Соништа во вештерската куќа - Полиграматон

Соништа во вештерската куќа


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


Дали соништата ја причинија треската или треската ги причини соништата Волтер Гилман не знаеше. Зад сѐ се таеше смуртениот, гнојлив ужас на древниот град и на мувлосаната, неосветена калканова мансарда каде што пишуваше и учеше и се бореше со цифри и формули кога не се превртуваше на оскудниот железен кревет. Ушите му беа станале чувствителни до противприроден и неподнослив степен и уште одамна го имаше запрено евтиниот часовник над каминот чие чукање му се чинеше како артилериско грмење. Навечер, благото вревење на црниот град надвор, зловестното растрчување на стаорци во црвјосаните прегради и крцкањето на скриените дрва во столетната куќа беа доволно да му вдахнат чувство на резлива сколободија. Темнината секогаш вриеше со необјаснива врева - а тој сепак понекогаш се затресуваше од страв да не звуците кои ги слушаше се затишат и му дозволат да чуе извесни други, полеки, звуци кои се сомневаше дека демнат зад нив.

Беше во непроменливиот, од легенди опседнат град Аркам, со нагроздени калканови покриви кои се лулаат и провиснуваат над тавани каде вештерки се беа криеле од кралските луѓе во мрачните, дамни денови на Провинцијата. И ниедно друго место во тој град не беше понатопено во сеништни спомени од мансардната соба која му беше пристан, зашто токму оваа куќа и токму оваа соба ѝ беше била пристан и на старата Кезаја Мејсон чие бегство од салемската апсаана на крајот никој никогаш не успеа да го објасни. Тоа беше во 1692 - апсанџијата беше полудел и бладал за некое мало, белозабо крзнено нешто што претрчало од ќелијата на Кезаја и дури ни Котон Мадер не можел да ги објасни кривите линии и агли размачкани на сивите камени ѕидови со некоја црвена, леплива течност.

Можеби на Гилман не му требаше да учи толку напорно. Неевклидовиот калкулус и квантната физика се доволни за да го напрегнат сечиј мозок; а кога човек ќе ги помеша со фолклор и ќе се обиде да проследи чудна позадина на повеќе-димензионална стварност зад сеништните намеци на готските сказни и дивите шепоти крај ќошевите на огништата, тешко дека може да се очекува да е слободен од умствена напнатост. Гилман беше од Хаверхил, но дури откако се запиша на факултет во Аркам почна да си ја поврзува математиката со фантастичните легенди за дамна магија. Нешто во воздухот на ветвиот град магливо му делуваше на фантазијата. Професорите од „Мискатоник“ го беа убедувале да поолабави и на неколку наврати доброволно му ги имаа скратено предавањата. Исто така, го запреа да разбарува низ сомничавите стари книги со забранети тајни кои беа држени под клуч во сеф во универзитетската библиотека. Но сите овие мерки дојдоа дури отпосле, па Гилман веќе имаше најдено некои ужасни намеци во стравотниот „Некрономикон“ на Абдул Алхазред, расцепканата „Книга на Ибон“ и потиснатата „Унаусшпрехлихен култен“ на фон Јунцт во кои можеше најде сооднос со неговите апстрактни формули за својствата на просторот и сврзаноста со димензии познати и непознати.

Знаеше дека собата му е во старата вештерска куќа - всушност, поради тоа и ја имаше земено. Многу работи имаше во околните записи на Есекс Каунти за судењето на Кезаја Мејсон и она што го беше признала под притисок при судот на „Ојер и терминер“ крајно неразумно го фасцинираше Гилман. Му беше раскажала на судијата Хаторн за линии и криви што можеле да се направат за да се покажат правци што водат низ ѕидовите на просторот до други простори од другата страна и беше навела дека такви линии и криви биле често користени на некои извесни полноќни средби во мрачната долина со белиот камен зад Медоу Хил и на ненаселената ада во реката. Беше зборувала и за Црниот Човек, за нејзината заклетва и за нејзиното ново тајно име Нехаб. Тогаш ги беше нацртала тие нишани на ѕидовите од нејзината ќелија и беше исчезнала.

Гилман веруваше во чудни работи во врска со Кезаја и беше осетил настрана возбуда кога дозна дека нејзиното жилиште уште постои дури и по повеќе од 235 години. Кога ги чу затишените шепоти во Аркам за настојното присуство на Кезаја во старата куќа и тесните улици, за неправилните траги од човечки заби оставени врз извесни спијачи во таа и во други куќи, за детските плачеви кои се слушале околу вечерта спроти Еремиовден и Денот на сите светци, за смрдеата која често била приметувана во таванот на старата куќа веднаш по тие стравотни времиња на годината и за малото, крзнено, острозабо нешто кое ја опседнувало мувливата градба и градот и ги нушкало љубопитно луѓето во црните часови пред мугрите, се реши по секоја цена да живее во местото. Лесно му беше да ја обезбеди собата; зашто куќата беше неугледна, тешка за давање под кирија и одамна наменета за евтино сместување. Гилман не можеше да каже што очекуваше таму да најде, но знаеше дека сака да биде во зградата кај што некоја околност скоро одненадеж ѝ беше дала на една просечна старица од седумнаесеттиот век увид во математички длабини недостижни можеби дури ни за современите иследувања на Планкт, Хајзенберг, Ајнштајн и де Ситер.

Ги испитуваше гредите и малтерисаните ѕидови за траги на криптични дезени при секоја пристапна точка каде што тапетите се имаа излупено и за една недела успеа да ја добие источната таванска соба каде што се мислеше дека Кезаја ги беше изведувала своите вражби. Уште од почетокот беше била слободна - зашто никој не сакаше на долго време да престојува таму - а на газдата Полјак му било шубе да ја дава под кирија. Но сепак апсолутно ништо не му се случи на Гилман сѐ до времето на треската. Го немаше аветот на Кезаја да војва низ трезвените ходници и одаи, го немаше малото крзнено нешто да му се прикраде во оскудното дувло за да го нушне и немаше ниту еден запис од вражбите на вештерката за да му ја награди постојаната потрага. Понекогаш одеше на прошетка низ сеништни чворови на непоплочени, немливи алеи каде устрелни кафени куќи со непозната старост се навалуваа и клатеа и вргалеа потсмешливо низ тесни прозорци со мали окна. Знаеше дека чудни работи таму се беа случувале на времето и имаше некое бледо укажување зад површината дека можеби не сѐ од тоа чудовишно минато - барем не во најмрачните, натесните и најзамрсено криви сокаци - целосно витосало. Исто така и два пати одвесла до озогласената ада во реката и направи скица од своеобразните агли обликувани од мовлосаните редици на сиви исправени камења чие потекло беше толку магливо и исконско.

Собата на Гилман беше пространа, но со настрано неправилен облик; северниот ѕид забележливо се навалуваше кон внатре од надворешниот кон внатрешниот крај, додека нискиот таван благо се навалуваше кон долу во истата насока. Освен една очигледа глувчја дупка и знаци на други, затнати дупки, немаше пристап - ниту некакво укажување кон поранешен начин на пристап - до просторот којшто мора да беше постоел помеѓу навалениот ѕид и правиот надворешен ѕид на северната страна на куќата, макар што поглед од надворешноста укажуваше на место каде што еден прозорец беше бил заграден на некој многу далечен датум. Поткровјето над таванот - кое сигурно беше со навален под - исто така беше непристапно. Кога Гилман се искачи по една скала до запајажинетиот кат на поткровјето над останатиот дел од таванот пронајде останки од дамнешно окно цврсто и густо покриено со древни штици и зацврстено со здрави дрвени колови вообичаени за колонијалното столарство. Меѓутоа, со никакво настојување не можеше да го наговори сталожениот газда да му даде да истражи ниту една од двете затворени простории.

Како што врвеше време, преокупацијата со нерамниот ѕид и таван на неговата соба му растеше; зашто во несекојдневните агли беше започнал да чита некоја математичка значајност која се чинеше дека нуди нејасни траги во врска со нивната намена. Старата Кезаја, промислуваше, можеби имала одлични причини за да живее во соба со сперливи агли; зашто не тврдеше ли дека низ некои извесни агли не беше излегла надвор од границите на светот на простор кој го знаеме? Неговиот интерес постепено се оддалечи од ненурнатите небиднини од другата страна на закосените површини, зашто сега се чинеше дека целта на тие површини беше поврзана со страната на којашто тој веќе беше.

Трагите на мозочна треска и соништата започнаа рано во февруари. Очевидно, несекојдневните агли во собата на Гилман веќе извесно време беа имале чудно, скоро хипнотичко влијание врз него; и со надоаѓањето на тмурната зима се затекнуваше како сѐ посилно и посилно зјапа во ќошот каде што кон долу навалениот таван се среќаваше со кон внатре навалениот ѕид. Во овој период и неспособноста да се концентрира на неговите формални студии значително почна да го загрижува, а растревоженоста во врска со полугодишните испити му стана преизразена. Но и повишеното чувство на слух исто толку го нервираше. Животот му беше станат непрестајна и скоро неподнослива бучава и секогаш го имаше тој постојан, застрашувачки впечаток за други звуци - можеби од предели од другата страна на животот - кои трепереа на самоти праг на чујност. Што се однесуваше до конкретни звуци, стаорците во древните прегради беа најлоши. Понекогаш гребењето им се чинеше не само прикриено, туку и намерно. Кога доаѓаше од зад северно навалениот ѕид беше помешано со некакво си суво ѕвечкање - а кога доаѓаше од вековно-затвореното поткровје над навалениот таван Гилман секогаш се спремаше небаре очекува некој ужас кој само го чекаше правиот момент за да се спушти и целосно да го проголта.

Соништата беа целосно вон синорот на здравиот разум и на Гилман му се чинеше дека мора да се здружен резултат на неговите студии по математика и фолклор. Премногу беше размислувал за нејасните предели коишто неговите формули му велеа дека мора да се простираат надвор од трите димензии кои ги знаеме и за можноста да старата Кезаја Мејсон - водена од некое влијание надвор од секакво претполагање - ја беше нашла портата до тие предели. Пожолтените записи од околијата кои го содржеа нејзиното сведоштво и она на нејзините обвинувачи толку ужасно укажуваа на нешта надвор од човечкото искуство - и описот на малиот крзнен, растрчан предмет кој ѝ служел како послушник беа толку болно вистинити и покрај нивните неверојатни подробности.

Тој предмет - не поголем од угоен стаорец и по народски наречен од мештаните „Кафениот Џенкин“ - се чинеше дека е плод на извонреден случај на преносна воопштена заблуда, зашто во 1692 не помалку од единаесет души имаа сведочено дека го беа наѕреле. А имаше и понеодамни гласини што содржеа обезглавувачка и обеспокојувачка количина на меѓусогласност. Сведоци велеа дека има долги влакна и форма на стаорец, но дека острозабото, забрадено лице му изгледало злобно човечки, а шепите му биле како ситни човечки раце. Носело пораки помеѓу старата Кезаја и ѓаволот и се доело со крвта на вештерката - којашто ја цицало како вампир. Гласот му бил како некој зазорен кркот и ги знаело сите јазици. Од сите бизарни бестии во соништата на Гилман, ништо не го исполнуваше со поголема паника и гадливост од овој богохулен и дробен хибрид, чија слика му претрчуваше пред погледот во форма илјадапати поненавистна од сѐ друго што неговата будна свест беше произвела од древните записи и современи шепоти.

