Херберт Вест - Реаниматор - Полиграматон

Херберт Вест - Реаниматор


I - Од мракот

 

За Херберт Вест, кој ми беше пријател на факултет, а и подоцна во животот, можам да зборувам само со краен ужас. Овој ужас не се должи во целост на зловестниот начин на неговото неодамнешно исчезнување, туку беше зачнат од општата природа на неговото животно дело и за првпат доби изразена форма пред повеќе од седумнаесет години, кога бевме во третата година од нашите студии на Медицинскиот факултет при Мискатонскиот универзитет во Аркам. Додека беше со мене, чудесиите и ѓаволството на неговите опити потполно ме воодушевуваа и му бев најблизок придружник. Сега кога го нема и магијата е скршена, стравот е поголем од сѐ останато. Спомените и можностите се далеку поодвратни од вистинитостите.

Првиот ужасен инцидент во нашето познанство беше најголемиот потрес кој некогаш сум го искусил и саде нерадо го прераскажувам. Како што кажав, се случи кога бевме на медицинскиот факултет, каде што Вест веќе беше станат злогласен поради неговите разуздани теории за природата на смртта и можноста да таа биде вештачки надвладеана. Неговите гледишта, кои беа нашироко исмевани од професорскиот колегиум и студентите, се наслонуваа на суштествено механичката природа на животот; и расправаа за начини на ракување со органската машинерија на човека преку пресметани хемиски дејствија по откажувањето на природните процеси. Во неговите опити со различни раствори за анимација имаше убиено и експериментирано врз огромен број зајаци, заморчиња, мачки, кучиња и мајмуни, сѐ додека не постана врвна напаст во факултетот. Неколкупати имаше изнудено дури и знаци на живот од животни кои наводни биле мртви; во многу случаи и насилни знаци; но наскоро увиде дека усовршувањето на овој процес, ако воопшто беше возможно, сигурно би барало целоживотно истражување. Исто така стана јасно дека, бидејќи истиот раствор никогаш не делуваше исто на различни органски видови, за понатамошен и поконкретен напредок ќе му се потребни човечки примероци. Тука за првпат влезе во спор со управата на факултетот и беше лишен од спроведување идни опити од не помал достојник од самиот декан на медицинскиот факултет - учениот и добронамерен д-р Алан Холси, чие дело во име на заболените си го приспомнува секој стар жител на Аркам.

Отсекогаш бев исклучително попустлив во однос на преокупациите на Вест и често ги дискутиравме неговите теории, чии разгранувања и надополнувања беа скоро бесконечни. Сметајќи како Хекел дека живот во целост е хемиски и физички процес и дека таканаречената „душа“ е мит, мојот пријател веруваше дека вештачката реанимација на мртвите би можела единствено да зависи од состојбата на ткивата; и дека освен ако не е настапено распаѓање, леш потполно снабден со органи би можел со соодветни мерки повторно да биде пуштен во сперливиот погон наречен живот. За тоа дека душевниот или интелектуалниот живот би можел да е нарушен дури и од најмало разградување на чувствителните мозочни клетки кое дури и краток период на смрт би можел да го предизвика, Вест потполно беше свесен. Најпрво негуваше надеж да најде некој реагенс кој би можел да ја поврати виталноста пред самиот настап на смртта и само повеќекратни неуспеси со животни му покажаа дека природните и вештачките животни двигателства се неспојливи. Потоа почна да налага крајна пресност кај примероците, вбризгувајќи ги своите раствори во крвта веднаш по гасењето на животот. Оваа околност беше она што ги правеше професорите толку небрежно скептични, одошто сметаа дека вистинска смрт никогаш се немаше ни случено. Не застанаа да ја разгледаат работата подробно и расудувачки.

Недолго откако професорскиот колегиум му стави вето на работата, Вест ми се довери за неговата решеност да на некаков начин најде пресни човечки тела и во тајност да продолжи со опитите кои веќе не можеше јавно да ги изведува. Да го слушам како расправа за пристапите и средствата ми беше мошне грозоморно, зашто на факултет никогаш се немавме сами снабдувано со примероци. Секојпат кога мртовечницата ќе се покажеше како несоодветна, двајца околни црнци ја бркаа оваа работа и ретко кај беа испрашувани. Вест во тоа време беше мал, виток, млад човек со очила и кревки одлики, руса коса, бледи сини очи и лек глас и беше необјасниво да го слушам како се задржува на споредбените предности меѓу гробиштата „Крајстчрч“ и гробиштата за сиромаси. Најпосле се одлучивме за гробиштата за сиромаси, бидејќи практично секое тело во „Крајстчрч“ беше балсамирано, нешто што, се разбира, беше разорно за истражувањата на Вест.

Во ова време бев негов активен и маѓепсан помошник и му помагав во донесувањето на сите одлуки, не само во врска со изворот на тела, туку и во врска со соодветното место за нашата погана работа. Мене ми текна на напуштената фарма на Чапманови по Медоу Хил, каде што на приземјето опремивме операциона сала и лабораторија, и двете со темни завеси за да ги сокријат нашите полноќни дела. Местото беше далеку од сите патишта и не беше во видик на било која куќа, но и покрај тоа потребни беа мерки за претпазливост; одошто гласини за чудни светла, отпочнати од случајни вечерни скитници, бргу можеа да ни го запустат потфатот. Бевме договорени да кажеме дека местото е хемиска лабораторија, ако се случи да сме откриени. Зловестното научно врталиште постепено го опремивме со материјали купени во Бостон или тивко позајмени од факултетот - материјали внимателно преправени за да се непрепознатливи освен за стручни очи - и се снабдивме со мотики и копачи за многуте погреби кои ќе моравме да ги изведуваме во визбата. На факултет користевме печка за кремирање, но уредот беше прескап за нашата склепана лабораторија. Телата секогаш ни отвараа работа - дури и малите тела на заморчиња од дребните потајни опити во собата на Вест во интернатот.

Небаре гробождери ги следевме околните некролози, зашто примероците требаше да поседуваат одредени особини. Она што ни требаше беа лешеви кои беа погребани веднаш по смртта и без вештачко зачувување; по можност без извитоперувачки болести и во секој случај со сите органи на број. Најдобра надеж ни беа жртвите на несреќи. Долги недели веќе немавме чуено за нешто соодветно; макар што зборувавме со управителите на мртовечниците и болниците, наводно во интерес на факултетот, колку што можевме почесто без притоа да пробудиме сомнеж. Дознавме дека во секој наврат факултетот има прво право на избор и дека можеби ќе е потребно да останеме во Аркам за време на летото, кога се одржуваа само ограничен број летни предавања. Меѓутоа, на крајот, нѐ послужи к’сметот, зашто еден ден чувме за еден скоро совршен случај во гробиштата за сиромаси; снажен млад работник кој баш претходното утро се удавил во Самнерс Понд и без одложување и без балсамирање бил закопан на сметка на градот. Уште истото попладне го пронајдовме новиот гроб и решивме да започнеме со работа набргу по полноќ.

Одбивна беше задачата со којашто се зафативме во црните ситни саати, иако во тоа време го немавме особениот ужас од гробишта кој ни го донесоа подоцнежните доживувања. Носевме мотики и темни маслени фенери, зашто иако во тоа време се произведуваа електрични светилки, не беа задоволителни како што се денешните уреди со волфрам. Процесот на ископ беше спор и скотски - ќе беше грозоморно поетичен да бевме уметници наместо научници - и ни беше мило кога мотиките ни удрија врз дрво. Кога чамовата кутија беше целосно откриена Вест се дотркала до неа и го тргна капакот, извлекувајќи ја и исправајќи ја содржината. Посигнав долу и ја повлеков содржината од гробот и потоа двајцата долго ‘рмбавме да му го повратиме првобитниот изглед на местото. Целата работа нѐ правеше немалку беспокојни, особено вкочанетата форма и празниот израз на нашиот прв трофеј, но успеавме да ги отстраниме сите траги на нашата посета. Кога ја нагнетивме и последната лопата со земја го ставивме примерокот во платнена вреќа и се упативме кон старата куќа на Чапманови по Медоу Хил.

На импровизираната маса за сецирање во старата фарма под светлината на јака ацетилна ламба, примерокот не изгледаше многу призрачно. Беше бил снажен и навидум прозаичен млад човек од добродушен плебејски вид - со широка снага, сиви очи и кафеава коса - цврсто животно без психолошки префинетости кое најверојатно имало животни процеси од наједноставен и најздрав тип. Сега, со затворени очи, повеќе изгледаше заспан одошто умрен; макар што стручниот тест на мојот пријател наскоро не остави сомнеж во однос на тоа прашање. Најпосле го имавме она по коешто Вест отсекогаш копнееше - вистински мртовец од идеален вид, спремен за растворот припремен, според највнимателни пресметки и теории, за човечка употреба. Напнатоста од наша страна постана многу голема. Знаевме дека едвај има шанса за нешто како потполен успех и не можевме, а да немаме одвратни стравови од можните гротескни происходи на делумна анимација. Имавме особени стравувања во врска со умот и нагоните на суштеството, зашто во времето по смртта некои од попрефинетите мозочни клетки можеби имаа претрпено распад. Јас самиот сѐ уште имав некои своевидни замисли за традиционалната човечка „душа“ и чувствував стравопочит кон тајните кои би можел да ги раскаже некој што се враќа од мртвите. Се прашував какви глетки би можел да има видено овој недвижен млад човек во непристапните сфери и што би можел да раскаже ако потполно е вратен во живот. Но прашањата не ми беа пренаметливи, зашто во најголем дел го делев материјализмот на пријателот ми. Тој беше посмирен од мене додека набиваше голема количина од неговата течност во една од вените на раката на телото, веднаш внимателно преврзувајќи го засекот.

