Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.
„Има сакраменти на зло како и на добро околу нас и верувам дека живееме и се движиме во непознат свет, место каде што има пештери и сенки и домувачи во самракот. Возможно е човек понекогаш да се врати по патеката на еволуцијата и мое верување е дека извесни ужасни преданија уште не се мртви.“
- Артур Макен
I
Пред само неколку недели, на еден уличен агол во селото Паскоаг во Род Ајленд, еден висок, снажен и навидум пријатен пешак пробуди многу умувања со својот своеобразен пропуст во однесување. Се чини дека се беше спуштал по ридот од патот за Чепачет и наидувајќи на збиениот дел, скршнал кон неговата лева страна по главнот булевар каде што неколку скромни трговски квартови придаваат чувство на урбаност. Во тој момент, без видлива провокација го направил зачудувачкиот пропуст, левтерно зјапајќи за момент кон највисоката од зградите пред него и потоа, низ редица ужаснати, хистерични крикови, поулавено се вдал да трча што на крај довело до сопинање и паѓање на наредната раскрсница. Подигнат и истресен од спремни раце, било увидено дека е свесен, органски неповреден и очевидно излечен од неговиот ненадеен нервен напад. Промрморел некое засрамено објаснување кое вклучувало некакво напрегање коешто го беше доживеал и со наведната глава се свртел назад кон патот за Чепачет, исчезнувајќи од вид со тежок чекор без ниту еднаш да се заврти. Беше чудна случка да го спопадне еден толку голем, јадар, обичнолик и навидум способен човек и чудноста не беше намалена од примедбите на еден набљудувач кој го беше препознал како потстанарот на еден добро познат млекар на работ на Чепачет.
Се воспостави дека беше бил полициски детектив од Њу Јорк по име Томас Ф. Малоун, моментално на долго боледување под лекарски надзор по некаква несоодветно пропорционална тегобна работа на некој грозоморен локален предмет којшто несреќа го беше направила драматичен. Имало рушење на неколку стари циглени згради за време на рација во којашто тој бил вклучен и нешто во врска со сѐопштата загуба на животи, како на затвореници така и на неговите придружници, сперливо го беше вџашило. Како резултат, се здобил со преизразен и аномален ужас од секоја зграда што дури и од далеку наликувала на оние кои се беа срушиле, поради што најпосле ментални специјалисти му забраниле да гледа такви работи на неопределено време. Еден полициски доктор со роднини во Чепачет ја беше именувал таа поспана паланка од дрвени колонијални куќи како идеално место за психолошко закрепнување, па таму беше и заминал паталецот, ветувајќи никогаш да не се шета меѓу поциглените улици на поголемите села сѐ додека истото не му го дозволи специјалистот од Вунсокет со којшто беше ставен во контакт. Прошетката до Паскоаг по часописи беше била грешка и пациентот беше платил со уплав, модрици и понижување за неговата непослушност.
Волку им беше познато на портарите во Чепачет и Паскоаг и во исто волку веруваа и најучените специјалисти. Но Малоун на специјалистите првично им беше кажал многу повеќе, сопирајќи дури кога увиде дека за награда беше добил само крајно неверие. Потоа си ја затвори устата, воопшто не приговарајќи кога општо беше заклучено дека рушењето на извесни оскудни циглени куќи во населбата Ред Хук во Бруклин и следбената смрт на многу храбри полицајци му ја беше пореметиле живчаната урамнотеженост. Пренапорно беше работел, велеа сите, во обидите да ги исчисти тие гнезда на безредие и насилство; и рака на срце, извесни особености беа биле доволно потресни, а неочекуваната трагедија била последната капка. Ова беше просто објаснување кое можеа сите да го разберат и бидејќи Малоун не беше прост човек, увиде дека е подобро да остане на тоа. Да им загатнува на луѓе без мечта за ужас надвор од секоја човечка замисла - ужас на куќи и квартови и градови лепрозни и канцерозни со зло довлечкано од дамни светови - значи да си бара лудачка кошула наместо раскомотен распуст, а Малоун беше разумен човек и покрај неговиот мистицизам. Го имаше далекувидниот поглед на Келтот за бизарни и скриени нешта, но брзото око на логичарот за навидум неубедливото, мешавина која го беше довела до далеку долж четириесет и двете години од неговиот живот и го имаше ставано во чудни места за човек од Даблинскиот универзитет роден во Џорџиска вила близу Феникс Парк.
И сега, како што се осврнуваше на нештата кои ги беше видел и почувствувал и поимал, Малоун беше задоволен да ја чува несподелена тајната за што би можело да претвори еден смел борец во растроен невротичар; што би можело да направи од стари циглени гета и мориња од мрачни, превртливи лица предмет на кошмар и устрелно знамение. Немаше да е првпат да неговите чувства бидат приморани да тлеат непротолкувани - зашто не беше ли самиот негов чин на нурнување во полиглотската бездна на подземјето на Њу Јорк изрод надвор од разумно објаснување? Што може да им каже на прозаичните за античките вештерства и гротескните чудесии распознатливи за чувствителни очи насред отровниот казан кај што сиот разнолик олош на неугодни ери го меша својот чемер и ги овековечува своите срамотни стравотии? Го беше видел пеколниот зелен пламен на тајни чудесии во овој бесрамен, затаен џумбуш на површна алчност и внатрешна богохулност и мирно се беше насмевнувал кога сите њујорчани кои ги знаеше се потсмеваа со неговите експерименти во полициска работа. Беа биле мошне вицкасти и цинични, ругајќи му ги фантастичните потраги по незнатливи мистерии и уверувајќи го дека во тие денови Њу Јорк не содржи ништо освен евтиност и вулгарност. Еден од нив му се обложи во голема сума дека не може - и покрај неговите многубројни потресителни успеси објавени во „Даблин ревју“ - ни да напише вистински интересна приказна за њујоршкиот џган; и сега кога ќе се присетеше, воочуваше дека космичка иронија ги беше оправдала зборовите на пророкот, истовремено побивајќи го потајно нивното лекомислено значење. Ужасот, каков што конечно го соѕре, не можеше да се претвори во приказна - зашто како и книгата цитирана од По како германски авторитет, „es lässt sich nicht lesen - не дава да e прочитан“.
