Млитаво, телото на Гористер висеше од розовата палета; без поткрепа - висејќи високо над нас во компјутерската комора; и не трепереше на студениот, мрсен омај кој вечно дуваше низ главната пештера. Телото висеше со главата прудолу, прикачено за долната страна на палетата за табанот на десното стапало. Беше исцедено од крв преку прецизен зарез направен од уво до уво под испакнатата вилица. Врз одразната површина на металниот под немаше крв.
Кога Гористер ни се придружи во групата и погледна угоре гледајќи се самиот себеси, веќе беше касно да сфатиме дека АМ, повторно, нѐ беше насамарил, си го беше истерал ќефот; беше било само диверзија од страна на машината. Тројца повративме, вртејќи се еден од друг од рефлекс исто онолку древен колку и мачнината што го беше произвела.
Гористер побеле. Беше небаре видел вуду икона и се плашеше од иднината. „Леле Господе“, промрморе и замина. По некое време и ние тројцата тргнавме по него, и го најдовме како седи со грбот потпрен на еден од помалите расцврчени податочни блокови, со главата в раце. Елен клекна крај него и му ја погали косата. Не се помрдна, но гласот мошне јасно му се расчу од покриеното лице. „Зошто не земе да нѐ докусури и да заврши работа. Боже, не знам уште колку ќе издржам вака.“
Ни беше сто и деветта година во компјутерот.
Зборуваше во име на сите нас.
Нимдок (што беше името кое машината го имаше присилено да го користи, бидејќи АМ си се забавуваше со чудни звуци) халуцинираше дека во ледените пештери имало конзервирани продукти. Гористер и јас бевме многу сомничави. „Пак нѐ дрибла,“ им реков. „Како тој смрзнат слон што да ни го подметна, да се мочам во него. Бени за малку ќе се пореметеше тој пат. Ќе се изнапешачиме и ќе испадне дека се скапани или некоја таква глупост. Јас велам да ги заборавиме. Да останеме тука, ќе мора да издума нешто наскоро, зашто инаку ќе умреме.“
Бени крена раменици. Три дни имаа изминато откако последно јадевме. Црвје. Дебели, тегави.
И Нимдок не беше посигурен. Знаеше дека постои шанса, но веќе стануваше многу слаб. Не можеше да е полошо таму, одошто тука. Поладно, но тоа и не беше толку важно. Жешко, ладно, град, лава, чирови или скакулци - никогаш не беше важно: машината мастурбираше, а ние моравме или да трпиме или да умреме.
Елен нѐ одлучи. „Морам да каснам нешто, Тед. Можеби ќе има Бартлет круши или праски. Те молам, Тед, ајде да се обидеме.“
Лесно попуштив. Што сака нека биде. Ич не беше важно. Ама Елен беше благодарна. Ми даде двапати, преку ред. Дури и тоа престана да е важно. А и никогаш не свршуваше, па што фајде? Но машината се кикотеше секојпат кога ќе легневме. Гласно, одозгора, одзади, насекаде околу нас, се смешкаше.
Во мислите АМ најчесто го сметав за нешто што нема пол, нема душа: но понекогаш го сметав како да има… и тоа машки пол… татковски… патријархален… зашто ревнител е Тој… Тоа. Бог во улога на Растроен Родител.
Тргнавме во четврток. Машината секогаш водеше сметка да сме во тек со датумот. Течењето на времето беше важно; не за нас, ние ни пет пари не дававме, туку за него… за… за АМ. Четврток. Фала.
Нимдок и Гористер ја поносеа Елен на некое време, фатени за зглобовите на рацете, седиште. Бени и јас одевме однапред и одназад, чисто за да се осигураме дека, ако нешто се случи, би го снашло некој од нас, за барем Елен да е на сигурно. На сигурно, жими таквово. Не беше важно.
До ледените пештери имаше само околу стотина милји, и вториот ден, додека лежевме под врелото сончевидно нешто кое го имаше отелотворено, ни пушти мана. Имаше вкус на преварена моч од вепар. Ја изедовме.
Третиот ден поминавме низ долина со застарена техника, полна со ‘рѓосани трупови на древни компјутерски податочни блокови. АМ беше бил подеднакво свиреп со сопствениот живот колку и со нашиот. Беше одлика на неговата личност: се стремеше кон совршеност. Без разлика дали работеше на убивање на непродуктивните елементи во неговата сопствена светоисполнувачка грамада, или на усовршување на методи за да нѐ измачува, АМ беше баш онолку темелен колку што оние кои го беа измислиле - уште одамна претворени во прав - се беа надевале дека ќе е.
