I
Дури и во најголемите ужаси, ретко кај фали иронија. Некогаш влегува директно во составот на настаните, а некогаш се однесува само на нивната судбинска положба помеѓу личности и места. Вторава ситуација е одлично илустрирана преку еден случај во древниот град Провиденс каде што во касните четириесетти години Едгар Алан По често престојувал за време на неговото неуспешно додворување на надарената поетеса г-ѓа Витман. По обично наминувал во „Меншн хаус“ на улица „Бенефит стрит“ - преименуваниот ан „Голден бол ин“ чиј покрив им беше пружал засолниште на Вашингтон, Џеферсон и Лафајет - и неговата омилена прошетка водела кон север по истата таа улица до домот на г-ѓа Витман и соседната црква „Св. Јован“ на ридот, чие скриено пространство на гробови од осумнаесеттиот век сперливо го воодушевувале.
Иронијата тука е во следново: за време на овие прошетки, повторени толку пати, најголемиот светски мајстор на стравотното и бизарното бил приморан да помине покрај една извесна куќа на источната страна на улицата; запуштена, престарена структура квакната на нагло издигнатиот страничен рид, со голем неодржан двор кој датира од време кога пределот делумно се состоел од диви кории. Не се чини дека некогаш напишал или кажал нешто за куќата ниту има некаков доказ дека воопшто ја имал и забележано. А сепак, таа куќа, за две лица кои поседуваат извесни информации, може да се носи со или да ги надмаши по ужас најразузданите мечти на генијот кој толку често незнајно ја беше одминувал и се издига дрско вргалејќи се како симбол на сѐ што е неизустливо ужасно.
Таа куќа беше - а всушност и сѐ уште е - од тип да би им го привлекла вниманието на љубопитните. Првично била фарма или полу-фарма и ги следи просечните новоанглиски колонијални црти на средиштето на осумнаесеттиот век - оние на богаташки куќи со шилести покриви, со два спрата и беспрозорен таван и со џорџиска врата и внатрешна ламперија направена според наредбите на развитокот на вкусот во тоа време. Беше свртена накај југ, со едната страна на калканот закопана до долните прозорци во ридот кој се издигаше кон исток, а другата изложена кон улицата до самоти темел. Нејзината градба, од пред повеќе од век и пол, следела по порамнувањето и исправањето на патот во таа конкретна околина; зашто улицата „Бенефит стрит“ - најпрво наречена „Бек стрит“ - била положена како сокак кој се извивал низ гробните места на првите населеници и била исправена дури откако префрлањето на телата во гробиштата „Норт бериал граунд“ направило да е донекаде возможно да се пресече преку старите семејни парцели.
На почетокот, западниот ѕид се наоѓал од другата страна на стрмен тревник на дваесет стапки од патот; но ширењето на улицата околу периодот на револуцијата го откосило поголемиот дел на меѓупросторот изложувајќи ги темелите при што морало да се изгради циглен ѕид за подрумот, давајќи ѝ на длабоката визба улична фасада со врата и два надземни прозорци, близу до новата лента на јавен пат. Кога го положувале тротоарот пред еден век, бил отстранет последниот дел од меѓупросторот; па По за време на неговите прошетки сигурно можел да види само стрмно извишување од загасити сиви ѕигли залепено до тротоарот и надвиснато на височина од десет стапки од староќерамидната грамада на самата куќа.
Фармоликиот имот саглам се протегаше по ридот, скоро до „Витон стрит“. Просторот јужно од куќата, кој тангираше со „Бенефит стрит“, се разбира беше високо над нивото на постоечкиот тротоар, формирајќи тераса омеѓена со висок насипен ѕид од влажен, мовлив камен пробушен од стрмно, тесно скалиште кое водеше навнатре, помеѓу кањонолики површини, до горниот предел со крастав тревник, гурелави циглени ѕидови и запоставени градини чии распарчени цементни урни, ‘рѓосани котлиња паднати од триножници од глуждави прачки и слични дрангулии ја гиздеа од години изветвената предна врата со скршен светларник, гнили јонски пиластери и црвјосан тријаголен корниз.
Она што во младоста го имав чуено за одречената куќа беше само тоа дека таму луѓе умирале со загрижувачка честост. Поради тоа, ми беше кажано, првичниот сопственик се беше отселил по околу дваесет години откако го изградил местото. Просто било нездраво, можеби поради влагата и габестите израстоци во подрумот, општиот болежлив мирис, провевот низ ходниците или чистината на бунарот и испумпаната вода. Ваквите работи беа доволно лоши и беа сето она врз коешто се темелеа верувањата на лицата кои ги знаев. Само бележниците на мојот чичко антиквар, д-р Елиу Випл, најнакрај ми ги открија помрачните, помагливи претполагања кои имаа создадено стаена фолклорна нишка меѓу старите слуги и простите луѓе; претполагања кои никогаш не стигаа до далеку и коишто во најголема мера беа заборавени кога Провиденс прерасна во велеград со менливо и модерно население.
Општ факт е дека куќата никогаш не беше сметана од страна на реномираниот дел на заедницата за „опседната“ во вистинска смисла. Немаше распространети сказни за ѕвечкање на синџири, ладни струи на воздух, гасење на светла или лица на прозорците. Екстремисти понекогаш велеа дека куќата била „несреќна“, но дури ни тие не одеа подалеку од ова. Она што беше навистина вон секаква расправа беше тоа дека стравотна квота на лица умираа таму; или поточно имаа умрено таму, бидејќи по извесни сперливи настани од пред преку шеесет години градбата беше останала напуштена преку чиста невозможност да се даде под кирија. Овие лица не биле сите одеднаш покосени од еден ист причинител; туку се чинело како живоста да им е подмолно цицана, па секој умрел предвреме од склоност кон онаа слабост каква што природно беше имал. А оние коишто не умреле имаа пројавено, во различни степени, некаква слабокрвност или сушица, а понекогаш и опаѓање на умствените способности, кои неубаво зборуваа за благопријатноста на градбата. Соседните куќи, мора да се додаде, се чинеа дека се потполно непогодени од ваквата дегутантна особина.
Олку ми беше познато пред моето настојчиво испрашување да го наведе чичко ми да ми ги покаже белешките кои најпосле и двајцата нѐ испратија на нашето патешествие по одвратни истражувања. Кога бев дете, одречената куќа беше празна, со јалови, глуждави и стравотни стари дрвја, долга, настрано бледа трева и кошмарно извитоперени плевели по високиот терасен двор каде што птици никогаш не се вртеа. Како деца го запоседнувавме местото и уште си го споменувам младешкиот ужас не само од морбидната чудност на тоа зловестно зеленило, туку и од устрелната атмосфера и миризба на трошната куќа, низ чијашто отклучена предна врата често се влегуваше во потрага по морници. Прозорците со мали окна во најголема мера беа испокршени и некаков безимен впечаток на пустош висеше околу несигурната ламперија, климави внатрешни ролетни, излупени тапети, испопаѓан малтер, разнишани скалишта и онакви одломки на исчукана покуќнина какви што уште имаше останато. Правта и пајажините додаваа свој сопствен усет на стравотност; и навистина храбро беше момчето кое доброволно ќе се качеше по скалата до таванот; една масивна просторија со чатми осветлена единствено од мали мижуркави прозорци на краевите на калканот и полна со натрупан ‘ршум од ковчези, столици и вретена кои бескрајни години таложење ги беше заплаштило и извезило во чудовишни и пеколни облици.
Но и после сѐ, таванот не беше најужасниот дел на куќата. Тоа беше немливата, влажна визба која некако ни будеше најсилна одбивност и покрај тоа што беше целосно надземи на уличната страна, имајќи само една слаба врата и од прозор пробушен циглен ѕид за да ја одделат од прометниот тротоар. Едвај можевме да се одлучиме дали да ја запоседнеме од призрачен занес или да ја одречеме за атер на нашите души и нашиот здрав разум. Како прво, лошата миризба на куќата таму беше најсилна; а како второ, не ни се бендисуваа белите габести израстоци кои повремено никнуваа при врнежливо летно време од подот од тврда земја. Тие габи, гротескно слични со зеленилото во дворот однадвор, беа навистина ужасни во нивните контури; презриви пародии на мувоморки и индијански лулиња, какви што немавме видено во ниедна друга околност. Бргу скапуваа и во еден наврат станаа и по малку светлозрачни; при што ноќни патници понекогаш зборуваа за вештерски светла како сјаеле зад скршените окна на баздоиздишните прозорци.
