Превод на презимето Baggins во делата на Џ. Р. Р. Толкин - Полиграматон

Превод на презимето Baggins во делата на Џ. Р. Р. Толкин

Дали имињата се преведуваат?

Во преведувачката терија не постои озаконето правило кое тврди дека имињата, презимињата, прекарите, топоними итн. треба или не треба да се преведуваат. Ова е целосно оставено на мислењето на преведувачот. Од преведувачот се очекува доволно да се запознае со текстот и со умислата на авторот, и да одлучи дали има смисла да се преведува едно име или не. Често и самиот автор може јавно да зајави свое мислење на ова прашање, што исто така треба да биде земено предвид.


Дали презимето Baggins треба да се преведе?

Да.

        Толкин, во прирачникот за преведувачи „Guide to the Names in The Lord of the Rings“ кој го напишал околу 1967 и во којшто експлицитно излага кои имиња треба да бидат преведени кога се преведуваат неговите дела, а кои не, го пишува следното: 


„Baggins. Intended to recall 'bag'—compare Bilbo's conversation with Smaug in The Hobbit -- and meant to be associated (by hobbits) with Bag End (that is, the end of a 'bag' or 'pudding bag' = cul-de-sac), the local name for Bilbo's house. (It was the local name for my aunt's farm in Worcestershire, which was at the end of a lane leading to it and no further). Compare also Sackville-Baggins. The translation should contain an element meaning 'sack, bag'.“ 
„Baggins. Намерено да потсетува на „торба“ - спореди во разговорот на Билбо со Смауг во „Хобитот“ - и предвидено да (за хобитите) е поврзано со Bag End (односно, дното на „торба“ или „торба за пудинг“ = cul-de-sac), околното име за куќата на Билбо. (Ова беше околното име за салашот на тетка ми во Вустершир, кој се наоѓаше на крајот на едно сокаче што водеше само до него и толку). Спореди со Sackville-Baggins. Преводот треба да содржи елемент што значи „вреќа, торба“.


Значи, презимето треба да биде преведено користејќи некој збор што значи „вреќа, торба“.


Други лингвистички одлики што треба да се земат предвид при преводот

Архаичност

„Хобитот“ и „Господарот на прстените“ се приказни кои се одвиваат во архаичен период донекаде сроден со средниот век. Преводот треба да го отсликува тоа. Односно, ни треба презиме коешто ќе ги има карактеристиките на презимињата на територијата на Македонија во период најблизок до средниот век.

        Тука од помош може да ни биде статијата „За историското потекло на македонските имиња и презимиња“, од д-р Александар Матковски, прв доктор на историски науки во Македонија, напишана во 1974 година за списанието „Сојузот на историските друштва на СР Македонија“, (Гог. 10, бр. 1, 1974, стр. 183-194). 

Периодот најблиски до средниот којшто д-р Матовски го опфаќа во оваа статија е е XV век, но имаме и доста корисни информации од XVII и XVIII век коишто ни ја откриваат патеката на развој на презимињата во Македонија низ историјата.

Најважниот заклучок од оваа статија е тоа дека во овие историски периоди најголемот број македонските презимиња биле без никакви наставки (како „ски“, наставка типична за современите македонски презимиња, или „ов“, „ич/иќ“ и сл. наставки типични за бугарски или српски презимиња) и биле описни, слично на денешните прекари. Односно, д-р Матковски пишува:


„Во XVII и XVIII век биле во употреба кај македонскиот народ само првото и третото име — презимето, но без никаква наставка. Еве неколку имиња и презимиња од тој период: Боро Петко, Митре Јово, Петко Јано, Петко Вирко, Мартин Стојан, Стале Стојко, Раје Гроздан, Јован Кандил, Илија Волкан, Златко Грујо итн.“ (стр. 188)


„Вакви презимиња кои се формирале од фамилијарната професија или од професијата на некое лице од соодветната фамилија имало уште во втората половина на XV век. …. Од овој тип презимиња во втората половина на XV век биле: Колар (во с. Црничани, Прилепско), Ковач (во с. Стровија и Житовор, Прилепско), Говедар (во с. Тополчани, Лопатница, Големо Забржани, Прилепско), Калуѓер (во с. Ивановци, Прилепско и во Прилеп), Овчар во (с. Бранче, Прилепско и .во с. Ногаевци, Велешко), Грнчар (во с. Лознани, Прилепско и во с. Неволјани, Велешко), Кожухар (во с. Зрзе, Слепче, Ивановци, сите во Прилепско и во с. Буковичани, Кичевско).“ (стр. 190)


