Сонопотрага по незнајниот Кадат - Полиграматон

Сонопотрага по незнајниот Кадат

Трипати Рендолф Картер сонуваше за чудесниот град и трипати беше истргнат додека сѐ уште беше застанат на високата тераса над него. Сиот златен и личен кај пламтеше на зајдисонце, со ѕидови, храмови, колонади и засводени мостови од жилест мермер, сребренокоритни шадрвани со призмични водени прашини среде пространи плоштади и опојни градини и широки сокаци кои маршираа помеѓу деликатни дрва и цветонатоварени урни и филдишни статуи изнаредени во светкави редици; додека по стрмните северни падини се искачуваа спратови од црвени покриви и стари шилести калкани криејќи сокачиња со обрасната калдрма. Грозница на боговите беше; фанфара на возвишени труби и тресок на бесмртни чинели. Мистерија висеше околу него небаре облак околу баснословна непосетена планина; и како што Картер стоеше без здив и во исчекување на тој забалустраден парапет го облеа потресноста и неизвесноста на скоро исчезнати спомени, болката за изгубени нешта и излудувачката потреба да повторно му го најде местото на она што на времето си беше имало восхитно и далекусежно место.

Знаеше дека за него, значењето на градот мора да беше било врховно; макар што во кој циклус или инкарнација го беше запознал или дали на сон или на јаве, не можеше да одгатне. Нејасно му доловуваше наѕирања на далечна, заборавена прва младост, кога чудењето и задоволствата се протегаа низ сите мистерии на дните и и зората и примракот пророчно маршираа на бодриот звук на лаути и песни; вечно отворени самовилски порти кон понатамошни и изненадувачки волшепства. Но секоја вечер додека стоеше на таа висока мермерна тераса со своевидните урни и изрезбарен ракофат и се пулеше над тој стишен залезен град на убавина и неземна иманентност, го чувствуваше јаремот на тиранските богови на сонот; зашто никако не смогна да го напушти тоа вишно место или да се спушти по широките мраморни скалишта бескрајно распослани прудолу до кај што тие улици на дамно вештерство спрострено и заводливо се протегаа.

Кога по третпат се пробуди уште неспуштен по тие скалишта и уште нерашетан низ тие стишени залезни улици, долго и искрено им се молеше на скриените богови на сонот кои хировито дремат над облаците на незнајниот Кадат, во студената пустелија кај што човек не стапнува. Но боговите не се одзваа и не попуштија, ниту дадоа некаков знак на благонаклонетост кога им се молеше на сон и жртвено ги призиваше преку брадатите свештеници Нашт и Каман-Та, чиј пештерен храм со столбови од пламен се протега недалеку од портите на будниот свет. Меѓутоа, се чинеше како молитвите да му се чуени наопаку, зашто веднаш по првата, потполно прекина да го гледа чудесниот град; небаре трите наѕирања оддалеку беа биле чиста случајност или превид и наспроти некој скришен план или желба на боговите.

Најнакрај, болен од копнеж по тие светкави залезни улици и криптични ридски сокаци среде древни ќерамидни покриви и неспособен ни на сон ни на јаве да ги истера од умот, Картер се реши да оди со бодра риџа до кај што никој жив дотогаш не беше пошол и да се одважи да ги премине ледените пустини низ мракот до кај што незнајниот Кадат, загрлен од облаци и крунисан со незамислени ѕвезди, тајно и ноќно го крие ониксниот замок на Великите.

Низ лесна дремка се спушти по седумдесетте скалила до пештерата на пламен и направи муабет за овој ниет со брадатите свештеници Нашт и Каман-Та. И свештениците занишаа со пшентоносните глави и се заверија дека ќе му умре душата ако така стори. Нагласија дека Великите веќе му ја зајавиле нивната желба и дека не им е по ќеф да им го крши раатот со настојчиви молби. Го потсетија и дека не само што никој жив дотогаш не беше стигнал до незнајниот Кадат, туку и никој жив не слути во кој дел од семирот се наоѓа; дали е во сонишните земји околу нашиот свет или во оние кои опкружуваат некој непогоден придружник на Фомалхаут или Алдебаран. Ако е во нашите сонишни земји, може и да бидува да се достигне; но само три потполно човечки души уште од почетокот на времето беа пошле и си дошле низ црните огрешени бездни до другите сонишни земји, и од таа тројка двајца се беа вратиле улави. На таквите патешествија имало непресметливи околни опасности; како и онаа потресна крајна беља која неспоменливо тептави надвор од подредениот универзум, кај што никој сон не достига; таа последна бесформна мор на најадско бунило која богохули и клокоти во средиштето на сета бесконечност - безбрежниот демон-султан Азатот, чие име ничии усни не се осмелуваат на глас да го изговорат и кој гладно глода во незамисливи, неосветлени одаи надвор од времето среде пригушеното, избезумувачко биење на погани тапани и пискавото, еднолично кенкање на клети флејти; на чиешто презриво лупање и пиштење бавно, тромаво и апсурдно играат џиновските врвни богови, слепите, неми, сури, безумни Други Богови чија душа и гласник е ползечкиот понор Нјарлатотеп.

За сиве овие работи Нашт и Каман-Та го предупредија Картер во пештерата на пламен, но тој и понатаму остана решен да ги најде боговите на незнајниот Кадат во студената пустелија, каде и да се наоѓа таа, и да ги спечали од нив глетката и споменот и заслонот на чудесниот залезен град. Знаеше дека патувањето ќе му е чудно и долго и дека Великите ќе се против него; но одошто беше стар жител на земјата на соништа сметаше на многу корисни сеќавања и шејови кои би му помогнале. Така, барајќи благослов за збогум од свештениците и остроумно думајќи се по кој пат да фати, бодро се спушти по седумстоте скалила до Портата на подлабока дремка и тргна низ маѓепсаната корија.

Во тунелите на таа извртена корија, чиишто ниски грамадни дабови си ги преплетуваат зграбувачките ветки и притулено сјаат со светлозрачноста на чудни габи, домуваат стаените и таинствени зуги; кои знаат многу помрачени тајни на соносветот, а и неколку на будниот свет, бидејќи коријата на две места се допира со земјата на луѓето, макар што би било катастрофално да се каже каде. Извесни необјаснети гласини, настани и исчезнувања се збиднуваат меѓу луѓето онаму кај што зугите имаат пристап и среќа е што не можат да пропатуваат до далеку од светот на соништа. Но низ поблиските предели на соносветот се шетаат слободно, војвајќи мали и кафени и невидени и враќајќи со себе пикантни сказни за кога ќе легачат околу огништата во шумите кои ги љубат. Повеќето од нив живеат во дувла, но некои ги населуваат стеблата на големите дрва; и иако најчесто се хранат со габи се мрмори и дека по малку имале иштав, било телесен, било душевен, и за мевце, зашто бездруго има многу сонувачи кои влегле во таа корија и не излегле. Меѓутоа, Картер немаше страв; зашто беше стар сонувач и им го имаше изучено првливиот јазик и многупати имаше правено алашвериш со нив; а со нивна помош го имаше и најдено велелепниот град Селефаида во Ут-Наргаи зад Танарските Ридови, каде што една половина од годината владее великиот крал Куран, човек кој Картер во животта го беше знаел под друго име. Куран беше единствениот кој имаше појдено до ѕвездените бездни и се имаше вратено необземен од лудост.

Чекорејќи така по ниските светлозрачни алеи меѓу џиновските стебла, Картер испушти првкави звуци по тертипот на зугите и фати да поднаслушнува да чуе одговор. Се сеќаваше дека едно село на суштествата беше баш близу до средиштето на коријата, каде што круг од големи мовливи камења врз нешто што порано беше било чистинка сведочи за постари и постравотни домувачи кои одамна се заборавени, па кон ова место и поита. Си го водеше патот според гротескните габи, кои секогаш се чинеа подобро захранети како што човек ближеше до фрасниот круг каде што дамни созданија играле и жртвувале. Најпосле поголемата светлина на подебелите габи откри зловесна зелено-сива колосалност како се истегнува над покривот на шумата и надвор од видик. Ова беше најблискиот од големите камени обрачи и Картер знаеше дека е близу до селото на зугите. Обновувајќи ги првливите звуци, трпеливо почека; и најнакрај беше награден со впечатокот на многубројни очи како го гледаат. Зугите беа, зашто човек им ги здогледува бизарните очи уште пред да им ги воочи малите, лизгави кафени контури.

Се изнароија, од скриени дувла и небаре саќе прошарани дрвја, сѐ додека сиот притулено осветлен предел не оживеа од нив. Некои од подивите непријатно го докачија Картер и едно дури и погано му го штипна увото; но ваквите распашани духови бргу беа зауздани од нивните старешини. Советот на мудреци, препознавајќи го посетителот, му понуди црпка ферментиран сок од едно опседнато дрво поинакво од другите, кое беше пораснало од семка фрлена од некој од месечината; и додека Картер свечено пиеше, се разврза еден многу чуден муабет. Зугите, за жал, не знаеја каде се протега врвот на Кадат ниту можеа да кажат дали студената пустелија е во нашиот соносвет или во некој друг. Гласини за Великите подеднакво доаѓале од сите краеви; и можело само да се каже дека поверојатно било да се видат на високи планински врвови одошто во долини, бидејќи на такви врвови копнежно играат кога месечината е одозгора, а облаците одоздола.

Тогаш еден многу древен зуг си спомна нешто нечуено од другите; и рече дека во Ултар, зад реката Скаи, сѐ уште стоел последниот примерок на оние несфатливо стари Пнакотски ракописи напишани од будни луѓе во заборавени поларни кралства и доведени во земјата на соништа кога влакнестите човекојадни Нофкеси го совладале многухрамниот Олатое и ги испотепале сите херои во земјата Ломар. Тие ракописи, рече, кажувале многу за боговите; а освен тоа, во Ултар имало луѓе кои ги беа виделе нишаните на боговите и дури и еден стар свештеник кој се беше искачил на некоја голема планина за да ги опули како играат на месечина. Тој самиот потфрлил, но неговиот придружник успеал и безимено витосал.

Така Рендолф Картер им заблагодари на зугите, кои пријателски првнаа и му дадоа уште една црпка од виното од месечево дрво да си ја земе за по пат, и тргна низ светлозрачната корија кон другата страна, каде што напливнатата Скаи тече спуштајќи се од падините на Лерион, и Хатег и Нир и Ултар пегаво ја шараат рамнината. Зад него, стаени и невидени ползеа неколку од пољубопитните зуги; зашто сакаа да видат што судбина ќе го снајде, та да им ја однесат легендата за тоа на својот народ. Масивните дабови стануваа сѐ погусти додека си пробиваше пат од селото и остро се распулуваше барајќи едно извесно место каде што требаше да се изретчат, издигајќи се мртви или пред умирање среде неприродно густите габи и гнилата мувла и раскашканите трупци на паднатите им браќа. Таму сакаше нагло да сврти, зашто на тоа место една грамадна камена плоча лежи на шумското тло; и оние коишто се осмелиле да ѝ пријдат велат дека е опашана со железен обрач широк три стапки. Сеќавајќи се на архаичниот круг од големи мовливи карпи и на тоа зошто најверојатно бил поставен, зугите не се задржуваат близу таа ширна плоча со огромен обрач; зашто им е јасно дека не сѐ што е заборавено значи дека е и мртво и не би сакале да видат како плочата се подига споро и намерно.

Картер скршна на соодветното место и ги чу зад себе исплашените првкања на некои од пострашливите зуги. Знаеше дека ќе го следат, па не се вознемири; зашто човек се навикнува на аномалиите на овие суштества кои се изгорени секаде да пикнат нос. Самрак фати кога стигна до работ на коријата и засилената светлост му кажа дека е самракот на утрината. Преку плодни рамнини кои се распостилаа до Скаи го здогледа чадот на оџаци од куќарки и на сите страни беа живите огради и изорани полиња и сламени покриви на земја во мир. Еднаш запре крај еден салашки бунар да се поднапие вода и сите кучиња исплашено им се разлајаа на незабележливите зуги кои ползеа низ тревата зад него. Пред една друга куќа, кај што врвулеа луѓе, им постави прашања за боговите и за тоа дали често играле врз Лерион; но земјоделецот и жената му само го направија Старинскиот знак и му го кажаа патот за Нир и Ултар.

Напладне зачекори по единствениот широк сокак во Нир, кој еднаш веќе го имаше посетено и кој ги обележуваше неговите најдалечни патувања во тој правец; и наскоро потоа стигна до еден голем камен мост преку Скаи, во чијшто средишен дирек дуварџиите беа заѕидале жива човечка жртва кога го беа граделе пред илјада и триста години. Кога премина на другата страна, редовното присуство на мачки (кои им се кострешеа на зугите што се маеа зад него) ја откри блиската непосредност на Ултар; зашто во Ултар, според еден древен и значаен закон, никој не смее да убие мачка. Многу беше пријатно предградието на Ултар, со зелените куќарки и уредно оградени салаши; а уште попријатна беше и самата живописна паланка, со старите шилести покриви и надвиснати горни спратови и безбројни оџачни капи и тесни ридски улици кај што човек можеше да види стара калдрма секојпат кога елегантните мачки ќе овозможea доволно простор. Картер, одошто мачките беа донекаде распрснати поради полувидените зуги, си проби пат право до скромниот храм на Дамните каде што се велеше дека се свештениците и старите записи; и штом влезе во таа старинска кула од забршленет камен - којашто го крунисува највисокиот врв на Ултар - го побара патријархот Атал, којшто се беше имал качено на забранетиот врв Хатег-Кла во камената пустина и се беше имал жив спуштено.

Атал, седнат на филдишен подиум во овенчано светилиште на врвот на храмот, беше стар цели три века; но умот и сеќавањето сѐ уште му беа остри. Од него Картер научи многу нешта за боговите, но во главно дека тие навистина се само земни богови, мекушаво владеејќи со нашата сонишна земја и немајќи ни моќ ни престојувалиште на други места. Можеби, рече Атал, и би му ги услишиле молитвите на човек ако им се види арно; но не смее да се мисли на искачување до ониксната им крепост на врвот на Кадат во студената пустелија. Среќа било што никој жив не знае каде се вишнее Кадат, зашто есапот од искачувањето дотаму непара ќе бил евтин. Придружникот на Атал, Мудриот Барзаи врескајќи беше бил повлечен во небото само заради тоа што се искачил на знајниот врв Хатег-Кла. Со незнајниот Кадат, ако некогаш е најден, бељата ќе е многу поголема; зашто иако земните богови некогаш можат да се надмашени од по некој мудар смртник, заштитени се од Другите Богови од Надвор, за кои е подобро да не се прави муабет. Најмалку двапати во историјата на светот Другите Богови си го беа поставиле печатот врз првобитниот гранит на земјата; еднаш во претпотопни времиња, како што можело да се погоди од еден цртеж во оние делови на Пнакотските ракописи што се предревни за да се прочитаат, и еднаш на Хатег-Кла кога Мудриот Барзаи се обидел да ги види земните богови како играат на месечина. Затоа, рече Атал, поарно ќе било на никои богови да не им се крши раатот, освен преку обѕирни молитви.

Картер, макар разочаран од обесхрабрувачкиот совет на Атал и од оскудната помош што можеше да се најде во Пнакотските ракописи и Седумте криптични книги на Хсан, не се препушти целосно на очај. Прво го испраша стариот свештеник за чудесниот залезен град кој се гледа од терасата со ракофат, мислејќи си дека можеби ќе го најде и без помош на боговите; но Атал не можеше ништо да му каже. Најверојатно, рече Атал, местото му припаѓало на неговиот засебен соносвет, а не на општата земја на привиденија која им е позната на повеќето; а можно било и да е на друга планета. Во тој случај земните богови не би можеле да го водат дури и да би сакале. Но ова не било изгледно, зашто секнувањето на соништата мошне јасно покажувало дека ова било нешто што Великите сакаат да го сокријат од него.

Тогаш Картер стори пакост, и му понуди на простосрдечниот домаќин толку многу голтки од месечевото вино кое зугите му го имаа дадено што старецот постана неодговорно зборлест. Соголен од здржаноста, кутриот Атал слободно се разбаботи за забранети нешта; раскажувајќи за некој голем приказ за кој патници зајавувале дека бил издлабен врз самите карпи на планината Нгранек, на островото Оријаб во Јужното Море и загатнувајќи дека можеби е лика којашто земните богови на времето ја беа изнедриле според сопствените им одлики во дните кога играле на месечина на таа планина. А подикнуваше и за тоа дека одликите на тој приказ се многу чудни, та човек да може лесно да ги препознае и дека се сигурни нишани на правата раса на боговите.

На Картер, пак, уште веднаш му стана очигледна користа на сето ова во пронаоѓањето на боговите. Се знае дека помладите од Великите, сторени тебдил, често се ќердосуваат со човечки ќерки, па околу границите на студената пустелија кај што се издига Кадат во сите селани ќе да тече нивна крв. Според тоа, начинот да се најде таа пустелија мора да е со испулување кон каменото лице на Нгранек и испитување на неговите одлики; а потоа, откако грижливо ќе се запаметат, барање на такви одлики меѓу живи луѓе. Кај што ќе се најјасни и најчести, и боговите сигурно најблиску до таму би домувале; и која и камена пустелија да се протега зад селата во тоа место мора да е онаа во којашто се издига Кадат.

Многу би можело да се научи за Великите во таквите предели и оние од нивна крв можеби наследиле малечки спомени кои би му биле доста корисни на еден трагач. Можеби нема да си го знаат симсилето, зашто боговите до толку не сакаат да ги знаат меѓу луѓето, што нема никој кој на сакана им ги видел лицата; и Картер помисли на оваа работа додека се думаше како да се искачи по Кадат. Но би имале настрани вишни мисли неразбрани од нивните врсници и би пееле за далечни места и градини толку различни од сите оние коишто се познати дури и во сонишната земја, што обичниот народ би ги сметал за будали; и од сето ова човек можеби би можел да научи некои стари тајни за Кадат или да прибере намеци за чудесниот залезен град за кој боговите не даваат да се дознае. А исто така, во некои случаи човек би можел и да зграпчи некое сакано чедо на бог како заложник; или дури и да зароби некој млад бог, кој се преправил и домува меѓу луѓето со услупна селска мома за невеста.

Меѓутоа, Атал не знаеше како да ја пронајде Нгранек на нејзиното острово Оријаб; и препорача да Картер ја следи распеаната Скаи под нејзините мостови сѐ до Јужното Море; до каде што не бил никој од уќуматот на Ултар, но од каде што трговците доаѓале со чамци или со долги каравани со мазги и запрежни коли со две тркала. Таму има еден голем град, Дилат-Лин, но во Ултар угледот му е лош поради црните бродови-триери кои допловуваат дотаму со рубини што не се од јасно изменувани брегови. Тргувачите кои доаѓаат со тие галии да се пазарат со кујунџиите се луѓе, или барем отприлика како луѓе, но веслачите никогаш не се видени; а во Ултар не се смета дека е угодно да трговци тргуваат со црни бродови од непознати места чии веслачи не можат да се изнесат на виделина.

Додека ги искажа овие сведенија Атал веќе го фати силна дремка и Картер нежно го поведе до еден диван обложен со филдиш и пристојно му ја спастри брадата врз градите. Кога се заврте да си оди, воочи дека веќе не го следи придушено првкање и се запраша зошто зугите беа станале толку немукаетливи во љубопитната задача. Тогаш ги забележа сите мазни самозадоволни мачки во Ултар како се оближуваат со необична сласт и си спомна за саскањето и мјаукањето кое како да го чу оддалеку во долните делови на храмот додека беше внесен во разговорот со стариот свештеник. Си спомна и за злобно гладниот начин на којшто еден особено безобразен млад зуг му се испули на едно мало црно маче на калдрместата улица надвор. И бидејќи на светот не сакаше ништо повеќе од мали црни мачиња, се наведна и ги погали мазните мачки на Ултар додека се оближуваа и не му беше мака дека тие љубознајни зуги веќе нема да го придружуваат.

Имаше фатено зајдисонце, па Картер наврати во еден древен ан на една стрмна уличка што врвеше над понискиот дел на градот. Кога излезе на балконот на собата и се испули кон морето од црвеноќерамидни покриви и калдрмести патишта и кон пријатните полиња зад нив, целите благолики и волшебни во накосената светлина, се заколна дека Ултар би било мошне арно место за за навек таму да домува, споменот на еден повелик залезен град да не го подбуцнуваше да продолжи да патува кон непознати бељи. Тогаш падна самрак и розевите ѕидови на малтерисаните калкани станаа виолетови и мистични и малечки жолти светла се извишија нагоре едно по едно од старите прозорци со украсни решетки. И слатки ѕвона ѕвекотеа во кулата на храмот одозгора и првата ѕвезда леко намигнуваше над ливадите преку Скаи. Со ноќта дојде и песна и Картер го фати дремка додека свирачите на лаути ги величаа древните дни од зад филигранските балкони и обложени плочници на скромниот Ултар. И можеби ќе имаше блажина дури и во гласовите на многуте мачки во Ултар, да не беа повеќето тромави и тивки од чудни гостења. Некои од нив се мушнаа до оние загадочни царства кои им се познати само на мачките и кои селаните велат дека се на темната страна на месечината, до каде што мачките рипаат од високите куќни слемиња, но едно мало црно маче долази догоре и му скокна на Картер в скут за да си игра и преде, и му се склупчи близу нозете кога тој најпосле легна врз малиот диван чии перници беа полни со миризливи, сонливи билки.

Изутрината Картер се приклучи во еден караван трговци тргнати за Дилат-Лин носејќи предена волна од Ултар и зелки од разработените салаши на Ултар. И шест дена со разѕунети ѕвончиња јаваа по мазниот пат крај Скаи; при некои вечери запирајќи во анови во мали живописни рибарски паланки, а при други логорувајќи под ѕвездите додека по некој стих бродарска песна ќе стигнеше од сталожената река. Пределот беше многу убав, со зелени живи огради и шумјаци и сликовити шилести куќарки и осмоаголни ветерници.

На седмиот ден чад матно се издигна на хоризонтот пред нив, а потоа и високите црни кули на Дилат-Лин, којшто во најголем дел е изграден од базалт. Дилат-Лин со витките ќошлести кули од далеку изгледа како дел од Џиновскиот Насип во Ирска, а улиците му се мрачни и непривлечни. Има многу стушени морнарски крчми близу мноштвото докови и сиот град е саде калабалак од чудни поморци од секоја земја на светот и неколку за коишто се вели дека не се од светот. Картер ги испраша чудно зарубените луѓе од тој град за врвот на Нгранек на островото Оријаб и дозна дека добро го познаваат. Бродови од Бахарна доаѓале до островот и имало еден кој требало да се врати дотаму за еден месец, а Нгранек бил на само два дена јавање со зебра од тоа пристаниште. Но малкумина го имале видено каменото лице на богот, бидејќи се наоѓало на многу незгодна страна на Нгранек, која гледала саде кон голи спили и кон долина од зловесна лава. Некогаш одамна боговите им се налутиле на луѓето од таа страна и им кажале на Другите Богови за таа работа.

Тешко беше да се извлечат овие сведенија од тргувачите и морнарите во крчмите во Дилат-Лин, зашто најчесто претпочитаа да шепотат за црните галии. Една од нив требало да втаса за една недела со рубини од нејзиниот непознат брег и мештаните ги фаќало страв кога ќе ја виделе кај се закотвува. Устите на луѓето кои излегувале од неа биле прешироки и начинот на којшто турбаните им биле подигнати во две грпки над челата бил особено невкусен. А чевлите им биле најкусите и најнастрани во сите Шест Кралства. Но најлоша од сѐ била работата со невидените веслачи. Трите редови весла се движеле пребргу и препрецизно и прежестоко за да е на арно и не бидувало работа да брод со недели остане закотвен додека трговците тргуваат, а од екипажот да не се покаже ни прст. Не било право кон крчмарите во Дилат-Лин, а ни кон бакалите и касапите; зашто ни мрвка прехрана не била праќана на бродот. Трговците земале само злато и јадри црни робови од Парг од преку реката. Само тоа земале и ништо друго, тие непријатнолики трговци и нивните невидени веслачи; ништо од кај касапите или бакалите, саде злато и дебелите црнци од Парг кои ги купувале на кило. И миризбите од тие галии кои јужниот ветер ги носел од доковите не се ни опишувале. Само со постојано пушење на силен алчак-качак можеле, дури и најзакоравените мештани на старите морнарски крчми, да ги поднесат. Дилат-Лин не ќе ги трпел црните галии ако можеле на други места да се најдат рубини како нивните, но немало ниеден рудник во сите сонопредели на земјата кој давал такви како нив.

За вакви нешта се прикажуваше меѓу космополитскиот народ на Дилат-Лин додека Картер трпеливо го чекаше бродот од Бахарна, којшто ќе можеше да го одведе до островото на коешто изрезбарениот Нгранек вишно и јалово се издига. Во меѓувреме не пропушти да се разбара низ врталиштата на патниците од далеку за да види што сказни би можеле да имаат тие во врска со Кадат во студената пустелија или чудесниот град со мермерни ѕидови и сребрени шадрвани кои се гледаат под тераси на зајдисонце. Меѓутоа за ваквите нешта не дозна ништо; макар што еднаш му се виде како еден извесен стар косоок трговец да пројави настран стреш кога се спомна студената пустелија. За овој човек се зборуваше дека тргува со ужасните камени села на ледената пустинска висорамнина Ленг, којашто никој здрав човек не ја посетува и чии зли огништа се гледаат навечер оддалеку. Имаше муабети дури и дека си имал работа со оној врховен свештеник кој не смее да се опишува, којшто носи жолта свилена маска врз лицето и домува сам во праисториски камен манастир. Тоа дека еден таков човек бездруго можеби и си пазаруцка со созданија какви што е замисливо да домуваат во студената пустелија беше несомнено, но Картер бргу увиде дека залудно е да го испрашува.

Најпосле црната галија се лизна во сидриштето крај базалтниот валобран и високиот светилник, тивко и туѓо и со чудна смрдеа која јужниот ветер ја донесе до градот. Неспокој прошумоли низ крчмите по крајбрежјето и по некое време мрачните широкоусти трговци со турбани со грпки и куси стапала крадешкум се накупчија на брегот и фатија кон чаршиите на кујунџиите. Картер внимателно ги набљудуваше и колку повеќе ги гледаше толку помалку му се бендисуваа. Тогаш ги виде како ги тераат јадрите црнци од Парг по една штица во таа своеобразна галија грофтајќи и пцуејќи, и се запраша во какви земји - или дали воопшто во некакви земји - им е пишано да служат на тие дебели патетични суштества.

И на третата квечерина од престојот на таа галија еден од неугодните трговци му прозборе, огрешено смешкајќи се под мустаќ и загатнувајќи за што беше чул низ крчмите за потрагата на Картер. Се чинеше дека поседува знаење што е претајно за јавно излагање; и иако звукот на гласот му беше неподносливо ненавистен, Картер заклучи дека преданијата на еден патник од толку далеку не смеат да се пренебрегнат. Затоа го замоли да му дојде на гости зад затворени врати во одајата на горниот спрат и го изваде она што му имаше останато од месечевото вино на зугите за да му го разврзе јазикот. Чудниот трговец го накрена шишето, но непогоден од напитокот, се насмевна под мустаќ. Тогаш тој самиот извлече едно своевидно шише вино и Картер виде дека шишето е од едно парче издлабен рубин, гротескно изрезбарен во дезени пребаснословни за да се узнаат. Му понуди од виното на домаќинот и иако Картер едвај пивна, почувствува семирска вртоглавица и треска од незамислени прашуми. А гостинот цело време се беше насмевнувал сѐ пошироко и пошироко и како што Картер пропаѓаше во празнотија последното нешто што го виде беше мрачното одбојно лице згрчено од злобна смеа, и нешто мошне неизречливо каде што една од двете предни тутки на тој портокалов турбан се беше растурила од тресењето при тоа епилептично веселие.

Кога Картер придоби свест, беше среде ужасни миризби под шаторовидната настрешница на бродска палуба, со чудесните брегови на Јужното Море како му пројуруваат со неприродна молскавичност. Не беше окован, но тројца од мрачните зајадливи трговци стоеја во близина церејќи се и од глетката на тие грпки на нивните турбани му се слоши скоро исто онолку колку и од смрдеата која се процедуваше низ зловесните катари. Виде како крај него се издуднуваат величествените земји и градови за коишто еден негов пријател сонувач од земјата - светилничар во древниот Кингспорт - често му беше расправал во старите дни и ги препозна храмовите тераси на Зар, домовина на заборавените сништа; кулите на злогласниот Таларион, тој демоноград на илјада чуда каде што владее подобието Лати; костурничарските градини на Ксура, земјата на задоволства неостварени и дуплите ‘ртови од кристал, кои се среќаваат во воздух во велелепен лак, и кои го вардат сидриштето на Сона-Нил, блажената земја на мечти.

Крај сите овие преубави земји неугодно профучи баздливиот брод, туркан од абнормалните веслања на тие невидени веслачи одоздола. И пред да сврши денот Картер виде дека кормиларот не можеше да има намерено друга цел освен Базалтните Столбови на Западот, зад коишто простиот народ вели дека се протегала велелепната Калтурија, но коишто мудрите сонувачи знаат дека се портите на чудовиштен катаракт каде што океаните на сонопределите на земјата потполно пропаѓаат до безгазерна празнотија и пробиваат низ празните простори кон други светови и други ѕвезди и стравотните небиднини надвор од подредениот универзум каде што демон-султанот Азатот гладно глода во хаос среде лупања и пискања и пеколното играње на Другите Богови, слепи, неми, сури и безумни со нивната душа и гласник Нјарлатотеп.

Во меѓувреме тројцата зајадливи трговци не кажаа ни збор за нивната намера, иако Картер добро знаеше дека мора да се ујдисани со оние кои сакаа да му ја попречат потрагата. Општопознато е во земјата на соништа дека Другите Богови имаат многу посредници кои се движат меѓу луѓето; и сите овие посредници, биле сосема човечки или скоро човечки, желно ја спроведуваат волјата на тие слепи и безумни нешта во возврат за наклонетоста на нивната одвратна душа и гласник, ползечкиот понор Нјарлатотеп. Така Картер констатираше дека трговците со турбаните со грпки, дознавајќи за неговото смело трагање по Великите во нивниот замок на Кадат, беа одлучиле да го грабнат и да го одведат при Нјарлатотеп за каков и да е безимен бакшиш кој можеби е таксан за еден таков плен. Која ли ќе да е земјата на тие трговци, било во нашиот универзум или во устрелните семири од надвор, на Картер не му паѓаше на памет; ниту можеше да замисли на какво пеколно зборно место ќе се сретнат со ползечкиот понор за да го предадат во негови раце и да си ја земат наградата. Меѓутоа, знаеше дека никои суштества што се онолку човечки колку овие, не би се осмелиле да пријдат до врвниот заноќен престол на демонот Азатот во бесформната средишна небиднина.

Со залезот на сонцето трговците си ги оближаа претерано широките усни и гладно се изѕверија, а еден од нив појде долу и се врати од некоја скриена и одбивна кабина со котле и кошница со чинии. Потоа сите заедно клекнаа еден до друг под натстрешницата и јадеа од чурливото месо кое се раздаваше. Но кога му дадоа една порција и на Картер, тој увиде нешто многу стравотно во големината и обликот на нештото; па уште повеќе пребледе и ја исфрли порцијата в море кога ничии очи не го гледаа. И пак помисли на тие невидени веслачи одоздола и на сомничавата исхрана од којашто им доаѓаше претерано механичката сила.

