Врз највисокиот од сите земни врвови домуваат боговите на земјата и не му даваат на никој да раскаже дека им се беше испулил. На пониски врвови беа запоседнати на времето; но севезден луѓето од рамнините се качуваа по падините од карпи и снег, гонејќи ги боговите кон повисоки и повисоки планини, па сега саде највисоката им има останато. Кога ги напуштиле постарите врвови си ги зеле со себе сите свои нишани, освен еднаш, како што се вели, кога оставиле изрезбарена лика врз лицето на планината која ја викаа Нгранек.
Но сега фатиле накај незнајниот Кадат во студената пустелија кај што човек не стапнува и станале строги, одошто немаат повисоки врвови до кај што би пребегнале при доаѓањето на луѓето. Станале строги и иако на времето им давале на луѓето да ги истиснат, сега им бранат на луѓето да дојдат, или ако дојдат, да си појдат. Арно е што луѓето не знаат за Кадат во студената пустелија, зашто инаку неумесно би се закревале да го искачат.
Понекогаш, кога на земните богови им запилкува срцето за дома, во мирните вечери ги посетуваат врвовите кај што домувале на времето и тихо липаат додека се обидуваат да си играат по старински врз запаметените падини. Луѓето ги осетиле солзите на боговите на белокрунисаниот Турај, макар што ги помислиле за дожд и ги чуле воздишките на боговите среде жаловитите мугрински ветрови на Лерион. Во облачни бродови им е на боговите узус да патуваат и мудри чифчии имаат легенди кои ги држат понастрана од извесни високи врвови навечер кога е облачно, зашто боговите не се попустливи како во дамнина.
Во Ултар, кој лежи зад реката Скаи, си живееше еднаш еден старец изгорен за да ги опули боговите на земјата; човек длабоко изучен во седумте загадочни книги на Хсан и запознат со Пнакотските ракописи од далечниот и замрзнат Ломар. Името му беше Мудриот Барзаи и селаните раскажуваат како се искачил на некоја планина на вечерта на чудното помрачување на месечината.
Барзаи знаеше толку многу за боговите што можеше да раскажува за тоа кај одат и што прават и нагаѓаше толку многу од нивните тајни што и него го сметаа за полубог. Тој беше оној кој мудро го посоветува уќуматот на Ултар кога го донесоа тој бележит закон против тепање мачки и кој прв му кажа на младиот свештеник Атал каде всушност одат црните мачки на полноќ на Иванден. Барзаи беше изучен во преданијата за земните богови и беше станал желен да им се испули врз лицата. Веруваше дека неговото изобилно тајно познавање на боговите може да го заштити од нивниот гнев, па така се реши да појде до капецот на високата и карпеста Хатег-Кла при една ноќ кога знаеше дека боговите ќе се таму.
Хатег-Кла е далеку во камената пустина зад Хатег, по којшто е крстена и се издига небаре карпеста статуа во тивок храм. Околу нејзиниот врв маглините севезден жалосно си подигруваат, зашто маглините се спомените на боговите и боговите ја милуваа Хатег-Кла кога во старо време врз неа домуваа. Често боговите на земјата ја посетуваат Хатег-Кла во нивните бродови од облак, фрлајќи бледи чуреи врз падините додека копнежно играат на капецот под јасна месечина. Селаните од Хатег велат дека е неарно човек да се качува на Хатег-Кла било кога, а смртоносно да се качува навечер кога бледи чуреи го кријат капецот и месечината; но Барзаи не ги пориза кога стигна од соседниот Ултар со младиот свештеник Атал, кој му беше пулен. Атал беше саде син на анџија и понекогаш му беше страв; но таткото на Барзаи беше бил ландграф кој домувал во древен замок, па немаше прости суеверија во крвта и само им се смееше на страшливите чифчии.
