Хипнос - Полиграматон

Хипнос

За С. Л.


„А кога сме кај спиењето, она зловесно доживување од сите наши ноќи, може да кажеме дека луѓето катаден си легнуваат со нахалност која би била несфатлива, да не знаевме дека е происход од непознавање на опасноста.“

- Бодлер


Нека милостивите богови, ако воопшто има такви, ги вардат оние часови кога ни моќта на волјата ни било каква дрога изнедрена од човечката очикленост не може да ме спаси од амбисот на спиењето. Смртта е милостива, зашто од неа нема враќање, но на оној кој се вратил од најадските одаи на ноќта, гровнат и упатен, мир веќе не му се пишува. Што будала ќе да бев, та да ме фати бесот без ничји амин да се втурнам во мистерии кои на никој жив човек не му биле пишани да ги продре; што будала или бог ќе да беше и тој - мојот единствен пријател, кој ме водеше и одеше пред мене и кој на крајот пропадна во стравотии кои може допрва и јас ќе ги дочекам.

Си припомнувам дека се запознавме на една железничка станица, каде што тој беше во центарот на една вулгарно љубознајна толпа. Беше во несвест, одошто имаше паднато од некакво грчење коешто на неговото ситно црнозарубено тело му даваше чудна укоченост. Мислам дека тогаш ѝ се ближеше на четириесеттата година од животот, зашто длабоки црти се гледаа на лицето, жулаво и со испиени образи, но валчесто и всушност прекрасно; и сиви флеки во густата кадрава коса и мала густа брада кои некогаш имале најдлабока врано-црна боја. Челото му беше бело небаре мермер од Пентели и со висина и ширина што беше скоро божествена. Си реков, со сиот кувет на скулптор, дека човеков е фаунска статуа од античката Хелас, ископана од храмови урнатини и некако оживеана во нашава задушлива ера само за да го осети студенилото и притисокот на опустошувачките години. И кога ги отвори огромните, испиени и диво светлечки црни очи знаев дека оттогаш, па натака ќе ми е единствен пријател - единствен пријател на некој кој никогаш дотогаш немал пријатели - зашто видов дека такви очи сигурно во целост се имаат испулено кон големството и теророт на царства надвор од обичната свест и стварност; царства кои ги милував во мечтата, но кои залудно ги барав. Така, како што ја растерував толпата му реков дека мора да го носам дома кај мене и да ми е учител и водич во несознајните мистерии, а тој се кандиса без да каже ни збор. Потоа дознав дека гласот му е музика - музика на длабоки виоли и на билјурни сфери. Често зборувавме низ ноќите и низ дните, додека длабев негови бисти и резбарев минијатурни глави од филдиш за да му ги овековечам различните изрази.

За нашите проучувања, невозможно е да се зборува, зашто имаа толку тенка врска со било што од светот, онаков каков што живите луѓе го восприемаат. Беа од тој поколосален и поодбивен универзум на притулено битисување и свест кој се протега подлабоко од материјата, времето и просторот и чие постоење го насетуваме само во извесни форми на спиење - тие ретки соништа зад соништата кои никогаш не им доаѓаат на обичните луѓе и само еднаш-двапати во животот на мечтавите луѓе. Космосот на нашето будно знаење, роден од еден таков универзум како што меур се раѓа од лулето на дворски шут, го допира него исто колку што и таквиот меур би го допрел својот зајадлив извор кога ќе е вшмукан назад во лулето од хирот на шутот. Учените луѓе саде малку го насетуваат, а најмногу го пренебрегнуваат. Мудри луѓе ги толкувале соништата, а боговите се смееле. Еден човек со ориентални очи беше рекол дека времето и просторот се релативни, а луѓето се смееле. Но дури и тој човек со ориентални очи го има само насетено и ништо повеќе. Јас посакував и се обидував да сторам повеќе од само да го насетам, а пријателот ми се беше обидел и делумно беше успеал. Потоа и двајцата заедно се обидовме и со егзотични дроги надретувавме стравотни и забранети соништа во работната одаја во кулата на стариот велепоседнички имот во ветвиот Кент.

