Гробницата - Полиграматон

Гробницата

„Sedibus ut saltem placidis in morte quiescam.”

- Вергилиј.


При прераскажување на околностите коишто доведоа до моето заточеништво во ова прибежиште за умоболни, свесен сум дека мојата сегашна положба ќе создаде природен сомнеж за веродостојноста на мојов расказ. Несреќен факт е тоа што грото човештво е преограничено во своите умствени претстави за со трпение и интелигенција да ги оцени оние единични феномени, видени и почувствувани само од психолошки чувствителното малцинство, коишто се протегаат надвор од неговите вообичаени доживувања. Луѓе со поширок интелект знаат дека не постои остар раздел измеѓу вистинитото и невистинитото; дека сите нешта се појавуваат онакви какви што се само по заслуга на деликатните поединечни телесни и умствени медиуми преку кои стануваме свесни за нив; но прозаичниот материјализам на мнозинството ги прогласува за лудило блесоците на велевид кои го продираат вообичаениот превез на очигледниот емпиризам.

Се викам Џервас Дадли и од најрано детство сум бил сонувач и фантаст. Богат надвор од потребата за трговски живот и по табиет некадарен за редовните студии и социјални разоноди на моите познаници, отсекогаш сум домувал во царства одвоени од видливиот свет; поминувајќи си ја младоста и адолесценцијата во древни и малку познати книги и во талкање низ полињата и шумјаците во пределот близу мојот прародовски дом. Не ми се чини дека она што го читав во тие книги или го гледав во тие полиња и шумјаци беше истото она што и другите момчиња го читаа и гледаа; но за ова морам саде малку да зборувам, бидејќи подробно говорење само би ги потврдило оние сурови клевети против мојот интелект кои понекогаш ги слушам од шепотите на едвај чујните негуватели околу мене. Доволно ќе е да ги прераскажам настаните без испитување на причинителите.

Реков дека домував одвоен од видливиот свет, но не реков дека домував сам. Тоа не го може ниедна човечка дијанија; зашто, при недостиг на друштвото на живите, неизбежно се прибегнува кон придружништвото на нештата коишто не се, или веќе не се, живи. Близу мојот дом се наоѓа еден своеобразен шумовит дол, во чии самрачни длабочини го поминував најголемот дел од времето; читајќи, размислувајќи и сонувајќи. По неговите мовообраснати падини ми беа изведени првите детински чекори и околу неговите гротескно вргави дабови дрвја ми беа сплетени првите момчешки мечти. Стигнав да добро ги познавам предводничките дријади на тие дрвја и често сум им ги гледал дивите танци во намачените зраци на завенеената месечина - но за овие нешта сега не смеам да зборувам. Ќе раскажам само за осамената гробница во најмрачниот ридски честак; напуштената гробница на Хајдови, старо и уважено семејство чии последен непосреден потомок бил положен во нејзините црни ниши многу децении пред моето раѓање.

Темникот на којшто упатувам е од древен гранит, изветвен и обезбоен од маглините и немот на долги поколенија. Ископанa во самата ридска косина, градбата е видлива само од кај влезот. Вратата, гломазна и заплашувачка камена плоча, виси на зарѓани железни шарки и е подотворено замандалена на настрано зловестен начин со помош на тешки железни синџири и катанци, по грозоморен тертип од пред половина век. Домовината на племето чии ластари се положени тука, на времето ја беше крунисувала стрмнината врз којашто е крената гробницата, но уште одамна беше станала жртва на пламените што избувнале од катастрофален удар на гром. За полноќната бура што ја уништила оваа стушена резиденција, постарите жители на пределот понекогаш зборуваат со стишени и смутени гласови; алудирајќи на нешто што го нарекуваат „божји гнев“ на начин којшто во подоцнежните години нејасно го зголеми отсекогаш силниот занес што го чувствував за шумопомрачената костурница. Само еден човек беше витосал во пожарот. Кога последниот од Хајдови бил погребан во ова место на сен и спокој, тажната урна пепел беше пристигнала од некоја далечна земја; до каде што семејството се беше повлекло кога изгорела резиденцијата. Никој нема останато да положи цвеќе пред гранитната капија и малкумина ги боди да ги одважат потисните сенки коишто како чудно да се врткаат околу водоистружените камења.