Мрак беше фатил кога галијата мина измеѓу Базалтните Столбови на Западот и звукот на врвниот катаракт предзначно се дуеше од напред. И водената прашина на тој катаракт се издигаше за да ги помрачи ѕвездите и палубата стана спарна и пловилото се залула од распенетата струја на работ. Тогаш со настрано свирење и нурнување скокот беше изведен и Картер почувствува кошмарни стравотии додека земјата се оддалечуваше и големиот брод тивко и како комета се вдаде кон планетарната вселена. Никогаш дотогаш не беше знаел какви безоблични црни нешта демнат и разрипуваат и се кашкаат низ етерот, вргалејќи и церејќи им се на патешествениците кои ќе се погоди да минат и понекогаш распипувајќи се со лигави канџи кога некој подвижен предмет ќе им ја разгореше љубопитноста. Ова се безимените ларви на Другите Богови и и тие исто се слепи и без ум и поседуваат своеобразни гладости и жедности.

Но таа одбивна галија не целеше кон далечините од кои Картер се плашеше, зашто тој наскоро виде дека кормиралот тера курс право кон месечината. Месечината беше српеста, сјаејќи сѐ поголема и поголема како што ѝ се приближуваа и неугодно покажувајќи си ги кратерите и врвовите. Бродот се упати кон работ и наскоро стана јасно дека одредиштето му е онаа тајна и загадочна страна која секогаш е завртена од земјата и на којашто никоја целосно човечка личност, освен можеби сонувачот Снирет-Ко, не ѝ се беше опулил. Блиската појава на месечината додека галијата се приближуваше на Картер му падна многу вознемирувачка и не му се бендиса големината и обликот на урнатините кои ваму-таму се ронеа. Мртвите храмови на планините беа поставени така што беше невозможно да величаат арни или прикладни богови и во симетриите на скршените диреци се чинеше како да демне некое мрачно и длабоко значење кое не канеше решавање. А каква ли беше била структурата или сразмерноста на старинските обожувачи, Картер воздржано одби да претполага.

Кога бродот заврте околу работ и заполови над тие земји невидени од луѓето, во настраниот пејсаж се појавија извесни знаци на живот и Картер виде многу ниски, широки, тркалезни куќарки среде полиња од гротескни белузлави габи. Забележа дека куќарките немаат прозорци и му дојде мисла дека во облик потсетуваат на ескимски колиби. Потоа ги наѕре мрсните бранови на тромаво море и знаеше дека патешествието повторно ќе е по вода - или барем по некаква течност. Галијата удри врз површината со сперлив звук и несекојдневниот растеглив начин на којшто брановите ја примија на Картер му се виде многу обезумувачки. Сега се лизгаа со голема брзина, на еден наврат минејќи и поздравувајќи една друга галија со сродна форма, но обично не гледајќи ништо освен тоа сперливо море и небо кое беше црно и ѕвездораспосеано, иако сонцето опрлувачки светеше на него.

Одеднаш пред нив се издигнаа назабените ридови на лепрознолико крајбрежје и Картер ги виде густите непријатно сиви кули на некој град. Начинот на којшто се навалуваа и свиваа, наравот по којшто беа нагроздени и фактот што воопшто немаа прозорци, многу го вознемири затвореникот и горко ја жалеше будалштината којашто го беше натерала да пивне од своевидното вино на трговецот со турбанот со грпки. Како што се ближеше брегот и како што одвратната миризба на градот се засилуваше, врз назабените ридови здогледа многу шуми од коишто некои беа со дрва кои ги препозна како сродни со она осамено месечево дрво во маѓепсаната корија на земјата, од чијшто сок малите кафени зуги го ферментираат нивното сперливо вино.

Картер сега можеше да распознае подвижни фигури на опорите докови пред него и колку подобро ги гледаше толку посилно почна да им се плаши и да ги пизми. Зашто воопшто не беа луѓе, ниту приближни на луѓе, туку големи сиво-бели лизгави нешта кои можеа да се собираат и издолжуваат и чија првична форма - макар што често се менуваше - беше на некаква си жаба без очи, со своевидна вибрирачка маса од куси розеви пипала на крајот на тапа, неопределива муцка. Овие предмети зафатено се ганѕаа по доковите, преместувајќи бали и сандаци и кутии со противприродна сила и одвреме-навреме скокајќи во или од по некоја закотвена галија со долги весла во предните шепи. И одвреме-навреме некое ќе се подадеше кај тера стадо накупчени робови, кои, впрочем, беа приближни на човечки суштества со широки усти како трговците кои тргуваа во Дилат-Лин; ама овие стада, вака без турбани или чевли или облека, и не се чинеа толку човечки. Некои од робовите - подебелите, кој некаков си надзирач опитно ги потштипнуваше - беа истоварани од бродови и заковани во сандаци кои работници ги туркаа кон ниски складишта или ги товареа на огромни тромави коли.

Еднаш една кола беше впрегната и одвозена и баснословното нешто што ја влечеше беше такво што на Картер му се зеде здивот и покрај тоа што веќе ги беше видел другите страшилишта во тоа ненависно место. Одвреме-навреме по некое стадо робови облечени и завиени во турбани како оние на мрачните трговци беше потерано во некоја од галиите, проследено од голем екипаж од лизгавите сиви жаболики нешта во улога на офицери, навигатори и веслачи. И Картер виде дека скорочовечките суштества беа наменети за поизмеќарските видови на служба за кои не се бараше многу сила, како кормиларење и готвење, носење и пренесување и пазарење со луѓето од земјата или другите планети кај што тргуваа. Ваквите суштества сигурно беа доста корисни на земјата, зашто навистина не беа неслични на луѓе кога беа облечени и внимателно обуени и завиени во турбани, и можеа да се ценкаат во дуќаните на луѓето без непријатност или своевидни објаснувања. Но повеќето од нив, освен ако не беа жулави или грдомазни, беа необлечени и напикани во сандаци и одвлечени од баснословни нешта во тромави колички. Повремено и други созданија беа растоварани и сандакосани; некои многу слични на овие полулуѓе, некои не толку слични, а некои воопшто неслични. И Картер се прашуваше дали и на некои од кутрите јадри луѓе од Парг им доаѓаше редот да се растоварени и сандакосани и испратени кон внатрешното копно во тие дегутантни араби.

Кога галијата запре крај еден мрснолик кеј од сунѓерест камен, кошмарна орда од жаболики нешта допрета низ катарите и две го зграпчија Картер и го одвлечкаа на брегот. Мирисот и појавата на тој град се вон секакво раскажување и на Картер му останаа само раштркани слики од поплочените улици и црните врати и бескрајните врлини од сивите вертикални ѕидови без прозорци. Најнакрај беше одвлечкан низ една ниска врата и присилен да се искачува по бесконечни скали во црна темница. Очевидно, на жаболиките нешта им беше сеисто дали е светло или темно. Миризбата на местото беше неподнослива и кога Картер беше заклучен во една одаја и оставен насамо едвај имаше сила да се расползи и да ѝ ги оцени обликот и димензиите. Беше кружна и со пречник од околу дваесет стапки.

Оттогаш натаму времето престана да постои. Повремено му втурнуваа храна, но Картер не сакаше ни да ја гибне. Што к’смет ќе го снајде, не знаеше; но си мислеше дека го чуваат за кога ќе дојде таа ужасна душа и гласник на Другите Богови на бесконечноста, ползечкиот понор Нјарлатотеп. Најпосле, по непогоден распон часови или денови, големата камена врата повторно се расчепати и Картер беше искошкан прудолу по скалите и надвор врз црвеноосветлените улици на тој стравотен град. Ноќ беше на месечината и низ целата касаба имаше поставено робови кои носеа факели.

На еден презрив плоштад беше оформена некаква поворка; десет жаболики нешта и дваесет и четири скоро човечки факелоносци, по единаесет од секоја страна и по еден од напред и назад. Картер беше ставен во средината на стројот; со пет жаболики нешта пред него и пет зад него и по еден скоро човечки факелоносец од обете страни. Извесни поединци од жаболиките нешта извадија одвратно изрезбарени флејти од филдиш и почнаа да испуштаат намразени звуци. На тоа пеколно пискање колоната замаршира од поплочените улици кон заноќени рамнини со зазорни габи, започнувајќи наскоро да се искачува по еден од пониските и поблаги ридови кои се протегаа зад градот. Во тоа дека на некоја стравотна падина или богохулна висорамнина чекаше ползечкиот понор, Картер воопшто не се сомневаше; и посакуваше да неизвесноста заврши што поскоро. Кенкањето на тие огрешени флејти беше потресно и душа ќе дадеше за некој макар полунормален звук; но овие жаболики нешта немаа гласови, а робовите не зборуваа.

Тогаш низ ѕвездоисфлеканата темница всушност и се појави еден нормален звук. Се дотркала од повисоките ридови и беше потфатен од сите назабени врвови одоколу и одекна во сѐ погласен сколободиски хор. Беше полноќниот викот на мачката и Картер најпосле увиде дека стариот селски народ бил во право кога тивко навестувал за криптичните царства кои им се познати само на мачките и до коишто старешините на мачките се повлекуваат крадешкум среде ноќта, скокајќи од високите куќни слемиња. Вистина било дека до темната страна на месечината оделе да рипаат и палавинат по ридови и да чинат муабет со древни сенки, и тука среде таа колона од реави нешта Картер им го чу пријатниот, пријателски крик и помисли на стрмните покриви и топли огништа и осветлени прозорчиња на родниот крај.

Добар дел од говорот на мачките, пак, му беше познат на Рендолф Картер и во ова далечно, страшно место го изусти крикот што беше соодветен. Но и не мораше да прави така, зашто таман му се подотворија усните, чу како хорот расне и се приближува и виде молскавични сенки наспроти ѕвездите додека мали елегантни форми рипаа од рид до рид во сѐ поголеми свити. Повикот на кланот беше бил разгласен и пред скрнавата поворка да има време дури и да се уплаши, облак од задушливо крзно и фаланга од крвнички канџи плимовито и олјуно ја имаа опсадено. Флејтите запреа и вриштења се расчуја низ ноќта. Скорочовечките суштества врескаа како што умираа и мачките саскаа и кенкаа и рикаа, но жаболиките нешта не испуштија ни звук додека смрдливата зелена излачотина смртно им се цедеше врз таа порозна почва со зазорните габи.

Импозантна глетка беше додека траеја факелите и Картер никогаш дотогаш немаше видено толку многу мачки. Црни, сиви и бели; жолти, тигрести и мешани; обични, персиски и мански; тибетски, ангорки и египетски; сите беа збрани среде жолчната битка и над нив лебдеше мала трага од онаа длабока и пречиста светост којашто беше била причина за великоста на божицата им во храмовите во Бубастис. По седум наеднаш ќе срипаа врз гркланот на некое скорочовечко суштество или врз розевите пипала на некое жаболико нешто и дивјачки ќе го свлечкаа врз габестата рамнина, при што едночудо од нивните соборци ќе нагрвалеа врз него и во него со здивени канџи и заби со божествена борбена јарост. Картер имаше зграпчено факел од еден сотрен роб, но наскоро беше навасан од струјните бранови на неговите верни бранители. Потоа лежеше во крајната црнина слушајќи ги борбените ждринготења и извиците на победниците и чувствувајќи ги меките шепи на пријателите му како јурат наваму-натаму преку него среде бојот.

Најпосле, восхит и премаленост му ги затворија очите, и кога повторно ги отвори се испули кон чудна сцена. Големиот сјаен диск на земјата, тринаесет пати поголем од оној на месечината како што ние ја гледаме, се беше издигнал заедно со поплава од бизарна светлина над месечевиот пејсаж; и преку сите тие милји диви висорамнини и раздрпани сртови клечеше бескрајно море од мачки во построени редици. Се ширеа круг по круг и двајца или тројца војводи од нивните чети му го лижеа лицето и утешно му предеа. Од мртвите робови и жаболики нешта немаше многу знаци, но на Картер му се пристори како да виде една коска недалеку во отворениот простор помеѓу него и почетокот на густите кругови на воини.

Картер тогаш прозборе со војводите на лекиот јазик на мачките и дозна дека за неговото древно пријателство со нивниот вид многу добро се знаело и често се прикажувало на местата кај што мачките се берат. Не бил незаприметен кога поминал низ Ултар и мазните стари мачки беа запаметиле како ги погалил откако се справиле со гладните зуги кои злобно му се пулеле на едно мало црно маче. А си припомнувале и колку топло го беше пречекал истото тоа мало маченце кое дошло да го посети во анот и како му дал чинија кајмак утрото пред да си замине. Дедото на истото тоа мало маченце беше бил војвода на војската која таму се имаше собрано, зашто од еден далечен рид ја беше видел злобната поворка и го препознал затвореникот како голем пријател на неговата сорта на земјата и во земјата на соништа.

Тогаш кенкање се расчу од еден подалечен врв и стариот војвода нагло запре со разговорот. Беше една од стражарниците на војската поставена на највисоката планина да варди против единствениот душман на кој мачките од земјата му се плашат, многу големите и сперливи мачки од Сатурн, на кои поради некоја причина не им беше било непознато волшепството на темната страна на нашата месечина. Ујдисани се преку примирје со злобните жаболики нешта и се злогласно непријателски настроени против нашите земјини мачки; па средба со нив при оваа разделница на дејствијата бездруго ќе беше беља работа.

По кратко советување меѓу генералите мачките станаа и се престроија во погуста формација, заштитнички стискајќи се околу Картер и готвејќи се да го изведат големиот скок низ семирот назад до куќните слемиња на нашиот свет и неговата земја на соништа. Стариот маршал го посоветува Картер да се препушти да глатко и пасивно биде пренесен среде насобраните чети рунтави скокачи и му кажа како да рипне кога и другите ќе рипнат и како елегантно да се спушти кога и другите ќе се спуштат. Исто така се понуди и да го префрли на било кое место каде што ќе сака, па Картер се одлучи за градот Дилат-Лин од каде што тргаа црните галии; зашто оттаму сакаше да отплови за Оријаб и изрезбарениот срт на Нгранек, а и да ги предупреди луѓето од градот да не прават веќе пазарлук со црните галии, ако таквиот пазарлук можеше промислено и со дикат да се прекине. Тогаш, кога се даде знак, мачките сите елегантно скокнаа со пријателот им безбедно склупчен меѓу нивните редови; додека во една црна пештера на еден далечен неосветен капец на месечевите планини сѐ уште залудно чекаше ползечкиот понор Нјарлатотеп.

Скокот на мачките низ семирот беше молскавичен; и одошто беше опкружен од придружниците, Картер овој пат не ги виде големите црни безобличности кои демнат и разрипуваат и се кашкаат низ понорот. Пред целосно да сфати што се има случено, си беше назад во познатата соба во анот во Дилат-Лин и нечујните, пријателски мачки небаре река гргаа низ прозорецот. Стариот војвода од Ултар си замина последен и додека Картер му ја стискаше шепата му рече дека ќе може да си стигне до дома уште пред петлите да пропејат. Кога се зазори, Картер се симна долу и дозна дека една недела беше изминала од неговото грабнување и бегство. Сѐ уште имаше околу две недели за чекање пред да пристигне бродот за Оријаб и за тоа време раскажа што можеше против црните галии и нивното злогласно поведение. Повеќето граѓани му поверуваа; ама толкав мерак имаа кујунџиите за големите рубини што никој не сакаше начисто да вети дека ќе прекине пазарлук со широкоустите трговци. Ако некогаш Дилат-Лин го снајде беља од таквиот пазарлук, тој нема да им е крив.

За околу недела дена, чемрејниот брод доедри до црниот валобран и високиот светилник и на Картер му беше мило кога виде дека e барка со арни луѓе, со бојадисани страни и жолти латински едра и сед капетан во свилена одежда. Од товар носеше миризлива смола од средишните шумјаци на Оријаб и деликатни грнци испечени од уметниците од Бахарна и чудни мали фигури изрезбарени од древната лава од Нгранек. За овие работи им се плаќаше во ултарска волна и ткаенини кои се преливаа од Хатег и филдишот кој црнците го резбарат преку реката во Парг. Картер се спогоди со капетанот за да појде до Бахарна и му беше кажано дека пловидбата би траела десет дена. И за време на неделата додека чекаше многу зборуваше со тој капетан за Нгранек и му беше кажано дека малкумина го беа виделе изрезбареното лице врз него; и дека повеќето патници се задоволуваат со слушање на легендите за него од стари луѓе и собирачи на лава и изработувачи на прикази во Бахарна, а потоа во нивните далечни домови велат дека, демек, навистина го беа опулиле. Капетанот не беше ни сигурен дали некој сѐ уште жив човек го има опулено изрезбареното лице, зашто погрешната страна на Нгранек е многу тешка и јалова и зловесна и постојат гласини за пештери близу врвот каде што домуваат ноќните шкобавци. Но капетанот не сакаше да каже што всушност е ноќен шкобавец, зашто за таа лишка се знае дека најнастојчиво ги опседнува соништата на оние кои пречесто мислат на неа. Тогаш Картер го праша тој капетан за незнајниот Кадат во студената пустелија и чудесниот залезен град, но за овие работи добриот човек навистина не знаеше ништо да каже.

Картер отплови од Дилат-Лин едно рано утро кога надојде плимата и ги виде првите зраци на изгрејсонцето врз тенките ќошлести кули на таа стушена базалтна паланка. И два дена пловеа така кон исток во доглед на зелени крајбрежја и често ги гледаа пријатните рибарски паланки кои стрмно се искачуваа со своите црвени покриви и оџачни капи од стари дремливи докови и плажи каде што мрежи лежеа сушејќи се. Но на третиот ден нагло скршнаа кон југ каде што валањето на водата беше посилно и наскоро се оддалечија од видикот на секое копно. Петтиот ден морнарите беа неспокојни, но капетанот се извини за нивниот страв, велејќи дека бродот наскоро требало да помине преку обраснатите ѕидови и искршени диреци на некој потонат град престар за сеќавање и дека кога водата била бистра можело да се видат толку многу подвижни сенки во тоа длабоко место, што простиот народ не го сакал. А призна и дека во тој дел на морето се имале изгубено многу бродови; кои откако биле поздравени кога биле близу дотаму, веќе никој не ги видел.

Таа ноќ месечината беше многу сјајна и човек можеше да догледа до доста длабоко под водата. Имаше толку малку ветер што бродот не можеше многу да мрдне и океанот беше многу мирен. Гледајќи преку ракофатот Картер на длабочина од многу милји ја здогледа куполата на голем храм и пред неа друм со неприродни сфинги кој водеше до нешто што на времето беше било јавен плоштад. Делфини весело се разигруваа низ урнатините и морски свињи несмасно пируваа наваму-натаму, понекогаш испливувајќи на површина и скокајќи право во воздух. Како што бродот споро се лизгаше океанското тло се издигна во ридови и лесно можеа да се воочат линиите на древни угорни улици и потопените ѕидови на едночудо куќички.

Потоа се појави предградието, а најпосле една осамена градба на еден рид со поедноставна архитектура од останатите структури и многу поодржана. Беше мрачна и ниска и се протегаше долж четирите страни на еден плоштад, со кула на секој ќош, поплочен двор во центарот и целата прекриена со своевидни округли прозорчиња. Најверојатно беше од базалт, макар што алги ѝ го прекриваа најголемиот дел; и осамената и впечатлива местоположба на тој далечен рид ѝ беше таква што личеше како да беше била некој храм или манастир. Некакви светлозрачни риби одвнатре им даваа сјајна појава на округлите прозорчиња и Картер не ги обвинуваше многу морнарите за тоа што им беше страв. Тогаш под водената месечина забележа еден несекојдневен висок монолит во средината на централниот двор и виде дека нешто е врзано за него. И кога откако зеде телескоп од кабината на капетанот виде дека врзаното нешто е морнар во сребрената одежда на Оријаб, со главата надолу и без очи, му беше мило што засилено ветре наскоро го придвижи бродот нанапред кон поздрави делови на морето.

Наредниот ден зборуваа со брод со виолетови едра тргнат за Зар, во земјата на заборавени соништа, товарен со пупки од чудно обоени лилјани. И во квечерината на единаесеттиот ден пристигнаа во доглед на островото Оријаб, додека Нгранек назабено и снегокрунисано се издигаше во далечините. Оријаб е многу големо острово, a неговото пристаништe Бахарна, грамаден град. Доковите на Бахарна се од порфир и градот се издига во големи камени тераси зад нив, со улици од скали кои често се засводени од градби и од мостови помеѓу градби. Има голем канал кој врви под целиот град во тунел со гранитни порти и кој води до копненото езеро Јат, на чијшто спротивен брег се масивните урнатини од ќерпич на еден првобитен град чие име не е запаметено. Како што бродот ближеше кон сидриштето во квечерината, двојните светилници Тон и Тал светкаа за здравоживо и од сите милионски прозорци на терасите на Бахарна леки светла тивко и постепено ѕиркаа како ѕвездите што ѕиркаат одозгора во примракот, додека стрмното и нагорно морско пристаниште не постана светкаво соѕвездие обесено помеѓу ѕвездите на небесата и одразите на тие ѕвезди во мирното сидриште.

Капетанот, откако се истоварија, го прими Картер како гостин во неговата куќичка на бреговите на Јат каде што заднината на градот се навалува веднаш до нив; и жена му и слугите принесоа чудни татли јадења за наслада на патникот. А во дните потоа Картер се распраша за гласини и легенди за Нгранек во сите крчми и јавни места каде што се береа собирачи на лава и изработувачи на прикази, но не можеше да најде никој што беше бил до повисоките падини или ги беше видел изрезбарените лица. Нгранек беше незгодна планина со само една клета долина зад неа, а освен тоа, човек не можеше да се потпре на сигурноста дека ноќните шкобавци се потполно баснословни.

Кога капетанот се врати со бродот во Дилат-Лин, Картер се смести во една древна крчма која излегуваше на сокак од скали во варошот на градот, којшто е изграден од цигли и потсетува на урнатините на подалечниот брег на Јат. Тука го скрои планот за искачување на Нгранек и изнајде соодноси во сето она што го беше научил од собирачите на лава за патиштата натаму. Крчмарот беше многу стар човек и имаше чуено толку многу стари легенди што беше од голема помош. Дури и го однесе Картер во една горна соба во таа древна куќа и му покажа една груба слика која некој патник ја беше изгребал врз глинениот ѕид во дамните дни кога луѓето биле пободри и поненеволни да ги посетат повисоките падини на Нгранек. Прадедото на стариот крчмар беше чул од неговиот прадедо дека патникот кој ја беше изгребал сликата се беше качил до Нгранек и го беше видел изрезбареното лице, цртајќи го тука за да можат и други да го опулат; но на Картер не му се веруваше многу-многу, зашто големите нејасни црти на ѕидот беа направени набрзина и со немукает и беа потполно засенети од толпа мали придружни и крајно невкусни облици, со рогови и крилја и канџи и извртени опашки.

Најпосле, откако се здоби со сите сведенија со кои можеше да се здобие во крчмите и јавните места во Бахарна, Картер најми зебра и едно утро тргна по патот крај брегот на Јат кон тие внатрешни делови каде што се вишнее камената Нгранек. Од десно имаше развалани ридови и пријатни овоштарници и мали уредни камени салаши, и веднаш се потсети на оние плодни полиња кои ја обострануваат Скаи. До квечерина беше близу до безимените древни урнатини на спротивниот брег на Јат и иако старите собирачи на лава го беа предупредиле да не логорува таму навечер, ја сопна зебрата за еден своевиден столб пред еден разронет ѕид и си го посла ќебето во еден ќош што беше по на завет под некакви резби чие значење никој не можеше да го дешифрира. Околу него си завитка уште едно ќебе, зашто ноќите во Оријаб се студени; и кога еднаш се пробуди присторувајќи му се дека ги осеќа крилата на некој инсект како му го докачуваат лицето целосно си ја покри главата и мирно спиеше додека не го скорнаа мага-птиците од далечните смолни шумјаци.

Сонцето штотуку се беше издигнало над големата падина врз којашто долги милји првобитни циглени темели и истрошени ѕидови и повремени распукани столбови и постаменти пусто се протегаа надолу до брегот на Јат и Картер се распули да си ја најде сопнатата зебра. Многу се вџаши кога виде дека питомата ѕверка лежи спружена крај своевидниот столб за кој беше била врзана, а уште повеќе се сакалдиса кога виде дека атот му е мртов, со крвта целосно исцицана низ една своеобразна рана на гркланот. Торбата му беше претурена и земени беа неколку сјајни дребулии и насекаде по правливата почва имаше големи ципести стапалки коишто на никој начин не можеше да ги оправда. Му текна на легендите и предупредувањата на собирачите на лава и помисли на она што му го беше докачило лицето во ноќта. Потоа ја нарами торбата и зачекори кон Нгранек, макар не без да му поминат морници кога близу до него ги виде, како што врвеше друмот, урнатините на еден голем зјајнат свод ниско во ѕидот на еден стар храм, со скали кои водеа кон темница подлабоко одошто можеше да се допули.

Патеката сега го поведе нагоре по ридовите низ подива и делумно пошумена земја и ги гледаше само колибите на горачите на јаглен и логорите на оние кои собираа смола од шумјаците. Сиот воздух беше мисковина од балсам и мага-птиците сербезлачки пееја додека седумбојно блескотеа на сонцето. Близу зајдисонце наиде на нов логор на собирачи на лава кои со полни вреќи се враќаа од пониските падини на Нгранек; па и тој си постави логор таму, слушајќи ги песните и сказните на луѓето и наслушувајќи ги што шепотат за некој придружник кој го беа изгубиле. Се беше искачил нависоко за да достигне некое место со многу убава лава, а кога заноќило не се вратил меѓу другарите. Кога наредниот ден го побарале, му го нашле само турбанот, а ниту на спилите одоздола имало знак дека паднал. Не продолжиле со потрагата, зашто старците меѓу нив рекле дека ќе е џабе. Никој не го наоѓал она што ноќните шкобавци ќе го одведеле, макар што овие ѕверки и самите биле толку непотврдени што биле скоро баснословни. Картер ги праша дали ноќните шкобавци цицаат крв и сакаат сјајни работи и оставаат ципести стапалки, но сите одречно занишаа со главите и како да се исплашија што вака ги опитува. Кога виде колку станаа ќутливи веќе не ги распрашуваше, туку си лега под ќебето да спие.

Наредниот ден стана со собирачите на лава и им кажа збогум, па тие одјаваа кон запад, а тој кон исток, на зебра која им ја беше откупил. Постарите меѓу нив го благословија и опоменаа и му рекоа дека е поарно да не се качува многу високо на Нгранек, но иако од сѐ срце им заблагодари, во никој случај не беше разубеден. Зашто и понатаму чувствуваше дека мора да ги најде боговите на незнајниот Кадат и да спечали од нив пат до тој трогателен и чудесен град на зајдисонце. До пладне, по долго угорно јавање, наиде на некакви напуштени циглени села на ридјани кои на времето беа домувале волку близу до Нгранек и беа резбареле прикази од неговата мазна лава. Беа домувале на тоа место сѐ до деновите на дедото на стариот крчмар, но во тоа време осетиле како нивното присуство да не му е по ќеф на некому. Почнале да ги чичкаат куќите по самите планински падини и колку повисоко граделе толку повеќе луѓе им фалеле кога ќе огреело сонцето. Најпосле решиле дека ќе е најарно да станат и да си одат, зашто понекогаш во темнината биле наѕрени нешта кои никој не можел поволно да ги протолкува; па така на крајот сите се симнале до морето и се вдомиле во Бахарна, населувајќи еден многу стар кварт и пренесувајќи им ја старата мајсторија на изработка на прикази на нивните синови, која и до ден денес ја тераат. Од овие чеда на протераните ридјани бидна да Картер ги чуе најдобрите сказни за Нгранек додека војваше низ древните крчми во Бахарна.

Во меѓувреме, големата шкобава косина на Нгранек постојано демнеше од сѐ повисоко и повисоко како што Картер ѝ се приближуваше. На пониската падина имаше едвај по некое дрво, а одозгора само по некој клекав џбун, а потоа голите одвратни карпи призрачно се креваа кон небото мешајќи се со лед и мраз и вечен снег. Картер можеше да ги види расцепите и нерамнините на тој трезвен камен и не му беше по ќеф помислата дека ќе мора да го искачува. На места имаше скаменети потоци од лава и купови скорија растурени низ падините и испакнатините. Пред деведесет раздобја, пред дури и боговите да ѝ играат врз шилестиот врв, таа планина беше говорела со оган и беше рикала со гласовите на внатрешните грмежи. Сега се топореше, така тивка и зловесна, содржејќи го на скриената страна тој таен титански приказ за којшто говореа гласините. И имаше и пештери на таа планина, коишто можеби се празни и осамени со дамнинска темница или можеби - ако имаше вистина во легендите - содржат ужасии со облици кои не се претположливи.

Земјата се навалуваше нагоре кон падините на Нгранек, изретчено прекриена со џуџести дабови и јасени и распосеана со парченца карпи, лава и древен ќумур. Се гледаа опожарените гламни на многу логори, каде што собирачите на лава имаа узус да запрат и неколку самоделски олтари кои ги имаа изградено или за да ги примират Великите или за да го истераат она за коешто сонувале на високите пресеки и во лавиринтските пештери. Во квечерината Картер стигна до најдалечниот куп гламни и постави логор за да ја помине ноќта, ја сопна зебрата за една фиданка, добро се завитка во ќебето и си легна да спие. И цела ноќ некој вунит далечно виеше од бреговите на некој скриен басен, но на Картер не му беше страв од таа водоземна стравотија, зашто со сигурност му беше кажано дека ниту еден од нив не се осудува макар и да пријде до падините на Нгранек.

Во јасната утринска сончевина Картер започна со долгото искачување, водејќи ја зебрата до кај што корисната ѕверка можеше да оди, но врзувајќи ја за еден спечен јасен кога тлото на тенкиот пат стана престрмно. Потоа фати сам да се пентери; прво низ шумата со урнатини од стари села среде обраснати чистинки, а потоа преку жилавата трева каде што слабокрвни џбунови растеа де ваму де таму. Жалеше што излезе од пошумениот дел, зашто падината беше многу стрмна и целата работа мошне вртоглава. Најнакрај почна да го распознава селскиот предел раширен под него кога и да се распулеше; напуштените колиби на изработувачите на прикази, шумјаците на смолни дрвја и логорите на оние кои собираа од нив, кориите каде што призмичните маги се гнездат и пејат и дури и многу далечен намек на бреговите на Јат и на оние намрштени древни урнатини чие име е заборавено. Му се виде дека е најарно да не се распулува многу, па продолжи да се искачува сѐ погоре и погоре, додека џбуновите не станаа многу ретки и веќе немаше за што да се чипчи освен за жилавата трева.

Тогаш почвата стана штура, со големи парчиња голи карпи кои штрчеа насекаде и одвреме-навреме по некое гнездо од кондор во некој зев. Најпосле немаше ништо освен голи карпи, и да не беа многу рапави и сронети непара ќе успееше да продолжи да се искачува. Сепак, имаше тепиња, испакнатини и планински заби кои му беа од голема помош; и радосно беше да повремено се види знакот на некој собирач на лава несмасно изгребан врз провирниот камен и да се знае дека арни човечки суштества поминале таму пред него. По извесна височина човечкото присуство беше додатно прикажано преку дупки за раце и нозе издлабени кај што имаше потреба и преку мали мајдани и ископи каде што биле пронајдени богати жици или нишки на лава. На едно место, тесна испакнатина беше вештачки изделкана до една особено богата наслага на далечната десна страна од главната линија на искачување. Еднаш-двапати Картер се осмели да се распули и скоро се вџаши од пејсажот распостелен под него. Сиот остров измеѓу него и крајбрежјето му се имаше отворено на видик, со камените тераси на Бахарна и чадот на нејзините оџаци мистични во далечината. А зад нив, безмерното Јужно Море со сите негови своевидни тајни.