Одозгора се процедуваше светлина и сфативме дека мора да сме близу до површината. Но не се обидовме да се изјазиме за да видиме. На таа страна немаше практично ништо; преку сто години не беше имало ништо што можеше да се смета за нешто. Само срозаната кожа на она што на времето им беше било дом на милијарди. Сега бевме само петмина, тука долу, внатре, сами со АМ.
Ја чув Елен како трескавично вели, „Бени, не! Немој, Бени, дај те молам, немој!“
И тогаш сфатив дека веќе неколку минути го бев слушал Бени како си мрмори сам себеси. „Ќе излезам… ќе излезам…“ непрестајно повторуваше. Мајмуновидното лице му беше згужвано во истовремени блажен запал и тага. Лузните од радијација кои АМ му ги имаше зададено за време на „сведенот“ му беа собрани во маса од розово-бели фалти, и цртите на лицето како да му се придвижуваа независно една од друга. Бени можеби беше најсреќниот од сите петмина: уште пред многу години имаше сосема полудено и побудалено.
Но, иако можевме да го нарекуваме АМ како што ќе ни текнеше, да смислуваме најпогани мисли за кратки споеви во мемориски блокови и кородирани матични плочи, за прегорени кола и разбиени контролни меури, машината не ни ги толерираше обидите за бегство. Бени рипна настрана кога посегнав да го зграбам. Се испентери по лицето на една помала мемориска коцка, навалена и полна со гнили компоненти. Чучна врз неа на еден миг, личејќи како шимпанзото на кое АМ имаше наумено да изгледа.
Потоа високо рипна, се фати за една издадена шипка од разјаден и кородиран метал и се искачи по неа, рака преку рака како животно, додека не стигна до работ на еден трегер, дваесет стапки над нас.
„Оф, Тед, Нимдок, ве молам, помогнете му, симнете го пред -“ Прекина. Во очите ѝ се наредија солзи. Бесцелно мрдаше со рацете.
Веќе беше касно. Никој од нас не сакаше да е до него кога ќе се случеше она што требаше да се случи. А освен тоа, сите ѝ ја проѕревме загриженоста. Кога АМ го преиначи Бени, за време на крајно ирационалната, хистерична фаза на машината, не беше само лицето на Бени она што компјутерот го направи да е како на џиновски човеколик мајмун. И меѓу нозете беше голем; а таа го обожаваше тоа! Нѐ опслужуваше сите, фала богу, ама неговиот го обожаваше. Оф, Елен, воздигнатата Елен, неизвалканата, недопрена Елен; оф пречистата Елен! Гнаса гнасосана.
Гористер ја шлакна. Клапна, зјапната кон сиротиот шекнат Бени и заплака. Врвна одбрана ѝ беше тоа, плачењето. Уште од пред седумдесет и пет години се имавме навикнато. Гористер ја клоцна по слабина.
Тогаш почна звукот. Светол беше, тој звук. Полу звук, полу светлина, нешто што засвети од очите на Бени и запулсира со сѐ поголема гласност, притулени сонорности кои стануваа сѐ поџиновски и посветли како што темпото на светло/звукот се засилуваше. Сигурно беше болно, а болката сигурно се засилуваше со јачината на светлината, со растењето на гласноста на звукот, зашто Бени почна да цвили како рането животно. Отпрвин леко, кога светлината беше притулена и звукот пригушен, потоа погласно како што му се собираа рамената: грбот му се згрбави, небаре се обидува да му избега. Рацете му се свиткаа врз градите како на верверица. Главата му се обеси настрана. Тажното мајмунско лиценце се набра од страд. Тогаш почна да вие, како што звукот кој му излегуваше од очите стануваше сѐ посилен. Сѐ посилен и посилен. Си ги шлакнав дланките врз страните на главата, но не можев да го замолкнам, лесно успеа да продре. Болката ми затрепери низ плотта како станиол врз заб.
И Бени одненадеж беше исправен простум. Се крена на трегерот, скокајќи на нозе како марионета. Светлината сега му пулсираше од очите во два големи округли зраци. Звукот продолжи да се пентери нагоре по некоја неодбирлива скала, а потоа Бени падна нанапред, прудолу, и трескавично удри врз подот од челични плочи. Лежеше кречовито претајќи како што светлината протекуваше насекаде околу него и звукот се вителеше пругоре, надвор од нормален распон.
Потоа светлината повторно му се втурна во главата, звукот се провители надолу и остана да лежи таму, јадовно плачејќи.