Никогаш нема да го заборавам попладнето кога за првпат налетав на полускриената куќа на смрт. На средлето беше, кога алхемијата на природата го трансмутира орманскиот пејсаж во живописна и речиси еднообразна маса зеленило; кога сетилата се речиси опиени од струјните мориња влажно зелениште и стаено неодредливите миризби на почвата и вегетацијата. Во таква околина умот губи гледиште; времето и просторот стануваат банални и невистинити и одеци на заборавено праисториско минато настојчиво лупаат врз омајаната свест. Цел тој ден бев талкал низ мистичните шумјаци на долот; мислејќи мисли за кои нема потреба да расправам и чинејќи муабет со нешта кои нема потреба да ги именувам. По возраст бев десетгодишник и имав видено и чуено многу чудесии непознати за општиот калабалак; па во извесен поглед бев несекојдневно зрел. Кога, пробивајќи си пат низ два дивјачки густежи од драки, одненадеж наидов на влезот на темникот, немав сознание за што имам откриено. Темните блокови од гранит, толку своевидно подотворената врата и погребните резби над сводот, не разбудија во мене поистоветувања со жалосен или стравотен нарав. За гробови и гробници знаев и си замислував едночудо работи, но поради сперливиот табиет постојано бев држен понастрана од секаков личен допир со црковни дворишта и гробишта. Чудната камена куќа на горската падина за мене претставуваше извор на интерес и умувања; а нејзината студена, немлива внатрешност, кон којашто залудно се џарев низ толку опчинувачки оставениот зјај, за мене не содржеше намек на смрт или распад. Но во тој миг на љубопитство се роди лудо неразумната желност којашто ме донесе до овој заточенички пекол. Спотнат од глас што сигурно имаше дојдено од одвратната душа на шумата, се решив да влезам во примамливата мрачнина и покрај гломазните синџири кои ми бранеа да минам. Во завенеената денска светлина наизменично ги тресев зарѓаните препреки со наум да ја разотворам камената врата и повтев да си ја протнам дребната снага низ просторот кој веќе беше достапен; но во ниеден план не постигнав успех. Отпрво љубопитен, сега бев поулавен; и кога во сѐ погустиот самрак си се вратив дома, се заколнав пред стоте богови на шумјакот дека еден ден по секоја цена ќе си пробијам влез во црните, ладни длабини коишто се чинеа како да ме повикуваат. Лекарот со темносивата брада кој секојдневно ми доаѓа во собата еднаш му рече на еден посетител дека оваа одлука го означувала почетокот на некаква жалосна мономанија; но конечната пресуда ќе им ја оставам на моите читатели откако ќе научат за сè.

Месеците кои следеа по моето откритие беа потрошени во залудни обиди да сосила го отклучам сложениот катанец на благо подотворениот темник и во претпазливи распрашувања во врска со природата и историјата на градбата. Со обичајно остриот слух на мало момче, научив многу; макар што втлеената потајност ме тераше да не му кажувам никому за моите сведенија или решеност. Можеби вреди да се спомне тоа дека ни најмалку не бев изненаден или преплашен кога ја дознав природата на темникот. Моите прилично самобитни идеи во врска со животот и смртта ме имаа наведено да на некој нејасен начин ја поистоветам студената глина со топло тело полно со џан; и слутев дека големото и зловесно семејство од изгорената резиденција на некој начин е претставено во камениот простор којшто се стремев да го истражам. Промрморени сказни за дамнешни бизарни обреди и безбожни пирови во древната сала ме вдахнаа со нов и јак интерес за гробницата, пред чијашто врата ден за ден со часови седев. Еднаш втурнав свеќа низ речиси затворениот влез, но не можев да видам ништо понастрана од мокри камени скалила што водеа прудолу. Миризбата на местото ем ме одбиваше ем ме билјосуваше. Ми се чинеше како и претходно да ја имам сретнато, во некое минато подамнешно од сите присеќавања; подамнешно дури и од моето станарство во телото кое сега го поседувам.