Барзаи и Атал заминаа од Хатег кон камената пустина наспроти молитвите на селаните и зборуваа за земните богови крај нивните логорски огнови навечер. Многу денови патуваа и оддалеку ја здогледаа вишната Хатег-Кла со ореолот од жалосна маглина. На тринаесеттиот ден стигнаа до осаменото подножје на планината и Атал прозборе за своите стравови. Но Барзаи беше стар и учен и немаше страв, па смело го поведе патот угоре по падините коишто никој жив не ги беше искачил од времето на Сансу, за кој со стравотност се пишува во мувливите Пнакотски ракописи.
Патот беше карпест и провалии, гребени и растркалани камења го правеа опак. Покасно залади и заснежи; и Барзаи и Атал често се лизгаа и паѓаа додека си цепеа пат и клапаа нагоре со стапови и секири. Најпосле воздухот се проретчи и небото смени боја и на искачувачите им падна тешко да дишат; но сепак ‘рмбаа саде пругоре, восхитувајќи ѝ се на чудноста на глетката и кострешејќи се од помислата за што би можело да се случи на капецот кога месечината е излезена и бледите чуреи се испораширени наоколу. Три дена кај се качуваа сѐ погоре и погоре и погоре кон покривот на светот; а потоа поставија логор да го чекаат заоблачувањето на месечината.
Четири вечери не фатија облаци и месечината студено светеше низ ретките жалосни маглини околу тивкиот заб. Тогаш на петтата вечер, којашто беше вечерта на полната месечина, Барзаи виде јадри облаци далеку на север и остана буден со Атал за да ги гледа како ближат. Густи и величествени кај пловеа, споро и одмерено кон напред; распоредувајќи се околу врвот високо над гледачите и криејќи ја месечината и капецот од видик. Еден цел, долг час гледачите зјапаа додека чуреите вителеа и превезот на облаци се згусна и се размири. Барзаи беше длабоко запознат со преданијата за земните богови и напнато слушаше да дочуе извесни звуци, но Атал го почувствува студенилото на чуреите и стравопочитта во ноќта и многу се уплаши. И кога Барзаи почна да се качува повисоко и нетрпеливо да му мафта да дојде, долго време мина пред Атал да фати да тргне по него.
Толку беа густи облаците што патот беше тежок и иако Атал најнакрај тргна по Барзаи, едвај можеше да му ја види сивата форма на притулената горна падина под заоблачената месечина. Барзаи прусаше далеку пред него и и покрај годините се чинеше дека се искачува полесно од Атал; не плашејќи ѝ се на стрмноста која почна да станува преголема за секој освен за некој силен и одважен човек ниту запирајќи при широките црни провалии кои Атал едвај можеше да ги прерипне. И така јурно се искачуваа преку карпи и бездни, лизгајќи се и сопинајќи се и повремено се воодушевуваа од недогледноста и ужасната тишина на голи ледени заби и неми гранитни стрмнини.
Од нигде никаде Барзаи се изгуби од погледот на Атал, искачувајќи се по еден поган гребен кој како да се испапчуваше кон напред и му го попречуваше патот на секој качувач невдахнат од земните богови. Атал беше далеку под него и правеше план за што да стори штом ќе го достигне местото, кога своевидно забележа дека светлината имаше ојачано, небаре безоблачниот врв и месечевото врталиште на боговите се многу блиску. И додека се пентереше кон испапчениот гребен и потпаленото небо почувствува стравови попотресни од сите кои дотогаш ги беше знаел. Тогаш низ високите маглини го чу гласот на невидениот Барзаи како диво развикува со сласт:
„Ги чув боговите! Ги чув земните богови како пејат пирувајќи на Хатег-Кла! Гласовите на земните богови му се познати на Пророкот Барзаи! Маглините се ретки и месечината е светла и ќе ги видам боговите кај диво играат на Хатег-Кла која ја милуваа во младоста! Мудроста на Барзаи го стори повелик од земните богови и против неговата волја нивните вражби и препреки се небаре ништо; Барзаи ќе ги опули боговите, гордите богови, тајните богови, боговите на земјата кои ги имаат котлосано човечките погледи!“