Дотогаш имаше многу вртење околу планината, па подалечната и изрезбарена страна сѐ уште беше сокриена. Картер тогаш здогледа една испакнатина која избиваше нагоре и надесно и која се чинеше дека се упатува накај што сакаше да оди, па фати кон тој правец надевајќи се дека ќе испадне непрекинат. По десет минути се увери дека навистина не е ќор-сокак, туку дека стрмно продолжува во свод кој, освен ако нагло не прекине или скршне, по неколкучасовно искачување би го довел до таа непозната јужна падина која гледаше над пустите спили и клетата долина со лава. Како што под него на видик излегуваа нови предели, увиде дека се потмурни и подиви од оние морски земји кои ги беше пропатувал. И планинската косина беше донекаде различна; одошто тука беше продупена од своевидни пукнатини и пештери кои ги немаше на поправиот пат којшто го беше напуштил. Некои беа над него, а некои под него, сите отворени кон потполно ортогонални гребени и сосема непристапни за човечки стапала. Воздухот сега беше многу студен, но искачувањето беше толку тешко што не му береше толку гајле. Го загрижуваше само сѐ поголемата разретченост и помисли дека можеби тоа е она што ги одвраќа другите патници, поттикнувајќи ги оние апсурдни сказни за ноќни шкобавци со коишто се објаснуваше загубата на планинари кои всушност имаа паднато од овие опасни патишта. Не ги есапеше многу-многу сказните на патниците, но си носеше еден арен свиен јатаган во случај да го снајде беља. Сите споредни мисли му беа потиснати од желбата да го види тоа изрезбарено лице преку кое можеби ќе им влезе во трагата на боговите врз незнајниот Кадат.

Најпосле во стравотната мразнина на горните простори, достаса до скриената страна на Нгранек и во бесконечни бездни под него ги виде пониските спили и штирни понори на лава кои го одбележуваа дамниот гнев на Великите. Распослано беше и масивно пространство на земја кон југ; но беше пустинска земја без лични полиња или оџаци на куќарки и се чинеше како да ѝ нема крај. Ни трага од морето не беше видлива од оваа страна, зашто Оријаб е голем остров. Црни пештери и несекојдневни зевови и понатаму беа многубројни по стрмните вертикални гребени, но никои не беа пристапни за планинар. Сега вишно демнеше една голема свисната маса која го попречуваше погледот нагоре и Картер миговно го полази сомнеж да не испадне непремостлива. Исправен на ветровита несигурност долги милји над земјата, со само простор и смрт од едната страна и само лизгави ѕидови од карпи од другата, миговно го осети стравот кој ги тера луѓето да бегаат од скриената страна на Нгранек. Не можеше да се врати, но сонцето веќе се имаше спуштено. Ако немаше пат за пругоре, ќе ја дочекаше ноќта сѐ уште укутарен в место, а зората, пак, воопшто немаше да ја дочека.

Но имаше пат и го виде кога би време. Само крајно вешт сонувач можеше да ги исползува тие неприметни дупки за нозе, но на Картер му беа достатни. Кревајќи се сега преку надвиснатите карпи, увиде дека горната падина е многу полесна од долната, зашто топењето на некој глечер беше оставило баеги простор со иловица и испакнатини. Од лево, врлина пропаѓаше од непознати височини право кон непознати длабини, со мрачната уста на една пештера над него која за малку не можеше да ја дофати. Но на други места планината силно се навалуваше и дури и му даваше простор да се потпре и да се одмори.

По студенилото позна дека сигурно е близу до снежната линија и погледна нагоре за да види какви светкави планински заби можеби сјаат во таа касна румена сончева светлина. И навистина се гледаше снег, на неброени илјадници стапки над него, а под снегот беше една голема свисната спила како онаа по којашто штотуку се беше искачил; засекогаш висната на тоа место, остро оцртана и црна наспроти белината на смрзнатиот врв. И кога ја виде таа спила збивна и извика на цел глас и стаписано се счипчи за назабената карпа; зашто титанскиот забер не беше останал како што земјината зора го беше оформила, туку црвено и импозантно светеше на зајдисонцето со изрезбарените и ласнати црти на бог.

Строго и стравотно светеше тоа лице коешто сонцето го завалуваше со пламен. Колку беше масивно ничиј ум не може вистински да измери, но Картер веднаш позна дека луѓе никако не би можеле да го имаат изнедрено. Беше бог издлабен од рацете на богови и надмено и величествено му се пулеше одозгора на трагачот. Гласините беа рекле дека е чудно и дека човек одма би го познал и Картер виде дека навистина е така; зашто тие долги подзамижани очи и уши со долги ресички и тој тенок нос и шилеста брада, зборуваа за раса што не е човечка, туку божествена. Се чипчеше стаписан во тоа вишно и опасно седело, иако ова беше она што го очекуваше и што беше дошол да го најде; зашто во лицето на еден бог има повеќе за чудење одошто предвидувањата можат да навестат и кога тоа лице е помасивно од голем храм и видено кај се пули одозгора на зајдисонце во криптичната тишина на тој горен свет од чијашто мрачна лава беше било божествено изделкано во дамнина, чудењето е толку силно што никој не може да одолее.

А тука имаше и додатно чудење поради препознатливост; бидејќи иако беше со план цела сонишна земја да ја пребара по оние чија сличност со ова лице би ги обележала како чеда на боговите, сега дозна дека не мора да го прави тоа. Бездруго, големото лице изрезбарено на таа планина не беше од чудна сорта, туку род на оние лица коишто често ги беше гледал низ крчмите на морското пристаниште Селефаида кое се наоѓа во Ут-Наргаи зад Танарските Ридови и во кој владее крал Куран кој Картер го познаваше на времето во будниот живот. Секоја година морнари со такви лица доаѓаа од север во мрачни бродови да тргуваат со ониксот што го носеа, пазарејќи изрезбарен жад и златна преѓа и црвени птички песнопојки од Селефаида и јасно беше дека овие мора да се полубоговите коишто ги бара. Онаму кај што тие домуваат, и студената пустелија мора да е во близина, а во неа незнајниот Кадат и неговиот ониксен замок на Великите. Така, мора да оди до Селефаида, која е далеку од островото Оријаб и преку предели коишто би го вратиле до Дилат-Лин и по Скаи до мостот крај Нир и повторно во маѓепсаната корија на зугите, кај што патот ќе се свие кон север низ градинските земји крај Укранос до позлатените кули на Тран, каде што ќе може да најде галеон тргнат за преку Серенерското Море.

Но сега примракот се беше згуснал и во сенките големото изрезбарено лице одозгора се пулеше уште построго. Квакнат на таа испакнатина, трагачот го стемни; и во црнотијата не можеше ни да се спушти надолу ни да се качи нагоре, туку само да стои и да се чипчи и да трепери во тоа тесно место додека не фати ден, молејќи се да остане буден, за сонот да не му го разлабави загработ и да го испрати прудолу низ вртоглави милји воздух сѐ до спилите и острите карпи на клетата долина. Излегоа ѕвезди, но освен нив, во очите му беше саде црна празнотија; празнотија ујдисана со смрт, наспроти чијашто покана можеше само да се чипчи за карпите и да се трга наназад од невидениот раб. Последната земна работа која ја виде во акшамот беше еден кондор како рее близу западната врлина крај него и како врескајќи фаќа магла штом се приближи до пештерата чијашто зјајната устина Картер за малку не можеше да ја достигне.

Одненадеж, без предупредувачки звук во мракот, Картер почувствува како свиениот јатаган крадешкум му е измолкнат од појасот од некоја невидена рака. Потоа го чу како клопотејќи се тумба прудолу по карпите. И помеѓу него и Млечниот Пат му се причини како да гледа некој многу стравотен контур на нешто дегутантно слабо и рогато и со опашка и лилјачки крилја. А и други нешта беа почнале да ги поклопуваат парчињата ѕвезди западно од него, небаре јато магливи ентитети густо и тивко да распафтува од таа непристапна пештера врз лицето на врлината. Тогаш некаква студена гуменеста рака му го зграпчи вратот, а нешто друго му ги зграпчи нозете, и беше дигнат до безрасудна височина и размавтан низ просторот. Наредниот миг ги снема и ѕвездите и Картер усозна дека ноќните шкобавци го беа грабнале.

Не давајќи му да земе ни здив, го понесоа во гребенската шуплина и нејзините чудовишни лавиринти. Кога ќе се запротивеше, како што на почетокот му доаѓаше од нагон, одмерено го скокоткаа. Самите воопшто не испуштаа звук и дури и ципестите крилја им беа тивки. Беа стравотно студени и мокри и лизгави и со шепите презриво те месеа кога ќе те зграбеа. Наскоро одвратно кремнисуваа прудолу низ незамисливи понори во виорен, зашеметлив, грозен наплив на немлив, гробничарски воздух; и Картер почувствува дека пролетуваат кон врвниот вртлог на развриштено и демонско лудило. Врескаше ли врескаше, но секојпат црните шепи го скокоткаа со сѐ поголема префриганост. Потоа наоколу здогледа некаква си сива светлозрачност и претпостави дека наближуваат до оној внатрешен свет на закопан ужас за којшто се раскажува во притулени легенди и којшто е осветлен само од бледото аветно светло со коешто баздат гробождерниот воздух и првобитните маглини во јамите при земјиното јадро.

Најпосле, далеку под себе здогледа бледи линии на сиви и кобни планински заби кои знаеше дека мора да се Врвовите на Ток од приказните. Грозно и зловесно се издигаа во опседнатиот примрак на бессончеви и вечни длабини; повисоки одошто човек може да преслага, вардејќи стравотни долини кај што болите ползат и гадно роваат. Но Картер порадо се пулеше кон нив одошто кон неговите заробувачи, коишто навистина беа потресни и неујгун црни созданија со мазни, мрсни површини како на кит, непријатни рогови кои се свиваа навнатре еден кон друг, лилјачки крилја чие пафтање не правеше звук, грди шаколики шепи и опашки што завршуваа со ченгел и непотребно и обеспокојувачки бичуваа. И најлошо од сѐ, ниту зборуваа ниту се смееја и ниту се насмевнуваа, одошто немаа лица со кои би се насмевнале, туку само укажувачка празнина кај што требаше да им е лицето. Саде стискаа и летаа и скокоткаа; таков им беше табиетот на ноќните шкобавци.

Како што тајфата пролета пониско, Врвовите на Ток се издигнаа од сите страни, сиви и вишни, и јасно можеше да се види дека ништо не живее врз тој крут и безизразен гранит на бескраен самрак. На уште пониските нивоа аветните светла во воздухот се гасеа и во пречек се подаваше само првобитната црнина на небиднината, освен угоре кај што тенките врвови штрчеа небаре гоблини. Наскоро врвовите се оддалечија и наоколу немаше ништо освен силни диви ветрови носејќи ја со себе немливоста на најадските шуплини. И на крајот ноќните шкобавци слетаа на тло од невидени нешта кое оставаше впечаток на слоеви од коски и го оставија Картер насамо во таа црна долина. Да го донесат дотаму им беше била задачата на ноќните шкобавци кои ја вардат Нгранек; и одошто си ја беа завршиле, тивко отпафтаа. Кога Картер се обиде да им го проследи летот увиде дека не може, зашто дури и Врвовите на Ток имаа избледено од видик. Никаде немаше ништо, саде црнотија и ужас и тишина и коски.

Картер, пак, знаеше од еден извесен извор дека се наоѓа во долот Пнат, каде ползат и роваат огромните боли; но не знаеше што да очекува, зашто никој никогаш не беше видел бол, ниту беше претположил какви би можеле да бидат тие суштества. За болите се знае само преку притулени гласини, од шушкањето кое го произведуваат среде планините од коски и лигавиот допир кој го имат кога ќе проврголат крај некого. Не можат да се видат зашто се прикрадуваат само во темница. Картер не сакаше да сретне бол, па напрегнато слушаше дали ќе дочуе некаков звук од непознатите длабини на коски околу него. Дури и во ова застрашувачко место имаше план и стремеж, зашто шепотите за Пнат и неговите приоди не му беа непознати на еден човек со којшто во старите денови имаше правено многу муабет. Накусо, се чинеше мошне веројатно дека ова е местото во коешто сите гробождери од будниот свет го фрлаат боклукот од гоштевањата; и дека ако само го послужи к’смет можеби ќе налета на таа грамадна спила повисока дури и од врвовите на Ток која го означува работ на нивната царштина. Роеви коски ќе му кажат каде да бара, и штом ќе го најде ќе може да му довикне на некој гробождер да му фрли скала; зашто за некое чудо, имаше мошне своеобразна врска со овие стравотни суштества.

Еден човек кој го беше знаел во Бостон - сликар на чудни слики со тајно ателје во една древна и неосветена улица близу едни гробишта - се имаше спријателено со гробождерите и го имаше научено Картер да ги разбира поедноставните делчиња од нивното одвратно цвилење и плапотење. Овој човек на крајот го беше снемало и Картер не беше сигурен дали сега ќе може да го најде и за првпат во сонишната земјата да го употреби оној дамнешен англиски јазик од притулениот буден живот. Во секој случај, си мислеше дека ќе може да убеди некој гробождер да го изнесе од Пнат; а и подобро ќе е ако сретне гробождер, што човек може да види, одошто бол, што човек не може да види.

Така Картер зачекори во мракот и потрча кога му се пристори дека слушна нешто низ коските под нозете. Еднаш налета на камена падина и сфати дека мора да е подножјето на некој од врвовите на Ток. Потоа најпосле чу чудовишно ѕвечкање и клопотење кое достигаше од високо во воздухот и стана сигурен дека беше стасал до спилата на гробождерите. Не беше сигурен дали ќе може да го чујат од долината толку многу милји одоздола, но знаеше дека внатрешниот свет има чудни закони. Додека му ја мислеше, го тресна една залетана коска, толку тешка што сигурно беше череп, па увидувајќи ја според тоа блискоста до судбоносната спила го испушти колку што можеше подобро оној цвилест крик што им е повик на гробождерите.

Звукот патува споро, па доста време помина пред да чуе одзивен плапот. Но најпосле се чу и за кратко му беше кажано дека ќе му спуштат јажена скала. Чекањето на скалата беше многу напнато, зашто којзнае што ли се немаше размрдано меѓу тие коски од неговото викање. И впрочем, не помина многу време пред навистина да чуе нејасно шушкање оддалеку. Додека шушкањето умислено се приближуваше, му стануваше сѐ понеудобно и понеудобно; зашто не сакаше да се тргне од местото кај што ќе дојде скалата. Најпосле напнатоста стана скоро неподнослива и сакаше панично да побегне кога ударот на нешто врз пресно накупчените коски во близина му го одвлече вниманието од другиот звук. Скалата беше, и по неколку мигови распипување ја имаше стегнато в раце. Но другиот звук не прекина и продолжи да го следи дури и како што се качуваше. Скоро цели пет стапки се беше дигнал од тлото кога ѕвечкањето под него изразито ојача, и беше на некои десет стапки кога нешто ја залула скалата одоздола. На височина којашто сигурно беше од околу петнаесет или дваесет стапки, почувствува како по целата страна на телото му поминува некоја голема лизгава површина која низ врголењата наизменично стануваше конвексна, па конкавна, и со тоа почна очајно да се искачува за да го избегне неподносливото нушкање на тој поган и угоен бол чија форма никој не може да ја види.

Со часови се искачуваше со капнати раце и плускавичави дланки, повторно догледувајќи го големото аветно светло и неугодните заби на Ток. Најпосле над него го распозна издадениот раб на големата спила на гробождерите, чија вертикална страна не можеше да ја опули; и по неколку часови виде едно своевидно лице како се џари над неа како што гаргојл се џари преку парапетите на Богородичната црква во Париз. Ќе го изгубеше загработ за малку од што му се заврте од ова, но уште наредниот миг си дојде на себе; зашто исчезнатот пријател Ричард Пикман еднаш го запозна со гробождер и добро им ги знаеше кучешките лица и сугурени форми и неспоменливи особености. Така успеа да си остане прибран кога одвратното нешто го извлече од вртоглавата празнотија над работ на спилата и не вресна од делумно изедениот боклук накупчен на едната страна или од клекнатите кругови гробождери кои глодаа и љубопитно гледаа.

Сега беше на притулено осветлена рамнина чии единствени топографски одлики беа големи стени и влезови на дувла. Гробождерите сѐ на сѐ беа учтиви и покрај тоа што еден се обиде да го штипне додека неколкумина други спекулативно му ја испитуваа жулавоста. Низ трпеливи плапотења се распраша за исчезнатиот пријател и дозна дека беше станал мошне истакнат гробождер во понорите што се поблиску до будниот свет. Еден зеленкав постар гробождер се понуди да го одведе до тогашното престојувалиште на Пикман, па така и покрај природната ненавидност тргна по суштеството во едно пространо дувло, лазејќи по него со часови среде црнина од смрдени мувли. Испаднаа на една притулена рамнина распосеана со своеобразни земни реликвии - стари надгробни плочи, искршени урни и гротескни одломки од споменици - и Картер немалку погоден сфати дека најверојатно е поблиску до будниот свет одошто во кое било друго време откако се спушти по седумстоте скалила од пештерата на пламен до Портата на подлабока дремка.

Таму, на една надгробна плоча од 1768 украдена од гробиштата „Гранари“ во Бостон, седеше гробождерот кој на времето беше бил уметникот Ричард Аптон Пикман. Беше гол и гуменест и имаше придобиено толку одлики на гробождерска физиономија што човечкото потекло веќе му беше помрачено. Но сѐ уште се сеќаваше на по малку англиски јазик и можеше да чини муабет со Картер со грофтање и со едносложни зборови, повремено потпомогнат од гробождерско плапотење. Кога дозна дека Картер сака да стигне до маѓепсаната корија и оттаму до градот Селефаида во Ут-Наргаи зад Танарските Ридови, како да го фати мисла; зашто таквите гробождери од будниот свет си немаат работа со гробиштата од горната сонишна земја (оставајќи им го тоа на ципестоножните вомпи кои се котат во мртви градови) и многу нешта стојат измеѓу нивната бездна и маѓепсаната корија, вклучувајќи го и стравотното кралство на гугите.

Гугите, влакнести и џиновски, на времето кревале камени кругови во таа корија и им приложувале чудни жртви на Другите Богови и ползечкиот понор Нјарлатотеп, додека една вечер една нивна грозотија не беше стигнала до ушите на земните богови, па биле прогонети до пештери под земјата. Само една голема подна врата од камен со железен обрач го поврзува понорот на земните гробождери со маѓепсаната корија и неа гугите им е страв да ја отворат одошто има клетва. Смртник да пропатува низ нивното пештерно царство и да излезе низ таа врата е незамисливо; зашто смртните сонувачи порано им биле храна и имаат легенди за татли месото на таквите сонувачи и покрај тоа што прогонството им ја ограничило прехраната само на натемници, оние одбивни созданија кои умираат на светлина и коишто живеат во темниците на Зин и скокаат на долги задни нозе како кенгури.

Така гробождерот кој беше бил Пикман го посоветува Картер или да го напушти понорот кај Саркоманд, оној напуштен град во долината под Ленг каде црни сладникави скалишта вардени од крилати диоритни лавови од сонишната земја водат прудолу кон пониските бездни, или да се врати преку дворот на една црква до будниот свет и одново да ја почне потрагата по седумдесетте скалила на лесна дремка до пештерата на пламен и седумстоте скалила до Портата на подлабока дремка и маѓепсаната корија. Меѓутоа ова не му одговараше на трагачот; зашто воопшто не го знаеше патот од Ленг до Ут-Наргаи, а и непара сакаше да се разбуди за да не го заборави сето она коешто го беше научил во овој сон. Катастрофално ќе е за неговата потрага ако ги заборави честитите, ѕвездени лица на оние поморци од север кои тргуваа со оникс во Селефаида и кои, одошто беа божји синови, сигурно би биле показатели кон патот до ладната пустелија и Кадат кај што домуваат Великите.

По долго убедување гробождерот се кандиса да го поведе гостинот зад големиот ѕид на кралството на гугите. Постоеше шанса да Картер успее да се прикраде низ тоа самрачно царство на кружни камени кули во часот кога џиновите ќе се прејадени и ќе грчат во куќите, и да стигне до средишната кула со знакот на Кот врз неа, која ги содржи скалите кои водат до таа камена подна врата во маѓепсаната корија. Пикман дури и се кандиса да му такса три гробождери да му помогнат во кревањето на камената врата со помош на лост од надгробна плоча; зашто гугите по малку им се плашат на гробождерите и често фаќаат магла од сопствените им колосални гробишта, кога ќе видат гоштевања на тие места.

Исто така го посоветува Картер и самиот да се преправи во гробождер; бричејќи си ја брадата која ја имаше пуштено (зашто гробождерите се голобради), кашкајќи се гол во мувлата за да ја добие правилната површина и да грабадина на вообичаениот сугурен начин, со алиштата врзани во бовча небаре се вкусна мрвка од некоја гробница. До градот на гугите - кој дели удут со целото кралство - ќе стигнат низ соодветни дувла, излегувајќи во едни гробишта недалеку од скалосодржајната Кула на Кот. Меѓутоа, мора да се вардат од една голема пештера близу гробиштата; зашто тоа е устието на темниците на Зин и одмаздољубивите натемници таму постојано држат крвничка стража против оние населеници на горните понори кои ги ловат и пленат. Натемниците пробуваат да излезат кога гугите спијат и напаѓаат гробождери исто онолку колку и гуги, зашто не пребираат. Многу се примитивни и се јадат еден со друг. Гугите имаат гаваз на едно тесно место во темниците на Зин, но тој често дреме и понекогаш трупа натемници знае да го изненади. Иако натемниците не можат да живеат на вистинска светлина, можат со часови да го трпат сивиот примрак на понорот.

Така најнакрај Картер пролази низ бескрајните дувла со три услужливи гробождери кои ја носеа шркилната надгробна плоча на полковникот Нијамаја Дерби, упокоен 1719, од гробиштата „Чартер Стрит“ во Салем. Кога повторно излегоа на отворен самрак беа во шума со огромни лишајни монолити кои достигаа скоро до кај што им гледаа очите и ги претставуваа скромните надгробни плочи на гугите. Десно од дупката од којашто се измолкнаа и догледно преку редици на монолити, имаше импозантен видик од киклопејски заоблени кули кои безмерно се извишуваа кон сивиот воздух на внатрешната земја. Ова беше големиот град на гугите, чии врати се високи триесет стапки. Гробождерите често доаѓаат тука, зашто еден закопан гуг може за цела година да прехрани една заедница и дури и со додатната беља подобро им е да раскопуваат гуги одошто да се мачат со човечки гробови. Картер сега ги разбра повремените титански коски кои ги беше почувствувал под себе во долот Пнат.

Право пред нив и веднаш по ѕидот на гробиштата, се издигаше еден стрмен ортогонален гребен во чиешто подножје зјаеше масивна и заканувачка пештера. Гробождерите на Картер му рекоа да бега од тоа место колку што е можно подалеку, бидејќи е влезот на неосветените темници на Зин кај што гуги ловат натемници во мракот. И навистина, таа опомена наскоро се покажа како мошне оправдана; зашто таман кога еден гробождер почна да лазе кон кулите за да види дали часот за одмор на гугите беше правилно темпиран, во мрачнината на устието на големата пештера засвете прво еден чифт жолтеникаво-црвени очи, а потоа уште еден, означувајќи дека гугите имаа еден гаваз помалку и дека острината на мирисот на натемниците е навистина одлична. Затоа гробождерот се врати до ископината и им мавна на придружниците да ќутат. Најарно беше да се остават натемниците да прават што знаат и имаше можност и дека наскоро ќе се повлечат, зашто сигурно мора да се мошне изморени по соочувањето со гугскиот гаваз во црните темници. По еден миг нешто со приближна големина на мал коњ изрипа во сивиот самрак и на Картер му се слоши од ликата на таа крастава и неугодна ѕверка, чие лице е толку своевидно човечко и покрај отсуството на нос, чело и други важни поединечности.

Одеднаш три други натемници изрипаа да му се придружат на другарот и еден гробождер тихо му заплапоти на Картер дека отсуството на бојни лузни врз нив е лош знак. Покажуваше дека воопшто не се соочиле со гугскиот гаваз, туку само се мушнале крај него додека спиел, па силата и дивјаштвото сѐ уште им биле ненарушени и така и би им останале додека не најдат и не се справат со некоја жртва. Многу беше непријатно да се видат тие валкани и несразмерни животни, кои наскоро беа петнаесетина на број, како буричкаат по земјата и ги изведуваат кенгурските скокови во сивиот самрак кај што се издигаа титански кули и монолити, но уште понепријатно беше кога си зборуваа меѓу себе во раскашланите кркорења на натемниците. А сепак, колку и да беа ужасни, не беа онолку ужасни колку она што одеднаш излезе од пештерата по нив со обеспокојувачка ненадејност.

Беше шепа со пречник од цели две и пол стапки и поседуваше извонредни канџи. По неа се подаде и друга шепа, а по неа, голема црнокрзнена рака за којашто беа поврзани и двете шепи преку куси подлактици. Потоа светнаа две розеви очи и главата на разбудениот гугски гаваз, голема колку бочва, доклапа на видик. Очите стрчеа по два инчи од секоја страна, засенети од ковчести испапчувања обраснати со остри влакна. Но главата беше стравотна во главно поради устата. Таа уста имаше големи жолти песјаци и се протегаше од најгоре до најдолу на главата, отворајќи се вертикално наместо хоризонтално.

Но пред тој несреќен гуг да може да испадне од пештерата и да се дигне со сета висина од дваесет стапки, одмаздољубивите натемници му се нафрлија. На Картер накратко му падна страв дека ќе разгласи тревога и ќе си ја разбуди целата му рода, додека еден гробождер тихо не плапотна дека гугите немаат глас, туку зборуваат со помош на изрази на лице. Битката која тогаш падна беше навистина стравотна. Од сите страни отровните натемници трескавично јурнаа кон расползениот гуг, штипејќи и кинејќи со муцките и крвнички дерејќи со цврстите шилести копита. Цело време возбудено кашлаа, врескајќи кога големата вертикална уста на гугот повремено ќе им загризеше некој од дружината, па вревата од борбата сигурно ќе го скорнеше сиот заспан град, слабеењето на гавазот да не започна да го повлекува чинот сѐ подлабоко и подлабоко во пештерата. Така, буката наскоро целосно се оддалечи од видик во црнината, со само по некој злобен одек кој ѝ го означуваше продолжетокот.

Тогаш најбудните меѓу гробождерите дадоа знак за сите да тргнат нанапред и Картер тргна по заграбадинатата тројка надвор од шумата со монолити кон мрачните опори улици на тој грозоморен град чии заоблени кули од киклопејски камен рееја угоре до кај што око не догледува. Тивко зашантраа преку тој груб каменест плочник, со гадење слушајќи ги грозните придушени шмркања од големите црни врати кои го означуваа спиењето на гугите. Стравувајќи од свршетокот на часот за одмор, гробождерите одеа со немалку брз чекор; но дури и така патувањето не беше кратко, зашто сразмерноста на растојанијата во тој град на џинови е огромна. Меѓутоа, најпосле наидоа до поприлично отворен простор пред кула уште помасивна од останатите, над чијашто колосална врата имаше поставено чудовиштен симбол во барејлеф од којшто на човек можеа да му поминат морници и без да му го знае значењето. Ова беше средишната кула со знакот на Кот и огромните камени скалила одвнатре, едвај видливи низ примракот, беа почетокот на она големо скалиште кое водеше до горната земја на соништа и маѓепсаната корија.

 Тогаш започна искачување со неодредливо времетраење низ крајна црнина; што беше скоро оневозможено од чудовишната големина на скалилата кои беа изработени за гуги, па беа високи скоро еден јард. За нивниот број Картер не можеше да изведе права проценка, зашто наскоро толку се премали што неуморните и растегливи гробождери беа принудени да му пружат помош. Долж целото бескрајно искачување демнеше бељата на откривање и потера; зашто иако никој гуг не се осмелува да ја подигне камената врата од шумата поради клетвата на Великите, нема такви ограничувања во врска со кулата и скалилата, и избеганите натемници често се гонети до самоти врв. Толку се остри ушите на гугите, што голите нозе и раце на качувачите лесно би можеле да се дочуени кога градот ќе се разбуди; и, се разбира, не ќе треба многу време за расчекорените џинови, навикнати од ловот на натемници во темниците на Зин да гледаат без светлина, да го претекнат помалиот и поспор плен врз тие киклопејски скалила. Многу беше потиштувачки да се промисли дека тивките гуги впуштени во потера воопшто не би се чуле, туку многу ненадејно и потресно би ги навасале качувачите во мракот. Не можеше да се смета ни на вообичаениот страв на гугите од гробождери во тоа сперливо место каде што сите предности толку натежнуваа на страната на гугите. Постоеше и извесна беља од стаените и отровни натемници, кои многупати дорипуваа до кулата за време на часот на спиење на гугите. Ако гугите спијат доволно долго и натемниците бргу се вратат од чинот во пештерата, миризбата на качувачите би можела да е лесно насетена од тие погани и пакосно наклонети нешта; и во тој случај скоро би било и поарно гуги да ги изедат.

Потоа, по долги раздобја искачување, од темнината одозгора се чу кашлање; и настапи многу сериозна и неочекувана промена. Јасно беше дека некој натемник, или можеби и повеќе, има заскитано во кулата пред доаѓањето на Картер и неговите водичи; и подеднакво беше јасно дека таквата беља е многу блиску. По еден безздивен миг челниот гробождер го турна Картер кон ѕидот и ги подреди двајцата сродници на најдобар можен начин, со старата шкрилна надгробна плоча подигната и спремна за здробувачки удар штом непријателот ќе се појави на видик. На гробождерите им се гледа во темница, па трупата не беше на толкаво дереџе на колку што Картер ќе беше ако беше сам. Наредниот миг, клопот на копита го откри надолното подрипнување на најмалку една ѕверка и гробождерите плочоносачи го подигнаа оружјето за очајнички удар. Одеднаш две жолтеникаво-црвени очи светнаа на видик и бревтањето на натемникот стана воочливо над клопотот. Кога дорипа до скалилото веднаш над нив, гробождерите со грамадна јачина замавнаа со древната надгробна плоча, па само кркорење и гушење се чу пред жртвата да се смачка во дегутантна лочка. Се чинеше дека е само ова едно животно и по миг наслушнување гробождерите го потчукнаа Картер во знак да продолжи по патот. Како и претходно, беа приморани да му пружат помош; и му беше мило кога го напуштија тоа колежно место каде неујгун останките на натемникот останаа невидливо испружени во црнината.

Најпосле гробождерите го застанаа придружникот; и распипувајќи над себе, Картер сфати дека големата камена подна врата беше најпосле достигната. Да целосно се разотвори едно толку масивно нешто не доаѓаше предвид, но гробождерите се надеваа дека ќе можат да ја подотворат само колку да ја потпикнат надгробната плоча како чивија и да му овозможат на Картер да избега низ процепот. Самите тие беа со план пак да се спуштат и да се вратат низ градот на гугите, зашто недофатливоста им беше силна особина, а и не го знаеја надземниот пат до призрачниот Саркоманд со лавовардената порта до понорот.

