајните јами на живот, легенди и исконска дамнина кои му останaa засекогаш да го вознемируваат. Одлучи да живее на поретко рамниште и си го опреми домот во Бостон за да им прилега на менливите настроенија; по една соба за секое, изнаметнати со миндери во соодветни бои, опремени со ујгун книги и предмети и снабдени со извори на соодветни осети на светлина, топлина, звук, вкус и миризба.

Еднаш чу за некој човек од југот од кој сите бегале и се плашеле поради богохулните нешта кои ги читал во праисториски книги и глинени плочи прокриумчарени од Индија и Арабија. Појде и го посети, седум години живеејќи со него и приклучувајќи му се во проучувањата, додека ужас не ги наваса една полноќ во едни непознати и архаични гробишта и само еден излезе од кај што двајца беа влегле. Потоа се врати во Аркам, ужасниот, од вештерки опседнат стар град на неговите дедовци во Нова Англија и доживеа искуства во мракот, среде ветвите врби и климавите мансардни покриви, коишто го натераа да засекогаш ги запечати едни извесни страници од дневникот на еден негов разузданоумен предок. Но овие ужасии го одведоа само до работ на стварноста и не беа од вистинската сонишна земја којашто во младоста ја беше знаел; така што на педесет години очајуваше по било каков одмор и задоволување во свет кој беше станал презафатен за убавина и препрефриган за соништа.

 Откако најнакрај ја беше воочил шупливоста и залудноста на вистинските нешта, Картер си ги врвеше дните повлечен и во елегични несврзани спомени од неговата соноисполнета младост. Се сметаше за будала што и понатаму воопшто се труди да живее и од еден јужноамерикански познаник зеде една многу своевидна течност за безболно да го одведе во неповрат. Меѓутоа безволноста и махиналноста му правеа да го одложува чинот; и неодлучно живуркаше среде мисли на стари времиња, симнувајќи ги чудните миндери од ѕидовите и повторно уредувајќи си ја куќата како што беше била во неговото рано момчештво - сосе моравите паноа, викторијанскиот мебел и сѐ друго.

Како што врвеше време скоро му падна и мило што беше останал да живурка, зашто реликвиите на неговата младост и неговото отцепување од светот му направија да животот и префинетоста му се чинат како многу далечни и нестварни; до толку што трунка на магија и исчекување повторно му се мушнаа помеѓу вечерните дремки. Тие дремки со години беа знаеле само за извитоперени отсликувања на секојдневни нешта какви што само најобичните дремки знаат, но сега се поврати искра на нешто почудно и подиво; нешто со потајно стравопочитна иманентност што заземаше облик на напнато јасни слики од деновите на неговото детство и го тераше да мисли на малечки, небитни нешта коишто одамна ги беше заборавил. Често ќе се разбудеше довикувајќи ги мајка му и дедо му, кои веќе четврт век кај беа в гроб.

Тогаш една вечер дедо му го потсети на еден клуч. Седиот, стар академик, бистар како на јаве, долго и отворено зборуваше за нивната древна лоза и за чудните привиденија на деликатните и чувствителни луѓе кои ја сочинуваа. Зборуваше за пламеноокиот крстоносец кој научил диви тајни од Сарацените кои го беа заробиле; и за првиот сер Рендолф Картер кој изучувал магија кога Елизабета била кралица. Зборуваше и за оној Едмунд Картер којшто едвај избегнал вешало во салемските вештерства и којшто ставил во некоја античка кутија голем сребрен клуч кој бил завештан од неговите предци. Пред Картер да се пробуди, нежниот авет му беше кажал каде да ја најде таа кутија; таа изрезбарена дабова кутија со архаични чудесии чиј гротескен капак два векови ничија рака не го беше подигнала.

