Некаде, во не знам каков отсечен и стравотен предел, има заминато Денис Бери. Со него бев последната вечер кога живееше меѓу луѓето и му ги чув вресоците кога нештото дојде да го земе; но ни сите селани ни сета полиција од Каунти Мит не можеа да го најдат ни него ни другите, макар што на долго и на широко бараа. И сега морници ми лазат кога ќе чујам жаби како пиштат во мочуришта или ќе ја видам месечината во осамени места.
Добро го знаев Денис Бери во Америка, каде што се имаше обогатено, и му бев честитал кога си го поврати стариот замок крај тресетиштето во сонливиот Килдери. Килдери беше местото од каде што потекнуваше татко му и местото каде што Денис сакаше да ужива во богатството среде прародовски сцени. Луѓе од негова крв беа владееле со Килдери на времето и го беа изградиле и домувале во замокот, но тие денови беа многу дамнешни, па долги поколенија замокот беше останал празен и распаднат. Откако замина во Ирска Бери често ми пишуваше и ми кажа како во негова грижа сивиот замок, кула по кула, си ја повраќал древната велелепност; како бршлените пак споро ползеле по реставрираните ѕидови како што ползеле и пред толку многу векови, и како селаните го благословувале што ги повратил старите дни со неговото злато од преку морето. Но со тек на време фатиле невољи и селаните прекинале да го благословуваат и наместо тоа, избегале небаре од пропаст. И тогаш ми испрати писмо викајќи ме да го посетам, зашто бил осамен во замокот немајќи со кого да си направи муабет освен со новите слуги и аргати кои ги беше довел од север.
Тресетиштето било причината за сите овие невољи, како што Бери ми кажа ноќта кога пристигнав во замокот. Во Килдери стасав со летното зајдисонце, како што небесната златост го осветлуваше ридското и шумјачко зеленило и тресетишното синило, каде што на едно далeчно островче една чудна дамна рушевина призрачно сјаеше. Тоа зајдисонце беше навистина прекрасно, но селаните во Балилох ме опоменаа да не одам таму и рекоа дека Килдери сега бил проколнат, па скоро затреперив кога ги видов високите торети на замокот позлатени од оган. Автомобилот на Бери ме пречека на станицата во Балилох, зашто железницата не врви низ Килдери. Паланчаните бегаа од колата и од возачот од север, но со побледени лица ми прошепотеа кога видоа дека одам во Килдери. И ноќта, откако се пречекавме, Бери ми раскажа зошто.
Селаните си заминале од Килдери бидејќи Денис Бери сакал да го исуши големото тресетиште. И покрај сета љубов за Ирска, Америка не го беше оставила непогоден и го мразел прекрасниот неискористен простор каде што тресетот би можел да се исече и земјата да се разотвори. Не ги есапел легендите и суеверијата на Килдери и се смеел кога селаните прво одбиле да му помогнат, а потоа почнале да го колнат и отишле во Балилох со малкуте им пљачки кога му ја виделе решеноста. На нивно место довел аргати од север, а кога слугите си отишле и нив исто така ги заменил. Но осамено било меѓу туѓинци, па Бери ме беше викнал да дојдам.
Кога го чув стравот кој ги беше изгонил луѓето од Килдери се изнасмеав гласно колку и пријателот што се беше смеел, зашто тој страв беше од најмаглив, најразуздан и најбесмислен карактер. Поврзан беше со некоја бесмислена легенда за тресетиштето и за некој смрштен дух-чувар кој домувал во чудната дамна рушевина на далечното островче кое го бев видел на зајдисонце. Имаше сказни за разиграни светла среде месечевата темница и за ладни ветришта кога ноќта била топла; за ветроштини во бело кои лебделе над водите и за некој замислен град од камен длабоко под мочуришната површина. Но челна среде бизарните измислици и единствена во нејзината потполна едногласност, беше онаа за клетвата која ќе го стигнела секој што ќе се осудел да го допре или исуши огромното црвенкасто блатиште. Имало тајни, велеле селаните, кои не смејат да се откријат; тајни кои седеле скриени уште од кога чумата дошла по чедата на Партолан во баснословните години уште од пред памтивек. Во Книгата на освојувачи се вели дека сите овие синови на Грците биле закопани во Талат, но старците од Килдери велат дека еден град бил куртулен од неговата заштитничка, месечевата божица, и изоставен; па така го закопале само горските ридови кога луѓето од Немед се истуриле од Скитија во триесетте им бродови.
