Чудната куќа на високо во маглината - Полиграматон

Чудната куќа на високо во маглината

Во мугрите маглина се крева од морето крај гребените зад Кингспорт. Бела и пердувеста кај се крева од длабочините до браќата ѝ облаците, полна со соништа за накиснати пасишта и левијатански пештери. А подоцна, со мирните летни дождови врз стрмните покриви на поети, облаците раштркуваат делчиња од тие соништа, за да луѓето не би живееле без гласини за стари, чудни тајни и чудесии кои планетите им ги раскажуваат само на други планети насамо во ноќта. Кога сказните густо се гнездат во шуплините на морски полжави, и черупки во градови од алги трубат разуздани мелодии научени од Дамните, големи нестрпливи маглини итаат кон небесата натоварени со преданија и океановтренчените очи од карпите гледаат само мистична белина, небаре работ на гребенот е работ на сета земја, и свечените ѕвонци на пловките слободно чукаат низ етерот на самовилското царство.

Северно од архаичниот Кингспорт, пак, спилите вишно и своевидно се искачуваат од тераса до тераса, а најсеверната виси на небото како сив смрзнат ветерен облак. Сама е, тмурна точка што стрчи кон безграничниот семир, зашто таму крајбрежјето нагло скршнува кај што големата Мискатоник се истура од рамнините крај Аркам, носејќи горски легенди и малечки народски спомени од ридиштата на Нова Англија. Поморците од Кингспорт гледаат кон тој гребен како што другите поморци гледаат кон Северницата и ги бројат ноќните саати според тоа како ги крие или открива Големата Мечка, Касиопеја и Змејот. За нив тој е едно со небесниот свод, и впрочем и навистина е скриен од нив кога маглината ги крие ѕвездите или сонцето. Некои гребени ги милуваат, како оној чиј гротескен профил го викаат Татко Нептун или оној чии застолбени скалила ги насловиле Насипот; но на овој му се плашат бидејќи е толку близу до небото. Португалските морнари кои доаѓаат од пловидби се прекрстуваат кога за првпат ќе го видат, а старите јенки веруваат дека беља многу пострашна од смрт би го снашла оној кој би ги искачил, ако воопшто е и возможно да се искачи. Како и да е, на тој гребен има една древна куќа и на квечерина луѓето гледаат светла во прозорците со мали окна.

Древната куќа отсекогаш била таму и луѓето велат дека во неа живее Некој кој зборува со утринските маглини кои се креваат од длабочините и можеби гледа своеобразни работи накај океанот при оние часови кога работ на гребенот станува раб на сета земја, и свечените ѕвонци на пловките слободно чукаат низ етерот на самовилското царство. Ова го чуле само од муабети, зашто таа забранета спила е вечно непосетена и мештаните не сакаат да вперуваат телескопи кон неа. Навистина, летувачи ја имаат испитувано со жизнерадосни двогледи, но никогаш не виделе нешто настрана од сивиот прастар покрив, шилест и ќерамиден, чии стреи скоро достигаат до сивите темели, и притулената жолта светлина на прозорчињата кои на примрак ѕиркаат од под тие стреи. Овие летни дојденци не веруваат дека истиот Оној стотици години живее во древната куќа, но на никој вистински кингспортец не можат да му го докажат својот ерес. Дури и Стравотниот Старец кој си зборува со оловни нишала во шишиња, купува намирници со столетно шпанско злато и чува камени идоли во дворот на претпотопната куќарка на „Вотер стрит“ може само да каже дека работиве биле исти кога и дедо му бил дете, а тоа мора да било пред несфатлив број години, кога Белчер или Ширли или Пaунол биле гувернери на Провинцијата Масачусетс Беј на Неговото Величество.

А потоа едно лето во Кингспорт дојде еден филозоф. Името му беше Томас Олни и предаваше сувопарни работи на факултетот крај заливот Нарагансет. Со полничка жена и шалави деца кај дојде и очите му беа уморни од долги години гледање сеисти работи и мислење сеисти прокопсани мисли. Ги погледна маглините на дијадемата на Татко Нептун и се обиде да зачекори во нивниот бел свет на мистерии по титанските скалила на Насипот. Утро за утро лежеше на гребенот и гледаше преку работ на светот кон загадочниот етер од другата страна, слушајќи ги призрачните ѕвона и дивите крици на нешта што можеби беа галеби. Потоа, кога маглините ќе се дигнеа и морето прозаично ќе се истакнеше со чадот на пароброди, ќе воздивнеше и ќе се спуштеше до паланката, каде што милуваше да се шета угоре-удолу по дамните тесни сокаци по ридот и да ги проучува лудо расклатените калкани и несекојдневни застолбени врати кои им беа биле заслон на долги поколенија жилави поморци. И зборуваше дури и со Стравотниот Старец, кој не сакаше многу-многу странци и беше поканет во неговата страшно архаична куќарка каде што ниски тавани и црвјосани паноа ги слушаат одеците на обеспокојувачки солилоквиуми во мрачните ситни саати.

