Зад ѕидот на спиењето - Полиграматон

Зад ѕидот на спиењето

„Ми иде поплава за спиење.“

- Шекспир


Многупати сум се запрашал дали грото на човештвото се има некогаш задумано за повременото титанско значење на соништата и за помрачениот свет на којшто тие припаѓаат. Додека поголемиот број вечерни привиденија можеби не ни се ништо повеќе од бледи и фантастични одрази на будните искуства - ако го тргнеме настрана Фројд и неговиот недоквакан симболизам - сѐ уште има извесен остаток чијшто небанален и етеричен нарав не подложи на никакви обични толкувања и чијшто магливо возбудлив и обеспокојувачки учинок налага можни миговни наѕирања на сфера на душевно постоење не помалку важна од телесниот живот, а сепак одделена од тој живот со сосема непремостлива препрека. Од лично искуство, воопшто не се сомневам дека човек, кога ќе се изгуби од земната свест, навистина престојува во друг и нетелесен живот со многу поинаква природа од животот кој го знаеме; и од којшто по будењето тлеат само најситните и најнеодредливи сеќавања. Од тие заматени одломки на сеќавање можеме многу да изведеме, но малку да докажеме. Може да претпоставиме дека во соништата, животот, материјата и живоста, онакви какви што земјата ги знае, може и да не се постојани; и дека времето и просторот не постојат онака како што нашата будна свест ги има узнаено. Понекогаш ми се чини дека овој понематеријален живот е нашиот вистински живот и дека нашето залудно присуство на земјишната кугла е всушност второстепен или само привиден феномен.

Од младешко мечтаење преполно со умувања од ваков терк се случи да ме скорнат едно зимско попладне во 1900-1901, кога во државната установа за психопатија каде што работев како приправник беше донесен човекот чијшто случај оттогаш наваму толку непрестајно ме прогонува. Името, како што беше наведено во записникот, му беше Џо Слејтер или Слејдер и појавата му беше онаа на типичен мештанин на пределите на планината Кетскил; еден од оние чудни, одбивни ластари на примитивна колонијална селска лоза чија отсеченост долж скоро три векови во ридните калиња на ретко пропатуваните селски предели ги беше натерала да потонат во некаква си варварска уназаденост, наместо да поднапреднат заедно со нивните поповолно поставени роднини од густо населените општини. Меѓу овој несекојдневен народ, кој точно се совпаѓа со орјачкиот елемент кој на југ е познат како „бело ѓубре“, законот и моралноста се непостоечки; и општиот душевен статус најверојатно е под оној на кој и да било друг отсек на домородните американски народи.

Џо Слејтер, кој пристигна во установата под будниот надзор на четворица државни полицајци и кој беше опишан како крајно опасен лик, апсолутно не приложуваше никаков доказ за неговиот опак табиет кога за првпат му се испулив. Иако беше со мошне натпросечен раст и по малку гарабитна снага, даден му беше апсурден изглед на безопасна глупавост од бледата, поспана синотија на неговите мали водлести очи, штуроста на запоставениот и никогаш неизбричен израсток од жолта брада и отсутната клапнатост на тешката долна усна. Возраста му беше непозната, зашто помеѓу неговата сорта не постојат ни семејни записи ни трајни семејни врски; но од ќелата на главата однапред и од гнилата состојба на забите, главниот лекар го запиша како човек на околу четириесет години.

Од медицинските и правни документи научивме сѐ што можеше да се разбере за неговиот случај. Човеков, скитник, ловец и пајдаџија секогаш бил чуден во очите на неговите примитивни содружници. Навечер неретко спиел до покасно од вообичаеното време и кога ќе се разбудел често зборувал за непознати нешта на начин кој бил толку бизарен што вдахнувал страв дури и во срцата на едно толку прозаично население. Не дека јазичниот стил му бил необичен, зашто зборувал единствено во унаказаното арго на неговата околина; туку тонот и сижето на неговите искази биле со таква загадочна разузданост, што никој не можел да ги слуша без да се растревожи. Тој самиот обично бил исто онолку преплашен и обезглавен колку и неговата публика и по еден час откако ќе се пробудел заборавал сѐ што беше рекол или барем сѐ што го беше натерало да го рече она што го рекол; повторно тонејќи во полудопадлива обичност на добитче, која ги красела сите планинци.