Чекањето беше грозоморно, но Вест ни за момент не се збуни. Одвреме-навреме го принесуваше стетоскопот врз примерокот и филозофски ги воспримаше негативните резултати. По скоро четириесет и пет минути без најмал знак на живот разочарано го прогласи растворот за несоодветен, но се реши да ја искористи приликата и да направи една промена во формулата пред да се ослободи од грозоморната печалба. Тоа попладне имавме ископано гроб во визбата кој мораше до зори да ни е пополнет - зашто иако имавме ставено катанец на куќата сакавме да избегнеме дури и најмал ризик за грозоморно откривање. Освен тоа, телото немаше да е ни проближно пресно наредната вечер. Така, понесувајќи ја единствената ацетилна ламба во соседната лабораторија, го оставивме тивкиот гостин на плочата во мракот и си го спотнавме сето внимание во мешање на нов раствор; чиешто мерење и премерување Вест го надгледуваше со скоро фанатична грижа.

Стравотниот настан беше многу ненадеен и потполно неочекуван. Јас претурав нешто од една во друга епрувета, а Вест беше зафатен со алкохолниот факел кој мораше да исполнува улога на бунсенова ламба во тоа безгасно здание, кога од мрак-црната соба којашто ја бевме напуштиле избувна најодвратната и најдемонијачка низа крици која било кој од нас некогаш ја беше чул. Хаосот на пеколниот звук не можеше да биде понеизустлив дури и самата јама да се отвореше за да би го испуштила теглилото на проколнатите, зашто во една незамислива бучава беше нагнетен сиот возвишен ужас и неприроден очај од анимирана природа. Не можеше да е човечки - човек не е кадар да испушта такви звуци - и без помисла на нашата зафатеност од пред скоро или нејзиното можно откривање и Вест и јас срипавме кон најблискиот прозорец како дамлосани животни, превртувајќи и епрувети и ламбата и реторти и лудо се нурнавме во ѕвездениот понор на селската ноќ. Мислам дека и самите врескавме како што трескавично се сопинавме кон градот, макар што кога стигнавме до периферијата присвоивме надворешен привид на воздржаност - колку за да нѐ помислат за закаснети пирувачи кои се тетерават кон дома од некој разврат.

Не се разделивме, туку успеавме да стигнеме до собата на Вест, каде што со запалено светло шепотевме до зори. Дотогаш се потсмиривме со разумни теории и планови за истрага, колку да можеме да заспиеме преку дента - баталејќи и предавања и сѐ. Но таа вечер две, сосема неповрзани, статии во весникот повторно направија да е невозможно да заспиеме. Старата напуштена куќа на Чапманови необјасниво беше изгорела до безобличен пепелен куп; ова можевме да го разбереме поради турнатата ламба. Исто така, имало обид да се вознемири некој нов гроб во гробиштата за сиромаси, небаре со бесцелно и безмотикно гребење врз земјата. Ова не можевме да го разбереме, зашто многу внимателно ја бевме нагнетиле мувлата.

И цели седумнаесет години потоа Вест постојано погледнуваше зад себе и се жалеше дека му се присторува како го следи некакво цапотење. А сега исчезна.



II - Чумо-демонот


Никогаш нема да го заборавам тоа одвратно лето пред шеснаесет години, кога како дегутантен ифрит од дворовите на Иблис, тифусот извргалено се раснова низ Аркам. Тој сатански бич е она по коешто повеќето луѓе си ја споменуваат таа година, зашто страв со лилјачки крилја стварно дремеше над куповите ковчези во гробниците во гробиштата „Крајстчрч“; ама за мене во тоа време има еден поголем ужас - ужас кој сега само мене ми е познат, откако Херберт Вест исчезна.

Вест и јас бевме на постдипломски студии за време на летните предавања на Медицинскиот факултет при Мискатонскиот универзитет, и мојот пријател имаше стекнато широкопозната злогласност поради опитите кои му водеа кон реоживување на мртвите. По научниот колеж на небројни мали животни чудачката работа наводно прекина по наредба на нашиот скептичен декан, д-р Алан Холси; макар што Вест продолжи да извршува извесни тајни тестови во неговата запуштена соба во интернатот и во еден ужасен и незаборавен наврат имаше пренесено човечко тело од гроб во гробиштата за сиромаси до една напуштена фарма од другата страна на Медоу Хил.

И јас бев со него во таа одбојна пригода и видов како во замрените вени го вбризгува еликсирот за кој мислеше дека до некоја мера ќе ги поврати животните хемиски и телесни процеси. Работата заврши во ужас - во бунило од страв кое постепено почнавме да му го препишуваме на нашите пренапрегнати живци - а Вест потоа никогаш не можеше да се ослободи од излудувачкиот осет дека е опседнат и ловен. Телото не беше било доволно пресно; очигледно беше дека за да се повратат нормалните умствени особини телото мора да е многу пресно; и опожарувањето на старата куќа нѐ оневозможи да го закопаме нештото. Ќе беше подобро ако знаевме дека е подземи.

По тоа доживување Вест ги остави истражувањата на некое време; но како што ревноста на родениот научник полека се враќаше, повторно стана настојчив кон факултетскиот колегиум, молејќи да му дадат да ја користи собата за сецирање и пресни човечки примероци за работата којашто ја сметаше за толку неизмерливо важна. Меѓутоа молењето му беше сосема залудно; зашто одлуката на д-р Холси беше непоместлива, а сите други професори ја поткрепуваа пресудата на нивниот челник. Во радикалната теорија за реанимација не гледаа ништо повеќе од незрели текнежи на еден млад занесеник чија ситна форма, руса коса, сини очи со очила и лек глас не покажуваа ни најмал намек кон надобичната - скоро ѓаволска - моќ на ладнокрвниот мозок што се криеше под нив. И сега го гледам како и тогаш - и ме лазат морници. Лицето му стана построго, но никогаш остарено. А сега во лудницата „Сефтон“ се случи несреќата и Вест исчезна.

Вест противречно се натегаше со д-р Холси при крајот на нашата последна додипломска сесија во развлечена расправија која го прикажуваше во многу полошо светло во споредба со кроткиот декан во однос на учитивост. Сметаше дека е беспотребно и неразумно попречуван во врховно важна работа; работа којашто се разбира дека во претстојните години ќе можел сам да ја спроведе како што ќе му се сака, но којашто сакаше да ја отпочне додека сѐ уште ги има на располагање исклучителните услови во универзитетот. Тоа дека од традиција врзаните старешини ги занемаруваа неговите своеобразни исходи со животни и настојуваа во порекнувањето на можноста за реанимација, беше неизразливо одвратно и скоро несфатливо за млад човек со логичниот нарав на Вест. Единствено подлабока зрелост ќе можеше да му помогне да ги сфати хроничните умствени ограничувања на „професор-докторите“ - происходот на долги поколенија на патетичен пуританизам; милни, обѕирни и понекогаш нежни и допадливи; а сепак тесногради, нетолерантни, оковани од обичаи и без ронка далекугледност. Староста е помилостива кон овие нецелосни, а сепак благодушни ликови, чиј најлош порок им е бојазливоста и кои на крајот секогаш се казнети со општ потсмев за нивните интелектуални гревови - гревови како птоломеизмот, калвинизмот, антидарвинизмот, антиничеизмот и секој вид на саботјанство и сумптуарни закони. Вест, млад и покрај неговите чудесни научни стекнувања, непара го трпеше добриот д-р Холси и неговите начитани колеги; и негуваше сѐ поголема огорченост, споена со желба да им ги докаже своите теории на овие тупави достојници на некој впечатлив и драматичен начин. Како и повеќето млади луѓе, се сладеше со разврзани мечтаења за одмазда, тржество и конечна великодушна прошка.

 И тогаш дојде бичот, исцерен и смртоносен, од кошмарните пештери на Тартар. Вест и јас дипломиравме баш кога почнуваше, но имавме останато на додатни предавања во летното школо, па бевме во Аркам кога со полна демонијачка јарост изби врз градот. Иако сѐ уште немавме лекарски дозволи, имавме дипломирано и трескавично бевме фрлени во јавна служба како што бројот на заболени растеше. Состојбата беше скоро несправлива и умирањата настапуваа пречесто за околните погребници да можат да излезат на крај со нив. Погреби без балсамирање секавично беа спроведувани еден по друг и дури и привремената гробница во гробиштата „Крајстчрч“ беше нагнетена со ковчези со небалсамирани мртовци. Оваа околност не беше без учинок врз Вест, кој често мислеше на иронијата на состојбата - толку пресни примероци, а ниеден за неговите недопуштени истражувања. Бевме страшно преработени и претераниот умствен и живчан притисок му будеше морбидни думежи на мојот пријател.