Се разбира дека беше неизбежно да Олни ѝ фрли око на сивата непосетена куќарка во небото, на таа зловесна северна спила којашто е едно со маглините и небесниот свод. Отсекогаш висела над Кингспорт и отсекогаш мистеријата ѝ се гласела низ шепоти по кривите улички на Кингспорт. Стравотниот Старец профучи сказна која му ја кажал татко му, за како некоја ноќ прснала молња од таа шилеста куќарка пругоре до облаците во највисоката небеса; и баба Орн, чијшто малечок мансарден дом на „Шип стрит“ е сиот прекриен со мов и бршлен, крекнала нешто што баба ѝ го имала пречуено од некого, за облици кои се распафтале од источните маглини право кон единствената тесна врата на тоа недостижно место - зашто вратата е поставена близу работ на спилата кон океанот и може да се догледа само од бродовите на отворено море.

Најнакрај, одошто беше изгорен по нови чудни нешта и ни стравот на кингспортовци ни вообичаената мрзоволност на летните дојденци не го сопираа, Олни стори многу стравотен ниет. И покрај конзервативната наобразба - или можеби поради неа, зашто едноличните животи будат елегичен копнеж по непознатото - даде велика заклетва дека ќе се искачи по тој одбегнуван северен гребен и ќе ја посети абнормално античката сива куќарка во небото. Мошне убедливо неговата поздраворазумна страна тврдеше дека местото сигурно е населено од луѓе кои го достигаат од копното преку полесниот срт крај утоката на Мискатоник. Најверојатно тргуваа во Аркам, знаејќи колку малку Кингспорт им го сака жилиштето или можеби одошто не можат да слезат по гребенот од страната на Кингспорт. Онли изоде по пониските гребени до кај што големата спила пркосно скокаше да им се ливка на ѕвездените нешта и постана мошне уверен дека човечки нозе не можат да ѝ се качат или да се спуштат по таа свисната јужна падина. На исток и север, се издигаше илјадници стапки вертикално од водата, па остануваше само западната страна, кон внатрешното копно за накај Аркам.

Едно рано утро во август Олни тргна да најде пат до непристапниот капец. Работеше по северозапад долж пријатни споредни патишта, крај Хуперс Понд и старата циглена барутница, до кај што пасиштата се закосуваат нагоре кон сртот над Мискатоник и овозможуваат убав видик на белите џорџиски кули на Аркам, преку долги милји реки и ливади. Тука пронајде засенет пат до Аркам, но никаква патека во морскиот правец накај што сакаше. Кории и полиња се згуснуваа нагоре до високите брегови на речното устие и не содржеа ни знак од човечко присуство; ни камен ѕид ни заталкана крава, туку само висока трева и џиновски дрвја и тутки од вресови кои и првите Индијанци сигурно ги беа гледале. Како што полека се искачуваше кон исток, сѐ повисоко и повисоко над утоката од лево и сѐ поблиску и поблиску до морето, увиде дека тешкотијата на патот расне; и на крај фати да се прашува како и оние кои домуваат во тоа несакано место успеваат да го достигнат надворешниот свет и дали често одат на пазар во Аркам.

Тогаш дрвјата заретчија и далеку под себе од десно ги виде ридовите и античките покриви и кули на Кингспорт. Дури и Централ Хил беше џуџе од оваа височина и едвај можеше да ги распознае древните гробишта до конгрешанската болница, под којашто според гласините демнеле некои стравотни пештери или дувла. Напред се протегаше раштркана трева и искастрени грмушки боровинки, а зад нив голите карпи на спилата и тенкиот врв на страшната сива куќарка. Сега сртот се стеснуваше и на Олни му се заврте од осаменоста во небото. Јужно од него беше ужасната врлина над Кингспорт, северно од него беше вертикалниот спуст од скоро една милја до речното устие. Одненадеж огромна провалија се отвори пред него, длабока десет стапки, па мораше да се спушти на раце и да падне врз накосеното тло, а потоа опасно да се испентери по еден природен дервен на спротивниот ѕид. Значи вака народот од необјаснивата куќа патувал измеѓу земјата и небото!