Никогаш - дури ни во најбесните расположенија за време на Вечерта на сите светци - не ја посетувавме визбата навечер, но можевме да ја уочиме светлозрачноста за време на некои од нашите денски посети, особено кога денот беше мрачен и влажен. Имаше и една постаена работа која често ни се чинеше дека ја уочуваме - една многу чудна работа којашто меѓутоа не беше ништо повеќе од укажување. Она на коешто упатувам е еден маглив белузлав дезен на земјениот под - нејасен, променлив талог на мувла или шалитра кој понекогаш ни се чинеше дека можеме да го воочиме среде скудните габести израстоци близу огромниот камин во кујната во подрумот. Повремено ни паѓаше впечаток дека таа флека има необјаснива сличност со склупчена човечка фигура, макар што генерално не постоеше таква сродност и често воопшто и немаше белузлав талог. За време на едно дождливо попладне кога ваквата илузија се чинеше извонредно силна и кога, освен тоа, ми се пристори како да наѕрев некакво тенко, жолтеникаво, мижуркаво испарување како се издига од шалитрестиот дезен кон зјајнатиот камин, му ја спомнав на чичко ми оваа работа. Тој се насмеа на ваквиот несекојдневен наум, но се чинеше како насмевката да му е обоена од спомени. Покасно чув дека некаква слична замисла можела да се најде и во некои од разузданите древни сказни на селскиот народ - замисла која истовремено алудирала на гробождерни, волчји форми обликувани од чадот од големиот оџак и настрани контури заземени од некои од кршкавите корени на дрвјата кои си зариваа пат до визбата низ лабавите камења на темелите.
II
Дури откако станав човек во години чичко ми ги положи пред мене белешките и податоците кои ги имаше собрано во врска со одречената куќа. Д-р Випл беше здраворазумен, конзервативен лекар од старата школа и и покрај сиот негов интерес за местото не беше склон да подбуцнува младешки мисли кон абнормални работи. Неговото гледиште, кое постулираше само градба и локација со бележито несанитарни особини, немаше никаква врска со абнормалност; но тој имаше сфатено дека самата живописност која го беше побудила неговиот личен интерес, во мечтавиот ум на едно младо момче би можела да вроди најразлични грозоморни, фантастични поистоветувања.
Докторот беше ерген; сед, секогаш пресно бричен, старомоден господин и бележит локален историчар, кој често беше кршел копја со спорни чувари на традицијата како Сидни С. Рајдер и Томас В. Бикнел. Живееше заедно со еден слуга на џорџиски имот со врата со чукало и скали со железен ракофат, морничаво потпрен на една стрмна угорнина на улицата „Норт корт стрит“ крај древниот плочник со цигли и колонијалната куќа каде што дедо му - роднина на прославениот поморски капетан Випл, кој го опожарил кралскиот воен шкунер „Гаспи“ во 1772 - беше гласал за легислативата на 4 мај 1776 за независност на колонијата Род Ајленд. Околу него во спарната, нискотаванска бибилиотека со немлива бела ламперија, масивна изрезбарена наткаминска полица и прозорци со мали окна и бршленов опсен, беа реликвиите и записите на неговото древно семејство, меѓу коишто имаше многу сомничави алузии кон одречената куќа на „Бенефит стрит“. Тоа напастно место и не се наоѓа многу далеку - зашто „Бенефит“ врви веднаш над судската палата по стрмниот рид врз којшто се издигаше првото селиште.
Кога, на крајот, моите непопустливи тормозења и зрелост во години го спотнаа чичко ми да ми ги открие накалапените преданија кои ги барав, пред мене се распосла еден мошне чуден летопис. Колку и да беа развлечени, статистички и сувопарно родописни, низ записите се провлекуваше постојана нишка на намрштен, непопустлив ужас и противприродна злонамерност која ми остави уште поголем впечаток мене одошто му имаше оставено на стариот доктор. Неповрзани настани необјасниво се поклопуваа и навидум неважни подробности содржеа цели рудници на одвратни можности. Во мене се разгори нова и пламенита љубопитност, наспроти којашто мојата момчешка љубопитност беше саде мекушава и зародишна. Првото откровение водеше до исцрпно истражување и најпосле до онаа наежлива истрага којашто се покажа како толку катастрофална за мене и моите најмили. Зашто најпосле чичко ми настојуваше да ми се придружи во потрагата која ја имав започнато и по една извесна ноќ во таа куќа не се врати со мене. Осамен сум без таа нежна душа чии долги години беа исполнети само со чест, доблест, дикатлук, добротворност и ука. Дигнав мермерна урна во негова чест во гробиштата во црквата „Св. Јован“ - местото коешто По толку го милувал - скриениот шумјак со џиновски врби на врвот каде што гробници и надгробни плочи тивко се купчат помеѓу ветвата грамада на црквата и куќите и ѕидовите на насипот на „Бенефит стрит“.
Историјата на куќата, отпочнувајќи среде лавиринт од датуми, не откриваше никаква трага на зловестност ниту околу нејзината градба ниту околу имотливото и чесно семејство кое ја беше изградило. А сепак уште од прво беше очевидна некаква дамка на ал која набргу се прошируваше во кобно укажување. Внимателно насобраните записи на чичко ми почнуваа со изградбата на структурата во 1763 и ја проследуваа темата со необичен степен на подробност. Одречената куќа, како што се чинеше, за првпат била населена од Вилијам Харис и неговата жена Роби Декстер со нивните деца, Елкана, роден во 1755, Абигејл, родена во 1757, Вилијам Џуниор, роден во 1759 и Рут, родена во 1761. Харис бил имашлив трговец и морепловец во западно-индискиот пазар, поврзан со фирмата на Обадаја Браун и неговите внуци. По смртта на Браун во 1761, новата фирма „Николас Браун и компанија“ го направила командант на бригот „Пруденс“, изграден во Провиденс, со носивост од 120 тони, овозможувајќи му да го издигне новиот имот кој го беше посакувал уште од венчавката.
Местото кое го беше избрал - еден неодамна израмнет дел на новата и помодна улица „Бек стрит“, која врвела по страната на ридот над прометниот кварт Чипсајд - било сѐ што човек би можел да посака и градбата испаднала достојна за локацијата. Била најдоброто што умерените средства можеле да го дозволат и Харис поитал да се всели пред раѓањето на петтото дете коешто семејството го очекувало. Тоа дете, момче, пристигнало во декември; но било мртвороденче. Ниту пак се случило да во таа куќа се роди живо дете цел век и половина.
Наредниот април болештина ги налегнала децата и Абигејл и Рут умреле пред да заврши месецот. Во лекарскиот наод на д-р Џоб Ајвс за проблемот се тврдело некаква детска треска, макар што други зајавувале дека повеќе било како некакво линеење или пропаѓање. Во секој случај се чинело дека е заразно; зашто Хана Бауен, едната од двете слуги умрела од истото наредниот јуни. Илај Лидејсон, другиот слуга, постојано се жалел од некоја слабост; и ќе се врател на фармата на татко си во Рехобот, да не станел ненадејно приврзан кон Мехитабел Пирс, која била главена да ја наследи Хана. Илај умрел наредната година - која испаднала навистина тажна, бидејќи ја одбележала смртта на самиот Вилијам Харис, одошто толку бил снемоштен од климата на Мартиник, каде што службата го беше задржувала на долги периоди за време на претходната декада.
Останувајќи вдовица, Роби Харис никогаш не закрепнала од потресот од смртта на нејзиниот сопруг и починувањето на нејзиниот првороден син Елкана две години покасно било последниот удар врз нејзиниот здрав разум. Во 1768 станала жртва на блага форма на лудило и потоа била затворена во горниот дел на куќата; при што нејзината постара немажена сестра, Мерси Декстер, се доселила за да ги брка семејните работи. Мерси била скромна, ковчеста жена со голема сила; но здравјето видливо ѝ се влошило од времето на нејзиното пристигање. Многу ѝ била посветена на својата несреќна сестра и негувала посебна љубов кон својот единствен преживеан внук Вилијам, кој од бодро новороденче постанал болежливо, жулаво момче. Таа година умрела слугинката Мехитабел, а другиот слуга Презервд Смит, си заминал без разбирливо објаснување - или барем, само со некои разуздани сказни и поплаки дека не му се допаѓала миризбата на местото. Мерси извесно време не можела да обезбеди послуга, зашто седумте смртни случаи и едниот случај на лудило, сите настапени во простор од пет години, беа почнале да ја плетат низата на вечерни гласини која потоа беше постанала толку бизарна. Меѓутоа, на крајот успеала да најде нови слуги од надвор од градот; Ен Вајт, една невесела жена од оној дел на Норт Кингстаун кој сега се има одделено во општината Ексетер и еден способен бостонец по име Зинас Лоу.
