(Ракопис пронајден на брегот на Јукатан.)
На 20 август 1917, јас, Карл Хајнрих, гроф фон Алтберг-Еренштајн, корветен капетан во Царската германска морнарица и заповедник на подморницата У-29, го положувам ова шише и овој запис во Атлантскиот Океан, на точка што ми е непозната, но којашто најверојатно е на околу 20° СГШ, 35° ЗГД, каде што бродот ми лежи онеспособен на океанското тло. Правам вака од желба да произнесам извесни необични факти пред јавноста; работа што се чини дека не ќе успеам да ја постигнам лично, бидејќи околностите во кои се наоѓам се заканувачки колку што се и исклучителни и не го вклучуваат само безнадежното осакатување на У-29, туку и нарушувањето на мојата железна германска волја на крајно катастрофален начин.
Попладнето на 18 јуни, како што ѝ беше пријавено преку радиоприемник на У-61, која пловеше кон Кил, го торпедиравме британскиот товарен брод Виктори, тргнат од Њујорк за Ливерпул, на 45° 16′ СГШ и 28° 34′ ЗГД; дозволувајќи му на екипажот да се спаси со чамци со цел да добиеме добар филмски запис за Адмиралитетот. Бродот потона мошне сликовито, со клунот прудолу и со крмата издигната високо над водата додека трупот ортогонално поита кон морското дно. Нашата камера не пропушти ништо и многу ми е мака што една толку одлична филмска лента никогаш не ќе стигне до Берлин. Потоа ги потопивме чамците за спасување со топовите, и се нурнавме.
Кога излеговме на површина околу зајдисонце, на палубата беше пронајдено тело на поморец, фатен со рацете за оградата на многу своевиден начин. Сиротникот беше млад, мошне темен и многу убав; најверојатно Италијанец или Грк и несомнено член на екипажот на Виктори. Очевидно се беше обидел да најде засолниште на самиот брод којшто беше бил принуден да го уништи неговиот - уште една жртва на неправедната војна на агресија којашто англиските лишки ја водат против Татковината. Луѓето од посадата го претресоа за да си земат по некој сувенир и во џебот од капутот му најдоа едно мошне несекојдневно парче филдиш изрезбарено да претставува глава на младич крунисана со ловоров венец. Мојот колега офицер, поручник Кленце, сметаше дека нештото поседува голема старост и уметничка вредност, па им го зеде на другите и си го присвои. Како сигнало да е во сопственост на еден обичен морнар, ни тој ни јас не можевме да замислиме.
Како што го фрлаа мртовецот в море, настапија две збиднувања коишто причинија голема вознемиреност меѓу екипажот. Очите на човекот беа биле затворени, но при влечењето на неговото тело до оградата се оџагарија и се чинеше дека многумина го имаат чудниот впечаток дека директно и потсмешливо зјапаат кон Шмит и Цимер, кои беа наведнати над лешот. Првопалубникот Милер, постар човек кој ќе имаше два грама мозок да не беше суеверен алзашки крмак, толку се вознемири од таквиот впечаток што го набљудуваше телото во водата; и се заколна дека откако малку потпотонало, ги собрало краците во пливачка положба и јурнало кон југ под брановите. На Кленце и мене не ни се бендисаа ваквите наезеди на селски простотилук, па остро ја прекоривме посадата, а особено Милер.
Наредниот ден се создаде една мошне проблематична околност поради омалаксаноста на дел од екипажот. Очевидно беа совладани од живчаната напнатост на нашата долга пловидба и имаа сонувано лоши соништа. Неколкумина се чинеа мошне замајани и оглупавени; и откако се уверив дека не глумат слабост, ги ослободив од должностите. Морето беше прилично немирно, па се спуштивме на длабочина кај што брановите беа понепроблематични. Таму имавме релативен мир и покрај една до некаде настрана јужна струја којашто не можевме да ја утврдиме од океанографските карти. Стенкањата на болните беа категорично досадни, но бидејќи не се чинеа дека ја деморализират останатата посада, не посегнавме по драстични мерки. Бевме со план да останеме кај што сме и да го пресретнеме прекуокеанскиот брод Дакија, споменат во сведенија од агенти од Њујорк.
