Опседнувачот од мракот - Полиграматон

Опседнувачот од мракот


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


(Посветено на Роберт Блок)


Сум го видел зјајнатиот семир

кај се грвалат црни планети без крај,

кај се грвалат в нечуен ужас,

без знајност, без име, без сјај.


                                                           - Немезида


Претпазливите иследувачи нерадо би го оспориле општото верување дека Роберт Блејк беше убиен од гром или од некој длабок нервен потрес произлезен од електрично празнење. Вистина е дека прозорецот кон којшто беше завртен беше нескршен, но природата се има покажана способна за многу загадочни изведби. Изразот на лицето многу лесно може да му произлегол од некаков маглив мускулен извор неповрзан со нешто што беше видел, додека записите во неговиот дневник се многу јасно производ на бујна фантазија надразнета од извесни локални суеверија и од извесни стари работи кои ги беше открил. А што се однесува на аномалните услови во напуштената црква на Федерал Хил - лукавите аналитичари нив без многу двоумење ги препишуваат на некакво шарлатанство, свесно или несвесно, со коешто на некој начин и Блејк бил потајно поврзан.

Зашто сепак, жртвата беше писател и сликар целосно посветен на полето на митот, соништата, теророт и суеверието и беше пламенит во неговата потрага по сцени и стварови од бизарен и призрачен карактер. Неговиот претходен престој во градот - посетата кај еден чуден старец исто толку длабоко нурнат во окултни и забранети преданија колку и тој - имаше завршено во смрт и пламен и сигурно некој морбиден инстинкт го беше повторно повлекол од неговиот дом во Милвоки. Можеби знаеше за старите приказни и покрај неговото тврдење на спротивното во дневникот и неговата смрт можеби од корен беше пресекла некоја извонредна превара судена да има и книжевен одраз.

Меѓутоа, меѓу сите оние коишто ги испитале и пронашле сооднос помеѓу сите овие докази и понатаму остануваат неколкумина кои се држат до помалку рационални и секојдневни теории. Наклонети се да го земат поголемиот дел од дневниот на Блејк здраво за готово и значително укажуваат на извесни факти, како на пример несомнената вистинитост на старите црквени записи, потврденото постоење на непожелната и неопштоприфатена секта „Ѕвездена мудрост“ пред 1877, забележаното исчезнување на еден љубознаен новинар по име Едвин М. Лилибриџ во 1893 и - пред сѐ - изразот на чудовиштен, преобразувачки страв на лицето на младиот писател кога починал. Токму еден од овие верници, навлезен до фанатички крајности, го фрли во заливот своевидно закосениот камен и неговата чудно накитена метална кутија пронајдена во камбанаријата на старата црква - црната беспрозорна камбанарија, а не кулата каде што дневникот на Блејк велеше дека овие предмети биле првично. Иако нашироко цензуриран и официјално и неофицијално, овој човек - почитуван лекар со вкус за несекојдневен фолклор - настојуваше дека ја беше куртулил земјата од нешто што било преопасно за да почива врз неа.

Читателот мора сам да пресуди меѓу овие две школи на мислење. Весниците ги имаат претставено пипливите детали од скептичен агол, оставајќи им го на други цртањето на сликата која Роберт Блејк ја видел - или помислил дека ја видел - или се преправал дека ја гледа. А сега, подробно, непристрастно и на мира проучувајќи го дневникот, да го резимираме мрачниот синџир на настани од искажаната гледна точка на нивниот главен актер.

Младиот Блејк се врати во Провиденс зимата во 1934-35, изнајмувајќи го горниот кат на едно старо и угледно жилиште со зелен тревник преку „Колеџ стрит“ - на с’ртот на големиот источен рид близу кампусот на универзитетот „Браун“ и зад мермерната библиотека „Џон Хеј“. Беше угодно и занесно место, во една малечка градинска оаза на селска антика каде огромни, пријателски мачки се сончаа врз една згодна шупа. Коцкестата џорџиска куќа беше со натпокривна таванска соба, класична врата со лепезна резба, прозорци со мали окна и сите други нишани на мајсторството на раниот деветнаесетти век. Внатре имаше шест-панелни врати, паркет од широки даски, кружно колонијално скалиште, бели камини од периодот на Адам и група позадински соби три скали под главното ниво на куќата.

Работната соба на Блејк, една голема југозападна одаја, ја надгледуваше предната градина од едната страна, додека нејзините западни прозорци - пред еден од коишто му беше и бирото - гледаа спротивно од челото на ридот и располагаа со сјаен видик кон распосланите покриви на долниот дел на градот и на мистичните зајдисонца кои пламтеа зад нив. На далечниот хоризонт беа виолетовите падини на дивата природа. Наспроти нив, на околу две милји, се издигаше призрачната грпка на Федерал Хил, накострешена со склупчени покриви и кули чии далечни контури мистериозно се преиначуваа, заземајќи фантастични облици како што чадот на градот се вителеше нагоре и ги замрежуваше. Блејк го фаќаше некое своевидно чувство дека гледа кон некој непознат, неземен свет којшто можеби или можеби не би исчезнал како сон ако некогаш се обиде да го достигне и лично да го пристапи.

Откако им јави дома да му ги донесат повеќето од книгите, Блејк купи неколку паричиња антички мебел соодветен за неговото живелиште и седна да пишува и да слика - живеејќи сам и грижејќи се самиот за едноставните домаќински работи. Атејлето му беше во една северна таванска соба, каде што прозорските окна на натпокривникот овозможуваа обилна светлина. За време на првата зима, создаде пет од неговите најпознати раскази - „Ровачот подземи“, „Скалите во костурницата“, „Шагај“, „Во долот на Нат“ и „Гоштевачот од ѕвездите“ - и наслика седум платна; студии на безимени, нечовечни чудовишта и крајно вонземни, семирски пејсажи.

На зајдисонце често седеше на бирото и поспано го пушташе погледот на далеку кон распосланиот запад - до темните кули на „Мемориал хол“ кој беше веднаш под него, камбанаријата на џорџиската судска палата, вишните капци на централниот градски кварт и тоа мижуркаво, со кула крунисано брдо во далечината чии непознати улици и лавиринтски калкани толку снажно му ги поттикнуваа мечтите. Од неколкуте локални познаници научи дека далечната падина беше огромен италијански кварт, иако повеќето од куќите беа останки од постарите денови на јенките и ирците. Одвреме навреме ќе ја насочеше дулбијата кон тој призрачен, недостижен свет зад склупчениот чад; избирајќи поединечни покриви и оџаци и кули и умувајќи за бизарните и необични мистерии коишто можеби се вдомени во нив. Дури и со оптичко помагало, Федерал Хил се чинеше некако вонземски, полу-замислен и врзан за нестварни, недопирни чуда од сказните и сликите на самиот Блејк. Чувството му остануваше дури и откако ридот ќе избледеше во виолетов, фенеро-заѕвезден самрак и рефлекторите од судската палата и црвениот светилник на „Индастриал траст“ ќе се разгореа правејќи ја гротескна ноќта.