Наредната година откако за првпат ѝ се испулив на гробницата, налетав на еден црвојсан превод на Животописите на Плутарх во книгоисполнетиот таван на мојот дом. Читајќи за животот на Тезеј, мошне ми остави впечаток пасусот што раскажуваше за големиот камен под којшто момчето херој требало да ги пронајде судбоносните обележја кога ќе порасне доволно за да ја подигне неговата огромна тежина. Учинокот на легендава беше таков што ми ја разби и најжестоката нетрпеливост за влегување во темникот, зашто ми даде чувство дека уште не е стасано време. Понатака, си реков, ќе се здобијам со сила и умешност коишто можеби ќе ми овозможат со лесно да ја одврзам цврсто окованата врата; но дотогаш, поарно ќе е ако се покорам на она што се чинеше како волја на судбината.

Така, моите бдеења крај накиснатата капија станаа поненастојчиви и поголемиот дел од времето си го поминував во други, макар подеднакво чудни преокупации. Понекогаш ќе станев тивко-тивко во ноќта, прикрадувајќи се до надвор за да се прошетам низ оние црковни дворишта и погребни места од коишто родителите ме држеа понастрана. Што правев таму не можам да кажам, зашто сега веќе не сум сигурен во вистинитоста на извесни нешта; но знам дека на деновите по таквите ноќни талкања често ги зачудував оние околу мене со моето познавање на теми коишто долги поколенија биле речиси заборавени. По една ваква вечер се случи да ја потресам околната заедница со еден настран наум за погребот на богатиот и прославен чорбаџи Брустер, творец на околната историја кој беше погребан во 1711 и чијашто шкрилна надгробна плоча, украсена со врежан череп и вкрстени коски, полека се ронеше во прав. Во миг на детска мечта се заверив дека не само што погребникот, Гудман Симпсон, ги беше украл чевлите со сребрени токи, свилените чорапи и сатенските брич панталони на починатиот пред погребот; туку и дека самиот чорбаџија, не сосема безживотен, двапати се беше превртел во брдопрекриениот ковчег на денот по закопот.

Но идејата за влез во гробницата никогаш не ми излезе од мислите; и всушност беше и поттикната од неочекуваното родописно откритие дека мојот мајчин бабалак содржи, во најмала мера, далечна врска со наводно истребеното семејство Хајдови. Како последен од татковото племе, воедно бев и последен од ова постаро и позагадочно колено. Почнав да осеќам како гробницата да е моја и со жарна нетрпеливост да го очекувам времето кога би минал низ таа камена врата и прудолу по тие лигави камени скали во мракот. Така, стекнав навика многу внимателно да наслушувам крај благо отворената капија, избирајќи ги омилените часови на полноќна мирнотија за ваквото чудно бдеење. До времето кога станав полнолетен, имав направено една мала чистинка во честакот пред мувлоисфлеканата фасада на ридската косина, дозволувајќи му на околното зеленило да го опколи и надвисне просторот небаре ѕидовите и покривот на некоја орманска сеница. Оваа сеница ми беше храм, а замандалената врата светилиште и лежев таму испружен врз мовливата земја, мислејќи чудни мисли и сонувајќи чудни сништа.

Ноќта на првото откровение беше запурна. Сигурно имав заспано од исцрпеност, зашто со јасен впечаток на будење ги чув гласовите. За тие тонови и нагласоци не ми се зборува; а за нивните особини нема да зборувам; но можам да кажам дека прикажуваа одредени необјасниви разлики во вокабулар, изговор и режим на изустување. Сите нијанси на новоанглиски дијалект, од недоделканите слогови на пуританските колонисти до прецизното беседништво од пред педесет години, како да беа присутни во тој сеништен алашвериш, макар што дури потоа го забележав овој факт. Впрочем, во тој момент вниманието ми беше одвлечено од оваа работа поради еден друг феномен; феномен толку мигновен што не би можел да земам заклетва за неговата вистинитост. Донекаде ми се причини дека како што се будев, некоја светлина набрзина се гаси во потонатиот мавзолеј. Не мислам дека бев ни запрепастен ни препален, но знам дека таа ноќ бев длабоко и трајно променет. Штом се вратив дома, непосредно се упатив кон едно скапано ковчеже на таванот, кај што го најдов клучот којшто следниот ден со леснотија ја отклучи препреката што толку долго залудно ја бев кајдисувал.