II
За Малоун, чувството на притаена мистерија во постоењето беше секогаш присутно. Во младоста ја беше чувствувал скриената убавина и занес на нештата и беше бил поет; но сиромаштија и жалост и прогонство му го беа свртиле погледот кон помрачни насоки и се беше дивел на бедењето на злото во светот наоколу. Секојдневниот живот за него беше станал фантазмагорија на морбидни сенишни проучувања, кои час светкаа и се вргалеа со заскриена гнилост како кај најдобрите ракотворби на Бирдсли, час загатнуваа стравотии зад најобичните облици и предмети како во попрефинетите и понеочигледни дела на Густав Доре. Често сметаше дека е милостиво тоа што повеќето лица со висока интелигенција се подбиваат со најдлабоките мистерии; зашто, тврдеше, ако надмоќни умови би биле некогаш ставени во целосен допир со тајните зачувани од древни и покорни култови, происходните абнормалии не само што набрзо би го срушиле светот, туку би му се заканиле и на самиот интегритет на универзумот. Сите вакви промислувања беа несомнено морбидни, но остра логика и длабока смисла за хумор соодветно ги урамнотежуваа. На Малоун му беше доволно да ги остави неговите замисли упола-наѕрени и неговите забранети визии лекомислено проиграни; и хистеријата дојде само кога должноста го фрли во пекол на откровенија пренадеен и преподмолен за бегство.
Веќе некое време беше распределен во станицата на улица „Батлер стрит“ во Бруклин кога разбра за случајот во Ред Хук. Ред Хук е лавирит на хибридна беда близу древното крајречје наспроти Гавернерс Ајленд, со валкани булевари кои го искачуваат ридот од доковите до она повисоко ниво каде гнилите должини на улиците „Клинтон стрит“ и „Корт стрит“ водат кон Бороу хол. Нејзините куќи се во главно од цигла, датирајќи од првата четвртина до средината на деветнаесеттиот век и некои од помагливите сокаци и споредни улици го имаат тој примамлив антички вкус кој вообичаената литература нѐ тера да го викаме „дикензиски“. Населението е безнадежна тутка и енигма; сириски, шпански, италијански и црнечки елементи се прелапуваат едни со други, со одломки од скандинавски и американски појаси кои се протегаат недалеку. Галама е од звук и гнасотија што испушта чудни викотници како одговор на шлапањето на мрсни бранови на нејзините кирливи пристаништа и чудовишните оргулски литании на пристанишните свирки. На ова место поведра слика домувала на времето, со бистрооки морепловци низ пониските улици и домови на вкус и содржајност каде што поголемите куќи го порабуваат ридот. Човек може да ги проследи останките од оваа поранешна среќа во уредните форми на градбите, повремените елегантни цркви и доказите на оригинална уметност и позадина во делчиња на подробности ваму-таму - излижани скалила, исчукана порта, црвјосан чифт украсни столбови или пиластери, или одломка од некој некогашно зелен простор со извиткана и ‘рѓосана железна ограда. Куќите обично се од камени блокови и одвреме-навреме по некоја многупрозорна купола се издига да зборува за дни кога домовите на капетани и бродопоседници го гледале морето.
Од оваа тутка на материјална и духовна гнојност богохулијата на стотици дијалекти го кајдисуваат небото. Орди на скитници се лулаат викајќи и пеејќи по алеите и булеварите, повремени прикриени раце ненадејно гасат светла и спуштаат завеси и мургави, од грев избраздени лица исчезнуваат од прозори кога посетители ќе си расчепкаат пат до нив. Полицајци очајуваат по ред и реформи и повеќе се трудат да кренат бариери за да го заштитат надворешниот свет од заразата. Ечењето на патролните коли е пречекувано од некаква призрачна тишина и оние затвореници кои се приведени никогаш не се разговорливи. Видливите престапи се разноврсни како и локалните дијалекти и дијапазонот им се движи од криумчарење рум и забранети иселеници, преку разнобразни етапи на беззаконие и затаен порок, до убиство и унакажување во нивните најненавистни појави. Тоа што овие видливи збиднувања не се почести не е во прилог на угледот на маалото, освен ако вештината за прикривање не е уметност вредна за углед. Повеќе луѓе влегуваат во Ред Хук одошто ја напуштаат - или барем одошто ја напуштаат по копнена страна - а оние кои не се прикажливи се тие кои најчесто си одат.
Малоун пронајде во ваквата состојба на нештата бледа смрдеа на тајни поужасни од сите гревови порекнати од граѓаните и оплакани од свештениците или филантропите. Беше свесен, како некој што ја обединува фантазијата со научно знаење, дека современи луѓе под услови на беззаконие имаат необјаснив нагон да ги повторуваат најмрачните инстинктивни шеми на примитивно полу-мајмунско дивјаштво во нивните секојдневни животи и обредни прославувања; и често ги беше гледал со антрополошки трепет разбаените, распцуени поворки матнооки и сипаничави млади момчиња кои врвеа во мрачните ситни саати на утрото. Човек непрестајно гледаше групи од ваквата младина, некогаш во развргалени бдеења по уличните ќошеви, некогаш среде врати како морничаво свират на евтини музички инструменти, некогаш во замелушени дремежи или непристојни дијалози околу кафански маси близу Бороу хол, а некогаш во шепотни разговори околу запуштени такси коли качени до високите скалила на разронети стари куќи со внимателно покриени прозори. Му правеа морници и го фасцинираа повеќе одошто се осудуваше да им признае на неговите соработници во полицијата, зашто се чинеше дека во нив гледа некоја чудовишна нишка на тајна непрекинатост; некој вражји, загадочен и древен дезен потполно надвор и под скотската маса на факти и навики и збиралишта излистани со толку совесно техничка грижа од полицијата. Тие мора да се, чувствуваше во себе, наследниците на некоја потресна и првобитна традиција; учесници во унакажени и скршени одрони на култови и чинодејства постари од човештвото. Нивната доследност и одреденост го предлагаше ова, а беше покажано и во своеобразниот сомнеж на ред кој демнеше под нивното оскудно безредие. Незалудно беше читал трактати како „Вештерски култови во западна Европа“ на г-ца Мари; и знаеше дека до неодамна со сигурност имаше преживеано меѓу селаните и притаени народи стравотен и потаен систем на собори и оргии со потекло од мрачни религии кои го предатираат аријскиот свет и кои се појавуваат во популарните легенди како црни миси и вештерски шабати. Тоа дека овие пеколни остатоци од стара туранско-азијатска магија и култови за плодност се дури и во овој миг целосно изумрени не можеше ни за момент да претпостави; и често се прашуваше колку постари и колку поцрни од најлошите промрморени сказни мора да се некои од нив.