Од сите далечни градби на Федерал Хил, една огромна, темна црква најмногу го воодушевуваше Блејк. Се истакнуваше со засебна впечатливост при одредени часови на денот и на зајдисонци големата кула и острата камбанарија црно стрчеа наспроти пламеното небо. Се чинеше поставена на особено високо место; зашто кирливата фасада и накосо застанатата северна страна со навален покрив и врвови на големи шилести прозорци, бодро се издигаше над чворот од околни слемиња и димници. Сперливо смуртена и трезвена, се чинеше дека е изградена од камен, исфлекана и изветвена од чадот и бурите на еден век, па и повеќе. Стилот, колку што можеше да долови дурбинот, беше онаа најрана експериментална форма на готска препородба што му претходеше на отмениот апџонов период и имаше задржано некои од контурите и пропорциите на џорџиската ера. Можеби беше издигната околу 1810 или 1815.

Како што врвеа месеци, Блејк ја гледаше далечната, застрашувачка градба со несекојдневно растечки интерес. Бидејќи огромните прозорци никогаш не беа осветлени, знаеше дека мора да е празна. Колку подолго гледаше, толку повеќе му работеше мечтата, сѐ додека најнакрај не почна да си замислува своевидни работи. Веруваше дека некоја нејасна, своеобразна аура на пустош лебди над местото, до толку што дури и гулабите и ластовиците бегаа од неговите зачадени стреи. Околу другите кули и камбанарии дурбинот му откриваше големи јата птици, но тука тие никогаш не почиваа. Или барем, така мислеше и имаше запишано во дневникот. Им го посочи местото на неколку пријатели, но никој од нив немаше појдено на Федерал Хил ниту имаше најмала претстава за што е или што беше била црквата.

Во пролетта, длабок неспокој го зафати Блејк. Го беше започнал долго планираниот роман - заснован врз наводното преживување на вештерскиот култ во Мејн - но беше чудно неспособен да напредува со пишувањето. Сѐ повеќе и повеќе ќе седнеше крај западниот прозорец и ќе се пулеше кон далечниот рид и црната, намуртена кула од која птиците бегаа Кога кревките листови излегоа по градинските гранки светот беше исполнет со нова убавина, но немирот на Блејк само се зголеми. Тогаш за првпат помисли да го премине градот и бодро да се искачи по таа волшебна падина во чадо-овенчаниот свет на соништа.

Касно во април, токму пред со раздобја засенатиот валпургиски период, Блејк го направи првото патешествие во непознатото. Ганѕајќи се низ бескрајните градски улици и тмурните, гнили плочници зад нив, најпосле наиде на нагорниот булевар од вековно-изветвени скалила, провиснати дориски тремови и притулено-стаклени куполи коишто чувствуваше дека мора да водат нагоре кон долго-познатиот, недостижен свет зад маглините. Имаше запуштени плаво-бели сообраќајни знаци кои за него не значеа ништо и одеднаш ги забележа чудните, мрачни лица на развојваните толпи и странските знаци над необичните дуќани во кафените, од децении изветвени градби. Никаде не можеше да најде ни една од градбите коишто ги имаше видено од далеку, па така уште еднаш како да му дојде мисла дека оној Федерал Хил од тој далечен видик беше бил соништен свет каде на стапалата на живи луѓе никогаш не им е пишано да стапнат.

Одвреме-навреме ќе се подадеше по некоја раскршена црковна фасада или разронета кула, но никогаш зацрнетиот куп кој тој го бараше. Кога запраша еден дуќанџија за големата камена црква, човекот само се насмеа и заниша со главата, иако чисто зборуваше англиски. Како што Блејк се качуваше повисоко, пределот се чинеше сѐ почуден и почуден, со счудовидувачки лавиринти на смуртени кафеави сокаци кои вечно водеа кон југ. Премина преку два или три широки булевари и еднаш како да му се виде дека забележа позната кула. Повторно запраша еден трговец за огромната црква од камен и овојпат можеше да се заколне дека тврдењето на неукост беше изглумено. Лицето на црномурниот човек имаше изглед на страв кој се обидуваше да го сокрие и Блејк го виде како прави некој своевиден знак со десната рака.

Тогаш наеднаш една црна кула се исправи наспроти наоблаченото небо од левата страна, над редиците кафеави покриви кои ги порабуваа замрсените јужни сокаци. Блејк веднаш знаеше што е и се нурна кон неа низ оскудните, непоплочени алеи кои се искачуваа од булеварот. Двапати се загуби по пат, но некако не се осмелуваше да запраша некој од патријархите или домаќинките кои седеа на праговите, или некои од децата кои викаа и играа во калта на засенетите алеи.

Најпосле јасно ја здогледа кулата наспроти југозапад и една џиновска камена грамада мрачно се издигна при крајот на еден сокак. Одеднаш се најде среде ветровит отворен плочник, со живописна стара калдрма и со висок граничен бедем на далечната страна. Ова беше крајот на неговата потрага; зашто врз широката, со железо оградена и од плевели обрасната висорамнина којашто бедемот ја крепеше - одделен, помал свет кренат цели шест стапки над околните улици - се издигаше смурена, титанска грамада чијшто идентитет и покрај новата перспектива на Блејк, беше апсолутно неспорен.

Празната црква беше во состојба на крајна запуштеност. Некои од високите камени контрафори имаа паднато и неколку деликатни украсни громобрани лежеа полузагубени помеѓу кафените, запоставени плевели и треви. Саѓосаните готски прозорци беа во најголем дел неискршени, макар што многу од камените шпросни недостигаа. Блејк се зачуди како магливо насликаните окна успеале да преживеат во толкава мера, со оглед на познатите навики на малите момчиња ширум светот. Масивните врати беа недопрени и цврсто затворени. Околу врвот на опкружниот бедем, целосно опкружувајќи ја парцелата, имаше ‘рѓосана железна ограда чија порта - на чело на еден ред скали од плоштадот - беше воочливо закатанчена. Патеката од портата до градбата беше целосно обрасната. Пустош и распад висеа небаре плаштаница над местото и во бесптичните стреи и црните, необршленети ѕидови Блејк почувствува допир на притулена зловестност надвор од неговата моќ да ја определи.

На плоштадот имаше многу малку луѓе, но Блејк виде еден полицаец на северниот крај и му пријде со прашања за црквата. Човекот беше снажен и пријатен Ирец и беше несекојдневно тоа што само се прекрсти и промрморе дека народот никогаш не зборува за таа градба. Кога Блејк почна да навалува, мошне набрзина раскажа како италијанските свештеници ги предупредиле сите да не си имаат работа со неа, заветувајќи се дека некое чудовишно зло некогаш таму домувало и оставило свој белег. Тој самиот имал чуено темни шепоти за црквата од татко му, кој се сеќавал на некои извесни звуци и гласини од момчештвото.

Имало некоја лоша секта таму во дамнина - одметничка секта која повикала ужасни работи од некоја незнајна бездна на ноќта. Морале да викнат добар свештеник за да го истера она што беше дошло, макар што имало и такви кои викале дека само светлината можела да го изгони. Ако отец О’Мали бил жив ќе можел едночудо работи да изнаприкаже. Но сега немало што да ѝ прават освен да ја остават на мира. Никој веќе не можела да повреди, а тие што ја поседувале биле мртви или далеку. Избегале како стаорци по заканувачките муабети од ‘77ма, кога народот почнал да забележува како од соседството одвреме навреме по некој ќе исчезнел. Еден ден градот ќе се подадел и ќе го присвоел имотот одошто немало кој да го наследи, но ништо арно не ќе излезело од некој да оди таму и да чепка. Подобро ако го оставеле за годините да го сронат, за да не се разбудат работи кои поарно ќе било вечно да спијат во нивните црни понори.

