Екс обливионе - Полиграматон

Екс обливионе

Кога последните денови ме навасаа и грдите ситници на постоењето почнаа да ме излудуваат како малите капки вода коишто мачителите ги оставаат да непрестајно капат врз една точка на телото на нивната жртва, го замилував зрачното прибежиште на сонот. На сон пронаоѓав по малку од убавината која залудно ја барав во животта и талкав низ стари градини и маѓепсани кории.

Еднаш кога ветерот беше лесен и полн мисковина чув како ме вика југот и бескрајно и мрзоволно отпловив под чудни ѕвезди.

Еднаш кога паѓаше нежен дожд се лизнав со баржа по еден бессончев поток под земјата додека не стигнав до друг свет на морав самрак, перголи кои се преливаа на светлина и вековечни рози.

И еднаш зачекорев низ златна долина која водеше до засенети шумјаци и рушевини и завршуваше со јак ѕид позеленет од антички бршлени и продупен од портичка од бронза.

Многупати чекорев низ таа долина и сѐ подолго и подолго застанував во призрачната полусветлина каде што џиновските дрвја претаа и гротеско се искривоколчуваа и сивата земја мокро се протегаше од стеблиште до стеблиште, разоткривајќи ги напати мувлоисфлеканите камења на закопани храмови. И секогаш целта на мечтите ми беше јакиот обршленет ѕид со портичката од бронза во него.

По некое време, како што деновите на јаве стануваа сѐ помалку и помалку подносливи поради нивната сивотија и едноличност, често се лизнував во опијатен мир низ долината и засенетите шумјаци и се прашував како би можел да ги зграбам за да ми се вечно жилиште, та да не морам веќе да се враќам лазејќи кон додевниот свет разоблечен од секаква занимливост и нови бои. И како што ѝ се пулев на портичката во јакиот ѕид, чувствував дека од другата страна се протега сонишна земја од каде што, штом еднаш ќе се влезе, враќање ќе нема.

Така секоја вечер на сон се стремев да го најдам скриеното резе на портата во забршленетиот антички ѕид, макар што беше скриено, па дотолку бидува. И си велев дека царството од другата страна на ѕидот не е саде подолготрајно, туку и полично и поблескаво.

Тогаш една вечер во соно-градот Закарион најдов еден пожолтен папирус полн со мислите на соно-мудреци кои на времето домувале во тој град и кои биле премудри за да би се родиле во будниот свет. Тука беа запишани многу нешта во врска со светот на соништата и меѓу нив беа и преданијата за некоја златна долина и свет шумјак со храмови и висок ѕид продупен со бронзена портичка. Кога ги видов овие преданија, знаев дека ги начнуваат сцените кои ми беа биле врталиште, па затоа долго време кај го читав пожолтениот папирус.

Некои од соно-мудреците преубаво пишуваа за чудесиите од другата страна на непоминливата порта, но други зборуваа за ужас и разочарување. Не знаев на кои да им верувам, а сепак сѐ повеќе и повеќе копнеев да засекогаш преминам во непознатата земја; зашто сомнежот и тајноста се мамки на коишто рамен им нема и не ќе да има нов ужас постравотен од катадневното измачување на секојдневието. Па така, кога научив за дрогата којашто би ја отклучила портата и би ме проврела низ неа, се решив да ја земам кога пак ќе се разбудам.

Сношти ја проголтав дрогата и сонливо запловив во златната долина и засенетите шумјаци; и кога овој пат стигнав до античкиот ѕид, видов дека портичката од бронза е подотворена. Од другата страна доаѓаше светлосност која бизарно ги осветлуваше џиновските искривоколчени дрвја и врвовите на закопаните храмови и песновито се лизнав нанапред, во исчекување на славите на земјата од кај што веќе никогаш не ќе се вратам.

Но како што портата се разотвори пошироко и маѓепството на дрогата и сонот ме турна низ неа, увидов дека на сите видици и слави им беше дошол крајот; зашто во тоа ново царство немаше ни земја ни море, туку само белата празнина на обезлуѓен и безмерен семир. Така, посреќен одошто се бев осудувал да се надевам дека ќе сум, повторно се растопив во таа вродена бесконечност на билјурен заборав од каде што устрелот Живот ме беше повикал на еден краток и пустошен час.