III
Случајот на Роберт Сојдам беше она што го доведе Малоун до срцето на нештата во Ред Хук. Сојдам беше учен самотник од древна холандска фамилија која првично едвај имаше по нешто од имот и седеше во пространа, но неодржана вила изградена од неговиот дедо во Флетбуш кога селото не беше ништо повеќе од пријатен збир на колонијални колиби кои ја обиколуваа шилестата и забршленета реформаторска црква со нејзиниот железоограден двор на холандски надгробни плочи. Во неговата осамена куќа, повлечена од „Мартенс стрит“ среде двор прастари дрвја, Сојдам беше читал и се беше мрштел во мислите шест децении освен еден период пред една генерација, кога беше отпловил за стариот свет и останал таму осум години скриен од сечии очи. Не можеше да си дозволи слуги и примаше саде малку посетители во својата апсолутна самотија; избегавајќи блиски пријателства и пречекувајќи ги неговите ретки познаници во едната од трите соби на приземјето кои ги држеше средени - една огромна, високоплафонска библиотека чии ѕидови беа здраво нагнетени со парталави книги со гломазна, архаична и бледо одбивна појава. Растот на градот и неговото конечно втопување во бруклинскиот реон не му значеше ништо на Сојдам, а тој стигна да му значи сѐ помалку и помалку на градот. Постарите луѓе сѐ уште го покажуваа со прст на улица, но за поголемиот дел од помладото население беше само едно левтерно, џбитаво старче чија несредена бела коса, небричена брада, сјајна црна облека и бастун со позлатена рачка изнудуваше по некој љубопитен поглед и ништо повеќе. Малоун не го познаваше на изглед сѐ додека должноста не го повика до предметот, но имаше индиректно чуено за него како вистински задлабочен стручњак за средовековни суеверија и еднаш имаше попратна намера да побара еден негов памфлет кој веќе не беше во печат, а кој зборуваше за Кабалата и легендата за Фауст, кој еден пријател му го беше цитирал од памет.
Сојдам стана „предмет“ кога неговите далечни и единствени роднини побараа судско решение за неговата здраворазумност. Нивната постапка се чинеше ненадејна за надворешниот свет, но всушност беше преземена дури по долго набљудување и жалосни расправи. Беше основана на извесни несекојдневни промени во неговиот говор и навики; разуздани упати кон претстојни чудесии и необјасниви сновања низ злогласни бруклински маала. Беше станувал сѐ понеуреден и понеуреден низ годините и сега лутал како прав божјак; забележуван повремено од страна на понижени пријатели во метро станици, или како се мандари по клупи околу Бороу Хил во разговори со групи од мургави, злолики странци. Кога ќе проговореше, саде бладаше за неограничена моќ што му била скоро на дофат и повторуваше со упатени вргалења мистични зборови или имиња како „Сефирот“, „Ашмодај“ и „Самаел“. Судската постапка откри дека го користи приходот и си ја запустува печалбата во купување на своевидни томови увезени од Лондон и Париз, како и во одржување на оскудниот сутерен во реонот на Ред Хук каде што ја поминуваше скоро секоја вечер, пречекувајќи несекојдневни пратеништва на грубијански мелези и странци и очевидно спроведувајќи некоја чинодејствена служба зад зелените ролетни на таинствени прозорци. Детективите кои беа назначени да го следат пријавуваа чудни викотници и баења и потскокнувања на нозе како продираат од овие вечерни обреди и трепереа од нивниот сперлив занес и безгрижност и покрај честоста на бизарни оргии во таа замајана населба. Меѓутоа, кога дојде време за сослушување, Сојдам успеа да си ја зачува слободата. Пред судијата држењето му стана културно и разумно и отворено ја призна левтерноста на поведението и настраноста на ковот на говорот во коишто беше потпаднал преку прекумерна посветеност на неговите изучувања и истражувања. Рече дека бил зафатен со истрага на извесни подробности на европската традиција кои барале близок допир со странски групи и нивните песни и фолклорни танци. Замислата дека некакво подло тајно здружение го беше имало во канџите, како што беше загатнато од страна на неговите роднини, се разбира беше апсурдно; и покажуваше колку жалосно ограничено е нивното разбирање за него и неговата работа. Триумфирајќи со неговите смирени објаснувања, му беше дадено непречено да си замине; и платените детективи на Сојдамови, Корлеарови и Ван Брунтови беа повлечени со помирена одбивност.
Тука се случи да сојуз на федерални инспектори и полицијата, меѓу кои и Малоун, влезе во предметот. Чуварите на законот со интерес ја следеа постапката против Сојдам и во многу наврати им беа повикани на помош на приватните детективи. Низ ваквата работа се воспостави дека новите соработници на Сојдам беа меѓу најцрните и најсвирепи злосторници од заобиколните алеи на Ред Хук и дека барем третина од нив беа познати и повеќекратни престапници во случаи на кражба, неред и увоз на противзаконски доселеници. Навистина, немаше да се претера ако се кажеше дека конкретниот круг на стариот стручњак скоро совршено се совпаѓаше со најлошите организирани соеви кои криумчареа до бреговите извесни безимени и неодредени азиски олоши кои Елис Ајленд мудро ги беше одвратил. Во пренатрупаните брлози на „Паркер плејс“ - оттогаш преименувана - каде Сојдам го држеше неговиот сутерен беше пораснала една мошне необична колонија на неодредени косооки народи кои ја користеа арапската азбука, но беа речито одречени од големата маса сиријци во и околу „Атлантик авењу“. Сите можеа да бидат депортирани поради немање документи, но законитоста е спора и човек не го вознемирува Ред Хук освен ако јавниот одглас не го примора.
Овие суштества посетуваа една дотраена камена црква, која секоја среда се користеше како сала за игранки и која ги вишеше своите готски контрафори во близина на најпоганите делови на крајречјето. Номинално беше католичка; но свештениците низ цел Бруклин му одбиваа на местото секаков углед и веродостојност и полицајците се согласуваа со нив кога ќе ги чуеја звуците кои ги оддаваше навечер. На Малоун му се имаше присторувано дека слуша ужасни распукани бас тонови од скриени оргули длабоко под земјата кога црквата беше празна и неосветлена, додека сите набљудувачи стравуваа од криковите и чукањата на тапани кои ги придружуваа видливите богослужби. Сојдам, кога го испрашаа, рече дека обредот бил некоја останка на несторско христијанство прошарано со тибетски шаманизам. Повеќето луѓе, претполагаше, беа од монголоиден сој, по потекло од некаде во или близу Курдистан - и Малоун не можеше да не си спомене дека Курдистан е земјата на Језидите, последните преживеани од персиските ѓаволопоклонувачи. Како и да беше, бранувањата во истрагата за Сојдам покажаа со сигурност дека овие неодобрени новодојденци го преплавуваа Ред Хук во сѐ поголем број; влегувајќи преку некој поморски заговор недостигнат од финансиските инспектори или крајбрежната полиција, се изливаа од „Паркер плејс“ и бргу се ширеа нагоре по ридот, добредојдени со своевидно побратимство од страна на другите разноразни мештани од регионот. Нивните склупчени фигури и својствено замижани физиономии, гротескно споени со помодарска американска облека, се појавуваа во сѐ поголем и поголем број меѓу безделниците и чергарските бандити од населбата кај Бороу хол; додека најнакрај не стана неопходно да се пресмета нивниот број, да се одредат нивните изворишта и занимања и ако е возможно да се изнајде начин да се соберат и достават до соодветните иселенички власти. На оваа задача беше назначен Малоун по согласност на федералните и градските чувари на законот и како што го започна своето иследување на Ред Хук се почувствува исправен пред работ на безимени ужасии, со неуредната, запуштена фигура на Роберт Сојдам како архиѓавол и соперник.
