Моделот на Пикман - Полиграматон

Моделот на Пикман


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


Не мора да ме мислиш за луд Елиот - еден куп други имаат и понастрани предрасуди од тоа. Што не му се смееш на дедо му на Оливер што не сака да се вози во автомобил? Моја работа си ако не го сакам тоа проклето метро; а и онака побрзо стигнавме со такси. Ќе требаше да пешачиме по ридот од „Парк стрит“ ако одевме со подземната железница.
Знам дека сум понервозен одошто бев кога ме виде лани, но не мора до толку да го тупиш. Богами, има еден куп причини; и чинам сум среќен што уште сум при здрав разум. Што туку ме испрашуваш? Порано не беше волку љубознаен.
Па добро ајде, ако мора да чуеш, не знам зошто не би. Можеби сепак и треба да чуеш, зашто цело време ми пишуваше како нажалостен родител кога чу дека почнав да го скокам уметничкиот клуб и да се држам понастрана од Пикман. Сега откако тој исчезна, пододувам до клубот одвреме-навреме, но нервите не ми се тоа што ми беа.
Не, не знам што има станато со Пикман и не сакам да нагаѓам. Можеби имаш претположено дека имав некакви интимни информации кога го откачив - и затоа не сакам да мислам каде е заминат. Полицијата нека најде тоа што ќе најде - нема да е многу, судејќи по фактот што сѐ уште не знаат за куќата во стариот северен дел што ја имаше изнајмено под името Питерс. Не сум сигурен дали би можел пак да ја најдам сам - не дека некогаш би се обидел, дури ни среде бел ден! Да, знам, или се плашам дека знам, зошто ја држеше. Ќе стигнам и до тоа. И мислам дека пред да завршам ќе разбереш зошто не ѝ кажувам на полицијата. Ќе ми речат да ги одведам, но не би можел да се вратам таму дури и да го знаев патот. Имаше нешто - и веќе не можам да се возам во метро или (смеј ми се и на ова ако ти е ќеф) да слегувам во визби.
Белки знаеш дека не го откачив Пикман од истите смешни причини како и оние дразливине бабишта доктор Рид и Џо Мино или Бозворт. Морбидната уметност не ме потресува и кога човек ја има генијалноста што ја имаше Пикман се чувствувам почестен да го познавам, без разлика по која насока е тргнат со делото. Бостон никогаш немал подобар сликар од Ричард Аптон Пикман. Реков уште веднаш и пак ќе речам и никогаш не сум измрдал од тоа, откако ни го покажа она „Хранење на гробождер“. Се сеќаваш дека Мино тогаш го откачи.
Знаеш, потребни се прониклива уметност и прониклив увид во природата за да се создадат дела како оние на Пикман. Секој аматерски цртач на корици на списанија може да се расшлака потамина со боја и да рече дека насликал кошмар или вештерски шабат или портрет на ѓаволот, но само големите сликари можат да го направат таквото нешто навистина страшно или веродостојно. Така е бидејќи само вистинскиот уметник ја познава суштинската анатомија на ужасното или психологијата на стравот - точните линии и пропорции кои се поврзани со заспаните инстинкти или наследните спомени на уплав и соодветните тонски контрасти и светлосни ефекти за да го придвижи заспаното чувство на чудност. Не мора да ти кажувам зошто делата на Фусели навистина изнудуваат морници додека евтините насловни страници на приказните за духови само нѐ засмејуваат. Има нешто што таквите како него дофаќаат - настрана од животот - и способни се да нѐ натераат и ние да го дофатиме за момент. Доре го имаше. Сим го има. Ангарола од Чикаго го има. А Пикман го имаше како што никој дотогаш го немал или - му се молам на Бога - оттогаш ќе го има.
