Дедо Шуљупуљу - Полиграматон

Дедо Шуљупуљу

Набафтана склепана жалопојка

Од Марко Лолиј, проконзул на Галија



Клубот за билјард на Шијан, кој ja кити една од позапоставените улички во срцето на сточарскиот кварт во Чикаго, не е фино место. Внатрешниот воздух, обременет со илјада миризби какви што Колриџ можеби имал затекнато во Келн, не другарува често со прочистувачките зраци на сонцето; туку се бори за простор со горчливите чуреи од неброени евтини пури и цигари коишто висат од рапавите усни на неброени човечки животни што деноноќно го опседнуваат местото. Но популарноста на клубот на Шијан и понатаму останува ненарушена; а така е и со причина - причина очигледна за секој што ќе се потруди да ги анализира измешаните смрдеи што таму надвладуваат. Над и преку сета чуреа и зашеметувачка загушливост се издига арома на времето позната низ сета земја, но сега за среќа протерана до споредните сокаци на животот со бератот на благотвората влада - аромата на силно, пакосно виски - што впрочем е мошне драгоцен вид на забрането овошје во ова 1950-то лето Господово.

Клубот на Шијан е општопризнатиот центар на подземната трговија со алкохол и наркотици во Чикаго и како таков поседува извесно достоинство што се прелева дури и врз непраните заседавачи во местото; но до неодамна, имаше еден кој беше вон тој синор на достоинство - еден кој ја делеше бедата и нечистотијата, но не и важноста на клубот на Шијан. Го викаа „дедо Шуљупуљу“ и беше најнеугледниот предмет среде неугледната околина. Што беше бил на времето, многумина се обидуваа да погодат; зашто јазикот и режимот на зборување кога беше под дејство на алкохол до извесен степен му беа такви да би потикнале чудење; но што беше сега, претставуваше далеку помала загатка - зашто „дедо Шуљупуљу“, во највисок степен, го олицетворуваше патетичниот вид познат како „клошари“ или „муфљузи“. Од кај беше дојден, никој не знаеше да каже. Една вечер бесно се беше втурнал во клубот на Шијан, со пена на уста и врескајќи по виски и хашиш; и откако бил снабден со истото во замена за ветување дека ќе врши разни ситни работи, беше и останал да се вртка во местото, метејќи подови, чистејќи плукалници и чаши и бркајќи стотици слични амалски должности во замена за пијалакот и дрогата што му беа потребни за да остане жив и здраворазумен.

Зборуваше саде малку и обично на вообичаениот жаргон на подземјето; но повремено, кога беше распален од необично издашна доза лошо виски, ќе избувнеше во низа неразбирливи повеќесложни зборови и одломки високопарна проза и стихови коишто наведуваа да извесни стални посетители претположат дека беше знаел и за подобри дни. Еден постојан гостин - притаен банкротер - почна доста редовно да муабети со него и од тонот на тие разговори предложи заклучок дека во негово време можеби бил писател или професор. Но единствената опиплива трага за минатото на дедо Шуљупуљу беше една избледена фотографија која постојано ја носеше со себе - фотографија од млада жена со благородни и убави црти. Ќе ја извадеше понекогаш од парталавиот џеб, внимателно ќе ја одвиткаше од обвивката од тенка хартија и со часови ќе ѝ се пулеше со израз на неизречива тага и нежност. Не беше портрет на некој што веројатно би можел да е познаник на жител на подземјето, туку на прокопсана и благородна дама, зарубена во старинската мода од пред триесет години. И самиот дедо Шуљупуљу како да му припаѓаше на минатото, зашто безличната облека му ги содржеше сите нишани на дамнешност. Беше човек со масивна висина, најверојатно над шест стапки, макар што наведнатите плеќи понекогаш го прикриваа тој факт. Косата, валкано бела и на места испопадната, никогаш не му беше исчешлана; а на жулавото лице му растеше крастава остра брада што постојано се чинеше дека е во онаа етапа на накострешеност - вечно неизбричена - а сепак недоволно долга за да оформи пристоен чифт мустаќи. Цртите на лицето можеби на времето му биле благородни, но сега беа ископаничени од грозоморните учиноци на безусулен пустикуќлук. Некогаш - веројатно во средовечноста - очевидно беше бил претерано дебел; но сега беше ужасно жулав, со моравото месо провиснато во лабави вреќи под поматените очи и врз образите. Сѐ на сѐ, дедо Шуљупуљу не беше најпријатен за очи.

