Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.
Западно од Аркам ридовите се издигаат диво и има долини со густи кории кои ничија секира не ги пресекла. Има мрачни, тесни падински чистинки каде што дрвјата се фантастично изнавалени и каде што жуборат тенки кладенчиња кои никогаш не виделе ни трунка сончева светлина. На поблагите падини има фарми, древни и карпести, со склупчени, од мов прекриени колиби кои вечно се мрштат над старите тајни на Нова Англија во заветот на големите гребени; но сега сите овие се празни, широките оџаци им се разронати, а даските на фасадите набабрени под ниските мансардни покриви.
Старите мештани си имаат заминато, а странците не сакаат да живеат таму. Француските Канаѓани пробале, Италијанците пробале и Полјаците дошле и си пошле. Не е поради нешто што може да се види или чуе или досегне, туку поради нешто што е замислено. Местото не е добро за мислите и навечер не носи спокојни соништа. Мора да е ова она што ги одбива странците, зашто стариот Еми Пирс никогаш не им раскажал ништо од она на што се сеќава од чудните дни. Еми, кој веќе со години е малку левтерен во главата, е единствениот што е уште останат или кој уште зборува за чудните дни; а се осмелува да го прави ова бидејќи куќата му е толку блиску до отворените полиња и изгазените патишта околу Аркам.
Порано имало пат преку ридовите и низ долините кој се протегал право низ местото каде што сега е срозаната вриштина; но луѓето престанале да го користат и бил положен нов пат кој се свива до далеку на југ. Траги од стариот пат сѐ уште можат да се најдат среде плевелите на вратената дивина и некои од нив несомнено ќе останат да тлеат дури и кога пола од доловите ќе се потопени за новиот резервоар. Тогаш мрачните кории ќе се исечат и срозаната вриштина ќе спие длабоко под сините води чија површина ќе го одразува небото и ќе жубори под сонцето. И тајните на чудните дни ќе станат едно со тајните на длабината; едно со скриените преданија на стариот океан и сите мистерии на првобитната земја.
Кога појдов во ридовите и доловите за да ги иследам за новиот резервоар ми кажаа дека местото било злобно. Ова ми го кажаа во Аркам и бидејќи тоа е многу стар град полн со легенди за вештерки, мислев дека злото мора да е нешто што старите баби им го шепотеле на децата низ вековите. Името „срозана вриштина“ ми звучеше многу чудно и театрално и се прашував како се има појавено во фолклорот на еден пуритански народ. Потоа и самиот го видов тој мрачен западен чвор од чистинки и падини и престанав да се прашувам за сѐ освен за неговата сопствена дамна мистерија. Беше утро кога го видов, но таму сенките секогаш демнеа. Дрвјата растеа прегусто и стеблата им беа предебели за една здрава ново-англиска корија. Имаше премногу тишина во притулените алеи меѓу нив и подот беше премек од немливиот мов и рогозината на бесконечни години гнилеж.
Во отворените места, најмногу долж линијата на стариот пат, имаше мали ридски фарми; некои со сите градби останати; некои со само по една или две, а некои со само по еден осамен оџак или полу-затрупана визба. Царуваа плевели и драки и притаени, диви нешта шушкаа во дрмата. Над сѐ дремеше маглина на неспокој и насилба; ронка на нереалното и гротескното, како да е настранет некој суштински елемент на перспектива или кјароскуро. Не ми беше чудно што странците не сакаа да останат, зашто ова не беше предел за спиење. Премногу беше како пејсаж на Салватор Роза; премногу како некој забранет дрворез во ужасна сказна.
Но ниту сева ова не беше толку лошо колку срозаната вриштина. Ја познав уште во мигот кога ја сретнав на дното на една пространа долина; зашто никое друго име не би било соодветно на такво нешто ниту никое друго нешто би било соодветно за такво име. Беше како да поетот ја сковал фразата откако го видел овој конкретен предел. Мора да е, помислив како што ја набљудував, исход од пожар; но зошто ништо ново не пораснало низ тие пет акри на сив пустош што се распостилаше наспроти небото како голема дамка изгризана од киселина среде кориите и полињата? Во главно се протегаше на север од линијата на древниот пат, но се приграбуваше малку и кон другата страна. Почувствував несекојдневна колебливост да се приближам и конечно се приближив само затоа што работата ме носеше низ и зад неа. Немаше апсолутно никаква вегетација во тоа широко пространство, туку само ситна, сива прав или пепел која ветер како никако да не можеше да ја издува. Дрвата крај неа беа болежливи и запечени и многу мртви стебла стоеја или лежеа гнилави на работ. Како што забрзано одев од десно ги видов растурените цигли и камења од еден стар оџак и визба и зјајнатата црна челуст на еден напуштен бунар чии застоени пареи изведуваа чудни трикови со шарите на сончевата светлина. Дури и долгото, темно, горско искачување од другата страна се чинеше добредојдено во споредба со ова и веќе не им се чудев на исплашените шепоти на луѓето од Аркам. Во близина немаше ни куќа ни рушевина; сигурно дури и во минатото местото беше било осамено и отсечено. А на самрак, плашејќи се повторно да ја преминам таа кобна дамка, се вратив во градот обиколно одејќи по свиениот пат на југ. Полусвесно посакував да надојдат облаци, зашто некоја чудна страшливост од длабоките небеснински небиднини одозгора ми се беше прикрадила во душата.
Вечерта ги прашав старите мештани во Аркам за срозаната вриштина и што сакаа да кажат со фразата „чудни дни“ којашто толкумина затаено ја мрмореа. Меѓутоа, не можев да добијам добри одговори, освен тоа дека целата мистерија беше далеку попресна одошто слутев. Воопшто не се работеше за старо предание, туку за збидување во времето на животите на оние кои зборуваа. Се беше случило во осумдесеттите и некое семејство беше исчезнало, или било убиено. Говорителите не сакаа да бидат конкретни; и бидејќи сите ми кажаа да не обрнувам внимание на лудите сказни на стариот Еми Пирс, уште наредното утро тргнав да го барам, откако слушнав дека живее сам во древната климава колиба каде што дрвата почнуваат да се многу дебели. Местото беше стравотно архаично и имаше почнато да ја испушта онаа бледа баздлива миризба што се лепи за куќи кои предолго време постоеле. Единствено со непопустливо тропање успеав да го станам старецот и кога страшливо се довлече до вратата можев да видам дека не му е мило што ме гледа. Не беше толку снемоштен колку што очекував, но очите му беа провиснати на необичен начин; и запоставената облека и бела брада го правеа да изгледа многу ветво и стушено. Не знаејќи како најдобро да го подбуцнам да почне да раскажува, се преправив како да сум дојден по работа; му кажав за моето иследување и го распрашав банални прашања за реонот. Беше далеку побистар и пообразован одошто ме наведија да мислам и уште пред да се свестам успеа да расуди доволно од темата колку и сите други со кои имав зборувано во Аркам. Не беше како другите селани кои ги запознав во деловите каде што требаше да бидат резервоарите. Од него немаше протести за срамнувањето на пространите милји на стари кории и ниви, макар што можеби и ќе имаше ако домот не му се наоѓаше надвор од границите на идното езеро. Олеснување беше единственото нешто што го покажа; олеснување од пропаста на мрачните древни долини низ коишто цел живот беше талкал. Поарно било да се под вода сега - поарно да се под вода по чудните дни. И со овој вовед зарипнатиот глас му се затиши додека телото му се навали напред и десниот показалец почна да му покажува, растресено и впечатливо.
И тогаш ја чув приказната и како што расприкажаниот глас гребеше и шепотеше, сѐ почесто и почесто затреперував и покрај летниот ден. Често морав да го повратам говорителот од неповрзани забегувања, да склопувам научни забелешки коишто ги знаеше само од полу-избледено папагалско сеќавање на професорски муабети, или да премостувам јазови каде што му се распаѓаше смислата за логика и континуитет. Кога заврши не ми беше чудно што паметот го има подоставено, или што народот од Аркам не сака многу да зборува за срозаната вриштина. Побрзав кон мојот хотел пред да фати зајдисонце, не сакајќи да ѕвездите ми излезат над мене на отворено; и наредниот ден се вратив во Бостон да се откажам од работата. Не можев повторно да појдам во тој притулен хаос на стара шума и падини, или уште еднаш да се соочам со таа сива срозана вриштина каде што црниот бунар длабоко зјаеше крај растурените цигли и камења. Уште малку и ќе го изградат резервоарот и сите тие дамни тајни засекогаш ќе се безбедни под морските сажни. Но мислам дека дури ни тогаш нема да сакам да ја посетам таа земја навечер - барем не кога зловестните ѕвезди се излезени; и ништо не може да ме принуди да се напијам од новата градска вода во Аркам.