Но нежните непријатели на Вест беа не помалку истормозени од омаломоштувачки должности. Факултетот беше затворен и секој доктор од медицинскиот колегиум помагаше во борбата со тифусната чума. Д-р Холси особено се истакна со пожртвуваноста при службата, применувајќи ги своите врховни вештини со целокупна енергија во случаи кои други ги избегнуваа поради опасност или наводна безнадежност. Пред да истече месецот бестрашниот декан стана славен херој, макар што се чинеше несвесен за својата слава додека се мачеше да не се сруши од телесна премаленост и живчано исцрпување. Вест не можеше да го скрие восхитот кон издржливоста на неговиот душман, но поради ова стана уште порешителен да му ја докаже вистината на неговите неверојатни доктрини. Искористувајќи ја збрката во работата на факултетот и општинските здравствени прописи, успеа да прокриумчари едно неодамна починато тело во универзитетската соба за сецирање и во мое присуство вбризга нова варијанта на неговиот раствор. Нештото дури и ги отвори очите, но само зјапаше кон таванот со поглед на душосмраморувачки ужас пред да се сруши во инертност од којашто ништо не можеше да го скорне. Вест рече дека не е доволно пресен - жешкиот летен воздух не беше милостив кон лешеви. Во тој наврат малку фалеше да нѐ фатат пред да стигнеме да го запалиме нештото и Вест се сомневаше во изводливоста на повторување на смелата злоупотреба на факултетската лабораторија.

Врвот на епидемијата фати во август. Вест и јас бевме пред умирање, а самиот д-р Холси и умре на 14ти. Сите студенти присуствуваа на брзиот погреб на 15ти и донесоа впечатлив венец, макар што истиот беше засенет од прилози испратени од богати аркамци и од самата општина. Беше скоро и јавен настан, зашто деканот сепак беше бил јавен добротвор. По закопот сите бевме мошне растажени и го поминавме попладнето во барот на трговската куќа каде што Вест, макар потресен од смртта на неговиот главен противник, сите нѐ стрпна со упати кон неговите злогласни теории. Kако што се ближеше квечерината, повеќето од студентите си отидоа дома или по различни должности; но Вест ме убеди да му помогнам „да ѝ го видиме аирот на вечерта“. Газдарицата на Вест нѐ виде како пристигаме во неговата соба кај околу два по полноќ, со трет човек меѓу нас; и му кажа на мажот ѝ дека очевидно добро сме се најале и напиле.

Навидум испадна како зајадливиот матријарх да е во право; зашто кај 3 по полноќ цела куќа беше скорната од крици кои доаѓаа од собата на Вест, каде што кога ја скршија вратата нѐ најдоа двајцата онесвестени на крвјосаниот килим, претепани, изгребани и распарани и со испокршени останки од шишињата и инструментите на Вест околу нас. Само еден отворен прозорец зборуваше за што се беше случило со нашиот напаѓач и многумина се прашуваа што него го имаше снајдено по страшниот скок од вториот спрат врз тревникот кој мора да го беше извел. Имаше некои чудни оправи во собата, но кога се освести Вест рече дека не му припаѓале на туѓинецот, туку биле примероци собрани за бактериолошко испитување во текот на истрагата за ширењето на бактериската зараза. Нареди да се запалат што е можно побрзо во просторниот камин. Пред полицијата и двајцата изјавивме дека ни е непознат идентитетот на нашиот вечерен придружник. Бил, Вест рече беспокојно, некој дружељубив туѓинец кој го бевме запознале во некој бар на неопределива локација во центарот на градот. Сите сме биле мошне распашани и ни Вест ни јас не сакавме полицијата да го лови нашиот придружник-ѓурултлија.

Истата таа вечер настапи и почетокот на вториот аркамски ужас - ужас кој за мене ја засени самата чума. Гробиштата „Крајстчрч“ беа сцена на страшно убиство; некој чувар беше бил расчеречен со канџи на начин кој не само што бил преодвратен за опис, туку го ставал во сомнеж и човечкото воздејство на делото. Жртвата била видена жива доста касно по полноќ - а зората ја открила неизустливата случка. Бил испрашан управителот на некој циркус од соседната паланка, Болтон, но се колнел дека ниедна ѕверка немала побегнато од кафезите. Тие што го нашле телото забележале трага од крв која водела до зафатената гробница, каде што имало мала црвена локва врз бетонот веднаш пред портата. Друга побледа црвена трага водела назад кон коријата, но за брзо ја снемувало.

Наредната вечер ѓаволи танец играа врз покривите на Аркам и неприродно лудило виеше низ ветерот. Низ грозничавиот град се беше расновала клетва за која некои велеа дека е поголема од чумата, а други шепотеја дека е олицетворената демонска душа на самата чума. Осум куќи беа провалени од некое безимено нешто кое сееше црвена смрт секаде кај што ќе цапнеше - сѐ на сѐ, седумнаесет осакатени и безоблични останки од тела беа оставени од безгласното, садистичко чудовиште кое сноваше наваму-натаму. Неколку души како да го имаа наѕрено во мракот и рекоа дека било бело и како изобличен мајмун или човеколик враг. Не го беше оставило зад себе сето она што го беше нападнало, бидејќи некогаш било и гладно. Бројката на убиени беше четиринаесет; три од телата биле во домови погодени од болеста и не биле живи.

Третата вечер избезумени тајфи на барачи, предводени од полицијата, го заробија во една куќа на „Крејн стрит“ близу кампусот на „Мискатоник“. Грижливо ја имаа подготвено потрагата, останувајќи во контакт преку доброволни телефонски станици и кога некој во реонот на факултетот пријавил некакво гребење врз ролетните на некој затворен прозорец, мрежата бргу била раширена. Благодарение на општата тревога и мерки за претпазливост, имало уште само две жртви и заробувањето било изведено без значителни загуби. Нештото најпосле било сопрено од куршум, макар несмртоносен, и било со вјасање однесено до околната болница среде сеопфатна возбуда и презир.

Затоа што било човек. Волку било јасно и покрај гадните очи, безгласната мајмуноликост и демонијачкото дивјаштво. Му ги преврзале раните и го одвеле до лудницата во Сефтон кај што шеснаесет години си ја удираше главата врз ѕидовите на ватирана ќелија - сѐ до скорешната несреќа, кога избега под околности кои малкумина радо би ги споменале. Она од што најмногу им се згрозило на барачите во Аркам било тоа што го забележале кога му го исчистиле лицето на чудовиштето - потсмешливата, неверојатна сличност со учениот и самопожртвуван маченик кој бил погребан едвај три дена претходно - покојниот д-р Алан Холси, јавен добротвор и декан на Медицинскиот факултет при Мискатонскиот универзитет.

За исчезнатиот Херберт Вест и за мене грозата и ужасот беа врховни. Морници ми лазат вечерва додека мислам на ова; ми лазат уште повеќе од тоа утро кога Вест промрморе низ завоите:

„Мајката, не беше доволно пресен!“



III - Шест истрели под месечина


Необично е сосема ненадејно да се испукаат сите шест куршуми од револвер кога само еден најверојатно би бил доволен, но многу работи во животот на Херберт Вест беа необични. На пример, нечесто се случува да млад лекар кој штотуку излегол од факултет е приморан да ги прикрие начелата кои му го водат избирањето на дом и пракса, а сепак така беше со Херберт Вест. Кога двајцата ги добивме дипломите од Медицинскиот факултет при Мискатонскиот универзитет и сакавме да си ја олесниме сиромаштијата зафаќајќи се со работа како општи лекари, многу водевме сметка да не кажуваме дека ја имавме избрано куќата бидејќи беше доста отсечена и најблиску што можеше да биде до гробиштата за сиромаси.

Ваквата воздржливост е ретко без причина, па така беше и со нас; зашто нашите потреби потекнуваа од животно дело кое беше особено неславно. Однадвор бевме само доктори, но под површината постоеја стремежи кон поголема и поужасна битност - зашто сушноста на постоењето на Херберт Вест беше потрагата среде црни и забранети царства на непознатото, во кои се надеваше дека ќе ги разоткрие тајните на животот и дека ќе ја врати во непрестајна анимација ладната гробна глина. Таквата задача бара чудни суровини, меѓу кои и пресни човечки тела; и со цел да остане снабден со овие неизоставливи нешта човек мора да живее тивко и недалеку од место на неформални закопи.

Со Вест се сретнавме на факултет и јас бев единствениот кој ги поткрепуваше неговите одвратни опити. Постепено постанав негов неразделив помошник и сега кога веќе не бевме на факултет, моравме да се држиме заедно. Не беше лесно да се најде отворено место за двајца здружени доктори, но најпосле влијанието на универзитетот ни обезбеди пракса во Болтон - една фабричка паланка близу Аркам, седиштето на факултетот. Болтонските погони за камгарн се најголемите во мискатонската долина и нивните повеќејазични вработени никогаш не биле популарни како пациенти меѓу околните лекари. Куќата ја избравме со најголема грижа, закачувајќи се на крај за една скоро дотраена куќарка близу крајот на улица „Понд стрит“; оддалечена пет куќни броеви од најблискиот сосед и одделена од гробиштата за сиромаси со кратко пространство на лединки, преполовени од тесен изданок на мошне густата шума која се протегаше на север. Растојанието беше поголемо одошто сакавме, но не можевме да најдеме куќа поблиску без да се префрлиме на другата страна на гробиштата, целосно напуштајќи го фабричкиот реон. Меѓутоа, не бевме премногу разочарани, бидејќи меѓу нас и нашиот зловестен извор на залихи немаше луѓе. Патот беше троа долг, но можевме невознемирено да ги молкнеме тивките примероци.

