Потрагата на Иранон - Полиграматон

Потрагата на Иранон

Во гранитниот град Телот кај залута младичот, бршленокрунисан, со жолта коса сјајна од миро и морава одежда искината од вресови од планината Сидрак која се протега преку античкиот мост од камен. Луѓето од Телот се мрачни и серти и домуваат во четвртасти куќи и смуртено го запрашаа јабанџијата од кај е дојден, како се вика и што к’смет го довел кај нив. А младичот одговори:

„Јас сум Иранон и сум од Аира, далечен град на кој саде притулено се сеќавам, но кој сум со ниет пак да го најдам. Пејач сум на песни кои ги имам научено во далечниот град и занает ми е да творам убавина од нешта запамтени од детинството. Азно ми се споменчињата и соништата и надежта дека ќе пеам во градини кај што месечината е нежна и западниот ветер ги размрдува лотосовите пупки.“

Кога луѓето од Телот ги чуја овие работи се расшепотеа меѓу себе, зашто иако во гранитниот град нема ни смеа ни песна, сертите луѓе понекогаш напролет гледаат кон Картиските Ридови и помислуваат на лаутите на далечниот Унаи за којшто патниците имаат раскажувано. И мислејќи си вака, го замолија јабанџијата да остане и да попее на плоштадот пред кулата Млин, макар што не им се допадна бојата на испокинатата му одежда ниту мирото во косата ниту венчето од бршленови лисја ниту младоста на златниот глас. Во квечерината Иранон запеа и додека пееше еден старец се молеше и еден слепец рече дека видел ореол над главата на пејачот. Но повеќето од луѓето од Телот зеваа, а некои се смееја, а некои си заминаа да спијат; зашто Иранон не зборуваше за ништо корисно, пеејќи само за своите спомени, соништа и надежи.

„Се сеќавам на самракот, месечината и леките песни и на прозорецот каде што бев нишкан да заспијам. И преку прозорецот беше улицата од каде што доаѓаа златните светла и каде што сенките играа врз куќи од мермер. Се сеќавам на квадратот од месечева светлина на подот, што не беше како никоја друга светлина и на сликите кои играа на месечевите зраци кога мајка ми ми пееше. И се сеќавам исто и на утринското сонце светло над разнобојните ридови во лето и мисковината на цвеќиња носена од јужниот ветер од којшто дрвјата пееја.

Дејгиди, Аира, граду од мермер и берил, бројот не им се знае на убавините ти! Колку само ги милував топлите и миризливи шумјаци преку тасмомазната Нитра и водопадите на малечката Кра која течеше низ раззеленетата долина! Во тие шумјаци и во тој чаир децата си плетеа венци и на примрак сонував чудни соништа под јатовите дрва на планината како што под мене ги гледав светлата на градот и кривулестата Нитра како одразува кордела од ѕвезди.

А во градот имаше палати од жилест и вапсан мермер, со златни куполи и насликани ѕидови и зелени градини со небесносини вирчиња и билјурни шадрвани. Често си играв во градините и шлапкав низ вирчињата и лежев и сонував среде бледите цвеќиња под дрвјата. И понекогаш на зајдисонце го искачував долгиот ридски сокак до кастелот и отворениот простор и се испулував прудолу кон Аира, волшебниот град од мермер и берил, велелепен во одежда од златен пламен.

Долго време кај ми фалиш Аира, чунки уште бев малечок кога нѐ прогонија; но татко ми беше кралот твој и пак ќе ти се вратам, одошто судбата така повела. Преку седум земји кај те барам и еден ден ќе владеам со твоите шумјаци и градини, твоите сокаци и палати и ќе им пеам на луѓе коишто ќе знаат за што пејам и ни ќе се смеат ни ќе ми вртат грб. Зашто јас сум Иранон, кој беше принц во Аира.“

Таа вечер луѓето од Телот му дадоа на јабанџијата да преноќи во една штала, а изутрината му дојде архонт и му рече да појде до дуќанот на кондураџијата Аток и да му стане чирак.