Кога се искачи од провалијата се спушташе утринска маглина, но јасно ја гледаше вишната и неосветена куќарка пред него; со ѕидови сиви како карпите и високи врвови смело исправени наспроти млечната белина на морските чуреи. И воочи дека на таа копнена страна нема врата, туку само неколку мали прозорци со украсни решетки со запуштени кружни витражни окна изработени во стилот на седумнаесеттиот век. Околу него беше саде облаци и хаос, а под него не можеше да види ништо освен белината на безмерен семир. Беше сам на небо со таа настрана и многу вознемирувачка куќа; и кога се припи до предната страна и виде дека ѕидот е порамнет со работ на гребенот, при што единствената тесна врата не можеше да се достигне освен преку празниот етер, почувствува јасен уплав кој височината не можеше баш целосно да го оправда. И беше многу несекојдневно да толку црвјосани ќерамиди имаат преживеано или толку разронети цигли да сѐ уште се имаат одржано во исправен оџак.

Како што маглината згуснуваше, Олни се прикраде до прозорците од северната и источната и јужната страна, пробувајќи да ги отвори, но сфаќајќи дека сите се заклучени. На некој нејасен начин му беше и мило што се заклучени, бидејќи колку повеќе ја меркаше куќата толку помалку сакаше да влезе. Тогаш го запре некој звук. Чу ѕвечкање на клучалка и влечење на резе и следеше долго крцкање како некоја тешка врата споро и претпазливо да се отвора. Ова беше на страната кон океанот која не можеше да ја види, каде што тесната капија се отвораше кон празен простор илјадници стапки во магливото небо над брановите.

Потоа се чу тешко, одмерено газење во куќарката и Олни ги чу прозорците како се отвараат, прво на северната страна спроти него, а потоа на запад веднаш зад аголот. Потоа на ред дојдоа јужните прозорци, под големите ниски стреи на страната каде што стоеше; и мора да се каже дека му беше и тоа како неудобно додека мислеше на презривата куќа од една страна и на празнотијата на горниот воздушен простор од друга. Кога се чу паркање од блиските пенџериња повторно се прикраде на запад, сплескувајќи се врз ѕидот крај сега отворените прозорци. Јасно беше дека стопанот си беше дошол дома; но не беше дошол од копното, ниту од некој балон или цепелин кој можеше да се замисли. Повторно се расчуја чекори и Олни изоде по работ до северната страна; но пред да може да си најде пристан, некој глас тихо му довикна и сфати дека ќе мора да се соочи со домаќинот.

Навалено од еден западен прозорец беше големо црнобрадо лице чии очи светлозрачно светеа со отисоци на нечуени глетки. Но гласот беше нежен и од народски, старински сој, па Олни не затрепери кога една кафеава рака посигна да му помогне да се префрли преку прозорската греда во ниската соба со ламперија од црн даб и изрезбарена тудорска покуќнина. Човекот беше облечен во многу древна оправа и околу себе имаше некој неодредлив ореол на морски преданија и соништа за високи галеони. Олни не се сеќава на многу од чудесиите кои ги раскажал ниту, пак, на тоа кој бил; но вели дека бил чуден и љубезен и исполнет со волшепството на безгазерни небиднини на време и простор. Малата соба се чинеше позеленета од притулена подводна светлина и Олни виде дека далечните прозорци на исток не се отворени, туку затворени наспроти магливиот етер со матни дебели окна како газери на стари шишиња.

Брадатиот домаќин се чинеше млад, а сепак гледаше со очи потопени во дамни мистерии; и од сказните за чудесни древни нешта кои ги прераскажуваше, мора да се претпостави дека селскиот народ е во право кога вели дека си шушукал со маглините од морето и облаците на небото уште од кога за првпат имало село да му го гледа ќутливото жилиште од рамнината одоздола. И денот се тркалаше и Олни и понатаму слушаше гласини за стари времиња и далечни места и чу како кралевите на Атлантида се бореле против лизгавите богохулија кои се изврголиле од расцепи во океанското тло и како застолбениот и обраснат храм на Посејдонија сѐ уште е наѕиран на полноќ од изгубени бродови, кои одошто го гледаат дознаваат дека се изгубени. Припомнати беа годините на Титаните, но домаќинот стана страшлив кога зборуваше за притулената прва ера на хаос пред боговите или дури и Дамните да се родат и кога само другите богови доаѓале да играат на врвот на Хатег-Кла во камената пустина близу Ултар, зад реката Скаи.