Во прашините и сенките на големиот таван ја пронајде, забутана и заборавена во длабините на една фиока во еден висок шкаф. Беше долга и широка околу една стапка и готските резби ѝ беа толку стравотни што не се зачуди што никој жив по Едмунд Картер не се беше осмелил да ја отвори. Не оддаде звук кога ја затресе, но беше мистична со мирис на незапомнети мирудии. Тоа дека содржи клуч, беше само маглива легенда и таткото на Рендолф Картер никогаш не беше чул дека постои таква кутија. Беше опкована со ‘рѓосано железо и немаше никаков нишан за како да се ракува со баеги цврстата брава. Картер половично беше разбрал дека во неа ќе пронајде некаков клуч до изгубената порта на соништа, но за тоа каде и како да го употреби дедо му ништо не му беше кажал.

Еден стар слуга го отвори изрезбарениот капак сосила, сиот тресејќи се од одвратните лица кои се вргалеа од зацрнетото дрво и од некоја неопределена познатост. Внатре, завиткан во обезбоен пергамент, имаше огромен клуч од потемнето сребро прекриен со загадочни арабески; но фалеше какво и да било читливо објаснување. Пергаментот беше обемен и ги содржеше само чудните хиeроглифи на некој непознат јазик напишан со антички калем. Картер ги препозна знаците дека се онакви какви што имаше видено на еден извесен свиток од папирус кој му припаѓаше на оној ужасен стручњак од југот кој беше исчезнал една полноќ во едни безимени гробишта. Човекот секогаш беше треперел кога го читаше тој свиток, а сега и Картер трепереше.

Но го исчисти клучот и секоја вечер го чуваше крај себе во неговата миризлива кутија од древен даб. Соништата во меѓувреме му се засилуваа во живописност и и покрај тоа што не му ги прикажуваа чудните градови и неверојатни градини од старите времиња, заземаа одреден крој чија цел беше непогрешлива. Го викаа назад низ годините и со смешаните волји на сите негови дедовци го влечеа кон некој скриен и прародовски извор. Тогаш знаеше дека мора да оди во минатото и да се спои со стари нешта и ден за ден мислеше на ридовите на север каде што се протегаа опседнатиот Аркам и напливнатата Мискатоник и осамените селски имоти на неговите.

Во намрштениот оган на есента Картер тргна по стариот запаметен пат крај кибарни линии на развртени ридишта и каменообѕидани ливади, далечни чаири и провиснати гори, свиени патишта и вгнездени салаши и кристалните кривини на Мискатоник, прерипната де ваму де таму од селски мостови од дрво или камен. При еден свиок ја виде групата џиновски брестови среде којашто еден предок несекојдневно му беше исчезнал пред еден век и пол и затрепери додека ветерот значајно продува низ нив. Потоа дојде и разронетата куќа на старата Гуди Фаулер, вештерката, со злобните прозорчиња и висок покрив кој на северната страна се спушташе скоро доземи. Ја забрза колата кога поминуваше крај таа куќа и не подзапре дури не го искачи ридот каде што беше родена мајка му и нејзините дедовци пред неа и каде што старата бела куќа сѐ уште гордо гледаше преку патот кон безздивно личната панорама на карпести падини и раззеленети долини, со далечните кули на Кингспорт на хоризонтот и намеци на архаичното, соноизобилно море во најдалечната позадина.

Потоа на ред дојде пострмната падина која го содржеше стариот имот на Картерови кој повеќе од четириесет години го немаше видено. Попладнето веќе целосно имаше изминато кога пристигна до подножјето и на свиокот на пола пат запре да ѝ се изнагледа на распостелената природна убавина златна и величава во навалените изливи на магија кои гргаа од западното сонце. Сета чудност и исчекување на неговите недамнешни соништа се чинеа присутни во овој стишен и неземен пејсаж и помисли на непознатите самотии на други планети додека со очите врвеше по кадифените и напуштени тревници кои таласно сјаеја меѓу своите истумбани ѕидови, густежите на самовилска шума кои ги гиздеа далечните линии на морави ридишта зад ридишта и призрачната шумовита долина која во сенка се спушташе до немливи долови кај што разжуборени води гугаа и гргореа среде потечени и искривени корени.