„Но јас сум Иранон, пејач на песни,“ рече тој, „и не ме трга срце кон кондураџискиот занает.“

„Сите во Телот мора да ‘рмбаат,“ одговори архонтот, „чунки таков е законот.“ Тогаш Иранон рече:

„Чуму ‘рмбате, нели е за да сте живи и среќни? И ако ‘рмбате саде за да може потоа уште толку да ‘рмбате, кога ќе ве стигне среќата? ‘Рмбате за да живеете, но зар не е животот створен од убавина и песна? И ако не давате да меѓу вас има пејачи, што ќе ви е плодот на ‘рмбањето? ‘Рмбање без песна е како мачно патување без крај. Зар не е ли смртта поарна?“ Но архонтот беше мрк и не разбра и го прекори јабанџијата.

„Чуден младич си и не ти го бендисувам ни суратот ни гласот. Зборовите што ги глаголиш се богохулие, чунки боговите на Телот имаат речено дека ‘рмбањето е арно. Нашите богови ни ветиле пристан од светлина по смртта, кај што ќе има бескрајна починка и билјурно студенило среде коешто никој не ќе си го сакалдисува умот со мисли или очите со убавина. Така, или оди кај Аток кондураџијата или до зајдисонце да те нема од градов. Тука сите мора да служат, а песните се безумие.“

Така Иранон излезе од шталата и зачекори преку тесните камени сокаци помеѓу стушените четвртасти куќи од гранит, барајќи нешто зелено во воздухот на пролетта. Но во Телот немаше ништо зелено, одошто сѐ беше од камен. Лицата на луѓето беа со смрштени чела, но крај камениот кеј крај мрзеливата река Зуро чучеше едно младо момче со тажни очи зјапнати кон водите за да наѕре зелени цветни ветки донесени од ридовите од буицата. И момчето му рече:

„Лели си ти, џанам, тој за којшто раскажуваат архонтите, кој трагал по некој далечен град во некоја лична земја? Јас сум Ромнод и родум сум од Телот, но аџамија сум во адетите на гранитниот град и катаден чезнеам за топлите шумјаци и далечните земји на убавина и песна. Зад Картиските Ридови се протега Унаи, градот на лаути и игранки, за којшто луѓето шепотат и велат дека е ем кибарен ем стравотен. Натаму ќе се закренев да бев доволно пораснат за да го најдам патот и натаму и ти треба да се закренеш ако сакаш да пееш и луѓе да те слушаат. Да го напуштиме градот Телот и да пропатуваме заедно среде пролетните ридови. Ти ќе ми го покажеш патничкиот занает, а јас ќе ти ги слушам песните на квечерина кога ѕвездите една по една им носат сништа на умовите на сонувачите. И тукуречи ќе испадне дека Унаи градот на лаути и игранки е всушност личната Аира по којашто трагаш, чунки се кажува дека не си ја знаел Аира од дамнина, а имињата често се менуваат. Да појдеме до Унаи, дејгиди, Ираноне златоглав, кај што луѓето ќе ни го познаат копнежот и ќе нѐ пречекаат како браќа, ни смеејќи се ни мрштејќи се на она што го велиме.“ И Иранон одговори:

„Така нека биде челеби; ако некој од ова камено место чезнее по убавина мора да фати кон планините и зад нив, а не ми дава срце да те оставам да чемрееш крај мрзеливава Зуро. Но не си мисли дека ќефот и узнавањето чекаат веднаш преку Картиските Ридови или во било кое место кое можеш да го најдеш патувајќи само еден ден или една година или еден луструм. Еве, кога бев малечок како тебе домував во долината Нартос крај ледената Ксари, кај што никој не сакаше да ми ги слуша соништата; и си реков дека кога ќе потпораснам ќе отидам до Синара на јужната падина и ќе им пејам на насмеаните дромедарџии на пазар. Но кога појдов во Синара сите дромедарџии беа саде пијаници и похотници и видов дека песните не им се како моите, па пропатував со барка по Ксари до ониксобѕиданиот Џарен. Војниците во Џарен ми се изнасмеаја и ме избркаа, па така талкав низ многу други градови. Сум го видел Стетелос кој е под големиот катаракт и му се имам испулено на блатото кај што Сарнет се издигаше на времето. Сум бил до Траа, Иларнек и Кадатерон на развртената река Аи и долго сум домувал во Олатое во земјата Ломар. Но макар што понекогаш сум имал слушатели, стално биле саде малкумина и знам дека здравоживо ме чека само во Аира, градот од мермер и берил кај што татко ми беше крал на времето. Така, ќе трагаме по Аира, макар што не ќе е лошо да се посети и далечниот и од лаути благословен Унаи преку Картиските Ридови, кој можеби, џанам, и е Аира, иако не ми се верува. Убавината на Аира е недостижна за мислите и нема човек што може да зборува за неа, а да не зајде, додека за Унаи, камилџиите извргалено шепотат.“

