На високо, крунисувајќи го тревниот капец на едно вишно брдо чии косини на основите се пошумени со вргавите дрвја на првобитната шума, се издига стариот замок на моите предци. Со векови вишните градобрани му се беа мрштеле на дивиот и нерамен селски предел од околината, служејќи ѝ како дом и крепост на гордата куќа чија честита лоза е постара дури и од мовообраснатите ѕидини на замокот. Овие древни торети, исфлекани од бурите на долги поколенија и сронети од спориот, но непотислив притисок на времето, во добите на феудализмот формирале една од најфрасните и најнепристапни тврдини во сета Франција. Од машикулираните парапети и обружени градобрани им се пркосело на барони, грофови, па дури и на кралеви, а сепак просторните сали одвнатре никогаш не одекнувале од чекорите на окупаторот.
Но од тие славни години досега сѐ се има сменето. Сиромаштија едвај надвор од границата на очајна беда, заедно со гордост кон семејното име која забранува вршење трговски дејности за ублажување на таа беда, ги беше спречила ластарите на нашата лоза да ја одржат беспрекорната велелепност на нивните имоти; па камењата откршени од ѕидовите, обраснатото зеленило во парковите, сувиот и правлив ров, лошопоплочените дворишта и климави кули однадвор, како и провиснатите подови, црвјосани ламперии и избледени таписерии одвнатре, заедно раскажуваат стушена сказна за загубена великост. Како што врвеле добите, прво една, а потоа друга од четирите торети биле оставени да се распаднат, додека најпосле не останала само една кула да ги засолнува тажно намалените потомци на некогашно силните владари на имотот.
Во една од масивните и стушени одаи во оваа преостаната кула се случи да јас, Антоан, последниот од несреќното и клето семејство Комт де К--, за првпат дојдам на свет, пред деведесет долги години. Во овие ѕидови и среде мрачните и сенишни шуми, дивите пропасти и шуплините на ридските падини одоздола, ми беа поминати првите години од мојот намачен живот. Родителите никогаш не си ги запознав. Татко ми беше убиен на триесет и две години, еден месец пред да се родам, од падот на камен кој некако се одглавил од напуштените парапети на замокот; а одошто мајка ми беше умрела кога ме раѓаше, грижата за мене, заедно со образованието, му принадлежнаа единствено на последниот останат прислужник, еден стар и доверлив човек со значителна интелигенција, чие име го паметам како Пјер. Бев единец и недостигот на придружништво којшто овој факт ми го наложи беше појачан од чудната грижа којашто мојот престарен старател ја применуваше отсечувајќи ме од општеството на селските деца чии домовини беа раштркани наваму-натаму врз рамнините коишто го опкружуваа подножјето на ридот. Во тоа време, Пјер велеше дека оваа забрана ми била наметната бидејќи моето благородничко потекло значело дека општење со таква плебејска дружина ми е под честа. Сега знам дека вистинската цел беше да се држат понастрана од мои уши портарските приказни за фрасната клетва врз нашата лоза, кои катавечерно беа раскажувани и дуени од простите закрепостени селани додека со стишени гласови си муабетеа на светлоста на огништата во нивните куќарки.
Вака изолиран и приморан да сам си барам разоноди, ги минував часовите од детството претурајќи низ древните томови кои ја исполнуваа од сенки опседнатата библиотека во замокот и талкајќи без цел или умисла низ непрестајниот примрак на призрачната корија која ја зарубува ридската косина близу подножјето. Можеби беше учинок на ваквите опкружувања тоа што умот уште рано ми придоби опсен на меланхолија. Оние проучувања и преокупации кои препсаа на мрачното и окултното во природата најсилно ми го обземаа вниманието.