Ен Вајт била првата која им дала конкретен облик на зловестните портарски муабети. Мерси требало да знае дека не се глават луѓе од околијата на Нуснек Хил, зашто таа зафрлена провинција тогаш, како и сега, била седиште на најнеугодни суеверија. Во 1892, што и не е толку одамна, некоја заедница од Ексетер откопале мртво тело и чинодејствено му го запалиле срцето за да спречат извесни наводни божји накази пакосни за јавното здравје и мир, па човек може да си ја замисли гледната точка на истиот тој колектив во 1768. Јазикот на Ен зајадливо играл и за неколку месеци Мерси ја избркала, пополнувајќи го нејзиното место со една верна и допадлива амазонка од Њупорт, Марија Робинс.
Во меѓувреме, кутрата Роби Харис, во нејзиното лудило, произнесла соништа и замисли од најодвратен тип. На моменти врисоците ѝ биле несносни и долги периоди знаела да изустува крескави ужасии кои го наложиле привременото сместување на нејзиниот син кај неговиот роднина Пелег Харис на „Презбитеријан лејн“ близу новата зграда на факултетот. Момчето се чинело дека закрепнува по оваа посета и да била Мерси мудра колку што била и добронамерна, ќе го оставела за стално да остане кај Пелег. Што точно извикувала г-ѓа Харис за време на нејзините насилни напади, легендите не знаеа да кажат; или поточно, излагаа толку одвишни приказни што се поништуваа една со друга од чиста апсурдност. Се разбира дека звучи апсурдно да жена образована само во основите на францускиот јазик често со часови развикува користејќи груба и идиоматска форма на тој говор или да истата таа личност, сама и вардена, побеснето се жали од некое зјапнато нешто кое ја каса и гризе. Во 1772 слугата Зинас умрел и кога г-ѓа Харис разбрала се засмеала со потресна сласт потполно несвојствена за неа. Наредната година и самата умрела и била положена во гробиштата „Норт бериал граунд“ крај нејзиниот сопруг.
При избувнувањето на проблемите со Велика Британија во 1775, Вилијам Харис и покрај неговите едвај шеснаесет години и мекушаво здравје, успеал да се пријави во опсерваторската армија под водство на генерал Грин; и оттогаш натаму уживал стабилен раст во здравје и престиж. Во 1780, како капетан на силите на Род Ајленд во Њу Џерси под водство на полковник Ангел, ја сретнал и се оженил со Фиби Хетфилд од Елизабеттаун, која ја довел во Провиденс по неговото распуштање од армијата наредната година.
Враќањето на младиот војник не било работа потполно неопсената од несреќа. Навистина, куќата сѐ уште била во добра состојба; и улицата била проширена и прекрстена од „Бек стрит“ во „Бенефит стрит“. Но некогашната цврста снага на Мерси Декстер беше претрпела тажно и своевидно опаѓање, та сега била поднаведната и патетична фигура со пригушен глас и обеспокојувачки тен - особини кои до своеобразен степен ги делела и единствената преостаната слугинка Марија. Во есента 1782 Фиби Харис родила мртвородена ќерка и наредниот мај на петнаесетти, Мерси Декстер си починала од својот корисен, аскетски и чесен живот.
Вилијам Харис, најпосле темелно убеден во радикално морната природа на неговото жилиште, тогаш отпочнал со чекори да го напушти и засекогаш да го затвори. Обезбедувајќи си привремено престојувалиште за себеси и неговата жена во новоотворениот ан „Голден бол ин“, ја организирал изградбата на нова и поубава куќа на „Вестминстер стрит“, во новоразвиениот дел на градот наспроти мостот „Грејт бриџ“. Таму во 1785, му се родил синот Дјути; и таму семејството и останало да домува додека напливнувањето на дуќаните повторно не ги испратило преку реката и преку ридот до „Ејнџел стрит“, во новиот станбен реон Ист сајд, каде што покојниот Арчер Харис си ја изградил помпезната, но одвратна вила со француски покрив во 1876. И Вилијам и Фиби ѝ подлегнале на епидемијата на жолта треска во 1797, а Дјути бил израснат од неговиот роднина Ратбоун Харис, синот на Пелег.
Ратбоун бил практичен човек и ја ставил под наем куќата на „Бенефит стрит“ и покрај желбата на Вилијам да остане празна. Сметал дека има обврска кон својот штитеник колку што може попаметно да го исползува имотот на момчето и не берел многу гајле за смртните случаи и болестите кои предизвикувале толку честа промена на станари или за постојано растечката одбивност со којашто куќата општо била споменувана. Најверојатно и само го фатило симпур кога, во 1804, градскиот совет му наредил да го испрска местото со сулфур, катран и камфор поради често озборуваната смрт на четири лица, навидум предизвикана од дотогаш поднамалената епидемија на жолта треска. Велеле дека местото има некој грозничав мирис.
На самиот Дјути куќата не му значела многу, зашто израснал во морепловец и се истакнал во служба на „Вигилат“ под команда на капетан Кахун во војната во 1812. Се вратил неповреден, се оженил во 1814 и станал татко на онаа знаменита вечер на 23 септември, 1815, кога голем оркан ја раздувал водата од заливот низ пола град и истуркал еден висок слоп сѐ до „Вестминистер стрит“ при што јарболите скоро зачукале на прозорците на Харисови небаре во симболична потврда дека новороденото момче, Велкам, е морнарски син.
Велкам не го надживеал татко си туку дочекал славно да загине во Фредриксбург во 1862. Ниту тој ниту син му Арчер не знаеле ништо за одречената куќа освен тоа дека е напаст која е невозможно да се издаде - можеби поради немливоста и болежливата миризба на неодржана старост. И навистина никогаш веќе не била издадена по една редица смртни случаи кои кулминирале во 1861 и кои возбудите на војната на крајот ги фрлиле во заборав. Карингтон Харис, последниот од машката лоза, ја знаеше само како напуштено и по малку живописно средиште на легенди додека јас не му го раскажав моето доживување. Беше со намера да ја сруши и на местото да изгради станбена зграда, но по мојот приказ реши да ја остави, да постави водовод и да ја издаде. Ниту пак до ден денес имал некаков проблем да најде станари. Ужасот веќе го нема.
III
Лесно може да се замисли колку силно бев погоден од летописите на Харисови. Во тој непрекинат запис ми се чинеше како да дреме некое настојчиво зло надвор од сѐ што дотогаш ми беше познато во природата; зло кое јасно беше поврзано со куќата, а не со семејството. Овој впечаток беше потврден од понеметодичната збирка на разноразни податоци на чичко ми - легенди забележани од слугински муабети, исечоци од весник, копии од умреници потпишани од колеги лекари и слично. Во никој случај не би можел да стигнам да го изложам сиот овој материјал, зашто чичко ми беше неуморен антиквар и многу длабоко заинтересиран за одречената куќа; но можам да посочам кон неколку челни точки кои спечалиле внимание со нивната повторливост низ многу извештаи од разновидни извори. На пример, слугинските муабети беа практично едногласни препишувајќи ѝ на габестата и смрдлива визба на куќата масивен примат во злобните влијанија. Имало слуги - особено Ен Вајт - кои не сакале да ја ползуваат кујната во визбата и најмалку три добро развиени легенди се темелеа околу настраните квазичовечки или ѓаволски контури заземени од корените на дрвјата и флеките од мувла околу пределот. Овие втори раскази длабоко ме заинтересираа, поради она што го имав видено како момче, но чувствував дека поголемиот дел од значењето на секој од овие случаи беше во голема мера поматено со додатоци од канонот на околните преданија за духови.