Во тој миг бидна да чукање се расчуе од вратата; древната врата од клиноначичкан даб зад којашто се протегаше само понор од бели облаци. Олни се штрекна, но брадатиот човек му даде знак да не мрда и на прсти појде до вратата да се испули низ една многу малечка ѕирка. Не му се бендиса она што го виде, па си го допре прстот до усните и на прсти се заврте да ги затвори и заклучи сите прозорци враќајќи се потоа до древниот стол крај гостинот. Тогаш Олни наспроти полупроѕирните квадрати на секое притулено прозорче со ред виде како тлее некој настран црн контур додека посетителот љубознајно вртеше одоколу пред да си замине; и му падна мило што домаќинот не одговори на чукањето. Зашто во великиот понор има чудни предмети и трагачот по соништа мора да се варди да не ги размрда или да не се сретне со погрешните.

Тогаш почнаа да навасуваат сенките; прво стаените од под масата, а потоа посмелите од темните ќошеви со паноа. И брадатиот човек изведе енигматични молитвени гестови и запали ламбади во своевидно изработени месингови свеќници. Често фрлаше поглед кон вратата небаре очекува некој и најнакрај како на погледот да му одговори некакво своеобразно тропање кое сигурно следеше некоја многу древна и тајна шифра. Овој пат не се ни испули низ ѕирката, туку го отфрли големото дабово мандало и го повлече резето, отклучувајќи ја тешката врата и широко расчепатувајќи ја кон ѕвездите и маглината.

И тогаш низ звук на помрачени хармонии во таа соба од длабочините долебдија сите соништа и спомени на потонатите земјини Моќници. И златни пламени јазици се разиграа околу прамени од алги, па Олни беше заслепен додека им правеше метании. Дојден беше Нептун со тризабецот, и разиграни морски полжави и фантастични нереиди, а врз делфинови грбови поставена беше масивна назабена школка во којашто јаваше сивата и одбивна форма на првобитниот Ноденс, Владарот на Големиот Понор. И черупките на морските полжави оддаваа бизарно татнење и нереидите испуштаа чудни звуци удирајќи врз гротескните екливи школки од непознати демначи од црните морски пештери. Тогаш ветвиот Ноденс посигна со жебравата рака и им помогна на Олни и домаќинот да влезат во масивната школка, при што черупките и гонговите отпочнаа дива и запрепастувачка галама. И надвор кон безграничниот етер се залула тој баснословен воз, чиј звук на викотници се изгуби во одеци на грмежи.

Цела вечер во Кингспорт се пулеа кон тој вишен гребен кога бурата и маглините ќе им дадеа да го наѕрат и кога кон ситните саати притулените прозорчиња се затемнија, прошепотеа за фрас и катастрофа. И децата и полничката жена на Олни им се молеа на обичниот безизразен бог на баптистите и се надеваа дека патникот ќе позајми чадор и калоши освен ако дождот не прекине до изутрина. Потоа зората доплива од морето, прокисната и маглоовенчана, и пловките свечено чукаа во вртлози од бел етер. А напладне самовилски рогови ѕунеа над океанот како што Олни, сув и лесноног, се спушташе од гребените до античкиот Кингспорт со глетки на далечни места во очите. Не можеше да си спомене што беше сонувал во небоквакнатата колиба на тој и понатаму безимен пустиник или да каже како се изјазил прудолу по таа спила неизодена од туѓи нозе. Ниту пак воопшто можеше да зборува за овие работи освен со Стравотниот Старец, кој потоа си мрмореше левтерни нешта во долгата бела брада; заверувајќи се дека човекот што се симнал од таа спила не е баш истиот човек што се искачил и дека некаде под тој сив шилест покрив или среде несфатливите далечини на таа зловесна бела маглина, сѐ уште се мае изгубениот дух на оној кој беше бил Томас Олни.

И од тој час наваму, низ додевното влечкање на години полни сивотија и умор, филозофот беше ‘рмбал и јадел и спиел и беспоплачно си ги вршел соодветните чинови на еден граѓанин. Веќе го нема да копнее по волшепството на далечни ридови или да воздивне по тајни кои ѕиркаат како зелени гребени од безгазерно море. Истотијата на дните веќе не му причинува тага и прокопсаните мисли му се сега доволни за мечтите. Женичката му станува сѐ пополничка и децата постари и попрозаични и покорисни и никогаш не пропушта соодветно да се насмевне со гордост кога ќе дојде ред. Во погледот му нема беспокојна светлина, а свечени ѕвона или далечни самовилски рогови дослушува само навечер, кога стари сништа сноваат. Никогаш веќе не го видел Кингспорт, зашто неговите домашни не ги бендисуваа лефтерните стари куќи и се жалеа дека одводот е ептен за никаде. Сега имаат уреден бунгалов во Бристол Хајлендс, кај што нема високи спили да се вишат и соседите се гратски и современи луѓе.