За моето племе ми беше дозволено да научам своеобразно малку, но она малку знаење со коешто успеав да се здобијам, се чинеше како многу да ме потиштува. Можеби на почетокот само олицетворената неволност на мојот стар просветител да го дискутира со мене татковскиот ми бабалак беше она што го вроди уплавот кој вечно го чувствував кога ќе се спомeнеше мојата велика куќа; но кога го одраснав детинството успеав да склопам неповрзани одломки муабет, испуштени од неволниот јазик којшто беше почнал да го издава стопанот во старинската му изматуфеност, кои имаа некаква врска со извесна околност којашто отсекогаш ми се чинеше чудна, но којашто сега ми постана притулено застрашувачка. Околноста на којашто алудирам се младите години на коишто сите грофови од мојата лоза ги беше снашло скончилото. Иако дотогаш ова го сметав само за некаква природна одлика на семејство кусоживотни луѓе, покасно почнав многу да му ја мислам за овие предвремени смртни случаи и почнав да ги поврзувам со бладањата на старецот, кој често зборуваше за некоја клетва којашто со векови ги беше спречувала животите на поседувачите на мојата титула да значително го прекардашат распонот од триесет и две години. На мојот дваесет и прв роденден, престарениот Пјер ми даде еден семеен документ којшто рече дека долги поколенија се предавал од татко на син и така натаму со секој стопан. Содржината му беше со најпотресна природа и неговото разлистување ми ги потврди најтревожните стравувања. Во ова време вербата во натприродното ми беше цврста и коренита, инаку напизмено ќе го обезвреднев неверојатниот расказ што ми се распосла пред очи.
Листот ме врати во дните на тринаесеттиот век, кога стариот замок каде што седев беше бил страшна и неосвојлива тврдина. Раскажуваше за некој извесен древен човек којшто домувал на нашиот имот, личност со мошне значајни животни достигнувања, макар што по класа едвај бил погоре од селанец; по име Мишел, особено именуван со презимето Мове, Злиот, поради неговиот зловестен углед. Беше учел повеќе одошто било обичај меѓу неговите, трагајќи по нешта како Каменот на мудроста или Еликсирот на вечен живот и се велеше дека бил изучен во стравотните тајни на црната магија и алхемијата. Мишел Мове имал еден син, по име Шарл, младич исто онолку отракан во скришните уметности колку и тој самиот и кој затоа го викале Ле Сорсиер, или Волшебникот. Оваа двојка, од којашто бегале сите чесни луѓе, била осомничена за најодвратни чинови. За стариот Мишел се велело дека ја изгорел жената си жива како жртва за Ѓаволот, а необјаснивите исчезнувања на многу мали селски деца фрасно биле препишувани на овие двајца. Сепак, низ мрачните природи на таткото и синот се провлекувал еден искупувачки зрак на човечност; злобниот старец си го сакал породот со жестока јачина, додека младичот кон родителот негувал многу повеќе од вообичаена синовска наклонетост.
Една ноќ, замокот на ридот бил фрлен во најразуздана саштисаност поради исчезнувањето на младиот Годфри, синот на грофот Анри. Трупа барачи, предводена од поулавениот татко, ја сардисала куќарката на волшебниците и таму го затекнале стариот Мишел Мове, зафатен над некаков огромен, силно расклокотен котел. Без никаква причина, среде нескротливата лудост поттикната од јарост и очај, грофот го зграпчил престарениот волшебник и пред да го отпушти крвничкиот стисок, неговата жртва веќе не била меѓу живите. Во меѓувреме, радосни слуги го огласиле пронаоѓањето на младиот Годфри во некоја далечна и неупотребувана одаја во големото здание, прекасно предочувајќи дека сиротиот Мишел бил убиен на правдина. Додека грофот и неговите придружници се оддалечувале од скромната домовина на алхемичарите, формата на Шарл Ле Сорсиер се појавила меѓу дрвјата. Возбуденото брборење на измеќарите коишто се врткале наоколу му раскажало што се беше случило, но тој отпрвин изгледал нетрогнат од судбината на татко му. Потоа, полека приближувајќи се до лицето на грофот, во тап, но стравотен тон ја изрекол клетвата којашто оттогаш вечно ја прогонува куќата на К--.
„Ниеден велемож од крвничкиот ти сој
да не ги надживее годините твои!“
рекол, кога, ненадејно рипајќи наназад кон црната корија, од туниката извлекол шишенце со безбојна течност што го фрлил во лицето на крвникот на татко му, исчезнувајќи зад мастилниот превез на ноќта. Грофот умрел без да изусти збор и бил погребан наредниот ден, едвај повеќе од триесет и две години од саатот на неговото раѓање. Од убиецот не можело да се најде ни трага, иако непокорни тајфи селани ја чешлале соседната корија и ливадите околу ридот.
