Мистеријата на гробиштата - Полиграматон

Мистеријата на гробиштата

или „Одмаздата на умрениот“ Детективска приказна



Глава I

Гробницата на Бернсови.


Беше пладне во селцето Мejнвил и ожалостена група луѓе стоеше околу гробницата на Бернсови. Џозеф Бернс беше мртов. (на умирање, ја беше дал следнава чудна наредба: - „Пред да ми го ставите телото во гробницата, фрлете ја топкава на подот, кај местото обележано со „А“. потоа на ректорот му подаде златно топче.) Луѓето многу жалеа што умре. Откако заврши закопот, г-дин Добсон (ректорот) рече, „Пријатели, сега ќе ја исполнам последната желба на починатиот. Велејќи го тоа, се спушти во гробницата. (да ја остави топката на местото обележано со „А“) Набрзо собраните на погребот станаа нетрпеливи и по некое време г-дин Чарлс Грин (адвокатот) се спушти да го пребара местото. Наскоро се врати со исплашено лице и рече „Г-дин Добсон не е тука“!


Глава II

Мистериозниот г-дин Бел.


Часот беше 3:10 попладне кога ѕвончето на резиденцијата на Добсонови гласно заѕвони и кога слугата појде да отвори, начека еден стар човек, со црна коса и зулуфи. Побара да се види со госпоѓица Добсон. Кога се појави пред неа рече, „Госпоѓице Добсон, знам каде е татко Ви и за £10,000 ќе Ви го вратам. Се викам г-дин Бел.“ „Г-дине Бел,“ рече госпоѓица Добсон, „ќе ме извините ли да излезам накратко од собава?“ „Се разбира“. рече г-дин Бел. Г-ца Добсон набрзо се врати и рече „Г-дине Бел, Ве разбирам. Сте го грабнале татко ми и сакате да Ви платам откуп“


Глава III

Во полициската станица.


Часот беше 3:20 попладне кога ѕвончето на телефонот во полициската станица „Норт енд“ жестоко заѕвони и Гибсон (телефонистот) праша што е работата.

„Дознав нешто за исчезнувањето на татко“! рече женски глас. „Јас сум госпоѓица Добсон и татко ми е грабнат, „Испратете го Кинг Џон“! Кинг Џон беше познат детектив од запад. Токму тогаш дотрча еден човек и викна, „Ах! За стравој! Дојдете на гробишта!“


Глава IV

Западниот прозорец.


А сега да се вратиме во резиденцијата на Добсонови. Г-дин Бел беше мошне погоден од директниот говор на госпоѓица Добсон, но кога си дојде на себе доволно за да може да зборува рече, „Не бидете толку директна, госпоѓице Добсон, зашто јас -“ Беше прекинат од влегувањето на Кинг Џон, којшто со рало револвери в раце го препрече секој испад низ вратата. Но, побрз од мисла, Бел срипа кон еден западен прозорец, - и скокна.


Глава V

Тајната на гробот.


А сега да се вратиме во станицата. Откако возбудениот посетител се потсмири, можеше поразбирливо да си ја раскаже приказната. Беше видел тројца во гробиштата како викаат „Бел! Бел! каде си старче!?“ и како се однесуваат многу сомнително. Тргнал по нив, а тие влегле во Гробницата на Бернсови! Тргнал по нив, а тие притиснале тајно копче на место обележано со „А“ и исчезнале“. „Камо кинг Џон да беше тука“, рече Гибсон, „Како се викаш,“? „Џон Спрат“. одговори посетителот.


Глава VI

Потера по Бел.


А сега пак да се вратиме во резиденцијата на Добсонови: - Кинг Џон беше крајно запрепастен од ненадејниот потег на Бел, но кога си дојде на себе од изненадувањето, прво што му дојде на ум беше да се впушти во потера. Така, тргна да го гони грабнувачот. Го проследи до Железничката Станица и се растревожи кога виде дека се качил на возот за Кент, голем град на југ, до којшто не постоеше телеграф или телефон од Мејнвил. Возот штотуку имаше тргнато!


Глава VII

Црнецот пајтонџија.