Соништата на Гилман се состоеја во главно од нуркања низ бесконечни понори од необјасниво обоен самрак и обезглавувачки безреден звук; понори чии материјални и гравитациски особини и чиишто сооднос со неговото сопствено битисување, не можеше ни оддалеку да ги објасни. Ниту чекореше ниту се качуваше, леташе или пливаше, лазеше или провлекуваше; а сепак секогаш искусуваше тип на движење делумно самоволно, а делумно несамоволно. Сопствената состојба не можеше добро да си ја расуди, зашто погледот кон неговите раце, нозе и труп секогаш му се чинеше отсечен од некоја необична несреденост на перспективата; но му се чинеше дека неговата телесна подреденост и способност се некако чудесно претопени и закосено пренесени - но не без одредена гротескна врска со неговите редовни сразмерности и одлики.

Понорите воопшто не беа незафатени, одошто беа пренаселени со неописливо закосени маси на вонземно-обоени супстанци, од кои некои личеа како да се органски, а други се чинеа неоргански. Некои од органските предмети беа склони кон будење на нејасни спомени во задните делови на неговиот ум, макар што не можеше да обликува свесна идеја на што потсмешливо потсетуваа или укажуваа. Во покасните соништа започна да разликува посебни категории во коишто органските објекти личеа дека се поделени и кои се чинеа дека во секој посебен случај вклучуваат радикално различен вид на шема на однесување и основен поттик. Од овие категории, една му се чинеше дека вклучува предмети малку понелогични и поневажни во нивните движења од членовите на останатите категории.

Сите предмети - и органските и неорганските - беа крајно вон описливост, па и сфатливост. Гилман понекогаш ги споредуваше неорганските маси со призми, лавиринти, китки од коцки и рамнини и киклопејски градби; а органските нешта му личеа како да се групи на меури, октоподи, стоногалки, живи индиски идоли или сложени арабески спотнати во некакво влечугесто придвижување. Сѐ што гледаше беше неизречливо заканувачко и ужасно; и секогаш кога некои од органските ентитети се чинеше според движењето дека го забележува, чувствуваше чист, одвратен страв што обично го дрмнуваше и будеше. За тоа како се движеа органските ентитети, не можеше да каже повеќе одошто за тоа како тој самиот се движеше. Со тек на време увиде и една друга мистерија - тежнеењето на извесни ентитети да ненадејно се појават од среде празен простор, или потполно да исчезнат со еднаква ненадејност. Врискавиот татнеж на звучна збунетост кој ги исполнуваше понорите беше вон секакво испитување во однос на висина, тембр или ритам, но се чинеше дека е синхроничен со нејасни визуелни промени кај сите неопределени предмети и органски и неоргански. Гилман имаше постојано чувство на фрас дека може да нарасне до некој неподнослив степен на јачина за време на една или друга од нејзините помрачени, непопустливо неизбежни варирања.

Но не беше во овие вртлози на целосна отуѓеност местото каде што го виде Кафениот Џенкин. Таа потресна мала ужасија беше наменета за извесни полесни, поостри соништа коишто го кајдисуваа токму пред да пропадне во потполните длабини на сон. Ќе лежеше во мракот борејќи се да остане буден, кога некаква бледа, цвитлива светлост ќе му се причинеше дека мижурка околу столетната соба, покажувајќи го со виолетова маглина пресекот на закосени рамнини кои толку подмолно му го имаа зграбено мозокот. Ужасијата ќе се појавеше излегувајќи од глувчјата дупка во ќошот и ќе потрчкаше кон него преку потонатиот под од широки штици со злобно исчекување на неговото ситно, забрадено човечко лице - но за среќа, овој сон секогаш се растопуваше пред предметот да стигне доволно близу за да го нушне. Имаше пеколно долги, остри кучешки заби. Гилман секој ден се обидуваше да ја затне глувчјата дупка, но секоја вечер вистинските потстанари на преградите ќе ја изгризеа пречката, каква и да беше. Газдата еднаш закова лим врз дупката, но наредната вечер стаорците имаа изгризано нова дупка - при чие правење истуркаа или довлечкаа во собата една своевидна одломка од коска.

Гилман не му ја пријави треската на докторот, зашто знаеше дека нема да може да ги положи испитите ако му наредат да оди во факултетската болница кога секој миг беше потребен за нагнетување материјал. И така веќе имаше паднато по Калкулус 4 и Напредна општа психологија, макар што не без надеж да надомести пред крајот на семестарот. Беше март кога најновиот елемент влезе во неговите полесни воведни сонувања и кошмарната форма на Кафениот Џенкин започна да е придружувана од небулозната замагленост која започна сѐ повеќе и повеќе да личи на подгрбавена старица. Овој додаток го вознемири повеќе одошто можеше да објасни, но најпосле одлучи дека беше како едно древно бабиште кое всушност двапати го беше сретнал во мрачниот чвор на сокаци близу напуштените докови. Во тие наврати злобното, зајадливо и навидум бесцелно зјапање на џадијата скоро го беше натерало да затрепери - особено првиот пат, кога еден огромен стаорец затрчан преку засенетото устие на спротивниот сокак неразумно го натера да помисли на Кафениот Џенкин. Сега, промисли, тие нервозни стравови се отсликуваа во неговите безредни соништа.

Тоа дека влијанието на старата куќа беше неугодно, не можеше да го порекне; но траги од неговиот дотогашен морбиден интерес сѐ уште го држеа таму. Тврдеше дека само треската е крива за неговите ноќни мечти и дека кога нејзиниот допир ќе ублажи ќе се ослободи од чудовишните привиденија. Меѓутоа тие привиденија беа со ненавистна живописност и убедливост и кога и да се разбудеше задржуваше нејасен осет на како да претрпел многу повеќе одошто се сеќаваше. Беше одвратно сигурен дека во незапаметените соништа беше зборувал и со Кафениот Џенкин и со старицата и дека го беа силеле да појде некаде со нив и да се сретне со некое трето лице со поголема моќност.

Кон крајот на март започна да достасува во студиите по математика, макар што другите студии сѐ повеќе го мачеа. Имаше пројавено некој прониклив порив за решавање на Риманови равенки и го воодушеви професор Апам со разбирањето на четиридимензионални и други проблеми коишто ги поразуваа сите останати во класот. Едно попладне имаше дискусија за можни настрани кривини во просторот и за теоретски места на пристап или дури и контакт помеѓу нашиот дел од космосот и различни други предели оддалечени колку и најдалечните ѕвезди или самите транс-галактички бездни - или дури и извонредно далечни колку и непотполно сфатените космички единици надвор од целиот ајнштајнов просторно-временски континуум. Справувањето на Гилман со оваа тема сите ги исполни со восхит, иако некои од неговите хипотетички илустрации предизвикаа зголемување на постојано обилните гласини за неговата нервозна и осамена ексцентричност. Она што ги натера студентите да нишаат со главите беше неговата трезвена теорија дека човек - имајќи математичко познавање кое сепак би било надвор од секоја веројатност на човечко достигање - би можел намерно да пречекори од земјата во кое и да е друго небесно тело што би можело да се протега во една од бесконечните конкретни точки во космичката шема.

За таков чекор, рече, би биле потребни само две етапи; прво, премин надвор од тридимензионалната сфера која ја знаеме и второ, повратен премин во тридимензионалната сфера во друга точка, можеби точка со бесконечна оддалеченост. Тоа дека ова може да се постигне без загуба на живот било во многу случаи замисливо. Секое суштество од секој дел од тридимензионалниот простор најверојатно би можело да преживее во четвртата димензија; а неговото преживување во втората етапа би зависело од кој вонземен дел на тридимензионалниот простор ќе го избере за неговиот повторен влез. Мештани од едни планети можеби би можеле да живеат на некои други - дури и планети кои припаѓаат на други галаксии, или на слично-димензионални фази на други просторно-временски континууми - макар што сепак морало да има огромен број на заедничко ненаселливи, иако математички взаемно поклопени тела или просторни зони.

Исто така било можно жителите од еден даден димензионален домен да можат да преживеат влегување во многу непознати и неодбирливи домени на додатни или бесконечно помножени димензии - било во или надвор од дадениот просторно-временски континуум - и дека спротивното би било подеднакво точно. Ова било работа отворена за шпекулации, иако човек би можел да биде доста сигурен дека типот на мутација присутен при премин од која и да е димензионална рамнина до наредната повисока рамнина нема да е разорен за биолошката целост како што нам ни е позната. Гилман не можеше добро да објасни кои му се причините за оваа последна претпоставка, но неговата магливост тука беше повеќе од доволно урамнотежена со неговата јасност во други сложени точки. На професор Апам особено му се допадна неговата демонстрација за сродноста на високата математика со извесни фази на магични преданија пренесувани низ вековите од неизречива древност - човечка или пред-човечка - чие знаење за космосот и неговите закони било поголемо од нашето.

Околу први април Гилман беше значително загрижен бидејќи спората треска никако не му се ублажуваше. Го мачеа и мисли за работите кои некои од другите кираџии во куќата ги велеа за неговото месечарење. Се чинеше дека бил често отсутен од креветот и дека крцкањето на неговиот под во извесни часови во ноќта било забележано од човекот во собата под него. Овој човек зборуваше и за тоа како чул чекори на обуени нозе во ноќта, но Гилман беше сигурен дека мора да греши во ова, зашто чевлите и другиот прибор секое утро беа токму на своето место. Човек би можел да развие најразлични звучни заблуди во таа морбидна стара куќа - зашто нели и самиот Гилман, дури и преку ден, сега беше сигурен дека звуци не само на глувчо гребење доаѓаат од црните небиднини зад навалениот ѕид и над навалениот таван? Неговите патолошко чувствителни уши почнаа да наслушуваат за леки стапалки во од памтивек запечатеното поткровје над него и понекогаш илузијата на такви работи беше теглилно вистинита.

Меѓутоа, знаеше дека навистина беше станал сомнамбул, зашто двапати навечер собата му беше најдена празна, иако со сите негови алишта на место. Во ова беше уверен од Френк Елвуд, единствениот колега од факултетот чија сиромаштија го беше приморала да живее во оваа оскудна и неугледна куќа. Елвуд учел во ситните саати и се имаше качено да побара помош за една диференцијална равенка, наоѓајќи го Гилман отсутен. Беше било мошне безобѕирно од негова страна да ја отвори отклучената врата откако чукање не успеало да изнуди одговор, но навистина итно му требало помош и помислил дека на домаќинот нема да му пречи ако нежно го затресе и разбуди. Но во ниедна од двете пригоди Гилман не бил во собата - и кога му кажаа за оваа работа, се запраша каде беше скитал, бос и само по ноќница. Се реши да ја иследи работата ако продолжат пријавите за неговите месечарења и помисли да посоли брашно на подот на ходникот за да види каде би можеле да му водат стапалките. Вратата беше единствената замислива точка на излез зашто немаше можно место за чекорење надвор од тесниот прозорец.