Вакви беа бабините деветини кои ги беа натерале паланчаните да го напуштат Килдери и кога ги чув не се зачудив што Денис Бери беше одбил да ги послуша. Меѓутоа, беше многу заинтересиран за антиквитети; и намераваше коренито да го истражи тресетиштето откако ќе се исуши. Белите рушевини на островчето често ги имал посетувано, но иако староста очевидно им била голема и контурот многу малку како оној на повеќето рушевини во Ирска, биле предотраени за да раскажуваат за дните на нивната слава. Сега работната акција за дренажа била спремна да започне и аргатите од север наскоро ќе го соголеле забранетото тресетиште од зелените мовови и црвени вресови и ќе ги убиеле малечките школкопоплочени поточиња и мирни сини бари поресени со сипки.
Откако Бери ми ги раскажа овие работи ме фати голема дремка, зашто дневното патување ме беше истоштило, а домаќинот беше зборувал до доцна во ноќта. Еден слугувач ме одведе во собата, која беше во една отсечена кула што гледаше кон селото и кон рамнината на работ на тресетиштето, а и кон самото тресетиште; па од прозорците на месечината можев да ги видам тивките покриви од коишто селаните беа избегале и коишто сега беа заслон за аргатите од север, како и окружната црква со античката кула и, на далеку преку намрштеното тресетиште, отсечената дамна рушевина на островчето, светкаво бела и призрачна. Како што тонев во сон ми се пристори дека слушам леки звуци од далечината; звуци кои беа разуздани и полумузикални и кои ме распалија со некаква бизарна возбуда која ми ги обои соништата. Но кога се пробудив наредното утро ми се виде како сѐ да беше било само сон, зашто привиденијата кои ги бев видел беа почудесни од било каков звук на разуздани шупелки во ноќта. Под влијание на легендите кои Бери ми ги прераскажа, умот во соништата ми се беше надвиснал над отмен град во зелена долина, кај што мермерни улици и статуи, вили и храмови, резби и натписи, низ сигурни тонови зборуваа за славата на Грците. Кога му го раскажав сонов на Бери и двајцата се засмејавме; но јас се смеев погласно, зашто тој беше обезумен од аргатите од север. Веќе шести пат кај сите се имаа успано, будејќи се многу споро и замајано и однесувајќи се како да не се одморени, макар што се знаеше дека претходната вечер рано си имаа легнато.
Тоа утро и попладне талкав сам низ сонцепозлатеното село и одвреме-навреме муабетев со по некој заседнат аргат, зашто Бери беше зафатен со последните планови за почетокот на работната акција за дренажа. Аргатите не беа баш најсреќни, зашто повеќето се чинеа неспокојни поради некој сон кој го беа сониле и којшто залудно се обидуваа да си го припомнат. Им кажав за мојот сон, но не се заинтересираа сѐ додека не им кажав за бизарните звуци кои ми се беше причинило дека ги слушам. Тогаш настрано ме погледнаа и рекоа дека и тие како да се сеќаваат на бизарни звуци.
Во квечерината Бери вечераше со мене и најави дека за два дена ќе почне со дренажата. Мило ми беше, зашто иако ми беше мака дека ќе ги снема мовот и вресовите и поточињата и езерцата, имав сѐ поголема желба да ги спознаам древните тајни кои густо заплетканиот тресет можеби ги крие. И таа ноќ соништата за пискави флејти и мермерни перистилови ненадејно и обеспокојувачки секнаа; зашто врз градот во долината видов како се спушта помор, а потоа и застрашувачка лавина од горски падини која ги покри мртвите тела по улиците и незакопан го остави само храмот на Артемида на високиот врв, каде што престарената месечева свештеничка Клеида студено и тивко лежеше со филидшна круна на сребрената глава.