Така, времето и немањето потсетници го избледиле сеќавањето за клетвата во умовите на семејството на покојниот гроф, па кога Годфри, невиниот причинител на целата трагедија, а сега носител на титулата, ловејќи бил убиен од стрела, на триесет и две годишна возраст, немало други мисли освен оние на жалост за неговата кончина. Но, кога, години покасно, следниот млад гроф, по име Робер, бил најден мртов во некое поле во близина без никаква очигледна причина, селаните шепотејќи раскажувале дека сениорот штотуку го беше прославил триесет и вториот роденден кога бил изненаден од предвремена смрт. Луј, синот на Робер, бил најден удавен во ровот на истата кобна возраст, и така течеле судните летописи низ вековите; Анри, Робер, Антоан и Арманд, грабнати од среќните и доблесни им животи на возраст саде малку помала од онаа на несреќниот им предок при неговото убиство.
Тоа дека најмногу ми преостануваа уште единаесет години понатамошно постоење ми беше потврдено од зборовите коишто ги прочитав. Животот, дотогаш само половично ценет, сега секој ден ми стануваше сѐ подрагоцен, додека длабев сè подлабоко и подлабоко во мистериите на скриениот свет на црна магија. Како што бев изолиран, современата наука ми немаше оставено голем впечаток и работев небаре сум во средниот век, обземен како и стариот Мишел и младиот Шарл на времето, на стекнување на демонолошки и алхемичарски сознанија. Сепак, колку и да читав, на никој начин не можев да ја оправдам чудната клетва врз мојата лоза. Во невообичаено рационалните мигови, одев до тие крајности да би барал природно објаснување, препишувајќи ги прераните смртни случаи на моите предци на зловесниот Шарл Ле Сорсиер и неговите наследници; но откако по внимателна истрага открив дека нема познати потомци на алхемичарот, повторно им се навратив на окултните проучувања и пак се залагав да најдам вражба што ќе ми ја ослободи куќата од застрашувачкото бреме. Во една работа бев апсолутно решен. Никогаш нема да се оженам, зашто, бидејќи не постоеја други гранки од моето семејство, така можев со себе да ја окончам и клетвата.
Како што се приближував до триесет години, стариот Пјер беше повикан од отаде свет. Го закопав сам, под камењата на двориштето низ коешто толку сакаше да талка во животта. Така останав сам да му ја мислам, како единствено човечко суштество во големата тврдина, и во мојата крајна самотија, умот почна да ми го запира залудното противење на претстојната пропаст и скоро да се помирува со судбината којашто ги беше снашла толку многу мои предци. Голем дел од времето сега ми беше посветено на истражување на разрушените и напуштени сали и кули на стариот замок, кои во младоста стравот ме беше терал да ги избегнувам и од коишто во некои, стариот Пјер еднаш ми беше раскажал, човечка нога не беше стапнала повеќе од четири векови. Чудни и застрашувачки беа многу од предметите со коишто се сретнав. Покуќнина, прекриена со вековна прашина и разронета од трулеж на долгогодишен нем, ми излезе пред очи. Паежини во обилност каква што дотогаш не сум беше видел беа сплетени насекаде и огромни лилјаци пафтаа со ковчестите и своевидни крила од сите страни на инаку ненаселената мрачнина.
За мојата точна возраст, до најсамоти ден и час, водев највнимателни записи, зашто секое движење на нишалото на масивниот ѕиден часовник во библиотеката ми откинуваше по едно парченце од осуденото постоење. Најнакрај наближа она време кон коешто толку долго гледав со толкава тревожност. Бидејќи повеќето од моите предци биле сотрени недолго пред да ја достигнат истата возраст на грофот Анри при неговото скончило, секој миг бев на штрек за доаѓањето на непознатата смрт. Во каков чуден облик ли ќе ме втаса клетвата, не знаев; но бев решен, барем, да не ме затекне како кукавичка или пасивна жртва. Со нов елан се посветив на испитувањето на стариот замок и неговата содржина.