Како што течеше април, од треска изострените уши на Гилман беа вознемирени од кенкавите молитви на еден суеверен мајстор за разбои по име Џо Мазуревиц, кој имаше соба на приземје. Мазуревиц раскажуваше долги, разврзани приказни за духот на старата Кезаја и крзненото, острозабо, нушкаво нешто и имаше кажано дека напати толку лошо бил опседнат што само неговото сребрено распетие - кое му било дадено за оваа намена од отец Иванички од црквата „Св. Станислос“ - можело да му пружи олеснување. Сега се молеше бидејќи вештерскиот Шабат се ближеше. Вечерта спроти Еремиовден беше Валпургиска ноќ, кога најцрните зла на пеколот сновале по земјата и сите робови на Сатаната се береле за безимени обреди и дела. Ова било отсекогаш многу лошо време во Аркам, иако надмените луѓе од „Мискатонскиот Булевар“ и „Хај стрит“ и „Салтонстол стрит“ се преправале дека не знаат ништо за оваа работа. Лоши дела ќе имало - и едно или две деца сигурно ќе исчезнеле. Џо знаел за вакви работи, зашто баба му во старата татковина беше чула сказни од нејзината баба. Било мудро човек да се моли и да си ги брои бројниците во ова годишно време. Веќе три месеци Кезаја и Кафениот Џенкин не минале крај собата на Џо ниту крај собата на Пол Чојнски ниту на друго место - и не било на арно кога така отстапувале. Сигурно готвеле нешто.

Гилман намина кај докторот на 16ти тој месец и беше изненаден кога дозна дека тремпературата не му е толку висока колку што се плашеше. Лекарот остро го испраша и го посоветува да појде на нервен специјалист. Кога потоа промисли, на Гилман му беше мило што не се прегледа кај уште пољубознајниот универзитетски доктор. Стариот Волдрон, кој и пред тоа му ги имаше ограничено активностите, ќе го натераше да одмара - невозможна работа сега кога беше толку блиску до големи резултати во неговите равенки. Сигурно беше близу до границите на познатиот универзум и четвртата димензија и кој би можел да каже колку подалеку би можел да појде?

Но како што му доаѓаа овие мисли се запрашуваше за изворот на неговата чудна самодоверба. Зар сето ова опасно чувство на неизбежност доаѓаше од формулите на страниците кои ги исполнуваше ден за ден? Леките, тивки, замислени стапалки во запечатеното поткровје над него беа обеспокојувачки. А сега имаше и некое растечко чувство дека некој постојано го убедува да стори нешто ужасно што не можеше да го стори. А сомнамбулизмот? Каде одеше понекогаш во ноќта? И што беше тоа леко укажување на звук кое одвреме навреме како да прокапуваше низ полудувачката збрка на утврдливи звуци дури и среде бел ден и потполна будност? Неговиот ритам не соодветствуваше со ништо на земјата, освен можеби со тактот на еден или два неизустливи Шабатски баења и понекогаш се плашеше дека соодветствува со извесни особини на нејасното крикање или татнење во тие потполно вонземски понори на сон.

Соништата во меѓувреме почнаа да стануваат свирепи. Во полесната уводна фаза злобната старица сега поседуваше вражја јасност и Гилман знаеше дека таа беше онаа којашто го беше исплашила во гетото. Нејзиниот подвиткан грб, долг нос и збабарена брада беа непогрешливи и нејзината безоблична кафена оправа беше како онаа што ја имаше запамтено. Изразот на лицето ѝ беше на одвратна злонамерност и ликување и кога ќе се разбудеше, можеше да се присети на крескав глас што убедуваше и се закануваше. Мора да се сретне со Црниот Човек и да појде со сите нив до престолот на Азатот во средиштето на врвен Хаос. Така му велеше. Мора со сопствена крв да се потпише во книгата на Азатот и да земе ново тајно име сега кога неговите независни иследувања беа стигнале толку далеку. Она што го спречуваше да појде со неа и Кафениот Џенкин и другиот до престолот на Хаос кај што тенките флејти безумно пиштат беше фактот дека го беше видел името „Азатот“ во Некрономиконот и знаеше дека означува првобитно зло преужасно за опис.

Старицата секогаш се појавуваше од нигде-никаде близу ќошот кај што навалувањето кон долу се среќаваше со навалувањето кон внатре. Се чинеше дека се избиструва во една точка поблизу до таванот отколку до подот и секоја ноќ беше поблиску и појасна пред сонот да се сменеше. И Кафениот Џенкин при крајот исто така секогаш беше поблиску и неговите жолтеникаво-бели песјаци потресно сјајеја на таа неземска виолетова светлозрачност. Неговото пискаво зазорно кркотење сѐ повеќе и повеќе му остануваше во глава на Гилман и во мугрите можеше да се сети како ги беше изговорило зборовите „Азатот“ и „Нјарлатотеп“.

Во подлабоките соништа сѐ беше исто така појасно и Гилман чувствуваше дека самрачните понори околу него беа оние на четвртата димензија. Тие органски ентитети чии движења се чинеа најмалку еклатантно безначајни и немотивирани најверојатно беа проекции на живи форми од нашата планета, вклучувајќи и човечки суштества. Што беа другите во нивната сопствена димензионална сфера или сфери не се осмелуваше да се обиде да помисли. Две од помалку безначајно подвижните нешта - еден мошне голем бучкуруш од светликави пролатерално сфероидни меури и еден многу помал полиедар со непознати бои и брзо менливи површни агли - се чинеше дека го имаат забележано и го следеа наоколу или лебдеа пред него додека менуваше положба среде титанските призми, лавиринти, китки од коцки и рамнини и квази-згради; и за сето тоа време нејасното крикање и татнење се воздигаше сѐ погласно и погласно како да достигаше некој чудовиштен разгор на крајно неиздржлива јачина.

За време на ноќта на 19-20 април настапи нов развој на нештата. Гилман полу-неволно се движеше во самрачните понори со меурската маса и малиот полиедар лебдејќи пред него, кога ги забележа спреливо правилните агли формирани од рабовите на некои џиновски соседни китки на призми. Наредната секунда беше надвор од понорот и стоеше трепетливо на карпест рид облиен во јака, разлеана зелена светлина. Беше босоног и во ноќница и кога се обиде да зачекори откри дека едвај може да ги крене нозете. Некаква развителена чуреа криеше сѐ освен непосредниот навален терен од видик и се вомјази од помислата на звуците кои би можеле да излеат од таа чуреа.

Тогаш ги виде двата облици како тромаво лазат кон него - старицата и малото крзнено суштество. Бабиштето мачно се подигна на коленици и успеа да ги прекрсти рацете на своеобразен начин, додека Кафениот Џенкин покажа во извесна насока со ужасно антропоидна предна шепа којашто ја подигна со очевидна потешкотија. Спотнат од порив кој не го беше самозачнал, Гилман се завлечка напред долж патека одредена од аголот на рацете на старицата и насоката на шепата на малата чудовишност и пред да успее да завлече три чекори беше назад во самрачните понори. Геометриски облици превираа околу него и пропадна вртоглаво и безгранично. Се разбуди конечно во креветот во лудо заќошената мансарда во старата устрелна куќа.

Тоа утро за ништо не го биваше и не појде на ниедно предавање. Некоја непозната привлечност му ги влечеше очите во навидум безначајна насока, зашто не можеше да престане да зјапа во една извесна празна точка на подот. Како што врвеше денот, средиштето на неговите умртвени очи смени положба и до пладне го надвладеа поривот да зјапа во празнина. Во околу два часот замина да руча и како што се провираше низ тесните сокаци на градот се најде како скршнува кон југоисток. Само со напор успеа да запре во една кафетерија на улица „Чрч стрит“ и по оброкот уште посилно го почувствува непознатото влечење.

Сепак ќе мора да се прегледа кај нервен специјалист - можеби ова имаше некоја поврзаност со неговиот сомнамбулизам - но во меѓувреме не беше лошо сам да проба да го скрши морбидниот урок. Несомнено сѐ уште можеше да успее да се оттргне од влечењето, па со голема решителност се упати наспроти него и одлучно се завлече кон север долж „Гарисон стрит“. Додека стигна до мостот преку Мискатоник веќе беше облеан од ладна пот и ја стискаше железната ограда како што зјапаше наспроти течението на реката кон злогласната ада чии правилни линии на древни исправени камења мрко се мрштеа на пладневното сонце.

Тогаш се сепна. Зашто имаше јасно видлива жива фигура на таа пуста ада и втор поглед сигурно му кажа дека е старицата чија зловестна појава толку катастрофално се имаше пронижено низ неговите соништа. Високата трева крај неа исто така се движеше, како некое друго живо суштество да лазеше близу до земјата. Кога старицата почна да се врти кон него Гилман главечки се втурна да бега од мостот кон засолништето на градските лавиринтски сокаци на крајбрежјето. Колку и да беше далечна адата, чувствуваше дека чудовишно и непобедливо зло можеше да тече од зајадливиот поглед на таа подгрбавена, древна фигура во кафено.

Југозападното влечење и понатаму остана присутно и само со преголема решителност Гилман можеше да се довлече во старата куќа и по климавите скали. Со часови седеше тивко и бесцелно, додека очите постепено му вртеа кон запад. Кај околу шест часот изострените уши му ги доловија кенкавите молитви на Џо Мазуревиц два ката под него и во очај, си ја зграби капата и излезе на залезно-златните улици, дозволувајќи му на сега директно јужното влечења да го носи кај-годе. Еден час покасно го снајде мрак во отворените полиња зад Хенгменс Брук, додека мижуркавите пролетни ѕвезди сјаеа пред него. Нагонот да чекори постепено му се смени во нагон да скокне мистично кон семирот и одненадеж сфати каде точно се наоѓа изворот на влечењето.

Во небото беше. Една одредена точка меѓу ѕвездите го имаше освоено и го повикуваше. Се чинеше дека е точка некаде помеѓу Хидра и Арго Навис и знаеше дека е туркан кон неа уште откако се беше разбудил набрзо по мугрите. Во изутрината му беше под нозе, попладнето ја сети како се издига кон југоисток, а сега беше отприлика на југ, но се развртушкуваше кон запад. Кое беше значењето на оваа нова работа? Зар полудуваше? Колку долго ќе трае? Повторно берејќи си ја решителноста, Гилман се сврте и се одвлечка назад до старата зловестна куќа.

Мазуревиц го чекаше на врата и се чинеше ем нетрпелив ем неволен да прошепоти неколку нови мрвки суеверие. Беше во врска со вештерската светлина. Џо беше бил излезен на славење ноќта пред тоа - беше Ден на патриотите во Масачусетс - и си беше дошол дома по полноќ. Гледајќи кон куќата од надвор, прво беше помислил дека прозорецот на Гилман е темен; но потоа го видел бледото виолетово светло внатре. Сакаше да го предупреди господинот за тоа светло, зашто сите во Аркам знаеле дека е вештерската светлина на Кезаја која вртела близу до Кафениот Џенкин и духот на старото бабиште. Не го беше споменал ова претходно, но сега морал да каже зашто тоа значело дека старата Кезаја и нејзиниот долгозаб послушник го имале опседнато младиот господин. Понекогаш нему и на Пол Чојнски и на газдата Домбровски им се чинело како да ја гледаат светлината како претекува од пукнатините на запечатеното поткровје над собата на младиот господин, но сите се беа согласиле да не прават муабет за тоа. Меѓутоа, ќе било подобро ако господинот земел друга соба и набавел распетие од некој добар свештеник како отец Иванички.