IV
Полициските методи за разноврсни и генијални. Малоун, преку ненаметливи расприкажувања, внимателно обични разговори, добро темпирани понуди на матарката со алкохол и промислени дијалози со исплашени затвореници, научи многу единични факти за движењето чија појава беше станала толку заканувачка. Новодојденците навистина беа Курди, но со дијалект засенет и загадочен за прецизна филологија. Таквите од нив кои работеа најчесто живееја како аргати по доковите или како диви прематари, макар што често служеа и во грчки ресторани и држеа улични тезги за весници. Меѓутоа, повеќето од нив немаа видлив начин на заработка и очигледно беа поврзани со подземни подвизи, од кои криумчарење и продажба на црно беа најмалку неописливи. Беа дошле на парабродови, очевидно со бродови за случаен превоз и скришно се беа истовариле на безмесечеви ноќи со чамци кои се прикрадуваа под некој извесен док и следеа некој скриен канал до таен подземен басен под некоја куќа. Овој док, канал и куќа Малоун не можеше да ги пронајде, зашто сеќавањата на неговите доушници беа крајно збркани, додека нивниот говор во голема мера беше вон способностите на дури и најспособните толкувачи; ниту пак можеше да се здобие со вистински податоци за причините за нивното систематско увезување. Беа воздржливи за точното место од каде што беа дошле и никогаш не беа со доволно спуштена одбрана за да откријат какво воздејство ги беше изнашло и им ја беше упатувала нивната насока. Всушност, пројавуваа нешто како преизразен уплав кога беа запрашани за причините за нивното присуство. Бандитите од други сорти беа подеднако молчаливи и сѐ што можеше да се дознае беше дека некој бог или големо свештенство им беше ветило нечуена моќ и натприродна слава и господства во чудна земја.
Посетеноста, како од новодојденците така и од старите бандити, на внимателно вардените вечерни средби на Сојдам беше многу редовна и полицијата набрзо дозна дека доскорешниот самотник беше изнајмил додатни станови за да може да ги смести оние гости кои ги знаеја неговите лозинки; зафаќајќи конечно три цели куќи и долгорочно приберувајќи многу од неговите настрани придружници. Малку време поминуваше сега во неговиот дом во Флетбуш, очевидно одејќи и идејќи само за да земе и врати книги; и неговото лице и држење се имаа здобиено со одбивно ниво на дивост. Малоун два пати го распраша, но секојпат беше реско одвратен. Не знае ништо, велеше, за мистериозни заговори или движења и немаше претстава како Курдите имаат влезено или што сакаат. Негова работа беше на мира да го проучува фолклорот на сите доселеници од реонот; работа во којашто полицајци немаат оправдлива причина да се мешаат. Малоун го спомена својот восхит кон старата брошура на Сојдам за Кабалата и други митови, но омекнувањето на старецот беше само миговно. Насети натрап и го поби неговиот гостин на мошне недвосмислен начин, за најпосле Малон да се повлече згаден и да се сврти кон други канали на информација.
Што ќе откопаше Малоун ако продолжеше да работи на предметот, никогаш нема да дознаеме. Како што стоеја работите, глупав спор помеѓу градските и федералните власти ја суспендира истрагата на неколку месеци, за време на коишто детективот беше зафатен со други задачи. Но во ниедно време не изгуби интерес, или пропушти да биде вчудовиден од она што почна да му се случува на Роберт Сојдам. Токму во времето кога бран на киднапирања и исчезнувања ја рашири својата возбуда врз Њу Јорк, запуштениот стручњак се впушти во метаморфоза потресителна колку што беше и апсурдна. Еден ден го видоа близу Бороу хол со пресно бричено лице, уредно поткастрена коса и помодарски беспрекорна облека и секој ден потоа некое помрачено подобрување беше забележано кај него. Ја одржуваше новата педантност без прекин, додаде врз неа невообичаен блесок на око и бистрина на говор и малку по малку почна да се ослободува од џбитавоста која толку долго го беше деформирала. Сега често беше згрешаван за некој многу помлад, здобивајќи се со еластичност на чекор и ведрина на држење кое му прилегаше на новото поведение и пројави своевидно потемнување на косата кое како да не потсетуваше на боја. Како што врвеа месеците почна да се облекува сѐ понеконзервативно и понеконзервативно и најпосле ги воодушеви неговите пријатели со реновирање и редекорирање на неговата вила во Флетбуш, која ја разотвори низ низа приеми, повикувајќи ги сите познаници на кои можеше да се сети и пружејќи им посебно добредојде на роднините кои пред толку неодамна го беа барале неговото лишење од слобода и на кои сега им проштеваше сѐ. Некои присуствуваа од љубопитност, други од должност; но сите беа ненадејно шармирани од изгрејната отменост и достоинство на поранешниот самотник. Го беше завршил, тврдеше, најголемиот дел од работата која му била предодредена; и одошто тукушто беше наследил нешто имот од некој полузаборавен европски пријател беше на ум да си ги помине последните години во посветла втора младост којашто лезет, мукает и исхрана му ја беа овозможиле. Во Ред Хук го гледаа сѐ помалку и помалку и сѐ повеќе и повеќе се движеше низ општеството во коешто беше роден. Полицајците забележaа тежнеење на бандитите да се берат кај старата камена црква и сала за игранки наместо кај сутеренот на „Паркер плејс“, макар што последново место и неговите неодамнешни доградби уште преливаа од дегутантен живот.