Бидна да на еден од најдолгите од сите мои излети за откривање на напуштениот дел на замокот, помалку од недела пред тој кобен час за којшто чувствував дека мора да ја означува најкрајната граница на мојот престој на земјата по којашто не можев да имам ни најмала надеж да продолжам да црпам здив, наидам на апогејот на сиот мој живот. Поголемиот дел од утрото го бев поминал качувајќи се угоре-удолу по полусрушените скалишта во една од најдотраените стари торети. Како што врвеше попладнето, тргнав кон пониските нивоа, спуштајќи се во нешто што личеше или на средновековно место за апс, или понеодамнешно ископано складиште за барут. Како што полека врвев по со шалитра закоравениот ходник на подножјето на последното скалиште, плочникот стана многу немлив и наскоро на светлината на мижуркавиот факел видов дека некаков празен, водоисфлекан ѕид ми го попречува патувањето. Вртејќи се да се вратам од кај што бев дошол, в око ми падна една мала подна врата со обрач, којашто ми лежеше веднаш под стапалата. Застанувајќи, успеав да ја подигнам со тешкотија, при што се откри црн зјај кој фати да испарува дегутантни димови од коишто факелот почна да ми прпори и кој во растреперениот блесок го откриваше врвот на камени скали. Штом факелот, којшто го спуштив во одбивните длабини, пак убаво и мирно се разгоре, започнав со спустот. Скалите беа многубројни и водеа до тесен, каменокалдрмисан премин за којшто знаев дека мора да е длабоко подземи. Преминот се покажа како многу долг и свршуваше со масивна дабова врата, натопена со влагата на местото и снажно спротивставувајќи им се на сите мои обиди да ја отворам. Прекинувајќи ги по некое време напорите кон таа цел, тргнав назад кон скалите, одејќи извесно растојание, кога наеднаш доживувањето ми беше кајдисано од еден од најдлабоките и најрастројувачки потреси кои е возможно да човечкиот ум ги восприеми. Без опомена, чув како тешката врата со ‘рѓосани шарки зад мене крцкаво и полека се подотвора. Мојот непосреден осет е невозможно да се анализира. Тоа да сум соочен во едно толку потполно напуштено место како што чинев дека е стариот замок со докази за присуството на човек или дух, во мозокот ми произведе ужас од најтешка категорија. Кога најпосле се свртев и погледнав кон седиштето на звукот, очите сигурно ми имаа излетано од очните шуплини од глетката кон којашто се пулеа. Таму, во древната готска врата стоеше човечка фигура. Беше на некој облечен во средновековна капа и долга туника со темна боја. Долгата коса и провиснатата брада му беа со стравотен и длабок црн шар и неверојатна обилност. Челото, високо вон сите вообичаени димензии; образите, длабоко испиени и силно избраздени од брчки; и рацете, долги, канџолики и вргави, му беа со таква душогубна, мермерна белина каква што никогаш не бев видел кај човек. Фигурата, витка до сразмерност на костур, му беше чудно наведната и скоро изгубена во обемните дипли на сперливата оправа. Но најчудни од сѐ му беа очите; двојни пештери на безгазерна црнина, бескрајно длабоки според изразот на разбирање, а сепак нечовечки според степенот на пакосност. Таквите очи сега беа втренчени кон мене, пробивајќи ми ја душата со нивната омраза и заковувајќи ме на место. Најпосле фигурата прозборе со баботлив глас којшто ме смрзна до сржта со тапата пригушеност и притаена злонамерност. Јазикот во којшто беше зарубен муабетот беше онаа унакажана форма на латински јазик употребувана меѓу поучените луѓе од средниот век и со којашто бев запознат преку моите длабински истражувања на делата на старите алхемичари и демонолози. Сеништето зборуваше за клетвата којашто висеше над мојата куќа, ми кажа за моето претстојно скончило, се расприкажа за кривината којашто мојот предок му ја направил на стариот Мишел Мове, и се ситеше со осветата на Шарл Ле Сорсиер. Раскажа како младиот Шарл избегал во ноќта, враќајќи се долги години потоа за да го убие наследникот Годфри со стрела токму кога се приближувал до возраста на којашто бил и татко му при неговото убиство; како потајно се вратил на имотот и се распослал, без да го дознаат, во дури и тогаш напуштената подземна одаја чија врата сега го обрабуваше одвратниот раскажувач; за тоа како го зграпчил Робер, синот на Годфри, среде некое поле, му истурил отров во грлото и го оставил да умре на триесет и две години, при што си ги одржал поганите одредби на одмаздничката клетва. Во овој момент бев оставен да си го замислам решението на најголемата од сите мистерии, како ли клетвата беше била исполнувана во времето кога Шарл Ле Сорсиер, според повелбите на природата, сигурно би требало да е умрен, зашто човекот скршна кон приказ на длабоките алхемичарски изучувања на двајцата волшебници, таткото и синот, особено зборувајќи за истражувањата на Шарл Ле Сорсиер во врска со еликсирот којшто требало да му даде на оној кој ќе се напие од него вечен живот и младост.