Се чинеше дека како што Слејтер стареел, сабајлешните настраности постепено му нараснале во честост и жестокост; сѐ додека, околу месец дена пред неговото пристигање во установата, не се случила потресната трагедија која го причинила неговото апсење од страна на властите. Еден ден близу пладне, по цврст сон почнат среде развратна пијанка кај околу пет часот претходното попладне, човекот многу ненадејно се беше пробудил; со лелеци кои биле толку ужасни и неземни што му довеле неколку комшии до колибата - некој нечист свињарник кај што домувал со семејство подеднакво неописливо колку и тој. Јурнувајќи надвор на снегот, ги испружил рацете високо над себе и започнал редица рипања пругоре во воздухот; додека развикувал за решеноста да достигне некоја „голема, голема колиба со светлост на покривот и ѕидовите и подот и гласна настрана музика од далеку“. Како што двајца луѓе со просечна големина пробувале да го задржат, им се опирал со манијачка јачина и јарост, врескајќи за желбата и потребата да пронајде и убие некакво „нешто што блеска и се тресе и се смее“. Најнакрај, откако привремено покосил еден од задржувачите со ненадеен удар, срипал врз другиот со демонијачки занес на крвожедност, вражјо дерејќи се дека ќе „скокне високо во воздух и ќе си изгори пат низ сѐ што ќе го сопрело“. Семејството и комшиите тогаш панично се разбегале и кога похрабрите од нив се вратиле, Слејтер го немало, а зад него останало само некакво непрепознатливо пулпаво нешто што пред неполн час беше било живо човечко суштество. Никој од горноземците не се осудил да тргне по него и веројатно ќе им паднело мило ако умрел од ладното; но кога по неколку утра му ги чуле вресоците од некоја далечна пропаст, сфатиле дека успеал некако да преживее и дека вака-така, ќе треба да се истави оттаму. Потоа следела вооружена трупа за потрага, чија цел (каква и да била првично) се претворила во онаа на шерифска тајфа откако еден од ретко општоприфатените државни полицајци случајно ги здогледал, па ги испрашал и најпосле им се приклучил на трагачите.

На третиот ден Слејтер бил пронајден онесвестен во шуплината на некое дрво и бил одведен до најблиската апсаана; каде што го прегледале душевни лекари од Олбани, штом му се повратил разумот. Нив им раскажал едноставна приказна. Рекол дека некое попладне околу зајдисонце си легнал да спие откако испил многу алкохол. Се пробудил зачекувајќи се како крваворако стои на снегот пред неговата колиба, со осакатениот леш на неговиот комшија Питер Слејдер крај нозете. Ужаснат, фатил кон коријата во нејасен обид да побегне од сцената на она што сигурно беше било неговото злодело. Настрана од овие работи се чинело дека не знае ништо, ниту, пак, стручниот распит на неговите испрашувачи успеал да развидели каков и да е додатен факт. Таа ноќ Слејтер спиел спокојно и наредното утро се разбудил без никакви своеобразни одлики освен извесна промена на изразот на лицето. На д-р Барнард, кој го беше набљудувал пациетот, му се видело како во бледите сини очи да забележал извесен блесок со сперлива особина; и на млитавите усни едвај воочливо стискање, како од интелигентна решеност. Но кога го испрашале, Слејтер се повратил во навикнатата штурост на горноземец и само го повторил она што претходниот ден го имал кажано.

На третото утро се случил првиот од душевните напади на човекот. Откако пројавил некаков немир при спиење, избувнал во толку моќно беснило што здружените напори на четворица биле потребни за да го врзат во лудачка кошула. Душевните лекари му ги слушале зборовите со заострено внимание, бидејќи љубопитноста им била надразнета до највисок степен од укажувачките, макар најчесто противречни и неразбирливи приказни на неговото семејство и комшии. Слејтер урлал скоро петнаесет минути, бладајќи во провинцијалскиот дијалект за големи зданија од светлина, семирски океани, чудна музика и сенишни планини и долини. Но најмногу од сѐ се задржувал на некој загадочен распламтен ентитет кој се тресел и се смеел и се подбивал со него. Оваа колосална, нејасна личност се чинело како да му има сторено некоја стравотна неправда и да ја убие во тржествена одмазда му било челна желба. За да може да ја достигне, рекол, ќе прорееел низ понори на празнотија, горејќи ја секоја препрека која ќе му се најдела на патот. Вака му течел муабетот, сѐ додека со крајна наглост не прекинал. Огнот на лудило му замрел во очите и со тапо чудење ги погледнал испрашувачите и прашал зашто е врзан. Д-р Барнард ги откопчал кожените ремени и ги повратил дури вечерта, кога успеал да го убеди Слејтер доброволно да си ги стави, за негово арно. Човекот тогаш признал дека понекогаш зборува настрано, макар што не знаел зошто.