Потоа се случија два инциденти - доволно раздалечени еден од друг, но и обата од напнат интерес за предметот според визијата која Малоун ја имаше за него. Едниот беше тивка објава во весникот „Игл“ за свршувачката на Роберт Сојдам со г-ца Корнелија Геритсен од Бејсајд, млада девојка со одлична положба која беше далечна роднина на стариот зет-избраник; додека другиот беше рација на црквата со салата за игранки од страна на градската полиција, по пријава дека лицето на некое киднапирано дете било видено за миг во еден од подрумските прозорци. Малоун учествуваше во оваа рација и со голема грижа го проучи местото кога влезе. Ништо не беше најдено - всушност, градбата беше потполно напуштена кога ја посетија - но чувствителниот Келт беше нејасно вознемирен од многу нешта во нејзиниот ентериер. Имаше грубо насликани паноа кои не му се допаднаа - паноа кои прикажуваа свети лица со сперливо овоземски и зајадливи изрази и кои повремено си земаа слободи кои дури и лаичка смисла за пристојност едвај би можела да ги допушти. А, исто така, не му беше по ќеф ни грчкиот натпис на ѕидот над проповедницата; една древна вражба на којашто еднаш беше налетал во универзитетските денови во Даблин и којашто велеше, преведена буквално:
„О побратиме и придружнику во ноќта, ти кој се веселееш на кучешки грохоти и пролеана крв, кој скиташ насред сенките меѓу гробниците, кој чезнееш по крв и им носиш ужас на смртниците, Горго, Мормо, илјаднолика месечино, насмевни им се на жртвите наши!“
Кога го прочита ова затрепери и нејасно помисли на распуканите бас тонови на оргулите кои му се беше присторило дека ги слуша под црквата на извесни вечери. Повторно затрепери од ‘рѓата околу работ на еден метален басен кој стоеше на олтарот и нервозно запре кога ноздрите како да му насетија некоја своевидна и грозоморна смрдеа од некаде во близина. Тој спомен за оргулите го опседнуваше и го истражи подрумот со особена прилежност пред да си замине. Местото му беше многу ненавистно, но и покрај сѐ, зар богохулните паноа и натписи беа нешто повеќе од обични простотилуци сторени од неуките?
До времето на свадбата на Сојдам епидемијата на киднапирања имаше станато популарен скандал по весниците. Повеќето од жртвите беа мали деца од најниските класи, но растечкиот број на исчезнувања имаа наталожено став на најсилна јарост. Журналите галамеа за постапка од страна на полицијата и уште еднаш станицата од „Батлер стрит“ ги испрати своите луѓе во Ред Хук по траги, откритија и злосторници. На Малоун му беше мило да е повторно влезен во трагата и се гордееше со една рација на една од куќите на Сојдам на „Паркер плејс“. Таму, вистина, не беше пронајдено грабнато дете и покрај сказните за вресоци и црвената шарпа пронајдена на оградените скали до подрумот, но сликите и грубите натписи на излупените ѕидови во повеќето соби, како и примитивната хемиска лабораторија на таванот, помогнаа да го убедат детективот дека е влезен во трагата на нешто извонредно. Сликите беа одбивни - одвратни чудовишта од секој облик и големина и пародии на човечки контури кои не можат да се опишат. Пишаното беше во црвено и варираше од арапски до грчки, римски и хебрејски букви. Малоун не можеше да прочита голем дел од него, но она што успеа да дешифрира беше доволно предзначно и кабалистичко. Едно често употребувано гесло беше во некој вид на хебреизиран хеленистички грчки јазик и наведуваше на најужасните устрелни свикувања од александриската декаденција:
„ХЕЛ . ХЕЛОИМ . СОТЕР . ЕМАНУЕЛ . САБАОТ . АГЛА . ТЕТРАГРАМАТОН . АГИРОС . ОТЕОС . ИСХИРОС . АТАНАТОС . ИЕХОВА . УА . АДОНАИ . САДАЈ . ХОМОУСИОН . МЕСИАС . ЕШЕРЕХЕЈЕ.“
Кругови и пентаграми демнеа од секоја страна и непогрешливо кажуваа за чудните верувања и стремежи на оние кои тука толку оскудно домуваа. Меѓутоа во визбата беше пронајдено најчудното нешто - куп од чисто златни прачки покриени немарно со парче јута и имајќи ги на нивната сјајна површина истите бизарни хиероглифи кои ги украсуваа и ѕидовите. За време на рацијата полицијата наиде на само пасивен отпор од замижаните ориенталци кои се нароија од секоја врата. Не наоѓајќи ништо значајно, мораа да остават сѐ како што беше; но командирот на станицата му пиша порака на Сојдам советувајќи го внимателно да го испита наравот на неговите потстанари и пулени со оглед на сѐ поголемата галама од јавноста.
V
Потоа дојде и јунската свадба и големата сензација. Флетбуш беше жизнерадосен во часот околу пладне и автомобили накитени со знаменца врвулеа низ улиците близу старата холандска црква каде настрешница се протегаше од вратата до булеварот. Никој друг локален настан не го надмина венчилото на Сојдам и Геритсен во тон или големина и толпата што ги придружуваше невестата и зетот до „Кунард пиер“, иако не беше баш најдотерана, сочинуваше една добра страница во изданието на „Соушал регистер“. Во пет часот сите се опростија и гломазниот прекуокеански брод почна да се одделува од долгото пристаниште, полека го сврте носот кон отворено море, се ослободи од реморкерот и се упати кон сѐ поширните водни простори кои водеа до старосветовни чуда. Довечер надворешното пристаниште беше одминато и вечерните патници ги гледаа ѕвездите како мижуркаат над незагаден океан.
Дали парабродот за случаен превоз или вресокот беше првото нешто што изнуди внимание, никој не може да каже. Најверојатно беа истовремени, но нема полза да се пресметува. Вресокот дојде од луксузната кабина на Сојдам и морнарот што ја скрши вратата можеби можеше да раскаже стравотни нешта ако уште веднаш не беше полудел - но тој се издра погласно од првите жртви и потоа цимолкајќи се растрчуваше низ пловилото додека не го фатија и ставија во пранги. Бродскиот доктор кој влезе во луксузната кабина и ги пушти светлата еден миг потоа не полуде, но на никој не му кажа што виде додека прво не се допиша со Малоун во Чепачет. Убиство беше - давење - но не мора да се рече дека трагите од канџи на гркланот на г-ѓа Сојдам не можеа да потекнуваат од нејзиниот сопруг или од некоја друга човечка рака, или дека врз белиот ѕид затреперила за миг во ненавистна црвена боја легенда која, покасно препишана од памет, се чини дека била ништо помалку од стравотните халдејски букви на зборот „ЛИЛИТ“. Не мора да се споменат овие нешта бидејќи толку бргу ги снема - а за Сојдам, можеше барем да им се брани на други да влезат во собата додека не одлучи што самиот треба да мисли. Докторот јасно го увери Малоун дека не ГО беше видел ТОА. Отворениот бродски прозорец, токму пред да пушти светло, за момент бил замаглен од извесна светлозрачност и за момент се чинеше како да одекнува надвор во ноќта укажување на бледо и пеколно кркотење; но немаше вистински контур да излезе пред око. Како доказ, докторот посочува кон неговиот продолжен здрав разум.
