Sверот во пештерата - Полиграматон

Sверот во пештерата

Ужасниот заклучок којшто постепено ми се беше натрапувал врз збунетиот и неволен ум сега беше стравотна сигурност. Се имав изгубено, потполно, безнадежно изгубено во масивните и лавиринтски ниши на Мамутска Пештера. Колку и да се вртев, напрегнатиот вид во ниедна насока не можеше да ми догледа некаков предмет што би можел да ми послужи како водилка за да ме одведе кон патеката за надвор. Во тоа дека веќе никогаш не ќе ѝ се опулам на блажената дневна светлина или не ќе пуштам поглед преку пријатните ридишта и долини на прекрасниот надворешен свет, разумот во никој случај веќе не можеше да не ми верува. Надежта ме беше напуштила. Сепак, одошто бев така индоктриниран од живот на филозофски изучувања, успеав да извлечам значителна мера задоволство од моето безизразно држење; зашто иако често бев читал за разузданата избезуменост во којашто потпаѓале жртви на слични опстојателства, јас самиот не искусив такво нешто, туку само тивко застанав кога јасно увидов дека имам изгубено правец.

Ниту помислата дека најверојатно сум заталкан надвор од крајните граници на секаква вообичаена потрага ми причини да дури и миговно ме напушти присебноста. Ако морам да умрам, промислив, тогаш оваа стравотна, но величествена пештера ќе ми е исто онолку достојна костурница колку и онаа која било кои црковни гробишта би ми ја пружиле; замисла која ми носеше повеќе спокој одошто очај.

Смрт од глад ќе е судбата што ме чека; воопшто не се сомневав. Знаев дека луѓе во вакви околности имаат полудено, но чинев дека мене не ме чека такво скончило. За катастрофата само јас самиот си бев виновен, зашто без знаење на водичот се одделив од општата трупа посетители; и повеќе од саат време талкајќи низ забранетите друмови на пештерата, сфатив дека веќе не можам да изнајдам како да се вратам по извртените кривулици по коишто имав фатено откако си ги арнисав придружниците.

Факелот веќе имаше почнато да ми замира; за брзо ќе ме обвиеше целосната и скоро опиплива црнина на земјината утроба. Како што стоев на завенеената, треперлива светлина, напразно се запрашував за конкретните околности на моето непосредно скончило. Се сетив на изјавите кои ги имав чуено за колонијата овтикаллии, кои, вдомувајќи се во џиновскава шуплина очекувајќи да си го најдат здравјето во наводната благопријатност на подземниот свет со неговата постојана, изедначена температура, чист воздух и спокојна тишина, наместо тоа беа нашле смрт од чуден и грозоморен тип. Им ги бев видел тажните останки од лошо изградените куќарки кога ги одминавме со трупата и се бев запрашал какво неприродно влијание би можел долгиот престој во оваа огромна и тивка пештера да издејствува врз некој здрав и бодар како мене. Сега, суро си реков, ми се беше пружила можност да го разрешам ова прашање, доколку недостигот на храна не ми донесе пребрза починка од овој живот.

Како што последните грчевити зраци на факелот замираа до помраченост, се решив камен на камен да не оставам и никое средство за бегство да не го запоставам; па спотинајќи си ја сета сила што белите дробови ми ја поседуваа, произведов низа гласни викоти, напразно надевајќи се да со галамата го привлечам вниманието на водичот. Но сепак, додека викав, во душата верував дека викотниците ми се бесцелни и дека гласот, засилен и одекнат од безбројните бедеми на црниот лавиринт околу мене, не достига до ничии уши освен моите. Меѓутоа, одеднаш, вниманието штрекнато ми се напрегна кога ми се пристори како да слушам звук на леки чекори кои наближуваат, врз карпестото тло на пештерата. Зар толку бргу ќе доживеев спасение? Дали, тогаш, попусто толку ужасно сум беше стравувал, и водичот, забележувајќи го моето несоодветно отсуство од трупата, ми го беше следел патот и трагаше по мене во овој варовнички лавиринт? Додека во мозокот ми се раѓаа ваквите радосни думежи, бев на граница да ги обновам викотниците, за да може да сум откриен што поскоро, кога во еден миг, слушајќи, веселието ми се претвори во ужаснатост; зашто мојот секогаш преизразен слух, сега позаострен до уште поголем степен од потполната тишина во пештерата, ми испрати до отрпнатото сфаќање нечекувано и стравотно сознание дека овие чекори не се чекори на обичен смртник. Во неземната мирнотија на овој подземен предел, чекорот на чизмата на водичот ќе се разгласеше како низа остри, одлучни трескања. Овие удари беа леки и нечујни, небаре перничиња на шепите на некоја мачка. Освен тоа, повремено, кога внимателно ќе се заслушав, како да го дофаќав спуштањето на четири, наместо на две нозе.