Меѓу теглилата на овие подоцнежни дни е и она челно страдание - неизразливоста. Она што го научив и видов во тие часови на огрешено истражување никогаш не може да се раскаже - одошто фалат симболи или укажувања во било кој јазик. Вака велам бидејќи од прво до последно нашите откритија препрсаа само на природата на осети; осети непоистоветливи со никои впечатоци кои дамарите на обичното човештвото се способни да ги примат. Oсети беа, но во нив лежеа неверојатни елементи на време и простор - нешта коишто во суштина не поседуваат никакво јасно или заклучно постоење. Човечките искази најдобро можат да го пренесат општиот нарав на нашите искуства со тоа што ќе ги наречат кремнисувања или реења; зашто при секој период на откровение некој дел од умот смело ни се откинуваше од сѐ она што е вистинско и присутно, етерично јурејќи по потресни, неосветлени и од страв опседнати понори и повремено парајќи извесни добро обележани и типични пречки опишливи само како вискозни, забутани облаци или чуреи. Во овие црни и бестелни летови понекогаш бевме сами, а понекогаш заедно. Кога бевме заедно, пријателот секогаш беше далеку пред мене; можев да му го сознаам присуството и покрај отсуството на облик преку сој на сликовити сеќавања каде што лицето му се покажуваше пред мене, позлатено од чудна светлина и стравотно во својата бизарна убавина, аномално младешки образи, разгорени очи, олимписко чело и сенишна коса и израсток на брада.

За напредокот на времето не држевме записи зашто времето ни беше станало најбезначајна илузија. Знам само дека со сигурност нешто многу своеобразно имаше замешано прсти, зашто на крајот стасавме да се чудиме зошто не старееме. Муабетот ни беше несвет и секогаш одвратно честољубив - немало ни бог ни демон кој се стремел кон откритија и освојувања како оние кои ние низ шепоти ги кроевме. Морници ме лазат додека вака зборувам за нив и не се осмелувам да сум дециден; макар што ќе кажам дека пријателот ми еднаш на хартија напиша желба којашто не се осмелуваше да ја изусти со јазик и која ме натера да ја изгорам хартијата и преплашено да погледнам низ прозорецот кон пулејкосаното ноќно небо. Ќе загатнам - само ќе загатнам - дека имаше умисли поврзани со владетелство над видливиот универзум, а и повеќе; умисли од коишто земјата и ѕвездите би се движеле кога тој ќе им заповеда и судбините на сите живи нешта би биле негови. Давам збор - се колнам - дека немав удел во овие екстремни стремежи. Сѐ што пријател ми можеби кажал или запишал, а што наведува на спротивното, мора да е неточно, зашто јас немам сила да ризикувам неспоменливи џенгови низ неспоменливи сфери преку коишто единствено може да се постигне успех.

Имаше една ноќ кога ветришта од непознати семири неодоливо нѐ одвиореа до безгранични вакууми зад сета мисла и битисување. Восприемања од најизлудувачки непренослив сој навалија врз нас; восприемања на бесконечност кои во тоа време нѐ згрчуваа од радост, но коишто сега ми се делумно изгубени во сеќавањата и се делумно неможни да се претстават на други. Вискозни пречки беа секавично распарани една по друга и најнакрај осетив дека сме донесени до царства на поголема отсеченост од сите оние кои дотогаш ги познававме. Пријателот ми беше каде-каде понапред од мене додека се нурнувавме во овој чудесен океан на девствен етер и можев да ги видам зловесните ликувања на неговото лебдечко, светлечко, премладешко спомен-лице. Одненадеж тоа лице се притули и бргу исчезна и за кусо време се најдов метнат врз пречка која не можев да ја продрам. Беше како и другите, но сепак непресметливо погуста; леплива, немлива маса, ако такви термини можат да се применат за рамнообразни особини во една нематеријална сфера.

Осетив дека сум запрен од препрека којашто мојот пријател и водич успешно ја беше поминал. Борејќи се одново, стигнав до крајот на сонот на дрогата и ги отворив физичките очи кон работната соба во кулата во чијшто спротивен ќош беше испружена бескрвната и сѐ уште онесвестена форма на мојот сосонувач, бизарно дрпава и разуздано прекрасна додека месечината му лееше златно-зелена светлина врз мермерните црти. Потоа, по краток временски отсек, формата во ќошот се размрда; и нека сожалосната небеса не даде да уште еднаш очи ми видат и уши му чујат работа како онаа што се случи пред мене. Не можам да ти кажам како се издра или какви видици на непосетливи пеколи светнаа за миг во црните очи излудени од уплав. Можам само да речам дека се онесвестив и не се помрднав сѐ додека тој самиот не си дојде на себеси и не ме протресе, здивено барајќи некој да му ги одврати ужасот и пустошот.