Откако полицаецот си замина Блејк остана да зјапа во мркиот камбанарисан куп. Го возбуди тоа што увиде дека градбата им се чини исто толку зловестна и на други колку и нему и се запраша колкава ронка вистина може да се крие зад старите приказни кои џандарот му ги беше повторил. Најверојатно беа само легенди спотнати од злобниот изглед на местото, но дури и со тоа, беа како чудно оживување на некоја од неговите сопствени приказни.

Пладневното сонце излезе од зад раштрканите облаци, но се чинеше неспособно да ги осветли исфлеканите, саѓосани ѕидови на стариот храм кој се надвиснуваше над својата вишна висорамнина. Беше несекојдневно што пролетното зеленило не ги имаше допрено кафените, овенати израстоци во подигнатиот, со железо ограден двор. Блејк се затекна како кроце се доближува до подигнатата површина и го испитува опкружниот бедем и ‘рѓосана ограда за можни прилики за приод. Имаше некоја ужасна примамливост околу зацрнетото светилиште на која не можеше да ѝ се одолее. Оградата немаше отвор близу скалите, но на северната страна имаше место каде што фалеа неколку шипки. Би можел да се искачи по скалите и да изоди по тесната круна на ѕидчето од надвор од оградата додека не дојде до јазот. Ако луѓето толку силно се плашеа од местото, нема да се најде кој да го спречи.

Беше на бедемот и скоро влезен низ оградата пред некој да може да го забележи. Тогаш, гледајќи надолу, ги виде неколкумината на плоштадот како се повлекуваат и го прават истиот знак со десната рака што и продавачот на булеварот го беше направил. Неколку прозорци беа затворени со тресок и една дебела жена истрча на улица и повлече неколку мали деца во една расклимана, небојадисана куќа. Јазот во оградата беше многу лесен за поминување и за кратко Блејк се најде како цапоти среде гнилите, заплеткани израстоци на напуштениот двор. Од наваму-натаму, ветви издатоци на надгробни плочи му кажуваа дека некогаш имало погреби на овој тревник; но тоа, забележа, мора да било многу одамна. Грамадноста на црквата беше потислива сега кога беше блиску до неа, но си го заузда настројството и пријде да ги испроба трите големи порти на фасадата. Сите беа цврсто заклучени, па започна обиколка на киклопејската зграда во потрага по некој мал и попремостлив отвор. Дури и тогаш не беше баш сигурен дека сака да влезе во тоа врталиште на напуштеност и сенка, а сепак влечењето на нејзината чудност само по себе го тегнеше.

Еден зјајнат и незаштитен прозорец од визбата на задната страна го обезбеди потребното окно. Ѕиркајќи внатре, Блејк виде подземна бездна на пајажини и прав бледо осветлен од профилтрираните зраци на западното сонце. Шут, стари буриња и распарчени кутии и мебел од најразличен тип му го сретнаа погледот, макар што над сѐ имаше плашт од прашина што ги омекнуваше сите остри контури. Зарѓаните останки на една печка за жежок воздух му покажа дека зградата била користена и држена во добра состојба барем до средно-викторијанските времиња.

Делувајќи скоро и без свесен поттик, Блејк пролази низ прозорецот и се спушти до од прашина прекриениот и со шут распослан бетонски под. Заѕиданата визба беше огромна, без прегради; и во еден далечен ќош од десната страна, среде густи сенки, здогледа црн свод кој очевидно водеше нагоре. Чувствуваше сперлив осет на потиснување, сега откако влезе во големата призрачна градба, но го држеше под контрола додека внимателно ја извидуваше околината - наоѓајќи едно сѐ уште здраво буре меѓу прашините и тркалајќи го до отворениот прозорец за да му користи како излез. Тогаш, окуражувајќи се, го премина широкиот, со пајажини извезен простор кон сводот. Полузагушен од сеприсутната прашина и прекриен со сеништно-

свилени конци, ги достигна и започна да се качува по излитените камени скали кои се издигаа во темнината. Немаше светло, па внимателно се распипуваше со рацете. По еден остар свиок, пред него почувствува затворена врата и со кратко паркање ѝ го изнајде древното резе. Се отвори навнатре и низ неа виде притулено осветлен ходник обложен со црвјосана ламперија.

Штом се најде на приземје, Блејк забрзано започна да истражува. Сите внатрешни врати беа отклучени, па слободно минеше од соба во соба. Гигантскиот брод беше скоро устрелно место со насипи и планини од прашина преку преградените клупи, олтарот, проповедницата со песочни часовници и натстрешницата и титански ортоми пајажина се простираа помеѓу зашилените сводови на галеријата и беа заплетени околу групите готски столбови. Над сиот овој бесшумен пустош се разигруваше одвратна пепелава светлина додека залезното пладневно сонце ги праќаше своите зраци низ чудните, полу-зацрнети окна на големите апсидни прозорци.

Сликите на тие прозорци беа толку помрачени од саѓи што Блејк едвај можеше да дешифрира што претставувале на времето, но од она малку што успеа да разбере, не му се допаднаа. Приказите во главно беа конвенционални и неговото познавање на маглив симболизам му кажа многу за некои од древните дезени. Малобројните прикажани светци на лицата носеа изрази кои беа јасно отворени за критика, додека еден од прозорците се чинеше дека прикажува само еден мрачен простор со вители на необична светликавост раштркани низ него. Тргајќи го погледот од прозорците, Блејк забележа дека запајажинетиот крст над олтарот не е како обичните, туку потсетува на исконскиот анк или крукс ансата на сеништниот Египет.

Во една задна сакристија покрај апсидата Блејк најде гнило биро и до таван високи полици со мувлосани, разградени книги. Тука за прв пат доживеа вистински потрес на објективен ужас, зашто насловите на тие книги му кажуваа многу. Беа црните, забранети нешта за коишто повеќето здраворазумни луѓе немаат ни чуено, или имаат чуено само низ прикриени, бојазливи шепоти; забранетите и стравотни складишта на повеќесмислени тајни и исконски формули коишто протекле низ временските потоци од деновите на човечкото младештво и притулените, чудесни денови пред човекот да бидне. И тој самиот имаше прочитано многу од нив - латинската верзија на ненавистниот „Некрономикон“, зловестната „Либер ивонис“, злогласната „Култ де гул“ на Комт д’Ерлет, „Унаусшпрехлихен култен“ на фон Јунцт и пеколната „Де вермис мистериис“ на стариот Лудвиг Прин. Но имаше и други кои ги знаеше само по углед или кои воопшто не ги знаеше - Фанкотските ракописи, „Книгата на Ѕијан“ и еден разронет том во целосно неодредливи знаци, но со извесни симболи и дијаграми наежливо препознатливи за ученикот на окултното. Јасно беше дека тлејните околни гласини не лажеа. Местото некогаш беше било седиште на зло постаро од човештвото и пошироко од познатиот семир.