Не ме прашувај што е она што го гледаат. Знаеш, во обичната уметност, има неспоредлива разлика помеѓу виталните, живи нешта кои дишат и се нацртани од природата или од модели и вештачката праматија која комерцијалните уметничиња како по урнек ја штанцаат во голи ателјеа. Би кажал дека вистински чудниот уметник има некаква визија којашто прави модели, или го свикува она што би се нарекло жива сцена, од призрачниот свет во којшто живее. Како и да е, успева да добие разултати кои се поинакви од излитените соништа на преварантот исто онака како што и резултатите на сликарот на жива природа се разликуваат од измислотините на некој карикатурист со вечерна школа. Јас да го имав видено она што Пикман го гледаше - но не! Ајде, да се напиеме нешто пред да навлеземе подлабоко. Господи, немаше да сум жив да го имав видено она што тој човек - ако навистина беше човек - го гледаше!
Се сеќаваш дека Пикман најмногу го бидуваше за лица. Не верувам дека имало некој после Гоја кој можел да стави толку чист пекол во линиите на едно лице или во извртувањето на еден израз. А пред Гоја мора да се вратиме дури до момците од средниот век што ги имаат направено гарголите и кимерите на Нотр Дам и Мон Сен Мишел. Верувале во сѐ и сешто - и можеби можеле и да видат сѐ и сешто, зашто средниот век има минато низ некои баеги необични фази. Се сеќавам како ти самиот еднаш го праша Пикман, годината пред да заминеш, од каде забога добива такви идеи и визии. Гадно ти се насмеа нели? Делумно поради таа насмевка и Рид го откачи. Знаеш, Рид само што имаше земено компаративна патологија и беше полн со надуени „интимни познавања“ на биолошката или еволуционата значајност на ваквите или таквите ментални или физички симптоми. Рече дека Пикман од ден на ден му станувал сѐ поодбивен и скоро и го плашел при крајот - дека линиите на лицето и изразот на човекот полека се развивале на начин кој не му се допаднал; и на начин кој не бил човечки. Имаше да каже еден куп работи во врска со исхраната и рече дека Пикман мора да е абнормален и екцентричен до последен степен. Сигурно му имаш речено на Рид, ако сте се допишувале за тоа, дека дозволил сликите на Пикман да му влезат под кожа или да му ја разбуричкаат фантазијата. Знам дека и самиот така му реков - тогаш.
Ама имај на ум дека не го откачив Пикман поради вакво нешто. Токму наспроти, восхитот што го имав кон него продолжи да ми расте; зашто тоа „Хранење на гробождер“ беше феноменално достигнување. Како што знаеш, клубот не сакаше да го изложи, а Музејот за ликовна уметност не сакаше да го прифати како подарок; и можам да додадам дека никој не сакаше ни да го купи, па Пикман го чуваше дома сѐ додека не замина. Сега татко му го чува во Салем - знаеш дека Пикман потекнува од стара салемска лоза и за предок имал вештерка што ја обесиле во 1692.
Ми стана навика мошне често да му одам на гости на Пикман, особено откако почнав да запишувам белешки за еден монограф за бизарна уметност. Најверојатно неговата уметност ми ја имаше ставено во глава ваквата идеја, но како и да е, ми се најде како огромен рудник на податоци и предлози кога почнав да ја развивам. Ми ги покажа сите слики и цртежи што ги имаше наоколу; вклучувајќи и едни скици во туш заради кои, вистина верувам, можеа да го избркаат од клубот, ако повеќето од другите членови ги видеа. За недолго му станав небаре посветеник и со часови како учениче слушав уметнички теории и филозофски спекулации доволно разуздани за да би му обезбедиле пласман во лудницата во Данверс. Моето јунакопоклонство, споено со фактот што луѓето општо имаа почнато да си имаат сѐ помалку и помалку работа со него, го натера често да ме зема во доверба: и една вечер ми загатна дека ако знам да не отворам уста и ако не сум премногу гнаслив, можел да ми покаже нешто мошне необично - нешто малку посилно од работите што ги имал во куќата.
„Знаеш,“ рече, „има некои работи што не се за „Њубери стрит“ - нешта на кои не им е тука местото или барем коишто не можат тука да се зачнат. Работа ми е да ги дофатам призвуците на душата, а нив човек не може да ги најде во аџамиските групи на вештачки улици врз човекоизградена земја. Бек Беј не е Бостон - сѐ уште не е ништо, бидејќи немал време да насобере спомени и да привлече локални сеништа. Ако тука има духови, тогаш тоа се питомите духови на солените мочуришта и плитки драги; а јас сакам човечки духови - духови на доволно високо организирани суштества за да би го погледнале пеколот и да би го знаеле значењето на она што го гледаат.