Тоа му стави крај на нашите доброволни тарашкања низ сонишни пештери. Запрепастен, потресен и полн со предзначност, пријателот ми кој ја беше поминал препреката ме предупреди дека веќе никогаш не смееме да стапнеме во тие царства. Она што го беше видел, не се осмелуваше да ми го каже; но од наученото рече дека сме морале да спиеме колку што е можно помалку, дури и ако ни е потребна дрога за да останеме будни. Дека беше во право, дознав бргу од неизустивиот страв кој ме проголтуваше секојпат кога ќе ми секнеше свеста. По секое кратко и неизбежно спиење изгледав постар, додека пријателот ми старееше со секавичност што беше скоро потресна. Одвратно е да гледаш како се формираат брчки и како белее коса скоро пред твои очи. Животниот режим сега ни беше потполно видоизменет. Колку што знаев, до пред скоро беше бил самотник - одошто вистинското име и потекло никогаш не му поминаа низ усните - но пријателот сега почна да поулавува од страв од самотија. Навечер одбиваше да е сам, ниту, пак, друштвото на само неколкумина можеше да го смири. Наоѓаше пала единствено во пирување од најопшт и најорен тип; па така имаше малку збирки на млади и шенливи луѓе кои не ни беа познати. Нашиот изглед и возраст се чинеше дека во повеќето случаи возбудува потсмев којшто остро го презирав, но којшто пријателот го сметаше за помало зло од самотијата. Посебно се плашеше да е излезен сам на отворено кога сјаеа ѕвезди, и ако беше принуден на ваква состојба често крадешкум фрлаше поглед кон небото небаре ловен од некое чудовишно нешто оттаму. Не секогаш го фрлаше погледот кон истото место на небото - се чинеше дека се пули на различни места во различни времиња. При пролетни вечери ниско на североисток. Налето скоро веднаш над себеси. Наесен на северозапад. Во зима на исток, но најчесто во ситните утрински саати. Средозимните вечери му се чинеа како најнестравотни. Дури по две години си го поврзав овој страв со нешто конкретно; но потоа почнав да сфаќам дека мора да гледа кон некоја посебна точка на небесниот свод чија позиција во различни времиња соодветствува на правецот на неговиот поглед - точка грубо одбележана од соѕвездието Северна Круна.

Сега имавме ателје во Лондон, никогаш не разделувајќи се, но и никогаш не разговарајќи за деновите кога се стремевме да длабиме во мистериите на невистинскиот свет. Бевме престарени и ослабени од дрога, пустикуќлук и живчани напрегања и испопаднатата коса и брада на пријателот му станаа снежнобели. Нашата ослободеност од долги спиења беше изненадна, зашто ретко кај ѝ потклекнувавме на повеќе од саат или два саати време на сенката којашто сега имаше прераснато во толку стравотна закана. Тогаш дојде еден јануар на магла и дожд, кога нѝ снема пари и кога дрогата не се купуваше лесно. Статуите и филдишните глави сите ми беа продадени и немав со што да купам нов материјал или енергија да го изработам дури и ако го поседував. Стравотно страдавме и една извесна ноќ пријателот ми потона во длабокодишен сон од којшто не можев да го разбудам. Пред очи ми е сцената - пустото, црнотемно мансардно ателје под стреите со дождот што лупаше; чукањето на единствениот ѕиден часовник; пристореното чукање на рачните часовници положени врз тоалетата; крцкањето на некој разнишан капак на прозорец во некој отсечен дел од куќата; извесни далечни градски призвуци придушени од магла и простор; и најлошо од сѐ, длабокото, мирно, зловесно дишење на пријателот на диванот - ритмичко дишење кое се чинеше како да држи такт со моменти на натприроден страв и теглило во неговата душа додека таа му талка во сфери што се забранети, незамислени и одвратно отсечени.

