I
За време на зимата во 1927-28 службените лица на федералната влада спроведоа чудна и таинствена истрага на извесни состојби во древното пристаниште Инсмот, во Масачусетс. Јавноста прво дозна за ова во февруари, кога се случи огромна низа на рации и апсења, проследени со намерното горење и разнесување со динамит - под соодветни мерки - на голем број разронети, црвјосани и наводно празни куќи долж напуштеното крајбрежје. Нељубознајните души ѝ дозволија на оваа случка да одмине како еден од големите судири во грчевитата борба против алкохол.
Меѓутоа, побудните следачи на новини се зачудија од обилниот број апсења, абнормално големото мноштво на луѓе кое ги спроведуваше истите и потајноста околу отстранувањето на затворениците. Никакви судења, ниту пак конкретни обвинувања не беа пријавени; ниту некои од плениците беа забележани потоа во редовните апсаани низ земјата. Имаше нејасни изјави за болести и концентрациони логори и потоа за раштркување низ различни поморски и воени затвори, но никогаш ништо потврдно не се разјави. Самиот Инсмот беше оставен скоро раселен и дури сега почнува да покажува знаци на тромаво оживеано постоење.
Поплаките од многу либерални организации беа пречекани со долги расправи зад затворени врати и претставниците беа однесени на посети до извесни логори и затвори. Како резултат, овие здруженија станаа изненадувачки пасивни и воздржливи. Новинарите од весниците беа потешки за скротување, но се чинеше дека на крајот во најголем дел соработуваа со владата. Само еден весник - таблоид вечно занемаруван поради неговите разуздани ставови - ја спомена подморницата за длабоки нуркања којашто испукала торпеда прудолу кон поморскиот понор недалеку од Ѓаволов Гребен. Таа приказна, случајно собрана од едно врталиште на морнари, се чинеше доста претерана, бидејќи нискиот, црн гребен се протега цела милја и пол одалечен од сидриштето на Инсмот.
Луѓето од тој предел и околните паланки доста мрмореа меѓу себе, но малку му кажуваа на надворешниот свет. Скоро цел век кај беа зборувале за едвај живиот и полунапуштен Инсмот и ништо ново не би можело да е поразуздано и поодвратно од она што го беа шепотеле и загатнувале години пред тоа. Многу работи ги беа научиле на таинственост и сега немаше потреба да се ставаат под притисок. Освен тоа, всушност знаеја и многу малку; зашто широките солени мочуришта, пусти и бескуќни, ги одбиваат соседите од Инсмот на копнената страна.
Но најпосле ќе ѝ се спротиставам на забраната за зборување за оваа работа. Исходот, сигурен сум, е толку темелен што никаква јавна штета освен потресна одбивност би можела да се наталожи од намек кон она што беше пронајдено од тие ужаснати спроведувачи на рациите во Инсмот. Освен тоа, она што беше пронајдено е можно да има повеќе од едно објаснување. Не знам колкав дел од целата сказна дури и мене ми е кажан и имам многу причини да не сакам да се распипувам подлабоко. Зашто мојот допир со оваа работа беше бил поблизок од секој друг лаик и имав понесено впечатоци кои допрва би ме навеле на драстични мерки.
Јас бев оној кој поулавено избега од Инсмот во раните утрински часови на 16 јули 1927 и чии преплашени молби за владин испит и постапки ја произлегоа целата раскажана епизода. Бев доволно согласен да останам нем додека работата беше пресна и несигурна; но сега кога веќе е стара приказна, со изгубен интерес и љубопитност од јавноста, имам чудна стрвост да прошепотам за оние неколку стравотни часови во тоа злогласно и злобно засенето морско пристаниште на смрт и богохулна абонормалност. Самото раскажување ми помага да си ја повратам довербата во сопствените чувства; да се убедам дека не бев само првиот кој потклекна на заразната кошмарна халуцинација. Ми помага и во тоа да се одлучам за еден извесен ужасен чекор кој ме чека.
Никогаш немав чуено за Инсмот до пред денот кога го видов за прв и - засега - последен пат. Го славев моето полнолетство со турнеја низ Нова Англија - за посетување знаменитости, антикварење и родопис - и планирав да одам право од древниот Њуберипорт до Аркам, од каде што потекнуваше семејството на мајка ми. Немав кола, па патував со воз, тролејбус и рејс секогаш барајќи го најевтиниот можен превоз. Во Њуберипорт ми рекоа дека за до Аркам најарно било да се оди со парната локомотива; и дури во билетарата на станицата, кога се снебив од високата цена на билетот, дознав за Инсмот. Гарабитниот, лукаволик посредник, од чиј што говор се гледаше дека не е мештанин, се чинеше како да сочувствува со мене во моите шпараџиски напори и ми даде предлог кој никои од моите дотогашни известители ми го немаше понудено.
„Па, добро, би можел да одиш и со стариот автобус,“ рече со одредена колебливост, „ама не го бие баш добар глас во околијава. Минува низ Инсмот - може си чул - па луѓето не го сакаат многу-многу. Го тера еден Инсмотчанец - Џо Сарџент - но никогаш нема муштерии оттука, а чинам ниту од Аркам. Чудо е што воопшто го тера. За евтин, евтин е, ама никогаш не сум видел повеќе од две-три души да се возат - и секогаш се саде инсмотчани. Трга од плоштадот - пред спицаријата на Хамонд - во 10 наутро и во 7 навечер освен ако не смениле нешто неодамна. Изгледа како страшна крнтија - јас никогаш се немам возено.“
Тогаш за првпат чув за сеништниот Инсмот. Секој упат кон град необележан на карта или ненаведен во скорешни туристички водичи ќе ме заинтересираше, па несекојдневниот начин на укажување на посредникот ми пробуди нешто како вистинска љубопитност. Паланка која може да поттикне таква ненаклонетост кај своите соседи, помислив, мора да е, ако ништо друго, барем мошне необична и достојна за туристичко внимание. Ако беше пред Аркам прво ќе се симнев таму - па така го замолив посредникот да ми раскаже за неа. Беше многу одмерен и зборуваше небаре му е под чест она за коешто говореше.
„Инсмот? Па, тоа е една левтерна паланка долу крај устието на Менуксет. Порано беше скоро и град - доста големо пристаниште пред војната во 1812 - но целата се распадна во последниве сто години или така нешто. Нема веќе железница - пругата на „БиМ“ никогаш не минуваше низ него, а подружната линија од Раули одамна ја откажаа.
Повеќе празни куќи одошто луѓе чинам има и од трговија нема ништо освен ловење риби и јастози. Најмногу прават пазарлак тука или во Аркам или во Ипсвич. На времето имаа доста мелници, но денес ништо не останало освен една рафинерија за злато што де работи, де не работи.
Ама рафинеријата порано беше голема работа и стариот Марш, газдата, ќе да е побогат од крал Крез. Левтерен стар петел е ама, и не е кабил од дома да излезе. Демек фатил некоја кожна болест или изобличување на стари години што го терала да не излегува пред други. Внук е на капетан Обед Марш, кој му ја остави трговијата. Мајка му се чини дека била некоја туѓинка од некаде - велат островјанка од Јужно Море - и сите апла ја направија големата кога се ожени со девојка од Ипсвич пред педесет години. Секогаш прават така за луѓе од Инсмот и народот тука и во околијава секогаш се трудат да прикријат ако имаат инсмотска крв во нив. Но децата и внуците на Марш изгледаат како и секој друг јас колку што сум ги видел. Ми ги покажале со прст - макар што, вака ко ќе размислам, постарите деца како да ги нема во последно време да се шетаат. Стариот никогаш не сум го видел.
А зошто сите му се мрштат на Инсмот? Ех, дете, не треба толку да ги есапиш муабетите што луѓето оттука ги кажуваат. Тешко отвораат уста, ама ко ќе ја отворат, ела после затвори им ја. Сто години наназад, чинам, кај раскажувале работи за Инсмот - најмногу шепотејќи и слутам најмногу е од што им е страв. Некои од приказните се да се изнасмее човек - за стариот капетан Марш кај правел договори со ѓаволот и носел устрели од пеколот да живеат во Инсмот или за некакво ѓаволопоклонување и ужасни жртви на некое место близу доковите кај што луѓе налетале околу 1845 или таму некаде - но јас по потекло сум од Пантон, Вермонт и такви приказни не поминуваат кај мене.
Треба да слушнеш ама што кажуваат некои од старците за црниот гребен после брегот - Ѓаволов Гребен го викаат. Високо над водата е поголемиот дел од времето и никогаш не многу под неа, ама пак непара би го нарекол остров. Приказната е дека цела свита ѓаволи понекогаш се гледале на тој гребен - расчепатени по него или кај растрчуваат во и од некакви пештери близу врвот. Грубо, нерамно место е, повеќе од милја оддалечено и во крајните денови на пристаништето морнарите правеа големи заобиколки само за да го избегнат.
Поточно кажано, морнарите што не беа родум од Инсмот. Една од работите што ги имаат против стариот капетан Марш беше тоа дека демек некогаш навечер се истоварувал врз него кога плимата била како што треба. Можеби вистина се истоварувал, зашто карпениот облик богами беше занимлив и не е невозможно да барал гусарско благо и може дури и наоѓал; но се зборуваше дека таму си имал работа со демони. Поправо, чинам дека сѐ на сѐ капетанот всушност беше тој кој му го налепи лошиот углед на гребенот.
Ова беше пред големата епидемија од 1846, кога повеќе од пола народ од Инсмот беше покосен. Никогаш не изнајдоа што беше маката, но најверојатно беше некоја странска болештина доведена од Кина или од некаде со бродската трговија. Салам лоша работа испадна - имаше и немири од тоа и едночудо грозоморни чинови коишто не верувам дека се проширија надвор од паланката - и го остави местото во ужасна состојба. Никогаш не пркна пак - не ќе да има повеќе од 300 или 400 луѓе кои сега живеат таму.
Но вистинската работа зад чувствата на народот е едноставно расна прерасуда - и не велам дека ги кривам тие што ја имаат. И јас ги мразам инсмотчанине и немам ќеф да им појдам во паланката. Белки знаеш - макар ќе да си од запад вака по зборот - што работа си имале на времето многу од нашиве Новоанглиски бродови низ левтерни пристаништа во Африка, Азија, јужните мориња и секаде на други места и што левтерен народ понекогаш доведувале со нив. Сигурно имаш чуено за човекот од Салем кој се вратил со кинеска жена и можеби знаеш дека уште има група островјани од Фиџи некаде околу Кејп Код.
Па, мора да има такво нешто во лозата на инсмотчани. Местото отсекогаш било ептен отсечено од другите предели со блата и драги и не можеме да сме сигурни што било и како било; но мошне е јасно дека стариот капетан Марш ќе да беше довел некоја несекојдневна раја кога сите бродови му беа во погон порано во дваесеттите и триесеттите. Несомнено е дека има некоја чудна жичка во инсмотчани денес - не знам како да ја објаснам, но некако ти прави да се наежиш. Ќе ја забележиш малку во Сарџент ако му се качиш во автобусот. Некои имаат левтерни тесни глави со сплескани носеви и вбрекнати, заѕвездени, нетрепливи очи кои како никогаш да не се затвораат и кожата не им е како што треба. Груба и лепршава и вратовите од по страните им се збабарени и набрани. А и оќелавуваат уште на млади години. Постарите изгледаат најлошо - поправо, мислам дека никогаш не сум видел човек во години од тој народ. Ќе да умираат од катаден што се гледаат в огледало! Животни ги мразат - си имаа едночудо проблеми со коњите пред да излезат автомобиливе.
Никој оттука или од Аркам или од Ипсвич не сака да си има работа со нив, а и тие самите се однесуваат серто кога ќе дојдат в град или кога некој ќе се обиде да лови риби во нивни води. Левтерна работа е како има риби колку ти душа сака близу сидриштето на Инсмот кога нема никаде на друго место во близина - ама оди пробај да фаќаш риби таму, па да видиш како ќе ти се загнат! Тие луѓе порано доаѓаа тука со железницата - одејќи пеш или со воз до Раули откако ја откажаа подружната линија - но сега го користат автобусот.
Да, има хотел во Инсмот - се вика „Гилман хаус“ - но не ми се верува да го бива за нешто. Не би ти рекол да го пробуваш. Поарно е ако останеш тука и да го фатиш автобусот во десет саатот изутрина; така оттаму ќе можеш да се качиш на вечерниот автобус во осум саатот за Аркам. Имаше еден фабрички инспектор што преноќил во „Гилман“ пред некоја година и имаше многу непријатни намеци за местото. Се чини дека левтерна раја им оди, зашто човеков чул гласови од другите соби - иако повеќето од нив биле празни - од кои морници го полазиле. Некој туѓински јазик било, си помислил, но рече дека лошата работа била во тоа каков бил гласот што понекогаш зборувал. Звучел толку неприродно - шлаплив, рече - што не се осудил да се соблече и да заспие. Седел така чекајќи да се раздени и ја спраштил уште рано изутрината. Зборувањето продолжило скоро цела вечер.
Овој човек - Кејси му беше името - се изнаприкажа за тоа како Инсмотчани го гледале и се чинеле како да се на штрек. Рафинеријата на Марш му се видела како левтерно место - се наоѓа во една стара мелница во долните падини на Менуксет. Она што го кажа се слагаше со она што го имав чуено. Сметководство никакво и никакви јасни записи за ништо од трговијата. Знаеш, отсекогаш било мистерија од каде Маршови го наоѓаат златото што го рафинираат. Никогаш не се чинело дека купуваат многу по таа линија, но пред години испорачаа огромен број на прачки.
Порано се зборуваше за некој левтерен вид на накит кој морнарите и работниците од рафинеријата понекогаш го продаваале на црно, или што бил виден два-три пати на некои од жените на Маршови. Луѓето си слутеа дека можеби стариот капетан Обед тргувал со него во некое безбожно пристаниште, особено одошто секогаш нарачувал купови стаклени монистра и дрангулии од оние кои морепловците ги купуваа за да тргуваат со доморотци. Други мислеа и уште мислат дека има најдено некоја стара гусарска скривница некаде на Ѓаволов Гребен. Ама знаеш што е чудна работа? Стариот капетан веќе шеесет години кај е умрен и од местото не излегло здраво одломче уште од Граѓанската војна, но сепак Маршови и понатаму купуваат од таа роба за домородна трговија - најмногу стакло и гумени ѕрнѕурки, ми кажувале. Можеби инсмотчани и самите сакаат да им се пулат - Бог знае дека досега ќе да имаат станато небаре човекојадците од Јужно Море и дивјаците од Гвинеја.
Таа чума од ‘46та сигурно ја беше избришала најдобрата крв во местото. Како и да е, сомничава сорта се сега и Маршови и другите богаташи се исто толку лоши колку и другите. Како што ти кажав, најверојатно нема повеќе од 400 луѓе во целиот град и покрај сите улици кои се вели дека ги имаат. Чинам се од оние кои долу на југ ги викаат „бело ѓубре“ - беззаконити и подли и полни со тајни дела. Фаќаат многу риби и јастози и ги извозуваат со камиони. Левтерна работа е како рибите нагрвалуваат таму и никаде на друго место.
Никој не може да им води сметка на тие луѓе и службениците од државните школи и попишувачи мака мачат со нив. Наметливи туѓинци и тоа како не се добредојдени во Инсмот. Јас лично сум чул саде не за еден трговец или владин човек кој исчезнал таму и нашироко се зборува за еден кој полудел и ене го сега лежи во „Данверс“. Мора некој страшен уплав да му беа приредиле на човекот.
Затоа на твое место не би одел таму навечер. Никогаш не сум бил таму и не сум со ниет да одам, но белки да се патува дотаму денски би било безопасно - макар што луѓето од околијава би те советувале да не одиш. Ако само сакаш да посетуваш знаменитости и бараш старовремски работи, Инсмот би ти се видел баш ко за тебе.“
И така поминав дел од таа вечер во Градската библиотека во Њуберипорт, прегледувајќи податоци за Инсмот. Кога се обидов да ги распрашам мештаните низ продавниците, кафитериите, гаражите и пожарната станица, увидов дека е уште потешко човек да ги натера да зборуваат одошто беше предвидел билетниот посредник; и сфатив дека немам доволно време да го премостам нивниот првичен нагон на воздржливост. Имаа некаква помрачена сомничавост, како да му фали нешто на секој кој премногу се интересира за Инсмот. Во Младинскиот центар, кај што бев сместен, службеникот само го обесхрабри моето одење до такво печално, пропаднато место; а луѓето во библиотеката го имаа скоро истото настројство. Јасно беше дека во очите на образованите, Инсмот беше само еден преувеличен случај на граѓански распад.
Записите на околијата Есекс на полиците во библиотеката имаа многу малку што да раскажат, освен тоа дека градот бил основан во 1643, бележит по бродоградба пред револуцијата, седиште на голем поморски довлет во раниот деветнаесетти век, а подоцна мало фабричко средиште користејќи ја Менуксет како извор на енергија. Епидемијата и немирите во 1846 беа едвај одбележани, како да го зацрнуваа угледот на околијата.
Упатите до пропаѓањето беа ретки, макар што значајноста на покасните записи беше непогрешлива. По Граѓанската војна сиот индустриски живот бил ограничен на „Рафинериската компанија Марш“ и пласманот на златни прачки ја означуваше единствената трага на значајно претприемништво настрана од вечниот риболов. Тој риболов бил сѐ помалку и помалку исплатлив како што паѓала цената на стоката и големите претпријатија правеле конкуренција, но никогаш немало оскудица од риби околу сидриштето на Инсмот. Странци ретко таму се запоседнувале и имаше некој претпазливо прекриен доказ дека извесен број на Полјаци и Португалци кои се беа обиделе биле раштркани на сперливо драстичен начин.
Најинтересен од сите беше еден попатен упат кон чудниот накит нејасно поврзан со Инсмот. Очевидно му беше оставил немал впечаток на целиот предел, зашто се споменуваа примероци во музејот на Мискатонскиот универзитет во Аркам и во салата за изложби на „Историското здружение на Њуберипорт“. Одломните описи на овие нешта беа голи и прозаични, но ми загатнуваа притајност на настојувачка чудност. Некако се чинеа толку несекојдневни и провокативни што не можев да ги иставам од умот и и покрај релативната касност на денот се решив да го видам околниот примерок - за кој се велеше дека е големо, настраносразмерно нешто очевидно наменето за тијара - ако беше можно да ми дозволат.
Библиотекарот ми даде писмо за запознавање со кустосот на здружението, г-ца Ана Тилтон, која живееше недалеку и по кратко објаснување таа древна дама ми излезе во пресрет и ме поведе во најблиската зграда, бидејќи часот не беше безобразно касен. Збирката навистина беше знаменита, но во моето тогашно расположение умот ми беше само во бизарниот предмет кој сјаеше во една аголна витрина под електричните светла.
Не требаше да имам претерана чувствителност за убавина за да сум натеран да буквално збивнам од чудниот, неземен раскош на вонземната, издашна мечта која лежеше таму врз виолетово кадифено перниче. Дури и сега едвај можам да опишам што видов, иако беше доволно јасно дека е некаков вид на тијара, како што велеше и описот. Напред беше висока и со многу голема и сперливо неправилна периферија, небаре изработена за глава со скоро изродно елипсоиден контур. Материјалот се чинеше дека е претежно злато, макар што некоја бизарна посветла блескавост загатнуваше на некоја чудна легура со подеднакво убав и тешко утврдлив метал. Состојбата ѝ беше скоро совршена и човек можеше да помине цели саати во проучување на впечатливите и загонетно нетрадиционални дезени - некои едноставно геометриски, а некои јасно поморски - изгравирани или извајани во висок релјеф на нејзината површина со мајсторство на неверојатна вештина и елеганција.
