Книгата - Полиграматон

Книгата


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


Сеќавањето ми е многу збркано. Постои дури и голем сомнеж за тоа каде точно ми започнува; зашто понекогаш чувствувам одбивни видици на години како се протегаат зад мене, а друг пат ми се чини како сегашниот момент да е изолирана точка во некоја сива, безоблична бесконечност. Не сум ни сигурен како ја комуницирам оваа порака. Иако знам дека зборувам, имам маглив впечаток дека некое чудно и можеби ужасно посредништво ќе е потребно за да го пренесе она што го велам до точките до каде што сакам да сум чуен. Мојот идентитет е исто така счудовидувачки замаглен. Како да сум претрпел некој голем шок - можеби од некој крајно чудовиштен израсток од моите циклуси на единствени, неверојатни искуства.

Сите овие циклуси на искуства, се разбира, потекнуваат од таа црвјосана книга. Се сеќавам кога ја најдов - во притуленото место близу црната, мрсна река каде што маглите постојано се вителат. Тоа место беше многу старо и до таван високите полици полни со гнили томови бескрајно беа распослани низ безпрозорни внатрешни соби и камари. Покрај нив имаше и големи безоблични купови книги на подот и во ветви корпи; и токму во еден од овие купови го најдов и тоа. Никогаш не дознав како му беше насловот, зашто фалеа почетните страни, но ми се отвори при крајот и ми даде повидок кон нешто што вртоломно ми ги разлула сетилата.

Имаше формула - листа на работи кои треба да се кажат и направат - којашто ја препознав како нешто црно и забрането; нешто за коешто и претходно имав прочитано во прикриени параграфи на помешано гнасење и фасцинација запишани од перото на оние чудни и древни длабачи во вардените тајни на семирот чии гнили ракописи обожавав да ги впивам. Беше клуч - водич - до извесни порти и преминувања за коишто мистиците имаа сонувано и шепотено уште од кога расата била млада и коишто водат до слободи и откритија надвор од трите димензии и сферите на живот и материја како што нам ни се познати. Со векови никој не си ја беше имал споменато неговата суштинска твар или знаел каде да ја најде, но оваа книга беше навистина многу стара. Не печатница, туку рацете на некој полу-излуден монах ги беше исцртале тие кобни латински фрази во унцијали на извонредна дамнина.

Се сеќавам како старецот се џареше и кркотеше и како направи своевиден знак со раката кога ја одведов. Одби да прими пари за книгата и дури касно потоа ми текна зошто. Како што вјасав кон дома низ тие тесни, извртени, од магла загушени крајречни улици, добив страшен впечаток дека скришно ме следат нечии меко подложени стапала. Вековните, расклимани куќи на двете страни како да беа оживеани од пресна и морбидна злокобност - како некој дотогаш затворен канал на зло спознавање да беше бил нагло отворен. Почувствував како тие ѕидови и надвиснати калкани на мувлосана цигла и габосан малтер и греди - со недоверливи прозорци со ромбоидни окна небаре очи кои се џарат - да немаа намера да престанат да се доближуваат за да ме здробат... макар што ја бев прочитал само најситната одломка од таа богохулна руна пред да ја затворам книгата и да ја одведам.

Се сеќавам како ја прочитав книгата конечно - бел како крпа во лицето и заклучен во таванската соба којашто одамна ја имав посветено на чудни потраги. Големата куќа беше многу мирна, зашто се качив горе дури по полноќ. Мислам дека тогаш имав и семејство - иако подробностите ми се мошне несигурни - и знам дека имаше многу слуги. Која година беше точно, не можам да одредам; зашто оттогаш имам проживеано многу доби и димензии при што сите замисли за време ми се разложиле и преобликувале. На светлина од свеќи читав - ми текнува на непокорното капење на восокот и имаше ѕвонења кои одвреме-навреме доаѓаа од далечни камбанарии. Ми се чинеше како да ги бројам тие ѕвонења со сперлива намерност, како да се плашев дека ќе чујам меѓу нив некоја многу далечна, наметлива нота.

Тогаш се јави и првото гребење и тропкање на таванскиот прозорец кој гледаше високо над другите покриви во градот. Се јави додека гласно ја баев деветтата строфа на тој првобитен распев и добро знаев што значи, среде морниците што ме полазуваа. Зашто оној кој минува низ портата секогаш спечалува сенка и веќе никогаш не може да е сам. Го изустив потребното - и книгата навистина беше она што се сомневав дека е. Таа ноќ ја поминав портата и влегов во вртлог на извртени време и вид и кога утрината ме пронајде во таванската соба, го видов во ѕидовите и полиците и оковот она што дотогаш никогаш го немав видено.

Ниту пак веќе можев да го гледам светот онака како што го знаев. Измешано со сегашната сцена беше секогаш малку од минатото и малку од иднината и секој дотогаш познат предмет туѓо стрчеше во новата перспектива предизвикана од мојот проширен вид. Оттогаш чекорев во фантастичен сон на непознати и полупознати облици; и со секоја новопомината порта, сѐ послабо можев да ги препознаам нештата на тесната сфера за којашто толку долго бев бил врзан. Она што го гледав околу мене никој друг не го гледаше; и станав двојно помолчалив и поповлечен за да не би ме помислиле за луд. Кучињата имаа страв од мене, зашто ја чувствуваа надворешната сенка која никогаш не ме оставаше. Но јас и понатаму читав - во скриени, заборавени книги и свитоци до коишто ме доведе мојот нов вид - и се втурнував низ нови премини на простор и битие и животни шеми кон јадрото на непознатиот космос.

Се сеќавам на ноќта кога ги направив петте концентрични кругови од оган на подот и застанав во највнатрешниот баејќи ја чудовишната литанија која гласникот од Тартар ја беше донел. Ѕидовите се растопија и бев одвеан од црн ветер преку бездни на безгазерно сивило, со иглестите капци на непознати планини далечни милји под мене. По некое време настапи крајна црнина, а потоа светлината на безброј ѕвезди кои формираа чудни, туѓи соѕвездија. Најпосле ја видов зеленоосветлената рамнина далеку под мене и ги распознав врз неа извртените кули на град изграден по мостра за каква што дотогаш не бев имал ни слушнато ни читано ни сонувано. Како што лебдев сѐ поблиску до тој град видов голема квадратна зграда од камен врз еден отворен простор и почувствував одвратен страв како ме стега. Вреснав и се распретав и по период празнотија бев повторно во мојата таванска соба, испружен врз петте светлозрачни кругови на подот. Во лутањето на таа ноќ немаше повеќе чудност од во лутањата на многу дотогашни ноќи; но имаше повеќе терор бидејќи знаев дека бев поблиску до тие надворешни бездни и светови од кога и да било дотогаш. Оттогаш бев попретпазлив со вражбите, зашто немав желба да бидам отсечен од моето тело и од земјата до незнајни понори од каде што никогаш нема да можам да се вратам.