Реков дека се разбудив ненадејно и растревожен. На извесно време не знаев дали сум буден или спијам, зашто звукот на флејти сѐ уште продорно ми одекнуваше во ушите; но кога на подот ги видов ледените месечеви зраци и контурите на готскиот прозорец со украсни решетки одлучив дека мора да сум буден и да сум во замокот во Килдери. Тогаш чув часовник од некое отсечено одмориште како го отчукува два часот и знаев дека сум буден. Но сѐ уште се слушаше тоа еднолично пиштење од далеку; разуздани, бизарни арии кои ме потсетуваа на фаунски танц на далечниот Менал. Не ме оставаше да спијам и од нетрпение срипав и се рашетав низ собата. По чиста случајност поминав крај северниот прозорец и се испулив кон тивкото село и рамнината на работ на тресетиштето. Немав желба да се распулувам низ пределот, зашто сакав да спијам; но флејтите ме измачуваа и морав да сторам или да видам нешто. Како можев да претпоставам кон што ќе се испулам?
Таму, на месечината која ја преливаше пространата рамнина се одвиваше собитие коешто никој смртник, откако ќе го види, не би можел да го заборави. На звук на шупелки од трска кој одекнуваше над тресетиштето тивко и морничаво се пролизгуваше мешан калабалак од разлулани фигури, тетеравејќи се со такво веселие со какво што Сицилијанците можеби играле во чест на Деметра во старите дни под есенската полна месечина крај Кијана. Широката рамнина, златната месечина, сенишните подвижни форми и пред сѐ продорното еднолично пиштење, произведуваше учинок кој скоро и ме парализира; но сепак среде стравот забележав дека едната половина од овие неуморни, механички играчи се аргатите кои ги мислев дека спијат, а другата половина беа чудни воздушни битија во бело, полунеодредливи по природа, но укажувајќи на бледи елегични најади од опседнатите шадрвани во тресетиштето. Не знам колку долго зјапав врз глетката од осамениот прозорец на торетата пред ненадејно да потонам во бессонишна бессознаница од којашто ме скорна високото утринско сонце.
Првиот нагон по будењето ми беше да му ги пренесам сите стравови и набљудувања на Денис Бери, но додека гледав како сончевата светлина сјае низ источниот прозорец со украсни решетки станав сигурен дека нема вистинитост во она што ми се беше присторило дека го гледам. Често ми се појавувале чудни привиденија, а сепак никогаш не сум бил доволно слаб за да поверувам во нив; па во оваа прилика се задоволив со испрашување на аргатите, кои спиеја до многу касно и не си споменуваа ништо од претходната вечер освен магливи соништа за продорни звуци. Оваа работа со призрачното пиштење многу ме изнасекира и се запрашав дали есенските штурци беа стасале предвреме за да ја сакалдисуваат ноќта и да ги опседнуваат привиденијата на луѓето. Истиот ден покасно го видов Бери во библиотеката далдисан во плановите за големата работа којашто требаше да почне изутрината и за првпат почувствував малку од истиот оној страв кој ги беше изгонил селаните. Поради некоја непозната причина, стравував од помислата да се вознемирува древното тресетиште и неговите бессончеви тајни и си замислував ужасни глетки како црно лежат под неизмерни длабини прастар тресет. Да овие тајни се развиделат се чинеше неумесно и почнав да копнеам по изговор за да го напуштам замокот и селото. Дури и му направив површен муабет на Бери на темата, но не се осмелив да продолжам кога громогласно ми се изнасмеа. Па така останав тивок кога сонцето блештливо зајде зад ридовите и Килдери црвено-златно пламна во оган кој се чинеше небаре знамение.