Возот за Кент тргна во 10:35 и во околу 10:36 еден возбуден, испрашен и изморен човек1 се втурна во седиштето на пајтонџии во Мејнвил и му рече на еден црнец пајтонџија кој стоеше крај вратата - „Ако успееш да ме однесеш до Кент за 15 минути ќе ти дадам долар“. „Е кај мо’м да т’однесам дотаму“, рече црнецот „Не’ам ни саглам којни ни -“„Два долари“! Викна патникот, „добро“ рече пајтонџијата.

1Кинг Џон.


Глава VIII

Изненадување за Бел.


Во Кент беше 11 часот и сите продавници беа затворени освен една, едно запуштено, нечисто дуќанче, на западниот крај. Се наоѓаше помеѓу пристаништето и Железничката Станица Кент-Мејнвил. Во фоајето еден неуредно облечен човек на сомнителна возраст правеше муабет со средовечна жена со седа коса, „Се согласив да ја завршам работата, Линди,“ рече, „Бел ќе стигне во 11:30 и кочијата е спремна да го одведе до докот, каде што вечерва ќе трга брод за Африка.“

„А ако се погоди да дојде Кинг Џон?“ запраша „Линди“

„Тогаш ќе нѐ фатат и ќе го обесат Бел“ Одговори човекот.

Токму тогаш на вратата се чу тропање „Бел, ти си?“ праша Линди „Да“ беше одговорот, „И го фатив возот во 10:35, а Кинг Џон заостана, па немаме гајле“. Во 11:40 трупата стигна до истовариштето и виде како во темнината се подава брод. „Кедиф“ „од Африка“ беше исцртано на трупот и токму кога сакаа да се качат на бродот, во темнината излезе човек и рече „Џон Бел, те апсам во име на Кралицата“!

Кинг Џон беше.


Глава IX

Судењето.


Стаса денот за судењето и толпа луѓе се имаше насобрано околу малиот шумјак (кој служеше како судница во летно време) За да го слушаат судењето на Џон Бел обвинет за грабнување човек. „Г-дине Бел,“ рече судијата „која е тајната на гробницата на Бернсови“

„Ќе ви го кажам само ова“ рече Бел, „Ако појдете во гробот и допрете едно место обележано со „А“ ќе дознаете“

„Каде е г-дин Добсон сега“? Запраша судијата, „Еве го“! рече еден глас зад нив и фигурата на САМИОТ г-дин Добсон се подаде на вратата.

„Од каде ти овде“ се чу во хор. „Долга и широка е,“ рече Добсон.


Глава X

Приказната на Добсон.


„Кога се спуштив во гробницата,“ Рече Добсон, „Беше сето темница, ништо не можев да видам. Но најпосле ја воочив буквата „А“ напишана со бело на ониксниот под, ја фрлив топката врз буквата и веднаш се отвори подна врата и срипа човек. Беше овој човек, овде,“ (рече (покажувајќи кон Бел, кој седеше на оптуженичката клупа тресејќи се) „и ме повлече во болскотливо осветлен и госпотски стан каде што живеев сѐ до денес. Еден ден млад човек втрча и извика „Тајната е откриена!“, па го снема. Не ме виде. Еднаш Бел си го заборави клучот, па направив отпечаток во восок и наредниот ден го поминав во стружење клучеви за бравата. Наредниот ден клучот одговараше. и наредниот ден (односно денес) избегав.“


Глава XI

Откривање на мистеријата.


„Зошто покојниот Џ. Бернс ти рече таму да ја ставиш топката“? (кај „А“-то?) запраша судијата? „За да ме стави во небрано“ одговори Добсон „Тој и Франсис Бернс, (брат му) со години кроеле план против мене, а јас не знаев како ќе пробаат да ми напакостат.“ „Фатете го Франсис Бернс“! викна судијата.


Глава XII

Завршеток.


Франсис Бернс и Џон Бел беа осудени на доживотен затвор. Г-дин Добсон срдечно беше пречекан од ќерка му, која, патем, имаше станато г-ѓа Кинг Џон. „Линди“ и нејзиниот соучесник беа испратени во затворот „Њугејт“ на 30 дена како помагачи во кривично дело - криминално бегство.


Крај.


Цена 25¢