Во раната квечерина излеговме на површина и видовме дека морето е понерасталасено. На северниот хоризонт се гледаше чад од воен брод, но оддалеченоста и можноста за нурнување ни овозможуваа сигурност. Она што нè загрижуваше повеќе беа муабетите на првопалубникот Милер, кои стануваа сè поразуздани како што паѓаше ноќта. Беше во презриво детинеста состојба и бладаше за некаква си илузија на мртви тела кои биле носени од водата крај подморските илуминатори; тела кои нападно го гледале и кои и покрај подуеноста ги препознал како тела што ги имал видено како умираат при некои од нашите славни германски подвизи. И рече дека младиот човек што го имавме најдено и фрлено в море им бил челник. Ова беше многу грозоморно и абнормално, па го затворивме Милер во пранги и добро го искамшикувавме. На посадата не им се допадна што беше казнет, но неопходна беше дисциплина. Исто така го одбивме и барањето на делегација предводена од поморецот Цимер, за своевидната изрезбарена глава од филдиш да се фрли в море.
На 20 јуни, поморците Бом и Шмит, коишто претходниот ден беа биле болни, силно се растроија. Жал ми беше што немавме вклучено лекар во офицерскиот состав, бидејќи германските животи се скапоцени; но постојаното бладање на двајцата во врска со некоја си страшна клетва делуваа крајно превратнички врз дисциплината, па преземени беа драстични мерки. Екипажот го прифати настанот со мрко настроение, но се чинеше дека Милер се потсмири и потоа не ни задаваше проблеми. Вечерта го ослободивме и тивко продолжи да си ги врши должностите.
Во неделата што следеше сите бевме неспокојни, чекајќи да дојде Дакија. Напнатоста беше уште понадразнета со исчезнувањето на Милер и Цимер, кои несомнено имаа извршено самоубиство како происход од стравовите кои се чинеа дека ги секираат, макар што не беа видени да скокнат в море. Мене ми беше и мило што се ослободив од Милер, зашто дури и неговата тишина неповолно беше повлијаела врз екипажот. Сега сите беа склони да молчат, небаре негуваат тајни стравови. Многумина беа болни, но никој не создаваше немири. Поручникот Кленце беше ифрит сторен од напнатоста и и најмали ситници му одеа по живци - како на пример јатото делфини кои во сè поголем број се собираа околу У-29 и сѐ посилната јачина на таа јужна струја што ја немаше на картата.
Најнакрај стана очигледно дека целосно сме ја пропуштиле Дакија. Таквите неуспеси не се ретки и бевме повеќе задоволни одошто разочарани, бидејќи враќањето во Вилхелмсхафен сега ни беше оправдано. Напладне на 28 јуни завртевме кон североисток и и покрај неколку комични заплеткувања со необичните мноштва делфини, наскоро бевме во движење.
Експлозијата во машинската просторија во 2 часот попладне беше потполно изненадна. Не беа забележани ни дефекти во машинеријата ни немарност кај посадата, а сепак, без предупредување, бродот од едниот до другиот крај беше разнишан од колосален потрес. Поручникот Кленце поита кон машинската просторија, затекнувајќи го резервоарот за гориво и поголемиот дел од механизмите уништени, а инженерите Рабе и Шнајдер загинати наместо. Положбата одеднаш ни стана и тоа како сериозна; зашто иако хемиските регенератори на воздух беа недопрени и иако можевме да ги користиме уредите за издигнување и нурнување и за отворање на катарите сè додека ни траеја компресиранот воздух и акумулаторите, бевме немоќни да ја придвижиме или управуваме подморницата. Да бараме куртул со чамците за спасување ќе значеше паѓање во рацете на непријатели неразумно насрдени на нашата голема германска нација, а радиоприемникот уште од работата со Виктори не беше успеал да нѐ стави во контакт со некоја друга подморница на Царската морнарица.