Колку подолго гледав, толку повеќе нештото ме воодушевуваше; и во тоа воодушевување имаше своевиден вознемирувачки елемент кој тешко можеше да се распредели или оправда. Најпрво одлучив дека настраната, вонсветовна особина на уметноста беше она што ми правеше немир. Сите други уметнички предмети кои ги имав видено или припаѓаа на некаква позната расна или народна нишка, или пак беа свесно помодарни пркосења на сите препознатливи нишки. Оваа тијара не беше ни едното ни другото. Јасно ѝ припаѓаше на некоја спадната техника со бескрајна зрелост и совршенство, а сепак таа техника беше крајно оддалечена од сите - источни или западни, древни или современи - за кои имав чуено или видено да се изложени. Беше како изработката да е од друга планета.
Меѓутоа, наскоро увидов дека мојот немир имаше втор и можеби подеднакво јак извор вдомен во сликовните и математички укажувања на чудните дезени. Сите шеми загатнуваа отсечени тајни и незамисливи понори на време и простор и еднолично морската природа на релјефите стана скоро зловестна. Помеѓу овие релјефи имаше чудесни чудовишта со ненавистна гротескност и злоќудност - полу рибосродни и полу жабосродни во укажување - кои човек не можеше да ги одвои од извесно опседнувачко и неудобно чувство на квази-сеќавање, како да повикуваа некој приказ од длабоките клетки и ткива чии функции на досетување се потполно првобитни и стравотно прародовски. Повремено ми се чинеше како секој контур на овие богохулни жабо-риби да претекува со крајната срцевина на непознато и нечовеко зло.
Во несекојдневна спротиставеност со појавата на тијарата беше нејзината кратка и прозаична историја како што ми ја пренесе г-ца Тилтон. Беше била заложена за смешна сума во еден дуќан на „Стејт стрит“ во 1873, од некој пијан човек од Инсмот кој кратко потоа бил убиен во тепачка. Здружението ја беше купило право од заложничарот, веднаш давајќи ѝ излог достоен за нејзината вредност. Била обележана како со веројатно источно-индиско или индо-кинеско семселе, иако ваквото препишување искрено било неодлучно.
Г-ца Толтон, споредувајќи ги сите можни хипотези во врска со нејзиното потекло и присуство во Нова Англија, беше наведена да верува дека била дел од некоја егзотична гусарска ризница откриена од стариот капетан Обед Марш. Ова гледиште со сигурност не беше ослабнато од настојните понуди за купување по висока цена кои Маршови почнале да ги даваат штом дознале за нејзиното присуство и кои до ден-денес ги повторувале и покрај неколебливата решителност на здружението да не ја продаде.
Како што милата дама ме испраќаше од зградата беше многу јасна дека гусарската теорија за богатството на Маршови беше широко распространета помеѓу интелегентните луѓе од пределот. Нејзиниот сопствен став кон сеништниот Инсмот - кој никогаш не го беше видела - беше став на гадење од заедница која стрмно се лизнала прудолу по културната скала и ме увери дека гласините за ѓаволопоклонување биле делумно оправдани од сперливиот таен култ кој се засилил таму и ги проголтал сите правоверни цркви.
Го викале, рече, „Езотеричниот ред на Дагон“ и несомнено бил некоја уназадена, квази-паганска работа увезена од исток пред еден век, во времето кога рибарниците во Инсмот се чинеле дека појаловуваат. Неговото опстојување меѓу простиот народ било мошне природно со оглед на ненадејното и трајно враќање на обилно добриот риболов и набрзо прераснал да има најголемо влијание врз паланката, заменувајќи го масонството во целост и вдомувајќи се во старата масонска сала на „Њу чрч грин“.
Сето ова, за побожната г-ца Тилтон, формираше одлична причина за одбегнување на древната паланка на гнилеж и пустош; но за мене претставуваше само пресен поттик. На моите архитектонски и историски исчекувања сега беше додадена преизразена антролопошка ревност и едвај можев да заспијам во мојата мала соба во Младинскиот центар како што врвеше ноќта.
II
Малку пред десет наредното утро стоев со еден мал куфер пред спицеријата на Хамонд на плоштадот на старата чаршија чекајќи го автобусот за Инсмот. Како што се ближеше часот на неговото пристигање забележав општо разместување на распосланиците до други места по улицата или до ресторанот „Ајдијал ланч“ преку плоштадот. Очевидно билетниот посредник не ја беше преувеличил одбивноста којашто мештаните ја негуваа наспроти Инсмот и неговите населеници. За неколку моменти еден мај рејс со прекумерна трошност и нечиста сива боја доклапа по „Стејт стрит“, заврте и се постави на тротоарот крај мене. Веднаш почувствував дека беше правиот, проценка којашто полунечитливиот знак на ветробранот - „Аркам - Инсмот - Њуб’порт“ - наскоро ја потврди.
Имаше само три патници - мрачни, запуштени луѓе со мрки сурати и по малку младешки терк - и кога возилото застана несмасно дошантраа надвор и зачекорија по „Стејт стрит“ на тивок, скоро стаен начин. И возачот исто така се истовари и го гледав додека влегуваше во спицеријата да купи нешто. Ова, промислив, мора да е Џо Сарџент кој го спомена билетниот посредник; и уште пред да забележам било какви подробности врз мене се рашири бран на спонтана одбивност која не можеше да биде ни проверена ни објаснета. Наеднаш ми дојде како да е многу природно тоа што мештаните не сакаат да се возат на автобус поседуван и возен од овој човек, или да го посетат почесто одошто е возможно наоѓалиштето на таков човек и неговата рода.
Кога возачот излезе од дуќанот повнимателно го разгледав и се обидов да го утврдам изворот на мојот зол впечаток. Беше слаб, згрбавен човек, висок не многу помалку од шест стапки, облечен во ветви сини цивилни алишта и носеше излижан сив качкет. Стар беше можеби триесет и пет години, но несекојдневните, длабоки набори на страните на вратот го правеа да изгледа постар кога човек не му го проучуваше млитавото, безизразно лице. Имаше тесна глава, вбрекнати, водлести плави очи кои како никогаш да не трепкаа, сплескан нос, повлечено чело и брада и своеобразно закржлавени уши. Долгата, дебела усна и сивкасти образи со рапави пори му се чинеа скоро ќоси со исклучок на некои ретки жолти влакна што се раштркуваа и виткаа во нерамномерни крпеници; и на некои места површината се чинеше настран0 нерамномерна, како да се лупеше од некоја епидермална болест. Рацете му беа големи со густи вени и имаа многу необична сиво-сина нијанса. Прстите беа впечатливо куси во сразмер со останатата структура и се чинеа дека настојуваа да се виткаат блиску до огромните дланки. Како што одеше до автобусот му го забележав сперливо шантравиот од и видов дека стапалата му се прекумерно масивни. Колку повеќе ги проучував толку повеќе се чудев кај наоѓа да купи чевли што ќе му се токму.
Некаква извесна мрсност на човекот ми ја зголеми антипатијата. Очевидно имаше навика да работи или се излежава околу рибарските докови и носеше со себе доста од нивната својствена миризба. Што сорта на странска крв имаше во него не можев ни да погодам. Особеностите јасно не му личеа азиски, полинезиски, левантски или нигроидни, а сепак можев да сфатам зошто луѓето го сметаа за туѓ. Мене повеќе ми доаѓаше мисла на биолошки разград одошто на туѓост.
Зажалив кога видов дека нема да има други патници во автобусот. Некако не ми се допаѓаше помислата да се возам сам со овој возач. Но како што времето за тргање очигледно ближеше си го зауздав шубето и се качив во возилото по човекот, пружејќи му банкнота од еден долар и промрморувајќи како единствен збор „Инсмот“. Љубопитно ме погледна за миг додека ми враќаше четириесет центи кусур без да прозбори. Седнав далеку зад него, но од истата страна на автобусот, бидејќи сакав да го гледам брегот за време на патувањето.
Најнакрај трошното возило тргна со едно нагло влечење и бучно заѕвечка крај старите циглени згради на „Стејт стрит“ среде облак пареа од издувникот. Фрлајќи поглед кон луѓето на тротоарот, како да насетив во нив своевидна желба да избегнат да гледаат кон автобусот - или барем желба да избегнат да покажат дека гледаат во него. Тогаш свртевме десно до „Хај стрит“ каде што возењето беше поглатко; јурејќи крај стари отмени вили од раната република и уште постари колонијални фарми, пoминувајќи ги Лоуер Грин и Паркер Ривер и најпосле излегувајќи врз едно долго, еднолично пространство на отворен брежен предел.
Денот беше топол и сончев, но пејсажот од песок, острика и спечени џбунови стануваше сѐ попусти и попуст како што врвевме. Од прозорецот можев да ја видам сината вода и песочната линија на Плам Ајленд и набрзо дојдовме многу блиску до плажата како што тесниот пат ни скршна од главниот автопат за Раули и Ипсвич. Немаше видливи куќи и можев да познаам по состојбата на патот дека сообрајќајот во околијава беше многу редок. Малите бандери истрошени од времето носеа само две жици. Одвреме-навреме преминувавме по груби дрвени мостови над одливни драги кои се виеја до далеку во копното и ја поддржуваа општата отсеченост на пределот.
На неколку наврати забележав мртви пенушки и разронети темели над развеаниот песок и се присетив на старите преданија цитирани во една од записите кои ги бев прочитал, дека ова на времето билo плоден и густо населен предел. Промената, пишуваше, дошла истовремено со епидемијата во Инсмот во 1846 и простите луѓе веруваа дека имала мрачна поврзаност со скриени сили на злото. Всушност, беше предизвикана од неумното сечење на горите близу брегот, кое ѝ ја одзело на почвата најдобрата заштита и го отворило патот за бранови песок донесени од ветрот.
Најпосле го изгубивме Плам Ајленд од видикот и го видовме огромното пространство на отворениот Атлантик од нашата лева страна. Тесниот пат почна стрмно да ни се искачува и почувствував своеобразен осет на немир при гледање на осамениот срт пред нас каде што избраздениот коловоз се среќаваше со небото. Беше небаре автобусот ќе продолжи да се движи после неговото искачување, потполно напуштајќи ја здраворазумната земја и спојувајќи се со непознатите мистики на горниот воздух и криптичното небо. Морскиот мирис доби кобна стојност и подвитканиот, вкочанет грб и тесната глава на тивкиот возач стануваа сѐ поненавистни. Како што го гледав забележав дека тилот на главата му е скоро ќос колку и лицето, имајќи само неколку раштркани жолти прамени врз сива крастава површина.
Потоа стигнавме до сртот и ја соѕревме распосланата долина од другатта страна, каде што Менуксет се влева во морето малку понасевер од долгата линија на гребени кои кулминираат со Кингспорт Хед и скршнуваат кон Кејп Ен. На далечниот, маглив хоризонт можев едвај да го распознаам вртоглавиот портрет на Хед крунисан со настраната древна куќа за којашто толку легенди се раскажуваат; но во тој момент сето внимание ми беше заземено од поблиската глетка веднаш под мене. Бев дошол, заклучив, лице в лице со од гласини засенетиот Инсмот.
Беше паланка со широко протегање и збиена изградба, но со предзначна оскудица од видлив живот. Од чворот на оџачни капи излегуваше едвај по некој прамен чад и трите високи кули демнеа голи и небојадисани наспроти морскиот хоризонт. Една од нив се имаше сронето на врвот и во неа и уште во една друга имаше само црни зјајнати дупки каде што требаше да има стрелки на саат. Масивниот куп на провиснати мансардни покриви и остри калкани пренесуваа со нападна јаснина мисла на црвјосан гнилеж и како што доближувавме по сега надолниот пат можев да видам дека многу покриви целосно се имаат врушено. Имаше и неколку големи четвртасти џорџиски куќи, со четвороводни покриви, куполи и оградени кровни тераси. Овие најмногу беа на извесно растојание од водата и една или две се чинеше дека се во умерено здрава состојба. Протегајќи се навнатре кон копното помеѓу нив ја видов зарѓаната, обрасната линија на напуштената пруга, со навалени телеграфски бандери сега обезжичени и полузатаените линии на старите запрежни патишта до Раули и Ипсвич.
Гнилежот беше најлош близу крајбрежјето, макар што меѓу самите негови редови можев да ја соѕрам белата камбанарија на една мошне добро одржана циглена градба што личеше на мала фабрика. Пристаништето, одамна запушено со песок, беше опколено од еден древен камен насип; на којшто можев донекаде да ги распознаам минијатурните облици на неколкуте седнати рибари и на чиј крај беше нешто што личеше како темели на некогашен светилник. Песочен јазик се беше оформил во оваа препрека и врз него видов неколку трошни колиби, закотвени лотки и раштркани кафези за јастог. Единствената длабока вода се чинеше дека е онаму кај што реката се истураше крај закамбанарената градба и се вртеше јужно за да се слее во океанот на крајот на насипот.
Ваму-таму рушевини на докови се подаваа од брегот за да завршат во неодредлива скапаност, оние најужно навидум најгнили. И далеку на море и покрај високата плима, наѕрев долга, црна линија која едвај се издигаше над водата, а сепак носеше укажување на несекојдневна притаена злоќудност. Ова, знаев, мора да е Ѓаволов Гребен. Како што гледав, тихо, своевидно чувство на повикување се чинеше донаддадено на намуртената одбивност и, за чудо, овој призвук ми се виде како повознемирувачки од првичниот впечаток.
Никој не сретнавме на патот, но одеднаш почнавме да одминуваме напуштени фарми во различни етапи на распад. Потоа забележав неколку населени куќи со партали нагнетени во скршените прозорци и школки и мртви риби кои лежеа околу растурените дворови. На неколку наврати здогледав луѓе со отсутни лица како работат во јалови бавчи или копаат школки на долната плажа која мирисаше на риба и групи на нечисти мајмунолицести деца кои си играа околу со плевел обраснати прагови. Овие луѓе некако се чинеа потревожни од стуштените градби, зашто скоро сите имаа извесни сперливости во лицата и движењата кои инстинктивно не ми се допаднаа без да бидам способен да ги определам или узнаам. За миг помислив дека оваа својствена физиономија укажуваше на некоја слика која ја бев видел, можеби во книга, под околности на особен ужас или потиштеност; но ова квази-присеќавање многу бргу ми помина.
Како што автобусот стигаше до пониското ниво почнав да ја наслушувам постојаната нота на водопад низ неприродната тивкост. Изнавалените, небојадисани куќи се згуснаа, ги порабија двете страни на патот и покажаа поградски наклонетости од оние кои ги остававме зад нас. Видикот пред нас се беше собрал до улична сцена и на места можев да видам каде претходно беа постоеле калдрмест плочник и пространства на циглен тротоар. Сите куќи беа навидум напуштени и имаше повремени јазови каде што растумбани оџаци и ѕидови од визби раскажуваа за градби кои се беа срушиле. Проникнувајќи низ сѐ беше најгадливата рибина миризба која може да се замисли.
Наскоро почнаа да се појавуваат раскрсници и клучки, оние од лево водејќи до близубрежни царства на непоплочена беда и гнилеж, додека оние од десно прикажуваа глетки на одминато големство. Дотогаш немав видено луѓе во паланката, но сега се појавија знаци на слаба населеност - завесени прозорци ваму-таму и повремен исчукан автомобил на тротоарот. Плочниците и шеталиштата беа сѐ подобро утврдени и иако повеќето куќи беа мошне стари - дрвени и циглени градби на раниот деветнаесетти век - очигледно беа достојно одржувани за живејачка. Како лаички антиквар, скоро го изгубив мирисното гадење и чувствата на закана и одбивност среде овој богат, несменет опстанок од минатото.
Но не ми беше пишано да сигнам до одредиштето без еден многу силен впечаток со трогателно незгодна особина. Автобусот пристигна до еден вид на отворено корзо или радијална точка со цркви на двете страни и раздрпани останки од кружно зеленило во средината и гледав во сала со големи столбови при клучката од десната страна пред мене. Некогашната бела боја на градбата сега беше сива и излупена и црно-златниот знак на корнизот беше толку избледен што само со тешкотија можев да ги распознаам зборовите „Езотеричен ред на Дагон“. Значи ова беше некогашната масонска сала која сега беше превземена од уназадениот култ. Додека се мачев да го дешифрирам овој запис вниманието ми беше одвлечено од крескавите тонови од едно пукнато ѕвоно преку улицата и бргу се завртев за да се испулам низ прозорецот од мојата страна на рејсот.
Звукот дојде од една камена црква со набиена кула од пројавително покасен период од повеќето други куќи, изградена по несмасно готски тертип и со несразмерно висок подрум со прозорци со ролетни. Иако стрелките на саатот недостасуваа на страната која ја наѕрев, знаев дека тие засипнати отчукувања го означуваа единаесеттиот час. Тогаш наеднаш сите мисли за време беа поклопени од една нагрвалена слика со остра јачина и необјаснив ужас кој ме беше зграпчил пред да дознаам што навистина претставува. Вратата на подрумот од црквата беше отворена, откривајќи внатре правоаголник од црнина. Како што гледав, еден извесен предмет го премина или се причини како да го премина тој мрачен правоаголник; врежувајќи ми во мозокот миговна замисла на кошмар која беше уште поизлудувачка одошто никаква анализа не можеше да покаже ниту една кошмарна особина во неа.
Беше жив предмет - првиот освен возачот кој го бев видел откако влегов во збиениот дел на паланката - и да бев во посталожено расположение немаше да изнајдам никаков страв во него. Беше јасно, како што сфатив во наредниот миг, дека беше пастирот; облечен во некоја сперлива одежда несомнено воведена откако „Редот на Дагон“ ги беше променил обредите на околните цркви. Она што најверојатно ми го привлече првиот потсвесен поглед и ме снабди со трошка бизарен ужас беше високата тијара која ја носеше; скоро идентичен дупликат на онаа која г-ца Тилтон ми ја беше покажала претходната вечер. Ова, влијаејќи врз мојата фантазија го беше снабдила со безимено зловестни особини неодреденото лице и прекриената расшантрана форма под него. Немаше, заклучив наскоро, никаква причина за да би ја почувствувал таа наежлива трошка на злобно квази-сеќавање. Зар не беше природно да околен мистериозен култ присвои во својата униформа некој единствен тип на венец со кој заедницата била запознаена на некој чуден начин - можеби како некоја скапоценост?
Едно слабо посолување на неугоднолики примлади луѓе сега стана видливо на тротоарите - осамени поединци и тивки чворови од двајца или тројца. Приземјата на разронетите куќи понекогаш пристануваа мали дуќани со запуштени знаци и забележав по некој паркиран камион како што се дрмолевме. Звукот на водопади стана сѐ повоочлив и одеднаш здогледав пред мене еден мошне длабок речен кланец, премостен од широк, железоограден патен мост после кој се отвораше голем плоштад. Додека жграмотевме преку мостот погледнав на двете страни и забележав некакви фабрички згради по работ на тревната стрмност или на пола растојание прудолу. Водата далеку под мене беше многу изобилна и можев да видам два бодри пара на водопади во горното течение од мојата десна страна и барем еден во долното течение од левата. Од оваа точка вревата беше мошне заглушувачка. Тогаш се дотркалавме до големиот полукружен плоштад преку реката и се приближивме до десната страна пред една висока зграда крунисана со купола со останки на жолта боја и со полуистружен знак кој разгласуваше дека тоа е „Гилман хаус“.
Мило ми беше да излезам од тој автобус и веднаш тргнав да си го пријавам куферот во неуредното хотелско фоаје. На повидок имаше само една личност - еден човек во години без она што го бев назначил како „инсмотскиот изглед“ - и решив да не го прашам ниедно од прашањата кои ме мачеа; сеќавајќи се дека несекојдневни работи беа биле забележани во овој хотел. Наместо тоа, зачекорив надвор врз плоштадот, од каде што автобусот веќе си имаше заминато и ја проучив сцената исцрпно и проценувачки.
