Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.
Изворен наслов „Ал азиф“ - „азив“ е збор кој Арапите го користат за означување на ноќниот звук (кој го прават инсекти) за кој се вели дека бил завивање на демони.
Составен од Абдул Алхазред, лудиот поет од Сана, во Јемен, за кој се вели дека најплоден период на творештво му бил периодот на Омејадските калифи, околу 700та. Ги посетил урнатините на Вавилон и подземните тајни на Мемфис и поминал десет години сам во големата јужна пустина во Арабија - во Руб ел Хали или „Празниот простор“ на древните народи - и „Дехна“ или „Крмуз“ пустина на модерните Арапи, за која се верува дека е населена од заштитни зли духови и чудовишта на смрт. За оваа пустина, многу необични и неверојатни чудесии се раскажуваат од страна на оние кои настојуваат дека ја имаат продрено. Во неговите последни години Алхазред домувал во Дамаск, каде што Некрономиконот („Ал азиф“) бил напишан и за неговата конечна смрт или исчезнување (738) многу ужасни и противречни нешта се раскажуваат. За него Ебн Халикан (животописец од 12тиот век) вели дека бил зграпчен од невидливо чудовиште среде бел ден и ужасно проголтан пред голем број на страво-скаменети сведоци. За неговото лудило се раскажуваат многу нешта. Тврдел дека го има видено баснословниот Ирам, или Градот на Столбови и дека ги нашол под урнатините на некој извесен безимен пустински град потресните летописи и тајни на раса постара од човештвото. Бил рамнодушен кон Исламот, обожавајќи незнајни ентитети кои ги викал Јог-Сотот и Ктхулху.
Во 950, Азифот, којшто достигнал значителен, макар што потаен оптек меѓу философите од таа ера, тајно бил преведен на грчки од Теодор Филит од Константинопол под насловот „Некрономикон“. Цел век поттикнувал извесни експериментатори на ужасни опити, кога потоа бил потиснат и изгорен од патријархот Михаил. По ова е споменуван само стаено; но Олаус Вормиус (1228) изработил латински превод подоцна во средниот век и латинскиот текст бил испечатен два пати - еднаш во петнаесеттиот век во готско писмо (очевидно во Германија) и еднаш во седумнаесеттиот век (највер. Шпански) - и двете изданија без никакви препознатливи белези и одредливи во однос на време и место единствено по внатрешни типографски докази. Делото и на латински и на грчки било забрането од папата Григориј IX во 1232, набрзо по неговиот латински превод, којшто привлекол внимание кон него. Арапскиот оригинал бил изгубен уште од времето на Вормиус, како што е укажано во неговата предговорна забелешка; а за грчката копија - којашто била испечатена во Италија помеѓу 1500 и 1550 - не е пријавена никаква трага по горењето на библиотеката на еден извесен човек од Салем во 1692. Англискиот превод изработен од страна на д-р Ди никогаш не бил испечатен и постои само во одломки зачувани од изворниот ракопис. Од латинските текстови кои сега постојат за еден (15 век) се знае дека е под клуч во Британскиот музеј, додека друг (17 век) е во „Библиотек национал“ во Париз. Изданија од седумнаесеттиот век има во библиотеката „Вајднер“ во „Харвард“ и во библиотеката на Мискатонскиот универзитет во Аркам. Како и во библиотеката на универзитетот „Буенос Аирес“. Многубројни други копии најверојатно постојат потајно и за една која датира од петнаесеттиот век се шири упорна гласина дека сочинува дел од збирката на еден прославен американски милионер. Една уште понејасна гласина го препишува зачувувањето на грчки текст од шеснаесеттиот век на фамилијата Пикман од Салем; но ако навистина бил зачуван, го снема со уметникот Р. А. Пикман, кој исчезна во раниот дел на 1926. Книгата е кораво потисната од властите на повеќето земји и од сите гранки на организиран клерикализам. Читањето води до ужасни последици. Од гласини за оваа книга (за којашто релативно малкумина од широката јавност знаат) се вели дека на Р. В. Чејмберс му произлегла идејата за неговиот ран роман „Кралот во жолто“.
Хронологија
„Ал Азиф“ напишан околу 730 во Дамаск од Абдул Алхазред
Прев. на грчки 950 како „Некрономикон“ од Теодор Филит
Изгорен од Патријархот Михаил 1050 (т.е. грчкиот текст). Арапскиот текст загубен.
Олаус го преведува грч. на латински 1228
1232 латинско изд. (и грч.) потис. од папата Григориј IX
14… испечатено издание во готско писмо (Германија)
15… грч. текст испечатен во Италија
16… шпанско препечатување на латинскиот текст