Од часот на несреќата до 2 јули постојано бевме носени кон југ, речиси без план и без да сретнеме друго пловило. И понатаму делфини ја опкружуваа У-29 - што беше мошне извонредна околност со оглед на растојанието што го имавме поминато. Утрото на 2 јули здогледавме воен брод со американски бајрак и посадата стана многу беспокојна во желба да се предадаме. На крајот, поручникот Кленце мораше да застрела еден поморец по име Траубе, којшто со особена жестокост го поттикнуваше овој негермански чин. Ова привремено го потсмири екипажот, па сè нурнавме незабележани.
Следното попладне, густо јато морски птици се појави од југ, а океанот почна кобно да се далгува. Затворајќи ги катарите, чекавме да се случи нешто сѐ додека не увидовме дека мора или да се нурнеме или да сме потопени од сè повишните бранови. Воздушниот притисок и електричната енергија ни опаѓаа, и сакавме да избегнеме секакво непотребно користење на слабите механички ресурси; но во овој случај немавме избор. Не се спуштивме многу и кога по неколку часови морето се потсмири, решивме да се вратиме на површина. Меѓутоа, тука изникна нов проблем; зашто бродот одбиваше да реагира на нашето управување и покрај сите обиди на механичарите. Како што луѓето стануваа сѐ поисплашени од оваа подводна апсаана, некои повторно почнаа да мрморат за филдишниот приказ на поручникот Кленце, но појавата на автоматски пиштол ги смири. Гледавме да пустите сиротници се колку што е можно позафатени со чепкање низ машинеријата дури и кога знаевме дека е за џабе.
Кленце и јас обично спиевме во различно време; и за време на мојот одмор, во околу 5 часот наутро, на 4 јули, се случи да избувне општата побуна. Шесте преостанати поморски свињи, сомневајќи се дека сме изгубени, одеднаш беа пламнале во лудачка јарост поради нашето одбивање да се предадеме на јенкискиот воен брод два дена претходно и беа во бунило од пцовки и уништување. Рикаа небаре животни, одошто животни и беа, и непребирливо кршеа инструменти и мебел, врескајќи за глупости како проклетството на филдишниот приказ и мургавиот мртов младич кој ги погледнал и отпливал. Поручникот Кленце беше како дамлосан и неефикасен - како што и би се очекувало од мекушав, женствен Рајначанец. Јас ги застрелав сите шестмина, одошто беше неопходно, и се осигурав дека нема да има преживеани.
Ги исфрливме телата низ двојните катари и останавме сами во У-29. Кленце се чинеше мошне вознемирен и почна да претерува со пиење. Решено беше да останеме живи колку што е можно подолго, користејќи ги големите резерви храна и хемиски залихи кислород, коишто немаа настрадано од лудите изливи на поморските говеда. Компасите, длабинометрите и другите деликатни инструменти беа упропастени, па оттогаш натаму сѐ слагавме според претпоставки - по часовниците, календарот и очевидната брзина на движење судејќи по предметите што ги наѕиравме низ илуминаторите или од командната кула. За среќа, сè уште имавме акумулатори способни за продолжена употреба, и за внатрешно осветлување и за рефлекторот. Често рашетувавме со светлосниот зрак околу подморницата, но можевме да видиме само делфини како пливаат паралелно на нашиот залутан курс. Бев научно заинтересиран за тие делфини; зашто иако обичниот Делфинус делфис е китовиден цицач, неспособен да опстои без воздух, скоро два часа набљудував еден од пливачите и не го забележав да си ја промени потопената положба.
Како што врвеше време јас и Кленце заклучивме дека сè уште сме носени кон југ, тонејќи притоа сè подлабоко и подлабоко. Ја набљудувавме морската фауна и флора и доста читавме за нив во книгите што ги имав понесено за да ми се најдат кога ќе сум послободен. Меѓутоа, не можев да не го забележам инфериорното научно познавање на сопатникот. Умот не му беше пруски, туку склон кон мечтаења и умувања кое беа потполно без вредност. Фактот за нашата претстојна смрт му имаше своевидно повлијаено и често се молеше каејќи се за мажите, жените и децата што ги бевме испратиле на дното; заборавајќи дека благородни се сите чинови што ѝ служат на германската држава. Со време стана забележливо нестабилен, со часови зјапајќи во филдишниот приказ и ткаејќи мечтави приказни за изгубените и заборавени нешта под морето. Понекогаш, како психолошки опит, го подбуцнував да продолжи со таквите занесувања, и му ги слушав бескрајните поетски цитати и сказни за потонати бродови. Многу го сожалував, зашто не сакам да гледам Германец како страда; но не беше човек погоден да ми е ортак во смртта. Јас самиот, пак, бев горд, знаејќи дека татковината ќе го уважува мојот спомен и како синовите ќе ми се воспитани да станат мажи како мене.