Во северниот дел се живее ако си уметник. Секој искрен естет радо би го трпел гетото за атер на насобраните традиции. Господе човеку! Зар не сфаќаш ли дека таквите места не биле само изградени, туку всушност пораснале? Генерација по генерација живееле и чувствувале и умреле во нив и тоа во денови кога на луѓето не им било страв да живеат и да чувствуваат и да умрат. Зар не знаеш дека имало воденица на Копс Хил во 1632 и дека пола од денешните улици се доизградени во 1650? Можам да ти покажам куќи кои стоеле два и пол векови, па и повеќе; куќи кои посведочиле нешта од коишто една современа куќа би се раздробила во прав. Што знаат модернистите за животот и за силите зад него? Велиш дека вештерството во Салем било заблуда, но се кладам дека чукунчукунбаба ми би ти кажала некои работи. Ја обесиле на Гелоус Хил, додека Котон Мадер ја гледал небаре е поарен. На Мадер, проклет да е, му било страв дека некој ќе успее да се ослободи од овој клет кафез на монотонија - камо некој да му фрлел магија или да му ја исцицал крвта во ноќта!
Можам да ти покажам една куќа кај што има живеено и можам да ти покажам друга каде што му било страв да влезе и покрај сите тие негови силни и храби зборови. Знаел за работи коишто не се осмелил да ги стави во таа глупава „Магналија“ или таа инфантилна „Чудеса на невидливиот свет“. Види ваму, знаеш ли дека целиот северен дел еднаш имал збир на тунели коишто ги поврзувале куќите на извесни луѓе една со друга и со гробиштата и со морето? Нека судат тие и нека гонат над земјата - секој ден имало работи кои не можеле да ги досегнат и навечер се смееле гласови кои не можеле да ги намерат!
Абе, од десет останати куќи изградени пред 1700 и немрднати оттогаш се кладам дека во осум можам да ти покажам нешто настрано во визбата. Едвај има месец да не прочиташ за како работници нашле заѕидани сводови и бунари што не водат никаде, во оваа или онаа стара куќа и кои се спуштаат во земјата - лани можеше да се види еден од надуличната железница во близина на „Хенчмен стрит“. Имало вештерки и она што го повикувале со маѓиите; пирати и она што го довеле од морето; криумчари; гусари - и ти викам луѓето знаеле како да живеат и како да ги шират границите на животот во старо време! Ова не било единствениот свет кој мудрите и храбрите можеле да го спознаат - хах! И кога во спротива ќе ми текне на денешнината на такви бебешки мозочиња каде дури и еден клуб таканаречени уметници ги фаќаат морници и грчеви ако некоја слика замине подалеку од чувствата на кафанските муабети од „Бикон стрит“!
Единствено нешто што ја спасува сегашноста е тоа што е премногу глупава за детално да го испитува минатото. Што навистина кажуваат картите и записите и туристичките водичи за северниот дел? Глупости! На тепка гарантирам дека би те одвел до триесет до четириесет сокаци или мрежи на сокаци северно од „Принц стрит“ во кои ни десетдуши не би се посомневале, настрана од странците што низ нив ројат. А што знаат жабарине за нивното значење? Не, Турбер, овие древни места раскошно сонуваат и претекуваат со чудесии и ужаси и бегства од секојдневието, а сепак нема жива душа која би ги разбрала или би ги ползувала. Или поточно, има само една жива душа - зашто не за џабе сум се раскопувал низ минатото!
Види вака, тебе те интересираат вакви работи. Што ако ти кажам дека таму имам друго ателје каде што можам да го фатам ноќниот дух на античкиот ужас и да насликам нешта какви што не би можел ни да замислам на „Њубери стрит“? Се разбира, не им кажувам на оние стари клети тетки од клубот - со оној Рид, проклет да е, што дури и вака шепоти дека сум некакво си чудовиште што јури по тобоганот на обратната еволуција. Да, Турбер, одамна одлучив дека човек мора да го слика и ужасот, како што ја слика убавината на животот, па фатив да истражувам низ места каде што имав причина да знам дека ужасот живее.
