Му дојде во мугрите.
Влезе многу внимателно, газејќи бесшумно, лебдејќи низ одајата како авет, како сениште; и единствениот звук освен нејзиното движење беше оној на нејзината мантија која ѝ се триеше врз голата кожа. Но сепак ова благо, едвај чујно шушкање беше доволно за да го разбуди ведарот – или можеби само го откина од полу-сонот среде којшто еднолично се нишаше, небаре патува низ безгазерна јама, провиснат помеѓу дното и површината на мирно море, среде нежно разлулани нишки морска трева.
Ниту се мрдна ниту се помести. Девојката долета поблиску, ја фрли мантијата и полека, несигурно го потпре коленото врз работ на големиот кревет. Тој ја набљудуваше низ спуштени клепки, сѐ уште не издавајќи се дека не спие. Девојката внимателно се искачи врз постелнината и врз него, прегрнувајќи го со препоните. Наведнувајќи се врз напнати раце, му го погали лицето со коса што мирисаше на боливач. Одлучна и небаре нетрпелива, се наведна и со врвовите на градите му ги допре капаците на очите, образите, усните. Тој се насмевна, зграбувајќи ја за рамена бавно, кревко, нежно. Таа се исправи, бегајќи му од прсти, блескајќи, светејќи во магливиот сјај на зората. Тој се помести, но притискајќи го со двете раце, не му даде да ја смени положбата и со лесно, но одлучно движење на колковите, му изнуди одговор.
Ѝ одговори. Веќе не му се тргаше од раце, ја провисна главата наназад, ја протресе косата. Кожата ѝ беше ладна и неверојатно мазна. Очите, кои ѝ ги наѕре кога му се приближи со лицето, ѝ беа големи и мрачни како очи на русалка.
Нишан, тој потона во море од боливач кое се распени и разбранува.