Сѐ почнало, рече стариот Еми, со метеоритот. Пред тоа воопшто немало диви легенди уште од времето на вештерските судења и дури ни тогаш луѓето не се плашеле од тие западни кории ни упола одошто од малата ада во Мискатоник каде што ѓаволот царувал крај некој необичен камен олтар постар од индијанците. Тие кории не биле опседнати и нивниот фантастичен самрак никогаш не бил ужасен до пред чудните дни. Тогаш дошол тој бел пладневен облак, таа низа експлозии во воздухот и тој столб од чад од долината длабоко во коријата. И до вечерта цел Аркам разбрал за големата карпа која паднала од небото и се зарила во земјата крај бунарот на имотот на Неам Гарднер. Таа била куќата која беше стоела на местото каде што потоа се спрострела срозаната вриштина - средената, бела куќа на Неам Гарднер со нејзините плодни бавчи и овоштарници.
Неам дошол во градот да им каже на луѓето за каменот и по патот наминал кај Еми Пирс. Еми тогаш имал четириесет години и сите тие настрани нешта силно му се врежале во паметта. Тој и жена му пошле со тројца професори од Мискатонскиот универзитет кои утрината доитале да го видат бизарниот посетител од непознатиот ѕвезден семир и се зачудиле зошто Неам претходниот ден рекол дека е толку голем. Се смалил, рекол Неам покажувајќи кон големото кафеаво брдо над изораната земја и саѓосана трева близу архаичниот ѓеран во неговиот двор; но мудрите гости одговориле дека камења не можат да се смалат. Жештината на каменот упорно тлеела и Неам зајавил и дека бледо светел во ноќта. Професорите го тестирале со геолошки чекан и откриле дека е необично мек. Бил толку мек всушност, што скоро како да бил пластичен; и повеќе откорнале одошто откршиле примерок за да го одведат во универзитетот на тестирање. Го зеле во старо ведро што го позајмиле од кујната на Неам, зашто дури и малото парче одбивало да се излади. На патот за назад наминале кај Еми за да се одморат и како да се подзамислиле кога госпоѓа Пирс забележала дека одломката се намалила и го горела дното на ведрото. Навистина, не била голема, но можеби беа зеле помалку одошто си мислеле.
Денот потоа - а сето ова се случило во јуни, ’82 - професорите повторно со голема возбуда тргнале по истата маршрута. Кога поминале кај Еми му кажале за сперливите нешта кои ги направил примерокот и за тоа како целосно испарил откако го ставиле во стаклена лабораториска чаша. Ја снемало и чашата и учените гости зборувале за афинитетот кон силициум на чудниот камен. Се однесувал мошне неверојатно среде таа уредно подредена лабораторија; не правејќи апсолутно ништо и не произведувајќи никакви гасови кога бил загреан над јаглен, давајќи целосно негативен резултат во тестот со зрно на натриум борат и потоа покажувајќи се како апсолутно незапаллив на ниту една производлива температура, вклучувајќи ја и онаа на кислородоводородниот факел. На наковална се покажал како многу ковлив и во темно светлосноста му било мошне изразена. Тврдоглаво одбивајќи да се излади, набрзо го беше ставил факултетот во состојба на вистинска возбуда; и кога загреан пред спектроскопот покажал сјајни ленти кои не наликувале на никои од боите на познатиот спектар имало многу зазбивтани разговори за нови елементи, бизарни оптички својства и други работи кои збунетите научници се склони да ги кажуваат кога се соочени со непознатото.
Одошто бил жешок, го тестирале во тигел со сите соодветни реагенси. Водата не му направила ништо. Исто било и со хлороводородната киселина. Азотната киселина и дури и царската вода само шуштеле и прскале наспроти неговата усвитена неранливост. На Еми му беше тешко да се сети на сите овие работи, но препозна некои растворувачи кога му ги споменав во најчестиот редослед на употреба. Имало амонијак и натриум хидроксид, алкохол и диетил етер, гадниот јаглерод дисулфид и дузина други; но иако тежината полека му се намалувала како што врвело времето и одломката се чинела како да се подизладува во растворувачите немало промена која би покажала дека барем малку ја имаат нагризано супстанцата. Сепак, несомнено била метал. Била магнетна; и по потопување во киселинските растворувачи се чинела дека има слаби траги на Видманштетенови фигури што се наоѓаат во метеорско железо. Кога ладењето веќе станало мошне значително, била тестирана и во стакло, и во стаклена лабораториска чаша најпосле и ги оставиле последните делчиња земени од првичната одломка за време на испитите. Наредното утро немало трага ни од делчињата ни од чашата и само саѓосана дамка го означувало местото на дрвената полица каде што се наоѓале.
Професорите му го кажале сето ова на Еми кога запреле кај него пред врата и тој по втор пат заминал со нив да го види камениот гласник од ѕвездите, макар што овој пат жена му не го придружувала. Сега веќе видливо бил намален и дури и трезвените професори не можеле да се сомневаат во вистината на она што го гледале. Насекаде околу сѐ помалата кафена грутка близу бунарот имало празен простор, освен онаму каде што земјата била пропадната; и иако претходниот ден била некои добри седум стапки напреку, сега била едвај пет. Сѐ уште била жешка и мудреците љубопитно ја разгледувале површината додека одделувале друго, поголемо парче со чекан и длето. Овој пат зариле длабоко и како што ја откорнале помалата маса виделе дека јадрото на нештото не е сосема еднообразно.
Откриле нешто што се чинело како страната на некаква голема, обоена куглица која била врежана во супстанцата. Бојата, којашто личела на некои од лентите од чудниот спектар на метеорот, била скоро невозможна да се опише; и само по аналогија ја нарекле боја. Текстурата ѝ била сјајна и кога ја потчукнале се покажала дека поседува кртост и шупливост. Еден од професорите ѝ задал здрав удар со чеканот и пукнала со мало, нервозно пукање. Ништо не било оддадено и секоја трага од нештото изчезнала со прободувањето. Оставила шуплив сферичен простор голем околу три инчи напреку и сите помислиле дека веројатно е да се појават и други со распаѓањето на опкружната супстанца.
Напразно било да се претпоставува; па по неплоден обид да најдат други куглици со дупчење, трагачите повторно си заминале со новиот примерок - кој, меѓутоа, се покажал исто онолку обезглавувачки во лабораторијата колку и неговиот претходник. Освен што бил скоро пластичен, што поседувал жештина, магнетизам и слаба светлосност, што малку се оладувал во силни киселини, имал непознат спектар, се распаѓал на воздух и напаѓал силициумски соединенија резултирајќи со заедничко уништување, не покажувал апсолутно никакви препознатливи својства; и на крајот на тестовите научниците од факултетот биле приморани да признаат дека не можат да одредат што е. Не било ништо земјино, туку парче од големата надворешност; и како такво обдарено со надворешни особености и потчинето на надворешни закони.
Таа ноќ имало луња и кога професорите пошле кај Неам наредниот ден, биле пречекани од горко разочарување. Каменот, одошто бил магнетен, мора да имал некаква чудна електрична особеност; зашто ги „привлекувал грмотевиците“, како што рекол Неам, со своеобразна упорност. Шест пати во еден час земјоделецот видел како гром ја удира браздата во дворот и кога бурата поминала не останало ништо освен раздрпана јама крај древниот ѓеран, полузагушена од пропадната земја. Копање не вродило плод и научниците го потврдиле фактот на целосното исчезнување. Неуспехот бил целосен; па не им преостанало ништо друго освен да се вратат во лабораторијата и повторно да ја тестираат скоро исчезнатата одломка внимателно затворена во олово. Одломката истрајала една недела по чиј крај ништо значително не било дознаено за неа. Кога ја снемало, не останал никаков талог и со време професорите почнале и да се сомневаат дека со сопствени, будни очи ја беа виделе таа загадочна останка од безгазерните бездни од надвор; таа единична, бизарна порака од други универзуми и други царства на материја, сила и битисување.
Како и обично, аркамските весници направиле голема вест од настанот и неговото факултетско спонзорство и испратиле новинари да зборуваат со Неам Гарднер и неговото семејство. Најмалку еден бостонски дневник исто така испратил колумнист до местото и Неам набргу се претворил во славна личност низ местото. Бил виток, срдечен човек на околу педесет години кој живеел со жена си и трите синови на пријатниот салаш во долината. Тој и Еми често си оделе на гости, како и нивните жени; и Еми и по толку години кажуваше само најубави работи за него. Се чинел по малку горд од вниманието кое го предизвикал неговиот имот и често зборувал за метеоритот во наредните недели. Тој јули и август биле жешки и Неам здраво се имал зафатено со сенокос на десет-акрното пасиште преку Чепманс Брук; длабејќи длабоки бразди со арабата во засенетиот коловоз во средината. Работата го изморила повеќе од претходните години и му се чинело како староста нај-после да го беше навасала.