За помалку од недела се појавиле уште два напади, но докторите од нив не научиле многу. За изворот на привиденијата на Слејтер спекулирале на долго и на широко, зашто, поради тоа што не знаел ни да чита ни да пишува и наводно никогаш немал чуено ни легенда ни бајка, неговите преубави описи биле мошне необјасниви. Тоа дека не можеле да потекнуваат од никој познат мит или романса било особено јасно од фактот што несреќниот лудак се изразувал единствено во неговиот едноставен стил. Урлал за нешта кои не ги разбирал и не можел да ги протолкува; нешта кои тврдел дека ги има искусено, но кои не би можел да ги има научено од никои обични или поврзани прераскажувања. Душевните лекари наскоро се согласиле дека абнормални соништа се темелот на маката; соништа чија живописност повремено можела потполно да надвладее над будниот ум на овој, начелно, инфериорен човек. Со соодветна формалност на Слејтер му се судело за убиство, бил ослободен врз основа на душевна болест и бил затворен во установата каде што јас си ја вршев скромната служба.

Реков дека сум постојан умувач за сонишниот живот, па од ова можеш и сам да ја пресудиш желноста со која се впуштив во проучување на новиот пациент штом потполно ги установив фактите на неговиот случај. Тој се чинеше како во мене да насетува некакво пријателство; несомнено вродено од интересот кој не можев да го сокријам и нежниот начин на којшто го испрашував. Не дека некогаш успеа да ме препознае за време на нападите, кога безздивно му ги голтав хаотичните, но космички зборослики; но ме распознаваше во мирните часови, кога седеше кај прозорецот со решетки плетејќи кошници од слама и врба и можеби чемрееше за планинската слобода во која никогаш нема да може да ужива. Домашните никогаш не дојдоа да го видат; најверојатно си беа нашле друг привремен челник, по адетот на орјачкиот планински народ.

Постепено започнав да чувствувам неизмерен восхит кон лудите и фантастични замисли на Џо Слејтер. Самиот човек беше жалосно инфериорен како во душевност така и во говор; но неговите болскотливите, титански привиденија, макар што опишани во варварски и расцепкан жаргон, со сигурност беа нешта кои само супериорен или дури и исклучителен мозок би можел да ги зачне. Како, се прашував често, би можела рамнодушната мечта на еден кетскилски дегенерик да изнедри видици чие чисто поседување тврдеше постоење на притаена искра на генијалност? Како би можело некој си шутрак од зафрлена провинција да има придобиено макар и идеја за тие светкави царства на возвишена зрачност и семир за коишто Слејтер држеше тиради во неговото разјарено бунило? Сѐ повеќе и повеќе се наклонував кон верувањето дека во жалосната личност која се туткаше пред мене лежи безредното јадро на нешто надвор од моите сознанија; нешто бесконечно надвор од сознанијата на моите поискусни, но попрозаични медицински и научни колеги.

А сепак не можев ништо конкретно да издуднам од човекот. Збирот на сите мои истраги беше тоа дека, во некаков полубестелесен сонишен живот Слејтер талкаше или пролебдуваше низ велелепни и грамадни долини, ливади, градини, градови и палати од светлина; во предел бессинорен и непознат за луѓето. Дека таму не беше само селанец или дегенерик, туку важно суштество со буен живот; движејќи се гордо и надмоќно и единствено сопрено од некој извесен смртен непријател, кој се чинеше дека е создание од видлива, а сепак етерична структура и кое не се чинеше дека има човечка форма, зашто Слејтер никогаш не го споменуваше како човек, ниту како некоја друга работа набашка од нешто. Ова нешто на Слејтер му сторило некаква одвратна, но неименувана неправда, за којашто манијакот (ако беше манијак) чезнееше да се одмазди. Од начинот на којшто Слејтер алудираше кон нивниот однос, пресудив дека тој и светлечкото нешто се имаа сретнато како акрани; дека во неговото сонишно постоење човекот и самиот беше светлечко нешто од истата раса како и неговиот непријател. Овој впечаток беше поткрепен од неговите редовни упати кон летање низ семирот и горење на сите кои ќе му го попречеле напредокот. А сепак овие замисли беа формулирани со селски зборови кои беа потполно недоквакани за да ги изразат, околност која ме доведе до заклучокот дека ако некој вистински соносвет навистина постои, усниот јазик не е негово посредништво за пренос на мисли. Можно ли беше да сонишната душа која беше вдомена во ова инфериорно тело очајно се мачи да зборува за работи кои простиот и испрекинат говор на тапоста не можеше да ги изусти? Можно ли беше да сум лице в лице со интелектуални изливи кои би ја објасниле мистеријата ако само можев да научам како да ги откријам и прочитам? Не им кажав на постарите лекари за овие нешта, зашто средовечноста е скептична, цинична и ненаклонета кон прифаќање нови идеи. Освен тоа, челникот на установата баш неодамна ме имаше предупредено на свој татковски начин дека се преработувам; дека треба да ми се отпочине мозокот.