Јако беше напрегањето на тие три гробождери врз каменот на вратата над нив, и и Картер помагаше, колку-толку, туркајќи со сета сила. Како најсоодветен го одмерија работ веднаш до врвот на скалиштето и врз него си ја спотнаа сета јачина на неугледно исхранетите мускули. По неколку мигови се појави процеп светлина; и Картер, на кого му беше доверена задачата, го потпикна крајот на старата надгробна плоча во зјајот. Тогаш отпочна јако килавење; но им одеше многу споро и, се разбира, мораа да се вратат до првобитната положба секојпат кога немаше да успеат да ја завртат плочата и да ја подотворат и потпрат капијата.

Наеднаш очајот им беше за илјада пати зголемен од звук од скалилата под нив. Беше само тупотењето и ѕвечкањето на копитното тело на отепаниот натемник како се тркала до подолните нивоа; но од сите можни причини за одглавувањето и протркалувањето на тоа тело, ниедна не беше ни најмалку успокојувачка. Затоа, знаејќи го гугскиот табиет, гробождерите запнаа небаре им е последно; и за изненадувачки кусо време толку високо ја имаа отворено вратата што можеа да ја додржат додека Картер ја заврти плочата и направи обилен отвор. Тогаш му помогнаа на Картер да се провлече, дозволувајќи му да им се искачи по гуменестите плеќи, а потоа водејќи му ги нозете додека се чипчеше за блажената почва на горните сонишни земји однадвор. Уште истиот миг и самите се провреа, клоцајќи ја надгробната плоча и затворајќи ја големата подна врата додека од под нив се расчу бревтање. Поради клетвата на Великите никој гуг не смее да испадне низ таа капија, па со огромно олеснување и чувство на спокој Картер тивко легна врз густите гротескни габи на маѓепсаната корија додека неговите водичи клечеа во близина на начинот на којшто гробождерите се одмараат.

Колку и да беше бизарна таа маѓепсана корија низ којашто беше пропатувал пред толку долго време, беше вистински пристан и наслада по бездните кои штотуку ги беше напуштил. Наоколу немаше живи мештани, зашто зугите бегаат од страв од загадочната врата и Картер уште веднаш се посоветува со неговите гробождери за нивниот претстоен правец. Да се вратат низ кулата веќе не се осудуваа, а будниот свет не им беше по ќеф кога научија дека мора да минат крај свештениците Нашт и Каман-Та во пештерата на пламен. Така, најнакрај се одлучија да се вратат преку Саркоманд и портата на понорот, но како да стасаат дотаму сѐ уште не знаеја. Картер си припомна дека градот се наоѓа во долината под Ленг и си припомна и дека во Дилат-Лин беше видел еден зловестен, косоок стар трговец за кој се зборуваше дека тргувал на Ленг. Затоа ги посоветува гробождерите да тргнат за Дилат-Лин, минејќи ги полињата до Нир и Скаи и следејќи ја реката сѐ до нејзиното устие. Тие уште веднаш се кандисаа и заграбадинаа без да губат време, зашто згуснувањето на примракот навестуваше дека ќе патуваат во длабока ноќ. И Картер им ги стисна шепите на тие одбивни ѕверки, благодарејќи им на помошта и испраќајќи му поздрав и благодарност до ѕверот кој на времето беше бил Пикман; но сепак не можеше, а да не воздивне од олеснување кога си заминаа. Зашто гробождер си е гробождер, и дури и во најдобар можен случај е непријатен придружник за човек. Потоа Картер побара некој шумски вир и се изми од калта од адската земја, па пак си ги навре алиштата кои толку грижливо ги беше носел.

Сега беше ноќ во таа таласамнична корија на чудовишни дрвја, но поради светлозрачноста човек можеше да патува исто како да е ден; при што Картер тргна по добро познатата патека кон Селефаида, во Ут-Наргаи зад Танарските Ридови. И како што одеше помисли на зебрата којашто ја беше оставил сопната за еден јасен на Нгранек на далечниот Оријаб пред толку многу раздобја и се запраша дали некои собирачи на лава ја беа нахраниле и пуштиле. И се запраша и дали некогаш ќе се врати во Бахарна за да плати за зебрата што му ја отепаа вечерта во оние древни урнатини крај брегот на Јат и дали стариот крчмар ќе го памети. Такви мисли му нагрвалија на воздухот на повратените горни земји на сонот.

Но одеднаш напредокот му беше запрен од звук од едно многу големо шупливо дрво. Го беше избегнал големиот круг од камења, зашто не му се правеше баш муабет со зугите во мој момент; но од своеобразното првкање во огромното дрво се чинеше дека некој важен совет заседава на друго место. Кога се приближи, распозна нагласоци на напната и жолчна расправа; и за скоро усозна работи кои му причинија голема грижа. Зашто меѓу тоа суверено собрание на зуги се дискутираше за војна против мачките. Сета работа беше изникнала од загубата на тајфата која се беше мушнала по Картер до Ултар и којашто мачките заслужено ја беа казниле за недостојни намери. Работата долго време ги беше копкала зугите; и сега, или барем за помалку од месец, изнасобраните зуги се спремаа да го сардисаат целото мачкино племе преку редица изненадни напади, фаќајќи поединечни мачки или групи од мачки на спиење и не давајќи им ни на едночудото мачки од Ултар погодна можност да се спремат и мобилизираат. Тоа беше планот на зугите и Картер увиде дека мора да им го осуети пред да тргне на грамадната потрага.

Затоа Рендолф Картер многу тивко се прикраде до работ на коријата и го разгласи повикот на мачките преку ѕвездоосветлените полиња. И една голема котка од една куќарка во близина го подзеде товарот и го пренесе преку долги милји на распослани ливади до воини и големи и мали, црни, сиви, тигрести, бели, жолти и мешани; и одекна низ Нир и зад Скаи и сѐ до Ултар, и многубројните мачки на Ултар се огласија во хор и се построија во борбена линија. Среќа беше што месечината не беше крената, па така сите мачки си беа на земјата. Молскавично и тивко скокајќи, рипнаа од секое огниште и куќно слеме и се истурија како големо рунтаво море врз рамнините до работ на коријата. Картер беше таму да ги пречека и глетката на стројни, арни мачки му беше вистински мевлем за очите по работите кои ги беше видел и со кои се беше шетал низ понорот. Му беше мило што си го гледа седиот пријател и некогашен спасител на чело на одредот од Ултар, со ременче на чин околу виткиот врат и мустаќи накострешени во војнички агол. А уште поарно, како потпоручник во таа војска беше еден бодар младич кој испадна дека е баш она мало маченце од крчмата на коешто Картер му беше дал чинија кајмак во тоа одамна исчезнато утро во Ултар. Сега беше стамен и надежен мачор и предеше додека му ја стискаше раката на пријателот. Дедо му рече дека многу добро му одело во војската и дека ништо чудо и да го ставеле за капетан по наредниот поход.

Картер тогаш им ја раскажа во кратки црти бељата која го чека мачкиното племе и од сите страни беше награден со длабокогрлени предења на благодарност. Советувајќи се со генералите приготви план за итно делување кое вклучуваше уште веднаш да се јуришне врз зугскиот совет и другите познати крепости на зугите; претркувајќи им ги изненадните напади и принудувајќи ги на примирје пред мобилизирањето на нивната окупаторска војска. Притоа без да изгубат ни миг океанот од мачки ја поплави маѓепсаната корија и проструи низ дрвото на советот и големиот камен круг. Првкањата се повишија до панични тонови кога непријателот ги здогледа новодојденците и имаше многу малку отпор меѓу стаените и љубопитни кафени зуги. Уште од самоти почеток видоа дека се победени и од мисли за освета се свртеа кон мисли за итно самоодржување.

Половина од мачките сега седнаа во кружна формација со заробените зуги на средина, оставајќи отворена лента по којашто беа измарширани додатните заробеници насобрани од другите мачки во другите делови на коријата. Надолго и нашироко се дискутираше за условите на предавањето, со Картер во улога на толмач, и одлучено беше дека зугите може да си останат слободно племе под услов да им плаќаат на мачките голем годишен арач од тетреби, потполошки и фазани од понебаснословните делови од шумата. Дванаесет млади зуги од благородни фамилии беа земени како заложници за да се чуваат во Храмот на мачките во Ултар; и победоносците многу кратко и јасно нагласија дека било какво исчезнување на мачки по границите на царштината на зугите ќе е проследено со последици што ќе се крајно катастрофални за зугите. Кога се завршија сиве овие работи, насобраните мачки се раштркаа и им дозволија на зугите да се шмугнат едно по едно по куќите им, па тие поитаа со немалку мрки пулења преку плеќи.

Стариот мачор генерал тогаш на Картер му понуди придружба низ шумата до која и да било граница што ќе сака да ја достигне, слутејќи дека е веројатно да зугите жолчно му го имаат фрлено пикот одошто им го беше упропастил воениот потфат. Ваквата понуда Картер благодарно ја прифати; не само поради сигурноста којашто ја пружаше, туку и бидејќи го сакаше елегантното друштво на мачките. Така во средината на еден пријатен и разигран полк, опуштен по успешната изведба на должноста, Рендолф Картер достоинствено зачекори низ таа маѓепсана и светлозрачна корија на титански дрвја, разговарајќи за неговата потрага со стариот генерал и внук му додека другите од тајфата беа оддадени на фантастични палавини или бркаа паднати лисја кои ветерот ги раздувуваше среде габите по првобитното тло. И стариот мачор рече дека многу имал слушано за незнајниот Кадат во студената пустелија, но дека не знае каде е. А за чудесниот залезен град немал ни чуено, но ако допрва дознаел нешто, од сѐ срце ќе му пренесел на Картер.

Му кажа неколку лозинки на трагачот кои многу би му се нашле меѓу мачките од сонишната земја и пушти абер за него до поглаварот на мачките во Селефаида, накај што се спремаше да тргне. Тој стар мачор, кој на Картер веќе му беше донекаде познат, беше достоинствен сивец; и можеше да му е од голема полза во било кој зафат. Зора ги фати додека стигнаа до крајниот раб на коријата и Картер сневеселено се збогува со пријателите. Младиот потпоручник кој го имаше запознато како мало маче ќе дојдеше со него, да не му забранеше стариот генерал, бидејќи тој строг патријарх настојуваше дека должноста му е пред сѐ кон племето и војската. Така Картер тргна сам преку златните полиња кои загадочно се протегаа крај од врби поресената река, а мачките се вратија во коријата.

Добро ги познаваше патникот тие градински земји кои се протегаат измеѓу коријата и Серенерското Море и сербезлачки ја следеше разжуборената река Укранос која му го означуваше правецот. Сонцето се издигаше сѐ повисоко над благите падини со шумјаци и тревници и ги повишуваше боите на илјадните цвеќиња кои го заѕвездуваа секој баир и секоја јурија. Блажена магличавост го запоседнува сиот овој предел, во којашто се задржуваат малку повеќе сончеви зраци одошто се задржани на други места и малку повеќе од летната брмчлива музика на птици и пчели; та луѓето одат низ него небаре низ самовилско место и осеќаат поголема радост и чудење одошто покасно можат да си споменат.

Напладне Картер ги достигна јасписните тераси на Киран кои се навалуваат до работ на реката и го крепат тој храм на личотија во којшто кралот на Илек-Вад доаѓа од далечната му царштина на самрачното море еднаш годишно во златен паланкин да му се моли на богот на Укранос, кој му пеел во младоста кога домувал во куќарка крај нејзините брегови. Сиот од јаспис е тој храм и покрива еден ар земја со ѕидовите и дворовите, седумте остри кули и внатрешното светилиште кај што реката влегува низ скриени канали и кај што богот тихо пее во ноќта. Месечината многупати слуша чудна музика додека свети врз тие дворови и тераси и остри кули, но дали таа музика е песната на богот или распевот на криптичните свештеници, никој освен кралот на Илек-Вад не знае да каже; зашто само тој има влезено во храмот и ги има видено свештениците. Сега, среде денската дремливост, тоа изрезбарено и деликатно теќе беше тивко и Картер го чу само мрморот на големиот поток и брмчењето на птиците и пчелите додека чекореше под маѓепсаното сонце.

Целото тоа попладне аџијата талкаше низ опојни ливади и во заветрината на благи крајречни ридови кои крепеа мирни куќарки со сламени покриви и светилишта на допадливи богови изрезбарени од јаспис и хризоберил. Некогаш чекореше близу до бреговите на Укранос и им свиркаше на пргавите риби што се преливаа во тој билјурен поток, а некогаш запираше среде расшепотените сипки и се пулеше кон големата мрачна корија на спротивната страна, чии дрвја се припиваа до самоти раб на водата. Во сонови од порано имаше видено кротки тромави буопоти како срамежливо излегуваат од таа корија за да пијат вода, но сега ниеден не можеше да наѕре. Одвреме-навреме ќе запреше да погледа како некоја месојадна риба фаќа птица-рибар, која ја беше намамила до водата покажувајќи си ги примамливите крлушки под сонцето, и ја зграпчуваше за клунот со огромната уста кога крилатиот ловец ќе се обидеше да ѝ се спушти.

Кога почна да фаќа квечерина се качи на едно ниско тревно возвишение и пламнати во мракот пред него ги здогледа позлатените илјада кули на Тран. Вишни дотука бидува се алабастерните ѕидини на тој неверојатен град, накосувајќи се навнатре кон врвот и изнедрени од едно големо парче со марифет кој нема човек што го знае, зашто се подревни од сите спомени. Но сепак, колку и да се вишни тие, со нивните сто порти и двесте торети, нагроздените кули во внатрешноста, целите бели под златните им врвови, се уште повишни; та луѓето од околната рамнина ги гледаат како реат кон небото, некогаш јасно сјаејќи, некогаш заплеткани по врвовите во тутки од облаци и маглини, а понекогаш заоблачени на подолните делови со највисоките им заби слободно распламтени над чуреите. И кога портите на Тран ќе се отворат на реката има големи докови од мермер, со накитени галеони од миризлива кедровина и коромандел кои засидрено се нишкаат и чудни брадати морнари кои седат на каци и бали со хиероглифи од далечни места. Кон копното зад ѕидините се протега земјоделска околија, кај што мали бели куќарки сонуваат помеѓу ридчиња и тесни патишта со многу камени мостови елегантно се развртуваат среде потоци и градини.

Низ оваа раззеленета земја Картер одеше во квечерината и виде како самракот пролебдува од реката до чудесните златни кули на Тран. И токму во примрачниот саат стигна до јужната порта и беше сопрен од црвенозарубен гаваз додека не раскажа три соништа толку чудни, та човек да не поверува, и се докажа дека е сонувач достоен за да прошета по стрмните загадочни улици на Тран и да се вртка низ чаршии каде се продава стоката на накитените галеони. Тогаш зачекори во неверојатниот град; низ ѕид кој беше толку дебел што портата му беше тунел и потоа среде свиени и таласни патишта кои длабоко и тесно се развртуваа помеѓу небесновишни кули. Светла светеа низ прозорци со украсни решетки и балкони, и звукот на лаути и гајди питомо се прикрадуваше од внатрешни дворови кај што жубореа мермерни шадрвани. Картер си го знаеше патот и ги обраби помрачните улици сѐ до реката, каде што во една стара морнарска крчма ги најде капетаните и поморците кои ги беше знаел во едночудо други соништа. Таму си пазари пренос до Селефаида на еден голем зелен галеон и остана да преноќи откако направи трезвен муабет со седата мачка од крчмата, која дремливо трепкаше пред едно огромно огниште и сонуваше за стари војни и заборавени богови.

Изутрината Картер се качи на галеонот тргнат за Селефаида и седеше на прамецот како што ги одврзуваа јажињата и долгата пловидба кон Серенерското Море започна. Долги милји бреговите беа скоро исти како и над Тран, со по некој своевиден храм кој одвреме-навреме ќе се издигнеше на далечните ридови кон десно или некое дремливо селце на брегот, со стрмни црвени покриви и мрежи распослани на сонце. Имајќи си ја на мукает потрагата, Картер внимателно ги испраша сите морепловци за што луѓе беа сретнале низ крчмите во Селефаида, распрашувајќи се за имињата и табиетите на чудните луѓе со долги, подзамижани очи, уши со долги ресички, тенки носеви и шилести бради кои пристигаа во мрачни бродови од север и тргуваа со оникс пазарејќи изрезбарен жад и златна преѓа и црвени птички песнопојки од Селефаида. За ваквите луѓе морнарите не знаеја многу, освен тоа дека саде ретко зборувале и ширеле некаква стравопочит меѓу народот.

Родната земја, која била многу далечна, им се викала Инганок и на непара многу луѓе им се одело дотаму бидејќи била студена самрачна земја и се велело дека е близу до непријатната Ленг; иако високи непроодни планини вишнееле на страната каде што се мислело дека се протега Ленг, та никој не можел да каже дали таа злобна висорамнина со ужасни камени села и неспоменлив манастир навистина била таму или дали гласините биле само страв кој страшливите луѓе го чувствувале во ноќта кога тие импозантни препречни врвови ги демнеле од високо, црни наспроти изгрејната месечина. Бездруго, луѓето ја достигале Ленг од многу поинакви океани. За другите синори на Инганок морнарите немаа претстава, ниту имаа чуено за студената пустелија и незнајниот Кадат освен од магливи ненамерени зајави. А за чудесниот залезен град по кој Картер трагаше не знаеја ништо. Така патникот веќе не се распрашуваше за далечни работи, туку се стрпи додека не му се пружи прилика да зборува со тие чудни луѓе од студениот и самрачен Инганок кои се семе на оние богови кои си ги беа изрезбариле цртите врз Нгранек.

Кога денот почна да одминува галеонот ги достигна оние свиоци на реката кои минуваат низ опојните прашуми на Клед. Картер тука сакаше да се истовари од бродот, зашто во тие тропски тутки спијат чудесни палати од филдиш, осамени и негибнати, каде што на времето домувале баснословни монарси на земја чии име е заборавено. Вражбите на Дамните ги чуваат тие места неповредени и неизгниени, зашто запишано е дека еден ден можеби пак ќе има иктиза од нив; и каравани на слонови ги имаат соѕреано од далеку под месечина, но никој не се осудува да им се приближи поради чуварите на коишто се должи таа нивна целост. Но бродот продолжи да се лизга и примракот го стиши дневното брмчење и првите ѕвезди одозгора им трепкаа одговори на раните светулки на бреговите додека прашумата заостануваше во далечината, оставајќи си ја само мисковината како спомен дека беше била. И низ цела ноќ тој галеон пловеше крај мистерии невидени и непредвидени. Еднаш пазачот пријави огништа на ридовите на исток, но поспаниот капетан му рече дека е поарно ако не им се пули многу-многу, одошто било непара сигурно кој или што ги има запалено.

Изутрината реката многу се имаше проширено и Картер виде по куќите долж брегот дека се близу до огромниот трговски град Хланит на Серенерското Море. Тука ѕидовите се од рапав гранит, а куќите зашилено фантастични со калкани од греди и малтер. Луѓето од Хланит се повеќе како оние од будниот свет од било кои други во сонишната земја; па до градот не се оди, освен за трампа, но е ценет поради мајсторските изработки на неговите занаетчии. Доковите на Хланит се од даб и таму галеонот се закотви додека капетанот тргуваше во крчмите. Картер исто така се истовари и љубопитно ги разгледа избраздените улици каде дрвени запрежни коли тромаво се влечеа и трескавични трговци махинално развикуваа продавајќи си ја стоката во чаршиите. Морнарските крчми беа сите близу до доковите на калдрмести сокаци посолени од водената прашина на надојдената плима и се чинеа древни од мерата надвор со ниските црногредни покриви и пенџериња од зеленикави кружни витражни окна. Древните морнари во тие крчми зборуваа многу за далечни пристаништа и раскажуваа едночудо приказни за своевидните луѓе од самрачниот Инганок, но имаа саде малку да додадат на она што поморците од галеонот веќе му го имаа кажано. Потоа, најпосле, по доста растоварање и товарање, бродот повторно заедри по залезното море и високите ѕидини и калкани на Хланит почнаа да се смалуваат како што последната златна дневна светлина им придодаваше чудесија и убавина уште повелика од онаа која луѓето им ја препишуваа.

Две ноќи и два дена галеонот пловеше преку Серенерското Море, не догледувајќи копно и поздравувајќи само едно друго пловило. Тогаш близу зајдисонце на вториот ден пред нив се зададе снежниот врв на Аран со разлуланите гинкови дрва на ниските падини и Картер усозна дека беа дошле до земјата Ут-Наргаи и чудесниот град Селефаида. Молскавично на видик излегоа светкавите минариња на таа баснословна паланка и непотемнетите мермерни ѕидови со бронзените статуи и големиот камен мост каде што Наракса се влива во морето. Потоа се издигнаа зелените благи ридови зад паланката, со шумјаци и градини со базер, и мали светилишта и куќарки врз нив; а далеку во позадината моравиот срт на Танарските Ридови, јак и загадочен, зад којшто се протегаат забранети патишта кон будниот свет и кон други предели на сон.

Сидриштето беше полно со бојадисани галии, од коишто некои беа од мермерниот град во облаците Серанијан, кој се наоѓа во етеричниот семир кај што морето се среќава со небото, а некои од поопипливи пристаништа на океаните на земјата на соништата. Меѓу нив, кормиралот си протна пат до мирудиските мисковини на доковите, каде што галеонот се засидри во примракот додека милионските светла на градот почнаа да мижуркаат врз водата. Непрестајно џигит нов се чинеше овој вечножив град на привиденија, зашто тука времето нема сила да ветвее или уништува. Каков што отсекогаш бил, сѐ уште е, тиркизниот храм на Нат-Хортат и осумдесетте со орхидеи овенчани свештеници се истите оние кои го суградиле пред десет илјади години. Уште е сјајна бронзата на големите порти, ниту ониксните плочници се излижани или поткршени. И големите бронзени статуи по ѕидовите им се пулат одозгора на трговците и терачите на камили постари од басните, а сепак без ни едно седо влакно во чепорошестите им бради.

Картер не тргна уште веднаш да го бара храмот или палатата или кастелот, туку остана крај морскиот ѕид меѓу тргувачите и морнарите. И кога стана прекасно за гласини и легенди побара една древна крчма која добро ја знаеше и се одмори низ соништа за боговите на незнајниот Кадат по којшто трагаше. Наредниот ден долж сите кејови бараше да најде некои од чудните морепловци од Инганок, но му беше кажано дека ги немало в пристан, одошто галијата требало дури за две недели да им пристигне од север. Меѓутоа, најде еден торабонски морнар кој имал појдено во Инганок и имал работено во ониксните мајдани на тоа самрачно место; и тој морнар рече дека на север од населениот предел бездруго имало пустина, од којашто сите се плашеле и бегале. Торабонецот се изјасни дека таа пустина водела околу најсамоти раб на непроодните врвови сѐ до ужасната висорамнина на Ленг и дека заради ова луѓето ѝ се плашеле; макар што призна дека имало и други магливи сказни за злобни присуства и безимени вардачи. Дали ова ќе да беше пустелијата од приказните кај што се издига незнајниот Кадат или не, не знаеше; но не се чинеше многу веројатно дека тие присуства и вардачи, ако воопшто постојат, се поставени за бадијала.

Наредниот ден Картер се искачи по Улицата на столбови до тиркизниот храм и направи муабет со врховниот свештеник. Иако Нат-Хортат им е челно божество во Селефаида, во денските молитви се споменуваат и другите Велики; и свештеникот беше мошне запознат со нивните табиети. Како и Атал во далечниот Ултар, остро го посоветува да не оди да ги гледа; зајавувајќи дека се живчани и хировити и закрилени од чудни заштити од безумните Други Богови од Надвор, чија душа и гласник е ползечкиот понор Нјарлатотеп. Нивното љубоморно криење на чудесниот залезен град јасно покажувало дека не сакале да Картер го достигне и непара беше јасно како би пречекале гостин чија цел е да ги погледне и да си ја каже пред нив риџата. Никој жив не го беше пронашол Кадат дотогаш и можеби е и поарно ако допрва никој никогаш не го најде. Оние гласини што се раскажувале за тој ониксен замок на Великите непара биле успокојувачки.

Откако му заблагодари на со орхидеи крунисаниот врховен свештеник, Картер го напушти храмот и ја побара чаршијата на касапите на овци, каде што стариот поглавар на мачките од Селефаида домуваше мазен и задоволен. Тоа сиво и достоинствено создание се сончаше на ониксниот плочник и испружи една мрзоволна шепа како што му приоѓаше гостинот. Но кога Картер ги повтори лозинките и претставувањата со кои го снабди стариот мачор-генерал од Ултар, рунтавиот патријарх стана многу срдечен и зборлест; и му раскажа едночудо од тајните преданија кои им се познати на мачките од морските падини на Ут-Наргаи. И најарно од сѐ, повтори неколку нешта кои му биле стаено кажани од питомите крајбрежни мачки од Селефаида за луѓето од Инганок, на чиишто бродови ниедна мачка не сака да стапне.

Се чини дека овие луѓе имаат некоја аура што како да не била од земјата, макар што не е тоа причината поради којашто ниедна мачка не сака да им плови на бродовите. Причината за тоа е тоа што Инганок содржи сенки кои ниедна мачка не може да ги издржи, па така во сета таа студена самрачна царштина никогаш не се слуша ни весело предење ни пријатно мјаукање. Дали е поради нешта довеани од преку непроодните врвови од хипотетичната Ленг или поради нешта кои се процедувале од ладната пустина на север, никој не знае да каже; но останува фактот дека во таа далечна земја клинчи намек од надворешни семири кој на мачките не им се бендисува и на којшто се почувствителни од луѓето. Затоа не сакаат да се качуваат на мрачните бродови упатени кон базалтните кејови на Инганок.

Стариот мачкин поглавар исто така му кажа и каде да го најде пријателот му, крал Куран, кој во поскорешните соништа на Картер наизменично царуваше во розевобилјурната Палата на седумдесет наслади во Селефаида и во облачниот замок со торети на небопловниот Серанијан. Се чинело дека веќе не наоѓал лезет во тие места, туку му надошол силен копнеж по англиските гребени и баири од момчештвото; каде што во мали заспани селца старите песни на Англија долебдуваат во квечерините од зад прозорци со украсни решетки и каде што сиви црквени кули лично ѕиркаат низ зелеништето на далечни долини. Не можел веќе да им се врати на овие нешта во будниот свет бидејќи телото му било мртво; па наместо тоа, посонувал мало подрачје на иста таква селска убавина во пределот источно од градот, каде што ливади елегантно се распостилаат нагоре од морските гребени кон подножјето на Танарските Ридови. Таму домувал во сива готска велепоседничка куќа од камен свртена накај морето и се обидувал да си замисли дека е древната „Тревор тауерс“ кај што бил роден и кај што тринаесет поколенија на неговите дедовци за првпат беа прогледале. А по крајбрежјето во близина имал изградено мало корнско рибарско селце со стрмни калдрмести сокаци, поставувајќи во него луѓе кои имале најанглиски лица и севезден пробувајќи да ги научи на драгите запомнети нагласоци на старите рибари од Корнвол. А во некоја недалечна долина беше издигнал голема норманска опатија чија кула можел да ја догледа од прозорецот, наредувајќи околу неа во дворот на црквата сиви камења со имињата на неговите предци избрезбарени врз нив и со мов мошне слична на мовта на старата Англија. Зашто иако Куран беше монарх во земјата на соништа, повелајќи со сите замислени салтанати и чудесии, велелепности и личотии, занеси и наслади, егленџе и возбуди, од сѐ срце засекогаш ќе се откажеше од сета своја моќ и луксузи и слобода за само еден блажен ден како обично момче во таа чиста и тивка Англија, милната древна Англија која му ја беше извајала душата и од којашто за навек ќе е нераскинлив дел.

Па кога Картер се опрости со тој стар сив мачкин поглавар, не тргна да ја бара терасната палата од розев билјур, туку излезе од источната порта и појде преку полето со маргаритки кон еден шилест калкан кој го имаше наѕрено низ дабовите на еден парк кој се искачуваше пругоре кон морските гребени. И со тек на време стигна до голема жива ограда и порта со мала циглена портирница и кога заѕвони на ѕвончето не докуца да го прими некое зарубено и миропомазано палатско ќоле, туку мало неизбричено старче во работна кошула кое даваше сѐ од себе да зборува во старинските тонови на далечниот Корнвол. И Картер зачекори по ладовината на патеката помеѓу дрвја скоро исти како и англиските дрвја и се искачи по терасите среде градини дуздисани како во времето на кралицата Ана. Крај вратата обостранета од камени мачки како во дамнина, го пречека батлер мустаќлија во складна ливреја и уште веднаш беше одведен во библиотеката каде што Куран, владарот на Ут-Наргаи и небото околу Серанијан, седеше задуман на една столица крај прозорецот гледајќи си го малото крајморско селце и посакувајќи да му дојде старата дадилка и да го искуди зошто не е дуздисан за ненависната летна забава кај викарот, кога кочијата е спремна и кога на мајка му веќе ѝ било преку глава од чекање.

Куран, облечен во роба од крој помоден меѓу кројачите во Лондон кога беше мал, живо стана да го поздрави гостинот; зашто глетката на Англосаксонец од будниот свет му беше многу мила, макар што беше Саксонец од Бостон, Масачусетс, наместо од Корнвол. И долго зборуваа за старите времиња, имајќи многу да си кажат зашто и двајцата беа стари сонувачи и добро запознаени со чудесиите на неверојатните места. Куран, всушност, беше бил надвор зад ѕвездите во врвната небиднина и се велеше дека е единствениот кој здраворазумен се има вратено од такво патешествие.

Најнакрај Картер ја отвори темата за неговата потрага и му ги постави на домаќинот истите прашања кои и на толку други им ги имаше поставено. Куран не знаеше каде се наоѓа Кадат, ниту чудесниот залезен град; но знаеше дека Великите се многу опасни суштества за човек да ги бара и дека Другите Богови имаат чудни начини да ги заштитат од безочна љубознајност. Беше научил многу за Другите Богови во далечните делови на семирот, особено во оној предел кај што не постојат облици и обоени гасови ги проучуваат најдлабоките тајни. Виолетовиот гас С’нгак му беше кажал стравотни работи за ползечкиот понор Нјарлатотеп и го беше опоменал никогаш да не ѝ приоѓа на средишната небиднина каде што демон-султанот Азатот гладно глода во мракот. Сѐ на сѐ, не било на арно да си игра човек играчки со Дамните; и ако тие настојчиво бранат пристап до чудесниот залезен град, поарно е да не се трага по тој град.

А Куран се сомневаше и дека гостинот ќе види аир од одење во градот дури и ако успее да го изнајде. Тој самиот долги години беше сонувал и чезнеел за личната Селефаида и земјата Ут-Наргаи и за слободата и бојата и врховното доживување на живот лишен од окови, шаблони и глупавости. Но сега откако стасал во тој град и таа земја и им станал крал, слободата и живоста бргу му се одмилиле и му станале еднолични од недостиг на спој со нешто цврсто врежано во неговите чувства и спомени. Во Ут-Наргаи беше крал, но тоа не му значеше ништо и севезден венееше по старите познати нешта од Англија кои му ја беа обликувале младоста. Сето кралство ќе си го дадеше за звукот на корнските црковни ѕвона од преку баирите и сите илјада минариња од Селефаида за стрмните пријатни покриви на селото што му беше близу куќата. Така, му кажа на гостинот дека незнајниот залезен град можеби и нема да ја содржи суштината којашто ја бара и дека можеби е подобро ако остане величествен и полузапаметен сон. Зашто често го беше посетувал Картер во старите будни денови и добро ги познаваше личните новоанглиски падини кои го беа изнедриле.