Во запустеното биро имаше мала тетратка со кожни корици, полна со пасуси во некое несекојдневно криптографско слово. Пишаното во ракописот се состоеше од обичните традиционални симболи кои денес се користат во астрономијата, а во дамнина во алхемијата, астрологијата и други сомничави дисциплини - ознаките на Сонцето, Месечината, планетите, аспектите и знаците на Зодијакот - тука збрани во конкретни страници текст, со поделби и параграфирања кои укажуваа дека секој симбол соодејствува на некоја буква од азбуката.

Со надеж да покасно го реши криптограмот, Блејк го одведе томот во џебот од палтото и го понесе. Многу од големите томови на полиците неискажливо го фасцинираа и почувствува искушение да ги позајми и нив некогаш во иднина. Се запраша како можеле толку долго да останат невознемирени. Зар тој беше првиот кој успеал да го надвладее грабливиот, продорен страв кој скоро шеесет години го беше заштитувал ова напуштено место од посетители?

Откако темелно го истражи приземјето, Блејк повторно се разора низ прашината на призрачниот брод до предниот припрат каде што имаше видено врата и скалиште кои веројатно водеа до зацрнетата кула и камбанарија - нешта кои толку долго му беа познати од далеку. Искачувањето беше загушно искуство, зашто прашината беше густа, а и пајаците најбезмилосно го имаа обработено ова збиено место. Скалиштето беше спирално со високи, тесни дрвени скалила и одвреме навреме Блејк минеше покрај замаглени прозорци кои вртоглаво гледаа над градот. Иако долу не виде јажиња, очекуваше да најде ѕвоно или чифт ѕвона во кулата чиишто тесни, ланцетни окна преградени со жалузии неговата дулбија толку често ги беше проучувала. Тука му беше судено да се разочара; зашто кога го достига врвот на скалите ја најде одајата во кулата незафатена од ѕвонци и јасно посветена на крајно поинакви цели.

Собата, околу петнаесет квадратни стапки, беше бледо осветлена од четири ланцетни окна, по едно на секоја страна, кои беа глеѓосани зад закрилата на распаднати жалузии. Врз жалузиите пак, имаше закачено тесни, непровидни панели, но овие сега беа во голема мера изгниени. Во средината на со прашина затрупаниот под се издигаше еден необично закосен камен столб висок околу четири и со просечен дијаметар од две стапки, прекриен од секоја страна со бизарни, грубо врежени и потполно непрепознатливи хиероглифи. На овој столб лежеше метална кутија со своевидно асиметрична форма; капакот со шарки ѝ беше отворен и во внатрешноста содржеше нешто што под децениски-длабоката прашина изгледаше како јајцевиден или неправилно сферичен објект од околу четири инчи напреку. Околу столбот во неправилен круг имаше седум готски столици со високи потпирачи сѐ уште во главно недопрени, додека зад нив, распоредени по темно-ламперисаните ѕидови, имаше седум гигантски прикази од разронет, црно-бојадисан малтер, кои најмногу од сѐ личеа на загадочните изрезбарени мегалити на мистериозниот Велигденски Остров. Во еден ќош на запајажената одаја во ѕидот имаше вградено скала која водеше до затворената подна врата на беспрозорната камбанарија на горниот кат.

Како што Блејк почна да се навикнува на снемоштената светлина, забележа несекојдневни барелјефи на чудната отворена кутија од жолт метал. Пристапувајќи поблиску, се обиде да ја избрише прашината со раце и со шамивче и виде дека фигурините се од некој чудовиштен и крајно вонземен вид; прикажувајќи ентитети кои, макар навидум живи, не личеа на ниту едно живо суштество кое некогаш еволуирало на оваа планета. Четири инчната очевидна сфера испадна дека е скоро црн полиедар со црвени стрии и со многу нерамномерни рамни површини; или некаков мошне исклучителен кристал или некој вештачки предмет од изрезбарена и високо исполирана минерална материја. Не го допираше дното на кутијата, туку беше држен во воздух од еден метален обрач околу неговиот центар, со седум сперливо дизајнирани потпирачи кои хоризонтално се издаваа во агол од горниот дел на внатрешниот ѕид на кутијата. Штом го откри, овој камен врз Блејк наложи скоро тревожна фасцинација. Едвај можеше да го откине погледот од него и како што гледаше во неговите сјајни површини скоро и му се пристори како да е провиден, со полу-оформени светови на чуда во себе. Во умот почнаа да му изливаат слики на вонземни кугли со големи камени кули и други кугли со титански планини и без белези на живот и уште подалечни простори каде што само бранувањето на нејасната црнина зборува за присуството на свест и волја.

Кога најпосле го сврте погледот, забележа еден мошне своеобразен куп прашина во далечниот ќош близу скалата до камбанаријата. Не можеше да каже зошто успеа да му го одвлече вниманието, но нешто во неговите контури понесе порака до неговиот потсвесен ум. Орајќи кон него и тргајќи ги со раката провиснатите пајажини како што одеше, започна да воочува нешто мрачно во формата. Раката и шамивчето наскоро ја открија вистината и Блејк збивна од обезглавувачка мешавина на чувства. Беше човечки костур кој изгледаше како долго време да беше бил таму. Облеката беше парчосана, но неколку копчиња и одломки ткаенина упатуваа на сив машки костум. Имаше и некои други докази - чевли, метални токи, огромни мажетни за округли ракави, игла за вратоврска со старински дезен, новинарска значка со името на стариот „Провиденс телеграм“ и разронет кожен портфељ. Блејк грижливо го испита последниов предмет, наоѓајќи во него неколку банкноти од застарено издание, пластифициран рекламен календар за 1893, неколку картички со името „Едвин М. Лилибриџ“ и лист хартија прекриен со белешки запишани со молив.

Овој лист хартија поседуваше мошне загадочна природа и Блејк внимателно го прочита на притулениот западен прозорец. Расцепканиот текст содржеше фрази како следните:


„Проф. Енох Бауен се враќа од Египет мај 1844 - ја купува старата црква „Фри-вил“ во јули - неговата археолошка работа и проучувања на окултното добро познати.“

„Д-р Драун од „4та Баптистичка“ предупредува за „Ѕвездена мудрост“ во проповедта 29 дек. 1844.“

„Број на верници 97 до крај на ‘45та.“

„1846 - 3 исчезнувања - прво споменување на Блескавиот трапезоедар.“

„7 исчезнувања 1848 - почнуваат приказни за жртви во крв.“

„Истрагата од 1853 не дава плод - приказни за звуци.“

„Отец О’Мали зборува за ѓаволопоклонување со кутија најдена во големи египетски урнатини - вели дека свикале нешто што не може да постои на светлина. Бега од малку светлина, а може да се истера со силна светлина. Потоа мора пак да се повика. Ова најверојатно му е од претсмртната исповед на Франсис К. Фини, кој се зачленил во „Ѕвездена мудрост“ во ‘49та. Овие луѓе велат дека Блескавиот трапезоедар им ја покажува небесата и други светови и дека Опседнувачот од мракот на некој начин им кажува тајни.“

„Приказната на Орин Б. Еди 1857. Го свикале со гледање во кристалот и имаат нивни таен јазик.“

„200 или повеќе верници 1863, башка од мажи на фронтот.“

„Ирски момчиња влетувааат во црквата во 1869 по исчезнувањето на Патрик Реган.“

„Прикриена статија во Ж. Март 14, ‘72та, но луѓето не зборуваат за тоа.“

„6 исчезнувања 1876 - таен комитет го посетува градоначалникот Дојл.“

„Ветена постапка фев. 1877 - црквата се затвора во април.“

„Банда - Федерал Хил бојс - им се заканува на д-р -- и членовите на црковниот одбор во мај.“

„181 лица си заминуваат од градот пред крајот на ‘77ма - не споменувај имиња.“

„Приказни за духови почнуваат околу 1880 - обиди се да ја установиш вистината за извештајот дека никој човек не влегол во црквата од 1877.“

„Побарај му ја на Ланиган фотографијата од местото сликана во 1851.“...