Ен Вајт, со нејзините суеверија од Ексетер, ја беше распрострела најодвишната, но во исто време и најдоследна сказна; тврдејќи дека под куќата мора да е закопан некој од оние вампири - мртовци кои си ја задржале телесната форма и живеат од крвта или дихот на живите - чии одвратни свити ги испраќаат своите грабливи облици или души да војваат навечер по светот. За да се уништи вампир, човек морало, според бабите, да го откопа и да му го изгори срцето, или барем да зарие колец низ тој орган; и тврдоглавата настојчивост на Ен да се раскопа и провери визбата беше била истакнат аргумент во нејзиното конечно отпуштање.
Меѓутоа нејзините сказни имаа најдено широка публика и беа дотолку повеќе прифатени бидејќи куќата навистина беше дигната на земја која порано била користена за погребни цели. За мене нивната занимливост зависеше помалку од оваа околност отколку од сперливо соодветниот начин на којшто се совпаѓаа во некои точки со извесни други работи - поплаката на слугата кој си имаше заминато, Презервд Смит, кој ѝ претходеше на Ен и никогаш немаше чуено за неа, дека нешто „му го цицало дихот“ навечер; изводите за смрт на жртвите од жолта треска од 1804, издадени од д-р Чед Хопкинс, кои покажуваа дека на сите четири починати лица необјасниво им фалело крв; и магливите пасуси на бладањата на сиротата Роби Харис, каде што се жалела од острите заби на некој стакленоок, полувидлив призрак.
Колку и да сум неподложен на празни суеверија, сите овие работи во мене произведоа некој несекојдневен осет, кој беше појачан од два сосема одделeни исечоци од весник во врска со смртни случаи во одречената куќа - еден од весникот „Провиденс газет енд кантри џрнал“ од 12 април, 1815, а другиот од „Дејли транскрипт енд кроникл“ од 27 октомври, 1845 - обата расправајќи за запрепастувачки грозоморни околности чие дуплирање беше навистина извонредно. Се чини дека и во двата случаи умрената личност, во 1815 некоја кротка старица што се презивала Стафорд, а во 1845 некој средовечен даскал по име Елејзар Дурфи, биле на ужасен начин преобразени; матнооко ѕверејќи се и обидувајќи се да му го гризнат гркланот на лекарот кој ги негувал. Меѓутоа, дури и позагадочен беше крајниот случај кој му беше ставил крај на изнајмувањето на куќата - редица на смртни случаи од анемија претходени од постепено лудило каде што пациентите лукаво пробувале да им ги одземат животите на нивните роднини преку засеци на вратот или зглобот.
Ова беше во 1860 и 1861, кога чичко ми штотуку ја беше отворил медицинската пракса; и пред да замине на фронтот чул еден куп работи од неговите постари колеги од занаетот. Вистински необјаснивото нешто било начинот на којшто жртвите - неуки луѓе, зашто баздливата и надалеку одречена куќа веќе на никој друг не можела да му се издаде - бладале колнежи на француски, јазик кој немало шанси да го имаат изучувано до било каков степен. Го тераа човек да помисли на сиротата Роби Харис од пред скоро еден век и толку го трогнале чичко ми што почнал да собира историски податоци за куќата откако ја слушнал, по некое време следбено на неговото враќање од војната, од прва рака приказната на докторите Чејс и Витмарш. Можев навистина да видам дека чичко ми длабоко имаше размислувано на темава и дека му беше мило што и јас пројавив интерес - слободоумен и сочувствителен интерес кој му овозможуваше да расправа со мене за нешта за кои други само би му се смееле. Замислите не му беа толку отидени колку моите, но чувствуваше дека местото е ретко со своите мечтави можности и бележито како инспирација во полињата на гротескното и сенишното.
Од моја страна, јас бев наклонет да ја фатам темата со крајна сериозност и веднаш почнав не само да ги прегледувам доказите, туку да присобирам колку што можам повеќе. Многупати зборував со остарениот Арчер Харис, тогашен стопан на куќата, пред да умре во 1916; и од него и од неговата жива немажена сестра Алис се здобив со автентична поткрепа на сите семејни податоци кои чичко ми ги имаше собрано. Меѓутоа, кога ги прашав каква поврзаност може да има куќата со Франција или нејзиниот јазик, признаа дека се искрено обезглавени и неупатени колку и јас. Арчер не знаеше ништо, а сѐ што г-ца Харис можеше да каже беше дека можеби една стара алузија којашто нејзиниот дедо, Дјути Харис, ја имал чуено би можела да обелодени некои работи. Стариот морнар, кој за две години го беше надживеал сина си Велкам кој загинал во бој, не ја знаел легендата; но се сеќавал дека неговата прва дадилка, древната Марија Робинс, се чинела мрачно свесна за нешто што можеби можело да им придаде бизарно значење на француските бладања на Роби Харис, кои толку често ги беше слушала за време на последните дни на таа страдна жена. Марија била во одречената куќа од 1769 до 1783 кога семејството си станало да си оди и ја беше посведочила смртта на Мерси Декстер. Еднаш му беше загатнала на малиот Дјути за некоја мошне сперлива околност во последните мигови на Мерси, но тој наскоро заборавил на сѐ освен тоа дека било нешто сперливо. А внуката пак, дури и за ова си споменуваше само со потешкотии. Таа и брат ѝ не беа толку заинтересирани за куќата како што беше синот на Арчер, Карингтон, сегашниот сопственик, со кој зборував по моето доживување.
Откако го исцрпив семејството Харис од сите информации со кои можеа да ме снабдат, го свртив вниманието кон рани градски записи и тапии со попродирачка ревност од онаа којашто чичко ми повремено ја беше покажувал во истата работа. Она што го посакував беше сеопфатна историја на местото од самото негово населување во 1636 - или дури и пред тоа, ако можеше да се откопаат некакви легенди од нарагансетските индијански племиња за да ме снабдат со податоци. Открив дека, отпрво, земјата била дел од еден долг станбен парцелен појас кој првично му бил доделен на Џон Трокмортон; еден од многу слични појаси почнувајќи кај „Таун стрит“ крај реката и протегајќи се преку ридот до линија која грубо одговараше на современата „Хоуп стрит“. Парцелата на Трокмортон, покасно се разбира била доста расцепкана; и станав многу прилежен во утврдувањето на отсекот низ којшто покасно биле пуштени „Бек стрит“ и „Бенефит стрит“. Ова биле, кажуваше една гласина, гробиштата на Трогмортонови; но кога повнимателно ги испитав записите дознав дека сите гробови биле префрлени на некој претходен датум во гробиштата „Норт бериал граунд“ на „Потакет вест роуд“.
Тогаш, ненадејно налетав - по ретка случајност, бидејќи не беше во главната маса на записи и лесно можеше да се пропушти - на нешто што ми побуди најжестока нетрпеливост, одошто толку се вклопуваше со неколку од најнастраните етапи на целата работа. Беше запис за наем, од 1697, на едно мало парче земја од некој Етиен Рулет и жена му. Најпосле се беше појавил францускиот елемент - тоа, но и еден друг подлабок елемент на ужас којшто тоа име ми го пробуди од најмрачните катчиња на мојата бизарна и разнородна начитаност - и трескаво ги изучував геодетските записи на месноста каква што беше била пред сечењето и делумното исправање на „Бек стрит“ помеѓу 1747 и 1758. Го најдов она што донекаде и го очекував, дека на местото кај што сега беше одречената куќа на Рулетови им беа биле гробиштата, зад една куќарка на еден спрат и со таван и дека не постоеше никаков запис за префрлање на гробови. Документот, навистина, завршуваше во голема шашарма; и бев приморан да ги претурам и „Историското здружение на Роуд Ајленд“ и библиотеката „Шепли“ пред да пронајдам околна врата којашто името Етиен Рулет можеше да ја отклучи. На крајот успеав да најдам нешто; нешто од толку бледа, но чудовишна важност што уште веднаш фатив да ја испитувам визбата во одречената куќа со нова и возбудена акрибија.