А потоа стасало време на плодови и жетва. Крушите и јаболката полека зрееле и Неам се колнел дека овоштарниците му раѓаат како никогаш дотогаш. Овошјето растело до извонредна големина и невидена сјајност и во толкаво изобилство што биле нарачани додатни буриња за да ја соберат претстојната жетва. Но со зреењето дошло и горко разочарување; зашто од сето тоа благодетно мноштво на своевидна сочност ниту една ронка не била погодна за јадење. Во благиот вкус на крушите и јаболката се имало вовлечено некоја потајна горчливост и гадливост, што дури и најмалото залче предизвикувало долготрајно гадење. Исто било и со дињите и доматите и Неам натажено увидел дека целата жетва му е упропастена. Бргу поврзувајќи ги работите, зајавил дека метеоритот ја има затруено почвата и му благодарел на Господ што повеќето од другата жетва била во парцелите погоре по патот.
Зимата дошла порано и била многу студена. Еми поретко од обично се гледал со Неам и забележал дека тој почнал да изгледа загрижено. И другите од семејството како да беа станале молчаливи и биле далеку од редовни во одењето в црква или во присуството на различните друштвени збиднувања во околијата. За ваквата резервираност или меланхолија не можело да се најде причина, макар што сите куќи одвреме-навреме признавале дека ги запоседнало лошо здравје и некој нејасен неспокој. Самиот Неам ја дал најјасната изјава од сите кога рекол дека е вознемирен поради некои извесни отпечатоци во снегот. Биле вообичаените зимски стапалки на црвени верверички, бели зајаци и лисици, но намрштениот земјоделец тврдел дека видел нешто што не било како што треба во нивната природа и подреденост. Никогаш не бил подробен, но се чинело како да мисли дека не биле толку својствени за анатомијата и навиките на верверичките и зајаците и лисиците колку што требало да бидат. Еми ги слушал ваквите муабети без многу да се интересира сѐ додека една вечер кога поминал со санката крај куќата на Неам на враќање од Кларкс Корнерс. Имало месечина и преку патот претрчал зајак; и скоковите на тој зајак биле со должина којашто не им се допаднала ни на Еми ни на неговиот коњ. Коњот дури и за малку ќе избегал да не бил цврсто потегнат за уздите. Оттогаш Еми почнал да му препишува поголема вредност на приказните на Неам и да се прашува зошто кучињата на Гарднерови секое утро се толку ангелосани и потресени. Се покажало дека скоро и изгубиле кувет да лаат.
Во февруари момчињата на МекГрегор од Медоу Хил биле излезени да ловат мрмоти и недалеку од имотот на Гарднерови уловиле мошне необичен примерок. Пропорциите на телото се чинеле како да му се подизменети на настран начин кој бил невозможно да се опише, додека лицето му имало добиено израз каков што никој дотогаш не беше видел кај мрмот. Момчињата вистински се исплашиле и веднаш го исфрлиле животното, така што само нивните гротескни сказни за случката стигнале до народот од околијата. Но уплавот на коњи близу куќата на Неам дотогаш бил станал добро познат факт и основата на еден цел циклус прошепотени легенди бргу почнала да зазема облик.
Луѓето се колнеле дека снегот се топел побрзо околу имотот на Неам отколку на другите места и рано во март имало вомјазена дискусија во кооперацијата на Потер кај Кларкс Корнерс. Стивен Рајс утрото поминал со колата крај Гарднерови и ги забележал зелките-смрдливки како стојат исправени во калта крај коријата преку патот. Никој дотогаш немал видено толку големи нешта и поседувале чудни бои кои не можеле да се опишат со зборови. Облиците им биле чудовишни и коњот за’ржал од некоја миризба која на Стивен му се видела како крајно беспримерна. Тоа попладне неколку лица поминале да ги видат абнормалните плодови и сите се согласиле дека растенија од таков сој никогаш не би требало да никнуваат во еден здрав свет. Лошото овошје од претходната есен нашироко било споменувано и од уста на уста се ширело дека има отров во земјата на Неам. Се разбира, метеоритот бил крив; и сеќавајќи се колку рекле дека е чуден каменот луѓето од факултетот, неколку земјоделци пошле да им кажат за оваа работа.
Еден ден му дошле на Неам на гости; но одошто не биле склони кон разуздани приказни и фолклор, биле многу конзервативни во она што го констатирале. Растенијата биле навистина чудни, но сите зелки-смрдливки се горе-долу чудни по форма и миризба и шар. Можеби некој минерален елемент од каменот имал влезено во почвата, но наскоро ќе бил однесен од водата. А за стапалките и исплашените коњи - ова се разбира биле само селски муабети какви што се очекувало дека ќе поттикне еден таков феномен како аеролитот. Сериозни луѓе немало што да си имаат работа со разуздани гласини, зашто суеверните провинцијалци би рекле и поверувале во секакви работи. И така низ целиот тек на чудните дни, професорите презриво останале настрана. Само еден од нив, кога му биле дадени две шишенца со прав за испитување за полициски случај повеќе од година и пол покасно, се присетил дека необичната боја на таа зелка-смрдливка мошне личела на некои од аномалните ленти светлина кои ги оддавала одломката метеор во спектроскопот на факултетот и на кртата куглица пронајдена закачена во амбисниот камен. Примероците во тој случај од испитувањето првично ги оддавале истите необични ленти, но потоа го изгубиле ваквото својство.
Дрвјата предвреме процутеле околу имотот на Неам и навечер кобно се лулале на ветрот. Вториот син на Неам, Тадеус, момче на петнаесет години, се колнел дека се лулале и кога немало ветер; но ова дури ни гласините не сакале да го оверодостојат. Меѓутоа, сигурно било дека во воздухот има неспокој. Целото семејство Гарднерови пројавиле навика потајно да наслушуваат, иако и сами не можеле свесно да кажат каков звук се обидуваат да начујат. Всушност, слушањето како да било производ на моменти кога свеста половично им се измолкнувала од глава. За жал, ваквите моменти зачестувале од недела во недела, сѐ додека не се рашириле муабети дека „нешто им фали на Неамовци“. Кога излегле раните каменоломки, биле со друга чудна боја; не баш како таа на зелките-смрдливки, но очевидно поврзана и подеднакво непозната за сите кои ја виделе. Неам одвел неколку цветови во Аркам и му ги покажал на уредникот на „Газетата“, но тој великодостојник за нив напишал само една хумористична статија, каде што мрачните стравови на провинцијалците биле подложени на учтив потсмев. Грешка направил Неам што му кажал на еден таков сталожен граѓанин за начинот на кој големите, подуени пеперутки „мртовечки плаштови“ се однесувале во врска со тие каменоломки.
Април довел некакво лудило кај мештаните и ја започнал неупотребата на патот покрај имотот на Неам која на крај довела до негово напуштање. Поради вегетацијата било. Сите дрвја во овоштарникот расцутиле во чудни бои и низ камената почва на дворот и соседните пасишта изникнале загадочни израстоци кои само ботанист би можел да ги поврзе со вообичаената флора на тој предел. Никаде немало здрави, пријатни бои, освен во зелената трева и разлистоците; туку насекаде тие грозничави и призматични варијанти на некој заболен, општоопфатен тон без место меѓу познатите нијанси на земјата. Дицентрите се претвориле во предмети на зловестна закана и крвавчињата станале непослушни во нивната хроматична извитопереност. Еми и Гарднерови мислеле дека повеќето од боите поседуваат некаква опседнувачка познатост и заклучиле дека потсетуваат на кртата куглица во метеорот. Неам го изорал и посеал десет-акрното пасиште и горната парцела, но не направил ништо со земјата околу куќата. Знаел дека ќе е залудно и се надевал дека чудните летни израстоци ќе го извлечат сиот отров од почвата. Сега веќе бил спремен на сѐ и се имал навикнато на чувството дека нешто до него чека да биде слушнато. Се разбира, тоа што соседите да бегаат од неговата куќа му паднало тешко, но ѝ паднало уште потешко на жена му. На момчињата им било полесно, одошто секој ден биле на школо; но и нив не можело, а да не им е страв од озборувањата. Тадеус, кој бил особено чувствително дете, пател најмногу.
Во мај дошле инсектите и имотот на Неам станал кошмар на зуења и лазења. Повеќето од суштествата се чинеле како да не се баш нормални во изразот и движењата и нивните ноќни навики се коселе со сето дотогашно искуство. Гарднерови почнале да се распулуваат навечер - да се распулуваат во сите насоки потамина, барајќи нешто... не можеле да кажат што. И тогаш сите признале дека Тадеус беше бил во право за дрвјата. Госпоѓа Гарднер била наредната која ги здогледала од прозорецот додека гледала во подуените ветки на еден јавор наспроти небо на месечина. Ветките видно се движеле, а немало ветер. Сигурно било од сокот во дрвото. Сѐ што растело сега било навасано од чудност. Но сепак не биле членовите на семејството на Неам оние кои го направиле наредното откритие. Познатоста ги беше затапила и она што тие не можеле да го видат било наѕрено од еден страшлив продавач на ветерници од Болтон кој една вечер поминал со кола не знаејќи ги селските легенди. На она што го раскажал во Аркам му било дадено краток параграф во Газетата; и таму за првпат било забележано од сите земјоделци, вклучувајќи го и Неам. Ноќта беше била темна, а светлата на чезата бледи, но околу некоја фарма во долината којашто сите од изјавата тврделе дека е таа на Неам темнината била помалку густа. Притулена, но впечатлива светлосност како да се содржела во сета вегетација; и во тревата и во лисјата и во цутовите; додека во еден миг одвоено парче од светлозрачноста како притаено да се помрднало во дворот близу шталата.