На 9 август го догледавме океанското тло и пуштивме силен зрак од рефлекторот преку него. Беше масивна, таласна рамнина, претежно покриена со морска трева и посеана со школки од мали мекотелци. Овде-онде имаше и лигави предмети со зачудувачки контури, изнаметнати со алги и закоравени од лупари, за кои Кленце зајавуваше дека сигурно се древни бродови што почиваат во гробовите. Го зачуди една работа, еден врв од цврста материја, што се пробиваше над морското корито скоро четири стапки при капецот, дебел околу две стапки, со рамни страни и мазни горни површини кои се спојуваа под многу тап агол. Јас тој врв реков дека е парче издадена карпа, но на Кленце му се пристори како врз него да гледа резби. По некое време почна да трепери и се заврте од глетката небаре преплашен; а сепак не можеше да приложи објаснување настрана од тоа дека бил потиснат од масивноста, темнината, отсеченоста, антиката и загадочноста на океанските понори. Умот му беше изморен, но јас секогаш сум прав Германец и уште веднаш забележав две работи; дека У-29 одлично го поднесува длабинскиот притисок, и дека сперливите делфини се сè уште околу нас, дури и на длабочина каде што постоењето на развиени организми се смета за невозможно од страна на повеќето натуралисти. Во тоа дека претходно ја бев преценил длабочината, сега бев сигурен, но и покрај тоа, сепак бевме доволно длабоко за да овие феномени би биле бележити. Брзината кон југ, измерена според океанското тло, ни беше приближно колку што имав и проценето по организмите што ги поминавме на повисоките нивоа.
Беше 3:15 часот попладне, на 12 август, кога сиротиот Кленце потполно полуде. Беше бил во командната кула користејќи го рефлекторот кога го видов како се втурнува во библиотечната кабина каде што седев и читав, и лицето уште веднаш го издаде. Тука ќе го повторам она што го кажа, подвлекувајќи ги зборовите кои ги нагласи: „Нѐ вика! Нѐ вика! Го слушам! Мора да одиме!“ Додека зборуваше, го зеде филдишниот приказ од масата, го тутна в џеб и ми ја зграби раката во обид да ме повлече по скалилата кон палубата. За миг разбрав дека е со намера да ја отвори катарата и да се нурне заедно со мене во водата надвор - текнеж на самоубиствена и убиствена манија за којшто непара бев спремен. Додека му пружав отпор и се обидував да го успокојам, стана уште понасилен, велејќи: „Ајде доаѓај - не чекај до покасно; подобро е човек да се покае и да му е простено, одошто да се противи и да е проклет.“ Тогаш го пробав спротивното од успокојувачкиот план и му реков дека е луд - жалосно умоболен. Но тој ни со око не трепна, туку крикна: „Ако сум луд, тогаш е милост! Господ нека му е напомош на оној што од коравост би останал здраворазумен до самоти грозоморен крај! Дојди и полуди додека уште нѐ вика со арно!“
Овој изблик како да му ублажи некаков притисок во мозокот; зашто откако заврши стана многу посталожен, молејќи ме да му дозволам да замине сам ако не сакам да го придружувам. Мене уште веднаш ми беше јасно како да постапам. Германец беше, но само Рајначанец и плебеец; а сега беше и потенцијално опасен лудак. Согласувајќи му се со самоубиственото барање можев веднаш да се ослободам од оној кој веќе не беше сопатник, туку закана. Му реков да ми го даде филдишниот приказ пред да замине, но ова барање му причини таква необјаснива смеа што не го повторив. Потоа го прашав дали сака да остави некој спомен или прамен коса за семејството во Германија, во случај да ме спасат, но повторно ја добив таа чуден смеа. Така, додека се качуваше по скалата, појдов до рачките, и дозволувајќи да помине соодветниот временски отсек ја активирав машинеријата којашто му го одзеде животот. Откако видов дека веќе не е во бродот, прошетав со рефлекторот низ водата во обид да му се испулам за последен пат, бидејќи сакав да утврдам дали водниот притисок ќе го смачка како што теоретски требаше, или дали телото ќе му остане непроменето, како кај неверојатните делфини. Меѓутоа, не успеав да си го пронајдам доскорешниот придружник, зашто делфините беа густо и помрачувачки насобрани околу командната кула.