Рулетови, се чинеше, беа дошле во 1696 од Ист Гринич, крај западниот брег на заливот Нарагансет Беј. Биле хугеноти од Код и со соочиле со доста отпор пред советниците во Провиденс да им дозволат да се населат во градот. Неугледноста ги беше гонела уште од Ист Гринич, кај што беа дошле во 1686, по укинувањето на Нантескиот едикт и гласините зборуваа дека причината за ненаклонетоста била подлабока од само расна или национална прерасуда или од земјишните спорови кои имаа вмешувано други француски доселеници во ривалства со англичаните кои ниту гувернерот Андрос не можел да ги стиши. Но нивното горешто протестанство - прегорешто, шепотеа некои - и нивната очевидна немаштија кога биле практично набркани од селото крај заливот, ги беше трогнала градските татковци. Тука на туѓинците им бил даден пристан; и на мургавиот Етиен Рулет, понесклон кон земјоделие колку кон читање настрани книги и цртање настрани дијаграми, му било доделено чиновичко место во магацинот кај докот на Пардон Тилингаст, далеку на југот на „Таун стрит“. Меѓутоа покасно имало некакви немири - можеби четириесет години покасно, по смртта на стариот Рулет - и се чинеше дека потоа никој немал чуено ништо за семејството.
Се чинеше дека Рулетови повеќе од еден век биле добро запаметени и често дискутирани како сликовита случка во тивкиот живот на новоанглиското пристаниште. Пол, синот на Етиен, намќорест човек чие непредвидливо однесување најверојатно ги беше поттикнало нередите кои го избришале семејството, беше особено чест извор на умувања; и иако Провиденс никогаш не ја беше делела вештерската паника на нејзините пуритански комшии, од стари жени било нашироко разгласувано дека молитвите на Етиен ниту биле изустувани во право време ниту насочени кон прави ствари. Сето ова несомнено ја беше оформило основата на легендата која ѝ била позната на старата Марија Робинс. Каква поврзаност имаше ова со француските бладања на Роби Харис и другите населеници на одречената куќа, само мечтата или идни откритија можеа да одредат. Се прашував колку од оние кои ги беа знаеле легендите ја имаа увидено онаа додатна врска со стравотност којашто мојата поопширна начитаност ми ја имаше пружено; таа кобна статија во летописите на морбиден ужас која раскажува за суштеството Жак Рулет од Код, кој во 1598 бил осуден на смрт поради демонијаштво, но потоа бил спасен од кладата од парискиот парламент и заклучен во лудница. Бил пронајден прекриен со крв и фаши од месо во некоја корија, набрзо по убиството и расчеречувањето на момче од страна на два волка. Еден волк бил виден како грабадина од местото неповреден. Арна приказна за пред спиење, со настрана значајност во однос на имиња и места; но одлучив дека не би можела да е општопозната за озборувачите во Провиденс. Да била позната, случајноста во имињата ќе предизвикала драстично и уплашено делување - и всушност, зар не можело да нејзините шепотења го имаат спотнато крајниот немир кој ги беше избришал Рулетови од градот?
Сега го посетував проклетото место со зголемена редовност; проучувајќи го неугодното зеленило на градината, испитувајќи ги ѕидовите на градбата и претурајќи низ секој инч од земјениот под на визбата. Најпосле, со дозвола од Карингтон Харис, наместив клуч на неупотребуваната врата која излегуваше од визбата веднаш на „Бенефит стрит“, претпочитајќи да имам побрз пристап кон надворешниот свет одошто мрачните скали, ходникот на приземјето и предната врата можеа да ми пружат. Таму, кај што морбидноста најгусто демнеше, разбарував и буричкав за време на долги пладниња кога сончевата светлина се процедуваше низ запајажинетите надземни прозорци и чувство на безбедност светеше од отклучената врата која ме ставаше на само неколку стапки од спокојниот тротоар пред куќата. Ништо ново не се најде за да ми го награди трудот - само истата потиштена немливост и бледото укажување на дегутантни миризби и контури од шалитра на подот - и чинам едночудо пешаци сигурно љубопитно ми се имаа пулено низ скршените окна.
Најнакрај, по предлог на чичко ми, се решив да го пробам местото ноќе; и една олујна полноќна вечер ги фрлив зраците на електричната светилка преку мувливиот под со неговите необјасниви облици и искривени, полусветлозрачни габи. Местото своевидно ме имаше обескуражено таа вечер и бев скоро спремен кога среде белузлавите талози видов - или ми се причини дека гледам - посебно остро отцртување на „склупчената форма“ во којашто уште како момче се сомневав. Јасноста ѝ беше зачудувачка и дотогаш невидена - и додека се пулев ми се причини како повторно да го гледам тенкото, жолтеникаво, мижуркаво испарување кое ме имаше потресено на тоа дождливо попладне пред толку години.
Над човеколиката флека од мувла крај каминот саде се издигаше; стаена, болежлива, скоро светлива чуреа која како што висеше треперејќи среде влагата се чинеше дека развива нејасни и потресни укажувања на облик, постепено избледувајќи во небулозна гнилост и издигајќи се кон црнината на големиот оџак оставајќи реа зад себе. Беше навистина ужасна, а уште поужасна за мене поради она што го знаев за местото. Одбивајќи да избегам, ја гледав како бледее - и како што гледав почувствував како и таа стрвно да ме гледа со очи повеќе замислени одошто видливи. Кога му кажав на чичко ми за ова, силно се раздразни; и по еден час напнато думање, донесе крајна и драстична одлука. Мерејќи ја во умот важноста на работата и значајноста на нашата поврзаност со неа, цврсто изјави дека и двајцата треба да го испитаме - и по можност уништиме - ужасот во куќата преку здружена вечер или вечери на агресивно бдеење во таа немлива и од габи проколната визба.
IV
Во среда, 25 јуни, 1919, по соодветно известување на Карингтон Харис кое не вклучуваше претполагања во однос на што очекувавме да пронајдеме, јас и чичко ми пренесовме до одречената куќа две камп-столици и полско креветче на расклопување, заедно со некои научни механизми со поголема тежина и комплексност. Сѐ ова го ставивме во визбата додека уште беше ден, покривајќи ги прозорците со хартија со намера да се вратиме вечерта за нашето прво бдеење. Ја заклучивме вратата од визбата до приземјето; и имајќи клуч од надворешната врата на визбата, бевме спремни да ја оставиме нашата скапа и деликатна апаратура - која ја бевме набавиле потајно и по висока цена - онолку денови колку што ќе требаше да се издолжи нашето бдеење. Бевме со ниет да заедно останеме будни до касно, а потоа поединечно да вардиме до зори во двочасовни смени, прво јас, а потоа мојот придружник; со неактивниот член одмарајќи на полското креветче.
Природното раководство со коешто чичко ми ги обезбеди инструментите од лабораториите на универзитетот „Браун“ и „Кренсон стрит армори“ и инстинктивно го презеде управувањето со нашата задача, беше чудесен коментар за потенцијалната виталност и жилавост на човекот кој беше на осумдесет и една година. Елиу Випл беше живеел според хигиенските закони кои ги беше проповедал како лекар и да не беше она што се случи потоа и денес ќе беше тука, полн со елан. Само две лица насетуваат што всушност се случи - Карингтон Харис и јас. Морав да му кажам на Харис зашто куќата беше негова и заслужуваше да знае што беше излегло од неа. А исто така, разговаравме со него уште пред да ја отпочнеме задачата; и мислев дека по починувањето на чичко ми ќе разбере и ќе ми пружи припомош во некои витално неопходни јавни објаснувања. Сиот пребледе, но се согласи да ми помогне и реши дека сега е безбедно да се издава куќата.
Да се зајави дека не бевме растревожени таа врнежлива ноќ би било огромно и апсурдно претерување. Во ниедна смисла, како што и кажав, не негувавме детски суеверија, но научната работа и промисленост нѐ имаше научено дека познатиот универзум на три димензии го овенчува саде најмалиот одлом на целокупниот космос на супстанција и енергија. Во овој случај, неизмерлива обилност на докази од едночудо потврдени извори покажуваа кон непотисливото постоење на извесни сили со голема моќ и, барем гледано од човечка гледна точка, исклучителна злоќудност. Да се рече дека вистински верувавме во вампири и врколаци би било небрежно преошта изјава. Наместо тоа, би било подобро да се каже дека не бевме спремни да ја порекнеме можноста за извесни непознати и неодредени видоизменувања на животна сила или истенчена материја; кои можеби многу нечесто постојат во тридимензионалниот простор поради нивната поинтимна поврзаност со други просторни единици, но кои сепак се доволно близу до синорот на нашите за да би нѐ снабдиле со привремени пројави коишто самите ние, поради недостиг на соодветно гледиште, никогаш не би имале шанса да ги разбереме.