Како што човекот ломотеше Гилман почувствува некоја безимена паника како го стиска за грклан. Знаеше дека Џо сигурно бил полупијан кога си дошол дома претходната вечер, но сепак ова споменување на виолетова светлина во прозорецот на мансардата беше од застрашувачка важност. Цвитливо светло од баш ваков вид секогаш вртеше околу старицата и тоа мало крзнено суштество во тие полесни, поостри соништа кои ги предвестуваа неговите нурнувања во непознати понори и помислата дека будна втора личност можеше да ја види сонишната светливост беше надвор од секое здраворазумно упориште. А сепак како му беше дошла на човекот таа несекојдневна помисла? Зар и самиот беше зборувал и шетал низ куќата на спиење? Не, рече Џо, не го правел тоа - но ова мораше да се провери. Можеби Френк Елвуд ќе може да му каже нешто, макар што воопшто не сакаше да го прашува.

Треска - бесни соништа - сомнамбулизам - илузии на звуци - влечење кон точка во небото - а сега и сомнеж за лудо зборување во сон! Мора да престане да учи, да појде на нервен специјалист и да земе да се оправи. Кога се искачи до вториот кат, застана крај вратата на Елвуд, но виде дека другото момче беше излезено. Колебливо продолжи кон неговата мансардна соба и седна во мракот. Погледот сѐ уште му беше влечен кон југоисток, но се фати и како напрегнато наслушува да чуе некој звук од затвореното поткровје над него и упола си замислува донекаде дека злобна виолетова светлина прокапува низ инфинитезимални пукнатини во нискиот, навален таван.

Таа вечер како што Гилман спиеше виолетовата светлина му се втурна со повишена јачина и старата вештерка и малото крзнено суштетво - доаѓајќи поблиску од кога и да било дотогаш - му се потсмеваа со нечовечки цивкања и ѓаволски гестови. Му беше мило да потоне во нејасно растатнетите самрачни понори, макар што следењето на тој светликав меурен бучкуруш и тој мал калеидоскопен полиедар беше заканувачко и надразднувачко. Тогаш дојде поместувањето како што огромни рамнини во пресек од некоја навидум лизгава материја демнеа над и под него - поместување кое заврши во букот на бунило и сјај на незнајна, вонземска светлина во којашто жолта, кармин и индиго беа лудо и нераскинливо смесени.

Беше полулегнат на висока, фантастично забалустрадена тераса над безбрежна џунгла на егзотични, неверојатни капци, урамнотежени рамнини, куполи, минариња, хоризонтални дискови поставени на врвови и безбројни облици од уште поголема разузданост - некои од камен, а некои од метал - кои спектакуларно светкаа во смешаниот, скоро заслепувачки отсјај од полихроматско небо. Гледајќи нагоре, виде три импозантни пламени дискови, секој со посебна шара и на различна висина над бесконечно далечен свиен хоризонт на ниски планини. Зад него катови од високи тераси се вишеа угоре до кај што му гледаа очите. Градот под него се протегаше до границите на видот и се надеваше дека никаков звук нема да се подуе од него.

Плочникот од којшто лесно се подигна беше од жилест, исполиран камен надвор од неговата моќ да го утврди и плочките беа пресечени во бизарно-аглести облици кои не му се видоа толку несиметрични, колку што беа поставени според некоја неземна симетрија чии закони не можеше да ги узнае. Балустрадата му достигаше до градите, беше деликатна и фантастично искована, додека долж ракофатот во кратки интервали беа распоредени мали фигури со гротескен дизајн и извонредна изработка. Како и целата балустрада и тие се чинеше дека се изработени од некој блескав метал чија боја не можеше да се погоди во хаосот на измешан болскот; а нивната природа крајно му пркосеше на секое претполагање. Претставуваа некој крут предмет во облик на буре со тенки хоризонтални раце кои се ширеа како спици од централен прстен и со вертикални копчиња или испапчувања кои се издаваа од главата и основата на бурето. Секое од овие копчиња беше оската во систем на пет долги, сплоснати, тријаголно затанчени раце подредени околу него како рацете на морска ѕвезда - скоро хоризонтални, но малку закривени наспроти средишното буре. Основата на долното копче беше споена за долгиот ракофат со толку деликатна точка на контакт што неколку фигури беа откршени и фалеа. Фигурите беа околу четири и пол инчи во висина, додека шилестите раце им даваа максимален дијаметар од околу два и пол инчи.

Кога Гилман стана плочките се чинеа жешки под неговите голи нозе. Беше потполно сам и прв чин му беше да дочекори до балустрадата и вртоглаво да погледне надолу кон бескрајниот, киклопејски град скоро две илјади стапки под него. Како што слушаше, помисли дека некој ритмички русвај на леки музички пиштења кои покриваа широк тонски распон се дуеше од тесните улици долу и посакуваше да може да ги распознае мештаните на местото. Глетката му го сврте паметот по некое време така што ќе паднеше на плочникот да не се вчипчеше инстинктивно за болскотливата балустрада. Десната рака му се спушти на една од издадените фигури, при што допирот како да го смири малку. Меѓутоа тоа беше премногу за егзотичната деликатност на обработениот метал и шилестата фигура се открши под неговиот заграб. Сѐ уште полу-замаен, продолжи да ја чипчи додека со другата рака зграби едно празно место на мазниот ракофат.

Но сега неговите пречувствителни уши сетија нешто зад него и тој погледна назад преку рамната тераса. Приоѓајќи му полека, но без очевидна стаеност имаше пет фигури, од кои две беа зловестната старица и забатото крзнено животинче. Другите три беа она што го падна во несвест - зашто беа живи ентитети високи околу осум стапки, со облик потполно ист како шилестите прикази на балустрадата и се придвижуваа со пајаково врголење на нивната долна група на морскоѕвездовидни раце.

Гилман се разбуди в кревет, облиен од ладна пот и со жегливо чувство на лицето, рацете и стапалата. Рипајќи врз подот, се изми и се облече со трескавично вјасање, како да беше потребно да излезе од куќата што е можно побрзо. Не знаеше каде сака да оди, но чувствуваше дека повторно ќе мора да ги жртвува предавањата. Несекојдневното влечење кон точката во небото помеѓу Хидра и Арго се имаше ублажено, но друго со уште поголема сила го имаше одменето. Сега чувствуваше дека мора да оди кон север - бескрајно кон север. Стравуваше да го премине мостот кој овозможуваше поглед кон пустата ада во Мискатоник, па премина преку мостот на „Пибоди авењу“. Многу често се препинаше, зашто очите и ушите му беа заковани кон некоја претерано висока точка во празното плаво небо.

По околу еден час успеа да се доведе под подобра контрола и виде дека е далеку од градот. Насекаде околу него се протегаше голата празнина на солени мочуришта, додека тесниот пат напред водеше до Инсмот - таа древна, полунапуштена паланка којашто луѓето од Аркам беа толку своевидно неволни да ја посетат. Иако северното влечење не се намали, му се противеше како што му се противеше и на другото влечење и најпосле увиде дека може да го урамнотежи едното наспрема другото. Ганѕајќи се назад до градот и пиејќи кафе во една содаџилница, се довлечка до градската библиотека и бесцелно почна да ги листа побаналните списанија. Еднаш се сретна со пријатели кои му дадоа примедба дека изгледа несекојдневно изгорен од сонцето, но не им кажа за неговата прошетка. Во три часот ручаше во еден ресторан, забележувајќи во меѓувреме дека влечењето се беше или намалило или поделило. Потоа отепа време со една евтина кино претстава, гледајќи ја бесмислената изведба неколку пати едно по друго без да ѝ обрне внимание.

Кај околу девет вечерта заскита кон дома и се протетерави во древната куќа. Џо Мазуревиц кенкаше неразбирливи молитви и Гилман поита до својата мансардна одаја без да застане да види дали Елвуд е дома. Шокот настана кога ја приклучи снемоштената електрична светилка. Веднаш виде дека на масата има нешто на кое не му е таму местото и втор поглед не остави место за сомнеж. Лежејќи на страна - зашто не можеше да стои исправена - беше егзотичната шилеста фигура којашто во неговиот чудовиштен сон ја беше откршил од фантастичната балустрада. Ниту една подробност не фалеше. Крутото, буревидно средиште, тенките раце што се ширеа, копчињата на секој крај и сплоснатите малку надворешно-закривени морскоѕвездовидни раце кои се ширеа од овие копчиња - сѐ беше присутно. На електричната светлина бојата се чинеше дека е некаква светликава сива прожилена со зелено и Гилман можеше да види среде ужасот и счудовидувањето дека едно од копчињата завршува во рапава скршеница која одговараше на нејзината поранешна точка на сврзаност со сонишниот ракофат.

Единствено неговото тежнеење кон замаена зашеметеност го спречи гласно да се издере. Ова смешување на сон и јаве не се поднесуваше. Сѐ уште замаен го вчипчи шилестото нешто и се затетерави прудолу до собата на газдата Домбровски. Кенкавите молитви на суеверниот мајстор за разбои уште се слушаа низ мувливите ходници, но Гилман сега не им обрнуваше внимание. Газдата беше дома и пријатно го поздрави. Не, не го беше видел претходно нештото и не знаеше ништо за него. Но жена му беше рекла дека нашла некој чуден лимен предмет во еден од креветите кога ги спаструвала собите пладнето, па можеби тоа било тоа. Домбровски ја викна и таа доклапа. Да, тоа беше тоа. Го беше нашла во креветот на младиот господин - на страната до ѕидот. Ѝ изгледало многу настрано, но се разбира младиот господин имал многу настрани работи во неговата соба - книги и дрангулии и слики и цртежи на хартија. Таа се разбира не знаела ништо за нештото.

И така Гилман се качи горе во умствена дармадана, убеден дека или сѐ уште сонува или дека неговиот сомнамбулизам се беше развил до неверојатни крајности и го беше довел до обирања во непознати места. Од каде го беше нашол ова фрапантно нешто? Не се сеќаваше да го има видено во некој музеј во Аркам. Меѓутоа, мораше да е од некаде и неговото гледање како што го зграпчил во спиење сигурно ја беше предизвикало несекојдневната соно-слика на балустрадната тераса. Наредниот ден претпазливо ќе се распраша одоколу - и можеби ќе појде на нервен специјалист.

Во меѓувреме ќе се обиде да си го следи сомнамбулизмот. Како што се качуваше нагоре и преку ходникот на мансардата посоли брашно што го беше позајмил - со искрено признавање за неговата цел - од газдата. По патот, застана пред вратата на Елвуд, но виде дека внатре е темница. Влегувајќи во собата, го остави шилестото нешто на маса и легна во целосна умствена и телесна исцрпеност без да застане да се соблече. Од затвореното поткровје над навалениот таван му се причини како да чу тивко гребење и цапотење, но беше премногу побркан за да му бере гајле. Загадочното влечење од север повторно стануваше многу силно, макар што сега се чинеше дека доаѓа од пониско место на небото.