Едната страна на калдрместиот отворен простор беше правата линија на реката; другата беше еден полукруг од циглени градби со навалени кровови од периодот околу 1800, од коишто неколку улици како краци се ширеа кон југоисток, југ и југозапад. Фенерите беа разочарувачки малку на број и мали - сите нискосвеќни жарулки - и ми беше мило што моите планови бараа да заминам пред да се стемни, иако знаев дека месечината ќе е сјајна. Сите згради беа во добра состојба и вклучуваа можеби дузина дуќани кои во моментот беа во погон; од коишто еден беше бакалница од синџирот на „Фрст нешонал“, а другите еден стуштен ресторан, спицарија и канцеларија на големопродажник на риба, и уште еден друг на најисточната крајна точка на плоштадот близу реката, кој беше канцеларија на единствената индустрија во градот - „Рафинериската компанија Марш“. Видливи беа можеби десет луѓе и четири-пет автомобили и камиони стоеа раштркани наоколу. Не мораше да ми се каже дека ова беше градскиот центар на Инсмот. На исток со очите можев да дофатам сини наѕирања од пристаништето, наспроти коишто се издигаа распаднатите останки од три некогашно убави џорџиски кули. А кон брегот на спротивниот кеј на реката ја видов белата камбанарија како ја надвиснува, како што претпоставив, рафинеријата на Марш.
Поради не знам каква причина се одлучив прво да се распрашам во верижната бакалница чиј послуга не беше веројатно дека потекнува од Инсмот. Одговорната личност беше едно осамено момче на околку седумнаесет години и ми беше драго да ја забележам ведрината и задушевноста кои ветуваа весели сведенија. Се чинеше исклучително желно за разговор и наскоро разбрав дека не го сака местото, неговата рибина миризба ниту неговиот стаен народ. Муабет со било кој туѓинец му претставувал олеснување. По потекло било од Аркам, а сместено било со семејство кое било од Ипсвич и секогаш си се враќало дома штом ќе имало слободен ден. Неговото семејство не сакале да работи во Инсмот, но од синџирот го беа преместиле таму и не сакало да си ја напушти работата.
Немало, рече, ни јавна библиотека ни трговска комора во Инсмот, но најверојатно би можел да се ориентирам околу градот. Улицата по којашто имав дојдено била „Федерал“. Западно оттаму биле улиците со отмените стари живеалишта - „Брод“, „Вашингтон“, „Лафајет“ и „Адамс“ - а источно биле близубрежните гета. Во овие гета - долж „Мејн стрит“ - сум можел да ги најдам старите џорџиски цркви, но сите одамна биле напуштени. Поарно било човек да не се прави многу приметен во такви маала - особено северно од реката - бидејќи луѓето биле мрки и непријателски настроени. Некои туѓинци дури и исчезнале.
Извесни места биле скоро збранета територија, како што беше научил по значителна цена. Човек не смеел, на пример, многу да тлее околу рафинеријата на Марш или околу сѐ уште ползуваните цркви или околу застолбената сала на „Редот на Дагон“, на „Њу чрч грин“. Овие цркви биле многу несекојдневни - сите насилно откажани од нивните поединечни вероисповеди од другите места и наводно користеле најнастрани чинодејства и свештенички одежди. Верујуто им било кривоверно и мистериозно, вклучувајќи намеци на извесни чудесни преобразувања кои воделе до - некаква си - телесна бесмртност на оваа земја. Пасторот на момчето - д-р Волас од Методистичко епископалната црква „Езбери“ од Аркам - жестоко го беше бодрел да не се приклучува во ниедна црква во Инсмот.
А за луѓето од Инсмот - момчето едвај знаеше што да мисли. Биле стаени и ретко гледани како животни што живеат во дувла и човек тешко можел да си замисли како го минувале времето освен со нивниот ноншарлантен риболов. Можеби - судејќи по количеството на домашен алкохол кое го пиеле - низ најголемиот дел на дневните часови лежеле во алкохолна зашеметеност. Се чинело дека се мрко здружени во некој вид побратимство и разбирање - презирајќи го светот како да имаат пристап до други и претпочитани сфери на битисување. Нивниот изглед - особено тие зјапнати, бестрепни очи кои човек никогаш не ги гледал затворени - сигурно бил доволно потресен; и нивните гласови биле одвратни. Страшно било да се слушаат како бајат навечер во црквите, а особено за време на главните прослави или верски постановки, кои се паѓале двапати годишно на 30 април и 31 октомври.
Многу биле по водата и доста пливале и во реката и во пристаништето. Пливачки трки до Ѓаволов Гребен биле многу чести и и младо и старо било способно да учествува во овој тегобен спорт. Кога човек подобро ќе размислел, обично само мошне младите луѓе биле забележувани во јавност и од нив најстарите биле склони да изгледаат најнаглотено. Кога ќе се случеле исклучоци, најчесто биле лица без траги на девијации, како стариот службеник во хотелот. Човек можел да се запраша што судбина ги снаоѓало мнозинството на постариот народ и дали „инсмотскиот изглед“ бил некој чуден и подмолен феномен на зараза која го стега загработ како што врват годините.
Само некоја многу ретка болештина, се разбира, би можела да доведе до такви огромни и коренити анатомски промени кај една личност после полнолетство - промени кои вклучувале најосновни костени фактори како обликот на черепот - а сепак, дури и оваа појава не била пообезглавувачка и нечуена од видливите одлики на заболувањето во целост. Тешко би било, наведуваше момчето, да се обликуваат какви и да било вистински заклучоци во врска со ваквата работа; зашто човек никогаш не можел да ги запознае мештаните лично без разлика колку долго би живеел во Инсмот.
Момчето беше сигурно дека многу поединци уште полоши од најлошите видливи, биле држени под клуч во некои места. Луѓето некогаш слушале најнастрани типови на звуци. За расклатените крајбрежни ќумези северно од реката се зборувало дека се поврзани со скришни тунели, преставувајќи со тоа прави зајчарници на невидени абнормалности. Каква странска крв - ако тоа било работата - имале овие созданија, било невозможно да се каже. Некогаш чувале извесни особено одбивни ликови понастрана од туѓи очи кога владини претставници и други од надворешниот свет ќе дошле во паланката.
Залудно ќе е, рече мојот известител, да се прашуваат локалците било што за местото. Единствениот кој сакал да зборува бил некој многу престарен, но нормалнолик човек кој живеел во домот за сиромаси на северниот раб на градот и си го минувал времето талкајќи или излежувајќи се околу пожарната станица. Овој ветов лик, Задок Ален, имал деведесет и шест години и по малку бил удрен во главата, освен што бил и градскиот пијаница. Бил чуден, стаен створ кој постојано погледнувал зад себе небаре се плаши од нешто и кога бил трезен воошто не можел да биде убеден да зборува со туѓинци. Меѓутоа, бил неспособен да ѝ одолее на каква било понуда од неговиот омилен отров; и штом ќе се опиел можел да снабди човек најзачудувачките одломки од прошепотени спомени.
Но сепак и после сѐ, малку корисни податоци можеле да се добијат од него; зашто сите негови приказни биле луди, нецелосни намеци за невозможни чудесии и ужасии кои не можеле да потекнуваат од ниеден друг извор освен од неговата растроена мечта. Никој никогаш не му верувал, но мештаните не сакале кога пиел и зборувал со туѓинци; и не било секогаш безбедно да си виден како го испрашуваш. Најверојатно од него биле произлезени некои од најразузданите шепоти и заблуди.
Неколку недомородни жители имале пријавено чудовишни глетки одвреме-навреме, но помеѓу сказните на стариот Задок и изобличените населеници не било чудно што таквите привиди биле помодни. Никои од недоморотците не останувале навечер надвор до касно, одошто имало распространет впечаток дека не е умно да се прави тоа. Освен тоа, улиците биле зазорливо мрачни.
А во однос на трговијата - изобилството на риби со сигурност било скоро необјасниво, но мештаните сѐ помалку и помалку го ползувале. А освен тоа, цените паѓале, а конкуренцијата растела. Се разбира, вистинската трговија во градот била рафинеријата, чија трговска канцеларија била на плоштадот само неколку врати источно од каде што стоевме. Стариот Марш никогаш не се појавувал, но понекогаш одел до фабриката во затворена, завесена кола.
Имало најразлични гласини за тоа како Марш изгледал сега. На времето бил големо конте и луѓето велеле дека сѐ уште ги носел басмените мантили на едвардската доба, своевидно прекроени според извесни изобличувања. Син му порано ја водел канцеларијата на плоштадот, но во последно време се држеле мошне понастрана од сечии очи оставајќи им ги грото од работите на помладото поколение. Синовите со нивните сестри почнале да изгледаат доста настрано, особено постарите; и се велело дека здравјето им попушта.
Една од ќерките на Марш била неугодна рептилолика жена која носела прекумерна количина на бизарен накит од видно истата егзотична носија како онаа на којашто ѝ припаѓаше и чудната тијара. Мојот известител многупати го беше забележал и чул како се зборува за него дека доаѓал од некоја тајна ризница, или на гусари или на демони. Духовниците - или свештеници, или како и да ги викале тие денови - исто така носеле вакво китило како венец; но тие ретко му излегувале пред око на човек. Други такви примероци момчето не беше видело, макар што имало гласини дека многу ги има низ Инсмот.
Маршови, заедно со останатите три високородни семејства во градот - Вејт, Гилман и Елиот - сите биле многу повлечени. Живееле во масивни куќи долж „Вашингтон стрит“ и некои ги биело глас дека скришно имаат прибрано извесни живи роднини чија лична појава забранувала присуство во јавност и чија смрт била пријавена и запишана.
Предупредувајќи ме дека многу од уличните знаци се турнати, момчето за моја полза нацрта груба, но обилна и макотрпн0 скицирана карта на најистакнатите одлики на паланката. По неколку мигови проучување бев сигурен дека ќе ми е од голема помош и ја ставив в џеб со исцрпна благодарност. Не сакајќи ја запуштеноста на единствениот ресторан кој го бев видел, купив добра залиха на крекери со сирење и обланди со ѓумбир да ми служат како ручек за подоцна. Мојот распоред, одлучив, ќе биде да ги разгазам главните улици, да зборувам со сите недоморотци кои би можел да ги сретнам и да го фатам рејсот во осум часот за Аркам. Паланката, можев да забележам, формираше значителен и претеран пример на општински гнилеж; но одошто не сум социолог си ги ограничив моите сериозни заклучоци на полето на архитектурата.
И така започнав со мојата методична, макар полусчудовидена турнеја на инсмотските тесни, сенопоморни сокаци. Преминувајќи го мостот и вртејќи кон татнежот на долните водопади, минав близу до Маршовата рафинерија, којашто се чинеше несекојдневно слободна од врева на индустрија. Оваа зграда се издигаше на стрмниот речен брег близу мостот и отворениот слив на улиците кој ми се виде како најраниот градски центар, одменет после револуцијата од сегашниот градски плоштад.
Преминувајќи го по вторпат кланецот по мостот на „Мејн стрит“ наидов на предел на крајна напуштеност од кој некако ми поминаа морници. Срушени купови на калкански покриви обликуваа назабен и фантастичен небосклон, над којшто се издигаше гробождерната, обезглавена кула на древна црква. Некои од куќите долж „Мејн стрит“ беа населени, но повеќето беа цврсто заковани со штици. По непоплочени улички ги видов црните, зјајнати прозорци на напуштени ќумези, од коишто многу се навалуваа во ризични и неверојатни агли од потонување на дел од темелите. Тие прозорци зјапаа толку призрачно што ми требаше храброст за да се свртам кон исток кон крајбрежјето. Ужасот на една напуштена куќа со сигурност се дуе во геометриска наместо во аритметичка прогресија како што куќите се множат обликувајќи град на чист пустош. Глетката на такви бескрајни друмови на рибоока отсутност и смрт и мислата за такви поврзани бесконечности на црни, намрштени оддели препуштени на пајажини и спомени и освојувачкиот црв, размрдуваат атрофирани стравови и зазори што дури ни најкрутата филозофија не може да ги распрсне.
„Фиш стрит“ беше напуштена колку и „Мејн“ макар што се разликуваше по тоа што имаше многу циглени и камени складишта сѐ уште во одлична состојба. „Вотер стрит“ беше скоро нејзин двојник, освен тоа што имаше големи морски јазови каде што имало докови. Ниту жива душа видов, освен раштрканите рибари на далечниот насип, ниту звук чув, освен шлапањето на пристанишните плими и татнежот на водопадите на Менуксет. Градот сѐ повеќе ми одеше на живци и стаено погледнав зад мене како што се молкнев по патот назад преку расклиманиот мост на „Вотер стрит“. Мостот на „Фиш стрит“, според скицата беше срушен.
Северно од реката имаше траги од оскуден живот - куќи за пакување риби во работна состојба на „Вотер стрит“, расчадени оџаци и закрпени покриви ваму-таму, повремени звуци од неодредени извори и нередовни шантрави облици на стуштените улици и непоплочени сокаци - но за мене ова беше уште попотисливо од јужната напуштеност. Една причина беше тоа што луѓето беа многу поодвратни и абнормални од оние близу средината на градот; па на неколку наврати бев злобно потсетен на некое крајно фантастично нешто што не можев баш да го одредам. Несомнено туѓинската нишка во народот на Инсмот беше посилна тука одошто повнатре во копното - освен ако, всушност, „инсмотскиот изглед“ не беше болест наместо крвна нишка, при што овој кварт може да се смета дека е прибежиште за понапреднатите случаи.
Една подробност што ме надразни беше распределбата на неколкуте тихи звуци кои ги чув. По природа, требаше да имаат дојдено единствено од видливо населените куќи, но всушност често беа најсилни во најцврсто закованите фасади. Имаше крцкања, растрчувања и рапави сомничави звуци; и неугодно помислив на скриените тунели на кои ми укажа бакалчето. Наеднаш се фатив како се прашувам какви би можеле да се гласовите на тие населеници. Досега во овој кварт не бев чул говор и бев необјаснително желен да не чујам.
Застанувајќи само доволно долго за да видам две убави, но запустени цркви на улиците „Мејн“ и „Чрч“ поитав од тоа погано крајбрежно гето. Мојата следна логична цел беше „Њу чрч грин“, но понекако не можев да поднесам пак да ја поминам црквата во чиј подрум ја бев наѕрел необјасниво стравотната форма на тој чудно овенчан свештеник или пастир. Освен тоа, момчето од бакалницата ми беше кажало дека црквите, како и салата на „Редот на Дагон“, не се препорачливи маала за туѓинци.
Според тоа продолжив за север долж „Мејн“ до „Мартин“, потоа свртувајќи внатре кон копното, преминувајќи ја безбедно „Федерал стрит“ северно од „Грин“ и влегувајќи во гнилото патрициско маало на северните делови на улиците „Брод“, „Вашингтон“, „Лафајет“ и „Адамс“. Иако овие стари отмени булевари беа лошо обложени и неодржани, нивното со брестови засенето достоинство си немаше во целост заминато. Вила по вила ми го одземаше погледот, повеќето од нив трошни и прекриени со штици среде запоставени дворишта, но по една или две на секоја улица покажуваа и знаци на населеност. На „Вашингтон стрит“ имаше ред на четири или пет одлично одржани и со убаво средени тревници и градини. Најпомпезната од нив - со широкотерасни цветни алеи кој се протегаа дури до „Лафајет стрит“ - ми падна на ум дека е домот на стариот Марш, страдниот сопственик на рафинеријата.
Низ сите овие улици не беше видлива ни жива душа и се задумав од целосното отсуство на мачки и кучиња во Инсмот. Друга работа што ме зачуди и вознемири, дури и кај некои од најдобро зачуваните вили, беше цврсто затворената состојба на многу прозорци од третите спратови или тавани. Стаеноста и потајноста се чинеа сѐопшти во овој ќутлив град на вонземство и смрт и не можев да се спасам од осетот дека сум набљудуван од заседа на секоја страна од подли, зјапнати очи кои никогаш не се затвораат.
Затреперив додека расцепениот удар на три часот се огласи од камбанаријата од мојата лева страна. Предобро можев да си споменам за набиената црква од којашто доаѓаа тие ноти. Следејќи ја „Вашингтон стрит“ кон реката, сега бев соочен со нова зона на поранешна индустрија и трговија; забележувајќи ги урнатините на една фабрика пред мене, а гледајќи и други, заедно со трагите на стара железничка станица и покриен железничи мост од другата страна по кланецот од мојата десна страна.
Неизвесниот мост пред мене овојпат беше означен со знак за предупредување, но го прифатив ризикот и повторно преминав на јужниот брег каде што повторно се појавија траги на живот. Стаени, расшантрани створови загадочно зјапаа во мој правец и пообични лица ме меркаа ладно и љубопитно. Инсмот бргу ми стануваше неподнослив и се втурнав по „Пејн стрит“ кон плоштадот со надеж дека ќе начекам некое возило да ме однесе до Аркам пред сѐ уште далечното време на тргање на тој зловестен автобус.
Тогаш се случи да ја видам дотраената пожарна станица од мојата лева страна и го забележам црвеноликиот, гроздобрад, водоок старец во безлични партали кој седеше на клупа пред неа зборувајќи со двајца неодржани, но неабнормалнолики пожарникари. Ова, се разбира, мораше да е Задок Ален, полуизлудениот, деведесетгодишен сарош чии што сказни за стариот Инсмот и неговите сенки беа толку одвратни и неверојатни.
III
Мора да беше бил некој устрел на извитопереност - или некое зајадливо влечење од мрачни, скриени извори - та да ме натера да си го сменам планот така како што го сменив. Од самоти почеток бев решен да ги ограничам моите набљудувања само на архитектура и дури и со тоа брзав кон плоштадот во напор да најдам брз превоз надвор од овој гнојлив град на смрт и гнилеж; но глетката на стариот Задок Ален ми поттикна нови струи во умот и ме натера несигурно да си го успорам чекорот.
Ме убедија дека старецот не знаел за ништо друго освен да загатнува за разуздани, неповрзани и неверојатни легенди и ме предупредија дека локалците прават да е несигурно да се биде виден во муабет со него; а сепак помислата на овој сед сведок на паланскиот гнилеж, со спомени кои се протегаа до раните денови на бродови и фабрики, беше мамец на кој никаква количина на разум не можеше да ме натера да одолеам. Сепак, најчудните и најумоболните митови често се само симболи или алегории основани врз вистина - и старот Задок мора да беше видел сѐ што се случувало околу Инсмот во изминативе деведесет години. Љубопитноста се воспали надвор од секаква мера и претпазливост и во мојата младешка себичност ми се виде како да можам да просеам јадро на вистинска историја од збунетиот, преувеличен излив кој најверојатно ќе го извлечев со помош на сирово виски.
Знаев дека не можев да го зачекам тогаш и таму, зашто пожарникарите сигурно ќе забележеа и дадеа приговор. Наместо тоа, промислив, решив да се подготвам со тоа што ќе се снабдам со домашен алкохол од местото каде што бакалчето ми кажа дека го има во изобилство. Потоа ќе се пошлаам близу пожарната станица со очевидна бесцелност и ќе му се придружам на стариот Задок откако ќе почне со некое од неговите чести бладања. Момчето рече дека е многу беспокоен и ретко кај седи околу станицата по повеќе од саат или два.
Кварт шише со виски беше лесно, иако не евтино, купено во задниот дел на еден запуштен киоск веднаш после плоштадот на „Елиот стрит“. Нечистиот човек кој ме послужуваше имаше трошка од зјапнатиот „инсмотски изглед“, но беше мошне учтив на свој начин; можеби одошто беше навикнат на пазарењето на ведри странци - камионџии, прематари со злато и слично - кои повремено минеа низ паланката.