Тревата дотогаш се чинела недопрена и кравите биле слободно пасени во парцелата близу куќата, но при крајот на мај млекото почнало да се расипува. Тогаш Неам ги одвел кравите во повисоките краеви, по што проблемот престанал. Недолго по ова, промената во тревата и лисјата почнала да станува очигледна за голо око. Целото зелениште фатило да посивува и да добива крајно своеобразно својство на кртост. Еми сега бил единствениот човек кој сѐ уште го посетувал местото, а и неговите посети станувале сѐ поретки и поретки. Кога се распуштило школото Гарднерови биле речиси отсечени од светот и понекогаш му давале на Еми да им ги брка работите во градот. Сперливо пропаѓале и физички и ментално и никој не се зачудил кога почнала да се размотува веста за лудилото на госпоѓа Гарднер.
Се случило во јуни, околу годишнината од падот на метеорот и кутрата жена врескала за нешта во воздухот коишто не можела да ги опише. Во излудените бладања немало ниту една конкретна именка, туку само глаголи и заменки. Нешта се движеле и се менувале и пафтале и ушите ѝ ѕвонеле со импулси кои не биле баш звуци. Нешто било одземено - нешто ѝ било исцедено - нешто се прицврстило за неа што не требало да го има - некој морало да го набрка - никогаш ништо не било мирно во ноќта - ѕидовите и прозорците се менувале. Неам не ја испратил до околната лудница, туку ја оставил да снова низ куќата додека сѐ уште била безопасна за себеси и за другите. Дури и кога ѝ се сменил изразот на лицето не направил ништо. Но кога момчињата почнале да се плашат од неа и Тадеус скоро се онесвестил од тоа како му се виличела, решил да ја чува затворена на таван. До јули веќе имала престанато да зборува и лазела на раце и нозе, а пред да истече месецот Неам го добил лудиот впечаток дека оддава мала светлосност во темница, како што веќе јасно гледал дека се случува со блиската вегетација.
Некое време пред ова коњите здивеле во стампедо. Нешто ги имало вознемирано во ноќта и ѕвискањето и клоцањето од шталата било ужасно. Речиси со ништо не можеле да се смират и кога Неам ја отворил вратата од шталата сите се втурнале надвор како исплашени горски срни. Им требало цела недела за да ги пронајдат сите четири и кога ги нашле веќе биле бескорисни и нескротливи. Нешто им се изместило во мозокот и секој морало да се застрела за негово добро. Неам позајмил коњ од Еми за сенокосот, но испаднало дека животното не сакало да се приближи до шталата. Се тегнело, опирало и ’ржело и на крајот не можел да стори ништо освен да го одведе во дворот додека мажите со сопствени сили морале да ја доближат тешката приколка до плевната за да можат да работат. А вегетацијата цело време постанувала сива и крта. Дури и цвеќињата чии шари беа биле толку чудни сега посивувале, а овошките растеле сиви и спечени и без вкус. Митровденчињата и златиците цутеле сиви и изобличени, а розите и циниите и црвените слезови во дворот биле такви богохулни зданија што најстариот син на Неам, Зенас, сите ги исекол. Во тоа време испоумреле необично подуените инсекти, дури и пчелите кои си ги имале напуштено пчеларниците и имале заминато во коријата.
До септември сета вегетација забрзано се ронела во сива прав; и на Неам му било страв дека дрвата ќе изумрат пред отровот да може да излезе од почвата. Жена му сега имала редовни напади на застрашително врескање и и тој и момчињата биле во постојана состојба на нервозна напнатост. Беа почнале да ги бегаат од луѓе и кога школото отворило момчињата не отишле. Но Еми, за време на една од ретките посети, бил оној кој сфатил дека водата од бунарот веќе не е за пиење. Имала одбивен вкус кој не бил баш ни реав ни солен и Еми го посоветувал пријателот да ископа друг бунар на повисоко место за да го користат додека почвата не се опорави. Меѓутоа, Неам го занемарил ова предупредување, зашто дотогаш веќе бил закоравен кон чудни и непријатни работи. Тој и момчињата продолжиле да ја користат наглотената вода, пиејќи ја безволно и механички додека ги јаделе оскудните и лошо зготвени оброци и ги вршеле неблагодарните и еднолични домашни задачи низ бесцелните денови. Кај сите нив владеело некакво сталожено препуштање, како половично да чекорат во некој друг свет помеѓу редици на безимени стражари кон сигурна и позната пропаст.
Тадеус полудел во септември по една посета на бунарот. Беше заминал со ведро и се вратил со празни раце, крикајќи и мафтајќи со рацете и понекогаш потонувајќи во бесмислено кркотење или шепот за „боите шо се движа’ таму долу“. Двајца во едно семејство било лошо, но Неам бил храбар. Му дал на момчето да се растрчува една недела, додека не почнало да се препнува и да се повредува, а потоа го затворил во таванската соба од другата страна на ходникот од собата на мајка му. Начинот на кој врескале меѓу себе од зад заклучените врати бил навистина ужасен, особен за малиот Мервин, на кој му се чинело како да зборуваат на некој ужасен јазик што не е од земјата. Мервин почнал страшно да фантазира и неговиот неспокој бил уште полош по затворањето на брат му со којшто најмногу си беше играл.
Скоро истовремено почнало и умирањето на стоката. Живината посивела и бргу изумрела, а месото им било суво и опоро кога ќе го пресечеле. Свињите станале прекумерно дебели и наеднаш почнале да пројавуваат одвратни промени кој никој не можел да ги објасни. Месото се разбира им било бескорисно и на Неам веќе умот му се зел. Никој од селските ветеринари не сакал да се приближи до местото, а сите градски ветеринари од Аркам биле отворено обезглавени. Прасињата почнале да посивуваат и да стануваат крти, распаѓајќи се на парчиња пред да умрат, а очите и муцките им пројавиле своеобразни преиначувања. Било многу необјасниво, зашто никогаш не биле хранети со наглотената вегетација. Тогаш нешто ги погодило и кравите. Одредени делови или понекогаш и целото тело станувало своевидно збрчкано или набиено и свирепи отпаѓања или разградувања биле честа појава. Во последните етапи - а резултатот секогаш било смрт - настапувало посивување и кртост каква што ги беше навасала свињите. Јасно било дека не се работи за отров, зашто сите случаи биле во заклучена и невознемирена штала. Ниту касај од некакви сновачки створови не би можел да го има предизвикано вирусот, зашто која земна ѕверка би можела да помине низ цврсти препреки? Морало да е некоја природна болест - меѓутоа каква болест би можела да нанесе вакви резултати ничиј ум не можел да одгатне. Кога дошла жетвата немало ниту едно преживеано животно во местото, зашто стоката и живината биле мртви, а кучињата имале побегнато. Кучињата, три на број, сите заедно исчезнале една вечер и веќе никој ниту ги видел ниту ги чул. Петте мачки си имале заминато некое време пред тоа, но нивното заминување едвај било забележано, бидејќи се чинело дека веќе нема глувци и само госпоѓа Гарднер ги имала грациозните животинки за свои миленици.
На деветнаесетти октомври Неам се втурнал тетеравејќи се во куќата на Еми со ужасни вести. Смрт го беше навасала кутриот Тадеус во таванската соба и беше дошла на начин кој не можел да биде искажан. Неам беше ископал гроб во оградената семејна парцела зад фармата и го положил внатре она што го нашол. Не можело да биде ништо од надвор зашто малиот прозорец со решетки и заклучената врата биле недопрени; но било скоро исто како и во шталата. Еми и жена му го утешиле погодениот човек колку што можеле, но и самите трепереле. Чист ужас како да се имал закачено за Гарднерови и за сѐ што ќе пофателе и самото присуство на еден од нив во куќата било здив од предели неизустени и неизустиви. Еми го придружил Неам до дома, макар крајно неволно и сторил сѐ што можел за да го смири хистеричното липање на малиот Мервин. На Зенас не му требало смирување. Во последно време почнал постојано само да зјапа во празно и да го послушува она што ќе му го кажел татко му; и Еми мислеше дека судбината му била мошне милослива. Одвреме-навреме на врескањата на Мервин стигал едвај чуен одглас од таванот; и како одговор на прашалниот поглед, Неам рекол дека жена му станала многу немоќна. Кога паднало квечерина, Еми успеал да си замине; зашто дури ни за атер на пријателот не се осмелувал да остане на тоа место кога започнало бледото светло на вегетацијата и дрвјата како да се занишале, а можеби и не, без да има ветер. Еми беше навистина среќен што немаше побујна фантазија. Него паметта и бездруго му беше малку подискривена; но да беше способен да промисли и да ги поврзе сите знаменија околу него, несомнено би се претворил во потполен умоболник. Во самракот поитал кон дома, додека врескањата на лудата жена и растревоженото дете ужасно му одѕвонувале во ушите.