Во заслепувачката виолетова светлина на сонот старицата и забатото, крзнено нешто повторно дојдоа и тоа со поголема јасност од во секоја друга дотогашна прилика. Овојпат всушност стигнаа до него и ги почувствува пеплосаните раце на бабиштето како се чипчат за него. Беше извлечен од кревет во празен простор и за миг чу ритмичко татнење и ја виде самрачната безобличност на нејасните понори кои се превираа околу него. Но тој миг беше многу кус, зашто одеднаш се најде во трошен, беспрозорен, мал простор со необработени греди и штици што се издигаа до зашилен врв веднаш над неговата глава и со своевидно навален под наземи. Потпрени рамно на тој под беа ниски шкафови полни со книги од секој степен на антика и разграденост, а во средината имаше маса и клупа и двете навидум прицврстени на место. Мали предмети со непознати облици и природа беа наредени врз шкафовите и во пламената виолетова светлина Гилман помисли дека виде двојник на шилестиот приказ кој толку ужасно го бунеше. Кон лево подот нагло го снемуваше оставајќи црна, тријаголна бездна од којашто, по миговно суво ѕвечкање, одеднаш се искачи ненавистното мало крзнено суштество со жолтите песјаци и брадато човечко лице.

Злобно расцерената џадија сѐ уште се чипчеше за него, а зад масата стоеше фигура која дотогаш ја немаше видено - висок, виток човек со мртво црна обоеност, но без најмали знаци на нигроидни одлики; целосно лишен од коса или брада и носејќи како единствена оправа една безоблична роба од некаков тежок, црн плат. Нозете му беа нераспознатливи поради масата и клупата, но сигурно беше обуен, зошто се слушаше чукање секојпат кога ќе сменеше положба. Човекот не прозборе и немаше никаква трага на израз на неговата мала, правилна лика. Само покажа кон една книга со грамадна големина што лежеше отворена на масата, додека џадијата тутна огромен сив пердув за пишување во десната рака на Гилман. Над сѐ имаше плаштаница од напнато полудувачки страв и разгорот беше постигнат кога крзненото суштество му потрча на сонувачот по облеката до рамена и му се пикна во левата рака, најпосле остро касајќи го за зглобот веднаш под ракавот. Како што крвта гргна од раната, Гилман падна во несвест.

Се разбуди изутрината на 22ри со болка во левиот зглоб и виде дека ракавот му е кафеав од исушена крв. Присеќавањата му беа многу збркани, но сцената со црниот човек во непознатиот простор живописно се истакнуваше. Сигурно стаорци го имаа каснато додека спиел, вродувајќи го разгорот на тој застрашувачки сон. Отворајќи ја вратата, виде дека брашното во ходникот беше невознемирено освен огромните стапалки на апашкиот сосед кој имаше соба на другиот крај на мансардата. Значи овој пат не беше месечарел. Но нешто мораше да се преземе против тие стаорци. Ќе зборува со газдата. Повторно се обиде да ја затне дупката на основата на навалениот ѕид, пикајќи еден свеќник кој личеше како да е со соодветна големина. Ушите ужасно му зуеја, небаре со останките на одеци од некоја ужасна врева чуена во сон.

Како што се бањаше и пресоблекуваше се обиде да се присети што беше сонувал по сцената во виолетово-

осветлениот простор, но ништо конкретно не сакаше да му се избистри во паметта. Таа сцена сигурно беше соодветствувала со запечатеното поткровје над него, коешто беше почнало толку насилно да му ја напаѓа фантазијата, но покасните впечатоци беа бледи и магливи. Имаше укажувања на нејасни, самрачни понори и на уште поголеми, поцрни понори по нив - понори во кои сите постојани укажувања на облик беа отсутни. Беше бил одведен таму од меурниот бучкуруш и малиот полиедар кои секогаш му беа зад петите, но тие, како и тој самиот, се имаа сменето во прамени на млечна, едвај светликава маглина во оваа подлабока небиднина на врвна црнина. Нешто друго имаше заминато напред - поголем прамен кој одвреме-навреме се кондензираше во безимени приближувања на форма - и мислеше дека нивниот напредок не беше бил во права линија, туку повеќе долж вонземните кривини и спирали на некој неземен вител кој се покоруваше на закони непознати на физиката и математиката на секој замислив космос. Најнакрај имаше и намек за огромни, раскокани сенки, на чудовишни, полу-акустични пулсирања и на тенко, еднолично пиштење на невидена флејта - но тоа беше сѐ. Гилман одлучи дека си ја има зацртано таа последна замисла од она што го имаше прочитано во Некрономиконот за безумниот ентитет Азатот, којшто владее со сето време и простор од своевидно сардисан црн престол во средиштето на Хаосот.

Кога крвта беше измиена, раната на зглобот се покажа како многу мала и Гилман се задума од местоположбата на двата ситни убоди. Му текна дека немаше крв на чаршавот каде што беше лежел - што беше многу своевидно со оглед на количината на кожата и ракавот. Дали можеби беше месечарел внатре во собата и дали можеби стаорецот го каснал додека седел на некоја столица или се задржал во некоја помалку разумна положба? Погледна во секој ќош барајќи кафеави капки или дамки, но ништо не најде. Подобро, помисли, ќе биде ако посоли брашно и во собата како и надвор - макар што сепак не беше потребен никаков додатен доказ за неговото месечарење. Знаеше дека месечари - и она што требаше да направи сега беше да престане. Мора да го замоли Френк Елвуд за помош. Тоа утро чудните влечења од вселената се чинеа поднамалени, но беа заменети со друг осет, уште понеобјаснив од нив. Беше нејасен, настоен порив да избега од неговата тогашна околност, но не содржеше ни намек за конкретната насока во којашто сакаше да избега. Како што го подигна чудниот шилест приказ на масата помисли дека постарото северно влечење стана за ронка посилно, но и покрај тоа, беше целосно надвладеано од поновиот и повчудовидувачки нагон.

Го симна шилестиот приказ до собата на Елвуд, окуражувајќи се против кенкањата на мајсторот за разбои кои се дуеја од приземјето. Елвуд беше дома, фала му на Бога и се чинеше дека тарашка низ собата. Имаше време за мал разговор пред да замине на појадок и на факултет, па Гилман набрзина излеа извештај за неговите недамнешни соништа и стравови. Домаќинот беше многу сочувствителен и се согласи дека треба да се преземе нешто. Беше потресен од испиената, гровната појава на гостинот и ги забележа настраните, абнормални сончеви изгореници за кои и другите му беа дале примедба минатата недела. Меѓутоа, немаше многу што да каже. Не го беше видел Гилман на никаква месечарска експедиција и немаше претстава што би можел да е своевидниот приказ. Но сепак го имаше чуено францускиот канаѓанин кој живееше веднаш под Гилман како зборува со Мазуревиц една вечер. Си кажуваа колку силно стравуваат од доаѓањето на Валпургиската ноќ, која сега беше за само неколку денови и разменуваа жалостливи коментари за кутриот, млад господин осуден на пропаст. Дероше, човекот под собата на Гилман, беше зборувал за вечерни стапки обуени и необуени и за виолетовата светлина која ја видел една вечер кога страшливо се беше прикрал до горе да ѕирне низ клучалката на Гилман. Не се беше осмелил да се опули, му кажал на Мазуревиц, откако ја беше наѕрел таа светлина низ пукнатините околу вратата. Имало и тивко зборување - и кога почнал да го опишува, гласот му потонал во нечуен шепот.

Елвуд не можеше да замисли што ги беше спотнало овие суеверни суштества да озборуваат така, но можеби нивната фантазија била поттикната од касните часови на Гилман и месечарското одење и зборување од една страна и од ближењето на традиционално стравотната вечер спроти Еремиовден од друга страна. Тоа дека Гилман зборува во сон било јасно и очигледно од клучалските наслушнувања на Дероше се беа рашириле заблудните замисли за виолетовата сонишна светлина. На овие прости луѓе не им требало многу за да си замислат дека виделе секакви левтерни работи за кои што имале чуено. А во однос на план за делување - подобро ќе е ако Гилман се пресели долу во собата на Елвуд и одбегне да спие сам. Елвуд, ако е буден, ќе го разбуди секојпат кога ќе почне да зборува или да станува во сонот. Мора и што поскоро да појде кај специјалист. Во меѓувреме, ќе го одведат шилестиот приказ до некои од музеите и до извесни професори, барајќи утврдување и велејќи дека го беа нашле во јавна корпа за ѓубре. Исто така, Домбровски мора да се посвети на труење на стаорците во ѕидот.

Охрабрен од друштвото на Елвуд, Гилман присуствуваше на предавањата тој ден. Чудни нагони и понатаму го тргаа, но можеше да ги одврати со значителен успех. За време на еден слободен час им го покажа настраниот приказ на неколку професори, од кои сите беа силно заинтересирани, макар што никој не можеше да ја обелодени неговата природа или потекло. Таа вечер спиеше на кауч кој Елвуд му рече на газдата да го донесе во собата на втори и за првпат после недели беше потполно слободен од неспокојни соништа. Но трескавоста сѐ уште го држеше и кенкањата на мајсторот за разбои беа обеспокојувачко влијание.

За време на наредните неколку денови Гилман уживаше скоро совршена отпорност од морбидни појавувања. Елвуд рече дека нема покажано склоност да зборува или станува во сон; а во меѓувреме газдата ставаше отров за глувци насекаде. Единствениот вознемирувачки елемент беа муабетите меѓу суеверните странци, чии фантазии беа станале крајно надразливи. Мазуревиц секогаш го тераше да набави распетие и најпосле сосила му тутна едно кое рече дека било благословено од добриот отец Иванички. И Дероше исто така имаше што да каже - всушност настојуваше дека внимателни чекори се чуле од сега празната соба над него првата и втората ноќ по отсуството на Гилман од неа. На Пол Чојнски му се причинило дека чул звуци во ходниците и на скалите навечер и тврдеше дека резето на вратата му било тивко поместено, додека г-ѓа Домбровски се колнеше дека го беше видела Кафениот Џенкин за прв пат по Ноќта на вештерките. Но ваквите наивни извештаи имаа мало значење и Гилман го остави евтиното метално распетие бескорисно да виси на една рачка од гардероберот на неговиот домаќин.

Три дена Гилман и Елвуд се рашетуваа по локалните музеи со напори да го утврдат чудниот шилест приказ, но секогаш без успех. Меѓутоа, во секое ќоше интересот беше силен; зашто крајната вонземност на нештото беше огромен предизвик за научната љубопитност. Една од малите раце што се ширеа беше откршена и подложена на хемиско испитување и за исходот сѐ уште се зборува во факултетските кругови. Професор Елери најде платина, железо и телур во чудната легура, но измешани со овие беа уште најмалку три други очевидни елементи со висока атомска тежина кои хемијата беше потполно немоќна да ги распредели. Не само што не соодветствуваа со никој познат елемент, туку и не се вклопуваа во празните места предодредени за веројатни елементи во периодниот систем. Мистеријата останува нерешена до ден-денес, макар што приказот е изложен во музејот на Мискатонскиот универзитет.