Тогаш парабродот за случаен превоз го зазеде сето внимание. Доплови чамец и орда од барџави, безобразни грубијани во офицерски алишта се нароија врз крмата на привремено застанатиот Кунардец. Го сакаа Сојдам или неговото тело - знаеја за неговиот пат и од извесни причини беа сигурни дека ќе умре. Капетанската палуба беше скоро во сколободија; зашто за миг, помеѓу извештајот на докторот од луксузната кабина и барањата на луѓето од парабродот ниту најмудриот и најтрезвен морепловец не можеше да одлучи што да направи. Наеднаш водачот на дојдените морепловци, еден Арап со ненавистно нигроидна уста, извлече еден валкан, истуткан лист и му го подаде на капетанот. Беше потпишан од Роберт Сојдам и ја содржеше следнава несекојдневна порака:
„Во случај на моја ненадејна или необјаснета несреќа или смрт, Ве молам предајте ме мене или моето тело беспоговорно во рацете на носачот и неговите соработници. Сѐ, за мене, а можеби и за вас, зависи од апсолутна согласност. Подоцна може да се објаснуваме - не ме изневерувајте сега.
РОБЕРТ СОЈДАМ“
И капетанот и докторот се погледаа и вториот му прошепоти нешто на првиот. Најпосле мошне беспомошно климнаа и се упатија кон луксузната кабина на Сојдам. Докторот го насочи настрана погледот на капетанот како што ја отклучуваше вратата и ги примаше чудните морепловци, ниту пак зеде мирен здив сѐ додека не излегоа во колона носејќи го нивниот товар по необјасниво долго време на подготовка. Беше завиткан со постелнина од леглото и на докторот му беше мило што контурите не откриваа премногу. Луѓето успеаа некако да го префрлат нештото преку страната до нивниот параброд без да го откријат. Кунардецот повторно тргна и докторот и бродскиот погребник тргнаа кон луксузната кабина на Сојдам да си го извршат последното од службата колку што можеа. Уште еднаш лекарот беше приморан на воздржливост и дури и на фалшливост, зашто пеколна работа се имаше случено. Кога погребникот го праша зошто ѝ ја беше испуштил сета крв на г-ѓа Сојдам, занемари да потврди дека не го беше сторил тоа; ниту посочи кон празните места за шишиња на полицата, или кон миризбата во мијалникот која покажуваше брзоплето разместување на првичната содржина на шишињата. Џебовите на тие луѓе - ако беа луѓе - беа ѓаволски набрекнати кога си отидоа од бродот. Два часа покасно и светот преку радио дозна сѐ што требаше да знае за ужасната работа.
VI
Истата таа јунска квечерина, без да слушне ни збор од морето, Малоун беше очајно зафатен помеѓу сокаците на Ред Хук. Ненадеен беспокој како да продираше низ местото и небаре известени преку портарски муабети за некоја своеобразна работа, мештаните се нагроздија во очекување околу црквата со сала за игранки и куќите на „Паркер плејс“. Три деца штотуку беа исчезнале - плавооки норвежанчиња од улиците за накај Гованус - и имаше гласини дека толпа се создава помеѓу тврдокорните викинзи од таа населба. Малоун со недели ги беше бодрел колегите да пробаат да направат општа чистка; и повлечени конечно од услови поочигледни за нивниот општ разум одошто од претполагањата на еден даблински сонувач, се беа согласиле на еден последен удар. Немирот и заканата на таа квечерина беа биле одлучувачкиот фактор и непосредно пред полноќ рациска група регрутирана од три станици се спушти врз „Паркер плејс“ и нејзиниот реон. Врати беа обиени, отпадници уапсени и од свеќа осветлени соби принудени да изблујат неверојатни калабалаци од мешани странци во обружани роби, со митри и други необјасниви шејови. Многу беше изгубено во турканицата, зашто предмети набрзина беа фрлани прудолу неочекувани јами и разоткривачки миризби беа умртвувани со ненадејно палење на јак темјан. Но распрскана крв имаше насекаде и Малоун трепереше кога ќе забележеше мангал или олтар од којшто чад сѐ уште се извиваше.
Сакаше да е на неколку места одеднаш и се реши за сутеренот на Сојдам дури откако гласник ја беше пријавил целосната празнина на трошната црква со сала за игранки. Сутеренот, помисли, мора да содржи некоја трага за култот на којшто окултниот стручњак толку очигледно беше постанал средишник и водач и со вистинско очекување фати да ги претура немливите соби, да ја забележува нивната бледо костурничарска миризба и да ги испитува необичните книги, инструменти, златни прачки и шишиња со стаклени поклопци немарно раштркани ваму-таму. Еднаш една жилава, црно-бела мачка му се провре меѓу нозе и го сопна, превртувајќи истовремено и една лабораториска чаша полуполна со црвена течност. Потресот беше тежок и до ден-денес Малоун не е сигурен што виде, но во соништата сѐ уште си ја замислува таа мачка како се мушнува со извесни чудовишни преиначувања и сперливости. Потоа следеше заклучената врата од визбата и потрагата по нешто за да ја собори. Еден тежок стол се наоѓаше во близина и неговото силно седиште беше повеќе од доволно за античките паноа. Се создаде пукнатина и се зголеми и целата врата попушти - но од другата страна; од каде што се изли завивачка бука на леден ветер со сите смрдеи на безгазерната јама и од каде што посегна вшмукувачка сила не од земјата или небесата, која, вителејќи се сознателно околу вкочанетиот детектив, го одвлечка низ окното прудолу низ неизмерени простори полни со шепоти и лелеци и налети на потсмешлива смеа.
Се разбира дека беше сон. Сите специјалисти му рекоа така и нема ништо за да го докаже спротивното. А и поубаво му е да е така; зашто тогаш глетката на стари циглени гета и темни странски лица не би му ја јадела толку длабоко душата. Но во тоа време сѐ беше ужасно вистинито и ништо никогаш нема да може да го задуши споменот на тие ноќни костурници, тие титански аркади и тие полу-оформени облици на пекол кои гигантски се шетаа во тишина држејќи полуизедени нешта чии сѐ уште живи парчиња врескаа за милост или се смееја полудено. Миризби на темјан и расипаност се мешаа во дегутантно созвучје и црниот возух беше жив со магливата полувидлива грамада на безоблични елементални нешта со очи. Некаде мрачна леплива вода шлапаше врз ониксни пристаништа и еднаш трепетното ѕвечкање на крескави ѕвончиња заѕвекоти во поздрав на лудото кркотење на едно голо светлозрачно нешто кое доплива во видик, се испентари на брегот и се искачи за да клекне извргалено на изрезбарен златен постамент во позадината.