Враќајќи ја хартијата на место во портфељот и ставајќи го него во капутот, Блејк се сврте и погледна кон костурот во прашината. Изводот од белешките беше јасен и немаше сомнение дека тој човек беше дошол во напуштеното здание пред четириесет и две години во потрага по новинарска сензација која никој друг не бил доволно смел да ја проследи. Можеби никој друг не знаел за неговиот план - кој да знае? Но никогаш не се вратил во неговата редакција. Дали некој храбро потиснуван страв се воздигнал да го совлада и ненадејно да предизвика да му откаже срцето? Блејк се надвисна над болскотливите коски и ја забележа нивната сперлива состојба. Некои од нив беа лошо раштркани, а неколку се чинеа како да се чудно разложени на краевите. Други беа чудно пожолтени и потајно укажуваа на гламносаност. Оваа гламносаност ги опфаќаше и некои од одломките на облека. Черепот беше во многу сперлива состојба - исфлекан со жолто и со гламносано окно на горниот дел како некоја силна киселина да ја имаше разјадено голата коска. Што се беше случило со костурот за време на четирите децении тивко почивање тука, Блејк не можеше да си замисли.

Пред да биде свесен, повторно гледаше во каменот, дозволувајќи неговото необично влијание да му побуди небулозни чинодејства во умот. Виде врвици наметнати, прекриени фигури чии контури не беа човечки и се пулеше преку бескрајни милји пустина порабена со изрезбарени, небо-вишни монолити. Виде кули и ѕидови во заноќени длабини под морето и вители на вселена каде прамени црна магла пловеа пред тенки мижуркања на студена виолетова маглина. И зад сѐ друго, наѕре бесконечна бездна на темнина, каде цврсти и полуцврсти форми се познаваа само по нивните ветровити претања и облачни дезени на сила како да наметнуваа ред врз хаосот и го држеа клучот до сите парадокси и мистики на световите кои ги знаеме.

Тогаш наеднаш магијата беше скршена од налет на зајаден, неодредлив паничен страв. Блејк се засркна и се сврте настрана од каменот, свесен за некое безоблично вонземно присуство близу до него кое го гледа со ужасна намерност. Се почувствува заплеткан во нешто - нешто што не беше во каменот, но коешто го беше погледнало низ него - нешто што непрестајно го следи со спознание кое не е физички вид. Очевидно беше дека местото почна да му оди на нерви - како што и беше со право со оглед на грозоморното откритие. А и светлината бледееше, па бидејќи немаше осветлувач со него, знаеше дека наскоро ќе мора да си оди.

И тогаш, среде надојдениот самрак, му се пристори како да гледа бледа трага на светлосност во лудо закосениот камен. Се беше обидел да го тргне погледот, но некој маглив порив му ги влечеше очите назад. Имаше ли некоја слаба светлозрачност на радиоактивност околу предметот? Што пишуваше во белешките на мртовецот во врска со некој Блескав трапезоедар? Што воопшто беше овој напуштен брлог на космичко зло? Што било сторено тука и што сѐ уште би можело да демне во сенките од кои сите птици бегаа? Сега се чинеше дека некој неодредлив усет на реа се имаше зададено од некаде во близина, макар што изворот не беше очевиден. Блејк го зграби поклопецот на долго-отворената кутија и го штракна затворајќи го. Капакот лесно се придвижи на вонземските шарки и целосно се затвори над непогрешливо светливиот камен.

Со остриот чкрапот на затварањето некој тих звук на претање како да дојде од вечната црнина на камбанаријата одозгора, од другата страна на подната врата. Несомнено се стаорци - единствените живи нешта кои си го имаа откриено присуството во тој клет крш уште од кога влезе. А сепак тоа претање во камбанаријата ужасно го преплаши, така што скоро збеснато се нурна прудолу по спиралните скали, преку лешождерниот брод, во засводената визба, надвор среде надојдениот примрак на напуштениот плоштад и надолу низ обременетите, од страв опседнати сокаци и булевари на Федерал Хил кон здраворазумните централни улици и лагодните калдрмести тротоари на универзитетскиот реон.

Во текот на деновите кои следеа, Блејк на никого не му кажа за неговата експедиција. Наместо тоа, читаше многу од извесни книги, испитуваше долгогодишни записи од весници во градот и трескавично работеше со криптограмот во кожниот том од запајажената сакристија. Клучот, како што набрзо увиде, не беше едноставен; и по долг период на заложба беше сигурен дека неговиот јазик не може да е англиски, латински, грчки, шпански, италијански или германски. Очевидно ќе мора да црпи од најдлабоките бунари на неговата бизарна начитаност.

Секоја вечер стариот нагон да се испули кон запад му се враќаше и ја гледаше црната камбанарија небаре од дамнина среде накострешените покриви на некој далечен и полу-замислен свет. Но сега таа за него содржеше свежа нота на терор. Го знаеше наследството на злобни преданија кое го затскриваше и со сознанието видот вртоглаво му сноваше по нови сперливи патишта. Пролетните птици се враќаа и како што ги гледаше нивните залезни летови му се чинеше како да ја одбегнуваат шкобавата, осамена кула како никогаш досега. Кога некое јато ќе ѝ пријдеше, помисли, ќе се развртушкаа и раштркаа со избезумена збунетост - и можеше да си ги замисли дивите чврчорења кои не успеваа да го достигнат преку посредните милји.

Јуни беше месецот кога дневникот на Блејк зборуваше за неговата победа против криптограмот. Текстот беше, како што откри, на мрачниот јазик Акло користен од извесни култови од злобната антика и којшто донекаде му беше познат од некои негови претходни истражувања. Дневникот е чудно воздржан во врска со она што Блејк го дешифрирал, но тој беше неоспорно запрепастен и обеспокоен од своите резултати. Има упати кон некаков Опседнувач од мракот кој се буди со гледање во Блескавиот трапезоедар и луди претполагања за црните бездни на хаос од коишто бил повикан. За созданието се зборува дека го содржело сето знаење и барало чудовишни жртви. Некои од пасусите на Блејк покажуваат страв да не нештото, кое се чинеше дека го смета за свикано, почне да војва низ светот; макар што додава дека уличните светла формираат дувар кој не може да се премине.

За Блескавиот трапезоедар зборува често, нарекувајќи го прозорец на сето време и простор и следејќи му ја историјата од деновите кога бил направен на мрачниот Јогот, долго пред Старите Великани да го донесат на Земјата. Бил варден и ставен во необичната кутија од иглокожните суштества од Антарктикот, спасен и изнесен од нивните урнатини од змијоликите луѓе од Валусија и раздобја покасно зјаен во Лемурија од првите човечки суштества. Беше преминал чудни земји и уште почудни мориња и бил потопен со Атлантида пред некој миноански рибар да го замрежи во сертмето и да го продаде на мургавите трговци од заноќениот Кем. Фараонот Нефрен-Ка околу него изградил храм со беспрозорна костурница и го сторил она што беше причинило да му го пречкртаат името од сите споменици и записи. Потоа спиел во урнатините на тоа злобно теќе кои свештениците на новиот фараон го уништиле, додека мотиката на копачите повторно не го открила за да е клетва врз човештвото.