Имам едно место коешто не верувам дека ни тројца живи нордици башка од мене го имаат видено. Не е толку далеку од надуличната железница во однос на растојание, ама е со векови оддалечено во однос на душата. Го зедов поради настраниот стар бунар од ѕигли во визбата - како оние за коишто ти кажав. Шупата е готова да се распадне, па никој друг не сакал да живее таму и не би сакал да ти кажам колку малку кирија плаќам. Прозорците се преградени со штици, но така уште повеќе ми се бендисува оти не сакам дневна светлина за она што го правам. Сликам во подрумот, каде што инспирацијата е најгуста, но имам уредено и други соби на приземје. Газда е еден сицилијанец и го држам под името Питерс.
Ако ти се прави ќеф, можам вечерва да те однесам. Мислам дека ќе уживаш во сликите, зашто како што ти кажав, малку се имам и подзаборавено со нив. Не е некоја огромна маршрута - понекогаш и пеш ја одам зашто не сакам да привлечам внимание со стигање во такси на такво место. Може да појдеме со брза линија од „Саут стејшн“ до „Батери стрит“, а потоа нема многу одење.“
Па, Елиот, по таа тирада не ми преостана ништо освен да се обидам мирно да чекорам без да се затрчам кон првото такси што го видовме. Се префрливме во надуличната железница на „Саут стејшн“ и во околу дванаесет часот се спуштивме по скалите на „Батери стрит“ и фативме по стариот кеј покрај „Конститушанал ворф“. Не обрнував внимание на раскрсниците и уште не можам да ти кажам на која свртивме, но знам дека не беше „Гриноу лејн“.
Кога најпосле свртивме, почнавме да се искачуваме по напуштената должина на најстариот и најнечистиот сокак што сум го видел во животот, со навидум разронати калкани, искршени прозорци со мали окна и архаични оџаци кои полуразградено стоеја наспроти небо на месечина. Не верувам дека имаше ни три куќи што не стоеле во времето на Котон Мадер - наѕрев барем две со стреа, а еднаш како да ми се пристори дека видов зашилена линија на покрив од скоро заборавениот пред-мансарден тип, иако антикварите кажуваат дека веќе немало такви во Бостон.
Од тој сокак, во којшто имаше бледа светлина, свртивме лево во еден исто толку тивок и уште потесен сокак во којшто воопшто немаше светлина; и по една минута свртевме во тап агол, како што ми се причини, кон десно во темнината. Недолго по ова Пикман извади батерија и откри една претпотопска десет-панелна врата што изгледаше ѓаволски црвјосана. Отклучувајќи ја, ме поведе во еден пуст ходник со она што некогаш беше било префинета ламперија од темен даб - едноставна се разбира, но накострешливо укажувачка на времињата на Андроз и Фипс и Вештерството. Потоа ме одведе низ една врата од лево, запали една газиена ламба и ми рече да се раскомотам.
Елиот, јас сум ти она што луѓето од улица би го нарекле „тврд орев“, но можам да признаам дека она што го видов на ѕидовите на таа соба апла ме поремети. Сликите беа негови, знаеш - оние кои не можел да ги наслика или дури и да ги покаже на „Њубери стрит“ - и во право беше кога рече дека се имал „подзаборавено“. Чекај да ти турам уште една чаша - јас и така ќе си турам!
Не вреди да земам да ти опишувам какви беа, бидејќи одвратниот, богохулниот ужас и неверојатната поганост и морална реа доаѓаа од едноставни потези целосно вон моќта на зборовите да ги определат. Немаше ништо од екзотичната техника која се гледа кај Сидни Сим, ништо од транссатурнските пејсажи и лунарни габи кои Кларк Ештон Смит ги ползува за да ја смрзне крвта. Позадините најчесто беа стари црковни дворишта, длабоки кории, крајморски гребени, тунели од цигла, древни ламперисани соби или прости темници од камен. Гробиштата „Хопс хил“, кои сигурно не беа на многу квартови оддалечени од таа куќа, беа особено омилена сцена.