Сокаци на бескрајна ноќ се чинеа дека зрачат во секоја насока, одошто човек би си помислил дека тука лежи коренот на зараза судена да разболи и проголта градови и поплави народи со реата на хибриден помор. Тука космички грев беше влегол и гноејќи преку неосветени обреди го беше почнал расцерениот поход на смрт за да нѐ скапе сите до габести абнормалности преодвратни за и гробот да би ги содржал. Сатаната тука го држеше својот вавилонски двор и со крвта на неизвалкано детство лепрозните краци на светлозрачната Лилит беа исплакнети. Инкуби и сукуби виеја величења кон Хеката и безглави пометничиња блееја за Магна Матер. Кози скокаа на звукот на тенки, проклети флејти и египанови бескрајно гонеа изобличени фауни преку карпи извиткани како подуени жаби. Молох и Аштарот не беа отсутни, зашто во оваа сушност на сето проклетство синорите на свеста беа симнати и човечката мечта беше отворена кон видици на секое царство на ужас и секоја забранета димензија која злото има моќ да ја изваја. Светот и природата беа беспомошни против вакви напади од незапечатени бунари на ноќ ниту можеше некој знак или молитва да ја сопре валпургиската узбуна на ужас која беше дошла кога еден мудрец со ненавистен клуч беше наишол на ризница со заклучениот и преполн сандак на пренесени ѓаволски преданија.
Одненадеж зрак на физичка светлина блесна низ овие привиденија и Малоун го чу звукот на весла среде богохулијата на нешта кои треба да се мртви. Чамец со фенер на клунот се втурна во видик, беше врзан за еден железен прстен на лигавото камено пристаниште и изблуја неколку темни луѓе кои носеа долг товар повиен во постелнина. Го одведоа до голото светлозрачно нешто на изрезбарениот златен постамент и нештото закркоти и ја подрпа постелнината. Потоа го одвија и го кренаа исправен пред постаментот гангренестиот леш на џбитав старец со небричена брада и несредена бела коса. Светлозрачното нешто повторно закркоти и луѓето извадија шишиња од нивните џебови и му ги премачкаа стапалата со црвено, додека потоа му ги дадоа шишињата на нештото за да пие од нив.
Наеднаш, од аркадните сокаци кои бескрајно водеа во далечините, дојде демонијачкото ѕвечкање и фучење на богохулни оргули, искашлувајќи и грмејќи ги потсмевањата на пеколот во распукан, зајадлив бас. За миг секој подвижен ентитет беше наежавен; и обликувајќи се веднаш во чинодејствена поворка, кошмарната орда се завлече во потрага по звукот - коза, сатир и египан, инкуб, сукуб и лемур, извиткана жаба и безобличен елементалец, песолик завивач и тивок прусач во темницата - сите водени од грозното голо светлозрачно нешто кое беше клечело на изрезбарениот златен престол и сега дрско чекореше носејќи го во рацете стаклоокиот леш на џбитавиот старец. Чудните темни луѓе играа одзади и целата колона потскокнуваше и рипаше со Дионизиска јарост. Малоун се затетерави по нив на неколку чекори, замајан и во бунило и сомничав за неговото место во овој или во кој и да е друг свет. Потоа се заврте, се запорева и потона прудолу врз ладниот мокар камен, збивтајќи и тресејќи се како што ѓаволските оргули крекаа и завивањата и чукањата и дрнкањето на лудата поворка почна да станува полеко и полеко.
Бледо беше свесен за избајани ужаси и потресни крекања оддалеку. Одвреме навреме лелек или плач на чинодејствена посветеност ќе долебдеше до него низ црната аркада, додека најнакрај се издигна стравотната грчка вражба чиј текст го беше прочитал над проповедницата на таа црква со сала за игранки.
„О побратиме и придружнику во ноќта, ти кој се веселееш на кучешки грохоти (тука изби одвратно завивање) и пролеана крв (тука безимени звуци се затакмичија со морбидни крикања), кој скиташ насред сенките меѓу гробниците (тука се случи некаква пискава издишка), кој чезнееш по крв и им носиш ужас на смртниците (краток, остар извик од едночудо грла), Горго (повторено како во одговор), Мормо (повторено во занес), илјаднолика месечино (издишки и ноти на флејта), насмевни им се на жртвите наши!“
Како што бајачката сврши, се дигна општ викот и звуци на с’скање за малку што не го удавија крекањето на распуканите бас оргули. Тогаш, збивање како од многу грла и џагор од излаени и изблеени зборови - „Лилит, Велика Лилит, опули го Зетот!“ Пак извици, галама на узбуна и острите, плескави стапки на некоја затрчана фигура. Стапките наближија и Малоун се подигна на лакти за да види.
Светливоста на костурницата, до пред скоро поднамалена, сега малку се засили; и во таа ѓаволска светлина се појави побегнатата силуета на она што не треба да може да бега или чувствува или дише - стаклоокиот, гангренест леш на џбитавиот старец, на кој сега не му требаше потпора, туку беше размрдан преку некакво пеколно маѓепсништво од обредот кој штотуку беше свршил. По него трчаше голото, раскркотено, светлозрачно нешто што припаѓаше на изрезбарениот престол, а уште поназад бревтаа темните луѓе и сета мртва послуга на сознателна зазорност. Лешот ги наттрчуваше неговите гонители и се чинеше решен да постигне некоја конкретна цел, напрегајќи се со секој гнил мускул накај изрезбарениот златен постамент, чија некроманска важност очевидно беше толку голема. Уште во наредниот миг ја беше достигнал својата цел, додека заостанатиот калабалак бувташе по него со уште потрескавична брзина. Но закаснија, зашто во еден конечен блик на сила што раскина тетива од тетива и ја натера опората грамада да шлакне врз подот во состојба на пивтиеста растопеност, зјапнатиот леш кој беше бил Роберт Сојдам ја постигна својата цел и своето тржество. Туркањето беше било стравотно тешко, но силата беше издржала; и како што туркачот се сруши во каллива лочка на расипаност постаментот кој го беше турнал се заклати, се навали и најпосле се истумба од неговата ониксна основа во густите води под него, испраќајќи за разделба еден болскот на изрезбарено злато како што тешко потона до несонливи бездни на најдолниот Тартар. Во тој миг и целата сцена на ужас избледе до ништожност пред очите на Малоун, кој се онесвести среде громогласно рушење кое се чинеше како да го поклопи сиот зол универзум.