Повторно доаѓајќи на плоштадот видов дека среќата ме служи; зашто - завлечена од „Пејн стрит“ од зад аголот на „Гилман хаус“ - ја видов токму онаа висока, мршава, парталава форма на стариот Задок Ален. Соодветно со мојот план, му привлеков внимание со размавтување на штотуку купеното шише; и наскоро забележав дека беше почнал елегично да се влечка по мене како што вртев кон „Вејт стрит“ упатувајќи се кон најнапуштениот предел којшто ми падна на памет.
Си го наоѓав патот според картата којашто ми ја спреми бакалчето и се стремев кон потполно напуштеното пространство на јужното крајбрежје кое претходно го бев посетил. Единствените луѓе на повидок таму беа рибарите на далечниот насип; и со одење неколку квартови понајуг можев да им се тргнам од домет, да најдам пар седишта на некој напуштен док и да сум слободен ненабљудуван да го испрашувам стариот Задок на неопределено време. Пред да стигнам до „Мејн стрит“ можев да чујам леко и фучливо „Еј, чоече!“ зад мене и уште веднаш му дозволив на старецот да ме стигне и да се натрга големи голтки од кварт шишето.
Почнав да го распипувам со збор додека одевме долж „Вотер стрит“ и свртевме јужно среде сеприсутниот пустош и лудо навалени рушевини, но увидов дека старечкиот јазик не се олабави онолку брзо колку што очекував. Најнакрај видов една затревена ширинка наспрема морето помеѓу разронети циглени ѕидови, со плевелеста должина на док од кал и камен која се протегаше после неа. Купишта на мовлосани камења близу водата можеа да служат како подносливи седишта и сцената беше засолната од секој можен поглед од едно запустено складиште на север. Тука, помислив, беше идеалното место за долг алашвериш, па го поведов мојот придружник по сокакот и ги избрав нашите места за седење помеѓу мовливите камења. Чувството на смрт и самотија беше гробождерно и миризбата на риби скоро неподнослива; но бев решен да не дозволам ништо да ме одврати.
Остануваа околу четири часа за разговор ако сакав да го фатам рејсот во осум за Аркам и почнав почесто да му го подавам вискито на древното муцкало; додека си го јадев посниот ручек. Бев претпазлив да не прекардашам со прилозите зашто не сакав ракиџиската думежливост на Задок да премине во зашеметеност. По еден час неговата стаена молчаливост почна да покажува знаци на исчезнување, но и понатаму ме разочаруваше со заобиколување на моите прашања за Инсмот и неговото сенкоопседнато минато. Бладаше за помодни теми, откривајќи широка запознаеност со весници и голема склоност да филозофира на високопарен селски начин.
Кон крајот на вториот час се уплашив да не квартот виски не ми е доволен за да пројави происход и се прашував дали ќе е поарно ако го оставам стариот Задок и да се вратам да докупам. Но баш во тој момент, случајноста го создаде приодот којшто моите прашања не можеа да го создадат; и бладањето на фучливиот бабалак зазеде насока којашто ме натера да се навалам нанапред и внимателно да слушам. Грбот ми беше кон морето кое смрдеше на риби, но тој беше свртен натаму и нешто му причини да изгубениот поглед му падне врз ниската, далечна линија на Ѓаволов Гребен, кој тогаш јасно и скоро занесно се гледаше над брановите. Глетката како да не го бендиса, зашто отпочна со редица леки пцовки кои завршија со доверлив шепот и упатено вргалење. Се наведна кон мене, ме фати за јаката од палтото и просаска некои намеци кои беа непогрешливи.
„Одонде почна сѐ - она клето место на саде лошотилук кај шо почнува длабокана вода. Порта до пеколо - стрмен пад прудолу до дно кај шо ниедна сонда не мој’ да довати. Старио капетан Обед ја напрај цела работа - оној шо си ја испика муцката кај шо не му ја бери на островине во Јужно Море.
Сите беа за нигде во то време. Трговија запустена, в мелници чоек немаше да влези - дури и во новите - и најарните мажи отепани на море во војната од 1812 или изгубени на бриго „Елајза“ или на баржата „Рејнџер“ - и двата беа од на Гилман бродојте. Обед Марш повелаше со три брода - бригантината „Колумбија“, бриго „Хети“ и барката „Суматра квин“. Саде тој остана да прај трговија со Источно-индиска пацифичка, макар шо баркентината на Ездрас Мартин „Мелеј прајд“ пробаше да напрај нешто докај двајс’осма.
Немало чоек ко капетан Обед - Сотона-нога! Хе, хе! Ми текнуа кај шо зборуаше за тујџи земји и шо му викаше на сио нарот дека биле будали шо оделе на рисјански збирки и шо си трпеле такви целите мирни и кротки ко бајчина. Велеше порано да си најме пубај богој, ко народине во Индија - богој шо че носеле риболоф тарапана за возврат на жртви и шо вистина му одговара’ на молитва на чоек.
И Мет Елиот, првио офицер шо му беше, ептен зборуваше, ама тој беше протиф народо да прај такви безбожни работи. Кажуаше за некој остроф источно од Тахитите кај шо имало некој си куп камени руше’ини постари од сѐ друго шо се знало, ко оние на Понпеј во Каролински Острови, ама со изрезбарени лица шо личеле ко оние големине статуи шо се на Велигденскио Остров. Имало таму и некое мало вулканско острофче, кај шо биле и некој друзи руше’ини со друзи резби - руше’ини целите излижани ко да биле под море на времето и целите прошарани со слики од страшни бешти’.
Епа, чоече, Мет беше рекол дека доморотците оттаму имале риби колку шо душа му сакало и носеле нараквици и белегзи’ и венци на глата напраени од некое лефтерно злато и покриени со слики од бешти’ исти ко оние изрезбарени врз руше’ните на тој малио остроф шо биле - ко некој рибини жаби или жабини риби шо биле нацртани во секакви положби небаре се лујџе. Никој не моеше да ги наговори да кажа од кај г’има земено стварите и сите други мештани се чудеја како можа да фајча по толку риби ако околу островите одма до ниф ни за лек немало. И Мет си го клал малце прсто на чело, а и капетан Обед. А Обед видел и дека многу од личните млади лујџе ги снемувало за стално од година за година и дека немале многу стари лујџе да се шета’. Исто, се велеше дека дел од народо изгледале ептен лефтерно дури и за канарци.
Обед ама ја откри вистината за тие безбожници. Не знам како му’успе’ ама почна со трампања со тие златестите нешта шо ги носеле. Ги попитал од кај му се и дали можа уште да зема и најпосле му ја издуднал прикаската на старио поглавар - Валакеа го викале. Никој освен Обед не можел да му поверува на старио жолт џаол, ама капетано можеше да чита лујџе небаре буквари. Хе, хе! Сега никој не ми верува ко че му кажам и галиба ни ти нема да ми поверуваш момче - ама вака ко че те видам, ко да ми ги имаш истите остри читливи очи ко на Обед шо му беја.“
Шепотот на старецот се стиши и се фатив како треперам од ужасната и искрена предзначност на неговиот нагласок, иако знаев дека неговата сказна не може да е нешто повеќе од пијана фантазија.
„Епа, чоече, Обед научи дека има нешта на земјава за којшо чоек нема слушнато - а и не би поверувал ако би слушнал. Се чинеше дека тие канарците му жртвувале купишта нивни млади момчина и моми на некој си створој-богој шо живееле под море и за возврат добивале сѐ и сешто. Се сретнувале со створојте на некое осторофче со некој лефтерни рушевини и се чинеше дека тие страшните слики од жабо-рибините бешти’ биле демек слики од тие створој. Мож да биле дијани’ од којшто има’ излезено сите овие прикаскиве шо се за сирени и такви работи. Имале секакви ми ти градој долу на морцкото корито и тој острово бил кренат оттаму. Че да имало некој од створојте живи заробени во камените кујчи ко излегол камено наеднаш на површина. Така канарците ги дознале дека живе’ долу. Се разбрале некако со нив - напрајле муабет со раце со нозе - от’ко им поминал уплаво и за недолго склопиле и пазарлак.
Тие створој сакале чоечки жртви. Ги добивале векој прет то, ама изгубиле мукает за површинскио свет по некое време. Шо му праеле на жртвите не знам да ти кажам, а чинам и Обед не го заскокоткало да ги праша. Но безбожниците не му береле гајле за то, оти лошо време ги навасало и очајни биле за шо и да е. Им давале по неколку од младината на морските створој двапати годишно - вечерта спрема Еремиовден и на Вечерта на сите светци - секош навреме небаре навијани. А им давале и од изрезбарените џиџи-миџи шо ги праеле. А створојте за возврат се кандисале да му дава’ едночудо риби - ги дотерувале од цело море - и по некој од тие златестите стварој одвреме-навреме.
И, ко што ти кажав, доморотците се срејчавале со створојте на то малото вулканско острофче - одејчи таму со кануа со жртвите и таквите ми ти работи и се врајчале со златестите џеваири шо им следуале. Отпрво створојте никош не оделе на главнио остроф, ама по некое време им се присакало да појда. Се чини дека ги чешало да се замеша со народо и да пра заеднички прирој на големите празници - вечерта спрема Еремиовден и на Вечерта на сите светци. Оти знајш, можеле да живе и во и надвор од вода - биле ко оние, водоземци што ги вика’. Канарците им велеле дека лујџе од другите острови може че сака’ да г’истреба ако ги разбера дека се таму, ама тие рекле дека не му го бера гајлето, оти можеле цел чоечки сој да г’истреба ако им се присакало - то ест, сите шо немале знаци ко оние шо ги користеле на времето изгубените Стари Великани, кој и да се тие. Ама не сакале да си отвара’ работа, па си седеле мадро некој ко че го посетел острово.
Ко фатиле муабети за венчавања со тие жабо-лики рибишта, канарците прво биле против, ама после научиле нешто шо целата работа ја свртело. Се чинело дека лујџето се пајџале некако рода со таквите водни ѕверој - оти сѐ живо беше излегло од водата на времето и му требало само мала промена за да мож пак таму да се врати. Тие створојте им кажале на канарците дека ако си ја смеша’ крфта со ниф, че му се рода деца шо прво че лича на лујџе, ама после че се претвора сѐ појче и појче ко тие створојте, а најнакрај че киниса’ под вода и че му се придружа на сио народ шо живеел таму. И ова е најважнио дел момче - тие шо че се престореле во рибни створој и че појделе во вода никош немало д’умра. Тие створој никош н’умирале освен ако не биле сосила отепани.
Па, чоече, се чини дека во времето Обед ко ги запознал островјаните, тие вејче биле полни со рибина крф од тие створојте од длабоките води. Ко че остареле и че почнело да им се познава, седеле скриени дур не им се присакало да киниса’ под вода и да си о’. Едни биле поприврзани од други, а некои пак никош не се промениле доволно за да киниса под вода; ама појчето испаднале баш ко шо рекле створојте. Тие шо на рајџајне биле појче ко створојте се промениле порано, ама тие шо биле поче накај чоек понекогаш останувале на острово дури до седумдесе години, макар шо оделе да нурка’, колку за да покуша да вида како че му биди, уште прет то’. Од народот што кинисал под вода обично многупати се врајчале и му иделе на гости, па чоек често можел да си напрај муабет со пет-пати-чукун дедо му, шо го напуштил копното некој стотина години претходно.
Сите биле на ум никош да не умра - освен во војни со кануа со друзите островјани, или ко жртви на морските богој во длабочините, или од змиски касај или чума или од болештини шо сместа те покосува или од друзи работи шо можи че ги однеселе со нив под вода - и со душа ја чекале промената шо по некое време и ич не им се видела ко ужасна. Мислеле дека то шо го добива’ вреди сѐ шо морале д’оста - и чинам и Обед почнал и самио истото да си го мисли от ко си ја развртил малце во умо прикаската шо му ја кажал старио Валакеа. А Валакеа бил еден од малкуте шо немале ич од рибината крф - одошто бил од кралска лоза шо се венчавале со друзи кралски лози од друзите острови.
Валакеа му покажал на Обед многу обреди и вражби шо имале врска со тие морски створој и му дал да ги види некој од народо од селото шо се имале многу сменето од чоечки облик. Ама пак никош не му давал да види некој од правите створој шо излегувале од водата. На крајот му дал некое чудно вражуле напраено од олово или од нешо и му рекол дека то че ги донесело рибините створој од секое место од водата кај шо имале гнездо. Мислата било да се пушти то во вода со правилни молитви и такви работи. Валакеа рекол оти створојте биле раштркани низ цел сфет, па секој шо че побарал можел да најди гнездо и да ги подигни ако му се сака.
На Мет ваквата работа ич не го бендисувала и сакал Обед да бега понастрана од острово; но капетано бил лаком за пари и видел дека можи за толку ич-пари да ги зема тие златести стварој шо му се исплајчало да ги продава саде нив. И работите така врвеја со години и Обед накалапи доволно од тие златестите работи за да можи да ја отвори рафинеријата во старата забаталена мелница на Вејт. Не се осмелувал да ги продај парчината такви ко шо биле, оти лујџе севезден че се распрашувале за нив. Ама сепак од екипажо по некој че земел по едно парче и че го продаел одвреме-навреме, иако се имале заколнато дека че молча; и му давал на некој од жените да носа некој од парчината шо беа почоечки од другите.
А ко фати некаде триес’осма пак - ко имав седум години - Обед ги нашол сите лујџе од острово истребени помејџу патувањата негој. Се чинело дека друзите островјани наслушнале шо се случувало и во свои раце ја презеле работата. Сетики ги имале некој од тие старите магични знаци шо рибините створој рекле дека се единствената работа од која шо се плашеле. Кој да ти знај шо работи че да има изнајдено то канарците морцкото дно ко че изблујало некој остроф со рушевини уште од пред дедо Ное. Побожни кучина биле - камен на камен не остајле ни на главнио остроф ни на помалото вулканско острофче освен делојте од рушевините што биле преголеми за да се турна. На некој места имало мали камчина расеано - ко медајли - со нешто на ниф ко она сфастикана денеска шо ја вика’. Сетики то биле знаците на Старите Великани. Народо сио бил збришан, без трага од никави златести стварој и некој од канарците во близина ни збор не зуцнувале за та работа. Не сакале да призна ни дека лујџе некош имало на острово.
Та работа се разбира многу го погоди Обед, одошто многу лошо му одеше другата трговија. Го погоди и цел Инсмот, оти во времето на бротска трговија колку ќе ќареше стопано на бродо обично толку ќареше и цела посада. Појчето лујџе од по градо ги примија тешките времина небаре офци и кренаја раце, ама не му се пишуваше арно оти риболовот замираше, а на мелниците не им одеше убо работата.
Во то време Обед почна да го колни народо шо биле ко некој офци и шо се молеле на рисјански бог шо ич не му помагал. Му кажуваше дека знаел народ шо му се молеле на богој шо давале ствари шо навистина му треба’ на чоек и рекол дека ако доволно лујџе застанеле на негова страна, можи че можел да се дограби до некој сили, та да донеси многу риби, а и куп злато. Се разбира тие шо имале служено на „Суматра квин“ и го имале видено острово знаеле за шо зборува и не му било многу-многу по ќеф да се приближува’ до морцките створој за којшо имале слушано прикаски, ама тие шо не знаеле шо е работата се закачиле за она шо го велел Обед и почнале да го прашува’ шо можел да му кажи за да ги прати на праф пат до таја вера за да ѝ вида чаре.“
Тука старецот подзапре, промумла и потона во невесела и бојазлива тишина; нервозно наѕирајќи преку рамо и потоа вртејќи се зјапна занесено во далечниот црн гребен. Кога му прозборев не ми одговори, па знаев дека ќе мора да му дозволам да го докусури шишето. Лудата наврзалка што ја слушав длабоко ме заинтересира, зашто ми се чинеше дека во неа имаше содржана некоја груба алегорија основана врз чудноста на Инсмот и проширена од мечта која воедно беше креативна и полна со делчиња егзотични легенди. Ниту за миг не поверував дека сказната има некаква солидна основа, но сепак изјавата содржеше намек на стварен ужас, макар што само затоа што вклучуваше упати до чудни џеваири јасно сродни со злоќудната тијара која ја бев видел во Њуберипорт. Можеби китилата сепак беа дошле од некој чуден остров и можеби разузданите приказни беа лаги од некогашниот Обед лично наместо од овој прастар сурлаџија.
Му го подадов шишето на Задок и тој го испи до последна капка. Своевидно беше колку многу виски можеше да искрепи, зашто ниту трага на заматеност не му се појави во високиот, фучлив глас. Ја лижна устината на шишето и го пикна в џеб, почнувајќи потоа да ѕенѕа и тивко да си шепоти сам себеси. Се наведнав блиску за да ги наслушнам разбирливите зборови што би можел да ги изусти и ми се пристори како да видов зајадлива насмевка зад исфлеканите, грмушести мустаќи. Да - навистина формираше зборови и во добар сразмер можев да ги разберам.
„Сирот Мет - Мет отсекош беше протиф - се обиде да ги сврти лујџето на негова страна и праеше долги муабети со попојте - ама џабе - го избркаја конгрешанскио парох од градо и тој од методистите си отиде - а Ресолвд Бабкок, баптистичкио парох никој појче не го виде - Госпо да ги казни - толицкав бев тогаш, ама чув шо чув и видов шо видов - Дагон и Ашторет - Белиал и Зерзевул - Златно теле и идолите на Хананците и Филистинците - вавилонски грозоти’ - Мини, Мини, текел, упхарсин-.“
Пак запре и од изгледот на водлестите сини очи ме фати страв да не сепак е близу до зашеметување. Но кога нежно го затресов за рамо ми се накостреши со зачудувачка будност и излаја уште неколку незнајни фрази.
„Не ми веруаш а? Хе, хе, хе - е ај тогај кажи ми, момче, оти капетан Обед и двајсе и кусур од другите лујџе веслаја до Џаолоф Гребен срет црна темница и баеја бајачки толку гласно шо чоек мо’еше да ги слушни низ цел грат ветро ако ги подземеше ко шо треба? Ај кажи ми де? И кажи ми оти Обед секош пушташе тешки работи прудолу во длабоката вода на другата страна на гребено кај што дното пропајџа ко провалија подлабоко одошто мојш да пушчиш сонда? Кажи ми што напрај со то оловното вражуле со чудна форма шо му го даде Валакеа? А, момче? И шо виеја сите на вечерта спрема Еремиовден и пак на следната Вечер на сите светци? И зошто тие нови пароси од црквата - шо на времето биле морнари - ги носа тие лефтерни роби и се гизда целите со тие златести стварој Обед шо ги донесе? А?“
Водлестите сини очи сега беа скоро дивјачки и манијачки и нечистата бела брада наелектризирано се кострешеше. Стариот Задок сигурно ме забележа како се повлекувам од него, зашто почна злобно да се кикоти.
„Хе, хе, хе, хе! Ти текна а? Како че ти беше да беше на мое место во то време, ко че гледаф работи во морето навечер качен на куполата на кујча кај мене? Ах, море, мало, мало ама ушите олкај ми беа и ништо не ми бегаше од то шо се зборуваше по лујџе за Обед и за народо околу гребено. Хе, хе, хе! Ами за вечерта ко ја зедов дулбијата на татко ми горе на купола и го видов гребено кај врија од облици шо одма однуркаја чим излезе месечината? Обед и народо беа во лотка, ама тие облици однуркаја кон далечината во длабоката вода и никош не се појавија… Како че ти беше ти да беше сам пилиштарец и да гле’ш од купола облици шо не се чоечки облици?... А?… Хе, хе, хе, хе…“
Старецот стануваше хистеричен, а јас почнав да треперам од безимен неспокој. Ме фати за рамо со вргавата канџа и ми се причини како нејзиното тресење да не потекнуваше во целост од веселие.