Дали настаните од таа вечер беа стварност или илузија никогаш нема да установам. Бездруго преминуваат сѐ што сонуваме за природата или универзумот; но не можам по обичен тертип да ги објаснам тие исчезнувања со кои сите се запознаа откако сѐ се сврши. Си легнав рано и полн фрас и долго време не можев да заспијам во необјаснивата тишина на кулата. Многу беше мрачно, зашто иако небото беше ведро, месечината сега веќе баеги имаше завенеено и немаше да изгрее сѐ до ситните саати. Мислев на Денис Бери додека лежев и на тоа што ќе го спопадне тресетиштето кога ќе изгрее денот и ме фати скоро грозничав нагон да истрчам во ноќта, да ја земам колата на Бери и лудо да одвозам до Балилох надвор од заканетите краишта. Но пред стравовите да можат да ми се кристализираат во постапки, заспав, и во соништата се пулев кон градот во долината, студен и мртов под плашт од одвратна сенка.
Најверојатно продорното пиштење беше она што ме разбуди, но сепак не беше пиштењето она што прво го забележав кога ги отворив очите. Лежев со грбот кон источниот прозорец кој гледаше накај тресетиштето, каде што завенеената месечина требаше да изгрее, па затоа очекував да видам светлина врз спротивниот ѕид пред мене; но не се надевав на таква глетка каква што тогаш се појави. Врз ламперијата пред мене навистина светеше светлина, но не беше светлина којашто месечината ја оддава. Стравотен и резлив беше зракот на румена болскотливост којашто протекуваше низ готскиот прозорец и сета одаја блескаше од велелепност јака и неземна. Моите непосредни постапки беа сперливи за една таква околност, но човек само во сказните го прави драматичното и предвиденото. Наместо да погледнам преку тресетиштето кон изворот на новата светлина, ги држев очите понастрана од прозорецот во паничен страв и несмасно си ја наврев облеката со некоја замајана замисла за бегство. Се сеќавам дека ги зграпчив револверот и шапката, но пред да се сврши со сѐ, ги бев загубил и обете работи, ни испукувајќи ја првата ни ставајќи си ја втората. По некое време опчинетоста од црвената зрачност ми надвладеа над стравот и се прикрадов до источниот прозорец и погледнав кон надвор додека излудувачкото, непрестајно пиштење кенкаше и одекнуваше низ замокот и преку целото село.
Преку тресетиштето имаше потоп од пламена светлина, алова и зловесна, која гргаше од чудната дамна рушевина на далечното островче. Појавата на таа рушевина не можам да ја опишам - сигурно бев луд, зашто се чинеше дека се издига величествена и нераспадната, велелепна и столбоопашана, со пламеноодразливиот мермер на нејзиниот перваз продупувајќи го небото како иглата на храм на некој планински врв. Вриштеа флејти и тапани почнаа да бијат и како што се пулев вомјазен и ужаснат ми се пристори како да гледам мрачни заклинкани форми гротескно оцртани наспроти привидението од мермер и блештивост. Учинокот беше титански - потполно непомислив - и можеби до бескрај ќе останев да зјапам, звукот на пиштењето да не фатеше навидум да се засилува од мојата лева страна. Тресејќи се од уплав настрано помешан со занес ја преминав кружната соба до северниот прозорец од којшто можев да ги видам селото и рамнината на работ на тресетиштето. Таму зениците повторно ми се проширија од разуздано вчудовидување небаре се немав штотуку тргнато од една сцена надвор од синорот на природата, зашто на грозоморната црвеноосветлена рамнина се движеше поворка созданија на таков начин каков што никој жив не беше видел, освен во кошмарите.