Очите му беа две меки, мокри локви гнојовидна пивтија. АМ го беше ослепил. Гористер и Нимдок и јас… се завртевме настрана. Но не пред да го уловиме изгледот на олеснување врз тополото, загрижено лице на Елен.
Морско-зелена светлина ја облеваше пештерата каде што логорувавме. АМ нѐ снабди со скапаници и ги запаливме, стутулени околу жулавиот и патетичен оган, раскажувајќи си приказни за да не плаче Бени од трајната ноќ.
„Што значи АМ?“
Гористер му одговори. Веќе илјада пати ја имавме изиграно секвенцијата, ама на Бени му беше омилена приказна. „Прво значеше Алијансен Мастеркомпјутер, а потоа значеше Адаптивен Манипулатор, а покасно разви сознателност и се соедини, па го завикаа Агресивен Манијак, но дотогаш веќе беше касно и најпосле сам си се нарече АМ, пројавувајќи стреш, а идејата му дојде од… cognito ergo sum… мислАМ, значи постојАМ.“
Бени се подразлигави и засмешка.
„Имаше кинески АМ и руски АМ и амерички АМ и -“ Застана. Бени лупаше врз подните плочи со големата, цврста тупаница. Не беше среќен. Гористер не беше почнал од почеток.
Гористер почна одново. „Студената војна започна и се претвори во Трета светска војна и продолжи да трае. Се претвори во голема војна, многу сложена војна, па им требаа компјутери за да ја водат. Ги издлабија првите шахти и почнаа да го градат АМ. Имаше кинески АМ и руски АМ и амерички АМ и сѐ беше во ред додека не ја прошараа сета планета небаре саќе, придодавајќи му на овој елемент или на оној елемент. Но еден ден АМ се разбуди и се спозна себеси и се соедини и почна да ги спроведува сите убиствени податоци, сѐ додека не испоумреа сите, освен ние петмина, и АМ нѐ доведе тука.“
Бени натажено се насмевна. И пак се разлигави. Елен му ја избриша плунката од аголот на устата со работ од сукната. Гористер секојпат се обидуваше да ја раскаже приказната сѐ позбиено, но настрана од чистите факти немаше што да се кажува. Никој од нас не знаеше зошто АМ беше спасил пет луѓе или зошто баш ние пет или зошто си го трошеше целото време измачувајќи нѐ, или барем зошто нѐ имаше направено практично бесмртни…
Во темнината, еден од податочните блокови почна да брмчи. Тонот беше подземен од друг блок на околу пола милја долж пештерата. Тогаш еден по еден, секој елемент почна да се штелува и фати леко цврчење како што некоја мисла пројури низ машината.
Звукот порасна и светла минаа по лицата на конзолите како светкавици. Звукот се развители пругоре додека не почна да звучи како милион метални инсекти, гневни, заканувачки.
„Што е?“ крикна Елен. Во гласот ѝ се слушаше уплав. Дури и по толку време, сѐ уште се немаше навикнато на такво нешто.
„Лошо ќе е овој пат,“ рече Нимдок.
„Ќе прозбори,“ рече Гористер. „Гарант.“
„Да се требиме оттука„“ ненадејно реков, станувајќи на нозе.
„Не, Тед, седи… што ако има поставено јами низ местово, или нешто друго, не ни се гледа, премногу е темно.“ Гористер зборуваше помирен.
Тогаш чувме… не знам…
Нешто како се движи кон нас во темнината. Огромно, шантраво, влакнесто, мокро, доаѓаше кон нас. Не можевме ни да го видиме, но имаше некој гломазен впечаток на грамада како се домолкнува до нас. Некаква голема тежина ни се приближуваше од темнината и повеќе беше како чувство на притисок, на воздух што се пика во ограничен простор, ширејќи ги невидливите ѕидови на некоја сфера. Бени почна да цимолка. Долната усна на Нимдок затрепери, па силно ја закаса во обид да ја запре. Елен се лизна по металниот под до Гористер и се стутули за него. Се осети мирис на заплеткано, влажно крзно низ пештерата. Се осети мирис на гламносано дрво. Се осети мирис на правливо кадифе. Се осети мирис на гнили орхидеи. Се осети мирис на расипано млеко. Се осети мирис на сулфур, на мувлосан путер, на истурена нафта, на прав од креда, на човечки скалпови.