Праксата ни беше изненадувачки поголема од првата - доволно голема да ги задоволи повеќето млади доктори и доволно голема да се покаже како напаст и товар за студенти чии вистински интереси лежат на други места. Работниците во погоните беа со мошне жесток нарав, па покрај многуте нивни природни потреби, честите тепачки и пресметки со ножеви нѐ држеа доста зафатени. Но она што ни ги преокупираше умовите беше тајната лабораторија која ја имавме поставено во визбата - лабораторијата со долгата маса под електрични светла, каде што во ситните утрински часови често вбризгувавме од различните раствори на Вест во вените на нештата кои ги довлечкувавме од гробиштата за сиромаси. Вест полудено експериментираше за да најде нешто што одново би ги започнало виталните движења на човек, откако ќе се запрени од она што го викаме смрт, но постојано наидуваше на најгрозоморни препреки. Растворот мораше различно да се меша за различни видови - она што се фаќаше на заморчиња не се фаќаше на човечки суштества и различни човечки примероци бараа големи измени.

Телата мораше да се претерано пресни, зашто и најмало разградување на мозочното ткиво оневозможуваше совршена реанимација. Па така најголем проблем ни беше да ги набавиме додека се доволно пресни - Вест имаше страшни доживувања за време на тајните факултетски истражувања со лешеви од сомничава жетва. Исходите на делумна или несовршена анимација беа многу поодвратни од потполните неуспеси и и двајцата негувавме стравотни спомени од таквите работи. Уште од нашата прва демонијачка сесија во напуштената фарма на Медоу Хил во Аркам, чувствувавме некоја намрштена закана; и Вест, макар во најголем поглед смирен, рус, синоок научен автомат, често признаваше некаков морничав осет на потајно гонење. Како да му се причинуваше дека некој го следи - психолошка заблуда од потресени живци, потхранета од непорекливо вознемирувачкиот факт дека барем еден од нашите реанимирани примероци беше сѐ уште жив - еден стравотен, месојаден створ во ватирана ќелија во „Сефтон“. А потоа имаше уште еден - првиот - чија точна судбина никогаш не ја дознавме.

Во Болтон имавме доста к'смет со примероци - многу повеќе одошто во Аркам. Едвај недела помина откако се сместивме, кога најдовме една жртва на несреќа на самоти вечер од погребот и ја натеравме да отвори очи со неверојатно разумен израз на лицето пред растворот да се изветрее. Имаше загубено рака - да беше совршено тело можеби повеќе ќе ни успееше. Оттогаш до наредниот јануари набавивме уште три други; еден потполен неуспех, еден случај на забележливо мускулно движење и едно мошне морничаво нешто - се крена само по себе и изусти звук. Потоа настапи период кога к’сметот ни опадна; закопите се заретчија, а тие што се одржуваа беа на примероци или презаболени или преосакатени за употреба. Со систематска грижа водевме сметка за сите смртни случаи и нивните околности.

Меѓутоа, една вечер во март, неочекувано се снабдивме со примерок кој не потекнуваше од гробиштата за сиромаси. Во Болтон, распространетиот дух на пуританизам го беше забранил боксерскиот спорт - со очекуван исход. Скришни и лошо спроведени борби помеѓу погонските работници беа честост и повремено увезуван беше и професионален талент од пониска класа. Таа каснозимска вечер беше имало еден таков меч; со наводно катастрофален исход, зашто двајца бојазливи Полјаци ни дојдоа со неразбирливо прошепотени риџи да сме прегледале некој многу таен и очаен случај. Ги следевме до една напуштена штала, каде што останки од толпа исплашени странци гледаа кон една неподвижна црна форма на подот.

Мечот бил помеѓу Кид О’Брајан - тронтав и сега растреперен млад човек со најнехиберниски орлов нос - и Бак Робинсон „Харлемскиот Чад“. Црнецот бил нокаутиран и миговен преглед ни покажа дека трајно ќе остане таков. Беше поган, горилолик створ, со абнормално долги раце кои не можев, а да не му ги викам предни нозе и лице кое будеше мисли на неизустливи конговски тајни и лупања на там-там тапани под морничава месечина. Телото сигурно беше изгледало уште полошо во животта - но светот содржи многу грди нешта. Страв се имаше надвиснато над целата сирота толпа, зашто не знаеја како законот ќе им отплати ако работата не се заташка; и беа благодарни кога Вест и покрај моето несвесно треперење, се понуди тивко да го одведе нештото - за цел која многу добро ми беше позната.

Над бесснежниот пејсаж светеше силна месечина, но го повивме нештото и го однесовме до дома на раменици, низ напуштените улици и ливади, како што бевме носеле едно слично нешто една ужасна вечер во Аркам. Пријдовме до куќата од полето одзади, го внесовме примерокот преку задната врата, па по скалите од визбата и го подготвивме за вообичаениот опит. Стравот од полицијата ни беше апсурдно голем, макар што го темпиравме патот за да го избегнеме единствениот полицаец на патрола во тоа подрачје.

Исходот беше мачно антиклимаксен. Колку грозоморен и да се чинеше нашиот плен, сепак воопшто не реагираше на ниеден од растворите кои му ги вбризгавме во црната рака; раствори подготвени единствено од искуство со бели примероци. И така, како што саатите опасно ближеа до зори, направивме исто како и со другите - го одвлечкавме нештото низ ливадите до шумскиот честак близу гробиштата за сиромаси и го закопавме во најдобриот гроб што можеше да го понуди смрзнатата земја. Гробот не беше многу длабок, но онолку добар колку и оној за претходниот примерок - нештото што се подигна и изусти звук. Внимателно го покривме со лисја и мртви бршлени под светлото на замрачените фенери, доста уверени дека полицијата никогаш нема да го најде во толку притулена и густа шума.

Наредниот ден сѐ повеќе стравував од полицијата, зашто еден пациент ни донесе гласини за сомнежи за некаква борба и смрт. А Вест имаше уште еден извор на грижи, зашто попладнето беше повикан на случај што заврши доста заканувачки. Некоја Италијанка беше станала хистерична поради нејзиното исчезнато дете - момче на пет години кое заталкало рано изутрината и го немало да се врати за вечера - и развила симптоми кои биле многу загрижувачки со оглед на отсекогаш слабото срце. Хистеријата била мошне бесмислена, зашто момчето и претходно честопати имало бегано, но италијанските селани се претерано суеверни и жената се чинела тормозена и од предзнаци, а не само од факти. Кај околу седум часот вечерта жената умрела и нејзиниот избезумен маж изнаправил стравотна сцена во обид да го убие Вест, кој побеснето го обвинувал за тоа што не ѝ го спасил животот. Пријателите го додржале кога извлекол стилето нож, но Вест си заминал среде неговите нечовечки крици, пцуења и заклетви за освета. Низ новиот саклет, човекот како да си го беше заборавил детето кое сѐ уште го немало како што врвела ноќта. Имало муабети за барање низ коријата, но повеќето од семејните пријатели биле зафатени со мртвата жена и расцреканиот маж. Сѐ на сѐ, живчаниот напор врз Вест сигурно беше неверојатен. Го потиснуваа мисли ем за полицијата ем за лудиот Италијанец.

Си легнавме кај околу единаесет, но не спиев добро. Болтон имаше изненадувачки добра полиција за една толку мала паланка и не можев, а да не се плашам од нередот којшто можеше да настапи ако случката од претходната вечер некако се разоткрие. Можеше да значи крај за сета наша работа во околијата - и можеби затвор и за Вест и за мене. Не ми се допаѓаа гласините за некаква борба кои се ширеа наоколу. Откако чукна три часот месечината ми засвете в очи, но се завртив без да станам да ја спуштам ролетната. А потоа настапи спорото ѕвечкање на задната врата.

Лежев мирен и до некаде замајан, но за кратко го чув Вест како ми тропа на врата. Беше обуен во ноќница и влечки и во рацете држеше револвер и електрична батерија. Од револверот сфатив дека умот повеќе му е во излудениот Италијанец отколку во полицијата.

„Поарно двајцата да одиме,“ прошепоти. „Сепак, не бива да не отвориме, а може и да е пациент - ништо чудно да некој од будалине сака да се мушне преку преку задната врата.“

Така двајцата напрсти слеговме по скали, полни со страв делумно оправдан, а делумно каков што доаѓа само од душата на бизарните ситни саати. Sвечкањето продолжи, станувајќи малку погласно. Кога стигнавме до вратата, внимателно ја одмандалив и нагло ја разотворив и како што месечината откривачки зрачеше врз формата оцртана пред нас, Вест стори сперлива работа. И покрај очигледната опасност да привлече внимание и да ни ја накачи полициската истрага од којашто стравувавме - нешто што и после сѐ беше фала Богу избегнато поради релативната отсеченост на нашата куќарка - мојот пријател наеднаш, возбудено и непотребно ги испразни сите шест комори од револверот во вечерниот посетител.