На крајот, беше мошне сигурен, трагачот ќе копнее само по ранозапаметените сцени; квечеринската светлост на Бикон Хил, високите кули и извиени ридски улици на пријатниот Кингспорт, ветвите мансардни покриви на древниот и од вештерки опседнат Аркам и блажените милји на полјани и долини каде што кривуличеа камени ѕидови и бели салашки калкани ѕиркаа од сеници од зелениште. Вакви работи му изнакажа на Рендолф Картер, но трагачот и понатаму се држеше до ниетот. И на крајот се разделија, секој уверен во своето и Картер се врати низ бронзената порта до Селефаида и по Улицата на столбови до стариот морски ѕид, каде што поднаправи уште малку муабет со морепловците од далечни краишта и го почека мрачниот брод од студениот и самрачен Инганок, чии чуднолики морнари и тргувачи со оникс ја имаа во себе крвта на Великите.

Една ѕвездена квечерина кога фаросот велелепно светеше над сидриштето, копнежниот брод доедри и чуднолики морнари и тргувачи се појавија еден по еден и група по група низ древните крчми долж морскиот ѕид. Многу беше возбудливо пак да се видат тие живи лица што беа толку слични на божествените црти на Нгранек, но Картер не се затрча да зборува со тивките поморци. Не знаеше колкава гордост и таинственост и притулени возвишени сеќавања би можела да ги исполнува тие чеда на Великите и беше сигурен дека не ќе е умно да им кажува за неговата потрага или преотворено да се распрашува за таа студена пустина што се протега северно од нивната самрачна земја. Не правеа многу-многу муабет со другиот народ по древните морнарски крчми; туку се собираа во групи во поотсечените ќошеви и си пееја меѓу себе трогателни напеви од непознати места или си распеваа долги сказни еден на друг со нагласоци туѓи за другите од сонишната земја. И толку ретки и впечатливи беа тие напеви и сказни, што човек можеше да им ги прочита чудесиите од лицата на оние што слушаа, макар што зборовите до туѓи уши доаѓаа само како чудни тактови и магливи мелодии.

Цела една недела чудните поморци се поврткаа во крчмите и тргуваа во чаршиите на Селефаида и пред да отпловат Картер беше таксал место на нивниот мрачен брод, велејќи им дека е стар рудар на оникс и дека повти да работи во нивните мајдани. Тој брод беше многу личен и очиклено изнедрен, од тиковина со абоносов опков и масверк од злато и кабината во којашто беше сместен патникот имаше завеси од свила и кадифе. Едно утро со доаѓањето на плимата едрата беа дигнати и сидрото кренато и како што Картер стоеше на високата крма виде како залезораспламтените ѕидини и бронзени статуи и златни минариња на вечномладата Селефаида тонат во далечините и како снежните врвови на Аран Планина сѐ повеќе и повеќе се намалуваат. До пладне, на видик веќе немаше ништо освен нежното синило на Серенерското Море, со само една бојадисана галија на далеку, упатена кон таа облакообесена царштина на Серанијан каде што морето се среќава со небото.

И дојде ноќ со преубави ѕвезди и мрачниот брод заплови кон Големата Кола и Малата Мечка кои споро се вртеа околу полот. И морнарите пееја чудни песни за незнајни места, а потоа еден по еден се мушнаа до кастелот на бродот додека елегичните пазачи мрмореа стари распеви и се навалуваа над ракофатот да ги опулат светлечките риби кои си играа во сениците под морето. Картер си легна на полноќ и стана со светлото на младото утро, забележувајќи дека сонцето се чини дека е понајуг одошто му беше узус. И долж сиот втор ден продолжи да ги запознава луѓето на бродот, одврзувајќи им ги малку по малку јазиците за студената им земја самрачна, за префинетиот ониксен град и за стравот од високите и непроодни врвови зад коишто се велеше дека е Ленг. Му кажаа колку им било мака што ниедна мачка не сакала да остане во земјата Инганок и дека мислат оти за тоа е крива скриената блискост на Ленг. Единствено за камената пустина на север не сакаа да зборуваат. Имало нешто обеспокојувачко околу таа пустина и се мислело дека е целисходно да не се признава нејзиното постоење.

Во покасните денови зборуваа за мајданите во кои Картер им рече дека ќе работи. Ги имало многу, зашто сиот град Инганок бил суграден од оникс, а големи ласнати блокови биле продавани во Ринар, Огротан и Селефаида и дома кај трговците од Тра, Иларнек и Кадатерон, за прекрасната стока на тие баснословни пристаништа. А далеку на север, скоро до таа пустина чие постоење луѓето од Инганок не сакаа да го признаат, имало неискористен мајдан поголем од сите други; од којшто во заборавени времиња биле отцепени толку грамадни грутки и блокови што глетката на нивните изделкани празнини влевала ужас во срцата на сите што ќе им се испулеле. Кој ги беше ископал тие неверојатни блокови и каде ли биле пренесени, никој не знаеше да каже; но се мислеше дека е најарно да се остави на раат тој мајдан за којшто толку нечовечки спомени би можеле да се чипчат. И така стоел осамен во самракот, за саде гавраните и шантак-птиците од гласините да му се гнездат среде недогледноста. Кога Картер чу за овој мајдан многу го фати мисла, зашто од стари сказни знаеше дека замокот на Великите врз незнајниот Кадат е од оникс.

Секој ден сонцето сѐ пониско и пониско се крталаше по небото и маглите одозгора сѐ повеќе и повеќе се згуснуваа. И за две недели веќе воопшто немаше сончева светлина, туку само бизарен сив самрак кој сјаеше низ купола од вечни облаци преку ден, и студена безѕвездена светлозрачност од долната страна на тој облак преку ноќ. На дваесеттиот ден оддалеку беше забележана голема назабена карпа во морето, првото соѕрено копно откако снежните врвови на Аран се беа смалиле зад бродот. Картер го праша капетанот како ѝ е името на таа карпа, но му беше кажано дека нема име и никогаш никое пловило не одело натаму поради звуците кои доаѓале оттаму навечер. И кога, откако се стемни, тапо и непрестајно завивање се крена од тоа назабено гранитно место, на патникот му беше мило што не се застана и што карпата нема име. Поморците се молеа и распеваа сѐ додека вревата не престана да се слуша и Картер сонуваше стравотни соништа со потсоништа во ситните саати.

По две утрини, високо пред нив и кон исток се издигна линија од големи сиви врвови чии капци беа изгубени во непроменливите облаци на тој самрачен свет. И штом ги видоа, морнарите се распејаа радосни песни и некои клекнаа на палубата да се молат; па Картер знаеше дека се стасани до земјата Инганок и наскоро ќе се засидрат во базалтните кејови на големата паланка која беше крстена по таа земја. Кон пладне се појави мрачно крајбрежје и пред три часот наспроти север се истакнаа крушовидните куполи и фантастични кули на градот од оникс. Исклучително и своевидно се издигаше тој архаичен град над своите ѕидини и кејови, сиот од деликатна црнина со ролверк, канелури и арабески обложени со злато. Високи и многупрозорни беа куќите и изрезбарени од секоја страна со цвеќиња и дезени чии мрачни симетрии го смајуваа окото со убавина попотресна од светлина. Некои завршуваа со подуени куполи кои се затанчуваа до игла, други со терасни пирамиди врз коишто што се издигаа нагроздени минариња прикажувајќи ја секоја етапа на чудност и мечта. Ѕидовите беа ниски и продупени од чести порти, секоја под голем лак кој се издигаше високо над општото ниво и беше крунисан со глава на бог издлабена со истата онаа вештина прикажана во чудовишното лице на далечната Нгранек. На еден рид во средината се издигаше шеснаесетаголна кула поголема од сите останати со високозаба камбанарија поставена врз сплескана купола. Ова, рекоа поморците, бил Храмот на Дамните и во него владеел стар врховен свештеник растажен од длабоки тајни.

При одредени временски отсеци ждринготот на чудни ѕвона трепереше над ониксниот град, секојпат проследен од ѕвекот на мистична музика составена од хорни, виоли и гласови во распев. И од редица триножници во една галерија околу високата купола на храмот, огнени блесоци прскаа при одредени моменти; зашто свештениците и луѓето од тој град беа изучени во првобитните мистерии и верни во негувањето на ритмите на Великите искажани во списи постари од Пнакотските ракописи. Како што бродот минеше крај големиот базалтен насип во сидриштето се отелесија полеките звуци на градот и Картер ги виде робовите, морнарите и трговците на доковите. Морнарите и трговците беа од чудноликата раса на боговите, но робовите беа кус, косоок народ за кои гласините велеа дека некако заскитале преку или околу непроодните врвови од долините зад Ленг. Доковите стигаа до далеку кон надвор од градот и содржеа најразлична стока од галиите кои таму беа закотвени, а на едниот крај имаше големи купови оникс и изрезбарен и неизрезбарен кој чекаше достава до далечните пазари во Ринар, Огротан и Селефаида.

Уште немаше фатено квечерина кога мрачниот брод се закотви крај еден испакнат камен кеј и сите морнари и трговци се истоварија на брегот влегувајќи во градот низ засводената порта. Улиците на тој град беа поплочени со оникс и некои беа широки и прави, а други беа криви и тесни. Куќите близу водата беа пониски од останатите и над сперливо засводените врати имаа извесни знаци од злато за кои се велеше дека се во чест на малите богови наклонети кон секоја од нив. Капетанот на бродот го однесе Картер во една стара морнарска крчма кај што се береа поморците од угодни земји и вети дека наредниот ден ќе му ги покаже чудесиите на самрачниот град и ќе го поводи до крчмите на рударите на оникс крај северниот ѕид. И падна квечерина и се запалија мали бронзени фенерчиња и морнарите во крчмата пееја песни за далечни места. Но кога големото ѕвоно од неговата висока кула затрепери низ градот и ѕвекотот на хорните и виолите и гласовите се разгласи криптично небаре во одговор, сите прекинаа со песните или сказните и тивко се поклонија додека не замре и последниот одек. Зашто чудесија и чудност има врз самрачниот град Инганок и на луѓето им е страв да се немарни во обредите, за да не се погоди да суд и освета демнат во неосетна близина.

Далеку во сенките на таа крчма Картер здогледа една куса форма која не му се бендиса, зашто непогрешливо беше онаа на стариот косоок трговец кој пред толку време го беше видел во крчмите во Дилат-Лин, за кој се зборуваше дека тргувал со ужасните камени села на Ленг коишто никој здрав човек не ги посетува и чии зли огништа се гледаат навечер оддалеку и дури и дека си имал работа со оној врховен свештеник кој не смее да се опишува, којшто носи жолта свилена маска врз лицето и домува сам во праисториски камен манастир. Овој човек како да покажа настран сјај на запознатост кога Картер ги запраша тргувачите од Дилат-Лин за студената пустелија и за Кадат; и некако неговото присуство во мрачниот и опседнат Инганок, толку близу до чудесиите на северот, не беше успокојувачка работа. Се мушна од видик уште пред Картер да стигне да позборува со него и морнарите потоа рекоа дека беше дошол со караван јакови од некоја точка што не била точно утврдена, носејќи ги масивните и вкусодрочни јајца на шантак-птиците од гласините за да ги трампа за умешно изработените жадови пехари кои трговците ги носеа од Иларнек.

Наредното утро бродскиот капетан го поведе Картер низ ониксните улици на Инганок, мрачни под нивното самрачно небо. Обложените врати и нагиздени куќни фасади, изрезбарени балкони и билјурнопанелни чардаци, сите светкаа со трезвена и ласната личотија; и одвреме-навреме ќе се распостелеше по некој мегдан со црни столбови, колонади и статуи од своевидни созданија ем човечки ем баснословни. Некои од глетките по долгите и исправени улици или низ странични сокаци и крушовидни куполи, кули и арабескирани покриви, беа бизарни и прекрасни од мерата надвор; и ништо не беше повелелепно од масивната висина на големиот средишен Храм на Дамните со шеснаесетте изрезбарени страни, сплесканата купола и вишнозаба камбанарија, надмашувајќи сѐ друго и служејќи како величествена позадина за било која глетка. И постојано кон исток, далеку зад градските ѕидини и долгите милји пасиште, се издигаа шкобавите сиви падини на тие безврвни и непроодни капци преку кои одвратната Ленг се велеше дека се протега.

Капетанот го одведе Картер до грамадниот храм, кој со обѕиданата му градина е поставен на еден голем тркалезен мегдан накај што одат улиците небаре спици од оска на тркало. Седумте засводени порти на таа градина, секоја со изрезбарено лице како оние над градските порти, се секогаш отворени; и луѓето се шетаат со сајгилак нагоре-надолу по поплочени патеки и низ малите сокаци порабени со гротескни столбни бисти и светилишта на скромни богови. И има и шадрвани, вирови и басени, за да го одразуваат честиот огин од триножниците на високиот балкон, целите од оникс и со мали светлечки рипчиња донесени од нуркачи од ниските сеници на океанот. Кога длабокиот ждрингот од камбанаријата на храмот ќе затрепери преку градината и градот, и одговорот на хорните и виолите и гласовите ќе заѕвекоти од седумте портирници крај градинските порти, од седумте врати на храмот се гргнуваат долги колони маскирани и прекриени свештеници во црно, со испружени раце во кои носат големи златни садови од коишто се крева своевидна пареа. И членовите на сите седум колони сперливо прусаат еден по еден, испружувајќи си ги нозете далеку пред себе не виткајќи ги колената, по врвиците кои водат до седумте портирници, каде што исчезнуваат и веќе не се појавуваат. Се вели дека подземни патеки ги поврзуваат портирниците со храмот и дека долгите редици свештеници се враќаат низ нив; ниту не е непрошепотено дека длабоки ониксни скалишта се спуштаат до мистерии за кои никогаш не се раскажува. Но саде малкумина се оние кои загатнуваат дека свештениците во маскираните и прекриени колони не се човечки свештеници.

Картер не влезе во храмот бидејќи на никој освен на Кралот со превез не му е дозволено таму. Но пред да ја напушти градината пристигна часот на ѕвоното и заглушувачки го чу трепетливиот ждрингот над себе и лелекот на хорни и виоли и гласови како се гласи од портирниците крај портите. И по седумте големи врвици се прикрадоа долгите редици садоносни свештеници на своеобразниот им начин, влевајќи му на патникот страв каков што човечки свештеници не често можат да влеат. Кога последниот од нив исчезна, Картер ја напушти градината забележувајќи притоа една дамка на плочникот над којшто беа поминале садовите. Таа дамка ни на бродскиот капетан не му се бендиса, па го повјаса кон ридот врз којшто палатата на Кралот со превез се издига многукуполна и чудесна.

Патиштата до ониксната палата се стрмни и тесни, сите, освен оној широк свиен пат каде што кралот со придружниците јаваат на јакови или во кочии влечени од јакови. Картер и водичот се искачија по сокак кој беше саде од скали, помеѓу обложени ѕидови кои содржеа чудни знаци од злато и под балкони и чардаци од кај што понекогаш долетуваа леки нишки музика или ветренца со егзотична мисковина. Постојано пред нив демнеа од високо тие титански ѕидини, јаки контрафори и нагроздени и крушовидни куполи по коишто е позната палатата на Кралот со превез; и најнакрај минаа под еден голем црн свод и излегоа во градините на задоволство на монархот. Таму Картер застана и зајде од толку убавина; зашто ониксните тераси и врвици со колонади, шенливите цветни алеи и деликатни расцветани дрвја шпалирани за златни украсни решетки, урните томбаклии и триножници со очиклени барелјефи, постаментираните и скоро живи статуи од жилест црн мермер, базалтогазерните лагуни и поплочени шадрвани со светлечки риби, дребните храмови со птици песнопојки што се преливаа врз изрезбарени столбови, чудесниот ролверк на големите бронзени порти и цутните бршлени испозакачени на секој сантим од ласнатите ѕидови се здружуваа во глетка чија личотија беше вон стварноста и полубаснословна дури и во земјата на сонот. Мижуркаше таму небаре привидение под тоа сиво самрачно небо, со закуполеното и прошарано величество на палатата веднаш потоа и фантастичната силуета на далечните непроодни врвови од десно. И постојано пееја птички и шадрвани, додека мирисот на ретки цветови се простираше небаре превез над таа неверојатна градина. Немаше друга жива душа и на Картер му беше мило што е така. Потоа свртеа и пак слегоа по ониксниот сокак од скали, зашто во самата палата не смее да влезе никој посетител; и не е на арно предолго и преупорно да се гледа кон големата средишна купола, зашто се вели дека е дом на архаичниот татко на сите шантак-птици од гласините и дека им испраќа настрани сништа на љубопитните.

Потоа капетанот го однесе Картер до северниот кварт на градот, близу Караванската порта, кај што се крчмите на јакџиите и рударите на оникс. И таму во еден нискотавански ан за каменоломци, се опростија; зашто капетанот си имаше работа, а Картер беше желен да зборува со рударите за северот. Многу луѓе имаше во анот и патникот уште веднаш отпочна муабет со некои од нив; велејќи дека е стар рудар на оникс и дека многу сака да научи по нешто за каменоломите во Инганок. Но она што го дозна не беше повеќе од она што веќе го знаеше, зашто рударите беа страшливи и затаени во врска со студената пустина на север и каменоломот кој никој жив не го посетува. Им беше страв од митски пратеници од зад планините кај што се велеше дека се протега Ленг и од злобни присуства и безимени вардачи далеку на север среде раштрканите карпи. А шепотеа и дека шантак-птиците од гласините не се угодни нешта; и дека за арно било тоа што никој човек вистински ги немал видено (зашто тој митски татко на шантаците во кралската купола го ранат во темница).

Наредниот ден, велејќи дека сака сам да ги разгледа сите разноврсни рудници и да ги посети раштрканите салаши и живописни ониксни села на Инганок, Картер најми јак и наполни два големи фрчови за по пат. Зад Караванската порта патот се протегаше право измеѓу изорани полиња, со многу салашки куќи крунисани со ниски куполи. Кај некои од куќите трагачот застана да се распраша; наоѓајќи при еден наврат еден домаќин толку крут и воздржан и толку полн со ненамерено величество како оние на огромните црти врз Нгранек, што стана сигурен дека најпосле беше наишол на еден од самите Велики или на некој со девет десеттини од нивната крв, кој живее меѓу луѓето. И на тој крут и воздржан чифчија му зборуваше со многу дикат и со голема почит кон боговите и ги величаше сите благослови со кои го беа дарувале.

Таа ноќ Картер си постави логор во една ливада крај патот под гранките на едно големо лигатово дрво за коешто го врза јакот и изутрината го продолжи северниот аџилак. Кај околу десет часот стигна до малокуполното село Ург, каде што тргувачи се одмараат и рудари раскажуваат сказни, и се почина во неговите крчми додека не фати пладне. Тоа е местото кај што големиот каравански пат врти кон запад за накај Селарн, но Картер продолжи кон север по патот до каменоломите. Цело попладне го следеше тој издигнат пат, кој беше нешто потесен од големиот друм и којшто сега водеше низ предел со повеќе карпи одошто изорани полиња. И кога фати квечерина ниските ридови од лево веќе се имаа издигнато до баеги големи црни гребени, па знаеше дека е близу до рударскиот предел. Големите шкобави страни на непроодните планини непрестајно му се вишеа надалеку од десно и колку подалеку одеше, толку полоши сказни слушаше за нив од раштрканите земјоделци и тргувачи и терачи на тромави коли со оникс по патот.

Втората вечер постави логор во сенката на една голема црна спила, сопнувајќи го јакот за еден колец забиен в земја. Ја забележа поголемата светлозрачност на облаците при оваа северна точка и повеќе од еднаш му се пристори како да гледа мрачни облици како се исцртуваат наспроти нив. И на третото утро на видик му излезе првиот каменолом на оникс и ги поздрави луѓето кои работеа таму со казми и длета. До квечерина помина единаесет каменоломи; одошто земјата тука беше сета составена од ониксни гребени и стени, без никаква вегетација, туку само со големи карпести одломки раштркани по тло од црна почва, со сивите непроодни врвови кои постојано шкобаво и зловесно се издигнуваа од десно. Третата ноќ ја помина во логор на каменоломци чии треперливи огништа фрлаа бизарни одрази врз ласнатите гребени на запад. И пееја многу песни и раскажуваа многу сказни, покажувајќи такво чудно знаење за дните од дамнина и навиките на боговите, што Картер увиде дека во себе имаат многу притаени спомени за дедовците им, Великите. Го прашаа за кај е тргнат и го опоменаа да не оди предалеку на север; но тој им одговори дека трага по нови гребени на оникс и дека нема да ризикува повеќе одошто е нормално за трагачите по руда. Изутрината се опрости со нив и одјава кон замрачениот север, каде што го беа предупредиле дека ќе го најде страшниот и непосетуван каменолом од каде што раце постари од човечките раце беа корнеле грамадни блокови. Но не му се бендиса кога, вртејќи се да им мавне за збогум, му се виде како до логорот да се приближува тој кус и затаен трговец со коси очи за чиј претположен пазарлук со Ленг се правеа муабети во далечниот Дилат-Лин.

По уште два каменоломи се чинеше дека му доаѓа крај на населениот дел на Инганок и патот се стесна во стрмно издигната јакова патека помеѓу намрштени црни спили. Од десно постојано се вишеа шкобавите и далечни врвови и како што Картер се качуваше сѐ погоре и погоре во ова непропатувано царство увиде дека станува потемно и постудено. Набрзо воочи дека нема отпечатоци од стапала или копита на црната патека под него и сфати дека навистина беше дошол до чудни и напуштени патишта од дамнешни времиња. Повремено, по некој гавран ќе гракнеше далеку над него и одвреме-навреме пафтање од зад некоја огромна карпа ќе го натераше неугодно да помисли на шантак-птиците од гласините. Но во главно беше сам со рунтавиот ат и почна да го фаќа јанѕа од тоа дека тој одличен јак сѐ повеќе и повеќе се противеше да продолжи по патот и стануваше сѐ повеќе и повеќе наклонет исплашено да фрка на секој најмал звук долж маршрутата.

Патеката сега се стиснуваше помеѓу катран црни и сјајни ѕидови и почна да зазема уште поголема стрмност од дотогаш. Тлото беше лошо за одење и јакот често се лизгаше на камените одломки густо распосеани наоколу. По два часа Картер пред себе здогледа јасен срт, по кој немаше ништо освен загасито сиво небо и ја благослови можноста за рамна или надолна патека. Меѓутоа, да се достигне тој срт не беше мала работа; зашто патот беше станат скоро ортогонален и беше опасен, со лизгав црн чакал и камчиња. Картер на крајот се симна и пешки го поводе сомничавиот јак; силно влечејќи кога добитчето ќе се заинаетеше или спрепнеше, самиот додржувајќи се на нозе како што знаеше и умееше. Тогаш одненадеж стигна до врвот и се испули и збивна од тоа што го виде.

Патеката навистина водеше кон напред и малку надолу со истите линии на високи природни ѕидови како и претходно; но од левата страна се отвораше чудовиштен простор, широк неброени ари, каде што некоја архаична сила ги беше расцепила и распарала тамошните гребени од оникс во облик на џиновски каменолом. До надалеку во самата камена врлина се протегаше тој киклопејски жлеб и до длабоко во земјината утроба му зјаеја долните ископини. Не беше човечки каменолом и конкавните страни имаа лузни во форма на коцки широки цели јарди кои зборуваа за големината на блоковите кои некогаш биле изделкани од безимени раци и длета. Високо над назабениот раб пафтаа и гракаа големи гаврани и магливи првкања во невидените длабини зборуваа за лилјаци или урхаги или помалку споменливи присуства кои ја опседнуваа бескрајната црнина. Така Картер стоеше среде тесниот пат во самракот, со карпестата патека спуштајќи се пред него; со високи ониксни гребени од десно кои водеа до кај што му гледаа очите, и високи гребени од лево отсечени веднаш пред него образувајќи го тој ужасен и неземен каменолом.

Одеднаш јакот изусти крик и му се измолкна од раце, рипајќи и панично јурнувајќи сѐ додека не го снема по тесната падина кон север. Камењата откорнати од разлетаните копита паднаа преку работ на каменоломот и се изгубија во мракот без звук дека удриле врз дното; но Картер ги занемари бељите по таа скудна патека додека задишано иташе по избеганиот ат. Набрзо гребените од левата страна продолжија да се протегаат, повторно претворајќи го патот во тесна лента; но патникот и понатаму рипаше за да го превтаса јакот чии големи раширени стапалки зборуваа за неговото очајно бегство.

Еднаш му се пристори како да ги чу копитата на исплашената ѕверка и си ја удвои брзината од ваквото охрабрување. Изминуваше цели милји и малку по малку патот пред него се ширеше, додека не му стана јасно дека наскоро мора да излезе на студената и стравотна пустина на север. Шкобавите сиви крила на далечните непроодни врвови повторно станаа видливи над десните спили, а пред него беа карпите и стените на еден отворен простор кој очевидно беше само знамение на мрачната и бескрајна рамнина. И повторно во ушите му се огласија тие копита, појасни од претходно, но овој пат причинувајќи уплав наместо охрабрување зашто сфати дека не се исплашените копита на неговиот спраштен ат. Тупотењата беа немилосрдни и намерени и беа зад него.

Потрагата на Картер по јакот сега се претвори во бегство од некое невидено нешто, зашто иако не се осмелуваше да фрли поглед преку рамо чувствуваше дека присуството зад него не може да е ништо арно или споменливо. Јакот сигурно прв го беше чул или почувствувал и не сакаше да се запраша дали нештото го следи од човечки врталишта или беше доклапало кашкајќи се од таа црна каменоломна јама. Во меѓувреме, гребените имаа останато зад него, па претстојната ноќ падна врз голема пустелија од песок и призрачни карпи каде што сите патишта се губеа. Не можеше да ги види отпечатоците од копитата на јакот, но постојано од зад него доаѓаше тоа презриво клапарање; одвреме-навреме помешано со нешто што му се причини како титанско пафтање и првкање. Тоа дека нештото го превтасува, му беше несреќно јасно и знаеше дека е безнадежно изгубен во оваа раскршена и срозана пустина од безначајни карпи и непропатувани песоци. Само оние далечни и непроодни врвови од десно му пружеа некаква насока, а дури и тие беа сѐ понејасни како што сивиот самрак венееше и на негово место доаѓаше болежливата светлозрачност на облаците.

Тогаш притулено и магливо во сноќениот север пред него соѕре ужасна работа. На некое време го беше мислел дека е венец на црни планини, но сега виде дека е нешто повеќе. Светлозрачноста на намрштените облаци јасно го откриваше и дури и му исцртуваше некои од деловите како што ниски чуреи светеа одзади. Колку беше оддалечено, не можеше да оцени, но сигурно беше многу далеку. Високо беше илјадници стапки, протегајќи се во огромен конкавен свод од сивите непроодни врвови до незамислени западни простори, и порано навистина беше било срт на грамадни ридови од оникс. Но сега тие ридови веќе не беа ридови, зашто некоја рака поголема од човечка рака ги беше допрела. Тивко кај клечеа врз светот небаре волци или гробождери, крунисани со облаци и маглини и засекогаш вардејќи ги тајните на северот. Во полукруг кај клечеа, тие кучелики планини изрезбарени во чудовишни вардачки статуи и десните раце им беа подигнати во закана наспроти човештвото.

Само поради треперливата светлина на облаците се чинеше како двојните глави со митри да им се движат, но како што Картер се доближуваше препинајќи се по патот, виде како од сенишните скутови им се издигаат големи облици чии движења не беа заблуда. Крилати и распрвкани, формите се зголемуваа со секој миг и патникот знаеше дека му се ближи крајот на препнувањето по патот. Не беа птици или лилјаци кои се познати во други предели на будната земја или онаа на соништата, зашто беа поголеми од слонови и имаа глава како коњ. Картер знаеше дека мора да се злогласните шантак-птици и веќе не се прашуваше поради какви злобни чувари или безимени вардачи луѓето ја одбегнуваат поларната карпеста пустина. И кога застана во конечно препуштање најпосле се осмели да погледне зад себе; каде што навистина раванеше кусиот косоок трговец од злобните легенди, церејќи се качен на еден мршав јак и водејќи дегутантна орда на извргалени шантаци за чии крилја уште беа исполепени ињето и шалитрата на адските јами.

Макар заробен од баснословни и хипоцефални крилати кошмари кои го сардисуваа во големи несвети кругови, Рендолф Картер не падна во несвест. Вишни и ужасни се издигаа над него тие титански страшила, кога косоокиот трговец срипа од јакот и застана церејќи се пред заробеникот. Тогаш човекот му даде знак на Картер да јавне еден од трпките шантаци, помагајќи му да се качи додека одвнатре, расудувањето му се натегаше со презирот. Мачно му беше да се крене, зашто шантак-птиците имаат крлушки наместо пердуви, а тие крлушки се многу лизгави. Штом седна, косоокиот се качи зад него, оставајќи го мршавиот јак да е одведен на север кон обрачот изрезбарени планини од страна на еден од неверојатните птици-колоси.

Следеше одвратно виорење низ ледени семири, бескрајно пругоре и кон исток кон шкобавите сиви крила на тие непроодни планини зад коишто се вели дека се протега Ленг. Далеку над облаците летаа, додека најпосле под нив не се спростреа тие капци од сказните кои народот од Инганок никогаш ги нема видено и кои постојано се спрострени под високи вртлози од светкава магла. Картер многу јасно ги догледа како што се нижеа под него и врз највисоките врвови им виде чудни пештери кои го потсетија на оние на Нгранек; но не го запраша пленителот за овие работи кога виде дека и човекот и коњоглавиот шантак се чинеа дека имаат несекојдневен страв од нив, беспокојно провјасувајќи и покажувајќи голема напнатост сѐ додека не ги оставија далеку зад себе.

Шантакот сега леташе пониско, откривајќи под облачниот балдахин сива јалова рамнина врз којашто на големи растојанија сјаеја мали клекави огнови. Како што се спуштаа повремено се појавуваа осамени колиби од гранит и тмурни камени села чии дребни прозорчиња светеа со бескрвна светлина. И од тие колиби и села доаѓаше продорно бучење на гајди и гадно ѕвечкање на кроталони кои уште веднаш докажуваа дека народот на Инганок е во право со земјописните гласини. Зашто патници и претходно беа чуле вакви звуци и знаат дека долебдуваат само од студената пустинска висорамнина која здрав народ никогаш не ја посетува; тоа опседнато место на злоба и загадочност познато како Ленг.

Околу клекавите огнови играа мрачни облици и Картер беше љубознал да дознае што созданија ќе да се; зашто здрав народ никогаш немаше стапнато во Ленг и за местото се знае само преку неговите огнови и камени колиби здогледани оддалеку. Многу споро и тромаво рипаа тие форми и со лудо кривоколчење и виткање што не беше арно за гледање; при што Картер не се зачуди зошто во магливите легенди им се препишува чудовишно зло или зошто страв ги стега сите во земјата на соништата од оваа ненависна смрзната висорамнина. Како што шантакот се спушташе пониско, одбивноста на играчите беше обоена со извесна пеколна познатост; и затвореникот ги напрегаше очите и си ја чукаше главата за некоја трага за тоа каде претходно беше видел вакви суштества.