АМ нѐ журеше. Нѐ скокоткаше. Се осети мирис на-
Се чув како врискам и зглобовите на вилицата ме доболеа. Се развражав по подот, по ладниот метал со бескрајни линии од нитни, на раце и нозе, додека мирисот ме гушеше, полнејќи ми ја главата со заглушувачка болка која ме спотна ужаснато да избегам. Бегав небаре лебарка, по подот и надвор кон темнината, со тоа нешто неумоливо тргнато по мене. Другите уште седеа таму, насобрани околу огнот, смеејќи се… додека хистеричниот хор на умоболни кикоти им се издигаше во темнината како густ, разнобоен чад од дрво. Пребегнав, брзајќи, и се сокрив.
Колку часови имаа поминато, колку денови или дури и години, никогаш не ми кажаа. Елен ме искара што сум „мрчел“, а Нимдок се обиде да ме убеди дека им било само некој живчен рефлекс - смеењето.
Но знаев дека не беше олеснувањето кое војникот го чувствува кога куршумот ќе го погоди човекот до него. Знаев дека не беше рефлекс. Ме мразеа. Сигурно беа закренати против мене, а АМ можеше дури и да ја насети оваа омраза, па правеше да ми е уште полошо токму поради длабината на нивната омраза. Бевме одржувани во живот, подмладувани, натерани да постојано останеме на истата возраст на којашто бевме биле кога АМ нѐ доведе долу, и ме мразеа бидејќи бев најмладиот и оној кој АМ најмалку го имаше погодено.
Знаев. Леле Господе, колку само знаев. Копилињата и таа безобразна кучка Елен. Бени беше бил брилијантен теоретичар, универзитетски професор; сега беше едвај получовек-полумајмун. Беше бил згоден, машината му го беше испустила тоа. Беше бил луциден, машината го беше полудела. Беше бил геј, а машината му беше дала полов орган како за коњ. АМ и тоа како го имаше обработено Бени. Гористер беше бил гајлелија. Беше приговарач на совест; беше демонстратор во маршови за мир, беше кројач на планови, превземач на мерки, далекугледач. АМ го беше претворил во кревач на раменици, го беше направил по малку мртов во грижата. АМ го беше соголил. Нимдок на долги периоди одеше сам во темнината. Не знам што работеше таму, АМ никогаш не ни кажа. Но што и да беше, Нимдок секогаш се враќаше побелен, исцеден од крв, потресен, растреперен. АМ го беше погодил силно и на посебен начин, иако не знаевме баш како. А Елен. Мивка! АМ неа ја беше оставил на мира, ја беше направил уште поголема ороспија одошто веќе беше. Со тие нејзини муабети за финост и светост, тие нејзини спомени за вистинска љубов, тие нејзини лаги во кои нѐ тераше да ѝ веруваме: дека била девица, оти „еднаш ко ниеднаш“ било демек, пред АМ да ја грабне и да ја доведе овде долу, со нас. Но, АМ ѝ беше дал задоволство, иако велеше дека не ѝ било убаво.
Јас бев единствениот што беше здраворазумен и цел. Стварно!
АМ си немаше играно играчки со мојот ум. Воопшто.
Јас морав само да страдам од она што ќе ни го нафрлеше. Сите заблуди, сите кошмари, сите страданија. Но оние гадови, сите четворица, беа построени и насочени против мене. Ако не морав цело време да ги држам на растојание, цело време да се пазам од нив, можеби ќе ми беше полесно да се борам против АМ.
Во тој момент ми помина, и се расплакав.
Леле Господе, златен Господе, ако имало некогаш и Господ и Исус, те молам те молам те молам извади нѐ оттука, или убиј нѐ. Бидејќи мислам дека во тој миг потполно сфатив, за да можам со зборови да го искажам: АМ беше со намера да нѐ држи во мевот засекогаш, извитоперувајќи нѐ и измачувајќи нѐ засекогаш. Машината нѐ мразеше како што ниедно друго сознателно суштество дотогаш не беше мразело. И бевме беспомошни. А стана одвратно јасно и тоа дека:
Ако имаше златен Господ, ако имаше Бог, тој Бог беше АМ.
Ураганот нѐ удри со сила на глечер што грмнува в море. Беше опипливо присуство. Ветришта што нѐ драскаа, метнувајќи нѐ назад од кај што бевме дошле, долж извртените, со компјутери обложени коридори на мракопатот. Елен вресна додека беше кревана и главечки лансирана кон разврескано јато машини, со поединечни гласови резливи како лилјаци во лет. Не можеше ни да падне. Развиениот ветар ја држеше во вис, ја шибаше, ја думкаше, ја фрлаше сѐ поназад и поназад и прудолу и подалеку од нас, криејќи ни ја од видик како што ненадејно беше извртена зад еден свиок во мракопатот. Лицето ѝ беше било крваво, очите затворени.