Лудилото и чудовишноста беа во фигурите во преден план - зашто морбидната уметност на Пикман предимно беше во форма на демонијачка портретистка. Ваквите фигури ретко беа целосно човечки, но често се приближуваа до човечност во различни степени. Повеќето од телата, иако во главно двоножни, имаа подгрбавено и по малку кучешко држење. Текстурата на повеќето им беше како некаква одбивна гуменост. Уф! И сега ми се пред очи! Зафатени беа со - па, не барај да сум премногу прецизен. Обично се хранеа - нема да кажам со што. Понекогаш беа прикажани во групи во гробишта или подземни премини и често се чинеа дека се борат за пленот - или, подобро кажано, за нивното азно. И каква ѓаволска изразливост Пикман понекогаш им имаше дадено на безвидните лица на тоа костурничарско благо! Понекогаш суштествата беа прикажани како скокаат низ отворени прозорци навечер, или како клечат на градите на заспаните, парајќи им ги гркланите. Едно платно ги прикажуваше собрани во обрач како грохотат околу една обесена вештерка на Гелоус Хил, чие мртво лице носеше блиска сродност со нивните.
Но немој да си мислиш дека ваквите одвратни работи како темите и опкружувањата беа она што ми ја зеде свеста. Не сум тригодишно дете и и претходно сум гледал такви работи. Лицата беа Елиот, тие проклети лица, што се џареа и лигушеа од платното со самиот здив на животот! Господи Боже човеку, вистина верувам дека беа живи! Тој гаден вештер ги беше пробудил огновите на пеколот низ пигмент, а четката му беше била кошмаро-котен магичен стап. Дај го ваму бокалот Елиот!
Имаше една што се викаше „Школски час“ - кај ја видов, кај се запустив! Слушај - можеш ли да си замислиш клекнат круг од безимени кучешки створови во црквено двориште како учат мало дете да се храни како нив? Чинам беше цената на одменчињата - го знаеш стариот мит за тоа како чудните луѓе си го оставале накотот во колевките во замена за човечките бебиња кои ги краделе. Пикман покажуваше што се случува со тие украдени бебиња - како растат - и тогаш почнав да гледам одвратна врска во лицата на човечките и нечовечките фигури. Сакаше, низ сите градации на морбидност помеѓу искрената нечовечност и деградираната човечност, да воспостави зајадлива поврзаност и еволуција. Кучешките створови се имаа развиено од смртници!
И само што се запрашав што според него станувало со нивните сопствени младенчиња оставени кај човештвото како одменчиња, очите ми паднаа на една слика што ја олицетворуваше токму таа помисла. Беше слика на древна пуританска внатрешност - соба со дебели греди и прозори со украсни решетки, висок стол и несмасен мебел од седумнаесеттиот век, со семејство испоседнато наоколу додека таткото читаше од Светото Писмо. Секое лице, освен едно, покажуваше благородност и уваженост, но тоа едно ја одразуваше потсмешливоста на адот. Беше на човек млад во години и навидум му припаѓаше на очевидниот син на тој побожен татко, но во суштина беше рода со нечистивите створови. Беше нивното одменче - и во дух на врховна иронија Пикман на цртите им имаше дадено јасно воочлива сличност со неговите.
За тоа време Пикман беше запалил фенер во една соседна соба и учтиво ја држеше вратата отворена за да влезам; прашувајќи ме дали можеби би сакал да ги видам неговите „современи студии“. Не бев способен да му пренесам многу од она што го мислев - бев премногу занемен од уплав и презир - но мислам дека тој потполно разбра и го прими како голем комплимент. И сега сакам пак да те уверам Елиот, дека не сум разгалче за да врескам на сѐ што прикажува мало двоење од вообичаеното. Средовечен сум и солидно софистициран и и самиот ме виде на времето во Франција за да знаеш дека не паѓам лесно. Запомни и дека само што бев зел душа и се имав навикнато на тие застрашувачки слики што ја претвораа колонијалната Нова Англија во некаква покраина на пеколот. Ама и покрај сето ова, наредната соба ми изнуди вистински вресок и морав да ја зграпчам касата на вратата за да не се ничкосам наземи. Претходната одаја прикажуваше глутница гробождери и вештерки како го преплавуваат светот на нашите предци, но оваа го доведуваше ужасот право во нашето секојдневие!