VII
Сонот на Малоун, искусен во целост пред да дознае за смртта и поморското префрлање на Сојдам, беше своевидно надополнет со некои несекојдневни вистиности на предметот; макар што, тоа не е причина зошто некој би требало да верува во него. Трите стари куќи на „Паркер плејс“, несомнено уште од одамна скапани од гнилеж во неговиот најподмолен облик, се срушија без видлива причина додека полу од упаѓачите и повеќето од затворениците беа внатре; и од двете групи поголемиот дел загинаа на место. Само во подрумите и визбите имаше спасување на животи и Малоун беше среќен што беше длабоко под куќата на Роберт Сојдам. Зашто навистина беше таму, како што и никој не пробал да одрече. Го најдоа онесвестен на работ на еден ноќно-црн базен, со гротескно ужасна мешаница на гнилеж и коски, утврдени преку забни записи како телото на Сојдам, на неколку стапки од него. Предметот беше јасен, зашто тука беше местото кај што беше водел подземниот криумчарски канал; и луѓето кои го зедоа Сојдам од бродот го беа довеле дома. Самите тие никогаш не беа најдени, или барем не беа утврдени; а бродскиот доктор сѐ уште не е задоволен со едноставните убедености на полицијата.
Сојдам очевидно беше водач на обемни операции на човечко криумчарење, зашто каналот до неговата куќа беше само еден од неколку подземни канали и тунели во маалото. Имаше тунел од оваа куќа до една костурница под црквата со сала за игранки; костурница достапна од црквата само преку еден тесен таен премин во северниот ѕид и во чии одаи некои своеобразни и ужасни нешта беа откриени. Крескавите оргули беа таму, како и една огромна засводена капела со дрвени клупи и чудно обликуван олтар. Ѕидовите беа обложени со мали ќелии, од кои во седумнаесет - одвратни за присеќавање - осамени затвореници во состојба на целосен идиотизам беа пронајдени оковани, вклучувајќи и четири мајки со новороденчиња со вознемирувачи чуден изглед. Овие новороденчиња умреа набрзо откако беа изложени на светлина; околност којашто докторите ја сметаа за мошне милостива. Никој освен Малоун, меѓу оние кои ги прегледаа, не се сети на трезвеното прашање на стариот Делрио: „An sint unquam daemones incubi et succu-bae, et an ex tali congressu proles nasci queat?“
Пред каналите да бидат затрупани, беа потполно исушени и вродија сензационална збирка на пресечени и распукани коски од најразлична големина. Пронајден беше, стана јасно, врутокот на епидемијата на киднапирање; макар што само двајца од преживеаните затвореници можеа по некаква правна нишка да се поврзат со него. Овие луѓе се сега в затвор, зашто неуспешно беше товарењето дека се соучесници во самите убиства. Изрезбарениот златен постамент или престол толку често споменуван од Малоун како да е од примарно окултно значење никогаш не беше развиделен, макар што во едно место под куќата на Сојдам каналот беше забележан дека потонува во бунар предлабок за сушење. Беше задушен при устието и зациментиран кога визбите на новите куќи беа направени, но Малоун често нагаѓа што лежи под површината. Полицијата, задоволна дека беа разбиле опасна банда на манијаци и човеко-криумчари им ги предаде на федералните власти неосудените Курди, кои пред нивната депортација заклучно беа прогласени дека припаѓаат на језидискиот клан на ѓаволопоклонувачи. Бродот за случаен превоз и неговиот екипаж остануваат неодгатната мистерија, макар што циничните детективи се повторно спремни да се борат против неговите потфати на криумчарење и продавање рум. Малоун мисли дека овие детективи покажуваат тажно ограничена перспектива во нивниот недостиг на чудење кон едночудото необјасниви детали и укажувачката магливост на целиот предмет; макар што исто толку е критичен и кон весниците, кои гледаа само морбидна сензација и се ситеа со мал садистички култ кој инаку можеа да го прогласат за ужас од самото срце на универзумот. Но задоволен е да седи мирно во Чепачет, смирувајќи си ги дамарите и молејќи се за времето постепено да го премести неговото ужасно искуство од царството на вистинска стварност до она на сликовита и полу-митска далечност.
Роберт Сојдам спие покрај својата невеста во гробиштата „Гринвуд“. Не беше одржан погреб за чудно предадените коски и роднините се благодарни за брзиот заборав кој го претекна целокупниот предмет. Поврзаноста на стручњакот со ужасите во Ред Хук, всушност никогаш не беше нагиздена со правен доказ; бидејќи неговата смрт ја запре истрагата со којашто инаку ќе беше соочен. Неговиот крај не е често споменуван и Сојдамови се надеваат дека идните поколенија ќе го паметат само како кроток самотник кој се бавел со безопасна магија и фолклор.
А Ред Хук - секогаш е ист. Сојдам дојде и замина; стравотија се насобра и избледе; но аветот на темница и беда и понатаму се мршти помеѓу мелезите во старите циглени куќи и скитачки тајфи уште парадираат по непознати задачи крај прозорци кај што светла и извитоперени лица необјасниво се појавуваат и исчезнуваат. Прастариот ужас е хидра со илјада глави и култовите на темница се вкоренети во богохулија подлабоки од бунарот на Демокрит. Душата на бестијата е сѐприсутна и тржествена и легиите на матнооки и сипаничави млади момчиња на Ред Хук сѐ уште бајат и колнат и завиваат како што се редат од понор во понор, никој не знае од кај или на кај, туркани од слепи биолошки закони кои можеби никогаш нема да ги разберат. Како и во дамнина, повеќе луѓе влегуваат во Ред Хук одошто ја напуштаат по копнена страна и веќе има гласини за нови канали што врват подземи до извесни центри за пренесување алкохол и помалку споменливи нешта.
Црквата со сала за игранки сега е најчесто сала за игранки и настрани лица се имаат појавувано навечер на прозорците. Пред скоро, еден полицаец изрази верување дека затрупаната костурница е повторно откопана и тоа без некаква едноставно објаслива намера. Кои сме ние да водиме бој против отрови постари од историјата и човештвото? Човеколики мајмуни играа во Азија на тие ужасии и ракот демне сигурен и се шири кај што стаеност се крие во редици на скапана цигла.
Малоун не трепери потамина - зашто баш пред некој ден полицаец наслушна едно мургаво замижано бабиште како учи едно мало дете на некаков шепотлив жаргонизам во сенката на еден пролаз. Слушаше и му се виде многу чудно кога ја чу како постојано повторува:
„О побратиме и придружнику во ноќта, ти кој се веселееш на кучешки грохоти и пролеана крв, кој скиташ насред сенките меѓу гробниците, кој чезнееш по крв и им носиш ужас на смртниците, Горго, Мормо, илјаднолика месечино, насмевни им се на жртвите наши!“