Зашто тој посетител не беше ни Италијанец ни полицаец. Одвратно демнејќи под призрачната месечина имаше џиновско обезличено нешто незамисливо освен во кошмар - стаклооко, мастилно-црно привидение на скоро четири нозе, прекриено со парчиња мувла, листови и бршлени, испогането со засирена крв и држејќи помеѓу сјајните заби снежнобел, стравотен, цилиндричен предмет кој завршуваше во малечка дланка.



IV - Вресокот на мртвите


Вресокот на еден мртовец ми го влеа тој преизразен и дополнителен ужас од д-р Херберт Вест кој ги зацрни покасните години на нашето дружење. Природно е да нешто како вресок на мртовец ти влее ужас, зашто очигледно не е пријатна или секојдневна случка; но јас бев навикнат на слични искуства, па во таа пригода пострадав само поради една конкретна околност. И, како што наведов, не беше мртовецот оној од којшто ме фати страв.

Херберт Вест, чиј соработник и помошник бев, поседуваше научни интереси значително надвор од рутината на еден селски лекар. Затоа кога ја отвори праксата во Болтон избра отсечена куќа близу гробиштата за сиромаси. Кратко и круто кажано, единствената преокупација на Вест беше тајното проучување на феноменот на животот и неговото запирање, насочено кон реанимација на мртвите преку вбризгување на стимулативен раствор. За ваквите грозоморни опити беше потребно да се има постојана залиха на многу пресни човечки тела; многу пресни бидејќи и најмал распад безнадежно ја оштетуваше мозочната структура, а човечки бидејќи откривме дека растворот мора да е различно формулиран за ралични видови на организми. Цели свити од зајаци и заморчиња беа убиени и подложени на растворот, но нивната патеката беше слепа. Вест никогаш немаше успеано во целост, бидејќи никогаш не можеше да набави доволно пресен леш. Она што го сакаше беа тела од коишто виталноста штотуку си беше заминала; тела со недопрени клетки и способни повторно да го примат нагонот кон оној режим на подвижност кој го викаме живот. Имаше надеж дека овој втор и вештачки живот може да се направи непрекинлив преку повторувања на вбризгувањето, но откривме дека обичниот природен живот не сака да реагира на таквата постапка. За да се воведе вештачката подвижност, природниот живот мораше да згасне - примероците мораше да се многу пресни, ама вистински мртви.

Стравотната потрага беше почнала кога Вест и јас бевме студенти на Медицинскиот факултет при Мискатонскиот универзитет во Аркам и за првпат живописно свесни за целосно механичката природа на животот. Ова беше пред седум години, но Вест не изгледаше ни ден постар - беше мал, рус, голобрад, со лек глас и со очила и само по некој повремен блесок во ладните сини очи зборуваше за сѐ позакоравениот и растечки фанатизам на неговиот нарав под притисокот на страшните истражувања. Искуствата обично ни беа одвратни вон секакви граници; исходи на неисправна реанимација, кога грутки гробна глина беа спотнати во морбидна, неприродна и безмозочна подвижност преку различни измени на виталниот раствор.

Едно од нештата беше испуштило живчораспорувачки вресок; друго насилно се дигна, нѐ претепа двајцата до бесвест и на потресен начин направи цела околија да пропишти од него, пред да биде ставено зад луднички решетки; а трето, едно погано африканско страшилиште, се имаше изграбано од плиткиот гроб и сторено едно извесно дело - Вест мораше да ја затрела таа ствар. Не можевме да најдеме тела што се доволно пресни за да покажат барем трага разум кога беа реанимирани, па неминовно бевме создале безимени ужасии. Вознемирувачки беше да се мисли на тоа дека едно или можеби две од чудовиштата сѐ уште живеат - таквата помисла сеништно нѐ опседнуваше, додека најпосле Вест не исчезна под стравотни околности. Но во времето на врисокот во лабораторијата во визбата на отсечената куќарка во Болтон, стравовите ни беа потчинети под чемреењето по претерано пресни примероци. Вест беше попламенит од мене, до толку што ми се чинеше како полулакомо да ѝ се пули на секоја многу здрава, жива снага.

Беше јули 1910, кога настапи пресвртот во лошата среќа со примероци. Јас бев појден на долга посета кај моите во Илиноис и кога се вратив го начекав Вест во состојба на своеобразен вознес. Си чинело, ми рече, дека го решил проблемот на пресноста преку пристап од сосема нова гледна точка - онаа на вештачко зачувување. Знаев дека работи на ново и многу необично соединение за балсамирање и не се изненадив што му испаднало како што треба; но додека не ми ги објасни подробностите бев мошне збунет како такво соединение би можело да ни помогне во нашата работа, зашто проблематичната бајатост на примероците најмногу се должеше на одложувањето што настапуваше пред да ги набавиме. Вест, како што тогаш воочив, ова јасно го имаше увидено; составувајќи го неговото балсамирачко соеднинение за идна, наместо за непосредна употреба и верувајќи ѝ на судбината за пак да нѐ снабди со некој многу пресен и незакопан леш, како пред многу години кога го најдовме црнецот убиен во бокс мечот во Болтон. Најпосле судбината ни се насмевнала, па овој пат во тајната лабораторија во подрумот лежел леш кој немало ни најмала шанса да е почнат со распаѓање. Што ќе се случи при реанимација и дали можевме да се надеваме на оживување на умот и разумот, Вест не сакаше да проба да предвиди. Опитот ќе бил пресврт во нашите проучувања и го чувал новото тело за кога ќе се вратам, за и двајцата да можеме да ја споделиме приредбата на вообичаениот начин.

Вест ми раскажа како го набавил примерокот. Бил некој бодар човек; убаво облечен туѓинец штотуку симнат од воз тргнат да заврши некоја работа во болтонските погони за камгарн. Патот низ паланката бил долг и кога патникот застанал пред нашата куќарка да праша за патот до фабриките, срцето веќе му било пренапрегнато. Одбил лек и уште истиот миг паднал мртов. Телото, како што можеше да се очекува, на Вест му се видело како дар од Бога. Низ краткиот разговор туѓинецот се изјаснил дека не го познавале во Болтон и следбената проверка на џебови открила дека името му е Роберт Левит од Сент Луис, навидум без семејство за да би презело итна постапка по неговото исчезнување. Ако овој човек не можел да биде вратен во живот, никој немало да дознае за нашиот опит. Материјалите ги закопувавме во еден густ шумски изданок помеѓу куќата и гробиштата за сиромаси. А, од друга страна, ако можело да биде повратен, славата ќе ни била блескаво и вековечно воспоставена. Така Вест без одолговлекување го беше вбризгал во зглобот на телото соединението кое ќе го чувало пресен за употреба додека не си дојдам. Работата со очевидно слабото срце која за мене го замрачуваше успехот на опитот, не се чинеше како значително да му пречи на Вест. Се надеваше дека најпосле ќе го достигне она што никогаш го немаше достигнато - одново завалена искра на разум и можеби и нормално, живо суштество.

Така. ноќта на 18 јули, 1910, Херберт Вест и јас стоевме во лабораторијата во визбата и зјапавме во белата, тивка фигура под заслепувачката електролачна ламба. Соединението за балсамирање делуваше со необјаснив успех, зашто како што воодушевено зјапав во крупната снага која две недели беше лежела без да се вкочани, бев понесен да му побарам на Вест да ме увери дека нештото навистина е мртво. Ваквото уверување мошне лесно ми го приложи; потсетувајќи ме дека растворот за реанимација никогаш не се употребувал без внимателни тестови на живоста; зашто не можел ни да влијае доколку постои присуство на првичната виталност. Како што Вест продолжуваше со уводните чекори, ме погоди грамадната замрсеност на новиот опит; замрсеност толку грамадна што не можеше да ѝ верува на опитноста на ничија друга рака освен неговата. Забранувајќи ми да го допирам телото, прво вбризга течност во зглобот веднаш до местото каде што иглата беше дупнала кога го вбризгал соединението за балсамирање. Ова, рече, било за да го неутрализира соединението и да го поврати системот до нормална опуштеност за растворот за реанимација да може слободно да делува штом ќе е вбризган. Малку покасно, кога се чинеше дека мртвите краци ги обзема промена и нежен трепет, Вест насилно притисна некаков перницовиден предмет врз разгрченото лице, не повлекувајќи го додека лешот не се чинеше мирен и спремен за нашиот обид за реанимација. Бледиот занесеник потоа изведе некои последни рутински потврдувања на потполната безживотност, задоволно се тргна и најпосле во левата рака вбризга точно измерена количина на виталниот еликсир, приготвен попладнето со поголема грижа одошто водевме во факултетските денови, кога подвизите ни беа нови и пипави. Не можам да ја изразам дивата, безздивна неизвесност со којашто го чекавме исходот на овој прв вистински пресен примерок - првиот кој разумно можевме да очекуваме дека ќе отвори уста во рационален говор, можеби за да раскаже што беше видел зад недоловливиот понор.