Од поодамна сум бил уверен дека човечката мисла во суштина се состои од атомско или молекуларно движење, преносливо во етерични бранови на зрачна енергија како топлина, светлина и електрицитет. Оваа увереност уште од почеток ме имаше наведено да во мислите ја разгледувам можноста за телепатија или умствена комуникација со помош на соодветна апаратура и во факултетските денови имав подготвено комплет инструменти за емитување и прием до некаде слични на кабастите уреди користени во безжичната телеграфија за време на оној несофистициран период пред радиото. Нив ги имав испробано со еден колега од факултет; но одошто не постигнав никаков исход, набргу ги прибрав заедно со други научни дрангулии за можна идна употреба. Сега, во мојата силна желба да го испитам сонишнот живот на Џо Слејтер, повторно ги побарав овие инструменти; и поминав неколку денови поправајќи ги за употреба. Кога повторно беа готови не испуштив ниту една прилика да ги испробам. При секој изблик на насилство на Слејтер, ќе го поставев емитувачот врз неговото чело, а приемникот врз моето; постојано правејќи деликатни нагодувања низ различни хипотетички бранови должини на интелектуална енергија. Немав многу претстава за тоа на кој начин мисловните впечатоци, ако успешно се пренесат, би покренале разбирлив одговор во мојот мозок; но бев сигурен дека ќе можам да ги уочам и протолкувам. Па така продолжив со опитите, макар што не кажувајќи му на никој за нивната природа.


На дваесет и први февруари, 1901, бидна да нештото најпосле се случи. Како што се присеќавам низ годините, сфаќам колку се чини невистинито и некогаш скоро и се запрашувам дали стариот д-р Фентон можеби и беше во право кога сѐ ѝ препиша на мојата возбудена мечта. Си припомнувам дека ме слушаше со голема топлина и трпение кога му раскажував, но потоа ми даде прашок за нерви и среди да ми го дадат шестмесечниот одмор на којшто тргнав наредната недела. Таа кобна вечер бев разуздано возмутен и насекиран, зашто и покрај одличната грижа која му беше пружена, Џо Слејтер непогрешливо умираше. Можеби планинската слобода беше она што му недостигаше или можеби дармаданата во мозокот му имаше станато преизразена за мошне млитавата снага; но во секој случај пламенот на живоста саде слабо трепереше во орјачкото тело. При крајот беше сонлив и како што го обвиваше мрак, потона во неспокоен сон. Не му ја навлеков лудачката кошула како што обично правевме додека спиеше, зашто увидов дека е преснемоштен за да е опасен, дури и ако повторно се пробуди во душевен размир, пред да почине. Но сепак врз неговата и мојата глава ги поставив двата краеви на моето космичко „радио“; надевајќи се наспроти сѐ да ја добијам првата и последна порака од соносветот во кусото време што преостануваше. Со нас во ќелијата имаше еден болничар, просечно човече кој не ја разбираше намената на апаратот и на кој ниту му текна да ме праша кој ми е ниетот. Како што се нижеа саатите видов како главата трапаво му клапнува од дремка, но не го вознемирив. Јас, лулан од ритмичките дишења на здравиот човек и оној на смртна постела, сигурно сум задремал набрзо потоа.