На зајдисонце Иранон и малиот Ромнод си заминаа од Телот и долго талкаа среде зелените ридови и студени шуми. Патот беше напорен и помрачен и како ич да не се приближуваа до Унаи, градот на лаути и игранки; но на примрак кога ѕвездите ќе фатеа да излегуваат Иранон пееше за Аира и нејзините убавини, а Ромнод слушаше, па така и двајцата беа колку-толку среќни. Изобилно јадеа овошки и црвени боровинки и не водеа есап за минењето на времето, но сигурно многу години се имаа протркалано. Малиот Ромнод сега веќе не беше толку мал и зборуваше длабоко наместо пискаво, макар што Иранон стално беше истиот и си ја загрнуваше златната коса со бршлени и миризливи смоли најдени во коријата. Така еден ден бидна да Ромнод изгледа постар од Иранон, макар што беше многу мал кога Иранон го најде кај им се пули на зелените цветни ветки во Телот крај мрзеливата каменокејна Зуро.

Тогаш една ноќ кога месечината беше полна патниците стасаа до еден планински срт и погледаа надолу кон едночудото светла на Унаи. Селаните им беа кажале дека се близу и Иранон позна дека ова не е неговиот роден град Аира. Светлата на Унаи не беа како оние на Аира; зашто беа јаки и заслепувачки, додека светлата на Аира светеа леко и волшебно како месечината што светеше на подот крај прозорецот кај што мајката на Иранон на времето со песна го нишкаше да заспие. Но Унаи беше град на лаути и игранки, па Иранон и Ромнод се спуштија по стрмната падина за да пробаат да најдат луѓе на коишто песните и сништата би им причиниле задоволство. И кога стасаа во градот начекаа розоовенчани веселници разодени од куќа до куќа и изнавалени од прозорци и балкони, кои ги слушаа песните на Иранон и му фрлаа цвеќиња и ракоплескаа кога ќе допееше. Тогаш на момент на Иранон му се причини како да ги намерил оние коишто мислат и чувствуваат исто ко него, макар што паланката не беше ни една стоттина лична колку Аира.

Кога настапи зората Иранон се распули наоколу сневеселен, зашто куполите на Унаи не беа златни на сонцето, туку сиви и стушени. И луѓето од Унаи беа бледи од веселба и отапени од вино и неналик на зрачните луѓе од Аира. Но бидејќи луѓето му беа фрлале цветови и му ги беа величале песните, Иранон остана, а со него и Ромнод, кој го бендиса веселништвото на градот и во темната коса си стави ружи и мирта. Иранон често им пееше на веселниците навечер, но секогаш беше како и дотогаш, крунисан само со бршлени од планините и споменувајќи си ги мермерните сокаци на Аира и тасмомазната Нитра. Во фрескопрекриените дворови на монархот кај пееше, врз билјурен подиум дигнат над под што беше огледало и како што пееше им носеше слики на слушачите, та подот како да почна да одразува стари, прекрасни и полузапаметени нешта наместо винозацрвенетите гоштевачи кои го гаѓаа со рози. И кралот му заповеда да си ги собуе испокинатите морави крпи и го облече во сатен и златен плат, со прстени од зелен жад и белегзии од вапсан филдиш и го смести во позлатена соба со миндери и кревет од миризливо изрезбарено дрво со балдахин и рогозини од цветоизвезана свила. Така Иранон домуваше во Унаи, градот на лаути и игранки.