„Некои македонски презимиња се формирале од името на местопотеклото на соодветниот род или во врска со нивните миграции и емиграции. … Од овој тип презимиња, макар и поретко, имало уште во II половина на XV век. Такви биле: Загорче (во Прилеп, дошле од с. Загориче), Охриѓанин (во с. Св. Тодор, дошле од Охрид).“ (стр. 191)


Значи, презимето Baggins треба да биде преведено користејќи некој збор за „вреќа, торба“ и треба да биде без никаква наставка, налик прекар, за да би се задржала архаичноста.


Алитерација

За крај, треба да се обидеме да ја задржиме и алитерацијата присутна во името и презимето Bilbo Baggins, за притоа да го задржиме и шармот кој оваа стилска фигура го вдахнува, особено во детската литература.

Со оглед на тоа што името „Билбо“ не можеме да го смениме, ни треба презиме што ќе почнува на „Б“.


Значи, сѐ на сѐ, ни треба презиме што:

  1. Ќе биде збор што значи „вреќа, торба“,

  2. Ќе биде без наставка, за да се отслика архаичноста.

  3. Ќе почнува на „Б“, за да се задржи алитерацијата.


Решение

Преведување на имиња само земајќи го предвид нивното очигледно значење е веќе доволно тешко, бидејќи не треба само да се пренесе значењето, туку преводот треба и добро да звучи како име. На пример, ликот „Jaskier“ од серијалот „Wiedźmin“ (The Witcher) на Анджеј Сапковски го викаат така поради неговата руса коса која асоцира на жолтите цветови на цвеќето коешто на полски се вика „jaskier“, а на македонски „лутиче“. Меѓутоа, иако „лутиче“ е соодветен превод на „jaskier“, не може да се искористи како име за возрасен маж, бидејќи звучи премногу деминутивно. Затоа, би можеле да се обидеме да употребиме име на друго цвеќе со жолти цветови кое има смисла да му припаѓа на возрасен маж. На пример, „Нарцис“. Овој превод не само што би го доловил цветното значење, туку и е мошне складно име за еден немалку самобендисан лик како Jaskier. Меѓутоа, како што погоре наведовме, при преведувањето на Baggins не само што треба да се пренесе значењето, туку треба да се задржат вкупно три многу конкретни одлики (значење, архаичност, алитерација), што го прави потфатот исклучително тежок.        


        Мој предлог за превод на „Baggins“ е презиме изведено од зборот „бисаѓи“, збор со значење „споени две торби што се носат преку рамо или се префрлаат преку коњ или магаре.“

Бидејќи „бисаѓи“ е множинска именка и како таква звучи малку неприродно ако се искористи како презиме, предлагам изведување на еднинска форма којашто ќе гласи „бисаѓа“.


Значи „Baggins“ станува „Бисаѓа“, презиме коешто ги има сите потребни лингвистичи одлики, односно:

  1. Е збор што значи „вреќа, торба“,

  2. Е без наставка, отсликувајќи ја архаичноста.

  3. Почнува на „Б“, задржувајќи ја алитерацијата.


        Истовремено, како збирен назив за семејството на Билбо, односно „the Bagginses“, би го користеле „Бисаѓовци“, структура доследна со зборообразовањето на збирни називи за семејства во македонската историја, односно, според горенаведената статија на д-р Матковски:


„Пастрмковци (во Охрид и Дојран), … Џамбазовци (Прилеп), … Поповци (низ цела Македонија), … Амаловци (Скопје), ... Ченгеловци (во Дебарско)“ (стр. 189)


        Така, „Bilbo Baggins“ станува „Билбо Бисаѓа“, а „the Bagginses“ стануваат „Бисаѓовци“.


        За крај, мојот делумен превод на првата глава од „Хобитот“ на Џ. Р. Р. Толкин каде што за првпат се среќаваме со чорбаџи Билбо Бисаѓа, може да се прочита тука.


Никола Кузманоски