Сега бев убеден дека со викотниците бев скорнал и привлекол некој див ѕвер, можеби планински лав што случајно залутал од својата пештера. Можеби, помислив, Горниот ми беше предодредил побрза и помилостива смрт од онаа од глад. Сепак, нагонот за самоодржување, кој никогаш потполно не спие, ми се раздвижи во недрата, и иако бегство од претстојната беља можеби само ќе ме поштедеше за погрубо и поразвлечено скончило, сепак се решив да цената по којашто ќе се разделам од животот ја направам колку што е можно повисока. Колку и да се чини чудно, во умот не ми се роди друга претстава за кроежот на посетителот освен онаа за злонамерност. Така, потполно се затишив, во надеж дека непознатиот ѕвер, во отсуство на привлечен звук, ќе изгуби правец исто како мене, па ќе ме одмине. Но оваа надеж не беше пишано да се отелеси, зашто чудните чекори полека наближуваа, со тоа што животното очигледно ми го беше уловило мирисот, кој, во атмосфера толку потполно празна од секакви одвлекувачки влијанија како што е онаа во пештерата, несомнено можеше да се следи од големо растојание.

Така, гледајќи дека морам да сум вооружен за одбрана од необјаснив и невиден напад во мракот, ги наредив околу себе најголемите карпести одломки што беа посеани по сите делови на тлото на пештерата во околината и, зграпчувајќи по една во секоја рака за непосредна употреба, помирено го очекував неизбежниот исход. Во меѓувреме, грозоморното цапкање на шепите се приближуваше. Бездруго, однесувањето на суштеството беше претерано чудно. Најчесто, чекорот се чинеше како да е на некое четвороножно суштество, што оди со своеобразен недостиг на усогласеност измеѓу предните и задните нозе, но при куси и ретки временски отсеци ми се чинеше дека само две нозе учествуваат во процесот на движење. Се запрашав со каков вид на животно ли ќе се соочам; мора, си помислив, да е некој несреќен ѕвер којшто беше платил за својата љубопитност да го истражи некој од влезовите на застрашувачката шуплина со доживотно самување во нејзините безмерни ниши. Несомнено за храна ги беше ползувал безочните риби, лилјаците и стаорците од пештерата, како и некои од обичните риби донесени во пештерата при секоја буица на реката Грин Ривер, којашто на некој окултен начин комуницира со водите на пештерата. Се занимавав за време на ужасната стража со гротескни претполагања за тоа какви промени пештерскиот живот можеби ѝ нанел на телесната структура на ѕверот, сеќавајќи се на страшниот изглед кој локалната традиција им го припишуваше на овтикаллиите кои беа умреле по долг престој во пештерата. Тогаш се штрекнав кога ми текна дека, дури и ако успеам да го отепам противникот, никогаш не би можел да му го опулам обликот, бидејќи факелот уште одамна ми имаше згаснато, а бев целосно неснабден со кибритчиња. Напнатоста во мозокот сега ми постана застрашувачка. Обезредената мечта ми побудуваше одвратни и стравотни облици во зловесната темнина што ме опкружуваше и која всушност се чинеше како да ми го притиска телото. Сè поблиску и поблиску се доближуваа фрасните чекори. Ми се чинеше како да морам да испуштам продорен вресок, но дури и да бев доволно бессилен за да пробам такво нешто, гласот тешко дека ќе ми реагираше. Бев смраморен, закован в место. Се сомневав дали десната рака ќе ми дозволи да го метнам содржајниот проектил кон нештото што доаѓаше штом ќе дојде одлучниот момент. Еден миг, постојаното цап, цап на чекорите беше недалеку; а наредниот, многу блиску. Го слушав напорното дишење на животното, и колку и да бев потресен од уплав, сфатив дека мора да има дојдено од значително растојание и да е соодветно истоштено. Одеднаш, маѓепството се разби. Мојата десна рака, водена од секогаш доверливото чувство за слух, со сета сила го фрли остроаголното парче варовник што го содржеше, кон онаа точка во темнината од каде што се изливаа дишењето и цапкањето, и, да не верува човек, каменот речиси си ја достигна целта, зашто го чув нештото како скока, спуштајќи се на нозе на извесно растојание, каде што се чинеше дека подзастана.

Прилагодувајќи си го нишанот, го отпуштив вториот проектил, овој пат мошне ефективно, зашто во поплава од радост слушнав како суштеството падна на начин кој наликуваше на целосно срушување и очевидно остана спружено и неподвижно. Речиси надвладеан од големото олеснување што ме прели, тетераво се потпрев со грбот врз ѕидот. Дишењето продолжи, во тешки, душни вдишувања и издишувања, од кај што сфатив дека саде го имам рането суштеството. И тогаш секоја желба да го испитам нештото престана. Конечно, нешто што препсаше на неоснован, суеверен страв ми влезе во мозокот, и не му пријдов на телото, ниту, пак, продолжив да го гаѓам со камења со цел да го завршам згаснувањето на неговиот живот. Наместо тоа, со сета сила потрчав кон она што, колку што можев најдобро да проценам во избезумената состојба, се чинеше дека е насоката од којашто бев дошол. Одеднаш, слушнав звук, или поточно, рамномерен редослед на звуци. Во следниот миг, се преточија во низа остри, метални крцкања. Овој пат немаше сомнеж. Водичот беше. И тогаш се развикав, расцрекав, разврескав и дури и расцвилив од радост кога во таванските сводови над мене ја здогледав слабата и мижуркава блештивост којашто знаев дека е одразот на светлината на факел што се приближува. Потрчав да го пресретнам блесокот, и пред да можам целосно да сфатам што се има случено, веќе лежев на земјата пред нозете на водичот, прегрнувајќи му ги чизмите и тептавејќи, и покрај воздржаноста со којашто толку се испофалив, на најбесмислен и идиотски начин, изливајќи си ја стравотната приказна и истовремено опсипувајќи го слушателот со изливи на благодарност. Најнакрај, се пробудив во нешто налик на мојата нормална свесност. Водичот го беше забележал моето отсуство кога трупата стигнала до влезот на пештерата и, со својот вдахнат осет за насока, започнал темелно претурање низ споредните премини непосредно пред местото каде што последен пат беше разговарал со мене, откривајќи ми ја местоположбата по потрага од околу четири часа.