Табиетот на дедо Шуљупуљу му беше исто толку чуден колку и изгледот. Обично беше доследен на тертрипот на просечниот залангур - спремен да направи сè за пет пари или за доза виски или хашиш - но при ретки интервали ги пројавуваше особините со коишто си го имаше спечалено името. Тогаш ќе се обидеше да се исправи и извесен пламен ќе му молснеше во испиените очи. Држењето ќе му придобиеше бамбашка елеганција, па дури и достоинство; и сурлаџиите околу него ќе насетеа некаква си надмоќност - нешто што ги правеше понеспремни да ги упатат вообичаените клоци и заушки кон сиротиот исмеваник и ‘ргач. Во тие мигови пројавуваше зајадливо настроение и даваше примедби коишто луѓето во клубот на Шијан ги сметаа за недоветни и ирационални. Но таквите напади бргу минеа, и дедо Шуљупуљу повторно му се враќаше на вечното рибање на подот и чистење на плукалниците. Да не беше една работа, дедо Шуљупуљу ќе беше совршениот роб за кафаната - а таа работа беше неговото однесување кога млади момчиња за првпат се запознаваа со пијачка. Тогаш старецот ќе се издигнеше од подот, лут и возбуден, мрморејќи закани и опомени, обидувајќи се да ги одврати новајлиите од впуштање во потрагата да „видат што е прав живот“. Ќе се расплукаше и разбеснееше, експлодирајќи во долгослоговни прекори и чудни клетви, оживеан од застрашувачка искреност од којашто морници им врвеа на немалку од дрогосрозаните умови во преполната просторија. Но по некое време, од алкохол изнемоштениот мозок ќе се оддалечеше од темата, и недоветно церејќи се, пак ќе ѝ се завртеше на метлата или бришката.

Не ми се верува дека редовните гости на клубот на Шијан ќе го заборават денот кога дојде младиот Алфред Тревер. Алфред беше вистинско „откритие“ - богат и срчовен младич кој „одеше до крај“ во сè со што ќе се зафатеше - барем, тоа беше проценката на Пит Шулц, „застапникот“ на клубот на Шијан, кој го имаше сретнато момчето на факултетот „Лоренс“, во малата паланка Еплтон во Висконсин. Тревер беше син на истакнати родители од Еплтон. Татко му, Карл Тревер, беше адвокат и бележит граѓанин, додека мајка му имаше стекнато завиден углед како поетеса под моминското име Еленор Винг. И самиот Алфред беше учен и бележит поет, макар што проколнат со извесна детинска неодговорност којашто го правеше идеален плен за застапникот на Шијан. Беше рус, убав и разгален; жив и желен да ги вкуси разните облици на пустикуќлук за коишто имаше читано и слушано. На „Лоренс“ беше бил истакнат член на побожемското студентско братство „Бочвата на мудроста“, каде што беше најдивиот и највеселиот меѓу дивите и весели млади џумбушлии; но таквиот незрел, факултетски растурикуќлук не му беше доволен. Преку книги, имаше дознаено за пониски пороци и сега копнееше да ги запознае од прва рака. Можеби оваа склоност кон дивеење беше до некаде и поттикната од потиснувањето на коешто беше подложен дома; зашто г-ѓа Тревер имаше конкретна причина да си го воспитува единствениот син со корава ригорозност. Како млада девојка, длабоко и трајно беше била погодена од ужасот на пустикуќлукот преку примерот на некој со којшто на извесно време беше била свршена.

Младиот Галпин, дотичниот свршеник, беше еден од најзнаменитите синови на Еплтон. Стекнувајќи се со истакнатост уште како дете поради чудесната умственост, спечали масивна слава на универзитетот „Висконсин“, и на дваесет и три години се врати во Еплтон за да прифати професура на „Лоренс“ и да навре дијамант на прстот на најличната и најблескавата ќерка на Еплтон. На некој период сè течеше среќно, додека без никаква најава не избувна бурата. Грди навики, кои датираа од првата чашка испиена во горско засолништво години претходно, почнаа да излегуваат на виделина кај младиот професор; и само со под итно дадена оставка успеа да избегне гадно гонење за нарушување на навиките и моралот на учениците коишто му беа доделени да ги подучува. По раскинување на свршувачката, Галпин се пресели на исток за одново да почне со животот; но набрзо, еплтончани слушнаа за неговото срамно отпуштање од универзитетот „Њујорк“, каде што имаше добиено место како демонстратор по англиски јазик. Галпин потоа ѝ го посвети времето на библиотеката и предавачката трибина, подготвувајќи томови и говори на различни теми поврзани со белетристика, секогаш покажувајќи толку извонредна генијалност што изгледаше како јавноста кога-тогаш сигурно ќе му прости за минатите грешки. Неговите страсни предавања во одбрана на Вион, По, Верлен и Оскар Вајлд беа применувани и за самиот него, и во краткото циганско лето на неговата слава имаше муабети за нова свршувачка во некој извесен култивиран дом на „Парк авењу“. Но тогаш удри чукот. Едно последно посрамотување, во споредба со коешто претходните беа небаре ништо, ги разби привидите на оние коишто беа поверувале во преродбата на Галпин; и момчето си го арниса името и исчезна од јавен живот. Повремени гласини го поврзуваа со некој „Конзул Хејстинг“, чија работа во театарот и филмските компании привлекуваше извесен степен внимание поради научната ширина и длабина; но Хејстинг набрзо исчезна од очите на јавноста, а Галпин постана име за само родители да го споменуваат при прекори и опомени. Еленор Винг наскоро го прослави бракот со Карл Тревер, млад надежен адвокат, а од нејзиниот поранешен додворувач задржа доволно спомени само колку да го одлучи името на синот единец; и да го насочува моралот на тој убав и своеглав младич. Сега, и покрај сето тоа насочување, Алфред Тревер беше кај Шијан и за спремаше да ја испие првата пијачка.