Вест беше материјалист, не верувајќи во душа и препишувајќи ги сите дела на совеста на телесни феномени; па оттука не трагаше по други откровенија на одвратни тајни од бездните и пештерите зад смртната бариера. Јас самиот и не се разидував со него во теорија, ама сепак се држев до некои магливи нагонски останки од примитивната вера на моите предци; па не можев, а да не го меркам лешот со извесна количина на стравопочит и стравотно исчекување. Освен тоа - не можев да го извлечам од сеќавањето тој одвратен, нечовечки крик кој го чувме ноќта кога го направивме првиот опит во напуштената фарма во Аркам.

Многу малку време измина пред да воочам дека обидот нема да е потполно неуспешен. Трошка боја се појави на образите дотогаш бели како греда и се рашири под своевидно потпораснатата светло костенлива брада. Вест, кој со раката го мереше пулсот на левиот зглоб, одеднаш значајно климна; и скоро истовремено се појави магла на огледалото навалено над устата на телото. Следеа неколку грчевити мускулни движења и потоа звук на дишење и видливо движење на градите. Ги погледнав затворените очни капаци и ми се виде како да приметив трепет. Тогаш капаците се отворија, откривајќи очи што беа сиви, мирни и живи, но сѐ уште неинтелигентни и ни малку љубопитни.

Во миг на фантастичен хир прошепотив прашања во заруменетите уши; прашања за други светови за коишто можеби сѐ уште постоеше сеќавање. Следбениот ужас ми ги истера од умот, но мислам дека последното, кое го повторив, беше: „Кај беше појден?“ Сѐ уште не знам дали добив одговор или не, зашто од убаво оформената уста не излезе звук; но знам дека во тој миг убедено помислив дека тенките усни тивко се помрднуваат, формирајќи слогови кои ќе ги артикулирав како „дури сега“ ако таа фраза ми содржеше некоја смисла или битност. Во тој момент, како што реков, бев во вознес од убедувањето дека нашата врховна цел е достигната; и дека за првпат реанимиран леш беше изустил конкретни зборови поттикнати од вистински разум. Во наредниот миг веќе немаше сомнеж за тржеството; немаше сомнеж дека растворот навистина си ја имаше постигнато, барем привремено, целата задача на повраќање разумен и разбирлив живот кај мртвите. Но со тоа тржество ми надојде и најголемиот од сите ужаси - не ужас од нештото кое прозборе, туку од делото кое го посведочив и од човекот со кој ми беше врзана стручната пишанија.

Зашто тоа многу пресно тело, најпосле допретувајќи до целосна и застрашувачка свесност со зеници проширени од споменот на неговата последна сцена на земјата, трескаво ги испружи рацете нагоре во борба за живот или смрт со воздухот; и ненадејно срушувајќи се во втора и последна кончина од којашто веќе немаше враќање, вресна во крик кој вечно ќе ми ѕуни во кутриот мозок:

„Помош! Бегај бре, кускуле сламоглаво вражјо - бегај од мене со таа проклета игла!“



V - Ужасијата од сенките


Многу луѓе раскажувале за одвратни нешта, неспоменати во книги и весници, кои се случиле на боиштата на Големата војна. Некои од тие нешта ми ја зеле свеста, други ме згрчиле во запрепастувачка гадост, а од трети сум имал морници и сум се пулел зад мене во мракот; но и покрај најлошите меѓу нив, верувам дека јас самиот можам да раскажам за најодвратното од сите нешта - потресната, неприродната, неверојатната ужасија од сенките.

Во 1915 бев лекар со чин на постар полковник во канадскиот полк во Фландрија, еден од многуте Американци кои ја имаа претркано самата влада во колосалната борба. Не ѝ се приклучив на војската на своја рака, туку како природен исход на пријавувањето на човекот на кој му бев незаменлив помошник - прославениот хируршки специјалист од Бостон, д-р Херберт Вест. Д-р Вест беше пламенит за прилика да служи како хирург во некоја голема војна и кога му се пружи прилика ме понесе со него скоро и без да сакам. Постоеја причини поради кои радо ќе дозволев да војната нѐ раздели; причини поради кои медицинската струка и друштвото на Вест сѐ повеќе ме дразнеа; но кога тој замина во Отава и преку влијанието на колега обезбеди медицинско распределување како мајор, не можев да ѝ одолеам на заповедничката убедливост на оној кој беше решен дека морам да го придружувам вршејќи си ја мојата вообичаена улога.

Кога велам дека д-р Вест беше пламенит за да служи во бојот, не сакам да кажам дека беше природно борбен или загрижен за безбедноста на цивилизацијата. Отсекогаш беше студена интелектуална машина; кус, рус, синоок и со очила; мислам дека потајно се подбиваше со мојата повремена воена бодрост и упреци кон индолентна неутралност. Меѓутоа, во завојуваната Фландрија имаше нешто што тој го сакаше; и за да го обезбеди мораше да присвои војничка надворешност. Она што го сакаше не беше нешто што многумина го сакаат, туку нешто поврзано со сперливата гранка на медицинската наука која беше решен потајно да ја следи и во којашто имаше постигнато неверојатни и повремено одвратни происходи. Беше, ни помалку ни повеќе, туку обилна залиха на пресно убиени луѓе од секоја етапа на расчереченост.

На Херберт Вест му требаа пресни тела затоа што животно дело му беше реанимацијата на мртвите. Оваа дејност не ѝ беше позната на отмената клиентела која толку бргу му ја изгради славата по неговото доаѓање во Бостон, но мене ми беше и повеќе од позната, јас, кој му бев најблизок пријател и единствен помошник уште од деновите на Медицинскиот факултет при Мискатонскиот универзитет во Аркам. Во тие факултетски денови беше почнал со ужасните опити, прво врз мали животни, а потоа врз потресно набавени човечки суштества. Имаше раствор кој го вбризгуваше во вените на мртвите нешта и ако беа доволно пресни, истите реагираа на чудни начини. Многу се имаше намачено во откривањето на соодветната формула, зашто се воспостави дека секој тип на организам бара стимулант кој ќе е посебно приспособен за него. Страв го опседнуваше кога ќе си споменеше за делумните неуспеси; безимени нешта произлезени од несовршени раствори или од тела што беа недоволно пресни. Извесен број на овие неуспеси имаа останато живи - еден беше во лудница, а други ги снема - и кога умот ќе му појдеше кон некои извесни замисливи, макар практично невозможни можности, често му лазеа морници под вообичаената сталоженост.

Вест наскоро откри дека крајната пресност е од првична нужност за употребливоста на примероците и соодветно се имаше свртено кон стравотни и неприродни модуси на гробоограбување. На факултет и за време на нашите први заеднички вежби во фабричката паланка Болтон, мојот став кон него најчесто беше став на воодушевен восхит, но како што му растеше смелоста во начинот на работа, почна да ми се пројавува и глодачки страв. Не ми се бендисуваше како им се пулеше на здравите живи тела; а потоа настапи една кошмарна сесија во лабораторијата во визбата за време на којашто дознав дека еден извесен примерок бил живо тело кога го беше набавил. Тогаш за првпат успеа да ја оживее особината на рационална мисла во леш; и успехот, постигнат по таква погана цена, потполно го имаше отрпнато.

За неговиот начин на работа во наредните пет години не се осмелувам да зборувам. Бев врзан за него од чиста сила на страв и посведочив глетки кои човечки јазик не би можел да ги повтори. Постепено почнав да го сметам самиот Херберт Вест за поужасен од сето она што го правеше - и тогаш ми светна дека неговата некогашно нормална научна ревност за продолжување на животот суптилно се имаше изопачено во само една морбидна и гробождерна љубопитност и тајна смисла за костурничарска сликовитост. Преокупацијата му се претвори во пеколна и извитоперена зависност од одбивни и вражји абнормалности; смирено се ситеше над вештачки страшилишта од кои повеќето здрави луѓе би паднале мртви од страв и гадење; стана, зад бледата интелектуалност, педантен Бодлер на физички опити - индолентен гробничарски Елагабал.

 Со опасности со соочуваше без да трепне; злочини правеше без да се покае. Мислам дека разгорот настапи кога го докажа неговото тврдење дека рационалниот живот може да биде повратен и трагаше по нови светови за освојување низ опити за реанимација на отсечени делови од тела. Имаше разуздани и оригинални идеи за независните витални својства на органиските клетки и нервни ткива отцепени од природни физиолошки системи; и постигна одвратни уводни исходи во форма на вечноживо, вештачки потхрането ткиво земено од речиси испилените јајца на еден неопислив тропски рептил. Имаше две биолошки прашања кои беше претерано жарок да ги разјасни - прво, дали е возможно некакво ниво на свест и рационално расудување и без големиот мозок, коешто би дошло од ‘рбетниот мозок и различните нервни центри; и второ, дали постои некаква неземна, недопирлива врска различна од материјалните клетки која би ги поврзала хируршки одделените делови кои претходно биле составни членки на еден ист жив организам. Сета оваа истражувачка работа бараше грамадна залиха на пресно заклано човеко месо - и затоа Херберт Вест се имаше приклучено во Големата војна.

