Сеќавање - Полиграматон

Сеќавање

Во долината Нис клетата завенеена месечина оскудно сјае, раскинувајќи си со мекушавите рогови пат за светлината низ смртоносното лисје на едно големо упасово дрво. И во длабините на долината, кај што светлината не дофаќа, се движат форми за кои не е пишано да се опулени. Смрдено е зеленилото на обете падини, кај што врли бршлени и ползечки растенија лазат среде камењата на разрушени палати, тесно мотајќи се околу искршени диреци и чудни монолити, и поткопувајќи мермерни плочници поставени од заборавени раце. И во дрвја што џиновски растат во разронети дворишта разрипуваат мајмунчиња, додека де внатре де надвор од длабоки ризници врголат змии и крлушкави нешта без име.

Масивни се камењата кои спијат под рогозини од немлива мов и јаки беа ѕидините од коишто имаат паднато. За за навек ги беа кренале градителите им, и саи, уште благородно служат, одошто под нив сивите жаби си беа направиле престојувалиште.

На самото дно на долината се протега реката Товек, чии води се лигави и полни со тревишта. Од скриени кладенци кај извира и до подземни шуплини кај тече, па Демонот од Долината не знае зошто водите ѝ се црвени, ниту на кај ѝ се упатуваат.

Опсенот кој ги опседнува месечевите зраци му прозборе на Демонот од Долината, велејќи му, „Стар сум и не паметам арно. Кажи ми ги делата и појавата и името на оној кој ги изградил камениве нешта.“ И Демонот одговори, „Јас сум Сеќавањето, и изучен сум во преданијата од минатото, но и јас сум стар. Тоа создание беше како водите на реката Товек, неразбирливо. За делата му не можам да си споменам, одошто беа саде мигновни. За појавата му само како низ магла си споменувам, одошто беше слична со онаа на мајмунчињата во дрвата. За името му јасно си споменувам, одошто се римува со она на реката. Тоа создание од времето што изминало се викаше Човек.“

И Опсенот повторно одлета до оскудната рогата месечина и Демонот будно погледна кон мајмунче на едно дрво што растеше во разронетите гробишта.