Во млаката светлост на доцното попладне бидна да за првпат влезам во темникот на напуштената падина. Некое маѓепство ме имаше навасано и срцето ми скокаше од возбуда што непара можам да ја опишам. Како што ја затворав вратата зад себе и почнав да се спуштам по прокиснатите скали на светлината на свеќата, како да го знаев патот; и иако свеќата прпореше од загушливиот базд на местото, во застоениот, костурничарски воздух имав своеобразно чувство како да сум си дома. Распулувајќи се околу мене, здогледав многу мермерни плочи наредени со ковчези или останки од ковчези. Некои беа запечатени и недопрени, но други имаа речиси исчезнато, оставајќи ги сребрените рачки и плочки изолирани меѓу извесни своевидни купови белузлав прав. На една плочка го прочитав името на сер Џефри Хајд, кој имаше дојдено од Сасекс во 1640 и умрено тука неколку години подоцна. Во една мошне упадлива камара имаше еден прилично добро сочуван и ненаселен сандак, украсен со име кое ми побуди ем насмевка ем морници. Некаков несекојдневен нагон ме натера да се искачам врз широката плоча, да ја изгасам свеќата и да легнам во незафатената кутија.

Во сивата светлина на зората се протетеравив од темникот и го заклучив синџирот на вратата зад себе. Веќе не бев млад човек, макар што само дваесет и една зима ми ја имаше заледено снагата. Ранобудните селани кои ми го забележаа враќањето кон дома чудно ми се пулеа и им се чудеа на знаците на развратно пирување кои ги гледаа кај некој чијшто живот беше познат како трезвен и осамен. Не се појавив пред родителите сè додека убаво не се наспав и освежив.

Оттогаш натаму секоја ноќ ја опседнував гробницата; гледајќи, слушајќи и правејќи нешта кои никогаш не смеам да ги откријам. Говорот, секогаш подложен на околни влијанија, ми беше првото нешто што потклекна на промената; и ненадејно пројавената архаичност на мојата дикција набрзо почна да отвора муабети. Подоцна, држењето ми беше вкалемено со некаква настрана смелост и безобѕирност, сè додека несвесно почнав да го имам ставот на космополит и покрај целоживотната повлеченост. Мојот некогашно молчалив јазик постана устат со лежерната елеганција на еден Честерфилд или безбожниот цинизам на Рочестер. Покажував сперлива начитаност потполно неналик на фантастичните, монашки преданија по коишто бев далдисан во младоста; и ги прекривав празните страници на книгите со лежерни, импровизирани епиграми коишто пробудуваа намеци на Геј, Прајор и пргавоста на августинските досетковци и римописци. Едно утро на поручек за малку ќе направев беља декламирајќи со опипливо сарошен нагласок еден излив на баханалиско веселие од осумнаесеттиот век; делче џорџиска игривост којашто никогаш не била запишана во книга, а којашто гласеше вака:


Елате ми браќа со криглите пиво,

на живели, веков дур не тргнал криво;

натрупајте тањир со месишта брда,

од софра олеснува судбина грда;

па точи без грижи,

умирачка ближи;

а здравици, аш, смртта штом ќе те згрижи!


Анакреонт, велат, во носот бил црвен;

но што ако чим бил од ракија здрвен?

Лебами, поарно црвен дур’ пијам,

одошто белич, дур’ в сандакот спијам!

Па Бети ле, де ма,

дај баци ме сега;

меанџиски ќерки во адот ќе нема.


Ќефледисан Хари не гледал пред очи,

та под маси легнал ко сарош да дрочи;

но налеј за сите, од аргат до војник,

по’рно да си сарош одошто покојник!

Па играј си шенгуле,

накрени шишуле;

смеа ќе секне штом в гроб те закопале!


Натемаго ѓаволот не можам д’одам,

ни јазик да скротам ни снага да водам!