Рипаа како да имаа копита наместо нозе и се чинеше дека носат некаква перика или украс за глава со мали рогови. Од друга облека не носеа ништо, но повеќето беа мошне влакнести. Одзади имаа џуџести опашки и кога се испулија нагоре им ја виде прекумерната ширина на устите. Тогаш сфати кои се и дека сепак не носат ни перики ни украси за глава. Зашто криптичниот народ од Ленг беше од иста раса со неугодните трговци од црните галии кои тргуваа со рубини во Дилат-Лин; тие не баш човечки трговци кои им се робови на чудовишните месечеви нешта! Беше всушност истиот оној мрачен народ кој пред толку време го беше грабнал Картер на нивната опора галија и чии сродници ги беше видел како се терани во стада низ нечистите докови на тој клет лунарен град, со помршавите како ‘рмбаат, а подебелите како се одведени во сандаци за другите потреби на нивните полипести и бесформни господари. Сега виде од каде доаѓаа тие нејасни суштества и му поминаа морници од помислата дека Ленг мора да им е позната на овие безоблични грозотии од месечината.

Но шантакот ги одмина огништата и камените колиби и не толку човечките играчи и прореа над штирни ридови од сив гранит и притулени пустелии од карпи и мраз и снег. Дојде ден и светлозрачноста на ниските облаци беше одменета од магливиот самрак на тој северен свет, но и понатаму поганата птица намерено крилеше низ студот и тишината. Повремено косоокиот зборуваше со атот на ненавистен и грлен јазик и шантакот одговараше со кркотливи тонови кои стружеа како гребење врз матирано стакло. Земјата постојано сѐ повеќе се издигаше и најпосле стигнаа до едно од ветер исшибано плато кое се чинеше небаре е покривот на срозан и бескуќен свет. Таму, осамени среде стишеноста и примракот и студот, се издигаа недоличните камења на една куса беспрозорна градба, околу којашто стоеше круг од груби монолити. Во сиот овој распоред немаше ништо човечко и Картер претположи од старите сказни дека беше дошол до најстравотното и најлегендарното од сите можни места, отсечениот и праисториски манастир во којшто непридружен домува врховниот свештеник кој не смее да се опишува, кој носи жолта свилена маска врз лицето и им се моли на Другите Богови и нивниот ползечки понор Нјарлатотеп.

Поганата птица се спушти на земјата и косоокиот скокна и му помогна на заробеникот да се истовари. Целта на грабнувањето на Картер сега му беше доста јасна; зашто беше јасно дека косоокиот трговец е посредник на замрачените сили, желен да пред своите господари довлечка смртник чија наметливост цели да го најде незнајниот Кадат и каже молитва пред лицата на Великите во ониксниот им замок. Се чинеше доста веројатно дека овој трговец го беше причинил и неговото претходно заробување од страна на робовите на месечевите нешта во Дилат-Лин и дека сега намераваше да го стори она што мачките спасители го беа сузбиле; да ја однесе жртвата на некоја фрасна видувачка со чудовишниот Нјарлатотеп и да раскаже со каква дрскост беше бил направен обидот за наоѓањето на незнајниот Кадат. Ленг и студената пустелија северно од Инганок сигурно се близу до Другите Богови и таму премините до Кадат се будно вардени.

Косоокиот беше мал, но големата хипоцефална птица беше тука да се осигура дека заповедите ќе му се слушаат; па Картер тргна накај што го водеше и зачекори во кругот од исправени камења и влезе во нискозасводената врата на тој беспрозорен камен манастир. Внатре немаше светла, но злобниот трговец запали мала глинена ламба исшарана со морбидни барелјефи и го закошка затвореникот низ лавиринти од тесни развртени коридори. На ѕидовите на коридорите беа насликани стравотни сцени постари од историјата и во стил непознат за археолозите од земјата. По неброени раздобја пигментите сѐ уште им блескаа, зашто студот и сувотијата на одвратната Ленг одржува во живот многу првобитни нешта. Картер ги забележа само миговно на зраците на таа притулена и подвижна ламба и морници му поминаа од сказната која ја раскажуваа.

Од тие архаични фрески демнеа летописите на Ленг; и рогатите, копитни и широкоусти скоролуѓе злобно играа среде заборавени градови. Имаше сцени од стари војни, во коишто скоролуѓето од Ленг се тепаа со надуените морави пајаци од соседните долови; и имаше и сцени од доаѓањето на црните галии од месечината и од потчинувањето на луѓето од Ленг од страна на полипестите и бесформни богохулија кои скокаа и се кашкаа и се врголеа од нив. Тие лизгави сиво-бели богохулија ги обожуваа како богови, ниту некогаш се жалеа кога цели свити од најдобрите и најдебелите мажјаци ќе им беа одведени во црните бродови. Чудовишните месечеви ѕверови си имаа направено логор на назабеното острово во морето и Картер можеше да познае од фреските дека тоа беше токму онаа осамена безимена карпа којашто ја беше видел кога пловеше за Инганок, таа сива клета карпа од којашто поморците од Инганок бегаа и од којашто цела ноќ одекнуваа погани завивања.

И во тие фрески беше прикажано и големото морско пристаниште и престолнина на скоролуѓето; гордо и застолбено измеѓу гребените и базалтните докови и чудесно со високи теќиња и изрезбарени места. Големи градини и улици со диреци се протегаа од гребените и од секоја од шесте сфингокрунисани порти, до еден масивен средишен мегдан и на тој мегдан имаше чифт крилати колосални лавови кои го вардеа врвот на едно подземно скалиште. Безброј пати беа прикажани тие огромни крилати лавови, со грамадните им страни од диорит како им блескаат на сивиот самрак на денот и облачната светлозрачност на ноќта. И како што Картер се препинаше крај нивните чести и исповторени слики најпосле му текна што всушност беа и кој беше градот со којшто скоролуѓето толку древно беа владееле пред доаѓањето на црните галии. Немаше грешка, зашто легендите во сонишната земја се бујни и обилни. Неспорно беше дека тој првобитен град не е било кое место, туку Саркоманд од сказните, чии урнатини милион години се беа печеле под сонцето пред првиот прав човек да прогледа и чии двојни титански лавови вечно ги вардат скалилата кои водат прудолу од земјата на соништа до Големиот Понор.

Други видици ги прикажуваа шкобавите сиви врвови кои го делат Ленг од Инганок и чудовишните шантак-птици кои се гнездат на испакнатините на полпат до висините. А ги прикажуваа и своевидните пештери близу највисоките планински заби и како дури и најбодрите шантаци бегаат од нив врескајќи. Картер ги беше видел тие пештери кога поминуваше над нив и им ја беше забележал сличноста со пештерите на Нгранек. Сега му беше јасно дека сличноста не е само случајна, зашто во овие слики беа прикажани нивните стравотни населеници; и тие лилјачки крилја, свиени рогови, опашки кои завршуваа со ченгел, шаколики шепи и гуменести тела не му беа невидени. И претходно ги беше сретнал тие суштества што саде ќутат, војваат и се чипчат; тие безумни чувари на Големиот Понор на кои дури и Великите им се плашат и кои за владар го немаат Нјарлатотеп, туку ветвиот Ноденс. Зашто тоа беа застрашувачките ноќни шкобавци, кои никогаш не се смеат или насмевнуваат, бидејќи немаат лица и кои бескрајно пласкаат низ мракот измеѓу долот Пнат и премините до надворешниот свет.

Косоокиот трговец го кошна Картер во еден голем закуполен простор чии ѕидови беа изрезбарени со потресни барелјефи и чии центар содржеше зјајната кружна јама опкружена со шест пакосно исфлекани камени олтари поставени во обрач. Немаше светлина во оваа масивна и врломирисна крипта и малата ламба на зловесниот трговец светеше толку мекушаво што подробностите можеа само малку по малку да се распознаат. На подалечниот крај имаше висок камен подиум до кој се стигаше преку пет скалила; и таму на златен престол седеше трдулава фигура зарубена во жолта свила обружана со црвено и со жолта свилена маска врз лицето. Косоокиот кон ова создание направи извесни знаци со рацете и демначот во мракот одговори со подигање на една одвратно изрезбарена флејта од филдиш во свилозавиените шепи и фркајќи извесни намразени звуци од под лелеавата жолта маска. Ваквиот муабет продолжи извесно време и Картер осети некоја згнасувачка познатост во звукот на таа флејта и реата на баздливото место. Го натера да помисли на стравотен црвеноосветлен град и на одбивната поворка која еднаш се беше изредила низ него; на тоа, а и на едно страшно искачување преку лунарни селски предели, пред спасоносниот налет на пријателските земјини мачки. Знаеше дека суштеството на подиумот несомнено е врховниот свештеник кој не смее да се опишува, за којшто легендите шепотат такви вражји и абнормални можности, но му беше страв да помисли што точно би можел да е тој ненавистен свештеник.

Тогаш обружаната свила се подлизна од една од сиво-белите шепи и Картер спозна што е тој опор врховен свештеник. И во таа одвратна секунда чист страв го спотна кон нешто што здравиот разум никогаш немаше да му даде да го проба, зашто во сета негова потресена свест имаше простор само за една трескавична усилба да избега од она што клечеше на тој златен престол. Знаеше дека безнадежни лавиринти од камен се протегаа измеѓу него и студеното плато надвор и дека дури и на тоа плато сѐ уште го чека дегутантниот шантак; но и покрај сето ова во умот му беше само моменталната потреба да избега од тоа разврголено, свилозарубено страшилиште.

Косоокиот ја положи своевидната ламба врз еден од високите и подмолно исфлекани олтарни камења крај јамата и појде малку понапред за да зборува со рацете со врховниот свештеник. Картер, дотогаш потполно пасивен, со сета сила присобрана од разузданиот страв се вдаде и го турна човекот, па жртвата веднаш се струполи во тој зјајнат бунар за кој гласини велат дека се протега до пеколните Темници на Зин кај што гуги ловат натемници во мракот. Во скоро истата секунда ја зграпчи ламбата од олтарот и јурна кон фрескосаните лавиринти, растрчувајќи се наваму-натаму набавтана и обидувајќи се да не мисли на скоро нечујното тапкање на безоблични шепи врз камењата зад него или на тивкото врголење и лазење кое сигурно се случува низ тие задни неосветлени коридори.

По неколку мигови се покаја за непромисленото вјасање и посака да му текнеше да се врати наназад следејќи ги фреските кои ги имаше поминато на доаѓање. Вистина, беа толку испомешани и исповторени што не ќе да му беа од некоја голема корист, но сепак посакуваше да се беше обидел. Оние кои сега ги гледаше беа уште поужасни од оние кои ги беше видел претходно и знаеше дека не се наоѓа во коридорите кои водат кон надвор. Со тек на време стана уверен дека не го следи никој и си го подуспори чекорот; но таман зеде душа, кога го спопадна нова беља. Ламбата почна да му линее и наскоро ќе е среде црна темница без начин да гледа или да се води.

Кога светлината потполно ја снема полека се распипа во мракот и им се помоли на Великите да му пружат некоја помош, ако им се види арно. Повремено го чувствуваше камениот под како се коси нагоре-надолу и еднаш се спрепна на едно скалило за коешто не се чинеше дека има причина да постои. Колку подалеку одеше толку поспарно се чинеше, и кога ќе осетеше разделница или устие на некој страничен премин секогаш го бираше патот кој најмалку се навалуваше кон долу. Меѓутоа, осеќаше дека општиот правец го носи надолу; а и темничарскиот мирис и наслагите на мрсните ѕидови и подот го предупредуваа дека рова длабоко во неугодното плато на Ленг. Но немаше предупредување за она што најпосле го начека; саде самото нешто со својот терор и потрес и вомјазувачки хаос. Еден миг споро се распипуваше преку лизгавиот под на едно скоро водорамно место, а наредниот вртоглаво пролетуваше прудолу во мракот низ дувло коешто сигурно беше скоро вертикално.

За должината на тоа одвратно лизгање никогаш не можеше да е сигурен, но се чинеше дека трае долги часови на замајано гадење и вртоглава грозничавост. Тогаш сфати дека е запрен, со светлозрачните облаци на северната вечер болежливо сјајнати над него. Насекаде имаше сронати ѕидини и испокршени столбови и плочникот на којшто лежеше беше продупен од раштркани тревишта и растргнат од чести џбунови и корење. Зад него, базалтен гребен се издигаше безврвно и ортогонално; со мрачната страна извајана во одбивни сцени и продупена со засводен и изрезбарен влез во внатрешната црнотија од којашто беше излегол. Пред него се протегаа двојни редици диреци и одломки и постаменти од диреци, кои раскажуваа за широк и дамнински сокак; и од урните и басените по патот дозна дека беше бил голем градински сокак. Далеку при крајот, диреците се разделуваа обележувајќи масивен кружен мегдан и во тој отворен круг, џиновски под нападните ноќни облаци демнеше чифт чудовишни нешта. Огромни лавови од диорит беа, со црнотија и сенка помеѓу нив. Цели дваесет стапки им беа извишени гротескните и нескршени глави и подбивно им ‘ржеа на урнатините околу нив. И Картер многу убаво знаеше што ќе да се, зашто легендите зборуваат само за едно такво рало. Беа непроменливите чувари на Големиот Понор, а овие мрачни урнатини всушност беа првобитниот Саркоманд.

Првиот чин на Картер беше да го затвори и забарикадира засводениот премин во гребенот со паднати блокови и разноразен шут што го изнајде од околу. Не сакаше никој од ненависниот манастир на Ленг да фати да го следи, зашто на патот што допрва го чека ќе го демнат доволно други опасности. Како да стигне од Саркоманд до населените делови на сонишниот свет воопшто не знаеше; ниту пак имаше многу фајде да се спушта во шуплините на гробождерите, зашто знаеше дека и тие не беа поарно запознати од него. Трите гробождери коишто му беа помогнале да мине низ градот на гугите до надворешниот свет не знаеја како да стигнат до Саркоманд при патувањето за назад, туку беа со ниет да ги прашаат старите тргувачи во Дилат-Лин. Не сакаше да мисли на повторен влез во закопаниот свет на гугите и пак да ја одважува таа пеколна кула на Кот со киклопејските скалила кои водеа до маѓепсаната корија, но му се чинеше како да ќе мора повторно да го фати тој пат ако сѐ друго падне во вода. Преку висорамнината на Ленг, крај осамениот манастир, не се осмелуваше да оди без ничја помош; зашто емисарите на врховниот свештеник мора да се многу на број, а на крајот на патувањето бездруго ќе мора да излезе на крај и со шантаците, а можеби и со други нешта. Ако успее да најде брод можеби би можел да доплови до Инганок крај назабената и одвратна карпа во морето, зашто првобитните фрески во манастирскиот лавиринт покажуваа дека тоа стравотно место не се протега многу далеку од базалтните кејови на Саркоманд. Но да најде брод во овој со раздобја напуштен град не беше изгледна работа, а и не се чинеше многу веројатно дека би успеал сам да си направи.

Такви му беа мислите на Рендолф Картер кога еден нов впечаток почна да му лупа врз умот. Дотогаш, пред него постојано се беше протегала големата лешовидна ширина на баснословниот Саркоманд со црните искршени диреци и разронети сфингокрунисани порти и титански камења и чудовишни крилати лавови наспроти болежливата светлост на тие светлечки ноќни облаци. Сега, од далеку пред него и кон десно виде светлост која облаците не можеа да ја објаснат и уочи дека не е сам во тишината на тој мртов град. Светлоста недоследно растеше и замираше, треперејќи со зеленикава обоеност којашто не му влеваше надеж на гледачот. И кога крадешкум се приближи, по растурената улица и низ некои тесни јазови помеѓу срушените ѕидови, воочи дека е логорски оган крај доковите со многу нејасни форми мрачно нагроздени околу него и смртоносна миризба што натежнато висеше над сѐ. Зад него беше мрсното шлапање на сидришните води со еден голем засидрен брод и Картер запре од чист уплав кога виде дека бродот всушност е еден од стравотните црни галии од месечината.

Тогаш, токму кога сакаше крадешкум да се повлече од тој презрив пламен, забележа мрдање меѓу нејасните мрачни облици и чу сперлив и непогрешлив звук. Беше исплашеното цвилење на гробождер, и за миг се поду во прав хор на страдание. Иако беше безбеден во сенката на чудовишните урнатини, Картер си дозволи да љубопитноста му надвладее над стравот и повторно пролази нанапред наместо да отстапи. Еднаш, при преминувањето на една отворена улица врголеше на стомак небаре црв, а на едно друго место мораше да стане на нозе за да не прави врева меѓу некои купишта паднат мермер. Но постојано му успеваше да избегне да го откријат, па за кратко време си најде поволно место зад еден титански дирек од кај што можеше да ја гледа целата зеленоосветлена сцена на дејствие. Таму, околу одвратен оган потхранет од дегутантни стебла на лунарни габи, клечеше смрдлив круг жаболики месечеви ѕверови и нивните скорочовечки робови. Некои од тие робови вжештуваа своевидни железни копја во разиграните пламени јазици, повремено применувајќи ги усвитените врвови врз тројца затвореници кои распретано лежеа пред челниците на трупата со цврсто врзани раце и нозе. Од движењето на нивните пипала Картер можеше да види дека тапомуцкавите месечеви ѕверови страшно уживаа во приредбата и масивен му беше ужасот кога одненадеж го препозна поулавеното цвилење, и сфати дека страдните гробождери се токму онаа верна тројка која безбедно го беше изнела од понорот и потоа беше тргнала кон маѓепсаната корија да го најде Саркоманд и портата до родните длабини.

Бројот на баздливи месечеви ѕверови околу тој зеленикав оган беше многу голем и Картер увиде дека во тој момент не може да направи ништо за да си ги куртули некогашните сојузници. Како ли биле заробени гробождерите, не му паѓаше на памет; но сѐ му се чинеше дека сивите жаболики богохулија ги беа чуле како се распрашуваат во Дилат-Лин за патот до Саркоманд и не сакале да ги пуштат да толку близу ѝ пријдат на ненависната висорамнина Ленг и на врховниот свештеник кој не смее да се опишува. Накратко се подума што е најарно да стори и си припомна колку е близу до портата на црното кралство на гробождерите. Беше јасно дека најпаметно е да се прикраде кон исток до мегданот со двојни лавови и веднаш да се спушти во бездната, каде што сетики не ќе сретне ужасии поголеми од оние на горната страна и каде што можеби наскоро би успеал да најде гробождери желни да си ги спасат побратимите и можеби и да ги збришат месечевите ѕверови од црните галии. Му текна дека капијата, како и другите порти до понорот, можеби е вардена од јата ноќни шкобавци; но сега не им се плашеше на овие безлични суштества. Беше дознал дека се поврзани за гробождерите преку строги примирја и гробождерот кој беше бил Пикман го имаше научено како да исплапоти една лозинка која можеа да ја разберат.

Така Картер одново фати тивко да лази низ урнатините, приближувајќи се малку по малку до големиот средишен мегдан и крилатите лавови. Пипава работа беше, но месечевите ѕверови беа пријатно зафатени и не ги чуја леките звуци кои на двапати случајно ги направи помеѓу раштрканите камења. Најпосле го достигна отворениот простор и се промолкна низ спечените дрва и драки кои таму имаа изнараснато. Џиновските лавови стравотно демнеа од над него во болежливата светлост на светлозрачните ноќни облаци, но сепак продолжи машки да се пробива кон нив и им се прикраде до лицата, знаејќи дека на таа страна ќе ја најде грамадната темница која ја вардат. На десет стапки еден од друг беа укутарени потсмешливоликите ѕверови од диорит, мрштејќи се врз киклопејски постаменти чии страни беа изделкани во застрашувачки барејлефи. Измеѓу нив имаше поплочен плоштад со средишен простор кој на времето беше бил ограден со балустери од оникс. На полпат во просторот имаше отворено црн бунар и Картер набрзо увиде дека навистина ја беше достигнал зјајнатата бездна чии закоравени и мувлосани камени скалила водеа прудолу до кошмарните крипти.

Стравотно е сеќавањето на тој мрачен спуст, за време на којшто часовите мачно се нижеа додека Картер безгледно и непрестајно вртеше ли вртеше по несознаен вител од стрмни и лизгави скали. Толку беа излижани и тесни скалилата и толку мрсни од слузта на внатрешната земја, што качувачот никогаш не знаеше кога да очекува безздивен пад и лет прудолу до крајните јами; и беше исто толку несигурен за тоа кога или како чуварите на ноќните шкобавци ненадејно ќе му срипаат, ако воопшто имаше поставено чувари во овој првобитен премин. Насекаде околу него се ширеше загушливата миризба на адски бездни и имаше чувство дека воздухот во овие задушувачки длабини не е створен за човештвото. Со тек на време стана отрпнат и сонлив, движејќи се повеќе од самодвигателски порив одошто од разумна волја; а ниту, пак, воочи некаква промена кога потполно престана да се движи, кога нешто тивко го зграпчи одзади. Секавично леташе низ воздухот уште пред злонамерните скокоткања да му навестат дека гуменестите ноќни шкобавци си ја беа исполниле должноста.

Расонет од фактот дека се наоѓа во студениот, мокар заграб на безличните првкачи, Картер се сети на лозинката од гробождерите и ја заплапоти најгласно што можеше среде ветерот и хаосниот лет. Макар што се вели дека ноќните шкобавци се безумни, учинокот беше моментен; зашто скокоткањето уште веднаш престана и суштествата поитаа да го преместат заробеникот во поудобна положба. Вака охрабрен, Картер се проба да им ги објасни работите; кажувајќи им за грабнувањето и мачењето на три гробождери од страна на месечевите ѕверови и за потребата да се собере трупа за да се спасат. Ноќните шкобавци, макар неми, како да му го разбраа зборот; и си го зголемија всајањето и намерноста на летот. Наеднаш, густата црнина беше одменета од сивиот самрак на внатрешната земја и пред нив се отвори една од оние мазни штирни рамнини на коишто гробождерите милуваат да клечат и глодаат. Раштркани надгробни плочи и костени одломки раскажуваа за мештаните на тоа место; и како што Картер оддаде гласно цвилење како итен повик, едно дваесетина дувла си ги изблујаа коравите, кучелики станари. Ноќните шкобавци сега пролетаа ниско и го исправија патникот на нозе, а потоа малку се повлекоа и оформија подгрбавен полукруг на земјата додека гробождерите го поздравија новодојденикот.

Картер секавично и децидно ѝ ја исплапоти пораката на гротескната дружина и четворица уште веднаш заминаа низ различни дувла за да го прошират аберот до другите и да видат што војска ќе може да се собере за спасувањето. По долго чекање се појави еден мошне истакнат гробождер и им даде значајни знаци на ноќните шкобавци, спотнувајќи со тоа двајца од нив да одлетаат во мракот. Оттогаш настапија постојани привнесувања на подгрбавеното јато ноќни шкобавци на рамнината, додека најнакрај лигавата почва беше мошне поцрнета од нив. Во меѓувреме пресни гробождери еден по еден долазуваа од дувлата, сите возбудено плапотејќи и строејќи се во груби борбени редови недалеку од скупчените ноќни шкобавци. Со тек на време се појави и тој горд и влијателен гробождер кој на времето беше бил уметникот Ричард Пикман од Бостон и нему Картер му исплапоти целосна изјава за она што се беше случило. Доскорешниот Пикман, изненаден што пак се зачекува со древниот му пријател, се чинеше мошне воодушевен и одржа собор со другите поглавари малку понастрана од сѐ поголемиот калабалак.

Најпосле, откако грижливо го одмерија стројот, насобраните главатари едногласно цвилнаа и почнаа да им плапотат наредби на толпата гробождери и ноќни шкобавци. Еден голем одред од рогатите летачи уште веднаш го снема, а останатите се групираа две по две спуштајќи се на коленици со испружени предни нозе, чекајќи го приоѓањето на гробождерите, еден по еден. Како што секој гробождер стигаше до чифтот ноќни шкобавци што му беше доделен, беше вивнат и однесен во црнината; додека најпосле не изчезна сиот калабалак, освен Картер, Пикман и другите главатари и неколку чифта ноќни шкобавци. Пикман објасни дека ноќните шкобавци се авангардата и борбените атови на гробождерите и дека војската се упатува кон Саркоманд за да се справи со месечевите ѕверови. Тогаш Картер и гробождерските поглавари им пријдоа на спремните носачи и беа вивнати во мокри, лизгави шепи. Уште наредниот миг сите виореја среде ветер и темница; бескрајно нагоре, нагоре, нагоре до портата на крилатите лавови и призрачните урнатини на првобитниот Саркоманд.

Кога, по голем временски отсек, Картер повторно ја виде болежливата светлина на ноќното небо над Саркоманд, го соѕре големиот средишен мегдан како врие од завојувани гробождери и ноќни шкобавци. Сигурен беше дека, кај да е, треба да фати ден; но толку беше силна војската што и не беше требно да непријателот се изненадува. Зеленикавиот блесок крај доковите сѐ уште бледо зрачеше, макар што отсуството на гробождерско цвилење покажуваше дека мачењето на затворениците, сега за сега, е завршено. Тихо плапотејќи им наредби на атовите и на јатото нејавнати ноќни шкобавци понапред, гробождерите одеднаш се издигнаа во широки, брмчави колони и се истурија преку тмурните урнатини кон злобниот пламен. Картер сега беше крај Пикман во првиот борбен ред гробождери и виде, како што наближуваа до опориот логор, дека месечевите ѕверови се потполно неспремни. Трите заробеници лежеа врзани и неподвижни крај огнот, додека нивните жаболики грабнувачи дремливо беа испонавалени без некаков си ред. Скорочовечките робови спиеја, дури и вардачите забошотувајќи си ја должноста која во ова царство бездруго им се чинеше како чиста рутина.

Последниот налет на ноќните шкобавци и јавнати гробождери настапи потполно одненадеж, па секое од сивите жаболики богохулија и сите нивни скорочовечки робови беа зграпчени од група ноќни шкобавци пред било каков звук да се чуе. Месечевите ѕверови, се разбира, беа безгласни, а дури и робовите непара имаа можност да вреснат пред гуменестите шепи да ги задават во тишина. Ужасни беа претањата на тие големи пивтиести абнормалности како што зајадливите ноќни шкобавци се чипчеја за нив, но ништо не помагаше против силата на тие црни шаколики канџи. Кога некоја месечева ѕверка пренасилно ќе запреташе, ноќниот шкобавец ќе ѝ ги зграпчеше и потегнеше стрпнатите розеви пипала; што се чинеше дека е толку болно што жртвата прекинуваше со опирање. Картер очекуваше да види голем колеж, но увиде дека гробождерите се далеку попрефригани во плановите. Само ќе им заплапотеа извесни едноставни наредби на ноќните шкобавци кои ги држеа плениците, а остатокот му го препуштаа на природниот нагон; и набрзо страдните суштества тивко беа одведени во Големиот Понор, за непристрасно да им се раздадат на болите, гугите, натемниците и другите домувачи на темнината чиишто режими на исхрана не се безболни за избраните им жртви. Во меѓувреме трите врзани гробождери беа ослободени и згрижени од победоносните сродници, додека многубројни трупи ја пребаруваа околината за можни останки од месечевите ѕверови и се качуваа на врломирисната црна галија на докот да се осигураат дека ништо се нема спасено од општиот пораз. Како што и се очекуваше, излезе дека опсадата беше била темелна; зашто ни знак од останат живот не можеа да уочат победниците. Картер, желен да си зачува начин на пристап до другите делови на сонишната земја, ги помоли да не ја потопуваат засидрената галија; и ова барање веднаш му беше исполнето од благодарност за чинот на пријавување на таксиратот на заробената тројка. На бродот беа најдени некои мошне своевидни предмети и украси, некои од коишто Картер веднаш ги фрли в море.

Гробождерите и ноќните шкобавци сега се подредија во посебни групи, првите барајќи им на спасените побратими такрир за дотогашните збиднувања. Се воспостави дека трите го беа следеле напатствието на Картер и тргнале од маѓепсаната корија кон Дилат-Лин преку Нир и Скаи, крадејќи човечки алишта од некој осамен салаш и грабадинајќи колку што можат повеќе по тертипот на одот на луѓето. Во крчмите во Дилат-Лин, нивните гротескни табиети и лица побудиле доста муабети; но тие и понатаму упорно се распрашувале за патот до Саркоманд, сѐ додека најпосле некој стар патник не им го кажал. Тогаш дознале дека од полза ќе им е само брод за Лелаг-Ленг и се подготвиле трпеливо да чекаат такво пловило.

Но јазиците на злобните шпиони несомнено играле; зашто за брзо во пристаништето доедрила црна галија и широкоустите трговци со рубини ги поканиле гробождерите да пијат со нив во некоја крчма. Извадено било вино од едно од оние зловесни шишиња гротескно изрезбарени од едно парче рубин, и веднаш потоа гробождерите се нашле заробени на црната галија како што и Картер на времето се беше нашол. Меѓутоа, овој пат, невидените веслачи не фатиле кон месечината, туку кон античкиот Саркоманд; очевидно со ниет да ги однесат плениците пред врховниот свештеник кој не смее да се опишува. Ја стигнале назабената карпа во северното море од која бегаат морепловците на Инганок и гробождерите за првпат таму ги беа виделе вистинските стопани на бродот; при што им се згадило, и покрај сопствената им коравост, од тие крајности на злоќудна безобличност и застрашувачка миризба. А таму ги посведочиле и безимените разоноди на жаболикиот гарнизон од тоа место - разоноди кои ги покреваат ноќните виења од кои луѓето се плашат. Потоа дошло закотвувањето во срушениот Саркоманд и почетокот на мачењето чие продолжување тогашното спасување го беше спречило.

Наредно се зборуваше за претстојните планови, со тоа што трите спасени гробождери предложија рација на назабената карпа и истребување на тамошниот жаболик гарнизон. Ноќните шкобавци, меѓутоа, дадоа приговор на ова; зашто помислата на летање преку вода не им беше баш по ќеф. На повеќето гробождери им се допадна ниетот, но не им фаќаше ум како да го проследат без помош на крилатите ноќни шкобавци. Притоа Картер, гледајќи дека не знаат да управуваат со закотвената галија, се понуди да ги научи како се користат големите редици весла; предлог на којшто од сѐ срце се согласија. Беше дошол сивиот ден и под тоа оловно северно небо избран одред гробождери се изреди во опориот брод и седна на веслачките клупи. Картер виде дека брзо им фаќа кликерот и уште пред да се замрачи ги поведе на неколку пробни кругови околу сидриштето. Но дури по три дена заклучи дека ќе е безбедно да се испроба освојувачката пловидба. Тогаш, со веслачите изучени и ноќните шкобавци натоварени на сигурно во кастелот на бродот, трупата најпосле заплови; со Пикман и другите главатари собрани на палубата разговарајќи за режимот на пристап и процедурите.

Уште на првата ноќ се расчуја виењата од карпите. Темброт им беше таков што сиот екипаж на галијата видливо се стресе; но најмногу трепереа трите спасени гробождери кои точно знаеја што значат тие завивања. Не се сметаше за паметно да се обидат да нападнат навечер, па останаа со бродот под светлозрачите облаци да ја почекаат зората на сивкастиот ден. Кога светлината беше обилна и завивањата замреа веслачите пак се фатија за веслата и галијата почна сѐ повеќе и повеќе да се приближува до назабената карпа чии гранитни заби фантастично се грабаа кон загаситото небо. Страните на карпата беа многу стрмни; но врз чести испакнатини можеа да се догледаат вбрекнатите ѕидови на настрани беспрозорни жилишта и ниски ракофати што порабуваа добро изгазени друмови. Ниеден човечки брод не се беше имал толку приближено до местото, или барем, не се беше имал толку приближено и потоа вратено назад; но Картер и гробождерите не знаеја за страв и непоместливо итаа нанапред, заобиколувајќи го источното лице на карпата и барајќи ги доковите кои спасената тројка ги опиша дека биле на јужната страна во сидриште створено од стрмни ‘ртови.