Нешто го натера да почувствува дека автомобили не припаѓаат во царството по коешто трагаше, па ја остави колата на работ на шумата и ставајќи го големиот клуч во џебот на палтото зачекори по ридот. Коријата сега потполно го проголта, но знаеше дека куќата се наоѓа на висок баир кој ги надраснуваше дрвјата, освен на север. Се запрашуваше како ли ќе изгледа зашто од немукаетлук ја беше оставил ненаселена и непазена уште од смртта на чудниот му чичко Кристофер, од пред триесет години. Во момчештвото се беше веселел низ долгите тамошни посети и беше наоѓал бизарни чудесии во кориите зад овоштарникот.

Сенките згуснаа околу него, зашто ближеше ноќ. Еднаш од десно се отвори процеп меѓу дрвата, па се испули преку далечни милји на самрачни ливади и ја догледа старата конгрешанска кула на Централ Хил во Кингспорт; розова од последното дневно руменило, со окната на малите округли прозорци како ѝ пламтат со отсликан оган. Потоа, кога пак беше во длабоките сенки, штрекнувајќи се си спомна дека погледот мора да му беше дошол само од детските сеќавања, зашто старата бела црква одамна беше срушена за да се направи место за Конгрешанската болница. Заинтересирано беше читал за неа, зашто во весникот пишуваше за некакви чудни дувла или премини пронајдени во карпестиот рид под неа.

Низ обезглавеноста му писна некаков глас и повторно се штрекна од неговата познатост по толку време. Стариот Бениџа Кори му беше бил измеќар на чичко му Кристофер и беше престарен дури и во тие далечни времиња на посетите во неговото момчештво. Сега сигурно имаше над сто години, но тој пискав глас не можеше да доаѓа од никој друг. Не можеше да распознае зборови, но тонот беше трогателен и непогрешлив. Што чудо ќе да беше, та „дедо Бениџи“ да е уште жив?!

„Чорбаџи Ренди! Чорбаџи Ренди! Кај че си? Е от’ така од ум ја вадиш тетка ти Марти? Лели ти рекла саде околу кујча да се врткаш и одма да си дојш ‘ко че се стемни? Ренди! Рен… ди! Бреј шо терсене дете че да беше саде в шумје до’ј да шета; и едно-две само да се ганѕало околу она’ змискана јама во горнана дабрава! … Еј бре, Рен… ди!“

Рендолф Картер запре во црната темница и си ги протри очите со дланките. Имаше нешто левтерно во работава. Беше некаде каде што не требаше да е; беше залутал надалеку до места каде што не му беше местото и сега неоправдливо каснеше. Не го беше забележал саатот на кулата во Кингспорт, макар што лесно можеше да го догледа со џебниот дурбин; но знаеше дека неговото каснење беше нешто многу чудно и беспримерно. Не беше сигурен дали го носи со него малечкиот дурбин и си ја стави раката во џебот од ризата за да провери. Не, го немаше, но таму беше големиот сребрен клуч кој го имаше најдено некаде во некоја кутија. Чичо Крис еднаш му имаше кажано нешто несекојдневно за некаква стара неотворена кутија со клуч во неа, но тета Марта нагло ја беше прекинала приказната, велејќи дека не чинело такви работи да му се кажуваат на дете чија глава и онака е веќе полна со левтерни замисли. Се обиде да си спомене каде точно го беше нашол клучот, но се чинеше дека нешто е многу збркано. Претпоставуваше дека беше во таванот дома во Бостон и нејасно се сеќаваше дека го беше подмитил Паркс со полу од неделниот џепарлак за да му помогне да ја отвори кутијата и да не кажува на никој; но кога се сети на ова, лицето на Паркс многу чудно му се појави, како брчки од долги години да го беа навасале малиот бодар кокни.

„Рен… ди! Рен… ди! Ој! Ој! Ренди!“

Разнишан фенер дојде од околу црниот свиок и стариот Бениџа ѝ срипа на тивката и счудовидена форма на јабанџијата.