Атал не можеше да ги чуе гласовите кои Барзаи ги слушаше, но сега беше близу до испапчениот гребен и го испитуваше за потпори погодни за качување. Тогаш чу како гласот на Барзаи станува попродорен и погласен:
„Маглините се многу ретки и месечината фрла сенки врз падината; гласовите на земните богови се високи и диви и се плашат од доаѓањето на Мудриот Барзаи, кој е повелик од нив… Месечевата светлина мижурка, како што земните богови играат наспроти неа; ќе ги видам разиграните облици на боговите кои рипаат и завиваат на месечината… Светлината е попритулена и на боговите им е страв…“
Како што Барзаи ги извикуваше овие нешта Атал почувствува призрачна промена во воздухот, небаре законите на земјата им се поклонуваат на поголеми закони; зашто иако патот беше пострмен од било кога, нагорниот пат сега беше станал стравотно лесен и испапчениот гребен едвај беше пречка кога го достигна и опако му се лизна по конвексното лице. Месечевата светлина чудно имаше замрено и како што Атал се втурнуваше нанапред низ маглините го слушаше Мудриот Барзаи како се дере во сенките:
„Месечината е мрачна и боговите играат во ноќта; ужасии има на небото, зашто врз месечината се беше раширило помрачување непредречено во ниедна книга на луѓето или земните богови… Непозната магија има на Хатег-Кла, зашто врисоците на уплашените богови се преточија во смеа и падините на лед бескрајно се дигаат кон црната небеса кон којашто кремнисувам… Хеи! Хеи! Најпосле! Во притулената светлина ги пулам боговите на земјата!“
И тогаш Атал, вртоглаво лизгајќи се пругоре преку несфатливи стрмнини, во мракот чу погано смеење, помешано со еден таков извик каков што никој друг човек не чул освен во Флегетонот од нераскажливите кошмари; извик во којшто одекнуваше ужасот и страдот од цел опседнат животен век нагнетен во еден свиреп миг:
„Другите богови! Другите богови! Боговите на надворешните пеколи кои ги чуваат мекушавите богови на земјата! … Настрана гледај! … Врати се! … Не пули се! … Не пули се! … Одмаздата од бесконечните понори… Таа клета, таа проклета јама… Мили богови на земјата, пропаѓам в небо!“
И како што Атал си ги затвори очите и си ги затна ушите и се обиде да скокне надолу наспроти стравотното влечење од непознати височини, на Хатег-Кла одекна тој стравотен ѕвекот на грмежи кој ги разбуди добрите чифчии од рамнините и чесниот уќумат од Хатег и Нир и Ултар и им причини да го опулат низ облаците тоа чудно помрачување на месечината непретскажано во ниедна книга. И кога месечината најпосле излезе Атал беше безбеден на пониските снегови на планината без да ги гледа земните богови или другите богови.
Во мувливите Пнакотски ракописи, пак, се раскажува дека Сансу не нашол ништо освен неречит лед и карпи кога се искачил на Хатег-Кла во младоста на светот. А сепак кога луѓето од Ултар и Нир и Хатег си ги здробија стравовите и се качија денски на таа опседната стрмнина во потрага по Мудриот Барзаи, врз голиот камен на капецот пронајдоа врежан еден своевиден и киклопејски симбол широк педесет аршини, небаре карпите беа биле изрежени од некое титанско длето. И симболот беше налик на оној којшто учени луѓе го имаа распознаено во оние стравотни делови на Пнакотските ракописи кои се предревни за да се прочитаат. Ете тоа го најдоа.
Мудриот Барзаи никогаш не го најдоа, ниту светиот свештеник Атал можеше да се убеди да се помоли за спокој на неговата душа. А исто така, до ден-денес луѓето од Ултар и Нир и Хатег се плашат од помрачувања на месечината и се молат навечер кога бледи чуреи го кријат планинскиот врв и месечината. И над маглините на Хатег-Кла земните богови понекогаш копнежно играат; одошто знаат дека се безбедни и милуваат да дојдат од незнајниот Кадат во бродови од облак и да играат по старински, како што играа кога земјата била нова и луѓето не ги бодело да се качуваат до непристапни места.