„А да си видел некоја вечер нешто тешко како се фрла од лотката на Обед од отаде гребено и после другио ден да научиш дека некое момче го снемало од дома? А? Му виде ли некој око на Хирам Гилман оттогаш? Му виде? И на Ник Пирс и Луели Вејт и Адонирам Саутвик и Хенри Гарисон? А? Хе, хе, хе, хе… Облици што зборуваја со мафтање раце… барем тие шо имаја вистински раце…
Па, чоече, во тоа време Обед почна пак да застанува на нозе. Народо му ги имаше видено трите черки кај носа златести стварој ко шо никој дотогаш немаше видено и чат почна да излегуа од баџата на рафинеријата. И останатиот народ виде аир - риби почнаја да нагрвалува’ во пристаништето - доттука бидува - и Госпо знај колкави товари почнафме да извозуваме за Њуберипорт, Аркам и Бостон. Во то време Обед даде да се пушчи подружната линија од железницата. Некој рибари од Кингспорт слушнаја за лово и дојдоја со чуној, ама сите ги снема. Никој појче не ги виде. И тогај и нашите го почнаја „Езотеричнио рет на Дагон“ и ја купија масонската сала од „Калвари Командер“ за таму да го кла… хе, хе, хе! Мет Елиот беше масон и против продавање, ама го снема тие деној.
Не дека ја велам дека Обед беше со ниет да ги напрај работите да се ко шо биле на тој канарски остроф, на почетоко мислам дека не сакаше да има мешање ниту гледање челад за да ги однеса во вода и да се престора во риби со вечен живот. Ги сакаше тие златните стварој и тешка пара плајчаше и сетики и другите беа задоволни отпрво…
Ко дојде четрс’шеста во градов почнаја посалам да му ја мисла за шо е, како е. Премногу народ снемуваше - премногу бесни проповеди на збиројте во недела - премногу муабети за тој гребен. Белким и ја потпоможиф малку шо му кажаф на советнико Мори шо имаф видено од купола. Една вечер имаше дружина шо ја следеше бандата на Обед дур не појдоја до гребено и чуф пукотници мејџу лотките. Другио ден Обед и триес’тројца други беја в апсаана и сите се прашуваја шо се имаше случено и шо давија да му тура за да можа да ги осуда. Господе, да можеше некој да знај после шо че нѐ снајди… по некоја недела откако ништо не беше фрлено во морето толку долго време…“
Задок покажуваше знаци на уплав и исцрпеност и го оставив малку да мирува, додека фрлав поглед кон часовникот на раката стравувајќи за времето. Плимата се беше свртела и сега надоаѓаше и звукот на брановите се чинеше дека го дразни. Мило ми беше за таа плима зашто со надојдената вода рибината миризба можеби немаше да е толку лоша. Пак се напрегнав да му ги чујам шепотите.
„Таа страшна вечер… ги видов… бев на купола… цели орди… цели ројој… по целио гребен и кај шо плива’ до пристаништето во Менуксет… Господи шо бидна по сокаците на Инсмот таја вечер… ни ја тресеја вратата ама тате нејчеше да му отвори… и после се испентери од пенџерето од кујната со мускетата до’ј да го нај’ советнико Мори и да види шо мож тој да напрај… Брда од умрени и пред умирање… пукотници и врескање… викање по старио плоштат и гратскио плоштат и „Њу чрч грин“… вратата од апсааната откорната… прогласи… предавство… рекоја дека чума било ко дојдоја и видоја дека пола лујџе ни ги нема… никој не остана саде тие шо му се придружифме на Обед и на тие створојите или шо си ги затнафме муцките… тате никош појче не го видов…“
Старецот збивташе и вода се цедеше од него. Загработ на моето рамо му се стегна.
„Сѐ исчистија до сабајле - ама останаја траги… Обед застана демек на чело и рече дека отсега поинаку че сме праеле… и други чоделе ф црква со нас и во некој кујчи че се примале гости… тие сакале да се смеша ко шо се мешале со канарците и него не му било мунасип да ги запри. Отиден беше Обед… ко некој ненормален по та работа. Рече дека ни носа риби и азно и дека треба да му се дај то за коешо имале ќеф…
Однадвор ништо немало да е различно, само што требало да се држиме понастрана од тујџинци ако не сакаме да си ја најдиме бељата. Сите требаше да ја земиме Заклетвата на Дагон и после имаше и втора и трета заклетва шо некој од нас ги зедоја. Тие шо помагале најмногу, најмногу награди че добивале - злато и такви ми ти работи - Џабе било да се пазариме оти таму долу милиони г’имало. Не сакале да се крена и да г’избриша сите лујџе на векоф, ама ако сме ги натерале и ако се закренеле че можеле и та работа да ја напра. Сме ги немале тие старите амајлији за да ги оградиме ко народо од Јужно Море шо имале, а тие канарците никош не че си ги издаеле тајните.
Чим му даваме доволно жртви и дивјачки џиџи-миџи и прибежиште во градо ко че му затреба, че н’остаеле на раат. Тујџинци не задевале чунким да не шира прикаски по сфето - то ест тие шо не си го пикале носо кај шо не му го бери. Сите во компанијата на верните - Редо на Дагон - и децата никош не че умреле, туку че се врателе кај Мајка Хидра и Татко Дагон од кај што сите сме дошле во дамнина - Иа! Иа! Ктхулху фхтагн! Ф’нглуи мглв’нафх Ктхулху Р’лјех вгах’нагл фхтагн-“
Стариот Задок нагло потона во бесно бладање и здивот ми се зеде. Стар сиротник - до какви ли жалосни длабини на халуцинација му го беше донесло пијанството, плус неговата омраза спрема гнилежот, вонземноста и болестите околу него, тој негов мозок со плодна фантазија! Сега почна да стенка и солзи му се слејаа по избраздените образи до длабочините на брадата.
„Господи шо се имам изнагледано уште од на петнајсе години - Мини, Мини, текел, упхарсин! - народо шо го снема и тие шо се отепаја самите - тие шо раскажуваја работи низ Аркам или Ипсвич и низ такви места сите ги сметаја за удрени, како ти мене сега шо ме сметаш - ама Господи шо се имам изнагледано - Одамна че м’отепаја заради то шо го знам, само шо ја ги зедов првата и втората од заклетвите на Дагон пред Обед, па бев под заштита освен ако порота од нив не можа да докажа дека сум раскажувал работи свесно и намерно… ама нејчев да ја земам третата заклетва - попрво ч’умреф одошто да ја земам таја -
Работата се влоши во времето на Грајџанската војна, кога децата годени во четириес’шеста почнаја да раста - барем некој од нив. Мене ми беше страф - после та ужасна вечер престанав да си го пикам носо кај шо не ми го бери и никош не видов други од - ниф - скоро цел живот. То ест не од полнокрвните. Беф на војна и да имаф кувет или ум никош не че се вратеф, туку че си заживееф некаде далеку оттука. Ама лујџе ми пишуваја дека не било толку лошо. Тоа че да беше оти имаше лујџе од касарната дојдени во градо после шеес’трета. После војната пак беше лошо ко прет то. Лујџето почнаја да пропајџа - мелници и дујчани се изпозатворија - бротската трговија секна и пристаништето се запуши - возојте ги тргнаја - ама тие … тие никош не престанаја да допливува и отпливува по реката од оној клет гребен на Сотоната - и сѐ појче и појче тавански пенџерина се покрија со штици и сѐ појче и појче звуци се слушаја од кујчи кај шо никој не требаше да има…
Народо отстрана си кажува’ прикаски за нас - сетики си чул еден куп, од шо те гледам шо прашања ме прашуваш - прикаски за нешта шо ги виделе ваму-таму и за тој лефтерен накит шо уште иди од некаде и не е скроз стопен - ама ништо никогаш не се разбира за сигурно. Никој ништо нејчи да верува. Вика’ дека тие златестите стварој биле гусарско азно и си мисла дека народо од Инсмот има тујџа крф во нив или дека му е чумосана или нешто. А тие шо живе овде ги брка’ колку шо можа појче тујџинците и ги тера другите да не се многу љубознали, особено ко че се стемни. Sверој бега’ од дијаните - којните се бетер од мазгите - ама ко ги донесоја колине се тераше некако.
Во четрс’шеста капетан Обед зеде втора жена шо никој од градо никош ја немаше видено - некој велеја дека нејчел, ама го натерале тие шо ги сфикал - имал три деца со нејзе - две уше ко мали исчезнаја, ама едното чупе личеше ко секој друг чоек и се школуваше во Европа. Обед најпосле ја ожени со некоја ујдурма за некој чоек од Аркам шо не се посомневал во ништо. Ама сега никој од надвор нејчи да си’ма работа со лујџе од Инсмот. Барнабас Марш шо ја води рафинеријата сега му е внук на Обед од првата жена - син на Онесифорос, најстарио син, ама мајка му беше една од оние шо никош не ги гледаја излезени.
Сега галиба и Барнабас е сменет. Не мож појче да ги затвори очите и сио е искривоколчен. Вела дека уште носел алишта ама че киниса под вода кај да е. Можи и вејче се има пробано - понекош ода’ да се брцна по малце прет за стално да си ојда. Десет години кај го нема’ видено мејџу лујџе. Не знам како ѝ е на жена му, сирота, - таја од Ипсвич е и тие оттаму за малку че го линчуваја Барнабас ко почна да ѝ се удвара пред педесетина години. Обед умре во седумдес’осма и цело второ поколение вејче ги нема - децата од првата жена мртви, а другите… Госпо знај…“
Звукот на надојдената плима сега беше многу настојчив и малку по малку како да го менуваше расположението на старецот од лигава насолзеност до ококорен страв. Ќе запреше одвреме-навреме за да ги обнови тие нервозни погледи преку рамо или кон гребенот и и покрај разузданата апсурдност на неговата сказна, не можев, а да не почнам да му се придружувам во магливите постравувања. Задок сега стана попискав и се чинеше како да се обидува да си ја спотне храброста со погласен говор.
„Абре, шо не зуцнеш нешто? Како че ти беше ти да живејш во ваков грат, кај што сѐ скапува и умира и затворени бешти’ лаза и бле’ и ла’ и рипа’ околу црни визби и тавани кај и да се сврти чоек? А? Како че ти беше да го слушаш виејнето нојч за нојч од црквине и салата на „Редо на Дагон“, и да знајш од шо иди дел од виејнето? Како че ти беше да слушниш шо излегува од тој страшен гребен секоја вечер наспроти Еремиовден и Вечерта на сите светци? А? Мислиш стариоф е нетокму, а? Епа, чоече, да ти кажам дека то не е ни најлошото!“
Задок сега вистински врескаше и поулавеното беснило на неговиот глас ме вознемири повеќе одошто би сакал да прифатам.
„Натемате натема, не туку седи така зјапнат во мене со то очите - ти велам дека Обед Марш е в пекол и мора таму и д’остани! Хе, хе… в пекол велам! Мене не мож да ме вати - ништо немам сторено на никој ништо немам кажано -
Ах, на тебе ли момче? Епа ако досега не сум кажал на никого ништо еве сега че раскажам! Само седи тука мадро и слушај ме дете - ова е то шо на никој му го немам кажано… реков дека појче не си го пикав носо кај шо не ми го бери после таја вечер - ама пак дознаваф работи!
Сакаш да знајш шо е вистински за стравој? Епа, ова е - не е шо вејче има напраено рибине џаоли, туку шо допрва че напра! Сфикува’ створој од кај што живе’ за тука в грат - со години кај го пра то, а во последно време уште се позасилени од досе’а. Тие кујчите северно од реката измејџу Вотер и Мејн Стрит полни се со ниф - со тие џаоли и со она шо го има’ донесено со ниф - и ко че се спремни… велам ко че се спремни… си чул ли за шогот?...
Еј, ме слушаш? Ти велам дека знам шо створој се тие - сум ги вишол една вечер ко… АЈ-ЈАААА-АЕ! АЕЕЕЕИИ!…“
Одвратната ненадејност и нечовечката застрашеност на крикот на старецот за малку ќе ме онесвестеше. Очите, гледајќи зад мене кон баздливото море, му беа небаре излезени од черепот; а лицето му беше маска на страв достојна за грчка трагедија. Ковчестата канџа чудовишно му се зари во моето рамо и не се помрдна како што ја вртев главата да погледам кон она што го беше наѕрел.
Немаше што да видам. Само надојдената плима, со можеби еден пар жуборкања што беа подоближени од далечната линија на насипи. Но сега Задок ме тресеше и се свртев за да го видам топењето на тоа страво-смрзнато лице во хаос на распретани очни капаци и размумлани непца. Одеднаш му се врати гласот - макар што како треперлив шепот.
„Бегај оттука! Бегај оттука! Нѐ видоја - бегај спасувај жива глава! Ништо не чекај - сега зна’- Трчај - брзо - бегај од градоф-“
Уште еден тежок бран се сруши врз олабавениот камен на некогашниот док и го смени шепотот на лудиот бабалак во уште еден нечовечки и крвосмраморувачки вресок.
„А-ЈЈААААА!... АААЕЕЕИИИ!...“
Пред да можам да си го повратам раштрканиот разум го разлабави стисокот на моето рамо и бесно се втурна навнатре кон копното и улицата, лулајќи се кон север околу запустениот ѕид на складиштето.
Пак фрлив поглед кон морето, но ништо немаше. И кога стигнав до „Вотер стрит“ и погледав долж неа кон север веќе немаше останато трага од Задок Ален.
IV
Едвај можам да го опишам расположението во коешто ме остави оваа пореметувачка епизода - епизода воедно луда и жалосна, гротескна и застрашувачка. Бакалчето ме подготви за такво нешто, но стварноста и покрај тоа ме остави счудовиден и вознемирен. Колку и да беше недоквакана приказната, умоболната искреност и ужас на стариот Задок ми пренесоа немир кој сѐ повеќе ме надвиснуваше и кој му се придружи на моето претходно чувство на ненавидност кон паланката и нејзиниот помор на недофатлива сенка.
Покасно ќе можев да ја просеам сказната и да извлечам некое јадро на историска алегорија, ама сега посакував да ја тргнам од мислите. Часот опасно ближеше - часовникот ми велеше 7:15, а автобусот за Аркам тргаше од градскиот плоштад во осум - па пробав на мислите да им дадам колку што е можно понеутрален и попрактичен терк, забрзано чекорејќи во меѓувреме низ напуштените улици со зјајнати покриви и изнавалени куќи кон хотелот каде што го пријавив куферот и ќе го најдев автобусот.
Иако златната светлина на касното попладне им даваше на древните покриви и трошни оџаци својство на мистична личотија и мир, не можев, а да не се подиспулувам зад мене одвреме-навреме. И тоа како ќе ми беше мило да се тргнам од баздливиот и страво-засенет Инсмот и посакував да има некое друго возило освен автобусот возен од тој зловестнолик човек Сарџент. Но сепак не брзав престрмоглаво одошто имаше архитектонски подробности вредни да се видат на секој тивок агол; и можев лесно, преслагав, да го преминам потребното растојание за половина час.
Проучувајќи ја картата на бакалчето и барајќи патека која ја немав претходно изодено, ја избрав „Марш стрит“ наместо „Стејт“ за мојот приод до градскиот плоштад. Близу аголот на „Фол стрит“ започнав да забележувам раштркани групи на стаени шепкачи и кога најпосле стигнав до плоштадот видов дека скоро сите безделници беа насобрани околу вратата на „Гилман хаус“. Се чинеше како многу вбрекнати, водлести, нетрепливи очи сперливо да ме гледаат како што си го подигнував куферот во фоајето и се надевав дека никој од овие непријатни суштества нема да ми е сопатник во рејсот.
Автобусот, доста подранувајќи, доѕвечка со три патници некаде пред осум и еден злолик човек на тротоарот му промрморе неколку нераспознатливи зборови на возачот. Сарџент исфрли една поштенска торба и ролна весници и влезе во хотелот; додека патниците - истите луѓе што ги видов кај пристигаат во Њуберипорт утрото - дошантраа до тротоарот и разменија леки грлени звуци со еден безделник на јазик кој можев да се заколнам дека не беше англиски. Се качив во празниот рејс и седнав на истото седиште кај што седев претходно, но едвај се бев сместил кога Сарџент пак се појави и почна да мумла во зарипнат глас со сперлива одбивност.
Се чинеше дека ич сум немал к’смет. Нешто му фалело на моторот и покрај одличното време постигнато од Њуберипорт и автобусот не можел да го заврши патувањето до Аркам. Не, немало шанси да се поправи вечерта ниту имало некој друг начин да се најде превоз надвор од Инсмот, било до Аркам било до друго место. На Сарџент му било жал, но ќе морало да преноќам во „Гилман“. Белки службеникот ќе ми ја олеснел цената, ама друго чаре немало. Скоро замајан од оваа ненадејна пречка и силно стравувајќи од свечерувањето во овааа гнила и полунеосветлена паланка, го напуштив автобусот и пак влегов во фоајето на хотелот, каде што мркиот, настранолик ноќен службеник ми кажа дека можел да ми ја даде соба 428 на претпоследниот кат - голема, но без водовод - за еден долар.
И покрај она што го имав чуено за овој хотел во Њуберипорт, се потпишав во тефтерот за гости, си платив долар, го оставив службеникот да ми го земе куферот и тргнав по скиселениот, самотен прислужник по три крцкави скалишта минејќи правливи ходници кои се чинеа како да се потполно лишени од живот. Собата, стуштена позадинска одаја со два прозори и скудна, евтина покуќнина, гледаше над запуштено двориште кое инаку беше опточено со ниски, напуштени циглени квартови и повелаше со поглед кон трошни покриви што се протегаа кон запад со блатни полски предели зад нив. На крајот на ходникот имаше купатило - една обесхрабрувачка старудија со древно мермерно лавабо, лимена када, слабо електрично светло и немливи дрвени паноа околу сите водоводни елементи.
Одошто сѐ уште беше ден се спуштив до плоштадот и побарав место кај да си купам некаква вечера; забележувајќи ги притоа чудните погледи шго ги добивав од непријатните безделници. Бидејќи бакалницата беше затворена, бев присилен да сум муштерија на ресторанот од кој пред тоа се бев одрекол; со еден подгрбавен, тесноглав човек со зјапнати, нетрепни очи и една сплесканоносна чупа со неверојатно дебели, несмасни раце како послуга. Ресторанот беше самопослужен и ми олесна кога видов дека очевидно најмногу се служеше од конзерви и пакувања. Еден тањир супа од зеленчук со крекери ми беше доволно и наскоро се упатив кон мојата невесела соба во „Гилман“, земајќи еден вечерен весник и едно од муви испогането списание од злосуратниот службеник од климавиот штанд крај неговото биро.
Како што згуснуваше самракот ја пуштив снемоштената електрична сијалица над евтиниот, железнооквирен кревет и се обидов колку што можам повеќе да продолжам со читањето коешто го бев почнал. Чувствував дека поумно би било да си го држам умот зафатен со пријатни работи зашто не беше на арно да се мрштам над абнормалностите на оваа древна понорозасенета паланка додека сѐ уште бев во нејзините граници. Лудата наврзалка што ја чув од прастариот пијаница не ветуваше многу лесни соништа и чувствував дека морам да ја држам сликата на неговите разуздани, водлести очи колку што е можно подалеку од мечтите.
Исто, не смеам да бдеам над она што фабричкиот инспектор му го беше кажал на билетниот посредник во Њуберипорт за „Гилман хаус“ и за гласовите на нејзините вечерни станари - ни над тоа, а ни над лицето под тијарата во црната црквена врата; лицето чиј ужас мојот свесен ум не можеше да го оправда. Можеби ќе беше полесно да ги откинам мислите од вознемирувачки теми да не беше собата толку грозоморно немлива. Ама вака, смртоносната немливост одвратно се смешуваше со општиот мирис на риба во паланката и настојчиво ги сосредоточуваше замислите на човек кон смрт и гнилеж.