„Уу, да се запустиш дете, ту’а ли си?! Лели имаш јазик да гугниш чим те вика чоек? Пола саат кај те викам и џанам уште одамна ме чу! Тетка ти Марти глата не знај кај ѝ е одошто те нема вака после темница! Само ‘ко че му кажам на стрико ти Крис ‘ко че си дој дома! Знајш дека шумиштево не е ујгун место за да пруса чоек в ниедно време! Се рашетува’ работи шо на никој не му го мисла арното, ко шо знаеше дедо ми на времето. Ајде, чорбаџи Ренди или Хана не че ти остај од вечерата!“

Така Рендолф Картер беше спашкан по патот кај што чудесни ѕвезди мижуркаа низ високи есенски ветки. И кучиња лаеја како што жолтата светлина на прозорците со мали окна светеше откај подалечната кривина и Плеадите трепкаа преку голиот баир кај што голем мансарден покрив црно се издигаше наспроти притулениот запад. Тета Марта беше на врата и не го искуди многу кога Бениџа го пикна скитникот в куќи. Го знаеше чичко Крис доволно добро за да очекува такви работи од семето на Картерови. Рендолф не го покажа клучот што го имаше со него, туку во тишина си ја изеде вечерата и негодуваше само кога дојде време за спиење. Понекогаш подобро сонуваше кога беше буден, и сакаше да го употреби клучот.

Изутрината Рендолф стана рано и ќе истрчаше кон горната дабрава, чичо Крис да не го фатеше и да не го седнеше сосила на синија да поруча. Нетрпеливо шараше со очите низ нискотаванската соба со черга на подот и откриени табани и аголни греди и се насмевна само кога ветките на овоштарникот се разгребаа врз витражните окна на задниот прозорец. Дрвјата и ридовите му беа близу и ги обликуваа портите на тоа безвременско царство коешто беше неговата вистинска земја.

Потоа, кога се ослободи, си го напипа џебот на ризата за клучот; и откако се увери дека е тука, со потскокнување мина низ овоштарникот кон возвишеноста од другата страна, каде што шумовитиот рид повторно се искачуваше до висини дури над непошумениот баир. Шумскиот под беше мовлест и мистериозен и големи камења со лишаи безредно се издигаа де ваму де таму во притулената светлина како друидски монолити среде подуените и искривени стебла на свет шумјак. Еднаш при искачувањето Рендолф прегази еден брз поток чиј водопад малку подолу им пееше рунски вражби на демнечките фауни и египанови и дријади.

Тогаш пристигна до чудната пештера во шумската падина, стравотното „змиско дувло“ од коешто селскиот народ бегаше и кај што Бениџа го беше предупредувал толку многу пати да не оди. Длабоко беше; далеку подлабоко одошто сите освен Рендолф слутеа, зашто момчето беше нашло една пукнатина во најдалечниот црн ќош која водеше до една повисока шуплина од другата страна - морничаво костурничарско место чии гранитни ѕидови содржеа своевиден привид на свесна ракотворба. Во ова пригода се провре како и по обичај, осветлувајќи си го патот со кибритчиња дрпнати од кибритникот во дневната соба и чекорејќи припиен до ѕидот низ последниот процеп со нетрпеливост која и самиот непара можеше да си ја објасни. Не можеше да одгатне зошто му приоѓа на ѕидот од другата страна толку самоуверено или зошто како по нагон го извади големиот сребрен клуч додека правеше така. Но продолжи да оди и кога со играње се врати до дома вечерта не понуди оправдание за каснењето и ни пет пари не даде за кудењата кои ги доби одошто ја беше пренебрегнал трубата што означуваше ручек време.


