Нјарлатотеп - Полиграматон

Нјарлатотеп


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


Нјарлатотеп... ползечкиот понор... уште јас останав... ќе ѝ раскажам на начулената небиднина.


Не се сеќавам кога точно почна, но пред многу месеци беше. Општата напнатост беше ужасна. На сезоната на политичко и социјално воздигање ѝ беше додаден чуден и смуртен беспокој на грозна телесна опасност, пространа и севбројувачка опасност, онаква опасност каква што може да се замисли само во најстрашните привиденија на ноќта. Се сеќавам како луѓето шетаа со бледи и загрижени лица и шепотеа предупредувања и пророштва што никој не се осмелуваше свесно да ги повтори или да си признае дека ги чул. Чувство на чудовишна грижа ја имаше зафатено земјата и од бездните меѓу ѕвездите шибаа ладни струи кои ги стресуваа луѓето во темните и осамени места. Имаше некоја демонска измена во редоследот на годишните времиња - есенската жештина стравотно тлееше и сите чувствуваа како светот, или можеби и универзумот, да беше преминал од командата на познати богови или сили во команда на богови или сили кои се непознати.

И во тоа време Нјарлатотеп излезе од Египет. Кој беше, никој не знаеше да каже, но беше од староседелска лоза и изгледаше како фараон. Феласите паѓаа на коленици штом ќе го видеа, но и самите не знаеја зошто. Рече дека се издигнал од црнината на дваесет и седум векови и дека чул пораки од места што не се од оваа планета. Во земјите на цивилизацијата Нјарлатотеп пристигна, мургав, мршав и морничав, постојано купувајќи чудни орудија од стакло и метал и спојувајќи ги во орудија што беа уште почудни. Многу зборуваше за науката - за струја и психологија - и приредуваше моќни претстави од коишто посетителите си одеа занемени, а коишто до неверојатни размери му ја подуја славата. Луѓето се советуваа еден со друг да го видат Нјарлатотеп додека по грбот им лазеа морници. И каде што Нјарлатотеп одеше, одморот исчезнуваше, зашто ситните саати беа расцепени од кошмарни врескања. Никогаш пред тоа кошмарните врескања не беа биле толку голем јавен проблем, до толку што старешините посакуваа да можат да го забранат сонот во ситните саати, за да градските крикови не би ја вознемирувале толку ужасно бледата, кутра месечина, која светкаше врз зеленити води разлеани под мостовите и стари кули што се ронеа под болежливото небо.

Се сеќавам кога Нјарлатотеп дојде во мојот град - големиот, стар, ужасен град на неброени злодела. Пријателот ми кажа за него и за присилниот восхит и примамливост на неговите откровенија, па почнав да горам од нетрпеливост за да ги истражам неговите најдлабоки мистерии. Пријателот ми рече дека биле поужасни и повпечатливи од најгрозничавите мои замисли и она што било фрлено врз екранот во затемнетата соба претскажувало работи коишто никој, освен Нјарлатотеп, не се осмелил да ги претскаже, а од прскањето на неговите искри на луѓето им се земало она што дотогаш никогаш не им се беше зело, а што им се гледало само во очите. И слушнав како нашироко се загатнува дека тие што го запознале Нјарлатотеп виделе глетки какви што другите не можеле да видат.

Беше жешка есен кога во ноќта заедно со немирната толпа појдов да го посетам Нјарлатотеп, низ запурната ноќ, па нагоре по бескрајните скали до безвоздушната соба. И опсенети врз екранот видов наметнати облици сред рушевини и жолти злобни лица како се ѕверат од зад паднати споменици. И го видов светот како се бори против црнината, против уништувачките бранови од врвната вселена, разлевајќи се, матејќи се, мачејќи се околу затемнатото, разладено сонце. Потоа искрите неверојатно се разиграа над главите на гледачите и влакна се кострешеа додека сенки, поодбивни одошто можам да опишам, излегоа и се скрстија врз главите. И кога јас, кој бев поладен и понаучен од другите, промрморев пелтечав приговор за „измама“ и „статичен електрицитет“, Нјарлатотеп сите нѐ избрка, прудолу по стрмните скали, до спурнатите, жешки, напуштени полноќни улици. На цел глас вреснав дека не се плашам, дека никогаш нема да ме уплаши, а и другите, како во утеха, врескаа со мене. Се колневме меѓу нас дека градот беше и понатаму истиот и дека сѐ уште беше жив и кога електричните светла започнаа да бледеат, по сто пати ја преколнувавме електричната компанија и им се смеевме на настраните лица што ги правевме.

Мислам дека сетивме нешто како слегува од зеленкастата месечина, бидејќи кога почнавме да зависиме од нејзината светлина, се разделивме во чудни ненамерни формации на чекорење и како да си ги знаевме одредиштата макар што не се осмелувавме да помислиме на нив. Ја погледнавме калдрмата и забележавме дека коцките се разлабавени и разместени од треви, со едвај една тенка за’рѓана метална линија да се подава каде што беше врвел трамвајот. Потоа видовме трамвајски вагон, осамен, беспрозорен, трошен и скоро превртен. Кога се распуливме низ хоризонтот, не можевме да ја најдеме третата кула крај реката и забележавме дека силуетата на втората кула беше разјадена на врвот. Потоа се разделивме во тесни колони од коишто секоја се чинеше дека се упатува кон различна насока. Една исчезна во една тесна уличка лево, оставајќи зад себе само одек на потресно стенкање. Друга се спушти во еден диво обраснат влез на подземната железница, виејќи од смеа која беше луда. Мојата колона беше всисана кон отворените полиња и одеднаш почувствував студ кој не доаѓаше од жешката есен, бидејќи како што излеговме лунѕајќи врз темното мочуриште, ги здогледавме околу нас пеколните месечеви отсајувања на злобни снегови. Непроодни, необјасниви снегови, одвеани само во еден правец, каде што лежеше залив чии блескави ѕидови го правеа уште поцрн. Колоната изгледаше многу тесна додека заспано се ганѕаше кон заливот. Јас заостанав последен, бидејќи црниот процеп во зелено осветлениот снег беше застрашувачки и ми се пристори како да ги чув одекнувањата на некое обеспокојувачко лелекање додека моите сопатници ги снемуваше, но желбата да се задржам тука ми беше мала. Небаре повикан од оние кои заминаа пред мене, како да лебдев сред титанските снежни намети, тресејќи се и плашејќи се, кон недогледниот вртлог на незамисливото.

Врескаво сознателен, занемено занесен, само боговите што беа можат да кажат. Згадена, осетлива сенка превртувајќи се во раце што не се раце и слепо профучувајќи крај грозоморни полноќи на гнилa творбa, лешеви на мртви светови со рани што некогаш биле градови, костурничарски ветрови што ги стружат избледените ѕвезди и им го задушуваат блесокот. Зад световните нејасни духови на чудовишни нешта, полу-видени столбови на неосветени храмови што лежат врз безимени карпи под вселената и посегнуваат кон вртоглавите вакууми над сферите на светлина и темнина. И низ овие одбивни гробишта на универзумот, пригушените, избезумувачки удирања на тапани и пискавото, еднолично кенкање на богохулни флејти од незамисливи, неосветлени одаи надвор од времето, презирното лупање и пиштење на коешто бавно, тромаво и апсурдно играат џиновските, сури врвни богови - слепите, неми, безумни грозотии чија душа е Нјарлатотеп.