Но во Кингспорт војваат чудни сказни и дури и Стравотниот Старец признава една работа некажана од дедо му. Зашто сега, кога ветерот орно брише од север крај високата древна куќа што е едно со небесниот свод, најпосле е скршена таа кобна намрштена тишина што од памтивек била чемер за поморските чифчии на Кингспорт. И стари раскажуваат за пријатни гласови чуени оттаму како пејат и за смеа која се дуе со радост поголема од радостите на земјата; и велат дека на квечерина ниските прозорчиња биле посветли од порано. Велат и дека жестоката аурора почесто доаѓала до тоа место, сино светејќи на север со слики на смрзнати светови додека спилата и куќарката црно и фантастично виселе наспроти разузданите проблесоци. И маглините на зората се погусти и морнарите не се баш најсигурни дека сето пригушено морско ѕвонење доаѓа од свечените пловки.

Меѓутоа, најлошо од сѐ е збабарувањето на старите стравови во срцата на момчињата од Кингспорт, кои стекнуваат навика да навечер ги слушаат леките далечни звуци на северниот ветер. Се колнат дека ни пакост ни болка не ќе да живее во високата шилеста куќарка, зашто во новите гласови чука мерак, а со нив идат и ѕунови на смеа и музика. Какви сказни би можеле морските маглини да носат до тој опседнат и најсеверен капец, не знаат, но копнеат да извлечат некој намек за чудесиите кои тропаат на гребенозјајнатата врата кога облаците се најгусти. И патријасите стравуваат да не некој ден и тие еден по еден фатат накај тој непристапен врв во небото и научат какви столетни тајни се кријат под стрмниот ќерамиден покрив кој е дел од карпите и ѕвездите и древните стравови на Кингспорт. Во тоа дека таквите љубознајни младичи ќе се вратат, не се сомневаат, но мислат дека некоја светлина можеби ќе им се земе од очите и некоја волја од срцата. И не сакаат живописниот Кингспорт со неговите коси сокаци и архаични калкани отсутно да се влечка низ годините додека расмеаниот хор глас по глас станува сѐ посилен и поразуздан во тоа непознато и стравотно седело каде што маглините и соништата на маглините запираат да се починат на патот од морето кон небото.

Не сакаат да душите на момчињата ги напуштат огништата и крчмите со мансардни покриви на стариот Кингспорт, ниту сакаат смеата и песните во тоа високо карпесто место да стане уште погласна. Зашто како што гласот кој беше дошол довел пресни маглини од морето и од север пресни светла, така се рекло дека други гласови ќе доведат повеќе маглини и повеќе светла, сѐ додека можеби старинските богови (чие постоење го загатнуваат само низ шепоти од страв да не ги чуе конгрешанскиот парох) не би излегле од длабините и од незнајниот Кадат во студената пустелија и не би си направиле жилиште врз таа злобно соодветна спила толку близу до благите ридови и долини на тивките, кротки рибари. Не ја посакуваат таа работа, зашто за скромни луѓе нештата што не се од земјата се недобредојдени; а освен тоа, Стравотниот Старец често си припомнува што рекол Олни за некое чукање од коешто осамениот жител се уплашил и за некој здогледан облик црн и љубознаен наспроти маглината низ тие настрани полупрозрачни прозорци со витражни кругови.

Меѓутоа, за сите овие нешта само Дамните можат да одлучат; а во меѓувреме утринската маглина сѐ уште се крева до тој осамен вртоглав врв со стрмната древна куќа, таа сива нискострејна куќа каде што никој не се гледа, но каде што квечерината носи стаени светла додека северниот ветер раскажува за чудни пирови. Бела и пердувеста кај се крева од длабочините до браќата ѝ облаците, полна со соништа за накиснати пасишта и левијатански пештери. И кога сказните густо се гнездат во шуплините на морски полжави, и черупки во градови од алги трубат разуздани мелодии научени од Дамните, големи нестрпливи чуреи итаат кон небесата натоварени со преданија; и Кингспорт, смутено вгнезден врз своите пониски гребени под тој запрепастувачки провиснат карпест вардач, гледа само мистична белина, небаре работ на гребенот е работ на сета земја, и свечените ѕвонци на пловките слободно чукаат низ етерот на самовилското царство.