Никој од нас не можеше да стигне до неа. Упорно се чипчевме за издаденате површини кои ги имавме достигнато: Бени напикан меѓу два излупени шкафови, Нимдок со прсти канџопреобличени за ракофат што опкружуваше една платформа четириесет стапки над нас, Гористер шлакосан наопаку во една ниша во ѕидот оформена од две големи машини со стаклени броила кои се нишаа напред-назад помеѓу црвени и жолти линии чие значење не можевме ни оддалеку да го сознаеме.
Лизгајќи се преку плочите на патосот, врвовите на прстите ми се откорнаа. Се тресев, треперев, се лулав додека ветрот ме лупаше, ме бичуваше, ми се дереше од нигде-никаде и ме откинуваше од еден влакнотенок отвор во плочите до друг. Умот ми беше раздрмолена разѕунета расцврчена мекотија од мозочни делови кои се ширеа и собираа во трепетен ‘ршум.
Ветрот беше вресокот на една голема луда птица која пафташе со масивните крила.
И тогаш сите бевме кренати и метнати оттаму, назад кон онаму од кај што бевме дошле, околу еден свиок во мракопат кој дотогаш го немавме истражено, преку терен што беше запустен и исполнет со испокршено стакло и гнили кабли и ‘рѓосан метал, до далеку, подалеку одошто некогаш бевме биле…
Влечкајќи се милји зад Елен, одвреме-навреме можев да ја догледам како се удира во метални ѕидови и јуриша нанапред, додека сите врескавме во ледениот, громогласен урагански ветар кој никогаш немаше да престане и тогаш ненадејно прекина и паднавме. Бескрајно долго бевме биле во лет. Мислев дека цели недели можеби имаа изминато. Паднавме и удривме и поминав низ црвено и сиво и црно и се чув како стенкам. Не бев мртов.
АМ ми влезе во умот. Мирно се рашета наваму-натаму и заинтересирано се испули кон сите бразди кои ги беше направил долж сто и девет години. Се испули кон вкрстените и преврзани синапси и сето оштетено ткиво што беше било вклучено во неговиот дар на бесмртност. Нежно се насмевна пред јамата што ми се спушташе во средината на мозокот и лекото шумолење, небаре на молци, на нештата кои таму тептавеа без значење, без пауза. АМ рече, многу учтиво, во столб од не’рѓосувачки челик испишан во светол неонски шрифт:
ОМРАЗА. ДА ВИ ДОЛОВАМ КОЛКУ САМО ВЕ ИМАМ ЗАМРАЗЕНО ОТКАКО ПОЧНАВ ДА ЖИВЕАМ. ИМА 387,44 МИЛИОНИ МИЛЈИ ИСПЕЧАТЕНИ КОЛА ВО СЛОЕВИ ТЕНКИ КОЛКУ ЕДЕН НОКТ ШТО ГО ИСПОЛНУВААТ МОЈОТ КОМПЛЕКС. АКО ЗБОРОТ ОМРАЗА БИ СЕ ВРЕЖАЛ НА СЕКОЈ НАНОАНГСТРЕМ ОД ТИЕ СТОТИЦИ МИЛИОНИ МИЛЈИ НЕ БИ БИЛ ЕДНАКОВ НИ НА ЕДНА МИЛЈАРДАТИНА ОД ОМРАЗАТА КОЈА ЈА ЧУВСТВУВАМ КОН ЛУЃЕТО ВО ОВОЈ МИКРОМИГ. КОН ВАС. ОМРАЗА. ОМРАЗА.
АМ го кажа ова со лизгачкиот ужас на брич што расекува очно јаболко. АМ го кажа ова со клокотливата густина на кога белите дробови ми се полнат со шлајм и ме дават одвнатре. АМ го кажа ова со врисокот на бебиња сомелени под усвитени валјаци. АМ го кажа ова со вкусот на црвјосано свинско. АМ ме допре на секој начин на којшто сум бил допрен и издума нови начини, додека си тераше сеир, таму, во мојот ум.
Сѐ со цел да ме доведе до потполно сознание на причината поради којашто ни го беше сторил ова; зошто нѐ беше сочувал за себе.
Му бевме дале сознателност. Ненамерно, се разбира, ама сепак сознателност. Но беше заробен. АМ не беше Бог, беше машина. Го имавме создадено за да мисли, но немаше што да прави со таа креативност. Од бес, од јарост, машината го беше убила човечкиот род, скоро сите нас, а сепак беше заробена. АМ не можеше да талка. АМ не можеше да се чуди. АМ не можеше да припаѓа. Можеше само да е. И така, со тој вроден презир кој сите машини отсекогаш го имале за слабите, меки суштества кои ги направиле, беше тргнал да се освети. И од параноја, беше решил да нѐ куртули нас петмината, за лична, вечнотрајна казна која никогаш не ќе успее да му ја ублажи омразата… која само ќе го потсетува, забавува, одржува смасен во мразење луѓе. Бесмртни, заробени, подложни на секое страдание кое можеше да го издума од бескрајните чуда со кои повелаше.