Призрачниот, неспоменлив чин се случи една вечер на полноќ во касен март во 1915, во една полска болница зад борбените линии во Синт Елој. Дури и сега се прашувам дали е можно да беше нешто повеќе од демонијачки сон на бунило. Вест имаше приватна лабораторија во источната соба на шталовидното привремено здание, која му беше доделена по неговото излагање дека изумува нови и радикални методи за лекување на дотогаш безнадежни случаи на осакатеност. Таму работеше небаре касап среде крвавата му граѓа - никогаш не можев да се навикнам на ведроста со која класираше и ракуваше со некои извесни работи. Повремено и вистински изведуваше хируршки чуда со војниците; но главната сласт му беше од понејавна и понечовекољубива природа, која бараше многукратни објаснувања на звуци кои се чинеа сперливи дури и среде џагорот на проклетите. Меѓу овие звуци беа чести истрели на револвер - прилично секојдневни за на боиште, но значително несекојдневни за во болница. Реанимираните примероци на д-р Вест не беа наменети за долго постоење или голема публика. Освен човечки ткива, Вест користеше голема количина од рептилското ембрионално ткиво кое го имаше култивирано со толку своеобразен успех. Беше подобро од човечки материјал за одржување живот во одломки неповрзани со органи, а на мојот пријател тоа сега му беше главна дејност. Во еден мрачен ќош на лабораторијата, над настран грејач за инкубирање, чуваше голема покриена бочва полна со оваа рептилска клеточна материја; која се множеше и подуено и одвратно растеше.

За време на вечерта којашто ја спомнав имавме еден сјаен нов примерок - човек кој беше ем телесно моќен ем со толку висока умственост, што чувствителен нервен систем беше загарантиран. Беше мошне иронично, зашто беше офицерот кој му беше помогнал на Вест во распределбата и на кој сега му беше пишано да ни е соработник. А во минатото дури и тој самиот донекаде потајно ја имаше изучувано теоријата на реанимација под менторство на Вест. Мајорот сер Ерик Морланд Клапам-Ли, добитник на Орден за истакната служба, беше најпрославениот хирург во нашата дивизија и неодложно беше испратен во секторот на Синт Елој кога до штабот пристигна веста за тешкиот бој. Имаше тргнато со авион пилотиран од срчовниот полковник Роналд Хил, но беше соборен токму кога беше над одредиштето. Падот беше бил спектакуларен и стравотен; Хил беше непрепознатлив, а кршот го изнедри големиот хируг во скоро обезглавена, но освен тоа недопрена состојба. Вест лакомо го дограба безживотното нешто кое дотогаш му беше било пријател и научен сопатник и морници ми полазија кога му ја доотсече главата, ја стави во пеколната бочва со пулпаво рептилско ткиво за да ја зачува за идни опити и продолжи со прегледување на обезглавеното тело на операционата маса. Вбризга нова крв, сврза некои вени, артерии и нерви на безглавиот врат и го затвори грозоморниот зјај со пресадена кожа од неидентификуван примерок кој носеше офицерска униформа. Знаев што сака - да види дали ова високоорганизирано тело може, без глава, да покаже било какви знаци на умствениот живот кој го беше красел сер Ерик Морланд Клапам-Ли. Поранешен ученик во областа на реанимација, тивкиот труп сега беше грозоморно прозван да служи како пример за истата.

Уште го гледам Херберт Вест под зловестното електрично светло како го вбризгува растворот за реанимација во раката на безглавото тело. Не можам да ја опишам сцената - би се онесвестил ако се обидам, зашто лудило владее во соби полни со тајни костурничарски нешта, со крв и спореден човечки смет до глужд врз лигавиот под и со одвратни рептилски абнормалности кои никнуваат, клокотат и се печат над мижуркав сино-зелен призрак на притулен пламен во далечен ќош од црни сенки.

Примерокот, како што Вест неколкупати забележа, имаше сјаен нервен систем. Многу се очекуваше од него; и како што почнаа да се појавуваат по неколку грчевити движења, можев да го видам трескавиот интерес на лицето на Вест. Мислам дека се спремаше да види доказ за неговите сѐ посилни верувања дека свеста, разумот и личноста можат да постојат независно од мозокот - дека човекот нема средишно сврзен дух, туку е само машина од нервна материја; со секој отсек во главно одделен сам по себе. Со една тржествена демонстрација Вест планираше да ја уназади животната мистерија до класата на митот. Телото сега пободро се грчеше и под нашите пламенити очи почна да збивта на стравотен начин. Рацете обеспокојувачки се размрдаа, нозете се подигнаа и различни мускули се стегнаа во некакво одбивно претање. Тогаш безглавото нешто ги испружи рацете во гест што непогрешливо беше гест на очај - сознателен очај очевидно доволен за да ја докаже секоја теорија на Херберт Вест. Јасно беше дека живците се присеќаваа на последниот животен чин на човекот; борбата да се ослободи од авионот што паѓаше.

Што следеше, никогаш нема со сигурност да дознаам. Можеби беше само халуцинација од потресот предизвикан во тој миг од ненадејното и потполно уништување на зградата во катаклизам од германски гранати - кој би се закренал против таквото верување, кога Вест и јас бевме единствените докажани преживеани? Вест сакаше да си мисли така пред неодамнешното исчезнување, но имаше моменти кога не можеше; зашто беше настрано тоа што и двајцата ги имавме истите халуцинации. Самиот одвратен чин беше многу едноставен, значаен само поради она на коешто наведуваше.

Телото на масата се беше кренало со слепо и стравотно распипување; и чувме звук. Не би го нарекол „глас“ тој звук, зашто беше преужасен. А сепак, темброт не му беше најстрашната особина. Ниту неговата порака - само се издра, „Скокај Роналд, скокај жити Господ!“ Ужасната работа беше неговиот извор.

Зашто беше дошол од големата покриена бочва во тој гробождерен ќош на ползечки црни сенки.



VI - Гробничките свити


Кога д-р Херберт Вест исчезна пред една година, бостонската полиција внимателно ме испраша. Се сомневаа дека кријам нешто, а можеби се сомневаа и во посериозни работи; но не можев да им ја кажам вистината зашто немаше да поверуваат. Знаеја дека Вест навистина беше поврзан со дејствија надвор од синорот на веродостојност за обични луѓе; зашто неговите одвратни опити за реанимација на мртви тела од одамна беа станати преобемни за да допуштат совршена тајност; но крајната душораспарувачка катастрофа имаше елементи на демонијачка фантазија што дури и мене ме тераше да се сомневам во вистинитоста на она што го видов.

На Вест јас му бев најдобар пријател и единствениот доверлив помошник. Се имавме сретнато пред многу години, на факултетот по медицина и од прва ги делев неговите ужасни истражувања. Постепено се обидуваше да усоврши раствор кој, доколку беше вбризган во вените на штотуку починатите, можеше да го поврати животот; труд кој бараше обилност на пресни трупови и поради тоа вклучуваше најнеприродни дејствија. Но уште попотресни беа происходите од некои од опитите - грозоморни маси на месо кое беше било мртво, но кое Вест го имаше пробудено во слепа, безмозочна, гадна анимација. Ова беа вообичаените происходи, зашто за да се разбуди умот потребно беше да се има примероци толку потполно пресни што никаков распад да не може да му повлијае на деликатните мозочни клетки.

Оваа потреба за многу пресни лешеви беше она што ѝ дојде до ак на моралноста на Вест. Тешко се наоѓаа и еден страшен ден имаше набавено примерок кој сѐ уште беше жив и бодар. Борба, игла и моќен алкалоид го беа преобразиле во мошне пресен леш и опитот беше успешен на еден краток и впечатлив миг; но Вест од него излезе со закоравена и отапена душа и отрпнато око кое понекогаш погледнуваше со некаква одвратна и префригана одмерливост кон луѓе со особено чувствителен мозок и особено бодра снага. Кон крајот развив и преизразен страв од Вест, зашто и мене почна така да ме гледа. Луѓето како да не ги забележуваа овие негови погледи, но го забележуваа мојот страв; и по неговото исчезнување го употребуваа ова како основа за некои бесмислени сомнежи.

Вест, поправо, беше поисплашен од мене; зашто неговите грозни дејности значеа живот на стаеност и уплав од секоја сенка. Стравот делумно му беше од полицијата; но понекогаш беспокојот му беше подлабок и помаглив, засегајќи извесни неописливи нешта во коишто беше вбризгал морбиден живот и од коишто не го беше видел тој живот да си замине. Обично опитите ги завршуваше со револвер, но неколку пати не беше бил доволно брз. Имаше еден примерок, првиот, на чијшто гроб покасно беа видени бразди од гребење со прсти. Имаше друг, телото на еден професор од Аркам, кој беше сторил човекојадни чинови пред да биде фатен и неидентификувано фрлен во лудачка ќелија во „Сефтон“, каде шеснаесет години лупаше врз ѕидовите. Повеќето други происходи кои беше можно да имаат преживеано беа нешта за кои е потешко да се зборува - зашто во подоцнежните години научната ревност на Вест се имаше изродено во нездрава и фантастична манија; и најголемите вештини си ги трошеше во повраќање во живот не цели човечки тела, туку одделни делови од тела, или делови споени со органска материја што не беше човечка. Работата беше станата одвратно вражја во времето кога исчезна; многу од опитите не можеа ни да се загатнат во книга или весник. Големата војна, во којашто двајцата служевме како хирурзи, ја имаше засилено оваа страна на Вест.

