Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.
Се вели дека во Ултар, кој лежи зад реката Скаи, никој не смее да убие мачка; и во ова можам вистина да поверувам како што го гледам оној кој предејќи седи пред огнот. Зашто мачката е загадочна и блиска до чудни нешта кои луѓето не можат да ги видат. Душа е на старинскиот Египет и носач на сказни од заборавените градови Мерој и Офир. Род е на владарите на џунглите и наследник на тајните на ветвата и зловестна Африка. Сфингата ѝ е роднина и го знае нејзиниот јазик; но подревна е од Сфингата и го памети она што таа го има заборавено.
Во Ултар, во времето пред уќуматот да го забрани убивањето на мачки, живееја еден стар чифчија со жена му на кои им беше ќеф да ги фаќаат и отепуваат мачките на соседите. Зошта правеа вака не знам, освен тоа дека многумина го мразат гласот на мачката во ноќта и ги боди зошто мачките нечујно да се растрчуваат низ дворови и градини на самрак. Но која и да им беше причината, на тој старец и жена му им беше наслада да ја фаќаат и убиваат секоја мачка што ќе се приближеше до нивната колиба; и од некои од звуците кои се слушаа откако ќе се стемнеше, многу од селаните слутеа дека начинот на отепување беше прекумерно сперлив. Но селаните не зборуваа за оваа работа со старецот и жена му; поради катадневниот израз на овенатите лица на двајцата и поради што куќарката им беше толку мала и толку темничаво скриена под раширени дабови на крајот на запоставениот двор. Работата беше во тоа што, колку стопаните на мачки и да ги мразеа овие чудни луѓе, сепак повеќе им се плашеа; па наместо да ги прекорат како свирепи крвници, само водеа сметка да ниедно сакано милениче или глувчарче не отталка до далечната колиба под мрачните дрвја. Кога поради некој неизбежен пропуст некоја мачка ќе ја снемаше и звуци ќе се расчуеа кога ќе се стемнеше, губителот немоќно ќе се ожалостеше, или ќе се утешеше благодарејќи ѝ на судбината што не беше било некое од децата да така му исчезне. Зашто луѓето во Ултар беа прости и не знаеја од каде беа дошле сите мачки во дамнина.
Еден ден, караван со чудни скитачи од Југот влезе по тесните калдрмести улици на Ултар. Мургави скитачи беа и не налик на другите талкачи кои минеа низ селото двапати во годината. Среде пазарот гатаа за сребро и купуваа шарени монистра од трговците. Која беше земјата на овие скитачи никој не знаеше да каже; но видно беше дека имаат чудни молитви и дека на страните на нивните кочии имаа насликано чудни фигури со човечки тела и глави од мачки, соколи, овни и лавови. А водачот на караванот носеше венец со два рога и своевиден диск насреде роговите.
Имаше, во овој своеобразен караван, едно мало момче без мајка и татко, туку само со едно ситно црно маче што си го чуваше како очите. Чумата не беше била милостива кон него, но сепак му го беше оставила ова мало крзнено животинче за да му ја услиши тагата; а кога човек е многу млад, може да најде голема утеха во пргавите будалаштини на едно црно маче. И така момчето кое мургавите скитачи го викаа Менес почесто се смееше одошто плачеше, како што седеше играјќи си со неговото отмено маче на скалите на чудно избоената кочија.
На третото утро од престојот на скитачите во Ултар, Менес не можеше да си го најде мачето и како што гласно липаше среде пазарот некои селани му кажаа за старецот и жена му и за звуци кои се расчуле во ноќта. И кога ги чу овие работи липањето му се преточи во обмисла, а најпосле во молитва. Ги испружи рацето кон сонцето и се помоли на јазик кој никој од селаните не можеше да го разбере; макар што впрочем селаните и не се обидоа многу да разберат, зашто вниманието најмногу им беше свртено кон небото и кон чудните форми кои ги заземаа облаците. Беше многу сперливо, но како што малото момче си ја изусти риџата се чинеше како одозгора да се создаваат сеништни, небулозни облици на егзотични нешта; на хибридни суштества крунисани со рого-обостранети дискови. Природата е полна со вакви илузии што ги задумуваат мечтателите.