Таа вечер се покајав што скришно не го бев зел филдишниот приказ од џебот на сиротиот Кленце како што заминуваше, зашто бев воодушевен од неговиот спомен. Не можев да ја заборавам младешката, убава глава со лисна круна, иако по природа не сум уметник. Жал ми беше и што немав со кого да чинам муабет. Кленце, иако не ми беше рамен по умственост, сепак беше поарен од да немам никој. Не спиев убаво таа ноќ и се прашував кога точно ќе ми дојде скончилото. Јасно беше дека имам мошне мали шанси за спас.
Наредниот ден се искачив до командната кула и отпочнав со вообичаеното истражување со рефлекторот. Кон север погледот беше прилично ист како и на сите четири дена откако го здогледавме дното, но увидов дека движењето на У-29 беше поуспорено. Како што го вртев зракот кон југ, забележав дека океанското тло пред мене пропаѓа во видлива стрмнина и содржи своевидно правилни камени блокови на одредени места, распоредени небаре според некој одреден шаблон. Бродот не се спушти веднаш во согласност со поголемата океанска длабина, па наскоро бев приморан да го нагодам рефлекторот да свети под остар надолен агол. Поради наглоста на промената се откачи една жица што наложи неколкуминутно одложување поради поправки; но најнакрај светлината повторно потече, разлевајќи се низ морската долина под мене.
Не сум склон кон чувства од било каков вид, но вџашеноста ми беше многу голема кога видов што се има разоткриено во тој електричен сјај. А сепак, како некој израснат во најдобриот култур на Прусија, не требаше да се вџашам, зашто и геологијата и традицијата имаат зборувано за големи разместувања на океанските и континенталните површини. Она што го видов беше пространа и сложена збирка на разрушени зданија; сите со величествена, макар некласифицирана архитектура и во разни состојби на сочуваност. Повеќето се чинеа како од мермер, бело блескајќи на зраците од рефлекторот, и општиот распоред беше како на голем град на дното на тесна долина, со многубројни единични храмови и вили на стрмните падини одозгора. Покривите беа пропаднати и столбовите испокршени, но уште имаше останато дих на исконски древна велелепност којашто ништо не би можело да ја истружи.
Најпосле соочен со онаа Атлантида којашто дотогаш ја сметав само за мит, постанав крајно желен истражувач. На дното на таа долина некогаш беше течела река; зашто како што поподробно ја набљудував глетката здогледав останки од камени и мермерни мостови и морски ѕидини, и некогашно раззеленети и прекрасни тераси и насипи. Од толку што бев омајан станав речиси исто толку избудален и сентиментален колку и сиротиот Кленце и многу касно забележав дека јужната струја најпосле беше запрела, дозволувајќи ѝ на У-29 полека да се спушти среде потонатиот град како што аероплан се спушта среде некоја паланка од горниот свет. Споро ми дојде и осознавањето дека јатото необични делфини го беше снемало.