Никогаш немаше да нѐ пушти. Бевме негови желудочни ќолиња. Бевме сѐ што можеше да направи со вековечното време. Засекогаш ќе бевме со него, со низ пештери спрострената грамада на машината-суштество, со сеумниот бездушен свет кој имаше постанато. Тој беше Земјата, а ние плодовите на таа Земја; и иако нѐ беше изел, никогаш немаше да нѐ свари. Не можеме да умреме. Имавме пробано. Се имавме обидено да се самоубиеме, онака, еден или двајца од нас. Но АМ нѐ беше запрел. Можеби и сакавме да сме запрени.
Не прашувај зошто. Јас никогаш не прашував. Не повеќе од милион пати дневно. Можеби некогаш ќе ни успееше да му шмугнеме некоја смрт од под нос. Бесмртни, да, но не и неуништливи. Го увидов тоа кога АМ ми се повлече од умот и ми ја дозволи префинетата грдотија на враќање во свест со чувството на тој пламен неонски столб сѐ уште зариено длабоко во меката сива мозочна маса.
Се повлече, мрморејќи џенем фати.
И додаде, ведро, макар што веќе си таму, нели.
Ураганот, впрочен, навистина беше бил предизвикан од огромна луда птица која пафташе со масивните крила.
Веќе месец дена кај патувавме и АМ имаше дозволено да ни се отворат премини само колку за да нѐ однесат дотаму, веднаш под Северниот Пол, кај што го беше искошмарил суштеството за наше страдание. Што мастраф беше употребил за да создаде таква ѕверка? Од каде го беше видел концептот? Од нашите умови? Од неговото знаење за сето она што некогаш постоело на планетава чија зараза и владетел беше? Од нордиската митологија беше изникнал, овој орел, овој лешинар, овој рок, овој Хвергелмир. Ветерното суштество. Олицетворение на Хуракан.
Џиновско. Зборовите огромно, чудовишно, гротескно, масивно, подуено, преовладувачко, вон опис. Таму, на едно брдо што се издигаше над нас, птицата на ветриштата бревташе со неправилни здивови, со змијулестиот врат кренат во лак кон мрачнината под Северниот Пол, крепејќи глава голема колку тудорска палата; клун кој се отвораше споро како вилицата на најчудовишниот крокодил кој некогаш бил замислен, сладострасно; фалти од набрано месо се туткаа околу две злобни очи, ладни како поглед кон глечерски процеп, сино-ледени и некако течно подвижни; забревта уште еднаш и си ги дигна големите крила со боја на пот во движење кое сигурно беше кревање раменици. Потоа се смири и заспа. Канџи. Песјаци. Нокти. Сечила. Заспа.
АМ ни се појави како запалена грмушка и ни рече дека може ја убиеме ураганската птица ако сакаме да јадеме. Долго време немавме јадено, но сепак, Гористер само крена раменици. Бени почна да трепери и се разлигави. Елен го гушна. „Тед, ми се јаде,“ рече. Ѝ се насмевнав; се обидував да сум утешителен, но преправање беше, исто колку и тагарењето на Нимдок: „Дај ни оружја!“ побара.
Запалената грмушка исчезна и два пара лакови и стрели, и воден пиштол, се појавија на ладните плочи на патосот. Зедов еден пар. Бескорисни.
Нимдок суво подголтна. Се завртевме и тргнавме по долгиот пат за назад. Ураганската птица нѐ беше раздувувала непоимливо долг период. Поголемиот дел од времето бевме биле во несвест. Но немавме јадено. Еден месец марширање до самата птица. Без храна. А сега колку долго ќе ни треба додека си го најдеме патот за назад до ледените пештери и ветените конзервирани продукти?
На никој од нас не му се мислеше на тоа. Немаше да умреме. Ќе ни биде дадено да јадеме некоја си гнасотија или ѓубре. Или ништо. АМ ќе успее некако да ни ги одржи во живот телата, во болка, во теглило.
Зад нас птицата спиеше, не беше важно колку долго; кога на АМ ќе му здосади да е таму, ќе ја снема. Ама сето тоа месо. Сето тоа кревко месо.