Кога велам дека овој страв на Вест од неговите примероци беше маглив, особено ја имам на ум неговата сложена природа. Дел од неа доаѓаше од самото сознание за постоењето на такви безимени чудовишта, а друг дел потекнуваше од стравувањето од телесните повреди кои истите би можеле да му ги зададат под извесни околности. Нивното исчезнување ѝ придодаваше ужас на ситуацијата - од сите нив, Вест само за едно знаеше каде е, жалосното нешто во лудницата. Но, освен тоа, имаше и еден попрониклив страв - мошне фантастичен осет кој беше происход од еден своевиден опит во канадската војска во 1915. Вест, среде една жолчна битка, го беше реанимирал мајорот сер Ерик Морланд Клапам-Ли, добитник на Орден за истакната служба и негов лекарски сопатник кој знаеше за неговите опити и можеше да ги повтори. Главата беше отстранета, за да би можеле да се испитаат можностите за квазиинтелигентен живот во трупот. Токму кога зградата беше збришана од една германска граната, беше настапил успех. Трупот свесно се беше помрднал; и, макар звучело неверојатно, и двајцата бевме гадливо сигурни дека од отстранетата глава доаѓаа артикулирани звуци додека истата лежеше во засенетиот ќош на лабораторијата. Гранатата на некој начин беше била и милостива - но Вест никогаш не можеше да биде сигурен колку што сакаше да е, дека само ние двајца имавме преживеано. Понекогаш изјавуваше морничави претполагања за можните чинови на еден безглав лекар со моќ да ги реанимира мртвите.

Последното седиште на Вест беше во една достоинствена куќа со истакната елеганција која надгледуваше едни од најстарите гробишта во Бостон. Го имаше избрано местото чисто од симболични и фантастично естетски причини, зашто повеќето погребани беа од колонијалниот период, па не му беа од корист на научник кој бараше пресно закопани тела. Лабораторијата беше во подподрум тајно изграден од странски работници и содржеше огромна печка за кремирање за тивко и потполно отстранување на оние тела или одломки и синтетички пародии на тела, кои ќе останеа од морбидните опити и неосветени забави на стопанот. При копање на оваа визба работниците беа наишле на некој прекумерно древен каменорез; несомнено поврзан со старите гробишта, а сепак предлабок за да соодветствува со некоја позната гробница во нив. По многубројни пресметки Вест заклучи дека претставува некоја тајна одаја под гробницата на Аверилови каде што последниот закоп бил изведен во 1768. Со него бев кога ги проучуваше сладникавите, растечени ѕидови разоткриени од мотиките и чапите на работниците и бев спремен за грозоморната возбуда која би го придружувала откривањето на вековни гробнички тајни; но за првпат новата бојазливост на Вест му ја надвладеа природната љубопитност и си го издаде разронетиот кураж со тоа што нареди каменорезот да се остави како што е и да се премалтериса. И така каменорезот остана дел од ѕидовите на тајната лабораторија сѐ до таа последна пеколна вечер. Зборувам за распадот на Вест, но морам да напоменам дека работата беше строго умствена и неопиплива. Однадвор беше истиот како и секогаш - смирен, ладнокрвен, кус и русокос, со сини очи со очила и општ изглед на младост која се чинеше како ни години ни стравови да не можат да ја сменат. Се чинеше смирен дури и кога мислеше на тој изгребан гроб и погледнуваше зад себе; дури и кога мислеше на месојадното нешто кое ги глодаше и дрпаше решетките во „Сефтон“.

Крајот на Херберт Вест започна една вечер во нашата заедничка работна соба додека го делеше сперливиот поглед помеѓу весникот и мене. Чудна насловна вест го имаше погодено од истутканите страници и безимена титанска канџа се чинеше како да се испружува долж шеснаесет години. Нешто стравотно и неверојатно се имаше случено во лудницата „Сефтон“ на педесет милји од нас, смраморувајќи го соседството и обезглавувајќи ја полицијата. Во ситните утрински часови корпус од тивки луѓе беше влегол во зградата и неговиот челник ги острелушил негувателите. Бил заканувачка војничка фигура која зборувала без да ги мрда усните и чиј глас се чинел небаре вентрилокистички поврзан со масивниот црн куфер кој го носел. Безизразното лице му било лично до точка на зрачна убавина, но го потресло надзорникот кога врз него паднало светлина од ходникот - бидејќи било восочно лице со очи од обоено стакло. Некоја безимена несреќа го беше имала спопаднато човекот. Некој голем човек му го водел чекорот; одбивна мечка чие модро лице се чинело како да е полуизедено од некоја непозната болештина. Говорителот побарал да му се препише старателство врз човекојадното чудовиште од Аркам затворено пред шеснаесет години; и кога го одбиле, дал сигнал кој спотнал потресна побуна. Враговите ги претепале, изгазиле и искасале сите негуватели кои не се вдале да бегаат; убивајќи четворица и успевајќи да најпосле го ослободат чудовиштето. Жртвите кои можеле нерастроено да си приспомнат за настанот се колнеле дека суштествата се однесувале не како луѓе, туку како безразумни автомати водени од восоколикиот челник. Додека да дојде помош, ја снемало секоја трага од луѓето и од нивниот луд налет.

Од часот кога ја прочита оваа статија, до полноќ, Вест седеше небаре вкочанет. На полноќ заѕвони ѕвончето, вадејќи го од памет. Сите слуги си имаа легнато на таван, па јас отворив врата. Како што ѝ кажав на полицијата, на улицата немаше кола, туку само група од чудни фигури кои носеа голема квадратна кутија која ја оставија во ходникот откако еден од нив гровна со многу неприроден глас, „Експресно - платена поштарина.“ Се изредија надвор од куќата со испрекинат од и додека ги гледав како си заминуваат ми дојде левтерна мисла дека скршнуваат кон древните гробишта кои ја тангираа задната страна на куќата. Кога ја треснав вратата зад нив Вест се симна долу и ја разгледа кутијата. Беше отприлика две квадратни стапки и беше обележана со точното име и тогашната адреса на Вест. Исто така беше обележана и со записот „Од Ерик Морланд Клапам-Ли, Синт Елој, Фландрија“. Пред шест години, во Фландрија, една гранатирана болница се имаше срушено врз безглавиот реанимиран труп на д-р Клапам-Ли и врз отстранетата глава која - можеби - имаше изустено разбирливи зборови.

Вест сега веќе не беше ни возбуден. Состојбата му беше многу погрозоморна. Бргу рече, „Крај е - ама ајде да го запалиме - ова.“ Го слеговме нештото во лабораторијата - наслушувајќи. Не се сеќавам на многу подробности - може да замислите што ми се вртеше низ умот - но свирепа лага е да се каже дека во печката за кремирање сум го ставил телото на Херберт Вест. И двајцата ја ставивме целата неотворена дрвена кутија, ја затворивме вратата и пуштивме струја. Ниту пак сепак се чу некаков звук од кутијата.

Вест прв го забележа ронењето на малтерот на делот од ѕидот кај што беше покриен каменорезот на древната гробница. Сакав да избегам, ама ме запре. Тогаш видов мал црн отвор, осетив гробождерен леден воздух и ја помирисав костурничарската утроба на гнојната земја. Немаше звук, но токму тогаш електричното светло се изгаси и спрема некоја светлозрачност од Адот здогледав како се оцртува орда на тивки нешта фатени за работа кои само лудило - или нешто полошо - би можело да ги создаде. Контурите им беа човечки, получовечки, парцијално човечки и воопшто нечовечки - ордата беше гротескно разнородна. Тивко ги вадеа камењата од вековниот ѕид, еден по еден. И потоа, кога процепот доволно се прошири, влегоа во лабораторијата еден по еден; предводени од заткулисен створ со преубава глава од восок. Некакво оџагарено страшилиште зад челникот го зграпчи Херберт Вест. Вест ниту се спротивстави ниту пушти звук. Тогаш сите му срипаа и пред мене го растргнаа на парчиња, одведувајќи ги одломките со нив во подземниот темник на чудесни грозотии. Главата на Вест беше одведена од восокоглавиот челник, кој носеше канадска офицерска униформа. Како што исчезнуваше видов дека сините очи зад очилата одвратно пламтат со првата трага на трескаво, видливо чувство.

Слугите изутрината ме најдоа онесвестен. Вест го немаше. Печката за кремирање содржеше само неодредлива пепел. Детективите ме испрашаа, но што да им кажам? Трагедијата во „Сефтон“ не сакаат да ја поврзат со Вест, ниту, пак, луѓето со кутијата, чие постоење го одбиваат. Им кажав за темникот, а тие ми го посочија нескршениот малтер на ѕидот и се засмејаа. Па не им кажав ништо повеќе. Наведуваат дека сум или лудак или убиец - најверојатно и сум луд. Но можеби не ќе бев луд ако тие клети гробнички свити не беа толку тивки.