Три дена покасно Неам се допоревал до кујната на Еми рано изутрина и во отсуство на домаќинот повторно пропелтечел очајна приказна, додека госпоѓа Пирс слушала загушена од страв. Овој пат било за малиот Мервин. Го снемало. Излегол касно во ноќта со фенер и ведро за вода и не се вратил. Веќе со денови сѐ повеќе се растројувал и едвај знаел каде е или што прави. Врескал на сѐ. Потоа дошол избезумен крик од дворот, но пред таткото да појде до врата момчето го снемало. Немало светлост од фенерот којшто го зел, а од детето пак ниту трага. Најпрво Неам мислел дека ги снемало и фенерот и ведрото; но кога дошла зората и човекот доклапал назад по целоноќната потрага низ кориите и полињата, пронашол некои мошне чудни работи близу бунарот. Имало некаква здробена и навидум до некаде стопена маса на железо којашто сигурно била фенерот; додека искривената дршка и извитканите железни обрачи крај неа, полувтопени едни за други, како да алудирале на остатоци од ведрото. Тоа било сѐ. Неам веќе не знаел што да мисли, на госпоѓа Пирс ѝ се зел умот, а Еми, кога стигнал дома и ја чул сказната, не можел ништо да претпостави. Мервин го немало и ќе било бескорисно да им се кажува на другите луѓе низ местото, кои сега бегале од сите Гарднеровци. Немало корист да им се кажува ниту на луѓето од Аркам кои се смееле на сѐ. Тед веќе го немало, а сега го немало и Мервин. Нешто се прикрадувало сѐ поблизу и поблизу и чекало да биде видено и почувствувано и чуено. Неам наскоро ќе го немало и сакал Еми да се грижи за жена му и Зенас, ако го надживеат. Сето тоа морало да е некоја божја казна; макар што немал претстава за што, зошто, колку што знаел, отсекогаш исправено беше чекорел по божјиот пат.
Еми повеќе од две недели не чул никаков глас од Неам; и тогаш, загрижен да не се има нешто случено, го надвладеал стравот и заминал да ја посети куќата на Гарднерови. Од големиот оџак немало чад и за кратко посетителот постравувал од најлошото. Појавата на целата фарма била потресна - посивена, исушена трева и лисја на земјата, бршлени испопаднати во крта крш од древни ѕидови и калкани и големи голи дрва кои се грабале кон сивото ноемвриско небо со обмислена злокобност која Еми не можел, а да не почувствува дека доаѓала од некоја блага промена во навалувањето на нивните гранки. Но Неам сепак бил жив. Бил слаб и лежел на диванот во нискотаванската кујна, но совршено свесен и способен да му дава прости наредби на Зенас. Собата била смртно студена; и кога Еми видливо се затресол, домаќинот зарипнато му викнал на Зенас да донесе повеќе дрва. Всушност и имало голема потреба од дрво; зашто зјајнатото огниште било незапалено и празно, со облак од саѓи кој се распавтувал на студениот ветер кој се спуштал од оџакот. Одеднаш Неам го прашал дали му е поудобно сега откако ставиле повеќе дрва и тогаш Еми сфатил што се има случено. Најцврстата жица конечно се беше скинала, а паметот на несреќниот земјоделец навестувал и друга жалост.
Претпазливо распрашувајќи се, Еми воопшто не можел да добие јасни информации за Зенас кој го немало. „В бунар - живеј’ в бунар - “ било сѐ што можел да каже разлудениот татко. Тогаш во умот на посетителот блеснала ненадејна мисла за лудата жена и ја променил насоката на испрашување. „Неби? Епа, еве ја де!“ било изненадениот одговор на кутриот Неам и Еми набргу сфатил дека ќе мора сам да ја побара. Оставајќи го безопасниот бладач на диванот, ги зел клучевите од клинецот крај вратата и се искачил по крцкавите скали до таванот. Горе било задушливо и опоро и од никој правец не се слушало звук. Од четирите врати кои се гледале, само една била заклучена и на неа ги пробал различните клучеви од алката која ја беше зел. Третиот клуч се покажал дека е вистинскиот и по кратко распипување Еми ја разотворил ниската, бела врата.
Внатре било мошне темно, зашто прозорецот бил мал и полузасенет од самоделските дрвени решетки; и Еми не можел да види ништо на широките даски на подот. Смрдеата била крајно неподнослива и пред да може да влезе повнатре, морал да се повлече во другата соба и да се врати со гради полни дишлив воздух. Кога најпосле влегол, видел нешто темно во ќошот и кога го видел појасно, се издрал колку што го држело грлото. Додека врескал помислил дека моментален облак го помрачил прозорецот и една секунда покасно почувствувал како струјата на некоја презрива чуреа да профучува крај него. Чудни бои му заиграле пред очи; и да не бил отрпнат од тогашниот ужас, ќе помислел на куглицата во метеорот која ја беше скршил чеканот на геологот и на морбидната вегетација која никнала таа пролет. Но место тоа, мислел само на богохулната чудовишност со којашто бил соочен и која многу јасно ја делела безимената судбина на малиот Тадеус и стоката. Но страшното нешто во таа ужасија било тоа што таа многу споро и воочливо се движела како што продолжувала да се рони.
Еми не сакаше да ми даде додатни подробности за оваа сцена, но обликот во ќошот не се појавува повторно во неговата сказна како подвижен предмет. Има работи кои не можат да се споменат и она што е направено од општа човечност е понекогаш сурово осудено од законот. Разбрав само дека во таванската соба не останало ништо подвижно и дека да се остави таму нешто способно за движење ќе било толку чудовишно дело што секоја одговорна личност да би ја осудило на вечни маки. Секој друг на местото на сталожениот земјоделец би се онесвестил или би полудел, но Еми присвесно поминал низ таа ниска врата и ја заклучил клетата тајна зад него. Сега требало да гледа за Неам; да го нахрани и чува и да го одведе до некое место каде што ќе може да го згрижат.
Почнувајќи го спустот по темните скали, Еми под него чул тупот. Помислил дури и дека некој вресок бил наеднаш затишен и нервозно се сетил на немливата чуреа која профучила крај него во страшната соба на катот. Каков ли призрак пробудил неговиот крик и присуство? Сопрен од некој нејасен страв, повторно чул звуци одоздола. Несомнено се слушало некое тешко влечење и некој крајно презрив, леплив звук, како некој вражји и нечист вид на шмукање. Со асоцијативно чувство дотерано до трескави височини, необјасниво помислил на она што го беше видел на горниот кат. Господе Боже! Во каков устрелен соносвет беше ли залутал? Не се осмелувал ни нанапред ни наназад да се помрдне, тука само стоел таму тресејќи се на црниот свиок на ограденото скалиште. Секоја ронка од сцената му се врежала во мозокот. Звуците, чувството на страшно исчекување, темнината, стрмноста на тесните скали - и Боже мил!... бледата, но непогрешлива светлосност на сета догледна дрвенарија; и скалите и оградата и откриените летви и греди!
Тогаш очајно ’ржење избувнало од коњот на Еми од надвор, наеднаш проследено со клопот кој раскажувал за избезумено бегство. За миг и коњот и чезата заминале во недомет, оставајќи го исплашениот човек на мрачните скали да погодува што ги спотнало. Но тоа не било сѐ. И некој друг звук се чул од надвор. Како некој течен плисок - вода - мора да бил бунарот. Го беше оставил Хиро одврзан близу бунарот и едно од тркалата на чезата сигурно ја беше поткачило круната на ѕидот и турнало внатре некој камен. И и понатаму бледата светлосност зрачела во таа презриво древна дрвенарија. Боже! Колку била стара куќата! Поголемиот дел бил изграден пред 1670, а мансардниот покрив не покасно од 1730.
Некакво немоќно гребење тогаш изразено се огласило од подот на долниот кат и Еми го зацврстил загработ на тешкиот стап којшто го беше зел од таванот за некоја намера. Споро окуражувајќи се, завршил со спустот и бодро зачекорил кон кујната. Но не го завршил чекорењето; зашто она што го барал веќе не било таму. Беше дошло да го пречека и сѐ уште било живо, на некој начин. Дали беше доползило или беше било довлечено од некоја надворешна сила, Еми не можеше да каже; но се гледало дека смртта го беше растрбушила. Сѐ се беше случило во последниот пола час, но распадот, сивеењето и разградувањето веќе биле далеку напреднати. Имало ужасна кртост и суви одломки се лупеле од него. Еми не можел да го допре, туку само ужаснато гледал во извитоперената пародија којашто еднаш била лице. „Шо беше Неам - шо беше?“ прошепотел и расцепените, вбрекнати усни можеле само да одгракаат еден последен одговор.