Де анџијо, Бети столче нека зема;

да појдам до дома кај пуста ми жена!

Па подај ми рака,

глеј сиот се клатам,

но сѐ ми е арно дур’ над земја клапам.


Во тоа време ми се вроди сегашниот страв од оган и грмотевици. Иако претходно бев рамнодушен кон вакви работи, сега истите неизречливо ме ужаснуваа; и се повлекував во највнатрешните катчиња на куќата секојпат кога небесата се закануваше со електрична приредба. Омилено врталиште за преку ден ми беше запустената визба на резиденцијата којашто имаше изгорено и во мечтите си ја претставував градбата како што беше била во својот процут. Во една прилика извадив од памет еден селанец со тоа што самоуверено го поведов до еден плитко ископан подподрум, за чие постоење како да знаев и покрај тоа што долги поколенија беше бил невиден и заборавен.

Најпосле дојде она од коешто долго стравував. Родителите, растревожени од изменетото однесување и изглед на синот им единец, врз секој мој чекор отпочнаа да применуваат добронамерна шпионажа којашто се чинеше дека ќе вроди катастрофа. Никому му немав кажано за посетите на гробницата, вардејќи си ја тајната умисла со религиозна ревност уште од детство; но сега бев принуден да го зголемам мукаетлукот со којшто се протинав низ лавиринтите на шумовитиот дол, за да би се ослободил од можни следачи. Клучот од темникот ми беше обесен на врвца околу вратот, и само јас знаев дека го носам. Никогаш не изнесував од костурницата ништо од она што го наоѓав во нејзините ѕидини.

Едно утро додека излегував од мократа гробница и го запинав синџирот на капијата со непара мирна рака, во еден граничен честак го здогледав фрасното лице на набљудувач. Крајот ќе да беше на повидок; зашто сеницата ми беше откриена и целта на вечерните патувања обелоденета. Човекот не ми пријде, па повјасав дома, со цел да начујам што ќе му каже на угрижениот ми татко. Дали престоите зад окованата врата најпосле ќе ми се обнародени пред светот? Замислете само каков ќеф ми се направи кога вчудовидено чув како шпионoт со претпазлив шепот го известува мојот родител дека ноќта сум ја поминал во сеницата пред гробницата; со сoнливи очи вперени кон зевот каде што закатанчената врата била подотворена! Што чудо ли го беше заблудило набљудувачот? Сега бев убеден дека ме штити некое натприродно воздејство. Ободрен од ова од Бога пратено опстојателство, одново почнав со апсолутна отвореност при одење до темникот, уверен дека никој не ќе може да ми го посведочи влезот. Цела една недела до наситка се гостев со мераците на онаа костурничарска ведрина којашто не смеам да ја опишам, кога најпосле се случи онаа работа, па бев доведен до оваа клета домовина на тага и едноличност.

Не требаше да одам надвор таа ноќ; зашто врз облаците се гледаа громови петна и пеколна светлозрачност се издигаше од смрденото мочуриште на дното на долот. А и повикот на мртвите беше поинаков. Наместо ридската гробница, гламносаната визба на сртот на падината беше местото чиј предводнички демон со невидени прсти ми мавташе викајќи ме. Како што испаѓав од еден посреден шумјак на рамнината пред урнатините, под магличавата месечина здогледав нешто што отсекогаш нејасно го очекував. Резиденцијата, исчезната пред еден век, сега повторно си ја имаше извишено отмената великост во зајдувачки доглед; со секој прозорец распламтен од сјајот на мноштво свеќи. По долгиот колник се тркалаа кочиите на бостонските велепоседници, а пеш доаѓаше голем собир напудрени гиздавци од соседните резиденции. И јас се смешав со калабалакот, макар што знаев дека припаѓам со домаќините, а не со гостите. Во салата, на сите страни имаше музика, смеа и вино. Неколку лица препознав; макар што ќе ги познаев подобро да беа збабарени и разјадени од смрт и распад. Среде бесниот, безобѕирен калабалак, јас бев најбесниот и најраспуштениот. Порој од шенливи богохулија ми се истураше од усти, а во потресните маскари не ги есапев ни законите на Бог, ни на човека, ни на природата. Одеднаш, грмотевички ѕвекот, еклив дури и среде бучавата на свинското пирување, го расцепи самоти покрив и посеа преплашена стишеност низ орната дружина. Црвени пламени јазици и спржни налети жештина ја проголтаа куќата; и џумбушлиите, сотрени од ужаснатост од пришествието на ал кој како да ги надминуваше сите синори на необуздана природа, расвриштено се разбегаа во ноќта. Само јас останав, залепен за седиште од коленичав страв којшто никогаш дотогаш го немав почувствувано. И тогаш, втор ужас ми ја опседна душата. Изгорен жив и пеплосан, со тело разнесено од четирите ветришта, можеби никогаш не ќе почивам во гробницата на Хајдови! Зар не ми беше подготвен ковчегот? Зар немав право за навек да почивам меѓу потомците на сер Џефри Хајд? Море и тоа како имам! Ќе се дограбам до смртното ми наследство, макар и душата би ми талнала низ вековите барајќи си нова телесна суграда што ќе ја претставува врз таа незафатена плоча во камарата во темникот. Џервас Хајд не смее да ја дели тажната судбина на Палинур!