Рано во јули весниците чудно ги надополнуваат записите на Блејк, макар на толку краток и секојдневен начин што единствено дневникот свикува општо внимание кон нивните приноси. Се чини дека некој нов страв беше почнал да се шири на Федерал Хил откако некој туѓинец влегол во стравотната црква. Италијанците шепотеа за недотогашни претања и чукања и гребења во мрачната беспрозорна камбанарија и ги викаа нивните свештеници за да истераат некој ентитет кој им ги опседнувал соништата. Нешто постојано гледало, велеа, кон некоја врата да види дали е доволно мрачно за да може да испадне надвор. Новинарските колумни ги споменуваа долготлејните локални суеверија, но не успеваа да го развиделат постарото потекло на ужасот. Очигледно беше дека младите новинари на денешницата не се некои антиквари. Во запишувањето на овие нешта во дневникот, Блејк изразува некакво необично каење и зборува за должноста да го закопа Блескавиот трапезоедар и да го истера она што го беше свикал кога пропуштил дневна светлина во одвратната издигната кула. Меѓутоа, истовремено го прикажува и опасниот опсег на неговата фасцинираност и признава морбиден копнеж - кој ги проникнува дури и неговите соништа - да ја посети клетата кула и пак да погледне во космичките тајни на светливиот камен.

Тогаш нешто во Журналот во утрото на 17 јули го нурна дневниководачот во непотисна треска на ужас. Беше само варијанта на другите полу-комични колумни за неспокојот на Федерал Хил, но за Блејк поради некоја причина беше навистина ужасно. Во ноќта олуја еден цел час ја беше онеспособила градската светлосна мрежа и во тој црн интервал италијанците за малку што не полуделе од страв. Оние кои живееле близу до стравотната црква се колнеле дека нештото во камбанаријата го искористило отсуството на уличните светла и се спуштило во главниот дел на црквата, шлапајќи и лупајќи на вискозен и општо стравотен начин. Најпосле долупало до кулата од каде што дошле звуци на кршење на стакло. Можело да оди секаде до каде што се протегала темнината, но од светлината секогаш фаќало усвет.

Кога струјата повторно разгорела се чула потресна бука во кулата, зашто дури и снемоштената светлина која капела низ со кир зацрнетите, жалузирани прозорци била премногу за нештото. Се разлупало и се довлекло до неговата сура камбанарија токму навреме - зашто преголема мера на светлина би го вратила во понорот од којшто лудиот туѓинец го беше повикал. За време на мрачниот час толпи во молитва се беа нагроздиле околу црквата на дождот со запалени свеќи и фенери заштитени некако со свиткани хартии и чадори - светлосна стража да го спаси градот од кошмарот кој демне во темнината. Еднаш, оние најблизу до црквата зајавуваа, надворешната врата одвратно фатила да тропоти.

Но дури и ова не било најлошото. Таа вечер во „Булетин“ Блејк прочитал што пронашле новинарите. Поттикнати конечно од вицкастата вредност на вестите за уплавот, двајца од нив пркосејќи им на излудените толпи италијанци се провреле во црквата низ прозорецот на визбата откако попусто ја пробале вратата. Ја затекнале правта во припратот и призрачниот брод разорана на многу своеобразен начин, додека парчиња гнили перничиња и сатенскиот тапацир на клупите биле необично раштркани наоколу. Насекаде имало лоша миризба и ваму-таму имало парчиња жолти флеки и дамки кои личеле на гламносаност. Отворајќи ја вратата од кулата и запирајќи за момент поради сомнеж на звук од гребење од над нив, ги затекнале тесните спирални скали грубо избришани од прашина.

И во самата кула постоела таква полу-изметена состојба. Зборуваа за седмоаголниот камен столб, отпревртените готски столици и бизарните прикази од малтер, макар што за чудо металната кутија и стариот унакажен костур не се споменуваа. Она што намногу го вознемируваше Блејк - освен трагите на флеки и гламносаност и лошите миризби - беше последниот детал со кој се објаснуваше звукот на скршено стакло. Сите ланцетни окна на кулата биле искршени и две од нив биле натрчана и потамина замрачени со нагнетување на полнеж од сатенскиот тапацир на клупите и коњски влакна од перничињата, во просторот помеѓу закосените штички на надворешните жалузии. Други одломки од сатен и врзопи коњски влакна лежеле раштркани и низ пресно изметениот под, како некој да бил прекинат во делото на враќање на кулата во апсолутната црнина на нејзините цврсто завесени денови.

Жолтеникави флеки и гламносани дамки биле најдени на скалата до беспрозорната кула, но кога еден од новинарите се качил, ја отворил вертикално лизгачката подна врата и фрлил еден снемоштен светлосен сноп од батеријата во црниот и чудно реав простор, не видел ништо освен темнина и разнороден смет од безоблични одломки близу окното. Пресудата, се разбира, била дека се работи за шарлатанство. Некој решил да си бие шега со суеверните жители на ридот, или некој фанатик пробал да им ги потхрани стравовите за некое негово наводно добро. Или можеби некои од помладите и пософистицирани мештани му приредиле лукаво осмислена патка на надворешниот свет. Имало една занимлива последица кога полицијата пратила полицаец да ги провери гласините. Тројца последователно нашле начин да ја одбегнат задачата, а четвртиот пошол многу нерадо и се вратил многу брзо и без да придодаде нешто на извештајот на новинарите.

Од овој момент натаму дневниот на Блејк покажува растечка плима на подмолен ужас и нервозна растревоженост. Се куди самиот себеси зошто не презел ништо и диво умува за последиците на нареден електричен прекин. Потврдено е дека во три пригоди - за време на олуи - телефонирал до електичната компанија со избезумен тон и побарал да се преземат жестоки мерки против снемување струја. Повремено неговите записи покажуваат грижа поради неуспехот на новинарите да ги најдат металната кутија и каменот и чудно нагрдениот стар костур, кога ја истражувале сеништната соба во кулата. Претпоставуваше дека предметите се отстранети - каде и од кого или од што, можеше само да нагаѓа. Но најголемите стравови му беа за него самиот и за несветата спојка која чувствуваше дека постои помеѓу неговиот ум и тој демнечки ужас во далечната камбанарија - тој чудовиштен ноќен нествор којшто неговата непромисленост го беше свикала од врвните црни простори. Му се чинеше како да чувствува постојано тргање врз неговата волја и оние кои му дошле на гости во тој период паметат како занесено седел на бирото и зјапал низ западниот прозорец кон тоа оддалечено, од кули накострешено брдо зад развителениот чад на градот. Записите еднолично му се задржуваат на извесни ужасни соништа и на јакнење на несветата спојка додека спие. Се споменува ноќ кога се разбудил и се затекнал потполно облечен, излезен и упатувајќи се самостојно прудолу по Колеџ Хил, кон запад. Повторно и повторно се задржува на фактот дека нештото во камбанаријата знаело каде да го најде.