Боже, како сликаше тој човек! Имаше една студија наречена „Несреќа во метро“, каде што јато од поганите створови се втурнуваа од некоја непозната катакомба низ една пукнатина на подот во метрото на „Бојлстон стрит“ и напаѓаа толпа луѓе на перонот. Друга прикажуваше танц на Копс Хил среде гробници со денешнината како позадина. А имаше и едночудо панорами на визби, кај што чудовиштата лазеа низ дупки и процепи во ѕидаријата и се клештеа додека клечеа зад буриња или печки или ја чекаа првата жртва да се спушти по скалите.
Едно одвратно платно изгледаше дека отсликува огромен пресек на Бикон Хил, со цели мравјалници од дегутантните чудовишта како се пикаат низ ископини кои небаре саќе ја прошаруваа земјата. Игранки сред современи гробишта беа на широко прикажани и една друга замисла некако ме потресе повеќе од сите други - сцена во еден непознат темник, каде што купишта од ѕверовите беа изнасобрани околу еден од нив кој држеше еден добро познат бостонски водич и навидум читаше на глас. Сите покажуваа кон еден извесен премин и секое лице се чинеше толку извитоперено со епилептична и одеклива смеа што скоро ми се пристори како да ги слушам вражјите екоти. Насловот на сликата беше „Холмс, Лоуел и Лонгфело лежат закопани во Маунт Оберн.“
Како што се потприбирав малку по малку и се поднавикнав на оваа втора соба на ѓаволство и морбидизам почнав да ги испитувам некои од точките на мојот одвратен презир. Како прво, си реков, нештава беа одбивни поради крајната нечовечност и закоравена суровост која ја покажуваа во Пикман. Човекот мораше да е непокорен непријател на целото човештво за да чувствува таква сладострасност во измачувањето на мозокот и месото и обезвреднувањето на смртничките жилишта. Како второ, влеваа страв поради самата нивна великост. Уметноста им беше уметност што убедува - кога ги гледавме сликите ги гледавме самите демони и ни беше страв од нив. А најчудно беше тоа што Пикман воопшто не црпеше моќ од користење на одбирливост или бизаритети. Ништо не беше замаглено, искривено или извештачено; контурите беа остри и живописни и деталите беа скоро болно утврдени. А лицата!
Не беше некаква си уметничка интерпретација она што го гледавме, туку беше чиста сколободија, кристално јасна низ соголена објективност. Тоа беше, жими Господ! Човекот воопшто не беше фантазист или романтичар - не ни се обидуваше да ни ја претстави разматената, призматична минливост на соништата, туку ладно и зајадливо одразуваше некој стабилен, механистички и јасно воспоставен страво-свет кој потполно, сјајно, категорично и непоколебливо го гледаше. Господ знае каков ли беше тој свет, или каде ги беше наѕрел богохулните форми што грабадинаа и раванеа и лазеа низ него; но кој и да беше обезглавувачкиот извор на неговите прикази, едно беше јасно. Пикман беше во секоја смисла - во зачеток како и во изведба - темелен, акрибичен и скоро научен реалист.
Домаќинот сега ме водеше надолу кон подрумот, каде што всушност му беше атељето, па се спремив за да видам некакви пеколни стварови помеѓу незавршените платна. Како што сигнавме до дното на мокрите скали, ја сврте батеријата кон еден ќош на големиот отворен простор пред нас, откривајќи го кружниот циглен раб на нешто што очевидно беше некој голем бунар во земјениот под. Пристапивме поблизу и видов дека мора да е широк пет стапки напреку, со ѕидови дебели цела стапка и околу шест инчи над тлото - здрав мајсторлук од седумнаесеттиот век, ако не се лажев. Тоа, рече Пикман, било една од оние работи за кои ми зборувал - окно од мрежата на тунели кои порано го поткопувале ридот. Немарно забележав дека не беше заѕидано и дека еден тежок диск од дрво му служеше како очевиден капак. Мислејќи на нештата со коишто овој бунар мора да беше бил поврзан, доколку дивите намеци на Пикман не беа само попуста реторика, подзатреперив; а потоа се свртев по него по една скала и низ една тесна врата, до мошне голема соба наредена со дрвен под и уредена како атејле. Една ацетиленска ламба ја овозможуваше светлината потребна за работа.