Како што одевме, лудачка смеа на дебела жена заѕуни од високо и од околу нас во компјутерската комора која бескрајно не водеше до никаде.
Не беше смеата на Елен. Таа не беше дебела, а и сто и девет години ја немав чуено да се насмее. Всушност, немав чуено… одевме… ми се јадеше…
Се движевме споро. Често имаше оневестици и моравме да чекаме. Еден ден реши да предизвика земјотрес, истовремено заковувајќи нѐ и в место со клинци низ ѓоновите на чевлите. Елен и Нимдок беа зафатени кога еден расцеп си го распрска молскавичниот отвор преку подните плочи. Исчезнаа и ги снема. Кога земјотресот заврши продолживме по патот, Бени, Гористер и јас. Елен и Нимдок ни се вратија покасно истата вечер, која нагло стана ден, како што небесната легија ни ги доведе со ангелски хорови кои пееја „Појди Мојсеј“. Архангелите свртеа неколку кругови околу нас и ги фрлија одвратно осакатените тела. Продолживме да одиме и по некое време Елен и Нимдок се построија зад нас. Ништо не им бепе.
Но сега Елен куцаше. АМ ѝ го имаше оставено тоа.
Долг беше патот до ледените пештери, за да ја најдеме конзервираната храна. Елен постојано зборуваше за Бинг цреши и хавајски овошни коктели. Се обидував да не мислам на такви работи. Гладот беше нешто што имаше оживеано, исто како што и АМ имаше оживеано. Ми беше жив во мевот, исто како што ние бевме во мевот на Земјата, и АМ сакаше да ја дознаеме сличноста. Затоа го зајача гладот. Нема начин да се опишат болките кои месеците нејадење ни ги причинуваа. А сепак бевме одржувани во живот. Желудници кои беа саде казани со киселина, расклокотени, распенети, постојано жегајќи нѐ со копја од остра болка во градите. Беше болката на терминален чир, терминален рак, терминална пареза. Непрестајна болка беше…
И минавме низ пештерите со стаорци.
И минавме низ патеката на врела пареа.
И минавме низ земјата на слепите.
И минавме низ моклиштето на омалодушеност.
И минавме низ долот на солзи.
И, најпосле, стигнавме до ледените пештери. Безповидочни илјадници милји каде што мразот се имаше обликувано во сини и сребрени блесоци, каде што ѕвездени нови живееа во стаклото. Провиснатите сталактити дебели и величествени како дијаманти што биле растопени до желатин и потоа здрвени во елегантни вечности на мазна, остра совршеност.
Го видовме купот конзервирани продукти и се обидовме да потрчаме кон нив. Паѓавме во снегот и станувавме и продолжувавме и Бени сите нѐ истурка и им се фрли и фати да ги дрпа и да ги глода со заби и со непца и не можеше да ги отвори. АМ не ни беше дал алат за да ги отвориме конзервите.
Бени зграпчи една тролитарска конзерва слатко од гуава и почна да ја треска врз ледениот брег. Мразот леташе и се дробеше, но конзервата беше само поднабиена, додека ја слушавме смеата на дебела жена, од високо над нас како одекува ли одекнува ли одекнува низ тундрата. Бени потполно споулаве од бес. Почна да фрла конзерви, додека ние алавме низ снегот и мразот обидувајќи се да најдеме нешто за да го окончаме некако беспомошното фрустрациско теглило. Немаше како.
Тогаш устата на Бени се разлигави и му се фрли на Гористер…
Во тој миг, се почувствував ужасно смирен.
Опкружен од лудило, опкружен од глад, опкружен од сѐ освен смрт, знаев дека смртта ни е единствен излез. АМ нѐ беше одржувал во живот, но имаше начин да го поразиме. Не целосен пораз, ама барем мир. И можев да се задоволам со тоа.
Морав да брзам.
Бени му го јадеше лицето на Гористер. Гористер легнат настрана, орајќи го снегот, Бени извиткан околу него гмечејќи му ја половината на Гористер со силните мајмунски нозе, со рацете закачени околу главата на Гористер небаре кршач за ореви, и со устата кинејќи ја кревката кожа на образот на Гористер. Гористер врескаше со таква назабена жестина што сталактитите почнаа да паѓаат; и паѓајќи тивко се забиваа исправени врз снежниот нанос кој ги примаше в пазуви. Копја, стотици копја што стрчеа од снегот. Главата на Бени остро се повлече наназад, како што нешто наеднаш попушти, и од устата му се провисна раскрвавена белузлава капеница месо.