„Ниш‘о... ниш‘о... бојата... гори... ладна и влажна... ама гори... живејше во бунаро... го видоф... ‘ко некоја чат... исто ‘ко цвејчината пролетта лани... бунаро светеше навечер... Тед и Мерни и Зенас... сѐ шо беше живо... цица живот од сѐ... во камено... сигурно во камено има дојдено... цело место г’отру... не знам шо сака... то округлото тие од факултето шо го откопаја од камено... го здробија... беше со иста боја... исто беше, ‘ко цвејчината и билките... сигурно биле појче... семина... семина... испораснаја... прфпат го видоф неделава... сигурно имаше ојачано од Зенас... голем беше, полн живот... ти го налегнува умо и те фајча... сио‘ те гори... во водата од бунаро... арно рече ти... злобна вода... Зенас никош не се врати од бунаро... не мојш д‘избегаш... те влечи... знајш дека неш‘о те чека, ама џабе ти е... многупати г‘имаф видено от’ко го зеде Зенас... Еми, кај е Неби?... не чинам во глата... не знам колку има от’ко ѝ дадов да јади последно... че ја земи ако не пазам... само боја... почна на лице да ѝ се покажува некош бојата ‘ко че се потстемни надвор... и гори и шмука... дошло од место кајшо работите не се ‘ко шо се тука... еден од тие професорите така рече... арно рече... пази Еми, че напрај и нешто друго... го цица живото од...“
Но тоа било сѐ. Тоа што зборувало веќе не можело да зборува зашто целосно се врушило. Еми послал црвен кариран чаршав над останките и се залулал низ задната врата кон полињата. Се искачил по падината на десет-акрното пасиште и се протетеравил до дома по северниот пат и низ коријата. Не сакал да мине покрај бунарот од којшто му избегал коњот. Го беше погледнал од прозорецот и видел дека нема камен да фали од работ. Значи расклатената чеза сепак ништо немала турнато - плисокот било нешто друго - нешто што влегло во бунарот откако завршило со кутриот Неам...
Кога Еми си стигнал дома коњот со чезата веќе биле втасани пред него и ја беа ставиле жена му на триста умишта. Смирувајќи ја без да ѝ даде објаснување, веднаш тргнал за Аркам и ги известил властите дека семејството Гарднерови веќе го нема. Не се впуштил во никакви детали, туку само раскажал за смртта на Неам и Неби, зашто смртта на Тадеус веќе била позната и споменал дека причината навидум била истата чудна болештина којашто ја убила и стоката. Изјавил исто така и дека Мервин и Зенас исчезнале. Во полициската станица настапило опширно распрашувања и на крајот Еми бил приморан да одведе тројца полицајци до фармата на Гарднерови, заедно со вештакот, медицинскиот иследник и ветеринарот кој претходно ги имал прегледано заболените животни. Заминал мошне нерадо, зашто пладнето минело и се плашел од паѓањето на ноќта над тоа клето место, но сепак до некаде му било утеха да има толку многу луѓе со него.
Шестмината заминале во запрежна кола, следејќи ја чезата на Еми и пристигнале до напастената куќа на фармата во околу четири часот. Колку и да биле навикати полицајците на грозоморни случаи ниту еден не останал непогоден од она што било најдено на таванот и под црвениот кариран чаршав на подот долу на приземјето. Целата појава на фармата со нејзиниот сив пустош била и сама по себе ужасна, но тие два разронети предмети биле надвор од секоја граница. Никој не можел да ги гледа за долго и дури и медицинскиот иследник признал дека има мошне малку за иследување. Се разбира, можеле да се испитаат примероци, па се зафатил со нивно земање - и тука се воспостави дека една многу загадочната последица се случила во факултетската лабораторија каде што двете шишенца со прав најпосле биле однесени. Под спектроскоп и двата примероци оддавале некаков непознат спектар, од кој многу од обезглавувачките ленти биле токму како оние коишто ги прикажувал чудниот метеор од претходната година. Својството да го оддаваат овој спектар исчезнало за еден месец и правта потоа се состоела главно од алкални фосфати и карбонати.
Еми немало да им каже на луѓето за бунарот ако мислел дека имаат наумено на лице место да направат нешто. Почнало да замрачува и едвај чекал да си замине од местото. Но не можел, а да не погледне нервозно кон камената калдрма крај големиот ѓеран и кога еден од детективите го запрашал, признал дека на Неам му било страв од нешто во бунарот - до толку што никогаш ниту помислил таму да ги побара Мервин и Зенас. Потоа не можеле, а уште веднаш да не го испразнат и истражат бунарот, па Еми морал да чека тресејќи се, додека ведро по ведро од гнилата водат било црпено и плискано врз мократа земја надвор. Луѓето згадено ја мирисале течноста и при крајот си ги затинале носевите од реата која ја откривале. Работата не била толку долга колку што се плашеле дека ќе е, зашто водата била извонредно плитка. Нема потреба во преголеми детали да се зборува за она што го пронашле. Таму биле и Мервин и Зенас, делумно, иако останките во главно биле костурни. Имало и еден мал елен и големо куче во отприлика истата состојба и други коски од помали животни. Слузта и слинката на дното се чинеле необјасниво порозни и пенести и човекот кој се спуштил во бунарот по издадените камења со долг стап, видел дека може да го потопи дрвото до секаква длабочина во калта на дното без да се сретне со тврда препрека.
Беше паднал самрак и од куќата биле доведени фенери. Тогаш, кога се увидело дека веќе ништо друго не може да се дознае од бунарот, сите влегле во куќата и се собрале во древната дневна соба додека испрекинатата светлина на призрачната полумесечина бледо играла врз сивиот пустош надвор. Луѓето биле искрено замелушени од целиот случај и не можеле да најдат никаков убедлив заеднички елемент кој би ги поврзал чудната состојба на растенијата, непознатата болест на стоката и луѓето и неразјаснетата смрт на Мервин и Зенас во наглотениот бунар. Навистина, ги беа чуле секојдневните гласини низ селото, но не можеле да поверуваат дека се случило нешто спротивно од природните закони. Несомнено метеорот ја беше затрул почвата, но болеста на луѓето и животните кои не јаделе ништо пораснато во таа почва биле друга работа. Да не била водата од бунарот? Мошне веројатно. Добра идеа би било да се испита. Но какво чудно лудило ли можело да ги натера двете момчиња да скокнат во бунарот? Делата им биле толку слични - и одломките покажувале дека и двајцата ги снашла сивата крта смрт. Зошто сѐ било толку сиво и крто?
Вештакот, седнат крај еден прозорец кој гледал кон дворот, бил првиот кој ја забележал светлоста околу бунарот. Ноќа била во целост распослана и целата ненавистна земја се чинела како да е бледо осветлена од нешто повеќе од немирните месечеви зраци; но таа нова светлост била нешто одредено и различно и се чинела како да избива од црната јама како ублажен зрак од светилник, оддавајќи бледи одблесоци во малите бари низ земјата каде што имало истурено вода од празнењето. Имала многу сперлива боја и како што сите се грозделе околу прозорецот, Еми силно се сепнал. Зашто шарта на тој чуден зрак на грозоморна базд за него не била непозната. И претходно ја беше видел таа боја и му било страв да помисли што би можела да значи. Ја беше видел во таа гадна крта куглица во аеролитот пред две лета, ја беше видел во лудата вегетација во пролетта и му се причинило како да ја беше видел за момент баш тоа утро наспроти малиот прозорец со решетки во таа ужасна таванска соба каде што безимени работи се беа случиле. Беше светнала таму за миг и немливата и презрива струја на некоја чуреа профучила крај него - и потоа кутриот Неам бил земен од нешто што ја имало таа боја. Така беше рекол на крајот - дека било куглицата и растенијата. Потоа беше дошло бегството во дворот и плисокот во бунарот - а сега тој бунар во ноќта ригал блед зловестен зрак од истиот тој демонијачки тон.