Незавршените слики по штафелаите и потпрени врз ѕидовите беа исто онолку грозоморни колку и завршените на горниот кат и ја прикажуваа акрибичната методика на уметникот. Имаше сцени што беа намерени со најголема грижа и линии од молив зборуваа за исцрпната екзактност со која Пикман ги постигаше точната перспектива и пропорции. Човекот беше великан - дури и сега ќе речам и покрај сѐ што знам. Еден голем фотоапарат на масата ме заинтересира и Пикман рече дека го користи за да фотографира сцени за позадини, за да може да ги слика од фотографии во ателјето наместо да ја влечка опремата низ градот за да ги долови различните панорами. Фотографиите ги сметаше исто толку добри колку и живите сцени или моделите за долговременска работа и изјави дека моште често ги употребува.
Имаше нешто многу вознемирувачко во гадните скици и полузавршените грозотии што зјапаа од секоја страна на собата и кога Пикман одненадеж откри едно огромно платно завртено настрана од светлината, жими мајка не можев, а да не испуштам гласен вресок - вториот кој го оддадов таа вечер. Одекнуваше и одекнуваше низ притулените сводови на таа древна и сладникава визба и морав да задушам поплава на реакции кои се закануваа да ми избувнат како хистерична смеа. Најмили Боже! Елиот, ама не знам колку беше вистина, а колку грозничава замисла. Не ми се чини дека земјата би можела да искрепи таков сон!
Беше титанско и безимено богохулие со оџагарени црвени очи и во ковчести раце држеше нешто што беше било човек, гризејќи му ја главата како што дете грицка шеќерно стапче. Ставот му беше некако како да е клекнато и кога човек ќе му се испулеше се чинеше дека во секој момент би можело да го фрли тогашниот плен и да побара посочна мрвка. Но, проклето да остане, не беше ни вражјиот субјект она што го правеше да е таков бесмртен вруток на целосветовна паника - ниту тоа ниту песјото лице со зашилени уши, крвјосани очи, сплескан нос и разлигавени усни. Не беа крлушкавите канџи ниту телото закоравено со мувла ниту полу-копитните стапала - ниедна од овие работи, макар што која било од нив можеше нервозен човек да  го втурне во лудило.
Техниката беше Елиот - клетата, безбожна, неприродна техника! Жими сѐ што е живо на веков, никогаш на друго место не бев го видел правиот здив на животот така претопен во платно. Чудовиштето беше таму - се ѕвереше и гризеше и гризеше и се ѕвереше - и знаев дека само онеспособување на природните закони би можело да му дозволи на некој да наслика такво нешто без модел - без некој поглед кон адот кој ниеден смртник непродаден на Нечистивиот некогаш го имал.
Закачено со притискач на едно празно место на платното имаше парче хартија што веќе беше целото извиткано - најверојатно, си помислив, фотографија од којашто Пикман намераваше да наслика позадина исто онолку одвратна колку и кошмарот кој требаше да го истакне. Посигнав да го одвиткам и да го видам, кога наеднаш го видов Пикман како се сепна небаре застрелан. Беше почнал да наслушува со необична намерност уште од кога мојот потресен вресок пробуди ненавикнати одеци во темната визба и сега се чинеше погоден од уплав кој, иако неспоредлив со мојот, повеќе имаше физичка отколку духовна содржајност. Извлече револвер и ми даде знак да молчам, а потоа излезе во главната визба и ја затвори вратата зад него.
Мислам дека се парализирав на еден миг. Имитирајќи го слушањето на Пикман, ми се пристори како да чув тивок звук на растрчување од некаде и редица цивкања и блеења од правец којшто не можев да го одредам. Помислив на огромни стаорци и се стресов. Тогаш се чу некој, така, подмирен клопот кој целиот некако ме накостреши - некој прикриен, пиплив клопот, макар што не можам со зборови да го пренесам она што го мислам. Беше како тешко дрво да паѓа врз камен или цигла - дрво врз цигла - на што ме потсети тоа?