Напнатоста на бдеењето ми стана потисна и дива низа на банални впечатоци и поистоветувања ми се гужваше низ скоро растроениот ум. Од некаде чув како ѕвони часовник - не нашиот, зашто тој не беше со ѕвоно - и морбидната мечта во ова ми изнајде нова појдовна точка за напразни думежи. Часовници - време - простор - бесконечност - и потоа мечтите ми се повратија до непосредната околина додека промислував како во тој миг, од другата страна на покривот и маглата и дождот и атмосферата, Северната Круна се издига на североисток. Северната Круна од којашто пријателот ми се чинеше како да има уплав и чии светулкави полукругови на ѕвезди дури и во овој миг сигурно недогледно светат низ неизмерливите понори на етерот. Наеднаш моите грозничаво чувствителни уши како да уочија нова и потполно посебна состојка во тихиот сплет на дрогозасилени звуци - ниско и проклето настојчиво кенкање од голема далечина; бучење, галамење, потсмевање, викање од североисток.

Но не беше далечното кенкање она што ми ги отме сите способности и ми положи врз душата таков печат на уплав каков што никогаш во животта не би можел да ми се отстрани; ниту она што ги изнуди вриштењата и побуди грчевите кои ги натераа состанарите и полицијата да ми ја обијат вратата. Не беше работата во она што го чув, туку во она што го видов; зашто во таа мрачна, заклучена, заклопена и завесена соба од црниот североисточен ќош се појави сноп ужасна црвено-златна светлина - сноп кој не носеше со себе сјај за да ја распрсне темнината, туку единствено беше втренчен во спружената глава на намачениот спијач, истакнувајќи го како одвратен дупликат светлечкото и чудно младешко спомен-лице како што го бев знаел во соништата за безгазерни семири и разоглавено време, кога пријателот се имаше промолкнато преку препреката до тие тајни, најдлабоки и забранети пештери на кошмар.

И како што се пулев, видов како главата се подига, како црните, растечени, длабоко испиени очи се отвораат во уплав и како тенките, засенети усни се разделуваат небаре за вресок престравотен за да се изусти. Таму, во тоа грозоморно и растегливо лице, како што светеше бестелесно, светлечко и подмладено во црнината, тлеееше повеќе чист, струпан, мозокоразбивачки страв одошто сето небо и сета земја некогаш ми имаат откриено. Не беше кажан ни збор среде далечниот звук кој сѐ повеќе и повеќе се приближуваше, но како што го проследив излудениот поглед на спомен-лицето долж тој клет сноп светлина сѐ до неговиот извор, изворот од каде што доаѓаше и кенкањето и јас на еден момент го видов она што и тоа го гледаше и со заглушени уши кремнисав во тој налет на вриштење и епилепсија кој ги доведе состанарите и полицијата. Никогаш не би можел, колку и да се обидувам, да кажам што всушност беше она што го видов; ниту мирното лице можеше да каже, зашто иако сигурно беше видело повеќе одошто јас, никогаш веќе нема да прозбори. Но јас засекогаш ќе се вардам од потсмешливиот и ненаситен Хипнос, владарот на сонот, од ноќното небо, и од лудото честољубие на знаењето и филозофијата.

Што точно се случи е непознато, зашто не само што мене умот ми беше уборен од тоа чудно и одвратно нешто, туку и другите беа наглотени од бунило кое не може, а да не е лудило. Рекоа, не знам поради која причина, дека никогаш сум немал пријател, туку дека уметноста, филозофијата и лудилото ми го исполнувале сиот мој трагичен живот. Состанарите и полицијата вечерта ме успокоија и докторот ми даде нешто за да ме смири, ниту некој виде каков кошмарен настан се имаше случено. Мојот погоден пријател не им пробуди жалост во срцата, но она што го најдоа на диванот во работната соба беше причина да од нив добијам пофалби од коишто ми се згади, а сега и слава којашто ја котлосувам во очај додека со часови седам, ќелав, сивобрад, збабарен, фатен, дрогоизлуден и скршен, обожувајќи го и молејќи му се на предметот што го најдоа.

Зашто одрекуваат дека сум ги продал скулптурите до последна и во занес покажуваат кон нештото кое сјајниот сноп светлина го остави студено, скаменето и неглаголиво. Тое е сѐ што има останато од пријателот ми, пријателот кој ме поведе до лудило и разгром; боголика глава од мермер каков што само стара Хелас би можела да даде, млада со младост која е надвор од времето и со стројно брадато лице, свиени, насмеани усни, олимписко чело и густи прамени кадрави и крунисани со афион. Велат дека тоа трогателно спомен-лице е извајано според моето, какво што ми било кога сум бил на дваесет и пет години, но врз мермерната основа врежано е само едно име во буквите на Атика - ’ΥΠΝΟΣ.