Е сега, сите далечни роднини на Рендолф Картер се согласуваат дека нешто се случило за да му ја повиши мечтата во неговата десетта година. Братучед му, кир Ернест Б. Аспинвол од Чикаго е цели десет години постар од него; и јасно си споменува за промена во момчето по есента 1883. Рендолф беше погледнал кон мечтави сцени коишто малкумина други ги имаат опулено, а уште почудни биле некои од особините кои ги прикажувал во врска со многу банални нешта. Се чинело, накусо речено, дека се беше здобил со некоја несекојдневна дарба за претскажување; и необично реагирал на нешта коишто, иако во тоа време без значење, покасно се покажале дека ги оправдуваат своеобразните впечатоци. Во следбените декади како што нови пронајдоци, нови имиња и нови настани се појавувале во историските книги еден по еден, луѓето одвреме-навреме ќе си споменеле со чудење за тоа како на Картер многу години претходно му се беше испуштил по некој небрежен збор што несомнено бил поврзан со она што во тоа време сѐ уште било далеку во иднината. Тој самиот не ги разбирал овие зборови ниту знаел зошто извесни нешта му пројавуваат извесни чувства; но слутел дека некој незапаметен сон мора да е одговорен за таа работа. Уште во 1897 се случило да пребледе кога некој патник ја спомнал француската паланка Белоај ан Сантер и на пријателите им текнало на тоа кога бил скоро смртно ранет таму во 1916, додека служел во Легијата на странците во Големата војна.

Роднините на Картер многу зборуваат за овие нешта бидејќи тој од неодамна има исчезнато. Неговиот слуга, старчето Паркс, кој со години трпеливо се беше носел со неговите текнежи, за последен пат го видел утрото кога заминал сам во колата со клуч кој неодамна го имал најдено. Паркс му беше помогнал да го извади клучот од старата кутија која го содржела и осетил како да е чудно погоден од гротескните резби на кутијата и од некоја друга несекојдневна особина што не можел да ја именува. Кога Kартер заминал, беше рекол дека оди да си ја посети старата домовина во пределите околу Аркам.

На полпат по Елм Планина, на друмот за накај урнатините од стариот имот на Картерови, му го најдоа автомобилот внимателно оставен крај патот; и во него имаше кутија од миризливо дрво со резби кои ги уплашија селаните кои налетаа на неа. Кутијата содржеше само еден левтерен пергамент чии знаци немаше лингвист или палеограф што можеше да ги дешифрира или утврди. Дождот уште одамна ги беше истружил сите стапалки врз земјата, макар што инспекторите од Бостон имаа да кажат збор-два за укази кон вознемирувања меѓу паднатите греди на имотот на Картерови. Било, настојуваа, како некој да шуркал низ рушевините пред некој не толку далечен период. Едно обично бело шамивче пронајдено меѓу шумските карпи на ридските падини од другата страна не можело да се утврди дека му припаѓало на исчезнатиот човек.

Се зборува дека имотот на Рендолф Картер ќе се дели помеѓу неговите наследници, но јас цврсто ќе стојам против ваквата одлука, бидејќи не верувам дека е мртов. Има пресврти во времето и просторот, во привиденијата и вистинитоста, кои само сонувач може да ги разгатне; и од она што го знам за Картер мислам дека има само пронајдено начин да пропатува низ таквите лавиринти. Дали некогаш ќе се врати или не, не би можел да кажам. Ги сакаше земјите од соништата кои ги беше изгубил и чезнееше за дните на неговото детство. Тогаш пронајде клуч и некако мислам дека му успеа да го искористи за некоја чудна полза.

Ќе го прашам кога ќе го видам, зашто очекувам набрзо да го сретнам во еден извесен сонишен град кој и на двајцата ни беше врталиште на времето. Се шепка во Ултар, зад реката Скаи, дека нов крал владее на опалниот престол на Илек-Вад, таа баснословна паланка на торети врз шупливите гребени од стакло кои гледаат кон самрачното море каде што брадатите и рибосродни Нори ги си градат своеобразните лавиринти и чинам дека знам како да ја протолкувам оваа гласина. Се разбира, нетрпеливо исчекувам да му се испулам на тој голем сребрен клуч, одошто во неговите загадочни арабески можеби би се нашле симболизирани сите стремежи и мистерии на слепо безличниот космос.