Накратко, и мене и на чичко ми ни се чинеше дека има непобитна збирка на факти која покажува кон некакво вдомено влијание во одречената куќа; зачнато од некој од француските населеници од пред два века и сѐ уште оперирајќи преку ретки и непознати закони на атомско и електронско движење. Тоа дека семејството Рулет беше поседувало абнормална склоност кон надворешните кругови на битисување - мрачни сфери кои за обичниот народ содржат само одбивност и стравотии - се чинеше докажано од нивната запишана историја. Тогаш, зар не беше можно да тие немири од дамните триесетти години од седумнаесеттиот век имаа раздвижено извесни кинетички шеми во морбидниот мозок на некој или некои од нив - особено зловестниот Пол Рулет - кои незнајно ги преживеале телата убиени и закопани од страна на толпата и продолжиле да работат во некој повеќедимензионален простор во склоп на првичните линии на тежнеење одредени од трескавична омраза кон напливнатата заедница?
Таквото нешто сигурно не беше физичка или биохемиска невозможност со оглед на новата наука која ги вклучуваше теориите на релативитет и интраатомска акција. Лесно би можело да се замисли вонземно јадро на супстанца или енергија, безоблична или не, одржана во живот од неосетливи или нематеријални одземања на животната сила или телесните ткива и течности на други и попипливо живи суштества во коишто пробива и со чија твар понекогаш потполно се спојува. Би можела да е активно непријателска или би можела да е раководена само од слеп поттик кон самоодржување. Во секој случај, иктиза е да едно такво чудовиште во нашата претстава на нештата биде аномалија и натрапник чие затирање претставува првична должност на секој човек кој не е непријател на животот, здравјето и здравиот разум на светот.
Она што нѐ обезглавуваше беше нашата крајна неукост за појавата во којашто би можеле да го начекаме нештото. Немаше здраворазумен човек кој го имаше видено, а малкумина категорично го имаа почувствувано. Можеби беше чиста енергија - облик кој е етеричен и надвор од доменот на супстанција - или можеби беше делумно материјално; некоја непозната и дубиозна маса на пластичност, способна да по потреба се менува во небулозни приближности на цврста, течна, гасовита или агрегатна состојба со кревко споени елементарни честички. Човеколиката флека од мувла на подот, обликот на жолтеникавата чуреа и закривеноста на корените на дрвјата во некои од старите сказни, едногласно наведуваа на некаква далечна и позната поврзаност со човечка фигура; но колку претставителна или трајна би можела да е таа сличност, никој не можеше да каже со било каков степен на сигурност.
Скроивме две оружја за борба против нештото; голема и специјално подготвена круксова цевка напојувана од моќни акумулатори и опремена со сперливи штитници и рефлектори, за во случај да се покаже како неопипливо и неотпорно само на жестоко разорувачка етерна радијација, како и чифт војнички пламенофрлачи од типот кој се користеле во светската војна, за во случај да се покаже како делумно материјално и подложно на механичко разорување - зашто како и суеверните селани од Ексетер, бевме спремни да го изгориме срцето на нештото ако постоеше срце за горење. Сите овие агресивни уреди ги поставивме во визбата на внимателно избрани положби во однос на полското креветче и столиците, како и местото пред каминот каде што мувлата беше заземала чудни облици. Патем, таа укажувачка флека, беше саде едвај видлива кога ги наредивме мебелот и инструментите и кога се вративме истата вечер за да почнеме со бдеењето. Накратко се посомневав дали навистина некогаш ја бев видел во поисцртана форма - но тогаш ми текна на легендите.
Бдеењето во визбата ни започна во 10 часот навечер, според летното сметање на времето и како што течеше немаше никакво навестување на некој целесообразен настан. Слаба, процедена светлост од од дожд малтретираните улични ламби од надвор и мекушава светлозрачност од презривите габи од внатре, ги покажуваа наквасените камења од ѕидовите од коишто секоја трага на вар беше исчезнала; немливиот, реав и мувлонаглотен под од тврда земја со неговите гнасни габи; скапаните останки од она што беше било триножници, столици и маси и друга побезоблична покуќнина; тешките штици и масивните греди на приземјето над нас; трошната врата од штици која водеше до комори и одаи под другите делови на куќата; сронетото камено скалиште со запустен дрвен ракофат; и грубиот камин небаре пештера од поцрнети цигли каде што ‘рѓосани железни одломки го откриваа претходното присуство на куки, андирони, ражен, пирустија и вршник - ваквите нешта, како и нашите аскетски камп-столици и полско креветче и тешката и замрсена разорувачка машинерија која ја бевме довеле.
Вратата од улицата, како и за време на моите претходни истражувања, ни беше оставена отклучена; за да имаме отворено директен и практичен пат за бегство во случај на пројави надвор од нашата моќ за справување. Идејата ни беше дека нашето продолжено ноќно присуство ќе го свика каквиот и да е злоќуден ентитет кој тука демне; и дека одошто се бевме спремиле, ќе можеме да се ослободиме од нештото преку еден од начините со кои се имавме снабдено откако ќе го препознаеме и доволно ќе го понабљудуваме. Колку време ќе треба за да се повика и поништи нештото, немавме претстава. Имавме на ум и тоа дека нашата намера е далеку од безбедна; зашто никој не можеше да каже колкава сила ќе покаже нештото. Но заклучивме дека ризикот е достоен на пленот и се впуштивме сами и недвоумејќи се; свесни дека барањето на надворешна помош само ќе нѐ изложи на потсмев и можеби ќе нѐ спречи да вооопшто си ја оствариме целта. Ваква ни беше душевната состојба додека разговаравме - до доцна во ноќта, додека сѐ поголемата дремливост на чичко ми не ме натера да го потсетам да си легне за двочасовното спиење.
Нешто како страв ми ги смрзна коските додека седев таму сам во ситните саати - велам сам зашто оној кој седи до заспан човек навистина е сам; можеби посам и одошто самиот сфаќа. Вујко ми дишеше длабоко, а неговите длабоки вдишувања и издишувања беа придружени од дождот однадвор и проследени од еден друг тревожен звук на далечно капење на вода од некаде одвнатре - зашто куќата беше одбивно влажна дури и во суво време, а во таа бура беше небаре мочуриште. Го разгледував разлабавениот, антички каменорез на ѕидовите на габестата светлина и мекушавите зраци кои се прикрадуваа од улицата низ прекриените прозорци; и во еден наврат, кога се чинеше дека ќе ми се згади од опората атмосфера на местото, ја отворив вратата и се распулив нагоре-надолу по улицата, насладувајќи се со очи од познатата глетка и со ноздри од угодниот воздух. И понатаму ништо не се случуваше да би ми го наградило вардењето; па фатив да се проѕевам, од умор кој совладуваше тревожни мисли.
Тогаш вниманието ми го привлече превртувањето на чичко ми во сонот. Неколку пати неспокојно се имаше извртено врз креветчето за време на покасната половина на првиот час, но сега дишеше со невообичаена нерамномерност, повремено испуштајќи воздишки коишто содржеа немалку особини на загушено стенкање. Ја насочив електричната батерија кон него и видов дека лицето му е свртено, па станувајќи и преминувајќи од другата страна на креветчето, повторно светнав со батеријата за да видам да не го боли нешто. Она што го видов крајно изненадувачки ме обеспокои, земајќи ја предвид неговата релативна баналност. Сигурно се работеше само за поистоветување на каква и да било несекојдневна околност, со зловестната природа на нашата локација и мисија, зашто околноста сама по себе навистина не беше стравотна или неприродна. Беше само тоа што изразот на лицето на чичко ми, несомнено вознемирен од чудните соништа кои нашето опстојателство му ги имаше поттикнато, зајавуваше бележита изнервираност и вооошто не се чинеше својствено за него. Секојдневниот израз на лицето му беше оној на љубезно и воспитано спокојство, но сега мноштво чувства како да се бореа во него. Мислам дека, сѐ на сѐ, токму ова мноштво беше она што челно ме вознемири. Чичко ми, како што збивташе и се превртуваше со сѐ поголема нелагодност и со очи кои сега му се имаа ококорено, се чинеше како да не е еден човек, туку повеќе луѓе и укажуваше на своевидна особина на отуѓување од самиот себеси.