‘Ртовите беа издолжувања на главниот остров и толку се приближуваа еден до друг што имаше место колку за само еден брод да помине меѓу нив. Се чинеше како да нема вардачи однадвор, па галијата бодро заплови низ теснецот налик на проточен канал, кон застојаното реаво сидриште на другата страна. Меѓутоа, таму вриеше како во кошница; со неколку засидрени бродови долж еден намрштен камен кеј и цели свити скорочовечки робови и месечеви ѕверови крај крајбрежјето, растоварајќи сандаци и кутии или терајќи безимени и баснословни ужасии впрегнати во тромави колички. Се гледаше мала камена паланка изделкана во вертикалниот гребен над доковите и почеток на развртен пат кој се вителеше надвор од видик до повисоките испакнатини на карпата. Што се наоѓа во тој грамаден гранитен врв никој не знаеше да каже, но нештата што можеа да се видат однадвор беа сѐ, само не охрабрувачки.

Штом ја здогледаа галијата како наближува, толпата по доковите забележливо се размрда; оние со очи втренчено зјапајќи, а оние без очи исчекувачки врголејќи со розевите пипала. Се разбира, не знаеја дека посадата на црниот брод се беше сменила; зашто гробождерите мошне личат на рогатите и копитни скоролуѓе, а ноќните шкобавци беа спастрени долу, да не се гледаат. Дотогаш челниците веќе во целост имаа изготвено план; кој се состоеше од тоа да ги ослободат ноќните шкобавци штом го достигнат докот и потоа веднаш да отпловат, целосно препуштајќи ги работите на природните нагони на тие скоро безумни суштества. Парасани на карпата, рогатите летачи сигурно прво ќе ги зграпчат сите живи нешта што ќе ги најдат, а потоа, потполно неспособни да мислат на ништо друго освен на вродениот нагон да се вратат дома, ќе си го заборават стравот од водата и молскавично ќе одлетаат кон понорот; носејќи си го опориот плен до соодветни одредишта во мракот, од коишто малку нешта би спасиле жива глава.

Гробождерот што беше бил Пикман тогаш се симна долу и им ги зададе едноставните упатства на ноќните шкобавци, додека бродот сѐ повеќе ближеше до кобните и смрдливи докови. Одеднаш започна пресно врвулење долж крајбрежјето и Картер увиде дека движењата на галијата беа почнале да изнудуваат сомнежи. Очевидно, кормиралот не се упатуваше кон соодветниот док и најверојатно гледачите ја беа забележале разликата помеѓу одвратните гробождери и скорчовечките робови чии места ги имаа преземено. Сигурно била дадена некаква нечујна тревога, зашто скоро одеднаш цела орда морни месечеви ѕверови се истури од црните вратничиња на беспрозорните куќи, по развртениот пат од десно. Дожд од своевидни џилити ја удри галијата како што прамецот удри во докот, покосувајќи два гробождери и задавајќи му полесни рани на трет; но дотогаш сите катари беа разотворени испуштајќи црн облак од брмчави ноќни шкобавци кои нагрвалија врз паланката како јато рогати и киклопејски лилјаци.

Пивтиестите месечеви ѕверови се имаа дограбано до еден голем сарак и се обидуваа да го оттурнат окупаторскиот брод, но кога ноќните шкобавци ги спопаднаа, оставија и сарак и сѐ. Застрашувачко собитие беше да се гледаат тие безлични и гуменести скокоткачи како се разонодуваат и извонредно впечатливо беше да се набљудува нивниот густ облак како се шири низ паланката по развртениот друм, сѐ до горните пространства. Повремено на некоја група црни првкачи ќе ѝ се испуштеше по грешка по некој жаболик заробеник од високо и начинот на којшто жртвата прскаше беше претерано неподнослив за очи и нос. Кога последните ноќни шкобавци ја напуштија галијата гробождерските челници исплапотија наредба за повлекување и веслачите тивко излегоа од сидриштето помеѓу сивите ‘ртови додека градот сѐ уште беше во хаос од борба и освојување.

Гробождерот Пикман им остави неколку саати на едноставноумните гробождери да се подумаат и да си го надвладеат стравот од летање преку море и ја запре галијата на околу милја од назабената карпа додека чекаше и им ги преврзуваше раните на повредените. Падна ноќ и сивиот самрак беше одменет од болежливата светлозрачност на ниските облаци и челниците постојано гледаа кон високите врвови на таа клета карпа да видат некоја трага од летот на ноќните шкобавци. Пред мугрите, црна дамка се појави страшливо лебдејќи над највишниот заб, и набрзо дамката се претвори во рој. Пред да пукне ден, ројот како да се раштрка и за четврт час потполно го снема во далечините кон североисток. Еднаш-двапати нешто како да падна во морето од проретчениот рој; но Картер не береше гајле, бидејќи знаеше, одошто имаше видено, дека жаболиките месечеви ѕверови не знаат да пливаат. Најнакрај, кога гробождерите се осигураа дека сите ноќни шкобавци си имаа отидено за Саркоманд и Големиот Понор со несреќниот им товар, галијата пак доедри до сидриштето измеѓу сивите ‘ртови; и целата одвратна дружина се истовари и љубопитно се рашета преку соголената карпа со кулите и седелата и тврдините изделкани врз самоти камен.

Застрашувачки беа тајните откриени во тие злобни и беспрозорни костурници; зашто останките од незавршени разоноди беа многубројни и во разновидни етапи на линеење од нивната првична состојба. Картер се погрижи за некои нешта коишто сѐ уште, на некој начин, беа живи, а стрмоглаво избега од други за коишто не можеше да биде најсигурен. Смрдените куќи најчесто беа опремени со гротескни столови и клупи издлабени од месечеви дрва и одвнатре беа изнасликани со безимени и трескавични дезени. Насекаде имаше посеано небројни оружја, орудија и китила; вклучувајќи и некои големи идоли од чист рубин кои прикажуваа своеобразни созданија кои ги нема на земјата. Овие, и покрај нивниот материјал, не пробудуваа желба ни за присвојување ни за подолго разгледување; и Картер се погрижи да здроби пет од нив со чекан во многу ситни парченца. Раштрканите копја и џилити ги собра и со одобрение од Пикман им ги раздаде на гробождерите. Ваквите стварови беа нешто ново за кучеликите грабадиначи, но поради нивната релативна едноставност лесно им го зедоа редот откако добија неколку кратки и јасни предлози.

Горните делови на карпата содржеа повеќе храмови одошто приватни домови и во многубројни изделкани одаи најдени беа стравотни изрезбарени олтари и сомнително исфлекани купли и светилишта за обожување на нешта почудовишни од преблагите богови врз Кадат. Од задницата на еден црн храм се протегаше низок црн премин кој Картер го изоде до далеку во карпите со факел сѐ додека не пристигна во неосветлена закуполена сала со масивни размери, чии тавански сводови беа прекриени со демонијачки резби и во чие средиште зјаеше гнасен и безгазерен бунар како оној во одвратниот манастир на Ленг каде што сам клинчи врховниот свештеник кој не смее да се опишува. Од далечната сенишна страна, по опориот бунар, како да му се виде вратниче од чудно искована бронза; но поради некоја причина почувствува необјаснив фрас да го отвори или дури и да му се приближи и со вјасање се врати низ пештерата до неубавите сојузници кои се шантраа наваму-натаму со спокој и безгрижност кои непара можеше сам да ги осети. Гробождерите ги видоа незавршените разоноди на месечевите ѕверови и им го најдоа чарето. Најдоа и бочва силно месечево вино и ја затркалаа кон доковите за да си ја земат и да ја искористат во идни дипломатски преговори, макар што спасената тројка, сеќавајќи се на нејзиниот учинок врз нив во Дилат-Лин, ја предупредија дружината да не пијат. Рубини од лунарните рудници имаше накалапено едночудо, и необработени и ласнати, во еден од темниците близу водата; но кога гробождерите видоа дека не ги бива за јадење изгубија секаков интерес за нив. Картер не се обиде да земе, зашто премногу знаеше за оние кои ги беа ископале.

Одненадеж од гавазите на доковите се разгласи возбудено цвилење и сите намразени џбуркачи ги дигнаа главите од трудот зјапајќи кон морето и гроздејќи се на крајбрежјето. Измеѓу сивите ‘ртови молскавично надоаѓаше пресна црна галија и во секој миг скоролуѓето од бродот ќе ја воочеа окупацијата на паланката и ќе им огласеа тревога на чудовишните нешта под палубата. За среќа гробождерите сѐ уште ги држеа копјата и џилитите кои Картер им ги имаше раздадено; и на негова заповед, поткрепен од созданието што беше било Пикман, направија борбена линија и се спремија да го спречат истоварувањето на бродот. Веднаш потоа, праскот на возбуда на галијата го означи откривањето на променетата состојба на нештата од страна на екипажот и наглото запирање на пловилото докажа дека преовладувачкиот број на гробождери беше забележан и земен предвид. По миговно двоумење новодојденците тивко се завртеа и повторно минаа низ ‘ртовите, но гробождерите ни за миг не помислија дека го избегнале спорот. Или мрачниот брод ќе оди да побара засилување или екипажот ќе се обиде да се истовари на друго место на островот; па затоа трупа извидници уште веднаш беше испратена кон забот за да го провери ниетот на непријателот.

За само неколку минути еден гробождер задишано се врати велејќи дека месечевите ѕверови и скоролуѓето се истовараат веднаш пред поисточниот од нерамните сиви ‘ртови и се качуваат по скриени патеки и испакнатини кои и коза едвај би можела да ги изоди без да падне. Скоро веднаш потоа галијата повторно беше здогледана низ теснецот налик на проточен канал, но само на секунда. Потоа, по неколку мигови, втор гласник добревта од висините да каже дека друга трупа се истоварува на другиот ‘рт; и дека и двете се многу побројни одошто наведувала големината на галијата. Самиот брод, движејќи се споро со само една едвај екипирана редица весла, наскоро се домолкна на видик измеѓу гребените и се засидри во реавото сидриште небаре за да го гледа претстојниот бој и да чека на готово да не затреба за нешто.

Дотогаш Картер и Пикман ги имаа поделено гробождерите во три тарафи, по еден за да ги пресретне двете окупаторски редици и еден за да остане во паланката. Првите два уште веднаш се испентерија по карпите, секој во својата предодредена насока, а третиот беше расцепкан во копнен тараф и морски тараф. Морскиот тараф, предводен од Картер, се качи на закотвената галија и одвесла да ја пресретне слабобројната галија на новодојденците; додека истата се повлекуваше кон отворено море низ теснецот. Картер не се впушти да ја гони уште веднаш, одошто знаеше дека можеби ќе е понеодложно потребен близу паланката.

Во меѓувреме, застрашувачките одреди од месечеви ѕверови и скоролуѓе тромаво се имаа довлечено до врвот на ‘ртот и потресно беа оцртани на обете страни наспроти сивото самрачно небо. Пискавите пеколни флејти на окупаторите сега почнаа да кенкаат и општиот учинок на тие хибридни полубесформни поворки беше исто толку гадлив колку и самата миризба која ја оддаваа жаболиките лунарни богохулија. Тогаш двата тарафи гробождери нагрвалија на видик и се приклучија во оцртаната панорама. Џилити се разлетаа од обете страни и сѐ погласните цвилења на гробождерите и ѕверските виења на скоролуѓето постепено се смешаа со пеколниот пискот на флејтите создавајќи избезумен и неопислив хаос на демонска бучава. Одвреме-навреме по некое тело ќе паднеше од тесните сртови на ‘ртовите во морето однадвор или во сидриштето одвнатре, при што во вториот случај бргу беше вшмукано под површината од извесни подводни демначи чие присуство беше означено само со обилно клокотење.

Пола саат ваквата двојна битка беснееше во небото, сѐ додека на западниот гребен окупаторите не беа целосно разнебитени. Меѓутоа, на источниот гребен, каде што се чинеше дека е присутен челникот на тајфата на месечевите ѕверови, гробождерите не беа минале толку добро; и споро се повлекуваа кон падините на главниот заб. Пикман бргу нареди да се прати засилување на овој фронт од тарафот во паланката и тоа многу помогна во раните етапи на борбата. Потоа, кога западната битка се сврши, победоносните преживеани поитаа да преминат на другата страна и да им појдат напомош на побратимите кои им беа фатени во небрано; променувајќи го текот на битката и присилувајќи ги окупаторите повторно да се повлечат по тесниот срт на ‘ртот. Дотогаш скоролуѓето беа сите испотепани, но последните од жаболиките ужасии жолчно се бореа со големи копја счипчени во моќните и одвратни шепи. Времето за џилити беше скоро поминато и судирот сега се имаше претворено во натпревар гради в гради помеѓу малкумината копјаници кои можеа да се соочат еден спроти друг врз тесниот срт.

Како што јароста и безобѕирноста растеа, бројот на паднати в море стана многу голем. Тие што треснаа в сидриште ги снајде безимено истребување од страна на невидените клокотачи, а од тие што треснаа в море, некои успеаа да допливаат до подножјето на гребените и да се качат на крајбрежните карпи, додека застанатата непријателската галија спаси неколку месечеви ѕверови. Гребените беа неискачливи освен на местото каде што чудовиштата се имаа растоварено, па никои од гробождерите на карпите не можеа пак да ѝ се приклучат на борбената линија. Некои беа убиени од џилити од непријателската галија или од месечевите ѕверови одозгора, но неколкумина преживеаа и дочекаа спас. Кога безбедноста на копнените тарафи се чинеше сигурна, галијата на Картер смело влета помеѓу ‘ртовите и го изгони непријателскиот брод до далеку на отворено море; запирајќи да ги спаси гробождерите кои беа на карпите или кои сѐ уште пливаа во океанот. Неколкуте месечеви ѕверови исфрлени врз карпите или подмолите беа средени по брза постапка.

Најпосле, кога галијата на месечевите ѕверови беше во далечините и безопасна и окупаторската војска насобрана на едно место, Картер истовари значителна војска на источниот ‘рт кај тилот на непријателот; по што судирот заврши за мошне кратко време. Нападнати од обете страни, опорите кашкачи секавично беа испосечени на парчиња или турнати в море, па до квечерина гробождерските главатари се согласија дека островот повторно е исчистен од нив. Во меѓувреме, непријателската галија беше исчезнала; и решено беше дека најарно ќе е ако ја напуштат врлата назабена карпа пред некоја преовладувачка орда на лунарни ужасии да може да се собере и да се донесе против победоносците.

Така, кога се стемни, Пикман и Картер ги собраа сите гробождери и грижливо ги преброија, уочувајќи дека повеќе од една четвртина беа погинале во битките дента. Ранетите беа поставени на легла во галијата, зашто Пикман секогаш им го кудеше стариот гробождерски адет на убивање и јадење на сопствените ранети, а здравите и способни војници беа назначени зад веслата или по други разни места кај што беа најпогодени да помогнат. Под ниските светлозрачни ноќни облаци заплови галијата и на Картер не му беше жал што си оди од тој остров на неугодни тајни, чија несветла закуполена сала со безгазерниот бунар и одбивната бронзена врата неспокојно му се врткаше низ мечтите. В зори бродот пристигна на видик на срушените базалтни кејови на Саркоманд, каде што сѐ уште чекаа неколку од ноќните шкобавци поставени за гавази, клекнати како црни рогати гаргојли врз скршените столбови и сронетите сфинги на тој застрашувачки град кои беше живеел и умрел пред годините на човекот.

Гробождерите поставија логор меѓу паднатите камења на Саркоманд, испраќајќи гласник по доволен број ноќни шкобавци за да им послужат како атови. Пикман и другите главатари на Картер му беа благодарни од мерата надвор за помошта којашто им ја беше пружил; и на Картер сега му се виде дека сите планови му се под конец и дека ќе може да ја повела помошта на овие стравотни сојузници не само при излегување од тој крај на сонишната земја, туку и во доспевањето на крајната потрага по боговите врз незнајниот Кадат и чудесниот залезен град кој толку чудно му го бранеа во соништата. Па така, им ги спомна овие работи на гробождерските челници; кажувајќи им го она што го знаеше за студената пустелија во којашто се издига Кадат и за чудовишните шантаци и за планините изрезбарени во двоглави прикази кои го вардат. Им спомна за стравот на шантаците од ноќни шкобавци и за тоа како масивните хипоцефални птици бегаат со врескање од црните дувла високо на шкобавите сиви врвови кои го делат Инганок од ненависната Ленг. Им спомна и за работите кои ги беше научил во врска со ноќните шкобавци од фреските во беспрозорниот манастир на врховниот свештеник кој не смее да се опишува; за тоа како дури и Великите им се плашат и како нивен владетел всушност не е ползечкиот понор Нјарлатотеп, туку ветвиот и исконски Ноденс, Владар на Големиот Понор.

За сите овие работи Картер им исплапоти на насобраните гробождери и потоа ја произнесе молбата која му беше на ум и која не сметаше дека е одвишна со оглед на услугата која до пред толку скоро им ја беше учинил на гуменестите, кучелики грабадиначи. Многу големо арно ќе му сторат, им рече, ако му дадат доволно ноќни шкобавци за безбедно да го пренесат низ воздухот преку царството на шантаците и изрезбарените планини и пругоре во студената пустелија подалеку од повратните стапки на било кој друг смртник. Посакуваше да одлета до ониксниот замок врз незнајниот Кадат во студената пустелија и да си ја каже пред Великите риџата за залезниот град кој му го бранеа, и беше сигурен дека ноќните шкобавци можат да го однесат дотаму без никаков проблем, високо над бељите по рамнината и над одвратните двојни глави на тие изрезбарени планини-вардачи кои вечно клечат во сивиот примрак. За рогатите и безлични суштества не би имало опасност од ништо на земјата, зашто и самите Велики фрас ги фаќа од нив. А дури и да дојдат некои неочекувани нешта од Другите Богови, кои се склони да ги надгледуваат работите на поблагите богови на земјата, ноќните шкобавци нема чуму да се плашат; зашто надворешните пеколи се безначајни за такви тивки и лизгави летачи кои го немаат Нјарлатотеп за стопан, туку се поклонуваат само пред јакиот и архаичен Ноденс.

Јато од десет до петнаесет ноќни шкобавци, плапотеше Картер, сигурно ќе се доста за да се држи на растојание било каков состав од шантаци; макар што не ќе да е лошо да се има и по некој гробождер во тајфата за да ги повела суштествата, одошто нивните табиети подобро им се познати на гробождерските им сојузници одошто на луѓето. Тајфата би можела да го спушти на некоја згодна точка зад ѕидот на ониксниот кастел, каков и да е тој, чекајќи го во сенките да се врати или да им даде знак, додека врви низ замокот за да им се помоли на боговите на земјата. Ако некои гробождери сакаат да го придружуваат до престолната сала на Великите, би им бил благодарен, зашто нивното присуство би ѝ придало тежина и важност на неговата риџа. Меѓутоа, не би настојувал на ова, туку само сака превоз до и од замокот врз незнајниот Кадат; а крајното патување би било или до самиот чудесен залезен град, ако би да боговите му се смилостат, или назад до земјишната Порта на подлабока дремка во маѓепсаната шума ако би да молитвите му испаднат јалови.

Додека Картер зборуваше сите гробождери слушаа со големо внимание и како што врвеа миговите небото се зацрни од облаци од ноќните шкобавци до кои беа пуштени гласниците. Крилатите ужасии испоседнаа во полукруг околу гробождерската војска, чекајќи со почит додека кучеликите главатари ја разгледуваа желбата на земниот патник. Гробождерот кој беше бил Пикман трезвено плапотеше со побратимите и на крајот на Картер му беше понудено многу повеќе одошто и самиот очекуваше. Како што тој им беше помогнал на гробождерите во тржеството над месечевите ѕверови, така сега и тие нему ќе му помогнеле во смелото патешествие до царства од каде што никој дотогаш се немал вратено; не таксувајќи му саде неколку од сојузничките ноќни шкобавци, ами сета нивна војска од логорот, ем гробождери бојни ветерани ем штотуку насобраните ноќни шкобавци, освен еден мал гарнизон за да ја варди заробената црна галија и она што го беа довеле како плен од назабената карпа во морето. Ќе тргнеле низ воздухот штом ќе му се присакало и кога ќе стигнат на Кадат соодветна тебабија гробождери ќе дошла да го попрати додека си го поднесува харзувалот пред земјините богови во ониксниот им замок.

Трогнат и оставен без зборови од благодарност и задоволство, Картер почна да крои план за срчовната задача со гробождерските челници. Војската ќе полета високо, се одлучија, над одвратната Ленг со нејзиниот безимен манастир и пакосни камени села; запирајќи само на масивните сиви врвови да се состане со шантакоплашните ноќни шкобавци чии гнезда небаре саќе ги прошаруваа тамошните капци. Потоа, според советот што ќе го добијат од тие мештани, ќе ја изберат крајната патека; приоѓајќи му на незнајниот Кадат или преку пустината на изрезбарени планини северно од Инганок или преку посеверните пространства на одбивната Ленг. Како што се кучелики и бездушни, гробождерите и ноќните шкобавци немаа фрас од она што би можело да се открие во тие нестапнати пустини; ниту пак чувствуваа премислувачка стравопочит од помислата на Кадат како самотно се надвиснува со ониксниот замок на загадочност.

Околу ручек, гробождерите и ноќните шкобавци се спремија за лет, секој гробождер избирајќи си соодветен чифт рогати атови за да го носат. Картер го ставија кон челото на колоната крај Пикман и напред пред сите беше поставена двојна линија од нејавнати ноќни шкобавци да служи како авангарда. Штом Пикман отсечно цвилна, целата потресна војска во кошмарен облак се издигна над скршените столбови и разронети сфинги на првобитниот Саркоманд; сѐ повисоко и повисоко, сѐ додека не го поминаа дури и големиот базалтен гребен зад паланката и на видик не им се спростре штирото плато на периферијата на Ленг. Уште повисоко летна црниот аскер, сѐ дури и ова плато не се смали под нив; и додека се движеа кон север преку од ветер исшибаната висорамнина на ужасии Картер повторно низ морници го здогледа кругот од груби монолити и кусата беспрозорна градба која знаеше дека ја содржи таа застрашувачка свиленомаскена богохулија од чии канџи за влакно се беше спасил. Овој пат не беше изведен спуст како што војската лилјачки профучи над штириот пејсаж, поминувајќи ги од многу високо клекавите огнови на неугодното камено село и воопшто не запирајќи да им се попули на морбидните кривоколчења на копитните, рогати скоролуѓе кои вечно играат и свират таму. Еднаш видоа шантак-птица како ниско пролетува преку рамнината, но кога ги здогледа дегутантно вресна и отпавта во гротескна паника кон север.

Во примракот ги достигнаа назабените сиви врвови кои го формираат синорот на Инганок и пролебдија над тие чудни пештери близу капците за кои Картер си припомна дека беа толку застрашувачки за шантаците. Во одговор на настојчивото цвилење на гробождерските челници, од секое вишно дувло се истури цел поток рогати црни летачи; со коишто гробождерите и ноќните шкобавци од тајфата долго се посоветуваа преку грди гестови. Набргу стана јасно дека најпогодна ќе е патеката над студената пустелија северно од Инганок, зашто северните пространства на Ленг се полни со невидени трапови кои ни ноќните шкобавци не ги сакаат; зазорни воздејства со средиштa во извесни бели хемисферни градби врз своевидни баири, кои општиот фолклор непријатно ги поврзува со Другите Богови и нивниот ползечки понор Нјарлатотеп.

За Кадат првкачите од врвовите не знаеја скоро ништо, освен тоа дека на север мора да има некое јако чудо, коешто шантаците и изрезбарените планини го вардат. Загатнаа муабети за абнормалности во сразмерот во тие беспатни милји од отаде и си припомнаа магливи шепоти за царство каде што ноќта вечно дреме; но категорични податоци да понудат немаа. Така Kартер и тајфата учтиво им заблагодарија; и преминувајќи ги најгорните гранитни заби кон небото на Инганок се спуштија под нивото на светлозрачните ноќни облаци, и во далечините ги опулија стравотните клекнати страшилишта кои биле планини сѐ додека некоја титанска рака не им беше издлабила уплав врз девствените карпи.

Седеа таму клекнати, во пеколен полукруг, со нозете врз пустинскиот песок, а со митрите продупувајќи ги светлечките облаци; зловесни, волчји и двоглави, со јаросани лица и кренати десни раце, тапо и злоќудно набљудувајќи го работ на човечкиот свет и со ужас вардејќи ги пространствата на некој студен северен свет кој не е човечки. Од одвратните скутови им полетуваа зли шантаци со слонска снага, но сите тие избегаа со избезумени кркотења кога авангардата на ноќни шкобавци беше здогледана во магливото небо. Северно над тие страшилишни планини леташе војската и над долги милји притулена пустина каде што немаше ни еден белег да се подаде. Облаците стануваа сѐ помалку и помалку светлечки, додека најнакрај Картер околу себе можеше да види само црнина; но крилатите атови ни за миг не се поснебиваа, одошто беа искотени во најцрните костурници во земјата, и не гледаа со очи, туку со сета немлива површина на лизгавите тела. Летаа ли летаа, крај ветрови со сомничав мирис и звуци со сомничава значајност; постојано во најгуста темница и преминувајќи толку грамадни простори што Картер се прашуваше дали сѐ уште се во сонопределите на земјата или не.

Тогаш облаците одненадеж се изретчија и ѕвездите призрачно светнаа одозгора. Долу сѐ уште сѐ беше црно, но тие бескрвни светилници во небото се чинеа небаре живи со значење и намерност кои на друго место никогаш не ги беа имале. Не беше до тоа дека фигурите на соѕвездијата беа поинакви, туку до тоа дека истите познати облици сега откриваа значајност која претходно не беа успеале да ја развиделат. Сѐ беше сосредоточено кон север; секоја кривина и астеризам на светкавото небо стана дел од огромен дезен чија намена беше да го впери прво окото, а потоа и целиот набљудувач нанапред кон некоја тајна и стравотна цел на вкрстување зад смрзнатата пустелија која се протегаше до бескрај. Картер погледна кон исток каде што големиот срт на синорни врвови се надвиснуваше по целата должина на Инганок и наспроти ѕвездите виде назабена силуета која зборуваше за неговото понатамошно присуство. Сега беше пораскршен, со зјајнати процепи и фантастично скоковити заби; и Картер внимателно ги проучи укажувачките свиоци и навалувања на тој гротескен контур, кои се чинеа како да делат некаков стаен северен стремеж со ѕвездите.

Пролетуваа со извонредна брзина, па наблудувачот мораше силно да се напрега за да распознае подробности; кога одненадеж веднаш над линијата на највисоките врвови здогледа некој мрачен и подвижен предмет наспроти ѕвездите, чија патека беше потполно паралелна со онаа на нивната бизарна тајфа. И гробождерите исто така го наѕреа, зашто им го чу тивкиот плапот од околу него и за миг му се пристори како предметот да е џиновски шантак, неизмерно поголем од просечната единка. Меѓутоа, наскоро увиде дека таквата теорија не држи баш вода; зашто обликот на нештото над планините не беше на хипоцефална птица. Контурот наспроти ѕвездите, неизбежно нејасен, го потсеќаше на некоја огромна глава или чифт глави со митра, бесконечно зголемени; и брзиот клацкав лет преку небото сперливо се чинеше како да е бескрилен. Картер не можеше да процени на која страна од планината се наоѓа, но наскоро воочи дека има и други делови под деловите кои првично ги беше видел, бидејќи ги поклопуваше сите ѕвезди на местата каде што сртот беше длабоко расцепен.

Понатаму доаѓаше широк јаз во планинскиот венец, каде што одвратните пространства на задпланинската Ленг се спојуваа со студената пустелија од оваа страна преку ниска пресека низ којашто ѕвездите жулаво светеа. Картер со голема грижа го набљудуваше тој јаз, знаејќи дека можеби оцртани наспроти небото од другата страна ќе ги види долните делови на масивното нешто кое таласно леташе над планинските заби. Предметот сега беше пролебдил малку понапред и сечие око од тајфата беше вперено кон расцепот каде што во секој момент ќе си ја покажеше целосната силуета. Постепено, огромното нешто над врвовите се приближуваше до јазот, поднамалувајќи си ја брзината небаре е свесно дека доволно ја има заминато гробождерската војска. Неизвесноста остана напната уште некоја минута и тогаш дојде краткиот миг на целосна силуета и откровение; носејќи врз усните на гробождерите стаписано и засркнато цвилење на космички страв, а врз душата на патникот студенило кое никогаш целосно не го напушти. Зашто мамутската клацкава форма која го надвишуваше сртот беше само глава - двојна глава со митра - а под неа во ужасна масивност грабадинаше застрашувачки подуеното тело врз коешто беше поставена; страшилиштето високо небаре планина кое чекореше мирно и нечујно; хиенската искривеност на џиновско човеколика форма која црно раванеше наспроти небото, со одбивен чифт конусокруносани глави кои до пола го достигаа зенитот.

Картер не изгуби свест, ниту вресна, зашто беше стар сонувач; туку ужаснато погледна зад себе и затрепери кога виде дека има и други чудовишни глави оцртани над линијата на врвовите, кои нечујно се клацкаа по првата. И веднаш зад него три од јаките планински форми беа во целост прикажани наспроти јужните ѕвезди, како волјчо и тромаво одат на прсти, додека високите митри им климаа илјадници стапки во воздухот. Значи, изрезбарените планини не беа останале клекнати во тој укочен полукруг северно од Инганок со подигнати десни раце. Имаа должност за вршење и не беа немарни. Но ужасно беше тоа што ниту зборуваа ниту оддаваа звук додека чекореа.

Во меѓувреме гробождерот кој беше бил Пикман им исплапоти наредби на ноќните шкобавци и целата војска зареа повисоко во воздухот. Нагоре кон ѕвездите пролета гротескната колона, додека веќе ништо не се гледаше наспроти небото; ниту сивиот гранитен срт што седеше неподвижен ниту изрезбарените планини со митри што се рашетуваа. Саде темница беше одоздола како што распрвканите свити стуреја кон север среде јуришни ветрови и невидлива смеа во етерот и ниту еднаш не се случи да некој шантак или понеспоменлив ентитет се издигне од опседнатите пустелии за да ги гони. Колку подалеку одеа толку побргу летаа, сѐ додека, наскоро, вртоглавата брзина им ја надмаши онаа на сачма и ја довтаса онаа на планета во орбита. Картер се чудеше како и покрај толкава брзина земјата може и понатаму да се простира под нив, но знаеше дека во сонишните предели димензиите имаа чудни својства. Во тоа дека се во царство на вечна ноќ, беше сигурен, и чинеше дека соѕвездијата над нив стаено им го нагласуваа северното стремење; поткревајќи се небаре ќе ја истресат летачката војска кон небиднината на поларниот пол, како набори на торба што се поткреваат за да се истресе и последната ронка твар од меѓу нив.

Тогаш со уплав забележа дека крилата на ноќните шкобавци веќе не павтаа. Рогатите и безлични атови си ги беа прибрале ципестите екстремитети и сосема пасивно стоеја во хаосот на ветер кој виореше и се кикотеше како што ги носеше нанапред. Сила што не беше од земјата ја имаше зграбено војската и и гробождерите и ноќните шкобавци беа беспомошни наспроти струјата која лудо и непокорно влечеше кон север од каде што никој смртник не се беше вратил. Најнакрај една осамена бескрвна светлина беше здогледана на небосклонот пред нив, која потоа полека почна да се издига како што ѝ се ближеа и која под себе имаше некаква црна маса што ги преклопуваше ѕвездите. Картер сфати дека мора да е некој светилник на некоја планина, зашто само планина можеше да се издигне толку масивно, та да е видлива од толку грамадна височина во воздухот.