Кажува многу за острината на умот на Еми тоа дека се задумал дури и во тој напнат момент за нешто што во принцип било научно прашање. Не можел да не се зачуди од тоа дека го склопил истиот впечаток од чуреа видена денски наспроти прозорец отворен на утринското небо и од вечерна излачотина видена како форсфоресцентна маглина наспроти црниот и срозан пејсаж. Не било во ред - било наспроти природата - и помислил на оние ужасни последни зборови на неговиот погоден пријател. „Дошло од место кајшо работите не се ‘ко шо се тука... еден од тие професорите така рече... “
Сите три коњи надвор, врзани за две исушени фиданки крај патот, веќе имале почнато избезумено да ‘ржат и да тупотат. Кочијашот се стрчал кон вратата за да преземе нешто, но Еми со растресена рака го фатил за рамо. „Немој д‘ излег‘ваш,“ прошепотел. „Има овде неко‘ работа шо не ја знајме. Неам рече во бунаро живеело нешто шо ти ја цица животта. Рече сигурно е нешто шо пораснало од тркалезната топка ‘ко та’ шо беше од метеоро шо падна лани во јуни. Цица и гори, рече; и е само ‘ко некој облак од боја ‘ко она’ светлинана надвор шо е сега, шо одвај се гледа и шо не мож‘ чоек да сфати шо е. Неам велеше дека се храни со сѐ шо е живо и цело време станува сѐ посилна. Рече дека минатата недела ја видел. Мора да е нешто од кизнај каде од небо од кај шо рекоја тие од факултето дека и метеоро од лани дека бил. Напраено е и работи ‘ко шо не рекол Госпо. Некоја ствар од отаде свет е.“
Така луѓето застанале неодлучни, додека светлината од бунарот раснела и закачените коњи тупотеле и ‘ржеле со сѐ поголем 'ршум. Навистина било ужасен миг; со ужас во самата древна и клета куќа, четири чудовишни збирки на одломки - две од куќата и две од бунарот - во шупата одзади и тој сноп на непозната и несвета сјајност од слузните длабини напред. Еми го беше запрел возачот како по нагон, заборавајќи колку неповреден беше останал тој самиот по немливото профучување на таа обоена чуреа во таванската соба, но можеби и било најдобро што така постапил. Никој никогаш нема да дознае што сновало надвор таа вечер; и иако богохулието од отаде светот дотогаш не повредило човек со неослабнат ум, којзнае ли што не ќе направело во тој последен момент со неговата навидум зголемена сила и посебни знаци на цел кои наскоро ги покажало под полузаоблаченото небо на месечина.
Одненадеж еден од детективите крај прозорецот испуштил краток, остар здив. Другите го погледале и потоа бргу му го проследиле погледот нагоре кон точката до којашто неговото бесцелно лутање наеднаш се закотвило. Немало потреба од зборови. Она за коешто се спорело во селските гласини било веќе неоспорно и поради она во коешто шепотејќи се согласил секој член на групата покасно, никогаш веќе не се зборува за чудните дни во Аркам. Потребно е прво да се изложи дека во тој час на квечерината немало ветер. Набрзо потоа почнало да дува, но тогаш воопшто не дувало. Дури и сувите врвови на последните лековити мудрици, сиви и пеплосани и провиснатиот раб на покривот на оставената запрежна кола биле неподвижни. А сепак сред тој напнат, безбожен мир, високите, голи ветки на сите дрва во дворот се мрдале. Морибдно и згрчено претале, грабајќи се во грчевито и епилептично лудило кон облаците на месечина; немоќно гребејќи низ дегутантниот воздух небаре тргани од некоја вонземна и бестелесна линија на поврзаност со подземни ужаси кои се тегнат и напинаат под црните корени.
Никој од луѓето не дишел на неколку секунди. Тогаш облак со потемна нијанса минал преку месечината и силуетата на разграбаните гранки избледела за момент. Притоа настапил општ извик; придушен од стравопочит, но зарипнат и скоро идентичен од секој грклан. Зашто ужасијата не избледела со силуетата и во еден стравотен миг на подлабока темнина набљудувачите виделе како врз високата крошна на дрвото се врголат илјада ситни точки на бледа и неосветена сјајност, крунисјувајќи ја секоја ветка како огнот на Свети Елмо или како пламените кои се спуштиле врз главите на апостолите на Дуовден. Било чудовишно соѕвездие на неприродна светлина, како згоен рој на мршо-ухранети светулки кои играат пеколни сарабанди над клетото блато; и бојата ѝ била истиот оној безимен натрап кој Еми веќе добро го препознавал и од кој стравувал. Цело време снопот на светлозрачност од бунарот станувал сѐ посјаен и посјаен, вродувајќи им во паметта на склупчените луѓе чувство на пропаст и абнормалност кое силно ја надмашувала секоја слика која нивната присвесна памет можела да ја оформи. Веќе не светела од отворот, туку изливала од него; и како што безобличниот проток на неопределива боја го напуштал бунарот се чинел како да истекува право кон небото.
Ветеринарот затреперил и пошол до влезната врата да го спушти тешкото додатно мандало врз неа. И Еми непомалку се затресол и морал да ги тегне и со прст да им покажува на другите, поради недостиг на гласовна контрола, кога сакал да им ја посочи растечката светлосност на дрвата. Ѕвискањето и тупотењето на коњите станало престрашно, но ниеден од групата во старата куќа не бил спремен да излезе надвор за било каква земна награда. Со секој миг, сјајноста на дрвата се засилувала, додека нивните неспокојни гранки се чинеле како сѐ повеќе и повеќе да се стремат кон вертикалност. Дрвото на ѓеранот сега сјаело и одеднаш еден полицаец немо го вперил прстот кон некои од дрвените шупи и пчеларници близу камениот ѕид на запад. И тие почнувале да сјаат, иако заврзаните возила на посетителите дотогаш се чинеле непогодени. Тогаш настапила дива врева и тропање на копита на патот и како што Еми ја изгасил ламбата за подобро да им се гледа, сфатиле дека редицата избезумени сивци ги скршиле фиданките и избегале со запрежната кола.
Шокот успеал да одврзе неколку јазици и биле разменети неколку засрамени шепоти. „Се шири на сѐ органско што поминало оттука“, промрморел медицинскиот иследник. Никој не одговорил, но човекот кој беше слегол во бунарот загатнал дека со долгиот стап сигурно раздвижил нешто недопирливо. „Грозно беше“, додал. „Воопшто немаше дно. Само слуз и меури и чувство како нешто да демне одоздола.“ Коњот на Еми сѐ уште тупотел и заглушно врескал надвор на патот и скоро и го удавил бледото цимолкање на неговиот стопан додека овој ги мрморел неговите безоблични промислувања. „Од камено дојде... растело таму долу... фатило сѐ шо било живо... се хранело со ниф, со умојте и телата... Тед и Мерни, Зенас и Неби... Неам бил последен... сите пиеја од водата... ојачало од ниф... дошло од отаде свет, кајшо работите не се ’ко шо се тука... сега си ој дома...“
Тука, како што столбот на непозната боја наеднаш пламнал посилно и почнал да се проткајува во фантастични укажувања на облици кои подоцна секој очевидец ги опишал поинаку, од кутриот заврзан Хиро дошол таков звук каков што никој дотогаш или оттогаш не беше чул од коњ. Секој присутен во таа нискотаванска дневна соба си ги затнал ушите и Еми се свртел од прозорецот, ужаснат и згаден. Со зборови не се доловувало - кога Еми повторно погледнал, несреќната животинка лежела склопчена и инертна на земјата осветлена од месечината помеѓу распуканите греди на чезата. Тоа било крајот на Хиро додека не го закопале наредниот ден. Но во тој миг немало време за жалање, зашто скоро во истиот момент еден детектив тивко посочил кон нешто ужасно во собата каде што биле тие самите. Во отсуство на светлината од ламбата било јасно дека некаква бледа светлозрачност почнала да го обзема целото живеалиште. Светела на подот од широки штици и на одломката на диплата тепих и мижуркала над рамките на малите прозорски крила. Се протегала долж откриените аголни греди, искрела околу полиците и каминот и ги имала заразено и вратите и мебелот. Зајакнувала со секоја минута и конечно станало многу јасно дека сѐ што е живо и здраво мора да ја напушти куќата.
Еми им ја покажал задната врата и патеката преку полињата до десет-акрното пасиште. Оделе и се препинале како во сон и не се осудиле да погледнат зад нив сѐ додека не биле далеку врз височините. Им било мило што ја има патеката, зашто не можеле да тргнат по предниот пат, крај тој бунар. Едвај ги поминале дури и зрачните шупи и штала и тие сјајни овоштарски дрва со нивните глуждливи, вражји контури; но фала Богу гранките најстрашно се виткале во повисоките делови. Месечината минувала зад некои многу црни облаци како што преминувале преку селскиот мост на Чепманс Брук и оттаму слепо се распипувале до отворените полјани.
Кога погледнале назад кон долината и далечниот имот на Гарднерови на дното, здогледале стравотна глетка. Сета фарма сјаела со одвратната непозната смеса на боја; дрвата, градбите и дури и оние треви и билки кои сѐ уште не биле целосно сменети во смртоносната сива кртост. Сите ветки се напрегале кон небото, крунисани со јазици од поган пламен и цвитливи капења од истиот чудовиштен оган ползеле кон слемињата на куќата, шталата и шупите. Било сцена како од визија на Фусели и околу сѐ друго се слевала таа збрка на светлосна безобличност, тоа вонземно и бездимензионално виножито на загадочен отров од бунарот - вриејќи, пипајќи, шлапајќи, посигајќи, блескотејќи, напинајќи и злоќудно клокотејќи во неговата космичка и непрепознатлива хроматичност.