Како што аветот на запалената куќа бледееше, се најдов како лудо врескам и претам во рацете на двајца луѓе, од коишто едниот беше шпионот кој ме беше следел до гробницата. Истураше пороен дожд и на јужниот хоризонт се гледаа секавиците коишто толку неодамна ни имаа поминато над глава. Татко ми, со лице збрчкано од жалост, стоеше настрана додека развикував барајќи да сум положен во гробницата; често молејќи им се на моите заробувачи да ме држат колку што можат понежно. Еден поцрнет круг врз подот на запустената визба сведочеше за жесток удар од небесата; и од тоа место група љубопитни селани со фенери корнеа кутивче со античка изработка, коешто ровјата го беше развиделила. Запирајќи со залудното и сега бесцелно врголење, ги набљудував насобраните гледачи додека го разгледуваа чекмеџето, и ми беше дозволено да учествувам во нивните откритија. Кутијата, чиј оков беше скршен од удирот што ја беше откопал, содржеше многу документи и предмети од вредност; ама мене очите ми гледаа само кон една работа. Порцеланската минијатура на млад човек со елегантно накадрена перика со перче, која ги содржеше иницијалите „Џ. Х.“. Лицето беше такво што кога му се испулив, беше небаре зјапам во огледало.

Наредниот ден бев доведен во оваа соба со прозорци со решетки, но сепак ми стига абер за извесни нешта, преку еден престарен и прост прислужник кон којшто бев наклонет во раното детство и кој како и јас го сака црковното двориште. Она што се имам осмелено да го прераскажам за моите доживувања во темникот ми има донесено само сожалителни насмевки. Татко ми, кој редовно ме посетува, зајавува дека во ниедна пригода сум немал минато низ окованата капија и се колне дека зарѓаниот катанец педесет години не бил допрен кога го прегледал. Дури вели и дека цело село знаело за моите патувања до гробницата и дека често ме гледале како спијам во сеницата пред мрката фасада, со полуотворени очи вперени кон зевот што води кон внатрешноста. Против ваквите тврдења немам да понудам опиплив доказ, бидејќи клучот од катанецот ми се загина среде борбата во таа ноќ на ужасии. Чудните нешта од минатото кои ги научив за време на тие вечерни средби со мртвите ги отфрла како плодови на моето целоживотно и ненаситно листање низ древните томови на семејната библиотека. Да не е стариот слуга Хирам, досега потполно ќе бев убеден дека страдам од лудило.

Но Хирам, приврзан до последно, нема изгубено верба во мене и го направи она што ме тера да објавам барем дел од мојата приказна. Пред една недела, го разби катанецот што ја оковува вратата на гробницата да е севезден подотворена, и со фенер се спушти во нејзините струшени длабочини. На една плоча во една камара најде стар, но празен ковчег чија потемнета плочка го носи само зборот: „Џервас“. Во тој ковчег и во тој темник ми ветија дека ќе ме погребаат.