Изутрината на 27 април, нова глувчја дупка се појави во собата каде што Гилман беше гостин, но Домбровски ја закова со лим во текот на денот. Отровот немаше некој голем ефект, зашто гребењата и растрчувањата во ѕидовите беа речиси ненамалени. Елвуд беше излезен до касно таа вечер и Гилман го чекаше да се врати. Не сакаше да заспие сам во собата - особено откако му се причини дека во вечерниот самрак ја беше наѕрел одбивната старица чија слика толку ужасно му се имаше префрлено во соништата. Се прашуваше која е и што имаше до неа да ја ѕвечка лимената конзерва во купот ѓубре на устието на оскудниот двор. Бабиштето како да го беше забележало и злобно да му се имаше извргалено - макар што можеби и си го имаше замислено ова.

Наредниот ден и двете момчиња беа многу изморени и знаеја дека ќе спијат како заклани кога ќе падне ноќ. Во квечерината поспано дискутираа за математичките студии кои толку потполно и можеби штетно го имаа обземено Гилман и умуваа за поврзаноста со древна магија и фолклор која се чинеше толку мрачно веројатна. Зборуваа за старата Кезаја Мејсон и Елвуд се согласи дека Гилман има добра научна основа за да мисли дека можеби таа наишла на чудни и значајни информации. Скриените култови на коишто им припаѓаа овие вештерки често вардеа и си предаваа изненадувачки тајни од дамни, заборавени раздобја; и во никој случај не беше невозможно да Кезаја има стекнато мајсторство во умешноста на преминување преку димензионални порти. Народните верувања ја нагласуваат бескорисноста на материјални препреки во запирање на движењата на вештерките и кој може да каже што се крие зад старите сказни за летови на метли низ ноќта?

Дали современ студент може да стекне слична моќ само преку математички истражувања, допрва требаше да се види. Успехот, додаде Гилман, може да води до опасни и незамисливи околности; зашто кој би можел да ги претскаже условите кои ја проникнуваат некоја гранична, но обично недостапна димензија? Од друга страна, сликовитите можности беа огромни. Времето не можеше да постои во извесни појаси на простор и со влегување и останување во таков појас човек би можел да си ги сочува животот и возраста до бескрај, никогаш не патејќи од органски метаболизам или опаѓање освен во мали количини причинети за време на посети на неговата сопствена или слични рамнини. Човек би можел, на пример, да премине во безвременска димензија и да излезе во некој далечен период на земјината историја исто толку млад колку и претходно.

Дали некој некогаш успеал да го направи ова, човек тешко дека би можел да претполага со било каков степен на стручност. Старите легенди беа магливи и двосмислени и низ историските времиња сите обиди за преминување на забранети јазови се чинеа усложнети од чудни и ужасни сојузништва со битија и гласници од надвор. Постоеше исконската фигура на заменикот или гласникот со скриени и ужасни моќи - „Црниот човек“ од вештерскиот култ и „Нјарлатотеп“ од Некрономиконот. Постоеше и обезглавувачкиот проблем на помалите гласници или посредници - квази-животни и настрани хибриди кои легендите ги претставуваа како вештерски послушници. Како што Гилман и Елвуд си легнуваа, препоспани за да продолжат со разговор, го слушнаа Џо Мазуревиц како се дотетерува во куќата полу-пијан и затреперија од очајната разузданост на неговите кенкави молитви.

Таа ноќ Гилман повторно ја виде виолетовата светлина. Во сонот слушна гребење и глодање во преградите и му се причини како некој несмасно да го парка резето. Тогаш ги виде старицата и малото крзнено суштество како се движат кон него преку килимот на подот. Лицето на џадијата беше осветлено од нечовечко ликување и малиот жолтозаб морбидитет кркотеше потсмешливо како што покажуваше кон цврсто заспаната форма на Елвуд на другиот кауч на спротивниот крај на собата. Вкочанетост од страв ги задуши сите обиди за извик. Како и претходно, одвратното бабиште го зграби Гилман за рамена, измолкнувајќи го од кревет во празен простор. Повторно бесконечноста на врискави самрачни понори блесна пред него, но уште наредниот миг му се пристори дека е во мрачен, каллив, непознат сокак со реави миризби, кај што скапани ѕидови на древни куќи се вишеа од секоја страна.

Напред беше зарубениот црн човек кој го беше видел во зашилениот простор во другиот сон, додека од помало растојание старицата повикуваше и се цереше заповедно. Кафениот Џенкин се триеше со некаква милна разиграност околу зглобовите на црниот човек, кои длабоката кал во голем дел ги криеше. Имаше мрачна отворена врата од десно, кон којашто црниот човек молчаливо посочи. Натаму тргна расцереното бабиште, влечејќи го Гилман по неа за ракавот на пижамите. Имаше баздливи скалила кои кобно крцкаа и врз коишто старицата се чинеше дека зрачи бледа виолетова светлина и најпосле врата која водеше надвор од едно одмориште. Бабиштето го попарка резето и ја турна вратата, давајќи му знак на Гилман на почека и исчезнувајќи во црното окно.

Пречувствителните уши на момчето сетија одвратен загушен крик и одеднаш џадијата излезе од собата носејќи некоја мала, бессвесна форма којашто му ја тутна на сонувачот небаре му заповедува да ја носи. Глетката на оваа форма и изразот на нејзиното лице го скрши урокот. Сѐ уште презамајан за да извика на глас, безобѕирно се втурна прудолу по опорото скалиште и врз калта надвор, сопирајќи дури кога беше зграбен за гуша од црниот човек кој го чекаше. Како што го напушташе свеста, го чу тивкото, пискаво кркотење на забатата стаорецовидна абнормалност.

Утрото на 29ти Гилман се разбуди во вртлог на ужас. Штом ги отвори очите знаеше дека нешто страшно не е како што треба, зашто беше назад во неговата мансардна соба со навалениот ѕид и таван, спружен на сега растурениот кревет. Грлото необјасниво го болеше и како што се мачеше да се исправи во седечка положба виде со растечки уплав дека стапалата и долните пижами му се кафени од згрутчена кал. Во тој момент спомените му беа безнадежно магливи, но барем знаеше дека сигурно беше месечарел. Елвуд беше бил предлабоко потонат во сон за да го чуе и сопре. На подот имаше збркани калливи стапки, но за некое чудо не се протегаа сѐ до вратата. Колку повеќе Гилман ги гледаше, толку посперливи се чинеа, зашто заедно со оние кои можеше да ги распознае како свои имаше и некои помали, скоро округли траги - какви што би направиле ногарките на голема столица или маса, освен што повеќето од нив беа разделени на половини. Исто така имаше и некои своевидни калливи траги од стаорец кои излегуваа од нова дупка и пак влегуваа во неа. Крајно счудовидување и страв од лудило го јадеа Гилман како што се дотетерави до вратата и виде дека нема калливи стапки надвор. Колку повеќе се сеќаваше на неговиот одвратен сон толку попреплашен се чувствуваше и на очајот му беше придодадено тоа што го слушаше Џо Мазуревиц како ужалено бае два ката подолу.

Спуштајќи се во собата на Елвуд го скорна сѐ уште заспаниот домаќин и почна да му раскажува како се беше нашол, но Елвуд не можеше да оформи претстава за што навистина се беше случило. Каде беше можно да бил Гилман, како се вратил во неговата соба без да остави стапки во ходникот и како калливите мебеловидни траги се измешале со неговите во мансардната одаја, беше целосно вон секакво претполагање. А ги имаше исто и тие темни, модри траги на гркланот, како да се беше обидел да се задави. Ги стави своите раце врз нив, но увиде дека ни приближно не одговараа. Додека зборуваа Дероше намина да каже дека чул застрашително тропање над него во мрачните ситни саати. Не, немало никој на скалите по полноќ - макар што непосредно пред полноќ беше чул тивки стапалки во мансардата и внимателни стапки на слегување кои не го бендисале. Додаде дека било многу лошо годишно време за Аркам. Младиот господин поарно да се осигура дека го носи распетието што му го беше дал Џо Мазуревиц. Дури и денски не било безбедно, зашто по мугрите имало чудни звуци во куќата - особено некакво пискаво, детинско липање задушено набрзина.

Гилман извештачено присуствуваше на предавања тоа утро, но беше потполно неспособен да го сосредоточи умот на студиите. Расположение на одвратна растревоженост и исчекување го имаше налегнато и се чинеше како да го чека паѓањето на некој разнебитувачки удар. Напладне ручаше во универзитетската бања, земајќи в рака еден весник од седиштето до него додека чекаше десерт. Но никогаш не го изеде тој десерт, зашто една статија на првата страница на весникот го остави млитав, оџагарен и способен да само си ја плати сметката и да се дотетерави до собата на Елвуд.

Имало чудно киднапирање претходната вечер во Орнс Генгвеј и двегодишното дете на една набиена перачка по име Анастасија Волејко потполно го снемало. Мајката, се чинеше, беше стравувала од ваков настан веќе некое време, но причините на кои го припишуваше својот страв беа толку гротескни што никој не ги сфаќаше сериозно. Велеше дека го беше гледала Кафениот Џенкин околу местото одвреме-навреме уште од рано во март и знаела од неговите церења и кркотења дека малиот Ладислас мора да е обележан за жртва на страшниот Шабат на Валпургиска ноќ. Ја беше замолила нејзината сосетка Мери Цанек да спие во собата за да се обиде да го заштити детето, но Мери не се осудила. Не можела да ѝ каже на полицијата, зашто тие никогаш не верувале во такви работи. Деца биле земани на ваков начин секоја година откако памтела за себе. А и нејзиниот пријател Пит Стовачки не сакал да помогне бидејќи тој и онака сакал да му се тргне детето.

Но она што го прекри Гилман во ладна пот беше извештајот на пар веселници кои поминале покрај устието на проодот непосредно по полноќ. Признале дека биле пијани, но и двајцата се колнеа дека виделе лудо облечено трио како крадешкум влегува во мрачниот премин. Имало, велеа, еден огромен зарубен црнец, мала бабичка во крпи и младо бело момче во ноќница. Старицата го влечела момчето, додека околу стапалата на црнецот питом стаорец се триел и прпелкал во кафената кал.

Гилман седеше замајан цело попладне и Елвуд - кој во меѓувреме го виде весникот и оформи ужасни претполагања од него - го најде така кога се врати дома. Овој пат никој од двајцата не можеше да се сомнева дека нешто одвратно сериозно им се припарува одоколу. Помеѓу кошмарните привиденија и јавето на објективниот свет, чудовишна и незамислива врска се избиструваше и само импозантен дикат можеше да одврати уште погрозоморничави збиднувања. Гилман мораше да појде кај специјалист кога-тогаш, но не баш сега, кога сите весници беа полни со оваа работа за киднапирањето.

Што точно се имаше случено беше полудувачки помрачено и во еден момент и Гилман и Елвуд разменија шепотливи теории од најразуздан тип. Дали Гилман потсвесно беше успеал подобро одошто тој самиот знаеше во неговите проучувања на просторот и неговите димензии? Дали всушност се беше лизнал надвор од нашата сфера до точки непогодени и незамисливи? Каде - ако воопшто некаде - беше бил во тие ноќи на демонијачка вонземност? Татнежните самрачни понори - зелениот рид - заслепувачката тераса - влечењето од ѕвездите - врвниот црн вител - црниот човек - калливиот сокак и скалите - старата вештерка и забатата, крзнена ужасија - меурниот бучкуруш и малиот полиедар - чудните сончеви изгореници - раната на зглобот - необјаснетиот приказ - калливите стапала - трагите на грлото - сказните и стравовите на суеверните странци - што значеа сите овие работи? До која мера можеа законите на здравиот разум да се применат во еден ваков случај?