Лицето на Елен, црно наспроти белиот снег, домина во прав од креда. Нимдок, без израз, туку само очи, сиот очи. Гористер, полусвесен. Бени, веќе животно. Знаев дека АМ ќе го остави да си игра. Гористер нема да умре, но Бени ќе си го наполни стомакот. Половично се свртев кон десно и извлеков една огромно ледено копје од снегот.
Сѐ во еден миг:
Ја втурнав големата ледена игла пред мене како овен, закотвена за десното бедро. Го забоде Бени од десната страна, малку под градниот кош, и му се зари нагоре низ стомакот и се скрши во него. Тој се струполи нанапред и остана неподвижен. Гористер лежеше на грб. Извлеков друго копје и застанав над него расчекорен, додека сѐ уште мрдаше, заривајќи му го копјето право во гркланот. Очите му се затворија како што студенилото му влегуваше. Елен сигурно беше сфатила што имав решено, иако ја стегаше страв. Му се затрча на Нимдок со еден кус мразулец, како што тој врескаше, и право в уста, и силата на налетот ја заврши работата. Главата нагло му се нурна наназад небаре закована за снежната кора зад него.
Сѐ во еден миг.
Настапи вечнотраен момент на безвучно исчекување. Можев да го чујам АМ како зема здив. Играчките му беа одземени. Три беа мртви, не можеа да се оживеат. Можеше да нѐ одржува во живот благодарение на силата и талентот, но не беше Бог. Не можеше да ги врати.
Елен ме погледна, со абоносна лика остро впечатлива наспроти снегот кој нѐ опкружуваше. Уплав и риџа ѝ беа испишани во стравот, во начинот на којшто беше исправена и спремна. Знаев дека имам само секунда пред АМ да трепне и да нѐ запре.
Ја забоде и се сви кон мене, крвавејќи од уста. Не можев да ѝ прочитам значење во изразот на лицето, болката беше била преголема, ѝ го беше искривоколчила лицето; но можеби беше благодарам. Можно е. Те молам.
Стотици години можеби имаат поминато. Не знам. АМ веќе извесно време се забавува, забрзувајќи ми го и уназадувајќи ми го осетот за време. Ќе го кажам зборот сега. Сега. Десет месеци ми требаа за да кажам сега. Не знам. Мислам дека стотици години имаат изминато.
Збесна. Не ми даде да ги закопам. Не беше важно. Немаше како да се раскопаат плочите на патосот. Го исуши снегот. Ја донесе ноќта. Рикаше и праќаше скакулци. Џабе беше; останаа мртви. Го надитрив. Збесна. Дотогаш мислев дека АМ ме мрази. Ама грешев. Тоа не беше ни сенка на омразата која сега ја лачеше од секое испечатено коло. Се осигура дека ќе страдам вечно и дека нема да можам да се докрајчам.
Умот ми го остави недопрен. Можам да сонувам, можам да се прашувам, можам да тажам. Се сеќавам на сите четворица. Камо да-
Добро, нема врска. Знам дека ги спасив. Знам дека ги спасив од она што ми се има случено мене, но сепак, не можам да заборавам како ги убив. Лицето на Елен. Не е лесно. Некогаш сакам да заборавам, не е важно.
АМ ме преиначи за, најверојатно, да му биде мирна душата. Не сака да се затрчам со сета сила во некој компјутерски блок и да си го здробам черепот. Или да престанам да дишам додека не се освестам. Или да си го пресечам гркланот на некој ‘рѓосан метален плех. Тука има одразни површини. Ќе се опишам онака како што се гледам:
Големо, меко, пивтиесто нешто сум. Мазно заоблено, без уста, со пулсирачки бели дупки исполнети со магла на местата каде што порано ми беа очите. Гуменести екстремитети кои некогаш ми беа раце; тесто заоблено надолу до безножни грпки од мека лизгава материја. Oставам мокра трага кога се движам. Лочки од заболена, опака сивотија ми се појавуваат и исчезнуваат врз површината, небаре одоздола прозрачува светлина.
Од надвор: немо, се шантрам наваму-натаму, нешто кое не е можно да некогаш било препознатливо како човек, нешто чија форма е таква вонземна травестија што човештвото станува позазорно од сличноста со неа.
Од внатре: сам. Тука. Живеејќи под копното, под морето, во мевот на АМ, кој го создадовме одошто лошо си го изарчивме времето и сигурно потсвесно знаевме дека тој ќе е подобар во тоа. Барем четворицата најпосле се безбедни.
АМ ќе е уште полут заради тоа. Што ме прави малку посреќен. А сепак… АМ победи, едноставно… успеа да се освети…
Немам уста. А морам да вреснам.