„Газда“ - викна Шулц, како што влегуваше во смрдокорната просторија со младата жртва, „ела да се запознаеш со другаров, Ал Тревер, прв мангуп од „Лоренс“ - то’ ти е во Еплтон во Висконсин иначе. Дете на место - татко му е некој јак корпорациски адвокат кај нив в град, а мајка му е некоја книжевна генијалка. Сака да види шо е прав живот - сака да научи шо вкус имал правиот „цеден сок од молња“ - па да си знајш дека ми е другарче и да му завршиш работа.“

Кога имињата Тревер, Лоренс и Еплтон пролебдија низ воздухот, безделниците како да насетија нешто необично. Можеби беше само некој звук поврзан со чукањето на топчињата на билијард масите или ѕвечкавите чаши што беа донесени од загадочните предели од позади - можеби само тоа, плус некое чудно шушкање на нечистите драперии на единствениот забатален прозорец - но многумина помислија дека некој во просторијата стиснал заби и зел длабок и ненадеен здив.

„Мило ми е што Ве запознав, Шијан,“ рече Тревер со тивок, воспитан тон. „Ова ми е прво искуство во вакво место, но се учам што е живот и не сакам ниту едно искуство да пропуштам. Има некоја поезија во ваквите работи, знаеш - или можеби не знаеш, ама како и да е...“

„Машко,“ одговори стопанот „на право место си дошол за да ви’иш шо е прав живот. Сѐ и сешто иаме овде - и вистински живот и арен повод. Гнасине од владана мо’ колку сака’ да се проба’ да ги оправа’ лујџето, ама не мо’ да спреча чоек да дрми по некоја ко ќе му дој кефо. Шо ќе повелаш машко - пијачка, кока или некоја друга дрога? Нема шо немаме.“

Сталните посетители велат дека баш во тој миг забележале прекин на постојаните, еднолични триежи на метлата.

„Виски сакам - ‘ржано виски, се знае!“ бодро извика Тревер. „Да ти кажам, преку глава ми е од вода откако прочитав за изблиците на веселие што луѓето ги имале на времето. Не можам анакреонтска песна да прочитам без лиги да ми потечат - а устава ми жеднее за нешто многу посилно од вода!“

„Анакреонтска - каква е та бе, шо е то?“ - неколку арамолепци кренаа глави кога момчето кажа нешто надвор од нивно разбирање. Но притаениот банкротер им објасни дека Анакреонт бил стар веселник кој живеел пред многу години и пишувал за џумбушите што ги правел кога низ цел свет било како кај Шијан.

„Чекај, Тревер,“ продолжи банкротерот, „не рече Шулц дека и мајка ти е книжевна личност?“

„Абе да,“ одговори Тревер, „ама ич не е како стариов Теосец! Таа ти е од оние здодевни, вечни морализатори што сакаат сета радост да му ја исцицаат на животот. Од оние „ај сега ќе се лигавиме“ - сте чуле за неа? Пишува под моминското име Елеанор Винг.“

Тука на дедо Шуљупуљу му падна метлата.

„Епа, еве ти, бујрум,“ весело објави Шијан додека во просторијата беше дотркалан послужавник со шишиња и чаши. „‘Ржано и жестоко колку шо не мојш нигде да најш во Чика’о.“

Очите на младичот светнаа, а ноздрите му се запушија од чуреите од кафеавата течност што му ја сипеше келнерот. Ужасно го згади и му ја згнаси сета внатрешна префинетост; но решеноста да го вкуси животот до крај му остана, па остана смел наизглед. Но пред да може да си ја отелеси одлуката, неочекуваното вмеша прсти. Дедо Шуљупуљу, рипајќи од укутарената положба во којашто беше дотогаш, му се нафрли на младичот и му ја изби кренатата чаша од раце, речиси истовремено напаѓајќи го и послужавникот со шишиња и чаши со метлата, расејувајќи ја содржината низ подот во русвај од смрдежлива течност и искршени шишиња и чашки. Едночудо луѓе - или нешта кои некогаш биле луѓе - се фрлија врз подот лижејќи ги локвите разлеан алкохол, но повеќето останаа неподвижни, гледајќи го беспримерниот чин на барскиот ‘ргач и залангур. Дедо Шуљупуљу се исправи пред вчудовидениот Тревер и со благ и школуван глас рече: „Не прави ја работава. И јас бев како тебе на времето и ја направив. И сега сум - ваков.“