По околу два часа, бродот се спушти врз еден поплочен мегдан близу карпестиот ѕид на долината. Од едната страна можев да го погледнам целиот град како се навалува од мегданот кон стариот речен брег; од другата страна, во потресна близина, бев соочен со раскошно накитената и совршено сочувана фасада на една голема градба, очигледно храм, издлабен во самоти карпа. За оригиналната изработка на ова титанско нешто можам само да претполагам. Фасадата, масивна по размер, очевидно покрива долга шуплива празнина; зашто прозорците ѝ се многубројни и распоредени на широко. Во средината зјае голема отворена врата, до која се стига по впечатливо скалиште и која е опкружена со префинети резби како баханалиски фигури во релјеф. Најнапред од сѐ се огромните столбови и фризот, украсени со скулптури со неискажлива убавина; очигледно прикажувајќи идеализирани пасторални сцени и поворки од свештеници и свештенички што носат чудни чинодејствени шејови обожувајќи некој зрачен бог. Уметноста е со најфеноменално совршенство, главно хеленска по идеја, а сепак чудно засебна. Влева впечаток на стравотна антика, како да е најдалечниот, наместо непосреден, предок на грчката уметност. А не би можел ни да се посомневам дека секоја подробност на колосалната изведба е изработена од девствената ридска карпа на нашата планета. Опипливо е дел од ѕидот на долината, макар што како таа масивна внатрешност воопшто била ископана не можам ни да замислам. Можеби некоја пештера или низа пештери го снабдиле јадрото. Ни времето ни потопеноста не ја беа нагризале беспрекорната величественост на ова застрашувачко теќе - зашто, впрочем, сигурно теќе и беше - па и денес по илјадници години нечепнато и пречисто почива во бескрајната ноќ и тишина на океанската бездна.
Не можам да го преслагам бројот на часови кои ги поминав пулејќи се кон потонатиот град и неговите градби, сводови, статуи и мостови, и кон колосалниот храм и неговата убавина и мистерија. Иако знаев дека ми се ближи смртта, љубопитноста потполно ме обзеде; и желно пребарувајќи шетав со зракот од рефлекторот. Снопот светлина ми дозволи да откријам многу подробности, но одбиваше да открие било што во внатрешноста на зјајнатата врата на каменоизделканиот храм, па по некое време го исклучив напојувањето, свесен за потребата да заштедам струја. Светлото сега беше воочливо попритулено одошто во текот на неделите на талкање. И небаре заострена од претстојната светлосна лишеност, желбата да ги истражам водените тајни ми порасна. Јас, Германец, треба да сум првиот што ќе зачекори по тие со раздобја заборавени патишта!
Извадов и прегледав длабокоморски нуркачки костим од споен метал и направив неколку опити со преносното светло и регенераторот на воздух. Иако ќе ми биде тешко сам да ракувам со двојните катари, верував дека со помош на научна вештина ќе можам да ги совладам сите пречки и лично да зачекорам низ мртвиот град.
На 16 август извршив напуштање на У-29 и со мака се пробив низ разрушените и од кал запушени улици до древната река. Не пронајдов никакви костури или други човечки останки, но присобрав богатство археолошки сведенија од скулптурите и монетите. За ова сега не можам да зборувам, освен да ја изустам стравопочитта кон таа култура која била во екот на славата додека низ Европа талкале пештерски луѓе, а Нил непосведочено течел кон морето. Други, водени од овој ракопис, ако некогаш е пронајден, ќе мора да ги разоткријат мистериите кои јас можам само да ги загатнам. Се вратив во бродот кога електричниот акумулатор почна да ми оснемоштува, решен наредниот ден да го истражам храмот во карпите.
На 17-ти, како што нагонот да ја разоткријам мистеријата на храмот сѐ понастојчиво ми ојачуваше, ме снајде големо разочарување; зашто увидов дека материјалите потребни за полнење на преносното светило витосале за време на побуната на оние свињи во јули. Гневот ми беше бессинорен, но сепак германскиот разум ми забрануваше да неподготвен стапнам во внатрешност црна како катран што би можела да испадне дека е легло на некое неописливо морско чудовиште или лавиринт од премини од чии свиоци никогаш не би можел да се извлечам. Сè што можев да направам беше да го вклучам снемоштениот рефлектор на У-29, и со негова помош да се искачам по скалите на храмот и да ги проучам надворешните резби. Снопот светлина навлегуваше во вратата под нагорен агол и се испулив да видам дали ќе можам на наѕрам нешто, но напразно беше. Ни таванот не се гледаше; и иако направив чекор-два навнатре откако го проверив тлото со еден стап, не се осмелив да одам понатаму. А згора на сè, за првпат во животот искусив чувство на фрас. Почнав да сфаќам како му имаа произлезено некои од настројствата на сиротиот Кленце, зашто како што храмот сè повеќе и повеќе ме привлекуваше, сѐ повеќе и повеќе му се плашев од потопените понори со слеп и сѐ поголем уплав. Враќајќи се во подморницата, ги исклучив светлата и седнав да размислувам во мракот. Струјата сега мораше да се штеди за итни случаи.