Друга работа што ме вознемири беше отсуството на резе на вратата на мојата соба. Имало претходно, според трагите кои јасно укажуваа на тоа, но имаше знаци на недамнешно отстранување. Несомнено се беше расипало како и толку други работи во ова трошно здание. Во нервозата, се распулив наоколу и открив едно резе на мусандрата кое се чинеше дека е со иста големина, судејќи по трагите, како она кое претходно било на вратата. За да добијам барем делумно олеснување од општата напнатост се зафатив со префрлање на овој оков на празното место со помош на еден нарачен три-во-едно алат кој вклучуваше и одвртувач кој го чував на алката на клучот. Резето совршено одговараше и донекаде ми олесна кога се уверив дека можам цврсто да го затворам пред да си легнам. Не дека бев до толку растревожен за да ми треба, но секој симбол на сигурност беше добредојден во ваква околина. Имаше пригодни резиња на двете странични врати до соседните соби кои исто зедов и ги прицврстив.
Не се соблеков, туку одлучив да читам додека не ми се приспие и потоа да легнам со само палтото, јаката и чевлите собуени. Земајќи еден џебна батерија од куферот ја ставив во панталоните за да можам да го прочитам часовникот ако се разбудам во мракот. Меѓутоа, не ме фаќаше дремка; и кога почнав да си ги испитувам мислите тревожно увидов дека всушност несвесно наслушувам нешто - наслушувам нешто од коешто стравував, но не можев да го именувам. Приказната на тој инспектор мора да ми се беше вовлекла во мечтите подлабоко одошто си мислев. Пак се обидов да читам, но увидов дека не можам да напредувам.
По некое време како да ги чув скалите и ходникот да крцкаат периодично небаре од стапалки и се запрашав дали другите соби почнуваат да се полнат. Меѓутоа, немаше гласови и ме падна в очи тоа што имаше некоја префригана стаеност во крцкањето. Не ми се допадна и расправав во себе дали воопшто да се обидувам да заспијам. Паланкава имаше мошне настран народ и несомнено беше имало неколку исчезнувања. Беше ли овој ан еден од оние кај што патници се отепувани за да им ги земат парите? Сигурно немав изглед на прекумерна имаштија. Или може ли граѓаните да беа толку огорчени кон љубопитни посетители? Дали моето очигледно посетување знаменитости, при што често се советував со картата, беше разбудило неповолно внимание? Ми текна дека мора да сум во многу нервозна состојба за да си дозволам да неколку крцкање потамина ме нурнат во вакви умувања - но и покрај тоа жалев што не бев вооружен.
Најнакрај, чувствувајќи премаленост која во себе воошто не содржеше дремка, ја замандалив пресно опремената врата од салонот, го изгасив светлото и се фрлив врз тврдиот, нерамен кревет - сосе палто, јака и чевли. Во мракот секој лек звук во ноќта се чинеше зајачан и ме прели поплава на уште понепријатни мисли. Зажалив што го бев изгасил светлото, но бев преуморен да станам и пак да го пуштам. Потоа, по долг, потиштен интервал и предвестен од пресно крцкање на скали и ходник, дојде тивкиот, проклето непогрешлив звук кој се чинеше како злоќудно исполнување на сите мои тревожења. Без ниту ронка сомнеж, во клучалката на мојата врата кон салонот, некој - внимателно, стаено, неодлучно - ставаше клуч.
Моите усети при препознавањето на овој знак на вистинска беља беа можеби помалку одошто повеќе бурни поради моите претходни магливи стравови. Бев бил, макар што без утврдена причина, на готово по нагон - и тоа ми беше во полза во новата и вистинска криза, што и да испаднеше истата. Но сепак промената на заканата од магливо претчувство во непосредна стварност беше длабок потрес и падна врз мене со сила на прав удар. Ниту еднаш не ми текна дека паркањето можеби е само грешка. Можев да мислам само на злоќудни намери и останав душогубно тивок, очекувајќи го следниот потег на наводниот натрапник.
По некое време претпазливото ѕвечкање прекина и чув како се влегува во собата на север со калауз. Потоа некој почна леко да става клуч во клучалката од заедничката врата со мојата соба. Резето издржа се разбира и го чув подот кај крцка како што напасникот ја напушташе собата. По еден миг дојде друго леко ѕвечкање и знаев дека се влегуваше во собата јужно од мене. Пак стаено паркање на замандалена заедничка врата и пак повлечено крцкање. Овојпат крцкањето замина долж салонот и по скалите, па знаев дека напасникот ја беше сфатил замандалената состојба на моите врати и се откажуваше од обидот за подолго или покусо време, како што ќе покажеше иднината.
Подготвеноста со којашто отпочнав план на акција докажува дека мора потсвесно да сум беше стравувал од некоја закана и разгледувал можни патеки за бегство со часови. Од прво почувствував дека невидениот паркач намераваше опасност која човек не треба да ја пречека и разреши, туку само да избега од неа колку што е можно пострмоглаво. Она што се бараше е да избегам жив од тој хотел колку што можев побргу и тоа преку канал различен од главните скали и фоаје.
Станувајќи леко и вперувајќи ја батеријата кон прекинувачот на ѕидот намеравав да ја запалам светилката над креветот за да изберам и тутнам в џеб некои лични предмети за брзо, безкуферно бегство. Меѓутоа, ништо не се случи; и увидов дека струјата беше прекината. Очевидно, некое криптично, зло движење се готвеше на голема врата - ама што, не можев да кажам. Како што стоев думајќи се со раката на сега бескорисниот прекинувач чув придушено крцкање на катот под мене и ми се пристори како да донекаде можам да распознаам гласови во разговор. Наредниот миг бев понесигурен дека подлабоките звуци се гласови, зашто очевидното засипнато лаење и млитаво-сложното крекрање имаше толку мала сличност со препознатлив човечки говор. Тогаш со обновена јачина помислив на она што фабричкиот инспектор го беше чул во ноќта во оваа мувлосана и морна зграда.
Откако си ги наполнив џебовите со помош на батеријата, си ја ставив шапката и напрсти се доближив до прозорецот за да ги разгледам шансите за спуст. И покрај државните безбедносни регулативи немаше пожарен излез на оваа страна на хотелот и видов дека моите прозорци повелаа со само стрмен пад од три спрата до калдрместото двориште. Меѓутоа, од лево и десно, некои древни циглени трговски квартови тангираа до хотелот; нивните навалени кровови доаѓајќи до разумно растојание за скок од моето ниво на четвртиот спрат. За да стигнам до било која од обете редови на градби требаше да бидам во соба две врати од мојата - во едниот случај на север, а во другиот случај на југ - и умот веднаш ми се зафати со пресметување на шансите што ги имав за успех во префрлањето.
Не можев да ризикувам, одлучив, појавување во ходникот; каде што стапките сигурно ќе ми бидат чуени и каде што потешкотиите на влегување во посакуваната соба би биле несовладливи. Напредокот, ако воошто можев да го направам, мораше да биде преку понецврсто изградените заеднички врати на собите; чии клучалки и резиња ќе мора сосила да ги искршам, користејќи го рамото како овен кога ќе ми го попречат патот. Ова, помислив, ќе е возможно поради климавата природа на куќата и нејзиниот оков; но сфатив дека не можам да го сторам тоа нечујно. Ќе мора да сметам на чиста брзина и на шанса да стигнам до прозорец пред некои непријателски сили да станат доволно усогласени за да ја отворат вистинската врата кон мене со калауз. Вратата на мојата соба кон надворешноста ја засилив со туркање на бирото пред неа - малку по малку, за да би направил најмалку звук.
Воочив дека шансите ми се многу тенки и бев целосно спремен за секаков ал. Дури и качување на друг покрив немаше да го реши проблемот, зашто и понатаму ќе остане задачата да се стигне до земјата и да се избега од паланката. Едно нешто што ми одеше во полза беше напуштената и запустена состојба на градбите што го тангираа хотелот и бројот на светларници кои зјапаа црно отворени во секој ред.
Сфаќајќи од картата на бакалчето дека најдобриот пат надвор од градот беше кон југ, се испулив прво кон заедничката врата на јужната страна од собата. Беше направена да се отвори во моја насока, па видов - откако го повлеков резето и увидов дека има и друг оков - дека не е поволна за отворање сосила. Соодветно напуштајќи ја како правец, внимателно го поместив лежајот пред неа за да го попречам нападот кој би можел да биде изведен врз неа покасно од соседната соба. Вратата на север беше поставена да се отвора кон другата страна и знаев дека тоа - иако проба покажа дека е заклучена или замандалена од другата страна - ќе ми е патот. Ако можев да ги достасам покривите на градбите на „Пејн стрит“ и успешно да се спуштам до приземје, можеби ќе можам да се втурнам преку двориштето и граничните или спротивните градби до „Вашингтон“ или „Бејтс“ - или во спротивно да излезам на „Пејн“ и да изодам по работ кон „Вашингтон“. Во секој случај, ќе целам некако да пресечам до „Вашингот“ и бргу да се тргнам од пределот на градскиот плоштад. Претпочитав да ја избегнам „Пејн“, зашто пожарната станица таму можеше цела вечер да е отворена.
Додека мислев на овие работи се пулев над оскудното море на гнили покриви под мене, сега осветлени од зраците на месечина чија што полност штотуку беше одминала. Од десно, црната расекотина на речниот кланец ја расцепуваше глетката; а напуштени фабрики и железничката станица му се чипчеа небаре лупари од по страната. Зад неа ‘рѓосаната пруга и патот за Раули водеа низ рамен, блатест терен прошаран со островчиња со повисока и посува грмушеста земја. Од лево драгопронижената околија беше поблиска, со тесниот пат за Ипсвич кој бело светкаше на месечината. Не можев да го видам од мојата страна на хотелот јужниот друм кон Аркам кој бев решил да го фатам.
Нерешително умував кога е ќе е најдобро да ѝ се завртам на северната врата и како можам најнечујно да ја решам, кога забележав дека магливите звуци под мене му беа отстапиле место на пресно и потешко крцкање на скалите. Низ мојот надвратник се покажа колебливо треперење на светлина и штиците на ходникот почнаа да стенкаат под некој гломазен товар. Придушени звуци од можно вокално потекло пријдоа и најнакрај решително чукање се чу од надворешната врата.
За миг престанав да дишам и почекав. Вечности како да се везеа и гадната рибина миризба на мојата околина како да се засили нагло и неверојатно. Потоа тропањето се повтори - непрекинато и со пораснато настојување. Знаев дека времето да се делува беше дошло и уште веднаш го кренав резето од северната заедничка врата, спремајќи се за задачата на обивање. Чукањето ојача и се надевав дека неговиот глас ќе го прикрие звукот на моите напори. Најпосле почнувајќи со обидот, се нурнав еднаш, двапати, трипати врз тенките паноа со левото рамо, не водејќи сметка за удар или болка. Вратата даде поголем отпор одошто очекував, но не попуштив. А во меѓувреме галамата од надворешната врата се дуеше.
Најпосле заедничката врата попушти, но со таков тресок што знаев дека тие од надвор мора да го беа чуле. Уште веднаш чукањето од надвор стана насилно лупање, додека клучеви кобно заѕвечкаа во салонските врати на собите на обете страни од мене. Јурејќи низ новоотворената спојка успеав да ја замандалам северната салонска врата пред клучалката да може да биде свртена; но како што го правев тоа ја чув салонската врата од третата соба - онаа преку чиј што прозорец се надевав да го достигнам покривот долу - како се отклучува со калауз.
За миг почувствував потполен очај, зашто моето заробување во одаја без прозорски испад се чинеше целосно. Бран на скоро абнормален ужас ме прели и ги обдари со страшна, но необјаснива своеобразност од батерија наѕрените отпечатоци во правта направени од натрапникот кој пред скоро се беше обидел да ја отклучи вратата на оваа соба. Тогаш со замајано самодвигателство кое настојуваше и покрај безнадежноста, се упатив кон наредната заедничка врата и го изведов слепото движење на туркање навнатре со намера да се пробијам и - ако се погоди да оковот бидне исто онолку благок’сметно недопрен како и во оваа втора соба - да ја замандалам салонската врата од другата страна пред клучалката да може да се заврти однадвор.
Чиста случајна среќа ме куртули - зашто заедничкатта врата пред мене не само што беше отклучена, туку всушност и подотворена. За миг поминав низ неа и ги поставив десното колено и рамо наспроти салонската врата која видливо се отвараше навнатре. Мојот притисок го фати отворачот неспремен, зашто вратата се затвори кога турнав, па можев да го тргнам доброодржаното резе како што бев сторил и со другата врата. Додека земав малку душа чув како лупањето врз двете врати ублажува, додека збркан клопот дојде од заедничката врата што ја бев заштитил со лежајот. Очевидно мнозинството од моите напаѓачи беа влегле во јужната соба и се готвеа за страничен напад. Но во истиот момент се чу калауз во наредната врата на север и знаев дека поблиска беља е на повидок.
Северната заедничка врата беше широко отворена, но немаше време да мислам како да ја сопрам веќе свртената клучалка од салонот. Се што можев беше да ја затворам и замандалам отворената заедничка врата, како и нејзината друшка од спротивната страна - туркајќи лежај наспроти едната и биро наспроти другата и поместувајќи наткасна со леген пред салонската врата. Морав, увидов, да им верувам на такви импровизирани препреки да ме заштитат додека не стигнам да излезам од прозорецот и врз покривот на квартот на „Пејн стрит“. Но дури и во овој преизразен миг мојот врховен ужас беше нешто понастрана од непосредната слабост на моите одбрани. Треперев бидејќи ниту еден од моите гонители и покрај некои одвратни збивтања, грофтања и воздржани лаења при несекојдневни интервали, не изустуваше непридушен или разбирлив гласовен звук.
Како што го разместував мебелот и поитав кон прозорците чув стравотно растрчување по ходникот кон собата северно од мене и воочив дека јужното лупање беше прекинало. Јасно беше дека повеќето од моите противници ќе се сконцентрираат на клекавата заеднича врата која знаеја дека мора да се отвора право кај мене. Надвор месечината си играше на слемето на квартот долу и видов дека скокот ќе биде очајно опасен поради стрмната површина на која мораше да се спуштам.
Иследувајќи ги условите го избрав појужниот од двата прозорци како моја патека за бегство; планирајќи да слетам на внатрешната косина на покривот и да се упатам кон најблискиот светларник. Штом ќе сум во една од трошните циглени градби ќе мораше да сметам на потера, но се надевав да се симнам и да се провлечам во и од зјајнатите врати по засенетото двориште, стигнувајќи на крај до „Вашингтон стрит“ и да се мушнам надвор од градот кон југ.
Клопотот на северната заедничка врата сега беше застрашителен и видов дека слабото пано почна да се расцепува. Очигледно, опсадувачите беа внесле некој гарабитен предмет во игра како овен. Меѓутоа лежајот сѐ уште крепеше; така што имав барем мала шанса да го овистинам моето бегство. Како што го отворав прозорецот забележав дека е обостранет со тешки драперии од велур обесени од шипка со месингови прстени и дека имаше и голема издадена кука за ролетните на надворешниот дел. Гледајќи можен начин да го избегнам опасниот скок, почнав да ги молкнам пердињата и ги симнав, сосе шипка; бргу закачувајќи два од прстените за куката за ролетни и исфрлајќи ги драпериите надвор. Тешкиот штоф потполно стигаше до кровот што тангираше и видов дека прстените и куката веројатно ќе можат да ми ја додржат тежината. Така, качувајќи се низ прозорецот и слегувајќи по импровизираната јажена скала засекогаш ја оставив зад себе морбидната и ужасозаразена твар на „Гилман хаус“.
Безбедно се спуштив на лабавите ќерамиди на стрмниот покрив и успеав да го достигнам зјајнатиот црн светларник без да се лизнам. Фрлајќи поглед кон прозорецот кој го бев напуштил, приметив дека сѐ уште е мрачен, макар што далеку над разронетите оџаци на север можев да видам светла како кобно пламтат во салата на „Редот на Дагон“, Баптистичката црква и Конгрешанската црква за кои толку морничаво си споменував. Се чинеше дека нема никој во двориштето под мене и се надевав дека ќе има шанса да избегам пред ширење на општа тревога. Светејќи со батеријата кон светларникот, видов дека нема скали за долу. Меѓутоа растојанието беше кусо, па се испентерив преку работ и паднав; удирајќи врз правлив под растурен со сронети кутии и буриња.
Местото изгледаше гробождерно, но веќе не есапев такви впечатоци и веднаш се упатив кон скалилото откриено од мојата батерија - по брз поглед кон часовникот кој ми покажа дека часот е 2 по полноќ. Скалите крцкаа, но се чинеше дека се подносливо здрави; и се втрчав прудолу минејќи го шталовидниот втор спрат до приземјето. Опустошеноста беше целосна и само одеци им одговараа на моите стапки. Најнакрај стигнав до приземниот салон, на чиј што крај видов блед светлосен правоаголник кој ја означуваше запустената врата кон „Пејн стрит“. Одејќи во спротивната насока, ја начекав и задната врата отворена; и се втрчав преку петте камени скалила до обраснатата калдрма на двориштето.
Месечевите зраци не достигаа дотука, но можев некако да си го видам патот без да ја користам батеријата. Некои од прозорците на страната на „Гилман хаус“ бледо светеа и ми се причини како да чув збунети звуци внатре. Леко газејќи до страната на „Вашингтон стрит“ воочив неколку отворени врати и ја избрав најблиската како патека за излез. Ходникот внатре беше црн и кога стигнав до спротивниот крај видов дека уличната врата е заглавена и непоместливо затворена. Решен да се обидам со друга градба се распипав назад кон двориштето, но се сепнав и запрев кога доближив до вратата.
Зашто од една отворена врата во „Гилман хаус“ се истураше голема толпа на сомничави фигури - расклацкани фенери во темницата и ужасни крескави гласови кои разменуваа тивки крици на нешто кое сигурно не беше англиски јазик. Фигурите се движеа несигурно и забележав со олеснување дека не знаеја на каде сум отишол; но и покрај тоа ми испратија морници на ужас низ снагата. Ликата им беше нераспознатлива; но нивниот укутарен, расшантран од беше абнормално неугоден. И налошо од сѐ, воочив дека една фигура беше чудно зарубена и непогрешливо овенчана со висока тијара од дезен кој ми беше немалку познат. Како што фигурите се ширеа низ двориштето почувствував како стравовите ми растат. А ако не можев да најдам испад од оваа градба врз улицата? Рибната миризба беше презрива и се чудев како можев да ја поднесам без да се онесвестам. Пак распипувајќи се кон улицата, отворив врата од еден салон и наидов на празна соба со цврсто прекриени, но бескрилни прозорци. Паркајќи на зраците на батеријата открив дека можам да ги отворам ролетните и уште истиот миг се бев искачил надвор и внимателно го затворав окното како што беше првично.
Сега бев на „Вашингтон стрит“ и во моментот не видов жива душа ниту некакво светло освен она на месечината. Меѓутоа, од неколку страни во далечината, можев да ги чујам звуците на засипнати гласови, на стапки и на некакво своевидно цапкање што не звучеше баш како стапки. Јасно беше дека немав време за губење. Страните на компасот ми беа јасни и ми беше мило што сите улични светла се изгасени, како што е често обичај на ноќи со јака месечина во неимашливи селски предели. Некои од звуците дојдоа од југ, но сепак си го задржав ниетот да избегам во таа насока. Ќе има, знаев, доволно напуштени врати да ме засолнат во случај да сретнам некои лица или групи кои би личеле како гонители.