Одеднаш започна да мрмори и не ми се допадна како му изгледаа устата и забите додека зборуваше. Зборовите отпрво беа неразбирливи, а потоа - извонредно штрекнувајќи се - ги препознав по нешто што ме исполни со леден страв додека не се сетив на ширината на образованието на чичко ми и безмерните преводи кои ги беше направил од антрополошките и антикварни статии во „Реву де ду монд“. Зашто седиот Елиу Випл мрмореше на француски и неколкуте фрази кои можев да ги распознаам се чинеа поврзани со најмрачните митови кои ги имаше адаптирано од славното париско списание.
Наеднаш врз челото на заспаниот изби пот и тој нагло срипа, полурасонет. Мешаницата од француски зборови се смени во англиски извик и засипнатиот глас возбудено свика „Здивот, здивот!“ Тогаш будењето стана потполно и со стишување на изразите на лицето до нормална состојба чичко ми ме зграби за рака и почна да ми расприкажува сон чие јадро на значајност можев да го претположам само низ некаква стравопочит.
Ми рече дека беше отпловил од мошне обична низа сонишни слики кон сцена чија чудност не била сродна со ништо што дотогаш имал прочитано. Била од овој свет, а сепак не - сенишна геометриска шашарма во којашто можеле да се видат елементи на познати нешта во најнепознати и нелагодни комбинации. Имало укажување на настрано разбуричкани слики наметнати една врз друга; во распоред во којшто суштественостите на времето како и на просторот си чинеле разредени и помешани во најнелогичен крој. Во ваквиот калеидоскопен вртлог на призрачни впечатоци имало повремени кадра, ако можело така да се каже, со своеобразна јасност, но необјаснива разнородност.
Во еден наврат на чичко ми му се причинило дека лежи во несмасно ископана јама, со толпа разлутени лица урамени од раштркани локни и триаголни шапки како му се мрштат. Потоа се чинело дека е во внатрешноста на некоја куќа - навидум стара куќа - но подробностите и жителите постојано се менувале и никако не можел да е сигурен за лицата или покуќнината, а ниту за самата соба, зашто и вратите и прозорците се чинеле дека се во иста таква струјна состојба како и веројатно поподвижните предмети. Настрано било - ѓаволски настрано - и вујко ми зборуваше скоро како некое учениче, небаре очекуваше да не му верувам кога изјави дека меѓу чудните лица имало многу со непогрешливите црти на семејството Харис. И за сето ова време имало некаков личен осет на гушење, небаре некое проникливо присуство му се беше проширило низ телото и се закренало да му ги обземе животните процеси. Морници ми поминаа од помислата да тие животни процеси, колку и да беа излитени од осумдесетиедногодишно непрестајно функционирање, се во спор со непознати сили од коишто и најмладиот и најсилен организам со право би се исплашил; но уште истиот миг промислив дека соништата се само соништа и дека овие неудобни слики, во најлош случај, не би можеле да се ништо повеќе од контраиндикација кај чичко ми од истрагата и очекувањата коишто во последно време ни ги беа исполнувале умовите исклучувајќи сѐ останато.
И разговорот исто така послужи да ми го растера чувството на чудност; па со тек на време им потклекнав на проѕевањата и си го побарав редот да мигнам. Чичко ми сега се чинеше доста буден и желно го пречека периодот на вардење и покрај тоа што кошмарот го беше скорнал многу порано од двата часа коишто му следуваа. Сонот бргу ме кутна и уште веднаш бев опседнат од сништа од највознемирувачки тип. Почувствував, во привиденијата, некоја космичка и безгазерна самотија; и непријателство како струи од секоја страна на некој затвор каде што бев прикован. Ми се чинеше како да сум врзан со затната уста и подбуцнуван од одекливите викотници на далечни мноштва кои жеднееа по мојата крв. Лицето на чичко ми ми се појави со понепријатни поистоветувања одошто на јаве и си спомнувам за многу залудни претања и обиди да вреснам. Не беше пријатна дремка и за момент не ми беше криво за одекливиот крик кој ги расцепи препреките на сон и ме префрли во остра и трепетлива будност во којашто секој предмет пред очите ми стрчеше со повеќе од природна јасност и вистинитост.
V
Бев лежел со лицето свртено од столицата на чичко ми, па во тој ненадеен молскот на будење ја видов само вратата кон улицата, посеверниот прозорец и ѕидот и подот и таванот кон северниот дел на собата, сите фотографирани со морбидна живописност врз мојот мозок со светлина посветла од светлоста на габите или зраците од улицата од надвор. Не беше ниту силна ниту средно силна светлина; апсолутно недоволно силна за читање на просечна книга. Но ја фрлаше мојата сенка и онаа на креветчето врз подот и имаше жолтеникава, продорна сила која загатнуваше нешта појаки од светлосност. Ова го увидов со нездрава острина и покрај фактот што две од моите останати сетила беа насилно кајдисани. Зашто во ушите ми ѕвонеше одекот на тој потресен врисок, а ноздрите ми се превртуваа од смрдеата која го исполнуваше местото. Мојот ум, изострен колку и сетилата, ја препозна кобната необичност; и скоро автоматски срипав и се завртев в место да ги зграпчам разорните инструменти кои ги имавме оставено вперени кон мувливата дамка пред каминот. Како што се свртев, стравував од тоа што ќе го видам; зашто врисокот беше бил во гласот на чичко ми; и не знаев против каква закана ќе треба да се бранам и себеси и него.
Но и после сѐ, глетката беше полоша одошто стравував. Постојат ужаси над ужасот и ова беше едно од оние јадра на сета сонишна одвратност којашто космосот ги чува за да ги сотре оние проклети и несреќни малкумина. Од габосаната земја испаруваше чурејна лешова светлина, жолта и морна, која беше до џиновски висини расклокотена и расшлапана во бледи контури получовечки и получудовишни, низ коишто можев да ги видам оџакот и каминот од другата страна. Сето беше очи - волјчи и потсмешливи - и смежурената инсектолика глава на врвот се растопуваше во тенка нишка магла што гнојно се вителеше наоколу и најпосле исчезнуваше низ оџакот. Велам дека го видов нештово, но само по свесна ретроспектива кај успеав заклучно да му ја одредам проклетата приближност на облик. Дотогаш за мене беше само превирлив, бледо светлозрачен облак на габеста поганштина, обвиткувајќи и растопувајќи го до ненавистна пластичност предметот околу којшто беше сосредоточено сето мое внимание. Тој предмет беше чичко ми - седиот Елиу Випл - којшто со зацрнети и загнилени црти ми се вргалеше и тептавеше и пресигаше со крвјосани канџи да ме распара со јарост којашто овој ужас ја имаше разбудено.
Единствено чувството на рутина ме спречи да полудам. Се бев извежбал во подготовка за клучниот миг и слепиот тренинг и ме спаси. Прифаќајќи го клокотливото зло за супстанца која не е достижна за материја или материјалната хемија и според тоа игнорирајќи го пламенофрлачот кој ми демнеше од лево, ја штракнав струјата на апаратот со круксовата цевка и ја упатив кон таа сцена на бесмртна богохулност најсилната етерична радијација којашто човечката спретност може да ја впрегне од просторите и течностите на природата. Се јави синкава маглина и избезумено прпорење и жолтеникавата светлозрачност на око ми се виде како попритулена. Но сфатив дека притуленоста доаѓаше само од контрастот и дека брановите од машината воопшто немаа никакво влијание.
Тогаш, среде таа демонијачка приредба, здогледав пресен ужас кој донесе извици на моите усни и ме втурна несмасно тетеравајќи се накај таа отклучена врата кон тивката улица, не водејќи сметка за какви абнормални стравотии би отпуштил врз светот или какви мисли или човечки судови би си свикал врз себеси. Во таа притулена смеса од сино и жолто обликот на чичко ми беше започнал со гадно растопување чија суштина порекнува секаков опис и со коешто врз неговото испарувачко лице настапија такви промени на идентитет какви што само лудило може да зачне. Наеднаш беше и ѓавол и мноштво, и костурница и карневал. Осветлен од смешаните и нејасни зраци, пивтиестото лице зазеде дузина - дваесет - сто - изгледи; церејќи се, како што спласна наземи врз тело што се стопи како лој; во карикатурната лика на чудни, а сепак нечудни свити.