Звук на бизарна лирична мелодија беше она што ме скорна. Акорди, вибрации и хармонични занеси страсно одекнуваа од секоја страна; додека врз стијосанот вид ми се втурна импозантна приредба со врвна убавина. Sидови, диреци и архитрави од жив оган блештиво пламтеа околу местото каде што се чинеше дека лебдам во воздух; издигајќи се нагоре до бескрајно висока засводена купола со неопислива прекрасност. Смесувајќи се со оваа приредба на палатска величественост, или поточно кажано, повремено надмашувајќи ја низ калеидоскопски вртежи, беа погледи кон широки рамнини и кибарни долини, високи планини и примамливи карпести шуплини; прекриени со секоја лична пејсажна одлика која воодушевените очи можеа да ми ја зачнат, но обликувана во целост од некој светлив, етеричен, еластичен ентитет кој по степен на густина препсаше колку на дух толку и на материја. Како што се пулев, воочив дека сопствениот мозок ми го содржи клучот на ваквите маѓепсувачки метаморфози; зашто секој видик кој ми се појавуваше, беше оној на којшто мојот променлив ум најмногу сакаше да му се испули. Среде ова елисејско царство не домував како туѓинец, зашто секоја слика и звук ми беа познати; исто како што ми беа биле долж неброени раздобја на вечност дотогаш и допрва ќе ми се долж исти такви вечности.

Тогаш велелепната аура на мојот брат по светлина се приближи и отпочна алашвериш со мене, душа в душа, со тивка и совршена меѓуразмена на мисли. Беше чукнал часот на претстојното тржество, зашто не бегаше ли мојот побратим најпосле од понижувачка периодична робија; бегајќи засекогаш и подготвувајќи се да го следи клетиот угнетувач ако треба дури и до најкрајните полиња на етер, за да би го накажал со пламена космичка одмазда што ќе ја затресе небесата? Полебдевме вака на некое време, кога воочив мало замаглување и бледеење на предметите околу нас, небаре некоја сила ме враќаше кон земјата - кај што најмалку ми се одеше. Обликот до мене се чинеше дека исто така чувствува некоја промена, зашто постепено го оконча муабетот и се подготви да ја арниса сцената; губејќи ми се од вид со брзина малку понесекавична од онаа на другите предмети. Разменети беа уште неколку мисли и усознав дека светачот и јас бевме враќани кон робија, макар што за мојот брат по светлина ќе е за последен пат. Жалосната планетна чаура беше скоро дососана, па за помалку од час побратимот ќе ми е слободен за да го гони угнетувачот по Млечниот Пат, минејќи ги вамошите ѕвезди до самиот синор на бесконечноста.

Добро установен потрес го одделува мојот последен впечаток за опаѓачката сцена на светлина од моето ненадејно и донекаде усрамено будење и исправање на столот како што ја гледав фигурата која умираше на диванот како колебливо се помрднува. Џо Слејтер навистина се будеше, макар што најверојатно за последен пат. Кога подобро погледнав, видов дека врз бледожолтите образи светкаат точки боја кои дотогаш никогаш не беа присутни. И усните се чинеа необични; одошто беа цврсто стиснати, небаре од силата на посилен нарав од оној на Слејтер. На крајот целото лице се напна и главата неспокојно се разниша со затворени очи. Не го скорнав заспаниот болничар, туку само си го подесив подразместениот обрач од телепатското „радио“ врз главата, решен да доловам било каква порака за разделба којашто сонувачот би имал да достави. Наеднаш главата остро се сврте во моја насока и очите се разотворија, присилувајќи ме со тапо вчудовидување да зјапам во она што го гледав. Човекот кој беше бил Џо Слејтер, кетскилскиот орјат, сега ми се пулеше со чифт светлечки, проширени очи чија синотија се чинеше како незабележливо да се има продлабочено. Ниту манија ниту уназаденост не беа видливи во тој поглед и вон секаков сомнеж осетив дека посматрам лице зад коешто лежи активен ум од висок ред.

При оваа разделница, мозокот ми стана свесен за некакво споро надворешно влијание кое делуваше врз него. Ги затворив очите за подлабински да си ги сосредоточам мислите и бев награден со сигурно знаење дека мојата долгобарана ментална порака најпосле беше стасала. Секоја емитувана идеја секавично ми се оформи во умот и иако не беше исползуван никаков вистински јазик, моето вообичаено поистоветување на замисла и израз беше толку големо што се чинеше како да примам пораки на обичен англиски јазик.