Одев бргу, леко и блиску до запустените куќи. Иако бев гологлав и разбафтирен по моето макотрпно пентерење, не изгледав особено забележлив; и имав добра шанса да поминам несетно ако бев принуден да сретам некој случаен минувач. На „Бејтс стрит“ се повлеков во едно зјајнато претсобје додека две расшантрани фигури преминаа пред мене, но наскоро повторно го продолжив патот приближувајќи се до отворениот простор кај што „Елиот стрит“ накосо ја сечеше „Вашингтон“ кај раскрсницата на „Саут“. Иако никогаш го немав видено овој простор, ми изгледаше опасно на картата на бакалчето, зашто месечината таму слободно ќе може да се разлева. Немаше фајде да се обидам да го избегнам, зашто секој поинаков правец ќе вклучуваше обиколки со потенцијално катастрофален ефект на видливост и одлагање. Немаше што да се прави освен да се премине смело и отворено; колку што можев подобро имитирајќи го својственото шантрање на инсмотскиот народ и надевајќи се дека никој - или барем никој мој гонител - не ќе е таму.
За тоа колку потполно беше организирано гонењето - и всушност, која му беше целта - не можев да обликувам идеја. Се чинеше дека има необично раздвижување низ градот, но судев дека вестите за моето бегство од „Гилман“ сѐ уште не се беа прошириле. Наскоро ќе морав, се разбира, да се префрлам од „Вашингтон“ до некоја друга јужна улица; зашто таа тајфа од хотелот несомнено ќе тргне по мене. Мора да имав оставено отпечатоци во правта во таа последна стара градба, откривајќи како ја достасав улицата.
Отворениот простор беше, како што и очекував, силно осветлен од месечина; и ги видов останките од парковидно, железооградено зеленило во средината. За среќа немаше никој, макар што некакво своевидно зуење или рикање се чинеше дека се зголемува во насока на градскиот плоштад. „Саут стрит“ беше многу широка, водејќи по една мала косина надолу право до крајбрежјето и повелајќи со долг поглед кон морето; и се надевав дека никој нема да се испули кон неа од далеку додека преминував на светлата месечина.
Напредокот ми беше непрепречен и немаше пресен звук да се крене и да загатне дека сум здогледан. Распулувајќи се околу мене, ненамерно допуштив чекорот да ми успори за момент за да ја воспримам глетката на морето, преубаво во разгорената месечина на крајот на улицата. Далеку после насипот беше притулената мрачна линија на Ѓаволов Гребен и како што ја здогледав не можев, а да не си помислам на сите одвратни легенди кои ги бев чул во последните триесет и четири часа - легенди кои ја претставуваа таа назабена карпа како права порта до домени на неизмерен ужас и незамислива абнормалност.
Тогаш, без предупредување, ги видов испрекинатите блесоци на светло на далечниот гребен. Беа категорични и непогрешливи и ми разбудија во умот слеп ужас надвор од секој разумер сооднос. Мускулите ми се вбрекнаа за панично бегство, одложено само од извесна несвесна претпазливост и полу-хипнотички занес. И капак на сѐ, сега од вишната купола на „Гилман хаус“, која демнеше зад мене на североисток, блескаше редица на рамнообразни макар што различно распоредени светкавици кои не можеа да бидат ништо друго освен знак во одговор.
Скротувајќи си ги мускулите и со пресно сфаќање за тоа колку сум јасно видлив, го продолжив моето бодро и побожемски расшантрано чекорење; продолжувајќи да го имам под око тој пеколен и кобен гребен сѐ додека отвореноста на „Саут стрит“ ми овозможуваше морски поглед. Што значеше целото тоа сторение не можев да си замислам; освен ако не вклучуваше некој чуден обред поврзан со Ѓаволов Гребен, или освен ако некоја трупа не беше слегла од некој брод врз тој зловестен камен. Потоа свив кон лево околу тоа испустено зеленило; сѐ уште пулејќи се кон океанот кој пламтеше во призрачната летна месечина и гледајќи го криптичкото блескање на тие безимени, необјасниви светилки.
Тогаш се случи да најужасниот впечаток од сите се сруши врз мене - впечатокот кој ми го уништи и последниот резидуум на самоконтрола и ме турна да поулавено се затрчам кон југ крај зјајнатите црни врати и рибооко зјапнати прозорци на таа напуштена кошмарна улица. Затоа што на втор поглед видов дека месечевоосветлените води помеѓу гребенот и брегот во никој случај не беа празни. Беа живи со струпана орда на облици кои пливаа навнатре кон паланката; и дури и од моето масивно растојание и единствен миг на воочување можев да распознаам дека расклацканите глави и распавтани раце беа вонземни и аберантни на начин кој со ништо не можеше да се изрази или да биде свесно формулиран.
Прекинав со поулавеното трчање пред да го одминам квартот зашто од лево почнав да слушам нешто како тон и викотници на организирана потера. Имаше стапки и грлени звуци и ѕвечкаво моторно возило профрчи кон југ по „Федерал стрит“. За миг сите планови ми беа крајно променети - зашто ако јужниот автопат пред мене ми е препречен, јасно беше дека морам да најдам друг испад од Инсмот. Запрев и се повлеков во една зјајната врата, промислувајќи си колку бев среќен што го бев напуштил месечевоосветлениот отворен простор пред овие гонители да се спуштат по напоредната улица.
Второто промислување беше понеутешно. Бидејќи потерата беше по друга улица, беше јасно дека трупата не ме следи директно. Ме немаше видено, туку само спроведуваше некој општ план за да ми го отсече бегството. Меѓутоа, ова наведуваше на тоа дека сите патишта кои водат надвор од Инсмот ќе се слично под патрола; зашто населениците не можеа да знаат кој пат намеравав да го фатам. Ако ова беше така, ќе морав да пребегнам преку дивите предели понастрана од секој пат; но како можев да го сторам тоа со оглед на блатестата и со драги прошарана природа на сиот опкружен предел? За миг мозокот ми се залула - колку од чиста безнадежност толку и од брзиот раст на сеприсутната рибина миризба.
Тогаш помислив на напуштената железница до Раули, чија што јасна линија на тампонирана, со плевели обрасната земја сѐ уште се протегаше кон северозапад од разронетата станица на работ на речниот кланец. Постоеше мала шанса да мештаните не помислат на неа; бидејќи нејзината со драги загушена пустелија ја правеше полунепроодна и најмалку веројатна од сите друмови кои бегалец би ги избрал. Јасно ја имав видено од хотелскиот прозорец и знаев како е поставена. Повеќето од нејзината почетна должина беше неудобно догледна од патот за Раули и од високите места во самиот град; но човек можеби можеше неприметно да лази меѓу дрмата. Во секој случај, ја сочинуваше мојата единствена шанса за спасение и немаше што да се прави освен да се проба.
Повлекувајќи се внатре во салонот на моето напуштено засолниште, повторно се посоветував со картата на бакалчето со помош на батеријата. Непосредниот проблем беше како да се стигне до древната пруга; и сега видов дека најбезбедната патека беше право кон „Бабсон стрит“, па западно до „Лафајет“ - обрабувајќи го, но не преминувајќи го отворениот простор хомологен на оној кој го имав изодено - и потоа назад кон север и запад во цик-цак линија низ улиците „Лафајет“, „Бејтс“, „Адамс“ и „Бенк“ - последната од коишто го порабуваше речниот кланец - до напуштената, трошна станица кој ја бев видел од мојот прозорец. Причината за одење право кон „Бабсон“ беше тоа што не сакав ниту повторно да го преминувам отворениот простор ниту да го започнам западното движење додека сум на булевар широк колку „Саут“.
Пак тргајќи, ја преминав улицата до страната што ми беше од десно со цел да изодам по работ до „Бабсон“ колку што е можно понеприметно. Вревата и понатаму продолжуваше на „Федерал стрит“ и како што фрлив поглед зад мене како да видов сјај на светлина близу зградата низ којашто бев избегал. Нестрпелив да се тргнам од „Вашингтон стрит“, отпочнав тивок раван, потпирајќи се на среќа да не наидам на набљудувачки очи. Крај аголот на „Бабсон стрит“ се сепнав кога видов дека една од куќите е сѐ уште населена, за што сведочеа завеси врз прозорецот; но внатре немаше светла и ја поминав без некоја катастрофа.
На „Бабсон стрит“, која ја сечеше „Федерал“ и со тоа можеше да ме открие на барачите, се счипчив колку што е можно поблиску до провиснатите, нерамни градби; на двапати застанувајќи во врати како што вревата зад мене миговно се зголеми. Отворениот простор напред широко и пусто светеше под месечината, но мојата избрана патека не ме принудуваше да го преминам. За време на втората пауза почнав да уочувам пресна распределба на магливите звуци; и со внимателен поглед од скривалиштето здогледав автомобил како јури преку отворениот простор, упатен кон надвор по „Елиот стрит“, којашто таму се сечеше и со „Бабсон“ и со „Лафајет“.
Како што гледав - загушен од ненадеен раст на рибината миризба по едно кусо ублажување - видов тајфа на распуштени, укутарени облици кои грабадинаа и шантраат во истата насока; и знаев дека ова мора да е трупата која го варди патот за Ипсвич, одошто тој автопат се формираше од крак на „Елиот стрит“. Две од фигурите кои ги наѕрев беа со обемни одежди и една носеше зашилена дијадема која бело сјаеше на месечината. Одот на оваа фигура беше толку несекојдневен што ми испрати морници по телото - зашто ми се причини дека суштеството скоро и да подскокнува.
Кога последниот од тајфата се тргна од видик го продолжив напредувањето; претрчувајќи зад аголот во „Лафајет стрит“ и поминувајќи ја „Елиот“ крајно забрзан за да не има некои отпадници од тајфата кои сѐ уште доаѓаат по булеварот. Чув некакви крекливи и клопотливи звуци на далеку кон градскиот плоштад, но го постигнав преминот без некоја катастрофа. Најголемиот фрас ми беше во повторното преминување на широката и месечева „Саут стрит“ - со нејзиниот морски поглед - и морав да се одважам за таквото премреже. Некој многу лесно би можел да се испули и можни одметници од „Елиот стрит“ не можеа, а да не ме догледаат од било која од двете точки. Во последен момент се решив дека е подобро да намалам со раванот и да преминам како и претходно во шантравиот од на просечниот инсмотски домородец.
Кога погледот кон водата повторно се отвори - овојпат на мојата десна страна - бев полурешен воопшто да не му се испулам. Меѓутоа, не можев да одолеам; туку фрлив еден страничен поглед додека внимателно и подражавачки шантрав кон заштитните сенки пред мене. Не се гледаше брод, како што уполу очекував дека ќе се гледа. Наместо тоа, првата работа што ми падна в око беше едно мало кајче што допловуваше до напуштените докови натоварено со некој грамаден предмет прекриен со церада. Неговите веслачи, иако видени од далеку и нејасно, имаа исклучително одбивна појава. Неколку пливачи сѐ уште беа распознатливи; додека на далечниот црн гребен можев да видам една бледа, постојана светлост поинаква од мижуркавата светилка која претходно беше видлива и беше со сперлива боја која не можев со точност да ја утврдам. Над накосените покриви пред мене и од десно демнеше високата купола на „Гилман хаус“, но беше потполно мрачна. Рибината миризба, растерана накратко од милостиво ветре, сега повторно ме опколи со полудувачка јакост.
Сѐ уште не ја бев во целост преминал улицата кога чув размрморена тајфа како ближи од „Вашингтон“ од север. Како што стигнаа до широкиот отворен простор каде што го бев фрлил првиот вознемирувачки поглед кон месечевите води можев јасно да ги видам на растојание од само еден кварт - и бев ужаснат од ѕверската абнормалност на нивните лица и кучешката потчовечност на нивниот укутарен од. Еден човек се движеше на потполно мајмунски начин, со долги раце кои често му ја допираа земјата; додека друга фигура - наметната и овенчана - се чинеше дека напредува во потскокнувачки стил. Расудив дека оваа трупа е онаа која ја бев видел во двориштето на „Гилман“ - што значеше дека е онаа која ми е најблиску до трагата. Како што некои од фигурите се завртеа за да погледнат во мој правец се смраморив од уплав, но успеав да го задржам опуштениот, шантрав од кој го бев присвоил. До ден-денес не знам дали ме видоа или не. Ако ме виделе, мојата тактика мора да ги беше измамила, зашто преминаа по месечевиот простор без да скршнат од патеката - додека крекаа и дрдореа во некое ненавистно грлено арго кое не можев да го утврдам.
Повторно во сенка, пак го зазедов претходниот раван минејќи ги навалените и трошни куќи кои напразно зјапаа во ноќта. Откако преминав на западниот тротоар го завртев најблискиот агол за „Бејтс стрит“, каде што се држев блиску до градбите на јужната страна. Минав две куќи кои покажуваа знаци на населеност, една од коишто имаше бледи светла во горните соби, но не сретнав пречки. Како што свртев во „Адамс стрит“ се почувствував мерливо посигурен, но се потресов кога еден човек се залула од една црна врата веднаш пред мене. Меѓутоа, се покажа дека е премногу безнадежно пијан за да ми претставува закана, па безбедно ги достигнав стуштените урнатини на складиштето на „Бенк стрит“.
Немаше жива душа на таа мртва улица крај речниот кланец и татнежот на водопадот мошне ми ги задушуваше стапките. Долго раванев до запустената станица и големите циглени складишни ѕидови околу мене некако ми се чинеа поужасни од предниците на приватните куќи. Најпосле ја видов древната аркадна станица - или барем она што беше останало од неа - и се упатив право кон шините кои почнуваа при нејзиниот подалечен крај.
Релсите беа ‘рѓосани, но во главно зачувани и не повеќе од половина од праговите беа изгниени. Одење или трчање по таква површина беше многу тешко; но дадов сѐ од себе и сѐ на сѐ постигнав мошне добро време. Пругата на извесно растојание се протегаше долж работ на кланецот, но најнакрај го достигнав долго покриениот мост каде што ја преминуваше провалијата при вртоглава височина. Состојбата на овој мост ќе ми го одредеше наредниот чекор. Ако беше човечки возможно, ќе го исползував; а ако не, ќе мораше да ризикувам додатни улични талкања и да го преминам најблискиот зачуван патен мост.
Масивната, шталовидна должина на стариот мост призрачно сјаеше на месечината и видов дека праговите се безбедни барем на неколку стапки навнатре. Влегувајќи почнав да ја користам батеријата и бев скоро соборен од облак лилјаци кој пропафта крај мене. На скоро пола пат имаше опасен јаз во праговите за кој за миг се уплашив дека ќе ме запре; но на крајот ризикував очаен скок кој за среќа ми успеа.
Мило ми беше пак да ја видам месечината кога излегов од тој гробнички тунел. Старите шини постепено ја преминуваа „Ривер стрит“ и наеднаш скршнуваа кон предел кој беше сѐ пополски и со помалку и помалку од инсмотската ненавистна рибина миризба. Тука густиот честак од плевели и драги ме попречуваше и сурово ми ги испокина алиштата, но сепак ми беше мило што се тука за да ме затскријат во случај на беља. Знаев дека голем дел од мојата патека мора да е видлива од патот за Раули.
Блатестиот предел започнуваше многу нагло со осамената шина врз низок обраснат насип каде што плевелските израстоци беа нешто поретки. Потоа настапи нешто како остров на повисоко земјиште каде што пругата минуваше низ плиток отворен ископ запушен со грмушки и глогови. Ми беше многу мило за ова делумно засолниште, одошто при оваа точка патот за Раули беше неудобно близок според мојот поглед од прозорецот. На крајот на ископот ги преминуваше шините и се свиваше кон посигурно растојание; но во меѓувреме мораше да сум прекумерно внимателен. А сега веќе бев и благодарно сигурен дека самата пруга не е под патрола.
Пред да влезам во ископот погледнав зад мене, но не видов гонител. Древните кули и кровови на гнилиот Инсмот сјаеја лично и неземно на волшебната жолта месечина и помислив на тоа како сигурно изгледале во старите денови пред сенката да падне. Тогаш, како што погледот ми кружеше од градот кон повнатре во копното, нешто помалку мирно ми го обзеде вниманието и за кратко ме закотви на место.
Она што го видов - или што ми се пристори дека го гледам - беше вознемирувачко укажување на таласно движење далеку на југ; укажување кое ме натера да заклучам дека многу голема орда мора да се истура од градот врз рамниот пат за Ипсвич. Растојанието беше големо и не можев да распознаам никаква подробност; но воопшто не ми се допадна изгледот на таа подвижна колона. Премногу се таласеше и сјаеше пресветло под зраците на месечината која сега се упатуваше кон запад. Имаше и укажување на звук, макар што ветерот дуваше во спротивната насока - укажување на ѕверско гребење и дерење уште полошо од мрморењето на трупите кое неодамна ги бев наслушнал.
Најразлични непријатни претполагања ми се свртеа во умот. Помислив на тие апла отидени инсмотчани за кои се велеше дека се скриени во разронети, столетни зајчарници близу крајбрежјето. Помислив исто и на тие безимени пливачи кои ги бев видел. Броејќи ги трупите кои досега ги имав наѕрено, како и оние кои најверојатно ги покриваа патиштата, бројот на моите гонители мораше да е чудно голем за една толку ненаселена паланка како Инсмот.
Од каде ли би можела да доаѓа густата посада на една колона каква што сега набљудував? Дали тие древни, неиздлабени зајчарници вриеја од извитоперен, некаталогизиран и непосомневан живот? Или дали некој невиден брод навистина беше истоварил свита на непознати туѓинци врз тој пеколен гребен? Кои беа? Зошто беа дојдени? И ако една таква колона од нив го чешла патот за Ипсвич, дали патролите на другите патишта ќе се исто така надополнети?
Влегов во грмушкестиот ископ и се мачев движејќи се многу споро кога таа клета рибина миризба повторно преовладувачки ојача. Дали ветерот наеднаш се имаше сменето кон исток, па да задува од морето и преку градот? Мораше да е така, заклучив, бидејќи сега почнав да слушам потресни грлени мрмори од таа дотогаш тивка насока. Имаше и еден друг звук - некое сеопфатно, титанско шлапање или цапкање коe некако ми повика слики од најпрезрива сорта. Нелогично ме натера да помислам на таа непријатно расталасена колона на далечниот пат за Ипсвич.
И тогаш и смреата и звукот се засилија, така што запрев треперејќи и благодарен за заштитата на ископот. Тука беше, си споменав, местото каде што патот за Раули толку се доближуваше до старата пруга пред да премине на запад и да се оддели. Нешто доаѓаше по тој пат и морав ниско да лежам додека не помине и исчезне во далечината. Фала му на Бога што суштествава не користеа кучиња за трагање - макар што можеби тоа ќе беше невозможно среде сеприсутната околна миризба. Укутарен во грмушките на тој песочен процеп се чувствував разумно сигурен, иако знаев дека барачите ќе мора да ја преминат шината пред мене не подалеку од сто јарди. Јас ќе можам да ги видам, но тие мене не, освен преку некое злоќудно чудо.
Наеднаш почна да ме фаќа страв да ги погледнам додека врват. Го видов блискиот месечев простор каде што ќе прострујат и имав своевидни мисли за неискупливата загаденост на тој простор. Тие можеби ќе се најлошите од сите инсмотски ликови - нешто коешто човек не би сакал да си го споменува.
Смрдеата загосподарувачки ојачуваше и звуците се подуја до ѕверски џагор на крекање, грохотење и лаење без најмало укажување на човечки говор. Дали навистина ова беа гласовите на моите гонители? Дали сепак имаа кучиња со нив? Досега не бев видел ни едно од пониските животни во Инсмот. Шлапањето или цапкањето беше чудовишно - не можев да ги погледам изродените створови одговорни за него. Решив да ги држам очите затворени додека звуците не се оддалечат кон запад. Ордата сега беше многу блиску - воздухот испоганет од нивните засипнати ‘ржења и земјата скоро се тресеше од нивните вонземноритмички стапки. Здивот скоро ми се зеде и ја спотнав секоја ронка моќ над волјата во задачата да ги држам очните капаци спуштени.