Откако ми го прераскажа сето ова, јас, окуражен од неговиот факел и друштво, почнав да се промислувам за чудниот ѕвер што го бев ранил на само мала оддалеченост зад нас во темнината и предложив да установиме, со помош на светлината од ламбадата, што сорта суштество ќе да беше мојата жртва. Така, се вратив по истата патека, овој пат со храброст вродена од тоа што имав придружба, до сцената на стравотното искуство. Наскоро соѕревме бел предмет врз тлото, предмет побел дури и од самиот светкав варовник. Претпазливо приближувајќи се, испуштивме истовремен восклик на вчудовиденост, зашто од сите неприродни чудовишта коишто било кој од нас ги беше опулил во животта, ова беше до ненадминлив степен најчудното. Се чинеше дека е човеколик мајмун од огромен размер, можеби избеган од некој патувачки ѕверилник. Влакната му беа снежнобели, што несомнено се должеше на избелувачкото дејство на долгото постоење во мастилните синори на пештерата, но му беа и изненадувачки ретки, всушност речиси и отсутни освен на главата, каде што имаа толкава должина и густина што во значителна обилност му паѓааа врз рамениците. Лицето му беше скриено од нас, бидејќи суштеството скоро сосема лежеше врз него. Распоредбата на краците беше многу своеобразна, меѓутоа ја објаснуваше наизменичноста на нивната употреба којашто претходно ја имав забележано, каде што ѕверот понекогаш ги користеше сите четири, а во други прилики само двете за да се придвижи. Од врвовите на прстите на рацете или нозете излегуваа долги, ноктести канџи. Рацете или стапалата не беа шаколики, факт којшто го препишав на оној долг престој во пештерата, којшто, како што и претходно споменав, беше очигледен од сеприсутната и речиси неземна белина што беше толку карактеристична за целата анатомија. Не се чинеше дека има опашка.

Дишењето сега беше многу снемоштено и водичот го имаше извадено револверот со очигледна намера да го докусури суштеството, кога неочекуван звук оддаден од истото предизвика да оружјето падне неискористено. Звукот беше со природа тешка за опишување. Не беше налик на нормалната нота на било кој познат вид мајмуни, и се запрашав дали оваа неприродна особина можеби е исход на долготрајна и целосна тишина, прекината од осетите предизвикани од пришествието на светлината, нешто што ѕверот сигурно не го беше видел уште од првото влегување во пештерата. Звукот, којшто мекушаво можам го класирам како некакво длабокотонско брборење, слабо продолжи. Одеднаш, миговен грч на енергија како да помина низ снагата на ѕверот. Шепите направија грчевито движење, а краците се собраа. Со силен креч, белото тело се преврте така што лицето му се заврте кон нас. За момент, бев толку занемен од ужас од очите што притоа се открија, што ништо друго не забележав. Црни беа, тие очи, потполно катран црни, во ужасна спротивставеност со снежнобелите влакна и месо. Како и оние на други населеници на пештери, беа длабоко потонати во очните шуплини и беа целосно лишени од зеници. Кога погледнав подобро, видов дека се поставени во лице што беше понепрогнатско од просечниот човеколик мајмун и бесконечно повлакнесто. Носот беше мошне впечатлив.

Како што гледавме во необјаснивата глетка што ни се појави на видело, дебелите усни се отворија и од нив излегоа неколку звуци, по што нештото се опушти умирајќи.

Водичот ми се счипчи за ракавот од палтото и толку насилно затрепери што светлото грчевито се затресе, фрлајќи бизарни, подвижни сенки на ѕидовите околу нас.

Јас не се помрднав, туку останав вкочанет, со ужаснати очи втренчени кон тлото пред мене.

Тогаш стравот исчезна и на негово место дојдоа чудење, стравотност, сочувство и уважување, зашто звуците изустени од сотрената фигура што лежеше спрострена врз варовникот ни ја беа откриле запрепастувачката вистина. Суштеството што го имав убиено, чудниот ѕвер од безгазерната пештера, беше, или во некое време беше бил, ЧОВЕК!!!