Сѐ повисоко и повисоко се издигаше светлината и црнотијата под неа, па на крајот сето северно небо беше помрачено од нерамната конусна маса. Колку и да беше на високо војската, тој блед и зловестен светилник се издигаше уште повисоко, чудовишно надвиснувајќи се над сите врвови и стојности на земјата и вкусувајќи го безатомскиот етер кај што се валаат криптичната месечина и лудите планети. Не беше планина позната за човештвото она што демнеше нависоко пред нив. Високите облаци далеку под неа ѝ беа саде черга за предгорјето. Душната вртоглавост на најгорниот воздух ѝ беше саде појас за бедрата. Напизмено и призрачно се издигаше тој мост измеѓу земјата и небесата, црн од вечна ноќ и крунисан со пшент од непознати ѕвезди чиј тревожен и значаен контур секој момент стануваше сѐ појасен. Гробождерите зачудено цвилеа кога го видоа и Картер го полазија морници од страв да не целата залетана војска се разбие на парчиња врз камен-тврдиот оникс на тој киклопејски гребен.

Сѐ повисоко и повисоко се издигаше светлината, сѐ додека не се смеша со највишните кугли на зенитот и со нападен потсмев им намигна на летачите одозгора. Сиот север под неа сега беше саде црнотија; фрасна, камена црнотија од бесконечни длабини до бесконечни висини, само со тој блед светилник кој им намигаше и кој недостижно беше квакнат на врвот на сето видело. Картер ја испита подобро светлината и најпосле виде какви линии ѝ оцртува мастилната позадина наспроти ѕвездите. Кули имаше врз тој титански планински врв; ужасни закуполени кули во дегутантни и непресметливи редици и китки вон секој сонувачки мајсторлук на човекот; градобрани и тераси на чудесии и закана, зографисани дробно и црно и далечно наспроти ѕвездениот пшент кој злонамерно светеше на најгорниот раб на видикот. На капецот на таа најнеизмерлива од сите планини имаше замок вон секаква смртничка мисла и демонска светлина светеше во него. Тогаш Рендолф Картер сфати дека на неговата потрага ѝ беше дошол крајот и дека над себе ја гледа целта на сите забранети скалила и срчовни привиденија; баснословниот, неверојатниот дом на Великите врз незнајниот Кадат.

Додека го сознаваше сето ова, Картер забележа и промена во правецот на беспомошно ветеровшмуканата трупа. Беа почнале нагло да се издигаат нагоре и јасно беше дека целта на летот им е ониксниот замок кај што сјаеше бледата светлина. Толку беше блиску големата црна планина што косините вртоглаво ѝ профучуваа под нив додека летаа пругоре и во темницата не можеа да распознаат ништо врз неа. Сѐ помасивни и помасивни демнеа сурите кули на заноќениот замок одозгора и Картер можеше да види дека истиот е скоро богохулен во колосалноста. Галиба камењата вистина ќе да му беа ископани од безимени мајстори од онаа ужасна бездна распарана во карпите на ридската пресека северно од Инганок, зашто големината му беше толкава што човек застанат пред прагот беше небаре мравка пред скалилата на највишната тврдина на земјата. Пшентот од непознати ѕвезди над свитата закуполени торети сјаеше со бледожолт, болежлив блесок, па како некаков си самрак да чмаеше околу струшените ѕидови од лизгав оникс. Бескрвниот светилник сега се виде дека е осамен сјаен прозорец високо во една од највишните кули и како што беспомошната војска се ближеше до врвот на планината на Картер му се причини како да насети непријатни сенки како се шмугнуваат низ мекушаво светлечкото пространство. Беше чудно засводен прозорец со дезен потполно туѓ за земјата.

Голите карпи сега беа одменети од џиновските темели на чудовишниот замок и изгледаше како брзината на трупата да е донекаде ублажена. Рипнаа масивни ѕидови и на видикот за миг се појави една голема порта низ којашто беа збришани патешествениците. Саде ноќ беше во титанското двориште и потоа настапи подлабоката црнина на највнатрешните нешта како што една огромна засводена капија ја проголта колоната. Вртлози од студен ветер немливо струеја низ безвидни лавиринти од оникс и Картер не можеше да распознае какви киклопејски скалила или коридори молчаливо се простираа долж патеката на неговото бескрајно воздушно усучување. Саде нагоре ги тераше стравотното кремнисување во темница и немаше ни звук ни допир ни поглед да ја скине дебелата плаштаница на загадочност. Колку и да беше голема војската на гробождери и ноќни шкобавци, се губеше во грамадните небиднини на тој повеќе од земски замок. И кога најпосле наеднаш околу него се испили нападната светлина на таа осамена соба во кулата чиј вишен прозорец беше служел како светилник, на Картер долго време му требаше за да ги распознае далечните ѕидови и високиот, далечен таван и да сфати дека всушност не е повторно надвор на безбрежниот воздух.

Рендолф Картер беше намеравал да пристигне во престолната сала на Великите достоинствено и со крената глава, обостранет и проследен од импозантни редици гробождери во чинодејствен строј и да понуди молитва како слободен и јак сонувач-устабашија. Знаеше дека Великите не се до толку, та да не може смртник да се справи со нив и се беше надевал дека ќе има к’смет, та на Другите Богови и ползечкиот понор Нјарлатотеп нема да им текне да им дојдат на помош во клучниот миг, како што толку често им беа доаѓале кога луѓе ќе тргнеле да ги бараат земните богови во нивниот дом или на нивните планини. А со таквата одвратна придружба скоро се беше надевал дека ќе може да им попркоси дури и на Другите Богови ако треба, одошто знаеше дека гробождерите немаат господари, а ноќните шкобавци го немаат Нјарлатотеп за владар, туку само архаичниот Ноденс. Но сега увиде дека возвишениот Кадат во студената му пустелија навистина е опашан со мрачни чуда и безимени вардачи и дека Другите Богови бездруго добро ги имаат на мукает преблагите, мекушави богови на земјата. Макар што владарство над гробождерите и ноќните шкобавци немаат, безумните, безоблични богохулија од надворешните семири сепак можат да ги командаат ако мораат; па така не бидна да Рендолф Картер се појави пред престолната сала на Великите како слободен и јак сонувач-устабашија со неговите гробождери. Издувана и терана небаре стадо од кошмарните луњи од ѕвездите, и со невидени ужасии од северната пустелија зад петите, сета војска заробено и беспомошно пролебде кон нападната светлина, отрпнато паѓајќи врз ониксниот под кога по некоја безгласна наредба ветриштата на стравот се разложија. 

Не беше дошол Рендолф Картер пред златен подиум, ниту имаше некаков честит круг крунисани и ореолисани созданија со подзамижани очи, уши со долги ресички, тенок нос и зашилена брада чија сродност со изрезбареното лице на Нгранек би била нишан дека се оние на коишто сонувач би можел да им се помоли. Освен онаа соба во кулата, ониксниот замок врз Кадат беше мрачен и домаќините не беа дома. Картер беше стигнал до незнајниот Кадат во студената пустелија, ама не ги беше нашол боговите. Но нападната светлина и понатаму светеше во онаа соба во кулата чија големина беше толку малку помала од сета надворешност и чии далечни ѕидови и плафон до толку се губеа од видик во разредени, развртени маглини. Навистина, земните богови не беа таму, но од постаени и помалку видливи присуства немаше недостиг. Кај што преблагите богови се отсутни, Другите Богови не се незастапени; па бездруго, ониксниот замок над замоците не ќе да беше без станари. Во каков скандалозен облик или облици уплавот допрва ќе се покаже, Картер воопшто не можеше да си замисли. Осеќаше како посетата да му е очекувана и се запраша колку внимателно беше бил пазен од страна на ползечкиот понор Нјарлатотеп. Нјарлатотеп, ужасијата со бесконечни облици и фрасна душа и гласник на Другите Богови, е оној на којшто габестите месечеви ѕверови му служат; и Картер помисли на црната галија којашто ја беше снемало кога текот на битката се сврте против жаболиките абнормалности на назабената карпа во морето.

Промислувајќи ги работиве, тетераво се креваше на нозе среде кошмарната дружина кога без опомена низ таа бледоосветлена и безгранична одаја заѕуни одвратниот татнеж на демонска труба. Трипати ѕвекна тој застрашувачки врисок томбаклиски и кога одеците од третиот татнеж кикотливо замреа Рендолф Картер виде дека е сам. Каде, зошто и како гробождерите и ноќните шкобавци беа збришани од видик не беше негова работа да разгатне. Знаеше само дека одненадеж е сам и дека какви и невидени сили потсмешливо да демнат околу него, не се сили од пријателските сонопредели на земјата. Наеднаш од најдлабоките пространства во одајата пристигна нов звук. И ова беше ритмичко трубење; но од далеку поинаков вид од трите крескави татнежи кои му ги беа разложиле грозоморните посилници. Во оваа тиха фанфара одекнуваа сите чудесии и мелодии од етеричните соништа; егзотични видици на незамислена личотија протекуваа од секој чуден акорд и стаено вонземен такт. Миризби на темјан се раширија во склоп со златните ноти; и одозгора се испили голема светлина, со бои што се менуваа во циклуси непознати за земниот спектар, проследувајќи ја песната на трубата со чудни симфонични хармонии. Факели пламтеа во далечината и биења на тапан тупаа сѐ поблиску среде бранови од напнато исчекување.

Од разредените маглини и облаци од чуден темјан се заредија две колони џиновски црни робови со околубедреници од свила што се преливаше. Врз главите имаа врзано масивни шлемовидни факели од светкав метал, од коишто мисковината на незнајни балсами се ширеше во димни вители. Во десната рака држеа билјурни палки чии врвови беа изрезбарени во извргалени кимери, а левите раце им стискаа долги, тенки сребрени труби во кои дуваа еден по друг. Белезици од злато носеа на рацете и на нозете и помеѓу секој чифт белезици им висеше златен синџир кој го принудуваше носачот на трезвен од. Дека беа вистински црнци од земјишната земја на соништа уште веднаш беше очевидно, но се чинеше помалку веројатно дека обредите и носијата им потекнуваат баш од нашата земја. На десет стапки од Картер колоната застана и притоа секоја труба нагло летна кон дебелите усни на својот носач. Разуздан и вртоглав беше татнежот кој следеше и уште поразуздан извикот кој се разгласи од хорот на мургави грклани кои како да беа описаквени од некој чуден марифет.

Потоа по широката патека измеѓу двете колони зачекори осамена фигура; висока, витка фигура со младо лице на антички фараон, шенлив со призмична одежда и крунисан со златен пшент кој светеше со вродена светлина. Многу близу до Картер дочекори таа кралска фигура; чие гордо држење и барџави одлики содржеа опчинетост на мрачен бог или паднат архангел и околу чии очи демнеше индолентната искра на хировита расположба. Прозборе, и низ меките тонови му се разжубори преблагата музика на потоците на Лета.

„Рендолф Картер“, рече гласот, „дојден си да ги видиш Великите кои е бесправно да човек ги види. Гледачи раскажувале за ова, а Другите Богови грофтале додека безумно се валале и тумбале на звукот на пискави флејти во црната врвна небиднина од каде што се мршти демон-султанот чие име ничии усни не се осудуваат на глас да го изговорат.

Кога Мудриот Барзаи се искачи на Хатег-Кла за да ги види Великите кај играат и вијат над облаците на месечина, не се врати назад. Другите Богови беа таму и го сторија очекуваното. Зениг од Афорат сакаше да го достигне незнајниот Кадат во студената пустелија и черепот сега му е вграден во прстен на малото прсте на оној кој не морам да го именувам.

Но ти, Рендолф Картер, си ги беше одважил сите нешта од сонопределите на земјата и уште гориш со трагачки пламен. Не си дојден како некој што е љубопитен, туку како некој којшто си го бара своето, ниту, пак, некогаш си потфрил во уважувањето на преблагите богови на земјата. А сепак овие богови ти бранат да влезеш во чудесниот залезен град од соништата, и тоа саде од сопствената им ситна лакомштија; одошто, да знаеш, настрвени се по бизарната личотија на она што твојата мечта го беше изнедрила и се заветиле дека отсега натаму ниту едно друго место нема да го имаат за жилиште.

Си заминаа од замокот на незнајниот Кадат за да домуваат во твојот чудесен град. Низ сите негови палати од жилест мермер кај пируваат преку ден, а кога ќе зајде сонцето излегуваат во опојните градини и ја гледаат златната слава врз храмови и колонади, засводени мостови и сребренокоритни шадрвани и широки сокаци со цветонатоварени урни и филдишни статуи изнаредени во светкави редици. А кога ќе падне ноќ се качуваат на високи росни тераси и седат на изрезбарени клупи од порфир испитувајќи ги ѕвездите или се навалуваат над бледи балустради за да им се пулат на стрмните северни падини на градот, каде што едно по едно, прозорчињата на стари шилести калкани леко светкаат со спокојната жолта светлина на пријатни свеќи.

Боговите го љубат чудесниот ти град и веќе не чекорат по патиштата на боговите. Ги имаат заборавено високите места на земјата и планините кои им ја знаеја младоста. Земјата веќе нема богови што се богови и само Другите од надворешните семири повелаат на незапаметениот Кадат. Далеку во една долина од твоето детство, Рендолф Картер, си играат небрежните Велики. Премајсторски си беше сонувал, баш-сонувачу стар, зашто си ги беше намамил сонишните богови од светот на привиденијата на сите луѓе, до она што е само твое; одошто си беше суградил од малечките мечти на момчештвото ти, град поличен од сите авети коишто досега ги беше имало.

Не е ујгун да земните богови си ги оставаат престолите, та саде пајаци да ги замрежуваат, или кралството, за Другите да повелаат според мрачните нарави на Другите. Радо хаос и ужас би ти донеле силите од надвор, Рендолф Картер, кој си кабает за кршењето на раатот им, ама знаат и дека само преку тебе боговите можат да се вратат во нивниот свет. Во таа полубудна земја на соништа којашто е твоја, никаква моќ на крајна ноќ не може да стапне; и само ти можеш нежно да ги изгониш себичните Велики од чудесниот ти залезен град, низ северниот самрак, до кај што им е местото врз незнајниот Кадат во студената пустелија.

Затоа, Рендолф Картер, во името на Другите Богови ти поштедувам и ти давам задача да правиш како што ти повелам. Ти давам задача да го побараш залезниот град којшто е твој и да ги испратиш оттаму дремливите богови отсутници на коишто соносветот чека. Не е тешка за наоѓање таа ружеста грозница на боговите, таа фанфара на возвишени труби и тресок на бесмртни чинели, таа мистерија чие место и значење те беа опседнувале низ дворовите на будност и бездните на сонување и те беа измачувале со намеци за исчезнати сеќавања и болка по изгубени восхитни и далекусежни нешта. Не е тежок за наоѓање тој симбол и таа реликвија на твоите денови на чудесии, одошто таа е саде оној неменлив и вечен скапоцен камен во којшто сите тие чудесии забилјурено светкаат за да ти го осветлат квечерниот пат. Еве! Не преку незнајни мориња, туку назад преку добро познати години мора да те одведе потрагата; назад до светлите чудни нешта на раното детство и брзите сончевонакиснати наѕирања на магија којашто старите сцени ја беа влевале во широко отворените младешки очи.

Зашто да знаеш дека златниот и мермерен град на чудесии е саде збирот на она што си го беше видел и љубел во младоста. Славата на бостонските ридини и западни прозорци пламнати на зајдисонце; на со цветна мисковина опојниот Комон и големата купола на ридот и тутките од калкани и оџаци во виолетовата долина каде што многумосниот Чарлс дремливо тече. Си ги видел овие нешта, Рендолф Картер, кога дадилката за првпат те изнесла во количка на пролет и ќе се последното нешто што ќе го видиш во животта, со очи полни спомени и љубов. И таму е и античкиот Салем намрштено влезен во години и призрачниот Марблхед кој се искачува по карпести врлини кон дамни векови и славата на кулите и црковните покриви на Салем здогледани оддалеку од пасиштата на Марблхед преку сидриштето наспроти залезот на сонцето.

Провиденс е таму, живописна и господска врз седумте ѝ ридови преку синото сидриште, со тераси од зеленило кои водат до кули и кастели на жива антика и Њупорт кој ветроштински се искачува од поспаниот насип. Таму е Аркам со мовосаните калкански покриви и карпестите распослани ливади зад него; и претпотопниот Кингспорт изветвен со накупчени оџаци и напуштени кејови и надвиснати калкани и чудесиите на високите гребени и млечномагливиот океан со разнишани пловки.

Ладни долови во Конкорд, калдрмести сокаци во Портсмут, самрачни свиоци на патиштата на Њу Хемпшир каде што џиновски брестови напола ги кријат белите салашки ѕидови и крцкави ѓерани. Солените докови на Глостер и ветровитите врби на Труро. Видици на далечни паланки со кули и ридови ли ридови долж Северниот Брег, стишени камени падини и ниски забршленети куќарки во заветрината на огромни стени во селските предели на Род Ајленд. Мирис на морето и мисковина на полињата; вражба на мрачната корија и радост на овоштарниците и градините в зори. Тие, Рендолф Картер, се твојот град; зашто тие се самиот ти. Нова Англија те беше зачнала и во душата ти беше налеала течна личотија којашто не може да умре. Оваа личотија, извајана, забилјурена и ласната низ долги години сеќавања и сонувања, е твојата терасна чудесија на недофатливи зајдисонца; и за да го најдеш тој мермерен парапет со своевидни урни и изрезбарен ракофат и најпосле да се спуштиш по тие бескрајни забалустрадени скалила до градот со широки плоштади и призмични шадрвани, треба само да се свртиш кон мислите и визиите на елегичното ти момчештво.

Погледни! Низ прозорот сјаат ѕвездите на вечна ноќ. Гледај како сјаат над сцените кои си ги знаел и милувал, пиејќи им од шармот за да можат уште полично да сјаат над градините на соништата. Ене ја Антарес - баш во овој миг намигнува над покривите на „Тремонт стрит“ и можеш да ја видиш од прозорот на Бикон Хил. А далеку зад тие ѕвезди зјаат бездните од коишто ме беа испратиле безумните ми господари. Еден ден можеби и ти ќе ги пропатуваш, но ако имаш ум ќе се вардиш од такво безумие; зашто од оние смртници кои пошле и си дошле, само еден зачувал ум неразбиен од разлупаните, разгребени ужасии на небиднината. Стравотии и богохулија се гризат едни со други за простор и повеќе зло има во помалите одошто во поголемите; како што и ти самиот знаеш од делата на оние коишто сакаа да те предадат во мои раце, а мене, пак, не ми е ниет да те разбијам и всушност и уште одамна ќе ти помогнев да дојдеш дотука, да немав работа на друго место и да не бев сигурен дека ти и сам ќе си го најдеш патот. Затоа, бегај од надворешните пеколи и држи се до мирните, лични нешта од младоста. Побарај си го чудесниот град и истерај ги оттаму Великите ренегати, нежно враќајќи ги до сцените коишто им се од нивната младоста и кои неспокојно го чекаат нивното враќање.

Полесен дури и од патот до притулените спомени е патот што ќе ти го приготвам. Гледај! Иде еден чудовиштен шантак, воден од роб кој за твој атер е поарно да остане невидлив. Качи му се и спреми се - еве, црниот Јогаш ќе ти помогне да ја јавнеш крлушкавата ужасија. Цели кон онаа најсветла ѕвезда јужно од зенитот - тоа е Вега и за два часа ќе биде баш над терасата на твојот залезен град. Цели кон неа само додека не слушнеш далечно пеење од високиот етер. Погоре оттаму демне лудило, па сопри го шантакот кога првата нота ќе те примами. Тогаш повторно испули се кон земјата и ќе видиш како сјае вечноживиот олтарски пламен на Иред-Наа од светиот покрив на еден храм. Тој храм е во чемрејниот ти град, па цели кон него пред да го почуеш пеењето и да изгубиш глава.

Кога ќе наближиш до градот цели кон истиот оној парапет од каде што на времето ја пулеше спрострената слава, жегајќи го шантакот додека гласно не крикне. Тој крик ќе го чујат Великите и ќе го познаат додека седат на опојните тераси и срцата толку силно ќе им запилкаат за родниот им крај, што сите чудесии на твојот град нема да ги утешат наспроти отсуството од намуртениот замок на Кадат и пшентот од вечни ѕвезди кој го крунисува.

Тогаш мораш да слеташ со шанакот меѓу нив и да им дадеш да ја видат и допрат таа опора и хипоцефална птица; говорејќи им во меѓувреме за незнајниот Кадат, кој пред толку скоро време си го беше напуштил и кажувајќи им како безбрежните дворови му се осамени и неосветлени, кај што во дамнина беа рипале и пирувале во возвишена зрачност. И шантакот ќе им прозбори на јазикот на шантаците, но нема да има моќ да ги премисли настрана од тоа да направи да си споменат за дамните дни.

Непрестајно мораш да им зборуваш на Великите за домот им и младост им, додека најпосле не залипаат и не побараат да им се покаже повратниот пат кој го имаат заборавено. Тогај ќе можеш да го пуштиш спремниот шантак, праќајќи го кон небото со препознатливиот крик на неговиот сој; кој кога ќе го слушнат Великите ќе се разиграат и раскокаат со античко веселие и уште веднаш ќе запрусаат по ненавидната птица, ко што си знаат сите богови, низ длабоките бездни на небесата до познатите кули и куполи на Кадат.

Тогаш чудесниот залезен град ќе е твој и ќе можеш да си го сакаш и во него засекогаш да си живееш и повторно земните богови ќе владеат со соништата на луѓето од нивната вообичаена престолнина. Оди сега - пенџерето е отворено и ѕвездите надвор чекаат. Шантакот веќе ти фучи и кркоти од нетрпение. Цели за Вега низ ноќта, но скршни кога ќе се огласи пеењето. Не ја заборавај опоменава, за да незамисливи ужасии не те вшмукаат во бездната на развриштено и разлелекано лудило. Сети се на Другите Богови; велики се и безумни и застрашувачки и демнат во надворешните небиднини. Од такви богови човек треба само да бега.

Хеи! Аа-шанта ‘нигх! Тргнуваш! Врати ги земните богови до врталишта им на незнајниот Кадат и моли му се на сиот семир да не ме сретнеш уште еднаш во моите илјада други облици. Збогум, Рендолф Картер, и варди се; зашто јас сум Нјарлатотеп, Ползечкиот Понор!“

И Рендолф Картер, без здив и со сомелен ум врз одвратниот шантак, врескаво пролета во семирот кон студениот син блесок на поларната Вега; погледнувајќи зад себе само еднаш кон нагроздените и хаотични торети на ониксниот кошмар каде што сѐ уште светеше осамената нападна светлина од оној прозорец над воздухот и облаците на сонопределите на земјата. Големи полипни ужасии црно се пролизгуваа крај него и плипот од невидени лилјачки крилја пафташе околу него, но тој и понатаму се чипчеше за неугодната грива на ненавидната и хипоцефална крлушкава птица. Sвездите потсмешливо играа, одвреме-навреме скоро преобразувајќи се и обликувајќи бледи нишани на суд кои го тераа човек да се запраша дали и претходно му се појавиле за да го исплашат; а ветриштата на етерот постојано виеја со нејасна црнотија и самотија од вон космосот.

Тогаш низ светкавиот свод пред него фати предзначна стишеност и сите ветришта и ужасии се шмугнаа како што сите ноќни нешта се шмугнуваат пред зората. Треперејќи во бранови кои златни небулни прамени бизарно ги овиделуваа, се огласи питом намек на далечна мелодија, бучејќи во леки акорди коишто нашиот универзум на ѕвезди не ги знае. И како што музиката растеше, шантакот ги заостри ушите и кремниса нанапред, а и Картер се наведна да ја дочуе секоја лична нишка. Беше песна, но не песна од некаков глас. Ноќта и сферите ја пееја и беше била стара кога семирот и Нјарлатотеп и Другите Богови се беа родиле.

Шантакот го забрза летот и јавачот се навали уште подолу, опиен од чудесиите на чудни бездни и виорејќи во кристалните калеми на надворешна магија. Тогаш, прекасно, му текна на опомената на злобникот, зајадливото предупредување на демонскиот легат кој му беше порачал на трагачот да се варди од лудилото на таа песна. Само колку да го подбуцне му го беше означил Нјарлатотеп патот до сигурност и чудесниот залезен град; само колку да му се потсмева му ги беше открил тој црн гласник тајните на боговите отсутници чии чекори толку лесно можеше и самиот да ги поведе до назад ако му се сакаше. Зашто лудило и дивата одмазда на небиднината се единствените дарови од Нјарлатотеп за безобѕирните; и иако јавачот трескавично пробуваше да го сврти одвратниот ат, тој извргален, раскркотен шантак и понатаму необмислено и непокорно струеше нанапред, пафтајќи со големите лизгави крилја со злоќудна радост и упатувајќи се кон тие неосветени јами до кај што никој сон не достига; таа последна бесформна мор на најадско бунило кај што клокоти и богохули во средиштето на бесконечноста безумниот демон-султан Азатот, чие име ничии усни не се осмелуваат на глас да го изговорат.

Непоколебливо и доследно на наредбите на поганиот легат, пеколната птица кремниса нанапред низ јата од безоблични демначи и разрипувачи во темницата и штури стада од расталкани ентитети кои дрпаа и распипуваа и распипуваа и дрпаа; безимените ларви на Другите Богови, кои исто се слепи и без ум и поседуваат своеобразни гладости и жедности.

Непоколебливо и непокорно нанапред, и урнебесно кркотејќи гледајќи го кикотењето и хистериите во коишто сиренската песна на ноќта и сферите се беше претворила, тоа устрелно крлушкаво чудовиште го носеше беспомошниот јавач; јурејќи и профучувајќи, цепејќи го најкрајниот раб и премостувајќи ги најдалечните понори; одминувајќи ги ѕвездите и царствата на материја и втурнувајќи се небаре метеор низ чиста бесформност кон оние несфатливи, неосветлени одаи зад времето во коишто црниот Азатот безоблично и изгладнето глода среде придушеното, избезумувачко биење на погани тапани и пискавото, еднолично кенкање на клети флејти.

Нанапред - нанапред - низ врескавите, раскикотени и црно населени бездни - и тогаш од некоја притулена блажена далечина на осудениот Рендолф Картер му дојде слика и мисла. Предобро Нјарлатотеп го беше испланирал потсмевањето и тормозењето, зашто го беше споменал она што никаков налет на леден уплав не можеше да го истружи. Родниот крај - Нова Англија - Бикон Хил - будниот свет.

„Зашто да знаеш дека златниот и мермерен град на чудесии е саде збирот на она што си го беше видел и љубел во младоста... славата на бостонските ридини и западни прозорци пламнати на зајдисонце; на со цветна мисковина опојниот Комон и големата купола на ридот и тутките од калкани и оџаци во виолетовата долина каде што многумосниот Чарлс дремливо тече… оваа личотија, извајана, забилјурена и ласната низ долги години сеќавања и сонувања, е твојата терасна чудесија на недофатливи зајдисонца; и за да го најдеш тој мермерен парапет со своевидни урни и изрезбарен ракофат и најпосле да се спуштиш по тие бескрајни забалустрадени скалила до градот со широки плоштади и призмични шадрвани, треба само да се свртиш кон мислите и визиите на елегичното ти момчештво.“

Нанапред - нанапред - вртоглаво нанапред до крајната пропаст низ црнината кај што невидливи пипала дрпаа и лигави муцки се кошкаа и безимени нешта кркотеа ли кркотеа. Но сликата и мислата беа дошле и на Рендолф Картер му текна дека сонува и дека само сонува и дека некаде во позадината сѐ уште постојат светот на будноста и градот на неговото рано детство. Повторно му дојдоа зборови - „Треба само да се свртиш кон мислите и визиите на елегичното ти момчештво.“ Да се сврти - да се сврти - црнина на сите страни, но Рендолф Картер можеше да се сврти.

Макар што кошмарот во чии канџи му беа сетилата беше густ, Рендолф Картер можеше да се сврти и да се помрдне. Можеше да се помрдне и ако сакаше можеше да рипне од злобниот шантак кој фучливо го носеше кон пропаст по наредба на Нјарлатотеп. Можеше да рипне и да ги одважи тие длабини на ноќ кои безгазерно зјаеа, тие длабини на страв чии стравотии сепак не можеа да се токмат со безимената пропаст која демнеше чекајќи во јадрото на хаосот. Можеше да се сврти и да се помрдне и да рипне - можеше - и така и ќе стори - и така - и - ќе - стори -.

Главечки од таа хипоцефална грозотија рипна очајниот и осуден сонувач паѓајќи прудолу низ бескрајни небиднини на сознателна црнина. Раздобја се валаа, универзуми изумреа и повторно се родија, ѕвездите станаа небули и небулите станаа ѕвезди, а Рендолф Картер и понатаму паѓаше низ тие бескрајни небиднини на сознателна црнина.

Тогаш со спорото, ползечко течење на вечноста најкрајниот циклус на космосот се размати до уште едно залудно окончување, и сите нешта станаа какви што беа биле пред непреслагани калпи. Материјата и светлината одново се родија онакви какви што вселената и претходно ги беше знаела; и комети, сонца и светови пламено бликнаа во живот, макар што ништо немаше преживеано за да им каже дека си беа пошле и пак дошле, пошле и пак дошле, постојано и отсекогаш, и така наназад низ годините сѐ до почетоците што не се почетоци.

И пак имаше небесен свод и ветер и блесок на морава светлина во очите на паѓачкиот сонувач. Имаше богови и присуства и волји; убавина и злоба и вриштењето на опората ноќ на којашто ѝ се беше отмел пленот. Зашто низ незнајниот најкраен циклус беше преживеала мислата и сликата за момчештвото на еден сонувач и сега еден буден свет и еден стар мил град повторно беа зачнати за да ги отелесат и оправдаат таквите нешта. Од небиднината С’нгак виолетовиот гас му го беше посочил патот и архаичниот Ноденс ревеше од неодгатнати длабини водејќи го.

Sвезди се дуеја до зори и зори се распукуваа во шадрвани од злато, кармин и моравина, а сонувачот и понатаму паѓаше. Крици го параа етерот, а кордели на светлина ги бичуваа враговите од надворешноста за да ги одвратат. И ветвиот Ноденс разгласи тржествен виеж кога Нјарлатотеп, доближен до пленот, обезглавено запре од блесок кој му ги спржи бесформните ловечки ужасии во сива прав. Рендолф Картер најпосле се беше спуштил по широките мраморни скалишта до својот чудесен град, зашто повторно беше втасал до светот на личната Нова Англија којашто го имаше изнедрено.

Така со оргулските акорди на утринските свити од свирки и мугринскиот пламен заслепувачки фрлен низ морави окна од големата златна купола на „Стејт хаус“ на ридот, Рендолф Картер гласно срипа од сон во собата во Бостон. Птици пееја од скриени градини и опојноста на шпалирани бршлени елегично доаѓаше од перголи кои дедо му ги беше дигнал. Убавина и светлина светеа од класичната наткаминска полица и изрезбарениот корниз и гротескно обружаните ѕидови, додека една мазна црна мачка проѕевајќи се стана од дремката крај каминот скршена од штрекотот и врисокот на стопанот ѝ. И на оддалеченост од колосални бесконечности, преку Портата на подлабока дремка и маѓепсаната корија и градинските земји и Серенерското Море и самрачните пространства на Инганок, ползечкиот понор Нјарлатотеп намрштено зачекори во ониксниот замок врз незнајниот Кадат во студената пустелија и дрско ги изруга преблагите богови на земјата кои нагло ги беше истргнал од миризливите им пирови во чудесниот залезен град.