Дури и сега не сум спремен да кажам дали она што следеше беше одвратна вистинитост или само кошмарна халуцинација. Покасните постапки на владата, по моите поулавени апели, тежнеат да го потврдат како чудовишна вистина; но зар не може една халуцинација да биде повторена под квази-хипнотичката магија на тој древен, опседнат и засенет град? Такви места имаат чудни одлики и наследството на умоболни легенди можеби дејствувало врз мечтата на повеќе од еден човек среде тие мртви, смрдежопроколнати улици и купови на скапани покриви и сронети кули. Зар не е можно да зародишот на вистинско заразно лудило демне во длабините на таа сенка над Инсмот? Кој може да е сигурен за стварноста откако чул работи како сказната на стариот Задок Ален? Луѓето од владата не го пронајдоа кутриот Задок и не направиле никакви претполагања во врска со што станало со него. Каде прекратува лудилото и почнува стварноста? Возможно ли е и мојот најнов страв да е чиста заблуда?
Но мора да се обидам да раскажам за она што ми се пристори дека го видов таа ноќ под потсмешливата жолта месечина - го видов како струи и потскокнува по патот за Раули веднаш пред мене додека бев укутарен среде дивите глогови на тој пуст железнички ископ. Се разбира дека мојата решеност да ги држам очите затворени потфрли. Пишано ѝ беше да потфрли - зашто кој би можел слепо да се укутари додека свити на раскрекани, разгрохотени ентитети од непознат извор опоро шлапаат крај него, оддалечени едвај повеќе од сто јадри?
Мислев дека сум спремен за најлошото и навистина требаше да бидам спремен со оглед на она што го бев видел претходно. Моите други гонители беа клето абнормални - па зар не требаше да сум спремен да се соочам со зајакнување на абнормалниот елемент; да се испулам кон облици во коишто воопшто немаше смеса на нормалното? Не ги отворив очите додека крескавата галама не дојде гласно од точка која беше очигледно веднаш пред мене. Тогаш знаев дека долга редица од нив мора да ми е веднаш пред очи каде што страните на ископината се зарамнуваа и патот ја сечеше шината - и веќе не можев да се спречам да го вкусам каквиот и да е ужас кој таа извргалена жолта месечина сака да ми го покаже.
Беше крај на сѐ што ми преостанало од животот на површината на оваа земја, на секој резидуум на умствен мир и доверба во доследноста на природата и на човечкиот разум. Ништо што можев да замислам - ништо, дури и што можев да заклучам ако ја удостојував со вистина лудата сказна на стариот Задок на најбуквален начин - не би било на било кој начин споредливо со демонијачката, богохулна стварност што ја видов - или верував дека ја видов. Се обидов да загатнам што беше со цел да го одложам ужасот во недвосмислено запишување на таквото нешто. Зар е возможно да оваа плането всушност накотила такви нешта; дека човечки очи вистински го виделе, како непристрастно месо, она што човекот досега го беше знаел само во грозничави мечти и замаглени легенди?
А сепак ги видов во бескраен поток - кај шлапаат, раскокуваат, крекаат, блејат - кај нечовечки струјат низ призрачната месечина во гротескна, злоќудна сарабанда на фантастичен кошмар. И некои од нив имаа високи тијари од тој безимен бело-жолт метал… и некои беа чудно зарубени… и еден кој го водеше патот беше облечен во гробождерно подгрбавено црно палто и пругави панталони и имаше човечка шапка од филц наклапушена на безобличното нешто што му играше улога на глава…
Мислам дека преовладувачката боја им беше сивкасто-зелена, макар што имаа бели мевови. Најмногу беа сјајни и лизгави, но браздите на грбот им беа крлушкави. Формите бледо им укажуваа атропоид, додека главите им беа глави на риби, со грамадни вбрекнати очи кои никогаш не се затвараа. По страните на вратот имаа распулсирани шкрги и долгите шепи им беа ципести. Нерамномерно скокаа, некогаш на две нозе, а некогаш на четири. Некако ми беше мило што немаа повеќе од четири краци. Нивните крескави, грохотливи гласови, јасно употребувани за артикулиран говор, ги содржеа сите мрачни нијанси на израз којшто им фалea на нивните зјапнати лица.
Но и покрај сета нивна чудовишност, не ми беа непознати. Предобро знаев што мора да се - зашто зар не ми беше сѐ уште пресно сеќавањето на таа злобна тијара во Њуберипорт? Беа богохулните риби-жаби од безимениот дезен - живи и ужасни - и како што ги гледав, дознав на што ме имаше тој подгрбавен, овенчан свештеник во црната подрумска врата на црквата толку стравотно потсетено. Бројот не им се знаеше. Ми се чинеше дека ги има во бескрајни роеви - и сигурно моето миговно наѕирање ја беше покажало само најмалата одломка. Еден миг потоа, сѐ беше поклопено од милослив напад на бесвесност; првиот во мојот живот.
V
Нежен дневен дожд ме разбуди од зашеметеноста во грмушестиот ископ на пругата и кога се протетеравив до автопатот пред мене, не видов никаква трага од стапки во свежата кал. Рибината миризба исто така ја немаше. Испустените кровови и климави кули на Инсмот сиво демнеа кон југоисток, но никакво живо суштество не соѕрев околу пустите солени мочуришта наоколу. Часовникот сѐ уште ми работеше и ми кажа дека часот беше после пладне.
Стварноста на она што го бев проживеал ми беше крајно несигурна во умот, но чувствував дека нешто одвратно лежи во позадина. Морав да избегам од злозасенетиот Инсмот - и соодветно на тоа почнав да си ги пробувам моите згрчени, капнати способности за погон. И покрај слабоста, гладта, ужасот и счудовидувањето по долго време успеав да проодам; па тргнав споро по калливиот пат за Раули. Пред квечерина бев во селото, јадејќи оброк и снабдувајќи се со претставителни алишта. Го фатив ноќниот воз за Аркам и наредниот ден зборував долго и искрено со владините претставници таму; процес кој подоцна го повторив во Бостон. Со главниот исход на овие муабети јавноста е сега запозната - и посакував, за атер на нормалноста да немаше ништо повеќе за кажување. Можеби е лудило она што ме обзема - но можеби поголем ужас - или поголема чудесија - посига рака.
Како што може да се замисли, се откажав од повеќето намерени елементи на остатокот од турнејата - живописните, архитектонски и антикварски разоноди на коишто толку многу сметав. Ниту се осмелив да го побарам тоа парче чуден накит за кое се велеше дека е во музејот на Мискатонскиот универзитет. Меѓутоа, сепак го подобрив мојот престој во Аркам со собирање на некои родописни белешки кои долго време сакав да ги поседувам; навистина, многу груби и набрзина собрани податоци, но кадри за солидна употреба покасно кога ќе ми се пружи време да ги подредам и узаконам. Кустосот на историското здружение таму - г-дин Е. Лапам Пибоди - беше многу срдечен во понудената помош и изрази необичен интерес кога му кажав дека ѝ бев внук на Елајза Орн од Аркам, која беше родена во 1867 и се имаше омажено со Џејмс Вилијамсон од Охајо кога имаше седумнаесет години.
Се чинеше дека некој мој вујко бил таму пред многу години во мошне слична потрага како мојата; и дека семејството на баба ми било тема на извесна околна љубопитност. Имало, рече г-дин Пибоди, значителни дискусии во врска со венчавката на нејзиниот татко, Бенџамин Орн, веднаш по Граѓанската војна; зашто потеклото на невестата било сперливо загадочно. Таа невеста се мислело дека била сираче на Маршови од Њу Хемпшир - роднина на Маршови од Есекс Каунти - но образованието ѝ беше било во Франција и знаела многу малку за нејзиното семејство. Некој старател уплатувал средства во бостонска банка за да ја одржува неа и нејзината француска гувернанта; но името на тој старател им било непознато на луѓето од Аркам и со време го снемало од сцената, така што гувернантата ја презела неговата улога по судска одлука. Французинката - сега веќе одамна мртва - била многу молчалива и имало луѓе што велеле дека можела да раскаже повеќе одошто кажувала.
Но најобезглавувачка работа била неспособноста да некој ги определи запишаните родители на девојката - Енох и Лидија (Месерв) Марш - меѓу познатите семејства од Њу Хемпшир. Можеби, укажуваа многумина, била родена ќерка на некој истакнат Марш - јасно било дека ги има правите Маршови очи. Најголемиот дел од загатнувањето било правено по нејзината рана смрт, која се случила при раѓањето на мојата баба - нејзиното единствено дете. Одошто имав формирано извесни невкусни впечатоци поврзани со името Марш, не ми падна мило веста дека припаѓа на моето сопствено прародовско дрво; ниту ми беше по ќеф укажувањето на г-дин Пибоди дека и јас самиот ги имам правите Маршови очи. Меѓутоа, бев благодарен за податоците кои знаев дека ќе ми се вредни и запишав обилни белешки и списоци на упати до книги во врска со добро документираната фамилија Орн.
Си отидов право дома во Толидо од Бостон и подоцна поминав еден месец во Моми опоравувајќи се од премрежето. Во септември ја започнав последната година на „Оберлин“ и оттогаш до наредниот јуни бев зафатен со учење и други пријатни активности - потсетуван на некогашните стравотии само со повремените официјални посети од луѓето од владата во врска со кампањата којашто моите молитви и докази ја беа отпочнале. Околу средината на јули - само една година по искуството во Инсмот - поминав една недела со семејството на мојата покојна мајка во Кливленд; споредувајќи дел од моите нови родописни податоци со различните белешки, преданија и парчиња завештание кои таму постоеја и гледајќи каков графикон на поврзаност би можел да конструирам.
Не ѝ се баш насладував на задачата, зашто атмосферата во домот на Вилијамсови отсекогаш ме онерасположуваше. Имаше некоја нишка на морбидност во тоа место и како дете мајка ми никогаш не ме охрабруваше да ги посетувам нејзините родители, макар што секогаш радо го пречекуваше татко ѝ кога тој ќе дојдеше во Толидо. Мојата баба аркамка ми се беше чинела чудна и скоро ужасна и не мислам дека тагував кога исчезна. Тогаш имав осум години и се велеше дека беше отталкала од жалост по самоубиството на вујко ми Даглас, нејзиниот најстар син. Тој се беше застрелал после пат во Нова Англија - истиот пат, несомнено, кој беше бил причина да го паметат во „Историското здружение на Аркам“.
Овој вујко беше како неа и ни него никогаш не го засакав. Нешто во зјапнатиот, нетреплив израз на двајцата ми беше давал нејасен, необјаснив немир. Мајка ми и вујко ми Волтер не изгледаа така. Беа како татко им, макар што сиротиот ми братучед Лоренс - синот на Волтер - беше бил скоро совршен двојник на баба си пред болеста да го доведе до трајна повлеченост во санаториум во Кантон. Четири години го немав видено, но вујко ми еднаш наведе дека состојбата, умствената како и телесната, му е многу лоша. Ова гајле најверојатно многу имаше придонесено за смртата на мајка му две години пред тоа.
Дедо ми и неговиот син вдовец Волтер сега го сочинуваа домаќинството во Кливленд, но спомените на постари времиња густо се имаа надвиснато над него. Сѐ уште не го сакав местото и се обидов што е можно побрзо да завршам со истражувањата. Записите и преданијата за Вилијамсови беа во изобилие снабдени од дедо ми, макар што за материјали за Орневи морав да зависам од вујко ми Волтер, кој ми ја стави на располагање содржината на сите негови досиеја, вклучувајќи забелешки, писма, исечоци, завештанија, фотографии и минијатури.
Низ претурањето на писмата и сликите од страната на Орневи беше бев почнал да се стекнувам со некаков ужас од сопствениот ми бабалак. Како што кажав, баба ми и вујко ми Даглас од секогаш ме беа вознемирувале. Сега, долги години после нивното починување, се пулев во нивните сликани лица со мерливо повишено чувство на одбивност и вонземност. Прво не можев да ја разберам промената, но постепено ужасен вид на споредба почна да ми се наметнува во потсвесниот ум и покрај настоивото одбивање на мојата свест да признае дури и најмал сомнеж за него. Јасно беше дека типичниот израз на овие лица сега укажуваше нешто што не беше укажувал претходно - нешто што ќе доведеше до потполна паника ако човек преотворено размислува за него.
Но најлошиот потрес дојде кога вујко ми ми го покажа накитот на Орневи во еден банкарски сеф во градот. Некои од предметите беа мошне деликатни и вдахновни, но имаше една кутија со чудни стари парчиња во наследство од мојата мистериозна прабаба коишто вујко ми беше скоро колеблив да ги покаже. Биле, рече, со многу гротескен и скоро одбивен дезен и колку што знаеше тој никогаш не биле носени во јавност; макар што на баба ми ѝ било убаво да ги гледа. Магливи легенди за несреќа се имале нагроздено околу нив и француската гувернанта на прабаба ми беше рекла дека не треба да се носат во Нова Англија, макар што било мошне безбедно да се носат во Европа.
Како што вујко ми почна споро и нерадо да ги одвиткува нештата ми нагласуваше да не се потресувам од чудноста и честата одвратност на дезените. Уметниците и археолозите кои ги имале видено зајавиле дека изработката им е врвно и егзотично беспрекорна, но никој не бил способен да го одреди нивниот точен материјал или да ги распредели во некој конкретен уметнички правец. Имаше две белезици, тијара и некаква огрлица; од коишто последнава имаше во висок релјеф извесни фигури со скоро неподнослива преувеличеност.
За време на ова опишување цврсто си ги имав зауздано чувствата, но моето лице мора да ми ги беше издало растечните стравови. Вујко ми изгледаше загрижен и запре со одвиткувањето да ми ја проучи ликата. Му дадов знак да продолжи, како што и направи со обновени знаци на нерадост. Се чинеше дека очекува некакво противдејство кога првото парче - тијарата - стана видливо, но се сомневам дека го очекуваше баш она што всушност се случи. И јас не го очекував, зашто мислев дека сум темелно предупреден во врска со тоа каков ќе биде накитот. Она што го направив е да тивко ја загубам свеста, исто како и во оној грмушкозапушен ископ една година претходно.
Од тој ден натаму животот ми стана кошмар на намрштеност и растревоженост и не знам колку е одвратна вистина, а колку лудило. Прабаба ми беше била Марш од непознато потекло чиј маж живеел во Аркам - и зар не рече стариот Задок дека ќерката на Обед Марш од чудовишна мајка била омажена за некој човек од Аркам со некоја ујдурма? Што беше тоа што стариот сурлаџија го промрморе за сличноста на моите очи со тие на капетан Обед? И во Аркам кустосот ми кажа дека сум ги имал правите Маршови очи. Зар Обед Марш ми беше пра-прадедо? Тогаш која - или што - ми беше пра-прабаба ми? Но можеби сето ова беше лудило. Тие бело-златни китила можеле лесно да се купени од некој инсмотски морнар од таткото на мојата прабаба кој и да бил тој. И тој поглед во зјапнатооките лица на баба ми и самоубиениот вујко можеби беше чиста замисла од моја страна -- чиста замисла, потпомогната од инсмотската сенка којашто толку мрачно ја имаше обоено мојата мечта. Но зошто вујко ми се беше самоубил по прародовската потрага во Нова Англија?
Повеќе од две години се борев против овие промислувања со делумен успех. Татко ми ми обезбеди место во осигурителна фирма и се закопав во секојдневие колку што можев подлабоко. Во зимата во 1930-31, меѓутоа, започнаа соништата. Беа многу ретки и подмолни на почетокот, но се зголемија во честост и живописност како што врвеа неделите. Големи водени простори се отвараа пред мене и ми се чинеше како да скитам низ титански потонати колонади и лавиринти на плевелести киклопејски ѕидови со гротескни риби како мои придружници. Тогаш почнаа да се појавуваат другите форми, исполнувајќи ме со безимен ужас во мигот кога ќе се пробудев. Но за време на соништата воопшто не ме ужаснуваа - бев едно со нив; ги носев нивните нечовечки китила, чекорев по нивните подморски сокаци и се молев чудовишно во нивните злобни морскокоритни храмови.
Имаше многу повеќе одошто можев да се сетам, но дури и она на што се сеќавав секое утро беше доволно да ме обележи како лудак или гениј ако некогаш се осудев да го запишам. Некое стравотно влијание, осеќав, намераваше постепено да ме одвлече од здраворазумниот свет на пријатен живот во неименливи понори на црнина и вонземност и постапката тешко ме обременуваше. Здравјето и изгледот постепено ми се влошуваа, додека најпосле не бев приморан да ја напуштам работата и да го присвојам прикованиот, повлечен живот на инвалид. Некое несекојдневно нервно пореметување ме имаше во заграб и повремено се наоѓав во состојба да скоро и да не можам да ги затворам очите.
Тогаш почнав да го проучувам огледалото со сѐ поголема растревоженост. Спорите опустошувања на болестите не се пријатна глетка, но во мојот случај имаше нешто попроникливо и позагадочно во позадина. И татко ми се чинеше дека го забележува, зашто започна да ме гледа сперливо и скоро уплашено. Што настапуваше во мене? Можно ли беше да почнувам да наликувам на баба ми и вујко ми Даглас?
Една ноќ имав стравотен сон во којшто ја сретнав баба ми под морето. Живееше во светлозрачна палата со многу тераси, со градини на чудни лепрозни корали и гротескни разгранети ефлоресценции и ми посакуваше добредојде со топлина којашто можеби беше зајадлива. Се имаше сменето - како оние кои кинисуваа под вода што се менуваат - и ми кажа дека никогаш не умрела. Наместо тоа, беше заминала до некоја точка за којашто беше научил нејзиниот мртов син и беше скокнала во царство чии чудесии - судени и за него - тој ги беше одбегнал со зачаден пиштол. Ова требало да биде и мое царство - не можев да избегам од него. Никогаш немало да умрам, туку ќе живеам со оние кои беа живееле уште пред човекот да прооди по земјата.
Го запознав и тоа што беше било нејзината баба. Осумдесет илјади години Птх-тхја-л’јаи беше живеела во Ј’ха-нтхлеи и таму си се беше вратила откако Обед Марш умрел. Ј’ха-нтхлеи не бил уништен кога горноземните луѓе беа испукале смрт во водата. Бил повреден, но не уништен. Длабоките никогаш не можеле да бидат уништени, иако палеогената магија на заборавените Стари Великани понекогаш можела да ги сопре. Засега се одмарале; но некој ден, ако се сетат, пак ќе се воздигнат по арачот по кој Големиот Ктхулху бил настрвен. Наредниот пат ќе било град поголем од Инсмот. Планирале да се шират и го довеле она што ќе им помогнело, но сега пак морале да чекаат. За тоа што сум ја донел смртта на горноземните луѓе сум морал да се искупам, но немало да е строго. Ова беше сонот во кој за првпат видов шогот и глетката ме разбуди во ‘ршум од вресоци. Тоа утро огледалото дефинитивно ми кажа дека го бев стекнал инсмотскиот изглед.
Засега се немам застрелано како вујко ми Даглас. Купив автоматски пиштол и скоро го направив чекорот, но извесни соништа ме одвратија. Напнатите крајности на ужас намалуваат и се чувствувам настрано влечен кон непознатите морски длабини наместо да им се плашам. Слушам и правам чудни работи на спиење и се будам со некаков занес наместо ужас. Мислам дека не морам да ја чекам целосната промена како повеќето што чекале. Ако чекам, татко ми сигурно ќе ме затвори во санаториум како мојот сирот братучед што е затворен. Импозантни и нечуени сладости ме чекаат долу и наскоро ќе ги побарам. Иа-Р’лјех! Ктхулху фхтагн! Иа! Иа! Не, нема да се застрелам - нема да сум приморан да се застрелам!
Ќе го договорам бегството на братучед ми од таа лудница во Кантон и заедно ќе одиме до чудесозасенетиот Инсмот. Ќе отпливаме до тој намрштен гребен во морето и ќе се нурнеме низ црни понори до киклопејскиот и многустолбен Ј’ха-нтхлеи и во тоа дувло на Длабоките ќе домуваме среде чудесии и слава засекогаш.