Ги видов цртите на лозата на Харисови, машки и женски, возрасни и детинести и други црти стари и млади, груби и префинети, познати и непознати. На еден миг блесна еден уназаден минијатурен плагијат на сиротата, луда Роби Харис којашто ја бев видел во музејот во школата за дизајн, а во еден друг наврат ми се причини дека ја наѕрев ковчестата лика на Мерси Декстер како што ја паметев од една слика во куќата на Карингтон Харис. Беше стравотно вон секаква замисла; кон крајот, кога своевидна смеса на слугински и бебешки сурати затрепери близу до габестиот под каде што се ширеше локва од зеленикава мрснотија, се причини како менливите црти да се борат меѓу себе и да се стремат да обликуваат контури како оние на љубезното лице на чичко ми. Сакам да мислам дека постоеше во тој миг и дека се обиде да ми каже збогум. Ми се причини како и јас да подикнав збогување од исушениот грклан додека се поревав кон улицата; со тенок проток на мрснотија кој ме следеше низ вратата кон од дожд накиснатиот тротоар.
Остатокот е сеништен и чудовиштен. Немаше никој на мократа улица и во сиот свет немаше никој на кој се осмелував да му кажам. Бесцелно чекорев кон југ минејќи ги Колеџ Хил и Атениумот, по „Хопкинс стрит“ и преку мостот на трговскиот кварт каде што високите згради се чинеа дека ме вардат како што современите материјални нешта го вардат светот од древни и неугодни чудесии. И тогаш сивата зора влажно се распостели од исток, отцртувајќи го архаичниот рид и неговите прастари кули и свикувајќи ме кон местото каде што мојата стравотна работа сѐ уште не беше завршена. И на крајот појдов, мокар, гологлав и замајан од утринската светлина и влегов низ таа грозна врата на „Бенефит стрит“ којашто ја имав оставено подотворена и којашто сѐ уште загадочно им се клатеше пред самоти очи на ранобудните станари на улицата на кои не се осмелував да им прозборам.
Мрснотијата ја немаше, зашто мувлосаниот под беше порозен. А и пред каминот немаше никаква останка од џиновската склупчена форма од шалитра. Погледнав кон полското креветче, столиците, инструментите, мојата занемарена шапка и пожолтената сламена шапка на чичко ми. Замаеност повелаше и едвај можам да си споменам што беше сон, а што јаве. Тогаш мислите почнаа да ми прокапуваат и знаев дека бев посведочил нешта поужасни одошто имав сонувано. Седнувајќи, се обидов да претположам онолку колку што здравиот разум ми дозволуваше што всушност се имаше случено и како би можел да го окончам ужасот, ако воопшто и беше вистински. Материја се чинеше дека не ќе да е, ниту етер ниту нешто сфатливо за паметта на смртници. Тогаш, што ли беше освен некој егзотичен излив; некоја вампирска чуреа каква што ексетерските селани раскажуваат дека демне над извесни црковни гробишта? Ми се виде како ова да е трагата и повторно погледнав кон подот пред каминот каде што мувлата и шалитрата беа заземале чудни облици. За десет минути се одлучив и земајќи си ја шапката тргнав за дома, каде што се избањав, јадев и по телефон порачав казма, мотика, војничка гас-маска и шест туби сулфурна киселина, сѐ ова да ми се достави наредното утро до вратата од визбата на одречената куќа на „Бенефит стрит“. Потоа се обидов да заспијам; и не успевајќи, го поминав времето читајќи и составувајќи бесмислени стихови за да си го урамнотежам расположението.
Во 11 претпладне наредниот ден започнав да копам. Времето беше сончево и ми беше мило. И понатаму бев сам, зашто колку и да се плашев од непознатиот ужас по кој трагав, повеќе страв се содржеше во помислата да му кажам некому. Покасно му кажав на Харис, само од чиста неопходност и бидејќи тој имаше слушано несекојдневни сказни од старци кои го правеа малку понаклонет да поверува. Додека ја разорував смрдливата црна земја пред каминот, правејќи со мотиката да вискозна жолта излачотина се цеди од белите габи кои ги дрпав, треперев од слизгавите мисли за што би можел да разоткријам. Некои тајни од земјината внатрешност не се арни за човештвото и ова ми се чинеше дека е една од нив.
Раката забележливо ми се тресеше, но и понатаму длабев; и по некое време стоев во големата дупка која ја имав ископано. Со продлабочувањето на дупката, која беше околу шест квадратни стапки, врлата миризба растеше; и изгубив секаков сомнеж за мојот неизбежен контакт со пеколното нешто чии изливања ја беа проколнувале куќата повеќе од век и пол. Се запрашав како ќе изгледа - какви ќе му се обликот и супстанцата и колку ли има изнараснато низ долгите доби цицање живот. Најнакрај се искачив од дупката и ја раштркав натрупаната земја, редејќи ги потоа големите туби со киселина околу и близу двете страни, за кога ќе дојде време да можам сите брзо и последователно да ги испразнам прудолу во окното. Потоа фрлав земја само долж другите две страни; работејќи поспоро и обувајќи си ја гас-маската како што миризбата растеше. Бев скоро обескуражен од близината до некакво безимено нешто на дното на јамата.
Одеднаш мотиката ми удри врз нешто помеко од земја. Затреперив и се придвижив за да излезам од дупката, чија длабочина сега ми беше до вратот. Потоа ми се врати храброста и фатив да ја стружам земјата на светлината на електричната ламба со која се имав снабдено. Површината којашто ја разоткрив беше рибина и стаклеста - некаква си полугнојна засирена пивтија со укажување на полупроѕирност. Продолжив да стружам и видов дека има облик. Имаше расцеп каде што дел од супстанцата беше превиткана. Откриената површина беше огромна и грубо цилиндрична; како колосална, мека, сино-бела борија превиткана на две, со дијаметар од околу две стапки при најголемиот дел. И понатаму стружев и потоа нагло изрипав од дупката бегајќи од гнасното нешто; трескавично вадејќи им ги тапите на тешките туби и навалувајќи ги, сипејќи им ја корозивната содржина една по друга во таа костурничарска бездна и врз незамисливата абнормалност чиј титански лакт го бев видел.
Заслепувачкиот вртлог од зеленикаво-жолта чуреа која олујно проструи од дупката додека се спушташе поплавата од киселина, никогаш нема да ми ги напушти спомените. Народот од сиот рид раскажува за жолтиот ден, кога жолчни и ужасни чуреи се дигнале од фабричкиот отпад истурен во реката Провиденс, но јас знам колку грешат во однос на нивниот извор. Раскажуваат и за одвратното рикање кое истовремено дошло од некоја изместена водоводна или гасна цевка подземи - но и тука би можел да ги поправам ако се осудував. Беше неискажливо потресно и не сфаќам како воопшто преживеав. Се онесвестив откако ја испразнив четвртата туба, со која морав да се расправам откако гасот веќе имаше почнато да ми ја пробива маската; но кога ми се врати свеста видов дека дупката веќе не оддава пресни чуреи.
Двете преостанати туби ги испразнив без некој посебен исход и по извесно време ми се виде безбедно за пак да ја вратам земјата во јамата. Самрак ме фати додека завршив, но стравот веќе си имаше заминато од местото. Запурноста беше помалку реава и сите чудни габи имаа овенато во некаква безопасна сивкаста прав која небаре пепел се раздувуваше по подот. Еден од најадските стравови на земјата засекогаш беше витосал; и ако пеколот постои, најпосле ја беше примил демонската душа на една неосветена работа. И додека ја нагнетував последната мотика мувла, ги пролеав првите од многуте солзи со коишто му оддадов неизвештачена почит на споменот на мојот сакан чичко.
Наредната пролет не никнаа бледи треви и чудни плевели во терасната градина на одречената куќа и набрзо потоа Карингтон Харис го даде местото под кирија. Сѐ уште е призрачна, но нејзината чудност ме воодушевува и помешано со олеснувањето ќе ми падне и некаква настрана жал кога ќе ја срушат за да направат место за некоја шундава продавница или невкусна станбена зграда. Старите јалови дрвја во дворот почнаа да раѓаат мали, слатки јаболка и лани птици се вгнездија во нивните вргави ветки.