Неделата по 30 јули се памети како периодот на делумниот нервен слом на Блејк. Не се облекол и сета храна ја порачувал по телефон. Посетителите му дале примедби за јажињата што ги чувал крај креветот и рекол дека месечарењето го беше приморало секоја вечер да си ги врзува глуждовите со чворови кои најверојатно би го сопреле или барем би го разбудиле од напорот да ги одврзе.

Во дневникот раскажуваше за одвратното искуство кое го беше довело распадот. Откако си легнал вечерта на 30ти, одненадеж се нашол како се распипува низ некој скоро црн простор. Сѐ што можел да види биле куси, бледи, хоризонтални ленти на синовита светлина, но можел да намириса преовладувачка реа и да чуе необична збрка од тивки, прикриени звуци над него. Секогаш кога ќе се придвижел се спрепинал на нешто и со секој шум доаѓал некаков звук, како во одговор, од горе - нејасно претање, измешано со внимателно лизгање на дрво врз дрво.

Еднаш со распипаните раце наидел на камен столб чиј врв бил празен, а потоа се затекнал како ги стиска басамаците на скала вдлабена во ѕидот и како несигурно се тетерави по патот кон некој предел на појака смрдеа каде што некаков жежок, усвитен бран удирал во него. Пред очите му играла калеидоскопска палета на призрачни слики кои во интервали се растопувале во слика на огромен, ненурнат понор на ноќ каде што виореле сонца и светови на една уште подлабока црнина. Помислил на древните легенди за Врвен Хаос, во чии центар е испружен слепиот бог-идиот Азатот, Владарот на Сите Нешта, опкружен од неговата расшлапана орда на безумни и безоблични танчари и успиен од пискавото еднолично пиштење на демонијачка флејта држена во безимени шепи.

Тогаш некој остар пукот од надворешниот свет му ја пробил зашеметеноста и го расонил за неизустливиот ужас на неговата положба. Што беше, никогаш не дозна - можеби беше некој закаснат ѕвекот од огнометите кои цело лето се слушаа од Федерал Хил кога мештаните ги славеа нивните светци-заштитници, или светците на родните села во Италија. Но како и да е, Блејк гласно крикна, избезумено падна од скалата и слепо се испоспрепна преку препречениот под на скоро безсветлосната одаја која го опкружуваше.

Веднаш препозна каде е и безобѕирно се нурна прудолу по тесното спирално скалиште, препинајќи се и чукајќи се при секој свиок. Имаше кошмарно бегство низ огромен запајажен брод чии аветни сводови стигаа до царства на извргалена сенка, безвидна мешаница преку растурен подрум, искачување до предели на воздух и улична светлина надвор и луда трка прудолу по призрачен рид на тептави калкани, преку смуртен, тивок град на високи црни кули и нагоре по стрмната источна врлина до неговата древна врата.

Кога изутрината му се врати свеста се затекна како лежи на подот на работната соба, потполно облечен. Прекриен беше со кал и пајажини и секое делче од телото му беше набиено и модро. Кога се сврте кон огледалото виде дека косата му е лошо испрлена и трага од некоја чудна, зла миризба како да му се имаше залепено на надворешните горни алишта. И тогаш се случи да нервите му попуштат. Оттогаш натаму, исцрпено излежувајќи се во роба, не правеше скоро ништо освен што зјапаше низ западниот прозорец, се тресеше при заканата на грмотевици и додаваше разуздани записи во дневникот.

Големата бура надојде токму пред полноќ на 8 август. Громови непрестајно удираа низ сите делови во градот и пријавени беа две извонредни огнени топки. Дождот беше пороен, додека постојаните рафали на грмотевици на илјадници им донесоа бессоница. Блејк беше крајно избезумен од страв за светлосната мрежа и се обиде да се јави во електричната компанијата во околу 1 часот по полноќ, но дотогаш нив линиите им беа прекинати во име на безбедноста. Сѐ бележеше во дневникот - големите, нервозни и често неодгатливи хиероглифи раскажуваат нивна сопствена приказна за растечко беснило и очај и за записи начкртани на слепо во мракот.

Мораше да ја држи куќата во темница за да може да гледа низ прозорецот и се чини дека поголемиот дел од времето го имаше поминато на бирото, неспокојно џарејќи се низ дождот преку сјајните милји на градските покриви кон соѕвездијата на далечни светла кои го обележуваа Федерал Хил. Повремено несмасно ќе додадеше по некој пасус во дневникот, така што одвоени фрази како „Светлата не смеат да изгасат“; „Знае каде сум“; „Мора да го уништам“ и „Ме вика, но можеби овој пат не ми мисли лошо“; можат да се најдат раштркани на две од страниците.

Тогаш светлата низ целиот град се изгаснаа. Се случило во 2:12 часот по полноќ според записите на електраната, но дневникот на Блејк не посочува на времето. Пасусот е само „Светлата се изгасија - Господ нека ми е на помош.“ На Федерал Хил имаше набљудувачи неспокојни колку и него и од дожд прокиснати чворови на луѓе парадираа по плоштадот и сокаците околу злобната црква со под чадори засолнети свеќи, електрични батерии, газиени ламби, распетија и незнајни амајлии од многуте видови типични за јужна Италија. Ја благословуваа секоја молња и правеа загадочни знаци на страв со десните раце кога пресврт во бурата предизвика секањата да се намалат и најпосле целосно да замрат. Надојден ветер ги издува повеќето од свеќите, така што сцената постана заканувачки мрачна. Некој го скорна отец Мерлузо од црквата „Спирито Санто“, кој побрза до стуштениот плоштад да разгласи по некој корисен слог, колку што можеше. За беспокојните и своевидни звуци на зацрнетата кула, воопшто не постоеше сомнеж.

За она што се случи во 2:35 го имаме сведочењето на свештеникот, млада, интелигентна и образована личност; на полицаецот Вилијам Џ. Монахен од Централната станица, офицер од најголема веродостојност кој беше запрел на тој дел од неговиот терен за да ја провери толпата; и на повеќето од седумдесет и осумте луѓе кои се имаа собрано околу високиот опкружен бедем на црквата - особено оние на плоштадот од каде што беше видлива источната фасада. Се разбира нема ништо што може да се докаже дека било надвор од природниот ред. Можните причинители на еден таков настан се многубројни. Никој со сигурност не може да зборува за незнајните хемиски процеси што би се одвивале во огромната, древна, лошо проветреана и долго напуштена зграда полна со разнородна содржина. Морни пареи - спонтано согорување - притисок на гасови пројавени од долг распад - бил кој од небројна листа на феномени би можел да е одговорен. А освен тоа, факторот на свесно шарлатанство исто така во никој случај не би можел да се исклучи. Работата сама по себе беше мошне едноставна и се протегаше во време пократко од три минути. Отец Мерлузо, отсекогаш прецизен човек, непрестајно погледнуваше во часовникот.

Започна со категорично воздигање на пригушените звуци на валање во црната кула. Извесно време беше имало некакво нејасно испарување на чудни, врли миризби од црквата и сега истото беше станато нагласено и нападно. Тогаш конечно се чу звук на цепење на дрво и некој голем, тежок предмет тресна долу во дворот под намрштената источна фасада. Кулата беше невидлива сега откако свеќите престанаа да горат, но како што предметот се приближуваше до земјата луѓето знаеја дека тоа се од чад кирливите жалузии од источниот прозорец на кулата.