Саботата на 18-ти ја поминав во потполна темница, измачуван од мисли и сеќавања што се закануваа да ми ја совладаат германската волја. Кленце беше полудел и витосал пред да стигнеме до оваа зловесна останка на едно неугодно дамнешно минато, и ме беше посоветувал да појдам со него. Дали, впрочем, судбината ми го вардеше разумот само за неодоливо да ме намами до скончило поужасно и понезамисливо од сè што човек беше сонувал? Јасно беше дека живците ми се под тежот замет и дека морам да се отарасам од ваквите слабачки впечатоци.
Не можев да заспијам во саботата вечерта, па ги вклучив светлата без оглед на иднината. Ми нервираше тоа што струјата нема да трае колку и воздухот и залихите храна. Ги оживеав мислите за евтаназија и си го испитав автоматскиот пиштол. Кон зори сигурно сум задремал со вклучени светла, зашто вчера попладне се разбудив во темница, со изцрпени акумулатори. Запалив неколку кибритчиња едно по друго и очајно се каев за расипништвото со коешто уште одамна ги имавме испотрошено малкуте свеќи што ги носевме.
По замирањето на последното кибритче што се осмелив да го изгорам, седев многу мирно без светлина. Додека размислував за неизбежното скончило во умот ми се навратија претходните настани, и развив еден дотогаш заспан впечаток кој на послаб и посуеверен човек би му предизвикал морници. Главата на зрачниот бог на скулптурите од храмот во карпите е иста како изрезбареното парче филдиш коешто мртвиот морнар го донесе од морето и коешто сиротиот Кленце го врати во морето.
Бев малку замајан од ваквото совпаѓање, но не ме фати уплав. Само инфериорниот мислител вјаса да прекутрупа го објасни своеобразното и сложеното со примитивна натприродност. Совпаѓањето беше чудно, но бев претврдокорен расудувач за да би поврзал околности кои не допуштаа да бидат поврзани со логичка врска, или да на некој необјаснив начин би ги споил катастрофалните настани коишто од работата со Виктори ме доведоа до сегашниот таксират. Чувствувајќи потреба од додаден одмор, испив седатив и си обезбедив додатна дремка. Живчаната состојба ми се одрази и во соништата, зашто ми се чинеше како да слушам крици на давеници и гледам мртви лица залепени за илуминаторите на бродот. А меѓу мртвите лица беше и живото, потсмешливо лице на младичот со филдишниот приказ.
Морам да припазам како ќе го опишам денешното будење, зашто сум растроен и едночудо халуцинации неизбежно се имаат измешано со фактите. Психолошки гледано, мојот случај е мошне интересен и жалам што не може да биде научно набљудуван од способен германски авторитет. Кога ги отворив очите, првиот осет ми беше на непокорна желба да го посетам камениот храм; желба што со секој миг растеше, но на којашто самодвигателно се трудев да ѝ одолеам преку некакво чувство на страв кое дејствуваше во спротивна насока. Следно добив впечаток на светлина среде темнината на исцрпениот акумулатор и ми се причини како да гледам некаков светлозрачен сјај во водата низ илуминаторот кој гледаше кон храмот. Ова ми ја разбуди љубопитноста, зашто не познавав длабокоморски организам способен да емитува таква светлосност. Но пред да можам да истражам ми настапи и трет впечаток кој поради неговата неразумност ме натера да се посомневам во објективноста на сè она што моите сетила би го пријавиле. Беше слухова заблуда; чувство на ритмичен, мелодичен звук, како некој див, но прекрасен распев или хорска химна, што доаѓаше од надвор низ потполно звучно изолираниот труп на У-29. Убеден во сопствената психолошка и живчана абнормалност, запалив неколку кибритчиња и си турив силна доза раствор од натриум бромид, што успеа да ме смири доволно за да ја растера илузијата на звук. Но светлозрачноста остана и тешко ми беше да го потиснам детинестиот нагон да се доближам до илуминаторот и да ѝ го побарам изворот. Беше ужасно веродостојна и набргу со нејзина помош можев да ги распознаам познатите предмети околу себе, како и празната чаша со натриум бромид за чијашто моментална местоположба немав претходно визуелно сознание. Последнава околност ме натера да се задумам, па појдов до другата страна на просторијата и ја допрев чашата. Навистина беше на местото каде што мислев дека ја гледам. Сега знаев дека светлината или е вистинска, или е дел од халуцинација толку тврдокорна и доследна што немав надеж да ја растерам, па откажувајќи се од секаков отпор се искачив до командната кула за да го пронајдам светлечкото воздејство. Зар не беше возможно да е друга подморница, отворајќи можност за спас?