Тогаш, од нигде-никаде, одвратното нешто вертикално испукало кон небото како ракета или метеор, не оставајќи зад себе ни трага и исчезнувајќи низ една тркалезна и необично правилно оформена дупка во облаците пред некој од групата да може да збивне или извика. Никој од набљудувачите не можел да ја заборави таа глетка и Еми бледо зјапал кон ѕвездите на Лебедовото Соѕвездие, со Денеб која мижуркала над другите, каде што непознатата боја се претопила во Млечниот Пат. Но потоа погледот бргу му бил повикан назад кон земјата од крцкањето во долината. Само тоа било. Само некое дрвено кинење и крцкање, а не експлозија, како што се колнеле толкумина други од групата. Меѓутоа исходот бил ист, зашто во еден трескавичен, калеидоскопен миг избил од таа упропастена и клета фарма светликаво продорен катаклизам на неприродни искри и твар; замаглувајќи им го погледот на малкумината кои го гледале и испраќајќи до зенитот бомбардирачки облачен излив на такви обоени и фантастични одломки од какви што нашиот универзум мора да се одрече. Низ миговно обновени чуреи ја следеле големата морбидност којашто исчезнала, а потоа и тие самите исчезнале. Долу и одзади останала само темнина до којашто групата не се осмелила да се врати и секаде наоколу имало потиснувачки ветер кој како да бришел со црни, ледени налети од меѓуѕвездениот семир. Крикал и виел и ги бичувал полињата и изобличените кории во луд космичи ‘ршум, сѐ додека растреперената група не сфатила дека би било залудно да чекаат да месечината повторно да го покаже она што останало долу кај куќата на Неам.
Презапрепастени за дури и да загатнат некаква теорија, седумте растреперени мажи допрусале некако до Аркам по северниот пат. На Еми му било полошо од на неговите придужници и ги преколнувал да го испратат до кај него в кујна, наместо да продолжат право по патот за в град. Не сакал сам да ја преминува заноќената, од ветер исшибана корија до неговата куќа на главниот пат. Зашто тој беше доживеал и додатен шок од кој другите биле поштедени и засекогаш бил здробен од смуртен страв кој долги години не се осмелувал ниту да го спомене. Како што останатите набљудувачи на тој олујен рид сталожено ги свртиле лицата кон патот, Еми за момент погледнал назад кон обсенетата долина на пустош која до толку неодамна му била прибежиште на неговиот црнок'сметен пријател. И од таа погодена, далечна точка видел како нешто снемоштено се издига, само за повторно да потоне врз местото од каде што големиот безобличен ужас беше испукал кон небото. Било само боја - но не боја каква што ја има на нашата земја или небеса. И бидејќи Еми ја препознал таа боја и сфатил дека оваа последна бледа останка мора сѐ уште да демне таму долу во бунарот, оттогаш веќе никогаш не бил како што треба.
Еми никогаш веќе не се приближил до местото. Четириесет и четири години минале откако се случил ужасот, но никогаш не пошол таму и ќе му било мило кога новиот резервоар ќе го удавел. И мене ќе ми е мило, зашто не ми се допаѓа како сончевата светлина ја промени бојата околу окното на тој напуштен бунар кој го поминав. Се надевам дека водата секогаш ќе е многу длабока - но и да е така, јас никогаш нема да ја пијам. Мислам дека веќе нема да ја посетам околијата на Аркам после ова. Тројца од луѓето кои биле со Еми се вратиле наредното утро за денски да ги видат урнатините, но и немало баш некои урнатини. Само циглите од оџакот, камењата од визбата, некаков минерален и метален смет наваму-натаму и работ на тој таласамничен бунар. Освен мртвиот коњ на Еми, кој го одвлекле со кола и закопале и чезата која наскоро му ја вратиле, сѐ што некогаш било живо го снемало. Останале пет устрелни акри на правлива сива пустина и ниту нешто таму пораснало оттогаш. До ден-денес лежи распослана наспроти небото како голема дамка изгризана од киселина среде кориите и полињата и малкумината кои се осмелиле да фрлат поглед натаму и покрај селските сказни, ја крстиле „срозаната вриштина“.
Селските скази се настрани. Би можеле да бидат уште понастрани ако луѓето од градот и хемичарите од факултетот доволно би се заинтересирале за да ја испитаат водата од тој напуштен бунар, или сивата прав која ветер како никако да не може да ја раздува. И ботаничарите можеби би требало да ја проучат закржлавената флора на границите на тоа место, зошто така би можеле да се развиделат селските муабети за тоа дека пламеницата се шири - малку по малку, можеби по еден инч годишно. Луѓето велат дека бојата на соседните билки не е баш како што треба напролет и дека диви нешта оставаат загадочни стапалки на лесниот зимски снег. Снегот никогаш како да не е толку длабок врз срозаната вриштина колку што е на другите места. Коњите - оние малку што се останати во ова моторно време - стануваат немирни во тивката долина; и ловците не можат да зависат од песовите кога се преблиску до лочката сивкаста прав.
Велат дека и умствените влијанијата биле многу лоши. Едночудо станале левтерни во годините по отимањето на Неам и никогаш немале сила да си заминат. Тогаш оние потврдокорните сите си заминале од пределот и само странците се обиделе да живеат во разронетите стари живеалишта. Но не можеле да останат; и човек понекогаш се прашува какви увиди надвор од нашите им беа дале нивните диви, бизарни приказни за прошепотена магија. Соништата навечер, се жалаат, им биле многу ужасни во таа гротескна околија; и сигурно самиот изглед на тоа мрачно царство е доволен за да ги раздвижи морбидните мечти. Ниеден патник не избегал од чувството на чудност во тие длабоки пропасти и уметниците се тресат додека ги сликаат густите кории чија мистерија е во духот колку што е и во окото. Јас и самиот сум љубопитен за осетот кој ме облеа од мојата единствена осамена прошетка пред Еми да ми ја каже неговата сказна. Кога фати самрак, како упола да посакав да се насоберат облаци, зашто некоја чудна страшливост од длабоките небеснински небиднини одозгора ми се беше прикрадила во душата.
Не прашувајте ме што мислам. Не знам - тоа е сѐ. Немаше никој друг освен Еми за да го испрашам; зашто аркамци не сакаат да зборуваат за чудните дни и сите тројца професори кои го видоа аеролитот и неговата обоена куглица се мртви. Имало и други куглици - глава давам. Една сигурно се нахранила и избегала и сигурно имало уште некоја што закаснила. Несомнено е уште таму во бунарот - знам дека нешто не беше во ред со сончевата светлина што ја видов над тој баздлив раб. Селаните велат дека пламеницата полазува по еден инч годишно, па можеби дури и сега има некаков раст или нахрана. Но каков и демонски накот да е таму, сигурно е заврзан за нешто, инаку бргу ќе се проширеше. Дали е прицврстен за корените на оние дрва кои грабаат во воздухот? Една од новите аркамски сказни е за дебели дабови кои сјаеле и се движеле како што не би требало да можат да се движат навечер.
Што е, само Бог знае. Во смисла на материја, најверојатно нештото кое Еми го опиша би се нарекло гас, но тој гас се потчинувал на закони кои не се од нашиот космос. Не било плод на таквите светови и сонца кои се отсјајуваат во телескопите и фотографските плочи на нашите опсерватории. Не било здив од небото чии движења и димензии нашите астрономи ги мерат или ги оценуваат како преогромни за мерење. Било само боја од семирот - застрашувачки гласник од необлични царства на бесконечност вон синорот на природата којашто нам ни е позната; од царства чие само постоење го вџашува мозокот и нѐ отрпнува со црните вонкосмични бездни коишто ги открива пред нашите избезумени очи.
Тешко се сомневам дека Еми свесно ме излажа и не мислам дека неговата сказна во целост е изрод на лудило како што ме предупредуваа мештаните. Нешто ужасно беше дошло во ридовите и долините на тој метеор и нешто ужасно - иако не знам во колкав сооднос - сѐ уште е останато. Ќе ми олесни кога ќе надојде водата. Во меѓувреме се надевам дека нема ништо да му се случи на Еми. Толку му се изнагледал на нештото - а влијанието му е толку подмолно. Зошто никогаш не можел да се отсели? Колку јасно се сеќаваше на претсмртните зборови на Неам - “не мојш д’избегаш... те влечи... знајш дека нешто те чека, ама џабе ти е...“ Еми е толку добар старец - кога момците ќе појдат да работат на резервоарот морам да му пишам на главниот инженер убаво да го има на мукает. Не би сакал него да го замислам како сивата, извитоперена, крта чудовишност која сѐ повеќе настојува да ме мачи кога спијам.