Неговиот омај во тој миг изгледаше како да му ја има отстрането од застрашувачките очи омразата којашто првично толку ги беше опседнувала, но одненадеж вражјиот блесок се врати и со потресен звук налик на саскање на змија осојница, туѓинецот подигна едно стаклено шишенце со очигледна намера да ми го оконча животот како што Шарл Ле Сорсиер, шестотини години претходно, му го беше окончал на мојот предок. Поттикнат од некаков заштитнички нагон на самоодбрана, ја скршив вражбата којашто дотогаш ме беше држела неподвижен и го фрлив сега веќе поднамалениот факел кон суштеството што ми го загрозуваше постоењето. Чув како шишенцето безопасно се крши врз камењата на преминот како што туниката на чудниот човек се запали и ја осветли ужасната сцена со грозоморна зрачност. Врисокот на страв и немоќен лошотилук што го оддаде наводниот убиец се покажа како премногу за моите веќе разнишани живци, па се струполив ничкум врз лигавиот под во целосна несвестица.
Кога најпосле си ја повратив свеста, сè беше стравотно мрачно и умот, сеќавајќи се што се беше случило, ми стрпна од помислата да се испули кон додатни работи; но сепак љубопитноста надвладеа над сѐ. Кој, се запрашав, ли беше овој злобен човек и како ли стигнал да живее во ѕидините на замокот? Зошто ли сака да ја одмазди смртта на сиротиот Мишел Мове и како ли клетвата се пренесувала низ сите долги векови уште од времето на Шарл Ле Сорсиер? Долгогодишниот фрас ми се имаше симнато од плеќи, зашто знаев дека оној којшто го бев покосил беше изворот на сета опасност од клетвата; и сега кога бев слободен, горев од желба да дознаам повеќе за зловесното нешто коешто со векови ми ја беше опседнувала лозата и ми ја беше претворило младоста во еден долг, непрекинат кошмар. Решен на понатамошно истражување, си ги пребарав џебовите да најдам секало и го запалив неискористениот факел што го носев со себе. Најпрво, новата светлина ја откри изобличената и поцрнета форма на загадочниот туѓинец. Одвратните очи сега беа затворени. Не бендисувајќи ја глетката, се свртев и влегов во одајата зад готската врата. Тука најдов нешто што многу наликуваше на алхемичарска лабораторија. Во еден ќош имаше огромен куп сјаен жолт метал што преубаво блескаше на светлината на факелот. Можеби беше злато, но не застанав да го испитам, зашто бев чудно погоден од она што го бев доживеал. На далечната страна на живеалиштето имаше отвор што водеше надвор, кон една од многуте диви пропасти во мрачната ридска шума. Исполнет со чудење, но сега сфаќајќи како човекот се беше здобил со пристап до замокот, тргнав за назад. Бев со намера со завртено лице да поминам крај останките од туѓинецот, но како што се приближував до телото, ми се причини како да слушам како од него се излива лек звук, небаре животот сè уште не беше потполно згаснал. Вџашен, се свртев да ја испитам гламносаната и збабарена фигура на подот. Тогаш, одеднаш, ужасните очи, уште поцрни од спрженото лице во коешто беа поставени, широко се отворија во израз којшто не можев да го протолкувам. Испуканите усни се обидоа да обликуваат зборови коишто не можев добро да ги разберам. Еднаш како да го дочув името Шарл Ле Сорсиер, а другпат ми се пристори како зборовите „години“ и „клетва“ да се подадоа од искривоколчената уста. Сепак, не ми фаќаше ум да проникнам до реџбите на расцепканиот говор. На моето очигледно неразбирање на неговиот наум, катранисаните очи по вторпат злонамерно молснаа кон мене, сѐ додека, колку и да гледав дека противникот ми е немоќен, не затреперив пулејќи му се.
Одненадеж, клетникот, придвижен од последниот излив на сила, ја подигна одвратната глава од немливиот и пропаднат плочник. Тогаш, како што стоев дамлосан од страв, си го најде гласот и со последениот здив ги извреска оние зборови коишто потоа за навек ми ги прогонуваа денови и ноќите. „Будало,“ врисна, „зар не можеш да ми ја погодиш тајната? Зар немаш ли мозок со којшто би ја препознал волјата којашто шест долги векови ја беше исполнувала фрасната клетва врз твојата куќа? Зар не ти кажав за славниот еликсир на вечен живот? Зар не знаеш како беше решена тајната на алхемијата? Ти велам, јас сум! Јас! Јас сум оној којшто живеев шестотини години за да си достојам на одмаздата, ЗАШТО ЈАС СУМ ШАРЛ ЛЕ СОРСИЕР!“