Ниеден не го фати сон таа вечер, а наредниот ден и двајцата не појдоа на предавања и дремеа. Беше април 30 и со примракот ќе дојдеше пеколното време на Шабатот од коешто сите странци и суеверни луѓе се плашеа. Мазуревиц се врати дома во шест часот и рече дека луѓето во воденицата шепотеле дека валпургиските пирови ќе се одржеле во мрачната пропаст зад Медоу Хил каде што стоеле старите бели камења во место настрано пусто од секаков растителен живот. Некои дури ѝ кажале на полицијата и ги посоветувале таму да го побараат изчезнатото дете на Волејко, но не веруваа дека нешто ќе се преземе. Џо настојуваше да кутриот млад господин го носи неговото распетие со никелно синџирче и Гилман го стави и го пикна под кошула за да му го направи ќефот на човекот.

Касно вечерта двете момчиња седеа дремејќи на столиците, успивани од ритмичкото молење на мајсторот за разбои на катот под нив. Гилман наслушуваше како што придремуваше, а неговиот противприродно изострен слух како да се напрегаше кон некој тих, стравотен мрмор над звуците во древната куќа. Неугодни присеќавања на работи од Некрономиконот и „Црната книга“ му излија и се најде како се лула во опаки тактови за кои се велеше дека се однесуваат на најцрните чинодејства на Шабатот и дека имаат потекло од надвор од времето и просторот кои ние ги имаме узнаено.

Одеднаш сфати што наслушува - пеколното баење на обредарите во далечната црна долина. Од каде знаеше толку многу за што очекуваа? Од каде го знаеше времето кога Нахаб и нејзиниот ѓакон требаше да ја донесат полната чинија што ќе следеше по црниот петел и црната коза? Виде дека Елвуд има клапнато и заспано и се обиде да викне и да го разбуди. Меѓутоа нешто му го затвораше грлото. Не господареше со себе си. Да не сепак се имаше потпишано во книгата на црниот човек?

Тогаш неговиот грозничав, абнормален слух ги улови далечните ноти донесени од ветерот. Преку милји рид и поле и сокак доаѓаа, но сепак ги препозна. Огништата сигурно се запалени и играчите сигурно започнуваат. Како да се спречи за да не појде? Што го беше замрежило? Математика - фолклор - куќата - старата Кезаја - Кафениот Џенкин… а сега виде дека има и нова глувчја дупка во ѕидот близу неговиот кауч. Над далечното баење и поблиското молење на Џо Мазуревиц дојде и друг звук - притаено, одлучно гребење во преградите. Се надеваше дека електричните светилки нема да се изгасат. Тогаш го виде забатото, брадато лице во глувчјата дупка - клетото мало лице кое конечно сфати дека има таква потресна, потсмешлива сличност со она на старата Кезаја - и го чу тивкото паркање на вратата.

Врескавите самрачни понори блеснаа пред него и се почувствува беспомошен во безобличниот заграб на светликавиот меурен бучкуруш. Напред се затрча малиот, калеидоскопен полиедар и низ целата разматена небиднина фати растење и забрзување на нејасната тонска шема која се чинеше дека предвестува некој неизустлив и неиздржлив разгор. Се чинеше дека знае што доаѓа - чудовишното пукање на валпургискиот ритам во чиј космички тембр ќе бидат изнасобрани сите првобитни, врвни временско-просторни превирања кои се протегаат зад масените сфери на материја и понекогаш се пробиваат во измерени одекнувања кои бледо продираат до секој слој на битисување и им даваат одвратна значајност ширум световите на извесни стравотни периоди.

Но сѐ ова исчезна за миг. Повторно беше во збиениот, виолетово-осветлен зашилен простор со навалениот под, ниските шкафови со древни книги, клупата и масата, настраните предмети и тријаголната бездна на едната страна. На масата лежеше мала бела фигура - момче пеленаче, необлечено и несвесно - додека на другата страна стоеше чудовишната, извргалена старица со светкав нож со гротескен балчак во десната рака и настрано сразмерен сад од блед метал покриен со своевидно изгравирани дезени кој имаше деликатни странични дршки во левата. Распеваше некој разгракан обред на јазик кој Гилман не можеше да го разбере, но кој се чинеше како нешто претпазливо цитирано од Некрономиконот.

Како што се разјаснуваше сцената, го виде древното бабиште како се наведнува напред и го подава празниот сад преку масата - и неспособен да си ги команда сопствените потези, посигна далеку нанапред и го зеде со две раце, забележувајќи ја како што го земаше неговата споредбена леснотија. Во истиот миг одвратната форма на Кафениот Џенкин се испентари по работ на црната тријаголна бездна лево од него. Бабиштето сега му даде знак да го држи садот во определена положба додека самата го подигна огромниот, гротескен нож над малата бела жртва високо колку што ѝ достигаше десната рака. Забатото, крзнето суштество почна да кркоти продолжување на непознатиот обред, додека вештерката гракаше зазорни одговори. Гилман почувствува некоја глодачка, остра ненавистност како пролетува низ неговата умствена и чувствена вкочанетост и лесниот метален сад му се затресе во загработ. Една секунда покасно надолното движење на ножот целосно го скрши урокот и го испушти садот со одеклив ѕвонеж небаре камбана додека рацете трескавично му се втурнаа да го сопрат чудовишното дело.

Уште истиот миг се втурна нагоре по навалениот под околу крајот на масата и го истргна ножот од канџите на старицата, испраќајќи го со клопот преку работ на тесната тријаголна бездна. Меѓутоа, уште наредниот миг, нештата се свртија; зашто тие крвнички канџи се имаа закачено цврсто околу неговото грло, додека збрчканото лице беше извитоперено од луда јарост. Го почувствува синџирчето на евтиното распетие како му се трие врз вратот и насред бељата се запраша како глетката на тој предмет би повлијаела на злобното суштество. Силата ѝ беше крајно натчовечка, но како што продолжуваше да го дави снемоштено посегна во кошулата и го извлече металниот симбол, кинејќи го синџирчето и истргнувајќи го од вратот.

Штом го виде нишанот вештерката како да се стаписа од паника и загработ ѝ се опушти доволно долго за да му даде на Гилман шанса да целосно го скрши. Ги одвлече челичните канџи од вратот и ќе ја одвлечкаше џадијата преку работ на бездната да не добиеја канџите пресен пристап до сила и пак да не се припиеја. Овојпат се реши да врати мило за драго и со сопствената рака посигна по грлото на суштеството. Пред таа да види што прави, тој ѝ го изврти синџирчето на распетието околу вратот и за миг го имаше стегнато доволно за да ѝ го пресече здивот. За време на последниот костец осети како нешто го каса за зглобот на ногата и виде дека Кафениот Џенкин ѝ беше дошол на помош. Со еден дивјачки шут го испрати морбидитетот преку работ на бездната и го чу како цимолка на некое ниво далеку под подот.

Дали го имаше убиено древното бабиште не знаеше, но ја остави да лежи на подот кај што имаше паднато. Тогаш, како што се сврти, на масата здогледа глетка којашто за малку не му ја скина последната нишка здрав разум. Кафениот Џенкин, жилав и со четири ситни раце со демонијачка спретност се беше зафатил со работа додека вештерката го давеше и напорите му беа биле попусти. Она што го беше спречил да ножот им го стори на градите на жртвата, жолтите песјаци на крзненото богохулие му го беа сториле на зглобот - и садот до пред скоро празен на подот лежеше полн покрај малото безживотно тело.

Во неговото сонишно бунило Гилман го чу пеколното, вонземско-тактно баење на Шабатот како доаѓа од бескрајно растојание и знаеше дека црниот човек мора да е таму. Збунети спомени му се мешаа со математиката и веруваше дека неговиот потсвесен ум ги содржи аглите кои беа потреби за да го водат назад до нормалниот свет - сам и непомогнат за прв пат. Се чувствуваше сигурен дека е во од памтивек запечатеното поткровје над неговата соба, но дека би можел да побегне преку навалениот под или одамна затнатиот излез силно се сомневаше. Освен тоа, зар немаше бегство од сонишно поткровје само да го доведе до сонишна куќа - абнормална проекција на местото по кое всушност трагаше? Беше потполно счудовиден од соодносот измеѓу сонот и јавето во сите негови доживувања.

Преминот низ нејасните понори ќе е стравотен, зашто валпургискиот ритам ќе трепери и ќе мора конечно да го чуе дотогаш прекриеното космичко пулсирање од кое толку смртно стравуваше. Дури и во тој момент можеше да воочи ниско, чудовишно тресење чие темпо мошне добро можеше да го претпостави. Во времето на Шабатот секогаш се креваше и посигаше преку световите да го повика новоизбраникот на безимени одреди. Пола од баењата на Шабатот беа подредени по дезенот на ова едвај чујно пулсирање кое ничие земно уво не можеше да го издржи во неговата откриена просторна полност. Гилман се запраша исто така дали може да му верува на својот инстинкт да го врати во правилниот дел од просторот. Како може да е сигурен дека нема да заврши на тој зелено-осветлен рид на некоја далечна планета, на поплочената тераса над градот со пипалави чудовишта некаде надвор од галаксијата, или во спиралните црни вители на таа врвна бездна на Хаос каде владее безумниот демон-султан Азатот?

Токму пред да се нурне виолетовата светлина се изгаси и го остави во црна темница. Вештерката - старата Кезаја - Нахаб - тоа сигурно ја означуваше нејзината смрт. И помешано со далечните баења на Шабатот и цимолкањата на Кафениот Џенкин во бездната долу, му се пристори дека чу друго, побесно кенкање од непознати длабини. Џо Мазуревиц - молитвите против Ползечкиот Понор сега се претвораа во необјасниво победоносен крик - светови на зајадлива суштественост делувајќи врз вители на грозничави сништа - Иа! Шуб-Нигурат! Козата со Илјада Млади…

Го најдоа Гилман на подот на неговата настрано навалена стара мансардна соба рано пред мугрите, зашто ужасниот извик веднаш ги беше довел Дероше и Чојнски и Домбровски и Мазуревиц и го беше разбудил дури и цврсто заспаниот Елвуд во неговата столица. Беше жив, со отворени, зјапнати очи, но се чинеше како во голем дел да не е при свест. На грлото имаше траги од крвнички раце и на левиот зглоб на ногата имаше загрижувачки касај од стаорец. Облеката му беше лошо истуткана и распетието на Џо го немаше. Елвуд затрепери плашејќи се дури и да претполага каков нов облик беа зазеле месечарењата на неговиот пријател. Мазуревиц се чинеше полу-замаен поради некој „знак“ кој рече дека го добил како одговор на неговите молитви и трескавично се прекрсти кога цивкање и цимолкање на стаорец се огласи некаде зад навалената преграда.

Кога сонувачот беше легнат на неговиот кауч во собата на Елвуд пратија по д-р Малковски - локален лекар кој немаше да раскажува сказни ако се чинеа дека ќе засрамат некој - кој му даде на Гилман два шприца инјекција кои му причинија да се опушти во нешто како природна сонливост. Во текот на денот пациентот се освестуваше напати и расцепкано му го шепотеше најновиот сон на Елвуд. Беше болна постапка и уште од самоти почеток изнесе еден нов и обеспокојувачки факт.