Веднаш потоа некоја крајно неподнослива реа се прели од невидените висини, гушејќи ги и згнасувајќи ги растреперените гледачи и скоро ничкосувајќи ги оние на плоштадот. Истовремено воздухот затрепери со вибрации како на распафтани крилја и ненадеен источно-насочен ветер понасилен од сите дотогашни виори им ги зграпчи капите и истрга прокиснатите чадори на толпата. Ништо одредено не можеше да се види во бессвеќната вечер, макар што на некои набљудувачи свртени нагоре им се пристори како да наѕираат големо ширење на погусто заматена црнина наспроти мастилното небо - нешто како безобличен облак од чад кој со метеорска брзина се втурнал кон исток.

Тоа беше сѐ. Гледачите беа полу-отрпнати од страв, стравопочит и неугодност и едвај знаеја што да прават, или дали воопшто да прават нешто. Не знаејќи што се случило, не го олабавија бдеењето; и еден миг покасно испратија молитва кон небото кога еден остар блесок на задоцнета молња проследена со увопарателен тресок на звук ја распара поплавената небеса. Половина час покасно дождот запре и по уште петнаесет минути уличните светла повторно пркнаа, испраќајќи ги капнатите, раздрпани гледачи со олеснување во нивните домови.

Наредниот ден весниците овие работи ги споменаа само попратно како поврзани со општите извештаи за бурата. Се чинеше дека големиот блесок на молња и заглушувачка експлозија коишто ја проследија случката на Федерал Хил беа уште поизвонредни понаисток, каде што исто така беше забележан налет на своеобразната реа. Феноменот беше најзабележан над Колеџ Хил, каде што тресокот ги разбуди сите заспани жители и доведе до счудовидена партија на умувања. Од оние кои веќе беа будни само малкумина го видоа аномалниот болскот на светлина близу врвот на ридот, или ја забележаа необјаснивата нагорна струја на воздух која скоро ги соголи лисјата од дрвата и ги сроза растенијата во градините. Беше донесен заеднички заклучок дека осамената, ненадејна молња мора да беше удрила некаде во тоа маало, макар што потоа не можеше да се најде трага од нејзиното удирање. Едно момче од куќата на братството „Тау омега“ чинеше дека видело некоја гротескна и одвратна маса на чад во воздухот токму кога пукнал првичниот блесок, но неговата забелешка не е потврдена. Меѓутоа, сите неколку набљудувачи се согласуваат за насилниот налет од запад и наливот на неподнослива смреа која го претходела закаснетиот удар; додека доказите во врска со миговната миризба на изгорено по ударот се исто толку општи.

Овие точки беа многу внимателно дискутирани поради нивната веројатна поврзаност со смртта на Роберт Блејк. Студентите во куќата на братството „Пси делта“ чии горни задни прозорци гледаа кон работната соба на Блејк го забележаа заматеното бело лице на западниот прозорец утрото на 9ти и се запрашаа што не е во ред со изразот. Кога го видоа истото лице во истата положба и вечерта, се загрижија и чекаа да видат дали ќе се запалат светлата во станот. Подоцна заѕвонија на ѕвончето од замрачениот стан, а најпосле донесоа полицаец за сосила да ја отвори вратата.

Вкочанетото тело седеше исправено на бирото крај прозорецот и кога натрапниците ги видоа стаклестите, вбрекнати очи и трагите на чист, грчовит уплав на извитоперените црти на лицето се завртија во згрозена вџашеност. Набрзо потоа судскиот вештак направи испит и и покрај нескршениот прозорец пријави дека електричен шок или нервозна тензија предизвикана од електрично празнење, беше било причина за смртта. Одвратниот израз го занемари во целост, сметајќи го за неневеројатен резултат на тешкиот шок искусен од личност со толку абнормална фантазија и неурамнотежени чувства. Овие две последни особини ги изведе од книгите, сликите и ракописите пронајдени во станот и од наслепо начкртаните записи во дневникот на бирото. Блејк ги беше продолжил избезумените чкрапаници до последно и моливот со скршен врв му беше пронајден вклештен во вкочането стиснатата десна рака.

Записите по снемувањето светлина се многу расцепкани и читливи само делумно. Од нив извесни иследувачи имаат донесено заклучоци кои многу се разликуваат од материјалистичката официјална пресуда, но таквите умувања немаат голема шанса да се земени како веродостојни помеѓу конзервативните. Случајот на овие креативни теоретичари не е помогнат од делата на суеверниот д-р Декстер, кој ги фрли необичната кутија и закосениот камен - предмет кој со сигурност беше светлосен кога беше видлив од црната беспрозорна камбанарија каде што беше најден - во најдлабокиот канал на заливот Нарагансет. Прекумерната фантазија и невротичната неурамнотеженост од страна на Блејк, надразнета од сознанието за злобниот старовремски култ чии потресни траги ги беше разоткрил, го формираат преовладувачкото толкување со оглед на тие последни избезумени чкрапаници. Ова се записите - или барем сѐ што може да се разбере од нив:


„Светлата уште се изгасени - сигурно пет минути имаат поминато. Сѐ зависи од молњите. Да даде Хадит да продолжат вака!...Некое влијание се чини како да лупа врз....Дождот и грмежите и ветерот заглушуваат....Нештото ми го зазема умот....

Проблем со сеќавање. Гледам работи што никогаш досега не сум ги знаел. Други светови и други галаксии....Темно....Молњата се чини темна, а темнината се чини светла....

Не може да се вистинскиот рид и црква што ги гледам во црната темница. Мора да се ретинални отпечатоци оставени од блесоците. Дај Боже италијанците да се излезени со свеќите ако запрат молњите!

Од што се плашам? Зар не е отелотворение на Нјарлатотеп кој во античкиот и сеништен Кем заземал дури и форма на човек? Се сеќавам на Јогот и подалечниот Шагај и врвната небиднина на црните планети....

Долгиот, раскрилен лет низ небиднината...не може да го премине семирот на светлина...пресоздаден од мислите фатени во Блескавиот трапезоедар...го прати преку ужасните понори на сјајност....

Се викам Блејк - Роберт Харисон Блејк и живеам на улица „Ист нап“ број 620, Милвоки, Висконсин...На оваа планета сум...

Смилувај се Азатот! - молњите веќе не блескаат - ужасно - можам да видам сѐ со чудовишно сетило што не е вид - светлината е мрак, а мракот светлина...луѓето на ридот...стража...свеќи и амајлии...свештениците...

Ми го снема сетилото за растојание - далечината е блиску, близината е далеку. Нема светло - нема стакло - ја гледам камбанаријата - кулата - прозорецот - го слушам - Родерик Ашер - луд сум или полудувам - нештото прета и се вала низ кулата - јас сум тоа и тоа е јас - сакам да излезам...мора да излезам и да ги обединам силите...Знае каде сум...

Јас сум Роберт Блејк, но ја гледам кулата во мракот. Има чудовишна миризба...сетилата преобразени...дограмата на прозорецот на кулата пука и попушта...Иа...нгај..јгг...

Го гледам - доаѓа тука - пеколен ветар - титанска матност - црни крилја - Спаси ме Јог-Сотот - тро-резното огнено око...“