Најарно ќе е ако читателот не прифати ништо од она што следи како објективна вистина, зашто одошто настаните ги надминуваат природните закони, следствено се субјективни и невистинити творби на мојот преоптоварен ум. Кога ја достигнав командната кула, увидов дека морето и не свети толку колку што очекував. Наоколу немаше животинска или растителна светлозрачност и градот што се навалуваше кон реката беше невидлив во црнината. Она што го видов не беше спектакуларно, ниту, пак, гротескно или застрашувачко, а сепак ја отстрани и последната останка на доверба во сопствената ми свест. Зашто вратата и прозорците на подморскиот храм издлабен во карпестиот рид живописно сјаеја со треперлива зрачност, како од јак олтарски пламен длабоко во внатрешноста.
Подоцнежните збиднување се хаотични. Додека зјапав во необјасниво осветлената врата и прозорци, ме налегнаа најодвишни привиденија - толку одвишни привиденија, што не можам ни да ги прераскажам. Ми се пристори како да распознавам предмети во храмот - и неподвижни и раздвижени предмети - и како пак да го слушам оној невистинит распев што ми долебди до ушите кога за првпат се пробудив. А над сѐ се издигаа мисли и стравови кои се вртеа околу младичот од морето и филдишниот приказ чија резба беше повторена на фризовите и столбовите на храмот пред мене. Помислив на сиротиот Кленце и се прашував каде му почива телото заедно со приказот што го беше вратил назад во морето. Ме предупреди за нешто, а јас не го послушав - но тој беше мекоглав Рајначанец кој полуде од невољи кои Прус со леснотија би можел да ги издржи.
Другото е многу едноставно. Нагонот да го посетам и влезам во храмот сега е прераснат во необјаснива и наметлива заповед која најнакрај не може да се непослуша. Германската волја веќе не ми управува со постапките и самостојност отсега натаму е возможна само во незначајни чинови. Исто вакво лудило и Кленце го беше довело до смрт, гологлав и незаштитен среде океанот; но јас сум Прус и разумен човек, и до последно ќе ја искористам онаа ронка волја што ми преостанува. Кога првпат увидов дека морам да одам, си го подготвив нуркачкиот костим, шлемот и регенераторот на воздух за да можам набрзина да ги облечам, и веднаш почнав да ја пишувам оваа избрзана хроника со надеж дека еден ден ќе стигне до светот. Ќе го запечатам ракописот во шише и ќе му го доверaм на морето додека засекогаш ја напуштам У-29.
Немам страв, дури ни од пророштвата на лудакот Кленце. Она што го видов не може да е вистина и знам дека ова мое лудило во најлош можен случај само би довело до задушување кога ќе ми снема воздух. Светлината во храмот е чиста заблуда и ќе умрам смирен, како Германец, во црните и заборавени длабини. Оваа демонска смеа што ја слушам додека пишувам ми доаѓа само од сопствениот ослабен мозок. Затоа внимателно ќе си го ставам нуркачкиот костим и смело ќе се искачам по скалите во тоа првобитно светилиште; таа тивка тајна на несознаени води и небројни години.