Полу лизгајќи се, полу лебдејќи во воздух, белозарубените тресетишни ветроштини полека се повлекуваа кон мирните води и островската рушевина во фантастични формации укажувајќи на некаков древен и свечен чинодејствен танц. Размавтаните полупроѕирни раце, водени од презривото пиштење на тие невидени флејти, со необјаснив ритам повикуваа калабалак од аргати кои поревајќи се следеа небаре кучиња со слепи, празноглави, раскашкани чекори како да се влечени од несмасна, нескротлива демонска волја. Како што најадите се приближуваа до тресетиштето не променувајќи си ја патеката, нова редица заостанати аргати тетераво и во цикцак пијано излезе од замокот од некоја врата далеку под мојот прозорец, безвидно се распипа преку дворот и низ обиколниот дел од селото и ѝ се придружи на раскашканата колона аргати на рамнината. И покрај големата далечина под мене, уште веднаш усознав дека се слугите доведени од север, одошто ја препознав грдата и гломазна форма на готвачот, чија сама апсурдност сега беше станала неизустиво трагична. Флејтите ужасно пиштеа и повторно го чув биењето на тапани од правец на островската рушевина. Тогаш тивко и елегантно најадите стигнаа до водата и една по една се стопија во древното тресетиште; додека редицата следбеници, ненамалувајќи си ја брзината, тромаво зашлака по нив и исчезна во ситен вртлог неугодни меурчиња кои едвај можев да ги догледам на аловата светлина. И како што последниот патетичен следач, дебелиот готвач, тешко потона надвор од видик во таа мрка бара, флејтите и тапаните се стишија и заслепувачките црвени зраци од рушевините секавично ги снема, оставајќи го кобното село осамено и пусто под жулавите снопови на новоизгреана месечина.
Состојбата тогаш ми беше состојба на неопислив хаос. Не знаејќи дали сум луд или здраворазумен, дали спијам или сум буден, саде некаква милостива отрпнатост ме спаси. Мислам дека правев смешни работи, молејќи им се на Артемида, Латона, Деметра, Персефона и Плутон. Сѐ она што можев да си го припомнам од класичната младост ми помина низ усните како што ужасиите на околноста ми ги разбудија најдлабоките суеверија. Чувствував како да сум ја посведочил смртта на цело село и знаев дека сум сам во замокот со Денис Бери, чија дрскост беше свикала некаков суд. Кога помислив на него ме згрчија нови стравотии и паднав наземи; неонесвестен, но телесно беспомошен. Тогаш го почувствував ледениот налет од источниот прозорец каде што се имаше издигнато месечината и ги заслушав вриштењата во замокот далеку под мене. Набрзо тие вриштења имаа придобиено висина и особина којашто не можеше да се занемари и што ме омалаксува кога ќе си ги спомнам. Сѐ што можам да кажам е дека потекнуваа од нешто коешто го имав за пријател.
За време на овој потресен период, студениот ветер и врескањето сигурно некако ме беа расониле, зашто следниот впечаток ми е за тоа како лудо јурам низ катран црни соби и коридори и преку дворот во одвратната ноќ. Ме најдоа во зорите како безумно талкам близу Балилох, но она што крајно ме растрои не беше ниеден од ужасите коишто дотогаш ги бев видел или чул. Она за коешто мрморев додека полека излегував од сенките беа две фантастични збиднувања кои се случија за време на моето бегство; збиднувања без никакво значење, но коишто сепак непрестајно ме прогонуваат кога сум сам во извесни мочурливи места или на месечина.
Како што бегав од тој проколнат замок по работ на тресетиштето чув нов звук; обичен, а сепак поинаков од било кој звук кој дотогаш го имав чуено во Килдери. Застојаните води, до скоро потполно испразнети од животински живот, сега вриеја од орда огромни лигави жаби кои продорно и непрестајно пиштеа во тонови чудно недоследни на нивната големина. Сјаеја подуени и зелени на месечевите зраци и се чинеше како да зјапаат нагоре кон изворникот на светлината. Го проследив погледот на една многу дебела и грда жаба и го видов второто нешто коешто ми ја истера свеста.
Протегнат право од чудната дамна рушевина на далечното островче сѐ до завенеената месечина, очите како да ми распознаа сноп на бледа трепетлива зрачност која немаше одблесок во водите на тресетиштето. И пругоре по таа бескрвна патека грозничавата мечта ми наслика некаква тенка сенка како споро врголи; нејасна извитоперена сенка како прета небаре влечена од невидени демони. Како што бев сиот излуден, во таа стравотна сенка видов чудовишна сличност - гадна, неверојатна карикатура - богохулна скулптура на оној кој беше бил Денис Бери.