Не се знае колку долго Иранон се повртка во Унаи, но еден ден кралот во палатата донесе некои диви ѓувендии од Лиранската Пустина што се вртеа в место и црномурести флејтаџии од Дринен на исток и веселниците оттогаш не фрлаа толку рози кон Иранон колку кон ѓувендиите и флејтаџиите. И ден за ден оној Ромнод кој беше бил мало момче во гранитниот Телот стануваше сѐ погруб и повцрвенет од вино, додека не почна сѐ помалку и помалку да сонува и со помал ќеф да ги слуша песните на Иранон. Но макар што на Иранон му беше жал, не прекина да пее и на квечерина пак му ги кажуваше соништата за Аира, градот од мермер и берил. Тогаш една ноќ вцрвенетиот и здебелен Ромнод силно се расфрка среде афионовата свила на канабето и умре претајќи, додека Иранон, блед и жулав, си пееше сам во еден далечен ќош. И откако Иранон се изнаплака над гробот на Ромнод и го опсипа со зелени цветни ветки, какви што Ромнод милуваше на времето, си ја тргна свилата и дузенот и заборавен си отиде од Унаи, градот на лаути и игранки зарубен саде во парталавите морави крпи во коишто беше дошол и овенчан со свеж бршлен од планините.

Кон зајдисонцето заталка Иранон барајќи си ја сѐ уште родната земја и луѓе кои ќе му ги разберат и ценат песните и соништата. Во сите градови на Сидатрија и земјите зад Бназичката Пустина шенливолики деца му се смееја на старинските песни и испокината морава одежда; но Иранон остана за навек млад и носеше венци врз златната глава додека пееше за Аира, ќеф на минатото и надеж на иднината.

Така една вечер стигна до оскудната колипка на еден престарен овчар, подвиткан и валкан, кој едвај чуваше по некоја овца на една камена падина над блато со жив песок. На овој човек Иранон му прозборе како и на толку други дотогаш:

„Можеш ли, човече, да ми кажеш кај да ја најдам Аира, градот од мермер и берил, кај што тече тасмомазната Нитра и кај што водопадите на малечката Кра им пејат на раззеленети долини и ридови пошумени со јатови дрва?“

 И овчарот кога чу, долго и чудно го изгледа Иранон, небаре присеќавајќи се на нешто од многу дамнешни времиња и ја запази секоја црта на лицето на јабанџијата и златната му коса и круната од бршленови лисја. Но беше стар и нишаше со главата додека одговараше:

„Дејгиди, јабанџијо, сум го чул, џанам, името Аира и другите имиња за кои ми зборуваш, но ми идат од далеку долж пустошот на долги години. Ги чув во младоста од усните на едно другарче, едно просјаче што често сонеше чудни сништа, што ткаеше долги сказни за месечината и цвеќињата и западниот ветер. Му се смеевме, зашто уште од парче месо го знаевме, а тој си мислеше дека е кралски син. Услупен беше, ист ‘ко тебе, но полн безумие и чудност; и побегна кога беше мал за да ги бара оние кои со ќеф ќе му ги слушале песните и соништата. Колку често само ми пееше за земји кои никогаш ги немало и за нешта кои никогаш не може да ги има! Многу зборуваше за Аира; за Аира и за реката Нитра и за водопадите на малечката Кра. Севезден велеше дека таму домувал на времето како принц, но тука уште од парче месо го знаевме. Ниту мермерниот град Аира го имало некогаш, ниту оние на коишто чудни песни им прават ќеф, освен во соништата на старото ми другарче Иранон кој веќе го нема.“

И на самрак, како што ѕвездите излегуваа една по една и месечината врз блатото фрлаше зрачност како онаа којашто дете ја гледа како трпнее на подот додека во квечерина го нишкаат да заспие, во смртоносниот жив песок зачекори древен старец во испокинати морави крпи, крунисан со овенати бршленови лисја и пулејќи се нанапред небаре кон златните куполи на личен град кај што ги разбираат соништата. Таа ноќ, парченце младост и убавина умре во дамниот свет.