Гилман - чии уши до неодамна беа поседувале абнормална чувствителност - сега беше глув како топ. Д-р Малковски, повторно повикан под итно, му кажа на Елвуд дека двата ушни тапани му се дупнати, како од удар на некој импозантен звук посилен од секоја човечка замисла или издржливост. Како беше можно да таков звук се чуе во изминатите неколку часа без да ја разбуди целата мискатонска долина беше нешто што чесниот лекар не можеше да го објасни.

Елвуд го пишуваше неговиот дел од муабетот на хартија, така што беше одржана мошне лесна комуникација. Никој од двајцата не знаеше како да ја сфати целата хаотична работа и решија дека ќе е најдобро ако мислат што е можно помалку на неа. Сепак и двајцата се согласија дека мора да ја напуштат таа древна и клета куќа најскоро што можат. Вечерните весници раскажуваа за полициска рација врз некои своевидни пирувачи во некоја пропаст зад Медоу Хил непосредно пред мугрите и споменуваа дека белиот камен таму бил предмет со дамнешно суеверен углед. Никој не бил фатен, но сред раштрканите бегалци беше бил наѕрен некој огромен црнец. Во една друга колумна беше изјавено дека од исчезнатото дете Ладислас Волејко не била најдена ни трага.

Круната на ужасот дојде уште истата вечер. Елвуд никогаш нема да ја заборави и беше приморан да не оди на факултет до крајот на семестарот поради следбениот нервен слом. Цела вечер му се беше чинело дека слуша стаорци во преградите, но не им обрна многу внимание. Тогаш, касно откако и тој и Гилман си легнаа, започна свирепото крикање. Елвуд срипа, пушти светло и побрза до каучот на гостинот. Лежачот оддаваше звуци од опипливо нечовечка природа, како да беше јаден од некое страдание надвор од секој опис. Преташе под чаршавите и голема црвена дамка почна да се појавува на ќебињата.

Елвуд едвај се осмели да го допре, но постепено, врескањето и претањето стивнаа. Дотогаш Домбровски, Чојнски, Дероше, Мазуревиц и кираџијата од горниот кат се туркаа низ вратата и газдата ја врати жена си назад да му заѕвони на д-р Малковски. Сите крикнаа кога една голема стаорецовидна форма одненадеж срипа од под крволочкосаните чаршави и потрчка преку подот до една нова, отворена дупка во близина. Кога докторот стигна и почна да ги влече тие стравотни прекривачи Волтер Гилман беше мртов.

Би било бескрупулозно да се прави повеќе од да се укаже што го беше убило Гилман. Имаше речиси тунел ископано низ неговото тело - нешто му го беше изело срцето. Домбровски, поулавен од неуспехот на неговиот постојан труд за труење на стаорците, ги батали сите мисли за неговиот договор за наем и уште истата недела се пресели заедно со сите негови кираџии во една запуштена, но не толку древна куќа на „Волнат стрит“. Најлошата работа извесно време беше да го смират Џо Мазуревиц, зашто намрштениот мајстор за разбои никогаш не беше трезен и постојано кенкаше и мрмореше за призрачни и ужасни работи.

Се чинеше дека на таа последна одвратна ноќ Џо се наведнал да ги погледне аловите глувчји стапалки кои водеа од каучот на Гилман до дупката во близина. На тепихот беа многу неодредливи, но парче отворен паркет посредуваше помеѓу работ на тепихот и подната лајсна на ѕидот. Таму Мазуревиц беше нашол нешто чудовишно - или си мислеше дека нашол, зашто никој не можеше потполно да се согласи со него и покрај неодречливата настраност на стапките. Стапалките на паркетот апсолутно не беа налик на просечни стапки од стаорец, но дури ни Чојнски ни Дероше не сакаа да признаат дека се како отпечатоци на четири ситни човечки раце.

Куќата веќе никогаш не беше изнајмена. Штом Домбровски си замина плаштаницата на нејзиното крајно опустошување почна да се спушта, зашто луѓето бегаа од неа ем поради нејзиниот стар углед ем поради новата реава миризба. Можеби отровот за глувци на бившиот газда сепак беше си ја завршил работата, зашто недолго по неговото заминување местото стана трн во окото на маалото. Здравствените инспектори ја проследија миризбата до затворениот простор над и крај источната мансардна соба и се согласија дека бројот на мртви стаорци мора да е огромен. Меѓутоа, решија дека не им се исплаќа да ги раскршат и дезинфицираат долгозапечатените простори, зашто реата наскоро ќе ја снема, а и месноста не беше некоја што охрабруваше педантни норми. Всушност, отсекогаш имаше нејасни локални сказни за необјасниви смрдеи горе во вештерската куќа веднаш по вечерта спрема Еремиовден и Денот на сите светци. Соседите мрчеливо се помирија со безволноста - но реата сепак се претвори во додатен аргумент против местото. Најпосле куќата како живеалиште беше осудена на рушење од страна на градежниот инспектор.

Соништата на Гилман и нивните придружни околности никогаш не беа објаснети. Елвуд, чии мисли за целата епизода се понекогаш скоро излудувачки, се врати на факултет наредната есен и дипломира наредниот јуни. Забележа дека призрачните озборувања на градот се доста намалени и всушност факт е дека - не земајќи ги предвид извесните изјави за некакво аветно кркотење во напуштената куќа што истрајало скоро колку и самото здание - за нови појави на старата Кезаја или Кафениот Џенкин се немаше мрморено по смртта на Гилман. Мошне е среќа што Елвуд не беше во Аркам таа наредна година кога извесни збиднувања нагло ги обновија локалните шепоти за дамни ужаси. Се разбира Елвуд чу за тие работи покасно и патеше од неискажани страданија од црни и счудовидени умувања, но дури ни тоа не беше толку лошо колку што ќе беа физичка блискост или неколку можни глетки.

Во март, 1931, виор ги сруши покривот и големиот оџак на празната вештерска куќа, при што русвај од разронети цигли, поцрнети мовлосани ќерамиди и скапани штици и граѓа се срушија врз поткровјето и пропаднаа низ неговиот под. Целиот тавански спрат беше загушен од шут одозгора, но никој не се потруди да го пофати нередот пред неизбежното туркање на трошната градба. Крајниот чекор дојде наредниот декември и кога старата соба на Гилман беше расчистена од безволни, растревожени работници, започнаа озборувањата.

Меѓу ѓубрето што се беше срушило низ древниот навален таван имало неколку работи што ги натерале работниците да запрат и да повикаат полиција. Полицијата пак, покасно повика вештаци и неколку професори од универзитетот. Имаше коски - парчосани и расцепени, но јасно препознатливи како човечки - чија пројавлива современост збунувачки се косеше со далечниот период во којшто нивното единствено можно живеалиште, ниското поткровје со навален под, наводно беше било запечатено за секаков човечки пристап. Лекарите вештаци заклучија дека некои им припаѓаат на мало дете, додека извесни други - пронајдени измешани со парчиња скапана кафена ткаенина - ѝ припаѓаа на некоја доста куса, подгрбавена жена на стари години. Внимателно претурање низ шутот исто така откри и многу ситни коски на стаорци фатени во рушењето, како и постари глувчји коски изглодани од мали песјаци на начин кој на места беше мошне приносен за спорови и промислувања.

Меѓу другите најдени предмети беа измешаните одломки од многу книги и хартии, заедно со жолтеникава прав оставена од потполното разградување на уште постари книги и хартии. Сите, без исклучок, се чинеа дека расправаат за црна магија во нејзините најнапредни и најужасни форми и очевидно недамнешниот датум на извесни предмети е сѐ уште мистерија необјаснива исто колку и таа за современите човечки коски. Уште поголема мистерија е потполната еднообразност на надурениот, архаичен ракопис најден во голем обем на хартии чии состојби и жигови укажуваа на старосна разлика од најмалку 150 до 200 години. Сепак, за некои, најголемата мистерија од сите е разновидноста на толку крајно необјасниви предмети - предмети чии облици, материјали, видови на изработка и цели ги обезглавуваат сите претполагања - пронајдени раштркани меѓу кршот во очигледно различни состојби на оштетување. Една од овие работи - којашто длабоко возбуди неколку професори од „Мискатоник“ - е лошо оштетена чудовишност која јасно потсеќа на чудниот приказ кој Гилман му го даде на универзитетскиот музеј, освен тоа што е поголема, изделкана од некој сперлив син камен наместо од метал и содржи своеобразно закосен постамент - со неодгатливи хиероглифи.

Археолози и антрополози сѐ уште се обидуваат да ги објаснат бизарните дезени изгравирани врз еден здробен сад од лесен метал чија внатрешна страна содржеше кобни кафеави дамки кога го најдоа. Странци и лековерни баби се подеднакво думежливи за современото распетие од никел со скинато синџирче измешано во ѓубрето и трепетливо утврдено од Џо Мазуревиц како она коешто му го беше дал на кутриот Гилман пред толку години. Некои веруваат дека ова распетие било одвлечкано до запечатеното поткровје од стаорци, додека други мислат дека мора цело време да било на подот во некој ќош во старата соба на Гилман. А трети пак, вклучувајќи го и самиот Џо, имаат теории преразуздани и фантастични за трезвена веродостојност.

Кога беше искорнат навалениот ѕид на собата на Гилман, беше забележано дека едновремено запечатениот тријаголен простор помеѓу таа преграда и северниот ѕид на куќата содржи многу помалку градежен шут, дури и сразмерно со неговата големина, од самата соба, макар што имаше грозоморен слој на постари материјали кои ги вкочанија уривачите од ужас. Накратко, подот беше опиплива костурница на коски од мали деца - некои доста современи, но други што се протегаа низ бесконечни степенувања до период толку далечен што ронењето беше скоро потполно. Врз овој длабок коскест слој лежеше нож со огромна големина, очигледна дамност и гротескен, накитен и егзотичен дезен - врз којшто беше натрупан шутот.

Среде овој шут, заглавен помеѓу една падната штица и китка замалтарени цигли од срушениот оџак имаше предмет предодреден да предизвика повеќе додатно счудовидување, притаен уплав и отворено суеверни муабети во Аркам од сѐ друго откриено во опседнатата и клета градба. Овој предмет беше делумно здробениот костур на еден огромен, заболен стаорец, чии облични абнормалности сѐ уште се тема на дебата и извор на своеобразна воздржливост помеѓу членовите на Мискатонскиот оддел за компаративна анатомија. Многу малку во врска со овој костур излегло на виделина, но работниците кои го најдоа шепотат во потресни тонови за долгите, кафеави влакна со кои беше поврзан.

Коските на ситните шепи, се зборува, наведуваат на шаколики одлики покарактеристични за дробен мајмун одошто за стаорец; додека малиот череп со неговите дивјачки жолти песјаци е од крајна аномалност, личејќи од некои агли како минијатурна, чудовишно уназадена пародија на човечки череп. Работниците се прекрстија од уплав кога наидоа на ова богохулие, но покасно запалија свеќи за благодарност во црквата „Св. Станислос“, поради пискавото, аветско кркотење кое чинеа дека веќе никогаш нема да го чујат.