„Џо Слејтер е мртов“, се расчу душосмраморувачкиот глас или воздејство од зад ѕидот на спиењето. Отворените очи со своевиден ужас ми прошетаа по диванот на болка, но сините очи и понатаму мирно се пулеа и ликата сѐ уште беше интелигентно придвижена. „Поарно е што е мртов, одошто не беше кадар да го содржи активниот интелект на космички ентитет. Сировото тело не можеше да му мине низ потребните прилагодувања помеѓу етеричниот живот и планетскиот живот. Премногу беше како ѕверка, а премалку како човек; но сепак преку неговите недостатоци се случи да ти ме откриеш, зашто пишано е да космичките и планетските души никогаш не се сретнат. Четириесет и три од вашите земни години тој ми беше страдание и денски затвор. Јас сум ентитет каков што и ти самиот постануваш во слободата на бессонишното спиење. Јас сум ти братот во светлината и сум лебдел со тебе низ блештивите долини. Ми се брани да му кажам на твоето будно земно битие за твоето вистинско битие, но сите сме лутачи низ колосални простори и патувачи во многу ери. Догодина може ќе домувам во мрачниот Египет кој ти го нарекуваш древен или во суровата империја на Цан-Чан што треба да дојде три илјади години отсега. Јас и ти се имаме лизгано до световите кои се валаат околу црвената Арктур и имаме домувано во телата на филозофите-инсекти кои гордо лазат по четвртата месечина на Јупитер. Колку малку знае земното битие за животот и неговиот распон! А колку е и поарно што толку малку знае, за атер на сопственото му спокојство! За угнетувачот не смеам да зборувам. Вие на земјата нанесакана му го почувствувате далечното присуство - вие кои без да знаете и од немукаетлук му го дадовте името Алгол, Демонската Sвезда на неговиот трепкав светилник. Да го затечам и победам угнетувачот со раздобја залудно сум се стремел, задржуван од телесни тегоби. Вечерва одам како диндушман носејќи праведна и распламтена катаклизмична одмазда. Гледај ме на небо близу до Демонската Sвезда. Не можам да зборувам подолго, одошто телото на Џо Слејтер истинува и се вкочанува и грубиот мозок прекинува да вибрира како што сакам. Ти ми беше пријател во космосот; ми беше единствен пријател на планетава - единствената душа да ме осети и побара во одбивнава форма којашто лежи на диванов. Пак ќе се сретнеме - можеби во блескавите магли на Мечот на Орион, можеби на некоја гола висорамнина во праисториска Азија. Можеби во незапомнетите соништа вечерва; можеби во некој друг облик цело едно раздобје отсега, кога Сончевиот Систем ќе е веќе збришан.“

Тука мисловните бранови нагло прекинаа и бледите очи на сонувачот - или можеби да кажам мртовецот? - почнаа рибино да се глеѓосуваат. Полузашеметен пречекорев до диванот и му го пофатив зглобот, но видов дека е ладен, вкочанет и беспулсен. Бледожолтите образи повторно избледоа и дебелите усни се разотворија, разоткривајќи ги одбивно скапаните песјаци на дегенерикот Џо Слејтер. Затреперев, навлеков ќебе врз одвратното лице и го разбудив болничарот. Потоа ја напуштив ќелијата и тивко си заминав в соба. Душата настојчиво и необјасниво ми сакаше спиење чиишто сништа нема да ги запомнам.

Разгорот? Која скромна научна сказна може да се пофали со таков реторички украс? Јас само запишав извесни нешта кои мене ми се гледаат како факти, дозволувајќи ти сам да си ги протолмачиш како што ќе ти се види арно. Како што веќе признав, мојот надреден, стариот д-р Фентон, ја одрекува вистинитоста на сѐ што прераскажав. Се заверува дека сум бил потепан од пренапрегнати живци и дека очајно ми треба долгиот платен одмор којшто толку дарежливо ми го додели. Ме уверува во име на неговата професионална чест дека Џо Слејтер бил само второкласен параноик, чиишто мечтави замисли сигурно беа дошле од грубите наследни народни приказни кои кружат дури и низ најорјачките заедници. Ми го кажува сето ова - а сепак не можам да го заборавам она што го видов на небото ноќта по смртта на Слејтер. За да не би ме сметале за пристрасен сведок, пенкалото на други ќе мора да го дополни ова последно сведоштво, кое можеби ќе те снабди со разгорот којшто го очекуваш. Ќе го цитирам следниов извештај за ѕвездата Нова Персеј од збор до збор од страниците на истакнатиот астрономски стручњак, проф. Гарет П. Сервис:


„На 22 февруари, 1901, беше откриена чудесна нова ѕвезда од страна на д-р Андресон, од Единбург, недалеку од Алгол. На таа точка дотогаш не се гледаше никаква ѕвезда. Во рок од дваесет и четири часа туѓинецот беше станал толку сјаен што ја надмаши Капела. За недела или две видливо избледе и во тек на неколку месеци едвај беше воочлив со голо око.“