„Како вака бе, будала еден престарен?“ свика Тревер. Како вака му го кршиш сеирот на господин?“

Шијан, сега веќе освестен од вчудовиденоста, пријде и ја стави тешката рака на рамото на стариот уличар.

„Старо, ова ти беше последно!“ - гневно извика. „Ако господин решил да се напие тука, леба ми, има да се напие без ти да му се мешаш. Ај марш оттука, да не фатам да се скршам од мање!“

Но Шијан не беше имал научно знаење за да ги преслага учиноците на живчаната побуда и абнормалната психа. Дедо Шуљупуљу, зацврстувајќи го загработ за метлата, почна да ја размавтува небаре џилит на македонски хоплит, и набрзо расчисти значителен простор околу себе, извикувајќи притоа различни неповрзани одломки од цитати, меѓу кои најчесто повторуван беше: „...синовите на Велиар излегуваат, налиени со дрскост и вино.“

Просторијата стана сколободија и луѓето врескаа и виеја од страв пред зловесното создание што го беа разбудиле. Тревер се чинеше небаре зашеметен среде русвајот и се стутули до ѕидот како што згуснуваше расколот. „Нема да пие! Нема да пие!“ Така рикаше дедо Шуљупуљу навидум не сеќавајќи се на - или веќе не водејќи сметка за - додатни цитати. На вратата се појавија полицајци, привлечени од вревата, но извесно време не се обидоа да се вмешаат. Тревер, сега веќе крајно преплашен и засекогаш излекуван од копнежот да види што е прав живот преку следење пороци, доползи до новодојденците во сини палта. Само да може да избега и да фати воз за Еплтон, промисли, ќе си го смета образованието на тема разврат за завршено.

Тогаш, одеднаш, дедо Шуљупуљу престана да мафта со џилитот и застана в место - исправајќи се попростум одошто било кој мештанин на кафаната дотогаш го имаше видено. „Аве, Цезар, моритурус те салуто!“ - викна, па падна на подот што корнеше на виски, и веќе никогаш не стана.

Следбените впечатоци никогаш нема да му излезат од умот на младиот Тревер. Сликата е матна, но неискоренлива. Полицајците си изораа пат низ толпата, внимателно испрашувајќи ги сите и за инцидентот и за мртвата фигура на подот. Шијан беше особено опсипан со прашања, иако без да се извлечат било какви вредни сведенија во врска со дедо Шуљупуљу. Тогаш банкротерот се сети на сликата и предложи да се прегледа и да се поднесе за идентификација во полицискиот штаб. Еден полицаец неволно се наведна над намразената стакленоока форма и го најде картонот завиткан во тенка хартија, којшто им го подаде на другите.

„Види што рипче!“ - се извргали еден пијан човек додека го гледаше прекрасното лице, но оние што беа трезни не се извргалија, гледајќи со почит и засраменост во нежните и духовни црти. Се чинеше дека никој не можеше да ја препознае личноста и сите се чудеа како некој дрогоуназаден залангур би стигнал да поседува таков портрет - то ест, сите освен банкротерот, којшто во меѓувреме мошне неспокојно ги меркаше џандарите. Тој беше имал проникнато малку подлабоко под маската на крајна уназаденост на дедо Шуљупуљу.

Потоа сликата му беше подадена на Тревер и кај младичот настапи промена. Откако првично се штрекна, ја врати тенката хартија околу портретот, небаре сакаше да го заштити од вулгарноста на местото. Потоа долго и внимателно се пулеше кон фигурата на подот, забележувајќи ја нејзината голема височина и аристократскиот терк на цртите кои се беа појавиле сега кога клетиот пламен на животта беше згаснал. Не, рече набрзина, кога му го приложија прашањето, не ја познава личноста на сликата. Толку беше стара, додаде, што веќе никој не би можел да ја препознае.

Но Алфред Тревер не ја кажуваше вистината, како што и многумина претпоставија кога се понуди да се погрижи за телото и да му организира погреб во Еплтон. Над надкаминската полица во неговата домашна библиотека висеше идентична копија од таа слика, а сиот свој живот го беше познавал и сакал оригиналот.

Зашто нежните и благородни црти беа оние на неговата мајка.