Таа ноќ скитачите го напуштија Ултар и веќе никогаш никој не ги виде. А домаќините се насекираа кога видоа дека во цело село веќе немаше останато ниту една мачка. Од секое огниште беше исчезнала домашната мачка; мачки големи и мали, црни, сиви, пругави, жолти и бели. Кметот, стариот Кранон, се колнеше дека мургавите луѓе ги беа одвеле мачките како одмазда за убивањето на мачето на Менес; и го колнеше караванот и малото момче. Но Нит, мршавиот бележник, зајави дека стариот чифчија и жена му се позаслушни за кривицата; зашто нивната омраза против мачки беше злогласна и сѐ пободра. Сепак, никој не се осуди да им се пожали на зловестните сопрузи; дури и кога малиот Атал, синот на анџијата, се заколна дека на самрак ги беше видел сите мачки на Ултар во тој клет двор под дрвјата, како чекорат многу споро и тржествено во круг околу куќарката, две по две, како да изведуваат некој незнаен обред на ѕверки. Селаните не знаеја колку да му веруваат на едно толку мало момче; и иако се плашеа дека злобните сопрузи ги беа маѓепсале мачките за да ги отепаат, повеќе сакаа да не го кудат стариот чифчија додека не го сретнат надвор од неговиот мрачен и одбивен двор.
Така Ултар си легна да спие во залудна лутина; а кога луѓето се разбудија во зорите - што да видат! Секоја мачка си беше вратена во своето огниште. Големи и мали, црни, сиви, пругави, жолти и бели, ниту една не фалеше. Многу мазни и дебели се чинеа мачките и звучни со задоволни предења. Мештаните си зборуваа меѓусебе за оваа работа и баеги се чудеа. Стариот Кранон пак настојуваше дека мургавите луѓе ги беа имале земено, зашто мачка не се враќаше жива од куќарката на древниот маж и жена му. Но сите се согласија за една работа: дека одбивањето на сите мачки да ги изедат нивните следувања месо или да ги испијат нивните чинии млеко беше прекумерно своевидно. И цели два дена мазните, мрзеливи мачки на Ултар не сакаа да ја ѓибнат храната, туку само дремеа пред огнот или на сонце.
Помина една цела недела пред селаните да забележат дека не се појавуваат светла на самрак во прозорците на куќарката под дрвјата. Тогаш мршавиот Нит даде примедба дека никој не го беше видел старецот или жена му од ноќта кога ги снема мачките. По уште една недела кметот одлучи да го надмине стравот и да го посети необично тивкото жилиште како чин на должност, иако правејќи така беше претпазлив и ги зеде ковачот Шенг и каменорезецот Тул како сведоци. И кога ја обија кревката врата го најдоа само ова: два начисто соголени човечки костури на земјениот под и мноштво своеобразни бубачки кои лазеа по засенетите ќошеви.
Следеа многу муабети во уќуматот на Ултар. Зат, мртвопроверителот, на долго и широко расправаше со Нит, мршавиот бележник; а Кранон и Шенг и Тул беа преплавени од прашања. Дури и малиот Атал, синот на анџијата, беше внимателно испрашан и потоа награден со шеќерче. Зборуваа за стариот чифчија и жена му, за караванот мургави скитачи, за малиот Менес и неговото црно маче, за молитвата на Менес и за небото за време на таа молитва, за делата на мачките вечерта кога караванот си замина и за она што подоцна беше најдено во куќарката под мрачните дрвја во одбивниот двор.
И на крајот уќуматот го донесе тој бележит закон за кој раскажуваат трговците во Хатег и разговараат патниците во Нир; имено, дека во Ултар никој не смее да убие мачка.