Пак се чу и тоа погласно. Се чу трепетење како дрвото да имаше паднато подалеку одошто имаше паднато претходно. Потоа следеше остар звук на гребење, па извикан брбор од Пикман, па заглушувачкото празнење на сите шест келии на револверот, импозантно испукани како што скротувач на лавови би пукал во воздух за да долови впечаток. Пригушено цивкање или гракање, па тап удар. Потоа пак гребење на дрво и цигла, па пауза, па отворање на врата - при коешто признавам дека силно се стресов. Пикман се врати со зачадено оружје, пцуејќи ги подуените стаорци кои го заседнувале древниот бунар.
„Кој ги знае што јадат, Турбер“, се исклешти, „зашто тие исконски тунели се допираат со гробишта и вештерски дувла и морски брегови. Но што и да е, сигурно им снемало, зашто апла беа настрвени да излезат. Чинам ги размрда со тоа што вресна. Треба да се пази во вакви стари места - пријателчињава глодари се единствената маана, макар што понекогаш мислам дека се и позитивно предимство зашто придодаваат на атмосфера и тон.“
И Елиот, тоа беше и крајот на вечерното доживување. Пикман вети дека ќе ми го покаже местото и Бог знае дека и тоа како ми го покажа. Ме изведе од чворот на сокаци, навидум од друга насока, зашто кога здогледавме улична ламба бевме на една полупозната улица со еднолични редици на смешани станбени жилишта и стари куќи. Испадна дека е „Чартер стрит“, но бев прешашардисан за да забележам точно во кој дел ја пресековме. Прекасно беше за надуличната железница и тргнавме пешки кон центарот преку „Хановер стрит“. Се сеќавам на одењето. Преминавме од „Тремонт“ преку „Бикон“ и Пикман ме остави на аголот на „Џој“, каде што скршнав. Никогаш веќе не прозборев со него.
Зошто го откачив? Не биди нестрплив. Чекај прво да заѕвонам за кафе. Се изнапивме од ова другово, ама мене сепак ми треба нешто. Не - не беа сликите што ги видов во местото; макар што би се заколнал дека беа доволни за да го изопштат од девет десеттини од домовите и клубовите во Бостон и претпоставувам дека сега нема да се чудиш зошто морам да се држам понастрана од метроа и од визби. Беше поради - нешто што пронајдов во капутот наредното утро. Знаеш, таа свитканата хартија што ти ја споменав, што беше закачена за страшното платно во визбата; тоа што мислев дека е фотографија на некоја сцена што сака да ја искористи како позадина за чудовиштето. Последниот уплав настапи баш како што посигнував да ја одвиткам и изгледа отсутно сум ја стуткал во џебот. Еве го и кафето - пиј го горко Елиот, ако имаш ум.
Да, парчето хартија е причината поради која го откачив Пикман; Ричард Аптон Пикман, најголемиот уметник кој некогаш сум го знаел - и најпоганиот створ што некогаш ги премостил синорите на животот кон јами на мит и лудило. Елиот - стариот Рид беше во право. Не беше баш човек. Или се имаше родено под некоја чудна сенка, или имаше најдено начин да ја отклучи забранетата порта. Сеисто е сега, зашто го нема - се врати во баснословната темнина низ која обожаваше да снова. Чекај, дај да го пуштиме лустерот.
Не барај да го објаснам или дури и да претполагам за она што го запалив. Не ме прашувај ни што се криеше зад она војвање како од кртови кое Пикман толку настојуваше да го оправда како стаорци. Знаеш, има тајни кои доаѓаат уште од старите салемски времиња, а Котон Мадер раскажува за уште почудни работи. Знаеш колку ѓаволско живописни беа сликите на Пикман - како сите се чудевме од каде ги вади тие лица.
Епа - парчето хартија сепак не беше фотографија на позадина. Она што го прикажуваше беше чудовишниот створ што го сликаше на тоа ужасно платно. Беше моделот што го користеше - а позадината беше само ѕидот на ателјето во подрумот во исцрпен детал. Но Елиот, жими Господ, - беше фотографија во живо.